22. Септември (9. Септември)
ЖИТИЕТО НА СВЕТИТЕ ПРАВЕДНИ БОГОРОДИТЕЛИ ЈОАКИМ и АНА
Светиот праведен Јоаким беше од коленото Јудино, од домот на царот Давид. Неговиот родослов е следниот: од Давидовиот син Натан се роди Левиј, Левиј ги роди Мелфиј и Панфир, Панфир го роди Варпафир, а Варпафир го роди Јоаким, таткото на Пресвета Богородица.
Свети Јоаким живееше во градот Назарет Галилејски и имаше жена на име Ана од коленото Левиево, од родот Аронов, ќерка на свештеникот Матан, кој живеел пред царувањето на Ирод, синот на Антипатар. Овој свештеник Матан имаше жена Марија, од коленото Јудино, од Витлеем, и со неа роди три ќерки: Марија, Совија и Ана. Марија се омажи во Витлеем и ја роди Саломија. Совија се омажи исто така во Витлеем и ја роди Елисавета, мајката на свети Јован Претеча. Ана се омажи во Назарет за Јоаким. Овие високородни сопружници Јоаким и Ана живееја според законот Господов, беа праведни пред Бога. Имајќи материјално богатство тие не се лишуваа себе си ни од духовното. Се украсуваа со секоја добродетел, беспрекорно одејќи во сите заповеди Господови. Од сите свои приходи овие побожни сопрузи само една третина употребуваа за себе, втората ја раздаваа на сиромашните, а третата ја жртвуваа за храмот.
Со својот праведен живот Јоаким и Ана толку Му угодија на Бога што Он ги удостои да бидат родители на Пресвета Дева, однапред Избраната за Мајка на Господа. И само од тоа се гледа дека нивниот живот бил свет, богоугоден и чист, бидејќи им се роди Ќерка, посвета од сите светии, Која најмногу од сите Му угоди на Бога и е повозвишена од Херувимите. Во тоа време на земјата немаше побогоугодни луѓе од Јоаким и Ана, заради нивниот беспрекорен живот. Иако во тоа време можело да се најдат и многу други, кои живееле праведно и Му угодувале на Бога, но сепак Јоаким и Ана во сите добродетели ги надминувале сите со својата праведност и светост. Но, како што Самиот Господ требало да се воплоти од Пречиста и Пресвета Мајка, така требало и Мајката Господова да произлезе од свети и чисти родители. Како што земните цареви имаат своја порфира, изработена не од проста материја, туку од златоткајна, така и Небесниот Цар сакаше Неговата Пречиста Мајка, во чие што тело како во царски пурпур Бог требаше да се облече, да биде Родена не од обични невоздржливи родители, како од некоја проста материја, туку од целомудрени и свети, како од златоткајна материја. А праслика на тоа беше старозаветната скинија, која Бог му нареди на Мојсеј да ја направи од пресукан лен и од сина, црвена и пурпурна волна ( 2 Мојсеј 27, 16). Таа скинија ја претставувала Дева Марија, во која Бог, Кој се вселил во неа, требало „да поживее со луѓето“, како што е напишано: „Еве ја скинијата Божја меѓу луѓето и Бог ќе живее со нив“ (Откр. 21, 3). Сиво, црвено и пурпур, од кои била изработена скинијата беа праслика на родителите на Божјата Мајка, Која произлезе и се роди од целомудрието и воздржанието нивно, и од совршенството нивно и исполнувањето на сите заповеди Господови.
Но, овие свети сопружници, по Божја волја долго време беа бездетни, за во самото зачнување и раѓање на таквата Ќерка да се покажат и силата на благодатта Божја, и честа на Родената, и достоинството на родителите. За бесплодната и остарена жена да може да роди, тоа го прави силата на благодатта Божја. Тука не дејствува природата туку Бог, Кој ги победува сите закони на природата и ги раскинува оковите на неплодноста. Да се роди од неплодните и остарени родители - тоа е чест за Родената, зашто Таа се раѓа не од невоздржливи родители, туку од воздржани и остарени, какви што беа Јоаким и Ана, кои педесет години проживеаја во брак, без деца. Најпосле, преку таквото раѓање се открива достојноста и на самите родители, бидејќи тие после долгата бесплодност ја родија Радоста на целиот свет, со што се уподобија на светиот патријарх Авраам и неговата благочестива сопруга Сара, кои според ветувањето Божјо го родија Исак во староста. Но, со сигурност може да се каже дека раѓањето на Дева Марија е повисоко од раѓањето на Исак од Авраам и Сара. Колку што повеќе Дева Марија е поголема од Исак, толку е поголемо достоинството на Јоаким и Ана од достоинството на Авраам и Сара. До ова достоинство тие не дојдоа одеднаш, туку само со многу пост и молитви. Со голема тага на душата и јад во срцето тие Го умолија Бога, зашто тагата ѝ претходи на радоста. И бесчестењето е претходник на честа, и срдечното молење е водач кон добивање богатство, и молитвата е најдобар посредник.
Јоаким и Ана долго време тагуваа и се јадосуваа што немаат деца. Еднаш Јоаким на еден голем празник принесе во Ерусалимскиот храм дарови на Господа Бога, кога и сите Израилци го принесуваа својот дар како жртва на Бога. Но, тогашниот првосвештеник Исахар не сакаше да ги прими даровите на Јоаким, затоа што бил бездетен. Прекорувајќи го, првосвештеникот му рече на Јоаким:
„Не си достоен од твоите раце да се прими дар, зашто си бездетен и го немаш благословот Божји, заради некои тајни гревови свои“.
Така и некој друг евреин, од племето Рувимово, принесувајќи ги со останатите луѓе своите дарови, го прекори Јоаким, говорејќи:
„Зошто ти сакаш пред мене да Му принесеш дар на Бога? Зарем ти не знаеш дека не си достоен да принесуваш дарови заедно со нас, бидејќи не си оставил потомство во Израилот?“
Овие прекори многу го ожалостија Јоаким. Тој си замина од храмот многу тажен, посрамен и понижен. Празникот му се претвори во плач, а празничната радост во тага. Од преголемата тага не се врати во својот дом, туку отиде во пустината кај пастирите на своите стада и таму плачеше заради својата бездетност и заради нанесените навреди и прекори. Но, сеќавајќи се на светиот праотец Авраам, на кого Бог во стари години му даде син, Јоаким започна од срце да Го моли Господа и него да го удостои на таквиот благослов, да биде услишан и помилуван, и да го отстрани од него срамот меѓу луѓето, со тоа што ќе му подари во староста плод на неговиот брак, како некогаш на Авраам, та и тој да може да се нарече татко на дете, а не бездетен и отфрлен од Бога да трпи прекори од луѓето. На оваа своја молитва ѝ додаде пост и четириесет дена не вкуси леб. Јоаким говореше:
„Нема да јадам, ниту ќе се вратам во својот дом, туку солзите ќе ми бидат храна и оваа пустина дом, додека не ме услиша и не ме посети Господ Бог Израилев“.
Исто така и неговата жена Ана, наоѓајќи се во својот дом, кога слушна дека првосвештеникот не сакал да ги прими нивните дарови, укорувајќи ги за бездетноста и дека нејзиниот маж од преголема тага заминал во пустината, неутешно плачеше и говореше:
„Сега сум најбедна од сите: отфрлена од Бога, навредувана од луѓето и оставена од мажот. За што попрво да плачам? Дали за своето вдовство или за бездетноста? Дали заради сиротството свое или што не се удостоив да се наречам мајка?“
И горко ридаше таа во сите тие дни. Нејзината слугинка Јудита се трудеше да ја утеши, но не можеше. И кој би можел да ја утеши онаа, чија што тага стана длабока како море?
Еднаш Ана тажна влезе во својата градина, седна под сенка, длабоко воздивна, па ги крена кон небото своите насолзени очи. При тоа здогледа на дрвото птичјо гнездо со мали пилиња. Овој призор уште повеќе ја зголеми нејзината тага и таа започна со плач да лелека:
„Тешко мене бездетната! Сигурно јас сум најгрешната меѓу ќерките Израилеви, та сум најпонижена од сите жени. Сите носат на рацете плод од утробите свои, сите се утешуваат со децата свои, а единствено јас сум лишена од таа утеха. Тешко мене! Даровите на сите се примаат во храмот Божји и за чедородието им се укажува почит, а само јас сум отфрлена од храмот на мојот Господ. Тешко мене! На кого сум слична? Ни на птиците небесни, ни на ѕверовите земни. И тие, Господи Боже, ти го принесуваат својот плод, а јас сум неплодна. Дури не сум слична ни со земјата. Таа произведува и израснува семиња и принесувајќи плодови Те благословува Тебе, Отецот небесен, а само јас сум единствената бесплодна на земјата. Тешко мене, Господи, Господи! Само јас грешната сум лишена од потомството. Ти, Кој некогаш си ја дарувал Сара во длабока старост со синот Исак, Ти, Кој си ја отворил утробата на Ана, мајката на Твојот пророк Самуил, погледни сега и на мене и услиши ги молитвите мои! Господе Саваоте, Ти го знаеш срамот на бездетноста. Затоа ослободи ја мојата душа од страдањето и отвори ја утробата моја. Мене, неплодната, стори ме плодоносна, за плодот свој да Ти го принесам на дар, и да Те благословувам, да Ти пеам и да го прославувам Твоето милосрдие“.
Додека Ана со плач и ридање така зборуваше, ѝ се јави ангел Господов и ѝ рече:
„Ано, услишана е молитвата твоја, воздишките твои ги надминаа облаците, солзите твои излегоа пред Бога. Еве, ти ќе зачнеш и ќе родиш Ќерка преблагословена, преку Која ќе се благословат сите народи на земјата и преку Која ќе дојде спасението на светот. Името ќе Ѝ биде Марија“.
Штом ги слушна овие ангелски зборови, Ана Му се поклони на Бога и рече:
„Во името на Господ Бог, ако родам дете ќе го дадам во служба на Бога. Тоа нека Му служи Нему и нека го слави светото име Негово и ден и ноќ, во сите денови од својот живот“.
И преполна со неискажлива радост поита кон Ерусалим, за таму да Му принесе на Бога благодарност и молитви, затоа што милостиво ја посети.
Во тоа исто време ангелот му се јави и на Јоаким во пустината и му рече:
„Јоакиме, Јоакиме! Бог ја услиша молитвата твоја и благоволи да ти Ја даде тебе благодатта Своја. Ете, твојата жена Ана ќе зачне и ќе ти роди Ќерка, чие што раѓање ќе биде радоста на целиот свет. И еве ти знак дека ти ја благовестувам вистината. Појди во Ерусалим, кај храмот Божји. Таму кај Златните Врати ќе ја најдеш својата сопруга Ана, на која ѝ е јавено истото“.
Восхитен од ваквата ангелска благовест, Јоаким, славословејќи го Бога и благодарејќи Му со срце и уста за таквото милосрдие, со брзање, со радост и веселба се упати кон Ерусалимскиот храм. Таму, како што му рече ангелот, кај Златните Врати ја најде Ана како Му се моли на Бога и ѝ раскажа за ангелската благовест. Исто така и таа нему му кажа што виде и чу од ангелот, кој ја извести за раѓањето на Ќерката. Тогаш Јоаким и Ана Го прославија Бога, Кој им стори таква мислост, и откако Му се поклонија во светиот храм, се вратија во својот дом.
И зачна света Ана во деветтиот ден на месец декември, а на осми септември ја роди Ќерката, Пречистата и Преблагословена Дева Марија, почетокот и посредничката на нашето спасение. На Нејзиното раѓање се израдуваа и небото и земјата. И Му принесе Јоаким на Бога големи дарови, жртви и паленици, и доби благослов од првосвештеникот, свештениците, левитите и сите луѓе што се удостоија на благословот Божји. Потоа Јоаким приреди во својот дом огромна гозба и сите се веселеа, фалејќи Го Бога.
Дева Марија, Која растеше, родителите ја чуваа како зеница во око, знаејќи, според исклучително откровение Божјо, дека Таа ќе биде светлост за целиот свет и обновување на човечката природа. Затоа тие ја воспитуваа со необично будно внимание, какво што Ѝ доликуваше на Онаа Која требаше да биде Мајка на Спасителот наш. Тие ја сакаа не само како Ќерка, толку долго очекувана, туку и ја почитуваа како своја Госпоѓа, зашто ги паметеа зборовите ангелски, речени за Неа, и провидуваа со духот што ќе биде со неа. А Таа, преполна со благодатта Божја, таинствено ги збогатуваше со таа иста благодат родителите Свои. Како што сонцето со своите зраци ги осветлува ѕвездите небесни, давајќи им од својата светлина, така и богоизбраната Марија, како сонце ги озаруваше со зраците на дадената Ѝ благодат Јоаким и Ана, та и тие беа полни со Духот Божји и цврсто веруваа во извршувањето на зборовите ангелски.
Кога девојчето Марија наврши три години, родителите свечено ја воведоа во храмот Господов, спроведувајќи ја со запалени свеќи. И ја дадоа како дар на Бога, како што беа ветиле. По неколку години од воведението на Марија во храмот, свети Јоаким се претстави во осумдесеттата година од животот. Останувајќи вдовица, света Ана го напушти Назарет и отиде во Ерусалим. Таму живееше кај својата Пресвета Ќерка, молејќи се во храмот Божји. Откако поживеа во Ерусалим две години, света Ана се упокои во Господа, во својата седумдесет и девета година.
О, колку сте благословени вие, свети родители, Јоакиме и Ано, заради преблагословената Ќерка ваша! И двократно сте благословени заради Внукот ваш, нашиот Господ Исус Христос, во Кој ќе се благословат сите народи и сите племиња на земјата! Со право вас светата Црква ве нарекува Богородители, зашто ние знаеме дека од вашата Пресвета Ќерка се роди Бог. Сега, додека стоите во Негова близина на небото, молете се и нам да ни даде дел од Неговата вечна радост. Амин.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК СЕВЕРИЈАН
За време на царувањето на злиот цар Ликиниј, кога од страна на Агрикол, кнезот на Севастија, беа фатени и фрлени во темница Светите Четириесет Маченици, во таа област живееше еден маж, на име Северијан, од знаменито потекло. Северијан беше христијанин. Тој често ги посетуваше светите маченици во темницата и ги бодреше на страдалничкиот подвиг за Христа, така што во нив сѐ повеќе се разгоруваше љубовта кон својот Господ, та ни студеното Севастиско езеро не можеше да го згасне во нив тој пламен. Тие еднодушно го исповедаа Исуса Христа пред мачителот и се упокоија со маченичка смрт во езерото.
По страдањето на мачениците Севастиски, кога наместо Агрикол незнабожниот цар Ликиниј го постави за кнез опакиот и бездушен Лисиј, кој како див ѕвер ги фаќаше христијаните и ја проливаше нивната крв, дојде време и свети Северијан да го изврши истиот подвиг и истата борба на кои тој другите со зборови ги поттикнуваше. На кнезот му пристапија клеветници и му рекоа:
- Честа на нашите големи богови се намалува во овој град преку Северијан, кој не само што не ги почитува и не им се поклонува, туку и многу други наговара да ги бесчестат и понижуваат. Самиот верувајќи во Распнатиот, тој и други учи на таа иста вера и веќе многу луѓе повлекол по себе. Ако не го погубиш, наскоро сиот град ќе тргне по него. При тоа ќе се разгневат боговите и ќе го напуштат градот, а кога ќе слушне царот за тоа, нема да нѐ поштеди.
Кнезот Лисиј веднаш испрати свои слуги да го фатат Северијан и да го доведат кај него. А војникот Христов, без да ги чека испратените, самиот бестрашно излезе пред кнезот и започна да му зборува:
- Зарем не ти е доволна, кнезу, твојата гибел, па сакаш и нашите души да ги погубиш и како некаква добивка да ги предадеш на твоите бесови? Но, знај дека овде имаш работа со храбри луѓе, а не со малодушни и бојазливи, зашто за мене животот е Христос а смртта е добивка.
Кнезот Лисиј молчеше за кратко, а потоа погледна во слугите пред себе и, покажувајќи им со раката кон Северијан, јаросно им рече:
- Фатете го и со сирови жили тепајте го, за да се научи смерно да зборува пред власта.
Додека го тепаа, светиот беше весел што се удостои да прими рани за Христа, и пееше псалми како олеснување во маките:
„По плеќите мои грешниците ораа, го продолжија беззаконието свое“ (сп. Псалм 128, 3).
Штом виде дека неговите слуги се заморија, а маченикот и понатаму е со светло јуначко лице, мачителот нареди да престанат да го тепаат, па им рече:
- Ете, сега од раните што ги доби можеш да видиш дека твојот Христос не ти носи никаква утеха, ниту некое добро.
Маченикот одговори:
- Ако ти не беше помрачен, јас би ти покажал колку богатства ќе имам во Христа за моите страдања. Но, сега, при твоето безбожие, што би постигнал ако на слепиот му палам свеќа и на глувиот му пеам песна? О, судијо! Кога ти не би бил слеп и глув, би ја познал благодатта Христова и силата која ме крепи.
Ваквите зборови уште повеќе го разгневија мачителот и веднаш нареди да го обесат на дрво и да му го стругаат телото со железни нокти. Среде тие тешки маки светителот се молеше на Бога:
- Исусе Христе! Ти, Кој некогаш си бил обесен на крст и си ја срушил вражјата гордост, и сѐ до сега си славен за сите Свои прекрасни дела, дојди и помогни ми. Сотри ја силата на злобниот мачител, исцели ги моите рани и дај ми добро да го завршам овој маченички подвиг!
И се менуваа слугите, и после долгите мачења, на заповед од царот го симнаа од дрвото и го поведоа кон темницата. По пат светиот маченик се покажа красноречив говорник, и како да не чувствува болки, се фалеше со раните здобиени за Христа. Кога минуваше среде градот меѓу мноштво народ, тој со своето светло лице укажуваше на своите рани и зборуваше:
- Гледајте ме, о, луѓе, и видете во какво блаженство се наоѓам сега. Мислите дека сум најнесреќен и најбеден човек, зашто сум лишен не само од времениот чин и богатството, туку и од самото здравје. Меѓутоа сега јас сум поблажен од сите вас. Овие мои рани за Господ Исус Христос за мене се послатки од секоја земна сласт. Ова течење на крвта ми е подрагоцено од секоја царска порфира, а ова мое страдање за мојот Господ ми е попријатно од сите ваши уживања, кои вие толку ги сакате. А поранешниот висок чин и богатството не се ништо друго освен суета и прашина, и залажување во овој свет. Да се наречам маченик Христов, за мене е пославно од секое царско достоинство, а да се лишам од моите богатства заради Христа, за мене е подрагоцено и побогато од сите царски ризници на земјата. Та и самото мое телесно здравје, и сила и убавина, кои порано ги поседував, не се ништо друго освен едноставно страдање, слабост и грдост? А ако сега моето тело не е изнарането за Христа и облиено со крв, тогаш не би било мое тело, туку оков и темница за мојата душа. Сега, кога ме растргнуваат за Христа, тоа навистина е мое тело, кое е здраво и силно кога за Христа го убиваат. Сега е со мене убавината моја, кога немам изглед на човек, туку сиот сум една единствена рана, како што и мојот Господ Исус Христос беше сиот изнаранет. Се радувам и за своите страдања, зашто го довршувам недостатокот на неволјите Христови во телото свое (сп. Кол.1,24). Додека ги гледате моите рани, знајте дека е невозможно ни со умот да се достигнат, ни со збор да се искажат оние богатства, кои Бесмртниот Цар и сега им ги дава на оние што страдаат за Него, и ги чува на небото за навек. Дури и самото страдање за Христа - слатко е; а да се умре за Него - е уште послатко. О, пријатели, ако меѓу овој неверен народ има некои од верните слуги Христови, тогаш вие крепете ги своите срца и со бестрашни души јуначки држете се. Нека не ве раздели од преслаткиот наш Господ Исус никаква мака. Нека не ве исплаши остриот меч вперен кон вас, ни вжештената печка, ни бесот на ѕверовите! Нека не ве заведе ни ласкањето на мачителот, ни ветувањето на подароци и чинови. Сето тоа згазете го како ѓубре, за да зацарите со Христос.
Додека Северијан така зборуваше, по него одеше многу народ. Слушајќи ги неговите корисни зборови, народот го допрати до самата темница. Фрлен во неа, војникот Христов ликуваше како во светла палата и го целиваше местото каде Светите Четириесет Маченици беа за Христа затворени, кај кои што тој порано често доаѓаше и разговараше. Остана тука пет дена, па повторно беше изведен на суд. А Лисиј, волк во овчја кожа, се преправаше како да го сожалува светиот маченик и започна лукаво да му зборува:
- Види ги сите богови, Северијане, па да ти стане жал. Многу се чудам, како ти, како добар и угледен човек, доброволно се лишуваш од овој сладок свет. Ќе се восхитувам на твојата сила и јунаштво, само кога ти би ги употребил против непријателот. Но, да се бориш со железо и оган, со ѕверови и камења и така да ја трошиш својата сила, тоа навистина е безумие. И ете, силата ти е скршена и телото раскинато. Мачителот сакаше со лукавство да го измами вистинскиот слуга Христов, но тој јуначки му одговори:
- Не штеди го моето тело покриено со рани, туку додај ми уште поголеми маки. Покрај тепањето и стругањето на телото, и со камења засипај ме, и со оган изгори ме, и прави сѐ што сакаш, но знај дека никогаш нема да ме разделиш од мојот Господ. Попрвин ти ќе се измориш мачејќи ме, отколку јас, трпејќи маки за мојот Христос. Тогаш мачителот повторно и се предаде на својата јарост и нареди да го тепаат со камења по устата, говорејќи:
- Не носи го Христос на јазикот свој и не досадувај им на моите уши со тоа име. А светиот маченик со крвава уста од ударите, одговори:
- Беднику, ти и душата своја си ја направил живеалиште на ѓаволите, па затоа твојот слух не може да го поднесе името Христово.
Мачителот повторно нареди да го обесат на дрво и со железни нокти да му го стругаат телото. Притоа говореше:
- Единствена тешка рана за мене е раната што разделува од Христос. А сите овие рани за мене се наслада а не страдање, зашто ме разделуваат од земното и ме соединуваат со Христос.
Кнезот му рече:
- Северијане, принеси им жртва на боговите, па ќе бидеш ослободен. На тоа маченикот не одговори, туку тивко си велеше: „Сегашните страдања се ништо во споредба со славата која ќе ни се јави“ (Рим. 8, 18).
Лисиј, сметајќи го за лична навреда и тоа што маченикот не му возврати, измисли ново мачење за него. Го симна од дрвото, го одведе на градските бедеми, му врза тежок камен за вратот, а друг за нозете, телото му го опаша со јаже и така го обеси да виси. Така висејќи, светиот маченик ја предаде својата душа во рацете на Подвигоположникот Господ Христос. Некои од христијаните го симнаа ноќе светото тело и го понесоа кон неговото родно место. Кога со псалми и молитви наближуваа до селото во кое беше куќата на свети Северијан, речиси сите жители излегоа да ги пречекаат. Итаа стари и млади, притекнувајќи се еден со друг, што побрзо да добијат благослов од многустрадалниот угодник Божји. Само жената на еден од Северијановите слуги остана дома, плачејќи над телото на својот маж, кој само што беше умрел и лежеше сѐ уште непогребан. Таа лелекаше над него, говорејќи му како на жив:
- Еве, нашиот господин се приближува до домот и сите излегоа да го дочекаат, само ти не излезе, а и јас заради тебе. Стани и излезе да го пречекаме.
Само што ги изговори овие зборови со плачење, мртовецот веднаш стана како од сон, и тргна да ги пречека чесните мошти на светиот маченик Северијан. Тој падна пред нив и со радост го целиваше светото тело на својот господин. А луѓето, гледајќи дека мртовецот воскреснал со доаѓањето на светото тело во нивното село, поразени од чудото Го прославија Бога и започнаа со уште поголемо усрдие да ги целиваат светите мошти.
Во однос на погребението настана спор меѓу жителите на тоа село. Едни сакаа да го погребаат на едно, други на друго место. А пак врз моштите на свети Северијан имаше венец, исплетен од прекрасни цвеќиња. Тогаш ненадејно долета орел, го зеде тој венец, полека излета и бавно летајќи се спушти недалеку на земјата. Луѓето тргнаа по орелот. Кога му се приближија, тој полека летна со венецот понатаму. Народот повторно тргна по него. Така орелот ги одведе до тамошната пустина. И тука, спуштајќи се на една висока прекрасна гора, го остави венецот и одлета. Штом го најдоа венецот луѓето сфатија дека е Божја волја тука да почива светото тело на маченикот Северијан, па ги зедоа светите мошти и чесно ги погребаа на таа гора. На гробот негов се случуваа многу исцеленија.
Гореспоменатиот пак слуга, кој воскресна при средбата со светите мошти на свети Северијан, по своето воскресение поживеа уште петнаесет години и постојано беше крај гробот на својот господин, па потоа се упокои во мир.
За сето ова слава Му на Едниот во Троица Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин.
СПОМЕН НА БЛАЖЕНИОТ НИКИТА, тајниот угодник Божји
Еден благочестив свештеник и еден богобојазлив ѓакон се сакаа еден со друг со божествена љубов. Но, под дејство на ѓаволските сили, нив ги обзеде омраза и непријателство и тие долго време останаа во таквото непријателско расположение. Притоа се случи свештеникот да умре во таа омраза. Тоа многу го вознемири и ожалости ѓаконот, кој се викаше Созонт, и тој неутешно тагуваше што не се помири со свештеникот додека беше жив и што не си простија. Измачуван од совеста, ѓаконот ја исповедаше својата мака на неколкумина угледни отци и тие го посоветуваа да појде во пустината, да најде таму монаси пустиници, да го исповеда својот грев и да добие лек. Со голема подготвеност ѓаконот го послуша овој совет и тргна, минувајќи ги пустинските места и барајќи лекари за раната на своето срце. И најде еден старец, голем во доблестите и свет, му го исповедаше гревот на гнев и непријателство спрема свештеникот и го молеше да го отпушти. А старецот му рече:
- Брате, секој кој со вера бара, тој добива, и кој срдечно чука нему му се отвораат вратите, според нелажливите зборови Господови. Затоа Господ и тебе, мили, ќе те разреши од таа мака, само ако тоа го бараш од Него истрајно и со болка во срцето. Затоа сега врати се од каде што си дошол. Врати се во Цариград. Таму ноќе појди кај големата црква Света Софија, застани кај красните врати на храмот, и на оној што прв ќе го видиш да дојде пред тие врати поклони му се, поздрави го од мене и предај му го ова запечатено писмо. Тој човек без сомнеж ќе те ослободи од твојот грев.
Извршувајќи ја наредбата на овој свет старец, својот духовен отец, ѓаконот се врати во Цариград. Ноќта околу полноќ, тој застана крај вратата на црквата Света Софија и го очекуваше доаѓањето на непознатото лице. И набрзо се појави божествениот човек, означен од старецот. Ѓаконот му се поклони, го поздрави и му го предаде писмото од старецот. Во исто време ѓаконот му го исповедаше својот грев, маката своја. А на тој божествен маж, додека го слушаше ѓаконовото кажување, го читаше старчевото писмо и размислуваше за тоа, солзи му се слеваа по лицето и говореше:
- Кој сум јас ништовниот, да се дрзнам на толку големо дело? Но, надевајќи се на молитвите на светиот старец, кој те испрати, јас ќе се осмелам на она што е над моите сили.
Откако го рече тоа, како што стоеше пред заклучените врати, ги крена рацете кон небото и се молеше, шепотејќи. Потоа клекна, ја стави главата на земјата и тивко се молеше на Бога. По кратко време стана и рече:
- Отвори ми ја вратата на милоста Своја, Господи!
И веднаш надворешните врати на папертата од храмот сами се отворија. Тогаш тој заедно со ѓаконот влезе во папертата. Пристапувајќи кон самите црковни двери, овој свет човек му рече на ѓаконот:
- Стој тука и немој да се помрднуваш!
А самиот го изврши вообичаениот поклон на прагот црковен. И дверите се отворија и тој влезе внатре. А кога влезе се јави прекрасна глетка. Одозгора, од сводот на храмот се спушти над главата на овој чудесен човек запален свеќник и ја осветли црквата, и каде што тој одеше свеќникот го следеше. А кога дојде кај светиот олтар, и таму дверите сами се отворија. И откако и таму ја наведна главата и се помоли, тој тивко отиде кај ѓаконот и веднаш сите врати сами од себе се затворија.
Гледајќи го сето тоа, ѓаконот се запрепасти и не смееше да му се приближи на таквиот чудесен човек. Сиот трепереше од страв. Освен тоа, ѓаконот виде како лицето на овој човек блеска во слава, како лице на ангел. Тој си помисли во себе: „Овој сигурно е ангел а не човек“.
Меѓутоа, тој чудесен човек, гледајќи ги помислите на ѓаконот, му рече:
- Зошто те смутуваат помисли за мене, човеку? Верувај, јас сум земен човек, составен од душа и тело, како и останатите луѓе. По занимање сум хартулариј во една благочестива куќа и од таа работа се издржувам. Но благодатта Божја, која сѐ мудро управува, често има обичај преку ништовните да чини големи чудеса. Туку ајде, брате, на патот кој треба да го изодиме.
И тој со ѓаконот тргна кон плоштадот. Кога стигнаа пред црквата Пресвета Богородица, тој повторно се помоли на Бога и со својата молитва ја отвори вратата, влезе во храмот, отиде до светиот олтар, ја изврши вообичаената молитва, па се врати кај ѓаконот, кој со восхит изговараше:
- Господи, помилуј!
И вратите повторно сами се затворија. Потоа се упатија кај Влахернската црква, а подоцна пак ѓаконот кажуваше дека ова нивно одење по црквите било толку брзо, што личело на птичји лет. А кога стигнаа кај Влахернската црква, светиот хартулариј пред нејзините врати се помоли на Бога и веднаш и овие врати сами се отворија. Откако го постави ѓаконот на вратите и му нареди внимателно да набљудува внатре, овој свет маж влезе во црквата, клекна на колена и топло се молеше. А ѓаконот, стоејќи на вратите од црквата и набљудувајќи, ја виде црквата сета осветлена. Потоа јасно виде еден блескав ѓакон, кој со кадилница излезе од светиот олтар и ја покади целата црква. По кратко време виде лик на свештеници, облечени во многу блескава облека, па уште еден лик свештеници, облечени во пурпурна облека. Сите тие излегоа од олтарот, застанаа во два хора и пееја многу слатки и чудесни песни, од кои ѓаконот не можеше ништо да запамети освен „Алилуја“.
А кога чудесниот хартулариј ја заврши својата молитва, излезе кај ѓаконот и му рече:
- Влези во црквата без да се плашиш, погледни во левиот хор од свештеници и види дали е меѓ у нив свештеникот со кој си бил во непријателство.
Ѓаконот влезе во црквата со страв и трепет, го разгледа левиот хор, па отиде кај Божјиот човек и рече:
- Не можев да го најдам свештеникот со кој бев во непријателство.
Тогаш овој земен ангел му рече на ѓаконот повторно да влезе во црквата и да го разгледа десниот хор. Ѓаконот постапи според наредбата и го здогледа таму бараниот свештеник, па излезе кај божествениот хартулариј и му го кажа тоа. А тој му рече:
- Ако си сигурен дека тој е свештеникот кого го бараш, оди кај него и кажи му: Никита хартуларијот стои надвор и те вика.
Ѓаконот постапи според наредбата, го фати свештеникот за десната рака и го доведе кај Божјиот човек. А овој погледна благо во свештеникот и кротко му рече:
- Господине презвитере, помири се со братот ѓакон, бидејќи за време на животот на земјата не си стигнал да се помириш.
И веднаш свештеникот и ѓаконот си направија еден на друг метанија, се помирија и така го прекинаа непријателството. Потоа свештеникот влезе во црквата и застана на своето место во хорот. А човекот Божји Никита изговори на прагот на црквата молитва и Божјата сила веднаш ја затвори вратата. Потоа го поведе ѓаконот и тргна назад по истиот пат. Откако изминаа дел од патот, блажениот Никита застана и му рече на ѓаконот:
- Брате, спасувајќи, спаси ја душата своја, а на светиот старец, кој те испрати кај мојата ништовност кажи му: Чистотата на молитвите твои и слободата што ја имаш пред Бога можат и мртви да воскреснуваат, а камоли браќа да помируваат.
Откако го рече тоа, блажениот Никита исчезна од пред очите на ѓаконот. Ѓаконот се поклони на местото на кое што стоеја светите нозе на Божјиот човек, и сиот возбуден и радосен отиде кај светиот старец пустиник, својот духовен отец, и му раскажа сѐ, славејќи Го и благодарејќи Му на Бога, што се удостои на прекрасен и чудесен начин да се помири со преминатиот свештеник, по молитвите на тајниот Божји слуга Никита хартуларијот, кој толку Му угодил на Бога среде народот и вревата.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ТЕОФАН, постникот и исповедник
Свети Теофан е роден од свети родители и уште од детството поверува во Христа на чудесен начин. Уште како многу мал Теофан виде едно дете како умира од студ, се сожали на него, ја симна од себе наметката и го облече малото. А кога потоа се врати дома, татко му го праша:
- Чедо, каде ти е наметката?
- Го облеков Христос со неа, - мудро му одговори светото дете.
- А Кој е Тој Христос? - праша таткото. - Ние елините ги почитуваме Меркур и Аполон.
Тогаш свети Теофан се одрече од својот татко незнабожец и безбожец. Заедно со тоа му се јави ангел Господов, го зеде и го одведе на планината Диавис, и таму го предаде на еден подвижник, кој веќе седумдесет и пет години беше поминал во монашкото подвижништво. Стариот подвижник го прими малиот и започна да го учи во монашкиот подвижнички живот и светите книги. И двајцата, и учителот и ученикот, ги хранеше ангел Божји. По пет години старецот подвижник отиде кај Господа, а ученикот Теофан остана во истиот подвижнички живот на својот учител, педесет и осум години. Потоа, со наредба на ангел Божји, тој излезе од пештерата, седна врз еден лав и така патуваше шеесет милји, проповедајќи ја насекаде верата Христова. Царевите Кар и Карин наредија да го фатат свети Теофан и да го тепаат. Му удрија сто удари по лицето, а потоа го подложуваа на разни мачења. Кога мачителите видоа дека преподобниот врши многу чуда и многу луѓе доаѓаат кај него и се крштеваат од него, тие се посрамија и го оставија да живее според својата волја. Свети Теофан се врати во својата пештера и поживеа во неа уште седумнаесет години, па отиде кај Господа кога имаше седумдесет и пет години.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ТРЕТ ВСЕЛЕНСКИ СОБОР
Овој свет Собор се одржал во 431 година во Ефес, за време на царот Теодосиј Младиот. На Соборот присуствувале 200 свети Отци. Соборот го осудил Несториј, патријархот Цариградски, заради еретичкото учење за Господ Исус и за Пресвета Дева Марија. Всушност, Несториј учел дека Христос е човек, а не воплотен Бог и дека Пресвета Богородица не Го родила Бога туку човекот Христос и дека со тоа Таа е Христородица, а не Богородица. Откако го осудиле Несториевото учење, светите Отци го утврдиле евангелското учење дека Света Дева Го родила вистинскиот Бог и дека со тоа навистина е Богородица. Освен тоа светите Отци ги потврдиле одлуките на Првиот и Вториот Вселенски Собор, особено Никејо-Цариградскиот Символ на Верата, со заповед дека никој не смее од овој Символ нити нешто да одзема, нити нешто да додава.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЈОСИФ ВОЛОКОЛАМСКИ
Свети Јосиф беше родум од околината на градот Волока Ламскиот. Неговиот прадедо беше од литванско потекло, а родители му се викаа Јован и Марин. Кога имаше седум години го дадоа во училиште и тој набрзо го изучи Божественото Писмо и започна многу често да оди во црква. Не минуваше време со своите врсници туку постојано се трудеше да Му угоди на Бога. Откако ја увиде минливоста на овој свет, тој отиде во Боровск, во манастирот на преподобниот Пафнутиј, кој го пострижа во монашкиот чин. Времето го минуваше во пост и молитва и стана искусен подвижник, во сѐ покорувајќи му се на својот духовен наставник. По некое време го зеде кај себе во манастирот својот татко по тело, го замонаши и му служеше сѐ до неговата смрт. И неговата мајка исто така стана монахиња, со името Марија. Преподобниот Јосиф помина осумнаесет години во покорност и послушание кај свети Пафнутиј. По смртта на својот свет учител и наставник, преподобниот Јосиф стана игумен на неговиот манастир и управуваше со него околу две години. Потоа со некои од браќата се повлече во шумата што го опкружуваше градот Волок Ламски. И таму изгради манастир и во него подигна камена црква во чест на Успението на Божјата Мајка. Тука тој собра многу браќа и воспостави мноту строго општожитие. Сите имале подеднаква облека и обувки. А пак самиот преподобен се облекуваше како просјак, така што никој не можеше да го распознае како игумен. Ревносно се бореше против ереста „јеврејствујучих“ и напишал книга против неа. Освен тоа напиша и устав за својот манастир. За време на глад неговиот манастир прехрани многу сиромашни. И така, добро подвизувајќи се, Му угоди на Бога и се претстави на 9 септември 1515 година, во времето на великиот кнез Василиј Јоанович, кога имаше седумдесет и пет години. Неговото свето тело го положија близу олтарот на соборната црква во неговиот манастир. Московскиот собор во 1578 година го вброил во ликот на светиите. Житието му го напишал Доситеј Топарков.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК СТРАТОР
Овој свет маченик беше врзан за два кедра и раскинат на два дела. Така пострада за Господ Христос.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЈОАКИМ
Го основал Опочскиот Илиински манастир во Псковската губернија. Се подвизувал кон крајот на шеснаесетиот и почетокот на седумнаесетиот век. Неговите свети мошти почиваат во црквата на неговиот манастир.