5. Октомври (22. Септември)
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ФОКА ЧУДОТВОРЕЦОТ, епископот Синопски
Во градот Синоп живееше еден човек на име Памфил, со својата жена Марија. Тие добија од Бога син, го добија блажениот Фока. Фока од рана младост се удостои на благодатта на Светиот Дух, та истеруваше бесови од луѓето и исцелуваше болести. А кога стана зрел човек, заради својот доблесен живот беше избран за епископ во својот роден град. Како епископ ревносно го пасеше своето стадо со збор и на дело, и на својот поранешен доблесен живот му додаде нови големи подвизи. Сите што ги гледаа неговите добри дела Го прославуваа Отецот небесен. Свети Фока многу луѓе избави од заблудата и многу незнабошци одврати од идолопоклонството. А кога Господ намисли Својот верен слуга да го удостои на маченичкиот венец, му го предочи тоа преку следното видение:
Од висините долетал гулаб, кој држел во клунот венец од цвеќиња. Тој венец го положил врз главата на блажениот Фока и проговорил со човечки глас: „Твојата чаша веќе е полна и треба да ја испиеш“.
Од тоа видение свети Фока дозна дека му претстои да пострада за Христа. Ние, пак, од тоа дознаваме дека бил голем угодник пред Бога, зашто се удостоил во телото да биде овенчан од небото. Така преблагиот Бог ги љуби Своите угодници, ги удостојува на слава и чест и става венци на нивните глави. Со својата душа и телесна чистота, свети Фока беше вистински небесен младоженец. Сакајќи да се венча со него, небото стави венец врз него, но тој венец беше предзнак на поубавиот венец во Спасовите дворови, со кој требаше да биде овенчан во вечноста и да се весели на свадбата на Јагнето. После ова славно знамение, за време на царувањето на Трајан, свети Фока беше фатен од страна на кнезот Африкан. Овој властодржец долго го приморуваше да им принесе жртва на боговите, но светителот сакаше самиот себеси да се принесе како жртва на Бога. Штом не го послуша кнезот, ниту му ја оддаде на делото на човечките раце честа што Му доликува само на единствениот Бог, Кој седи на Херувимите, тој нареди да го врзат за дрво и да го мачат. Неговото свето тело беше покриено со рани и раскинувано. Го кинеа како што птиците грабливки, кога се гладни, напаѓаат врз лешот и го колваат. Но, сето тоа Христовиот страдалник свети Фока јуначки го претрпе, и слушна глас од висините, кој го крепеше. Со Христос, Кој го крепеше, тој ги победи маките не штедејќи го своето тело и исповедајќи Го Оној, Кој не ја поштеди душата Своја, туку за нас ја положи на крстот. Ова страдање за Постраданиот за нас Христос Господ, тој го сметаше како рајско освежување. Зарем постои нешто претешко за верниот слуга Христов, кое не би можело да го претрпи од љубов кон својот Господ? Кога би се собрале и сите мачители од целиот свет и сите маки врз него, тој и тогаш би бил подготвен да претрпи сѐ за милиот Господ свој, воскликнувајќи заедно со пророкот Давид: „Подготвено е срцето мое, Боже, подготвено е срцето мое“ (Псалми 107, 2). Потоа го ставија во страотно вжештена тава, но тавата во тој час се олади, зашто срцето на светителот гореше од љубов кон Бога и овој духовен оган ја победи силата на природниот оган. И во сите мачења, на коишто беше подложен, свети Фока излезе како победник. Околу него се појавуваше војска од ангели и неискажана божествена светлина. Во темницата го осветлуваше небесна светлина, во оковите тој се веселеше со надеж во небесната слобода, во неволјите го тешеа ангелите, а во раните го крепеше Господ Исус. Најпосле, по многуте најразлични мачења го фрлија во врела вода, каде го предаде својот дух во рацете Божји додека се молеше, и беше овенчан со победничкиот венец. Неговото свето тело верните го погребаа чесно и на неговиот гроб се случуваа многу чудеса.
ЖИВОТОТ И СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ФОКА ГРАДИНАРОТ
Во тој ист град Синоп, само во различно време, живееше друг човек на име Фока. Тој си уреди за себе градина во близина на морето. Во неа одгледуваше најразличен зеленчук, од чија што продажба се издржуваше себе си и ги хранеше сиромашните. Дел од својот зеленчук оставаше покрај патот, за да го земаат минувачите, бидејќи беше многу човекољубив и повеќе ја негуваше духовната градина во својата душа, отколку онаа природната, расадувајќи ги и негувајќи ги чистите мисли и донесувајќи плодови на добродетелите. Поради тоа неговата света душа можеше да се нарече градина на Светиот Дух. Како што се вели во Светото Писмо: „Ти си градина затворена, сестро моја, градина многуплодна“ (Песна над Песните 4, 12). Плодови на духот се: љубовта, радоста, мирот, трпението, добрината, милосрдието, верата, кротоста, благоста, воздржливоста (Гал. 5, 22-33).
Блажениот Фока исто така беше ограден со добродетелите, така што стародревниот пакосник ѓаволот, кој во рајската градина ја измами нашата прамајка, не можеше да ги украде доблестите на свети Фока, кој со страв го градеше своето спасение, слушајќи ги зборовите на светиот апостол: „Бидете трезвени, бидете будни и стражарете, зашто ѓаволот како лав рика, и оди, и бара кого да проголта“ (1 Петар 5, 8). Додека така се подвизуваше, меѓу луѓето се пронесе глас за неговиот доблесен живот, бидејќи тој блескаше со својата побожност среде неверниот и расипан род, приведувајќи многумина кон познание на светлината. Гласот за него дојде и до незнабожниот кнез на таа земја. Кнезот беше известен дека Фока, не само што самиот верува во Распнатиот, туку и други обраќа кон Него. Тој веднаш испрати свои слуги да го убијат. Слугите го сретнаа токму Фока, кој ги праша кого бараат, и кога дозна дека него го бараат им рече:
- Свратете кај мене, јас ќе ви раскажам за него.
Со тие зборови ги внесе во својот дом и ги угости, зашто така треба да се постапува со непријателите, согласно со зборовите од Светото Писмо: „Ако непријателот твој е гладен нахрани го со леб, ако е жеден напој го со вода“ (Изреки 25, 22). А кога слугите добро се поднапија со вино, Фока ги праша:
- Зошто го барате тој човек?
Тие му ја доверија тајната дека го бараат за да го мачат. Кнезот ги испратил да го убијат, затоа што не ги почитува нивните богови, туку се поклонува на Распнатиот. На тоа Фока им рече:
- Ве молам, господа мои, останете ноќва во мојот дом и утре ќе ви го предадам. Никој не го познава подобро од мене. Тој живее недалеку одовде. Сега заминал некаде, но набрзо ќе се врати и утре ќе ви го предадам.
Слугите се согласија и започнаа да се веселат во домот на самиот Фока, кого го бараа. За тоа време светителот си ископа гроб за себе во својата градина, подготви сѐ што му е потребно за погреб, раздаде на сиромашните сѐ што имаше и ноќта ја помина во молитва, подготвувајќи се за смртта. Кога осамна, слугите испратени од кнезот станаа и го прашаа:
- Тука ли е Фока, за кого што вети дека ќе ни го предадеш?
Светителот радосно им одговори:
- Тука е, господа мои. Со него правете што сакате.
Тогаш слугите го прашаа:
- А каде е тој?
Блажениот им одговори:
- Јас сум Фока, кого го барате за да го убиете. Јас сум слуга на Исус Христос. Јас ги отфрлам вашите одвратни богови. Убијте ме!
Пратениците стоеја восхитени и посрамени, и не сакаа да ги окрвават своите раце со овој добар човек, кој толку радосно ги прими и угости. Тие сакаа да си заминат и му рекоа на блажениот:
- Ние ќе му кажеме на кнезот дека насекаде сме го барале Фока, но не сме успеале да го најдеме.
Но тој им се поклонуваше, им ги прегрнуваше нозете и ги молеше да го извршат нареденото, велејќи:
- Со ништо друго нема така да ме наградите за укажаното гостопримство, освен со тоа што ќе ме разрешите од оковите на телото и ќе ме испратите кај мојот Христос.
Толку многу сакаше да се разреши од телото и да живее со Христос. Толку усрдно сакаше својата крв да ја пролие за Христа Господа. Толку голема љубов имаше кон Бога, така што велеше:
- Подобра ми е милоста Твоја, отколку овој привремен живот (сп. Пс. 62, 9).
И откако ги умоли слугите, прими маченички венец. Тие му ја отсекоа главата и тој премина од земната во небесната градина. Неговите свети мошти беа погребани во гробот што самиот си го подготви. Подоцна, кога во тие краишта заблеска побожноста, над гробот на светиот маченик беше подигната црква во негово име. И многу верни црпеа благодат од светите мошти на Христовиот страдалник: едни добиваа исцеленија од болестите, други утеха во жалостите, трети помош во неволјите, - добиваа со молитвите на светиот маченик Фока. Не само во градот Синоп, туку и по целата вселена, и на копно и по море, на сите кои со вера го повикуваат неговото име и се доверуваат себе си на неговите молитви, светиот маченик им се јавува како брз помошник и како голем добротвор во неволјите. Кај оние што пловат по море имаше обичај свети Фока да го повикуваат на помош, зашто тој многу пати им се јавуваше јасно. Понекогаш ноќе, кога се очекувала бура, тој го будел заспаниот кормилар, некогаш го гледале како самиот ги растегнува едрата, некогаш го забележувале како стои на клунот на бродот, а понекогаш е гледан како оди по морето. И се славеше името на свети Фока на многу бродови, кои пловеа по Црното Море, по Јадранското и по океанот. Наместо своите вообичаени песни, морнарите започнаа да пеат пофални песни во чест на свети Фока, така што неговото име постојано беше во устите човечки, кои по своја работа патуваа по морињата. Тие го спомнуваа свети Фока не само во неволјите, туку и во радостите. Кај нив имаше обичај кога ќе седнат на трпезата или на некаква гозба, да одделуваат дел од храната или пијалокот во чест на свети Фока. Некој од оние на трпезата го купувал тој дел и парите од тоа се оставале во специјална касичка. Правејќи така секој ден, тие кога излегувале на брегот собраните пари ги раздавале на болните, сиромашните и патниците.
Овој обичај се одржувал многу години, сѐ додека непријателите на Чесниот Крст, со допуштање Божјо заради нашите гревови, не ги зазедоа сите овие земји. Тие многу ја угнетуваа Светата Вера и се намали бројот на христијаните. Меѓутоа свети Фока, општиот заштитник на сите, не престанува и сега да им помага на оние што пловат по морето на овој краткотраен живот, упатувајќи нѐ и нас кон небесното пристаниште, со своите топли молитви кон Бога. Нека по молитвите на овој маченик Христов се избавиме и ние од секое потопување, непогода и бура, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ ПРОРОК ЈОНА
Светиот пророк Јона беше син на Аматиј од градот Гатфера (4 Цар. 14, 25). Неговата мајка според преданието беше онаа сарепска вдовица која за време на гладот го прехрани пророкот Илија, или поточно таа беше хранета од пророкот, зашто со неговото доаѓање во нејзиниот дом брашното во нејзиниот сад не се потроши, ниту снема масло додека Господ не пушти дожд на земјата (3 Цар. 17, 14-16). Меѓутоа Јона, тогаш сѐ уште мало дете, се разболе и умре. Тогаш вдовицата му рече на Илија:
„Што сум ти сторила, човеку Божји? Зарем си дошол кај мене да ги спомнеш моите гревови и да ми го усмртиш синот?“
А тој ѝ рече:
„Дај ми го твојот син“.
И го зеде Илија детето од прегратките нејзини, и го однесе во горната соба, каде што живееше тој, и го положи на својата постела. И повика Илија кон Господа и рече:
„Тешко мене, Господи Боже мој! Ти сакаш и оваа вдовица, кај која што сум гостин, да ја натажиш усмртувајќи ѝ го синот“. И откако дувна три пати во детето, тој се помоли на Господа, говорејќи: „Господи Боже мој, нека се поврати во детето душата негова“. Господ ја услиша молитвата на светиот пророк Свој, та се поврати во детето душата негова и тоа воскресна (ЗЦар. 17, 17-22).
Кога порасна Јона водеше доблесен живот, беспрекорно живеејки според сите заповеди Господови. Тој толку Му угоди на Бога, што наскоро се удостои на пророчкиот дар и пророкуваше за страдањата Господови, за опустошувањето на Ерусалим и за крајот на светот. Тој говореше:
“Кога ќе слушнете како камен повикува со тенок и тажен глас, и дрвото како зборува кон Бога, тогаш ќе се приближи спасението и сите народи ќе појдат во Ерусалим на поклонение на Господа, а Ерусалим ќе го спопадне мерзоста на опустошението. И тогаш ќе настапи крајот на сѐ што живее“.
Откако доби од Бога дар на пророштво, Јона стапи на пророчка служба. И еднаш му дојде слово на Јона од Господа, говорејќи: „Стани и оди во Ниневија, градот голем, и проповедај во него, зашто неговите лоши дела стигнаа до Мене“ (Јона 1, 2). Но, Јона не ја изврши наредбата Божја. Мислеше дека Ниневјаните нема да им поверуваат на неговите зборови, па ќе го подложат на мачење. Така исплашен, тој стана да побегне во Тарсис, сакајќи да се сокрие од лицето Господово. Но, никој не може да се сокрие од Господа, зашто Господова е земјата и сѐ што е во неа (Псалми 23, 2). Кој би можел да се сокрие од Оној Кој е насекаде и сѐ исполнува?
Додека бегаше, Јона дојде во Јопа. Таму најде кораб што пловеше кон Тарсис. Откако плати, влезе во него и тргна на далечен пат. Но Господ, Кој сакаше да го вразуми и охрабри Својот слуга, крена голем ветер по морето и настана голема бура. Од силните бранови се нишаше коработ и беше во опасност да се распадне. Исплашените морнари повикуваа секој кон својот бог, и фрлаа сѐ што имаше во коработ, за да биде полесен. Единствено Јона беше слегол на дното на коработ и спиеше цврсто. Кормиралот дојде кај него, и кога го најде како спие среде таквата опасност, го разбуди и му рече:
„Зошто спиеш? Зарем не гледаш во каква опасност се наоѓаме? Стани и повикај го својот Бог, да се сети на нас, за да не загинеме“.
Но, бурата не престануваше, а со неа и опасноста. Тогаш морнарите решија да фрлат коцка, за да видат заради кого ги снашло тоа зло“.
И фрлија коцка и коцката падна на Јона. Тие го прашаа:
„Кажи ни, зошто нѐ снајде ова зло? Со што се занимаваш? Од каде доаѓаш? Од која земја си? Од кој народ си?“
„Јас сум евреин и Го почитувам небесниот Господ Бог, Кој ги створил и морето и сувата земја. Но, согрешив пред Него и се уплашив, и еве, бегам од лицето Негово“.
Кога го слушнаа тоа, тие многу се исплашија и му рекоа:
„Шко да правиме со тебе, за да се стиши морето?“ А бурата стануваше сѐ пострашна. Јона им рече:
„Фрлете ме во морето и морето ќе се смири. Гледам дека поради мене се кренала оваа голема бура“.
Морнарите го фатија Јона и го фрлија во морето. И веднаш бурата престана. Тогаш сите ги обзеде голем страв од Господа и Му принесоа жртва на Господа и Му принесуваа молитви (Јона 1, 3-16).
Меѓутоа пророкот Јона, по заповед Господова, беше проголтан од кит. И остана Јона во стомакот на китот три дена и три ноќи. Наоѓајќи се жив во стомакот на китот, но во смртна неволја и опасност, Јона се покаја и повика кон Господа од утробата на китот како од гроб, молејќи се и каејќи се за гревот свој и ветувајќи дека ќе ја изврши заповедта Господова. Милосрдниот Господ ја услиша неговата молитва и му заповедаше на китот, та тој го исфрли Јона на земјата (Јона 2, 1-11). Откако се најде на земјата и ја здогледа светлината на денот и небото, и земјата и морето, Јона сесрдно Му заблагодари на Бога што го избави од смртта.
После тоа дојде зборот Господов до Јона по втор пат, говорејќи:
„Стани и појди во Нинивеја, градот голем, и проповедај му го тоа што веќе ти го наредив“. И стана Јона и отиде во Ниневија. А Ниневија беше многу голем град, три дена од. И започна Јона да оди по градот еден ден од, и проповедајќи говореше:
„Уште четириесет дена и Ниневија ќе пропадне“.
Ниневитјаните поверуваа во Бога, прогласија пост и се облекоа во кострет сите, од најголемиот до најмалиот. Проповедта на Јона дојде и до самиот цар Ниневијски. И тој стана од својот престол, ја симна од себе царската облека, се облече во кострет и седна во пепел. И потоа нареди царот по цела Ниневија да се објави оваа заповед негова и на кнезовите негови. Луѓето и добитокот, говедата и овците да не вкусат ништо, ниту да пасат, ниту да пијат вода.
И луѓето да се покријат со вреќишта и да Го призиваат Бога силно, и секој да се одврати од својот лош пат и од неправдата. Кога го виде обраќањето и покајанието на Ниневитјаните, Бог се смилува на нив, го тргна злото со кое им се закануваше преку Својот пророк и постапи со нив според неискажаната милост Своја (Јона 3, 1-10).
Меѓутоа Јона, откако ја изврши заповедта Господова излезе од градот, се искачи на гората од источната страна на градот, си направи колиба и седеше во неа во ладовина, да види што ќе се случи со градот. Но, откако виде дека на градот не му се случи ништо, тој многу се нажали и во молитвата кон Бога рече:
„О, Господи! Нели ти го реков тоа јас уште кога бев во својата земја? Затоа и побрзав да побегнам во Тарсис, зашто знаев дека си Ти милостив и жалостив, долготрпелив и многумилостив. Сега, Господи, земи ја мојата душа од мене, зашто подобро е да умрам отколку да живеам“ (Јона 4, 2-3).
А Господ Бог заповеда, та ноќе израсна тиква над Јона да му биде сенка над главата, да го штити од сончевата горештина. Јона многу се израдува на тиквата и се одмори под неа. Наредната ноќ Бог нареди на црв, кој дојде утредента в зори, ја нагриза тиквата и таа овена. Кога огреа сонцето и му стана многу жешко на главата, Јона се обесхрабри и посака да умре, говорејќи:
„Подобро да умрам, отколку да живеам“.
А Господ му рече на Јона:
„Тебе ти е толку многу жал за тиквата, околку која што не си се трудел, нити си ја одгледувал, туку за една ноќ израсна, а во другата ноќ пропадна. А зарем Мене да не ми биде жал за Ниневија, големиот град, во кој има повеќе од сто и дваесет илјади луѓе, кои се обратија кон Мене и се покајаа, а и многу добиток?“ (Јона 4, 6-11).
Бидејќи изминаа четириесет дена и Ниневија не пропадна, Ниневјаните видоа во тоа знак на милоста Божја и простување, излегоа од градот кај пророкот Јона и му дадоа подароци за храмот Ерусалимски, како благодарност за спасението. Следен од благодарноста на Ниневјаните што благовремено ги вразуми и приведе кон покајание, Јона со мир замина од Ниневија во својата татковина. Поживеа тука долго во богоугоден живот и мирно се упокои. Беше погребен во својот роден град. Сега светиот пророк Јона стои на небесата пред Христа Бога, насладувајќи се на гледањето на лицето Негово и Го слави со пророците и апостолите и со сите светии за навек. Амин.
ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ ПЕТАР, поранешниот цариник
Во Африка живееше еден многу немилосрден цариник, на име Петар. Тој никогаш не се сожалил на сиромашните, не помислуваше на смртта, ниту одел во црквите Божји и се оглушувал кон оние што просат милостиња. Но, благиот и човекољубив Бог, Кој не ја сака смртта на грешниците, туку се грижи за спасението на сите и го спасува секого со Својата неискажана промисла, и со овој Петар постапи според Својата добрина и го спаси на следниот начин.
Еднаш просјаци и божјаци седејќи на улицата започнаа да ги фалат милостивите луѓе и да Го молат Бога за нив, а немилостивите да ги прекоруваат. Разговарајќи така, тие отпочнаа разговор и за овој Петар, и говореа дека тој е страотно немилостив. Се прашуваа меѓу себе дали некогаш некој добил некаква милостиња од Петровиот дом. Но, кога се увиде дека никој никогаш не добил ништо од него, еден просјак стана и рече:
- Што ќе ми дадете ако сега појдам и испросам милостиња од него?
Просјаците се договорија и собраа меѓу себе залог, а овој отиде и застана пред капијата на Петровата куќа. Наскоро Петар излезе со магаре натоварено со лебови за кнезот. Просјакот му се поклони и започна гласно да проси милостиња. А Петар, бидејќи не успеа да најде камен, дофати еден леб, го фрли и го удри просјакот во лицето, па си го продолжи патот. Просјакот го зеде лебот, отиде кај својата дружина и рече:
- Од рацете на Петар јас го добив овој леб.
Притоа просјакот Му се заблагодари на Бога што Петар цариникот е милостив.
Два дена после тоа Петар тешко се разболе и речиси беше на умирање. Во таквата состојба имаше видение. Се виде себе си измачуван на некаков суд, и на вага ги ставаа неговите дела. Од едната страна на вагата стоеја црни, страшно смрдливи и грозни зли духови, а од другата многу светли и милолики луѓе. Злите духови ги донесоа сите зли дела, кои Петар цариникот ги беше извршил во текот на целиот свој живот и ги ставаа на вагата. А блескавите луѓе не најдоа ниту едно негово добро дело, кое што би го ставиле на другата страна од вагата. Тие стоеја тажни и во недоумица си зборуваа меѓу себе:
- Ние немаме ништо да ставиме на вагата.
Тогаш еден од нив рече:
- Навистина немаме ништо да ставиме, освен оној единствен леб, што тој пред два дена неволно Му го даде на Христа.
И го ставија лебот, и тој ја претегна вагата. Тогаш оние милолики луѓе му рекоа на цариникот:
- Оди, беден Петре, и додавај на овој леб, за да не те земат темноликите ѓаволи и да те одведат во вечните маки.
Кога си дојде на себе Петар започна да размислува за своето видение и сфати дека тоа што го виде не е привидение, туку вистина. Тој се сети на сите свои гревови, дури и на заборавените, и виде како ѓаволите ги ставаат на вагата. Восхитен, тој си рече:
- Кога еден леб, кој што го фрлив во лицето на просјакот толку ми помогна, така што ѓаволите не можеа да ме земат, колку ли тогаш обилната милостиња вршена со вера и срдечност им помага на оние што великодушно го раздаваат своето богатство на потребитите?
Од тоа време Петар стана во најголема мера милостив, така што не сакаше да се поштеди ни самиот себеси. Еднаш, додека одеше кон својата царинарница, на патот го сретна еден сопственик на брод, кој беше гол бидејќи потполно беше осиромашил откако му се потопил бродот. Тој човек падна пред нозете на Петар и го молеше да му даде облека, за да ја покрие својата голотија. Петар ја соблече од себе прекрасната и скапа горна облека и му ја даде. Но овој се срамеше да оди во таква облека, па ја даде на еден трговец да ја продаде. А пак Петар, на враќање од својата царинарница случајно виде дека таа негова облека е изложена за продавање и тоа многу го нажали. Кога си дојде дома не сакаше ништо да вкуси, туку се затвори во својата соба и започна да плаче и рида, говорејќи:
- Бог не сакаше да ја прими мојата милостиња. Јас, бедниот, не сум достоен да се сеќава на мене.
Така тагувајќи и воздивнувајќи, тој заспа и виде еден благолик човек, кој блескаше посилно од сонцето. На главата имаше крст и беше облечен во облеката на Петар, што му ја даде на осиромашениот сопственик на бродот. Тој човек го праша Петар:
- Зошто тагуваш и плачеш, брате Петре?
Тој му одговори:
- Како да не плачам, Господи мој, кога јас им давам на бедните од она што Ти си ми го дал, а тие го продаваат на пазарите?
Тогаш Јавениот му рече:
- Ја познаваш ли облеката што е облечена врз мене?
Петар одговори:
- Да, Господи, ја познавам. Тоа е мојата облека, со која што го облеков голиот.
Јавениот му рече:
- Тогаш престани да тагуваш. Облеката што ти му ја даде на сиромавиот, Јас ја примив и ја облеков, како што гледаш. Го фалам твоето добро дело, бидејќи ме облече Мене, Кој пропаѓам од студот.
Цариникот се разбуди, многу се восхити и започна да ги велича бедните и си рече на себе:
- Кога сиромашните се Христос, се колнам во името на Господа, дека јас нема да умрам додека не станам еден од нив.
И веднаш го раздаде сиот свој имот на сиромашните, ги ослободи робовите и остави само еден од нив, на кој му рече:
- Сакам тебе да ти ја откријам тајната. Ти чувај ја и слушај ме. Ако не ја чуваш тајната и не ме послушаш, знај дека ќе те продадам на незнабошците.
Слугата му одговори:
- Господару, сѐ што ќе ми наредиш должен сум да извршам.
Тогаш Петар му рече:
- Ајде да појдеме во Светиот Град и да се поклониме на животворниот гроб Господен. Таму ти продај ме на некој од христијаните, а парите што ќе ги добиеш за мене дај ги на сиромашните, па потоа си слободен човек.
Робот се восхити на ваквиот чуден потфат на својот господар, па не сакаше да го послуша и му рече:
- Ке дојдам со тебе во Светиот Град, зашто сум должен како твој роб. Но да те продадам тебе, својот господар, тоа не можам, ниту пак некогаш ќе го сторам.
На тоа Петар му рече:
- Ако ти не ме продадеш мене, тогаш јас ќе те продадам тебе на незнабошците, како што пред малку реков.
И тие се упатија во Ерусалим. Откако се поклонија на Светите Места, Петар повторно му рече на својот роб:
- Ајде сега продај ме. Ако одбиеш, јас ќе те продадам на варварите во тешко ропство.
Иако не сакаше, робот се согласи. Откако сретна еден свој познаник, на име Зоил, богобојазлив и којунџија по занает, му рече:
- Послушај ме, брате Зоиле, купи го од мене овој добар роб.
Којунџијата му рече:
- Верувај ми, брате, осиромашив и немам со што да го купам.
Тогаш робот му предложи:
- Позајми пари од некого, па купи го, зашто е многу добар и Бог ќе те благослови за него.
Зоил им поверува на неговите зборови, позајми од еден пријател триесет златника и го купи Петар од неговиот роб, без да знае дека Петар всушност е господар на тој роб. Откако ги зеде парите за својот господар, робот отиде во Цариград и без да каже некому што сторил, тие пари ги раздаде на сиромашните. А Петар од тогаш како роб служеше кај Зоил, извршувајќи работи на кои не беше навикнат. Некогаш работел во кујната, некогаш изнесувал ѓубре од куќата Зоилова, некогаш копал во лозјето. Со вакви и други тешки работи тој го измачуваше своето тело, смирувајќи се неизмерно, а пак Зоил, гледајќи како неговиот дом стана благословен заради Петар, како некогаш домот Пентефриев заради Јосиф, и како неговото богатство се зголемува, го засака Петра и истовремено се срамеше, гледајќи ја неговата неизмерна смиреност. Еднаш тој му рече на Петар:
- Брате Петре, сакам да те ослободам и во иднина да те имам како брат.
Но Петар не сакаше да биде слободен, туку повеќе сакаше да му служи во својство на роб. Често можело да се види како другите робови го исмеваат, понекогаш дури и го тепаат, го навредуваат на сите можни начини, но тој сето тоа го трпеше смирено и молкум. Една ноќ Петар го виде во сон оној блескав човек, кој некогаш му се беше јавил во Африка, облечен во неговата облека. Сега тој човек држеше во рацете триесет златници и му рече:
- Не тагувај, брате Петре. Јас ги примив парите за кои ти се продаде себе си. Претрпи некое време, додека не те препознаат.
По некое време од Африка допатуваа некои којунџии, за да се поклонат на Светите Места. Петровиот господар Зоил ги повика во својот дом на ручек. За време на ручекот гостите го препознаа Петар и започнаа да си дошепнуваат еден на друг:
- Гледате ли колку овој човек личи на Петар цариникот?
Кога го наслушна нивниот разговор, Петар започна да го заскрива своето лице од нив, за да не го препознаат. Сепак тие го препознаа и започнаа да му зборуваат на домаќиниот Зоил:
- Сакаме да ти кажеме една работа. Знаеш ли дека кај тебе во твојот дом служи голем човек? Навистина овој е Петар, кој во Африка беше многу познат властелин, имаше многу робови, но тој неочекувано ги ослободи, а самиот исчезна некаде. Кнезот многу жали што Петар нѐ остави. Затоа сакаме да го поведеме со себе.
А Петар, кој само што дојде пред вратата носејќи некое јадење, ги слушна овие зборови, го испушти послужавникот и се стрча кон капијата, сакајќи да побегне. На капијата имаше вратар, кој беше глувонем од раѓање и кој само по одредени знаци ја отворал и затворал. Брзајќи што побрзо да излезе, угодникот Божји Петар му рече на глувонемиот:
- Тебе ти зборувам, во името на нашиот Господ Исус Христос, брзо отвори ја капијата!
На тоа глувонемиот проговори и рече:
- Добро, господине, веднаш ќе отворам.
И навистина веднаш ја отвори капијата и Петар брзо излезе. А вратарот отиде кај својот господар Зоил и во присуство на сите започна да зборува. И сите во домот се восхитија кога слушнаа како глувонемиот зборува. И веднаш станаа и започнаа да го бараат Петар, но не го најдоа. Глувонемиот им рече:
„Видете да не побегнал. Знајте дека тој е голем угодник Божји. Кога дојде на капијата тој ми рече: Во името на Господа Исуса Христа, тебе ти зборувам, отвори! И во тој миг јас видов како од неговата уста излезе пламен, кој се допре до мојата уста и јас прозборев“.
Тогаш сите побрзаа во потера по Петар, но не го стигнаа, Насекаде внимателно го бараа, но не го најдоа. Тогаш сите во домот Зоилов многу плачеа по него и си зборуваа:
- Како можевме да не знаеме дека тој е толку голем слуга Божји?
И Го прославија Бога, Кој има многу скриени слуги Свои. А Петар, бегајќи од човечката слава, се криеше по непознати места сѐ до претставувањето кај својот Бог, Кому слава за навек. Амин.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЈОНА ПРЕЗВИТЕРОТ
Преподобниот Јона беше презвитер и живееше во Палестина. Тој беше татко на преподобните Теодор и Теофан „Нацртаните“, кои многу пострадаа за светите Икони од иконоборните цареви. Јона водеше богобојазлив и доблесен живот и особено се одликуваше со гостољубивост и други подвизи на христијанското милосрдие. Тој со љубов се грижеше за воспитувањето на своите синови и уште од мали ги учеше на книжевната мудрост и правилата на побожноста. Во зрели години, Јона по волја Божја ја изгуби својата сопруга и реши целосно да се посвети на служење на Бога. И се оддалечи тој кај познатите преподобни подвижници во осаменичката лавра на свети Сава Осветен, каде порано се подвизуваа и неговите свети синови. Тука тој прими монашки постриг и подржувајќи го светиот подвижнички живот на монасите на оваа обител, стекна уште поголема богобојазливост и со страв го градеше своето спасение.
Преподобниот Јона постојано живееше во строг пост и во срдечни богомислени молитви. Додека се молеше за себе, тој не го забораваше и светот, кој го беше оставил. Тагувајќи за него и горејќи со љубов кон ближните, тој усрдно се молеше за христијанско уредување на светот, за мир во светата Црква и побожност на царевите, зашто византиските цареви тогаш беа стапиле во иконоборната ерес и го нарушуваа мирот на Црквата Божја. Водејќи така доблесен живот, преподобниот Јона достигна длабока старост и го доби од Бога благодатниот дар на чудотворството. Тој се упокои во мир, радосно предавајќи ја својата света и блажена душа на Господа, кон Кого секогаш гореше со чиста и огнена љубов.
ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ КОЗМА, отшелникот Зографски
Преподобниот Козма беше по потекло од благородничка фамилија. Побожно воспитуван, тој во младоста покрај својот роден јазик добро го изучи и грчкиот. Кога стана полнолетен родителите сакаа да го оженат, но тој, огнено чезнеејќи за монаштвото, тајно замина на Света Гора, во манастирот Зограф, каде со љубов го примија. Трогнат од таквиот прием и воодушевен од строгоста на нивниот монашки живот, Козма реши да остане тука.
Послушен во сѐ, тој срдечно ги извршуваше сите зададени работи и кога стана монах беше одреден за еклисијарх.
Првите година од неговиот светогорски живот се значајни по тоа што тој беше удостоен да ја види грижата на Пресветата Мајка Божја за Света Гора. Се случило тоа на Благовештение, славата на манастирот Ватопед. На овој празник со останатите зографски браќа дојде во Ватопед и Козма. На свое големо изненадување, тој видел како една Жена со царска красота и величенственост ги раководи сите и во храмот за време на богослужењето, а потоа и во трпезаријата. Тоа многу го збуни и ожалости младиот монах. Како тоа, се прашуваше светиот Козма, на Света Гора да има жена? А кога се врати во својот манастир Зограф и неговиот старец го праша зошто е толку тажен, Козма му раскажа што видел во Ватопед. Тогаш старецот го праша за изгледот и облеката на таа Жена. Козма му ја опиша, а старецот со воздишка рече:
- И ти, не можеше да се досетиш која е Таа? Таа е царицата на Атон, Пресвета Богородица. Таа благоволи да биде старешина овде кај нас. Кога го слушна тоа, Козма восхитено ѝ заблагодари на Небесната Царица, што го удостои да му се јави нему, простиот Козма. По извесно време Козма беше посветен за јероѓакон, а потоа за јеромонах. Тоа му даде нов повод, та тој си додаде врз себе уште поголеми подвизи, за што побеспрекорно да ја врши својата свештеничка должност и да ги врши манастирските послушанија. Еднаш кога остана сам во црквата, свети Козма со молитва Ѝ се обрати на светата икона на Пресвета Богородица и извика:
- Пресвета Богородице, помоли се на Твојот Син и Бог, да ме упати на патот на спасението. Само што го изговори тоа, го слушна гласот на Богомајката:
- Сине и Боже Мој, научи го слугата Твој како да се спаси. На тоа се слушна одговор:
- Нека се оддалечи од манастирот на безмолвие, на осаменичко молитвено тихување.
Откако на тој начин ја дозна волјата Божја, преподобниот Козма со дозвола на настојателот замина во блиската пустина и си направи пештера во една карпа, на западната страна од манастирот.
Како се подвизувал таму, тоа само единствениот Бог го знае. Сепак и луѓето можеле да извадат извесни заклучоци за тоа, бидејќи чудесниот отшелник за чистотата на својот живот и тешките подвизи најпосле го доби дарот на предзнаење и проѕорливост.
Еднаш дојдоа кај Козма двајца јеромонаси од Хилендар, за да видат каков живот води овој пустиник. Но, додека одеа кај него, тие попат сокрија во шумата тиква со вино, со намера на враќање да ја земат. Козма предосетливо ги прими, поразговара со нив за духовни работи и при разделбата им рече:
- Тиквата со вино што ја сокривте на патот скршете ја, зашто во неа се вовлекла змија и го пуштила својот отров во виното.
Восхитени од таквата проѐорливост, тие на враќање ја скршија тиквата и навистина ја најдоа змијата. Затоа Му благодареа на Бога што ги спаси од смртоносниот отров, со проѕорливоста на светиот пустиник Козма.
Еднаш на Велики Четврток, рано в зори, преподобниот Козма ја виде во воздухот душата на хилендарскиот игумен како се бори со демоните, и го испрати својот ученик во Хилендар, со ваква порака:
„Браќата нека се молат за преминатиот игумен. Тој во воздушните пространства се бори со злите духови“.
Кога ја слушнаа оваа порака, браќата рекоа:
„Ние го видовме игуменот на утрената. Потоа тој отиде да се подготви за служење на света Литургија. Зошто твојот старец ни испраќа таква неумесна порака? Скренал, а се прави светец“.
Сепак тие отидоа во ќелијата на игуменот и го затекнаа навистина мртов. Ненадејно се беше упокоил.
На северозапад од манастирот Есфигмен се наоѓа гората Самар. Таму се осамувал на подвиг монахот Дамјан, но имал заповед од својот духовен отец никогаш да не останува да преноќева во туѓа ќелија. Меѓутоа еднаш, приморан од некоја исклучителна потреба, Дамјан отиде кај соседниот брат. Но, тој беше заминал некаде, па го причека до ноќта. Најпосле тој брат дојде, Дамјан ја заврши својата работа со него, па со брзање тргна кон својата пустинска ќелија. Залудно неговиот другар го молеше да остане и да преноќи кај него, предочувајќи му ги опасностите што можат да го снајдат ноќе по патот и предупредувајќи го на дождот, кој што започнал да паѓа. Дамјан, верен на заповедта на старецот, остана на своето и замина. Но, додека одеше низ мракот и дождот навистина заталка од патот и не знаеше каде се наоѓа и на каде треба да оди. По таквата неволја тој повика кон Господа:
- Господи, спаси ме, пропаѓам!
И одеднаш се најде пред својата ќелија. Поразен од таквото чудо, Дамјан веднаш отиде кај преподобниот Козма и му раскажа што му се случи. Преподобниот му рече:
- Брате, исполнувај ја заповедта на старецот и Бог ќе те сочува од смрт.
Еднаш преподобниот Козма страшно се разболе и во болеста посака да јаде риба. Бог, Кој пророкот Илија го хранеше преку гавран, го утеши и свети Козма со својата татковска промисла за него. Неочекувано долета орел и спушти свежа риба во неговата ќелија. Свети Козма Му се заблагодари на Господа за грижата за него, ја приготви рибата, и само што сакаше да касне, некој таинствен глас му рече:
- Остави ја половината риба за гостинот Христофор.
И навистина следниот ден дојде Христофор. Штом се помоли пред вратите на пештерата, преподобниот Козма му рече:
- Добро ни дојде, оче. Јас те очекував и ти оставив половина риба, да ги поткрепиш малку своите испоснички сили.
И тогаш му кажа како орелот му донесе риба. А пак преподобниот Христофор му раскажа како вчера додека ја чистел таа риба во водата, долетал орел, му ја зел од рацете и одлетал. Тогаш двајцата радосни Му принесоа благодарност на Бога.
Претсмртните денови беа многу тешки за преподобниот Козма. Тој беше известен од Господа за подвигот што му претстои. Во тоа време преподобниот Христофор дојде кај преподобниот Козма и пред ќелијата слушна како преподобниот разговара со некого внатре. Кога влезе и не виде никого, тој го праша преподобниот со кого разговара. По извесно размислување, поттикнат од пријателското расположение кон старецот и, немајќи можност да ја сокрие од него посетата Господова, свети Козма смирено одговори:
- Ме посети Христос, Богот наш, и ме извести дека со Негово допуштање и според тајните причини за спасението, мене ќе ме нападне сатаната со својата војска и ќе го измачи моето грешно тело. Тоа ќе биде знак за моето блиско заминување во Спасовото небесно царство. Поради тоа си испратен кај мене. Сега остави ме, брате, а посети ме во тој и тој ден.
Преподобниот Христофор замина тажен. А кога дојде означениот ден, тој дојде кај преподобниот Козма и го затекна полумртов.
- Што се случило со тебе? - праша тој.
Светителот му одговори:
- Синоќа наиде сатаната со многу демони и со злоба и бес, рикајќи од завист и од поразите, грозно викаше по својата војска: мрзливци, глупаци, сѐ досега никој од вас не успеа да го победи и смачка овој непријател на мојата држава и моќ. Така ли се постапува со нашиот непријател, кој толку многу пати нѐ има победено и посрамено? Беснеејќи така, сатаната ме нападна и страотно ме претепа, како што гледаш според раните на моето тело.
Но свети Козма не страдаше. Во третиот ден по овој сатански напад, откако се причести со Светите Тајни, тој со молитва на устата мирно ја предаде својата душа на Господа, на 22 сепмтември 1323 година. Веста за претставувањето на свети Козма брзо се пронесе низ Света Гора и на неговиот погреб се собраа многу отци и браќа. И кога се извршуваше опелото, кај неговата пештера се собраа пустинските ѕверови и долетаа птици од сите страни. Тие како да го сфаќаа општиот губиток за Света Гора, молкум го опкружуваа опеваниот праведник, без да ги симнат очите од него. А кога чесното тело го спуштија во гробот и започнаа да го затрупуваат со земја, секое од тие животни испушти жалостен крик. Откако на таков трогнувачки начин му ја укажаа својата почит на угодникот Божји, си заминаа.
После тоа, откако измина четириесетдневното споменување на преминатиот праведник, Зографските браќа се собраа кај неговата пештера, отслужија таму сеноќно бдение и решија да ги откопаат чесните мошти и чесно да ги пренесат во манастирот. Но, моштите ги немаше. Што се случило со нив, никој не знае. Тоа го знае само Бог, кој царува над сите и низ сите векови. њ ВРЕ . Ха
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ДВАЕСЕТ И ШЕСТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦИ ЗОГРАФСКИ, кои пострадале од Латините за исповедањето на Православието: ТОМА игуменот, монасите ВАРСОНУФИЈ, КИРИЛ, МИХЕЈ, СИМОН, ИЛАРИОН, ЈАКОВ, ЈОВ, КИПРИЈАН, САВА, ЈАКОВ, МАРТИНИЈАН, КОЗМА, СЕРГИЈ, МИНА, ЈОАСАФ, ЈОАНИКИЈ, ПАВЛЕ, АНТОНИЈ, ЕВТИМИЈ, ДОМЕТИЈАН, ПАРТЕНИЈ и 4 мирјани
Беа светогорски монаси и подвижници од бугарскиот манастир Зограф, кои пострадаа за светата вера Православна, запалени од еретиците Латини и латиномислениот цар Михаил VIII Палеолог и патријархот Јован Век (околу 1282 г), во една кула на манастирот Зограф. Денес се врши нивниот спомен (како и во првата недела по Неделата на Сите Светии), а опширно за нив се зборува под 10 октомври, кога се слави денот на нивното страдање.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ СОФРОНИЈ, епископот Вратчански во Бугарија
Свети Софрониј е роден во 1739 година во бугарското гратче Котел и на крштението го добил името Стојко Владиславлев. Во својата девета година стапил во црковното училиште. Откако го завршил школувањето се оженил и беше ракоположен за свештеник, во 1762 година. Го проповедаше словото Божјо на народот и ги учеше децата во науката Господова во црковната школа. Тој ги преведуваше за народот и Житијата на Светиите од грчки и црковнословенски јазик. Потоа остана половина година на Света Гора Атонска, во 1775 година. Кога се упокои неговата сопруга, тој го прими монаштвото и го доби монашкото име Серафим. Во 1794 година беше избран и хиротонисан за епископ на катедрата Вратчанска, но поради воената состојба и другите неволји, управуваше со Видинската епархија. Заради новите неволји што настапија во 1803 година, тој ја напушти Бугарија и отиде во Букурешт, во Романија. Кога дојде таму го зеде името Софрониј и со дозвола на унгровлашкиот митрополит Доситеј служеше таму. Тука напишал неколку книги на бугарски јазик, за духовна корист на својот народ и тоа: Катихизис и Неделни и Празнични Проповеди. На крајот од животот смирено го опишал својот страдалнички живот под името „Животот и страдањето на Софрониј“, каде смирено моли за прошка од Бога и од сите луѓе. Мирно се упокои во Господа на 22 или 23 септември 1813 година, и е погребан во еден манастир во Букурешт, во кој во последните години од својот живот бил настојател. Бугарската Православна Црква го вброила светиот отец Софрониј во календарот на своите светители, на 31 декември 1964 година.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ИСАК, МАРТИН и НИКОЛАЈ
Како верници во Господа Христа, тие беа наклеветени од незнабошците и затоа мачени. Најпосле пострадаа посечени со меч.