6. Октомври (23. Септември)
ЗАЧНУВАЊЕТО НА СВЕТИ ЈОВАН КРСТИТЕЛ
Денес се прославуваат милоста, чудото и мудроста Божја; милоста спрема побожните и праведни родители на свети Јован, старецот Захариј и старицата Елисавета, кои целиот свој живот посакувале и проселе од Бога едно дете; чудото на зачнувањето на Јована во веќе остарената Елисаветина утроба; и мудроста во домоградителството на човечкото спасение. Бидејќи Господ со Јован имаше исклучително големи намери, всушност тој да биде пророк и Претеча на Христа Господа, Спасителот на светот. Преку Свои ангели Бог го објавил раѓањето на Исак од бездетната Сара, и на Сампсон од бездетниот Маној и неговата жена, и на Јован Претеча од бездетните Захариј и Елисавета. Преку ангели Свои, Бог го објавува раѓањето на оние со кои има исклучителни намери. Како можеле да се родат деца од стари родители? Ако некој е љубопитен да го дознае тоа, нека не ги прашува за тоа ни луѓето, зашто луѓето не го знаат, ниту природните закони, зашто тоа е над нив, туку нека го свртат својот поглед кон силата на семоќниот Бог, Кој од ништо го створил сиот свет и Кој за стварањето на првиот човек Адам не употребил никакви родители, ни стари ни млади. Наместо љубопитство да Му оддадеме пофалба на Бога, Кој нам често ни ги јавува моќта, и милоста, и мудроста Своја, спротивно на природните закони, во кои сме оковани ние, и без особени чудеса Божји би паднале во очајание и богозаборав.
ПРЕПОДОБЕН СТАРЕЦ ЈЕРОНИМ СОЛОВЕЦКИ
Старецот Јероним, во светот Јеротеј Лукин, е роден во 1764 година. Како полнолетен, на почетокот бил во световна служба од 1782 до 1795 година. Потоа стапил во Новгородскиот Хутински манастир, каде што во 1799 година бил пострижаин за монах. Ракоположен е за јеромонах во 1808 година, во московскиот Новоспаски манастир, после што служел при Московската синодална палата. За време на нападите на Французите, тој се трудел околу преместувањето на патријаршиската ризница од Москва и откако отпатувал заедно со неа, немал време да го заштити својот имот. По завршувањето на војната се преселил во црноморската Николаевска пустина во Екатеринославската епархија, а по четири години се префрлил во Новгородската епархија. Како близок пријател на архимандритот Фотиј, подоцнежен Јуриевски игумен, а во тоа време учител по Законот Божји во кадетскиот дел, Јероним научил од него за распространувањето на масонството и на непријателските учења против Православието во општеството и решил да пријави во владата. За тој извештај бил испратен во Петропавловската тврдина, од која што е префрлен под строго обезбедување во Соловецката обител во 1830 година. Јероним со солзи го примил соопштението за неговото напуштање на Петропавловскиот затвор.
Кога командантот го прашал зошто плаче, затвореникот Јероним одговорил:
- Верувајте, не најдов подобро место за монашкиот подвиг од ова овде.
Иако не добил образование во училиштата, сепак поради големата природна интелигенција, старецот Јероним самиот се образувал преку духовно читање и беседи со духовни старци, со кои што се среќавал низ животот. Имал привлечлив дар на ораторство и голема сила на убедливост. Неговите совети биле особено полезни за напаѓаните од помисли и за смутуваните од својата совест. Неговите поуки, засновани на негов личен опит, биле вистиско духовно лекарство. Во последните години од својот живот водел дневник на своите мисли, кој содржи доста интересни психолошки податоци. Јеромонахот Јероним се упокоил со мир во Господа, на 23 септември 1847 година, во Анзарскиот скит, на осумдесет и двегодишна возраст.
Од духовните поуки на старец Јероним
Тажно е да се живее без Бога. Христос рекол: „Без Мене не можете да правите ништо“ (Јован 15, 5). Следствено Он ни ја објавил Својата волја: да бидеме неразделно со Него. Затоа светите Отци ни оставиле во „Добротољубието“ поуки како да се соединуваме со Бога со умот во срцето.
***
Оној што ја практикува Исусовата молитва не ја запоставува црковната служба. Тој брза пред сите кон црквата и последен излегува од неа. Само самоволните ја игнорираат црковната служба. Подобро да изустам во црквата едно „Господи помилуј“, отколку да го прочитам во ќелијата на ветрот целиот Псалтир.
***
Благодатта на Духот, која што се вселила во срцето, ќе го умудри повеќе од секоја наука. И ако некој после световното образование ја наведне главата под благодатта на Духот, таквиот може да стане премудар меѓу премудрите, какви што биле апостол Павле, Јован Златоуст, Василиј Велики.
***
Мнозина, пребивајќи во страстите, се обидуваат да придобијат благодат од Исусовата молитва. Ако во некое буре се чувало катран, ќе се согласи ли некој после отстранувањето на катранот да налее масло во него? Така и срцето во кое што се вгнездиле или сѐ уште се вгнездуваат страсти, ќе ја прими ли брзо во себе благодатта на Светиот Дух? Затоа да се погрижиме најнапред да го очистиме срцето од катранот на страстите, и потоа веќе можеме да се надеваме да добиеме нешто подобро.
***
Пред Исусовата молитва треба да измолиш од Бога простување на прегрешенијата и да ги умртвиш во себе јароста и похотата. Тогаш Самиот Бог ќе ти биде учител во срдечната молитва. Срдечната молитва е Божји дар, даруван на возљубените Божји слуги. Еден од илјада души бива удостоен со него. Мислам дека не може да има само Исусова молитва, без исполнување на заповедите. Како некои мислат дека се молитвеници и ги учат другите на Исусовата молитва, без ни најмалку да се грижат за исполнувањето на Господовите заповеди? И уште: Треба често да го произнесуваш со устата и Неговото сесвето име (Иисус). Добро е куќата да се гради од темелот, а не од покривот. Напишано е: „Биј млеко и ќе има масло“. Односно: Произнесувај ја подолго време Исусовата молитва со устата, и ќе проговори и срцето. Возљуби ја количината и ќе дојде и квалитетот, односно, после долгото и многугодишно пребивање во усната молитва, ќе ја придобиеш срдечната. А оној што уште на почетокот учи или се учи да извршува молитва во срцето, тој, сигурно, не може да ја извршува ни со устата. Божјата благодат доаѓа незабележително. Понекогаш благодатта му се дава на подвижникот во почетокот на подвигот, а понекогаш пред крајот на неговиот живот.
***
Познавав во Москва еден маж од простиот народ, по прекар Грнчарот. Тој му беше познаник на митрополитот Платон и се ползуваше од неговото благо расположение. Еднаш, за време на разговорот за спасението, Грнчарот му рекол на владиката: „Научи ме да се молам“. Платон му наредил да се моли со Исусовата молитва. Грнчарот го послушал, започнал да ја практикува молитвата и потоа побарал понатамошни поуки. Владиката го испратил во Песношкиот манастир, при јеромонахот Самуил. Отишол кај него Грнчарот, се посоветувал и се вратил во крајно молчание. Откако ги оставил сите домашни грижи, си направил дома едно килерче, поставил во него икона со кандилце и започнал да безмолствува. Тој постојано одеше на црква и до смртта беше црковен настојател. За неговото смирение и милосрдие кон бедните, Бог му јави за неговиот крај.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: АНДРЕЈ, ЈОВАН, ПЕТАР и АНТОНИН (АНТОНИЈ)
Во времето кога Василиј Македонецот царуваше во Византија, со Африка владееше свирепиот агарјански кнез Абрахим. Откако го зазеде и сруши главниот сицилиски град Сиракуза, Абрахим ги одведе во ропство старците Андреј и Јован со двете нивни деца Петар и Антонин (Антониј). Овие две момчиња тој ги довери на агарјански учител да ги научи на агарјанскиот јазик и книга. Кога израснаа во зрели момчиња, Абрахим ги засака заради нивната мудрост и останатите доблести, па Антонин го нарече свој роднина, а Петар го постави за главен дворјанин. Сепак тие тајно ја исповедаа христијанската вера, но тоа не можеа да го сокријат од кнезот. Кога дозна тој многу се разлути и нареди веднаш нозете да им ги стават во клада и да ги тепаат со стапови. Така блажениот Антонин доби четиристотини удари, но иако беше претепан, Му благодареше на Бога. Потоа го качија на магаре, го врзаа за самарот со јаже и го шетаа низ градот со тепање и исмевање. Светителот сето тоа го трпеше со благодарност кон Бога. А свети Петар гол го соблекоа и долго го тепаа со стапови по плеќите и стомакот. Потоа и двајцата ги фрлија во темница. По извесно време кнезот мачител ги извади од темницата, стави на нив тешки камења, така што и рацете и нозете и сите коски им се здробија. Обилна крв течеше од нив и телата им се претворија во крвава каша. Потоа го доведоа нивниот татко Јован. Кнезот со левата рака го дофати за вратот, а со десната му зари нож во грлото и тој падна врз своите деца. Тогаш Абрахим нареди да се запали силен оган и ги запалија телата на светите маченици.
А пак блажениот Андреј, кој беше старец, Абрахим го изведе пред себе да му суди. Но, бидејќи блажениот старец храбро ја исповедаше својата вера во Христа, тој го фрли во темница, во која го држеше многу години, мачејќи го со глад, жед и голотија. Најпосле го извади од темницата, го јавна коњот, па се стрча кон маченикот и му го зари копјето во градите. Но, кога слушна дека свети Андреј гласно Му принесува благодарност на Бога, му зари копје и во грбот. Сиот крвав, блажениот маченик падна на земјата. Тогаш му ја отсекоа главата. Така тој ја предаде својата света душа во рацете Божја, искачувајќи се на небото како победник.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ИРАИДА ДЕВИЦА
Светата маченичка Ираида беше од Египет, од местото Ватан. Татко ѝ се викал Петар. Кога имаше дванаесет години, таа зеде на себе монашка схима. Еднаш кога со другите девојки одеше на изворот да наполни вода, таа здогледа кораб на брегот и на него многу девојки, жени, свештеници, ѓакони и монаси, оковани од страна на царскиот намесник Лукијан. Ираида се распраша и кога дозна дека се оковани заради исповедањето на верата во Господа Христа, душата ѝ се охрабри и таа самата им се придружи на окованите девојки. Нивниот старешина ја советуваше да не оди доброволно во смрт заедно со нив, но блажената Ираида не го послуша и кога беше изведена пред царскиот намесник, таа ги исмеа неговите богови. А кога тој започна да ја исмева христијанската вера, блажената без никаков страв му плукна во лицето. Поради тоа најпрвин ја подложија на жестоки мачења и најпосле ѝ ја отсекоа главата со меч. Така таа прими од Господа венец на мачеништвото.
ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНАТА ПОЛИКСЕНИЈА
Света Поликсенија беше родум од Шпанија. Живеела во првиот век по раѓањето Христово, во времето на светите Апостоли и била нивна ученичка. Од раѓањето до младоста таа беше незнабошка. Заедно со својата постара сестра Ксантипа, сопругата на поглаварот на оваа земја Пров, Поликсенија слушна за божественото учење на Христа Спасителот од светиот апостол Павле, додека тој го проповедаше Евангелието во Шпанија. Тогаш Ксантипа и Пров го примија христијанството а Поликсенија и понатаму остана во незнабожечката вера. После тоа ја снајдоа многу несреќи. Со својата несекојдневна убавина, Поликсенија занесе еден нечесен човек, кој насилно ја грабна и ја одведе во Грција. Но Господ, милосрдниот и семоќен Заштитник на незаштитените и невините ја сочува младата девојка неповредена и не дозволи да се оствари лошата намера на безбожниот грабнувач, туку сѐ уреди во нејзина корист. Додека пловеше кон Грција, Поликсенија слушна проповед и од вториот голем ученик Христов свети апостол Петар. Многу наклонета кон возвишеното божествено учење на Христа Спасителот, Поликсенија по доаѓањето во Грција со целосна доверба им се обрати на христијаните за заштита и покровителство. Светиот Христов апостол Филип, кој во тоа време го проповедаше Евангелието таму, му нареди на едно побожно семејство да ја сокрие од лошиот грабнувач. Со голема мака и потешкотии овие благородни христијани успеаја да ја сокријат во грчкиот град Патрас, каде повеќето жители беа веќе обратени во христијанството со проповедта на светиот апостол Андреј Првоповиканиот.
Во тој град, Поликсенија веќе подготвена во благовеста од светите апостоли Павле, Петар и Филип, и многуте добра што ги доживеа од христијаните, го прими христијанството со жива вера во божественото учење на Христа Спасителот и беше крстена од самиот свети апостол Андреј Првоповикан. Тука таа стана сведок на славните чуда, извршени од свети апостол Андреј. Виде таа како овој веќе престарен човек поднесува тешко истезавање и мачење, и како претрпе крсна смрт, затоа што не сакаше да се одрече од Господа Христа и храбро ги застапуваше христијаните.
- Самиот ти поверувај во Христа, - му зборуваше светиот апостол на разјарениот незнабожец, управникот на градот и областа, кога тој му се закануваше со смртна казна и бараше од него да се одрече од Христа и да им принесе жртва на незнабожечките богови.
- Јас повеќе тагувам, - зборуваше понатаму светителот, - заради твојата пропаст отколку заради страдањата што ми претстојат. Моите страдања ќе траат ден, два, а твоето мачење ќе биде вечно.
Но, злиот управник, без да обрне внимание на кротката опомена на свети Андреј, го осуди најпрвин на жестоки мачења, па потоа на крстна смрт. А за смртните маки на апостолот да траат што подолго, мачителот нареди да го врзат на крстот а не да го приковат.
Кога апостолот Божји го водеа на местото на распнување, многуброен народ, со кој беше и младата Поликсенија, се туркаше околу него, громогласно викајќи:
- Што згрешил овој праведник, овој пријател Божји, та го водат на најсрамната казна, на која што се осудуваат најголемите злосторници?
Меѓутоа свети Андреј го смируваше и советуваше народот и одеше на мачење заради исповедањето на Христа. Светителот не го напуштаа неговите верни ученици, меѓу кои беше и Поликсенија, и при неговото распнување на крстот. Многуброен народ се туркаше близу невинораспнатиот свети Андреј и негодуваше против пресудата и сѐ погласно и поогорчено викаше:
- Невино страда овој свет човек!
А кроткиот апостол се трудеше да го успокои вознемирениот народ и од крстот ги поучуваше на зборовите Божји:
- Мажи, жени и деца, стари и млади, робови и слободни! Послушајте ме и повеќе не мислете за времениот живот, туку огледајте се на мене, кој висам на крстот заради Христа и веќе сум готов да го оставам телото. Не треба да се плашат од смртта оние што се подложуваат на смрт за вистината на овој свет. Тие стигнуваат во блажениот покој. Очистете се себе си, не заборавајте го моето учење. Од сѐ срце верувајте во Отецот и Синот и Светиот Дух, исполнувајте ги заповедите на Господа и со тоа ќе се покажете достојни за вечното блаженство, кое Господ Христос го подготвил за оние што Го љубат.
Така минуваа денови и ноќи. Светиот старец, и покрај тешките маки, не престануваше да го поучува народот. И оваа кротка, но полна со живот и вистинска љубов проповед од крстот, имаше силно влијание врз младата Поликсенија. За неколку деноноќија таа го доживеа целиот живот, и христијанството непоколебливо се зацврсти во неа. Меѓутоа долгото страдање на свети Андреј го зголеми роптањето и негодувањето на народот, така што толпата со викање ја опколи куќата на управникот Егејат, барајќи од него да го ослободи страдалникот, кој веќе три дена висеше на крстот без храна,
- Без вина страда овој кроток, свет и мирен човек! - викаше народот. - Еве веќе трет ден како виси на крстот и не престанува да нѐ поучува на добрина и правда. Треба да го симнеме.
Егејат се исплаши од немири и се согласи, па самиот отиде, за во негово присуство да се симне од крстот свети Андреј. Кога го здогледа, Првоповиканиот апостол му рече:
- Зошто си дошол, Егејат? Ако си дојден да ја исповедаш верата во нашиот Господ Исус Христос, тогаш без сомнение ќе добиеш прошка. Но ако си дошол да ме одврзеш од ова дрво, залудно е сега да се грижиш околу тоа, бидејќи јас веќе се насладувам на гледањето на Царот Небесен, веќе Му се поклонувам Нему, веќе стојам пред Него. Но, додека сѐ уште има време, ти погрижи се за својата душа и не подготвувај си вечни маки за себе.
Егејат им нареди на војниците да го одврзат од крстот, но светиот Апостол ги крена очите кон небото и извика:
- Не дозволувај, Господи, да ме симнат од крстот. Дај ми да пострадам за Тебе на начин, како што Ти благоволи да пострадаш. Не давај да се поколебаат оние кои Те познале и Те засакале Тебе преку мојата благовест. Сочувај ги и утврди ги во светата вера Твоја, за и тие да Те прослават Тебе, вистинскиот Бог. Прими ме и мене со мир!
И навистина војниците залудно се трудеа да се приближат до распнатиот за да го одврзат од крстот. Ги задржуваше невидлива сила. Силна светлина, посилна од сончевата, целосно го опколи светиот Андреј и неколку часа го криеше од присутните. А кога оваа светлина исчезна, се виде дека веќе го предал својот дух на Бога, а неговото лице сјаеше со небесна светлина.
Како што воскресението на Господа Христа силно ги поткрена светите Апостоли на проповед на Неговото божествено учење, така и крајот на светиот апостол Андреј делотворно подејствува врз света Поликсенија. Откако го прими христијанството од таквиот столб на Црквата Христова, каков што беше свети апостол Андреј, однегувана и зацврстена во Божественото вероучење Спасово под негово раководство, света Поликсенија и самата посака да го проповеда Евангелието за Христа Господа. Кога дозна дека свети апостол Онисим, кој набрзо после смртта на свети апостол Андреј беше дојден во Патрас и оди во Шпанија за да го проповеда Евангелието, таа радосно тргна со него во својата татковина, за благовестничкиот подвиг. Гореше од желба да ги обрати кон Христа своите сонародници, сѐ уште непросветени со светлината на Евангелието.
Кога се врати во Шпанија со свети Онисим и со својата другарка Ревека, крстена заедно со неа, света Поликсенија со сета душа се оддаде на ширење на христијанството меѓу своите сонародници. Нејзината сестра Ксантипа исто така се приклучи кон нејзините благовеснички трудови. Постои предание дека тие особено често го проповедале Евангелието во густиот населен град Толедо.
И така, сиот свој понатамошен живот, речиси четириесет години, света Поликсенија го посвети на овој голем подвиг, давајќи им пример на оние што поверувале во Христа. Плод на ова нејзино апостолско служење беше тоа што многу незнабошци во Шпанија беа од неа обратени кон Христа и утврдени во христијанството.
Околу 109 година по Христовото раѓање, света Поликсенија мирно се упокои, сочувувајќи ја дественоста до крајот на својот овоземен живот.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНА КСАНТИПА
Таа беше родена сестра на света Поликсенија. Се подвизуваше заедно со неа.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК НИКОЛА ПАНТОПОЛ (ТРГОВЕЦОТ) Карпениски
Светиот новомаченик Никола е роден од побожни и богољубиви родители во Карпелис во Тесалија. Никола доби христијанско воспитување во родителскиот дом и татко му го даде во училиште, та тој изучи книга, а особено Светото Писмо. Неговиот татко се пресели во Цариград и при тоа петнаесетгодишниот Никола го запосли во својата бакалница, во која се продавала најразлична стока. Оттука Никола и го добил прекарот Секаков од грчки Пантопол, односно ситен трговец, продавач, пилар. Наспроти неговата продавница имаше берберница на еден турчин, пријател на неговиот татко. Тој берберин беше многу учен. Таткото на Никола сакаше син му да го научи и турското писмо и уреди со берберот, тој да му дава часови по турски јазик. Како многу бистар и вреден, Никола брзо напредуваше во тоа. И така лесно го изучи турското писмо, така што берберот се восхитуваше на неговите способности и многу сакаше некако да го потурчи. Со таа намера тој повика некои свои пријатели турци јаничари, и се договори со нив во одреден ден да дојдат кај него, при што тогаш ќе го натера Никола како лекција од турски јазик да чита салавати, односно исповедање на муслиманската вера. И навистина така стори. Во одредениот ден дојдоа кај берберот јаничарите, а дојде и Никола на часот по турски јазик. Берберот, кој веќе ја беше подготвил испишаната хартија со салавати, по својот обичај прво самиот ги прочита како лекција, па му даде на Никола и тој да го повтори тоа. Никола ги прочита салаватите, без да знае дека тоа е исповедање на турската вера. Кога заврши, присутните турци на намигнувањето на берберинот извикаа:
- Никола, ти стана турчин! Еве, сега ги прочита салаватите!
Запрепастен од тоа, Никола одговори:
- Јас сум христијанин, а не турчин. Секоја лекција што ми ја задава учителот, јас сум должен да ја прочитам.
Меѓутоа турците го фатија Никола и насилно го одвлекоа кај кајмакамот, заменикот на везирот. Тие го обвинија пред него, говорејќи:
- Ефендијо, ова момче пред нас ги прочита салаватите. Ако сакаш доказ, еве ти ја хартијата на која е испишан салаватот што тој го прочита. Сега ние велиме дека е турчин, а тој ја исмева нашата вера.
На тоа кајмакамот рече:
- Никола, ти си прочитал салавати, значи си станал турчин.
Никола без никаков страв му одговори на судијата:
- Денес учителот како лекција ми ја даде оваа испишана хартија и ми рече да ја прочитам. Јас не знам што се тоа салавати. Сметам дека тоа што учителот ми го дава, јас сум должен да го прочитам.
Тогаш кајмакамот рече:
- Бидејќи си прочитал, треба да станеш турчин. А јас ќе ти дадам висока функција, ќе те сторам богат, ќе те опсипам со почести и ќе те прославам ширум целото царство.
Никола одговори:
- Јас сум христијанин и верувам дека Христос е вистински Бог. А функцијата, богатството и почестите што ми ги нудиш, не ми се потребни. Нема да се одречам од мојот Христос. Нема да се потурчам, ако треба ќе умрам за името Негово.
Кајмакамот нареди, та му ги врзаа рацете наопаку, го врзаа за еден столб, па му рече:
- Никола, гледаш ли што ќе правиме сега со тебе? Подобро ќе ти биде да се потурчиш.
Светителот му одговори:
- Ти си властодржец. Прави што сакаш. Јас сум христијанин. Законот не дозволува вие некого насилно да потурчите.
Тогаш кајмакамот нареди да го налегнат на земјата и да го тепаат, мислејќи дека така ќе го примора да ја прими муслиманската вера. Но блажениот викна на цел глас:
- Зошто ме тепате? Јас сум христијанин, верувам дека Христос е вистинскиот Бог! И целото тело да ми го исечете на ситни парчиња, јас нема да се одречам од Христа! Во Него верувам, Него Го почитувам, Него Го имам за помошник, Он невидливо стои пред мене и ме крепи!
Кога кајмакамот виде дека ќотекот не помага, нареди да го фрлат во темницата за убијци и издаде заповед никој да не му носи ни леб ни вода. И така светиот маченик помина во темницата шеесет и пет дена. Кога повторно беше изведен пред кајмакамот беше многу радосен и весел, како да бил на некоја веселба. Кајмакамот му се закани со смрт ако не се придомисли, но како одговор на тоа храбриот маченик бестрашно извика:
- Христијанин сум, во Христа верувам, од Христа не се одрекувам и на илјада маки да ме ставите.
Кајмакамот нареди повторно да го фрлат во темница и таму често да го тепаат со стапови. И додека светиот маченик беше немилосрдно тепан и мачен во темницата, кај него дојде еден многу богат турчин и му ја понуди својата ќерка за жена, а со неа и дуќан преполн со скапоцена стока, само ако се потурчи. Но, оваа понуда богомудриот маченик ја сметаше за прашина, за сенка, за пајажина.. Тој му рече на турчинот:
- Јас во моето срце имам тајно богатство - верата во мојот Христос, Кој ми подготвил на небото прекрасна населба, несвенлива слава, бесмртна радост, неискажана наслада, ненадминлива чест, неминливо царство. Тоа Господ им го ветува на оние што Го љубат, за вечно да царуваат со Него.
Со ваквиот одговор турчинот си замина празен.
Потоа со наредба на кајмакамот светиот маченик повторно беше изведен пред судијата. Кога го здогледа блаженото момче, чие што лице блескаше, судијата започна да му зборува благо и мило:
- Слушни ме, момче. Ако не сакаше пред време да го изгубиш животот, прими ја нашата вера и ќе ја познаеш сета нејзина благодет и убавина. Сега си млад и не можеш да ја сфатиш вистината.
Маченикот на тоа повторно извика:
- Христијанин сум и како христијанин сакам да умрам! Една милост барам од вас, што побрзо да ме предадете на смрт.
Кога го слушна тоа судијата се убеди дека маченикот е непоколеблив во својата христијанска вера, па донесе одлука да му се отсече главата. Џелатите веднаш го поведоа кон губилиштето. Тогаш сите видоа големо чудо: лицето на светиот маченик блескаше од некоја внатрешна духовна радост, како некогаш лицето на светиот првомаченик Стефан. И навистина изгледаше како да оди на свадба, а не во смрт. Тој иташе во смрт за Христа, како жеден елен кон поток. Силниот оган на љубовта Христова гореше во неговото срце, па тој заедно со светиот апостол Павле воскликнуваше:
„Кој ќе нѐ раздели од љубовта Христова? Неволја ли или тага? Или гонење или глад? Или голотија или страв? Или меч?“ (Рим 8, 35). Кога стигнаа на губилиштето маченикот клекна и ја подаде главата. Додека се молеше, џелатот му ја отсече блажената глава и тој доби венец на мачеништвото. А светата, чиста и беспрекорна негова душа отиде на небесата, сета блескајќи со небесна светлина, сета зрачејќи со сончева радост, за таму вечно да блаженствува со светите ангели и маченици во пресјајната светлина на Пресвета Троица. А пак божествената благодат остана во неговото свето и чесно тело. Сите можеа сосем јасно да видат како божествена светлина слегува врз него од небото во текот на три цели ноќи и го осветлува, та тоа блескаше и зрачеше. На тоа христијаните многу се радуваа, а агарјаните се јадосуваа. Некои христијани отидоа кај судијата и му дадоа доста сребро, та тој им дозволи да го земат светото тело и чесно да го погребаат. Го погребаа во манастирот Пресвета Богородица на Халка. И се случуваа, и непрекинато сѐ до денес се случуваат чудеса и им се даваат исцеленија од светите мошти на светиот маченик на сите, кои прибегнуваат кон него со вера, во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот во Троица Бога, Кому чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ЈОВАН
Христовиот новомаченик Јован беше родум од местото Коница во Албанија, Роден е како муслиман од муслимански родители. Татко му бил шеик, старешина меѓу дервишите. Но подоцна, откако ја видел чудесната сила на христијанската вера на разни места и во разни случаи, тој се крсти и го доби името Јован. За тоа беше обвинет и изведен пред турскиот суд. Изнамачен за верата Христова од турците во Етолија, тој после страотните мачења беше посечен, во 1814 година. Пред смртта извика: „Помјани мја, Господи, во царствији Твојем“. По погубувањето телото заедно со светата глава му беше фрлено во еден поток, од каде што го зедоа христијаните и чесно го погребаа. Неговото страдање го опиша Георгиј Јатридис од Карпенис.