21. Септември   ( 8. Септември)

РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Пресвета Дева Марија се роди од своите веќе остарени родители Јоаким и Ана. Нејзиниот татко беше од племето Давидово, а мајката од родот Аронов.

И така, Таа беше по татко од царски, а по мајка од архиерејски род. Нејзините родители беа веќе стари, а немаа деца. Поради тоа беа посрамени пред луѓето и скрушени пред Бога. Во својата скрушеност со солзи Му се молеа на Бога да ја израдува нивната старост и да им дари едно чедо, како што некогаш ги израдувал старецот Авраам и старицата Сара, дарувајќи им го синот Исак. И Севидливиот и Семоќен Бог ги израдува со радост, која далеку ги надминуваше сите нивни очекувања и сите најубави соништа. Бог им дари не само ќерка, туку им ја подари Богомајката. Ги озари, не само со радоста времена туку и со вечната. Им даде Бог само една ќерка, Која подоцна им роди само еден Внук, но каква Ќерка и каков Внук! Благодатната Марија, благословената меѓу жените, храмот на Духот Свети, олтарот на Живиот Бог, трпезата на лебот небесен, кивотот на светињата Божја, дрвото на најслаткиот Плод, славата на родот човечки, пофалбата на родот женски, изворот на девството и чистотата - тоа беше од Бога даруваната ќерка на Јоаким и Ана. Родена во Назарет, а после три години одведена во храмот Ерусалимски, од каде повторно се врати во Назарет, за наскоро да ја чуе благовеста на свети Архангел Гаврил за раѓањето на Синот Божји, Спасителот на светот, од Нејзиното пресвето и девствено тело.

БЕСЕДА НА СВЕТИ ЈОВАН ДАМАСКИН НА РАЃАЊЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА!

Дојдете сите народи, сиот род човечки, секој јазик и секоја возраст, и секој чин, со радост да го празнуваме роденденот на Радоста на сиот свет. Ако незнабошците со секоја чест ги прославувале родендените на своите богови, кои со лажни митови им го лажеле умот, им ја помрачувале вистината, и ги славеле родендените на царевите свои, секој носејќи им дар според своите можности, и притоа на штета на својот имот, колку ли повеќе ние треба да го чествуваме роденденот на Пресвета Богородица, преку Која сиот човечки род се поправи, преку Која жалоста на прамајката Ева се претвори во радост? Ева ја слушна одлуката божествена: „Во маки ќе ги раѓаш децата свои“, а на Богородица, Ѝ беше речено: „Радувај се, Благодатна!“ Ева слушна: „Ќе бидеш потчинета под својот маж“, а Дева Марија Богородица слушна: „Господ е со Тебе!“ (1Мојсеј 3, 16; Лука 1, 28).

Значи, што ќе Ѝ принесеме на Мајката на Словото освен слово? Секоја твар нека празнува со нас и нека го фали најсветото породување на Ана, зашто за светот ја роди Ризницата на неотуѓивите добра. Преку Неа - Богородица, Творецот преку човечката природа сета твар ја претвори на добро. Ако човекот, постоејќи помеѓу духот и материјата, е врска за сите видливи и невидливи твари, тогаш Словото Божјо - Творецот, соединувајќи се со човечката природа, преку неа се соединил и со целокупната твар.

Го празнуваме денес разрешувањето на човечката неплодност, бидејќи со тоа се пресече немаштијата на добрата. Но, зошто од нероткиња се роди Дева Мајка? Затоа што било потребно Единственото Ново под сонцето, главното и најголемо Чудо, со чуда да биде подготвено и постепено од мало да се издигне во највисоко. А имам и друга причина, повозвишена од оваа и побожествена. Природата, всушност, се победува со благодатта и стои бојазливо, не осмелувајќи се прва да тргне. Значи, бидејќи од Ана требало да се роди Богородица Дева, тогаш и природата не се осмелувала да го надитри плодот на благодатта, туку останала бесплодна, додека благодатта не произрасне род. Бидејќи било потребно да биде првородена Онаа Која требало да Го роди Првородениот на сите твари, Кој е пред сѐ и сѐ во Него стои (Кол. 1, 15. 17).

О, блажени сопружници, Јоаким и Ана, вам ви должи сета наша природа, зашто преку вас го принела Дарот на Творецот, Дарот над сите други дарови - чесната Мајка, единствената достојна на Создателот! О, преблажено бедро Јоакимово, од кое произлезе семето пречисто! О, прекрасна утробо Анина, во која постепено се вообличи, и израсна, и се роди Дете пресвето! О, утробо, која си го носела во себе живото и одушевено Небо, попространо од небесните пространства! О, гумно, кое си донело Стог животворна пченица, како што и самиот Христос некаде рече: „Ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, тогаш останува само!“ (Јован 12, 24). О, гради, кои сте ја доеле Онаа Која Го доела Хранителот на светот! О, чудеса над чудесата и прекрасни работи над прекрасните! На тој начин требало и Божјото неискажано и снисходливо воплотување да се најави и подготви со чудеса.

Но, како да продолжам понатаму? Умот ми е речиси надвор од себе а стравот и љубовта ме разделија на половина. Срцето ми чука и јазикот ми се заврзал. Не можам да ја издржам оваа радост. Победен сум од чудата, превоодушевен станав од љубовта. Нека отстапи стравувањето, нека победува љубовта, нека пее лира над Духот Свети. Нека се радува небесата и нека се радува земјата (Псалми 95, 11).

Денес дверите на неродката се отвораат и се раѓа девствената Двер божествена, од Која и низ Која Бог, Кој е над сите суштества, телесно во вселената ќе влезе, соодветно на зборовите на Павле, кој чу неискажани зборови (Евр.1, 6; Кол. 2, 9; 2 Кор 12, 4). Денес од коренот Јесеев Фиданка произрасна, од Која ќе произлезе за светот Цветот Богоипостасен.

Денес од земната природа Небо над земјата создаде Оној Кој некогаш од водите го створил и во висините го поставил сводот небесен. И навистина ова Небо од она е почудесно и побожествено. Бидејќи Оној, Кој на она го створил сонцето, Самиот се раѓа од ова Небо, како Сонце на Правдата. Две природи има Он, макар и да побеснат безглавите монофизити. Една има Ипостас, макар препукнале несторијанците. Бидејќи Светлината Вечна, што од Вечната Светлина предвечно има битие свое, Светлост духовна и бестелесна, од Дева се воплотува, и како Младоженец од чертогот произлегува, и иако е Бог, подоцна станува Човек, за како Џин со радост да го помине патот на нашата природа, и преку страдања до смрт да дојде и да го врзе силниот, и повторно да го земе пленот негов, односно нашата природа, и во небесната земја да ги врати заблудените овци.

Денес Синот на дрводелецот, Сеуметничкиот Логос на Оној Кој сѐ со Него створил, семоќната десница на Бога Севишниот, наострувајќи ја со Духот како со прстот Свој отапената секира на нашата природа, си направи за Себе жива Лествица, чија основа на земјата се потпира, а нејзиниот врв е до самото небо. На Неа Бог почива - како што Нејзина и Јаков слика виде, - и преку Неа Бог слезе, без да оди, подобро речено се спушти снисходливо, и на земјата се јави и со луѓето поживеа (1 Мојсеј 28, 12-13; Варух 3, 38). Тоа е Негово слегување, и снисходење на понижување, и живеење на земјата и познание Негово, кое ни го даде нам на земјата. На земјата се потпира духовната Лествица, Дева, зашто има Свое потекло од земјата, а врвот Нејзин е до небото. Бидејќи на секоја жена глава ѝ е мажот, а на Неа, бидејќи маж не позна, глава Ѝ стана Бог и Отецот, Кој со Духот Свети изврши договор и како некое духовно божествено семе го испрати Својот Син и Логосот, семоќната сила Своја. Бидејќи со благоволението на Отецот, не од природно соединување, туку од Духот Свети и Марија Дева, натприродно и непроменливо Логосот стана тело и се всели во нас (Јован 1, 14). Соединувањето на Бога со луѓето бива преку Духот Свети.

Кој може да прими нека прими. Кој има уши да слуша нека чуе (Матеј 19, 12; Лука 8, 8). Да се оддалечиме од телесното сфаќање. Бог е бестрасен, о, луѓе, и порано раѓајќи го бестрасно Синот по природа, Него бестрасно истиот го раѓа и сега по домострој. И сведок е таму богоотецот Давид, говорејќи: „Господ ми рече мене: Син мој си Ти, Јас денес Те родив“ (Пе. 2, 7). А ова денес нема место во предвечното раѓање, зашто тоа е надвремено.

Денес се создаде Врата на истокот, низ која Христос ќе влезе и излезе, и ќе остане вратата затворена (Езек. 44, 1-3), во која врата е Христос - вратата на овците (Јован 10, 7). Нему името Му е Исток (Лука 1, 78), низ Кој ние имаме пристап до Отецот Првосветлосен. Денес затреперија развигорите, сеопштите весници на радоста. Нека се радува горе небото и нека се весели долу земјата, морето земно нека се разбранува, бидејќи во него се раѓа Школка, Која од Молња на Божеството од небото ќе зачне во утробата и ќе Го роди Синот - Бисерот скапоцен, Христос. Од Неа Царот на Славата, облекувајќи се во порфирата на телото ќе ги посети заробените и ќе им даде простување. Нека игра природата, зашто се раѓа Овчичка, од Која Пастирот ќе облече на Себе јагне и ќе ја раскине облеката на некогашната смртност. Нека се радува девственоста, зашто, според Исаија (7, 14), ќе се роди Девојка, Која ќе забремени и ќе роди Син и ќе Му се даде името Емануил, односно Со нас е Бог. Со нас е Бог, познајте несторијанци, и покорете се, бидејќи со нас е Бог. Не ангел, не посредник, туку Самиот Господ ќе дојде и ќе нѐ спаси нас (Исаија 8, 8-9; 63, 9).

Благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово! Бог е Господ и ни се јави (Псалми 117, 26-27; Мат. 21, 9). Да составиме празник по повод раѓањето на Богородица. Радувај се, Ана, неплодна која не раѓа; воскликни и извикај, ти, што не знаеш за маки родилни (Исаија 54, 1). Весели се, Јоакиме, зашто од Ќерката твоја Дете ни се роди, Син ни се даде и името Му е Ангел на Великиот Совет - Советот за спасението на сиот свет - Бог Силниот (Исаија 9, 6).

Нека се посрами Несториј и нека ја стави раката на устата. Дете е Бог, па како тогаш Богородица не е Онаа Која Го родила? „Ако некој не Ја признава света Дева Богородица, таквиот е далеку од Божеството“. Овие зборови не се мои, но сепак словото е мое, зашто го примив од отецот наш, Григориј Богослов, како најбогословско наследство и предание.

О, блажени сопружници Јоаким и Ана, навистина сте беспрекорни. Ве познавме по утробата ваша, како што некаде рече Господ: „Ќе ги познаете по плодовите нивни“ (Матеј 7, 16). Сте поживеале угодно на Бога и достојно на Онаа што од вас се роди. И откако поживеавте праведно и целомудрено, Го родивте Украсот на девственоста - Онаа Која и пред раѓањето е Дева, и во раѓањето е Дева и по раѓањето е Дева, единствената Дева и Приснодева, единствената и со умот, и со душата, и со телото Вечнодевствена. И требаше Девственоста, произлезена од целомудреноста, да го произведе единствено Единородниот Светлосник телесно, според благоволението на Оној Кој бестелесно Го роди; Оној Кој не раѓа, но вечно се раѓа, на Кого раѓањето Му е ипостасно својство.

О! Колкави чуда и на какви чудни спротивности стана работилница ова Девојче. Род од нероткиња, девство кое раѓа, соединување на Божеството и човештвото, страдање и нестрадалност, живот и смрт, така што во сѐ и секаде лошото бива победено со доброто! И сето тоа, о, Господи, заради моето спасение! Ти толку си ме засакал, што сето тоа не си го сторил ни преку ангел, ни преку некое друго створение, туку и првото стварање и ова сега престварање Самиот со Себе си го извршил. Затоа пеам, се фалам и сиот од радост потскокнувам и повторно се враќам кај Изворот на овие преславни чудеса, и со виното на веселба исполнет, повторно удирам по лирата на Духот и пеам песна божествена, роденденска.

О, најцеломудрен пару на грлиците разумни, Јоаким и Ано! Законот на природата - целомудреноста сочувувајќи ја, вие се удостоивте на натприродното, бидејќи на светот му Ја родивте Мајката Божја, Која за маж не знаеше. Свето и побожно живеејќи во човечка природа, вие сега родивте Ќерка над Ангелите и на Ангелите Господарка. О, Ќерко најубава и најслатка! О, Крину, среде трње израснат, од благородниот и царски корен Давидов! Со Тебе царството се збогати со свештенството, преку Тебе дојде промената на законот и се откри смислата скриена под буквите, бидејќи свештеничкото достоинство премина од Левитското на племето Давидово. О, Ружо, израсната од јудејското трње, Ти со Мирисот божествен си исполнила сѐ. О, Керко Адамова и Мајко Божја! Блажено е бедрото и утробата од која Ти произлезе. Блажени се прегратките кои Те носеа и усните кои се удостоја на Твоите чисти бакнежи, а тоа се само родителските усни, за Ти да бидеш во сѐ постојано чиста и девствена.

Денес е почетокот на спасението на светот. Воскликни Му на Господа цела земјо! Пејте Му, фалете Го и веселете се (Псалми 97, 4). Кренете го гласот свој, кренето го и не плашете се (Исаија 40, 9). Нам ни се роди Мајката Божја кај светите Врати Овчји, од Кои благоволи да се роди Јагнето Божјо, кое ги зема врз Себе гревовите на светот (Јован 1, 29).

Играјте гори - разумни суштества, и издигнете се до висините на духовното соѕерцавање. Се раѓа најистакнатата Гора Господова, која што секој рид и гора ги надминува и пренадминува, односно човечката и ангелската големина, од Која Гора благоволи телесно без рака да се отсече Каменот Аголник Христос - една Ипостас што разделеното го соединува, односно Божеството и човештвото, Ангелите и луѓето, незнабошците и телесниот Израил во еден духовен Израил. Гора Божја, Гора богата, Гора моќна, Гора украсена, Гора во која Бог благоволи да живее. Кочија божествена опкружена со хорови на Херувими и Серафими, со божествената благодат управувани (Псалми 67, 16-18). Планински Врв посвет од Синајскиот врв, бидејќи не го покрива облак, и чад, и бура, и страшен оган, туку светлосветлечки сјај на Духот Пресвет. Додека таму на Синај, Зборот Божји го испиша со Духот како со прст законот на камени таблици, овде во самата Дева тоа Слово се воплоти од Духот Свети и Нејзината чиста крв и Себе Самиот ѝ се даде на нашата природа како најдобар лек за спасение. Таму имало само манна, а овде - Оној Кој ѝ дава сладост на манната.

Онаа скинија, драгоцена и значајна, која ја направи во пустината Мојсеј од најразлични и скапоцени материи, а уште пред неа самиот шатор на отец Авраам, нека Ѝ се поклонат на оваа Жива и разумна Скинија Божја. Оваа стана не едноставно сад на дејството Божјо, туку суштински на самата Ипостас на Синот Божји. Нека од сите страни со злато опкованиот ковчег ја сфати својата неспоредливост со Неа, а исто така и златната стомна, и светилка, и трпеза и сите оние старозаветни работи, бидејќи со Нејзината праслика беа почестени како сенки на вистинскиот Оригинал.

Денес Книга нова створи сетворечкото Божјо Слово, кое Отецот од срце го изговори и кое со јазикот Божји како со перо ќе биде напишано во неа со Духот. Таа Книга му се даде на човекот писмен, а тој не ја прочита (Исаија 29, 1-12), бидејќи не ја позна Јосиф Марија, нити силата оваа тајна. О, најсвештена Ќерко на Јоаким и Ана, која беше сокриена од началствата и властите, и од распалените стрели на лукавиот! Ќерка одгледана во одаите на Духот и сочувана беспрекорна за Невеста Божја и Мајка на природниот Син Божји. О, Ќерко најсвештена, во прегратките мајчини носена и страшна за сите отстапнички сили! О, Ќерко најсвештена, со млеко од гради хранета и со Ангели опкружена! О, Ќерко богољубена, Славо на оние што Те родија! Тебе Те нарекуваат блажена сите поколенија, како што Ти рече и се овистини (Лука 1, 48). О, Ќерко, достојна на Бога, Убавино на човечката природа, Украсу на жените, Поправителко на прамајката Ева, зашто таа од падот стана со Твоето раѓање на Христа. Бидејќи ако првата Ева и дошла до престапот и преку неа влегла смртта и ѝ послужила на змијата да дојде до праотецот Адам (1 Мојс. 3, 5-6), сега пак, Марија, послужувајќи му на Советот Божествен, ја измами змијата измамник и во светот ги внесе негнилежноста и бесмртноста.

О, Ќерко секогаш девствена, Која немаше потреба од маж за зачнување, бидејќи Оној, Кого Ти во утробата Го носеше, има Свој вечен Отец! О, Ќерко со потекло од земјата, а во прегратките богородителски си Го држела Богосоздателот. Вековите се натпреварувале кој од нив ќе се пофали со раѓањето Твое, но натпреварот на вековите го победи предодредениот Совет Бога, Кој ги створи сите векови, та станаа последните први, добивајќи го како дел Твоето раѓање. Навистина си почесна од секое створение, зашто единствено од Тебе Творецот зеде удел - првината на нашата природа: телото Негово е од телото Твое, и крвта Негова е од крвта Твоја, и млеко од градите Твои цицал Бог, и устата Твоја се соедини со устата Божја. О, несфатливи и непоимливи работи! Провидувајќи Те достојна, Богот на целиот свет Те засака, и засакувајќи Те, Те предодреди и во последните времиња Те приведе во битие и Те покажа Богородица, Мајка и Хранителка на Синот Свој и Логос.

Велат дека спротивните работи се лекови за спротивните, иако спротивното не настанува од спротивното. Бидејќи иако секое нешто го прави она што самото по природа е, служејќи се со спротивни нешта, сепак тоа не значи дека по природа настанало од спротивното. Така, како што гревот, нанесувајќи ми смрт преку доброто, како таков самиот се покажа како многу грешен и погубен (Рим. 7, 13). Така и Причинителот на добрата - Христос преку спротивните работи ни го направил нам она што е Самиот Он по природа. Таму каде што се умножува гревот, таму и благодатта преизобилува (Рим. 5, 20). Ако ние сме ја зачувале онаа прва заедница со Бога, тогаш не би се удостоиле на оваа поголема и преславна. Сега пак, отпаднувајќи преку гревот од првата заедница и општењето, зашто не го зачувавме она што го добивме, со Божјото сострадање бевме помилувани и прифатени, за да бидат сигурни заедницата и општењето. Оној Кој нѐ примил и прифатил е моќен и ова соединување да го сочува нераскинливо.

Бидејќи во развратот и прељубата се расипа сета земја, и народот Господен со духот на прељубата отстапи од својот Бог (Осија 1, 2; 4, 12), Кој го стекна со мишката Своја висока и моќна, и го изведе со чуда и знаци од домот на ропството фараоново и го пренесе преку Црвеното Море, и го раководеше во облак дење и во огнена светлина ноќе (2 Мојсеј 13, 14), и нивното срце се обрати во Египет, и народот Господен стана не повеќе Негов народ, и помилуваниот стана непомилуван, и омилениот неомилен (Осија 2, 25). Затоа сега се раѓа Девојка - вистинска спротивност на блудот и прељубата на предците. Таа сега се свршува со Бога и ја раѓа Божјата Милост - Христа. И народ Божји стануваат оние што порано не беа народ Негов, и непомилуваниот бива помилуван, и неомилениот бива омилен и сакан. Бидејќи од Неа се раѓа Синот Божји Возљубен, Кој е по Неговата волја (Матеј 3, 17).

Корен со добри лози од Ана произрасна и за нас расцвета Гроздот на сладоста, Кој на луѓето земни им точи нектар за живот вечен. Јоаким и Ана го засеаја во правда и го ожнеаја плодот на животот (Осија 10, 12). Се просветлија себеси со вистината на познанието, и Господа Бога Го побараа, и им дојде плодот на праведноста. Не плаши се, земјо; а и вие, чеда Сионови, радувајте се и веселете се во Господ, вашиот Бог! Израсна и разлиста пустината, неродката го донесе својот Плод (Јоил 2, 2123). Јоаким и Ана како гори духовни, сладост на сите им источија (Амос 9, 13). Весели се, Ано најблажена, зашто ти роди Жена, Која е Мајка Божја, Двер на Светлоста, Извор на животот; Жена Која ќе го уништи престапот на жените.

Лицето на оваа Жена ќе ги умолува народните богаташи. На оваа Девојка незнабожечките цареви ќе Ѝ се поклонат и дарови ќе Ѝ донесат (Псалми 44, 12). Оваа Девојка, ти Ана, на Бога Сецарот ќе Му ја принесеш, зашто е украсена со златни украси, со убавината на доблестите обгрната и со Духот на благодатта накитена. Нејзината слава е внатре. На секоја жена е слава мажот нејзин покрај неа, а славата на Богородица е внатре - Плодот во утробата Нејзина.

О, Девојко, сакана и преблажена! Благословена си Ти меѓу жените и благословен е Плодот на Твојата утроба (Лука 1, 42). О, Жено, Ќерко на царевите и Мајко: Ќерко на царот Давид и Мајко на Сецарот Бог. О, Божествена и жива Статуо, на Која се израдува Бог Кој ја створи (Псалми 103, 31). Имаш ум од Бога раководен и единствено кон Бога свртен. И сета Твоја желба е насочена кон единствено Посакуваниот и на љубов Достојниот. Гневот Твој е свртен единствено против гревот и неговиот родител. Си имала живот натприроден, зашто си живеела не заради Себеси, бидејќи заради Себе и не си се ни родила. Си живеела само за Бога, заради Кој и си дошла во живот - за да му послужиш на спасението на сиот свет и за преку Тебе да се исполни Древниот Совет Божји: за Бога Логосот воплотување и за нашето обожение. Твојата наклонетост кон храната била само кон храната од зборовите Божји и само со нив си се наситувала. Си била како маслина, многуплодна во домот Божји (Псалми 51, 10), како Дрво засадено на изворите на водите на Духот; како Дрво на Животот, кое својот Плод го даде во предодреденото од Бога време (Псалми 1, 3) - односно Бога воплотениот на сите суштества Животот Вечен. Секоја душекорисна и добра помисла си ја примала, а секоја непотребна и за душата штетна, пред да ја вкусиш си ја отфрлила. Очите секогаш ти биле кон Господа (Псалми 24, 15), гледајќи на Светлината вечна и непристапна. Ушите ти слушале 3борови Божествени и се радувале на лирата на Духот Свети; преку тие уши влезе Словото Божјо, за во Тебе да се воплоти. Ноздрите Твои го привлекувале единствено мирисот на Женикот Твој, Оној што е божествено Миро, Кое доброволно се излеа и го помаза Своето човештво. Светото Писмо вели: „Името Твое е Миро излиено“ (Песна 1, 3). Усните Твои Го фалела Господа и до Неговите усни се прилепувале. Јазикот и грлото Твое знаеле само за зборовите Божји и се насладувале на Божествената сладост. Срцето Твое беше чисто и неизвалкано, гледајќи Го и љубејќи Го Бога невидливиот. Утробата Твоја беше таква што во неа се всели Несместливиот, и градите Твои полни со млеко - за од нив да се храни Бог, Детето Исус. Дверта Божја е секогаш девствена. Рацете - Бога носечки, и колената - престол повозвишен од Херувимите, со чија што помош рацете ослабени и нозете одземени се осилија. Нозете - како со светилка сјајна водени од законот Божји, и по Него неотстапно трчаа, додека Љубениот не го привлекоа кај Љубената. Сета си живеалиште на Духот Свети, сета град на Бога Живиот. Град кој радосно го заплискуваат брановите на реката (Псалми 45, 5) односно брановите на благодатните дарови на Духот. Сета си убава и добра, сета си блиска на Бога (Песни 4, 7: 6, 4). Надминувајќи ги Херувимите и надвишувајќи ги Серафимите, Ти Му стана сосем блиска на Бога.

О, чудо, поголемо од сите чуда: Жената стана повисока од Серафимите! Зашто Бог се јави смален, нешто малку помал од ангелите (Евр. 2, 7-9). Нека замолчи премудриот Соломон и нека не зборува. Нема ништо ново под сонцето (Проп. 1, 9). О, Дево Богоблагодатна, Храму Божји свети, Кој духовниот Соломон - Миротворецот го створи и Самиот се всели во Него; Храму, кој си украсен, не со злато и мртви камења, туку наместо злато блеска Духот и наместо скапоцени камења го имаш драгоцениот Бисер-Христос, Жарта на Божеството, Кого Го замоли да се допре и до нашите усни, за и ние, очистувајќи се да Го фалиме со Отецот и Духот, воскликнувајќи Му: Свет, Свет, Свет е Господ Саваот (Исаија 6, 3-7) - една природа на Божеството во Три Ипостаси. Свет е Бог и Отец, Кој благоволил во Тебе и со Тебе да се изврши тајната која е предодредена пред вековите. Свет е Крепкиот, Синот Божји и Богот Единороден - Кој денес Те изведе првородна од мајка неродка, за Он, како Единороден од Отецот и Првороден од сите твари, да се роди Единороден од Тебе Дева Мајка, Он - првородениот меѓу многу браќа (Рим. 8; 29). Кој најинтимно со нас зеде од Тебе удел во телото и крвта (Евр. 2, 14). Он не те создаде од самиот татко, ниту пак од самата мајка, за единствено со Единородниот да се сочува еднородноста во сѐ. Зашто Он е единствен од единствениот Отец Единороден и единствен од една Мајка. Свет е Бесмртниот, Духот Пресвет, Кој со росата на Своето Божество те сочува неповредена од Божествениот Оган - зашто тоа и Мојсеевата капина го наговестуваше.

Радувајте се, Овчји Врати, најсвет храму на Божјата Мајка! Радувајте се, Овчји Врати, уште од предците живеалиште на Царицата! Радувајте се, Овчји Врати, некогашно трло на Јоакимовите овци, а сега на небото подобна цркво на разумното стадо Христово. Твојата бања во дамнина еднаш годишно примала Божји Ангел, кој ја разматуваше водата и кој од болните прв во неа слегуваше единствено тој од постојаната болест се ослободуваше (Јован 5, 2-4). Сега пак, ти имаш мноштво Небесни Војски, кои со нас ја фалат Богомајката, таа Бездна на чуда, тој Извор на исцеленија на сиот свет. Таа не го прими Ангелот служител, туку Ангелот на Великиот Совет, Кој нечујно како Роса на Добрината се симна врз руното и сета наша природа, заболена и на пропадливоста наклонета, ја подигна во здравје без болести и во живот неостарлив. Заради Него и оној што во Тебе лежеше фатен, скокаше радосно како елен (Јован 5, 8-9). Радувајте се, затоа, чесни Врати Овчји, нека постојано ви расте благодатта!

Радувај се, Марија, најслатка Ќерко Анина! Повторно кај Тебе ме привлекува љубовта. Како да го опишам твојот најсмернен од? Како ли облеката Твоја? Како пак благодатноста на лицето Твое? Мудрост на зрелост Ти имаше во телото младо. Облеката пристојна, без никаков раскош и разнежнетост. Одот спокоен и скромен, без било каква разметливост. Однесувањето сериозно и благо со кроткост, на машкиот пол непристапно, за што е сведок и стравот, кој те обзеде при необичниот поздрав на Ангелот (Лука 1, 29). На родителите послушна и покорна, со смерно мислење и во највисоко соѕерцание. Зборот ти е благ и кроток, од негневливата душа изговорен. И што друго да речам, освен дека Ти си достојно Живеалиште на Бога? Затоа и достојно Те прославуваат сите поколенија, како одбрана Слава на човештвото. Ти си пофалба на свештениците, поткрепа на царевите, надеж на христијаните, многуплодна Младица на девственоста, зашто преку Тебе убавината на девственоста се распространи. Благословена си Ти меѓу жените и благословен е Плодот на Твојата утроба (Лука 1, 42). Благословени се оние кои Те исповедаат како Богородица, а осудени оние кои Те одрекуваат.

О, свети сопружници Јоаким и Ана, примете го од мене ова слово роденденско. О, Ќерко на Јоаким и Ана и Владичице, прими ги зборовите на Твојот грешен слуга, кој топло Те љуби и почитува, и Те има Тебе за единствена Надеж на радоста своја, и Заштитничка на животот свој, и Помирителка на Синот Твој, и сигурен Залог за спасението свое. Ти ќе го симнеш од мене бремето на гревовите, и ќе го развееш облакот што ми го помрачува умот. Ќе ја раскинеш приврзаноста за материјалното и ќе ги прекратиш искушенијата, и корисно ќе ми го раководиш животот, и ќе ме одведеш во вишното блаженство, а на светот мир ќе му подариш и на сите жители на овој град радост совршена и спасение вечно, по молитвите на оние кои Те родија, и сета полнота на верниците на Црквата.

Радувај се, Благодатна, Господ е со Тебе! Благословена си Ти меѓу жените и благословен е Плодот на Твојата утроба - Исус Христос, Синот Божји, Нему слава и величество со Отецот и Светиот Дух, низ сите векови на вековите. Амин.

СЛОВО НА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Господ Кој живее на небото, сакајќи да се јави на земјата и да поживее со луѓето, претходно подготви на земјата живеалиште за славата Своја - ја подготви Пречистата Своја Мајка. Кај царевите има обичај да си подготват за себе палата за живеење во градот, во кој што имаат намера да отидат. И како што палатите на земните цареви ги градат најискусни мајстори од скапоцен материјал и на најубаво место, убаво и попространо од останатите живеалишта човечки, така требало да се изгради и палатата на славата на Царот небесен. Во Стариот Завет, кога Бог посака да живее во Ерусалим, Соломон му подигна храм преку најискусниот неимар Химар, кој беше многу вешт, паметен и полн со знаења (3 Цар. 7, 13-40; 2 Днев. 2, 13-14; 4, И. 16). Соломон изгради храм од најскапоцена граѓа, од одличен камен, од миризливи дрвја: кедар и кипарис од Ливан, и од чисто злато, на највисоко место, на планината Мориј. За убавината : на храмот многу придонесе и тоа што на неговите ѕидови извајаа херувими, разни дрвја и цвеќиња. По големина храмот беше простран, така што во него слободно можело да се соберат многу Израилци. И се симна врз него славата Господова во оган и облак. Сепак, тој храм беше недоволен за во себе да Го смести несместливиот Бог. Соломон му подигна храм, но Севишниот не живее во ракотворни храмови. Каков дом ќе ми направите, вели Господ, или кое место е за Мојата почивка? (Исаија 66,1: Д. А. 7, 48).

И ете, Господ благоволи во почетокот на новозаветната благодат да направи неракотворен храм - Пречистата Преблагословена Дева Марија. А кој градител го направи тој храм? Навистина најмудриот, самата Премудрост Божја, како што говори Писмото: „Премудроста си изгради за себе дом“ (Изреки 9, Г). И сѐ што Премудроста Божја ствара, прекрасно е и совршено. Бидејќи пак, оживеаната палата на Словото ја направи Премудроста Божја, со тоа се создаде совршен храм за Совршениот Бог, пресветла палата за Пресветлиот Цар, пречист и неосквернет чардак за Пречистиот и неосквернет Младоженец, беспрекорно живеалиште за беспрекорното Јагне. На ова верниот сведок е на небото, кој зборува кон Неа: „Сета си убава, мила моја, и нема недостатоци на тебе“ (Песна над песн. 4, 7). А свети Дамаскин вели: „Сета е палата на Духот, сета град Божји, море од благодат; сета е убава, сета блиска на Бога“,

Но од каква граѓа беше направена оваа палата? Навистина од најскапоцената: зашто произлезе, како од најскапоцен камен, од царски род, од Давида, кој го порази Голијат со каменот од прачката, кој го праобразуваше каменот - Христос; и како од миризливи дрвја кедар и кипарис, Дева Богородица се роди од родот првосвештенички, кој Му принесува благомирисни жртви на Бога. Нејзиниот татко, светиот праведен Јоаким беше син на Варпафир, кој води потекло од Давидовиот син Натан. А Нејзината мајка, светата праведна Ана, беше ќерка на свештеникот Матан од племето Ароново. Така Пречиста Дева по татко беше од царски род, а по мајка од првосвештенички. О, од колку сескапоцени работи - сечесни племиња - беше изградена оживеаната палата на Царот на славата! И како што во Соломоновиот храм камените и дрвените градби добиваат исклучителна вредност поради чистото злато со кое беа позлатени, така во раѓањето на Пресвета Богородица царското благородство и првосвештевичкото потекло добија уште поголема вредност од целомудреноста на Нејзините свети родители, која е неспоредливо подрагоцена од златото и среброто и поскапа од скапоцените камења; и сѐ што ти е мило не може да се спореди со неа (Изреки 3,15). Пресвета Дева се роди од целомудрени родители, што е повеќе од секое благородство. За тоа сведочи свети Јован Дамаскин, обраќајќи им се на светите праведни богородители: „О, блажени сопружници Јоакиме и Ано! Навистина по плодот на утробата ваша се покажавте беспрекорни, според зборовите Господови: По плодовите нивни ќе ги познаете“ (Матеј 7, 16. 20). Вие го уредивте својот живот како што Му е угодно на Бога и како што е достојно тоа за Родената од вас. Живеејќи целомудрено и свето, вие ја родивте ризницата на девството, - ја родивте Дева: пред раѓањето Дева, во раѓањето Дева, по раѓањето Дева и секогаш Дева, единствена секогаш девствена и со умот и со душата и со телото. А доликувало девството родено од целомудрие, да Ѝ биде принесена со тело само на Единородната Светлост. О, две пречисти словесни грлици, Јоакиме и Ано! Откако го сочувавте целомудрено законот на природата, вие божествено се удостоивте на натприродни дарови, зашто на светот му ја родивте Дева - Божјата Мајка. Откако побожно и свето поживеавте во човечката природа, вие родивте Ќерка, повозвишена од ангелите, Која и сега владее над ангелите. О, прекрасна и преслатка Ќерко! О, Крину, кој среде трње си израснал од себлагородниот царски Корен. Со тебе се збогати царството на свештенството. Со овие зборови свети Дамаскин јасно покажува од какви родители е родена Божјата Мајка, од какви скапоцени работи е изградена палатата на Царот Небесен.

На кое место беше изградена оваа жива Палата? Навистина на највисокото, зашто Црквата за Неа дава вакво сведоштво: „Навистина си повисока од сите, Дево чиста!“ Но повисока не по место, туку по доблестите и висината на Божјите дарови. Местото каде што се роди Преблагословената Дева беше мал град во земјата Галилејска, именуван Назарет, зависен од големиот град Капернаум, и неговите жители беа презирани, поради што и за Христа беше речено: „Од Назарет може ли да биде нешто добро?“ (Јован 1, 46). Но Господ, Кој во висините живее и на смирените погледнува (Псалми 112, 5), благоволи Неговата Пречиста Мајка да се роди не во Капернаум, кој во својата гордост се беше издигнал до небото, туку во смирениот Назарет, покажувајќи со тоа дека она што е за луѓето високо, пред Бога е мерзост (Лука 16, 15), а тоа што е презрено меѓу луѓето, во Него е високо и драгоцено. Покрај тоа и самиот назив Назарет ја покажува висината на доблестите на Пречистата Дева. Како што со Своето раѓање во Витлеем, а Витлеем значи „дом на лебот“, Господ таинствено го прасликува тоа дека Он е лебот кој се симнал од небото (Јован 6, 54) за оживотворување и поткрепување на луѓето, така и со раѓањето на Својата Пречиста Мајка во Назарет објавува високи работи, зашто називот Назарет означува цветно, свештено, овенчано и осамено место, што јасно ја отсликува Пресвета Дева. Таа е Цвет, расцветан од неплодната и ветва утроба, Цвет, кој ја обновил исушената природа наша, Цвет несвенлив, кој постојано цвета во девство, Цвет благомирисен, кој раѓа благомирис на Единствениот Цар, Цвет кој донесува род - Христос Господ. Таа е осветена со благодатта на Светиот Дух, Кој се симнал на Неа и ја осенил, и е посвета од сите светии, бидејќи Го родила „Словото посвето од сите светии“. Таа е издвоена од грешните земјородни, зашто преку целиот Свој живот не позна ниту еден грев. И не само што Таа не изврши грев, туку и грешниците ги отргнуваше од гревовните дела, како што и Црквата извикува кон Неа: „Радувај се, Ти, Која избавуваш од лоши дела“! Таа е венчана со слава и чест: венчана со слава, зашто произлегла од царски корен; венчана со чест, зашто никнала од првосвештеничко племе. Венчана со слава, зашто произлегла од целомудрени и праведни родители; венчана со чест, зашто е удостоена на благовеста и служење од Архангелот. Венчана со слава, како Мајка Божја. А има ли нешто пославно од тоа да се роди Бога? Венчана со чест, како Приснодева. А што може да биде почесно од тоа и по раѓањето да се остане Дева? Венчана со слава, пославна од серафимите, зашто серафимски Го засака Бога; венчана со чест, повозвишена од херувимите, зашто со мудроста и познанието на Божеството ги надмина херувимите. А слава и чест и мир на секого што прави добро, вели апостолот (Рим. 2, 10). Но кој меѓу земјородните би можел да се најде како поголем творител на добра од Пречиста Дева? Таа ги одржа сите Господови заповеди, ја оствари секоја Негова волја, ги изврши сите Негови поуки, сите Негови зборови ги сокри во срцето свое, сите милосрдни дела им ги укажа на ближните. Затоа Таа е достојно овенчана како творителка на секое добро. Но, Таа е и Чувалиште, зашто сокровиштето на Своето девствено целомудрие толку будно го чуваше, што дури не сакаше да го довери ни на ангелот. Кога го здогледа ангелот, Таа се збуни од неговите зборови и си размислуваше, каков поздрав би бил тоа (Лука 1, 29).

Дека сето тоа е во Пречиста Дева, посведочи Назарет со својот назив. И кој нема да каже дека таа Палата Христова многу високо се издигнала со добродетелите и Божјите дарови? Таа е висока, зашто беше дарувана од небото, иако на земјата се роди од земјородните; - од небото, зашто како што зборуваат некои од богопросветените луѓе, Архангел Гаврил, кој му го благовестеше на Захариј Јовановото раѓање, им го благовестеше и на Јоаким и Ана зачнувањето на Пресвета Богородица и Ѝ го донесе од небото Нејзиното преблагословено име, говорејќи ѝ на мајката на неродката: „Ано, Ано! Ќе родиш преблагословена ќерка и името ќе ѝ биде Марија“. Затоа нема сомнеж дека Таа може да биде наречена Свет Град, Нов Ерусалим кој слегува од Бога, од небото (Откр. 21, 2), скинија Божја. Висока е оваа Божја скинија, зашто раѓајќи Го Царот Христос, Таа се издигна над Серафимите. О висино, недостижна за човечките мисли!

А каква е красотата на таа мислена палата Христова, чуј што за тоа зборува слаткоречивиот Јован Дамаскин: „Таа Му беше принесена на Бога, Царот на сите, облечена со убавината на добродетелите како со златна риза, и украсена со благодатта на Светиот Дух, чија слава е одвнатре. Како што за секоја жена слава е мажот кој доаѓа однадвор, така за Богородица славата е одвнатре, односно Плодот на утробата Нејзина“. Свети Дамаскин уште вели: „О, Дево Богоблагодатна, света Цркво Божја, која духовно ја изгради Премудриот Творец на светот, и во Неа поживеа! Таа е украсена не со злато, ни со мртви камења, туку наместо злато сјае со Духот, и наместо скапоцени камења го има скапоцениот бисер - Христос“. Таквата украсеност на оваа палата е многу поубава од онаа во Соломоновиот храм, во кој беа изобразени ликови на херувими, дрвја и цвеќиња. Но и во овој жив храм, во Пречистата Дева, јасно се гледа херувимскиот лик: со својот херувимски живот Таа не само што се изедначи со херувимите туку и ги надмина. Кога Црквата навикнала светителите да ги нарекува херувими, пеејќи: „Како да ве наречеме Светии? Херувими, зашто на вас почива Христос“, дотолку повеќе Дева Богородица е херувим, зашто во Неа отпочина Христос со телото Свое и на Нејзините Пречисти раце Бог седи како на престол: Дева стана престол херувимски. А изобрази Таа во себе и слики на плодни дрвја, станувајќи духовно плодна маслина во домот Божји и цветна палма (Псалми 51, 10), поради што сега и се нарекува живоносна градина, каде Црквата пее: „Од неродниот корен Бог со чуда ни изведе живоносна градина - Мајката Своја“. Сето ова се зборува за духовната убавина Нејзина. Но, Таа не беше лишена ни од телесната убавина, како што за тоа сведочат многу учители на Црквата, дека во целото поднебесје немало, ниту пак некогаш ќе има толку убава девојка, како што беше Дева Богородица. Кога ја виде свети Дионисиј Ареопагит сакаше да ја нарече Бог, ако не Го знаеше Бога, родениот од Неа. Божествената благодат, со Која Таа беше полна одвнатре, блескаше од Нејзиното пресветло лице. Таква палата си подготви за Себе на земјата Царот Небесен, палата прекрасна со душата и телото, „како невеста украсена со својот маж“ (Откров. 21, 2); притоа палата пространа: „утробата Нејзина ја направи попространа од небото“, и во Неа се смести „несместливиот Христос Бог“. Царските палати обично се ѕидаат пространи, за покрај царот да можат да се сместат и многуте негови слуги и луѓето кои му доаѓаат од сите страни. Пространото живеалиште на Бога Словото, Пречиста Дева, пространо е не само за Бога Словото, како Цар, туку и за нас, луѓето, кои прибегнуваме кон Бога, населениот во Неа. Бог Го сместува во утробата, а нас во Своето милосрдие. Избраниот сад Божји, свети апостол Павле, поттикнат од љубовта им зборуваше на своите возљубени деца: „Срцето наше се распространи; вам не ви е тесно местото во нас“ (2Кор 2, 1-12). Но, во кого од светиите може да се најде толку пространо милосрдие, како што е милосрдието на Марија по Бога, кое ги прима сите? Тука за себе наоѓа место целомудрениот, но и на грешникот овде не му е тесно. Тука има свое место оној кој се кае, но тука има слободно прибежиште и за оној кој не се кае, и за оној кој е очаен, како што Ноевиот ковчег бил прибежиште не само за чистите туку и за нечистите животни. Во милосрдието на Пресвета Богородица има широк простор за сите тажни, злоставувани, гладни, заталкани, од бура зафатени, болни: зашто не може да не биде Милосрдна Онаа Која нам ни Го роди благиот Бог. Палатите на земните цареви ги чуваат многу вооружени стражи, кои не го пуштаат внатре секој што сака да влезе, туку го задржуваат и внимателно го испрашуваат од каде е и зошто доаѓа. А живата палата Христова, иако е опкружена со херувими и серафими, и безбројни хорови ангели и сите светии, сепак на никого не му забранува ако сака да влезе низ вратата на Нејзиното милосрдие. Ниту стражарите ги отргнува, ниту војниците ги брка, ниту испрашува поради што доаѓаат, туку секој непречено влегува со молба и прима дар според потребната молба.

Затоа да прибегнуваме кон милосрдието на Родената од неплодната утроба, упатувајќи Ѝ ваков поздрав:

Радувај се, себеспрекорна Палато на Царот на сите! Радувај се, Живеалиште на Бога и Словото, Кому со Отецот и Светиот Дух, и Тебе, Ќерко на Отецот, Мајко на Синот, Невесто на Светиот Дух, нека е и од нас трошните чест и слава за навек. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК АТАНАСИЈ СОЛУНСКИ

Беше родум од селото Колиакија од околината на Солун. Како момче татко му Полихрус и мајка му Лулуда го дадоа во училиште. По своето школување во Солун замина на Света Гора, каде продолжи да се школува во манастирот Ватопед. Од Света Гора отиде во Цариград, па во својот роден град Солун. Таму, бидејќи знаеше турски и арапски, Атанасиј често разговараше со некои турци за верата. Во една таква прилика изговори пред нив муслиманско исповедање на верата и тие веднаш објавија дека со тоа ја примил нивната вера и се потурчил. Иако Атанасиј се бранеше, тие го фатија и го одведоа кај судијата, клеветејќи го дека божем го примил исламот. Судијата и присутните аги се обидуваа со ветувања и закани да го разделат од Христа, но тој изјави дека единствено христијанската вера е вистинска и спасоносна. Тогаш го фрлија во темница, за да се предомисли. По неколку дена повторно го изведоа на суд и повторно настојуваа да се одрече од христијанската вера, но маченикот остана цврст и непоколеблив. Затоа го предадоа на џелатите, кои го изведоа надвор од градот и го обесија. Тоа се случи во 1774 година. Потоа христијаните го погребаа во близина на местото Света Параскева. Светиот маченик Атанасиј пострада на дваесет и пет годишна возраст.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЛУКИЈАН

Преподобниот Лукијан беше родум од Галич, во Костромската губернија. Примил монаштво во Рождество-Богородичниот манастир, близу Перејаслав Залески. Потоа премина во Александровскиот крај и се насели во шумата крај старата запуштена црква со чудотворната икона „Рождество на Пресвета Богородица“. Набрзо се расчу за неговиот пустински свет живот и кај него започнаа да доаѓаат побожни луѓе и да примаат постриг од него. Бидејќи се зголеми братството, црквата беше обновена и се создаде манастир. Избркан од манастирот поради непријателски клевети, преподобниот Лукијан повторно се врати, со застапување на угледни луѓе. Тој го основа и Успенскиот женски манастир, кој беше под негово духовно раководство. Како строг подвижник, преподобниот Лукијан се одликуваше со дарот на речитоста и дарот на проѕорливоста. А кога во длабока старост ја почувствува претсмртната исцрпеност, преподобниот Лукијан нареди да го внесат во црквата, каде долго се молеше пред чудотворната икона на Богомајката, доверувајќи Ѝ ја заштитата на обителта од видливите и невидливите непријатели. Потоа го изнесоа од црквата, и на негова желба го положија на тревата, каде што браќата му приоѓаа и примаа благослов од него. Преподобниот Лукијан се претстави кај Господа во 1655 година.

СПОМЕН НА ПРАЗНУВАЊЕТО НА ЧУДОТВОРНАТА ИКОНА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „ХОЛМСКА“ во Полска

На овој ден православните христијани ја празнуваат полската чудотворна икона на Пресвета Богородица „Холмска“, која според преданието е донесена од Цариград и подарена на градот Холм, од светиот рамноапостолен кнез Владимир Руски.

СПОМЕН НА ПРАЗНУВАЊЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „КАЛИШКА“

Во прекрасниот манастирски комплекс „Пресвета Богородица“, близу селото Калишта, западно од Струга, Светата Богомајка ја јавува Својата сила и милост преку многубројни чуда. Манастирот се наоѓа на охридското крајбрежје, кај хотелот Бисер, во прекрасен и природен карпест амбиент. Централно место во комплексот има малата пештерска црква, која е изградена некаде во 14 век и претставува основа на целиот манастирски комплекс. Таа се наоѓа во карпа и има три монашки ќелии: две на првиот кат и една на вториот кат. Во секоја од ќелиите се влегува низ сосема мала и тесна врата, а и самите ќелии се мали простории полни со историја и со духовност. Достапни се за посетителите, па секој може да зачекори по стапките на монасите и да понесе дел од нивниот мир. Овде во минатото престојувале и работеле многу истакнати интелектуалци, меѓу кои биле и Димитар и Константин Миладинови.

Овој манастирски комплекс е резиденцијален на врвот на МПЦ-ОА. Тој се состои од црквата „Пресвета Богородица“, црквата „Свети Петар и Павле“, и две пештерски цркви на Пресвета Богородица и Свети Атанасиј. Празникот на овој комплекс е на 8 / 21 септември на т.н. Мала Богородица. Тогаш тука доаѓа многу народ, и младо и старо, и православни и муслимани.

Во комплекот е сместена и поголема црква „Рождество на Пресвета Богородица“, која датира од 17 век, а во 1977 година е реновирана.

Кога ќе влезете овде, можете да ја видите единствената икона во Македонија, на која Пресвета Богородица е насликана во црна облека и со црно лице, а и детето Исус е црно. Позната како „Богородица во црно“, иконата е пронајдена во малата пештерска црква и се чува во поголемата црква. Оваа икона е една од највредните во Македонија и има неверојатна лековита моќ. Иконите на кои Пресвета Богородица е насликана во црно се навистина многу ретки, и токму една од нив е сместена во манастирскиот комплекс Калишта.

Иконата „Богородица во црно“ ја насликал некој монах, во темните монашки ќелии, со темен лик, според визиите Господови. Самиот Бог ја обдарил со чудотворност. Голем број верници доаѓаат да се поклонат пред оваа икона, барајќи од неа исцеление. Заштитничка е на мајките воопшто, посебно на леунките, поради што жените кои што раѓаат ја повикуваат за полесно да се породат. Исто така им помага и на жените кои што немаат деца. Освен од православните, црквата и иконите се посетени и им се поклонуваат и муслиманите.

Овде сѐ е свето. Не само исцелителната вода што извира под црквата посветена на Свети Петар и Павле, туку целиот крај, секој камен, секоја икона и фреска, царските двери и сѐ во овој комплексен храм зрачи со вознес, кој ќе ве опфати со неверојатна силина и ќе ве натера постојано да навраќате тука. Ако не физички, тогаш со духот ќе бидете заробени во вечноста на пределот. Многу пати се докажало дека иконата им помага на брачните парови кои немаат рожба. И сите се враќаат догодина со детето - велат жителите на селото Калишта.

Иконата своевремено била сериозно оштетена. Ова се должи на тоа што кога жените неротки доаѓале овде, кршеле по мало парче дрво од иконата, па таа во средината е сериозно оштетена и поцрнета.

Од страна на републичкиот Конзерваториски центар, иконата на Пресвета Богородица е заштитена, колку што е можно е поправена, и сега е покриена со стакло. Таа не треба да се допира, туку потребно е верниот да се поклони пред неа и со верба во Бога да се помоли.

За нејзината исцелителна моќ се знаело со векови, не е отсега, таа има долга традиција. Заради тоа окупаторот, кој бил на овој терен, во три наврати ја фрлал во езерото, но таа се враќала секогаш овде, кај манастирот на брегот од езерото. Ја фрлале заврзана со ланци, со железо, за да потоне, но нејзината моќ се покажувала во пракса и таа секогаш се враќала во црквата. Не можеле да ја уништат, напротив, таа уште повеќе добивала на значење кај целокупното население од овој крај. Токму оваа икона го зближува населението од различни вери во струшкиот крај.

Многу болни биле исцелувани чудотворно, а разбојниците, кои намислувале да го пљачкаат или сквернават манастирот, биле тешко казнувани од невидлива сила.

ПРАЗНИК НА ИКОНАТА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „ПОЧАЕВСКА“

Во Волинската губернија се наоѓа знаменитиот манастир „Света Богородица“ во Почаево, каде светата Богомајка за прв пат се јавила околу 1340 година, на едниот од двајцата монаси, кои се подвизувале таму во една пештера. Од тогаш тоа место стана непресушен извор на многубројни исцеленија.

СПОМЕН НА ПРАЗНУВАЊЕТО НА ЧУДОТВОРНАТА ИКОНА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „ЗНАМЕНИЕ-КУРСКА“

Оваа света и чудотворна икона на Мајката Божја беше чудесно пронајдена во 1295 година на брегот на реката Тускора, во Курската губернија, кај коренот на едно дрво. Таму веднаш потече извор на чудотворна вода. Рилскиот кнез Василиј Шемјак, кого Пресвета Богородица го исцели, на оваа света Икона Ѝ изгради прекрасен храм во градот Рилск и од тогаш беше востановен овој празник на Пресвета Богородица „Знамение -. Курска“, на 8 септември. Многу чуда се случиле од оваа света Икона, за спасение на верните и восхитување на неверните.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ РУФ и РУФИЈАН

Се упокоиле за верата Христова, посечени со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК СЕВИР

Пострадал за Господа посечен со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АРТЕМИДОР

За својата вера во Господа, овој свет маченик е изгорен во оган.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ СОФРОНИЈ, епископот на Ахталија во Грузија

Роден е во Понт во 1738 година. Монахувал во манастирот на својот крај, а потоа служел како свештеник во Грузија, каде подоцна станал и епископ. Се упокоил во мир. Неговите свети мошти се откриени во 1824 година.