26. Септември (13. Септември)
На денешен ден го празнуваме осветувањето на преславниот и преголем храм во Ерусалим, не оној што го подигна царот Соломон на гората Морија, туку оној што благочестивиот цар Константин со својата славна мајка Елена прекрасно го изгради, откако го исчисти и обнови светото место, осквернето од незнабошците. По доброволното страдање и смртта на нашиот Господ Исус Христос, Неговото Воскресение и Вознесение на небото, светото место на кое се изврши нашето спасение беше омразено и осквернето од непријатели Христови. Но, сите свети места особено ги осквернави нечестивиот римски цар Адријан, со помош на демонските идоли и жртви. Кога тој на местото на градот Ерусалим, разорен од Тит, изгради град, нареди гробот Господен да се затрупа со земја и многу камења. А пак на гората каде што беше распнат Господ, тој подигна храм на нечистата богиња Венера и постави нејзин кип, а над гробот Господов намести кип на богот Јупитер. Така, онаму каде што Јагнето Божјо се принесе Себеси на жртва на Бога Отца за гревовите наши, се принесуваа погани жртви на бесовите и се вршеа најразлични гадости. Исто така и во Витлеем, каде Пречистиот се роди од утробата на Пречистата, тој намести идол на Адонис, та и тоа свето место се сквернаваше со срамни дела. А на местото каде што се наоѓаше Соломоновиот храм подигна идолопоклоничко идолиште. Самиот град го нарече Елиј, зашто се викаше Елиј Адријан и нареди никој да не смее да го нарекува Ерусалим.
Го стори сето тоа со желба и самото сеќавање на Исуса Христа да се искорени од земјата. Тој го промени името на градот, во кој Христос изврши многу чуда, и изгради демонски живеалишта на местата на Христовото раѓање, распнување и погребување, за подоцна идните генерации целосно да Го заборават Христа и никогаш да не се сетат на местата на кои Христос живеел и учел. Меѓутоа самиот Адријан загина ненадејно, а светото место на Царот на славата повторно се прослави, кога просветени со светлината на светата вера, царот Константин и неговата мајка Елена Бог ги поттикна да го обноват светиот град Ерусалим, да изградат прекрасен Божји храм на местото каде што храмот на телото Христово беше разорен и за три дена подигнат, и сите свети места да ги исчистат од демонските нечистотии и да се осветат.
Заради тоа благочестивиот цар Константин ја испрати својата света мајка Елена со многу злато во Ерусалим, и му напиша на светиот патријарх Макариј да се погрижи околу градбата на црквите. Кога дојде во Ерусалим, света Елена ги сруши во него сите идолопоклонички храмови, ги уништи идолите и сиот град го исчисти од незнабожечките нечистотии и го обнови. Ги пронајде таа и чесниот Крст Господен и Гробот, откако ги расчисти земјата и камењата со кои Гробот беше затрупан, и на тоа место изгради огромна црква, чиј кров ги опфаќа и двете места: и местото каде Господ беше распнат и местото каде беше погребан, оти беа близу едно до друго, како што забележува евангелистот Јован: „На она место, каде што беше распнат имаше градина и во градината - нов гроб, во кој уште никој не беше полаган. Значи таму Го положија Исус, поради петокот јудејски, зашто гробот беше близу“ (Јован 19, 41-42). И така една црква ги опфати и Голгота и гробот Господен. Таа црква беше наречена Мартирион, односно Сведоштво, - сведоштво на Воскресението Христово, бидејќи на тоа место Христос умре и воскресна. Света Елена подигна и други цркви во Витлеем, на Маслиновата Гора, во Гетсиманија и на многу свети места и ги украси. Сепак црквата над гробот Господен беше најпрекрасна и поголема од сите. Но, света Елена не го дочека довршувањето на таа величествена црква. Откако се врати кај својот син, се упокои во Господа. Беше невозможно толку брзо да се изгради така чудесна и огромна градба. Одвај беше довршена за десет години.
Тогаш благочестивиот цар Константин нареди епископите од сите страни да се соберат во Ерусалим, за осветување на храмот. И допатуваа во Ерусалим многу архиереи од Витинија, Тракија, Киликија, Кападокија, Сирија, Месопотамија, Финикија, Арабија, Палестина, Египет и други краишта на Африка и еден епископ од Џерсија. Исто така се собра безброен народ од целиот свет, та целата околина на Ерусалим не можеше да ги смести. И така, храмот Воскресение Христово беше осветен на 13 септември 335 година, во триесеттата година од царувањето на Константин, кога беше обновен и целиот Ерусалим. Присутните свети Отци, според примерот на Стариот Завет, одредија секогаш да се празнува денот на осветувањето на храмот. Како што во Стариот Завет Јуда Макавеј, откако го очисти најголемото светилиште, Светињата над Светињите, од скверноста на сириското идолослужење, одреди постојано да се празнува неговото обновување, за што се спомнува во Еангелието: „А беше тогаш во Ерусалим празникот Обновување на храмот и беше зима“ (Јован 10, 22). И така и во Новиот Завет рамноапостолниот цар Константин, откако го изгради како втора Светиња над Светињите, востанови со светите Отци по сите цркви во светот да се празнува обновувањето на големата црква Ерусалимска, која е мајка на сите цркви.
Затоа и ние сега го празнуваме нејзиното обновување, благодарејќи Му на Христа Бога, Кој со Своето страдање и воскресение сета твар ја обнови и Својата света Црква ја исчисти од идолските нечистотии. Да се обновуваме и ние самите, зашто сме храмови на Живиот Бог. Да го соблечеме од нас стариот човек и да се облечеме во новиот. Да се очистиме себеси од злата вкоренети во нас и да вршиме добри дела, откако ќе започнеме да одиме во новиот живот. Тогаш ангелите ќе го празнуваат обновувањето на нашиот духовен храм, како што луѓето го празнуваат обновувањето на ракотворниот храм. Бидејќи за секој грешник кој се обновува со покајание, настапува радост на небото меѓу ангелите, со кои за тоа се радува и самиот Творец на ангелите, нашиот Христос Господ, Кој не ја сака смртта на грешниците. Нему слава за навек. Амин.
ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК КОРНИЛИЈ КАПЕТАНОТ
Наскоро по страдањето на нашиот Господ Исус Христос и по Неговото Воскресение и Вознесение на небото, во Кесарија Палестинска се насели еден капетан, на име Корнилиј, родум од Италија Тракиска. Иако беше незнабожец, тој сепак вршеше добри дела и беше сличен на христијаните. Иако не Го знаеше Христа, тој со својата милостиња, без да знае Го почитуваше. Иако живееше среде расипаниот свет, тој беше добродетелен, како што сведочи за него свети Лука во Делата Апостолски: „Во Кесарија имаше еден човек, по име Корнилиј, стотник од таканаречената Италска чета. Тој беше благочестив и богобојазлив човек, со целиот негов дом. Изобилно му даваше милостиња на народот и секогаш Му се молеше на Бога“ (Д.А. 10, 1-2). Бог не ги превиде таквите негови добродетели и благоволи да го просветли со светлината на верата, за неговите добри дела да не ги покрива темнината на неверието.
Еден ден, додека се молеше на Бога во својот дом, овој богобојазлив човек виде најаве ангел Божји, кој го извести дека неговите молитви и милостињи излегле пред Бога. И ангелот му нареди да испрати во Јопа по Симон, наречен Петар, и да го направи тоа што тој ќе му го рече. Корнилиј веднаш испрати со молба да го повикаат Петар. А кога пратениците патуваа кон Јопа, Петар се качи во горната соба напладне, да се помоли на Бога. И огладне. И виде видение, кое го советуваше да не се гнаси да оди кај необрезаниот иноплеменик, зашто евреите не се дружеа со незнабошците и се гнасеа од нив. А видението што го виде Петар беше вакво: „Го виде небото отворено и некаков сад како слегува кон него, сличен на некое големо платниште, врзано за четирите краишта, и се спушташе на земјата. Во него имаше секакви четириножни животни, ѕверови, влекачи земни и птици небесни. И дојде глас кон него: „Петре, стани, заколи и јади“, А Петар рече: „Никако, Господи, зашто никогаш не сум јадел погано или нечисто“. И повторно дојде глас кон него: „Она што Бог го очистил, ти не го сметај за нечисто“. Тоа се повтори три пати и садот пак се крена кон небото“ (Д.А. 10, 1-15).
Ова видение беше знамение за обраќањето на Корнилиј и другите незнабошци. Петровиот глад го означуваше гладот опишан од пророкот Амос: „Не глад за леб, ни жед за вода, туку жед за слушање на зборовите Господови“ (Амос 8, 11). Таков глад имаше во домот на Корнилиј и кај сите незнабошци. Како што Петар сакаше леб за телото, така тие сакаа леб за душите. Садот заврзан на четири рога ја отсликуваше Црквата Христова утврдувана во верата од четворицата Евангелисти. Разните нечисти животни, ѕверови, бубачки и птици што се наоѓаа во садот ги означуваа незнабошците, кои со своето земно размислување беа слични на четвороножните животни, гледајќи со умот во земјата и не умеејќи да умуваат за небесното и вишното и тоа да го бараат. По својата суровост тие беа ѕверови, а по душегубното незнабожие отровни бубачки. А пак со надмената гордост своја, тие личеа на птиците кои високо летаат. Наредбата да ги заколе и изеде значи со остриот меч на зборот Божји да ги убие древните незнабожечки животински страсти и ѕверски карактери, а со крштението очистените души и тела нивни да ги направи жртва жива, угодна на Бога (Рим.12-1). Трикратното спуштање на садот од небото го означувало трикратното потопување во крштението. А гласот од небото дека тие се очистени од Бога сведочи дека Христос не само за Израилците, туку и за незнабошците ја пролеал крвта Своја, која што ги мие гревовните нечистотии.
Додека Петар размислуваше за ова видение и беше во недоумица, пратениците на Корнилиј стигнаа пред неговата куќа и прашуваа за него. Духот Божји му нареди да оди со нив без да размислува и првиот незнабожец да го присоедини кон Црквата Христова, а по него требало да му пријдат на Христа и останатите незнабошци. Кога Петар влезе во домот на Корнилиј, тој со своите сродници и пријатели чесно го пречека и му се поклони. А Петар го подигна и рече:
„Вие знаете колку е недолично човек Евреин да доаѓа кај туѓинци и да се дружи со нив. Но, Бог ми откри ни еден човек да не нарекувам поган или нечист. Затоа без никакво колебање дојдов кај вас и прашувам, зошто ме повикавте?“.
Корнилиј подробно му раскажа како виде ангел и што слушна од него и го замоли Петар да му искаже слово за спасението. А Петар ја отвори својата уста и започна да Му го проповеда Исуса Христа: Исус беше Бог по тело, живееше на земјата со луѓето, ги учеше и ги упатуваше на патот кој води во Царството Небесно, изврши многу чуда и знаменија, ја исцелуваше секоја болест, со збор мртви воскреснуваше. Тој доброволно пострада, умре и воскресна, за човекот да го ослободи од страдањата, да го воскресне од смртта и да му подари живот вечен. Он, пак ќе дојде да им суди на живите и на мртвите. За него сведочат сите пророци. Секој што верува во Него ќе добие отпуштање на гревовите.
Додека Петар го зборуваше тоа, Духот Свети ги вгнездуваше неговите зборови во срцата на слушателите. Така ги приведе во верата и Корнилиј се крсти со целиот свој дом. Тој прв од незнабошците поверува во нашиот Господ Христос и по своето крштение остави сѐ и појде по Петар, кој го постави за епископ. Одејќи со Петар и други проповедници во разни земји, тој ревносно се трудеше во проповедањето на Христа. А кога свети Петар со Тимотеј и Корнилиј беше во градот Ефес, дозна дека идолопоклонството е исклучително силно во градот Скепсија, па се посоветуваа меѓу себе кој од нив да појде таму. И коцката падна на Корнилиј.
Призивајќи го Бога на помош, Корнилиј веднаш отиде во тој град. Таму имаше кнез на име Димитриј, кој беше философ и одличен познавач на незнабожечката мудрост. Тој многу ја мразеше христијанската вера, а ги почитуваше незнабожечките богови, особено Аполон и Зевс. Кога дозна за доаѓањето на Корнилиј во градот, веднаш го повика и го праша од каде е и зошто дошол. Корнилиј му одговори дека е слуга на Живиот Бог и дека е дојден тука за да го извлече него од бездната на незнаењето кон светлината на вистината. Кнезот не разбра ни збор од неговото искажување, се разгневи и јаросно му рече:
- Јас едно те прашувам а ти друго ми зборуваш. Се колнам во боговите, дека ако не ми одговориш на секое прашање нема да ја штедам твојата старост, ниту ќе се посрамам од твојата седост. Кажи ми, на кого му служиш и зошто си дошол ваму?
Корнилиј одговори:
- Ако сакаш да дознаеш за мојата служба, тогаш знај дека сум капетан. И кога слушнав дека ти и твојата жена и сите жители на твојата област сте паднале во голема заблуда, дојдов да ве избавам од демонската прелест, да ве упатам на патот на вистината и да ве помирам со Единствениот Жив Бог, Кој ги створил небото и земјата и сѐ што е во нив.
На тоа кнезот Димитриј рече:
- Гледам дека староста те притиснала, па те штедам заради твоите години. Престани да зборуваш лаги, пристапи и поклони им се на боговите. Ако одбиеш ќе те подложам на тешки мачења и ниту еден бог, освен моите, нема да те избави од моите раце.
Корнилиј одговори:
- Мојот Бог може не само да ме сочува неповреден од сите зла и да ме избави од човечките раце, туку и да ги уништи твоите богови, во прав да ги претвори нивните кипови, а тебе, кој се надеваш на нив, да те приведе кон познанието на Него. Јас никогаш нема да им се поклонам на бесовите и нивните бездушни кипови. Напишано е: „Боговите, кои не се створители на небото и на земјата, ќе исчезнат“ (Ерем 10, 11). И уште: „На Господа, Богот свој, поклонувај Му се и единствено Нему служи Му“ (Матеј 4, 10). Јас дојдов овде за да ве обратам кон покајанието, та да се ослободите од замките на ѓаволот, во кои живи ве уловил, за да ја исполнувате неговата волја (сп. 2 Тим. 2, 26).
Кнезот на тоа рече:
- Се заколнав во моите богови дека нема да те поштедам, туку тешко ќе те мачам, ако не им принесеш жртва на боговите.
Корнилиј праша:
- На кои богови велиш да им принесам жртва?
Кнезот одговори:
- Принеси им жртва на Аполон и Јупитер.
На тоа Корнилиј рече:
- Покажи ми ги тие твои богови.
Кнезот се израдува и го поведе кон Јупитеровиот храм. По нив одеше многу народ, за да види како Корнилиј им се поклонува на идолите. Кога стигнаа, кнезот влезе во храмот заедно со народот, меѓу кои беа и жената на кнезот Евантија и неговиот син Димитријан. Штом влезе во храмот, свети Корнилиј се сврте кон Исток, ги преклони своите колена на земјата и се молеше, говорејќи:
- Боже, Ти ја затресуваш земјата и ги преместуваш горите во морските длабочини. Ти со раката на Даниил си го здробил Ваал, си умртвил змија и затворајќи ја устата на ѕверовите си го сочувал неповреден слугата Твој. Ти и сега собори ги овие идоли и дај луѓето да ја познаат Твојата силна рака.
Откако така се помоли светителот, излезе од храмот. Заедно со него излегоа и кнезот Димитриј и народот, а Евантија со синот Димитријан остана внатре. И одеднаш настана земјотрес, храмот со идолите падна и во прав се претворија боговите во кои се надеваа незнабошците, а жената со синот остана жива во урнатините, но излезот им беше затрупан. Кнезот не знаеше дека тие се затрупани внатре, а Корнилиј се радуваше на силата на Живиот Бог и му рече:
- Каде се сега, кнезу, твоите големи богови?
Разбеснетиот кнез јаросно рече:
- Кажи ни, магепснику, со какви магии направи да падне храмот со нашите богови?
И започна да се советува со своите како да го погуби Корнилиј. Но сонцето веќе заоѓаше и немаше време да го мачи, па нареди да му ги врзат рацете и нозете и да го обесат во темницата, за така висејќи да се мачи до утрото, со намера утредента страотно да го мачи и убие. Кога го одведоа светителот во темницата и го обесија со врзани раце и нозе, кај кнезот дотрча еден од неговите робови, на име Талетон, и рече:
- Господине, твојата госпоѓа и твојот син единец загинаа во храмот.
Кнезот ја раскина својата облека и започна горко да рида. Плачеа со него и градските старешини, а некои го тешеа. Но, кој би можел да го утеши во таквата жалост, која што му го обзеде срцето од веста за ненадејната смрт на жената и синот.
Потоа кнезот им рече на своите:
- Одете, пронајдете ги во урнатините мојата мила сопруга и мојот сладок син, и донесете ми ги.
И продолжи силно да плаче. Додека така ридаше, кај него со брзање дојде старешината на жреците по име Варват и му рече:
- Го слушнав гласот на твојата жена и синот, кои среде урнатините викаа:
- Голем е Богот христијански, Кој преку Својот слуга Корнилиј нѐ сочува живи. Молете го тој свет човек да нѐ извади одовде, зашто ние гледаме прекрасни чуда од неговиот Бог и слушаме гласови на ангели, кои пеат: „Слава во висините на Бога, на земјата мир а меѓу луѓето добра волја“ (Лука 2, 14).
Кнезот веднаш отрча кај слугата Божји во темницата и го најде како оди, зашто ангел Господов го беше одврзал. Тој падна пред неговите нозе и му рече:
- Корнилиј, голем е твојот Бог, Кој во срушениот храм ги чува мојата сопруга и мојот син. Те молам, слуго на Вишниот Бог, појди и извади ги оттаму. Еве, јас со сите мои верувам во Христа Распнатиот, Кого ти Го проповедаш.
Свети Корнилиј отиде, ги крена очите кон небото и рече:
- Господи, Боже на силите, Ти погледнуваш кон земјата и правиш таа да се тресе. Од лицето Твое се топат горите и пресушуваат бездните. Слушни ги, Господи, воздишките на врзаните и извади ја од урнатините Евантија и не свртувај го лицето Свое и од нејзиниот син, туку пријди им на помош заради името Твое.
Додека тој така се молеше, одеднаш се отвори местото и тие излегоа оттаму здрави, фалејќи Го Бога. Сите што беа таму го видоа ова преславно чудо и викаа:
- Голем е Богот христијански!
И се крсти Димитриј со жената и синот и целиот свој дом. Се крстија со нив и 277 други граѓани. И поживеа свети Корнилиј во тој град доста време, искоренувајќи го неверието од човечките срца и сеејќи го семето на верата. За кратко време целиот град го приведе кон Христа, а еден угледен човек, на име Евномиј, го постави за презвитер. Свети Корнилиј доживеа длабока старост и однапред дозна за близината на својата смрт и ревносно се подготвуваше за патот кон Господа. Ги собра кај себе сите што ги обрати во христијанството, ги поучи да останат во верата и љубовта, да ги исполнуваат сите добродетели, и да ги исполнуваат заповедите Господови. Отколку доволно ги поучи, тој слушна глас од небото:
- Корнилиј, дојди кај Мене! Еве, подготвен ти е венецот на правдата!
Корнилиј веднаш падна на молитва и рече:
- Господи Боже наш, Ти си ме удостоил да ја одржам верата, да го довршам подвигот и да го победам непријателот. Ти благодарам за сѐ. Но, Те молам, Господи, погледни од висините на Твоите слуги и биди Милостив кон нив, утврди ги во верата, крепи ги во подвизите, помагај им во извршувањето на светите заповеди Твои, за постојано да го славаат името Твое, сега и низ сите векови.
И откако сите рекоа „амин“, тој со радост го предаде својот дух во рацете на Господа, Кој го викаше на небото.
А пак кнезот Димитриј со сопругата Евантија и синот Димитријан, презвитерот Евномиј и сите верни, плачеа многу над својот отец и учител, запалија свеќи и пеејќи погребни песни, чесно го погребаа телото негово во близина на срушениот Зевсов храм. Верниците доаѓаа на неговиот гроб, кадеа темјан и се молеа. Од неговиот гроб се даваа многу исцеленија на болните.
Изминаа многу години и сите современици на опишаните настани отидоа кај Господа. На идните поколенија им остана непознато местото каде беа погребани моштите на свети Корнилиј, бидејќи наоколку израснаа трње и никој не знаеше за тоа скапоцено богатство. Но, еднаш се случи на тоа место да дојде епископот на градот Троада Силуан. Нему ноќе му се јави на сон свети Корнилиј и му рече:
- Долго време живеам овде и никој не ме посети.
Епископот се разбуди, многу се чудеше на сновидението и се прашуваше кој му се јавил. Следната ноќ повторно му се јави светителот и му рече:
- Јас сум капетанот Корнилиј, а моите мошти лежат во трњето близу местото каде што некогаш беше храмот на Зевс. Ти изгради ми црква во близина на Димитриевото место, кое се вика Пандохијум, на кое се погребани многу тела на верници и свети браќа.
Утредента епископот го извести својот клир за видението и сите отидоа на местото покажано од светителот. Откако се помоли ја раскопаа земјата и брзо го најдоа ковчегот, во кој се наоѓаа целосни и нераспаднати моштите на свети Корнилиј. Од нив излегуваше неискажлив мирис. Сите многу се радуваа што го најдоа таквото скапоцено богатство. Епископот беше во недоумица за црквата која светителот му нареди да ја изгради, зашто немаше доволно пари за градбата. Но, свети Корнилиј брзо му помогна во тоа. Следната ноќ му се јави на еден побожен и многу богат човек, на име Евгениј, и му нареди на епископот Силуан да му ја даде потребната сума на пари, за градбата на црквата. Евгениј го извести епископот за своето видение и му даде сѐ што е потребно. Така беше изграден прекрасен свет храм и многу украсен. А кога дојде време чесните мошти на свети Корнилиј да се пренесат во новоизградената црква, се собра многу народ со епископот Силуан и Евгениј, носејќи во рацете запалени свеќи. И кога епископот со клирот започнаа да пеат „Трисвето“, ковчегот одненадеж сам се подигна и невидливи раце го носеа кон црквата. И никој не се осмелуваше да го допре. Од оваа глетка сите со страв се восхитуваа на чудото, а некои воскликнуваа:
- Свет, свет, свет е Господ Саваот, Кој ни јавува сили и чудеса Свои преку Својот слуга Корнилиј!
Тогаш многу од присутните незнабошци, кога го видоа ова чудо поверуваа во нашиот Господ Исус Христос. Кога влегоа во црквата луѓето застанаа од двете страни, сакајќи да видат како ќе влезе ковчегот со моштите и каде ќе застане. Ковчегот се движеше право и застана близу олтарот од десната страна. Епископот сакаше да го постави внатре во олтарот, но никој не можеше да го помрдне од местото, каде што самиот застана. И тогаш, а и подоцна од светите и чудотворни мошти на угодникот Божји се случуваа многу чуда.
По смртта на епископот Силуан на епископскиот престол дојде Филосторгиј. Тој задолжи еден иконописец Енкратиј да ја иконописа целата црква, а особено што поубаво да изработи икона на самиот свети Корнилиј. Иконописецот се обидуваше да ја изработи таа икона, но никако не му појде од рака добро да го наслика лицето негово, та неколку пати ја бришеше и повторно работеше. Најпосле се налути и откако изговори неколку погрдни зборови за светителот, ја остави неговата икона. Сакајќи нешто друго да работи на црковниот ѕид, тој се качи на скалата, но се лизна, падна и толку се повреди што лежеше како мртов. Луѓето кои се затекнаа во црквата го однесоа во неговата куќа и го ставија во постела одвај жив и неспособен да проговори ниту збор. Но, околу неговата уста се гледааа црви, од кои едни влегуваа а други излегуваа од устата. Тоа му беше казна што се дрзна да изговори погрдни зборови за светителот. Но, како што Самиот Господ не се гневи до крај и не негодува засекогаш, така и светите слуги Негови. Утредента оној што Димитриевата жена и синот ги извади од урнатините живи, му се јави на Енкратиј, го фати за рака, го крена од постелата како од сон и стана невидлив. Енкратиј се почувствува здрав, брзо отиде во црквата на свети Корнилиј, падна пред неговиот чесен ковчег, со солзи бараше прошка и му благодареше што се смилува и го исцели од болеста, бидејќи беше на работ на смртта. Така овој иконописец доби двократна корист од светителовото јавување. Се исцели од болеста и го виде неговото лице. Потоа го наслика на иконата онака како што го виде при јавувањето, и Го славеше Христа Бога, со Отецот и Светиот Дух славениот секогаш. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: СЕЛЕВК, СТРАТОН, КРОНИД, ЛЕОНТИЈ и СЕРАПИОН
Свети Селевк беше од Галатија, Стратон од Никомидија Витиниска, а Кронид, Леонтиј и Серапион од Египет. После многуте разновидни мачења мачителите им ги врзаа рацете и нозете на Кронид, Леонтиј и Серапион, и ги фрлија во морето. Ангели ги извадија од морето нивните чесни мошти, им се јавија на некои христијани и им наредија, та тие ги погребаа. Свети Селевк пострада во Галатија. Многу го мачеа со разни мачења, па најпосле го фрлија ѕверови да го изедат. А пак свети Стратон пострада кога поглаварот на Витинија нареди по многуте мачења да го врзат за наведнати гранки од две дрва, па ги пуштија гранките и светиот маченик беше раскинат. Така го предаде својот дух на Господа.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ГОРДИЈАН, МАКРОВИЈ, ИЛИЈА, ЗОТИК, ЛУКИЈАН и ВАЛЕРИЈ
Овие свети маченици пострадаа во 320 година, за време на царувањето на Ликиниј. Гордијан беше од Кападокија а Макровиј од Пафлагонија. Најпрвин беа царски трапезници, но кога се објавија за христијани царот ги протера во Скитија, каде беа фрлени во оган, во местото Нов Дунавец. Зотик, Илија и Лукијан беа родум од Скитија и пострадаа во градот Тома. Со наредба на кнезот Максим, тие беа многу измачувани, па најпосле посечени со меч. А свети Валериј, нивен пријател и истомисленик, горко плачеше на гробот на светите маченици и ридајќи, тој од љубов кон нив издивна и отиде кај Господа.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ПЕТАР, кој се подвизувал во Атора во Витинија
Преподобниот Петар уште од утробата на својата мајка беше осветен од Бога. Сиот свој живот го помина во пост и непрекината молитва. Изврши многу чуда. Покрај останатото ја преминал реката Галас како по суво. Тој толку го измачил своето тело со железни вериги, така што попрво изгледал како сенка отколку како човек. Му угоди на Бога и се упокои во мир.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА КАТЕВАНА
Света Катевана беше царица Кахетинска. Пострада како христијанка од шахот Абас I во 1624 година. Со наредба на шахот на главата ѝ беше ставен вжештен котел. Нејзиниот син, грузискиот цар Тејмураз, ги положил нејзините мошти под престолот на храмот Аливердски во Грузија.
ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЈЕРОТЕЈ НОВИ, кој се подвизувал во Иверскиот манастир
Преподобниот Јеротеј е роден во 1686 година на Пелопонез, во селото Каламата, од благочестиви и богати родители Диме и Асимина. Кога имаше осум години родителите го дадоа Јеротеј во училиште. Надарен и вреден, тој брзо покажа одличен успех во учењето. Слободното време не го трошеше на вообичаените детски игри и забави, туку како зрел човек ги одбегнуваше, и многу внимателно ги учеше грчкиот и латинскиот јазик и со радост го читаше Светото Писмо, кое му служеше како храна. А Господ, гледајќи ја неговата добрина и вредност, му испрати небесна мудрост, та тој со текот на времето совршено ги изучи философските науки и латинскиот и грчкиот јазик.
Кога стана полнолетен родителите сакаа да го оженат, но душата на Јеротеј гореше од желба да му се посвети на монашкиот живот. Сепак тоа го криеше од родителите, за да не ги ожалости. Затоа многу страдаше неговото добро и целомудрено срце. Во таквата безизлена состојба, Јеротеј со молитва Му се обрати на Срцезнаецот Бог, со молба да ја отстрани од неговите родители намерата за негова женидба и да го удостои на монашкиот живот. Господ ја услиша неговата молитва и со Својата премудра промисла го уреди тоа на следниот начин:
Кога родителите подготвија сѐ за неговиот брак, на две недели пред свадбата мирно се упокоија и отидоа во вечниот покој.
Откако ги погреба родителите, Јеротеј тајно го напушти својот роден крај и се насели во Закинт, каде живееја некои негови роднини, кои го советуваа да појде во Западна Европа, за свое понатамошно образование. Но, тој сакаше прво да остане некое време на Света Гора Атонска, која во тоа време имала многу познати учени мажи, па потоа да оди во Европа. И така, откако се прости со роднините, Јеротеј отиде на Света Гора и таму стапи како ученик кај еден пустиник при ќелијата на свети Артемиј. Тука младиот подвижник со пламена душа се оддаде на читање на душекорисни книги, особено на оние во кои се опишувале подвизите и рамноангелскиот живот на пустиниците, кои и по четириесет и шеесет години се подвизувале во осаменост, без никаква врска со луѓето, Но, од друга страна во тие книги се опишувале и убиствени примери на подвижници, кои, откако ќе се погордееле за своите подвизи и ги припишувале на себе, а не на благодатта Божја, запаѓале во рацете на лукавиот искушувач. И Јеротеј, размислувајќи за разни патишта на монашкиот живот, го одбра најмалку опасниот, односно средниот или царски пат. Тој го остави отшелничкиот пустински живот и стапи во братството на Иверскиот манастир, каде наскоро беше пострижан во монашкиот лик.
Во манастирот во него се роди мисла за маченички подвиг, за да добие маченички венец. Истовремено друга мисла предизвикуваше страв од таквата намера, а заедно со тоа набрзо по постригот му се даде можност со еден старец од Иверската обител да отпатува по некоја манастирска работа во Цариград. Таму неговото младо и неискусно срце, под влијание на прочитаните книги за страдањата на светите Христови маченици и нивното прославување после маченичкиот крај, разгореа во него ревност да пострада за Христа. Така тој започна да оди по Цариградските улици, со цел турците да го фатат и да го погубат со мачење, и тајно во срцето се молеше на Бога да го удостои на таа милост. Господ Промислителот не ја исполни ова детска молба на Јеротеј, бидејќи за Него беше одреден друг пат.
Од Цариград тој отиде во Валахија (Влашка), каде го продолжи своето прекинато образование кај еден учен маж Марко Кипарецот, кој беше наставник во тамошната школа. Живеејќи покрај својот наставник, тој со својата скромност и добрина го сврте врз себе вниманието на софискиот митрополит Авксентиј, кој за неговата побожност го ракоположи за ѓакон.
По завршувањето на своето школување преподобниот Јеротеј отиде во Венеција и таму се оддаде на науките. Потоа, како кораб натоварен со скапоцено богатство, се врати на Света Гора со огромна философска ученост и совршено знаење на латинскиот и грчкиот јазик. Во Света Гора се насели во близина на Иверскиот манастир, во пустината Хага. Таму започна да води најсуров монашки живот, измачувајќи го своето тело со постот, бдеењето и молитвата. Ваквиот доблесен живот на подвижникот Христов привлекуваше кај него посетители, кои добиваа многу душевна корист од неговите мудри и поучни беседи. А игуменот на Иверскиот манастир заедно со браќата, сакајќи овој сокриен светилник да го извади на виделина, го претстави на неокесарискиот митрополит Јаков, кој како пензионер живееше во Иверската обител, и го замоли да го ракоположи Јеротеј во чинот на јеромонах, како достоен да стои пред престолот Божји и да врши Бескрвна Жртва.
Откако го прими свештеничкиот чин, преподобниот Јеротеј ги удвои трудовите на својот подвижнички живот. При тоа си наложи на себе напорен пост. По три, а некогаш и по четири дена не вкусуваше храна. Кога ќе се случеше нешто да земе, тој наместо леб јадеше леќа. За време на светата Чеириесетница јадеше еднаш неделно, а понекогаш еднаш во две недели. Но, дека тој така пости никој не видел освен неговиот ученик, зашто тој при својот пост строго ја исполнувал заповедта на Спасителот: „Кога постиш помажи ја својата глава и измиј го своето лице, па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред твојот Отец, Кој е во тајност. И Отецот твој, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно“ (Матеј 6, 17-18). Затоа кога се случувало да руча во трпезаријата со другите, тој јадел од сите принесени јадења, не сакајќи со ништо да се издвојува од останатите. А во ќелијата строго го држеше својот пост, непрестајно имајќи ја во умот Исусовата молитва. И во поглед на спиењето беше строг спрема себе. Се трудеше да го исполни правилото на свети Арсениј Велики: „За монахот е доволно и еден час спиење во текот на дваесет и четири часа“.
Поради тие големи подвизи неговото тело толку се исуши и ослабе, така што тој одвај се движеше и со голем труд можеше да изоди неколку десетина метри. Но затоа, според зборовите на светиот апостол Павле: „Ако нашиот надворешен човек се распаѓа, но внатрешниот од ден на ден се обновува“ (2. Кор. 4, 16), духот на преподобниот Јеротеј беше бодар и одеше кон уште поголем подвиг. Господ, гледајќи ги трудовите на Својот угодник, му дари возвишена љубов спрема ближните и радостотворен плач.
Неговата љубов спрема ближните беше толку голема, така што понекогаш го даваше на сиромашните и она што му беше најнеопходно. Така понекогаш се случувало да ја соблече од себе мантијата и да му ја даде на сиромавиот, а самиот се покривал со покривка. И останувал така сѐ додека не дознаеле за тоа во Иверскиот манастир и му испрателе друга мантија, која исто така при првата прилика преминувала во рацете на сиромашните. Тој, од љубов кон ближните, се одзвал на молбата на жителите на островот Скопело, ја оставил својата осаменост, отишол на нивниот остров и таму во екот на големиот помор и во недостатокот на свештенослужител при тамошната црква, осум години ги извршувал црковните богослуженија, постојано изговарајќи му на народот разни духовни поуки. Притоа родителски усрдно се занимавал со образовање на тамошните млади. Во тие големи трудови му помагале неговите ученици, монасите Мелетиј, Јоасаф и Симеон, кои заедно со него беа дошле тука од Света Гора.
Најпосле, себлагиот Господ, гледајќи дека блажениот Јеротеј се усовршил во сите добродетели, посака како зрел пченичен плод да го пресели во Својата небесна житница, поради што и му откри дека наскоро ќе се упокои.
По ова божествено откривање, блажениот имаше желба смртниот час да го дочека во потполна тишина. Затоа ги поведе своите тројца гореспоменати ученици и со нив отиде на пустиот остров Јура, каде обично ги испраќале злосторниците на доживотна робија. Тука блажениот набрзо западна и тивко отиде кај Господа, на 13 септември 1745 година, во педесет и деветата година од животот.
Откако го погребаа чесното тело на својот блажен учител, јеромонахот Мелетиј и другите двајца негови ученици се вратија на Света Гора. Но по три години, Мелетиј според источниот обичај повторно се упати на островот Јура, по остатоците од блажениот Јеротеј. Од чесните мошти на блажениот, тој ја донесе чесната глава во Иверскиот манастир, која до денес со љубов се чува и почитува во тој манастир.
По некое време семоќниот Господ благоволи да го прослави со чуда Својот угодник, кој уште од младоста Му послужи во светост и правда. Така, инокот на Иверскиот манастир Калиник, за време на својот престој во Цариград имаше кај себе делче од светите мошти на преподобниот Јеротеј. Во домот каде што беше отседнал тој, имаше болна жена која од тешко воспаление на очите беше целосно ослепела. Но, штом таа ги допре до своите болни очи светите мошти, веднаш се исцели. Друга жена, која веќе три години сета фатена лежеше во постела, кога ѝ беа принесени светите мошти на преподобниот Јеротеј и таа со вера ги целиваше, веднаш потполно оздраве. Исто така и во самата Света Гора многу болни, особено оние што страдале од забоболка и оние мачени од телесна страст, од самиот допир до светите мошти, добиваа исцеленија славејќи Го Отецот, Синот и Светиот Дух, Едниот во Троица Бог, Кому и од нас чест, слава, поклонение и благодарење, сега и секогаш и во сите векови. Амин.