30. Септември   (17. Септември)

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЧКИ ВЕРА, НАДЕЖ, ЉУБОВ и нивната мајка СОФИЈА

За време на царувањето на римскиот цар Адријан во Рим живееше вдовица, родум италијанка, на име Софија, што значи мудрост. Таа беше христијанка и мудро го минуваше животот во верата христијанска, според мудроста што ја фали апостолот Јаков, говорејќи: „Мудроста што иде одозгора, најнапред е чиста, а потоа мирна, кротка, покорна, полна со милост и добри плодови“ (Јаков 3, 17). Додека живееше во чесен брак, мудрата Софија роди три ќерки, на кои им ги даде имињата на трите христијански добродетели: првата ја нарече Вера, втората Надеж и третата Љубов. А што би можела да роди христијанската мудрост ако не богоугодни добродетели? Наскоро по раѓањето на третата ќерка, Софија остана вдовица. Како вдовица живееше побожно, угодувајќи Му на Бога со молитвата, постот и милостињата и своите ќерки ги воспитуваше онака како што само мудрата мајка може, да живеат според христијанските добродетели, чии што имиња ги носеа. И навистина, како што децата растеа, така растеа во нив и христијанските добродетели. Тие добро ги изучија пророчките и апостолските книги, ги научија поуките на наставниците, внимателно се занимаваа со читање, беа срдечни во молитвите и во домашните работи, покорувајќи ѝ се на својата света и богомудра мајка, и напредувајќи во сѐ. А бидејќи беа многу благоразумни, па уште и необично убави, тие набрзо го свртеа вниманието кон себе. Гласот за нивната мудрост и убавина се пронесе по целиот Рим. Слушна за нив и епархот Антиох и посака да ги види. Штом ги виде, веднаш препозна дека се христијанки, бидејќи тие не ја таеја својата вера во Христа, не се колебаа во својата надеж во Христа и не слабееја во својата љеубов кон Христа. Отворено пред сите, тие Го славеа Христа Бога и се гнасеа од незнабожечките идоли.

За сето тоа Антиох го извести царот Адријан и тој веднаш испрати свои слуги, да му ги доведат девојчињата. Слугите отидоа во домот на Софија. Ја затекнаа како ги поучува своите ќерки и ѝ соопштија дека царот ја бара заедно со ќерките. Таа се досети поради што ги вика царот и сите застанаа на молитва, говорејќи:

- Боже Сесилен, стори со нас според Твојата света волја и не оставај нѐ, туку дај ни ја Твојата света помош, за нашето срце да не се исплаши од гордиот мачител и од горката смрт и ништо да не нѐ отргне од Тебе, нашиот Бог.

И откако по молитвата Му се поклонија на Бога, држејќи се за раце како исплетен венец, тие тргнаа кај царот. Често погледнувајќи кон небото со воздишка и тајна молитва, Го повикуваа на помош Оној Кој заповедал да не се плашиме од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат (Матеј 10, 28). Кога дојдоа во царскиот дворец, тие се прекрстија, говорејќи:

- Помогни ни, Боже Спасителу, за прославување на светото име Твое.

Тогаш ги внесоа во дворот и ги изведоа пред царот, кој седеше гордо на престолот. Тие му оддадоа долична чест, но стоеја пред него бестрашно со светли лица, и кон сите гледаа со весели очи, како сите да се повикани на славење. Со таква радост дојдоа на измачување за својот Господ.

Кога ги виде такви, царот започна да ја испрашува мајката од каков род се, од која вера и како се викаат. А мудрата одговараше толку паметно, така што сите присутни се восхитуваа на нејзиниот разум. Откако накратко ги спомна нивното потекло и имиња, Софија започна да зборува за Христа, Чие што потекло никој не може да го искаже (сп. Ис. 53, 8), но на Чие што име ќе му се поклони секое колено (сп. Флп. 2, 10). И таа отворено ја исповедаше својата вера во Христа Исуса, Синот Божји, и нарекувајќи се себеси слугинка Негова, се фалеше со името Негово. Христијанка сум, зборуваше таа, и тоа е драгоценото име со кое се фалам. Исто така, таа изјави дека и своите ќерки ги уневестила за Христа, за својата нетлена чистота да ја сочуваат за нетлениот Младоженец - Синот Божји.

Гледајќи пред себе мудра жена, и не сакајќи да стапи со неа во долг разговор и да ѝ суди, царот го одложи тоа и ја испрати Софија со нејзините ќерки кај една високородна жена на име Паладија, на која што ѝ порача да ги чува, а во третиот ден да ги доведе кај него на суд.

Во домот на Паладија Софија и ден и ноќ ги поучуваше своите ќерки и ги утврдуваше во верата. Таа им велеше:

- Мили мои ќерки, сега е времето на вашиот подвиг, сега е денот на вашето уневестување за Бесмртниот Младоженец, сега треба да покажете цврста вера, непоколеблива надеж и нелицемерна љубов, која никогаш не престанува. Настапил часот со маченички венци да се венчате за својот премил Младоженец и радосно да влезете со Него во Неговите пресветли дворови. Ќерки мои, заради таа чест Христова немојте да го жалите своето младо тело, немојте да го жалите убавиот цвет на својата младост, заради Најубавиот меѓу синовите човечки, и немојте да тагувате што се лишувате од времениот живот заради вечниот. Исус Христос е вечно здравје, неискажана убавина и бесмртен живот. И кога вашите тела заради Него ќе бидат измачени до смрт, Он ќе ве облече во негнилежност и ќе направи раните на вашите тела да заблескаат како ѕвезди на небото. Кога вашата убавина ќе биде земена од вас со мачењата заради Него, Он ќе ве украси со небесна убавина, каква што човечкото око не видело. Кога ќе го изгубите својот времен живот и ќе ја положите својата душа за Господа, тогаш Он ќе ве награди со бесконечниот живот, во кој ќе ве прослави за навек пред Својот Отец небесен и пред светите ангели Негови и сите небесни Сили ќе ве наречат невести и исповеднички Христови. Вас ќе ве пофалат сите Преподобни, заради вас ќе се развеселат сите мудри Девојки и ќе ве примат во својата заедница. Деца мои слатки, не давајте да ве соблазнат вражјите соблазни. Царот ќе ве опсипа со многу ласкања, ветувања и предлагања на слава, богатство и чест, и сета убавина и сладост на овој гнилежен и суетен свет. Но, вие немојте да посакате ништо од тоа, зашто сето тоа исчезнува како чад, како прашина се разнесува со ветрот и како цвет и трева венее и се претвора во прав. Немојте да се исплашите ниту од мачењето. Откако ќе истрпите малку, вие ќе го победите врагот и ќе ликувате за навек. Верувам во мојот Бог Исус Христос дека нема да ве остави. Он рекол: „Дури и жената да го заборави чедото на својата утроба, Јас нема да ве заборавам вас“ (Исаија 49, 15), Он неотстапно ќе биде со вас, во сите ваши маки. Ќе ги гледа вашите подвизи, ќе ја крепи вашата немоќ и ќе ви исплете несвенливи венци. О, мои прекрасни ќерки, сетете се на моите маки додека ве раѓав. Сетете се на моите трудови додека ве одгледував. Сетете се на зборовите со кои ве поучував во стравот Божји и утешете ја староста на својата мајка со вашето добро јуначко исповедање на Христа. За мене ќе биде веселба, и радост, и чест и слава меѓу сите верни, ако се удостојам да се наречам мајка на маченички, ако го видам вашето јуначко трпение за Христа, вашето смело исповедање на Неговото свето име и вашата смрт за Него. Тогаш ќе се возвелича мојата душа, ќе се израдува мојот дух и ќе се поткрепи мојата старост. Вие ќе бидете мои вистински ќерки, ако застанете за Господа до крв, и со радост умрете за Него.

Ќерките со умиление ја слушаа ваквата поука на својата мајка. Срцата им се топеа од милина и се радуваа, очекувајќи го времето на мачеништвото како време за венчавање. Тие свети гранки од светиот корен, со сета душа го посакуваа она на кое што ги поучуваше нивната премудра мајка Софија. Се подготвуваа тие за подвигот на мачеништвото, оградувајќи се себе си со верата, крепејќи се со надежта и разгорувајќи ја во себе љубовта кон Господа. Тие ѝ ветуваа на својата мајка дека сите нејзини душекорисни совети со помошта Христова ќе ги исполнат на дело.

Во третиот ден беа изведени пред незнабожниот цар на суд. Тој си мислеше дека како мали девојчиња тие лесно ќе ги послушаат неговите ласкави зборови, па започна да им зборува:

- Деца, ја штедам вашата убавина и младост и родителски ве советувам да им се поклоните на боговите, кои владеат со вселената. Ако ме послушате и го извршите нареденото, ќе ве наречам свои деца. Ќе ги свикам сите епарси и игемони и сите мои советници, и пред нив ќе ве прогласам за свои ќерки, та од сите ќе бидете почитувани и славени. Ако пак одбиете ќе си навлечете врз себе многу зло и на својата мајка ќе ѝ ја загорчите староста. Ќе загинете во време кога треба да живеете во сластите и убавината на овој свет. Ќе ве усмртам со страшна смрт, вашите тела кучињата ќе ги изедат и сите ќе ве газат. Затоа, како ваш татко ве молам, не погубувајте ја вашата убавина и не лишувајте се од овој живот.

Но, светите девојчиња едногласно му одговорија:

- Наш татко е Бог, Кој живее на небото. Он се грижи за нас и за нашиот живот и ги милува нашите души. Ние сакаме Он да нѐ сака и да се наречеме Негови вистински деца. Додека Нему Му се поклонуваме и Неговите заповеди ги исполнуваме, ние плукаме на твоите богови и не се плашиме од твоите закани. Ние сакаме да страдаме и да поднесеме горки маки за нашиот Исус Христос.

По таквиот одговор царот ја праша нивната мајка Софија за нивните имиња и години. Таа одговори:

- Мојата прва ќерка се вика Вера и има дванаесет години. Втората е Надеж и има десет години а третата Љубов и има девет години.

Царот се восхитуваше на нивната храброст и разум и започна повторно да ги приморува на своето безбожие, обраќајќи ѝ се најпрвин на најстарата сестра Вера:

- Принеси ѝ жртва на големата богиња Артемида.

Но, Вера не сакаше. Тогаш царот нареди да ја соблечат гола. Мачителот ја тепаше без милост и ѝ говореше:

Принеси ѝ жртва на големата богиња Артемида.

- Но, таа како во туѓо тело трпеше и молчеше. А кога мачителот не успеа со тепање, нареди, та ги одсекоа девојкините гради, при што од раните наместо крв потече млеко. Сите беа восхитени и од ваквото чудо и од трпението на маченичката. Климајќи со главите, сите потајно го осудуваа безумието и свирепоста на царот и се прашуваа што толку згрешило ова прекрасно девојче, та така страда. После тоа беше донесена железна решетка и ставена на силен оган. Кога се вжешти го положија светото девојче врз неа, и тоа два часа лежеше така и се молеше на Господа. При тоа ни најмалку не се изгоре, така што сите се восхитуваа. Потоа беше фрлено во казан полн со врела смола и масло, кој страотно вриеше на силниот оган. Но и тука тоа остана неповредено и седеше во него како во ладна вода и Му пееше на Бога.

Не знаејќи што да прави со него, за да го одврати од Христовата вера, мачителот го осуди девојчето на посекување со меч. Света Вера се израдува на пресудата и ѝ рече на својата мајка:

- Моли се за мене, мајко моја, да го окончам својот крај. Да го видам мојот мил Господ и Спасител и да се насладам на гледањето на Неговото божествено лице.

А на сестрите им рече:

- Знаете, мои мили сестри, на Кого му се заветивме и знаете дека сме запечатени со светиот крст на нашиот Господ. Затоа да издржиме до крај. Една мајка нѐ роди, воспита и поучи, и затоа сме должни да примиме ист крај. Јас нека ви бидам пример и вие да појдете по мене кај нашиот Младоженец, Кој нѐ повикува.

После тоа света Вера ја бакна својата мајка, ги прегрна сестрите и отиде под мечот. Мајката ни најмалку не тагуваше за ќерката, зашто љубовта кон Бога ја победи во неа тагата и мајчинската жалост. Таа единствено се грижеше некоја од ќерките да не се исплаши, па да се одрече од својот Господ. Затоа ѝ велеше на Вера:

- Со маки те родив, ќерко моја, и ти ми возвраќаш со добро. Умираш за верата Христова и за Него ја проливаш својата крв. Оди кај Него, излези прекрасна пред Неговите очи. Спомни ја пред Него својата бедна мајка и помоли се да ги крепи твоите сестри.

Потоа ѝ беше отсечена чесната глава. Така отиде кај Господа Христа. Мајката го прегрна нејзиното многустрадално тело, со радост го целиваше и Го славеше Христа Бога, Кој ја прими нејзината ќерка Вера во Своите небесни дворови.

Тогаш нечестивиот цар ја изведе пред себе втората сестра Надеж и ѝ рече:

- Мило дете, те молам послушај ме. Како татко те советувам да ѝ се поклониш на големата Артемида, за да не загинеш како твојата сестра. Ти ги виде нејзините страшни маки и нејзината горка смрт, и затоа немој исто така да страдаш. Верувај ми, чедо, дека ја жалам твојата младост. Ако ме послушаш ќе те прогласам за своја ќерка.

Света Надеж му одговори:

- Царе, зарем јас не сум сестра на онаа што ја уби? Зарем не сме од иста мајка родени, од исто млеко доени? Заедно растев со неа, од исти книги нѐ поучи нашата мајка во нашиот Господ Исус Христос, во верата во Него и единствено Нему да Му се поклонуваме. Затоа не надевај се дека ќе посакам нешто поразлично од мојата сестра. Јас ќе одам по истиот пат. Немој да се трудиш, зашто сум еднодушна со мојата сестра Вера.

По таквиот одговор царот ја предаде на мачење. Откако ја соблекоа гола како и Вера, слугите долго ја тепаа без милост, додека не се изморија. А таа молчеше како да не чувствува болка и само гледаше во својата блажена мајка Софија, која стоеше и јуначки го набљудуваше страдањето на својата ќерка и Му се молеше на Бога за неа. Потоа со наредба на царот света Надеж ја фрлија во оган, каде таа како Трите Момчиња остана неповредена и Го славеше Бога. После тоа беше обесена и стругана со железни нокти. Парчиња месо паѓаа од неа и крв се лееше, а од раните излегуваше прекрасен мирис. Лицето ѝ се насменуваше и блескаше со благодатта на Светиот Дух. Таа го исмеваше мачителот што не е во состојба да победи едно мало девојче. Христос е моја помош, зборуваше тва, и јас не само што не се плашам од маките, туку ги посакувам како рајска сладост. А тебе, мачителе, те очекуваат бесконечни маки во пеколот, заедно со ѓаволите, кои ти ги имаш за богови.

Овие зборови уште повеќе го разбеснија мачителот и тој нареди да се подготви казан полн со смола и лој, да се запали оган и во врелиот казан да ја фрлат Надеж. Но кога сакаа да ја фрлат казанот се растопи како восок, а смолата и лојта се разлија и ги изгореа сите наоколу. Таква чудесна сила Божја беше со света Надеж.

И покрај тоа мачителот не сакаше да Го познае вистинскиот Бог, зашто неговото срце беше помрачено со демонска темнина и убиствена заблуда. Тој се срамеше, бидејќи беше исмеан од мало девојче. И за да не биде уште повеќе посрамен, го осуди светото девојче на посекување со меч. Кога ја слушна пресудата, тоа радосно отрча кај својата мајка и ѝ рече:

- Мир на тебе, мајко моја. Биди здрава и спомнувај го чедото свое.

А мајката ја прегрна и ја бакнуваше, говорејќи:

- Ќерко моја, биди благословена од Севишниот Бог во Кого се надеваш и за Кого крвта своја не ја штедиш. Оди кај својата сестра Вера и заедно со неа застани пред возљубениот Господ.

Надеж исто така ја прегрна и својата сестра Љубов, која ги набљудуваше сите нејзини страдања и ѝ рече:

- Не останувај овде и ти, сестро наша, за заедно да излеземе пред Света Троица.

По овие зборови му пријде на мртвото тело на својата сестра Вера, го прегрна, не сакаше да плаче и од љубовта кон Христа жалоста ја претвори во радост. Потоа ја наведна својата глава под мечот и беше посечена. Нејзината мајка го зеде телото и Го прославуваше Бога, радувајќи се на јунаштвото на своите две ќерки. На такво јунаштво таа ја поттикнуваше и својата трета ќерка, со слатки зборови и мудри совети.

Мачителот го повика и третото девојче Љубов и се трудеше и него со ласкави зборови да го натера да отстапи од Распнатиот и да се поклони на Артемида. Но залудно се трудеше. И кој е должен толку цврсто да стои за својот возљубен Господ, како Љубовта? Во Светото Писмо е напишано: „Љубовта е силна како смртта. Силна вода не може да ја угасне љубовта, ниту река да ја потопи“ (Песна над песните 8, 6-7). Не ја згаснаа во ова девојче љубовта кон Бога многуте води на светските соблазни, ниту ја потопија реките на маките и страдањата. Големината на нејзината љубов се гледаше во тоа што таа беше подготвена својата душа да ја положи за својот возљубен Господ Исус Христос, а нема поголема љубов од таа, душата своја да се положи за пријателите свои (Јован 15, 13).

Кога виде дека со ласкање не успева, мачителот започна да ја мачи Љубов, сакајќи на тој начин да ја раздели од љубовта Христова, Но таа одговараше:

„Кој ќе нѐ раздели од љубовта Божја? Неволја ли или тага? Гонење ли или глад? Или голотија? Опасност ли или меч? Во сето тоа победуваме со помош на Оној Кој нѐ возљуби“ (Рим. 8, 35-37).

Мачителот нареди да ја растегнат на тркало и да ја тепаат со стапови. Светата маченичка беше толку растегната на тркалото, така што делови од нејзиното младо тело се разделуваа од својот состав. Ја тепаа додека сета не се облеа со крв и земјата се натопуваше како дожд. Потоа беше подготвена вжештена печка, па покажувајќи кон печката мачителот говореше:

- Девојче, кажи ми само дека богињата Артемида е голема, па ќе те ослободам. Ако не го изговориш тоа, веднаш ќе те спалам во печката.

Но, светата маченичка одговори:

- Голем е мојот Бог Исус Христос. Артемида и ти ќе загинете.

Разбеснетиот мачител им нареди на присутните да ја фрлат во печката. Меѓутоа маченичката не чекаше некој да ја фрли, туку самата влезе во неа и одеше среде неа како во ладно место, пееше и Го благословуваше Бога. Во тоа време од печката излезе пламен кон неверните наоколу и ги изгоре, а самиот цар го дофати, та тој побегна далеку. Во таа печка беа видливи и некои други лица, кои блескаа и се радуваа со маченичката. И се величаше името Христово, а нечестивите се срамеа. Кога згасна огнот во печката, прекрасната невеста Христова излезе од неа здрава и весела како од палата. А мачителите со наредба на царот веднаш со сврдли ѝ ги издупчија зглобовите. Божјата помош ја крепеше во тие маки, та таа не умре. А кој би можел да претрпе такви маки и веднаш да не падне мртов? Но нејзиниот возљубен Младоженец Исус Христос ја крепеше, за нечестивите што повеќе да бидат посрамени и да ѝ биде дадена поголема награда и крепката сила Божја да се прослави во немоќта човечка. Мачителот се разболе од изгорениците и најпосле нареди да ја посечат со меч. А таа се радуваше и говореше:

- Господи Исусе Христе, Кој си ја засакал слугинката Твоја Љубов, пеам и го благословувам Твоето многуславено име, што сега ме приклучуваш кон моите сестри и ме удостојуваш да го претрпам за името Твое тоа што го претрпија и тие.

Нејзината мајка света Софија не престануваше да Го моли Бога за својата најмлада ќерка да ѝ подари трпение до крај и ѝ зборуваше:

- Моја трета гранко, мое премило чедо, подвизувај се до крај. За тебе веќе е исплетен венец и отворен е подготвениот дворец. Твојот Младоженец веќе те очекува, за кога ќе ја приклониш под мечот својата глава, да ја прими твојата чиста и беспрекорна душа во Својата прегратка и да те упокои со твоите сестри. А спомнете ме и мене, мајката ваша, во Царството на својот Младоженец, да биде милостив кон мене и да не ме лиши од светата слава Негова со вас.

Во тој миг света Љубов беше посечена. Нејзината мајка го зеде телото, го положи во прекрасен ковчег, заедно со телата на светите Вера и Надеж, ги украси како што е потребно, го стави ковчегот на погребната кола и ги одвезе надвор од градот, па со солзи радосници чесно ги погреба на еден висок рид. Остана таа на гробот три дена и три ноќи, и срдечно се молеше на Бога. Таму заспа во сонот на смртта за Господа. Верните ја погребаа на истото место, заедно со ќерките. На тој начин и таа беше удостоена со нив на маченичкиот венец и учеството во Небесното Царство, зашто иако не со телото, сепак таа со срцето страдаше за Христа.

Така премудрата Софија мудро го заврши својот живот, принесувајќи ѝ ги на Света Троица своите три добродетелни ќерки Вера, Надеж и Љубов.

О, света и праведна Софија! Која жена се спаси преку породот како ти, која си родила такви деца, кои се уневестија за Спасителот и откако пострадаа за Него сега со него царуваат и се прославуваат?

Навистина ти си мајка достојна за восхит и добар спомен. Гледајќи ги страшните лути мачења и смрт на своите мили чеда, ти не само што не тагуваше, како што е својствено за мајката, туку тешена со благодатта Божја многу се радуваше и самата ги учеше и молеше да не го жалат својот привремен живот, туку да ја пролијат својата крв за Христа Господа. Сега, додека се насладуваш на небото со гледањето на пресветлото лице Негово, заедно со светите твои ќерки, умудри нѐ и нас, та и ние, откако ќе ги сочуваме доблестите на Верата, Надежта и Љубовта, да се удостоиме да застанеме пред Пресветата Несоздадена и Животворна Троица и да ја славиме низ сите векови. Амин.

ПРЕПОДОБЕН СТАРЕЦ АГАПИТ ЗАДОНСКИ

Старецот Агапит, (во монаштво Авакум) е роден 1750 година, и бил ќелијник на свети Тихон во Задонскиот манастир, а потоа живеел во ќелијата на старецот схимонах Митрофан. Старецот Митрофан искрено го сакал отец Авакум заради неговата благоразумна строгост кон себеси и заради топлата срдечност кон Бога. Еднаш, додека се наоѓал во духовна озареност, старецот Митрофан ги ставил двете раце врз главата на Авакум и благословувајќи го, рекол:

„Божјиот благослов и мојот монашки благослов нека почиваат врз тебе. Трчај, брате, во Господа, та да стигнеш до небесната татковина, која што Бог им ја ветил на оние што Го љубат! Доброто дело се познава по добриот крај“.

Со тој благослов старец Митрофан ги наговестил идните неволји и потешкотии, кои што старецот Агапит требало да ги поднесе во животот.

Поради гонењето што се појавило од страна на браќата, старецот бил принуден да го напушти Задонск и да стапи во Алексеевскиот Акатов манастир (во Воронеж) а потоа се префрлил во Предтечевиот-Трегулјаев манастир, (близу до Тамбов), каде примил голема схима со името Агапит. Но, единствената желба на Агапит била да живее и да умре во Задонскиот манастир, каде што го поставил почетокот на своето монаштво, и во 1817 година неговата желба се исполнила. Тој се вратил во Задонскиот манастир.

Примил голема схима со специјален Божји призив, за кој подоцна го раскажува следното:

Сакав да ги гледам великосхимниците, нивниот ангелски и висок живот, нивните ангелски одежди, и самиот не смеев ни да помислам да примам велика схима, бидејќи се сметав себеси за недостоен и неспособен за тој тежок подвиг. Впрочем, срдечно се молев во однос на тоа, со мене да се случи според Господовата волја. И што видов еднаш на сон? Преблаголепната и величествена Девица, и слушам од Неа:

„Големата схима (за еди кој си) е подготвена, но тој нема да ја дочека. Ти прими ја“.

Тука треба да додадам дека во тоа време беше пријавен за велика схима еден јеромонах од Трегулјаевскиот манастир, кој почина уште пред да биде добиено разрешувањето за постриг од епархиските власти. Во меѓувреме архипастирскиот благослов дојде и игуменот и браќата размислуваа кого да посветат во голема схима. На мое восхитување браќата ме посочија мене. Штом ми го соопштија тоа, јас со благоговение се покорив на волјата на Божјата Мајка, изречена преку устата на игуменот, и започнав да се подготвувам за примањето на големиот ангелски чин. Откако се помолив и зедов благослов од игуменот, си одредив четириесетдневен пост. Поминав без потешкотии дваесет дена во молитва, без сон и без храна, но се истоштив, и на совет на игуменот изедов една просфора, тешка колку еден фунт, и испив чаша вода, после што продолжив со постот и го завршив, само со Божјата помош. Претпоследните дни беа извонредно тешки. Целиот горев, истоштеноста ме победи, западнав во, така да се изразам, заборавот на лесен сон, и повторно ја гледам Онаа иста Девица, Која ми спомна за мојата немоќ, ми заповедаше да се зафатам со специјални подвизи, со страв и надеж не во себе, туку во Господа Бога и произнесе:

„Држи се, и надевај се на Мене“.

Потоа ме благослови да се поткрепам со храна и вода. Поткрепен од таа духовна утеха на Божјата Мајка и од храната, веќе бодро го завршив постот. Така Божјата Мајка ме повика и благослови мене, недостојниот, за подвизите на ангелоподобниот живот. Тоа благодатно видение го ободри мојот дух, ги поткрепи во мене западнатите телесни сили, и тогаш со радосен трепет паднав пред иконата на Божјата Мајка и ја излеав топлата и благодарствена молитва кон добрата Утешителка и Покровителка на сите христијани. Старецот беше со висок раст, надворешно изгледаше сурово и строго, но главните црти на неговиот карактер беа незлобивоста и евангелската простота. Никој не знаел за железните вериги, кои старецот ги носел до својот овоземен крај. Со веригите бил опашан слично како со ѓаконско препашување со орар пред Света Причест и тие му ги притискале рамењата и половината. За време на молитвата старецот, и покрај веригите, правел чести земни поклони со неверојатна и за млад човек неповторлива леснотија.

Неговата молитва речиси секогаш била оросувана со обилни солзи на скрушеност, умиление, и со онаа крепка вера, која во секакви душевни состојби, коленичејќи пред својот Спасител, го фаќа крајот на ризата Негова и вика: „Господи, сакам јас или не сакам, спаси ме!“

Воздржанието на отец Агапит беше разумно строго. Во среда и петок не каснуваше ништо, а преку светата Четириесетница не примаше ништо и по цели седмици. Самиот подвизувајќи се во воздржание, богољубивиот старец го бараше тоа и од својот ќелијник, и сите ги советуваше барем да не јадат рано. Почетокот на денот, велеше старецот, треба да биде пречекан соодветно на христијанскиот долг, со молитвено издигнување кон Бога.

Еднаш кога се врати од црквата во ќелијата, во левата рака држеше просфора. Криејќи ја со десната, му се обрати на ќелијникот:

„Оној што го испреварил денот со молитва и не појадувал, ќе јаде благословен леб“.

Од овие зборови ќелијникот се смути, и сакајќи некако да се оправда возврати:

„А кој појадувал?“ И одрекуваше да признае.

„Лажеш! Погледот те предава!“ - му рече старецот.

Кога виновникот искрено ја призна својата невоздржливост, тој му прости, и повторно, со цел да го одбегне своеволието, му ја повтори заповедта, смирено молејќи го:

„Заради Господа, не јади рано до Литургијата, и од тоа умот ќе ти биде посветол и телото поздраво. Добитокот јаде рано. И немој да го лажеш старецот. Тогаш Божјиот благослов ќе биде со тебе преку целиот твој живот. Божествениот дух на вистината нѐ влече кон рајот - вечното блаженство, а подземниот дух на лагата нѐ влече кон адот - вечните маки“.

Отец Агапит го поседуваше и дарот на проѕорливоста. Така еднаш кај него дојде еден доста здебелен функционер, кој одвај успеа да влезе низ тесната врата од ќелијата. Откако го испрати, ќелијникот со потсмев рече:

„Колку е дебел!“

Но старецот расудуваше на друг начин:

„Дебел! Да. Бидејќи е полн со топла љубов. Одвај влезе во ќелијата, и зарида, и самите слушнавме. Се присетува на својот живот и пролива обилни солзи, а јас и ти сме тенки, суви, преиспостени и немаме солзи за нашите гревови“.

При тоа додаде:

„Никогаш не го осудувај ближниот според надворешниот изглед. Нели е подобро секој да се набљудува самиот себеси и да се учи да се запознава поодблиску самиот себеси?“

Добродетелниот и подвижнички живот на старец Агапиј, независно од неговата скромност, им беше познат на мнозина.

Многу поклоници пристигнуваа во Задонскиот манастир, специјално за да го видат старецот, да земат благослов од него и да чујат душеспасителни поуки од него.

Осум години пред својот крај старецот се затвори во својата ќелија, од љубов кон осаменоста. Впрочем, ги примаше кај себе само оние што го бараа неговиот благослов.

Старецот, кој усрдно го бараше Царството Божјо, на крајот се приближи до границата на вечноста. Се топеше како свеќа. Дишењето му беше сѐ потешко. Тој сѐ повеќе ги губеше телесните сили. Крајот на отец Агапит, како на човек кој го дава долгот на законот на природата, според зборовите на Георгиј Затвореник, беше болен и доста тежок, но истовремено и непосрамен и мирен, како смрт на вистински христијанин. Чувствувајќи ја близината на смртниот час, тој го благослови својот ќелијник со иконата на Божјата Мајка, со ветувањето дека Пресветата нема да го остави ни во овој ни во идниот живот, доволно е само тој да се моли и да живее богоугодно. Потоа му нареди да го повика неговиот омилен духовен отец Димитриј. Старецот се упокои на 17 септември 1825 година.

Поука на старец Агапит Задонски

Поука со претсмртно упатство, поучно за свештеници и за мирјани, кои умираат во отсуство на свештеник.

Во моментот на излегувањето на душата од телото, сите присутни треба да коленичат и внимателно да се молат. Свештеникот, или некој друг од присутните, да постави запалена свеќа во раката на оној што умира и додека е жив да ја држи во раката. Ако самиот е немоќен да ја држи, нека ја држи некој од присутните.

Потоа оној што умира три пати нека каже: „Исусе, Исусе, Исусе, Сине Божји, помилуј ме!“

Ако тој не може, некој друг нека каже наместо него исто така и: „Во твоите раце, Господи Исусе, го предавам мојот дух! Господи Исусе прими го мојот дух со мир. Господарке моја Пресвета Владичице Богородице, помошничке на целиот христијански род, избави ме од воздушните митарства и измоли од Твојот Син, нашиот Бог Христос, да го прими мојот дух со мир“.

И да го пороси оној што умира со светена вода, откако ќе каже: „Благодатта на Светиот Дух, која ја осветила оваа вода, да ја избави твојата душа од секое зло. Исто така: Пороси ме со исоп и ќе бидам чист, измиј ме и ќе бидам побел од снег. Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, амин“.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ТЕОДОТИЈА (ТЕОДОТА)

Додека во Рим царуваше Александар Север, од страна на царевите беше испратен во Кападокија игемонот Симвликиј, да уреди гонење на христијаните. Нему му беше доставено за некоја христијанка Теодотија, која беше родум од Понтиската област и беше многу богата. Кога ја доведоа пред него, тој долго ја наговараше да се одрече од Христовата вера, но не му успеа. Тогаш ја обесија и неколку часа и го стругаа телото. Светителката ни најмалку не обраќаше внимание на болките, туку Го славеше Бога и изгледаше како да страда некој друг, а не таа. Потоа ја оковаа и ја ставија во темница. По осум дена вратата од темницата сама се отвори. Од тоа се преплашија стражарите и веднаш отрчаа и го известија Симвликиј. Но, тој не им поверува, туку нареди да ја доведат Теодотија. Кога ја здогледа наполно здрава, без никаква трага по телото од здобиените рани, тој ја праша:

- Која си ти?

Светителката одговори:

- Тебе ти се помрачил умот, па не гледаш. Ако не беше помрачен, сега ќе знаеше дека јас сум Теодотија.

Симвликиј веднаш нареди да ја фрлат во вжештена печка. Светителката влезе во печката, но, истовремено од неа излезе оган, кој спали седумдесет луѓе. Останатите ја затворија вратата од печката и побегнаа. Наредниот ден игемонот испрати двајца идолски жреци со уште неколкумина луѓе, за да ја развеат пепелта од телото на изгорената маченичка. Кога ја отворија печката, огромен пламен ги спали и двајцата жреци, а останатите ја видоа светителката како седи среде печката, помеѓу две момчиња во бела облека, како пее. Тоа толку ги исплаши, што тие испопаѓаа како мртви. Светителката излезе од печката наполно здрава и се радуваше и Го славеше Бога.

Но, и потоа блажената повторно ја затворија во темницата. Во меѓувреме Симвликиј имаше намера да оди во Византија, па нареди светителката окована да го прати на тој пат. А кога отиде во Анкира и седна на судискиот стол, тој ја изведе на суд света Теодотија и ѝ рече:

- Ако не се согласиш да им принесеш жртва на боговите, јас ќе те ставам во онаа вжештена тава (притоа со раката покажа кон тавата), и безмилосно ќе те уништам.

Светителката му одговори:

- Ако твојот личен секретар Доротеј влезе со мене во тавата, и огнот не го повреди, тогаш јас ќе им принесам жртва на твоите богови.

Симвликиј му рече на својот секретар Доротеј:

- Господине, со помошта на боговите, влези во огнот.

И штом Доротеј со светителката влезе во огнот веднаш изгоре, а светата остана неповредена.

Збунет, и без да знае што да прави, Симвликиј нареди повторно да ја оковаат и да ја приморуваат да трча по него кон Никеја, каде што се беше упатил. Во Никеја и нареди да влезе во идолскиот храм и да се помоли. Светителката многу радосно влезе во храмот, но штом се помоли на Бога идолите испопаѓаа и се сокршија. Сите што го видоа тоа чудо се запрепастија, а Симвликиј, бесен од лутина, им нареди на слугите да ја пресечат Теодотија со тестер. Иако се обидуваа, не можеа да го извршат тоа и светителката остана неповредена и Го славеше Бога. Тогаш игемонот со закоравено срце, доведен во незгода од овие чудеса, се помрачи со умот и нареди да ѝ се отсече главата со меч. Така храбрата маченичка Христова отиде кај Господа и доби венец на мачеништвото.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ СТО ПЕДЕСЕТ И ШЕСТ МАЧЕНИЦИ епископите ПЕЛЕЈ и НИЛ, свештеникот ЗИНОН, мачениците ПАТЕРМУТИЈ и ИЛИЈА, епископот СИЛУАН, старецот ЈОВАН, и останатите

Од овие свети маченици педесет (според други четириесет) беа Палестинци, а останатите Египќани. Пострадаа за Господа Христа во градот Тир и околината, во времето на царот Галериј, околу 310 година. Некои од овие маченици после многуте мачења пострадаа од меч, а други од оган. Меѓу нив беа и двајцата стари епископи од Египет: Пелеј (или Филеј) и Нил, свештеникот Зинон и двајцата славни мажи Патермутиј и Илија. Со нив пострада од меч и епископот Силуан, родум од Газа (го спомнува историчарот Евсевиј Кесариски), и знаменитиот слеп старец Јован, кој го знаел Светото Писмо напамет и напамет го читал на христијанските собори, односно на богослужбите. (Тие пострадаа после Галериј, за време на Максимин, заедно со другите маченици од постара возраст, кои не можеле да извршуваат тешки работи во каменоломите и рудниците, каде што бил затворен свети Силуан. Сите овие свети маченици се овенчаа со маченичките и непропадливи венци и се преселија во бесмртното Царство Христово.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА АГАТОКЛИЈА

Света Агатоклија беше слугинка кај некој христијанин Никола и неговата жена Павлина. Павлина беше незнабошка и во текот на осум години со разни мачења ја мачеше блажената Агатоклија, со цел да ја придобие за идолопоклонството. Некогаш ја тепаше со камења по вратот а понекогаш ја присилуваше боса да трча по остри камења и беспаќа. Еднаш ѝ ги скрши ребрата со железен чекан, а потоа ѝ го изгоре јазикот. Но, бидејќи со тоа не успеа да ја примора да им се поклони на идолите, таа најпосле ја усмрти, истурајќи ѝ оган на вратот. Така нејзината блажена душа отиде на небото.

СПОМЕН НА СВЕТА ЛУКИЈА вдовицата, и нејзиниот син ГЕМИНИЈ маченикот

Света Лукија беше угледна и богата римјанка. Живееше во времето на безбожните цареви Диоклецијан и Максимијан (284-305 г.). Беше вдовица триесет и шест години и богоугодно им служеше на многумина. Во својата седумдесет и пета година како христијанка беше обвинета кај царот Диоклецијан, од страна на својот роден син Евтропиј, кој беше усрден идолопоклоник, и затоа затворена во темница. Во темницата поднесе многу тешки мачења за Христа, но остана неповредена и непобедена. Потоа беше водена низ градот на потсмев и срамотење, но ни тогаш не се поколеба во својата христијанска вера. Кога ја виде толку непоколеблива, некој Геминијан (или Герминијан) веднаш поверува во Господа Христа. Тој со света Лукија истапи заедно пред царот и храбро ја исповедаше верата во Господа Христа. Заради покажаната вера и храбро исповедништво, свети Геминијан потоа беше крстен и посинет од света Лукија. Затоа и се нарече нејзин син. Кога потоа света Лукија беше ослободена од темницата, таа го зеде со себе и својот нов син Геминијан и отиде во Тавроменија на Сицилија. Кога и таму настана гонење на христијаните, таа се повлече во гората, каде мирно се упокои во својот Господ, за Кого толку пострада. А пак свети Геминијан беше фатен и посечен со меч за Господа Христа, од Кого доби венец на вечниот живот.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АНАСТАСИЈ, чудотворецот Кипарски

Светиот Божји човек Анастасиј дошол на Кипар од Палестина, заедно со триста други христијани и богоугодно се подвизувал во времето на царот Алексиј Комнин и неговиот син Јован (2 век). Заради своите подвизи е прославен од Бога со дарот на чудотворството. Во селото Перистерон, во покраината Амохост на Кипар и денес се наоѓа манастир посветен на него, каде што се наоѓа и неговиот свет гроб. Служба му отпечатил Кипријан Кипарски во Левкосија-Никозија, во 1915 година.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ СВЕШТЕНОМАЧЕНИЦИ ИРАКЛИД и МИРОН

Беа епископи на градот Тамас на Кипар. Пострадаа за верата во Христа. Свети Ираклид беше поставен за епископ од свети апостол Варнава (кој се слави на 11 Јуни) и по неговата смрт го продолжил неговото дело. А пак свети Мирон беше приемник на свети Ираклид. Во Тамас на Кипар и денес постои манастир на свети Ираклид, каде што е и неговиот гроб. (Според други свети Ираклид се упокоил мирно).

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ХАРАЛАМП, ПАНТОЛЕОНТ, и нивната дружина

Маченички пострадаа за верата во Христа.