3. Октомври   (20. Септември)

ЖИТИЕТО И СТРАДАЊАТА НА СВЕТИОТ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ЕВСТАТИЈ ПЛАКИДА, неговата сопруга ТЕОПИСТИЈА и децата АГАПИЈ и ТЕОПИСТ

Во времето на царот Трајан во Рим живееше еден војвода на име Плакида, кој беше од висок и знаменит род, многу богат и во војните толку храбар, што самото негово име предизвикуваше страв кај непријателот. Уште за време на војувањето на римскиот цар Тит во Јудејската земја, Плакида беше многу истакнат римски војсководец и во сите битки се одликуваше со бестрашна храброст. По вера беше идолопоклоник, но во својот живот вршеше многу добри христијански дела: гладни хранеше, голи облекуваше, загрозени помагаше, многумина од окови и темница ослободуваше... Тој повеќе се радуваше кога на некој неволник ќе му помогнеше, отколку на своите славни победи над непријателите. Како некогаш Корнилиј, кој се спомнува во Делата Апостолски (Д. А.10, 1-48), беше совршен во сите добри дела, само што ја немаше светата вера во Господ Христос, без која добрите дела се мртви (сп. Јаков 2, 17). Плакида имаше сопруга, добродетелна како него и со неа два сина. Двајцата беа милостиви спрема сите, само им недостасуваше тоа што не Го познаваа единствениот вистински Бог и без да Го знаат Го почитуваа со своите добри дела. И човекољубивиот Господ, Кој сака сите да се спасат, не го превиде и овој добродетелен маж, и не го остави да загине, туку му го покажа патот кон спасението, на следниов начин.

Еднаш Плакида според својот обичај тргна со своите слуги на лов. Кога открија стадо елени, тој ги распореди своите коњаници и се здадоа во потера по нив. Наскоро Плакида го забележа најголемиот елен во стадото, побрза по него и еленот се одвои од стадото. Се одвои и Плакида од своите војници, трчајќи со мала дружина по еленот. Неговите сопатниците набрзо малаксаа и останаа далеку зад него. А Плакида со својот многу силен и брз коњ продолжи сам да го гони еленот, сѐ додека тој не истрча на една висока карпа и застана на неа. Плакида застана во подножјето на карпата и размислуваше како да го фати. Но, Себлагиот Господ, Кој со разни средства ги приведува луѓето кон спасение и со чудесни судбини ги изведува на патот на вистината, го улови самиот ловец, јавувајќи му се како некогаш на апостол Павле. Додека Плакида стоеше и долго го набљудуваше еленот, му се јави Господ Исус Христос на следниот начин:

Многу светол крст се јави меѓу роговите на еленот и тој на крстот виде подобие на телото на Распнатиот за нас Господ Исус Христос. И додека се чудеше на ова необично видение, му дојде глас од небото, кој говореше: „Зошто ме гониш, Плакида?“

Од овој божествен глас тој се преплаши, падна од коњот и лежеше на земјата како мртов. Кога одвај си дојде на себе, праша:

- Кој си ти, Господи, Кој ми зборуваш мене?

Господ му рече:

- Јас сум Исус Христос, Бог, Кој за спасението на луѓето се воплотив доброволно, претрпев страдања и крстна смрт и ти без да знаеш ме почитуваш Мене. Твоите добри дела и обилната милостиња излегоа пред Мене и Јас посакав да те спасам. Еве, ти се јавив да те уловам и присоединам во верните слуги Мои. Јас не сакам човекот, кој врши праведни дела, да загине во мрежите на ѓаволот.

Додека стануваше од земјата и повеќе не гледаше никого пред себе, Плакида рече:

- Сега верувам, Господи, дека си Ти Богот на небото и земјата и Творец на сите твари. Отсега на Тебе единствениот Ти се поклонувам и за друг бог освен Тебе не сакам да знам. Те молам, Господи, научи ме што да правам.

И му дојде глас кој говореше:

- Појди кај христијанскиот свештеник, прими од него крштение и тој ќе те поучи на патот кон спасението.

Плакида со радост и умиление падна на земјата и со солзи Му се поклони на Господа, Кој му се јави. И беше загрижен што досега не Го познавал вистинскиот Бог. Но, истовремено и се радуваше што се удостои на таквата благодат на познание на вистината и упатување на правиот пат. Се качи на коњот и весел се врати кај своите војници, без некому да каже што му се случи. Кога се врати дома на својата жена насамо и раскажа сѐ што виде и чу. А таа му рече:

- Минатата ноќ слушнав како некој ми вели: „Ти, твојот маж и твоите синови утре ќе дојдете кај Мене, ќе Ме познаете Мене, Исус Христос, вистинскиот Бог, Кој им давам спасение на оние што Ме љубат“. Затоа немој да одложуваме, туку брзо да го извршиме нареденото.

Кога падна ноќта Плакида испрати да побараат христијански свештеник, па ги поведе со себе жената и децата и некои од верните слуги и отиде кај свештеникот, кој се викаше Јован. Му раскажа подробно за јавувањето Господово и го молеше да ги крсти. Свештеникот Го прослави Бога, Кој од незнабошците собира луѓе угодни Нему, па ги поучи во Светата Вера и им ги кажа сите заповеди Господови. Потоа сотвори молитва и ги крсти во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. На светото крштение им беа дадени имињата: на Плакида - Евстатиј, на неговата сопруга Теопистија, а на синовите Агапиј и Теопист. По крштението свештеникот ги причести со Божествените Тајни, па ги отпушти, велејќи им:

- Бог, Кој ве просвети и повика во вечниот живот, секогаш да биде со вас. А кога во оној живот ќе се удостоите на сладосното гледање на лицето Божјо, спомнете ме и мене, вашиот духовен отец.

Така препородени со светото крштение, тие се вратија дома полни со радост, зашто благодатта Божја ги озари нивните души и срцата им ги исполни со такво блаженство, што им се чинело дека се на небото а не на земјата.

Утредента Евстатиј го оседла коњот, поведе со себе неколку слуги, па тргна божем на лов, на она исто место каде што му се јави Господ, за таму да Му се заблагодари за Неговите неискажани дарови. Кога стигна ги распрати слугите да бараат дивеч, а тој се симна од коњот, падна на земјата и со плач се молеше и Му благодареше на Бога за Неговата неискажлива милост. Во својата молитва тој се предаваше себеси на својот Господ, доверувајќи се целосно на Неговите блага и совршена волја, Он според Својата добрина да уредува за него сѐ, како што Самиот знае и сака. И доби тогаш Евстатиј откривање за напастите и неволјите што треба да го снајдат, зашто Го слушна Господ како му зборува:

- Евстатиј, потребно е на дело да ја покажеш својата вера, цврста надеж и срдечна љубов кон Мене. Сето тоа не се гледа во привременото богатство и суетната благосостојба, туку во сиромаштвото и во страдањата. Затоа тебе, како на втор Јов, ти претстои да претрпиш многу неволји и несреќи, за прекален како злато во оган да се покажеш достоен за Мене и да примиш венец од Моите раце.

На тоа Евстатиј рече:

- Господи, еве ме мене пред Тебе. Со мене прави што сакаш, подготвен сум со благодарност да примам сѐ од Твоите раце. Јас знам дека си Ти благ и милостив и како Татко милувајќи казнуваш. Зарем да не го примам од Твоите милосрдни раце татковското казнување? Навистина сум подготвен како слуга да носам и трпам сѐ што ќе се стави врз мене, само Твојата сесилна помош нека биде со мене.

И повторно Евстатиј слушна глас:

- Сакаш сега да претрпиш неволји или во последните денови од својот живот?

Евстатиј одговори:

- Господи, ако е невозможно да ги одбегнам искушенијата, тогаш дај сега да ги претрпам тие беди, само испрати ми ја Својата помош, за да не победи злото и да ме тргне од Твојата љубов.

Господ му рече:

- Биди храбар, Евстатиј, зашто благодатта Моја ќе биде со тебе и ќе те чува. Кога длабоко ќе те понижат, Јас ќе те издигнам и ќе те прославам, не само на небото пред ангелите, туку и пред луѓето ќе ти оддадам почитување. После многуте неволји ќе те утешам и ќе ти го вратам поранешниот чин. Но, ти немој да се радуваш на времената чест, туку на тоа што твоето име е запишано во книгата на вечниот живот.

Откако така разговараше со невидливиот Господ и прими од Него откривања, свети Евстатиј се врати дома многу радосен, горејќи со божествена љубов. На својата чесна сопруга ѝ раскажа сѐ, а не го затаи од неа и тоа што им претстојат многу напасти и неволји, кои заради Господа треба јуначки да ги претрпат. Благоразумната жена му рече:

- Волјата Господова нека биде со нас. Само треба срдечно да Му се молиме на Господа да ни подари трпение.

И живееја тие побожно и честито, се подвизуваа во пост и молитва, вршеа милостиња на потребитите повеќе од порано и беа поусрдни во сите добродетели. По некое време со допуштање Божјо наидоа болести и смрт врз нивниот дом. Им се разболеа сите домашни и за кратко време изумреа не само речиси сите слуги, туку и сиот добиток им загина. И бидејќи оние што останаа живи лежеа болни, немаше кој да ги чува складиштата на Евстатиј, та крадци ноќе го испокрадоа сиот негов имот. Но, тој не се натажи поради тоа и во сите тие искушенија не згреши пред Господа, туку Му благодареше и говореше како втор Јов:

- Господ даде, Господ зеде. Како што благоволеше Господ така и се случи. Нека е благословено името Господово (сп. Јов 1, 21).

Евстатиј ја тешеше својата сопруга да не тагува, а таа пак го тешеше него. Така и двајцата со благодарност трпеа, потпирајќи се на волјата на својот Господ и тешејќи се со надеж во милоста Божја.

Кога виде дека осиромашил, Евстатиј намисли да се сокрие од своите познаници во некоја далечна земја, и таму, без да го открие своето благородно потекло и високиот чин, да живее меѓу простиот народ во сиромаштво и смерност и така непречено и спокојно да Му служи на Господ Христос, Кој заради нашето спасение осиромаши и се понижи Себеси. За тоа се посоветува со својата сопруга и решија да заминат ноќе. Така и сторија. Потајно од своите домашни, кои беа останале многу малку, и тоа болни, тие ги зедоа своите две деца, наместо скапоцена облека облекоа искината, го напуштија ноќе својот дом, заради Бога оставајќи сѐ: и славата, и честа и богатството, кое Евстатиј, иако лишен од него, можеше лесно повторно да го здобие, бидејќи беше од знаменит род и сакан од царот и почитуван од сите. Но тој го отфрли сето тоа, за да Го стекне Бога за свој покровител. И странствуваше Евстатиј по непознати места, и се криеше да не биде препознаен. Се задржуваше меѓу најпростите и најнеписмени луѓе. Така, оставајќи ги своите богати палати, странствуваше овој Христов слуга, немајќи каде глава да засолни.

Наскоро царот и сите големци дознаа дека нивниот омилен војвода Плакида се сокрил незнајно каде и не знаеја што се случило со него. Сите многу го жалеа и трагаа по него, но не можеа да ја сфатат тајната Божја, која се чуваше со него.

Додека тој со своето семејство живееше во едно непознато место, неговата жена еднаш му рече:

- До кога, господару мој, ќе живееме овде? Подобро е да заминеме во далечна земја, за да не нѐ препознае некој и да станеме за потсмев на нашите познаници.

И така тие тргнаа кон Египет. Патуваа неколку дена и стигнаа до морето, каде се качија на еден кораб и отпловија. Господарот на коработ беше странец и многу суров човек. Соблазнет од убавината на Евстатиевата жена, тој намисли да ја грабне. Кога допловија до брегот каде што требаше да излезат, тој ја зеде за себе сопругата на Евстатиј како наплата за превозот. Евстатиј му се спротивстави, но не можеше да стори ништо, бидејќи свирепиот и нечовечен го извлече мечот и му се закануваше дека ќе го убие и фрли во морето. Немаше никој, кој би му помогнал, па тој со плачење падна пред нозете на тој зол човек, молејќи го да не го разделува од сопругата, но сѐ беше залудно. Тој му одговори:

- Ако сакаш да останеш жив, замолкни и заминувај одовде, инаку веднаш ќе умреш од овој меч и морето ќе ти биде гроб.

Евстатиј со своите две деца со солзи излезе од коработ, а господарот отплови. Колку тешка беше разделбата на богоугодниот човек со својата целомудрена и верна сопруга? Со очи полни со солзи и срца кои се кинеа од болка, тие се пратеа еден со друг. Ридаше Евстатиј со децата, стоејќи на брегот, ридаше на коработ и жената негова, насилно грабната од мажот и водена во непозната земја. И кој би ги искажал нивната болка, тага и ридање? Евстатиј стоеше на брегот сѐ додека исчезна коработ, па потоа тргна со своите малолетни деца. Додека одеа и плачеа, единствена утеха за душата на Евстатиј беше тоа што ова искушение го прими од рацете на Господа, без чија што волја не може ништо да се случи со него. Но, на неговите страдања сеуште не им беше дошол крајот, зашто наидуваа поголеми од досегашните. Тој сѐ уште не беше заборавил на својата прва болка, а друга веќе наближуваше. Тука неодамна се лиши од сопругата, а веќе и губитокот на децата на беше далеку од него. Продолжувајќи го својот пат, Евстатиј наиде на длабока река, на која немаше ни мост ни превоз, па мораше да ја преплива. Но, да се пренесат и двете деца одеднаш на брегот беше невозможно. Затоа Евстатиј го зеде едното дете на грбот и го пренесе на спротивната страна. Го остави таму и тргна назад, за да го пренесе и другото. Но, кога се наоѓаше на средината на реката, одеднаш слушна врисок на дете. Евстатиј виде како еден лав му го зграпчи синот и побегна со него во пустината. Ужаснат, тој лелекајќи гледаше кон ѕверот, сѐ додека не исчезна од неговите очи. Тој побрза кон другото дете, но пред да стигне на брегот дотрча волк, го зграпчи и го однесе во шумата. Опколен со несреќи од сите страни, Евстатиј стоеше среде реката, давејќи се во морето од своите солзи. Кој би можел да ги искаже страдањата на неговото срце и плачот и ридањето? Тој се лиши и од целомудрената сопруга, и од децата, кои му беа утеха во неволјите. И навистина е чудо тоа што овој човек од товарот на таквите маки не падна во водата, а остана жив. Нема сомнеж дека го крепеше во трпението десницата на Севишниот, зашто само Оној Кој допушти врз него такви искушенија, можеше да му даде такво трпение.

Кога излезе на брегот Евстатиј долго плачеше горко, па тажен го продолжи својот пат. Се тешеше само во Бога, во Кого цврсто веруваше, и не заропта кон Него и не рече: „Зарем за тоа ме повика кај Тебе, Господи, да се лишам и од сопругата и од децата? Таква ли е користа од верата во Тебе, да станам најнесреќен од сите луѓе? Така ли ги сакаш они кои веруваат во Тебе, разделени еден од друг да изгинат?“ Ништо слично и не помисли овој праведен и трпелив маж. Напротив, тој во длабока смиреност Му благодареше на Бога што Му е по волја Својот слуга да го види во неволји и беди, за во идниот живот да го утеши со вечна радост и веселба.

Бог, Кој прави сѐ за корист и Кој му допушта неволји на праведникот, не го казнуваше туку ја искушуваше неговата вера и храброст. Бог, Кој не ја сака жалоста на праведникот, туку неговото цврсто трпение и благодарење, како што и Јона во утробата на китот го сочува неповреден, така и двете деца на Евстатиј, грабнати од ѕверовите, ги сочува здрави. Кога лавот го носеше детето кон пустината, го здогледаа чобани и започнаа да викаат по него и лавот го пушти детето и побегна. Така и волкот кој го носеше другото дете, го здогледаа земјоделци, кои побрзаа по него и тој го остави детето и побегна. И чобаните и земјоделците беа од истото село. Тие ги зедоа децата и ги одгледаа.

Но, Евстатиј не знаеше ништо за тоа. Одејќи по патот, тој час Му благодареше на Бога, час победуван од човечката природа плачеше и велеше:

„Тешко мене! Некогаш бев богат, а сега сум беден и лишен од сѐ! Тешко мене! Некогаш бев во слава, а сега сум во срамота. Тешко мене! Некогаш бев имотен, а сега сум бескуќник. Бев некогаш како дрво лиснато и родно, а сега сум како исушена гранка. Бев опкружен во домот со пријатели, на улица со слуги, во војната со војници, а сега останав сам во пусто место. Но, не оставај ме Ти, Господи. Не превидувај ме Ти, Севидлив. Не заборавај ме Ти, Себлаги. Господи, не оставај ме целосно. Сети се, Господи, на зборовите Твои, кои ми ги рече на местото на Твоето јавување: „Ти претстојат многу неволји како на Јов“. Но, ете, со мене се случи повеќе отколку со Јов. Тој, иако се лиши од својот имот и слава, сепак лежеше на своето ѓубриште, а јас сум во туѓа земја и не знам каде да одам. Тој имаше пријатели кои го тешеа, а мојата утеха, моите мили дечиња, ги зграпчија диви ѕверови и ги изедоа. Тој, иако беше лишен од своите деца, од својата сопруга имаше некоја утеха и услуга, а мојата добра сопруга падна во раце на безбожен туѓинец и јас како трска во пустина се виткам од бура, бурата на моите горки страдања. Но, немој да се разгневиш на мене, Господи, што од тага зборувам вака, зашто зборувам како човек. Јас се крепам во Тебе, Промислителу мој и Градителу на патот мој, и на Тебе се надевам и Твојата љубов како ладна роса и нежен ветер го разладува огнот на мојата тага и желбата за Тебе“.

Зборувајќи така низ воздишки и солзи, Евстатиј дојде до едно село, викано Вадисис. Тој остана во тоа село и започна да работи како наемник кај тамошните жители. Работеше и се трудеше, иако не беше навикнал на работа и не знаеше да работи. Подоцна ги замоли луѓето од тоа село да им биде чувар на нивните жита, за што му плаќаа мал наем. Така проживеа во тоа село петнаесет години во тешка сиромаштија и смиреност. Во многу трудови и со пот на своето лице го јадеше својот леб. А кој би ги искажал неговите подвизи и доблести? Секој може да процени дека тој во таквото сиромаштво со ништо друго не се занимавал толку многу како со молитвата, постот, солзите, бдеењето и воздишките, со очите и срцето кон Бога и очекувајќи ја милоста од Него. Неговите деца растеа недалеку од него во соседното село, но тој не знаеше за нив, а и тие самите не знаеја едно за друго, иако живееја во исто село. А неговата жена, како некогаш Сара, ја чуваше Бог од оној човек, кој, кога ја зеде од праведниот сопруг, беше поразен со некоја болест и штом дојде во својата земја умре, оставајќи ја својата заробеничка чиста, без да ја допре. Така Бог ја чуваше Својата верна слугинка, та таа како птица се избави од ловечката стапица и по смртта на тој туѓинец живееше во мир, заработувајќи го за себе лебот со макотрпна работа.

Во тоа време иноплемениците војуваа против Рим и нанесуваа огромни штети, освојувајќи некои градови и области. Затоа царот Трајан беше во голема неволја и, сеќавајќи се на својот храбар војвода Плакида, говореше:

- Да беше со нас Плакида, нашите непријатели немаше да ни се потсмеваат. Тој беше страшен за нив, беше храбар и среќен во битките.

И се чудеше како необично се сокри Плакида со жената и децата, па испрати да го бараат, велејќи им на присутните:

- Оној што ќе ми го пронајде мојот Плакида, ќе го удостојам со големи почести и богато ќе го наградам.

Двајца добри војници Антиох и Акакиј, некогаш верни пријатели на Плакида, се понудија да го побараат, па макар да одат и на крајот на земјата. Царот се израдува и веднаш ги испрати во потрага. Тие пропатуваа многу земји, барајќи го својот омилен војвода по градовите и селата, и распрашувајќи се насекаде за него. Најпосле дојдоа до селото во кое живееше тој. Евстатиј во тоа време го чуваше житото во полето. Тој оддалеку ги препозна војниците, се израдува и плачеше од радост, па излезе на патот. Кога дојдоа до него и се поздравија по обичај, го прашаа кое е тоа село и се распрашуваа дали има тука некој непознат човек со таков И таков изглед, кој се вика Плакида. Евстатиј ги праша:

- Зошто го барате?

Тие му одговорија дека е нивен пријател, дека одамна го немаат видено и не знаат каде се наоѓа со жената и децата. Притоа рекоа дека ако некој им каже за него, богато ќе го наградат. Евстатиј им рече дека не го познава, ниту пак некогаш слушнал за него. Ги замоли да појдат кај него да се одморат, па потоа да се распрашаат за саканиот човек. Војниците тргнаа со него во селото, но не го препознаа. А тој ги препозна и одвај ги задржа солзите што му навираа на очите. А пак во тоа село имаше еден добар човек, кај кого Евстатиј најде засолниште. Тој ги одведе војниците кај него и го замоли да ги прими да се одморат и да ги угости. Притоа му рече дека ќе му испрати сѐ што ќе потроши за нив, зашто се негови познаници. Тој човек се погрижи за гостите, а Евстатиј им служеше и им принесуваше јадење. Притоа му доаѓаше во сеќавање неговиот поранешен живот: кога му служеа овие, на кои сега тој им служи и одвај ги задржуваше солзите, за да не го препознаат. Неколку пати излегуваше надвор за да поплаче, па повторно се враќаше, служејќи им како роб и прост селанец. Војниците често погледнуваа во него и забележаа дека многу личи на Плакида. Беа многу зачудени, започнаа да се сомневаат, па си рекоа:

- Плакида имаше длабока рана на вратот.

И кога ја видоа таквата рана на вратот на овој човек, скокнаа од трпезата, паднаа пред неговите нозе, го прегрнаа и плачеа од радост, говорејќи:

- Ти си Плакида, кого го бараме. Ти си царскиот миленик, по кого тој толку долго тагува. Ти си римскиот војвода, за кого сите војници жалат.

Тогаш на Евстатиј му стана јасно дека дошло времето за кое му прорече Господ, дека повторно ќе ги добие својот поранешен чин и чест, и им рече на војниците:

- Браќа, јас сум оној што го барате. Јас сум Плакида, со кого долго време војувавте против непријателот. Јас сум човекот, кој некогаш беше слава за Рим, страшен за иноплемениците, драг на вас, а сега беден, непотребен и непознат.

И настана голема радост меѓу нив и од радоста солзи. Војнците го облекоа во скапоцена облека како војвода, му го предадоа царевото писмо и срдечно го молеа веднаш да тргне со нив кај царот, велејќи:

„ Нашите непријатели започнаа да нѐ победуваат и нема посилен јунак од тебе, кој би ги победил.

Домаќинот и сите домашни, додека го слушаа тоа се чудеа и беа запрепастени. По целото село се пронесе глас дека во него се нашол голем човек. И сите жители се собраа како на големо чудо, и со восхитување го набљудуваа Евстатиј, облечен како војвода, на кого војниците му оддадоа долична почит. Антиох и Акакиј му раскажаа на народот за подвизите на Плакида, за неговото јунаштво, славата и благородството. А народот, кога слушна дека Евстатиј е толку храбар римски војвода, се восхитуваа и велеа:

- Колку голем човек живеел меѓу нас, служејќи ни како наемник.

И му се поклонуваа до земјата, говорејќи:

- Зошто, господине, не ни го откри своето високо потекло и чинот?

Му се поклонуваше и неговиот господар, во чија што куќа живееше, молејќи го да не му се лути што не му оддавал почит. И сите жители се срамеа што толку голем човек имаа за наемник, како да е роб.

После тоа војниците го качија Евстатиј на коњ и тргнаа назад во Рим. Сите селани го испратија далеку со голема чест. За време на патувањето Евстатиј разговараше со војниците и тие го прашуваа за неговата жена и децата. Тој им раскажа сѐ по ред, и тие плачеа слушајќи за неговите несреќи. Од своја страна и тие му раскажаа колку царот тагувал по него, и не само царот, туку и целиот дворец и војниците. И така за неколку дена стигнаа во Рим и го известија царот дека го нашле Плакида. Царот, опкружен со сите свои велможи, со чест го пречека Плакида, радосно го прегрна и го прашуваше за сѐ што се случило со него. Евстатиј му раскажа и сите беа потресени додека го слушаа. Тогаш царот му го врати неговиот поранешен чин, му додели поголем имот од порано и многу го збогати.

Целиот Рим се израдува на враќањето на Евстатиј. Потоа царот го замоли да тргне во војна против иноплемениците и да го заштити Рим од нивните наезди, па потоа да им се одмазди што зазеле некои градови. Евстатиј ги собра сите војници, но кога виде дека се малку, му предложи на царот да испрати наредба по целото царство, од сите градови и села, да собере способни момчиња и да ги испрати во Рим. И постапија така. Во Рим беа собрани многу млади и силни момчиња, способни за војна. Меѓу останатите беа доведени и синовите на Евстатиј, Агапиј и Теопист, кои во тоа време веќе беа зрели момчиња, многу убави и силни. Кога ги доведоа во Рим и ги изведоа пред војводата, тој многу ги засака, зашто самата родителска природа го привлекуваше кон децата и тој чувствуваше силна љубов кон нив. Иако не знаеше дека се неговите деца, сепак ги сакаше како свои и тие постојано се наоѓаа покрај него и седеа со него на трпезата, зашто му беа мили. Наскоро потоа Евстатиј тргна во војна против иноплемениците и ги победи со силата Христова. Тој не само што ги ослободи градовите и покраините заземени од нив, туку и сета непријателска земја ја освои и сета нивна војска ја победи. И така тој во својот Господ покажа поголема храброст од порано и однесе одлична победа, како никогаш порано.

Кога војната заврши и Евстатиј веќе мирно се враќаше во својата татковина, наиде на едно село, покрај една река, со многу живописна положба. Местото беше прекрасно за одмор и Евстатиј со своите војници се задржа тука три дена. Тоа се случи според волјата Божја, за Неговиот верен слуга да се сретне тука со неговата жена и децата, и расеаните да ги собере во едно. Неговата жена живееше во тоа село и имаше бавча, од која со голем труд се прихрануваше. По Божја промисла Агапиј и Теоклист, без да знаат нешто за својата мајка, го распослаа својот шатор покрај нејзината бавча, зашто одгледани во едно исто село, тие имаа заеднички шатор и братска љубов меѓу себе, иако не знаеја дека се родени браќа. Се сместија покрај бавчата на својата мајка за да одморат, а недалеку беше и логорот на војводата. Напладне нивната мајка работеше во својата бавча и го слушна разговорот на Агапиј и Теопист, кои во тоа време се одмораа во својот шатор. Тие се прашуваа еден со друг за своето потекло, при што постариот рече:

„Јас малку се сеќавам дека мојот татко беше војвода во Рим, па не знам зошто го напушти Рим со мајка ми. Не зедоа со себе мене и мојот помлад брат, зашто им бевме само ние двајцата. Уште се сеќавам дека дојдовме до морето и се качивме на брод. По пловидбата, кога излеговме на брегот, татко ми се симна и со него јас и брат ми, а нашата мајка, не знам зошто, остана на бродот. Се сеќавам и дека мојот татко многу плачеше за неа, а плачевме и ние со него, и плачејќи го продолживме патот. Кога дојдовме до реката татко ми ме остави на брегот, а помладиот брат го зеде на грбот и го понесе на спротивниот брег. Додека се враќаше по мене дотрча еден лав, ме фати и ме однесе во пустината, но чобани ме спасија од него и јас сум одгледан во селото кое го знаеш“.

Тогаш помладиот брат скокна, му се закачи за вратот со солзи радосници, говорејќи:

„Навистина ти си мојот брат! И јас се сеќавам на тоа! Со свои очи видов како те зграпчи лавот, а мене во исто време ме однесе волк, но земјоделци ме спасија од него!“

И така, откако се препознаа еден со друг, браќата радосни се прегрнуваа, бакнуваа и плачеа. Додека ги слушаше, мајката се восхитуваше. Таа ги крена очите кон небото со воздишки и солзи, бидејќи се увери дека тоа навистина се нејзините деца и нејзиното срце почувствува слатка радост после сите горки страдања. Но, како мудра жена, таа не смееше да им се јави без веродостоен доказ, зашто беше сиромашна, облечена во искината облека, а тие беа угледни и славни војници. Затоа реши да оди кај војводата, да го замоли да ѝ дозволи да се врати во Рим, заедно со неговата војска, надевајќи се дека таму полесно ќе излезе пред синовите и ќе се распраша дали нејзиниот сопруг е жив. И отиде кај војводата, застана пред него, му се поклони и рече:

- Те молам, господине, нареди со твојата војска да ме одведат во Рим, зашто сум римјанка. Веќе шеснаесет години изминаа откако иноплемениците ме доведоа како робинка овде. Сега сум слободна и скитам по оваа туѓа земја во крајна оскудица.

Добросрдечниот Евстатиј веднаш ѝ дозволи да се врати во својата татковина. Тогаш жената потполно се увери дека тоа е нејзиниот сопруг и стоеше запрепастена, како надвор од себе. Но Евстатиј не ја препозна. А таа, неочекувано доживувајќи радост врз радост, како некогаш жалост врз жалост, длабоко воздивнуваше и се молеше на Бога, плашејќи се да му каже на својот сопруг која е, зашто тој беше во голема слава, опкружен со многу доглавници, а таа најбедна сирота. И замина таа од неговиот шатор, молејќи се на својот Господ Бог, Тој да уреди да ја препознаат сопругот и децата. Но, подоцна начека згодна прилика и повторно отиде кај војводата, кој ја погледна и ја праша:

- Што уште сакаш од мене, старице?

Таа му се поклони до земја и рече:

- Те молам, господине мој, не лути ми се мене, слугинката твоја, што ќе те прашам за една работа, Ти стрпливо сослушај ме.

Тој ѝ одговори:

- Добро, зборувај.

И таа започна:

- Зарем ти не си Плакида, на светото крштение наречен Евстатиј? Зарем ти не Го виде Христа на крстот, меѓу роговите на еленот? Зарем ти заради Бога не го напушти Рим со жената и двете деца Агапиј и Теоктист? Не ја зеде ли од тебе твојата жена туѓинец на коработ? Верен сведок на небото ми е самиот Господ Христос, заради Кого претрпев многу напасти, дека јас сум твојата жена и дека со благодатта Христова сум сочувана од скверност, зашто оној туѓинец, кога ме грабна од тебе беше казнет од Бога и умре, а јас останав чиста и сега сирота скитам.

Од овие зборови Евстатиј како да се разбуди од сон, веднаш ја препозна својата жена, стана, ја прегрна и двајцата многу плачеа од голема радост. Евстатиј рече:

- Да Му принесеме пофалба и благодарност на нашиот Спасител Христос, Кој не ја сокри милоста своја од нас, туку како што вети дека ќе нѐ утеши по нашите неволји, така и стори.

И тие, радосни и расплакани, Му благодареа на Бога. Потоа жената го праша Евстатиј:

- Каде се нашите деца?

Евстатиј длабоко воздивна и ѝ одговори:

- Ги изедоа ѕверови.

Жената му рече:

- Не тагувај, господине мој. Како што Бог даде, та ние неочекувано се најдовме, така ќе даде да ги најдеме и нашите деца.

А тој забележа:

- Зарем не ти реков дека ги изедоа ѕверовите?

Тогаш таа започна да му раскажува сѐ што слушна вчера од двајцата војници, кои разговараа меѓу себе додека таа работеше во својата бавча.

Евстатиј веднаш ги повика кај себе тие војници и ги праша:

- Кажете ми за вашето потекло. Каде сте родени? Каде сте одгледани?

Тогаш постариот започна да раскажува:

- Господару, ние многу мали останавме без нашите родители и затоа и многу малку се сеќаваме на нив. Сепак, се сеќавам дека нашиот татко беше римски војвода како што си ти, но не знаеме што му се случи, та ноќе го напушти Рим со нашата мајка и нас двајцата. Исто така, кога со коработ го препловивме морето, не знам зошто нашата мајка остана на коработ. А нашиот татко, плачејќи за неа дојде со нас кај една река. И додека пренесуваше еден од нас преку реката и се враќаше по другиот и беше среде реката, нас не зграпчија ѕверови: мене лав, а мојот брат волк. Но и двајцата бевме спасени. Мене ме спасија и одгледаа чобани, а мојот брат земјоделци.

Евстатиј и неговата жена ги препознаа своите деца, па сите се прегрнаа и долго плачеа. И настапи голема радост во логорот на Евстатиј, како некогаш во Египет, кога браќата го препознаа Јосифа. И се пронесе глас по сите полкови дека нивниот војвода ги нашол својата жена и децата. Тогаш настапи голема радост и веселба меѓу целата војска. Тие никогаш така се немаа радувано на победите, како сега на овој радосен настан. Така Бог ги утеши Своите верни слуги, зашто Господ усмртува и оживува, осиромашува и збогатува (Цар. 2, 6-7). Бог фрла во неволји и изведува кон радост и веселба. И можеше тогаш Евстатиј со Давид да говори: „Дојдете и чујте сите вие, кои се боите од Бога, јас ќе ви раскажам сѐ што направи Он за душата моја“ (Псалми 65, 16).

Евстатиј се враќаше од војната со двојна радост. И додека сѐ уште беше на пат умре царот Трајан, а го наследи Адријан, кој беше многу ревносен идолопоклоник и ги гонеше христијаните. Бидејќи Евстатиј многу свечено влезе во Рим, според обичајот на римските војсководци, водејќи со себе многу заробеници и носејќи огромен воен плен, тој од царот и сите римјани најсвечено беше пречекан.

Неговата храброст се славеше повеќе од порано и сите уште повеќе го почитуваа. Но Бог, Кој не сака неговите слуги да бидат почитувани и славени во овој превртлив и непостојан свет со суетни и временски почитувања, зашто им приготвил на небото вечна и неминлива чест и слава, му предназначи на Евстатиј маченички пат. Злобниот Адријан посака да им принесе жртва на демоните, во знак на благодарност за победата над непријателите. Кога тој со своите големци влезе во идолскиот храм, Евстатиј остана надвор. Царот го праша:

- Зошто не сакаш да влезеш со нас во храмот и да им се поклониш на боговите? Би требало ти да влезеш пред другите, затоа што тие не само што те сочуваа во војната и ти дарија победа над непријателите, туку и ти ги вратија и жената и децата.

Евстатиј одговори:

- Јас сум христијанин и Го знам единствениот Бог, мојот Исус Христос. Него Го почитувам, Му благодарам и Му се поклонувам, зашто Он ми ги дари и здравјето, и победата, и сопругата и децата. А на глувите, неми и немоќни идоли, јас нема да им се поклонам.

И си отиде во својот дом.

Царот се разгневи и започна да размислува како да го казни што ги навреди боговите. По кратко време прво му го одзеде чинот, па како прост човек го повика на суд со жената и децата, и започна да ги советува да им принесат жртва на идолите. Но, бидејќи не успеа да ги натера, ги осуди ѕверови да ги изедат. И свети Евстатиј, тој славен и храбар војник, осуден на смрт со својата жена и синовите, одеше кон циркусот и не се срамеше од таквото бесчестие, ниту се плашеше од смртта за Христа, на Кого верно Му служеше, јасно исповедајќи го Неговото свето име пред сите. Тој ги бодреше и својата сопруга и децата да не се плашат од смртта, заради Животодавецот Господ. И тие одеа во смрт како на веселба, храбрејќи се еден со друг, со надежта во идната награда. Но ѕверовите не се допреа до нив. Кој ѕвер и да им притрчаше, веднаш се враќаше назад и ја наведнуваше пред нив својата глава. Тогаш царот уште повеќе се разгневи.

Утредента нареди да се вжешти метален вол и во него да се фрлат свети Евстатиј со жената и синовите. Во овој вжештен вол светите маченици беа како во Халдејската печка, со роса ладени како Светите Момчиња. Тука светите маченици Му се помолија на Бога и ги предадоа своите свети души во рацете на Бога и преминаа во Царството Небесно. По три дена дојде Адријан, за да го види правот на спалените маченици. Кога ја отвори вратата ги најде нивните свети тела недопрени од огнот, па дури ниту едно влакно од главите нивни не беше изгорело, а лицата им беа живи, како да заспале, и блескаа со некоја натприродна убавина. Сиот присутен народ таму извика:

- Голем е Богот христијански!

Царот засрамен се врати во својот дворец и сиот народ го обвинуваше што залудно го погуби војводата, толку неопходен за Рим, Христијаните ги зедоа чесните тела на светите маченици и долично ги погребаа, славејќи Го Бога, прекрасниот во Светиите Свои, Отецот и Синот и Светиот Дух, Кому и од нас чест, слава и поклонение, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ МИХАИЛ, кнезот Черниговски, и ТЕОДОР, болјаринот негов

Во 1238 година татарскиот хан Батиј ја нападна Руската земја со огромна војска, ги победи Руските кнезови и завладеа со неа. Многу градови беа разорени тогаш и земјата со меч и оган беше опустошена.

Во тоа време живееше благочестивиот Михаил, кнезот Черниговски. Тој уште од мал се одликуваше со доблесен живот, бидејќи Го засака Христа и Му служеше со сето срце. Од него зрачеше незлобивоста на душата и беше кроток, смирен, полн со љубов спрема сите и многумилостив кон сиромасите. Постојано Му угодуваше на Бога со молитва и пост и со најразлични добри дела ја украсуваше својата душа, така што ја направи прекрасно живеалиште на Бога, Творецот свој. Овој благочестив кнез имаше свој омилен болјарин, на име Теодор, кој му беше сличен во сѐ. Заедно со него кнезот Михаил и пострада од нечестивиот Батиј, полагајќи ја својата душа за Христа.

Руските кнезови му плаќале данок на царот Батиј и му оделе на поклонение. Кај царот Батиј имало обичај, кога некој од руските кнезови доаѓал да му се поклони, татарските жреци и вражачи го поминувале низ оган и од подароците што ќе ги донесел тој, фрлале во огнот како жртва на идолите. Поминувајќи го низ огнот, тие дотичниот го приморувале да им се поклони на сонцето и идолите, па потоа го пуштале кај царот. Многумина од руските кнезови, од страв пред царот, а и за да останат на власт, го исполнувале сето тоа, Минувајќи низ оган и поклонувајќи им се на идолите, тие го добивале бараното од царот.

Кога слушна дека многу руски кнезови, прелестени од славата на овој свет, им се поклониле на идолите, благочестивиот кнез Михаил многу тагуваше и од ревност за својот Господ Бог реши да отиде кај неправедниот и зол цар, бестрашно да Го исповеда пред него Христа и да ја пролие својата крв за Господа. За оваа своја одлука кнезот Михаил му раскажа на својот верен советник Теодор. А тој, благоразумен и цврст во верата, ја пофали ваквата одлука и вети дека нема да го напушти до самата смрт и заедно со него ќе ја положи својата душа за Христа.

Тие се подготвија за пат, се простија со своите и тргнаа со молитва кон Бога и желба за маченички венец. Кога стигнаа во местото каде што беше безбожниот цар Батиј, за тоа веднаш беше известен царот. Тој ги повика своите врачеви и жреци и нареди Черниговскиот кнез според обичајот да помине преку огнот и да го примораат да им се поклони на идолите, па потоа да го изведат пред него. Кога дојдоа кај кнезот, врачевите и жреците му рекоа:

- Те бара големиот цар.

И го поведоа. По него како по свој господар тргна и неговиот болјарин Теодор. Набрзо стигнаа до местото каде што беше подготвен огнот, а по средината имаше пат, по кој веќе многумина минуваа. По тој пат жреците сакаа да го поминат и кнезот Михаил. Но, тој рече:

- На христијаните не им доликува да минуваат низ огнот, кој што незнабошците го сметаат за бог. Јас сум христијанин и нема да поминам, ниту ќе ѝ се поклонам на тварта, зашто Му се поклонувам на Творецот, Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот Бог во Троица, Создателот на небото и земјата.

Од овие зборови вражачите и жреците се засрамија и разгневија, па го оставија и побрзаа да го известат царот, кој веднаш испрати кај кнезот Михаил еден од своите први доглавници, по име Елдега, со ваква порака:

„Големиот цар ти вели вака: Зошто не ѝ се покоруваш на мојата наредба и не им се поклонуваш на моите богови? Еве, сега пред тебе се животот и смртта. Одбери го едното. Ако ја извршиш мојата наредба, не само што ќе останеш жив, туку ќе добиеш и голема милост од мене и ќе станеш самостоен господар во своето кнежество“.

Светиот кнез Михаил ни најмалку не се исплаши од оваа порака, туку бестрашно одговори:

„Кажи му на царот: Вака ти вели кнезот Михаил, слугата Христов. Тебе царе, од Бога ти се врачени царството и славата на овој свет и десницата на Севишниот заради нашите гревови нас нѐ покорила под твојата власт. Затоа сме должни да ти се поклонуваме како цар и да ти укажуваме почит, како што му доликува на твоето царско достоинство. Но, да се одречеме од Христа и да им се поклониме на твоите богови, тоа нема да се случи! Тие не се богови, туку творби. Нашите пророчки писма вака велат: „Боговите, кои не се створители на небото и земјата, нека пропаднат“ (Ерем 10, 11). Зарем има нешто побезумно од тоа, човек да го остави Творецот и да ѝ се поклонува на тварта?

На тоа Елдега му рече:

- Ако не ја исполниш царската наредба, веднаш ќе бидеш погубен!

Светителот одговори:

- Јас не се плашам од смртта, со помош на која ќе се удостојам на вечноста со Бога. Нема потреба многу да се зборува. Христијанин сум, Го исповедам Творецот на небото и земјата, цврсто верувам во Него и со радост ќе умрам за Него.

Кога виде дека ниту со ласкања, ниту со закани не може да го натера кнезот Михаил да ја изврши царската наредба, Елдега отиде кај царот и му раскажа сѐ што слушна од него. Царот побесне од лутина и им нареди на присутните веднаш да го убијат, Слугите веднаш се стрчаа како пси, односно како волци врз овца. Во тоа време светиот маченик беше заедно со Теодор. Без страв од смртта, тие пееја псалми и срдечно се молеа на Бога. Кога ги здогледаа убијците кои трчаа кон нив, тие започнаа да пеат: „Мачениците Твои Господи многу маки претрпеа и во љубовта Твоја ги соединија душите свети“.

Кога убијците стигнаа, го зграбија кнезот Михаил за рацете и нозете, го положија на земјата и долго го тепаа немилосрдно по целото тело, така што земјата се зали со крв. А Михаил трпеше и само повторуваше: „Христијанин сум“.

Меѓу царските слуги имаше еден на име Доман, кој порано бил христијанин, па се одрекол од Христа, и ја примил нечестивата татарска вера. Кога виде како светиот кнез јуначки ги поднесува маките, овој отстапник го извади својот нож, го фати кнезот за главата, му ја отсече и ја фрли, а главата и понатаму исповеднички говореше: „Христијанин сум“.

После тоа нечестивите мачители му пристапија на благочестивиот Теодор и му рекоа:

- Исполни ја царската наредба, па не само што ќе останеш жив, туку и големи почести ќе доживееш од царот и ќе го наследиш кнежеството на својот господар.

Но, свети Теодор одговори:

- Јас не го сакам кнежеството на мојот господар, ниту ми се потребни почестите од вашиот цар. Само сакам да одам кај Христа Бога по истиот пат по кој што отиде мојот господар, зашто и јас како и тој верувам во единиот Христос, Творецот на небото и земјата, и сакам да пострадам и да умрам за Него.

Убијците веднаш го зграпчија и немилосрдно го мачеа како и свети Михаил. Најпосле му ја отсекоа чесната глава, велејќи:

- Оној што не сака да се поклони на пресветлото сонце, не е достоен и да гледа во сонцето.

Светите маченици Михаил и Теодор ги предадоа своите души во рацете на Господа, на 20 септември 1246 година. Нивните свети тела беа фрлени на кучињата, но тие многу денови лежеа недопрени од никого. Благодатта Христова ги чуваше неповредени. Покрај тоа над телата на мачениците се појавуваше огнен столб, кој силно блескаше и секоја ноќ се гледаа свеќи како горат. Христијаните, кои во тоа време се затекнаа таму, тајно ги зедоа чесните тела на светите маченици и чесно ги погребаа.

Наскоро потоа злиот цар на страшен начин загина во војната со Унгарците и доби дел во пеколот, а светите маченици го наследија Царството Небесно и вечно Го слават Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ИЛАРИОН

Татковина на светиот преподобномаченик Иларион му беше островот Крит. Како чедо на христијански родители, тој на светото крштение го доби името Јован. Одгледан од родителите во побожност и научен на книга, Јован уште од млад имаше добро расположение на душата. Стрикото на Јован, кој беше лекар, еднаш го одведе со себе во Цариград. Кај него остана над десет години, но ништо не научи, поради што многу се каеше. Затоа замина од него и стапи на служба кај еден трговец, на име Франческо. Еднаш Франческо отиде на островот Хиос а дуќанот им го довери на Јован и неговиот другар, кој исто така служеше кај него. Кога се врати од пат изврши преглед на сметките, најде дека му фалат пари и го обвини Јован за кражба. Тој му се закануваше дека ќе го даде на суд, ако не му ја исплати означената сума. Во таквата тешка ситуација Јован му се обрати на својот стрико за помош, но тој грубо го одби. Во ваквата безизлезност и, не можејќи да ја поднесе клеветата, Јован падна во очајание. Во такво мрачно расположение на душата, нему лукавиот враг му стави мисла да се обрати за помош кај мајката на султанот. И навистина Јован отиде во дворот каде што живееше султановата мајка. Таму го изведоа пред Баш-ага, на кого Јован му ја раскажа својата мака, молејќи го за помош. Баш-ага пријателски го прими Јован и меѓу останатото му рече:

„Многу ќе те усреќам и во иднина ќе ти помагам во сѐ, ако поверуваш во Мухамед“.

Несреќното момче, заведено од ветувањата на агата и со мисла дека најпосле ќе се пресмета со газдата, без никакво размислување изјави дека ќе ја прими мухамеданската вера. Баш-ага веднаш ја извести султанијата, а таа пак царот, и несреќниот отпадник веднаш го приклучија кон муслиманската вера и го извршија над него обрезанието. Потоа го облекоа и му одредија учител, за да го учи на турска писменост. По повод тој настан во дворот беше приредена голема свеченост, а Баш-ага, за да биде радоста поголема, го посини Јована и го вброи во дворските службеници.

Сепак таа радост не траеше долго. Човекољубивиот Бог, Кој секогаш е близу до оние кои Го бараат и Му се обраќаат, покажа милост и кон овој отпадник. По три дена, под влијание на благодатта Божја, Јован си дојде на себе, ја увиде својата заблуда, па каејќи се одлучи да побегне од дворецот. По дванаесет дена го напушти дворецот засекогаш, отиде кај својот поранешен духовник, јеромонахот Симеон, кој не го препозна и го праша кој е и што сака. Јован му одговори дека е неговиот духовен син Јован, а тој го праша:

- Тогаш што бара врз тебе турска наместо христијанска облека?

Јован му одговори:

- О, оче, јас поради тоа и дојдов кај тебе, за да се очистам себеси од оваа нечиста облека.

Тогаш му раскажа сѐ што се случи со него, молејќи за совет и помош и како да се спаси од можната потера.

Слушајќи го Јовановото искрено каење, духовникот тагуваше заедно со него, па отиде до својот духовен син, руски трговец, да се посоветува со него за Јован. Трговецот како вистински христијанин се израдува на покајанието на отпадникот и тие се договорија да го испратат Јован во Русија. Така и сторија. По два дена, преоблечен во руска носија, го упатија на Крим.

Јован помина десет месеци на Крим. За сето време душата му немаше спокој, срцето му тагуваше и силно страдаше од помислата што се одрече од Христа. Затоа, за да се помири со својата совест и со Бога, тој реши да се врати во Цариград и таму да прими маченички подвиг. Во Цариград повторно отиде кај својот духовник, јеромонахот Симеон, и му раскажа дека за сето време од својот престој на Крим, не можел да се помири со Бога и дека потајна мисла го тера пред турците да ја исповеда христијанската вера и својот пад да го измие со својата крв, примајќи маченичка смрт. Мудриот духовник го посоветува одеднаш да не оди во така страшен подвиг, туку најпрвин да појде на Света Гора, и таму, меѓу големите старци да се подготви за страдањето за Христа.

Јован послуша и набрзо отиде на Света Гора. Таму стапи во Иверскиот манастир и им раскажа на иверските старци за својот пад и за себе. Откако го сослушаа со полно сочувство, старците го посоветуваа да стапи во Претечиниот Скит, под раководство на духовникот Сергиј. Но, тој не го прими кај себе, туку го упати во скитот на Света Ана, кај јеромонахот Висарион, кој година дена пред тоа го испратил преподобномаченикот Лука на подвигот на мачеништвото во Митилина. Кога дојде во скитот на Света Ана, Јован најпрвин му се обрати на духовникот Методиј, му ја раскажа сета своја мака и го молеше да се завземе јеромонахот Висарион да го прими кај своите свети браќа. А Висарион, можеби сакајќи да испита дали Јован има цврста намера да стане негов ученик, на почетокот го одби, така што молбите на духовникот Методиј немаа никакво влијание. Меѓутоа Јован, додека стоеше пред нив како осуденик, ронеше горки солзи кои најпосле го омекнаа Висариона, та тој го прими, под услов никој да не знае за тоа.

Откако го прими под своето раководство, Висарион го поведе Јована кон подвижништвото, по тешки и мачни патишта. А по извесно време, за поголемо безмолвие - молитвено самување и тихување, го заклучи на четириесет дена во една ќелија во запустениот скит на свети Василиј Велики, откако му одреди правило за псалмопеење и молитва. Но ѓаволот, сакајќи да го попречи започнатиот доблесен живот на подвижникот Христов, започна да му испраќа страшила, особено ноќе, така што Јован не беше во состојба да ги поднесува повеќе и ноќта во дванаесеттиот ден побегна од своето затвореништво, се врати кај старецот и смирено го молеше да му прости што не ја исполнил неговата волја. Притоа го замоли преподобниот Висарион да му даде ќелија покрај себе. Старецот се согласи и му наложи да продолжи со поранешното правило и да се храни само со леб и вода.

По некое време Јован започна да го моли преподобниот да го постриже во ангелскиот лик. Старецот го пострижа со името Иларион. По приемот на монаштвото Иларион ги удвои подвизите, подржувајќи ги во сѐ подвижниците Христови, крепејќи ја својата душа со пост, бдеење и молитва.

Еднаш додека го читаше новиот Мартиролог, Иларион многу се воодушеви од желбата да пострада за Христа. Таа желба му ја соопшти на својот духовник и го молеше да го благослови. Старецот го одби и го посоветува добро да се испита себеси. Притоа му рече:

- Можеби таква желба се родила кај тебе со дошепнување од ѓаволот, кој сака да ти ја смути душата и да те фрли во самоволие.

Но Иларион започна уште поусрдно да го моли старецот да го благослови на маченички подвиг и беше непоколеблив во својата намера и решеност. Иако виде дека таа желба се јавила кај него од благодатта Божја, но, немајќи доверба во себе, старецот се посоветува со духовникот Методиј и својот старец Јоасаф и тие заедно го убедуваа Иаларион да ја остави својата намера и во безмолвие да го гради своето спасение. Меѓутоа тој со солзи започна да ги моли да го испратат на страдалнички подвиг. Гледајќи ја неговата цврста решеност, старците решија да му дадат благослов за големиот и страшен подвиг, да пострада за исповедањето на името Христово.

Кога ја слушна согласноста на искусните мажи, Иларион се израдува, падна пред нозете на Висарион и започна да го моли да го придружува на патот на мачеништвото, како што го подржувал и преподобномаченикот Лука. Но Висарион одбиваше, велејќи:

- Лука беше толку млад, што имаше шеснаесет години и беше потребно да бидам со него и да го крепам, а ти имаш дваесет и шест години и си потполно зрел. Затоа нема потреба да те пратам. Но мојот дух и мојата грешна молитва за тебе, ќе бидат постојано со тебе.

Од ова одбивање на старецот, Иларион викна да плаче и тоа ги трогна сите, та старците Методиј и Јоасаф започнаа да го молат да му ја исполни желбата. Висарион се согласи и набрзо потоа започна да се подготвува за пат. Во тоа време на Атон живееше поранешниот вселенски патријарх Григориј, на кого Висарион му ја откри тајната за својот престоен пат. Светиот се израдува, изврши за маченикот архиерејска молитва и го благослови нивниот пат. Висарион и Иларион ја напуштија Света Гора на 10 септември и во Цариград стигнаа на 16 септември, во петок. Утредента старецот го причести Иларион со Светите Христови Тајни, кои ги беше зел со себе. Ноќта помеѓу сабота и недела тие ја поминаа во бдение и молитви. Таа ноќ беше одржано бдение и за нив во скитот на Света Ана, бидејќи Иларион на тргнување во Цариград беше замолил наредната недела да се отслужи за нив бдение, а потоа во текот на една седмица секојдневно да се врши молепствие во храмот Божји, Господ да им помогне да ја одржат верата и да го завршат подвигот.

За поткрепа на маченикот Господ му откри во сон сѐ што треба да се случи со него. Утредента Иларион му го раскажа на старецот својот сон и му го покажа местото каде што ќе му биде отсечена главата. Потоа претскажа дека неговото тело, кое ќе биде во власт на турците, христијаните ќе го откупат и самиот старец ќе го погребе со своите раце. Сето тоа навистина и се случи, како што ќе се види понатаму.

Во недела старецот уште еднаш го причести Иларион со Светите Тајни. Потоа го облече во турска облека и го испрати до дворецот, во кој Иларион порано се одрече од Христа. Тој влезе внатре, се јави кај Баш-ага и преправајќи се како да се израдувал што го видел таткото кој го посинил, му ја бакна раката. А Баш-ага започна да го распрашува каде бил цели шеснаесет месеци и зошто не е во дворска облека како порано. Маченикот му одговори дека патувал во Русија и бидејќи немал доволно пари, ја продал скапата облека и си купил проста за себе. Потоа одеднаш го промени разговорот и со тивок глас започна да му зборува на агата:

- Нема да кријам од тебе поради што сум дојден ваму. Кога станав турчин само три дена живеев мирно. Но, потоа си дојдов на себе и започнав многу да се каам за својата заблуда. По дванаесет дена побегнав од овој дворец и отидов во Русија. Многу солзи пролеав, многу страдаше мојата душа, не можеше да ги најде мирот и онаа светост од порано. Но, откако се убедив дека вашата вера не е ништо друго освен заблуда и измама, а христијанската е вистинска и спасоносна, јас ја оставив заблудата и повторно станав христијанин. Еве, сега ја проколнувам вашата вера, заедно со сета ваша привидна светиња и обреди.

Кога слушна такви навредливи зборови, агата сакаше да го запре да зборува, но Иларион го замоли да го сослуша до крај и продолжи:

- Многу добра доживеав од тебе, меѓу останатото и тоа што ме посини и приближи до царот. Не сакам да останам неблагодарен за твојата благонаклонетост и внимание, па те преколнувам послушај го мојот совет. Ајде да заминеме во Русија и таму ти ќе ја примиш христијанската вера и ќе ја спасиш својата душа за вечен живот, а јас постојано ќе бидам со тебе и ќе ти служам како на татко, сѐ до смртта. Поголема од оваа благодарност не наоѓам.

Баш-ага многу се разлути и започна да го тепа со чибукот, сѐ додека чибукот не му се искрши на парчиња. При таа врева дојдоа многу дворски службеници. Маченикот ги трпеше ударите и кротко му одговори на својот мачител:

- Таква ли е твојата благодарност за тоа што те посоветував да ја оставиш темнината и да ѝ пристапиш на светлината?

Баш-ага од бес, и не верувајќи им на своите очи дека сето тоа навистина се случува, го праша маченикот:

- Несреќнику, што се случило со тебе?

Маченикот одговори:

- Со мене навистина се случи чудо. Оној од Кого јас пред тебе се одреков, повторно според Своето човекољубие ме прими во Свое наследство. Неговата божествена благодат се допре до моето срце и јас сега ја проколнувам вашата вера, со сите ваши обреди.

Додека го зборуваше тоа Иларион ја фрли чалмата од својата глава, ја згази под нозете и ја стави на главата монашката скуфија што ја носеше под пазувите.

Од сето тоа агата се распукнуваше од гнев, но, бидејќи по секоја цена сакаше да го наговори маченикот да се одрече од Христа, започна да му ласка, да го наговара и да му ветува големи почести, но страдалникот остана непоколеблив. Штом виде дека не му успева, агата го испрати кај аѓутантот на султанијата, пред кој светиот маченик не само што не се одрече од Христа, туку започна да го советува да ја прими христијанската вера.

После тоа го испратија кај Бостанџи-паша, кој беше началник на дворската стража. И тој најпрвин со ласкања и разни ветувања започна да го мами Христовиот страдалник да се одрече од христијанската вера, но кога виде дека е залудно тоа, нареди да го мачат. Му ги растегнуваа зглобовите, му ги кршеа рацете и нозете, но во сите тие маки, помаган и крепен од Христа, јуначки и трпеливо ги поднесуваше сите страдања.

После ова луто мачење го упатија кај Капти-паша, кој три пати го стави на страшни маки, па потоа му ги заби нозете во клада и го фрли во мрачна темница. Во темницата Христовиот маченик се удостои да се причести со Светите Тајни, кои неговиот старец Висарион му ги достави преку еден благочестив христијанин.

Во третиот ден, во вторник, кога во Портата заседаваше Државниот совет, маченикот Иларион беше изведен пред Советот како обвинет, кој заслужува строга казна. Штом стапи во судницата, без да чека да биде прашан, тој му се обрати на судијата и рече:

- Ве молам, господине судија, да бидам сослушан. Сега е трет ден откако допатував во Цариград, за на достоен начин да му заблагодарам на својот добротвор Баш-ага, за неговото покровителство над мене и му предложив заедно со мене да замине во Русија и таму да ја прими христијанската вера. Но, тој се покажа толку неблагодарен, што за сето тоа не само што ме натепа, туку дури ме предаде и на немилосрдни мачители, од кои доживеав страшни мачења.

- Кој си ти? - го праша претседателот.

- Христијанин сум - одговори маченикот.

- Ајде читај ги салаватите (односно исповедањето на муслиманската вера), - повикаа другите со закани.

- Нека е проклета вашата муслиманска вера! - гласно и бестрашно рече свети Иларион. - Со мене правете што сакате! Ништо не може да ме одврати од љубовта и верата во мојот Господ Исус Христос!

- Несреќнику, ти до неодамна самиот доброволно ја исповедаше нашата вера, никој не те присили на тоа, а сега се одрекуваш.

- Да, навистина јас го сторив тоа, но го сторив од неразумност, притиснат од приликите. Главен виновник за сето зло е ѓаволот, кој ме заведе преку своите слуги. Но, штом ја видов вистината и ја сфатив својата заблуда, јас ја оставив темнината и ѝ пристапив на светлината. Затоа сега и вас ве советувам да ги оставите својата заблуда и лажниот пророк Мухамед, да поверувате во нашиот Искупител Исус Христос и да го наследите Царството Небесно и животот вечен.

Кога ја видоа непоколебливоста на маченикот, судиите го осудија да му се отсече главата. Тоа беше сторено во истиот ден, Кога светиот маченик го доведоа на губилиштето, кое беше онакво какво што однапред му беше покажано, и за што тој му претскажа на својот старец, страдалникот Христов клекна на колена и ја стави својата глава под мечот. Џелатот го спушти тешкиот меч и неговата глава одлета од телото, додека устата сеуште го шепотеше Символот на верата, како што јеромонахот Висарион му беше заповедал. Така свети Иларион пострада на 20 септември 1804 година во вторник, во 6 часот попладне, а неговата света душа сега се радува во ликот на светите исповедници Христови.

Штом беше погубен, еден христијанин Никола, кој сето тоа внимателно го набљудуваше, веднаш го извести јеромонахот Висарион, кој со радост побрза да ги види моштите на светиот маченик, ученикот свој. Оттаму отиде во Патријаршијата и го замоли протосингелот Јоаникиј да ги поттикне христијаните да ги откупат од турската стража светите мошти, бидејќи веќе се беше пронел глас дека турците по три дена ќе ги спалат или ќе ги фрлат во морето, како што пропишува законот. Така неколку побожни христијани го откупија светото тело. И старецот Висарион чесно го погреба на островот Прота, во црквата Преображение Господово. Еден дел од облеката и косата на светиот маченик Иларион благочестивите христијани поделија меѓу себе за осветување. И на Господа Му беше угодно чесните мошти на светиот маченик веднаш да ги прослави со чудеса.

Така еден христијанин, кој од Цариград беше дошол на погребот на светиот маченик, се исцели од својата долгогодишна хронична болест, штом се поклони на угодникот Божји и ги целиваше неговите свети мошти.

Едно девојче од осум години, во кое што имаше нечист дух, старецот Висарион на враќање од погребот кон Цариград, го исцели откако положи врз него парче од облеката и дел од косата на маченикот, обраќајки му се со молитва: „Свети Иларионе, помогни ми во овој час“.

И уште многу други чудеса се случуваа од чесните мошти на светиот преподобномаченик Иларион.

По неговите молитви и посредство да се удостоиме и ние да го добиеме Царството небесно од Христа Бога, Кому Му доликува чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ МАРТИН, папата Римски

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЈОВАН, кој се подвизувал на Крит

По потекло беше од селото Сива на Крит. Живеел и се подвизувал на Крит во 10 век. Подигнал многу цркви и манастири. Мирно се претставил во селото Акта, во областа Кисамска на Крит, каде и до денес е сочуван храм посветен на него.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ НАШИ: МАКСИМ ИСПОВЕДНИК и ДВАЈЦАТА негови ученици со исто име АНАСТАСИЈ

За свети Максим Исповедник видете опширно под 21 јануари.

Овие двајца маченици со исто име Анастасиј беа негови ученици. Гонети и мачени, тие во сите мачења останаа бестрашни. На едниот му ги отсекле десната рака и јазикот и го држеле во заточение дваесет години. Другиот го фрлиле во темница, во која и се претставил. Поопширно за нив видете во Житието на свети Максим, под 21 Јануари.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ИСПОВЕДНИЦИ ТЕОДОР и ЕВПРЕПИЈ

И тие беа ученици на свети Максим Исповедник (чиј спомен е на 21 јануари). Теодор поминал дваесет години во прогонство, па отишол кај многу саканиот Господ. Евпрепиј бил страотно раскинуван и злоставуван во текот на цела година, па се преселил кај Господа. Така тие ги примиле бесмртните венци на исповедништвото.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ЈОВАН ИСПОВЕДНИКОТ и со него 40 маченици

Родум е од Александрија, а посечен за време на царувањето на Максимијан, околу 310 година, во Палестина. Заедно со него пострадале и други четириесет маченици.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АРТЕМИДОР и ТАЛ

Пострадале за Господа посечени со меч. Според некои Тал се викал Талалеј