2. Октомври   (19. Септември)

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ТРОФИМ, САВАТИЈ и ДОРИМЕДОНТ

Во времето на римскиот цар Пров, кога над Антиохија началствуваше некој Атик, викан и Илиодор, еднаш Антиохијците празнуваа празник во чест на Аполон и според својот обичај целиот ден го минуваа во принесување на жртви на идолите, во пијанчење, игри и најразлични одвратни дела. Во тоа време во Антиохија допатуваа двајца непознати луѓе, Трофим и Саватиј, кои беа побожни, поклоници на вистинскиот Бог. Кога ја видоа заслепеноста и гибелта на толку многу души, тие со солзи Му се молеа на Бога да погледне од небото и да ги спаси овие луѓе од рацете на противникот.

Додека се молеа, идолопоклониците препознаа дека не се од нивната вера, ги фатија и ги одведоа кај својот властелин и судија Атик-Илиодор. Тој нареди да ги разделат и првин започна да го распрашува свети Трофим за името, животот и верата. Светителот одговори:

- Се викам Трофим, роден сум од слободни и високородни родители, но откако паднав под власта на гревот, јас најпрвин живеев безбожно, додека преку светото крштение не добив вистинска слобода и благородност.

Судијата го праша:

- Од која вера си?

Трофим му одговори:

- Веќе ти реков, но пак ќе ти кажам. Јас сум христијанин, слуга сум Христов и сакам да бидам жртва за Христа.

Судијата праша:

- Странец си или римски граѓанин?

А светителот, кој навистина беше туѓинец за светот, одговори дека е странец. Судијата го праша дали ја има прочитано царската наредба во однос на христијаните, а светителот му одговори дека ја прочитал, но дека за него таа не претставува ништо, зашто помеѓу верата и демонската измама постои огромна разлика, како помеѓу денот и ноќта.

Овие зборови го разгневија мачителот и нареди веднаш гол да го положат на земјата и безмилосно да го тепаат. Толку многу го тепаа, што земјата се натопи со крв, па судијата повторно му рече да им принесе жртва на боговите и му се закани дека ќе го испрати во Фригија, кај мачителот Дионисиј, кој беше насекаде познат по својата свирепост и нечовечност. Свети Трофим одговори:

- За мене е неважно дали ќе ме убиеш ти или некој друг. Една смрт ми претстои, како што и во вас има една намера - да ги убивате оние кои Му служат на вистинскиот Бог.

Судијата уште повеќе се разгневи, па нареди да го обесат на дрво и да му го кинат телото. И веднаш го опкружија џелати со остри орудија, му го режеа телото и му го сечеа месото до коските и до самата негова внатрешност. А тој трпеше и кротко говореше:

- Господи, помогни му на слугата Твој.

Судијата повторно го праша страдалникот:

- Каде е твојот Христос, Трофиме?

Тој одговори:

- Мојот Христос е со сите кои вистински Го повикуваат. Тој не се разделува од мене. А очигледен знак на Христовата присутност со мене е тоа што лесно ги поднесувам маките, кои што човечката природа не би можела да ги поднесе, ако не ѝ помага самиот Бог.

После овие мачења свети Трофим беше мачен во темницата, а на суд беше изведен блажениот Саватиј. Судијата му рече:

- Не те прашувам дали си христијанин, туку прво кажи ми каква функција имаш?

За него самиот збор христијанин беше толку немил, што не сакаше дури ни да го слушне. Како што слепиот не може да ја види светлината, која им е пријатна на сите здрави, така и помрачената душа не може да гледа во светлото име Христово. Затоа и рече: „Не те прашувам дали си христијанин“.

Свети Саватиј одговори:

- Судијо, мојата функција, и достоинство, и татковина, и слава, и богатство е Христос, Синот Божји, секогаш Живиот, со Чија што промисла универзумот стои и се управува.

Ваквиот смел одговор судијата го сфати како навреда и јаросно го удри по образот, говорејќи:

- Одговарај на тоа што те прашувам. Пред да те погубам со мачење, пристапи им на боговите и принеси им жртва.

Но, светителот ги изнавреди нивните богови, го исмеа идолопоклоничкото безумие и го изобличи нивното безбожие. Тогаш мачителот нареди да го обесат и со железни нокти да го стругаат, сѐ додека коските не му се видоа. Му отпаѓаше месо и му се гледаше внатрешноста. Бидејќи му висеа само коските, џелатите немаа потреба повеќе да го мачат и го одврзаа од дрвото. Тогаш свети Саватиј ја предаде својата душа во рацете на Господа.

А Атик ја изгуби секоја надеж дека ќе го привлече блажениот Трофим на идолопоклонството, па реши да го испрати во Фригија, кај мачителот Дионисиј. Тој му напиша на Дионисиј писмо, известувајќи го за Трофим дека многу маки поднел, но се покажал посилен од своите мачители, и дека единствено Христа Го обожава, а сите богови ги исмева. Го извади маченикот од темницата, нареди да му обујат железни чизми, одвнатре начичкани со остри шилци, и така да го водат во Фригија со писмото. Војниците го поведоа и го тераа да оди со нив. Додека тие јаваа на своите коњи, тој одеше пешки во железните чизми, со испрободени нозе. Тоа навистина беше мачен пат, кој води во животот вечен. Секој нов чекор беше нова рана за него, а секоја нова рана нова болка и мака. Но, самиот Господ го крепеше Својот слуга и за секој чекор му подготвуваше награда.

Така патувајќи три дена, војниците со светиот маченик стигнаа во Фригискиот град Синад. И таму војниците му го предадоа на Дионисиј писмото од Илиодор. Тој го прочита и нареди веднаш да го изведат свети Трофим пред него, па го праша:

- Ти ли си Трофим?

Тој одговори:

- Јас сум Трофим и слуга сум на Христос, вистинскиот Бог. Оној што верува во Него, никогаш нема да се посрами.

Дионисиј рече:

- Остануваш непокорен, а го повикуваш ништовниот и штетен Христос, заради Кој многумина ги изгубија главите. Но, ако порано не си сакал да се одречеш од Него, сега остави ја надежта во Него и принеси им жртва на боговите, за да ги одбегнеш страшните мачења и смртта и мирно да поживееш.

Храбриот Трофим одговори:

- Дури и да сакам да ја одбегнам смртта, тоа е невозможно. И да не ме убиеш ти, според самата човечка природа јас секако ќе умрам.

Но, со смртта треба да се стекне живот вечен, кој е неизмерно подобар од овој краткотраен и преполн со зло. Богатствата на идниот живот не може нашето земно око да ги гледа, ни увото да ги слушне, ни срцето човечко да ги насети. Јас сум обземен од желба за тој живот и се радувам што слушам од тебе за смртта со која ми се закануваш.

Тогаш Дионисиј бесно нареди свети Трофим да го тепаат со дебели жили. Додека го тепаа, мачителот му говореше: „Трофиме, само кажи дека ќе им принесеш жртва на боговите, па веднаш ќе те ослободам“.

Но, тој не обраќаше внимание ни на раните, ни на неговите зборови. Само молчеше. Тогаш слугите со наредба на мачителот помешаа оцет со сол, па му истураа во носот. Потоа го обесија на дрво и му ги сечеа слабините, правејќи му длабоки и долги рани, и од неговите ребра течеа потоци крв. Светиот трпеше и храбро си велеше: „Многу маки има праведникот, но од сите го избавува Господ“ (Псалми 33, 20).

Дионисиј го слушна тоа и рече:

- Залудна е твојата надеж, Трофиме, и ништовни се твоите помисли. Кој од небото би можел да дојде да те избави од овие страдања? Те советувам, принеси им жртва на боговите, за да си помогнеш.

А светителот го исмеваше неговото безумие и рече:

- Никогаш нема да се одречам од мојот вистински и жив Бог.

Тогаш Дионисиј со радост им рече на слугите:

- Мачете го уште побездушно.

И слугите започнаа страотно да го мачат, а светиот се молеше, велејќи:

- Погледни од небото, Боже мој, и избави ме од замките на беззаконието, зашто Ти, Господи, си трпение мое.

Тогаш мачителот нареди врз раните да му истураат оцет помешан со сол, со што уште повеќе му ги зголемија болките. Во таквите маки блажениот му рече на судијата:

- Ти сега само го зајакнуваш моето тело, да не изгние од раните што му ги задаваш. После тоа му ги гореа ребрата со свеќи, но ни со тоа не можеа да го победат непобедливиот војник Христов. И го фрлија во темница. Во Синад сенатор и прв советник беше Доримедонт. Тој беше потаен побожен христијанин и често тајно доаѓаше во темницата кај свети Трофим, му ги преврзуваше раните и се грижеше за него. Но, не можеше долго да се крие. Наскоро настапи безбожничкиот празник на Кастор и Полукс, наречен Диоскорија. Овој празник сенародно се празнуваше во Синад. Дионисиј на тој празник со сите свои велможи и советници им се поклонуваше на идолите. Кога забележа дека Доримедонт не е со нив, испрати по него да дојде и тој да празнува. Блажениот им одговори на дојдените:

- Јас сум христијанин и мене не ми доликува да присуствувам на демонските празници.

Дионисиј веднаш нареди насилно да го доведат кај него. Кога го распраша зошто не дошол, се увери дека навистина е христијанин. Но, не сакаше да му суди тој ден, па нареди да го држат под стража. Потоа испраќаше кај него свои пријатели да го посоветуваат да се покае и обрати кон боговите. Доримедонт налутено ги погледна испратените и им рече:

- Отстапете од мене беззаконици.

Потоа молчеше како нем.

Наредниот ден мачителот го изведе на суд и му рече:

- Заведен човеку! Што се случи вчера со тебе, та отстапи од боговите и ја отфрли царската наредба? Зарем ти стана непријатно што сите те почитуваат?

Светителот одговори:

- Оној што Го љуби вистинскиот Бог не ги сака светската чест и слава. Каква е користа од тоа да се гордееш пред другите, да се облекуваш во скапоцена облека и да се поклонуваш на бездушни идоли? Сето тоа е привремено и ништовно, разделува од Бога и го фрла човекот во огнениот пекол.

Мачителот долго се трудеше со ласкави закани да го одврати свети Доримедонт од Христа и откако не успеа нареди да го соблечат, да го обесат и да му ги печат ребрата со вжештени колци. Притоа безбожникот говореше:

- Ќе видам дали Христос ќе дојде да му помогне.

А светителот во маките Го повикуваше својот Господ Бог, ги исмеваше незнабожечките богови и со своите зборови му задаваше потешки рани на мачителот, отколку тој нему со колците. Потоа разбеснетиот Дионисиј се нафрли врз слугите кои го мачеа и ги прекоруваше дека не се во состојба да замолкнат еден хулител на боговите. Слугите се разлутија и со железни нокти му го раздраа лицето и му ги извадија забите. Но, ни со тоа не успеаја да го замолчат, па запалија оган под него и го ставија врз жарта. Но тој одеше по неа како по црвено цвеќе, радосен во своите страдања, подготвен да претрпи за Христа уште пострашни маки.

Потоа мачителот нареди да го одведат во темница свети Доримедонт а да го изведат свети Трофим. Откако го обесија на дрво, со железни нокти му го дереа телото, отворајќи му ги претходните рани. Потоа со вжештени шипки му ги избодеа очите. Во таквите страдања светителот Му благодареше на Христа. После тоа повторно го ставија во темница.

Дионисиј започна да се советува со своите како да ги погуби Трофим и Доримедонт и се договорија да ги фрлат на ѕверовите. Подготвија изгладнети ѕверови, приредија јавно гледалиште и во одредениот ден дојде Дионисиј со своите советници и слуги и се собра многу народ. Ги изведоа светите маченици од темницата голи и покриени со рани, бидејќи целото тело им беше една единствена рана.

Во гледалиштето најпрвин пуштија на нив мечка, која јаросна се стрча кон нив, но одеднаш стана кротка. Свети Доримедонт сакаше што побрзо да се ослободи од телото и да биде со Христа (сп. Фип.1,23), па ја фати мечката за увото и ја држеше, за таа да го растргне. Но, мечката како засрамена ја одвраќаше својата глава од него. Мачителот се разјари повеќе од ѕверот, па пушти на нив рис, но и тој како пес им ги лижеше нозете. Потоа пушти лав, но и тој стана кроток како јагне. Тогаш мачителот се разлути на управникот на ѕверовите и му се закануваше со смрт, ако не ги раздразни, за да ги проголтаат двајцата христијани. Кога започна да го дразни лавот, тој скокна и го растргна. Од таквото чудо сите се восхитија и ја познаа силата на вистинскиот Бог, а само мачителот уште повеќе се покриваше во темнината на безумието, хулејќи на Христа и нарекувајќи ги Неговите слуги волшебници. Потоа нареди да им бидат отсечени главите со меч.

Така светите маченици Трофим и Доримедонт после многуте страшни маки се упокоија од меч и во бесмртниот живот му се придружија на свети Саватиј. Сега ликуваат со ангелите, славејќи ја Света Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух, едниот Бог, од сите славен за навек. Амин.

ПРЕПОДОБЕН СТАРЕЦ АЛЕКСИЈ (СОЛОВЈОВ)

Старец Алексиј е роден во 1846 година. По завршувањето на своето школување во Московската богословија, старецот Алексиј (во светот Теодор Алексеевич Соловјов) стана ѓакон во црквата „Свети Никола“ во Толмачи, отаде реката Москва. По две години откако стана вдовец, отец Алексиј реши да го напушти светот и да стапи во манастир, но блиските го убедиле најпрвин да го одгледа и воспита својот син. Со засилена молитва и размислување, Алексиј се согласи и живееше дваесет и пет години во Москва. Последното место каде што служеше старецот беше Големиот Успенски собор во Кремљ, каде што беше назначен како презвитер, заради впечатливиот глас (бас). Древната светиња Кремљ имала подготвително значење за примањето на монаштвото на Алексиј.

Штом неговиот син го завршил образованието, тој веднаш ја напушти Москва. На 30 ноември 1889 година беше пострижан за јеромонах од игуменот на Зосимовата пустина отец Герман, со името Алексиј, во чест на светителот Алексиј, митрополитот Московски.

Кога го примил во Зосимовата пустина овој протопрезвитер од Успенскиот собор, отец Герман стравувал дека во него можат да се појават гордоста и вообразеноста. И тој започна да го смирува отецот. Затоа на почетокот отец Алексиј не живееше лесно. Неговите први послушанија беа да пее на певницата и да служи. Со него се однесуваа сурово, за време на службата го поставуваа пониско од браќата, му даваа многу лоши богослужбени и црковни одежди.

Сепак, го одредија за духовник и го ослободија од тешката физичка работа. Мораше да трпи и на певницата. Диригент на хорот тогаш бил јеромонахот Натанаил, поранешен певец од операта, кој завршил музичка академија и богословија, добар музичар, но нервозен и неспокоен човек. Отец Алексиј започна да пее на певницата онака како што пеел во Успенскиот собор. Отец Натанаил го прекина и со остар тон го искара:

„Ова не е Успенскиот собор, не заборавајте, овде не е дозволено да се плаче“.

Откако еднаш станал духовник на отец Алексиј, отец Герман го исповедаше до крајот на животот. Тој наскоро се увери во големите душевни квалитети на монахот. Во неговото искрено смирение и богат опит на свештенослужител ја сфати неговата светла душа. Изострената претпазливост беше заменета со почит, а потоа и со голема љубов. Отец Алексиј му возвраќаше со взаемност. Се зголеми и бројот на исповедниците кај отец Алексиј и наместо старите жени богомолки, кои што одеа кај него во почетокот, негови духовни чеда станаа многу млади монаси. По неколку години негов духовен син стана и самиот игумен Герман. Го ослободија од клирното послушание и го задолжија да ги учи младите монаси на Законот Божји.

Првите години од животот на отец Алексиј во манастирот беа поврзани со многу големи тешкотии и огорчувања, но браќата го сметаа тоа време како блажено за себеси, бидејќи во пустината речиси и не доаѓале посетители и отец Алексиј останувал постојано со монасите. Жалостите и тешкотиите го запознале од опит со монашкиот живот и тој говорел дека дури по две ипол години сфатил што значи монаштвото. Кога лекциите по Законот Божји завршувале, по вечерата тој им читаше на браќата дела од светите Отци и го правеше тоа до заминувањето во својот полузатвор. Освен тоа на празниците му искажуваше поуки на богомолниот народ. Неговите проповеди беа едноставни, полезни и разбирливи. Кратко пред да се повлече во полузатворот, тој престана да проповеда, сметајќи дека тоа може да роди во него славољубие.

Отец Алексиј многу ја сакаше природата, но не одеше во гората или полето. Неговите прошетки беа ограничени помеѓу ѕидовите на манастирот. Бавно одеше по патекичките, застануваше и внимателно се загледуваше во убавината што го опкружува. Природата го смируваше. Во тоа време живееше во североисточната аголна кула. Во 1906 година, за време на Великиот Пост, постојано опкружен од верните кои сакаат да се исповедаат, тој започна да запаѓа, здравјето му се разниша и се разболе од тешка пневмонија. Состојбата му беше толку сериозна, што доктор Мамонтов, кој што го лекувал, отворено изјавил дека отец Алексиј може да умре. Местото каде што живееше беше влажно и студено, па затоа го пренесоа во игуменскиот покој. Кога го носеа биеја камбаните за богослужение... Браќата плачеа. На Велики четврток извршија над отецот Маслосвет со учество на сите браќа, а неговиот син, Михаил Теодорович, плачеше како дете, Монахот од Зосимовата пустина отец Владимир пишува дека после Маслосветот, кога монасите минувале еден по еден да се простат со батушката, пристапил и тој. Отец Алексиј се прости со него, и потоа тивко рече: „Моли се, се надевам во Бога дека после вашите свети молитви Господ ќе ми дари здравје“. После тоа тој започна да се подобрува. Во летото 1906 година се премести во мала колипка, подарена од еден селанец, која што ја обнови синот на отецот.

Постепено неговото основно занимање во манастирот стана старчеството и духовништвото. На 17 февруари 1906 година починал старецот Варнава од Гетсиманскиот скит, и многу негови духовни чеда веднаш се обратија кај отец Алексиј за помош и поткрепа.

Тој започна да ги прима оние што сакаа да се исповедаат, откако се опорави од долгото боледување и откако се премести во новата, изградена специјално за него колипка - ќелија. Први кај него пристигнаа предавачи и студенти од Московската духовна академија, кои живееја во Сергиевиот Посад, а потоа и нивни пријатели и познати.

Кога виде колку многу луѓе почнаа да доаѓаат при отец Алексиј за совет и духовно раководство, игуменот отец Герман го ослободи од сите останати послушанија и му одреди да се занимава само со старчеството и духовништвото. Тоа стана и главното дело на монашкиот живот на старецот.

Кога отец Алексиј, идниот старец, се подготвуваше да стапи во манастир, основна цел му биле затворот, молитвата, безмолвието. Но во првите години таа желба на батушката не се оствари.

Затоа тој започна да ги моли надлежните да му биде разрешено да се повлече во затвор. Молбата му беше исполнета. На 3 февруари 1908 година старецот се повлече во полузатвор, на почетокот привремено, до Пасха. Влезот во колипката бил забранет за сите мирјани, освен за семејството на неговиот син, па дури и браќата можеле да влегуваат таму за исповедање на помислите само во одредени часови во петочните дни.

Периодот на живеење на старецот во полузатвор (1908-1916 г) бил доста тежок и плодотворен. Бројот на луѓето кои барале духовни поуки се зголемувал не со денови туку со часови. Кај него како кај светлина, од секаде се упатувале луѓе: државни дејци, митрополити и архиепископи, - епископи и архимандрити, свештеници и јеромонаси, поголемиот дел воспитаници на Московската духовна академија, редовни монаси, исклучително многу монахињи од различни манастири, воени лица, лекари, службеници, учители, професори и студенти, работници и селани. Односно претставници на сите слоеви, од сите возрасти, семејни и несемејни, болни и здрави, од далеку и блиску, грешни и благочестиви, верни и сомничави бараа духовно згрижување од старец Алексиј. Меѓу неговите духовни чеда од тоа време имаше и такви познати дејци на Руската православна црква, како великата кнегиња Елисавета Теодоровна, основателката на Марто-Мариинската обител на милосрдието, сега вброена во ликот на светиите. Во 1908 година, со благослов на отец Алексиј, таа го основала наскоро потоа изградениот познат Серафимо-Знаменски скит, крај Москва. Самиот оптоварен, како што се вели, со немоќи, старецот ги лекувал и духовно и телесно сите кои со вера прибегнувале кај него. На секого му го давал неопходното за оздравување.

Понекогаш мораше да прима богомолци речиси без малку да одмори во текот на многу часови. Беше зачудувачки како неговото болно срце го издржува тој огромен притисок. Се разбира дека тоа беше чудо, Божјата сила дејствуваше во немоќта. Со текот на времето се јави потреба да се воведат специјални билети за оние што сакаат да се исповедаат - по сто и десет билети на два дни. Ги делел отец Инокентиј. Кога пуштале на исповед преку ред, старецот беше незадоволен. „Јас, - говореше тој - треба да го гледам човекот, а не лицето“.

Во ноември 1909 година во Зосимовата пустина пристигнал игуменот на Лаврата отец Товиј, и тогаш на помесен совет на тројцата старци: Герман, Алексиј и Товиј, било одлучено дека на отец Алексиј му се малку два приемни дни седмично и му додале уште еден ден - петок. Дискусијата на отец Алексиј со неговите духовни чеда не била опширна. Тој сметал дека само личното општење, разговорот срце во срце, може да го даде најдобриот совет. Затоа старецот давал писмени совети само во случај на крајна неопходност, при тоа сфаќајќи ја својата одговорност, тој долго обмислувал и го оценувал секој свој збор. А по повлекувањето во затворот секоја дискусија со старецот била прекината - била забранета според новите правила.

Во летото 1909 година во Сергиев Посад се одржал монашки собир и старецот беше меѓу неговите учесници. Неговиот глас таму имаше големо значење. Имајќи го во предвид неговиот духовен опит, сите се вслушувале со почит во неговите зборови.

Здравствената состојба на старецот сѐ повеќе се влошуваше. Во 1914 година преку ноќта спроти првиот ден на Воскресение Христово, додека се подготвуваше да служи Литургија, доби тежок срцев удар. Тој и порано добиваше слични удари, но од тогаш тие зачестија. Незабележително ослабна, се исуши, се подгрбави. Речиси постојано чувствуваше главоболка и вртоглавица. Беше доволно малку да се вознемири, за да добие удар. Во меѓувреме бројот на посетителите се зголемуваше со секоја измината година. Поради особеностите на неговиот карактер и своите дарби, тој не можеше да ги прима посетителите брзо, а и не му достигнуваше времето, за да ги задоволи сите како што треба. Затоа старецот страдаше, се вознемируваше и тоа уште повеќе го нарушуваше неговото здравје. Летото 1915 година доби целосно растројство на срцевата дејност, буквално умираше и месец ипол не можеше да прими никого. Телесната немоќ и чувството за близината на смртта го принудија да размисли за осамување во затвор.

Во јуни 1916 година за последен пат се повлече од светот и се затвори во својата ќелија.

По повлекувањето во затворот старецот ја напушти својата колипка и се премести на вториот кат на братскиот конак, изграден кај светите порти од источната страна. Келијата му се наоѓала непосредно до олтарот, над портите на црквата „Сите Светии“, и можеше незабележително да влегува низ специјална врата дирекно во олтарот. Согласно правилата на животот во затворот, старецот се исповедаше секој четврток, а секој петок се молеше за време на Литургијата во олтарот и се причестуваше. Ги сметаше тајната Исповед и Причест за најважни за спасението на душата и затоа се однесуваше кон нив со исклучително големо стравопочитување. Старецот говореше: „Секој четврток го очекувам доаѓањето на отец Герман како небесна манна. Ете, тој ќе дојде и сѐ ќе земе, ќе ме успокои“.

Што е познато за животот на манастирот по заминувањето на отец Алексиј во затворот? Тоа дека бројот на богомолците значително се намалил, гостоприемницата опустела. Во неделните дни имало само дваесетина исповедници, а во делнични дни по еден двајца. Во септември започнале да служат во соборниот храм само на големите празници. Обично служеле рана Литургија во црквата „Сите Светии“, а доцна во црквата „Преподобен Сергиј“.

Осамувањето на старецот симнало од него огромен психички товар, се разбира, благопријатно за неговата самодоверба. Тахикардијата станала послаба и значително поретка. Само писма и телеграми со молби да се моли за пријатели и блиски, кои се наоѓале на фронтот, каде што тогаш се воделе жестоки битки, продолжуваа да го беспокојат старецот. Тој со љубов ги исполнуваше сите молби и неговите молитви често помагаа.

Февруарската револуција никако не се одрази на спокојниот и тивок живот на манастирот, политичките страсти не го вознемируваа. Во април 1917 година старецот доби дозвола да отслужи Литургија на првиот ден на Светата Пасха, без да се објавува за тоа. Истата Велигденска седмица во Зосимовата пустина пристигна Московскиот митрополит Макариј, кој речиси принудно се беше повлекол во пензија. Тој многу го сакал и почитувал старецот затвореник, сакаше да поразговара со него и да добие мудар совет.

Примајќи го владиката, игуменот Герман го покани во игуменарницата старецот и два тројца претставници на духовништвото, кои што тогаш гостувале во манастирот. Владиката им раскажуваше на собраните за состојбата во Руската Црква по февруарскиот преврат и спомна за прекинот на задолжително предавање на Законот Божји во основните и средните училишта, од страна на Привремената влада. Тоа решение многу го вознемири старецот, како поранешен предавач по Законот Божји, и тој остро рече:

„Тоа е такво прашање, што дури и да ни ги отсечат рацете и нозете, не треба да отстапиме ниту јота“.

А потоа веќе со друг тон, обраќајќи се кон отецот игумен, промрмори:

„Ете, ме пуштивте од затворот и веднаш станав лош“.

„А ако си седеше во затворот, немаше да знаеш каков си“ - тивко забележа старецот Герман.

Сите што присуствуваа тој ден во игуменарницата на Зосимовата пустина, не можеле ни да помислат дека настаните што се случувале во тоа време во Русија, набрзо ќе се одразат на личната судбина на затвореникот од тој манастир и судбината на целата Руска Православна Црква.

На 28 февруари 1919 година јеромонахот Алексиј беше пострижан во голема схима.

Кон крајот на 1920 година Зосимовата пустина била претворена во земјоделска задруга и монасите повеќе не извршувале послушанија туку оделе на работа. Но и под новото име манастирот продолжувал со својата дејност: строго се чувал уставот, богослужењето се вршело благоговејно.

Независно од своето кревко здравје и поодминатата возраст, старецот примаше мнозина, без да брза, и во секоја беседа ја внесуваше сета своја душа, до целосна исцрпеност.

На 18 јануара 1923 година мирно се упокоил старецот игумен Герман.

Наредниот ден, по погребението, пристигнала комисија за да го исполни болшевичкиот декрет за ликвидација на сите манастири во областа и заедно со нив и преобразените во земјоделски задруги. Започна жестоко уништување на мирната обител. Обласните власти официјално го затворија манастирот на 8 мај 1923 година. Нивна прва задача беше да ги истераат сите што живеат во него, после што најпрвин ги ограбиле сребрените опкови од личните икони и други скапоцени предмети. Сите се разбегаа, кој каде што ќе види. Отец Симон заминал за Осташков, каде што живеел до крајот на својот живот. Отец Алексиј се упатил со својот ќелијник отец Макариј кон Сергиевиот Посад.

Беше на седумдесет и седум години, го измачуваше немоќта, веќе немаше блиски роднини. Со него беше само неговиот верен ученик, пријател и ќелијник Макариј, кој живееше со него дваесет години, исто така осамен човек. И двајцата беа без покрив и без средства за живот. Но, милостивиот Господ не ги остава своите верни слуги и им го дава неопходното. Откако поминаа два дена во хотел, тие најдоа засолниште кај една духовна ќерка на старецот, на име Вера Верховцева, која заминала во Саров. Куќичката што им ја отстапи таа беше дрвена, со три прозорци и две соби, слична на нивната колипка во Зосимовата пустина.

До 1925 година старецот сѐ уште се движеше по малку низ собичките, а неколку пати со голем напор стигна и до црквата. Потоа сѐ повеќе седеше, а после веќе беше полулегнат. Отец Макариј го наседнувал да јаде или да пие чај. Кога повеќе не можел да стои ги читал службите седнат. Старецот до крај не престанал да се моли и да прави земни поклони.

Неговото смирение и чувството на благодарност биле многу големи. Тој постојано му благодареше на ќелијникот дури и за незначајни услуги и секојдневно му бараше прошка.

Сакаше да ги спомнува во молитвите живите и починатите и му укажуваше на ќелијникот да не одбива никого, кога прима белешки од луѓето кои го молат да се помоли и да му ги предава. За време на проскомидијата старецот околу два часа вадеше частици за живи и починати. Во последните години, за време на боледувањето тој го благослови ќелијникот да ги спомнува имињата на живите и починатите. Спомнувањето се вршеше на глас, за тој да слуша, и тоа на делови, за да не биде тешко за болниот. Тоа беше така до неговата смрт.

Еднаш додека старецот лежеше изнемоштен, дојде да го посети патријархот Тихон. Старецот, кој секогаш се однесувал со длабока почит спрема лицата од високата хиерархија, беше длабоко трогнат од вниманието на патријархот и се чувствуваше крајно непријатно што го пречека и беседеше со него во легната положба. Неколку пати се обиде да ги пушти нозете на подот, но Патријархот ги земаше и пак ги враќаше во постелата. Кој од двајцата има поголемо смирение?

По 1927 година старецот веќе само лежеше, со голем напор ја подигнуваше главата и ги мрдаше прстите на десната рака. Примаше само свои блиски духовни чеда, но не сите.

На 19 септемви 1928 година (вторник), отец Алексиј тивко се упокои.

Од духовните поуки на старец Алексиј

Сознанието дека не напредуваш духовно ќе ти послужи за самопрекорување. Треба да се смириш. Едното крило е смирението, а другото е самопрекорувањето. Кога си сам, треба да се молиш високо со Исусовата молитва. 

***

Што и да се случи, никогаш не обвинувај никого освен самата себеси. Благодари Му на Бога за сите непријатности и незгоди. Ако веруваш во Божјата Промисла и ѝ се довериш, ќе придобиеш голем мир.

***

Подобро е да претераш со молитвата отколку да се помолиш недоволно.

***

Немаме со што да се гордееме, зашто дури и да има нешто добро во нас, тоа не е наше туку Божјо. Немаме ништо наше. Штом ти дојде на ум горда и славољубива помисла за себе, бркај ја веднаш и гласно кажи: „Знам јас колку сум добра. А тоа кој го стори? А тоа кој го направи?“ И започни да ги редиш своите гревови, и помислата ќе исчезне.

***

Ако одиш наутро во храмот, сепак треба да ги прочиташ утринските молитви. Треба да ги прочиташ дома. Може да ги пропуштиш само поради болест или ако се успиеш.

***

 Никогаш не легнувај да спиеш без да се помолиш, зашто преку ноќта може да се случи ненадејно да умреш, а ти си легнала без да се помолиш. Прекорувај се секогаш и за сѐ, осознавај ја својата немоќ, кај се, плачи пред Бога.

***

 Милостињата може да се дава не само за упокоение туку и за здравје, бидејќи тоа носи голема духовна полза за душата.

***

Човекот не треба да е недоверлив, сомничав, туку треба да се труди да им верува на сите.

***

 Не треба да бидеме мрзеливи, но не треба и да работиме повеќе од нашите сили.

***

Никогаш не лажи - тоа е тежок грев. Лагата е од сатаната. Тој е татко на лагата. Изрекувајќи лага, ти стануваш нејзин соучесник. Не клевети никого.

***

Ако не се молиме и не го повикуваме Ангелот пазител, со тоа го натажуваме Бога, Кој од денот на крштението ни го дал за чувар на душата и телото. 

***

Самопринудувај се на милосрдие, кон вршење добро на ближните. Неопходно е да им помагаш на потребитите, да развиваш во себе сострадалност и љубов.

***

Не само монасите туки и оние што живеат во светот треба да се сметаат за најлоши од сите. А монахот треба да биде двојно посмирен и ниту за миг да не заборави дека е најлош од сите.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ЗОСИМ ПУСТИНИКОТ

Киликискиот кнез Дометијан еднаш тргна на лов со своите слуги. Додека гонеше и ловеше ѕверови, тој помина многу пустини, брегови и гори, и на едно место оддалеку здогледа мноштво ѕверови а среде нив стар човек, кој оди и разговара со ѕверовите како со луѓе. Ловците побрзаа по нив, но ѕверовите се разбегаа, а тие го фатија старецот и го одведоа кај кнезот, мислејќи дека е магепсник и прави магии по пустината. Го прашаа старецот кој е и како се вика, а тој одговори дека е христијанин и дека се вика Зосим. Тие го врзаа и го одведоа во градот. Откако седна на судиштето, кнезот го праша со какви волшебништва и магии ги опседнал ѕверовите, та живее меѓу нив и разговара со нив како со луѓе. Зосим одговори:

- Јас живеам во пустината како христијанин, бидејќи не можев да живеам во градот со неверниците. Повеќе сакам да бидам со ѕверовите, отколку со непријателите на мојот Господ Исус Христос. Како пример за таков живот го имам животот на светите Отци, кои се повлекоа од светот и живееја во пустините. Јас се трудев да ги подржувам според своите сили. А Бог, Кој ги знае Своите слуги и промислува за нив, според Својата добрина се погрижи и за мене и за моја утеха ми ги покори дивите ѕверови. И еве, јас живеам со нив, со радост и надеж во Него.

На тоа кнезот рече:

- Зол старецу, значи ти Го почитуваш Назареецот а! Добро тогаш. Јас и онака треба да одам во Назарет, па таму жестокот ќе те мачам. Таму или ќе се одречеш од Него или во страшни маки ќе го изгубиш животот. Покрај тоа и Назарејците ќе се исплашат од твоето мачење.

И го испрати кнезот пред себе во Назарет свети Зосим окован, па потоа и самиот отиде таму. Откако одреди време за судење, Дометијан го изведе пред себе и му рече:

- Раскажи ни за твоето волшебништво. Кажи ни, како си ги опседнал ѕверовите?

Како одговор на тоа Зосим изјави дека е христијанин. Тогаш кнезот нареди да го обесат со главата надолу, да му врзат голем камен за вратот, па потоа со железни нокти да му го стругаат телото, Потоа кнезот повторно побара од него да им раскаже за своите вражбини. Зосим одговори:

- Мојот Христос Бог за утеха во пустината ми испрати ѕверови.

Кнезот рече:

- Ако ѕверовите го слушаат твојот Бог, тогаш нареди еден ѕвер да дојде ваму, па сите ќе ја примиме твојата вера.

Зосим ги крена своите чесни раце кон небото и се помоли, велејќи:

- Господи Исусе Христе, Сине Божји, послушај ме мене, слугата Твој, и испрати го ваму страшниот лав, да ми послужи.

И одеднаш дотрча во градот страшен лав и сите се разбегаа од него. А лавот пријде и ја потури својата глава под Каменот што висеше за вратот на маченикот, за да му олесни.

Тогаш кнезот, кој беше побегнал на градскиот бедем, викна кон Зосим:

- Зосиме, скроти го ѕверот, па ќе те одврземе.

Зосим му нареди на лавот да биде кроток, а кнезот нареди да то одврзат светителот и сакаше да го испрати кај царот. Но, Зосим се помоли на Бога и го предаде својот дух, а лавот се врати во пустината. Христијаните чесно го погребаа телото на светителот, славејки го Отецот и Синот и Светиот Дух, славениот за навек. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ БЛАГОВЕРЕН КНЕЗ ТЕОДОР, Смоленскиот и Јарославски Чудотворец

Блажениот кнез Теодор беше син на смоленскиот кнез Ростислав Мстиславович. Беше многу смерен и кроток. Од младоста ги засака Господа Христа и Пречистата Богомајка и водеше побожен и богоугоден живот. Како одличен војник Христов, тој во сѐ ја извршуваше волјата на својот Христос и бегаше од секоја неправда. Како праведен и милостив, тој многу се грижеше за сиромашните.

Кнезуваше благочестиво и богоугодно до длабока старост. Срдечно ги згрижуваше сирачињата и вдовиците, ништите и страдалниците, градеше и украсуваше храмови, многу постеше и беше ревносен во молитвите. Во длабока старост се разболе и, чувствувајќи дека тоа му е претсмртна болест, ги повика кај себе својата сопруга и децата, и им остави трогнувачки завет да живеат во љубов и мир. Потоа нареди да го однесат во манастирот и таму со голема радост прими од игуменот монашки постриг. Многу се радуваше и Му благодареше на Бога што го удостои на овој дар, за кој одамна чезнееше неговата душа. Пред самиот свој крај, тој прими голема схима. Откако се прости со сите се прекрсти и ја предаде својата душа во рацете Божји. Чесно беше погребан во храмот Преображение Господово. Неговите свети мошти и денес излеваат многу чудеса, во слава на нашиот Господ Исус Христос, Кому слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.