24. Септември (11. Септември)
ЖИТИЕТО И ПОДВИЗИТЕ НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА НАША ТЕОДОРА АЛЕКСАНДРИСКА, која се подвизувала преправена како машко
„Очите Господови илјадници пати се посветли од сонцето, ги прозираат сите човечки патишта, и гледаат сѐ и по тајните места. И пред да се изврши, сѐ му е познато на Господа“ (Прем. Исус Сир. 23, 27-29). Оваа вистина не ѝ била позната на Теодора, жена од благородно потекло во Александрија. Таа му поверувала на врагот кој ѝ дошепнувал дека Бог нема да дознае за гревот извршен во темнина, но кога од лично искуство виде дека од Бога не може ништо да се сокрие, пројави големо покајание. Живееше таа во брак со својот сопруг Теодор, но западна во вакво искушение: Еден богат човек, млад и лекомислен, поттикнуван од ѓаволот, се загледа во неа и на сите можни начини се трудеше да ја натера на прељуба. Ѝ испраќаше скапоцени подароци, ѝ ветуваше уште поголеми и ја прелестуваше со зборови. Но, бидејќи сам не можеше ништо да стори, тој најми една препредена гатачка, таа да ја измами целомудрената Теодора и да ја натера на неговото замислено дело. А препредената, имајќи го сатаната за свој помошник, начека погодно време и започна да ѝ зборува за тоа момче. Теодора ѝ рече:
- О, колку би сакала да се спасам од тој човек. Одамна ми досадува. Ако го послушам, тогаш и самото сонце ќе стане сведок на мојот грев пред Бога.
Заводничката ѝ предложи:
- Во таков случај, кога ќе зајде сонцето и ќе се спушти темната ноќ, ти на тајно место исполни ја желбата на момчето, па никој нема да дознае за вашето дело, ниту пак ќе има сведок пред Бога. Ноќта е длабока и темнината ќе покрие сѐ.
Теодора на тоа рече:
- Би било добро, кога Бог не би дознал за гревот, кој се врши ноќе.
Заводничката ѝ одговори:
- Всушност така е. Бог ги гледа само гревовите кои што ги осветлува. А што се врши во темнината, како може Бог да види?
Како млада, простодушна и неискусна жена, Теодора им поверува на нејзините зборови. Тука потпомогна и демонското искушение, зашто неговата сила е голема, а нашата природа е наклонета кон страстите и силата наша е немоќна. И така, Теодора го послуша лукавиот совет и изврши грев во темната ноќ. Но утредента огреа во нејзиното срце светлината на милосрдието Божјо. Таа го осозна својот грев, започна да се кае, да се тепа по лицето, да си ја кубе косата, да се срами и да се мрази себеси. На тој начин милосрдието Божјо, кое не ја сака смртта на грешникот, веднаш ја поттикна на покајание и поправање, заради нејзиното поранешно целомудрие. Бог понекогаш допушта човекот да падне, за кога ќе стане да покаже уште поголем подвиг и поправање, и уште поголема срдечност кон Бога, Кој ги простува гревовите. Страдајќи и плачејќи поради извршениот грев, Теодора се трудеше барем малку да се утеши себеси со ваквата мисла:
„Бог не го знае мојот грев. Но, иако не го знае, сепак се срамам и тој ме пече“.
Барајќи лек за својата тага, таа отиде во еден женски манастир, во посета на игуманијата со која се познавала. Кога го виде нејзиното тажно лице, игуманијата ја праша:
- Зошто си толку тажна, ќерко моја? Да не те навредил мажот?
Теодора одговори:
- Не, госпоѓо, но и самата не знам зошто ми тагува срцето.
Сакајќи да ја утеши, игуманијата започна да ѝ зборува душекорисни работи и да ѝ чита Божествени книги. Додека читаше една поука, таа ѝ ги прочита и овие евангелски зборови: „Нема ништо сокриено што нема да се открие, ниту пак тајна што не ќе се дознае. Тоа што сте рекле во темнина, ќе се слушне на виделина. И што сте шепотеле на уво во скришните одаи, ќе биде разгласено од покривите“ (Лука 12, 2-3).
Кога ги слушна овие евангелски зборови, Теодора се удри во градите, говорејќи:
- Тешко мене, бедната! Сега пропаднав. Сум се измамила, сметајќи дека Бог нема да дознае за мојот грев.
И започна да се тепа, да плаче и да лелека. Тогаш игуманијата сфати дека Теодора паднала во грев и започна насамо да ја распрашува што ѝ се случило. А таа, гушејќи се од солзи, одвај детално ѝ раскажа сѐ, па падна пред нејзините нозе, велејќи:
- Смилувај ми се, госпоѓо, мене пропаднатата, и поучи ме што да правам. Можам ли да се спасам или засекогаш пропаднав? Дали да се надевам на милоста Божја или да очајувам?
На тоа игуманијата започна да ѝ зборува:
- Не си сторила добро што си го послушала врагот. Не си размислувала правилно, сметајќи дека е возможно да се сокриеш од Бога, Кој ги испитува срцата во утробите, од далеку ги знае помислите човечки и со Своето око го гледа и она што сѐ уште не е извршено. И никаква ноќ, никакво сокриено и темно место не може да го сокрие грешникот од Неговото севидливо око. Не си сторила добро, ќерко моја, бидејќи и Бога си Го разгневила и верноста спрема сопругот не си ја сочувала, и своето тело си го осквернила, и на својата душа си ѝ наштетила. Зошто не ми го кажа тоа кога беше искушувана, за да ти помогнев и да те научев како да се чуваш од ѓаволските стапици? Но, сега започни да се поправаш, припадни кон милосрдието Божјо, и со покајание моли се да ти го прости гревот. Не очајувај, ќерко моја. Иако си извршила голем грев, сепак милосрдието Божјо е поголемо и не постои грев што би го победил Божјото човекољубие. Само ти стани и ќе се спасиш.
Зборувајќи ѝ така игуманијата ја вразуми, ја поучи и ја упати на патот кон покајанието. Истовремено и ја утеши, зборувајќи ѝ за милосрдието Божјо и за неискажаната Негова добрина, со која Бог е готов да ги прими оние што се каат и да им простува на оние кои грешат. И напомна и за евангелската жена грешница, која со своите солзи ги изми нозете Христови и со своите коси ги избриша, и доби од Бога прошка на гревовите.
Откако ја сослуша својата добра наставничка, Теодора рече:
- Верувам во мојот Бог, госпоѓо, дека отсега нема да сторам таков грев, туку и за веќе извршениот колку што можам ќе се погрижам.
Така добивајќи некое олеснување во срцето, Теодора се врати дома. Но, бидејќи совеста ја изобличуваше, таа се срамеше својот сопруг да го погледне во лице и размислуваше како да Го умоли Бога. Намислуваше да стапи во женски манастир, но знаеше дека сопругот нема да ѝ дозволи. Затоа, за да се сокрие од него и од сите блиски, таа, кога нејзиниот сопруг по некоја работа излезе од дома, доцна во ноќта ја острижа својата коса, облече машка облека, и со надеж во Бога, кришум тивко се извлече од дома, па тргна брзо, како птица побегната од кафез. Кога дојде до еден пустински манастир, викан Октодекат, подалеку од градот, таа затропа на капијата и му рече на вратарот:
- Оче, стори ми ја таа љубов, оди и кажи му на игуменот да ме прими мене, грешниот човек, зашто сакам да се кајам за своите дела. Дојдов овде да ги измијам вашите свети нозе и да ви служам и ден и ноќ, во сѐ што ќе ми наредите.
Вратарот отиде и го извести игуменот. А тој му рече:
- Треба да се испита дали дошол кај нас, упатен од Бога. Затоа немој до утрото да му даваш одговор, ниту да го пуштиш во манастирот. Ако не замине, туку стрпливо остане пред манастирската капија, очекувајќи помилување, ќе знаеме дека е вистински и од срце дошол кај нас, да Му служи на Бога.
Вратарот постапи така. Не му обрна внимание на молителот, презирајќи го како непотребен слуга. А Теодора седеше пред капијата и плачеше. Настапи ноќта и ѕверовите започнаа да минуваат од тука, но Теодора со благодатта Божја остана неповредена, како со штит вооружувајќи се со крсниот знак и молитвата. На самнување вратарот погледна низ прозорчето, ја виде Теодора како седи крај капијата и ѝ рече:
- Што чекаш овде, човеку? Ние нема да те примиме. Не си ни потребен.
А таа одговори:
- Макар и да умрам овде крај капијата, нема да заминам додека не се смилувате на мене и не ме примите во манастирот.
Кога го виде нејзиното трпение и смирение, вратарот ја отвори капијата и ја одведе кај игуменот, кој ја праша од каде е, како се вика и поради што дошла. Таа му одговори:
- Оде, јас сум од Александрија. Се викам Теодор. Полн сум со гревови и беззаконија, Но, си дојдов на себе, свесен сум за своите гревови и посакав да се каам. Еве, дојдов кај вашата светост, да ме примите и да ме спасите мене, грешникот, кој пропаѓам. Оче, примете ме како што Господ ги примил разбојникот, цариникот и блудниот син.
Тогаш игуменот започна да ѝ укажува на манастирските трудови и подвизи, и рече:
- Чедо, ти нема да бидеш во состојба да го поднесеш тоа. Ти си млад и одгледан во земните задоволства. Нашиот манастир нема никакви олеснувања, нашиот чин бара тежок живот и живеењето со нас бара големо воздржание и пост. Нашите браќа носат големи трудови во послушанието, без да го остават црковното правило: полуноќницата и утрената, часовите и вечерната, многу ќелијни молитви и метании и чести сеноќни стоења на молитва. А ти си навикнал да го штедиш своето тело и за тебе е невозможно да ја носиш тежината на монашкиот подвиг. Иако гледам дека со усрдие си дошол кај нас, сепак се плашам да не го промениш мислењето, зашто многумина често започнуваат со усрдие, но набрзо стануваат големи мрзливци. Затоа те советувам да се вратиш во светот и Бог ќе го уреди твоето спасение според Својата волја.
Тогаш Теодора падна пред нозете на игуменот и со солзи рече:
- Не отфрлај ме, оче, од вашата света обител, не лишувај ме од ангелското живеење со вас, не бркај ме во светот од кој побегнав како од Египет и никогаш повеќе нема да се вратам. Нека не те двоуми мојата младост. По вашите свети молитви јас ќе се навикнам на секое воздржание и со Божја помош ќе ги носам сите трудови и сѐ што ќе ми наредите ќе извршувам усрдно и внимателно, само примете ме, да се каам за своите гревови.
Трогнат од ваквите молби, игуменот ја прими Теодора и ѝ нареди да ги исполнува сите манастирски послушанија. И живееше меѓу луѓето жена со машко име, и никој не ја знаеше таа тајна, освен единствениот Бог. А кој би можел да го раскаже нејзиното многу тешко живеење? Браќата го гледаа нејзиниот труд во послушанието, трпението во воздржанието, смирението во покорувањето, а нејзините тајни сокриени подвизи, сеноќните молитви, воздишките на срцето, солзите, коленопреклонувањата, кренатите раце - тоа го гледаше само единиот Бог. Таа ден и ноќ прибегнуваше кон милосрдието Негово, како некогаш блудницата, миејќи ги со солзи нозете Господови. Нејзиното покајание беше поголемо од извршениот грев. Таа се распна на крстот на умртвувањето, со смирението се фрли себеси под нозете на сите, со самоодрекувањето ја отсече сета своја волја и стана ангел во тело. Нејзиното тело, некогаш осквернето, а сега очистено со подвизите на покајанието и обилните солзи, стана свет храм Божји, живеалиште на Светиот Дух.
По осум години се случи во манастирот да снема масло и Теодора беше испратена со камилите во градот Александрија, за да купи масло. Во меѓувреме нејзиниот сопруг, не знаејќи каде отишла неговата жена и што се случило со неа, долго ја бараше. Тагуваше по неа ден и ноќ и Го молеше Бога да му открие каде се наоѓа. Една ноќ, тој виде ангел кој му рече:
- Не тагувај за својата жена. Таа Му служи на Бога среде слугите Негови. Ако сакаш да ја видиш појди наутро и застани кај црквата на Свети Петар, па ќе ја видиш. Оној што ќе помине покрај црквата и те поздрави, тој е твојата жена.
Човекот се израдува на ова ангелско видение, па рано наутро поита кон црквата на Свети Петар. Застана таму и започна да разгледува наоколу, очекувајќи да ја види. Додека стоеше така, блажената Теодора наиде со камилите, облечена во машка монашка облека. Но, сопругот не ја препозна. Беше невозможно да ја препознае поради машката облека и променетото лице. Некогаш била многу убава, а сега од постот и подвизите свенала нејзината убавина. Но, Теодора оддалеку го препозна својот сопруг, заплака незабележливо и рече:
- Тешко мене, грешната. Заради гревот против својот сопруг, се лишив од милоста Божја.
Поминувајќи покрај него, таа му се поклони и рече:
- Добар ден, господине.
Исто така и тој ѝ се поклони, говорејќи:
- Биди здрав, оче.
И така се разидоа. Откако стоеше речиси цел ден, тој се врати дома тажен и го сметаше ангелското видение за измама. Тогаш повторно со солзи застана на молитва, говорејќи:
- Господи, види колку сум тажен, услиши ја мојата молитва и откриј ми дали мојата жена е жива или не, дали е на добар или на лош пат.
И наредната ноќ тој повторно го виде во видение ангелот, кој му рече:
- Зошто плачеш, човеку? Зарем ти не ја виде својата жена вчера, како што ти реков?
Тој одговори:
- Не ја видов, господине мој.
А ангелот му рече:
- Нели ти реков дека оној што на минување ќе ти се поклони и ќе те поздрави, тој е твојата жена.
Тогаш човекот сфати дека ја виде но не ја препозна, па Му благодареше на Бога што е жива и што Му служи на Бога, а и самиот се надеваше да се спаси по нејзините молитви. Исто така и блажената Теодора Му благодареше на Бога што го виде својот сопруг и тој не ја препозна. По враќањето во манастирот таа усрдно се трудеше за своето спасение, постејќи најпрвин по еден ден, потоа по два, па по три и четири, а понекогаш и по цела седмица не јадела ништо, сесрдно молејќи се за простување на својот грев.
Во близина на тој манастир имаше езеро во кое живееше крокодил, кој често излегуваше од езерото и ги голташе луѓето и добитокот што минуваа од тука. Епархот Григориј, назначен од царот Зинон за управник на Александрија, постави стража на патот покрај езерото, за никој да не минува оттаму. А пак игуменот, сакајќи да ја познае благодатта Божја во Теодора, ја повика и ѝ рече:
- Брате Теодоре, ми треба вода од езерото. Земи ја стомната, појди и донеси ми.
Теодора како добар послушник ја зеде стомната и отиде. Стражата ја пресретна и ѝ рече:
- Оче, не оди ваму по вода. Ќе те изеде ѕверот.
Таа одговори:
- Мојот отец игумен ме испрати и јас сум должен да го извршам нареденото.
И кога дојде на брегот крокодилот излезе, ја зеде на својот грб и ја однесе среде езеро. Откако таа наполни вода, повторно ја однесе на брегот. Тогаш таа му се обрати на ѕверот и го заколна повеќе никому да не врши зло. Во тој миг крокодилот умре. За таквото чудо стражарите ги известија игуменот и епархот, та сите Го славеа Бога. Браќата се чудеа како ѕверот не ѝ наштети на блажената и ја фалеа силата на послушноста.
Меѓутоа некои од браќата, поттикнувани од ѓаволот (зашто никој не е слободен од вражјите искушенија), не веруваа во тоа и ја намразија Теодора, говорејќи:
- Ете, ние толку години живееме во манастирот, но сепак не вршиме чуда, а тој вчера дојде и веќе чуда прави. Сака да биде поголем од нас. Сигурно го умртвил ѕверот со некои вражбини.
На неколку километри од нивниот манастир имаше друг манастир, длабоко во пустината. Овие никаквеци кришум од својот игумен, напишаа писмо до тој манастир, па доцна навечер дојдоа до ќелијата на блажената Теодора, и ѝ рекоа:
- Брате Теодоре, игуменот ти наредува ова писмо веднаш да го однесеш во тој манастир.
Теодора го зеде писмото и веднаш се упати кон манастирот. Никаквеците го сторија тоа за по пат да ја растргнат ѕверовите, бидејќи таму ги имаше многу и никој не смееше ноќе да помине. Тие си зборуваа меѓу себе:
„Да видиме сега, дали овој „светец“, на кого ѕверовите му се покоруваат, жив ќе се врати назад?“
Додека Теодора одеше кон манастирот ја сретна огромен ѕвер, ѝ се поклони, па се сврте назад, одеше пред неа и ја водеше сѐ до манастирските врати. Ѕверот тропна на вратата, вратарот отвори и света Теодора со писмото отиде кај игуменот. Но, вратарот не ја затвори вратата, па ѕверот влезе, го зграпчи и започна да го раскинува. А тој толку викаше на помош, така што сите се разбудија. Света Теодора побрза кон братот нападнат од ѕверот, го фати, го ослободи и му рече на ѕверот:
- Како си се осмелил да го нападнеш ликот Божји и си сакал да го усмртиш? Затоа умри сега!
И во тој миг ѕверот издивна пред нозете на света Теодора. А пак братот, искасан од ѕверот, таа го помаза со елеј со призивање на името Христово, ги осени неговите рани со светиот крст и го оздраве. На ова чудо сите ѝ се поклонија на блажената и Го прославија Бога, Кој дивите ѕверови ѝ ги покори на Својата слугинка. Теодора многу рано се врати во својот манастир и никому не кажа каде била и што правела.
Утредента дојдоа монаси во манастирот со некој принос и им раскажаа на игуменот и браќата што се случило. Тие му се поклонуваа на игуменот, и му благодареа што неговиот ученик Теодор го избави нивниот вратар од челуста на ѕверот, го исцели од раните а самиот ѕвер го усмрти. Игуменот и сите монаси многу се восхитија. Кога ги отпушти дојдените браќа, тој ги собра монасите и ги праша:
- Кој го испратил братот Теодор во оној манастир?
Сите рекоа дека не знаат. Тогаш игуменот ја праша Теодора, говорејќи:
- Брате, кој те испрати во тој манастир?
А таа, сакајќи да ги сокрие своите мразители, кои ја испратија, му рече:
- Прости ми, оче, задремав во ќелијата и не знам кој дојде, наредувајќи ми со твоето име веднаш да му го однесам писмото на оној игумен. Јас отидов и го извршив послушанието. Тогаш никаквеците ја препознаа благодатта Божја во блажената Теодора, започнаа да се каат за својата злоба и ја молеа за прошка. А незлобивата ни најмалку не им се налути, нити некому кажа за нив, туку напротив, себеси се меташе за грешна и недостојна на љубовта од браќата.
Еднаш, додека Теодора го извршуваше своето послушание, ѝ се јави бес, гневно говорејќи:
- Ти погана прељубодејнице, си го оставила својот маж и си дошла да војуваш со мене? Но, јас ќе ти ископам јама, така што ти ќе се одречеш не само од монаштвото туку и од Распнатиот, и ќе побегнеш од ова место. Немој да мислиш дека не сум овде, зашто нема да те оставам на мира додека не ги заплетам во мрежа твоите нозе и не те фрлам во јамата што не ја очекуваш.
А Теодора се прекрсти и рече:
- Бог нека ја сотре твојата сила, ѓаволе!
И бесот стана невидлив.
По извесно време блажената Теодора повторно беше испратена со камилите во градот Александрија, да купи пченица за манастирските потреби. На испраќање игуменот ѝ рече:
- Чедо, ако те стемни по пат, сврати во манастирот Енатски и таму преноќевај со камилите.
На тој пат, во близина на градот, имаше манастир викан Енат. Теодора навистина ја стемни по пат и согласно со наредбата на игуменот таа отиде во тој манастир, му се поклони на игуменот и замоли за благослов во манастирот да ги одмори камилите до зори. Игуменот ѝ даде место во гостопримилиштето, каде што имаше пондило за камили. Во тоа време тука се затекна една девојка, веќе во години, ќерка на тој игумен, која беше дошла да му се поклони на својот татко и да го посети. Кога го виде младиот монах (блажената Теодора), таа девојка под дејство на ѓаволот се загледа во него и ноќе дојде кај него, каде што спиеше покрај камилите. Не знаејќи дека е жена, започна бесрамно да ја напаѓа и да ја тера на грев. Но, Теодора ѝ рече:
- Оди си од мене, сестро, не сум навикната на такви работи. Покрај тоа, јас во себе имам зол дух, па се плашам да не те убие.
Девојката се оддалечи посрамена и си најде друг гостин, со кој изврши грев и забремени. А Теодора на изгрејсонце отиде во градот и откако го изврши своето послушание се врати во манастирот.
По шест месеци кај онаа девојка се забележа дека е бремена и домашните започнаа да ја тепаат и да ја распрашуваат од кого забременила. А таа, поттикната од ѓаволот, ја обвини блажената Теодора, говорејќи:
- Октодекатскиот монах Теодор, патувајќи во градот со камилите, преноќеваше во гостопримилиштето, и таа ноќ дојде кај мене, и јас забременив од него.
Кога дозна за тоа нејзиниот татко, игуменот Енатски, испрати свои монаси во манастирот Октодекат, со жалба до игуменот дека негов монах обесчестил девојка и таа забременила. Игуменот ја повика Теодора и ѝ рече:
- Слушаш ли што зборуваат овие луѓе за тебе?
Теодора одговори:
- Прости ми, оче, Бог е сведок дека јас не сум го сторил тоа.
Игуменот, знаејќи дека братот Теодор е чист и свет како ангел Божји, не им поверува на тие монаси, а кога таа девојка роди син, Енатски монаси дојдоа во манастирот Октодекат, го фрлија детето среде манастирот, навредувајќи ги тамошните монаси, и говорејќи:
- Одгледајте го вашиот пород.
Штом го виде детето, игуменот поверува дека навистина било онака како што зборувале Енатските монаси. Тој многу се огорчи на невината и чиста со душа и тело Теодора. Веднаш ги свика браќата и ѝ рече:
- Кажи ни, беднику, што си сторил. Му навлече срам на нашиот манастир и потсмев на нашиот монашки чин. Не си се исплашил од Бога. Ние те сметавме за ангел а ти се покажа ѓавол. Признај го своето злодело!
Но, блажената, чудејќи се на оваа напаст, молчеше и само повторуваше:
- Простете ми свети отци, грешен сум.
Откако се посоветуваа меѓу себе, монасите ја истераа од манастирот со срам и ќотек, давајќи ѝ го детето во раце.
Колку чудесно трпение на блажената! Таа можеше со еден збор да ја докаже својата невиност, но, не сакајќи да ја обелодени својата тајна дека е жена, зеде врз себе туѓ грев, како казна за својот поранешен грев. Откако го зеде детето седна пред манастирската врата, ридајќи како истераниот Адам од рајот. Тука пред манастирот си направи мала колиба за детето и просејќи од пастирите млеко, го хранеше во текот на седум години, а самата поднесуваше и глад и жед, и голотија и мраз и горештина, користејќи за пиење морска вода и хранејќи се со диви билки.
Ѓаволот не можеше да го поднесе таквото трпение на Теодора, и намисли да ја соблазни на следниов начин. Се престори како нејзиниот сопруг, влезе во колибата каде што седеше таа со детето и ѝ рече:
- Овде ли живееш, госпоѓо моја? Толку години мака мачам барајќи те со солзи, а тебе не ти е гајле за мене. Не знаеш ли дека заради тебе ги оставив родителите, а ти ме напушти? Кој те измами, та ти дојде на оваа место? Каде е убавината на твоето лице? Зошто си толку ослабена? Дојди, мила моја, ајде во својот дом. Ако сакаш, ти можеш да го чуваш целомудрието и дома. Јас нема да ти пречам во тоа. Сети се на мојата љубов, госпоѓо, и ајде со мене во нашиот дом.
Блажената не препозна дека тоа е ѓаволот, туку помисли дека навистина е нејзиниот сопруг и му рече:
- Јас не можам да се вратам кај тебе во светот, од кој што побегнав, заради мојот грев. Се плашам да не западнам во уште поголем грев.
И кога ги крена рацете со крсниот знак на молитва, веднаш ѓаволот исчезна. Тогаш сфати дека тоа бил ѓаволот и се каеше што стапила во разговор со него. Од тогаш со уште поголема ревност се чуваше себе си од ѓаволските стапици. Но, тој не престануваше да војува против неа, туку собра мноштво бесови, кои зедоа на себе изглед на разни ѕверови, па ја нападнаа, викајќи со човечки гласови:
- Да ја растргнеме оваа прељубница!
А Теодора, прекрстувајќи се рече:
- Ме опколија, но со името Господово ги разбив (Псалми 117,11). И бесовите веднаш исчезнаа. Потоа ѓаволот, сакајќи да ја прелести со среброљубието ѝ покажа многу злато и луѓе кои го собираа, но и тоа исчезна од крсниот знак. Потоа ѓаволот зеде на себе изглед на кнез. Мноштво коњаници одеа пред него, и минувајќи покрај колибата на Теодора, викаа:
- Доаѓа кнезот! Доага кнезот!
Па ѝ рекоа на Теодора:
- Поклони му се на кнезот.
Таа одговори:
- Јас Му се поклонувам на единствениот Бог.
Тогаш тие ја извлекоа од колибата и насилно ја поведоа кај началникот на темнината, бидејќи Бог допушти да се допрат до светителката, за таа да биде испробана како злато во оган (Прем. Сол. 3, 6). И ја приморуваа да му се поклони, но, таа не сакаше, говорејќи:
- Јас му се поклонувам на мојот Господ Бог и единствено Нему Му служам. Тогаш бесовите ја претепаа безмилосно, па заминаа оставајќи ја одвај жива. Пастирите ја најдоа кај лежи како мртва, и мислејќи дека умрела ја однесоа во нејзината колиба. Тие известија за тоа во манастирот, говорејќи:
- Вашиот монах Теодор умре. Земете го неговото тело и погребајте го.
Игуменот со браќата отиде во колибата на Теодора, и кога виде дека е жива, рече:
- Оставете го, ќе остане жив.
И се вратија во манастирот.
На полноќ Теодора си дојде на себе и започна да плаче и да се удира во градите, говорејќи:
- Тешко мене, грешната! Тешко мене, беспомошната! О, колку ме казнува Бог за моите гревови!
И ги подигна рацете кон небото и со силен глас викна:
- Милосрден Боже, избави ме од рацете на ѓаволот и прости ги моите гревови. Пастирите, кои ноќеваа во близина, слушнаа како блажената Теодора, која ја сметаа за мртва, се моли, па се восхитија и Го фалеа Бога.
Потоа, игуменот нареди детето на Теодора да го земат во манастирот, на што таа многу се израдува, зашто се ослободи од грижата за него, а самата продолжи да лута низ пустината. Телото ѝ поцрне од студот и горештината. Очите ѝ потемнеа од горките солзи и таа живееше со ѕверовите, кои ѝ се покоруваа како овци и беа кротки. Но, ѓаволот уште еднаш се нафрли на неа. Гледајќи ја многу гладна, тој ѝ се јави во облик на војник, кој ѝ донесе на чинија убаво јадење и ѝ рече:
- Кнезот, кој те тепаше, сега се кае. Еве, ти го испрати ова јадење, молејќи да му простиш и да го примиш ова од него.
Теодора ја препозна оваа ѓаволска соблазна, се прекрсти и рече:
- Бог нека го уништи и разори твоето лукавство, ѓаволе! Нема да ме измамиш, зашто Бог ми е помошник.
И од тогаш ѓаволот престана да ја искушува.
По седум изминати години на таков страдалнички живот, монасите се сожалија и дојдоа кај игуменот, говорејќи:
- Смилувај се, оче, на братот Теодор. Тој веќе се покаја за својот грев. Прости му и прими го во манастирот.
Игуменот одговори:
- Навистина, браќа, минатата ноќ Бог ме извести дека на братот Теодор му е простен гревот. Одете побарајте го и доведете го ваму.
Откако ја пронајдоа Теодора во пустината, браќата ја доведоа во манастирот. Игуменот ѝ рече:
- Брате Теодоре, Бог ти го простил гревот. Живеј со нас во манастирот и подвизувај се. Немој повеќе да излегуваш од манастирот, за ѓаволот повторно да не те фрли во искушение. Учи го и твојот син да биде подржувач на твојот подвиг.
И откако ја ослободи од сите манастирски работи, ѝ даде ќелија, за таа во мир да се моли на Бога и да одмори после толкуте трудови. Во таа ќелија Теодора проживеа две години со божемниот свој син Теодор, учејќи го на книга, на стравот Божји, смирението, послушанието и другите монашки доблести.
Една година настана голема суша, од која пресушија бунарите во манастирот, а пресушија и езерата и имаше голем недостиг на вода. Тогаш игуменот им рече на некои од браќата:
- Никој друг нема да Го умоли Бога да ни подари вода, освен ава Теодор, бидејќи е полн со голема благодат Божја.
И ја повика Блажената Теодора и ѝ рече:
- Оче, Теодоре, земи сад и донеси ни вода од бунарот.
Но, бунарот беше сув, без ниту една капка вода.
- Благослови, оче, - рече Теодора и отиде на бунарот. Таа го спушти садот, го наполни со чиста вода и го донесе кај игуменот, кој беше со браќата. Сите останаа восхитени, па отидоа на бунарот, во кој одамна беше пресушила водата, и видоа дека е полн со вода. Сите Го прославија Бога. Таа вода беше доволна за сите манастирски потреби, сѐ додека не заврна дожд и не ги наполни сите пресушени водотеци. А пак блажената Теодора, смирена по дух, им говореше на браќата:
- Ова се случи, не заради мене, туку заради нашиот отец игумен, кој со својата цврста вера во Бога ме испрати и јас го извршив нареденото, потпирајќи се на неговите молитви.
И продолжи Теодора да живее во својата ќелија, молејќи се на Бога и воспитувајќи го својот божемен син. Една вечер таа пред сите го зеде детето, се затвори со него во ќелијата и започна да го поучува. А игуменот, поттикнат од Духот, испрати некои од браќата кришум да наслушнат крај ќелијата што разговара Теодора со своето дете. Таа, пак, го зеде детето во својот скут, го прегрна бакнувајќи го, и започна да му зборува:
- Мил мој сине! Моето време дојде, крајот ми се ближи, и јас веќе заминувам од тебе. Но, ти немој да плачеш за мене и немој да си велиш дека си сираче, бидејќи го имаш за татко самиот Бог, Кој со Својата благодат те штити. И јас ќе Го молам за тебе, ако најдам слобода пред Него. Сослушај ги моите последни зборови и запиши ги во своето срце. Возљуби Го Бога повеќе од сѐ, и повеќе од самиот себеси, прилепи се за Него со сето свое срце, непрестајно слави Го и Моли Му се со устата и срцето, јазикот и умот. Соборното правило никогаш не оставај го, туку со останатите браќа оди во црквата на часовите, први, трети, шести, деветти, на вечерната, полуноќницата и утрената. Сите твои молитви нека бидат со скрушено срце, солзи и воздишки. Плачи пред Бога секој ден, за да се удостоиш на вечната утеха. Биди им послушен на игуменот и браќата. Откажи се од својата волја. Чувај ја незлобивоста до крајот на својот живот. Огради ја со молчење устата своја. Чувај се да не осудиш некого, ниту пак да се потсмееш на туѓ грев. А ако видиш дека некој греши, помоли се за него на единиот безгрешен Бог да го поправи, а тебе да те избави од гревопадите и искушенијата вражји. Не зборувај ништо напразно, ниту лошо и хулно. Од твојата уста да не излезе збор, за кој ќе треба да дадеш одговор во денот на Судот. Биди кроток и смирен по срце. Сите сметај ги за татко и добротвори свои, а себе сметај се за нивно подножје. Ако слушнеш дека некој од браќата е болен, оди да го посетиш и од срце да му послужиш. Секое послушание извршувај го без роптање. Сиромаштвото и нестекнувањето љуби ги како скапоцено богатство. Сети се на моето живеење кога со тебе талкав. Што стекнав јас во мојата колиба пред манастирските огради? Дали храна или облека? Дали покуќнина или некое богатство? Ништо друго освен Бога. Што му е потребно на човекот освен Бога и Неговата божествена љубов? Бог е нашето благо, Бог - богатство, Бог - храна и пијалок, Бог - облека и покривка, Бог - наше здравје и крепост, Бог - веселба и радост, Бог - надеж и поткрепа. Потруди се да го стекнеш Него, сине мој! Ако го стекнеш единиот Бог, тоа ќе ти биде доволно. Ќе се веселиш во Него повеќе отколку кога би го добил сиот свет. Труди се да ја чуваш својата чистота. Како што си сега чист со телото и душата, така остани и до крајот на својот живот. Внимавај, чедо мое, да не го ожалостиш Духот Божји, Кој живее во тебе, и да не го избркаш од себе со сластољубието и угодувањето на телото. Умртвувај го своето тело, не му давај покој и одмор. Како непослушно магаре смирувај го со гладот, жедта, работата и ќотекот, додека својата душа не ја изведеш пред Христа како чиста невеста. Будно чувај се од ѓаволските стапици, бдеј и стражари, бидејќи ѓаволот не дреме, барајќи да го проголта секој што Му служи на Бога. Од овој враг нека те заштити помошта Божја! Покрај тоа, чедо мое, врши спомен и за мене, да најдам милост кај праведниот Судија, Кој ќе ги суди не само гревовите туку и правдините. Кај Него одам јас сега.
На тоа умното дете рече:
- Оче мој, зарем ти веќе заминуваш и ме оставаш сираче? Што ќе правам јас без тебе? Тешко мене јадниот! Тешко мене сиротиот, што се лишувам од тебе, добри оче мој!
А Теодора, тешејќи го, рече:
- Јас веќе ти реков да не се нарекуваш себеси сираче, бидејќи ти го имаш Бога, Кој те чува и се грижи за тебе. Тој ќе ти биде татко и мајка, учител и наставник, покровител и раководител кон спасението.
Потоа Теодора стана и започна со плачење да се моли, говорејќи:
- Боже, Ти ги знаеш моите гревови и моето покајание. Ти го знаеш страдањето на моето срце. Јас не престанав да плачам што Те разгневив Тебе, Господи! Ти го знаеш мојот труд, со помош на кој го смирував моето грешно тело, затоа што се дрзнав да извршам грев и да ја огорчам Твојата благост. Ти ја знаеш тагата на мојата душа. Знаеш дека мојата душа, откако стана свесна за гревот, не престана да тагува и горко да рида што го ожалости милосрдието Твое. Затоа слушни ја сега молитвата моја, види го моето срце, кое се топи како восок, испитај што има во мене, погледни на солзите мои и смилувај се на бедната душа моја! Прости ги беззаконијата мои, прости ги гревовите мои, не спомнувај ги злите дела мои, по милоста Своја промени ме Ти, заради добрината Своја, Господи! (Пс. 24, 7). Прими го покајанието мое! Прими ги молитвите и ридањето мое! Прими ја и душата моја!
Додека таа така се молеше, не можеше да се слушне сѐ што зборува во молитвата, само се слушаше нејзиниот плач и удирање во градите. Плачеше заедно со неа и детето, оплакувајќи го своето сиротство. Потоа повторно го тешеше, па повторно се молеше. Најпосле со радост рече:
- Ти благодарам Тебе, семилосрден Творецу мој, што ме услиша и помилува, и ја избави душата моја од смртта и очите мои од солзите.
Зборувајќи за радоста на душата и искажувајќи други благодарствени зборови, Теодора замолчи. Можеше да се помисли дека таа во тоа време ја предала душата на својот Господ, бидејќи веќе се слушаше само плачењето на детето. Во тој миг удри клепалото за утрената. Монасите кои прислушкуваа, отидоа кај игуменот и сѐ му раскажаа. Откако ги сослуша, тој започна со солзи да им зборува:
- Чеда мои, јас ноќеска задремав и имав видение. Дојдоа двајца светлозарни мажи и ме поведоа во небесните височини, од каде ми дојде глас: дојди и види какви богатства сум подготвил за мојата невеста Теодора.
И го видов светлосниот рај, чија красота и убавина е невозможно да се опишат. Оние двајца ме внесоа во рајот и ми покажаа дворец и во него златен одар, крај кој стоеше ангел и го чуваше. Јас ги прашав луѓето кои ме водеа:
- За кого е подготвен овој дворец и одар?
Тие ми рекоа:
- Причекај малку и ќе ја видиш славата Божја.
Кратко потоа јас видов чинови на Ангели, Маченици и Преподобни, кои одеа кон дворецот, пеејќи прекрасни песни, чија сладост е невозможно да се искаже. Среде нив видов прекрасна жена во голема слава. Тие ја доведоа во дворецот и ја поставија на одарот, пеејќи преслатки песни. Јас со страв ѝ се поклонив на таа чесна жена. А ангелот ме праша:
- Знаеш ли која е таа?
Јас одговорив:
- Не знам, господине мој.
Тогаш тој ми рече:
- Тоа е твојот монах Теодор. По својата природа тој беше женско, а по надворешниот изглед машко. Откако поживеа кратко време во брак, Теодора го остави светот заради Бога и се трудеше во вашиот манастир. А кога беше наклеветена дека девојка родила дете од неа, таа не објави дека е жена, туку како вистински татко го прими детето и го одгледа. Избркана од вашиот манастир таа многу пострада, хранејќи се со трева и пиејќи морска вода, трпејќи и студ, и горештина, и голотија, и поднесувајќи многу напади од демоните. Поради сето тоа милосрдниот Бог толку ја возвелича. Ја засака како невеста Своја и ја направи наследничка на Царството Свое со сите светии.
Јас започнав да плачам што не ја знаев оваа тајна, туку ѝ поверував на лагата и ја навредив светителката, истерувајќи ја со срам од манастирот. Така плачејќи, јас се разбудив. Затоа сега, чеда мои, моето срце е исполнето со радост и жалост. Се радувам што се удостоив да видам преславно видение, какво што око човечко не видело, и да слушнам преслатки звуци на свети песни, какви што уво човечко не слушнало. А тагувам и плачам што не знаевме дека слугинката Божја и Негова возљубена невеста, која живеела меѓу нас, ние, без да знаеме, долго сме ја навредувале.
Потоа игуменот ги собра браќата, па отиде кај ќелијата на блажената Теодора и затропа на вратата, говорејќи:
- Оче Теодоре, благослови!
Но, одговор немаше. Теодора веќе се беше претставила кај Господа. Момчето додека плачело над неа беше заспало и одвај го разбудија. Кога им ја отвори вратата ја видоа блажената како лежи на земјата, со рацете прекрстени на градите и со затворени очи, а лицето и сјаеше со убавина, како лице на ангел. Кога започнаа да го подготвуваат за погреб нејзиното тело, игуменот ги откри нејзините гради, исушени од долгиот пост, и сите дознаа дека била жена. Многу восхитени, тие долго плачеа. Игуменот им нареди на браќата никому да не кажуваат за оваа тајна, додека не бидат повикани оние што ја наклеветија преподобната дека ја обесчестила девојката. И испрати игуменот браќа кај Енатскиот игумен, говорејќи:
- Ја молиме твојата љубов, оче, дојди кај нас со своите браќа. Денес имаме голем празник, па сакаме да го празнуваш со нас.
И дојде игуменот Енатски со своите монаси. И ги одведоа кај светото тело на блажената Теодора, говорејќи:
- Оче, мажот на твојата ќерка умре.
И, покажувајќи му го телото на преподобната, го прашаа:
- Нели овој е Теодор?
- Навистина е тој, - одговори игуменот Енатски.
Тогаш ги прашаа дојдените монаси со него:
- Вие го познавате ли?
Тие рекоа:
- Добро го познаваме. Тоа е лажниот монах Теодор, кој ја оскверни девојката. Бог нека му плати според делата негови.
Тогаш Октодекатскиот игумен ги откри градите на блажената Теодора, и покажувајќи кон нив, рече:
- Зарем ова е машко тело?
- Да отци, ние се прелагавме, мислејќи дека е машко, а всушност таа била жена. Ги променила името и изгледот, и како ангел живееше меѓу нас, грешните, кои не ја знаевме оваа тајна и многу напасти претрпе од нас. Но, нејзиниот крај покажа што била и што е, бидејќи таа е праведна и света, и на Христа Бога мила. Јас ја видов како се весели во небесниот дворец, во слава и голема светлина, со чинови на ангели и со сите светии.
Тогаш сите присутни се запрепастија и восхитија на оваа голема тајна. А оние што ја беа наклеветиле за гревот што таа не го изврши, многу се посрамија. Сите многу плачеа, говорејќи:
- Тешко нам, што толку долго ја навредувавме слугинката Божја! Тие паѓаа пред нејзините свети мошти и со солзи говореа:
- Прости ни, слугинко Божја, што во незнаење се огрешивме за тебе! После тоа му се јави ангел Божји на игуменот Октодекатски, говорејќи:
- Земи го коњот и појди во градот. Оној што прв ќе го сретнеш доведи го ваму.
Игуменот веднаш тргна. Кога го виде човекот кој доаѓаше кон него, го праша:
- Каде одиш човеку?
Тој одговори:
- Слушнав дека мојата жена умрела во некој манастир, па одам да ја побарам и да ја видам.
Игуменот го качи на коњот, се врати во манастирот и го одведе кај светото тело на преподобната. Кога ја виде Теодора, нејзиниот маж започна горко и неутешно да рида над нејзините мошти.
Од околните манастири се слеа огромен број на монаси со свеќи и кадилници, па го подготвија светото тело на преподобната Теодора и чесно го погребаа во манастирот, во кој таа добро се подвизуваше. И приредија голем празник во текот на многу денови, славејќи Го Христа Бога и величајќи ја возљубената невеста Негова. А нејзиниот сопруг, по нејзиниот погреб ја измоли за себе ќелијата во која што живееше неговата жена, или подобро речено невеста Христова. Тој се замонаши и се подвизуваше овде во пост, молитви и солзи, сеќавајќи се на подвизите на преподобната Теодора. По некое време се упокои и премина кај Господа. А момчето Теодор, кое преподобната го имаше како син, ги наследи карактерот, подвизите и целокупното доблесно живеење на својот божемен татко, подобро речено своја мајка, преподобната Теодора. Тој достигна такво совршенство, што по смртта на игуменот од сите монаси беше избран за игумен. И беше добар отец, водејќи ги чедата свои на патот на спасението, по кој и самиот појде по преподобната Теодора, и се насели со неа во небесните живеалишта.
По молитвите на светиите Твои, Господи, не лишувај нѐ и нас од небесното Царство Свое. Амин.
ПРЕПОДОБЕН СТАРЕЦ СИЛУАН АТОНСКИ
Старецот Силуан, чие што световно име е Семјон Иванович Антонов, бил земјоделец од Тамбовската губернија, Лебединскиот округ, Шовската област и село. Роден е 1866 година, а на Света Гора пристигнал во 1892 година. Во расо е пострижан 1896 година, а во схима 1911 година.
Животот на овој голем светогорски старец беше умерено суров, со целосно занемарување на надворешноста и телото. Се облекуваше небрежно, како монах работник, носеше многу алишта врз себе, бидејќи низ годините на целосна негрижа за телото често настинуваше и страдаше од ревматизам. За време на своето послушание во Каламаријакиот метох (имот надвор од Света Гора), во стариот Русик на икономија, многу му беше настинала главата и тешка главоболка го принудуваше да лежи на постела. Тогаш ги минуваше ноќите надвор од манастирот, во еден голем магазин, за кој што беше одговорен.
Кога за прв пат беше назначен за иконом, кога се прибра во ќелијата, топло се молеше Господ да му помогне да го исполнува тоа одговорно послушание. По долгата молитва во душата добил одговор: „Чувај ја благодатта што ти е дадена“. Тогаш сфатил дека чувањето на благодатта е поважно и поскапоцено од сите други дела. Затоа, откако го прими послушанието на иконом, тој непрестајно се трудеше неговата молитва да не престанува.
Како иконом на манастирот преподобниот Силуан имаше на својот распоред околу двесте работници. Наутро ги посетуваше работниците, а на одговорните мајстори им даваше општи инструкции, па се враќаше во својата ќелија да плаче за „Божјиот народ“. Срцето го болеше од жал за работниците. Тој секого оплакуваше.
Старецот тајно се молеше за „Божјиот народ“, и работниците го чувствуваа тоа и многу го сакаа. Никогаш не го злоупотребуваше своето присуство за време на работата, не ги брзаше, и тие, поласкани, работеа повесело и со поголема енергија отколку кај другите. Преподобниот Силуан не беше многу учен. Во своето детство одел во селско училиште само „две зими“, но од постојаното читање и слушање во црквата (на Света Гора за време на ноќните служби, и особено на сеноќните бденија, кои што траат по осум, девет и повеќе часа, се читаат на глас многу поуки од светоотечката книжевност) на Светото Писмо и на големите дела на светите отци, тој се развил многу и оставаше впечаток на начитан човек во монашки однос. По природа имаше темпераментен и духовит ум, а долгиот опит на духовна борба, на внатрешната умствена молитва, опитот на исклучителни страдања и на исклучителни Божествени посети, го направиле исклучително мудар и прониклив.
Во 1932 година еден католички лекар го посети манастирот и со восхитување дозна дека монасите ги читаат Јован Лествичник, Ава Доротеј, Теодор Студит, Јован Касијан, Ефрем Сирин, Варсонуфиј и Јован, Макариј Велики, Исак Сирин, Симеон Нов Богослов, Никита Стифат, Григориј Синаит, Григориј Палама, Максим Исповедник, Исихиј, Диадох, Нил и други отци. Тогаш старецот Силуан забележа:
„Нашите монаси не само што ги читаат тие книги, туку и самите можат да напишат подобни на нив... Монасите не пишуваат затоа што веќе има многу прекрасни книги, и тие се задоволуваат со нив, но ако тие книги поради некоја причина исчезнат, монасите би напишале нови“.
За време на својот долготраен живот на Света Гора, старецот се среќаваше со мнозина големи подвижници. Некои од нив од опит ги познале состојбите за кои што пишуваат такви големи аскети, како Исак Сирин, Макариј Велики и други, и затоа зборовите на старецот се потполно нормални. Самите големи светогорски подвижници сметале дека преподобниот Силуан ја „достигнал мерата на светите Отци“.
За време на беседите преподобниот како да се срамеше да оди подалеку од наговестувањето, благодарение на што неговата голема мудрост и неговиот исклучителен опит често остануваа сокриени за собеседникот. Животот на преподобниот старец остана за мнозинството „неоткриен“. Без сомнение тоа било не само Божјата волја за него, но и негова сопствена желба, која што Бог ја примил и ја исполнил, кога го сокрил дури од мнозинството отци на Света Гора. Само некои монаси и немонаси, лица, кои ја посетувале Света Гора или воделе разговор со него, го процениле и длабоко го засакале. Меѓу нив имало и епископи и свештеници со високо богословско образование и благочестиви мирјани. Старецот особено многу беше сакан од страна на монасите од српските манастири. Тие во него гледале духовен отец, кој ги препородува со својата љубов.
Еднаш еден православен туѓинец гостуваше доста време во манастирот. Средбата со старецот му оставила длабок впечаток. Тој го засакал и често одеше кај него. Монасите дознаа за тоа. Еднаш еден од највлијателните соборни старци, јеромонахот Н.., начитан човек со остар ум, го сретнал во ходниците на манастирот и рекол:
„Не разбирам зошто вие, учените академци, одите кај отец Силуан, неписменото човече? Зарем нема некој поумен од него?“
„За да го разбере некој Силуан, треба да биде академик „одговорил гостинот со болка во душата.
Истиот јеромонах Н.., продолжувајќи да не разбира зошто учени луѓе го почитуваат и посетуваат старецот Силуан, во разговор со монахот отец Методиј, кој што многу години бил одговорен за книжарницата на манастирот, забележал:
„Се чудам зошто одат кај него. Тој изгледа нешто им чита“.
„Тој ништо не чита но сѐ прави а другите многу читаат но ништо не прават“ - одговорил Методиј.
Старецот схимонах Силуан починал во два часот по полноќ, на 11 /24 септември 1938 година и бил погребан во истиот ден попладне, во четири часот.
Од духовните поуки на старец Силуан
Што треба да правиш за да имаш мир во душата и телото? За таа цел треба да ги сакаш сите како самиот себеси и секој миг да бидеш подготвен за смртта. Кога душата се сеќава на смртта, се исполнува со смирение и целосно се предава на Божјата волја, и сака да биде во мир со сите и ги сака сите.
***
Господ ги сака луѓето, но им испраќа несреќи, за да ја спознаат својата немоќ и да се смират, а за своето смирение да го примат Светиот Дух. Со Светиот Дух сѐ е добро, сѐ е радосно, сѐ е прекрасно. Некој многу страда од сиромаштија и од болести, но не се смирува и затоа страда без полза. А оној што ќе се смири, ќе биде задоволен од секоја судба, зашто Господ е негово богатство и негова радост, и сите луѓе ќе се восхитуваат на убавината на неговата душа.
***
Велиш: „Имам многу маки“. Но јас ќе ти кажам, односно самиот Бог вели: „Смири се и ќе видиш, дека маките ќе ти се претворат во покој, така што и самиот ќе се восхитиш и ќе речеш: Зошто порано се измачував и жалостев така?“ А сега се радуваш зашто си се смирил и дошла Божјата благодат. Сега, макар и да живееш во сиромаштија, радоста не ќе те напушти, зашто во твојата душа има мир, за кој мир Господ рекол: Мојот мир ви го давам. Така Господ дава мир на секоја смирена душа.
***
Сите сакаат да имаат мир, но не знаат како да го добијат. Пајсиј Велики се гневел и Го молел Господа да го избави од раздразливоста. Господ му се јавил и му рекол: „Пајсиј, ако сакаш да не се гневиш, не посакувај ништо, никого не осудувај и не мрази, и нема да се гневиш“. Така и секој човек, ако ја отсекува својата волја пред Бога и пред луѓето, секогаш ќе има мир во душата, а оној што сака да ја извршува својата волја, никогаш нема да има мир.
***
Душата, која ѝ се предала на Божјата волја, лесно ја поднесува секоја несреќа и болест, зашто во болеста таа се моли и соѕерцава кон Бога: „Господи, Ти ја гледаш мојата болест. Ти знаеш колку сум грешен и немоќен. Помогни ми да поднесувам и да ѝ благодарам на твојата благост“. И Господ ја олеснува болеста, и душата ја чувствува Божјата помош, и е благодарна и весела пред Бога.
***
Ако те снајде некаков неуспех, мисли: „Господ го знае моето срце и ако му е угодно, ќе ми биде добро и на мене и на другите“ - и така душата секогаш ќе има мир.
А ако некој ропта: „Тоа не е така, она не е убаво“, никогаш не ќе има мир во душата, макар да пости и многу да се моли.
Преподобниот Пајсиј Велики се молел за еден свој ученик, кој што се одрекол од Христа, и додека се молел, Господ му се јавил и му рекол:
„Пајсиј, за кого се молиш? Та нели тој се одрече од Мене?“
Но преподобниот продолжил да го жали својот ученик и тогаш Господ му рекол:
„Пајсиј, ти се уподоби на мене во љубовта“.
Така се придобива мир и нема друг пат освен овој.
Ако некој многу се моли и пости, но нема љубов кон непријагелите, не може да има душевен мир. И јас не би можел да зборувам за тоа, ако Светиот Дух не ме беше научил на љубов.
***
За да има благодат, човекот треба да биде воздржан во сѐ : во движењето, во зборовите, во погледот, во помислите, во храната... И во секое воздржание припомага поучувањето во словото Божјо. Речено е: Не само од леб ќе живее човек, а од секој збор, кој излегува од Божјата уста.Преподобна Марија Египетска зела со прстите малку леќа од свети Зосим и рекла: „Тоа е доволно, при Божјата благодат“. Треба да се научиш да јадеш колку што е можно помалку, но тоа треба да го правиш со расудување, доколку ти дозволува работата. Мерката на воздржанието треба да биде таква, така што и по јадењето да сакаш да се молиш.
***
Големо богатство е да се предадеш на Божјата волја. Тогаш во душата е единствено Господ и нема друга мисла, и таа се моли со чист ум на Бога и ја чувствува Божјата љубов, макар телото да страда.
Кога душата целосно се предала на Божјата волја, тогаш самиот Господ започнува да ја раководи и душата се учи непосредствено од Бога, а претходно била раководена од учители и од Писмото. Но ретко се случува Учител на душата да биде самиот Господ со Својата благодат на Светиот Дух и малкумина - само оние, кои живеат според Божјата волја - го знаат тоа.
Горделивиот не сака да живее според Божјата волја. Тој сака самиот да се управува себеси. И не разбира, дека без Бога на човекот му недостига разум да управува со себеси. И јас кога живеев во светот и сѐ уште не го бев познал Господ, се раководев според сопствениот разум. Но кога Го познав преку Светиот Дух нашиот Господ Исус Христос, Синот Божји, душата ми се оддаде на Бога и ја примам секоја несреќа, што ќе ми се случи, и си велам: „Господ бдее над мене. Од што да се плашам?“ А порано не можев да живеам така.
***
Јасно гледам, дека Господ управува со нас. Без Него не можеме дури и да помислиме нешто добро. Затоа е неопходно смирено да се предадеме на Божјата волја, та Господ да нѐ раководи.
***
Господ секогаш ги простува гревовите на милостивиот. Милостивиот не се сеќава на злото. Дури и да бил навреден или да му го одзеле имотот, тој останува рамнодушен, зашто ја познава Божјата милост, а милоста на Господа никој човек не може да ти ја одземе, зашто таа е висока, таа е во Бога.
***
Ако мислиш лошо за луѓето, значи зол дух живее во тебе и тој ти внушува лоши мисли за луѓето. И ако некој не се покае и умре, без да му простил на брата си, неговата душа ќе отиде онаму каде што живее злиот дух, кој што завладеал со неговата душа.
***
Кај нас е во сила следниот закон: ако ти простуваш, значи дека и Господ ти простил. А ако не му простуваш на брата си, значи, дека и твојот грев си останува со тебе.
***
Господ сака да ги сакаме своите ближни. И ако ти помислиш за ближниот дека Господ го сака, значи Господовата љубов е со тебе. И ако размислуваш за тоа дека Господ многу го сака Своето створение и самиот ја жалиш сета твар и ги сакаш и непријателите, а себе си се сметаш за најлош од сите, тоа значи дека со тебе е големата благодат на Светиот Дух.
***
Велиш дека многу луѓе страдаат од многу неволји и од зли луѓе. Но те молам, смири се под крепката Божја рака и тогаш благодатта ќе те научи, и ти самиот ќе посакаш да страдаш заради Господовата љубов. Ете на што ќе те научи Светиот Дух, Кого го познавме во Црквата.
А оној што ги осудува и кара лошите луѓе, а не се моли за нив, никогаш нема да ја познае Божјата благодат.
***
Ако некој си мисли добри нешта за брата си, и дека Господ го сака, и особено ако си мислиш дека во неговата душа живее Светиот Дух, тогаш ти си близу до Божјата љубов.
***
Целата наша борба е да се смириме себеси. Нашите непријатели паднаа поради гордоста, а и нас нѐ влечат натаму. Но ние, браќа, ајде да се смириме и тогаш ќе ја видиме Господовата слава уште овде, на земјата (види Матеј 16, 28; Марко 9,1), зашто Господ им дава на смирените да Го познаат преку Светиот Дух.
***
Често од еден поздрав душата чувствува добра промена во себеси. И обратно, за еден поглед попреку ги губиш Божјата благодат и љубов. Тогаш покај се побрзо, за да се врати Божјиот мир во твојата душа.
***
На оној што не му е дадено други да учи, а тој ги учи, тој го жалости Божјото величие.
***
Има луѓе, дури и големи, кои, штом ќе се најдат во неодумица, не го прашуваат Господа, а треба веднаш да кажат: „Господи, јас сум грешен човек и не разбирам, но Ти, Милостив, вразуми ме како да постапам“. И Милостивиот Господ не сака нашата душа да остане смутена од врагот и ни внушава што треба, а што не треба да направиме.
***
Знај, дека кога ќе наиде несреќа над народот и душата заплаче пред Бога за тој народ, тогаш тој ќе биде помилуван. Светиот Дух затоа се допрел до душата и ѝ дал молитва за луѓето, за да бидат помилувани. Така го сака Милостивиот Бог созданието Свое.
***
Моли се просто, како дете, и Господ ќе ја чуе твојата молитва, зашто нашиот Господ е толку милостив Татко, што ние не можеме ниту да разбереме, ниту да си го претставиме тоа, и само Светиот Дух ни ја открива Неговата голема љубов.
***
Порано мислев, дека Господ вршел чуда само по молитвите на светиите, но сега дознав дека Господ ќе изврши чудо и заради грешникот, веднаш штом ќе се смири неговата душа, зашто кога човекот ќе се научи на смирение, тогаш Господ ги слуша неговите молитви.
***
Како да дознам дали Господ ме сака или не ме сака? Еве некои признаци. Ако упорно се бориш со гревот, значи Господ те сака. Ако ги сакаш своите непријатели, значи уште повеќе си сакан од Бога. А ако и својата душа ја полагаш за луѓето, значи дека си му многу пријатен на Господа, Кој и Самиот ја положил Својата душа за нас.
Голема наука
Додека живееме на земјата, неопходно е да научиме да водима борба со непријателот. Најтешко е да го умртвиш телото заради Бога, и да го победиш самољубието.
За да го победиш самољубието неоходно е постојано да се смируваш. Тоа е голема наука, која не се совладува брзо.
Треба да се сметаш себе си за најлош од сите и да се осудиш за адот. Преку тоа се смирува душата и се придобива покаен плач, од кој што се раѓа радоста. Добро е да ја научиш својата душа да мисли вака: „Ќе горам во адскиот оган“. Но жално е што малкумина го разбираат тоа. Мнозина очајуваат и пропаѓаат. Нивните души подивуваат и после тоа не сакаат ниту да се молат, ниту да читаат, дури ни да мислат за Бога.
Треба да се самоосудуваш во својата душа, но да не очајуваш за Божјото милосрдие и љубов. Неопходно е да придобиеш смирен и скрушен дух, и тогаш сите лоши помисли ќе си заминат и умот ќе се очисти. Но треба да ја знаеш својата мерка, за да не ја преоптовариш душата. Спознај се себе си и давај ѝ на својата душа подвиг според нејзините сили.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ ПАФНУТИЈ ИСПОВЕДНИКОТ
Свети Пафнутиј беше епископ Таиски во Тиваида Мисирска. Многу пострадал за Православната Вера. Еретиците му го беа извадиле едното око и скршиле левата нога. Учествувал на Првиот Вселенски Собор, побивајќи ја со голема сила аријанската ерес. Царот Константин многу го почитувал и ценел, и често го бакнувал во она избодено око, избодено заради вистината Православна. Застанал одлучно на Соборот против западните претставници, кои предлагале на мирските свештеници целосно да им се забрани бракот. Бил девственик целиот свој живот.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЕФРОСИН ГОТВАЧОТ
Нашиот преподобен отец Ефросин е роден од прости родители, но со своите доблести ги надмина високородните. Многумина при своето благородно потекло немаат никакви добродетели и паѓаат во бездните на адот. А неретко, луѓе непознати по потекло, но со добротворна смиреност, се вознесуваат во рајот Божји. Така и преподобниот Ефросин се најде во едно видение во рајот, во кој и тој се всели со својот свет живот.
Во манастирот Ефросин им служеше на браќата во кујната, им служеше не како на луѓе, туку како на самиот Бог, во голема смиреност и послушност. Трудејќи се и ден и ноќ во послушанието, тој никогаш не ги оставаше молитвата и постот. Неговото трпение беше неискажливо. Поднесуваше многу непријатности, навреди, исмевања и често карање. Потпалувајќи го во кујната природниот оган, во него се разгоруваше духовниот оган на љубовта Божја и срцето му гореше за Господа. Приготвувајќи храна за браќата, тој со доблесното живеење си подготвуваше за себе трпеза во Царството Божјо, за таму да се насити со оние, за кои е речено: „Блажени се оние кои јадат леб во Царството Божјо“ (Лука 14, 15). Тој Му служеше на Господа тајно, за да му биде наплатено јавно, како што и навистина се случи. Господ објави како ќе го награди својот слуга Ефросин, на следниот начин:
Еден свештеник, кој живееше во истиот манастир со Ефросин, постојано Го молеше Господа на очигледен начин да му ги покаже идните богатства, кои што ги подготвил за оние кои Го љубат. И една ноќ имал вакво видение: се видел тој себеси како стои во рајот со страв и радост, набљудувајќи ја неговата неискажлива убавина. Таму тој го здогледал готвачот Ефросин, како се шета низ рајот, па му пристапил и го прашал:
„Брате Ефросине, што е ова? Нели ова е рајот?“
Ефросин одговорил:
„Да, оче, ова е рајот“.
Свештеникот повторно го прашал:
„А ти, како се најде овде?“
Готвачот Ефросин одговорил:
„Според големата милост Божја, доведен сум да живеам овде. Ова е живеалиштето на избраниците Божји“.
Свештеникот го прашал:
„Имаш ли некаква власт над оваа убавина?“
Ефросин одговорил:
„Колку можам, толку и давам од ова што го гледаш“.
Свештеникот го прашал:
„Можеш ли да ми дадеш нешто од тоа?“
Ефросин одговорил:
„Со благодатта на мојот Господ, земи што сакаш“.
Тогаш свештеникот, посочувајќи со раката кон јаболкницата, побарал јаболки. Ефросин скинал три јаболки, му ги ставил на свештеникот во марама и му рекол:
„Земи го тоа што го бараше и насладувај се“.
Во тоа време удри клепалото за утрената. Свештеникот се разбуди и откако се прибра малку мислеше дека било сон она што го видел, но кога ја протегна раката кон марамата ги најде во неа јаболките што ги доби од Ефросин во видението и почувствува од нив неискажан мирис. Тоа многу го запрепасти. Тој стана од постелата, ги остави јаболката на неа и отиде во црквата, каде го здогледа Ефросин како стои на утринското богослужење, па му пријде и го заколна да му каже каде бил изминатата ноќ. Ефросин му одговори:
- Прости ми, оче, ноќеска бев таму каде што ти ме виде.
На тоа свештеникот рече:
- Затоа и те заколнав да ги објавиш делата Божји и да не ја сокриеш вистината.
Тогаш смиреноумниот Ефросин рече:
- Ти, оче, си Го молел Господа на видлив опиплив начин да ти ги покаже наградите за Неговите избраници. И Господ благоволи да му го покаже тоа на твоето преподобие, преку мене ништовниот и недостојниот. И ете, ти ме виде во самиот рај на мојот Бог.
Свештеникот го праша:
- А што ми даде ти, оче, во рајот кога побарав од тебе?
Ефросин одговори:
- Ти дадов три миризливи јаболки, оние што во својата ќелија ги стави на постелата. Но, прости ми, оче, зашто јас сум црв а не човек.
По завршувањето на утрената свештеникот ги собра браќата и, покажувајќи им ги трите рајски јаболки, подробно им го раскажа своето видение. И сите почувствуваа од тие јаболки неискажлив благомирис и духовна сладост, и потресени се восхитуваа на она што го раскажуваше свештеникот. Потоа побрзаа во кујната за да му се поклонат на слугата Божји, но не го најдоа. Во меѓувреме тој, откако излезе од црквата се сокри, бегајќи од славата човечка, и никако не можеа да го пронајдат. А каде се сокрил не е потребно многу да се распрашуваме. Кога за него и рајот е отворен, тогаш каде би можел да се сокрие? А пак оние јаболки браќата ги поделија меѓу себе и ги раздаваа на многумина како благослов, особено за исцелување. Секој од болните, што ќе вкусеше од нив, се исцелуваше од својата болест. Многу корист добија сите од таквиот дар на свети Ефросин. Испишувајќи го тоа прекрасно видение не само на хартија, туку и во срцата свои, тие се зафаќаа на големи подвизи и угодување на Бога. По молитвите на преподобниот Ефросин, Господ и нас да нѐ удостои на рајските населби. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ИЈА
Светата маченичка Ија беше родум од градот Визад. Заедно сод девет илјади христијани, таа од страна на персискиот цар Сапор беше земена во ропство. Заради исповедањето на Христа беше предадена на суд кај старешината на волхвовите, кој започна да ја присилува да се одрече од Христа. Таа не се согласи со тоа и остана цврста во вистинската вера. Поради тоа ја заклучија во темница и цела година ја измачуваа со глад. Потоа ја изведоа од темницата и страшно ја тепаа со стапови, па повторно ја одведоа во темницата, каде остана петнаесет години. После тоа повторно ја изведоа и толку цврсто ѝ ги врзаа со тенки конапи, колената, колковите и рацете, што коските ѝ испукаа. Потоа со каиши и сирова кожа ја тепаа по бедрата и по стомакот. Најпосле ѝ ја отсекоа главата. Постои предание дека при смртта на оваа света маченица сонцето се помрачило и сиот воздух се исполнил со прекрасен и неискажлив благомирис. Господ така ги прославува оние кои Него Го слават.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ДИОДОР, ДИОМИД и ДИДИМ
Овие свети маченици беа од Лаодикија Сириска. Како христијани тие ги поучуваа во Христа незнабошците и многумина од нив обраќаа и крштеваа. Затоа ги изведоа на суд пред Лаодикискиот кнез, каде храбро Го исповедаа Христа Бога. Заради тоа ги подложија на страшни мачења, но тие не се одрекоа од Христа, туку напротив, ја изобличија лагата на идолопоклонството и го прекорија кнезот што го остава вистинскиот Бог и се поклонува на лажни богови. Со молитва на устите светите маченици Диодор, Диомид и Дидим среде маките ги предадоа своите души на Господа.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ДИМИТРИЈ, ЕВАНТИЈА и ДИМИТРИЈАН
Светите маченици Димитриј, неговата сопруга Евантија и нивниот син Димитријан умреа за Христа измачувани со глад. За нив се зборува опширно во житието на свети Корнилиј Капетанот, под 13 септември.
СПОМЕН НА ПРЕНОСОТ НА МОШТИТЕ НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ СЕРГИЈ И ГЕРМАН, Валаамските чудотворци
На овој ден се празнува преносот на нивните свети мошти од Нови Град, назад на Валаам, во нивната обител. Нивниот спомен се врши на 28 јуни.