4. Октомври (21. Септември)
СПОМЕН НА СВЕТИ АПОСТОЛ КОДРАТ
Свети апостол Кодрат е еден од седумдесетмината Апостоли. Го проповедаше словото Божјо во Атина и во Магнезија, каде што беше и епископ. Со својата проповед многумина привлече кон светлината на богопознанието.
Според зборовите на Исус Сирахов: „Тој беше како утринска ѐвезда среде облаци“ (Ис. Сир. 8,6), зашто темните облаци беа многубожечкото безбожие, туѓо на светлината на побожноста, и тие луѓе седеа во темнината и сенката на смртта. Меѓутоа свети апостол Кодрат со словото Божјо заблеска како голема светлина, ја развеа нивната темнина, ги уништи поганите жртви и со својата молитва ги сруши идолите и ги разори демонските храмови. Како некогаш ѕвездата на источните цареви, така и тој на луѓето им го покажа патот кон Христа. Како што утринската ѕвезда го води зад себе сонцето, така и тој ја воведе во светот големата светлина на верата и ги осветли мрачните човечки души. Но, темнината отсекогаш ја мрази светлината. Така и многубожните безбошци, гледајќи како Кодрат ги руши нивните идоли, истерува ѓаволи и го искоренува зловерието, кренаа гонење против него и го каменуваа, како некогаш евреите светиот првомаченик Стефан. Но, иако затрупан со камења, со благодатта Христова свети Кодрат беше сочуван жив. Потоа го затворија во темница и долго го мачеа со глад. Бедните идолопоклоници го лишија од телесната храна оној што душите им ги наситуваше, не со минлива туку со храна која останува за живот вечен. Тие светителот го измачуваа со глад, а самите тие гинеа од гладта за која Светото Писмо говори: „Не глад за леб, туку за слушање на зборовите Господови“ (Амос 8, 1). Откако не успеаја да го усмртат со глад светителот, кој постојано се крепеше со божествена храна одозгора, самите умреа во вечната смрт. А свети Кодрат, иако умре после многуте мачења, сепак неговата душа живее во Царството Небесно и се насладува со рајското блаженство. Тој го заврши подвигот на своето страдање за време на царот Адријан, а го отпочна вечниот живот со Царот на славата Исус Христос. Со Него страдаше и со него и се прославува во Царството Небесно. А пак неговото свето тело, погребано во Магнезија, точи многу исцеленија за болните.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ СВЕШТЕНОМАЧЕНИЦИ: ИПАТИЈ ЕПИСКОПОТ и АНДРЕЈ ПРЕЗВИТЕРОТ
Овие светители беа родум од Лидискиот крај. Како деца тие заедно се учеа на книга во една обител, се украсуваа себеси со секоја добродетел и многу напредуваа. Кога пораснаа Ипатиј се замонаши за да Му служи на Бога во безмолвие, а Андреј се посвети во служба на човечките души. Тој стана клирик, срдечно го проповедаше словото Божјо и ревносно ги поучуваше христијаните во црквата. И двајцата се одликуваа со големо воздржание, смиреноумие и нелицемерна љубов кон сите. Кога дозна за нивниот доблесен живот, архиепископ Ефески ги повика кај себе и откако доби голема корист од разговорот со нив, многу ги засака. Тој го постави Ипатиј, иако тој одбиваше, за епископ на Асиската црква, откако рече:
- Не треба таков светилник да остане во пустината, туку да биде на епископскиот престол и да ја просветува Црквата со учењето Христово.
А пак Андреј го ракоположи за свештеник.
И блескаа овие два светилника во Црквата Божја, просветувајќи ги луѓето со своето премудро учење и чистиот живот. Меѓутоа грчкиот цар Лав Исавријанин крена гонење против светите Икони и по целото царство издаде заповед Иконите да се исфрлат од храмовите Божји. Тој најстрого нареди никој да не смее да им се поклонува. Тогаш и светите учители Ипатиј и Андреј се кренаа против иконоборците, учејќи ја својата паства да не ја слуша безбожната царска наредба. Царот веднаш нареди да ги доведат и долго ги убедуваше да се откажат од почитувањето на светите Икони. Тој и своите мудреци ги вовлече во препирки со нив, но не успеа да ги поколеба овие цврсти столбови на Црквата. Тогаш ги затвори во темница и долго ги држеше во неа, трудејќи се на сите можни начини да ги придобие за свои истомисленици. Но, бидејќи и во тоа се излажа, тој нареди немилосрдно да ги тепаат. Потоа им ја одраа кожата од главите заедно со косата, брадите им ги намачка со смола и ги запали, па светите скапоцени Икони им ги изгоре врз главите. Тие сето тоа Јуначко го претрпеа и со силата Божја останаа живи.
После тоа ѕвероподобниот Лав нареди да ги влечат низ градот за потсмев на сите. Најпосле ги заклаа како јагниња. Така тие ги предадоа своите души во рацете Божји, страдајќи за светите Икони. Нивните чесни тела беа фрлени на кучињата, но верните тајно ги зедоа и ги погребаа со чест, каква што им доликува на Мачениците.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЕВСЕВИЈ и ПРИСК
Свети Евсевиј живееше во Финикија и во почетокот беше таен христијанин. Во тоа време настана големо гонење против христијаните од страна на незнабошците, кои, каде што ќе најдеа христијани веднаш ги подложуваа на најразлични мачења. Тогаш многу христијани бегаа од незнабожечката рака и се криеја по тајни места. А свети Евсевиј, размислувајќи за Христовите зборови: „Секој што ќе ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред мојот Отец небесен“ (Матеј 10, 32), со божествена ревност излезе пред кнезот на тој град, и му рече:
- Зошто лудуваш, богоборецу, гонејќи ја паствата Христова?
А кнезот погледна кон него и го праша кој е, Светиот му одговори:
- Јас сум слуга на Христос, Чиј што непријател си ти.
Многу разгневен од овие зборови, кнезот праша:
- Од каде таква смелост кај тебе, беднику, да излезеш пред мене и да ми се спротивставиш?
На тоа Евсевиј одговори:
- Ревноста за мојот Господ Исус Христос ме поттикна да го изобличам вашето слепило. Вие сте полуделе штом му се поклонувате на ѓаволот, а не на Бога!
Тогаш кнезот нареди да го соблечат, да го обесат и да го стругаат неговото тело. И долго го стругаа светителот со остро железо, та и коските му се гледаа. Потоа го полеваа со оцет и му ги стругаа раните. Сето тоа исповедникот Христов јуначки го трпеше, како да страда во туѓо тело. Тој се радуваше во маките, дополнувајќи го недостатокот на неволјите Христови врз телото свое. По овие маки кнезот му рече:
- Принеси им жртва на боговите, па ќе останеш жив. Ако не го сториш тоа ќе те погубиме.
Евсевиј му одговори:
- Вие можете да го погубите моето тело, но Христос ќе ја прими мојата душа. За Него сакам да трпам до крај. „Кој ќе претрпи до крај, тој ќе биде спасен“ (Матеј 24, 13).
Кога видоа дека е непоколеблив, незнабошците со меч му ја отсекоа главата. Така свети Евсевиј отиде на небесата и прими венец на славата од рацете Господови.
Свети Приск го исповедаше името Христово во Фригија и многу незнабошци приведе кон Христа. Потоа незнабошците го фатија и долго му ги стругаа ребрата. Тие неговото тело со железни нокти како земја го изораа. Некои од присутните незнабошци, набљудувајќи го така лутото мачење и крвта на маченикот, која се лиеше, се разјарија како ѕверови, ги извадија мечевите и го избодеа светиот маченик, па најпосле му ја отсекоа главата. Така овој добар исповедник пострада сведочејќи за Исуса Христа, кого сега Христос Го исповеда пред Отецот Свој небесен, Кому слава низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ НАШИ АКАКИЈ (ИСАКИЈ) И МЕЛЕТИЈ
Нашите преподобни и блажени отци Исакиј (или Акакиј) и Мелетиј беа епископи на Црквата Христова на островот Кипар. Како побожни и богобојазливи, тие целиот свој живот го посветија на непрестајно поучување на својата паства во словото Божјо, и сиот свој имот го раздаваа на сиромашните. Заради својот доблесен живот, тие се здобија со дарот на чудотворството. Мирно се упокоија во старост, во различни години, но во ист ден. За свети Акакиј се вели дека бил епископ Ситски на Кипар.
ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ДИМИТРИЈ РОСТОВСКИ
Свети Димитриј, кој во светот се викаше Данил, е роден во месец декември 1651 година, во малиот и непознат град Макаров, оддалечен од Киев околу 40 километри. Неговиот татко Сава Григорјевич Туптало, козак, а во војничкиот чин стотник, последните денови ги помина како тутор во Кириловиот манастир. И тој и неговата сопруга Марија беа многу побожни и живееја примерен христијански живот. Но, таткото речиси постојано беше отсутен од дома заради своите војнички должности, та Данил се воспитуваше првенствено со раководството на мајка си. Со нежна љубов и пофалби зборува за неа самиот светител во својот дневник по повод нејзината смрт:
„На Велики Петок се претстави мојата мајка, во три часот попладне, точно во часот кога нашиот Спасител на крстот, страдајќи за нашето спасение, го предаде Духот Свој во рацете на Бога Отца. Тогаш таа имаше преку седумдесет години. Нека ја спомне Господ во Своето небесно Царство! Се упокои таа во добро расположение. О, колку би сакал по нејзините молитви да ме удостои Господ и мене на таков блажен крај. Нејзиниот крај беше вистински христијански. Со сите христијански обреди и вообичаени Свети Тајни, бестрашен, непосрамен, мирен. Нека ја удостои Господ и на добар одговор на страшниот Свој Суд, како што не се сомневам во Божјото милосрдие и во нејзиното спасение, знаејќи го нејзиниот доблесен и побожен живот. Заедно со тоа, како добар знак за нејзиното спасение е тоа што на Господ Му беше угодно нејзината душа да се раздели од телото во часот кога Господ Христос му го отвори рајот на разбојникот“.
Под влијание на така побожната и доблесна мајка, Данил растеше во стравот Божји и побожноста, јакнејќи во доблестите. Почетното образование го доби во својот дом. Родителите го научија да чита и пишува, па кога наполни единаесет години го дадоа во Киевското Братско училиште. Со бистар ум и многу вреден, Данил брзо напредуваше во учењето и ги надмина сите свои врсници. На часовите по реторика тој го сврте врз себе вниманието со своите поетски и говорнички состави. Под раководство на познатиот проповедник и богословски полемичар Гањатовски, тој совршено го изучи беседништвото, кое што подоцна многу му користеше, особено во борбата со расколниците.
Додека напредуваше во науките, Данил се учеше и на доблесниот живот. Ги одбегнуваше игрите и забавите и слободното време го минуваше во читање на Светото Писмо, делата на светите Отци и Житијата на Светиите, во посетување на светите цркви и во молитва. Срцето сѐ повеќе му се загреваше за поддржување на нивниот живот и за одење по нивните стапки. Тој ревносно ги чуваше целомудрието и чедноста. Така во него уште во светот се гледаше зачетокот на монашкиот живот.
Кога наполни осумнаесет години Данил заради Христа го остави светот и сите негови богатства, испроси благослов од своите родители и стапи во Кириловскиот манастир во Киев. Игуменот на манастирот Мелетиј Дизик веќе одамна го познавал Данил, бидејќи порано бил ректор на Киевското училиште. На 9 јули 1668 година тој го пострижа за монах и му го даде името Димитриј. Новопострижаниот монах целосно се предаде на волјата и промислата Божја, и започна да води живот доличен на монасите. Строго и неотстапно ги исполнуваше сите манастирски правила и ревносно во смиреност и послушност ги минуваше монашките подвизи. Притоа сесрдно се трудеше во доблестите да ги подржува преподобните отци Антониј и Теодосиј и останатите подвижници Печерски. Имаше само една желба: да Му угоди на Бога и верно да Му служи во својот монашки повик.
Не помина ни година од постригот, а монахот Димитриј со настојување на настојателот беше произведен за јероѓакон на Благовештение во 1669 година, од страна на преосветениот киевски митрополит Јосиф Тукањски. Во чинот јероѓакон Димитриј остана во Кириловиот манастир долго време, во сѐ покорувајќи му се на настојателот, служејќи им на браќата срдечно во смиреност и молчание и со љубов извршувајќи го секое послушание. Во црквата на богослужението доаѓаше пред сите, стоеше со страв, многу внимателно го следеше читањето на Светото Писмо, а излегуваше последен. Во ќелијата често се молел, го пишувал и составувал она што му е наредено од игуменот и срдечно читал душекорисни книги. Така јероѓаконот Димитриј се подвизуваше до 1675 година. Во тоа време во Густинскиот манастир се наоѓал Черниговскиот архиепископ Лазар Баранович. Кај него беше доведен свети Димитриј на ракополагање за јеромонах и тоа беше извршено на 23 мај, на Духовден. Во тоа време имаше само 24 години, но веќе беше вешт во проповедањето на словото Божјо. Откако се запозна со него одблиску и ги забележа неговите духовни карактеристики, архиепископот го повика да биде проповедник при Черниговската Соборна црква. Повеќе од две години свети Димитриј проповедаше во соборната, а и во други цркви од Черниговската епархија. Неговата проповед на словото Божјо беше од голема духовна корист за сите. Неговото слово беше силно, зачинето со мудрост и сите со задоволство го слушаа.
Славата за свети Димитриј како голем проповедник брзо се пронесе по Малорусија и Литва, та многу манастири започнаа да го викаат кај себе, за да ги слушаат неговите поуки. Во јуни 1677 година свети Димитриј со благослов на архиепископот отиде во Новодворскиот манастир во Литва, да се поклони на чудотворната икона на Пресвета Богородица. Тука остана кратко време, па на повик на Белорускиот епископ и настојателот на Вилненскиот манастир „Свети Дух“ отиде во тој манастир и повеќе од два месеци се задржа во Вилна. Тука одржа две проповеди. Измолен од духовните власти од Слуцк, тој отиде од Вилна во Слуцк и откако се насели во Преображенскиот манастир, четиринаесет месеци неуморно го проповедаше словото Божјо.
За тоа време свети Димитриј неколку пати беше повикуван да се врати во Малорусија. Тоа го правеше и хетманот Самојлович. Во февруари 1679 година допатува во хетманскиот град Батурин, каде хетманот Самојлович го прими со голема љубов. Откако се насели во Крупицкиот манастир на свети Николај, недалеку од Батурин, преподобниот Димитриј продолжи ревносно да се подвизува во пост, молитви и постојано читање на душекорисни книги. Притоа со особена усрдност го проповедаше словото Божјо. Гласот за неговиот богоугоден доблесен живот се разнесе по сите манастири и многу од нив го повикуваа за старешина. Но смирениот светител одбиваше, а и хетманот го задржуваше. Притоа во 1681 година умре игуменот на Максаковско Преображенскиот манастир и браќата му се обратија на свети Димитриј со молба да им стане игумен. Според својата местоположба оваа обител целосно му одговарала на строгиот монашки живот на преподобниот. Затоа тој со согласност на хетманот го прифати предлогот на Максаковските монаси и со хетмановото писмо отиде во Чернигов, кај архиепископот Лазар Баранович, за назначување. Архиепископот го прими со многу љубов. Штом го распечати хетмановото писмо, архиепископот Лазар, како да ја предвидува иднината, му рече на Димитриј:
„Без да го читам писмото ти велам: Господ Бог нека ве благослови не само на игуменството, туку според името Димитриј ви посакувам и митра. Димитриј нека добие митра“.
А во истиот ден, по назначувањето за игумен, архиепископот Лазар вака го поздрави Димитриј:
„Денес е празникот на светиот пророк Мојсеј Боговидец. Денес вас Господ Бог ве удостои на игуменството во манастирот каде што се наоѓа храмот Преображение Господово, како Мојсеј на Тавор. И Оној Кој патиштата Свои му ги покажа на Мојсеј, нека ви ги покаже и вам, на овој Тавор, патиштата Свои кон вечниот Тавор“.
„Овие зборови, сведочи самиот свети Димитриј, јас грешниот ги примив како предзнак и пророштво и добро ги запаметив. Дај Боже пророштвото на неговото архипастирство да се исполни“.
А утредента, простувајќи се со игуменот Димитриј, архиепископот му подари убава палка. „И толку убаво ме испрати тој, - вели свети Димитриј, - како татко родениот син. Дај му ги Господи сите богатства според срцето негово“.
Откако ја прими управата во Максаковскиот манастир, свети Димитриј ни најмалку не го промени своето поранешно строго монашко живеење. Подвизувајќи се како порано во пост, бдеење, молитви и други добродетели, особено во смиреноумието, тој им даваше пример на браќата во сѐ, го уредуваше манастирот и се трудеше во проповедањето на словото Божјо. Имајќи ги постојано на ум 3боровите Господови: „Кој сака меѓу вас да биде поголем, нека ви биде слуга“ (Матеј 20, 26), тој самиот живееше така, а и браќата ги поучуваше, служејќи им на сите како образец на верата и побожноста.
Но, Максаковските монаси долго не им се радуваа на зборовите и светиот живот на игуменот Димитриј. На први март 1682 година тој беше поставен за игумен на Крупицкиот манастир Свети Николај во градот Батурин. Тука како игумен остана една година и осум месеци. Но, желен за тивок и безмолвен живот, за непречено да ги извршува богоугодните подвизи, тој на својот именден, на 26 октомври 1683 година, го откажа старешинството во Батуринско Крупицкиот манастир и остана во него како прост монах. И водеше осаменички живот. Но, по извесно време, по промисла Божја, свети Димитриј беше повикан на големото дело составување на Житијата на Светиите, со кое што му донесе најголема корист на целиот руски народ.
Во 1684 година за архимандрит на Киево-Печерската лавра беше поставен Варлаам Јасински. Од своите претходници Петар Могила и Инокентиј Гизела, тој заедно со чинот архимандрит ја наследи и мислата за големиот труд, составување на Житијата на Светиите. Овој труд беше толку многу неопходен, бидејќи Татарите со своите налети и Литванците и Полјаците со своите пустошења беа ја лишиле Црквата од многу драгоцени духовни книги и животописи на Светиите. Барајќи човек, способен за толку важна и голема работа, Варлаам се задржа на свети Димитриј, кој веќе се беше прославил со својата ревност за душеспасоносни трудови. Со тоа еднодушно се согласија останатите отци и браќа од лаврата. Тогаш Варлаам му се обрати на преподобниот со молба да се пресели во Киевската Лавра и да ја земе врз себе работата на поправање и составување на Житијата на Светиите.
Исплашен од тежината на предложеното, смирениот подвижник се трудеше да го тргне од себе. Но, плашејќи се од гревот на непослушноста, а и самиот гледајќи ја потребата на црквата, тој одлучи да прифати. Откако ја положи сета надеж во помошта Божја и во молитвите на Пречистата Богомајка и сите Светии, преподобниот Димитриј во месец јуни 1684 година се зафати со овој богоугоден подвиг, и со голема ревност започна да го врши ова послушание.
На подвигот пишување на Житијата на Светиите преподобниот Димитриј му се предаде целосно, посветувајќи му го сето време, прекинувано единствено од богослуженијата, кои редовно ги посетуваше. Во Успенската црква тој постојано стоеше на молитва на одреденото место. Занимавајќи се постојано со изучувањето на градивата за житијата, запознавајќи се подетално за животот на светителите, сочувствувајќи со нив, сострадајќи со нив, тој и самиот преживувал многу нивни состојби. За време на овој свет труд бил удостоен и на духовни виденија на сон, кои го крепеле на патот на духовното усовршување и го бодреле во големите напори.
За првото такво видение свети Димитриј го пишува следното:
„На 10 август 1685 година, во понеделник, јас го слушнав ѕвоното за утрена, но според својата вообичаена мрзливост се бев успал и не стигнав на почетокот. Преспав сѐ до читањето на Псалтирот. За тоа време го имав следното видение. Изгледаше како да ми е доверен надзор над некоја пештера, во која почивале свети мошти. Разгледувајќи ги со свеќи гробовите на Светиите таму, јас ја здогледав светата великомаченичка Варвара, како да почива. Кога пристапив до нејзиниот гроб видов дека таа лежи погрб и кивотот ѝ беше малку загниен. Сакајќи да го исчистам, јас ги извадив моштите од кивотот и ги положив на друго место. Откако го исчистив им пријдов на нејзините мошти, ги зедов во рацете за да ги положам во ковчегот, но одеднаш ја здогледав света Варвара жива и воскликнав: „Света дево Варваро, добротворко моја, умоли Го Бога за моите гревови“. Светителката ми одговори како со сомнеж: „Не знам дали ќе Го умолам, бидејќи ти се молиш на римски“.
Мислам дека тоа ми беше речено затоа што сум многу мрзлив во молитвата и во овој случај сум спореден со римокатолиците, кај кои што молитвословието е многу кратко, зашто и во мене молитвата е кратка и ретка. Од овие зборови јас започнав да тагувам и некако да очајувам. Но, по кратко време светителката погледна во мене со весело и насмевнато лице и ми рече: „Не плаши се“. Ми изговори и некои други утешни зборови, на кои јас и не се сеќавам. Потоа, откако ја положив во ковчегот, јас ги целивав нејзините раце и нозе. Изгледаше како телото да ѝ е живо и многу бело, но кивотот беден и веток. Жалејќи што со нечисти валкани раце и уста се осмелувам да ги допрам светите мошти и што не гледам добар кивот, јас размислував како да го украсам овој гроб и започнав да барам нов и богат кивот, во кој би ги преместил светите мошти, но во тој миг се разбудив. Жалејќи што се разбудив, моето срце чувствуваше некоја радост. Бог знаеше што значи овој сон и што ќе се случи. О, кога по молитвите на света Варвара, мојата покровителка, Бог би ми дал поправање на мојот зол и кукавен живот!“
Три или четири месеци по ова видение свети Димитриј имал друго видение во сонот. За тоа самиот го пишува следното:
„За време на Божиќниот пост во 1685 година, една ноќ, откако завршив со описот на страдањата на светиот маченик Орест, чиј што спомен се празнува на 10 ноември, јас на час или нешто помалку од утрената, легнав да се одморам без да се соблечам, и во сонот го видов светиот маченик Орест, кој со весело лице ми велеше:
„Јас претрпев повеќе за Христа, отколку што ти си напишал“.
Откако го рече тоа ги разгрна своите гради и ми покажа на левата страна огромна рана, која одеше до крај, и ми рече: „Ова ми е со железо прободено“. Потоа ја откри десната рака до лактот, ја покажа раната до лактот и рече: „Ова ми е пресечено“, при што беа видливи пресечени жили. Исто така ми ја откри и левата рака, и на истото место ми покажа исто таква рана, говорејќи: „И тоа ми е пресечено“. Потоа се наведна, ги откри нозете до колената и на коленото ми покажа рана. И на другата нога ми покажа исто таква рана, на истото место и рече: „А ова ми е расечено со коса“. И откако застана исправено, гледајќи ме во лицето, рече: „Гледаш ли? Јас за Христа претрпев повеќе отколку што ти си напишал“.
Јас не се осмелував ништо да проговорам и само молчев и си мислев во себе: Кој е овој Орест? Зарем не е од бројот на Петочислениците (13 декември)? На оваа моја мисла светиот маченик одговори: „Јас не сум оној Орест од Петочислениците, туку оној чие што житие ти сега го пишуваше“.
Видов јас и друг важен човек, кој стоеше зад него, и ми се чинеше дека и тој е некој маченик, но тој ништо не проговори. Во тоа време ме разбуди ѕвоното за утрената и ми беше многу жал што ова многу пријатно видение брзо заврши. А дека ова видение, - додава свети Димитриј запишувајќи го во својот дневник, - јас недостојниот и грешниот навистина го имав, и го видов точно онака како што опишав, а не поинаку, потврдувам со моја свештеномонашка заклетва“.
По две години и три месеци, откако се откажа од старешинството, свети Димитриј се најде со архимандритот Варлаам во Батурина. Хетманот и новиот митрополит Гедеон многу го молеа повторно да ја прими управата во Николаевскиот манастир во Батурин. Свети Димитриј долго одбиваше, но најпосле се согласи на усрдните молби, го прими игуменството во Николаевскиот манастир, ја остави Киевската лавра и се пресели во Батурин. Во тој манастир продолжи со пишувањето на Житијата на Светиите и тука ги заврши првите три месеци: септември, октомври и ноември.
Својот труд свети Димитриј му го предаде на архимандритот Варлаам да го прегледа. Откако го прочита и прегледа ракописот, заедно со отците на лаврата и други благоразумни луѓе, Варлаам реши да се пристапи на печатење на Житијата на Светиите. Свети Димитриј допатува од Батурин во Киево-Печерската лавра и под негов личен надзор, во 1689 година, беше отпечатена првата книга Житија на Светиите, која ги содржела трите споменати месеци.
Наскоро потоа на свети Димитриј му се укажа прилика со хетманот да патува во Москва по некои црковни работи кај патријархот. Тоа беше на 21 јули 1689 година. По доаѓањето во Москва тие беа претставени пред царот Јован Алексиевич и царицата Софија. Во истиот ден беше претставен и пред патријархот Јоаким. Еден месец по доаѓањето свети Димитриј ја посети Троице-Сергиевата лавра. Тука во тоа време живееше царот Петар Алексиевич. Тој милостиво го прими Димитриј. Во тоа време се затекна во лаврата и пресветиот патријарх, та го посети и него. „Тој ме благослови и мене грешниот, - вели свети Димитриј, да продолжам со пишувањето на Житијата на Светиите и на благослов ми даде икона на Пресвета Богородица“.
Откако се врати од Москва во својот манастир, свети Димитриј си направи засебна ќелија на осамено место, близу црквата на Свети Никола, за тука поудобно да може да се занимава со својата богоугодна работа, пишувањето на Житијата. Оваа ќелија тој во своите белешки ја нарекува скит. Откако се пресели во неа, свети Димитриј пристапи на составувањето на следните книги Житија на Светиите, за месеците декември, јануари и февруари. Во тоа време новиот Московски патријарх Адријан му испрати пофална повелба. Оваа пофалба од Москва ја донесе Варлаам, кој на 31 август 1690 година беше посветен за митрополит Киевски. Во повелбата патријархот напишал:
„Самиот Бог нека те награди, брате, со секој прекрасен благослов и да те запише во книгата на вечниот живот за твоите богоугодни трудови во пишувањето, поправањето и печатењето на душекорисните книги Житија на Светиите за првите три месеци. Во иднина Бог нека те благослови, крепи и побрза да се потрудиш да ги напишеш за целата година и останатите книги и да ги отпечатиш“.
Заедно со тоа светиот патријарх го замолува и новиот митрополит да му помага во сѐ на „искусниот, благоразумен и многу срдечен деец“.
Трудољубивиот Димитриј, охрабрен со повелбата на светиот патријарх, одлучи целосно да се посвети на пишувањето на Житијата на Светиите. Поради тоа тој на 14 февруари 1692 година поднесе оставка на игуменството во Батуринскиот манастир и ја предаде управата. Остана да живее во својата осаменичка ќелија и состави и други книги на Житијата, за месец декември, јануари и февруари, и на 9 мај 1693 година самиот ја однесе во Киево-Печерската печатница, за да се отпечати.
Но, колку и да чезнееше трудољубивиот монах за тивок и осамен живот, луѓето коишто ги ценеле неговите духовни способности, не му давале мир. Така, додека свети Димитриј го надгледуваше печатењето на својот труд, новиот черниговски архиепископ свети Теодосиј Углицки го убеди да го прими управувањето на Петро-Павловскиот манастир, недалеку од градот Глухов. За време на светителовиот престој во овој манастир, во јануари 1695 година беше завршено печатењето на втората четвртина Житија на Светиите. И за оваа книга патријархот Адријан го удостои преподобниот Димитриј на исти пофалби како и за првата, испраќајќи му друга пофална повелба. Тоа го поттикна преподобниот трудбеник срдечно да ја продолжи својата работа и тој започна да ја подготвува третата книга Житија на Светиите за месеците март, април и мај.
Во почетокот на 1697 година свети Димитриј беше поставен за настојател на Кириловиот манастир во Киев, во кој беше пострижан за монах. Но, по пет месеци, на 20 јуни, тој беше произведен за архимандрит на Черниговско-Елецкиот Успенски манастир. Како архимандрит свети Димитриј го засили своето трудољубие, потсетувајќи се на зборовите од Светото Писмо: „На оној што многу му е дадено, многу и ќе се бара од него“ (Лука 12, 48). Додека работеше на Житијата на Светиите, тој се трудеше и околу благоустројството на манастирот и се грижеше за спасението на доверените браќа. Не малку помагаше и во другите работи со совет, збор и дело.
По две години и три месеци свети Димитриј беше преместен во Новгород-Северскиот манастир на Семилостивиот Спасител. Тоа беше последниот манастир со кој управуваше тој. Тука ја доврши третата четвртина од Житијата на Светиите, која беше отпечатени во јануари 1700 година, за време на архимандритството на Јоасаф Краковски во Киево-Печерската лавра. Архимандритот Јоасаф со браќата, во знак на исклучителна почит кон составувачот на Житијата на Светиите, му поклони икона на Пресвета Богородица, која царот Алексиј Михајлович при своето стапување на престолот му ја беше поклонил на Киевскиот митрополит Петар Могила.
Таа иста 1700 година царот Петар Велики му порача на Киевскиот митрополит Варлаам: „Да побара меѓу архимандритите, игумените или меѓу другите монаси, човек добар, учен и со беспрекорен живот, кој би бил митрополит во Тобоњск и кој со помошта Божја би можел да го проповеда Евангелието во Кина и на Сибир, и луѓето закоравени во слепилото на идолопоклонството и останатите заблуди да ги приведе во познание и служење на вистинскиот Жив Бог“. Варлаам најде дека најподобен на условите на царот е архимандритот Новгород-Северски, и свети Димитриј во почетокот на 1701 година беше повикан во Москва. Тука беше примен од царот. На 23 март беше посветен за митрополит Тоболски и Сибирски. Но, свети Димитриј некако не сакаше да оди во далечниот Сибир, земја со сурово и студено поднебје, а и неговото здравје беше слабо, пореметено од непрекинатата работа. Сибир е далечна покраина, а нему му беше во срцето работата што ја започна во Киев, и што можеше да ја продолжи само таму или близу ондешните центри на просветата, а не во зафрлениот и далечен Сибир. Сето тоа толку го измачуваше, така што тој легна во постела. Самиот цар го посети болниот и откако ја дозна причината за неговата болест, го успокои и му дозволи да остане во Москва, додека не се укаже некоја блиска епархија. Наскоро потоа се упокои Ростовскиот митрополит Јоасаф, и свети Димитриј на 4 јануари 1702 година беше поставен за митрополит Ростовски и Јарославски.
Во Ростов свети Димитриј допатува на 1 март, во втората недела од Великиот пост. Откако влезе во градот, тој најпрвин отиде во манастирот на свети Јаков, епископот Ростовски. Кога влезе во црквата Зачнување на Пресвета Богородица, каде почиваа моштите на свети Јаков Ростовски, новиот архипастир изврши вообичаено молепствие. Во тоа време, дознавајќи преку специјално откривање од небото дека во Ростов и ќе се упокои, тој си одреди за себе гроб, во десниот агол на црквата, и им рече на присутните:
- Еве го мојот покој. Овде ќе се населам за навек.
Кога се врати на својот архиерејски престол, свети Димитриј отслужи света Литургија во Ростовската соборна црква на Светото Успение и на крајот на светата служба му одржа на народот красноречива и трогнувачка беседа, изложувајќи ги должностите на пастирот и паствата. Во таа прилика светителот говореше:
„Нека не се плаши вашето срце заради моето доаѓање кај вас, зашто низ вратата влегов, а не низ друго место. Не барав, туку самиот бев побаран. Ниту јас ве знаев вас, ниту вие ме знаевте мене, туку неиспитаните судови Господови ме испратија кај вас. И јас дојдов, не за вие да ми послужите мене, туку јас да ви послужам вам, според Господовите зборови: „Кој сака меѓу вас да биде поголем, нека ви биде слуга“ (Матеј 20, 26 Марко 9, 35). Дојдов кај вас со љубов, и би рекол: дојден сум како татко кај децата, односно подобро речено дојден сум како брат кај браќата, како пријател кај милите пријатели. Зашто и Господ Христос не се срами да нѐ нарекува браќа. „Вие сте пријатели Мои, вели Господ. Повеќе не ве нарекувам слуги, туку пријатели“ (Јован 15, 14. 15). А уште почесно и попрекрасно е тоа што Он отци Свои ги нарекува оние што Го љубат, говорејќи: „Кој ја исполнува волјата на Мојот Отец Кој е на небесата, тој е брат Мој, и сестра, и мајка“ (Матеј 12, 49). Затоа, според мојата љубов кон вас, вие за мене сте и отци, и браќа, и пријатели. А ако вие мене ме наречете отец, јас апостолски ќе ви одговорам: „Дечиња мои, околу кои што се мачам, додека не се изобрази Исус Христос во вас“ (Галат. 4, 19). Се радувам со духот откако стигнав во овој град, во овој дом, кој овдешните чудотворци со стапките на своите нозе го осветиле, со молитвите оградиле, со богоугодното живеење украсиле, со подвизите и трудовите возвишиле и со преголемата светост прославиле. Се радува духот во мене, гледајќи ваков собир, големо стадо на овци Христови, кои ги пасе самиот Пастироначалник Христос, кои ги крили Пречистата и Преблагословена Дева Марија, Мајката на нашиот Христос Бог, кои ги чуваат и штитат стародревните пастири, архиерејите Божји и големите светилници: Леонтиј, Исаија, Игнатиј, Јаков и останатите угодници Божји од оваа епархија, кои стојат пред престолот Божји и постојано се молат за нас кон Господа... Бидејќи Великиот Архиереј, Кој ги поминал небесата, ме постави мене за ваш пастир, иако сум недостоен, и ми го довери вашето спасение, кое јас со страв и трепет го примам, како оној што треба да даде одговар за вас, така ќе ја знам и извршувам својата должност кон вас, а и вие сте должни да ја знаете и исполнувате својата должност кон мене. Јас сум должен со помош Божја, според науката апостолска, слабостите на слабите да ги носам и не да си угодувам на себе, туку на секого од вас да му биде добро, бидејќи ни Христос не си угоди на Себе. Јас сум должен да ги советувам неуредните, да ги утешувам малодушните, да ги подржувам слабите, да бидам долготрпелив спрема сите, да ги сакам добрите, милостиво да ги казнувам лошите, да се грижам за користа на сите, усрдно да го барам спасението на сите и да се молам за сите. И вие сте, о, возљубени во Христа Господа, должни да ме знаете мене како свој пастир и да јавувате љубов нелицемерна, почитување без преправање, и да покажувате долична покорност со љубов...
Откако започна да управува со Ростовската митрополија, светителот Димитриј затекна голема неуредност. Јаремот на ова свето послушание тој започна да го носи со сесрдна ревност, и помаган од Господа Исуса неуморно работеше на уредување на црковните состојби и на спасувањето на доверените човечки души. Како вистински пастир на стадото Христово, тој постојано ги имаше на ум зборовите на Пастирот над пастирите: „Така треба да свети и вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен“ (Матеј 5, 16). Тој со сета душа се трудеше со својот збор да го распростанува вистинското и ангелско учење, а со својот богобојазлив и доблесен живот на сите им даваше спасоносен пример. Луѓе од сите професии, и духовни и световни, тој ги учеше своите должности да ги извршуваат богобојазливо, честито и внимателно. Се трудеше кај сите луѓе, од секоја професија, да ги искоренува лошите особини, зависта, неправдата и останатите пороци, и во нивните души да всадува чистота, љубов, правда, милосрдие и секоја друга добродетел.
Особено голема битка светиот митрополит посветуваше на свештенството, трудејќи се кај нив да го искорени простотилакот и неукоста. Веднаш по стапувањето на Ростовскиот престол, овој буден ерарх дозна дека многу свештеници по градовите и селата се непросветени и не знаат што претставува свештеничкиот повик, ниту пак во што се состои свештеничката и духовничка должност и како треба да се врши. Некои од нив го поткажувале гревот за кој ќе слушнеле на исповедта. Некои не се грижеле за спасението на душите на своите парохијани. Некои биле мрзливи и не оделе кај болните да ги исповедаат и да ги причестат со Светите Тајни. Некои не оделе кај сиромашните туку само кај богатите, а бедните ги презирале. На овој угодник Божји особено му било тешко тоа што имало и такви свештеници, кои со побожна грижливост не ги држеле и чувале Светите Христови Тајни, подготвени за болните.
Сето тоа го поттикна светителот Божји, та тој напиша две посланија до свештенството со потребните поуки. Во нив го советуваше и му наредуваше на свештенството да престане да врши недолични работи: по никоја цена да не смеат да се објавуваат гревовите кои свештеникот ќе ги чуе на светата исповед; срдечно да се грижат за сиромашните и бедните; деноноќно да работат на спасението на доверените човечки души; во чисти садови и со секоја богобојазливост да се држат и чуваат Светите Христови Тајни одредени за болните; достојно да се подготвуваат за служење на светата Литургија; да го поучуваат народот во црквата; да живеат во воздржание и да им бидат пример на верните во секоја добродетел и на сите можни начини да се трудат за спасението на човечките души.
Сакајќи целосно да ги искорени недостатоците и маните меѓу свештенството, свети Димитриј при својата епископија основаше богословско училиште. Тука собра над двесте свештенички деца, ги подели во три одделенија и во секое одделение постави посебен наставник. На ова училиште светителот му посветуваше многу грижа. Често самиот одеше во училниците и држеше предавање или ги испрашуваше учениците. Во своето слободно време тој ги повикуваше способните ученици и им го толкуваше Новиот Завет и некои книги од Стариот Завет. Не малку светителот се грижеше и за воспитувањето на учениците. Во неделните и празничните денови тие биле должни да бидат во соборната црква на сеноќно бдение и света Литургија. Светиот архипастир строго водеше сметка и учениците да ги постат сите пости. Притоа самиот ги исповедаше и причестуваше со Светите Тајни. По завршувањето на училиштето им даваше места по црквите, кои што им одговараат.
Иако беше многу зафатен со најразличните работи во епархијата, трудољубивиот угодник Божји не ја оставаше својата работа на Житијата на Светиите. На крајот од третата година по своето доаѓање во Ростов, свети Димитриј ја заврши и четвртата, последна книга на Житијата на Светиите, за месеците јуни, јули и август. Ја заврши на 9 февруари 1705 година, а во септември истата година таа беше отпечатена во Киево-Печерската лавра. Така беше завршено ова големо дело, на кое што светиот угодник Божји сесрдно работеше над дваесет години.
Но, нему му претстоеше и друг важен подвиг во Ростовската епархија. Во тоа време таму имаше многу расколници, чии што главни учители се криеле по Бринските шуми, и преку свои тајни проповедници насекаде го сееле своето убиствено учење. Многумина, откако ќе му поверуваа на нивното соблазнително учење, се колебаа во вистинската вера. Поради тоа светиот митрополит неколку пати ја обиколуваше својата епархија и подолго се задржуваше во Јарослав, за со своите проповеди да го изобличува погубното учење на расколниците. При еден свој престој во Јарослав, откако отслужи во неделниот ден света Литургија во соборната црква, свети Димитриј се враќаше во својот дом. Притоа му пријдоа двајца непознати и му се обратија со прашање: „Владико свети, што велиш ти? Нам ни наредуваат да ги бричиме брадите, а ние сме подготвени и главите свои да ги положиме за брадите“. Светителот беше изненаден од ваквото неочекувано прашање, па и самиот им постави прашање: „Што мислите вие? Дали ќе ви израсне глава ако ви ја отсечат?“
„Нема“ - одговорија тие. „А брадата дали ќе ви порасне?“ - праша светителот. „Брадата ќе порасне“, - одговорија тие. „Тогаш подобро нека ви ја отсечат брадата, зашто таа повторно ќе ви порасне“.
Откако го рече тоа, светителот си замина со угледните граѓани, кои го придружуваа и долго разговараа за бричењето на брадите. Свети Димитриј дозна дека меѓу неговото стадо има многу луѓе кои се сомневаат во своето спасение, затоа што според царската наредба им ги бричеле брадите. Тие сметале дека заедно со брадата биле лишени од образот и подобието Божјо. Светителот долго ги вразумуваше да се откажат од тие сомнежи, докажувајќи им дека образот и подобието Божјо не се состојат во брадата и видливото лице, туку во невидливата човечка душа. После тоа светителот ја напиша книгата: „За образот и подобието Божјо во човекот“, и ја распрати по целата своја епархија.
Набрзо потоа напиша опширен труд: „Истражување за Бринската вера“, во кој го обелодени самиот дух на расколот. Тука јасно и убедливо докажа дека верата на расколниците е погрешна, дека нивното учење е душепогубно и нивните дела се небогоугодни.
Неуморниот трудбеник, откако увиде колку е неопходна за свештенството и народот една Библиска историја, започна да ја пишува како „Летопис“ на широка основа. Пишувајќи ја, тој внесуваше многу корисни поуки за најразлични прашања од духовниот живот. Ова свое дело, во кое имал намера да ги опише сите важни настани од стварањето на светот до Раѓањето Христово, не успеал потполно да го заврши, бидејќи внел настани за 4 600 години.
Свети Димитриј беше знаменит проповедник на своето време, и често се обраќаше на својата паства со проповеди, полни со красноречиви поуки. Никакви работи и должности не можеле да го одвратат од проповедањето на словото Божјо. Евангелските вистини се излеваа од неговата душа како животворна сила и ги воодушевуваа слушателите за живеење според Светото Евангелие. Кога би можеле да се пронајдат и соберат сите проповеди на овој Руски Златоуст, тогаш тие би биле во огромен број. Но, за жал, многу негови проповеди се изгубени.
Кроткиот пастир мудро управуваше со својата паства и никогаш не прибегнуваше кон сурови мерки. Се одликуваше со смиреност и кроткост. Тој кон сите, и угледните и обичните луѓе, се однесуваше со подеднаква нелицемерна љубов. Поради тоа сите верни луѓе на Црквата го сакаа и почитуваа како татко. Самиот цар и царското семејство длабоко го почитуваа поради неговиот вистински доблесен живот. Христијанските доблести на свети Димитриј подеднакво блескаа и во монашката ќелија и на архиерејскиот престол. Но, особено силно сјаеја во неговиот живот молитвата, постот, смиреноста, сиромаштвото и љубовта спрема неволните и сиротите.
И покрај многубројните работи околу управувањето со епархијата, свети Димитриј секојдневно одеше во црквата на богослужење. А секоја недела и за празниците служеше света Литургија и проповедаше. Постојано земаше учество во Литургиите, колку и да биле долги и далечни. А кога ќе изнемоштеше, што често се случуваше, тој испраќаше во богословијата и бараше од учениците да се молат на Бога за него. Додека ја посетуваше богословијата, тој ги советуваше учениците да живеат во воздржание, целомудрие и чистота, и постојано да Го повикуваат на помош Наставникот на мудроста и Давателот на разумот, Семоќниот Господ. А пак своите служители, и сите покрај него, ги поучуваше често да се осенуваат себеси со крсниот знак и тивко да ја изговараат молитвата: „Богородице Дево, радувај се...!“ Со своите слуги се однесуваше многу човечно. Кога на некој од нив му беше именден, тој на славеникот за благослов му даваше икона или му подаруваше пари. Често ги учеше срдечно да постат и да го одбегнуваат прејадувањето и пијанството. Пример за тоа даваше самиот со својот живот. Тој сите денови воопшто ги минуваше во воздржание: јадеше малку, само колку да го одржи телесниот живот. А пак во првата седмица од Великиот Пост јадеше само еднаш. Исто така и во Страсната седмица јадеше само еднаш и тоа на Велики Четврток. Останатите денови од Великиот пост ги минуваше во молитви, постејќи.
Овој богобојазлив маж беше многу умен, многу просветен, одличен познавач на словенскиот, грчкиот, латинскиот, еврејскиот и полскиот јазик. Имаше огромна љубов кон науките. Ги сакаше доблесните и чесни луѓе. Спрема повисоките се однесуваше со почитување, спрема рамните на себе благонаклонето и љубезно, спрема потчинетите милостиво а спрема несреќните сострадално. Спрема неволните и сиромашните беше многу дарежлив. Во неговото срце немаше место ни за скржавост ни за среброљубие. Откако стапи во монаштвото и му даде на Бога завет на доброволно сиромаштво, па сѐ до смртта, тој воопшто не се трудеше да стекне никаков имот, ниту сакаше да има одвишна облека или некои други работи, освен најпотребните и освен душекорисните книги. Сите свои приходи, и подароците што ги добиваше, светителот целиот свој живот ги употребуваше за црковните потреби и ги раздаваше на неволните. За сиротите, вдовиците, просјаците и бедните, тој се грижеше како татко за своите деца. Тоа што го добиваше многу брзо и го раздаваше. Често ги повикуваше кај себе слепите, глувите, хромите, ги поставуваше на трпезата, им даваше облека и им вршеше други добри дела. Тој навистина, како праведниот Јов, беше око за слепите и нога за хромите.
И во своето заветување, напишано две ипол години пред својата смрт, свети Димитриј објавува дека зад себе не остава никаков имот, ни сребро, ни злато, па ниту за погребот свој. Во ова заветување светителот ја повтори својата желба да биде погребан во манастирот на свети Јаков Ростовски. Со тоа го запозна својот близок пријател Стефан Јаворски, митрополитот Рјзански. Во таа прилика овие двајца митрополити, кои се сакале како родени браќа, се зарекоа дека оној што прв ќе се упокои, да биде погребан од другиот. Така и се случи.
Неколку дена пред своето упокојување свети Димитриј беше известен дека во Ростов доаѓа царицата Параскева Теодоровна да се поклони на чудотворната икона на Пресвета Богородица Толгска. Светителот го повика кај себе својот економ, јеромонахот Филарет, на кого му ги издаде потребните наредби, при што пророчки му укажа на својот скорешен крај, велејќи:
„Еве, во Ростов доаѓаат две царици: Царицата Небесна и царицата земска. Само јас нема да се удостојам да ги видам овде, а потребно е ти, економе, да бидеш подготвен да ги дочекаш“.
Три дена пред своето претставување свети Димитриј одеднаш изнемоште и започна многу да кашла. Болеста, која поодамна таела во неговите гради, се обелодени преку силно кашлање. Без оглед на тоа светителот се трудеше да изгледа бодро. На својот именден, празникот на светиот великомаченик Димитриј, 26 октомври, тој отслужи света Литургија во соборната црква, но бидејќи беше тешко болен не можеше да ја изговори својата проповед, туку нареди да ја прочита еден чтец. Тој ден седеше на трпезата со гостите, но со тешка мака. Утредента, на 27 октомври, состојбата сѐ повеќе му се влошуваше. Откако се повлече во својата ќелија, светителот беше нападнат од силно кашлање, но сепак тој одеше низ ќелијата придружуван од служителите. Потоа нареди да му доведат певци, кои му отпееја неколку негови духовни песни: „Исусе мој прељубезни“, „Надежду моју в Божје полагају“, „Ти мој Бог Исусе, Ти, моја радости“. Ова пеење ја загреа душата на светителот, кој стоеше покрај печката и се грееше.
Кога заврши пеењето ги отпушти певците, а го задржа само својот омилен певец и препишувач на своите ракописи, Сава Јаковјев. Нему светителот започна да му раскажува за својот живот во младоста, потоа во зрели години, како се молел на Господа и Пречистата Мајка Негова и на сите угодници Божји. Па потоа додаде: „И вие, деца, молете се исто така“.
Најпосле му рече: „Чедо, време е и ти да појдеш во својот дом“.
Певецот зеде благослов и тргна. А светителот, испраќајќи го од ќелијата му се поклони речиси до земја, заблагодарувајќи му се за ревноста во препишувањето на своите дела. Многу трогнат од тоа, певецот смерно рече:
- Владико свети, зарем мене, последниот свој слуга, така ми се поклонуваш?
На тоа светителот благо рече:
- Ти благодарам, чедо!
Певецот горко заплака и замина.
После тоа свети Димитриј ѝ нареди на послугата да се повлече, а самиот се затвори во ќелијата како да сака да се одмори, па насамо се предаде на срдечна молитва кон Бога. Така молејќи се, тој се претстави кај Господа. А кога наутро служителите влегоа во ќелијата, го затекнаа на колена, упокоен додека се молел на Бога. Така светителот Божји, кој со молитвата и живееше на земјата, во молитва и ја предаде својата света душа на Господа, заради Кого и живееше.
Чесното тело на преминатиот светител беше облечено во архиерејска облека и положено во сандак. А според неговиот завет под главата наместо перница му беа ставени неговите ракописи, исто така и по целото негово тело. Во истиот ден телото на светителот беше пренесено во домашната црква. Веста за претставувањето на светиот архипастир брзо се пронесе по целиот град Ростов и се собра многу народ. Сите го оплакуваа својот омилен пастир и учител. Истиот ден стигна во Ростов и царицата Параскева Теодоровна со трите ќерки. Бидејќи не го затекна светителот меѓу живите, таа многу плачеше што не се удостои да добие благослов од него. На 30 октомври, со наредба на царицата, телото на светителот свечено беше пренесено во соборната црква. Наскоро потоа за погребението допатува во Ростов рјазанскиот митрополит Стефан. Влегувајќи дирекно во соборната црква, тој се поклони на телото на преминатиот пријател и многу плачеше над него. Потоа ги издаде потребните наредби и упатства на економот јеромонах Филарет околу погребението во манастирот на свети Јаков. Тогаш настојателите на манастирот Ростовски, свештенството на соборната црква и многу граѓани дојдоа кај преосветениот Стефан и го молеа телото на преминатиот архипастир да биде погребано во соборната црква, во која обично се погребувани поранешните архиереји. Но митрополитот Стефан не се согласи со тоа, и им рече:
- Преосветениот Димитриј, при самото стапување на Ростовскиот престол, прво го посети манастирот на свети Јаков, и самиот го одбра во него местото каде што ќе биде погребан. Зарем треба јас да ја прекршам неговата волја?
Во одредениот ден за погребение, 25 ноември, преосветениот митрополит Стефан отслужи света Литургија и опело, и одржа посмртно слово, често извикувајќи: „Свет е Димитриј, свет!“ Потоа од соборната црква, со учество на многуброен народ, кој плачеше за својот духовен отец, пастир и учител, телото на свети Димитриј беше пренесено во манастирот на свети Јаков, и таму предадено на земјата, во црквата Зачнување на Пресвета Богородица, на одреденото место. По погребението преосветениот Стефан напиша надгробни стихови во спомен на тивкиот и смирен митрополит.
Така, Божјиот угодник свети Димитриј се претстави во петок, ноќта на 28 октомври, 1709 година и беше погребан во петок, на 25 ноември истата година. На Ростовскиот архиерејски престол беше седум години, без два месеци. Во монаштво проживеа 41 година, 3 месеци и 18 дена. Поживеа 58 години.
Овој прекрасен угодник Божји, кој за време на својот живот собра и напиша Житија на многу Светии и светлозрачни угодници Божји, за огромна корист на сиот православен свет, самиот, по своето заминување од овој краткотраен живот во вечниот, се најде заедно со сите Светии запишан со прстот Божји во книгата на вечниот живот и овенчан со бесмртниот венец. А како вистински пастир и буден чувар на од Бога доверената паства, тој се удостои да биде вброен меѓу светите пастири Ростовски и останатите свети ерарси Божји. Бидејќи во месец септември 1752 година неговите свети мошти беа откриени целосни и нераспаднати, па и самата архиерејска облека врз него беше целосна, само на неколку места малку оштетена. Од тоа време, па сѐ до денес, неговите свети мошти се извор од кој непрестајно се точат чуда. Се исцелуваат луѓе од најтешки и најразлични болести, славејќи Го во Троица Едниот Бог, и Неговиот свет угодник, митрополитот Димитриј. Да притекнеме и ние кон светиот чудотворец Димитриј, призивајќи го и ден и ноќ на помош, за и ние, по молитвите на овој свет писател на Житијата на Светиите, останатите денови од својот живот да ги поминеме во покајание, живеејќи богоугодно, и така да се удостоиме да бидеме запишани во книгата на вечниот живот, за заедно со сите угодници Божји да Го славиме Отецот и Синот и Светиот Дух низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ШЕСТ ШТИТОНОСЦИ
Светите штитоносци поверувале во Господа Христа и затоа биле посечени со меч од царот Максимијан во 298 година.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ЕВСЕВИЈ, НЕСТАВ, ЗИНОН и со нив НЕСТОР и ВИСИРИЈ
Евсевиј, Нестав и Зинон беа тројца родени браќа од градот Газа во Палестина, кои живееја во времето на богоборниот цар Јулијан Отпадникот (361-363 г). Како христијани беа обвинети од незнабошците, па потоа фатени и фрлени во темница. Изведени на улиците на градот Газа, овие тројца свети браќа беа исмевани од многубошците, злоставувани, влечени по земјата, тепани со стапови и камења по главите и по целото тело. Дури и незнабожечките жени излегувале по улиците и ги тепале. А пак градските готвачи ги полевале со врела вода и им ги боделе светите тела. Мачејќи ги така долго, идолопоклониците им ги здробија главите, така што мозокот им се истури, и ги извлекоа надвор од градот, на местото каде што обично ги фрлале мртвите животни. Таму запалија силен оган и ги изгореа нивните тела. Преостанатите коски на мачениците, кои не изгореа во огнот, незнабошците ги помешаа со расфрланите коски од камили, магариња и други животни, верувајќи дека така ќе ги оневозможат христијаните да ги пронајдат. Но, Бог стори коските на Неговите светители сепак да бидат пронајдени. Тој ѝ откри на една христијанка, која не беше родум од Газа, како да ги пронајде и собере коските на мачениците. Таа дојде ноќе и ги собра сите во еден сад, кои со укажување Божјо ги предаде на момчето Зинон, внук на овие свети маченици. Зинон беше христијанин, но од страв од идолопоклониците се беше сокрил. Наскоро потоа, кога се зацари благоверниот цар Теодосиј Велики (878-395), Зинон стана епископ во Газа и подигна храм крај градот, во кој ги положи моштите на светите маченици, близу моштите на светиот маченик Нестор, кој исто така пострада од незнабошците во Газа, истовремено со овие свети тројца маченици.
Со овие четворица свети маченици во денешниот ден се спомнува и светиот маченик Висириј, кој пострадал заедно со нив.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ВАСА