27. Септември   (14. Септември)

ВОЗДВИЖЕНИЕ НА ЧЕСНИОТ И ЖИВОТВОРЕН КРСТ ГОСПОДЕН - КРСТОВДЕН

За време на своето царување во Рим, Максенциј вршеше многу злосторства над народот. Ги гонеше и мачеше не само христијаните, туку и своите незнабошци ги убиваше, им ги грабаше имотите, ги срамотеше благородните семејства и живееше развратно. За целиот Рим тој беше многу тежок и одвратен, поради своето свирепо насилство и развратниот живот. Затоа Римјаните тајно испратија молба кај царот Константин, кој тогаш со својата мајка Елена живеел во Британија, со молба да дојде и да ги избави од овој насилник. Константин најпрвин му напиша на Максенциј и пријателски го советуваше да престане со насилството. Но, тој не само што не го послуша, туку стана уште полош и се крена против самиот Константин. Не сакаше да го има како рамен цар на себе, иако Константин беше избран на царскиот престол од страна на целата војска, додека Максенциј самовласно стапи на царскиот престол во Рим и народот не го сакаше. За него беа само неколку велможи, на кои тој им беше ветил огромни подароци и многу почести. А Константин, пак, беше прогласен за цар од сите.

Кога слушна дека Максенциј не се поправа, туку врши сѐ поголеми злодела, Константин собра војска и тргна против него. Но, гледајќи дека силата на неговата војска е мала и имајќи го во предвид лукавството на Максенциј, Константин започна да се сомнева во својот успех. Знаеше тој дека Максенциј пролеал многу човечка крв заради вражење и заклал како жртва на демоните многу деца, девојки и бремени жени, за да ги смилостиви своите лажни богови, во кои се надевал. Знаеше и дека на Максенциј му помага и голема демонска сила, и затоа започна да Му се моли на единствениот Бог, Кој владее со небото и земјата, Кого Го почитува целиот род христијански, да му дари победа над насилникот. Додека тој срдечно се молеше, напладне му се јави на небото Крстот Господен, изобразен од ѕвезди, кој блескал посилно од сонцето и на кој стоеше натпис: „Со ова победувај!“. Тоа го видоа сите војници, меѓу кои беше и војводата Артемиј, кој потоа маченички пострада за Христа од Јулијан, и се восхитија. Повеќето од нив се исплашија, бидејќи кај незнабошците крстот беше знак за несреќа и смрт, и со смрт на крст биле казнувани разбојниците и злосторниците. Затоа војниците се плашеа дека војната ќе им биде несреќна. А и самиот цар Константин беше во голема недоумица. Нему ноќе му се јави на сон Самиот Христос и повторно му го јави Чесниот Крст, кој што му се беше јавил дење, и му рече:

- Направи го овој знак и нареди да се носи пред полковите, па ќе ги победиш и Максенциј и сите свои непријатели.

Царот им го раскажа на своите доглавници видението, повика вешти златари и нареди од злато, бисери и скапоцени камења да изработат Чесен Крст, според примерот на знакот кој му се јавил.

Покрај тоа тој ѝ заповеда на целата војска, секој војник да изработи крстен знак на своите оружја, на шлемовите и штитовите.

Кога дозна за Константиновиот поход во Италија на Рим, злиот Максенциј храбро се крена против него со својата римска војска. Константин нареди пред неговите полкови да се носи Чесен Крст. Кога се судри со Максенциј, со силата на Чесниот Крст го победи и многу негови војници беа посечени, а самиот Максенциј започна да бега. Гонет од царот Константин, тој тргна преку мостот на реката Тибар, изграден од него, но со силата Божја мостот се сруши и бедниот насилник се удави во реката со своите војници, како древниот Фараон. Реката се наполни со коњаници, коњи и оружје. Великиот Константин победоносно влезе во Рим и целиот народ го пречека со голема радост и почести. Тој Му благодареше на Бога, Кој со силата на Чесниот Крст му дари победа над насилникот. Во спомен на таа преславна победа, тој на висок каменен столб среде Рим постави крст и на него напиша: „Со овој спасоносен знак е ослободен овој град од насилничкиот јарем“.

Втор пат Константин водел борба против византијците, чиј мал град Византија го беше основал некој грк Визас, во времето на царот јудејски Манасија и го нарекол според своето име. Два пати победен од византијците, Константин беше во голема неволја. Една ноќ тој виде на небото со ѕвезди испишана реченица, која гласеше: „Повикај Ме во ден на неволја и Јас ќе те избавам, а ти ќе Ме прославиш“ (Псалми 49, 15). Исплашен, тој повторно ги крена очите кон небото и како порано виде крст изобразен од ѕвезди, а околу него напишано: „Со овој знак ќе победиш“. После тоа, кога во битката беше носен Крстот пред војската, Константин ги победи своите непријатели и го зазеде нивниот град Византија. Трет пат, кога Константин беше во војна со Скитите, на реката Дунав нему повторно му се јави на небото ова спасоносно оружје и повторно однесе победа како порано. Тој ја препозна од тоа силата на распнатиот на крст Христос и поверува дека Он е единствениот вистински Бог, па се крсти во негово име со својата почитувана мајка Елена, која тој како многу богољубива ја испрати во Ерусалим со многу богатство, за таму да го бара чесниот Крст Господен. Во Ерусалим царицата Елена ги посети Светите Места, ги исчисти од идолските нечистотии и ги изнесе на светлина чесните мошти на разните светители. Тогаш во Ерусалим патријарх беше Макариј, кој ја дочека царицата како што доликува. Блажената царица Елена сакаше да го пронајде животворниот Крст Господен, сокриен од Евреите. Таа ги повика сите Евреи и ги замоли да и го покажат местото каде е сокриен. Кога започнаа да одрекуваат дека не знаат, им се закани со мачење и смрт. Тогаш тие ѝ посочија еден старец, на име Јуда, и ѝ рекоа дека тој може да ѝ даде одговор, бидејќи е син на почитуван пророк. Но, Јуда, иако многу го истезаваа и мачеа, одбиваше да го покаже местото каде е сокриен Крстот Господов. Тогаш царицата нареди да го фрлат во длабока јама. Откако помина некое време во јамата, Јуда најпосле вети дека ќе каже што знае, па го извадија и според неговото укажување отидоа на едно место, каде што имаше голема тумба натрупана со земја и камења, на која римскиот цар Адријан беше изградил храм на богињата Венера и во него поставил идоли. Јуда посочи дека токму тука е сокриен Крстот Христов.

Царицата Елена нареди идолскиот храм да се сруши и земјата и камењата да се раскопаат и отстранат. И кога патријархот Макариј се помоли на Бога, на тоа место се разлеа прекрасен мирис и веднаш кон исток се појавија гробот Христов и Голгота. Во нивна близина најдоа закопани три крста, а потоа и клинците со кои Госиод бил прикован на крстот. А додека тие беа во недоумица кој од трите најдени крста е Христовиот, се случи во тоа време да наиде поворка со мртовец. Тогаш патријархот Макариј им нареди на оние што го носеа мртовецот да застанат, и крстовите ги полагаа редум врз мртвиот. И кога крстот Христов беше положен, мртовецот веднаш воскресна и со силата на божествениот Крст Господен стана жив. Царицата со радост го прими Чесниот Крст, му се поклони, го целиваше, а исто така и целата царска свита по неа. А оние што не беа во состојба да го видат и целиваат светиот Крст, молеа барем од далеку да им се покаже да го видат. Тогаш патријархот Макариј застана на една височинка и го подигна крстот, покажувајќи му го на народот, кој викаше:

- Господи, помилуј!

Така започна празникот Воздвижение (подигање) на Чесниот Крст Господен.

Царицата Елена зеде за себе дел од чесното дрво на Крстот Господен, како и свети клинци, а Крстот го положи во сребрен ковчег и му го предаде на патријархот Макариј, да се чува за идните поколенија. Тогаш Јуда со многу евреи поверува во Христа, се крсти и на светото крштение го доби името Киријак. Подоцна тој беше патријарх Ерусалимски. Во времето на Јулијан Отстапник маченички пострада за Христа. А светата царица Елена нареди во Ерусалим по светите места да се градат цркви, и тоа најпрвин да се изгради црквата „Воскресение на нашиот Господ Исус Христос“, на местото каде беа најдени Гробот Господен и Чесниот Крст. Потоа нареди во Гетсиманија, каде што се наоѓал гробот на Пресвета Богородица, да се изгради црква во чест на Нејзиното чесно Успение. Благочестивата царица изгради уште осумнаесет цркви и откако ги украси со секоја убавина и ги снабди со сите потреби се врати во Византија, носејќи дел од животворното дрво на Крстот Господен и свети клинци, со кои некогаш беше приковано телото Христово.

Блажениот цар Константин го положи животворното дрво во златен ковчег. Од светите клинци еден света Елена фрли во Јадранското Море, за стишување на страшната бура при враќањето од Цариград. Еден царот закова во својот шлем, еден во уздите на својот коњ, за да се исполни реченото од пророкот Захариј: „Во тоа време дури на уздите на коњот ќе биде забележана светињата на Бога Седржителот“ (Зах. 14, 20). А четвртиот клинец царицата Елена го предаде на чување на најблиските царски советници.

По враќањето на света Елена од Ерусалим во Византија, христољубивиот цар Константин направи три големи крста, според бројот на јавените крстови во војните. Првиот во Рим, каде што го потопи Максенциј, вториот во Византија, кога ја зазеде, и третиот кога ги победи Скитите на реката Дунав. Во чест на овие три победи, тој направи од скапоцен материјал три чесни крста и на нив со златни букви напиша: ИС ХС НИКА, односно Исус Христос победува. Посведочувајќи ја пред сите својата ревност за верата и покажувајќи дека со силата на крстот ги победил непријателите, царот го постави едниот крст на високо место, на источниот пазар. Вториот крст го постави на врвот на пурпурниот столб римски на главниот градски плоштад, а третиот на прекрасно мермерно постолје на житниот пазар, каде од него се случуваа многу чуда и знаци. А многумина сведочат и дека ангел Господов слегувал од небото на тоа место ноќе во голема светлина, го кадел чесниот крст и со сладок глас пеел трисвета песна, па заминувал на небото. Тоа се случувало три пати годишно: во месец септември, во предвечерието на Крстовден, на седми мај, ноќта, во спомен на јавувањето на Крстот Господен на небото, и трет пат во великиот пост на светата Четиресетница, во Крстопоклона недела. Многу побожни луѓе, кои живееја праведно и свето, го гледаа ова слегување на Ангелот и го слушаа неговото пеење, а потоа и на другите им раскажуваа за тоа.

Сега треба да кажеме некој збор и за тоа како чесното и животворно дрво на Крстот Господен еднаш било запленето од Персијците, па повторно вратено во Ерусалим, на радост на верните. За време на царувањето на византискиот цар Фока, персискиот цар Хозрој ги покори Египет, Африка и Палестина, го зазеде Ерусалим и уби многу христијани. Притоа тој ги ограби црковните ризници и предмети. Меѓу останатото го зеде и животворното дрво на Крстот Господен и го однесе во Персија. По смртта на царот Фока на престолот стапи Ираклиј. Ираклиј се обидуваше да го победи Хозрој, но многупати беше победен од него и затоа бараше мир, но не го добиваше поради гордоста на непријателот. Наоѓајќи се во голема неволја, царот започна да бара помош од Бога. Тој им нареди на сите верни да вршат молитви, бдеења и постови, за Господ да ги избави од злобниот непријател, кој се фали дека ќе ги истреби сите христијани и хули на името Господово, за да не речат непријателите: „раката наша е многу јака и боговите наши се силни“, туку за незнабошците да познаат дека е еден вистинскиот Бог и дека на Неговата крепост и сила не може никој да се спротивстави. И самиот цар се молеше со солзи и голем пост. Потоа ги собра сите свои војници и вооружен со силата на Крстот и надеж во помошта Божја, Ираклиј тргна против персијците и во битката го победи Хозрој. Потоа седум години го пустошеше Персиското царство, заземајќи градови и села и носејќи победа над многубројните полкови на Хозрој. Најпосле Хозрој, бидејќи не беше во состојба да ѝ се спротивстави на грчката сила, побегна од својата земја и при преминувањето на реката Тигар го постави својот млад син Медарс за свој совладар. Тоа го налути неговиот постар син Сироес и тој намисли заедно да ги убие и таткото и братот. Наскоро го стори тоа. Откако Сироес стана наследник и владател со Персиското царство, му испрати на царот Ираклиј молба и многу подароци со изјава на покорност. Тој го молеше да ја прекине пустошната војна. Царот Ираклиј склучи мир со персискиот цар, го зеде со себе животворното дрво на Крстот Господен, запленето од Хозрој во Ерусалим, кое четиринаесет години се наоѓаше кај персијците и се врати со многу добивки, радувајќи се и славејќи Го Бога за Неговата голема помош. Кога стигна во Ерусалим го стави Чесното Дрво на своите плеќи, за да го однесе на неговото поранешно место. И го носеше царот Чесното Дрво облечен во царска порфира, украсена со злато и скапоцени камења и со царски венец на главата. Тогаш се случи големо чудо. Царот одеднаш застана на вратите низ кои се влегуваше на Голгота, и на запрепастување на сите не можеше ни чекор да пречекори, држан од силата Божја. А ерусалимскиот патријарх Захариј, кој со сите жители на Ерусалим беше излегол да го пречека царот со гранкички и палми од самата Маслинова Гора, додека одеше заедно со царот виде ангел Божји, кој блескав како молња стоеше на вратите и го попречуваше влегувањето. Ангелот му рече:

„Нашиот Творец овде не го носел овој крст на начин, на каков што вие го носите“. Патријархот се исплаши од овие зборови и му се обрати на царот:

- Царе, за тебе, облечен во богата и царска облека, е невозможно да го носиш ова свето Дрво, кое бедниот Христос, осиромашувајќи заради нашето спасение, го носел. Ако сакаш да го внесеш, подржувај го Неговото сиромаштво.

Тогаш царот ја соблече од себе царската порфира, го симна венецот, се облече во проста и бедна облека и сега без никакви пречки го понесе чесното дрво на светиот Крст. Одејќи бос, го внесе во црквата и го постави на истото место, од каде што го беше зел персискиот цар Хозрој. И настапи голема радост и веселба кај верните заради враќањето на Крстот Господен. Тие ликуваа (како некогаш Израилците за враќањето на ковчегот на заветот од Филистејците) и Го славеа Распнатиот на крст Христос, Царот на славата и се поклонуваа на подножјето на светиот Крст Негов. И од нас Нему чест, слава и поклонение, сега и секогаш и низ сите векови. Амин".

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПАП

Свети Пап беше од градот Лоранда од Ликаонија. Пострада во времето на царот Максимијан и игемонот Магн. Неговото страдање отпочнало во градот Лоранда, продолжило во Диокесарија и се окончало во Селевкија Исавриска. Свети Пап е многу мачен на разни начини. Му ги сокршиле вилиците, го врзувале и го стругале со железни нокти и најпосле му облекле железни чизми со клинци одвнатре и го терале да трча со нив. Во таквите маки тој ја предал својата душа во рацете Божји.

СПОМЕН НА СВЕТАТА ЦАРИЦА ПЛАКИДА, сопругата на Теодосиј Велики

Света Плакида беше сопруга на царот Теодосиј Велики (378-395). Таа беше вистинска христијанка и со ум и на дело. Иако имаше земно царство, таа со сето свое битие тежнееше кон Небесното. Својата благодарност кон Бога за добрата што ѝ ги врши, ја изразувала со постојано правење добро на луѓето. Особено се одликуваше со помагање на бедните и болните луѓе. Помагајќи им сестрано, таа го правеше тоа секогаш сама, без никаква придружба, за нејзините добри дела да останат во тајност. Одеше во домовите на бедните и болните и не само што ги снабдуваше со сите потреби, туку со своите раце им готвеше и им служеше. Кога некои зборувале дека тоа не се совпаѓа со нејзиното царско достоинство, таа одговарала:

„На царското звање кое што го имам, му доликува да помагам со пари. А мене пак, како царица, ми доликува моите лични трудови околу неволните да ги давам на Бога, Кој благоволил мене да ми го даде царското звање“.

Така служејќи Му на Бога целиот свој живот во молитва, воздржание, сомилосна љубов кон бедните и неволните, и смирено помагање на болните, светата ја предаде својата богољубива и човекољубива душа на својот Господ Христос, на Кого Му служеше.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК МАКАРИЈ МОНАХОТ

Не познато од каде е преподобниот Макариј и кои му се родители. Само се знае дека бил ученик на пресветиот цариградски патријарх Нифонт, додека тој бил на подвигот на безмолвие во Ватопед на Света Гора. Наоѓајќи се покрај свети Нифонт, Макариј беше подржувач на неговите подвизи и возвишениот ангелски живот. Меѓутоа во него се роди голема желба својот живот маченички да го заврши за Господа. Тој не можеше да ѝ одолее на таа огнена желба, па му ја откри на свети Нифонт, кој тогаш безмолствуваше во манастирот Ватопед, бидејќи по втор пат беше отстранет од престолот Цариградски. Откако го сослуша Макариј и со својот проѕорлив дух провиде во тоа дејство на волјата Божја, свети Нифонт кратко му рече:

- Чедо, оди со Бога на патот на светите маченици. Господ ќе ја исполни твојата желба и според Својата неискажана милост ќе ти дари венец на мачеништвото.

Откако му прочита молитва за пат и го осени со крсниот знак, патријархот го прегрна и го отпушти со мир.

Блажениот Макариј отиде во Солун и таму начека погодна прилика, упадна меѓу мноштво муслимани, кои седеле и разговарале, и започна исповеднички да им зборува дека Христос, Синот Божји, е совршен Бог и Човек, Кој заради нашето спасение слегол на земјата. Потоа започна да им ја објаснува вистинитоста на христијанската вера. Гледајќи ја ваквата смелост на монахот, избезумените турци се нафрлија врз него, го тепаа со стапови и толку го бодеа со ножеви, што од неговите рани бликаше крв. Најпосле го фрлија во темница.

Утредента се собраа турци и го изведоа да му судат, па започнаа да му ласкаат, трудејќи се со ветување на дарови да го придобијат за исламот. На тоа преподобниот им рече:

- О, кога вие би ја познале вистината и вистинитоста на христијанската вера, ќе се крстите во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, и ќе ја оставите својата заблуда.

Штом го изговори тоа, тие започнаа да го тепаат и да го бодат со ножеви, па најпосле му ја отсекоа главата. Така преподобниот го предаде својот дух на Господа. Во тој миг свети Нифонт со Светиот Дух ја виде од Ватопед маченичката смрт на блажениот Макариј, и му рече на својот втор ученик:

- Чедо, знај дека твојот собрат Макариј денес маченички загина и отиде на небото, ликувајќи и радувајќи се во Господа. По неговите молитви да се удостоиме и ние на небесното блаженство. Амин.

Преподобниот Макариј пострада на 14 септември 1527 година во Солун".

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА НАША МАРИЈА ТАРСИСКА

Во градот Тарс од пустината дојдоа по некоја работа двајца монаси и отседнаа во гостилница за да преноќат. По промисла Божја тука затекнаа три момчиња и со нив блудница. Тие збунети седнаа. Едниот од нив го извади од торбата Евангелието и започна да чита. А блудницата, кога го виде старецот како чита, ги остави момчињата, му пријде на старецот и седна покрај него. Старецот ја оттурна и ѝ рече:

- Бесрамна сладостраснице, како не се срамиш да ни пријдеш и да седнеш покрај нас?

А таа одговори:

- Оче, немој да се гадиш од мене, иако сум преполна со најразлични гревови, зашто и Господ Бог, Владетелот на сите, не ја отфрли блудницата, која дојде кај Него.

Старецот крече:

- Но таа блудница откако замина од Христа не му се врати на гревот.

Таа му рече на старецот:

Се надевам и јас во Синот на Живиот Бог, дека од овој час ни јас нема да им се вратам на гревовите, ако Он ме упати на патот на покајанието.

Тие ѝ рекоа дека и таа ќе се спаси, но само ако ги послуша.

Тогаш таа ги остави момчињата и сиот свој имот, па појде со старците. Тие ја одведоа во женски манастир, ја потстрижаа, ја предоа на игуманијата и заминаа. Блудницата се викаше Марија. И остана Марија во покајание сѐ до староста и стекна огромни доблести, та и за време на животот се удостои да прави чуда. Во длабока старост се упокои во мир.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ И БОГОНОСЕН ОТЕЦ НАШ ЈОВАН ЗЛАТОУСТ, архиепископот Цариградски

Денес, на 14 септември 407 година, се упокоил овој голем светилник на Црквата Божја, вселенски учител и ерарх Христов, во местото Коман во Мала Азија. Меѓутоа, заради големината на празникот Крстовден, празнувањето на Златоустовиот спомен е пренесено за два месеци подоцна, на 13 ноември.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТЕОКЛИС

За верата во Христа Господа се упокоил од меч.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ВАЛЕРИЈАН, малото дете

Валеријан беше мало дете, кое пострада за Господа посечено со меч и доби од Великиот Бог голем венец на небото.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ШЕСТИ ВСЕЛЕНСКИ СОБОР

Светиот Шести Вселенски Собор на 170 свети Отци беше одржан во Цариград во 680-681 година против Монотелитската ерес. Споменот на овој свет Собор се врши на 16 јули, заедно со останатите први пет Вселенски Собори. Во некои Синаксари овој Собор се спомнува на 23 јануари, а во некои денес.