20. Септември  (7. Септември)

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК СОЗОНТ

Кога според царската наредба киликискиот управник Максимијам го ширеше идолопоклонското многубоштво, тој дојде во градот Помпеопол, го отпразнува празникот на тамошниот златен идол и му принесе многу жртви. Во тоа време таму се наоѓаше едно христијанско момче Созонт, родум од Ликаонија, добро по карактер и полно со добри дела, зашто се поучуваше во законот Господов и ден и ноќ. Беше пастир и пасеше овци, а во исто време ги поучуваше и луѓето и ги упатуваше на Господовиот пат. Каде и да одеше со овците, околу него се собираа други пастири и тој ги поучуваше во спознанието на Единиот Бог и многумина приведе кон светото крштение, бидејќи благодатта на Светиот Дух беше во него.

Еднаш додека ги пасеше овците крај еден извор, покрај кој имаше еден голем даб, Созонт заспа во сладок сон и имаше божествено видение, кое го повикуваше на маченички подвиг и му објавуваше дека тоа место ќе им биде од корист на многумина, зашто ќе се освети со благодат од висините и многумина ќе најдат спасение во него и ќе ја прослават Света Троица.

Штом се разбуди, добриот пастир ги довери своите овци на други пастири, го остави на тоа место својот лак и три стрели за свој спомен, па отиде во градот Помпеопол. Кога виде дека во градот зајакнало многубоштвото, а Светата Вера е погазена, срцето го заболе. Веднаш влезе во едно идолиште, во кое имаше идол од злато, му ја открши раката, ја здроби и ја раздаде на сиромашните. Во градот настана голема тревога поради тоа и незнабошците започнаа да го бараат виновникот и многумина мачеа. Но, свети Созонт не сакаше други да страдаат заради неговото дело, па самиот отиде кај Максимијан, објави дека е христијанин и извршител на делото и рече:

- Јас ја зедов раката на вашиот бог, ја здробив и златото го раздадов на оние што имаат потреба.

А кога започнаа да го испрашуваат како се осмелил, тој одговори:

- Го сторив тоа за да ја дознаам немоќта на вашиот бог. Кога му ја откинав раката тој не се спротивстави, ниту нешто рече, ниту го заболе, ниту залелека. Како би се спротивставил кога е нем и мртов? Ако беше вистински и жив бог, ќе ми се спротивставеше. Јас знам дека е идол, а не бог, па затоа му ја здробив раката. Сакав и сиот да го сокршам, за да не им се поклонувате на делата на рацете човечки, кои, иако имаат и очи, и уши, и уста, и раце, и нозе, сепак ниту гледаат, ниту слушаат, ниту зборуваат, ниту допираат, ниту одат, ниту можат да си помогнат кога ги тепаат или ги кршат на парчиња.

Управникот веднаш нареди да го мачат безмилосно. Прво го обесија на дрво и со железни нокти го стругаа по ребрата, потоа му обуја железни чизми, кои одвнатре имаа остри клинци и го гонеа по градот, а светителот одеше во нив и Го славеше Христа Бога. Потоа повторно го обесија на дрво и многу го тепаа со железни стапови, така што не само телото туку и коските му ги здробија. Во таквите маки светителот го предаде својот дух во рацете на Бога.

Кога мачителите видоа дека маченикот веќе умрел, го симнаа од дрвото и со наредба на управникот запалија силен оган и го фрлија во него, за верните да не му оддаваат почит. Но тогаш ненадејно страотно загрме и падна силен дожд помешан со град, та огнот веднаш згасна. Сите побегнаа од страв, а телото на светителот остана неповредено.

Ноќта верните сакаа да ги земат неговите свети мошти, но беше многу темно и тоа ги растажи. Но, на полноќ светлина од небото заблеска над моштите, та верните ги зедоа и чесно ги погребаа. Од гробот на маченикот се случуваа многу чудеса. И не само од гробот, туку и од оној извор под дабот, каде што светиот го имаше видението во сонот, се даваа разни исцеленија на болните, со благодатта Христова и молитвите на светиот маченик. Поради тоа таму подоцна беше подигната црква во име на свети Созонт, за во неа да се слави вистинскиот Бог, Едниот во Троица, Кому слава за навек. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ АПОСТОЛИ ЕВОД и ОНИСИФОР,

од Седумдесетмината

Свети Евод, еден од седумдесетмината Апостоли, после свети апостол Петар беше прв епископ во Велика Антиохија и голем проповедник на словото Божјо. Него го спомнува свети Игнатиј Богоносец во своето послание до Антиохијците, говорејќи:

„Сеќавајте се на својот блажен отец Евод, кој од Апостолите беше поставен за прв пастир. Бидете вистински синови негови, а не прељубодејци, за вашиот отец да не се посрами заради вас“.

Свети Евод напиша дело за Пресвета Богородица, во кое изложува како Света Дева Марија е воведена во храмот на три години од Своето раѓање, како останала во храмот Господен единаесет години, како на влегување во петнаесетата година била предадена на свети Јосиф на чување, и како во петнаесеттата година ја родила Светлината на светот - Господ Христос. Освен тоа свети Евод напишал и многу други корисни дела, но сите тие исчезнале во тешките времиња на гонењето на Црквата Христова и не успеале да стигнат до нас. Напишал и едно дело под наслов „Светилник“, кое го спомнува стариот историчар Никифор Калист, кое исто така не дошло до нас. За свети Евод се зборува во римските мартиролози, дека својата крв ја пролеал за Христа и маченички се упокоил. Некои тврдат дека свети Евод пострадал во Антиохија за време на престојот на царот Веспазијан. Во тоа време во еден град крена буна некој евреин Антиох, кој ја остави својата вера и започна да им принесува жртви на идолите. Тогаш многу евеи беа убиени, затоа што одбиваа да принесат жртви, но во исто време многу од нив ја примија христијанската вера. Нивен епископ беше блажениот Евод, кој наскоро беше убиен.

Свети Онисифор беше исто така Апостол од Седумдесетмината. Него Го спомнува свети апостол Павле во посланието до Тимотеј говорејќи: „Господ да му даде милост на Онисофоровиот дом, бидејќи многу пати ме утеши, и не се посрами од моите окови туку откако дојде во Рим ме побара со уште поголемо залагање и ме најде. Нека му даде Господ да најде милост од Господа во овој ден. И во Ефес колку ми послужи, ти добро знаеш“ (2Тим.1, 16-18). Свети Онисифор беше епископ во Колофон и во Киринеја и пострада за верата примајќи маченичка смрт. За неговото мачеништво сведочи мартирологот, во кој се вели дека свети Онисифор по многуте мачења бил врзен за диви коњи и растргнат, а духот свој го предал во рацете на Бога, и заедно со свети Евод живее во хорот на исповедници Божји во населбите небесни.

ПРЕПОДОБЕН СТАРЕЦ МАКАРИЈ ОПТИНСКИ

Старец Макариј се населил во Оптинскиот скит на четириесет и шест годишна возраст. Во првите две години од неговото живеење во тој скит при старецот Лев, тој му помагал при водењето на опширната преписка. Во 1836 година бил одреден за духовник на обителта, а од први декември 1839 е назначен за скитоначалник.

Преподобниот Макариј бил ктитор на скитот и во негово време се изградени многу градби.

Скитската црква, која се издигала високо над останатите градби била објект на особена грижа на старецот. Секој украс во неа земал точно одредено, а не некое друго место, на идеја на старецот и на негово лично укажување. И затоа на прв поглед привлекувала внимание со својот изглед помеѓу благолепието и простотата. Дури и фрескописите биле направени со идеја на старецот.

Скитот се претворил во огромна цветна градина. Крај сите скитски патеки имало леи од цвеќиња, започнувајќи од нискорасни миризливи темјанушки, па сѐ до разнобојни и убави георгини. Внатрешноста на скитот уште од неговиот основач, отец Мојсеј, била претворена во овошна градина. Со залагање на еден од блиските ученици на старецот, таа овошна градина не само што била одржувана, туку и доведена до исклучително добра состојба. Нејзините реколти не биле продавани и скитските браќа имале на својата скромна трпеза утеха од плодовите на својата градина.

Во 1857 година, со интервенција на светителот Филарет Московски, кој многу го почитувал преподобниот Макариј, биле утврдени одделни заедници за скитот.

Ќелијата на старецот Макариј била секогаш отворена за неговите ученици. Откако ќе тропнеле на вратата со Исусовата молитва учениците во секое време можеле да влезат кај старецот. Тој дури се обеспокојувал кога долго време не ќе дојдел никој од оние што постојано се обраќале кај него.

По смртта на преподобниот Лев целото духовно паство од мирјани на починатиот старец останале на грижата на преподобниот Макариј. Тоа паство сѐ повеќе се зголемувало. Во последните години од својот живот, исцрпен од умор, тој често ја изразувал својата тага дека не може да побегне од огромниот број на луѓе и со вера го носел наложениот крст.

Служењето на старец Макариј се вршело преку усни беседи и разговори со дојдените да се видат со него во Оптина, и преку писма. За сето тоа било потребно да се одвои време и без тоа исполнето со монашки и одговорни задачи.

Старецот ги примал мажите во својата ќелија во секое време, од рано утро до затворањето на портите, а жените пред портите или во надворешната ќелија до портите. Освен тоа по трпезата, откако ќе одморел околу половина час на своето тесно легло, тој одел во манастирската страноприемница. По скитската патека насекаде по патот го чекале многу луѓе дојдени тука со своите гревови, проблеми, недоразбирања и неволји. Побелениот старец со среден раст, облечен преку летото со мухојарово износено расо и обувки, а преку зимата со стара шубичка одел со бастун и со бројаница. Неговото неубаво и неправилно по надворешни црти лице, сјаело со неземна убавина и ги омекнувало срцата. Старецот не ги лекувал само душите, туку помазувајќи со елеј од кандилото кое што горело во неговата ќелија пред многупочитувана од него Владимирска икона, тој многу им помагал на телесно болните и случаите на таквите исцелувања биле многубројни. Особено чести биле исцелувањата на бесомачните. Говорот на Старецот имал голема сила. Тој го терал неверниот да се потчини, на безнадежниот му влевал надеж и неговата власт се засновала врз неговиот голем опит и личен пример и неговата кротост. Оние што доаѓале кај него со вера добивале не само духовна полза, туку и уредување на своите земни дела. Тој не ги сакал расправиите, бидејќи знаел дека од нив нема полза, а со лицата кои доаѓале од љубопитство или со желба да го поучат, бил смирен и молчалив. А со какво воодушевување и чувство се исполнувал кога пред него имало душевни маки и страдања? Тој заборавал и на телесната слабост, и на неопходноста од одмор, и на храната, и често излегувал после беседата одвај дишејќи, потполно исцрпен. После таквото преуморување се појавило неговото последно заболување. Во заемните односи со старецот била неопходна простота на срцето. Затоа луѓето од народот побрзо добивале полза од него. Преписката на старецот била голема. На прашањата кои барале духовно расудување одговарал сам, а учениците му помагале при писмата со практична содржина кои биле кратки и помалку сложени и не преставувале тајна. Писмата не се поместувале од неговата маса. Тој се делел од нив за да одржи беседа или за да учествува во скитските правила, но откако ќе се ослободел веднаш повторно се зафаќал со нив. Само два пати седмично на заминувањето на поштата, наутро тој го прекинувал приемот на посетители и се занимавал исклучиво само со писмата. Помошници при водењето на преписките му биле јеромонахот Амвросиј (иден преподобен Оптинки старец), монахот Јустин (Половцов, подоцна Варшавски архиепископ), Леонид Кавелин, (иден игумен на Троица - Сергиевата лавра). Како најдобар споменик после себе старецот ги оставил своите писма, издадени по неговата смрт во пет тома, кои претставуваат сокровиште од духовни совети.

Две години пред смртта старецот ќелијно се пострижал во велика схима. Идејата за тоа му ја дала смртта на Киевскиот митрополит Филарет (во голема схима Теодосиј).

Последното боледување на старецот започнало на 26 август во денот на од него почитуваната Владимирска икона.

На 7септември 1860 година, пред празникот на Рождество Богородично, во седум часот наутро, по еден час откако се причестил по прочитувањето на канонот при разделување на душата од телото, преподобниот Макариј опкружен со неговите ученици, тивко го предал својот дух во рацете Божји.

Од духовните поуки на преподобниот старец Макариј

„Од мене барате пророштва и претскажувања за вашата животна среќа и за вашата свадба. Јас воопшто не можам да го разберам тоа што Господ го ставил во Своја власт. Не ми доликува да проникнувам во иднината и да ја истражувам. Божјите судби се недостижни за нас. Господ ни ги дарил Своите заповеди и ни наредил да ги исполнуваме. Кога живееме соодветно со нив, ќе го добиеме добриот Божји удел и тука и во идниот живот. А ако станеме престапници на Божјите заповеди, тогаш ќе бидеме казнети не само тука, туку ако не се покаеме нема да ја одбегнеме казната и во идниот век. Не можам да ви кажам ништо друго, а уште помалку за иднината, која целосно се наоѓа во светата Божја волја. Исполнувајте ги Неговите заповеди, молете се и предавајте се на Неговата волја“.

***

„Кога се надевате на Бога, Он ќе уреди сѐ на најдобар начин“.

***

„Кога бараме внатрешни утехи, ние не Го бараме Бога, туку себе си. А ако се смириме, Бог е силен и ќе нѐ утеши со Својата милост. Доволно е само да се исплашиме, да ги бараме и да се сметаме за недостојни за тоа. Како овде, така и во многу случаи е неопходна посветеност на Бога преку верата“.

***

„Ние, ограничените со ум, кога размислуваме да ја уредиме нашата состојба тагуваме, суетни сме, се лишуваме од одмор, го оставаме долгот на верата заради суетата, за да им оставиме на своите деца големо наследство. Но, не знаеме дали тоа ќе им биде од полза. Зарем не гледаме деца, кои наследиле богатство - но на глупав син богатството нема да му помогне и тоа ќе му послужи како повод за лошо однесување. Неопходно е да се трудиме да им оставиме на децата добар пример на животот и да ги воспитаме во стравот Божји и Неговите заповеди. Тоа е нивното богатство. Кога го бараме Царството Божјо и Неговата правда, тогаш и овдешното и неопходното ќе ни се придодаде (Матеј 6, 33)“.

***

„Не треба да размислуваме дали луѓето нѐ навредуваат праведно или неправедно. Кога грешиме пред Бога, тоа е важна причина што ја поттикнала Неговата промисла да ни испрати бура од неволји. Долгот на христијанинот, кој се кае, е да Му благодари на Бога Кој го казнува тука, за да не биде казнет вечно во идниот век. И затоа треба да им простуваме на оние што нѐ жалостат, не само според заповедите: „Сакајте ги пријателите“ (Матеј 5, 44), и „Простете и ќе ви се прости“ (Матеј 6, 14), туку треба да ги сметаме за наши благодетели, зашто преку нив биваме удостојувани да добиеме простување на своите гревови“.

***

„Молете се просто, едноставно, без да барате во себе високи дарби, туку сметајте се за недостојни за нив и ќе бидете спокојни. И макар да гледате студенило во својата молитва, уште повеќе смирете се и велете си: „Јас сум недостојна“, но без смутување. И со сигурност таквата молитва ќе биде примена од Господа, подобро од она за која што мислите дека ќе се молите добро“.

***

„А за црковната молитва, знајте дека таа стои повисоко од вашата домашна молитва, зашто се вознесува од сиот собор на луѓе, меѓу кои можеби има многу достојни молитви испратени кон Бога од смирени срца, кои Он ќе ги прими како благомирисен темјан (благомирисно кадило) и со кои ќе бидат примени и вашите, макар да се немоќни и ништожни. Ве советувам да не ја пропуштате црковната молитва, туку смирено да се молите во неа и да не се смутувате за тоа, дека: „Речиси како да не сум се молела и не сум била“, и да ја отфрлате таа мисла, а за домашната да не се превознесувате, и ќе имате душевен мир“.

***

„Знајте дека плодот на гордоста и превознесувањето се смутеноста и збркотијата. А плодот на смирението се мирот и спокојството. Од гордоста произлегло секое зло, а од смирението секое добро, Затоа, кога ќе се преиспитате себе си, следете го полезното“.

***

„Кога читате свети книги не се зафаќајте со високиот духовен живот или со умствената молитва, туку придржувајте се најмногу до животворните Христови заповеди и додека ја гледате нивната висина и вашата недостојност, потопувајте ја својата мисла во бездната на смирението, кое што Господ ќе го погледне“.

***

„Кога ќе се најдете во неволји, верувајте, дека не сте оставени од Бога. Бог, бидејќи ве сака, ве посетува со нив, за да ја спаси вашата душа. Преку сето тоа трудете се да имате надеж во Бога, која заедно со верата ќе ве поткрепи и ќе ве утеши, и во идниот живот ќе бидете удостоени со вечните блага, дарени од Божјото милосрдие“.

***

„Се плашите при помислата за тесниот пат. Се плашите од лажлив срам, од светољупци, од исмејување, следење и навреди. И сето тоа произлегува од самољубието, гордоста и маловерието. Според вашата мера на верата и вашето смирение, тој страв ќе исчезне. Кога верувате дека без Божјата волја ни влакно од главата нема да ви падне, тогаш колку повеќе тоа се однесува на чувствата на срцето, кои не можат да се случат без Неговата волја. А штом нешто се случи, тогаш со сигурност тоа ќе биде допуштено, за да бидеме испитани и за наша полза. Тука се неопходни вера и смирение, покорност кон Божјата волја и молитва за поткрепување“.

***

„Бог не бара од болните подвизи и телесни трудови, но секогаш треба да имаме благо душевно расположение и да се грижиме за своето поправање. Велите дека духот ви се наоѓа во состојба на раздразливост и незадоволство од сите. Треба да обраќате повеќе внимание на тоа да се самопринудувате на љубов и смирение, како што пишува свети Макариј Египетски во Прво слово 13 и 14 глава. Преку самопринудувањето и самопрекорувањето ќе добиете Божја помош и спокојство“.

***

„Велите дека не можете да ги поднесувате прекорувањата и изобличувањата, и во вас се јавува внатрешна желба за одмазда. Тоа значи дека во вас силно дејствува јароста, која произлегува од гордоста. А за тоа како да се борите со неа и како да ја победувате, ги имате за учители свети Јован Лествичник: „Скалило: 8, 9, 10, 24 и 25“, свети Ава Доротеј: „За тоа, да се прекоруваме себе си, а не ближниот“, и Нил Сорски: „За страста на гневот“, и кај ава Доротеј: „За тоа како да одиме по Божјиот пат“, на 66 страница. Без самопрекорување, трпение и љубов, не можете да ја победите таа страст и тоа бара многу време, подвизи и труд. И кога ќе се најдете во таква состојба, неволно треба да се смирувате. А онаму каде што има смирение, таму е и Божјата милост. Самиот Господ нѐ учи на тоа, кога ни вели: Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце и ќе најдете покој за вашите души (Матеј 11, 30).

***

„Бог понекогаш ни дава утеха и според мерата на нашата состојба ни ја одзема, за да не се превознесеме, и затоа не треба да се смутуваме од одземањето, од сувоста и студеноста, а треба пред сѐ и да се смируваме, и да ја наоѓаме во себе причината за тоа - нашата гордост, поради која што ни се допушта да паднеме во немарност, мрзливост и раскајание“.

***

Иднината не ни е позната, и затоа треба да оставаме сѐ на Божјата волја и да се молиме: „Нека биде волјата Твоја, Господи, за нас и за нашите деца“.

***

„Според зборовите на љубомудрите секој христијанин треба да си има сопствен крст, како што патникот има стап. Но тие крстови се различни и треба да бидат не по наш избор, туку на секој каков што Господ ќе му испрати. И невозможно е да не ја чувствуваме нивната тежина“.

***

„Славољубието и гордоста имаат ист квасец. Разликата меѓу нив е таа што славољубието нѐ тера да го изразуваме пред другите своето благочестие или својот ум, да го цениме мислењето на луѓето, да сакаме да нѐ фалат, склоно е кон човекоугодништво, се плаши од лажен човечки срам и од други слични нешта. А гордоста се пројавува преку изливи на гнев, смутеност, презир, осудување и понижување на ближните, преку превознесување на душата со самобендисаност и горделивост за сопствените дела и достоинство, или внатрешно или надворешно. Плодот на гордоста е паѓање дури и на духовните мажи. И воошто, падовите на луѓето и нехристијанскиот живот, и сите човечки неволји во однос на душата и телото за своја основа ја имаат гордоста. Како и обратно, почетокот и основата на секое добро е смирението“.

***

Внимавајте да не си помислите нешто високо за себеси. Нема ништо наше, а сѐ е Божјо. И без Него не можеме да направиме никакво добро. А ја имаме и Неговата заповед: Кога исполнувате сѐ што ви е заповедано, говорете: Ние сме слуги недостојни, зашто го извршивме тоа што бевме должни да го извршиме“ (Лука 7, 10). Господ бара смирение од нас. Кога има смирение, Господ ќе ги прими и малите дела, а без смирение не Му се угодни и големите дела, како што гледаме пример кај фарисејот. Можеме да ги смируваме нашите помисли и со сеќавање на нашите прегрешенија. И ако нѐ посетат некои несреќи и неволји, со сеќавањето на прегрешенијата ќе ги поднесеме полесно, ако се обвинуваме себеси а не другите“.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕВПСИХИЈ

Свети Евпсихиј е роден и воспитан во Кесарија Кападокиска. За време на царувањето на Адријан бил обвинет дека не ги почитува елинските богови туку Христа. Затоа беше фатен и подложен на мачење. Откако го налегнаа на земјата жестоко го мачеа, тепаа, стругаа по ребрата, па го фрлија во темница. Додека лежеше во темницата полумртов и се молеше на Бога, му се јави ангел Господов и со својот допир му ги исцели раните.

Наскоро потоа свети Евпсихиј беше ослободен од темницата. Тоа се случи по промисла Божја, за огромното богатство што го поседуваше Евпсихиј да не падне во рацете на безбожниците, туку да го раздаде на сиромашните. Така свети Евпсихиј сиот имот оставен од неговите предци го раздаде на сиромашните, при што еден дел подари на своите непријатели, кои го беа обвиниле и на тој начин виновниците за своето страдање ги награди како свои добротвори.

Подоцна, кога со Кесарија управуваше кнезот Саприкиј, свети Евпсихиј повторно беше фатен. Најпрвин беше обесен и немилосрдно струган, а потоа посечен со меч. Се вели дека од неговото тело потекло млеко и вода наместо крв.

ЖИТИЕТО НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ЈОВАН,

архиепископот Новгородски

Новиот руски чудотворец свети Јован е роден во Велики Новгород од побожни родители Никола и Христина. Тој имаше брат на име Гаврил. И двајцата беа воспитани во стравот Божји. Свети Јован од мал се посвети себеси на Бога и се трудеше во добродетелите. А како зрел човек беше ракоположен за презвитер при црквата на светиот свештеномаченик Власиј. Му служеше на Господа со сето срце, беспрекорно исполнувајќи ги сите Господови заповеди. Но, бидејќи многу го сакаше осаменичкиот молитвен и тивок живот, имаше желба да се замонаши. Затоа намисли да изгради нов манастир, од имотот наследен од родителите, кои веќе се беа упокоиле. За тоа се договори со својот брат Гаврил и тие најпрвин изградија дрвена црква во име на Пресветата Богомајка, во спомен на Нејзиното Благовештение и основаа манастир. Потоа се зафатија да градат камена црква. Кога ја изградија до половина беа приморани да запрат, бидејќи немаа средства. Тоа многу ги натажи, па прибегнаа кон Пресвета Богородица, брзата Помошничка и Утешителка, и со солзи ѝ се молеа:

„Владичице наша, Ти ја знаеш нашата вера и љубов кон Синот Твој и Бог наш. Тебе ти е познато како со сето срце се зафативме со градбата на Твојот храм и сета своја надеж ја положивме во Твојата помош, Богомајко. Затоа помогни ни да го довршиме. Испрати ни ја Твојата помош, Владичице, за да не се посрамиме. Бидејќи, ете, започнавме да градиме, но без Твојата помош не можеме да завриме“.

Нивната срдечна молитва беше услишана. На сон им се јави небесната Царица и им рече:

„Зошто, возљубени Мои, слуги Божји, сте паднале во таква жалост и тага заради градбата на Мојот храм? Ја гледам вашата вера и љубов, и наскоро ќе ви го пратам потребното за довршување на храмот, а и многу ќе ви преостане. Само не оставајте го започнатото дело и не паѓајте со верата.

Штом се разбудија, тие многу се радуваа и по утрената си го раскажаа еден на друг своето видение и ја поткрепија својата надеж. Во истиот ден, уште рано, по промисла Божја на излегување од манастирот пред манастирската капија здогледаа прекрасен коњ, со позлатена узда и седло оковано со злато, но немаше јавач врз него. Коњот стоеше кротко и неподвижно. Восхитувајќи се на убавината и на богатата опрема врз коњот, браќата долго чекаа дали ќе наиде неговиот стопан. Но, никој не се појавуваше, а коњот и натаму стоеше неподвижно на истото место. Тогаш му пријдоа и видоа како од двете страни на седлото виси по една добро набиена вреќа. Тие сфатија дека тоа им е испратено од Бога, ги растоварија вреќите и коњот веднаш стана невидлив. Едната вреќа беше полна со злато а другата со сребро. Восхитувајќи се на таквото промислување на Бога и на Пречистата Богомајка за нив, тие Им принесоа огромна благодарност. Набрзо ја завршија црквата и ја украсија со секое благолепие. Покрај тоа купија за манастирот многу имот, а остатокот од златото и среброто го предадоа на игуменот и браќата. Во тој манастир и самите примија монашки постриг, при што Јован го доби името Илија, а Гаврил - Григориј. И живееја тие во тој манастир богоугодно во пост и молитви, и во сите монашки подвизи и трудови.

Кога умре преосветениот архиепископ новгородски Аркадиј, блажениот Илија беше земен од манастирот и без да сака поставен на архиепископскиот престол. Сметајќи се за недостоен на таквиот чин, Илија одбиваше, но Бог го стори достоен. Кнезот и сите старешини, и духовни и световни, и сите граѓани со нив едногласно го избраа за архипастир, зашто им беше мил и на Бога и на луѓето. Најпосле против своја волја беше ракоположен за епископ Новгородски од страна на свјатјејшиот Јован, митрополитот Киевски и на цела Русија. Како таков тој го водеше народот и живееше во светост и праведност.

Во тоа време суздалскиот кнез Андреј и други седумдесет и два кнеза од руската земја се кренаа против Велики Новгород, со намера да го разрушат, а своите истокрвни и истоверни браќа да ги поробат и избијат. Со огромни војски дојдоа, го опколија градот и три дена непрекинато го биеја. Гледајќи ја огромната непријателска сила и исцрпени од борбата, граѓаните се обесхрабрија, бидејќи немаа помош од никаде. Само се молеа на Бога да се смилува и се надеваа на молитвите на својот свет архиереј. А преосветениот Илија, како добар пастир, без око да склопи, со молитва и поглед вперен кон Бога, како со бедеми го заштитуваше градот. Кога во третата ноќ по својот обичај стоеше на молитва пред иконата на Господа Христа и со солзи повикуваше кон Господа за избавување на градот, тој слушна глас:

„Појди во црквата на Господ Исус Христос, која се наоѓа во Илијинската улица. Земи ја оттаму иконата на Пресвета Богородица и изнеси ја на градските бедеми против непријателите и веднаш ќе го видиш спасението на градот“.

Прерадосен од овие зборови, архиепископот Илија ноќта ја помина без сон. Штом осамна ги свика сите и им раскажа што му се случи. Тогаш сите многу се охрабрија. Архиепископот го испрати својот протоѓакон со клирот да ја донесе чесната икона, а самиот со свештениот собор во големата црква Света Софија - Премудрост Божја, започна да врши молепствие. Кога пратениците стигнаа во црквата не ѝ се поклонија на иконата на Пресвета Богородица како што доликува, поради што кога сакаа да ја земат не можеа да ја поместат. Колку и да се обидуваа не им успеваше. Се вратија назад и му кажаа на архиепископот за тоа, па тој самиот со сиот собор веднаш отиде во Спасовата црква, падна пред иконата на нашата Владичица и се молеше, говорејќи:

О, Семилостива Госпоѓо, Дево Богородице, Ти си надеж и Заштитничка на нашиот град. Ти си тврдина, покров и прибежиште на сите христијани. Ние грешните на Тебе се надеваме. Моли се, Госпоѓо, на Синот Твој и Бог наш за нашиот град. Немој заради нашите гревови да нѐ предадеш на непријателот, туку слушни го плачот и воздишките на луѓето Твои. Поштеди нѐ, како што некогаш Синот Твој ги поштеди Ниневитјаните заради нивното покајание и покажи ја врз нас Својата милост, Владетелко“.

По молитвата светителот започна да служи молепствие. И кога клириците го запеаја кондакот „Предстатељство христиан непостидноје...“ чесната икона на Пресвета Богородица, одеднаш се придвижи сама од себе. На тоа необично чудо сиот народ едногласно воскликна:

„Господи, помилуј!“

А свјатјејшиот архиепископ ја зеде чесната икона, ја целиваше побожно и тргна со народот вршејќи молепствие, ја издигна иконата на градските бедеми и ја намести наспроти непријателите. Во тоа време непријателите започнаа уште посилно да го напаѓаат градот, фрлајќи облаци од стрели. Тогаш чесната икона на Пресвета Богородица го сврте своето лице кон градот, што беше очигледен знак на огромната милосрдност на Владетелката кон луѓето кои страдаат, а архиепископот виде како од нејзините очи течат солзи, па веднаш започна да ги собира во својот фелон, велејки:

„О, преславно чудо! Од сувото дрво течат солзи! Со ова Ти, Царице, ни покажуваш сигурен знак дека со солзи се молиш на Синот Твој и Бог наш, за избавување на градот“.

И сиот народ, кога ја виде иконата на Пресвета Богородица како плаче, со солзи повика кон Господа. И ненадејно непријателите ги обзеде страв и ги покри темнина. Гневот Божји ги збрка и тие започнаа да се убиваат меѓу себе. Гледајќи ја таквата состојба на непријателот, жителите на Новгород ги отворија градските капии и ги нападнаа, некои убивајќи а некои заробувајќи. Така со помош на Пресвета Богородица ги победија сите непријателски полкови.

Од тоа време Божјиот светител Илија востанови во Велики Новгород свечено да се празнува прекрасното чудо на Пресвета Богородица, и тој ден го нарече ден на избавување и ден на казна, бидејќи по молитвите на Пресвета Богородица беше испратено избавување на градот и казна за оние кои се кренаа против своите истоверни браќа и створија меѓусебна војна. Оттогаш Велики Новгород, управуван со својот добар пастир, живееше во потполен мир и спокојство. Како архиепископ, блажениот Илија во својата ревност за прославување на името Божјо изгради прекрасни цркви, седум на број. Првата, уште пред своето монашење, беше во чест на Благовештението на Пресвета Богородица. Втората, која ја изгради за време на своето архиепископство, беше во спомен на Богојавлението Господово, третата во име на свети пророк Илија, четвртата во име на свети Теодор Студит, петата во име на светите три момчиња Ананим, Азариј, Мисаил и светиот пророк Даниил, шестата во име на светиот праведен Лазар Четвородневниот и седмата во име на свети Никола Чудотворец.

Блажениот Илија беше многу милостив кон сите. Се одликуваше со необична кроткост и нелицемерна љубов, и беше како сонце во црквата Христова, блескајќи со добрите дела и бркајќи ја темнината на злодејноста на кнезот на темнината. Имаше свети Илија таква власт над нечистите духови, така што со својот збор можеше да ги врзува, за што сведочи следново прекрасно кажување.

Еднаш светителот, според својот обичај на полноќ стоеше на молитва во својата ќелија. Сакајќи да го исплаши, ѓаволот влезе во садот кој стоеше во неговата спална, и бркајќи во водата започна да ствара шум. Светителот сфати дека тоа го прави ѓаволот, пријде, го осени садот со крсниот знак и на свое запрепастување го врза ѓаволот во садот, така што тој долго време не можеше да излезе оттаму. Најпосле ѓаволот, не можејќи да го поднесе горењето од крсната сила, започна да вика на помош:

- Тешко мене, сиот горам и не можам повеќе да издржам! Пушти ме брзо, свештенику Божји!

Светителот го праша:

- Кој си ти? Како си влегол овде?

ѓаволот одговори:

- Јас сум лукавиот ѓавол и дојдов да те вознемирам. Мислев дека и ти како човек ќе се исплашиш и ќе ја прекинеш молитвата. Но, ти ме заклучи во овој сад и јас сега страшно се мачам. Тешко мене што се прелагав и влегов овде. Пушти ме, слуго Божји, па од сега никогаш повеќе нема да дојдам овде.

Долго време молеше ѓаволот. Најпосле светителот му рече:

- Еве, за твојата безочна дрскост, ти наредувам оваа ноќ да ме однесеш во Ерусалим и да ме спуштиш кај храмот каде што се наоѓа гробот Господен, а од Ерусалим пак да ме пренесеш овде во мојата ќелија, во истата ноќ, па тогаш ќе те пуштам.

ѓаволот на сите можни начини вети дека ќе ја исполни волјата на светителот, само да го ослободи од садот. Светителот го пушти и му нареди:

- Претвори се во оседлан коњ и застани пред мојата ќелија, да седнам врз тебе и да ја остварам својата желба.

ѓаволот излезе од садот во вид на темнина, и според наредбата на светителот се претвори во коњ. Блажениот Илија се вооружи со крстот, седна врз ѓаволот, односно коњот, и во истата ноќ се најде во Светиот Град Ерусалим, близу храмот Свето Воскресение, каде што се наоѓа Гробот Господен. Тука му се закани да не се оддалечува од местото. Така ѓаволот стоеше како прикован и не можеше да се помести, сѐ додека светителот не се поклони на гробот Господен и чесното дрво на светиот Крст. Кога пријде до храмот, светителот ги преклони колената пред вратите и започна да се моли. Одеднаш вратите на храмот сами се отворија и се запалија свеќите и кандилата на гробот Господен. Принесувајќи благодарствени молитви и лиејќи солзи, светиот архиепископ се поклони на Гробот Господен и го целиваше. Исто така тој се поклони и на животворното дрво и на сите свети икони и места во храмот. Откако ја исполни својата желба излезе, и вратите на храмот повторно сами се затворија. И го најде ѓаволот како оседлан коњ на местото каде што му беше наредил, се качи врз него и во истата ноќ се најде во Велики Новгород, во својата ќелија. На заминување од светителот ѓаволот го молеше никому да не кажува како тој, врзан од светителот, му служел како заробеник. Притоа му рече:

- Ако некому кажеш дека си ме јавал, нема да те оставам сѐ додека не те вовлечам во големо искушение.

Додека ѓаволот така дрдореше, светителот се прекрсти и тој исчезна како чад. Еднаш, кога светиот архиепископ водеше духовен разговор со чесни луѓе и им раскажуваше житија на Светии и многу душекорисни работи, тој им раскажа и за ова свое патување во Ерусалим. Се разбира, им раскажа како тоа да му се случило на некое друго лице, велејќи:

- Познавам таков човек, кој за една ноќ стигнал од Велики Новгород во Ерусалим, се поклонил на гробот Господен и светиот Крст и во истата ноќ се вратил, јавајќи врз ѓаволот, кого го беше врзал како заробеник.

Слушателите многу се восхитија на тоа, а ѓаволот започна да му се заканува, бидејќи ја кажа тајната, велејќи:

- Ќе ти приредам такво искушение, така што од сите граѓани ќе бидеш осуден како блудник.

Од тоа време, со допуштање Божјо, ѓаволот започна да се труди да му го сруши угледот меѓу народот. Така, кога луѓето доаѓаат кај него за благослов, тој покажуваше во неговата ќелија разни привиденија: час женски обувки, час ѓердани, час женски фустани и ознаки. Луѓето од тоа се соблазнуваа и имаа лоши помисли за светителот, сметајќи дека тој во својата ќелија чува блудници, Многу збунети, тие си разговараа дека е недостојно блудник да седи на апостолскиот престол.

Еднаш кога народот се собра и одеше кај светителот, ѓаволот се преобрази во девојка и се стрча пред народот, како да бега од ќелијата на светителот. Луѓето почнаа да викаат и потрчаа по девојката да ја фатат, но ѓаволот побегна зад ќелијата и стана невидлив. Кога ја слушна народната врева, светителот излезе и праша:

- Што е, деца? Зошто викате?

Тие почнаа да го нарекуваат блудник, да го навредуваат и караат, па го фатија и започнаа да го исмеваат. Не знаејќи што да прават со него, се договорија да го одведат на реката и да го стават на еден сплав, за да отплови од градот. И го одведоа целомудрениот архијереј Божји до големиот мост на реката Волхова и го качија на сплавот. И се исполнија зборовите на лукавиот ѓавол, кој со фалење велеше:

- Ќе наведам врз тебе такво искушение, така што од сите ќе бидеш осуден како блудник.

Кога го виде таквото срамотење на светителот, ѓаволот многу се радуваше, но, по промисла Божја, невиниот праведник го победи и посрами. Но, кога светителот го ставија врз сплавот, тој заплови спротивно од текот на реката, иако брзината на водата кај мостот беше огромна. Тој пловеше со силата Божја кон манастирот „Свети Георгиј“, а луѓето, гледајќи го тоа чудо, многу се запрепастија. Заборавајќи на својата злоба, тие ја раскинуваа облеката и ридаа, говорејќи:

- Згрешивме, неправедно постапивме што го осудивме нашиот пастир.

И трчајќи по брегот го молеа светителот да им прости и да се врати на својот престол.

Трчаше и сиот клир и, истрчувајќи напред му се поклонуваа на блажениот до земја и со солзи го молеа да се врати. А светиот архипастир, како првомаченикот Стефан, се молеше за оние што му извршија зло, велејќи: „Господи, не земај им го ова за грев“ (Д. А. 7, 60). Недалеку од споменатиот манастир светителот излезе на брегот. Народот со солзи бараше прошка и сите многу се радуваа кога тој им прости, и уште повеќе што Господ им го откри невиното и чисто житие на светителот. Откако им прости, незлобивиот архипастир им раскажа како јавајќи на ѓаволот го посети Ерусалим и како ѓаволот се трудел да му се освети. И сите Го прославија Бога.

Така светителот се врати на својот престол со огромна чест и слава. Тој ги учеше луѓето, велејќи:

- Чеда мои, внимателно разгледувајте го секое свое дело, за ѓаволот да не ве измами. Внимавајте злото да не го помешате со доблест, за да не бидете виновни на судот Божји.

После сѐ што опишавме светителот поживеа уште малку. Откако дозна за своето заминување кај Бога, тој го соблече својот архиерејски омофор и веќе многу стар прими схима, при што му беше дадено името Јован, кое го носеше до својот монашки постриг. Во мир се претстави кај Господа. Неговото тело беше погребано во храмот Света Софија - Премудрост Божја, во монашка риза. По него на архипастирскиот престол беше поставен неговиот роден брат Григориј, кој исто така мудро го пасеше словесното стадо. Слава Му на нашиот Бог, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК МАКАРИЈ КАНЕВСКИ

Беше родум од градот Овруч, во Линската губернија. Од рана младост сакал да се моли и труди. Често одеше во црква и им прислужуваше на духовните лица, желен од нив да се научи на духовно живеење и да ја сочува православната вера, бидејќи во тоа време римокатолиците многу ги притискале православните. Откако го прими монаштвото, Макариј со голема срдечност се подвизуваше во молитви и изучување на светоотечките дела. Заради својот возвишен христијански живот, тој наскоро беше произведен за јеромонах. Не помина долго време и беше избран за настојател на Овручската обител, каде претрпе многу непријатности од римокатолиците, кои неколку пати ја напаѓаа обителта и најпосле целосно ја срушија. Потоа беше настојател на Каневската обител, каде што и се прослави со проѕорливоста и чудотворството. Преподобниот маченички го заврши својот живот во 1678 година од татарите, кои ја нападнаа Каневската обител. После разните злоставувања, тие со стапови го тепаа по лицето и градите, му ги сокршија рацете и нозете со железни шипки, па потоа го врзаа за два столба и му ја одраа кожата. Најпосле му ја отсекоа главата. Неговите свети мошти се пронајдени во 1688 година и се наоѓаат во Вознесенската црква во градот Перејаслав, во Полтавската губернија.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНАТА МОНАХИЊА КАСИЈАНА ПОЕТЕСАТА

Оваа преподобна монахиња поетеса живееше во времето на царот Теофил (829-842 г.). Напишала прекрасни црковни песни, како што се „Августу једино началствујушче“ (на Божиќ), „Господи, иже во многи грјехи падшаја жена“ (на Стиховна Велика Среда), и многу други. На денешен ден се слави нејзиниот спомен на егејскиот остров Касија (во Грција). Служба ѝ е отпечатена во Александрија 1889 година.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЛУКА

Во почетокот на деветиот век во Мунтамија, во Мала Азија, недалеку од стара Триглија, никна Спасова обител наречена „Длабок поток“, која се прослави со подвижничкиот живот на своите жители. Трет игумен на оваа обител беше преподобниот Лука. Добро се подвизуваше и се стори себе си живеалиште на Светиот Дух. Тој во мир ја предаде на Господа својата чиста душа, кон крајот на десетиот век.