29. Септември   (16. Септември)

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТАТА ВЕЛИКОМАЧЕНИЧКА ЕФИМИЈА

За време на царувањето на незнабожниот Диоклецијан, со Халкидон управуваше антипатот Приск, поставен од царот. Сакајќи да приреди празник во чест на незнабожечкиот бог Ареј, на кого во Халкидон му беше посветен храм и идол во храмот, Приск испрати царска наредба по сите околни градови и села, сите жители да дојдат во Халкидон на празникот и секој според својата имотна состојба да му принесе жртва на Ареј. Во своите наредби Приск се закануваше со страотни мачења за оние што нема да послушаат и нема да дојдат на празникот. И кога настапи денот за демонскиот празник, во Халкидон се собра многу народ, заедно со добиток, кој беше доведен за принесување жртва. И настана празнично славење, при што сите весело принесуваа на жртви овци и волови, и му се поклонуваа на бездушниот идол, односно на демонот кој живееше во него.

А христијаните од тие места се гадеа од овој празник и од страв од страшните закани на антипатот, започнаа да се кријат. Тие се собираа на тајни места и Му вршеа богослужење на вистинскиот Бог. Меѓутоа мачителот нареди строга проверка, при што беше најдено дека христијаните се спротивставуваат и не му оддаваат чест на демонот, бидејќи таа Му доликува само на вистинскиот Бог. Мачителот се разгневи, па испрати потера по нив, за да ги доведат на мачење.

Во тоа време во едно тајно место се криеја четириесет и девет христијани, и таму стоеја на молитва. Меѓу нив имаше и една прекрасна девојка на име Ефимија. Таа беше од благородничко потекло, ќерка на сенаторот Филофрон и неговата сопруга Теодорисија, кои беа побожни луѓе. На мачителот му беше доставено за овие сокриени христијани и тој нареди сите да ги фатат и да ги доведат кај него на суд. Свирепите слуги како ѕверови побрзаа со оружје во рацете против Христовото словесно стадо. Го опколија домот каде што беа собрани, ја скршија вратата и започнаа немилосрдно да ги извлекуваат еден по еден и ги поведоа кај антипатот со понижување и исмевање. Водени како овци на колење, светите смирени слуги Христови излегоа пред гордиот мачител, подготвени да страдаат за Господа, сѐ до проливањето на својата крв за Него.

Кога ги виде, гордиот властодржец ги праша:

- Вие ли се противите на царската наредба и не сакате да му принесете жртва на големиот бог Ареј?

Христијаните одговорија:

- На царската или твоја наредба, антипате, треба да ѝ се покоруваме ако не Му е спротивна на Небесниот Бог. А ако е спротивна на Бога, тогаш не само што не треба да и се покоруваме, туку треба и да ѝ се спротивставиме. Вашата наредба е богопротивна, зашто вие наредувате да се почитува тварта повеќе од Творецот, да му се поклонуваме и да му принесеме жртва на демонот, а не на Севишниот Бог. Затоа ние вашата наредба никогаш нема да ја прифатиме, зашто сме вистински поклоници на вистинскиот Бог, Кој живее на небесата.

Тогаш мачителот ласкаво се потруди со ветувања на подароци и почести да ги тргне од правиот пат кон погубното идолослужење, а истовремено им се закануваше и со страшни мачења ако одбијат. Светителите на тоа му одговорија:

- Подароците и почестите што ни ги ветуваш, ние одамна ги отфрливме од себе заради Христа, зашто ги имаме небесните богатства, кои се поголеми и подобри од сите земни богатства. Земните богатства се привремени и непостојани, а небесните се вечни и непроменливи. А пак од страшните мачења со кои ни се закануваш, ние не само што не се плашиме, туку и многу сакаме да ги претрпиме, за да се покаже во нас силата и крепоста на нашиот Бог, на Кого би се восхитиле и вие откако ќе ја познаете немоќта на вашите немоќни богови и се посрамите. Но, има ли потреба да зборуваме уште? Изврши го тоа што си намислил да го извршиш, па ќе се убедиш во нашето трпение.

Тогаш светите маченици цели деветнаесет дена беа мачени на разни начини. Тие секој ден добиваа нови рани и поднесуваа глад и жед. Меѓу нив беше и светата девојка Ефимија, млада и прекрасна. Бодрејќи ја, тие ѝ зборуваа:

- Девојко, подвизувај се заради Небесниот Младоженец. Подвизувај се да Му угодиш со страдањето. Подвизувај се со мудрите девојки да го сретнеш, за Он да те засака како невеста Своја и да те воведе во дворовите Свои. Потоа во дваесетиот ден беа изведени на суд, каде антипатот ги праша:

- Зарем и сега, поучени од страдањето, нема да ја послушате нашата наредба?

Светите маченици заедно со света Ефтимија одговорија:

- Немој да се надеваш дека ќе нѐ тргнеш од правиот пат. Попрво ќе можеш да ги превртиш планините и поместиш ѕвездите на небото, отколку нашите срца да ги разделиш од вистинскиот Бог.

Разјарен од овие зборови, мачителот нареди долго да ги тепаат по лицата. Кога виде дека не му успева, одлучи да ги испрати кај царот, но нареди пред тоа да ги затворат во темница. Кога ги водеа кон темницата, антипатот ја здогледа младата и убава девојка Ефимија, која меѓу овие свети маченици блескаше како месечина меѓу ѕвезди, и како волк ја зграпчи оваа овца од стадото Христово. Таа ги подигна очите и рацете кон небото и викна:

- Господи Христе, не оставај ме, во Тебе се надевам. Не предавај ја на ѕверовите душата која Те сака и го исповеда Твоето свето име. Не давај му на мојот непријател да се израдува за мене. Поткрепи ме, мене, немоќната слугинка Твоја, да не ме совлада безаконието.

А пак мачителот, за да ја привлече измислуваше најразлични начини, мамејќи го нејзиното девојкино срце со благи зборови, многу подароци и разни ветувања. Но, света Ефимија јуначки зборуваше:

- Не помислувај, мачителу, дека мојата слабост можеш лесно да ја приведеш кон твоето безбожие. Иако сум жена по природа, немоќна со телото и млада на години, сепак моето срце е похрабро од твоето, и мојата сила во светата вера е посилна од вашата, и мојот разум со благодатта Христова е поголем од сите ваши незнабожечки говорници, заедно со кои вие сметате дека сте мудри, а всушност сте најбезумни, бидејќи не сакате да Го познаете вистинскиот Бог и демонот го почитувате како бог. Нема да ме измамиш, како што некогаш змијата ја измами нашата прамајка и нема да ми го направиш сладок овој горчлив свет со неговите сласти. Нема да ја победиш силата, која во немоќта се јавува колку и да бидат силни твоите напади. Јас се надевам во мојот Христос, дека Он нема да ме остави ниту да ја тргне од мене Својата крепка рака, додека гордата глава на демонот не биде згазена од женски нозе.

Посрамен од ваквите зборови на света Ефимија, мачителот страшно се налути, па својата одвратна љубов кон неа сега ја претвори во бес. Веднаш нареди да се подготви тркало за мачење, начичкано со остри ножеви, за нејзиното тело да биде исецкано и здробено. Светата девојка се прекрсти и слугите ја врзаа за тркалото. Кога започнаа да го вртат, парчиња од нејзиното тело отпаѓаа и зглобовите ѝ се кршеа, а таа срдечно Му се молеше на Бога:

- Господи Исусе Христе, просветување на мојата душа, Извору на животот, Кој им даваш спасение на оние што се надеваат на Тебе, дојди ми на помош за сите да познаат дека си Ти единствен Бог и цврста надеж на оние што се надеваат во Тебе. Нема да им се случи ништо лошо и ударите нема да се допрат до нивните тела, зашто Севишниот го избраа за прибежиште (сп. Пс. 90, 9. 10).

Кога таа така Му се помоли на Господа, тркалото одеднаш застана а слугите испопаѓаа, зашто ангел Божји ја скрши рачката со која се вртеше тркалото, ја симна светата девојка, ја исцели од раните и ѝ го врати здравјето. Така исцелена, таа радосно пееше, благодарејќи Му на Бога и славејќи ја Неговата семоќна сила. Сите присутни, заедно со мачителот, беа запрепастени и многу се чудеа на ова чудо. Па сепак, каде што злобата ќе ги ослепи душевните очи, таму никаква корист не може да донесе никакво чудо. Тие не беа во состојба да ја познаат крепката рака на вистинскиот Бог. Гледајќи не видоа и слушајќи не разбраа, зашто се скаменија срцата нивни (сп. Ис. 6, 9. 10). И ова чудесно знамение тие го припишуваа на волшебството.

Потоа мачителот нареди да се вжешти огромна печка и во неа ја фрлија света Ефимија. Додека се вжештуваше печката, светата маченичка се облече во оклопот на светите Три Момчиња, односно во молитвата, и со срдечна љубов кон Бога ги крена очите кон небото и говореше:

- Боже, ти во висините живееш и на смирените погледнуваш. Ти Трите Момчиња во Вавилонската печка ги сочува неповредени од огнот и преку твој свет ангел си им испратил роса од небото. Сега и на мене, слугинката Твоја, биди ми помошник Христе мој, бидејќи се подвизувам заради слава твоја.

Откако го изговори тоа и се прекрсти, таа стоеше спокојно, очекувајќи да ја фрлат во огнот. А двајцата војници Виктор и Состен, на кои им било наредено маченичката да ја фрлат во огнот, видоа прекрасна појава во огнот. Во печката видоа ангели Божји, кои го расфрлаа огнот и им се закануваа да не се допираат до невестата Христова.

Тие му рекоа на мачителот:

- Проконзуле, ние со своите нечисти раце не смееме да се допреме до оваа света девојка и да ја фрлиме во огнот, макар да платиме со главите, зашто гледаме чудо, кое твоите очи не го гледаат. Подобро ќе го истрпиме твојот гнев, отколку гневот на светлозарните лица, кои ни се закануваат од огнот.

Мачителот многу се разгневи. Си помисли дека се христијани, па затоа не сакаат да ја фрлат девојката во огнот, и нареди да ги затворат. А на други двајца војници Кесар и Вариј, тој им заповедаше да ја фрлат Ефимија во огнот. Штом ја фатија и ја фрлија во огнот, веднаш од него изби силен пламен кон нив и цели ги изгоре, а останатите слуги побегнаа. Светителката ликуваше среде печката како во светла палата и ладна роса и ја пееше песната на светите Три Момчиња: „Благословен си Ти, Господи, Боже на татковците наши, и фален и прославуван во векови...“ (Даниил 3, 52). И се случи преславно чудо. Огнот не се допре до светата маченичка, зашто самиот нејзин Младоженец Христос Господ тајно слезе во печката кај невестата Своја и ја ороси со небесна ладовина. А кога огнот згасна, на запрепастување на сите светата девојка излезе неповредена од печката. Мачителот повеќе не знаеше што да превземе, па нареди да ја одведат во темница, нарекувајќи ја волшебничка, додека преку ноќта не смисли што да прави со неа.

Потоа ги повика кај себе Виктор и Состен и бесно се нафрли на нив, колнејќи се дека ќе ги погуби ако не им се поклонат на идолите. Тие му рекоа:

- Досега сме биле во заблуда и не сме ја знаеле вистината, а сега Го познавме единствениот Бог, Кој ги створил небото и земјата. Во Него веруваме и Му се поклонуваме, а на твоите богови, на кои и ние порано им се поклонувавме, без да знаеме дека тоа демоните нѐ мамат, отсега повеќе нема да им се клањаме. Со нас прави што сакаш. Во твои раце се нашите тела, а душите под заштита Божја.

И мачителот ги осуди да бидат фрлени на ѕверовите. Додека одеа кон местото одредено за тоа, светите срдечно се молеа на Бога да се смилува на нив, да им ги прости гревовите за нивното неверие и да ги насели нивните души со оние кои веруваат во Него. И веднаш дојде од небото глас Божји, кој ги повикуваше на покој. Тогаш тие со радост ги предадоа своите души во рацете Божји. Ѕверовите не се допреа до нивните тела и тие тајно беа погребани од страна на верните. Утредента мачителот седна на судиштето и света Ефимија ја изведоа од темницата. Таа весело одеше на суд и пееше:

- Господи, песна нова Ти пеам! Ќе те прославам Господи, крепост моја! Ќе ти пејат народите и ќе го прославам името Твое, зашто си Ти Единствен вистински Бог и не постои друг Бог освен Тебе. Така пеејќи, таа дојде на судот. Тука долго ја испрашуваа, истезаваа и приморуваа да им принесе жртва на идолите, но таа не се покори. Кога ја виде непоколебливоста на нејзиното срце, мачителот нареди да ја обесат и телото да ѝ го стругаат со остри ножеви. Но и по тоа мачење таа со силата Божја се најде здрава. Потоа ископаа длабока јама, ја наполнија со вода, спуштија во неа најразлични : змии, аспиди и морски отровни гадинки, и ја фрлија светата во неа. Таа се прекрсти и велеше:

- Светлино моја, Исусе Христе! Ти во утробата на водениот ѕвер си го сочувал неповреден Јона. Ти си го избавил Данил од челуста на лавовите. Ти и мене сочувај ме со Твојата крепка рака, за да се прослави светото име Твое.

Со тие зборови таа скокна во јамата, а отровните ѕверови не ѝ нанесоа никаква повреда, туку напротив се грижеа за неа, зашто ја носеа врз себе и не ѝ дозволија да пропадне во јамата. Светата девојка излезе со благодатта Божја од таа јама, без никаква повреда.

Тогаш мачителот навистина се најде во недоумица што да прави со неа. Но сепак сакаше да ја погуби. Мислеше дека волшебништвото со кое според него владее маченичката, ги совладува само јавните мачења а не и тајните замисли, па нареди да се ископа друга тајна јама и да се начичка одвнатре со остри копја, мечеви и ножеви, со острици вперени нагоре, а однадвор да се покрие со гранки и земја, па маченичката да помине преку неа, со надеж дека ќе пропадне, ќе се набоде на острото оружје и така ќе умре. Но, светителката премина преку јамата лесно, како птица преку стапица. А некои незнабошци, без да знаат за таа јама, паднаа во неа и загинаа. Од тоа мачителот многу се посрами, а се исполнија зборовите на Светото Писмо: „Копаше јама и ја ископа и падна во неа оној што ја направи“ (Псалми 7, 16). А светата маченичка Го славеше Бога, пеејќи: „Кој ќе ја искаже силата Господова? Кој ќе ја разгласи сета слава Негова?“ (Псалми 105, 2). Твојата измачена слугинка, Господи, Ти ја сочува неповредена, ја спаси од огнот, ја заштити од ѕверовите, од водата и тркалото, и ја извади од јамата. И сега, Господи, избави ја мојата душа од рацете на исконскиот непријател. „Гревовите на младоста моја и престапите мои не споменувај ги“ (Псалми 24, 7). Со капките од крвта Твоја, за мене пролиени, очисти ја нечистотијата на телото и духот мој. Ти си очистување, осветување и просветување на слугите Твои.

Проконзулот уште еднаш се обиде да ја придобие со ласкави зборови. Тој ѝ рече:

- Не посрамувај го својот род. Не погубувај го цветот на младоста своја. Не лишувај се од животот. Испочитувај го големиот Ареј, па од сите нас ќе бидеш почитувана и наградена со големи богатства и слава.

И многу други ласкави зборови ѝ зборуваше тој, а таа го исмеа и искара како безумник.

Тогаш повторно започна да ја мачи. Откако страотно ја претепа со стапови, тој нареди да ја пресечат со остар тестер. Тестерот ни најмалку не ја повреди, па нареди да ја печат на вжештена тава, но и тавата се олади. Ангели беа со невестата Христова и ја чуваа во маките. Најпосле проконзулот донесе одлука да ја фрлат на ѕверови. Кога ја водеа кон циркусот каде што требаше да биде растргната, таа се молеше на Господа да стави крај на нејзиното мачење, да ја прими нејзината душа во рацете Свои и да ѝ нареди од многустрадалното тело да премине во небесниот рај. Таа говореше:

- Господи на силите! Ти ја покажа врз мене Својата непобедлива сила и несовладлива десница. Ти ја обелодени немоќта на демоните и безумието на мачителот, а мене ме издигна над сите маки. Како што си допуштил убивање и проливање на крвта на досегашните маченици, така сега прими ја и мојата жртва, која со скрушена душа и смирено срце ти ја принесувам, и упокој ја мојата душа во населбите на Светиите и во ликот на Мачениците, зашто Си благословен засекогаш.

Додека света Ефимија така се молеше на Господа, пуштија лавови и мечки, кои ѝ пристапија и започнаа да ѝ ги лижаат нозете. Само една мечка ѝ направи мала рана на ногата, од која потече крв. Во тоа време се чу глас од небото, кој ја повикуваше светителката во небесните живеалишта. Во тој миг таа го предаде својот дух на Господа, за Кого сесрдно пострада. И се затресе земјата и градот се поколеба, бедеми се рушеа, храмови паѓаа и сите ги обзеде голем страв. И кога во таквиот страв сите побегнаа од циркусот, светото тело на маченичката остана да лежи мртво на земјата. Родителите на света Ефимија дојдоа и го зедоа чесното тело на својата ќерка и го погребаа близу градот.

Тие Му благодареа на Бога и се радуваа што се удостоија да бидаат родители на таква ќерка, која со проливањето на својата крв стана невеста на Небесниот Младоженец Христос и Цар на сите, Кому со Отецот и Светиот Дух, чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ДОРОТЕЈ ПУСТИНИКОТ

Преподобниот Доротеј беше од Тиваида и живееше во пустината близу Александрија, во местото викано Пустинска Келија. Еленополскиот епископ Паладиј, кој некое време бил ученик на отец Доротеј и очевидец на неговите испоснички подвизи, за него во својот Лавсаик го пишува следното:

Старецот Доротеј живееше шеесет години во една пештера, и водеше многу строг живот. Како многу трудољубив, тој преку целиот ден, па и на жешкото пладне собираше камења во приморската пустина и постојано градеше од нив ќелии, а потоа ги даваше на оние кои не можеа самите да си изградат. А кога еднаш јас го прашав зошто во својата старост го измачува своето тело на силната горештина, тој ми одговори:

„Тоа ме мачи мене, и јас ќе го мачам него“.

Дневно јадел малку сув леб и грст зеленило, а пиел по малку вода. Бог ми е сведок дека јас никогаш не го видов да ги испружи нозете или да легне да спие на рогозина или на постела, туку по цела ноќ седеше и плетеше корпи од палмови прачки и со тоа заработуваше за леб. Мислејќи дека заради мене започна да води вака строг подвижнички живот, јас започнав внимателно да се распрашувам кај многу негови ученици, дали тој цел живот така се подвизувал. Сите ми рекоа дека тој уште од млад живее така. Никогаш намерно не легнал да спие. Само за време на работата или за време на јадењето ги склопувал очите на кратко, така што често од големата поспаност и залакот му испаѓал од устата. Еднаш кога се обидов овој свет човек да го принудам малку да прилегне на рогозината, тој возбудено ми рече:

- Ако Ангелите ги наговориш некогаш да заспијат, тогаш ќе го наговориш и ревносниот подвижник.

Еден ден, вели понатаму преподобниот Паладиј, ме испрати мене околу три часот попладне на својот бунар да ја наполнам стомната, бидејќи беше време за ручек. Кога дојдов на бунарот, јас здогледов аспида на неговото дно и од страв отрчав кај него и реков:

- Пропаднавме, аво, на дното на бунарот видов аспида.

А тој сериозно се насмевна, се загледа во мене малку подолго и вртејќи со главата, рече:

- Ако на Ѓаволот му падне на памет во сите бунари и водени извори да нафрла аспиди, змии или отровни животни, зарем ти сосем би престанал да пиеш?

Откако го рече тоа, тој стана и самиот отиде на бунарот, наполни вода, ја осени со крсниот знак, прв се напи од неа и рече:

- Каде што крстот ќе осени, таму е немоќно злото на сатаната.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ КИПРИЈАН, митрополитот Киевски

Свети Кипријан бил родум од Трново во Бугарија, а воспитаник на Света Гора. Најмногу се занимаваше со преведување и препишување на богослужбени книги, а и самиот пишуваше, бидејќи беше многу учен. Се одликуваше со свет живот, познавање на светоотечкото мудрољубие и начитаност во свештените книги. Покровител му беше Филотеј, патријархот Цариградски, кој, кога го запозна на Света Гора го зеде кај себе и потоа го испрати за митрополит во Киев. Ревносно се подвизуваше за својата паства со молитвата, благовестењето и мудрото управување. Подигна храм во чест на тројцата големи ерарси: свети Василиј Велики, свети Григориј Богослов и свети Јован Златоуст. Огромни неволји и беди претрпе како митрополит, но сето тоа благодушно го поднесе и со својата плодотворна работа многу корист ѝ донесе на Руската Црква. Во митрополитскиот чин помина близу триесет години. Доживеа длабока старост. Пред смртта напишал проштално писмо, кое му е прочитано на гробот. Се упокои на 16 септември 1406 година. Неговите чудотворни мошти почиваат во Успенската црква во Москва.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ЉУДМИЛА

Блажената Људмила, бабата на чешкиот крал свети Вацлав, беше сопруга на чешкиот кнез Боривој. Големиот просветител на Словените свети Методиј, архиепископ на соседна Чешка Моравија, ги научи Боривој и Људмила на чиста и света вера, и ги просвети со светото крштение во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Огнени во верата, кнезот и кнегињата изградија многу цркви и поставија свештеници во нив. Во својата ревност за верата Христова, блажената Људмила многумина преобрати од незнабоштвото кон Црквата, бидејќи во тоа време меѓу чешките словени незнабоштвото било сеуште силно.

Кнезот и кнегињата имаа три сина и една ќерка. Кнезот Боривој умре кога имаше 36 години. Блажената Људмила ја поднесуваше својата тага целосно предадена на волјата Божја, и сиот свој имот го раздаваше на сиромасите. Нејзиниот син Вратислав стапи на престолот после својот татко и владееше 33 години, после што се упокои. Тогаш на престолот дојде Вацлав, внукот на кнегињата Људмила, кого што таа од мал добро го беше воспитала во христијанската вера и тој беше добар, кроток и целомудрен. Но неговата мајка ја мразеше својата свекрва Људмила и се трудеше на секој начин да ја погуби. Кога дозна за тоа, блажената Људмила отиде во градот Течин. Тогаш нејзината снаа поднаговори двајца болјари, и ги испрати таму да ја убијат. Овие двајца злосторници отидоа таму, собраа околу себе многумина слични на себе, и една ноќ го опколија дворецот каде што се наоѓаше блажената Људмила, ја скршија капијата и влегоа внатре. Ја фатија светата кнегиња, и ставија јаже околу вратот и ја задавија.

Така блажената Људмила пострада маченички, во сабота во 917 година, во градот Течин. Имаше шеесет години. Така таа Му угоди на Бога и доби маченички венец. Бог го прослави со многу чуда местото каде што таа беше погребана. Не беше погребана во црквата, туку под градскиот бедем и на тоа место секоја ноќ се јавуваа запалени свеќи. Еден слепец прогледа кога ја допре земјата на гробот на света Људмила. Од тоа време се случуваа многу чуда. Кога слушна за тие чуда, нејзиниот внук Вацлав ги пренесе чесните мошти во градот Праг, и ги положи во црквата на свети Георгиј, каде и денес се случуваат од нив многу знаменија и чуда. Големиот ревнител на верата Православна свети Вацлав беше убиен од својот брат Болеслав. Се спомнува на 28 септември.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ ПРОКОПИЈ

Беше родум од чешкото село Хотун и како свештеник многу се потруди околу ширењето и утврдувањето на христијанството во Чешка. На реката Сазава свети Прокопиј подигнал манастир на свети Јован Претеча, во кој и се подвизувал до својата смрт во 1053 година.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА СЕВАСТИЈАНА

Света Севастијана живееше во времето на царот Домицијан и беше ученичка на свети апостол Павле. Со наредба на игемонот Георгиј, таа беше фатена во градот Маркијанопол. Неа многу ја тепаа, а потоа ја фрлија во вжештена печка, но во неа остана неповредена. Потоа ја одведоа во Тракискиот град Ираклија, каде беше обесена на дрво, па потоа фрлена на ѕверови да ја растргнат. Но, света Севастијана повторно остана неповредена. Најпосле со меч ѝ ја отсекоа главата, и од нејзините рани наместо крв истече млеко.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА МЕЛИТИНА

Света Мелитина беше од градот Маркијанопол Тракиски и живееше во времето на царот Антонин, за време на игемонот Антиох. Таа изврши многу чуда. Со својата молитва ги собори на земјата и ги скрши киповите на Аполон и Херкул и многумина приведе кон вистинската вера. Потоа ја обрати кон Христа и сопругата на игемонот. Затоа ѝ ја отсекоа главата. Нејзиното чесно тело извесно време лежеше непогребано. Еден Македонец, на име Акакиј, на минување низ тоа место кон својата татковина, побара дозвола и ги зеде нејзините свети мошти. Тој ги положи во ковчег со желба да ги однесе со себе, но додека пловеше по морето се разболе и умре. Кога коработ стигна до ртот Лемнос, таму беше положено телото на светата маченичка Мелитина, а во близина на нејзиниот гроб беше погребано телото на маченикољубивиот Акакиј.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ИСАК и ЈОСИФ

Тие беа родени браќа, родум од градот Теодосиупол. Бидејќи не сакаа да се одречат од Христа и да го примат исламот, им беа отсечени главите во 808 година.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ КАСИЈАН КИПАРСКИ

Овој светител се слави и празнува на островот Кипар, бидејќи во местото Глифија кај Алектора се наоѓа неговото свето тело. Го спомнува и Махерас во „Кипарска хроника“.