1.Октомври (18. Септември)
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ ЕВМЕНИЈ, епископот Гортински
Свети Евмениј уште во млади години Му угоди на Бога со својот доблесен живот, бидејќи одеше по тесниот пат, кој води кон небото, слушајќи ги зборовите Господови: „Потрудете се да влезете низ тесната врата“ (Лука 13, 24). Оној што сака да влезе низ таа врата, должен е да симне од себе две тешки бремиња: бремето на имотот и бремето на телото. Евмениј се ослободи од имотот откако го раздаде на сиромашните, знаејќи дека е тешко за богатиот да влезе во Царството Божјо. И навистина, дали некој оптоварен со грижата околу богатството може да влезе низ тесната небесна врата? Господ му даде добар совет на момчето кое го праша за вечниот живот: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди продај сѐ што имаш, раздај го на сиромашните и ќе имаш богатство на небото“ (Матеј 19, 21). Оној што му служи на мамонот, не може да Му служи и на Бога. Оној што е натоварен со бремето на богатството, нема да влезе низ тесната врата небесна, како што камилата не може да влезе низ иглени уши. Оној што сака да се провлече низ тесно место, мора да ги симне од себе не само бремето туку и облеката. Така и оној што сака да биде на небото, го раздава на сиромашните не само вишокот од својот имот како непотребно бреме, туку и она што му е најпотребно, па дури и облеката што му го покрива телото, подржувајќи го со тоа Господа.
Токму таков беше свети Евмениј. Тој сѐ земно сметаше за безвредно, се одрече од сѐ и остави се, за да оди по Христос, да Го најде и да Го стекне. Имотот го симна од себе како облека и со него ги облече сиромашните, голите и неволните. Себеси се ослободи од секоја склоност кон земното и зачекори по тесниот пат на сиромаштвото, провлекувајќи се низ тесната врата, која што води кон небесното богатство. Преподобниот Евмениј го симна од себе и бремето на телото, кога со подвизите, трудовите, воздржанието, постот, бдеењето, толку го исуши своето тело, одбегнувајќи го секое угодување и сластољубие. Бидејќи според зборовите на светиот апостол: „Секој што се бори, од сѐ се воздржува“ (Кор. 9, 25). Тој се воздржуваше од сѐ што го гои телото, ја здебелува мислата и ги раѓа страстите. Тој не им даде сон на своите очи, сѐ додека не ги очисти душата и телото од страстите и стана живеалиште на Светиот Дух. Така, откако ги симна од себе тешките бремиња на имотот и на телесните страсти, тој стана способен да го помине тешкиот пат низ тесната врата, која води во вечниот живот.
Со своето доблесно живеење свети Евмениј блескаше како светилник, им беше од корист на сите, и затоа беше избран и поставен на престолот на Гортинската црква. Тука како свеќа на свеќник ја просвети паствата како сонце, осветлувајќи ја Црквата Христова со своите дела и поуки. Како епископ ги поучуваше своите духовни деца најпрвин на дело. Со својот чист богоугоден живот му беше пример на своето стадо, а потоа ги поучуваше и со збор. Првин самиот стана светлина а потоа ги просвети другите. Самиот ден и ноќ се поучуваше во законот Господен, па потоа други учеше на тоа. Самиот живееше свето и така и други осветуваше. Најпрвин самиот стекна чиста совест, па така ја очистуваше совеста на другите. Беше тој и многу милостив, согласно со своето име Евмениј, што значи милостив. И неговиот живот беше преполн со милосрдни дела. Тој беше татко на сиротите, богатство на ништите, давател на оние што бараат, утешител на ожалостените, исцелител на болните и прекрасен чудотворец. Еднаш свети Евмениј со молитвата усмрти огромна змија, која се беше устремила кон него. Но, уште поголемо чудо изврши тој кога ја сотре пеколната змија - ѓаволот, победувајќи го со молитвата и отстранувајќи го од довереното Христово стадо. И не само во Гортин, туку и во Рим тој војуваше против демоните. Кога дојде во Рим, тој восхити многумина со своите знаци и чуда: истера од луѓе нечисти духови, болни исцели, непријатели помири... Потоа беше во Тиваида, каде за време на суша со молитвата измоли дожд од небото. Таму и се упокои во мир, преминувајќи од времениот живот во животот вечен и бесконечен. Неговото свето тело беше пренесено во Гортин, местото на неговиот епископски престол, и таму чесно беше погребано.
ПРЕПОДОБЕН СТАРЕЦ ИЛАРИОН (ПОНОМАРОВ)
Преподобниот Иларион беше ќелијник на старецот Макариј во текот на дваесет голини, до денот на неговиот блажен крај, на седми септември 1860 година. Како и останатите браќа, преподобниот Иларион се исповедаше кај преподобниот Макариј, а заедно со тоа секојдневно одеше на исповедање на помислите во манастирот кај преподобниот Леонид. Старецот Иларион добиваше од преподобниот Леонид лекции по смирение, љубов и кротост, дури до неговата смрт. Поуките на старецот Макариј, неговите живот и дејност се беа врежале длабоко во срцето на младиот монах и му служеа како основа во раководството во понатамошниот монашки живот.
Во последните денови од своето претсмртно заболување, преподобниот старец Макариј им го предал на преподобниот Иларион и на својот втор ученик старец Амвросиј продолжението на својата старческа дејност и ги доверил своите духовни чеда под негово дуковно раководство.
Откако го доби од својот старец тоа послушание, преподобниот го носеше до последниот ден од својот живот, на 18 септември 1873 година.
Како долгогодишен исклучително близок ученик на старецот Макариј, преподобниот, откако стана скитоначалник и општ духовник на обителта, две ипол години по смртта на старецот се трудеше и во управувањето и во духовништвото да го има истиот ред, кој бил воведен од неговиот ценет учител.
Пет пати годишно, во текот на сите пости, ги исповедаше сите браќа што доаѓаа кај него, не со општа исповед, туку со подробни прашања на секој што се исповедал, за сѐ што го засега неговиот внатрешен живот. Притоа секој добивал според потребата поука за понатаму. И покрај тој труд и своето кревко здравје, старецот стоел на сите црковни служби, кои како што е познато се исклучително долги во првата и седмата седмица на Великиот пост. По завршувањето на исповедта на браќата, започнувала исповедта на лицата од женски пол - на сестрите од манастирскиот краварник, монахињи и мирјани од двата пола, кои пристигнувале специјално за тоа. Исповедта често продолжувала до читањето на вечерното правило пред легнување. Во саботните дни пред празниците доаѓале на исповед дежурните јеромонаси и јероѓакони.
По вечерната трпеза, претежно старите монаси, или оние кои имале голема потреба, оделе кај старецот, а мнозина речиси секојдневно, според востановен ред за очистување на совеста преку откривање на помислите, покајание, за добивање на поуки и совет од старецот, соодветно на состојбата на секого. Во повеќето случаи старецот не зборувал од себе туку користел зборови или примери од Светото Писмо, или од светоотечките дела, или пак го спомнувал она што при слични случаи го кажувал, советувал или заповедал старец Макариј. Поуките на старец Иларион беа кратки, јасни, прости и имаа убедлива сила, зашто самиот прв го исполнуваше тоа на што ги советуваше браќата, и самиот веќе имаше опит во најразлични случаи, за кои што требало да ги поучува браќата.
И покрај преголемата зафатеност со занимањата со браќата од манастирот, старецот не одбиваше никого од надворешните посетители, кои доаѓаа да позборуваат со него за своите духовни проблеми. Во секое време познати и непознати, богати и сиромашни, луѓе од близу и далеку, монаси, мирјани, имаа слободен пристап до него. Старецот ги примаше сите и со сите беше еднакво учтив и внимателен. Мажите ги примаше во приемната ќелија, а жените во таканаречената „хибарка“ (колипка), засебна градба, која се состоела од предворје и мала ќелијка, со мал прозорец со посебен влез, надвор од скитот близу до скитските порти.
Мнозина од посетителите доаѓаа во обителта за да ги споделат со старецот Иларион, како со опитен наставник, своите духовни проблеми. По вообичаениот поздрав, старецот преку искусни прашања го подготвуваше посетителот да му објасни отворено за целта на својата посета и добиваше претстава за неговата душевна состојба. Кога наоѓаше за потребно му предлагаше на посетителот да се подготви за очистување на својата совест преку исповедување, откако ќе одредел за тоа не помалку од три дни, за да го прегледа целиот свој поранешен живот уште од седумгодишна возраст, да се присети да ги најде во себеси заборавените гревови, за кои немал принесено покајание и во кои често се криела причината за некое душевно заболување. Ако посетителот поради некаква причина не го постигнел тоа, тогаш за време на исповедта старецот самиот, преку искусни прашања објаснувал во што се состои проблемот и му помагал на посетителот да се присети за некој непокајан грев, кој поради невнимание преминал во навика.
Откако побудувал осознавање на гревовите и скрушеност за нив, старецот понекогаш во зависност од степенот на важноста им давал епитимија на покајните, откако се сообразувал со нивниот начин на живот, нивната социјална положба, материјалната состојба, професијата, здравјето, возраста, при што барал покајникот да ја исполнува стрикно и без пропуштање. Епитимијата се состоела од молитви, покаен канон, читање на катизми, поклони, давање на милостиња, простување на навреди и оскрбување, помирување со оскрбителот, враќање на долгови или на нешта кои биле присвоени неправедно, одвикнување на лоши навики, забави и задоволства, од минување на времето во безделие и така натаму. По исповедта дозволувал примање на Светите Тајни. Мнозина, откако на исповедта добивале од старецот осознателна душевна полза, и понатаму продолжувале да живеат согласно со поуките на старецот, се ослободувале од душевните недостатоци и по молитвите на старецот живееле благочестиво и среќно и веќе го имале за свој духовник и наставник, Освен тоа мнозина носеа кај старецот страдалници од психички и духовни заболувања, кои што тој ги исцелуваше на чудесен начин, со силата на благодатта која пребиваше во него.
Освен личните средби со старецот, мнозина се обраќаа кај него писмено. Така тој го минуваше последното десетолетие од својата дејност и многуплоден живот, не во одмор и оддишка, туку во постојани трудови, како на внатрешна така и на надворешна дејност, останувајќи и после смртта на својот старец, негов верен послушник и исполнител на неговите мудри совети и поуки.
Последното искушение, одредено на старецот од Божјата промисла, со цел усовршување на степенот на неговата духовна состојба, беше речиси две годишно тешко боледување.
Од духовните поуки на преподобниот старец Иларион
„Црквата - велеше старецот - е за нас земно небо, каде што самиот Бог присуствува невидливо и ги набљудува оние што се наоѓаат во храмот. Затоа треба да стоиме во храмот пристојно и со големо внимание. Да ја сакаме црквата и да бидеме срдечни кон неа. Таа ни е потпора и утеха во тагите и радостите“.
***
„Треба да го применуваме послушанието - велеше старец Иларион - со чување на совеста, без небрежност, мрзливост и невнимание. Треба да се самоиспитуваме и да бидеме внимателни кон сите свои и најмали дејства и послушанија. Тогаш се навикнуваме на внимание и во важните дела, а од небрежноста кон малото неосетно ќе преминеме кон небрежност и во поголемо“.
***
„Неопходно е да ја започнуваме секоја работа со повикување на Божјото име, зашто занимањата, осветени со молитвата, ќе бидат благотворни за нашето душевно спасение“.
***
„Старецот Иларион многу нѐ учеше да ги поднесуваме оскрбувањата без злоба и без гнев, нѐ учеше да ги примаме со самопрекорување, како испратени од Божјата промисла за нашите гревови за душевна полза. Да го насочуваме гневот, не кон оние што нѐ оскрбуваат, туку кон духот на злобата и против себе си, поради тоа што не можеме да ги поднесеме оскрбувањата и да се трудиме да се помириме со него и да не оставаме во себеси чувство на непријателство кон него“.
***
За да ги ободри оскрбените, старецот често велеше: Ако Бог е со нас, кој ќе биде против нас? (Рим. 8, 31). Да потрпиме уште малку и ќе добиеме вечно блаженство. Да ги предадеме на заборавот сите земни утехи и радости - тие не се за нас. Речено е: каде што е нашето сокровиште, таму ќе биде и нашето срце. А нашето сокровиште е на небото. Затоа да се стремиме со сето свое срце кон нашата небесна татковина. Таму сета наша жалост ќе се претвори во радост, навредите и понижувањата - во слава, тагата, солзите и воздишките - во утеха, страдањата и трудот - во вечен блажен покој.
***
Старецот често говореше за чувањето на совеста, за внимателното набљудување на сопствените мисли, зборови и дела и за покајание за нив.
***
„Прави забелешка - продолжуваше старецот, - без да го храниш сопственото самољубие, и преценувај дали самиот би можел да го поднесеш тоа што го бараш од другиот. Знај кога треба да направиш забелешка и кога треба да замолчиш. Ако чувствуваш дека те обзел гнев, сочувај го молчанието и не зборувај ништо, сѐ додека преку непрестајната молитва и самопрекорување срцето не се смири. И тогаш можеш да зборуваш со брата си. Ако е неопходно да го вразумиш братот, а гледаш дека тој е разгневен или смутен, не вели ништо за да не го раздразниш уште повеќе. А штом видиш дека ти и тој сте спокојни, зборувај, без да прекоруваш а со кротост“.
***
„Да не ги оценуваме високо сопствените трудови - велеше старецот“.
***
„Кога постар, - заветуваше старецот Иларион, - ти направи забелешка или те прекори, а тоа не соодветствува на твоето очекување, и ако тоа се случи пред други луѓе, ти замолчи и со смирение кажи: „Прости заради Бога“. Речено е: „Се подготвив и не се смутив“. Со тоа нема да загубиш ништо во мислењето на другите, а напротив, ќе добиеш. Пополезно за душата е да се самоосознаваш како виновен и последен од сите, отколку да прибегнуваш кон самооправдување, кое произлегува од гордоста, зашто Бог се противи на горделивиот, а на смирениот му дава благодат. Сети се дека дури и во тој случај да си бил во право, или не толку виновен како што велат, сепак сите ние сме виновни пред Бога за гревови, ако сме живееле и само еден ден на земјата. А Господ ги оправдува само оние што во своето срце се осознаваат како големи грешници“.
***
Старецот ги советуваше оние што сакаат да стапат во брак да го сторат тоа само со согласност на родителите или на најстарите во семејството, но и од страна на најстарите да нема принуда. Оние што склучуваат брак да се сакаат еден со друг и при изборот на сопруг или сопруга да се обраќа внимание не на финансиската и материјалната положба, туку на тоа тие и нивните родители да бидат благочестиви и со добар карактер. Тогаш - велеше старецот - можеме да се надеваме на среќа за младоженците. Старецот не одобруваше голема разлика во возраста, од која што после можат да се појават проблеми. Што се однесува до мажот, сепак може да се дозволи да е малку повозрасен, но жената не, бидејќи тоа може да биде причина за многу неволји. Старецот не дозволуваше склучување на бракови поради страст, бидејќи кога страста ќе стивне љубовта може да исчезне. Не одобруваше ниту брак на лица од различна вероисповед, бидејќи мажот и жената, претставувајќи едно тело, треба да бидат соединети и духовно.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА АРИАДНА
Светата маченичка Ариадна пострада за Христа во времето на незнабожниот цар Адријан. Девицата Ариадна беше робинка кај еден властелин, на име Тертил, управник на градот Промис во Фригија. Тертил на роденденот на својот син приреди веселба во идолскиот храм, при што сите им принесуваа жртва на идолите и им се поклонуваа на демоните. Се веселеше тој со домашните, пријателите и соседите, а света Ариадна остана дома, бидејќи не сакаше да влезе во идолопоклонички храм и да празнува со својот господар. Господарот се разгневи поради тоа и безмилосно ја тепаше. Потоа нареди да ја обесат и да ја стругаат со железни нокти. После тоа ја затвори во темница и долго ја измачуваше со глад, присилувајќи ја да се одрече од Христа и да им се поклони на бездушните идоли. Потоа беше пуштена од темницата и таа замина од градот. Но, нејзиниот господар Тертил се покаја што ја ослободи, па тргна во потера по неа со своите слуги. Кога ја виде потерата Ариадна, започна да бега. Потоа застана до една карпа, се помоли на Бога да ја избави од нејзините непријатели, и со Божја наредба веднаш карпата се распукна. Светителката влезе внатре и таа повторно се затвори. Ова чудо го изврши ангел Господов, кој се јави таму. Гонителите се вознемирија од страв, па започнаа да се убиваат меѓу себе со копјата и сите загинаа. Така Господ ја избави Својата слугинка од нејзините непријатели, како птица од стапица на ловец. По нејзините молитви Господ да нѐ избави и нас од нашите непријатели и заедно со света Ариадна да нѐ удостои да празнуваме во небесната радост за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ АРКАДИЈ, епископот Новгородски
Беше епископ Новгородски. Прво беше игумен на од него основаниот Успенско-Аркадиев манастир близу Новгород, во 1153 година. Многу се потруди во црковните и народните работи. Се претстави во 1163 година, оставајќи зад себе спомен за кроток владика и дарољубив отец на сиромашните и бедните.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЧКИ СОФИЈА и ИРИНА
Овие маченички пострадаа за Христа посечени со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ КАСТОР и ТЕОДОР
Светиот маченик Кастор беше усмртен со глад од страна на идолопоклониците. Нивниот спомен се врши заедно, близу Јустинијановиот мост.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК БИДЗИН, кнезот Грузиски
Маченикот Бидзин пострада за Христовата вера од шахот Абас II, заедно со своите сродници Елисбар и Шавл, во 1661 година,
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЕЛИСБАР и ШАВЛ
Биле страотно мачени. Во таквите маки се упокоиле за верата во Господа Христа.