23. Септември (10. Септември)
ЖИТИЕ И СТРАДАЊЕ НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЧКИ: МИНОДОРА, МИТРОДОРА и НИМФОДОРА
Трите девојки сестри: Минодора, Митродора и Нимфодора, се принесоа себеси како дар на Пресвета Троица. Некои Му принесуваат на Бога подароци од своите имоти, како што некогаш трите источни цареви Му принесоа злато, темјан и смирна (Матеј 2, 11), а овие свети девојки Му принесоа на Бога дарови од своите внатрешни ризници: наместо злато, Му ги принесоа своите души, искупени не со гнилежно злато, туку со скапоцената крв на незлобивото Јагне (1 Петар 1,19); наместо темјан, Му ја принесоа својата чиста совест, говорејќи заедно со апостолот: ние сме Христов мирис (2 Кор. 2,15); наместо смирна, како дар на Господа Му го принесоа самото тело, предавајќи го на страдање за Христа во чиста девственост. Светите девојки добро знаеја дека Господ не ги бара од нас нашите времени богатства, туку нас самите, според зборовите Давидови: „Ти си Господ мој, Ти не ги бараш богатствата мои“ (Псалми 15, 2). Затоа, тие и Му се принесоа самите себеси како жртва на Бога, што јасно го покажува нивниот свет живот и јуначкото страдање.
Овие свети девојки се родени во Витинија. Како сестри по тело, тие станаа сестри и по дух. Еднодушно одбраа да Му служат на Бога, а не на светот и неговите таштини. Сакајќи, пак, со душата и телото да се зачуваат неосквернети и во совршена чистота да се соединат со чистиот Младоженец свој, Господ Христос, светите девојки го послушаа Неговиот повик: „Излезете од нивната средина и одделете се, и не допирајте се до нечисто, и Јас ќе ве примам“ (2Кор. 6, 17). Сакајќи ја над сѐ девствената чистота и добро знаејќи дека не е лесно да се сочува среде народот, наклонет на блуд и постојан грев, светите девојки се повлекоа во едно осамено место. Како што речните води се влеваат во морето и штом се соединат со морската вода ја губат својата сладост и стануваат солени, така и чистотата на душите и телата, живеејќи среде светот како во море, не може а да не се напие од солената вода на сластољубието. Така Јакововата ќерка Дина ја чуваше својата девствена чистота додека не отиде во незнабожечкиот град Сихем, а кога се запозна со ќерките на тамошните жители и започна да се дружи со нив, веднаш го погуби своето девство (1Мојсеј 34,1). Овој свет со своите три ќерки: похотата на телото, похотата на очите и гордоста на животот, е несреќен Сихем и не знае ништо друго освен да им наштетува на оние што ќе се прилепат за него. Како што катранот ги оцрнува оние што ќе се допрат до него, така и светот своите љубители ги прави извалкани и нечисти. Затоа блажен е оној кој бега од светот, за светот да не го извалка со своите нечистотии. Блажени се и овие три девојки, кои побегнаа од светот и од неговите три споменати зли ќерки. Нивните нечистотии не ги извалкаа светите девојки и тие станаа бели и чисти гулабици, летајќи на крилјата на добродетелите и боговиденијата по горите и пустините, и чезнеејќи во божествената љубов да најдат засолниште како во гнездо, бидејќи кај пустиниците, кои живеат надвор од светот има постојан стремеж кон Бога.
За свое живеалиште светите девојки избраа еден висок и пуст рид во близина на топлите води во Питиама. Се населија и живееја во пост и непрекинати молитви, и така најдоа тивко пристаниште и прекрасен покој за својата девствена чистота. Ја сокрија во пустината и ја качија на висок рид, за да биде невидлива за луѓето, а видлива за ангелите. Се качија на врвот на гората, за откако ќе го истресат земниот прав од своите нозе, полесно да се приближат до небото. За тоа колку доблесно било нивното живеење, може да се види според местото на нивниот престој. Што означува пустината, ако не отфрлање на сѐ и осаменост? За што сведочи ридот, ако не за нивното богомислие? Што отсликуваат топлите води, близу кои живееја тие, ако не топлината на нивните срца кон Бога? Како што израилците одеа низ пустините откако се избавија од египетското ропство, така и овие свети девојки, откако излегоа од светот го засакаа пустинскиот живот. И како што Мојсеј, искачувајќи се на гората Го виде Бога, така и тие, живеејќи на висок рид, телесните очи кон Бога ги креваа и со умните очи јасно Го гледаа. Како што во пустината со ударот во камен, вода вадеа, така и кај овие свети девојки од смиреното удирање во градите се излеваа потоци солзи од нивните очи. Овие топли солзи имаат таква сила, со каква што не располагаа изворите на топлите води. Тие можеа да ја измијат само телесната нечистотија, а солзите ги чистеа душевните пороци и ја правеа душата побела од снег. Но, што имало да чистат солзите кај оние, кои, откако се очистија себе си од секоја нечистотија на телото и духот, живееја на земјата како ангели? (сп. 2 Кор. 7, 1). Ако во нечие срце од сеќавањето на многуте гревови и се роди умиление и солзи, кај овие чисти девојки солзите течеа од љубов кон Бога. Таму каде што гори божествениот оган, таму е невозможно да нема солзи. Таква е силата на тој оган, та кога ќе се разгори во нечие срце како во печка, тогаш колку што расте пламенот толку и росата се зголемува. Колку е голема љубовта, толку е големо и умилението. Солзите се раѓаат од љубовта. Затоа и за Христа, кога плачеше за Лазар, зборуваа: „Гледајте колку Го љубеше“ (Јован 11, 36). Плачеа светите девојки во своите молитви и богоразмислувања, бидејќи Го љубеа својот Господ и сакаа да се наситат со гледањето на лицето Негово. Со солзите тие го очекуваа времето кога ќе го видат својот возљубен небесен Младоженец. Секоја од нив ги повторуваше Давидовите зборови: „Кога ќе дојдам и ќе се јавам пред лицето Божјо? Солзите ми се леб и ден и ноќ“ (Пе. 41, 3-4).
Светите девојки како да говореа: „Ден и ноќ лиеме солзи, бидејќи се одолговлекува времето кога треба да заминеме и да се јавиме пред лицето на преслаткиот наш Исус Христос. Толку силно чезнееме да се наситиме да Го гледаме Него, како што кошутата чезнее за водените извори“.
Иако со ваквиот исклучителен живот светите девојки потполно се странеа од светот, сепак Бог ги обелодени пред луѓето, зашто не може да се сокрие град на врв планина (Матеј 5, 14). Чудесните исцеленија на болните, кои се случуваа по молитвите на светите девојки, како силни труби го пронесоа гласот за нив по целиот тој крај. Во тоа време царуваше незнабожниот Максимијан, а со таа витиниска област управуваше кнезот Фронтон. Штом слушна за светите девојки, кнезот веднаш нареди да ги фатат и да ги доведат кај него. Овците Христови, на кои пустинските ѕверови не им нанеа никакво зло, беа фатени од ѕвероликите и ѕвероподобни луѓе и доведени пред мачителот. Трите девојки застанаа пред незнабожечкиот суд, како три ангела. А би требало тие да стојат не пред луѓе, туку пред Самиот Бог во Троица славениот, зашто очите на грешните луѓе беа недостојни да гледаат во лицата нивни, кои блескаа со ангелската убавина и благодатта на Светиот Дух. Мачителот се восхитуваше како таквата убавина, каква што тој никогаш не видел ни во царските дворци, можела да се сочува во пустината. Ако телата на светите девојки беа целосно исцрпени и исушени од многуте трудови и постови, сепак нивните лица не ја изгубија својата девствена убавина, туку уште повеќе ја стекнаа. Срцата им беа полни со духовна радост и веселба и во нив не можеше да свене убавината на лицето, според зборовите на Светото Писмо: „Кога срцето е весело лицето цвета“ (Изреки 15, 13), И во воздржанието има нешто такво, што наместо истоштеноста ја краси убавината на лицата човечки, како што тоа се случи со Даниил и Трите Момчиња, зашто тие, иако живееја во пост и воздржание, со својата убавина ги надминуваа сите момчиња на царскиот дворец. Истото се случило и со светите девојки, та убавината на овие цветови на пустината, ќерките Божји, која ја надминуваше секоја убавина на ќерките човечки во светот, беше необјаснива за човечкиот ум.
Кнезот најпрвин ги праша светите девојки како се викаат и од каде се. Тие одговараа дека според името Христово се викаат христијанки, а на крштението им се дадени имињата Минодора, Митродора и Нимфодора. Дека се родени сестри и дека се од Витинија. Тогаш кнезот продолжи да зборува и, надевајќи се дека со ласкање ќе ги придобие, им говореше:
- Прекрасни девојки, вас нашите големи богови ве засакаа и со ваква убавина ве обдарија. Тие се спремни да ве обдарат со уште поголеми богатства, само ако им оддадете почит и заедно со нас им се поклоните и им принесете жртви, а јас ќе ве пофалам пред царот. А кога ќе ве види, царот ќе ве засака и ќе ве обдари со многу подароци, па ќе ве омажи за свои великодостојници и вие ќе бидете попочитувани, побогати и пославни од останатите жени.
Тогаш најстарата сестра Минодора ја отвори својата молчалива уста и рече:
- Бог нѐ створил и нѐ украсил според ликот Свој. Ние Нему Му се поклонуваме, а за други богови не сакаме ни да чуеме. Вашите подароци и почести за нас се ѓубре, кое треба да се згази. Ти нам уште и високородни мажи од твоето царство ни ветуваш! Но, кој може да биде подобар од нашиот Господ Исус Христос, со Кого со верата се свршивме, со чистотата присоединивме, со душата прилепивме и со љубовта соединивме? Тој е наша чест, слава и богатство. И од Него нас не само ти и царот, туку ни сиот свет нема да може да нѐ раздели.
А Митродора рече:
- Каква е користа за човекот ако и сиот свет го придобие, а на душата своја ѝ наштети (Матеј 16, 26)? Што е овој свет за нас во споредба со возљубениот Младоженец и Господ наш? Исто што и калта во споредба со златото, темнината во споредба со сонцето, горчината во споредба со медот. Зарем ние заради сластите на овој свет ќе ја изневериме љубовта Господова и ќе ги погубиме своите души? Никогаш!
- Многу зборувате вие, - рече мачителот, - зашто немате видено мачења и не сте се здобиле со рани. Кога ќе ги запознаете, поинаку ќе зборувате!
Најмладата сестра Нимфодора храбро одговори:
- Зарем ти мислиш да не исплашиш со мачења и лути рани? Собери ги овде од целата вселена сите алатки за мачење, мечеви, колци, железни нокти, свикај ги сите мачители од целиот свет, соедини ги сите врсти на мачења врз нашите слаби тела, па ќе видиш дека попрво сите тие орудија ќе се сокршат, на сите мачители рацете ќе им се изморат и сите врсти на мачења ќе се исцрпат, отколку ние да се одречеме од нашиот Христос, за Кого горките маки за нас ќе бидат сладок рај, а времената смрт вечен живот.
Но, кнезот им рече:
- Како татко ве советувам, деца, послушајте ме и принесете им жртва на нашите богови. Вие сте родени сестри и затоа немојте да посакате една со друга да се видите во срам, бесчестење и мачења и да ја видете својата убавина изобличена. Зарем не ви ја зборувам вистината? Зарем не ви користат моите зборови? Навистина ви давам татковски совет, зашто не сакам да ве видам разголени, тепани, раскинати и сечени на парчиња. Затоа, исполнете ја мојата волја, за да ја стекнете не само мојата, туку и благонаклонетоста на царот, та откако ќе ги примите сите богатства, среќно да го проживеете својот живот. Ако не ме послушате, веднаш ќе ве подложам на горки мачења и тешки страдања и вашата убавина ќе пропадне.
На овие зборови Минодора одговори:
- Судијо! Ниту ни е пријатно твоето ласкање, ниту пак ни е страшно твоето заканување. Знаеме дека насладувањето со вас на богатство, слава и сите времени уживања е подготовка за вечни маки во пеколот, а да се трпат за Христа времени мачења значи да се заслужи вечна радост на небото. Среќата што ти ни ја ветуваш е непостојана, исто како и маките со кои ни се закануваш. Маките што ги подготвил Господ за оние што Го мразат се вечни, а обилноста на милоста за оние кои Го љубат е безгранична. Затоа не ги сакаме вашите минливи богатства, ниту пак се плашиме од вашите привремени маки, туку од пеколните, и гледаме во небесните богатства, бидејќи се вечни. Но, најважно е дека ние Го љубиме Христа, нашиот Младоженец, и затоа еднодушно сакаме да умреме за Него, и тоа да умреме заедно, за да се види дека ние сме сестри повеќе по дух отколку по тело. И како што нѐ родила една утроба, така и една маченичка смрт за Христа да нѐ изведе од овој свет и да нѐ прими една палата Спасова. Така за навек ќе останеме заедно.
Потоа ги крена очите кон небото, воздивна и рече:
- Исусе Христе, Боже наш! Ние нема да се одречеме од Тебе пред луѓето, не одрекувај се ни Ти од нас пред Отецот Твој, Кој е на небесата.
Потоа повторно му се обрати на мачителот со зборовите:
- Ајде, судијо, мачи нѐ! Удри со рани по нашите тела, кои ти изгледаат убаво. За нашето тело не може да има поубав украс од раните за нашиот Христос, кои одамна сакаме да ги примиме.
На тоа кнезот ѝ рече:
- Иако ти си најстара по години и разум, и си должна да ги учиш другите да се покоруваат на царските наредби, сепак ти и самата не слушаш и другите ги расипуваш. Те молам, послушај ме, исполни ја наредбата, поклони им се на боговите, за и твоите сестри да го сторат тоа.
Но, светителката му одговори:
- Залудно се трудиш, кнезу, залудно се мачиш да нѐ разделиш од Христа. Ниту јас, ниту моите сестри нема да им се поклониме на идолите, кои вие ги нарекувате богови, зашто во нас има една душа, една мисла и едно срце, кое Го љуби Христа. Те советувам, не троши повеќе зборови, туку испитај нѐ на дело: тепај нѐ, сечи нѐ, печи нѐ, кини нѐ на парчиња, па тогаш ќе видиш дали ќе ѝ се покориме на твојата наредба. Ние сме Христови и подготвени сме да умреме за Христа.
Од овие зборови кнезот Фронтон многу се разјари и сиот гнев го изли врз Минодора. Тој веднаш нареди двете помлади сестри да ги одведат, а Минодора да ја разголат и четири џелати да ја тепаат. Додека ја тепаа светителката, објавувачот викаше:
- Оддај им почитување на боговите и пофалба на царот и не омаловажувај ги законите негови!
Така два часа ја тепаа света Минодора. Најпосле мачителот ѝ рече:
- Принеси им жртва на боговите!
Маченичката одговори:
- Ништо друго и не правам, туку само жртва принесувам. Зарем не гледаш дека себеси се принесов на жртва на мојот Бог?
Тогаш мачителот им нареди на слугите уште понемилосрдно да ја тепаат по целото тело. Ѝ ги скршија коските и ѝ го здробија телото. А таа, обземена од сесрдна љубов кон Бога, јуначки трпеше, како да не чувствува болки. Најпосле од дното на срцето воскликна:
- Господи, Исусе Христе, веселбо моја и љубов на срцето мое, кон Тебе прибегнувам. Ти си надеж моја, Те молам, прими ја во мир мојата душа.
Откако го рече тоа го испушти духот и отиде кај својот возљубен Младоженец, украсена со раните како со скапоцен накит.
По четири дена мачителот ги изведе на суд Митродора и Нимфодора и го положи пред нивните нозе мртвото тело на нивната постара сестра. Чесното тело на света Минодора лежеше голо без никаква покривка, од главата до петите сето покриено со рани, со смачкани зглобови. Глетката беше потресна за сите. Мачителот го стори тоа како да сакаше да им рече на младите девојки: ја гледате ли вашата сестра? Истото ве очекува и вас.
Тој се надеваше дека тие ќе се исплашат и ќе се покорат. А пак присутните луѓе, набљудувајќи го мртвото и свирепо изнарането тело, не можеа да ја сокријат жалоста и потресени отворено плачеа.
Единствено кнезот мачител беше тврд како камен и стануваше уште посвиреп. Иако самата природа и љубов кон сестра си ги тераше и светите девојки на солзи, сепак ги задржуваше од плачот големата љубов кон Христа и цврстата надеж дека нивната сестра веќе се весели во палатите на својот Младоженец и ги чека и нив, украсени со исто такви рани да дојдат и да застанат пред Господа. Додека гледаа во светото тело, кое лежеше пред нив, тие говореа:
- Благословена си ти, сестро и мајко наша, што си се удостоила да добиеш маченички венец и да влезеш во дворовите на твојот Младоженец. Помоли Го сега Преблагиот Господ, Кого Го гледаш, да ни нареди и нам да отидеме кај Него по твојот пат, да Му се поклониме, да се насладиме на љубовта Негова и да се веселиме со Него за навек. А вие мачители, што чекате та се уште не нѐ убивате? Зошто брзо не ни ја принесете чашата на смртта, за која сме жедни како за најсладок пијалок? Ајде започнете со мачењето и не очекувајте од нас ништо. Ние нема да се поклониме пред лажните богови. Гледате дека ја сакаме смртта. Што уште сакате? Да умреме заедно со нашата сестра за Господ Христос, ете тоа е нашата единствена желба.
Судијата, иако увиде дека овие свети девојки се бестрашни и нивната желба да умрат за Христа е непоколеблива, сепак и понатаму се обидуваше со ласкање лукаво да ги придобие. Но, сестрите одговорија:
- Беднику, кога ќе престанеш да се противиш на нашата цврста одлука? Ти знаеш дека ние сме гранки од ист корен, дека сме родени сестри. Верувај дека имаме иста мисла. Тоа си можел да го сфатиш и од нашата, од тебе убиена сестра. Таа, немајќи пред своите очи пример за јуначко страдање, покажа таква сила во трпението. Тогаш што треба да правиме ние, додека ја гледаме нашата сестра, која со себе ни даде пример? Зарем не гледаш како таа, иако лежи со затворена уста, со своите отворени рани нѐ поучува и нѐ упатува на страдалнички подвиг? Ние нема да се разделиме од неа, туку ќе умреме за Христа како неа. Се одрекуваме од богатството што ни го ветуваш, од славата и од сѐ што е од земјата и во земјата повторно се враќа. Се одрекуваме од смртните младоженци, бидејќи Го имаме Бесмртниот. Единствено Него Го сакаме и Нему како мираз нашата смрт ја принесуваме, за да се удостоиме на бесмртноста во вечната чиста и света палата Негова.
Тогаш мачителот изгуби секаква надеж, страотно се разјари и нареди да ја одведат Нимфодора, а Митродора да ја обесат и со свеќи да ѝ го горат телото. Така ја мачеа два часа, а таа ги креваше очите кон Бога, за Кого што страдаше, просејќи помош од Него, Кога ја симнаа од дрвото, изгорена како јаглен, мачителот нареди силно да ја тепаат со железни стапови, кршејќи ѝ го телото. Во таквите маки света Митродора, призивајќи Го Господа, ја предаде во Неговите раце својата света душа.
Кога таа издивна, ја доведоа и света Нимфодора, да ги види мртвите тела на своите сестри, па да се исплаши од страшната смрт и да се одрече од Христа. И кнезот започна лукаво да ѝ зборува:
- Прекрасна девојко, јас се восхитувам на твојата убавина повеќе од ничија друга и ја жалам твојата младост. Боговите ми се сведоци дека те засакав како своја ќерка. Само пристапи, поклони им се на боговите и веднаш ќе ја најдеш големата милост во царот. Тој ќе те награди со многу имот и почести. Ако не го сториш тоа страшно ќе загинеш како и твоите сестри, чии што тела се пред тебе.
Меѓутоа света Нимфодора не обраќаше внимание на неговите зборови, туку со понижување ги изнавреди идолите и идолопоклониците, и како Давид говореше: „Идолите на незнабошците се сребро и злато, дело на рацете човечки. Такви се и оние кои ги градат и сите кои се надеваат во нив“ (Пс. 113, 12-16).
Кога виде дека со зборови не постигнува ништо, беззаконикот нареди Нимфодора гола да ја обесат и телото да ѝ го стругаат со железни нокти. Во тие маки таа не покажа ни најмало нетрпение, нити врисна, нити воздивна, туку со кренати очи кон небото ги мрдаше усните, што беше знак на нејзината срдечна молитва кон Бога. И кога гласникот викаше: „Принеси им жртва на боговите и ќе бидеш ослободена“, светителката одговори:
- Јас себеси се принесов како жртва на мојот Бог. Мене ми е слатко страдањето за Него, а да умрам за Него е добивка за мене.
Најпосле мачителот нареди да ја тепаат со железни стапови, сѐ додека не издивне. Така света Нимфодора беше убиена за исповедањето на Исуса Христа. Трите девојки со својата маченичка смрт ја прославија Пресвета Троица.
Но, на мачителот не му беше доволно што ги мачеше живи, туку дури и врз нивните мртви тела го изли својот нескротлив бес. Нареди да се запали силен оган и во него да се фрлат телата на светите маченички. Штом се отпочна со тоа, одеднаш заедно со силен гром падна оган од небото и за миг го изгоре кнезот Фронтон и сите негови слуги што ги мачеа светите девојки. Потоа падна силен дожд и го згасна огнот. Верните ги зедоа телата на светите маченички, кои ни најмалку не беа повредени од огнот, и чесно ги погребаа близу топлите води во еден гроб. Така, родените од една утроба ги прими еден гроб, за тие неразделни за време на својот живот на земјата да бидат неразделни и после смртта. Како сестри на земјата, тие останаа сестри и на небото. Сестри во гробот, сестри и во палатата на својот Младоженец. Над нивните тела беше подигната црква во нивно име и од нив течеа исцеленија како река, во слава на Пресвета Троица и во спомен на трите свети девојки, со чии што молитви да се удостоиме и ние на гледањето на Света Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот Бог, Кому слава за навек. Амин.
ЖИВОТОТ НА СВЕТАТА ЦАРИЦА ПУЛХЕРИЈА
Царот Аркадиј на умирање ги остави зад себе осумгодишниот син Теодосиј и трите ќерки Пулхерија, Аркадија и Марина. Постара од братот по години, Пулхерија беше многу мудра и целомудрена. Нејзе промислата Божја како голем дар ѝ го подари Грчкото царство - во помош на младиот Теодосиј и во заштита на Православието од нападите на еретиците. Заради нејзината мудрост, брат ѝ ја постави да царува заедно со него. Таа имаше шеснаесет години кога започна да управува со царството со мудроста на маж, та ѝ се восхитуваше сиот свет. Овој дар го доби од Бога заради чистотата на својот живот. Од љубов кон Бога и со промислување за мирот на своите поданици, таа не сакаше да се мажи, за да не настанат некакви раздори помеѓу нејзиниот сопруг и нејзиниот брат, и заветувајќи се себеси на Бога, си даде завет да остане девствена до смртта. Во знак на тој завет изгради во соборната црква прекрасна и скапоцена чесна трпеза од злато и скапоцени камења. Своите сестри Аркадија и Марина исто така ги посоветува да го чуваат своето девство, па и тие се заветија дека ќе останат такви до својата смрт. Живееја со неа во пост и молитви, покорувајќи ѝ се, не само како на постара сестра туку и како на своја мајка и царица.
Пулхерија и за својот брат, царот Теодосиј, мајчински се грижеше, поучувајќи го во стравот Божји. Бидејќи одлично ги знаеше грчкиот и латинскиот јазик, таа самата му беше учителка и го воспитуваше. Го поучуваше каков треба да биде додека разговара и го слуша соговорникот, каков додека седи и оди, каков во казнувањето на виновниците и во нивното помилување, - со еден збор, го поучуваше во сѐ што е неопходно за владетелот добро да управува. Тој ѝ беше послушен во сѐ и толку напредна, така што кога стана зрел човек беше над другите цареви како добар и кроток, трпелив и незлобив, мудар и паметен, жалостив и милостив. Покрај воспитувањето, нему многу му помагаа во животот и молитвите на света Пулхерија.
Таа изгради прекрасна црква во име на Пречиста Богородица во Влахерна и многу други цркви и манастири, и раздаваше обилна милостиња на сиротите. Со нејзино залагање Грчкото царство живееше во мир и спокој, со исклучок на внатрешните еретички раздори.
Кога царот Теодосиј наврши дваесет години и дојде време да се жени, блажената Пулхерија се трудеше да му најде достојна девојка. Во тоа време од Атина во Цариград дојде една девојка Атинаида, незнабошка, многу убава, целомудрена и паметна, ќерка на славниот атински философ Леонтиј, одлично научена од татка си во астрономијата, геометријата и сите елински науки и со разумот надминуваше многу мудреци. Таа допатува во Цариград од следната причина: нејзиниот татко на умирање го разделил сиот свој имот помеѓу своите два сина Валериј и Аециј, а нејзе не ѝ оставил ништо, освен неколку златника. А кога роднините и соседите го прашале што ѝ оставил на својата ќерка, тој одговорил: нејзе ѝ се доволни нејзината убавина и мудрост. По неговата смрт двајцата браќа си го поделиле имотот меѓу себе, а на сестрата не ѝ дале ништо. Поради тоа таа се упатила во Цариград, за да се пожали од нив. Кога Пулхерија ја виде нејзината убавина, доброто однесување и паметта, одлучи да ја ожени за својот брат. Но, најпрвин ја поучи во верата Христова, ја освети со светото крштение и ја имаше покрај себе како своја ќерка. Потоа, како достојна за брак со царот, ја омажи за Теодосиј. На светото крштение ѝ беше дадено името Евдокија. Во бракот со царот Теодосиј им се роди ќерката Евдоксија, подоцнежна сопруга на римскиот цар Валентијан III.
За време на царувањето на благочестивите цареви Тоедосиј и Валентијан, со залагање на блажената Пулхерија, беше свикан Третиот Вселенски Собор во Ефес, против нечестивиот Несториј. Пулхерија имаше огромна ревност за верата, и својот брат, кој започна да се прелестува во ереста, со своите совети го утврди во Православието, поради што од светите Отци беше почестена со многу пофалби.
Но, по неколку години непријателот на човечкиот род, не можејќи да го гледа разорувањето на својата ерес од нејзина страна, се крена против неа, и намисли да ја тргне од царскиот престол и од власта. Тоа му појде од рака на некое време, бидејќи Бог понекогаш на Своите угодници им допушта искушенија. Тоа искушение на света Пулхерија отпочна на следниот начин:
Кај царот Теодосиј имаше еден евнух на име Хрисафиј, миленик и истакнат советник на царот, многу лукав, злобен и среброљубив човек. Тој се крена против свјатјејшиот патријарх Флавијан. Меѓутоа Флавијан беше потполно достоен на патријаршиската функција заради својата побожност и небесното живеење, а Хрисафиј беше еретик и со тоа противник на поставувањето на Флавијан за патријарх. Па, сакајќи да го обвини на некој начин, тој од него како новопоставен патријарх побара да му испрати на царот некој подарок за благослов. Флавијан подготви неколку чисти лебови, и ги испрати кај царот. Но, Хрисафиј одби да ги прими, говорејќи дека патријархот треба да испрати на благослов злато а не лебови. На тоа патријархот преку пратениците одговори:
„Хрисафиј добро знае дека црковното злато и сребро се Божји и не може да се даваат никому, освен на сиромашните“.
Ова уште повеќе го разјари Хрисафиј против патријархот и тој започна да смислува како да му наштети. Но, гледајќи дека блажената Пулхерија од побожност многу го подржува патријархот, тој отпочна да сее раздор помеѓу неа и царицата Евдокија, трудејќи се на сите можни начини да ја разори нивната меѓусебна љубов.
Во тоа време се случи следново: Царот Теодосиј имаше обичај да потпишува акти без да ги прочита. Кога ја виде таквата негова неодговорност, блажената Пулхерија, секогаш загрижена за него, намисли да го одучи од тоа, и му го приреди следново: Напиша акт од името на царот, во кој божем царот на молба на својата сестра Пулхерија ѝ ја дава во ропство својата жена Евдокија и објавува дека повеќе нема власт над неа. Овој акт Пулхерија му го поднесе на царот за потпис, кој, според својот обичај, без да го прочита, го потпиша со сопствената рака. Пулхерија го зеде актот, ја повика во својата палата царицата Евдокија и во пријатен разговор ја задржа долго кај себе. А кога царот испрати по својата сопруга, Пулхерија не ѝ дозволи да замине. Кога царот и по втор пат испрати по неа, Пулхерија со насмевка одговори:
- Нека знае царот дека повеќе нема власт над својата сопруга, бидејќи ми ја даде во ропство. Тоа го потврди со својот царски указ. Потоа самата отиде кај брата си и му рече:
- Погледни, царе, колку лошо постапуваш кога ги потпишуваш актите, без да ги прочиташ. И му го покажа оној акт. Со таквата своја мудрост, блажената Пулхерија го натера царот да биде внимателен. Кога дозна за тоа лукавиот Хрисафиј, отиде кај царицата Евдокија и ѝ рече:
- Види што прави со тебе Пулхерија! Гледај како те понижува.
Сака да те стори своја робинка. До кога ќе го трпиш тоа? Зарем ти не си рамна на неа? Зарем ти не си му најблиска на царот?
Така зборувајќи ѝ створи гнев во неа, и од тогаш таа започна да го наговара царот да ѝ ја одземе царската власт на Пулхерија и сам да царува. Наговорен од сопругата и Хрисафиј, царот, иако сакаше да го стори тоа, сепак му беше срам да ја посрами својата сестра и учителка, со години постара од него. Затоа Евдокија и Хрисафиј потајно го молеа патријархот да ја наговори Пулхерија да стане ѓакониса, бидејќи со својот чист и свет живот е достојна на тој чин. Во тоа време имаше обичај девојките и вдовиците, познати по чистиот живот, да се приморуваат на ѓакониска служба. Непријателите на света Пулхерија сакаа истото да го применат и врз неа, за на тој начин да ја тргнат од царската власт. Патријархот тајно ја извести Пулхерија за тоа, а таа ја сфати намерата на брата си и, гледајќи го непријателството на царицата и Хрисафиј спрема неа, самата ја остави царската власт, замина од царската палата со своите девојки, отиде во едно тивко осамено место и таму Му служеше на Бога, во побожно молчење и молитвено тихување.
Тогаш еретикот Хрисафиј начека погодно време за остварување на својата цел, - го разгневи царот против патријархот. И за Црквата Божја настапи време на немири, бидејќи во отсуство на заштитничката на верата, Пулхерија, еретиците започнаа отворено да работат, додека Бог не му ги отвори на царот духовните очи, па тој ја виде својата грешка, се увери во неоправданиот гнев на царицата спрема света Пулхерија и ја сфати злобата на Хрисафиј.
Еднаш на царот Теодосиј му донесоа многу убаво и необично големо јаболко. Восхитувајќи се на неговата убавина и големина, тој ѝ го испрати на својата сопруга, а таа го чуваше кај себе, но не го изеде туку го испрати кај царевиот миленик, сенаторот Павлин, кој во тоа време беше болен. А Павлин, без да знае, му го испрати истото јаболко на царот. Штом го доби, царот го препозна, па отиде кај царицата и ја праша:
- Каде ти е јаболкото што ти го испратив?
А царицата, не знаејќи дека јаболкото дошло повторно во рацете на царот, одговори:
- Го изедов.
Тогаш царот ѝ го покажа јаболкото и ја праша:
- А што е ова?
Тој многу ѝ се налути и ја навредуваше на сите можни начини, мислејќи дека таа врши прељуба со Павлин, и веднаш го испрати Павлин на заточение во Кападокија, а на царицата ѝ забрани да му излегува пред очи. Исто така царот страотно се налути и на советникот на царицата, евнухот Хрисафиј, бидејќи дозна дека тој е виновник за многу злосторства. Нему царот најпрвин му го одзеде имотот, па потоа го испрати на заточение. Тоа самиот Бог вршеше одмазда за недолжното злоставување на света Пулхерија. Пловејќи со кораб на заточение, Хрисафиј потона во морето, а невиниот Павлин во прогонството беше посечен, со наредба на царот. Подоцна самата царица Евдокија на умирање со заклетва посведочи за својата и невиноста на Павлин. Сепак, Бог допушти и ним да им се случи таква несреќа: на Павлин за спасение, а на царицата како казна. Кога слушна за погубувањето на Павлин, царицата неизмерно се нажали, бидејќи заради неа невино пострада толку паметен и честит човек. Тогаш таа го замоли царот да ѝ дозволи да отиде во Ерусалим, за да се поклони на Светите Места. Таму таа изврши многу милостиња и изгради многу цркви и манастири. Остана долго време во Ерусалим, додека со многу молби не го стиши гневот на царот и не се помири со света Пулхерија, на која во знак на мир и љубов ѝ испрати икона на Пречиста Богодорица, изработена од светиот евангелист Лука.
По заминувањето на царицата Евдокија од Ерусалим, царот Теодосиј ѝ се обрати на својата сестра Пулхерија, со молба да се врати на својот престол, но таа не сакаше, претпочитајќи го осаменичкото служење на единствениот Бог, пред владеењето над многу земји. Но, царот повторно ја молеше да се врати во дворецот и да царува со него, и не престана да ја моли додека не успеа да ја натера со големи почести да се врати во својот царски дворец. И повторно престана бурата предизвикана од ереста, и се смирија брановите. И настана тишина во Црквата и Грчкото царство повторно живееше во мир.
По долго време се врати и царицата Евдокија од Ерусалим, носејќи ја со себе раката на светиот првомаченик Стефан. Кога Евдокија ја внесе раката во Халкидон, свети Стефан таа ноќ ѝ се јави на блажената Пулхерија и ѝрече:
- Го доби тоа што го сакаше, бидејќи и јас дојдов во Халкидон.
Утредента Пулхерија и нејзиниот брат, царот Теодосиј, излегоа да ја пречекаат раката на светиот Првомаченик. Заедно со неа со љубов ја примија и царицата Евдокија.
Кога царот Теодосиј наполни четириесет и две години се разболе и почувствува дека му се ближи крајот. Тогаш ѝ раскажа на света Пулхерија за откровението Божјо, коешто го имал во Ефес, во црквата на свети Јован Богослов. Кога стоел таму на молитва, имал откровение дека по неговата смрт на царскиот престол ќе дојде војникот Маркијан. Затоа Теодосиј ја замоли Пулхерија да му помогне на Маркијан во преземањето на царскиот престол.
Маркијан беше родум од Тракија, син на некој војник, и самиот храбар војник, човек во зрели години, паметен, милостив и со добар карактер. Уште од младоста одозгора предназначен за царување, тој чудесно беше чуван од смртта. Еднаш, одејќи во Филипопол, тој најде на патот труп од човек, неодамна убиен, и застана крај него потресен од жал за убиениот. Сакајќи да стори милосрдно дело - да го погребе мртвиот, тој започна да копа дупка. Некои луѓе го видоа како го погребува мртовецот и помислија дека тој го извршил убиството, па го фатија и го предадоа во градскиот суд. Бидејќи немаше кој да посведочи дека е невин, а на неговиот исказ никој не поверува, судот го осуди на смрт. Но, токму кога требаше да се изврши смртната казна, со откровение Божјо беше пронајден вистинскиот убиец, кој прими според делата свои, а Маркијан со чест беше пуштен. Потоа служеше во грчката војска при војводата Аспар. Во војната со Вандалите, кога тие ги победија грците и многумина одведоа во ропство, меѓу нив беше и Маркијан. Сите заробеници беа приведени кај вандалскиот кнез Гизерих. Еднаш Гизерих, сакајќи да ги види заробениците, излезе напладне, за време на силната горештина на една височинка и од далеку го здогледа Маркијан, кој спиеше на земјата. И виде тој како над Маркијан беше слетал орел, ги беше раширил крилјата и му правеше сенка, заштитувајќи го од сончевите зраци. Од таа глетка Гизерих ја сфати иднината на овој заробеник, го повика кај себе, го праша за името и потеклото, па му рече:
- Ако сакаш да бидеш жив и слободен, заколни ми се дека кога ќе станеш цар никогаш нема да водиш војна со нас, туку ќе живееш во мир.
Маркијан му се заколна и со чест беше пуштен во својата татковина.
По враќањето од ропството, Маркијан во грчката војска заземаше високо место. Еднаш за време на походот против персијците се разболе по пат и остана во ликискиот град Сидина. Тука го примија во својот дом едни добри луѓе, двајцата браќа Татијан и Јулијан, кои многу го засакаа и внимателно се грижеа за неговото здравје. Кога оздраве, овие двајца браќа отидоа со него во лов на птици. Напладне, кога настапи силна горештина, тие легнаа да одморат и заспаа. Прв се разбуди Татијан и како некогаш Гизерих здогледа голем орел како лебди над заспаниот Маркијан и со своите раширени крилја го штити од сончевите зраци. Тој веднаш го разбуди својот помлад брат Јулијан, та и двајцата се восхитуваа на таа чудесна појава. Штом се разбуди Маркијан, орелот одлета, а браќата му претскажуваа дека ќе биде цар и го прашуваа каква милост ќе покаже кон нив кога ќе стане цар. Тој им рече:
- Ако вашето претскажување се оствари, тогаш вие ќе ми бидете како татко.
Потоа Маркијан започна да стекнува сѐ поголема и поголема слава, бидејќи самиот Бог го прославуваше човекот, кого го избра по Своето срце. Тогаш се претстави благочестивиот цар Теодосиј Младиот, а неговата сопруга Евдокија повторно отиде во Ерусалим, благочестиво поживеа таму неколку години, па се претстави и беше погребана во својата црква, посветена на светиот Првомаченик Стефан. А блажената Пулхерија по смртта на својот брат, откако се договори со дворјаните и војводите, на царскиот престол го избра Маркијан војникот, како достоен и угоден на Бога. Откако зацарува, Маркијан ги повика кај себе споменатите браќа Татијан и Јулијан, им даде високи функции и едниот го постави за управник на Тракија, а другиот за управник на Ликија. Исто така, тој ја исполни својата заклетва спрема Гизерих и го одржа со него мирот до крајот на своето царување.
По зацарувањето на Маркијан, света Пулхерија посака повторно да се врати во своето осаменичко место, но новоизбраниот цар и целиот сенат ја молеа да не ги остава, туку да им помага во управувањето со царството, како мудра и искусна во таа работа. Но, тоа не било возможно поинаку, освен таа да стане сопруга на царот. Таа им укажа на тоа дека Му дала завет на Бога своето девство да го чува до смртта, при што и Маркијан објави дека и тој Му дал завет на Бога дека ќе ја чува својата чедност. Тогаш заради потребите на светата Црква, бранувана од намножените еретици, света Пулхерија се согласи да стапи во сопружништво со Маркијан, под услов до крајот на животот да остане девственичка. Тоа го налагале и заветот даден на Бога и природното целомудрие на двајцата сопружници и нивните години, бидејќи тогаш таа имаше педесет и една година, а и царот не беше веќе млад. Така Пулхерија се нарекуваше жена на царот, иако му беше како сестра, која царуваше со него и мудро управуваше, на голема корист за сета Црква Божја и за сето царство. Исто така и Маркијан се нарекуваше сопруг на Пулхерија, а всушност ѝ беше како брат, царувајќи со неа како со царска ќерка, која го наследила престолот на својот татко. И така во тоа време можело да се види како на грчкиот престол царува девствената чистота. Царуваа царот, чист со душата и телото, и царицата, девојка која ја чуваше својата девственост.
О, девствено сопружништво, ретко каде видено или чуено! Нека се восхитува на тоа светот, полн со нечисти похоти! Нека се срамат луѓето, кои им служат на страстите и телесните уживања, слушајќи за таквото сопружништво на овој благочестив царски пар, кој се уподоби на ангелската чистота!
Со залагање на оваа света царица, освен гореспоменатиот собор во Ефес, беше свикан собор на светите отци во Халкидон, против злочестивиот Диоскор и архимандритот Ефтихиј. Таа со сите сили се бореше за Православието, така што некои писатели токму нејзе ѝ ја припишуваат заштитата на верата и на двата Собора. Таквата ревност на царицата Пулхерија за верата и нејзината голема мудрост произлегуваат од тоа што Духот Свети живееше во нејзината душа и чистото срце, како во свој свет храм, и ја исполнуваше со големи дарови.
Откако поживеа педесет и четири години и сиот свој имот го раздаде на црквите, манастирите и сиромашните, света Пулхерија се претстави кај Господа, на Кого Му послужи со сето срце. По нејзините молитви, Господи, не лишувај нѐ и нас од небесното Царство Свое! Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ТРИ ЖЕНИ
Монемвасискиот епископ Павле го раскажа за овие свети жени следново:
Уште како мирјанин, раскажуваше тој, јас бев испратен на Исток за собирање на царскиот данок. По пат наидов на пустински манастир и посакав да свратам во него. Игуменот со црнорисците излезе да ме пречека. Откако се поздравивме седнавме во манастирскиот двор, во кој се наоѓаше добро уреден овоштарник. Додека седевме видовме како на овошките слетуваат птици, кршат гранчиња со овошје и брзо одлетуваат. Јас го прашав игуменот:
- Зошто овие птици не го јадат овошјето, туку го носат со скршени гранчиња?
Игуменот одговори:
- Еве, веќе единаесет години овие птици постојано го прават тоа. А јас, вели Павле, како поттикнат од Бога, реков:
- Сигурно некаде во блиските гори се наоѓаат свети луѓе или жени, кои живеат во Бога, па со Божја наредба овие птици им носат овошје.
Додека јас го зборував тоа, долета гавран и откина гранка со плод. Тогаш јас му предложив на игуменот да тргнеме по него. И ние тргнавме по гавранот, кој леташе пред нас со плодот. Тој излета на ридот, се спушти на земјата и ја положи гранката. Кога му се приближивме, гавранот повторно ја зеде гранката и летна во длабока провалија, од каде потоа излета, но без гранката. Тогаш и ние пријдовме до провалијата и фрливме камен долу. Со тоа одненадеж допре од таму глас до нас:
- Ако сте христијани, не убивајте нѐ!
Ние прашавме:
- А кои сте вие?
Тие одговорија:
- Ако сакате да нѐ видите, фрлете ни три облеки, зашто сме голи жени. Потоа одете покрај гората и ќе најдете тесна патека која ќе ве доведе до нас.
Кога го слушнавме тоа, веднаш тројца монаси од браќата, кои беа со нас, ги соблекоа своите раса, ги замотаа околу камења, па ги фрлија долу. А ние се спуштивме низ гората, наидовме на мал и тесен пат, како што ни беше речено, по кој одвај можеше да се оди, и стигнавме до една провалија во која живееја три свети жени. Кога нѐ здогледаа, тие ни се поклонија до земја, па откако се помоливме седнавме. Едната од нив седна, а другите две останаа да стојат. Тогаш игуменот ја праша онаа што седеше:
- Од каде си, госпоѓо и мајко, и како си дошла во вакво место?
Таа одговори:
- Оче, јас сум од Цариград, каде што имав сопруг, царски дворјанин. Но, тој умре млад, а јас останав вдовица во своите дваесет и неколку години, оплакувајќи го и своето вдовство и тоа што немав деца. А пак по неколку дена еден велможа сакаше насилно да ме земе, и слугите упорно настојуваа да појдам кај нивниот господин. Тогаш јас се помолив на мојот Господ Исус Христос да ме избави од тој насилник, кој сакаше да ми ги упропасти и душата и телото, па им реков на тие слуги: Господа, зарем мислите дека со радост не би пошла кај вашиот господин, кој е толку познат? Но, овие денови страдам од страшна женска болест и од мене постајно тече крв. Причекајте додека да се излекувам и очистам, па потоа со радост ќе дојдам кај вашиот господин.
Слугите си заминаа, говорејќи:
- Добро, нашиот господин ќе те чека до четириесет дена.
Штом тие заминаа, јас ги пуштив на слобода сите свои робови и робинки, откако им подарив злато, а ги оставив само овие две, кои што ги гледате овде, и сиот свој имот го раздадов на сиромашните, Потоа повикав кај себе еден мој христољубив роднина и го заколнав, под тешка заклетва, да ги распродаде моите имоти и мојата куќа, а добиените пари да ги раздаде на ништите. Веднаш после тоа јас ноќе ги зедов со себе овие две робинки, сега мои сестри, и со еден кораб, водени од Бога дојдовме на ова место. И еве, оваа е веќе единаесетата година откако не сме виделе човек, освен вас денес. Што се однесува до нашата облека, таа по една година се искина и падна од нас.
Игуменот ја праша:
- Од каде, госпоѓо моја, добивате храна? Светата жена одговори:
- Добриот и Човекољубив наш Бог, Кој Своите луѓе во пустината ги хранел четириесет години, ни испраќа храна и нам, недостојните слугинки Свои. По Неговата божествена промисла птици секојдневно ни носат овошје, многу повеќе отколку што ни е потребно. Преблагиот Господ исто така и нѐ покрива нас, голите, и нѐ грее со благодатта Своја, така што ни зиме не се плашиме од мразот, ни лете од горештината, и живееме како во рај, непрестајно славејќи ја Света Троица.
Слушајќи го сето тоа и восхитувајќи се, игуменот ѝ рече:
- Ако дозволиш, госпоѓо, јас ќе испратам еден од браќата во манастирот по храна, за заедно да се поткрепиме.
Но, светата жена одговори:
- Оче, подобро нареди да дојде свештеник и да отслужи овде Света Литургија, за да се причестиме со Пречистите Тајни Христови, бидејќи откако излеговме од градот не се удостоивме да ги примиме Светите Тајни.
Игуменот веднаш испрати монаси во манастирот по свештеник и храна. Свештеникот дојде, отслужи Света Литургија и ги причести со Светите Тајни, прво самата госпоѓа, па потоа и нејзините робинки. После тоа, откако и тие со нас јадеа, вели епископот Павле, светата госпоѓа му рече на игуменот:
- Ја молам твојата светост, оче, остани овде три дена.
Игуменот се согласи. Тогаш стана таа блажена жена, срдечно се помоли на Господа и се претстави. Ние со солзи ја отпеавме и ја погребавме. Утредента втората жена, откако се помоли, мирно се претстави. А во третиот ден и третата жена исто така. И откако ги погребавме се вративме во манастирот, славејќи Го Христа Бога, Кој во Светиите Свои врши прекрасни знаменија и чуд а. Нему Му доликува чест и поклонение засекогаш. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ АПОСТОЛИ АПЕЛИЈ, ЛУКИЈ (ЛУКА) И КЛИМЕНТ
Беа Апостоли од Седумдесетмината. Свети апостол Апелиј бил епископ во Смирна. Го спомнува свети апостол Павле (Рим. 16, 10). Свети Лукиј (или Лука, но не Евангелистот), за кого сведочи свети апостол Павле (Рим. 16, 21), бил епископ во Лаодикија. Свети Климент (не Римски) бил епископ во Сардам и него го спомнува свети апостол Павле (Флб. 4, 3).
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ВАРИПСАВ
Откако доби од еден пустиник пречесна крв, истечена од пречистите ребра на Господа Христа, овој свет монах со неа вршеше многу исцеленија, одејќи по градовите и покраините. Поради тоа неверниците го убија ноќе со стапови. (Според некои оваа крв Господова била од Неговата икона, прободена од евреите во Вирит - Бејрут. Таа била сочувана од ученикот на свети Варипсав, па потоа пренесена во царскиот град).
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ОТЦИ НАШИ ПЕТАР ни ПАВЛЕ, епископите Никејски
Свети Петар беше ревносен заштитник на Православието за време на царувањето на Лав Иконоборецот. Како исповедник, тој во мир се претстави околу 823 година. За свети Павле нема сочувани податоци.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЈОАСАФ
Во светот се викал Андреј, син на Заозерскиот кнез Димитриј Василевич. Уште од детството ја почувствува ништовноста на световниот живот и во својата дваесетта година се замонаши во Спасо-Камениот манастир, на Кубенското Езеро. Доверен под духовно раководство на старецот Григориј, кнезот монах сето време го посветуваше на молитви и размислување за вечноста и држеше најстрог пост. Последната година од својот живот тој еднаш неделно земаше храна и се причестуваше со Светите Тајни секоја недела. Преподобниот се претстави во 1453 година. Неговите свети мошти, прославени со чуда, почиваат во Спасо-Камениот манастир, во Вологодската епархија.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ИЈА
За својата вера во Господа пострадала посечена со меч.
СПОМЕН НА СВЕТОТО ДЕВОЈЧЕ ЕВДОКИЈА
Името на ова свето девојче се спомнува во Ерусалимската Канонарија.