28. Септември   (15. Септември)

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ ВЕЛИКОМАЧЕНИК НИКИТА и останатите свети Маченици, кои пострадале со него

Кога знакот на победата, чесниот и животворен Крст Господов беше издигнат високо над светот, тогаш под овој знак притекна и истоименикот со победата, свети Никита. Вчера го празнувавме Воздвижението на Светиот Крст, таа непобедлива победа за светот, а денес го празнуваме свети Никита, чие што име означува победник. Овој добар Христов војник застана под Крстот како под знаме, за да се бори против непријателот на светиот Крст, во чест на Распнатиот на него. Некој се бори за земниот цар, некој за својот живот и суетна слава, некој за привремени богатства, а свети Никита војуваше за својот Господ Исус Христос, Кој е Цар на секое створение и наша слава, и наше неисцрпно богатство. А каде и на кој начин овој војник војуваше за Христа слушнете:

Кога во времето на светиот рамноапостолен цар Константин Велики Светата Вера започна да се шири по целата вселена, тогаш и во Готската земја од другата страна на реката Дунав светата побожност заблеска како светлост во темнина. Во таа земја беше роден, крстен и воспитан свети Никита. Готскиот епископ Теофил, кој учествувал на Првиот Вселенски Собор, ги исповедал догматите на Православната Вера и ги потпишал одлуките на Соборот, го просвети Никита со светлоста на верата и го крсти во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. По некое време стариот пакосник, не можејќи да го поднесе ширењето на Светата Вера во идолодемонската земја, предизвика војна и страшно гонење против оние што го исповедаа името Христово и веруваа во Господа. Злиот враг го поттикна кнезот на таа земја Атанарих да ги убива христијаните и да го искоренува од земјата дури и споменот за нив. Во тоа време меѓу Готите избувнаа раздори и меѓусебна војна. Тие се поделија на две групи. Едната група за водач имаше некој Фритигерн, другата жестокиот насилник Атанарих. Кога овие истоплемени групи се судрија во војната и настана страотен колеж, Атанарих, кој имаше помногубројна војска и храброст, го победи својот противник Фритигерн и неговата војска се здаде во бегство. Тој побегна во Грција и таму побара помош од злиот цар Валент, кој ѝ нареди на целата своја војска во Тракија да му помогне на Фритигерн против Атанарих. Тогаш Фритигерн со останатите свои војници и со војската од Тракија тргна против својот противник. Минувајќи преку Дунав, тој нареди да се направи свет крст и да се носи пред неговите полкови. Така со крстот го победија Атанарих со неговата војска. Многумина беа убиени со меч, други живи заробени, а Атанарих со неколкумина побегна. Од тогаш Православната Вера сѐ повеќе започна да се шири меѓу Готите. Кога ја видоа силата на крстот, многумина поверуваа во Господа, Распнатиот на крст.

Кога умре епископот Теофил на неговиот престол стапи Урфил, кој беше благоразумен и побожен човек. Тој измисли за Готите букви и преведе многу книги од грчки на својот јазик, та така светата вера христијанска сѐ повеќе се ширеше меѓу нив. За тоа многу допринесе со својата ревност и свети Никита, едно од највисокородните и најпознатите лица во таа земја. Со својата побожност и боговдахновените зборови, тој многумина приведе кон Христа.

По некое време нечестивиот Атанарих повторно се врати во својот крај и откако се докопа до власта и моќта, поттикнуван од демонот во својата област крена страшно гонење против христијаните, осветувајќи се за своето срамотење, бидејќи од христијаните беше посрамен во војната. Тогаш ревносниот Никита стапи во борба против двајца непријатели: против невидливиот со кој војуваше, приведувајќи ги неверните кон вистинската вера и храбрејќи ги верните на маченички подвиг, и видливиот непријател Атанарих, со кој војуваше, изобличувајќи го и прекорувајќи го за неговата безбожност и нечовечност, бидејќи многу верни предаваше на разни маки. Така свети Никита ги победи обајцата. И ѓаволот го сотреи свирепоста на мачителот ја надвладеа. И сите видови на мачења, со кои се труделе храбриот страдалник да го одвратат од Христа, се покажаа немоќни. И самиот мачител беше во недоумица како е возможно тој со својата сила да не може да го придобие за својата безбожност тој еден слуга Христов, цврст како столб и непоколеблив во својата вера. Тогаш безбожникот намисли со оган да го усмрти оној, кого не можеше со многу мачење на телото и дробење на членовите, но, што постигна? Тој повеќе самиот себе се изгоре со својата јарост, отколку маченикот со огнот. Иако свети Никита се наоѓаше во страотен оган, неговото тело не изгоре, а душата му се препороди за нов подобар и бесмртен живот. А мачителот и без оган изгоре од своето безбожие. Тој душата своја ја умртви и телото свое го подготви за пеколот. Така свети Никита, под знакот на крстот војуваше за Христа и се истакна како победник, не само на име туку и во реалноста.

Телото на светителот, неповредено од огнот, остана непогребано и фрлено лежеше во бесчестие. Во тоа време таму живееше еден благочестив христијанин, на име Марјан. Тој беше родум од Киликија, од градот Мопсуест. Откако дојде во Готската земја по некоја работа, долго се задржа во неа. За време на својот престој таму се запозна со свети Никита, го стекна неговото пријателство и љубов и особено го засака кога виде како тој јуначки се држи за верата Христова, подготвен и крвта своја да ја пролие за неа. Додека светото тело на маченикот лежеше фрлено, Марјан размислуваше како да го земе и да го однесе во својот крај. Се плашеше од кнезот, кој беше наредил никој да не смее да се осмели да го погребе, и затоа реши тајно да го земе ноќе.

Штом се стемни беше подготвен да тргне, но ноќта беше многу мрачна и дождлива. Тоа многу го натажи, бидејќи не можеше да види каде оди и како да стигне до местото. Додека стоеше обземен од голема тага, Богот на секоја утеха, Кој некогаш на мудреците од Исток преку ѕвездата им го покажа патот до Витлеем, го утеши и Марјан во неговата тага и му покажа лесен пат за пронаоѓање на телото на светителот. Бог му испрати некоја небесна сила во облик на ѕвезда, која блескаше пред него и го водеше. Така стигнаа до телото на светиот маченик и ѕвездата застана над него, Марјан го завитка телото во чиста плаштаница и го понесе во куќата во која што престојуваше. А ѕвездата, штом го однесе до вратата на таа куќа, стана невидлива.

Така Марјан го доби бараното богатство и го сокри кај себе многу внимателно. Наскоро потоа се врати во својата татковина, носејќи го со себе телото на светиот маченик и чесно го погреба во својот дом. А Бог го благослови домот заради Својот маченик свети Никита, како што некогаш го благослови домот Пентефриев заради Јосиф (Мојсеј 39, 5), и домот Аведаров заради ковчегот на заветот (2 Цар. 6, 11). И изобилуваше домот на Марјан со големо богатство - и материјални и духовно. Од гробот на светителот се даваа дарови на сите неволни и се точеа исцеленија на болни. Сиот град и жителите од околината се собираа на светителовиот гроб, така што домот не можеше да ги смести верните, па изградија црква во име на свети Никита, ја украсија како што доликува и ковчегот со чесните мошти го внесоа во неа и го положија во земјата. Само на Марјан му се даде, та од светите мошти зеде еден прст за благослов на неговито дом, и тој побожно го чуваше. Повеќе никој не можеше да земе ништо од моштите на свети Никита.

Еднаш блажениот Авксентиј, епископ на градот Мопсуест, откако изгради црква на светите маченици Тарах, Ров и Андроник, испрати писмо во градот Аназарв, каде што почиваа моштите на овие свети маченици, молејќи ги граѓаните на Аназарв да му дадат некој дел од моштите на светите маченици за новоподигнатиот храм. Тогаш граѓаните на Аназарв го замолија епископот Авксентиј во замена да им даде делче од моштите на светиот маченик Никита, за благослов на нивниот град. Сакајќи да им ја исполни молбата, епископот нареди да го отворат гробот на светиот маченик Никита. Тогаш, без никаква видлива причина, мермерниот камен кој беше врз гробот, одеднаш се распадна на две половини. Еден од присутните со својата рака се допре до светите мошти, но раката веднаш му се исуши и го спопадна ужас. Тогаш настана страотно грмење со молњи, та сите се исплашија. Според тоа епископот виде дека на Бога не Му е по волја да се ситнат моштите на светителот и се покаја заради својата смела намера. А на човекот, кој дрско се допре до светителот, епископот му ја фати исушената рака, ја стави врз моштите на светителот и рече:

- Свети маченику Никита, тебе ти е полесно да исцелуваш отколку да повредуваш, зашто си добар и подржувач на седобриот Господ. Иако брзо го казни овој човек, зарем нема уште побрзо да го помилуваш?

Штом епископот ги изговори овие зборови, веднаш се исцели исушената рака на човекот. И сите се восхитуваа на благодатта на светиот маченик и Го фалеа Бога. А епископот повеќе не се осмели да се допре до светите мошти на угодникот Божји.Тој прочита над него долга молитва и чесно го покри гробот, славејќи Го Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот во Троица Бог, Кому Му доликува секоја слава, чест и поклонение за навек. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПОРФИРИЈ АКТЕРОТ

Порфириј беше актер и незнабожец. Нему за роденденот на Јулијан Отстапник му беше наредено пред очите на самиот цар Отстапник, за време на свечената прослава да се подигрува и да ги исмева христијанските Свети Тајни. Но кога Порфириј со намера да ја исмее светата тајна Крштение се нурна во водата, викајќи: „Се крштева Порфириј, во името на Отецот и Синот и Светиот Дух“, со чудесното дејство на благодатта Божја, поверува во Христа и штом излезе од водата започна отворено и бестрашно да Го исповеда како единствен вистински Бог. Поради тоа беше страотно мачен и најпосле посечен со меч. Пострада во 361 година, во градот Ефес во Мала Азија.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ кои пострадале со св. великомаченик Никита

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: МАКСИМ, АСКЛИАДА и ТЕОДОТ

Светите маченици Максим и Асклиада живееја во времето на нечестивиот цар Максимијан, во градот Маркијанопол во Мизија. Тие беа познати по својата побожност и многумина поучуваа во вистинската вера и ги приведуваа на свето крштение. За тоа дознал управникот на Тракија Тирис, кој во тоа време допатува во Маркијанопол и ги изведе пред себе на суд. После долгата расправа со Максим за верата, мачителот нареди четири луѓе да го тепаат по целото тело. Потоа, бидејќи Асклијада ја исповедаше својата вера во Христа, нареди неа да ја тепаат по петите. Тогаш истапи благочестивиот Теодот и ја изобличи бездушноста на мачителот. Поради тоа беше обесен на дрво и струган по телото. По тринаесет дена Тирис отиде во Адријанопол, каде што ги доведоа и овие тројца маченици. Тука тој ги подложи на нови мачења. Им ставаа вжештени железни плочи врз телото, но глас од небото ги утеши и ободри. Потоа ги фрлија во темница. По неколку дена ги предадоа во циркусот на ѕверовите, пред огромна маса народ. Но мечката, пуштена на Максим и Теодот, се милуваше околу нив. А бикот, за кого што ја врзаа Асклијада, застана како вкопан и не се помрдна од местото. Разјарениот управник тргна со светите маченици во Филипопол, и пред да стигне до градот, по пат во селото Салтис, повторно се обиде да ги присили да се одречат од Христа. Откако не успеа во тоа, нареди да им ги отсечат главите. Кратко време потоа мачителот беше убиен од гром, додека седел на судиштето.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ФИЛОТЕЈ, презвитерот и чудотворец

Преподобниот Филотеј беше од селото Мирмикс или Мравина во малоазиската област Витинија. Мајка му се викаше Теофила. Филотеј се ожени во зрели години и во бракот имаше деца. Како побожен и мудар, тој беше ракоположен за свештеник. Од тогаш постојано живееше во пост и молитва, поради што доби од Бога благодат да врши чуда. Така тој во една прилика го умножи лебот, та нахрани многу гладни. Во друга прилика истечната вода ја претвори во вино, а еднаш огромна карпа со збор премести од едно на друго место. И многу други чуда изврши тој за време на животот. Една година по неговото упокојување и погребение, верните сакаа неговите мошти да ги пренесат на друго место. Кога двајца свештеници се обидоа да ги извадат од гробот, светителот како жив ги испружи рацете, ги фати за рамењата, стана и направи три чекори. Потоа повторно беше положен на истото место, каде неговите свети мошти започнаа да точат изобилно миро, како сведоштво на неговиот чудесен, чист и необичен живот.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ЈОСИФ, епископот Алавердски

Еден е од оние дванаесет отци Сириски (седми мај) кои беа упатени во областите Кавкаски, да го проповедаат Евангелието. Свети Јосиф мирно се претстави кај Господа во 570 година. Неговите чудотворни мошти почиваат во Алавердската Соборна Црква.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ ЈОСИФ НОВИ, митрополитот Темишварски

Овој нов светител е роден во Дубровник, во 1568 година, од родители Јован и Екатерина со презиме Фуско. На крштението го добил името Јаков. Многу рано, по завршувањето на училиштето, отишол на Света Гора и таму се замонашил во манастирот Пантократор и го добил името Јосиф. Потоа живеел и се подвизувал во манастирот Ватопед, па во Хилендар, Лавра, Ксиропотам, и најпосле во Кутлумуш, каде станал игумен. Јосиф бил смирен монах, голем молитвеник и уште за време на животот се покажал чудотворец. Овие и други негови особини ги сочувал пеќкиот патријарх Гаврил I (1648-1655 г,), и го избрал Јосиф за митрополит Темишварски (1650 г,). Банат и Темишвар во тоа време на турско владеење биле под јуриздикција на Пеќката патријаршија.

Како митрополит свети Јосиф развил широка пастирска дејност: патувал низ епархијата, ракополагал свештеници, проповедал и поучувал. Кај турските власти, чиј што јазик го знаел, се застапувал за својата паства и за христијанскиот народ, Заради школување на црковните клирици основал свештеничка школа.

Во длабока старост свети Јосиф сам се повлекол во манастирот Партош во Банат. Но, побожниот народ и овде го посетувал својот пастир, доаѓајќи му за благослов, совети и молитвена помош. Помина во овој манастир три години и тука се упокои во својата осумдесет и осма година од животот, на денот Успение на Пресвета Богородица, на 15 септември 1656 година. Погребан е под олтарот на црквата која што самиот ја изградил. Неговите свети мошти денес се наоѓаат во катедралниот храм во Темишвар. Свети Јосиф се смета за светител и чудотворец уште за време на животот на земјата. Триесет години по неговата смрт, во 1686 година соборот на Банатската митрополија го нарекува со името свети Јосиф Нови. Во една книга со светителски служби на грчки јазик, ѓаконот Дамаскин опишал повеќе негови чуда. Оваа книга се чува во манастирот Парташ во Романија. Синодот на Романската црква го внел свети Јосиф Нови во својот календар, а во 1965 година истото го сторила и Српската црква.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ ВИСАРИОН I, архиепископот Лариски

Свети Висарион Први беше епископ на градот Лариса во Тесалија (крајот на 15 век), кој откако Му угоди на Бога мирно се упокои. После него епископ Лариски беше Теодосиј, па Дионисиј, па Марко, па свети Висарион Втори, кој се спомнува исто така на денешен ден.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ ВИСАРИОН II, епископот Лариски

Свети Висарион живеел во средината на 16 век. Се родил од побожни родители во селото Велика Пила во Тесалија. Од мал се учел на книга. Од својата десета година го засакал монашкиот живот. Духовен отец му бил ларискиот митрополит Марко, покрај кого поминал добар дел од својот живот. Тој го произвел најпрвин за чтец, па за ипоѓакон, ѓакон, јереј и најпосле го хиротонисал за епископ Лариски.

Свети Висарион многу се грижел за сиромашните и болните. На сиромашните им служел, а болните со молитвата и зборот ги исцелувал. Бил голем чудотворец за време на животот и после смртта. Основал прекрасен и познат манастир на Спасителот во Лариската епархија, наречен Дусик.

Мудро и богољубиво управувал и ја раководел својата духовна паства. Блажениот Висарион отиде кај Господа кога имаше над педесет години (околу 1541 или 1550 г.). Погребан е во црквата на Свети Никола, близу манастирот Дусик. Од неговите свети мошти се излеваат чуда и исцеленија за сите кои со вера им прибегнуваат.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ЈОВАН КРИТСКИ

Родното место на овој свет Христов новомаченик беше Сфакија, на островот Крит. Од таму Јован се пресели и живееше како земјоделец во Нови Ефес, во Мала Азија. Беше момче со добри особини, добродетелен и сѐ уште неоженет. Еден ден тој со свои двајца познаници сонародници, отиде во едно село на празникот Собор на свети Јован Крстител (посекување). Кога ги забележаа таму дека се странци, турските даночници испратени од агата, побараа од нив да платат арач, но тие не им се покорија на тоа. Поради тоа меѓу нив дојде до тепачка во која беше убиен еден турчин. Исплашени од турската освета, овие двајца веднаш побегнаа, а Јован, сметајќи се за сосем невин, мирно си отиде дома. Меѓутоа турците утредента дојдоа, го фатија и го поведоа кон темницата. Светиот маченик се правдаше дека навистина во сето тоа е невин, но турците му одговорија дека не постои никаква разлика ако го погубат него или некој друг христијанин. По пат и во темницата бесните агарјани го злоставуваа Јована, а најголема мака му беше тоа што полни шеснаесет дена не му даваа ни леб ни вода. Турците не го погубија од причина што братот на погубениот турчин се фалел пред турските власти дека уапсениот христијанин ќе го придобие во турската вера. Затоа тој со други турци дојде кај Јован, го извади од темницата и настојуваше најпрвин со ветувања, а потоа со закани да го убеди да ја прими муслиманската вера. На сите турски закани и ветувања храбриот исповедник и маченик Христов одговараше: - Христијанин сум се родил, како христијанин сакам и да умрам. Јован се викам и нема да ги менувам ниту својата вера, ниту своето име. Ќерката на турскиот судија, кога го виде Јован убав и красен, му пристапи и го молеше да ја поштеди својата убавина и младост, но бестрашниот христољубец ја прозре нејзината лукавост, непоколебливо одби и така го посрами ѓаволот.

Кога и покрај сите свои настојувања турците не успеаја да го потурчат, донесоа одлука да го обесат. Воден на бесилка, светиот маченик топло се молеше на Пресветата Мајка и постојано повторуваше: „Пресвета Богородице, помогни ми“.

Од сите христијани што ги среќаваа, тој смирено бараше прошка. Така маченикот се упокои за Господа Христа, обесен на 15 септември 1811 година, на полјаните кај Нови Ефес.

Таа ноќ во градот Ефес дојдоа некои луѓе со караван камили и товари со жито, но не најдоа преноќевалиште во градот и заноќија на полјаните надвор од градот. Тоа се случи по промисла Божја, бидејќи ноќта тие видоа како огромна светлина слезе од небото над телото на светиот маченик Јован. Од тоа многу се исплашија, па наутро рано отидоа кај турскиот судија и му го раскажаа своето видение. Судијата го припиша тоа на невиноста Јованова, бидејќи не веруваше во силата и моќта на вистинската вера христијанска. По три дена тој даде дозвола, та христијаните го симнаа светото тело на новомаченикот Христов и чесно го погребаа во портата на црквата Свети Великомаченик Георгиј, во Нови Ефес. Во таа прилика се исцели една побожна жена, која долги години боледувала од тешката болест мигрена.

Страдањето на светиот новомаченик Јован Критски го опиша Атанасиј Пароски (тоа се наоѓа во книгата Неон Лимонарион).

По молитвите на свети Јован и сите свети новомаченици, Господ и нас грешните да нѐ помилува и поткрепи на исповедништво на верата во Него, единствениот вистински Бог и Спасител наш, Амин.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ГЕРАСИМ, ктиторот на манастирот Света Троица во Сурвија

Преподобниот Герасим е роден во селото Леонтар на Пелопонез. Додека го изучуваше основното училиште, тој особено се посвети на изучување на Светото Писмо и Житијата на Светиите, така што кога потпорасна стана чтец во црквата, а подоцна и ѓакон и свештеник. Посветувајќи Му го сиот свој живот на Бога, тој реши да го остави светот, па затоа најпрвин тргна во светиот град Ерусалим, за да се поклони на Светите Места. Кога ја исполни таа своја света желба, се врати и дојде во краевите Димитријадски близу градот Волос. Тука во близина на селото Макриница најде манастир на Светата и Животворна Троица, наречен Сурвија, изграден од преподобниот Дионисиј Олимписки, и тука остана.

Свети Герасим се подвизуваше во близина на овој манастир, во една мала осамена ќелија во селото викано Велестино. Неговите подвизи брзо се прочуја низ околината и побожниот народ доаѓаше кај него за совет и духовна помош. А Бог не задоцни Својот верен слуга да го прослави со чудотворството уште за време на животот на земјата. Така еднаш дојде кај преподобниот една жена нероткиња и го молеше да ја благослови да добие дете. Според своето големо смирение свети Герасим ѝ одговори:

- Оди, ќерко, во својот дом, и Бог нека те благослови. Јас не сум достоен да те благословувам. Јас сум грешен човек.

Но жената не го оставаше светителот туку уште посрдечно го молеше. Тогаш преподобниот се смилува на неа и со вера ѝ рече:

- Оди, Бог те благослови. Ќе добиеш три деца.

Бидејќи жената поверува и замина, светителот падна на колена и топло се молеше на Бога за оваа жена, Бог да го исполни за неа неговото пророштво.

И Господ навистина брзо го послуша Својот слуга, и ѝ даде на таа жена три деца, како што ѝ прорече преподобниот. Таа им ги даде следниве имиња: Диамантис, Јован и Триандафил. И многу други чуда изврши преподобниот Герасим, а тие продолжија и по неговото блажено претставување. Некое време пред својата смрт, светителот доби од Бога известување за часот на своето заминување и затоа започна да се подготвува. Тој сакаше да се упокои во манастирот Света Троица и затоа тргна од селото Велестина. Не сакаше да остане меѓу ондешните жители и свештеници, затоа што некои од нив му нанесуваа неволји и пакости. Кога дојде во манастирот, светителот најпрвин ги поучи игуменот и браќата да имаат љубов меѓу себе и постојано од срце да се молат, а исто така и често да се сеќаваат на часот на својата смрт, бидејќи тоа носи голема духовна корист. Потоа малку се одмори, па мирно ја предаде својата душа во рацете на својот Господ, на Кого целиот свој живот верно Му служеше. Преподобниот Герасим се упокои на 14 септември, но заради големиот празник Крстовден, неговиот спомен се врши на денешен ден.

Манастирските отци и браќа чесно го погребаа неговото свето тело. Кога по некое време ги ископаа неговите чесни мошти, со намера да ги пренесат на друго место, ги најдоа исполнети со благодат Божја и прекрасен благомирис. Од нив потоа се случуваа многу исцеленија на сите кои со вера им пристапуваа. Светата глава на свети Герасим и денес се наоѓа во црквата на неговиот манастир Света Троица во Сурвија. По неговите свети молитви Господ нека нѐ помилува и нас. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ДВЕ ДЕВОЈКИ МАЧЕНИЧКИ

Пострадаа за Господа Христа посечени со меч.

СПОМЕН НА НАОЃАЊЕТО НА МОШТИТЕ НА СВЕТИОТ АРХИЃАКОН СТЕФАН

Светиот Христов првомаченик и архиѓакон Стефан се слави на 27 декември. Преносот на неговите свети мошти се слави на втори август, а денес се врши само споменот на откривањето или на наоѓањето на неговите свети мошти.

СПОМЕН НА НАОЃАЊЕТО НА МОШТИТЕ НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ АКАКИЈ, епископот Мелетиски

Беше исповедник во времето на царот Декиј (249-251г.). Се претстави во мир. Неговиот спомен се празнува на 31 март, каде можете да видите поопширно за него, а денес се празнува само наоѓањето на неговите свети мошти.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ МЕЛЕТИЈ, ктиторот на Сергијевиот манастир