7. Октомври   (24. Септември)

ЖИТИЕТО И СТРАДАЊАТА НА СВЕТАТА ПРВОМАЧЕНИЧКА ТЕКЛА РАМНОАПОСТОЛНА

Додека го благовестуваа светото Евангелие, светите апостоли Павле и Варнава дојдоа во Иконија и отседнаа кај Онисифор, кого што свети Павле го спомнува во посланието до Тимотеј, говорејќи: „Господ нека му даде милост на Онисифоровиот дом, зашто многу пати ме успокои и не се посрами од веригите мои“ (2 Тим. 1, 16). Додека живееја во домот на Онисифор, тие често ја посетуваа синагогата, бестрашно го проповедаа словото Божјо, ги изведуваа луѓето на патот на спасението и ги обраќаа во верата во Господа Христа. Тогаш мнозина, додека ги гледаа знаците и чудата што тие ги вршеа, поверуваа во нашиот Господ. За тоа во Делата Апостолски се вели следново: „Во Иконија се случи Павле и Варнава заедно да влезат во јудејската синагога, и зборуваа така, што поверуваа голем број на Евреи и Елини. И тие останаа доста време, зборувајќи слободно за Господа, Кој го сведочеше словото на благодатта Своја и даваше та се твореа знаци и чуда со рацете нивни“ (Д. А. 14, 1.3).

Во тоа време во Иконија живееше многу убава осумнаесетгодишна девојка на име Текла, ќерка на Теоклија, од познат и славен род. Таа беше свршена за едно од најугледните момчиња во градот Фамир, многу богато и убаво. Кога ги виде чудесата што ги вршеа апостолите, Текла заедно со останатите ја слушаше нивната беседа во домот на Онисифор крај прозорецот, ревносно внимавајќи на нивните зборови. Семето на словото Божја падна на добра земја и под дејство на Светиот Дух тоа длабоко ѝ се вкорени во срцето, и таа поверува во Синот Божји и со сета душа Го засака и се прилепи за Него. А Павле, раководен од Бога, започна да ѝ зборува за девственоста и целомудрието, нагласувајќи ѝ дека девојката што ја чува својата девственост од љубов спрема Христа, е слична на ангелите и навистина е невеста Христова, а Христос нејзин Младоженец, Кој ја внесува во Своите небесни дворови. Многу зборувајќи ѝ за тоа, свети Павле ја поттикна Текла на чување на девственоста и таа цврсто реши да го остави својот свршеник и сластите на овој свет и да Му служи на Христа во девствена чистота до смрт. Така мудрата девојка со својата чистота стана невеста на небесниот Младоженец и со сесрдна љубов Го следеше. Горејќи со ваква љубов како со серафимски оган, таа се топеше како восок, и врз неа се исполнија зборовите на светиот цар Давид: „Срцето мое стана како восок, се топи во моите гради“ (Пс. 21, 15). Восхитена од беседата на свети Павле, Текла три дена и три ноќи го слушаше и целосно заборави на храна и одмор. Како што некогаш Марија, која откако седна крај нозете Исусови сета беше обземена со мисли за Бога (сп. Лк. 10, 39. 42), така и Текла се хранеше само со зборовите Негови, зашто во Светото Писмо е речено: „Не само од леб ќе живее човекот, туку и од секој збор што излегува од устата на Бога“ (Мат. 4, 4).

Меѓутоа Теоклија дозна дека нејзината ќерка поверувала во Христа, па дојде гневна и насилно ја одвлече, а светите проповедници - апостолите, ги прекори и навреди. Така таа својата ќерка, тоа јагне Христово, го тргна од стадото Христово. Потоа го повика нејзиниот свршеник Фамир и му рече:

- Зарем ти не се грижиш за својата свршеница? Зарем не гледаш дека ја обзело лудило? Види, таа е заведена од тројца дојденци - измамници, кои со своите зборови ги мамат безумните луѓе. Веќе три дена таа не се поместува од кај нив и заборави на својот дом.

Тогаш Фамир започна мило и нежно да ѝ зборува на Текла за својата љубов. Но, таа го свртуваше лицето од него и не сакаше да го погледне, зашто во своето срце Го носеше Младоженецот Христос, најпрекрасниот од сите синови човечки.

Таа со своите духовни очи гледаше во Него и разговараше со Него во својот ум. А овој пак гнилежен и привремен младоженец ѝ стана одвратен. Кога виде дека Текла го отфрла и не го сака, Фамир многу се нажали, а разјарената Теоклија започна да ја тепа, да ја влече за косата и да ја удира со нозете. Потоа ја затвори сама и ја измачуваше со глад. Но, од мајчинска љубов плачеше за својата ќерка, па одеше, ја бакнуваше и прегрнуваше, и со солзи ја молеше да не го отфрла својот прекрасен, богат, благороден и многу угледен свршеник. Потоа ја постави на трпезата покрај Фамир. Но, Текла се сврте од него, седеше и молчеше, и гледаше во земјата. Не сакаше ништо да вкуси и често воздивнуваше. А кога Фамир сакаше насилно да ја прегрне и бакне, таа му плукна во очите и побегна. Тогаш нејзината мајка повторно се разбесни и започна да ја тепа, а Фамир, многу очаен, отиде кај кнезот да се пожали од апостол Павле и му рече:

- Во нашиот град се појави некој туѓинец, кој со своите магии го заблудува народот, го одвраќа од боговите и го обраќа кон некаков Исус Христос, распнат од страна на Евреите. Тој ја прелага и девојката Текла, мојата свршеница. Отпрвин таа многу ме сакаше, а сега не сака ни да ме погледне, туку се гнаси од мене како од лепрозен и бега од мене како од ѕвер. Така тој магепсник ја згасна љубовта во неа. Не можам да сфатам што стори со неа.

Кнезот го повика апостол Павле и го праша од каде е и што работи во нивниот град. Павле ја отвори својата апостолска уста и по обичај започна да му проповеда за Исуса Христа. Кнезот го одложи судењето на Павле за подоцна и нареди да го врзат и да го стават во темница додека не се укаже прилика работата за него подетално да се испита. Текла слушна дека поради неа апостол Павле е фрлен во темница и ноќе отиде таму. На чуварот му го даде златниот гердан од својот врат и го замоли да ја пушти внатре. Тоа го спомнува свети Златоуст, говорејќи: „Слушни за света Текла: таа, за да го види Павле, го даде своето злато на стражарот на темницата, а ти ниту еден грош не сакаш да дадеш, за да Го видиш Христа“. Стражарот на темницата се израдува на скапоцениот синџир и златниот накит и ја внесе Текла кај свети Павле. Таа со солзи радосници падна пред него и ги целиваше неговите окови. Кога ја виде, Павле најпрвин се запрепасти, но кога дозна сѐ што таа пропатила од мајка си и од свршеникот заради целомудрието, многу се израдува за нејзиното јунаштво, ја бакна во главата, ја благословуваше и ја фалеше нејзината вера и девствена целомудреност, нарекувајќи ја невеста Христова и своја прва ќерка, која што ја родил со благовестието. Текла седеше во темницата со Павле како ќерка со татко, ги слушаше неговите татковски поуки и зборовите негови ги ставаше во своето срце како скапоцени бисери. Тој многу ја поучуваше во верата во Господа Христа, во божествената љубов, во целомудреното чување на девстеноста и потполно ја утврди во науката Христова. Свети Епифаниј пишува за тоа, говорејќи: „Текла, која имаше прекрасен свршеник, прв во градот, многу богат, многу угледен и познат, го најде свети Павле, кој ја одврати од веридбата со овој свршеник и се одрече од сите овоземни богатства, за да се удостои со небесните“.

За тоа време во домот на Теоклија сите започнаа да ја бараат Текла и бидејќи не ја најдоа настана вознемиреност, плач и пискот. Мајката плачеше по својата ќерка, Фамир за свршеницата, робинките за својата госпоѓа. Слугите се растрчаа на сите страни да ја бараат, се распрашуваа по улиците и домовите, но никаде не ја најдоа. По долго време дознаа дека таа се наоѓа во темницата, па побрзаа таму и ја најдоа кај апостол Павле, каде приврзана со божествена љубов смирено ги слуша неговите поуки. Тие ја изведоа од темницата и за сѐ го известија кнезот, кој седна на судиштето и нареди да го доведат и Павле. Штом го здогледа, народот веднаш повика кон кнезот:

- Кнезу, овој човек е магепсник, веднаш погуби го!

А особено Фамир многу настојуваше Павле да биде погубен, жалејќи се што тој ја отргнал од него неговата свршеница. Ја повикаа и Текла и кнезот ја праша:

- Зошто се гнасиш од својот свршеник, кој е толку добар и благороден? Зошто не се омажиш за него?

А таа гледаше во Павле и молчеше, безгласна како јагне. Тогаш нејзината мајка заборави на својата мајчинска љубов и како разлутена лавица викна кон кнезот:

- Веднаш спали ја оваа лоша хулителка! Таа заслужува таква смрт! Повеќе не е моја ќерка, бидејќи не ми е послушна! Спали ја за пример на другите! Нека се исплашат сите девојки во овој град и нека не се осмелат да им се противат на своите мајки, како оваа непослушна! Не! Таа не е мое чедо, туку проклет изрод и сува фиданка! Спалете ја!

Така мајката упорно настојуваше нејзината ќерка да биде спалена, а пак Фамир настојуваше Павле да биде погубен. Кнезот долго го испрашуваше светиот Апостол и во него не најде никаква вина, освен што Го проповеда Христа. Затоа не го осуди на смрт, туку нареди да го протераат од градот, за да не наговара други девојки на чување на девственоста. И беше протеран Павле и со него Варнава и Онисифор со своите синови. Всушност Павле и самиот брзаше да излезе од градот, не само заради кнезот Фамир и Теоклија, туку затоа што и народот го напаѓаше и сакаше да го убие заради проповедањето на словото Божјо и сведоштвото за Исуса Христа. Тоа го спомнува свети Лука во Делата Апостолски, говорејќи: „Евреите, кои не веруваа, ги побунија и раздразнија духовите на јазичниците против браќата. А народот во градот се раздели: едни беа со Евреите а други со Апостолите. И кога јазичниците и евреите, со своите началници се готвеа да ги хулат и каменуваат, тие, штом разбраа, се засолнија во ликаонските градови Листра и Дервија и во нивната околина“ (ДА. 14, 2. 4-6), и оттаму во Антиохија. Но, најпрвин тие поминаа неколку дена недалеку од градот Иконија во еден гроб, покрај патот за Дафна, за да дознаат што ќе се случи со Текла. Постејќи, тие срдечно се молеа за неа, Господ да ја поткрепи и да ја излие својата милост врз неа. Така и се случи.

Кнезот долго ја приморуваше Текла да му се врати на својот свршеник, но откако не успеа, на молба на нејзината мајка Теоклија, ја осуди на спалување. Донесоа многу суви дрва, сено и гранки, подготвија силен оган и слугите ја поведоа света Текла, но таа не им дозволи, туку самата тргна, се прекрсти и застана на врвот на гранките, подготвена да изгори, зашто за неа не беше страшен природниот оган, бидејки гореше од неприродниот оган на љубовта Божествена. Додека стоеше врз наредените дрва, таа гледаше во народот и во обличје на Павле го здогледа Господа како стои и ѝ вели да биде храбра. За тоа свети Кипријан во својата беседа за мачениците, вака се обраќа во молитвата кон Господа: „Јави ни се нам, како на Павле во оковите и на Текла во огнот“.

Кога го потпалија огнот и пламенот кој високо се креваше ја опколи света Текла, ненадејно наиде облак со силен дожд и град и го згасна. Кнезот и народот побегнаа, а Текла остана неповредена, но не отиде во домот на својата мајка, ниту се задржа во Иконија, туку веднаш замина од градот, да го бара својот духовен отец свети апостол Павле. По пат сретна еден Павлов ученик од домот Онисифоров, кој беше тргнал во градот да купи леб. Текла го препозна и го праша:

- Каде се наоѓа Павле, апостолот Христов?

Тој ја одведе во гробот во кој се криеше Павле. Кога ја видоа жива и здрава сите се израдуваа, ги кренаа очите и рацете кон небото и Му заблагодарија на Бога. Потоа сите каснаа малку и се поткрепија. Оттаму Павле и Варнава поминаа низ Листра и Дерва, благовестејќи го Евангелието и исцелувајќи болни. Нив ги придружуваше и Текла, сѐ до Антиохија. На влегување во овој град случајно ги сретна некој Александар, старешина на тој град. Тој беше млад и на големо живееше во сластите и нечистотиите, како што тоа беше обичај кај незнабошците. Запрепастен од убавината на светата девојка, го обзеде нечиста желба кон неа. Мислејќи дека таа е Павлова жена, првин му понуди на Павле многу злато, за да му дозволи да биде со неа. А кога дозна дека Текла е неомажена девојка, уште повеќе ја посака за себе и започна да ја наговара да му ја подари својата љубов, но таа бегаше од него како од лав кој рика и сака да ја проголта убавината на нејзината душа. Александар се трудеше да ја улови на сите можни начини. Така еднаш, кога ја сретна света Текла која одеше со многу народ, тој заборави на срамот, ја зграпчи и ѝ се закачи за вратот. А таа започна да вика и со солзи да му вели:

- Остави ме, не присилувај ме, јас се одреков од мојот свршеник и не можам да бидам со тебе.

Таа со сите сили се бранеше од неговите раце и најпосле побегна, раскинувајќи му ја облеката. Така многу го посрами. Тој многу се разлути, па кога згора на тоа дозна дека е и христијанка, ја изведе на суд пред кнезот. На неговото прашање зошто се гнаси од бракот, Текла одговори:

- Мој Младоженец е Христос, Синот Божји, со Него сум венчана во духовен брак.

Тогаш кнезот започна да ја присилува да се одрече од Христос и да се омажи. А кога одлучно одби, ја осуди да ја фрлат ѕверовите, од две причини: и за побожноста и за целомудрието, зашто верува во Христа и се гнаси од бракот како млада и убава. Извршувањето на казната беше одложено за утредента, а ноќта ја зеде на чување во својот дом една жена на име Трифена, која беше од царски род и многу угледна. Подоцна и таа поверува во Христа. Неа ја спомнува свети апостол Павле во посланието до Римјаните, каде што вели: „Поздравете ги Трифена и Трифос, кои се трудат во Господа“ (Рим. 16, 12).

Кога ја одведе во својот дом, Трифена ја помина ноќта во духовен разговор со Текла. Утредента се собра многу народ, за да го види претстојниот настан. Дојде и кнезот а и сите градски старешини. Света Текла беше изведена како јагне на колење и застана на местото каде што требало да ја изедат ѕверовите. Но, штом ги пуштија, тие не се допреа до неа, зашто Бог ги затвори нивните усти, како некогаш во Даниловата јама. Сите гледачи со восхитување се зачудија на оваа необична глетка, зашто ѕверовите ја променија својата свирепост во овчја кротост. Притоа едни од гледачите Го прославуваа Богот исповедан од Текла, а други хулеа и говореа:

- Таа има магии во својата облека и затоа ѕверовите не се допираат до неа.

Исто така и самиот кнез со градските старешини зборуваше дека е магепсничка, па ги магепсала оверовите да не ѝ наштетат.

Затоа решија наредниот ден да ја фрлат пред многубројни гладни ѕверови, па повторно ја испратија кај честитата Трифена, која многу се израдува кога ја виде. Во тоа меѓувреме кнезот нареди да не им се дава храна на ѕверовите, за да бидат што погладни и да ја растргнат. Така утредента таа повторно беше изведена на губилиштето. По неа одеше Трифена, расплакана што ја водат светата девојка на смрт без никаква вина. Текла ја поставија на прегледно место и бесрамниот кнез нареди да ја соблечат гола, говорејќи:

- Во нејзината облека има магии, па затоа зверовите не се допираат до неа. Соблечете ја, па ќе видите дали ќе остане жива.

Тогаш ја соблекоа и ја поставија гола пред сиот народ. Единствена покривка и беше срамот, и таа ги повторуваше зборовите на пророкот Давид: „Срамот на моето лице ме покри“ (Псалми 43, 16), И пуштија кај неа гладни и разјарени ѕверови, лавови и мечки. Но, тие ги наведнаа своите глави, како да се срамат од девојкината голотија и отстапија од неа. Навистина прекрасна глетка. Ѕверовите чувствуваа срам. Тие ги свртуваа своите очи од голотијата на девојката, а бесрамните човечки очи гледаа во неа. Така на ова гледалиште бессловесните ѕверови беа изобличувачи и судии на луѓето. Крволочни по природа, ѕверовите станаа целомудрени како луѓе, а луѓето, разумни по природа, се уподобија на дивите ѕверови. Но, што постигнаа тие со тоа? Ја разголија целомудрената девојка за да ја посрамат, но всушност ѝ го зголемија угледот. Добро вели свети Златоуст, спомнувајќи ги двете разголени жени: Пентифриевата жена во спалната и Текла во присуство на многубројниот народ: „Каква беше користа за сладострасната жена Египќанка, со тоа што се разголи во спалната? Каква штета доживеа првомаченицата Текла со тоа што беше разголена на губилиштето? Иако разголена, Текла не згреши како што згреши Египќанката, ниту беше посрамена, туку беше возвеличана како светителка. Оваа голотија во присуство на многумина беше наградена, а голотијата на онаа во затворената спална беше посрамена“.

Додека света Текла стоеше гола на губилиштето, ѝ пријде една лавица, легна пред неа и ѝ ги лижеше нозете, како да ѝ оддава почит на нејзината девствена чедност. Тоа го спомнува свети Амвросиј, говорејќи: „Можеше да се види како ѕверот лежи на земјата и ѝ ги лиже нозете на светителката. Со тоа безгласно сведочеше дека не може да му наштети на нејзиното девствено тело. Ѕверот ѝ се поклонуваше, иако му беше дадена да ја растргне, и заборавајќи на своите природни својства, тој ја зеде на себе природата која што ја изгубија луѓето“.

Но, народот, кога го виде ваквото однесување на ѕверовите кон света Текла, започна силно да вика:

- Голем е Богот, Кој Текла Го исповеда!

Мачителот не ја препозна силата Божја, па смисли на друг начин да ја погуби. Ископа длабока јама, ја наполни со различни лазачи, змии, гуи, и ја фрли во неа. Но, Оној Кој некогаш ги затвори устите на лавовите и сега ги скроти змиите, го уништи нивниот отров, та светителката излезе од јамата неповредена, на запрепастување и восхитување на сите.

Злиот мачител не знаеше што да превземе понатаму, па нареди да доведат два силни бика, ја врзаа Текла за нозете помеѓу нив, и со вжештени железни бодила ги бодеа биковите, за тие да ја растргнат кога ќе се стрчаат. Но и при тоа светата остана неповредена. Јажињата со кои што беше врзана се скинаа и биковите побегнаа, а светителката остана на местото без никаква повреда. Тогаш и самиот кнез, многу запрепастен, увиде дека со оваа девојка е силата Божја, па ја повика и ја праша:

- Која си ти? Каква е таа сила во тебе, та ништо не може да ти наштети?

А таа не одговори ништо освен: слугинка сум на Живиот Бог.

Кнезот се исплаши од Богот Кој ја чува Текла и нареди со чест да ја облечат, па ја ослободи, изрекувајќи ѝ ваква пресуда:

„Текла, слугинката Божја, ја пуштам на слобода“.

Света Текла отиде кај Трифена и настапи голема радост во нејзиниот дом. Додека беше кај неа, таа го проповедаше словото Божјо и многумина поучи во верата Христова. Потоа многу посака да го види својот отец и учител апостол Павле и откако го најде остана да го следи, но тој не ѝ дозволи и ѝ рече: „Никој не оди во војна со невеста“.

Тогаш таа зеде благослов од светиот Апостол и замина во Селевкија. Се насели на пусто место во една планина и таму живееше во пост, молитва и богоразмислување. Вршеше таа и многу чудеса и исцелуваше најразлични болести. Луѓето доаѓаа кај неа со своите болни, кои таа ги поучуваше во верата Христова и ги исцелуваше. Во една прилика, покрај местото каде што живееше светителката минуваше еден незнабожечки жрец од Селевкија, јавнат на коњ. Кога ја здогледа света Текла, која во тоа време си береше трева за храна, жрецот се соблазни на нејзината убавина и со коњот побрза кон неа да ја нападне. Но, светителката, крепена со силата Божја, го дофати жрецот и го тресна од земјата толку силно, што тој три дена лежеше нем и неподвижен. Луѓето кои минуваат по тој пат и го гледаа жрецот кај лежи како мртов, се чудеа што му се случило. Во третиот ден се слушна за тоа во градот и многу луѓе дојдоа и се собраа околу него, за да го однесат дома. Штом си дојде на себе, тој започна да зборува:

- Видов една богиња. Од неа ме снајде оваа несреќа.

И во страшни болки одвај се довлечка во својот дом. Потоа повика живописец и му порача на даска да ја наслика осумнаесетгодишната девојка. Кога живописецот започна со работа, по промисла Божја му појде од рака добро да го нацрта ликот на света Текла, та таа изгледаше како жива. Откако ја заврши сликата, тој му ја однесе на жрецот. А тој, кога ја виде толку веродостојна, рече:

- Токму таква девојка видов.

И ја зеде сликата, ја бакна и веднаш оздраве. После тоа со голема почит ја чуваше во својот дом оваа слика на света Текла. По извесно време, под влијание на проповедта на света Текла, тој поверува во Христа со сиот свој дом.

Света Текла многу години живееше на таа гора во околината на Селевкија, и многумина упати на патот на спасението, на многумина им помогна во неволјите и најразлични болни исцели, а магепсниците и волшебниците во Селевкија почувствуваа дека дошол крајот на нивната работа. Лишени од приходите, тие започнаа да негодуваат против красната исцелителка Текла, која бесплатно ги исцелуваше сите што доаѓаа кај неа. Поттикнати од зависта и гневот, тие решија да наговорат бесрамни момчиња да ја обесчестат. Злобници си зборуваа меѓу себе:

- Текла е чедна девојка и затоа е сакана од големата богиња Артемида. Таа ги слуша нејзините молби и ѝ дава сила да ги исцелува болните. Но, ако биде обесчестена, Артемида ќе отстапи од неа и целебната сила ќе ѝ се одземе. Тогаш повторно ќе скокне цената на нашата лекарска вештина.

Додека така зборуваа и работеа на тоа, тие најдоа бесрамни момчиња за таквиот потфат, ги напија со вино и ги испратија кај неа. Притоа им дадоа многу злато и им ветија уште повеќе, ако го извршат бараното. Постапија така бидејќи не знаеја дека Текла не ги исцелува болестите со силата на Артемида, туку со благодатта Христова.

Бесрамните момчиња, опиени од вино, веднаш отидоа кај Текла, полни со нечисти мисли и зли намери. Кога ги виде, чесната старица Текла ги праша:

- Што сакате, деца?

А тие, наместо одговор започнаа да ѝ зборуваат безобразно. Таа ја прозре нивната намера и побегна од нив. Онаа, која некогаш не се исплаши од дивите ѕверови, сега побегна од бесрамните луѓе. Тие се стрчаа по неа. Кога ја стигнаа таа се помоли на Бога да ја спаси од нив, и веднаш со Божја наредба карпата пред неа се распукна и ја прими во себе светата девица. Таа карпа ѝ стана и засолниште и гроб. Во неа света Текла ја предаде својата душа во рацете Божји. Имаше деведесет години.

Сега таа во бесконечниот живот Го прославува Животодавецот Христа Бога, славениот со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

За оваа чудесна христијанска светителка, свети Златоуст вели:

„Ми се чини како да ја гледам оваа блажена дева, како Му ги принесува на Господа, во едната рака девството а во другата мачеништвото.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ КОПРИЈ

Свети Коприј е роден на ѓубриштето, близу зидините на манастирот свети Теодосиј Велики, началникот на општожитието, каде неговата мајка со многу други беше добегала, барајќи засолниште од агарјаните. Кога се беа повлекле агарјаните, монасите излегоа од манастирот и на ѓубриштето најдоа новороденче. По наредба на својот игумен Теодосиј Велики, тие го зедоа бебенцето и му го дадоа името Коприј. Го хранеа со козјо млеко, од одбрана коза од стадото, и кога детето ќе побараше храна козата сама слегуваше од планината, го нахрануваше и повторно се враќаше во стадото. Така постапуваше козата сѐ додека детето не потпорасна и започна да се храни со цврста храна.

Кога Коприј стана полнолетен, преподобниот Теодосиј многу го засака. Со својот побожен живот тој својата боголика душа ја направи живеалиште на Светиот Дух, така што му беа послушни и дивите ѕверови. Така во една прилика тој здогледа во манастирската градина мечка како се храни со нивниот зеленчукот, па ѝ пријде, ја истера од градината и ѝ се закани повеќе да не доаѓа таму. Во друга прилика тој појде со магарето во планината да донесе дрва за манастирот. Но, додека собираше дрва мечка го касна магарето за бутот. Тогаш свети Коприј ги натовари дрвата врз мечката, велејќи ѝ:

- Нема да те пуштам. Ти сега мора да ја вршиш работата на магарето, сѐ додека не му оздрави нанесената рана.

И мечката се покори и носеше дрва и вода, сѐ додека магарето не оздраве. Потоа преподобниот ја ослободи.

Некое време свети Коприј беше на послушание во манастирската кујна. Еднаш варивото во лонецот при вриењето започна да се прелива. А тој, немајќи при рака со што да го промеша, започна со гола рака да ја остранува пената. Потоа ја вовлече раката во лонецот и мешаше за да го спречи вриењето, при што воопшто не се повреди.

Преподобниот целиот свој живот се подвизуваше во сите доблести и тоа не престануваше да го прави ни во длабока старост, кога имаше деведесет години. Додека блескаше меѓу браќата како сонце, беше удостоен на свештеничкиот чин. Често се повлекуваше во осамени места, каде срдечно се молеше на Бога. Заради своите христочезниви подвизи беше удостоен на јавување од свети Теодосиј Велики, по неговото упокојување. Му се јавувал и заедно со него читал молитви и пеел. А кога последен пат му се јавил, свети Теодосиј му рекол:

„Брате Коприј, еве дојде крајот на твојот овоземен живот. Ајде кај мене, да се населиш во местото на покојот, кое е подготвено за тебе“.

Набрзо по ова видение прекрасниот подвижник боледуваше малку, и откако се прости со сите отци и браќа, отиде кај Господа.

СПОМЕН НА ЧУДОТВОРНАТА ИКОНА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „МИРТИДИОТИСА“

„Миртидиотиса“ се нарекува чудотворната икона на Пресвета Богородица пронајдена на островот Китира во Грција. На тој остров, кој се наоѓа во Критското Море, пред Лаконискиот пелопонески залив, имало едно пусто место викано Миртидија, бидејќи било преполно со мирти. Пред неколку векови, преку чудно откровение на сон, на тоа место беше доведен еден побожен христијанин, кој многу ја почитуваше Пресветата Богомајка. Кога дошол тука тој слушнал глас, кој му говорел:

„Ако побараш наоколу, ќе најдеш Моја икона. Време е на ова место да му ја дадам Мојата благодат и помош“.

Човекот се преплашил и откако се прекрстил се молел на Господа Христа и на Пресветата Богомајка, да му го откријат значењето на тој глас.

Молитвено смирен, тој започна да бара по шумата, за да ја најде иконата за која му беше јавено. И навистина најде меѓу гранките на една мирта прекрасна икона на Пресветата Владичица. Кога ја виде многу се израдува, сфаќајќи дека гласот што го слушнал бил гласот на Светата Дева, кој го доведе до светата икона. Откако побожно ѝ се поклони и ја целиваше иконата, овој благочестив човек го исчисти тоа место и изгради мал храм, во кој ја постави светата икона. Ја нарече „Миртидиотиса“ по местото каде што ја најде. Изгради и мала ќелија покрај градот, се замонаши и ѝ служеше на Пресветата Дева на тоа свето место. А кога се упокои, друг монах, на име Леонтиј, дојде на неговото место, го прошири храмот и изгради таму вистински манастир. Гласот за оваа чудотворна икона се пронесе надалеку. Во него доаѓаа многу побожни луѓе, барајќи благослов и помош од Пресвета Богородица во своите несреќи.

Така еден побожен христијанин, викан Теодор Кубањос, кој необично ја почитуваше светата икона, воспостави обичај свечено да прославува во овој манастир со роднините и пријателите четириесет дена после празникот Успение Богородично. Меѓутоа се случи по некое време тој тешко да се разболи од фатеност. Сепак, тоа не го спречи свечено да го прославува својот вообичаен празник, испраќајќи ги своите деца и роднини со богати подароци и молејќи се на Пречистата Богомајка за свое оздравување. По долгогодишно тешко страдање, тој ги замоли своите деца и роднини на носила да го однесат за празникот во манастирот, за уште еднаш со свои очи да ја види чесната икона и да ја целива, цврсто надевајќи се на исцеление од неа. Тие му ја исполнија желбата. Кога го доведоа таму го положија пред иконата, а тој од дното на душата повика и со солзи кон Богомајката молеше за утеха и исцеление. А пак насобраните луѓе, додека го слушаа неговиот лелек и ридање, и самите се молеа за него. Додека певците ја пееја утрената, влезе некој од верните во храмот и ги извести дека од морето се слуша некаков голем шум и врева, и дека се приближува кон храмот. Народот, од страв да не се тоа гусари, кои често го пустошеле островот, брзо го напуштија храмот и се сокрија по шумите. Така Теодор остана сам, како да нема никој свој. Во таквата состојба тој ги удвои своите повици и молитви, и одеднаш му се стори како да слуша глас:

„Стани и бегај!“

И веднаш фатениот и неподвижен тешко болен човек, придоби сила и започна да се движи. Стана и како потполно здрав се стрча да ги стигне останатите. Во душата тој Им благодареше на Бога и на Богомајката за очигледното чудо, кое се случи со него. Кога осамна, ги бараше своите деца, но тие од страв од гусарите сѐ подлабоко се криеја во шумата. Некои од нив го препознаа неговиот глас, и откако дознаа за чудото сите се вратија радосни во манастирот и ја завршија започнатата служба Божја. Од тогаш на овој ден се собира сиот народ од островот во овој манастир, да ги слави чудесните дела на Мајката Божја и Нејзината света и чудотворна икона.

Се случија и многу други чуда од оваа света икона. Така еднаш манастирот и островот беа спасени со чудесни огнови, кои ги видоа гусарите околу манастирот, па исплашени од тоа видение побегнаа и не му наштетија. Во друга прилика бродот на кој што му се закануваше опасност од силната бура, и тоа токму наспроти манастирот, беше спасен со молитвата на морнарите упатена кон Пресвета Богородица и кон свети Никола. Морето веднаш стивна, а морнарите се симнаа да ѝ се заблагодарат на Пресветата Дева и Нејзината чудотворна икона. Од нивните прилози подоцна беше изграден и храм на Свети Никола, на таканаречената „Црна карпа“. Често на островот Китир доаѓало до глад заради неплодноста на земјата, но со застапништвото на Пресветата Дева им пристигнувале плодови од други места. Затоа народот давал многу прилози во манастирот, а чудотворната икона ја оковале во сребрен опков. За време на сушни години народот често излегувал, а и сега излегува на Литија со оваа чесна икона на Богомајката, и секогаш дождот ја напојувал жедната земја. Не еднаш чудотворната икона го спасувала народот на островот од заразни болести, а тоа го потврдуваат и многу усни преданија и писмени сведоштва на Китир. Едно од многубројните чуда е и оздравувањето на тешко болниот Јован Калуција, кое се случило во 1732 година. И до денес чудотвори оваа света икона на Богомајката, по Чии што молитви Господи спаси и помилуј нѐ. Амин.

ПРЕПОДОБЕН СТАРЕЦ ГАВРИИЛ (ЗИРАНОВ) СОЛОВЕЦКИ

Старецот Гавриил е роден во 1844 година. На млади години бил послушник во Оптина пустина. Оптинските преподобни старци Амвросиј, Иларион, Исакиј, старецот Мелхиседек и други, изградиле и воспитале во идниот подвижник дух на старечество и монашко смирение, дух на кроткост и детска трепетна љубов кон Бога. На старецот му се случило да се подвизува во многу манастири, но тој секогаш се сеќавал на Оптина пустина и нејзините големи подвижници.

Прикован за постела од ненадејно и тешко заболување, тој беше пострижан во голема схима на 5 октомври 1892 година и во борбата со телесните страдања имаше придобиено голема Божја благодат. Освен претходните дарови се здобил и со дарот на богољубието и дарот на лекувањето (после молитвата) на душевни и телесни болести. Пет години беше прикован старецот Гавриил за постелата од тешката болест, за која што се сеќава со најголемо умиление преку целиот понатамошен живот. На почетокот го поставиле да лежи на левата страна. Лежел во таква положба година ипол дена, без да станува и без да се свртува на другата страна. Потоа го свртеле на десната страна, на која што исто така лежел година ипол дена, и на крајот лежел на грб уште две години.

Во првите три години старецот бил одвај жив и умирал секој ден по три, пет и повеќе пати од слабост на срцето. Но, со духот бил доста бодар и радосен. Гледал дека Господ му дава не само болест туку и сила да го поднесува страдањето - да ја трпи болеста како средство за очистување на гревовите, и затоа радосно ја примал како дар Божји, како послушание и дело, кое му се дава за спасение на душата и за слава Божја. Се радувал на тоа што веќе е невозможно да греши, дека е заштитен од секоја суета и пристрасност...

Кога старецот започна да се поткрева во постелата и по малку да седи, лекарот му разрешил да прима посетители. На почетокот тие беа малкумина, претежно браќа од манастирот и селани од блиските села. Но нивниот број постепено се зголеми до толкав степен, што старецот мораше дури да ја прегради вратата на собата со специјална решетка, за да не може народот да го притиска. Еднаш од притисокот на луѓето во ходникот, оние што стоеле најнапред толку започнале да го притискаат во неговата постела, што за малку ќе го задушеле. По тој случај беше направена решетка. Луѓето доаѓаа до неа, ги слушаа зборовите на старецот, или неговите одговори на одредени прашања, добиваа благослов и си заминуваа. Покрај неговата ќелија постојано имаше толпа. Но, тој започна да се изморува од разговорите и затоа започна да им раздава на посетителите ливчиња со религиозно поучна содржина. Едноставно ги ставаше ливчињата под перницата и без да избира на секого му го даваше токму она со содржина што одговарала на духовната потреба на оној што прашувал.

Старецот не сакаше да ги гледа оние што доаѓаат кај него, за да не се оттргне од богољубието. Затоа додека зборуваше со нив се трудеше да не ги отвора очите. Но и кога посетителот молчел, старецот ги слушаше неговите мисли, како да разговара со него. Кога тоа се случило за прв пат, посетителите се исплашиле и избезумиле, а старецот продолжил да одговара на нивните мисли. Тие дури започнале да плачат. Тогаш старецот започна да се досетува дека тие не зборуваат, само по тоа што кога ќе ги отвореше очите гледаше дека тие не ги движат усните, а истовремено тој продолжуваше да слуша зборови како да зборуваат. После тој случај започна да внимава овој свој дар да не го открива пред луѓето, и пред да одговори, внимателно се загледуваше, дали навистина му зборуваат. Имаше доста такви случаи.

Во својот стремеж за чистота на срцето и одржување на истата, старецот постојано се трудеше да се сеќава на поранешните гревови, се каеше за нив пред духовникот и често се причестуваше со светите Христови Тајни. Од тоа секогаш се чувствуваше пободар, по животорадосен и слободен од сѐ световно. Истовремено и неговото здравје постепено се подобри. Тој веќе можеше сам да се крева и да седи во постелата, можеше да чита книги и да пишува.

Еднаш, додека седеше во постелата, старецот го читаше житието на преподобниот Серафим Саровски. Кон крајот на книгата му дошла мисла: „Ако Божјиот угодник ми помогне да станам и да одам, ќе нарачам да насликаат негова икона на кипарисова даска!“ и потоа, продолжувајќи со читањето, беше заборавил за тоа. Ја довршил книгата за преподобниот, ја затворил и без да размислува, како во занес, се исправил на нозете и ја однел книгата во молитвената соба, ја ставил на нејзиното место меѓу останатите книги и се вратил во постелата. И дури тогаш како да се разбудил од сон, забележал дека е на нозе, а до тогаш немал станато цели пет години!... Но сепак се беше уморил од одењето, и лежејќи, не престануваше да се восхитува како така успеал сам, без ничија помош, да стане и да ја однесе книгата. И тогаш се сети за желбата да наслика икона на преподобниот Серафим. Но, како да ја наслика? Божјиот угодник Серафим сѐ уште не бил прославен.

Старецот ја сподели маката за тоа прашање со отец Висарион и тој го посоветува да наслика икона на јавувањето на Божјата Мајка и на мачениците девици на преподобниот Серафим. Тој така и направи. Потоа таа икона насекаде беше негова ќелијна икона.

Со страв и инспирација старецот го прими игуменството на Седмоезерската пустина во 1902 година. Свесен за целосната одговорност за спасението на браќата и за благоустројството на обителта, тој постојано се трудеше да ги има пред очи светите примери на оптинските игумени, преподобниот Мојсеј и преподобниот Исакиј, и да ги подржува во мудрото расудување и духовното преуспевање на браќата со надворешниот ред и просперитет.

Кон грижата и трудовите за стопанството, старецот ги присоедини и трудовите поврзани со духовното воспитување на браќата и мирјаните, кои се обраќаа кај него за совети.

Никогаш не одбиваше на браќата беседи и исповед, бидејќи мнозина, како и порано, сакаа да го имаат за свој духовник. А на своите неманастирски чеда често им пишуваше длабоко поучни писма.

Потоа старецот стана познат далеку од границите на родната епархија. Меѓу високопоставените покровителки, почитувачки, а подоцна и духовни чеда на старецот, беше и преподобномаченичката велика кнегиња Елисавета, која речиси секоја година ја посетуваше пустината и присуствуваше на сите манастирски служби. За таа висока гостинка не беше подготвувана специјална маса, туку ѝ принесуваа храна на заедничката братска трпеза.

Но поради клевети на недобронамерници, старецот беше отстранет од игуменството. Кога игуменот Јувеналиј, кој тогаш ја градел Елеазаровата пустина, (недалеку од Псков) врз општожителни основи, поканил кај себе браќа од Глинската пустина и имал голема потреба од мудар наставник - старец, тој го повикал старец Гавриил и тој се прифатил.

На почетокот од неговото сместување во новиот манастир, старецот се обидуваше да оди на службите во храмот. Но, во стариот каменен манастирки храм беше многу студено и тој се разболе. Боледуваше извесно време и дури не можеше воопшто да излегува од ќелијата. Со настапувањето на есента, а со неа и на влажното време, тој конечно беше приморан да се откаже од присуството на црковното Богослужење. Како замена на тоа започна засилено да се занимава со Исусовата молитва. И пред тоа секогаш, може да се каже, „дишел“ со неа, ги обучувал другите и дури напишал и отпечатил цела поука за неа. Но, сега тој започна да се занимава со молитвата со повеќе труд и усилба, и си даде за задача да кажува секојдневно со бројаница по дванаесет илјади молитви: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме, грешниот“. Освен тоа без пропуштање ги читаше службите според уставот на Светата Црква; полуноќницата со катизма, утрена, часови -1, 3, 6, 9, вечерна и повечерие, и ќелијното општо правило, односно три канони: на Спасителот, на Божјата Мајка и на Ангелот пазител со акатисти. При тоа никогаш никого не одбиваше за беседа или дури и обичен разговор. Ги примаше богомолците кои му доаѓаа, пишуваше писма, го читаше Псалтирот, Светото Писмо и дела на светите Отци. Воопшто, со сите сили се трудеше и само Бог знае како можел да го издржи тој товар на умот и кога си давал одмор на себе. Навистина, од напрегнатоста во Исусовата молитва доби силна главоболка, но тој не отстапуваше, туку долично ги извршуваше своите дванаесет илјади молитви.

Непријателот на човечкиот род беше многу разгневен на старецот молитвеник. Еднаш, како што изјави самиот старец, за време на занимавањето со Исусовата молитва, додека седел во собичката на фотелјата, тој одеднаш видел дека низ вратата влегол некој црн, прецрн косест човек, кој, според старецот наликувал на ром. Тој влегол и злобно изјавил:

„И од тука ќе те избркам!“

Старецот само го погледнал и смирено му одговорил:

„Е добро де, нека биде волјата Божја!“

И си продолжил со молитвата. А јавениот исчезнал бесшумно, како што и се појавил. Подоцна старецот речиси никогаш не зборуваше за тоа, но не беше заборавил за таа закана.

Наскоро неговите почитувачи му изградија во пустината куќичка, многу пријатна, светла, доволна за него и неговите ќелијници.

Кога се насели во неа, старецот кон поранешниот молитвен труд сега вистински го присоедини и духовното раководство на луѓето, кои се обраќаа кај него во сѐ поголем број, откако меѓу народот започна брзо да се шири веста за пристигнувањето на новиот старец великосхимник.

Невозможно е да се опфати целата содржина од беседите, советите, поуките кои што биле дадени од старецот од тој момент па натаму, но сите тие биле запечатени со длабочината на неговата благодарна мудрост, силна вера и молитвеност, и дури проѕорливост. Тој ги молеше сите да живеат во мир, да им простуваат на сите и никого да не осудуваат, да ја чуваат чистотата и целомудрието и да вршат сѐ според евангелските заповеди. И беше вохитувачко како понекогаш со сосем прости зборови, наизглед обични, кои не привлекуваат внимание, тој искажуваше некаква вистина. Тие зборови имаа моќно дејство врз заинтересираниот прашувач, го доведуваа ту до солзи на умиление, ту до страв, ту до сфаќање на патиштата на спасението, ту до полна добра надеж при апсолутна безнадежност и привидна безизлезност од животната ситуација. Се случуваше старецот да каже:

„Надевај се на Бога. Господ нема да те остави!“, и тоа веќе беше доволно, му веруваа, се охрабруваа и утешени се враќаа дома. И животните околности навистина се поправале.

Имало многу случаи, при кои што старецот, без да чека да го добие писмото, самиот пишувал на некого, кој се наоѓал во опасност и грижа, и потоа секогаш излегувало дека неговото писмо веќе било одговор на тешки двоумења и очајни чувства и затоа пристигнувало токму на време, носело решавање на сомнежите и утеха.

Но, треба да кажеме дека и на секој начин се трудел да го прикрие своето проѕорливо „чувство“, понекогаш на шега, понекогаш преобраќајќи се во нешто „просто“ и „обично“. А истовремено состојбата на таа душа му била сосем позната, како да читал во отворена книга, без тоа да се забележува однадвор. Еднаш еден близок човек согрешил пред него и токму кога сакал да ја отвори устата и да му раскаже на старецот за својот пад, старецот веќе вели: „Знам! Човекот прашува: „Е како?“ „Ами, ете така.. Чувствителен сум кон тие нешта“. И затоа на исповед понекогаш помагал со своите прашања, бидејќи однапред знаел за одредени гревови.

Веста за новиот благодатен, мудар и преполн со љубов старец, носеше во Елеазаровата пустина сѐ повеќе нови и нови богомолци. Некои од нив често се обраќаа кај него и поради телесни болести.

Исцелените со солзи се поклонуваа во нозете на старецот и му благодареа за исцелението. Но, тој, споделувајќи ја нивната радост, забележуваше:

„Јас немам ништо заедничко со тоа. Благодарете ѝ на Небесната Царица!“

Бидејќи таквите случаи не остануваа неоткриени за народот, старецот започна сѐ повеќе да прибегнува кон некакви прости лекарства, давајќи им на болните капки и прашоци, и така излекувал мнозина од сериозни и тешки заболувања. Но, при сето тоа, често му се случувало да чуе од оздравените:

„Вие и вода да благословите, и од водата човек ќе оздрави“.

Духовните чеда и почитувачите на старецот гледаа колку му е тешко сам да ги чита сите црковни служби и заедно со тоа чувствуваа (иако старецот не кажувал ништо), дека на големите празници сака сам да отслужи Литургија, но истовремено повеќе немал сили да оди во храмот и да стои на долгите служби. Затоа во почетокот на 1910 година се родила идејата да му изградат домашна црква, во која тој ќе може постојано сам да служи или барем да има утеха од црковната служба.

Беше одлучено кон една од собите, од нејзината источна страна, да се изгради мала дрвена доградба за олтар, да се сруши ѕидот кон собата и да биде заменет со иконостас, и така да се добие доста удобен храм. Господ беше одредил и преподобномаченичката кнегиња Елисавета да земе учество во тоа. Таа се согласила на почетокот да даде одредена сума, а потоа подарила икони за иконостасот (чие што живописање било изработено според нејзина замисла и под нејзино набљудување). Подарила таа и свеќници, покривки за престолот и жртвеникот и богослужбени одежди за старецот. На осветувањето на храмот се собраа многу духовни чеда на старецот. Меѓу нив беа и преподобномаченичката кнегиња Елисавета и преосветениот Инокентиј.

Кај старецот секое лето доаѓаа многу богомолци и гости. Од првите денови на мај, па дури до крајот на август неговата куќичка беше полна, особено во последните четири-пет години. Таму имаше и владици, архимандрити, јеромонаси, студенти, службеници, свештеници, и луѓе од високите слоеви и луѓе од простиот народ, придворски дами, и сопруги на градоначалници, и трговци, и монахињи од различни манастири, и при тоа цели групи и семејства. Никој, се разбира, не броел колку посетители и гости поминувале во текот на едно лето, но на оние што го посетиле старецот им било познато дека неколку години по ред на неговата маса седеле од десет до осумнаесет души. Се добивало едно сплотено по дух семејство.

Секоја година кај старецот доаѓаа монахињи и послушници од Псковските женски манастири. Се случувало да се соберат по цела певница, со сопствени ноти и диригенти, и тогаш во неговиот храм имало служба по служба. Певците пееле и сами ги вршеле сеноќните бденија и литургиите.

Од 1912 година старецот започна забележително да ги губи силите. Сѐ почесто споменуваше за својата смрт. Духовните чеда плачеа и го молеа да поживее уште, заради полза за нивното спасение. Старецот како да не можеше да ги одбие, им говореше:

„Да, жал ми е за вас. Толку ми е жал, што немам зборови!“

Кога во јули 1914 година започнала војната, старецот беше многу растревожен. Сите понатамошни случувања тој ги доживеа особено напрегнато. Ако мобилизираните заминеа во војна, душата го болеше за нив и ги благословуваше со голема љубов. Кога родители го молеа да се помоли за нивните синови на фронтот, тој ги земаше на срце тие молби и самиот ги спомнуваше имињата на борците. Кога не се задоволуваше со молитвите и просидбите, кои Светиот Синод препорачувал да се упатуваат за време на богослуженијата, старецот дополнително читаше различни канони и молитви за победа над германците и воопшто на секој начин го молеше Бога да ѝ помогне на Русија. Голем интерес имаше тој за случувањата и текот на војната, и кога имаше радосни вести, буквално викаше „ура“ среде целата куќа. Но, ете, во 1915 година започна поредица на тешки воени неуспеси. Бројот на сирачињата, вдовиците, ожалостените за загубата на блиските, се зголеми многу. Таа маса од болка некако го уништуваше. Тој се исцрпи од неутешните жалби на луѓето, кои бараа од него утеха и поткрепа.

Воените тревоги и лошата здравствена состојба на старецот ги натераа неговите духовни чеда да го замолат да се премести на некое друго место. Тој го одбра Казан, и на 24 август отиде таму со двајца свои ќелијници. Од Казан старецот Гавриил и замина кај Господа, на 24 септември.

Од духовните поуки на старец Гавриил

„Не биди славољубив! Славољубивиот е бесплатен слуга, се труди а не добива награда. Како што сокинатата вреќа не го чува ставеното во неа, така и славољубието ја погубува отплатата за добродетелите. Воздржанието на славољубивиот е чад, кој излегува од печката. И едното и другото се расејуваат во воздухот. Ветрот ги брише стапките на човекот. Така и славољубието ги уништува сите добри дела и ја преобраќа милостињата и молитвата во ништо. Кога некоја помисла те возгордева и во срцето слушаш славољубиви дошепнувања, тогаш им одговарај со зборовите од псалмот: „Нека отстапат и нека се посрамат оние што ми викаа: О, добро, добро!“ (Пс. 69, 4).

Смиреномудрото срце е ризница, од сите страни оградена со Божјата благодат, ризница во која „ни молец, ниту рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат“ (Мат. 6, 20). Изобилството од здрави плодови ги наведнува гранките на дрвјата до земјата. Така прави и стравот Божји со добродетелната душа. Обработувај го својот ум со поучување во Божјиот закон, бидејќи непрестајното поучување во него ги искоренува лошите помисли. Секогаш мисли на Бога и умот ќе ти стане небо. Радувај се на смирението, зашто од него се раѓа голема висина, која не може да падне“.

***

„Ме прашувате како да живеете и како да се молите. Гласот на оној што вика во пустината се слуша во мене и насекаде, но си останува само глас на оној што вика во пустината... Самиот не се научив, како тогаш можам јас да научам некого? Но, ќе се обидам да го исполнам послушанието. Господи, благослови!

Велите дека носите тешко послушание, и слава Му на Бога! Тоа што ви го налагаат, тоа е крстот. Ви заповедаат, тоа се клинците со кои што ве приковуваат за крстот! Носи го јаремот Христов, тој Христов крст! Раздај го сиот свој имот, земи го својот крст и врви по Мене, и ќе имаш богатство на небесата (сп. Мат. 19, 21).

Раздај го својот имот, отсечи ја својата волја и служи во самоодрекување и послушание. Тоа што ќе ти го дадат да го носиш, носи го безропотно и при тоа осознавај дека си грешница, исто како благоразумниот разбојник, кој на крстот ги осознал своите гревови и од таму викал:

„Спомни ме, Господи, кога ќе бидеш во Царството Свое!“

И ние да повикуваме кон Господа Бога, како што тој викал на крстот. И ти на послушанието викај: „Боже, биди милостив кон мене, грешницата! Спомни ме Господи, кога ќе отидеш во Царството Свое!“. И брзо, брзо ќе бидеш во рајот.

Ете, пред нас е Исус Христос, Он е безгрешен, а страда за нас на Крстот! Тие зраци на Неговото милосрдие паѓаат врз нас и ја палат во нас надежта и огнената вера во Него, дека Он, милосрдниот, ќе ги олесни нашите страдања, кога ги носиме тие послушанија заради Христа и заради нашето спасение. Со Него да пострадаме, та со Него и да се прославиме.

Не умееме да кажуваме молитви, но нашите трудови и послушанија нека бидат нашата жртва, наместо усната молитва. И срцето нека ни биде чисто, скрушено и смирено, и Бог не ќе го презре, а ќе го омекне - ќе дојде и ќе направи во нас Свое живеалиште. Смирените срца можат да бидат престол и жртва, а ние небо, само кога Бог со Својата благодат ќе се всели во нашите срца.

И токму тогаш ќе заживееме со небесна радост, бидејќи ќе нѐ опкружат светите Ангели, Пророците, Апостолите, Мачениците, Преподобните, Праведниците и сите Светии, кои заблескале.

О, колку убаво, колку весело ќе биде и да се умира во присуството на такви помошници! Оние, кои се смируваат така, ќе се вознесат торжествено пред Царот на Славата.

Измачувај го оној што те измачува, смирувај и омекнувај го своето срце и тоа самото ќе те научи“.

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ НИКАНДАР ПСКОВСКИ

Во времето на великиот московски кнез Василиј Јоанович, во Псковската област, во селото Виделебај живееше еден побожен човек на име Филип, со својата благочестива сопруга Анастасија. Нивниот најстар син, гледајќи добар пример во своите родители, ја остави светската суета и се замонаши. Во ова благочестиво семејство се роди преподобниот Никандар, со световно име Никон, во 1507 година. Неговиот татко набрзо умре и тој остана со мајка си. Уште од детството беше наклонет кон науката и сакаше да го чита Светото Писмо. Често ја посетуваше селската црква, посветена на свети Никола Чудотворец, чие што житие сакаше да го подржува. Не ги сакаше детските игри, не го мамеше убавата облека, туку му се допаѓаше монашкиот живот посветен на труд и молитва. Побожното момче особено го привлекувале подвижничкиот живот на преподобните Ефросин и Сава, кои неодамна беа заблескале со своите подвизи и чудеса во Псковскиот крај.

Кога наврши седумнаесет години, Никон започна да ја моли својата мајка, таа да се повлече од светот и да се замонаши. Анастасија го послуша сина си и еден дел од имотот раздаде на сиромашните, а друг поклони на црквата Божја, па се замонаши во еден женски манастир. Наскоро потоа се упокои. Никон отиде во Псков, ги посети таму сите цркви и манастири и ја оствари својата дамнешна желба: го посети местото каде што се подвизувале свети Ефросин и Сава и се поклони на нивните нераспадливи мошти. Од тогаш во него уште повеќе се разгоре желбата да ги подржува нивните подвизи.

По враќањето во Псков, Никон го прими во својот дом трговецот Филип, кој го беше засакал заради неговата необична смиреност и трпение. Тој го даде кај еден ѓакон да го учи на книга и Никон многу брзо учеше и започна да го чита Светото Писмо, така што сите се восхитуваа на неговиот успех. Но, за него најважно беше како да Му угоди на Господа и да ја спаси својата душа. Одамна тој беше слушнал за некое пустинско место помеѓу Псков и Порхов, среде непроодните шуми, но не знаеше како да го пронајде. Затоа се молеше на Господа да му испрати човек, кој би го однел таму. Господ ја услиша неговата молитва и му испрати таков човек, кој се викаше Теодор Ситник. Никон започна да го моли да го упати на тоа место, велејќи му дека ќе добие награда од Господа и на неговата грешна душа ќе ѝ биде наставник кон спасението.

Благочестивиот Теодор тајно го одведе во пустината. Таму си направија колиба, се вселија во неа и тука започнаа да се подвизуваат. По извесно време, кога Никон вообичаено отиде во Псков да присуствува на светата Литургија во црквата на Свето Богојавление, му дојде глас од олтарот:

- Никоне! Никоне! Слуго Мој, појди во пустината што ти ја покажа благочестивиот Теодор и таму ќе најдеш спокој за себе. После тебе тоа место ќе се прошири и многумина ќе се спасат во него.

Преподобниот Никон веднаш радосен излезе од храмот и се упати кон пустината. По патот се сретна со блажениот Николај Псковски. Тој му претскажа дека во пустината го очекуваат разни искушенија од бесовите и напади од лоши луѓе. Но, тоа не го исплаши Никона. Тој радосен стигна во својата пустина и петнаесет години се подвизуваше во работа, молитви, пост, читање на Светото Писмо, непрестајно бдеење. Многу напасти поднесуваше тој од бесовите и лоши луѓе, но за сѐ Му благодареше на Бога.

За овој пустиник се пронесе глас и околните жители започнаа да доаѓаат кај него, просејќи молитви и поуки. Славата од луѓето беше тешка за смирениот подвижник и бегајќи од неа, тој се врати во Псков. Оттаму отиде во Крипецкиот манастир на свети Јован Богослов, основан од преподобниот Сава. Таму ја виде иконата на подвижникот и откако падна пред ковчегот со неговите мошти, долго се молеше:

- Преподобен угодниче Божји, Саво! Помоли се на Христа Господа да ме удостои да го следам твоето житие и вброј ме во твоето избрано стадо.

Со смирение и солзи Никон го молеше игуменот на Крипецката обител да го удостои на монашкиот постриг и да го прими во братството. Но, игуменот му велеше:

- Нашиот манастир е оскуден и сиромашен. Нема да можеш да ги издржиш неволјите и тешкотиите на ова место.

На неговата упорност игуменот најпосле се согласи и тој беше замонашен со името Никандар. Како монах уште повеќе започна да се подвизува, сиот се предаде на Бога, потполно се одрече од својата волја и во сѐ се потчини на волјата на игуменот и браќата. Тој вака си размислуваше:

„Монашкиот живот е сличен на пченично поле. Тоа бара чист дожд од солзи и големо трудољубие. Ако сакаш да донесеш обилен род а не трње, тогаш со умот биди буден и труди се. Грижи се да бидеш добра земја, а не каменлива, за семето, посеано од небото во твоето срце, да може да донесе род, а не да свене од припекот на мрзоволието и неодговорноста“.

Хранејќи ја со такво спасоносно размислување својата душа, тој со молитвата ѝ доставуваше духовна наслада. Во молитвено бдеење ги минуваше ноќите, бркајќи ја тегобата на сонот. Своето тело го измачуваше со воздржание и пост, постојано сеќавајќи се на зборовите на пророкот Давид: „Погледај ги страдањата и маките мои, па прости ми ги сите гревови мои“ (Пс. 24, 18). Слободното време преподобниот Никандар го минуваше во ракоделие. Игуменот и браќата се восхитуваа на овој подвижник, на неговиот благ карактер, смиреноста и послушноста, бодроста и воздржливоста во подвизите и Го прославуваа Бога. А гореспоменатите Филип и Теодор Ситник тргнаа по примерот на преподобниот Никандар и се замонашија во истата обител. Филип го доби името Филарет а Теодор името Теодосиј. Тие тука и се упокоија.

Меѓутоа преподобниот Никандар, повторно бегајќи од човечката слава и тагувајќи за претходниот пустински живот, отиде во својата пустина и поживеа таму неколку години, при што се хранеше само со билката див синап. Животот во дивата пустина понекогаш му беше изложуван на опасности. Така во една прилика разбојници ја нападнаа неговата бедна колиба, ја собраа неговата бедна покуќнина и го лишија и од последната утеха - светите икони и книги, а него го претепаа, го ранија со копје во ребрата и го оставија одвај жив. Но, светителот не се налути, туку започна да се моли за своите добротвори, гледајќи во иконата на Светителот:

- Господи, Боже мој! Ти, Безгрешниот, доброволно прими од евреите страдање заради нашето спасение. А јас, многугрешниот, го претрпев ова по заслуга, за моите многубројни гревови.

А за своите злотвори тој вака се молеше:

- Господи! Не земај им го ова за грев, зашто не знаат што прават.

Брзиот помошник Господ на чудесен начин му подари исцеление на смирениот Свој слуга, а разбојниците беа казнети. На два километри од ќелијата на светителот се наоѓаше езерото Демјаново, во кое се влеваше реката Демјанка. По Божја промисла, на брегот на ова езеро овие разбојници го изгубија патот и три дена лутаа гладни. Двајца од нив во очајание започнаа да го навредуваат светителот. Но, Господ ги казни така што тие при преминувањето на реката Демјанка се лизнаа и се издавија. Преостанатите двајца се исплашија и се покајаа, го најдоа патот кон колибата на преподобниот Никандар и му вратија сѐ што му беа зеле. Со горки солзи тие го молеа да им прости и да се помоли на Господа за нив. Преподобниот со родителска љубов ги прими покајниците, им прости, ги нахрани и многу ги молеше да го остават овој лош занает, па ги отпушти со мир. Кога се вратија дома разбојниците им раскажуваа на сите што им се случило и Го славеа угодникот Божји Никандар, а пак околните жители со големо усрдие започнаа да му носат икони, леб и облека.

Но, преподобниот повеќе се плашеше од човечките пофалби отколку од разбојниците. Затоа повторно ја остави пустината, па по друг пат тргна во Крипецкиот манастир. Таму го продолжи својот строг подвижнички живот. Се хранеше само со ржан леб и вода. Не вкусуваше ни вино, ни риба, и единствено во сабота и недела понекогаш си разрешуваше по малку вариво. Со добродетелите и строгоста на животот, трудољубието, смиреноста и послушноста, преподобниот ги надминуваше сите во манастирот. Тој им служеше на сите, носеше вода, сечеше дрва во шумата и ги носеше во манастирот... ноќите ги минуваше во постојано бдеење. Понекогаш излегуваше во шумата, го разголуваше своето тело и даваше да го бодат комарците и ободите, та по целото тело му течеше крв. За тоа време тој неподвижно седеше, предејќи волна и пеејќи псалми. На зајдисонце се враќаше во манастирот и прв иташе во црквата, каде ја отстојуваше целата служба, без да се помести од местото и последен излегуваше од неа. Восхитувајќи се на неговите подвизи, браќата го поставија за црковник. Покрај тоа, му беше дадена и должноста на тешкото и мачно послушание: да меси и пече просфори. Но, преподобниот со радост започна да ја извршува оваа работа, вака расудувајќи:

„Кога нашиот Господ Исус Христос го нарекол Своето Тело леб, подготвен за Тајната Вечера, тогаш јас треба да се радувам што Бог ме удостои да подготвувам такви лебови, на кои се врши голема и страшна тајна: на чудесен и несфатлив начин тие се претвораат во свето Тело Христово“.

Така подвижникот Христов и понатаму неуморно се трудеше. Додека ја гледаа неговата полетна ревност, монасите го засакаа за неговата смиреност и кроткост и го замолија игуменот да го постави за келар. Како унапреден, преподобниот не го промени својот поранешен начин на живот, туку новата должност ја извршуваше со смиреноумие и срдечност, како одредена од самиот Господ. Заедно со должноста келар, тој доби и власт во манастирот, но сепак се однесуваше како најмлад и пред сите излегуваше на работа. Сепак не остана долго келар. За него беше неподносливо трчкарењето поврзано со келарството и тешко му паѓаше постојаната работа со луѓето. Срцето го влечеше кон поранешниот пустински живот, кон безмолвието. Тој реши засекогаш да го напушти манастирот.

Откако замина од Крипецкиот манастир, преподобниот Никандар се насели на еден остров, на пет километри од манастирот. Тука си направи колиба и се предаде на своите вообичаени подвизи. Така помина три ипол години. Славата за неговиот пустински живот привлече кон него многу посетители, кои бараа поуки од него. Меѓутоа непријателот на човечкиот род им внесе мисла на игуменот и браќата од Крипецкиот манастир дека Никандар, привлекувајќи го кај себе народот, ги намалувал манастирските приходи. Поради тоа дојдоа кај него со барање да се оддалечи од тоа место. Светителот со најголема смиреност го изврши нивното барање. Повторно отиде во својата пустина, која што му беше укажана од Бога.

Тука светителот повторно се предаде на подвизите и како пустиник помина триесет и две години и два месеци, сѐ до својот блажен крај. Петнаесет години помина без да види човечко лице, та луѓето не го знаеја и местото на неговиот подвиг. Но, Господ на чудесен начин го откри својот угодник на светот. Некој Петар Есјуков, кој живеел на петнаесет километри од колибата на светителот, многу страдал поради тоа што немал деца. Но, еднаш во дворот на Петар, по Божја волја, дотрчал елен. Како што во дамнина Господ преку еленот го приведе кон крштението свети Евстатиј Плакида, така сега и преподобниот Никандар го откри преку овој елен. Петар со своите луѓе побрзо по него, така што само тој остана во потера по него, одејќи во страшната густа прашума. Тој го изгуби од вид еленот, но ја забележа малата колипка оградена со плет - живеалиштето на преподобниот Никандар. Петар затропа на вратата со молитва, но одговор немаше. Ја повтори молитвата и по втор, и по трет пат, но никој не му се одзва. Затоа остана пред ќелијата да чека. Најпосле вратата се отвори и пустиникот, кој порано Петар никогаш го немаше видено, му се обрати:

- Сине мој, Петре. Појди во гостоприемницата крај дабот, јас, веднаш ќе дојдам таму.

Кога преподобниот дојде кај Петар, тој му се поклони и замоли за благослов. Старецот му одговори:

- Чедо, Петре, благословот Господен нека биде врз тебе и врз твојата сопруга.

Петар си помисли:

- Овој човек навистина е свет и полн со Духот Свети. Тој никогаш не ме видел а го знае моето име а и дека сум оженет.

И го праша Петар преподобниот како се вика и колку години е во пустината. Старецот смерно му одговори:

- Грешен Никандар е моето име, а колку години сум овде, тоа не прашувај. Тоа само единствениот Бог го знае.

Тогаш Петар падна на колена пред светителот и започна горко да се жали на својата несреќа:

- Ете, веќе сум стар а немам деца. Преподобниот му одговори:

- Стани, чедо, и врати се во својот дом. По молитвите на Пресвета Богородица, вам ќе ви се роди син.

И навистина претскажувањето на светителот се исполни. Од тоа време Петар често доаѓаше кај преподобниот и си ја нахрануваше душата со неговите зборови. Еднаш угодникот Божји му рече:

- По моето заминување од овој привремен свет, ова место ќе се прошири. Над мојот гроб ќе се изгради црква во чест на славното Благовештение на Пресветата Владичица наша Богородица.

Овој угодник Господ го удостои на дарот на проѕорливоста. Во една прилика кај него дојде еден човек од околината, на име Симеон, за благослов и поука. А светителот, провидувајќи дека на Симеон наскоро му претстои смртта, му рече:

- Сине мој, Симеоне! Времето на твојот живот се скратува. - При тоа му подаде ножница и продолжи. - Појди во манастирот кој Господ ќе ти го укаже и пострижи се со овие ножници, зашто се приближува крајот на твојот живот.

Симеон тогаш отиде во еден манастир, прими постриг, и наскоро, откако се причести со Светите Тајни Христови, со мир отиде кај Господа.

Луѓето слушаа за подвижничкиот живот на преподобниот Никандар и започнаа сѐ почесто да доаѓаат кај него. Кога тивко се приближуваа до неговата ќелија, тие обично ќе го слушнеа како се моли, како плаче и често прави метанија. Но, штом ќе го забележел нивното доаѓање, тој се правел како да спие. Кога посетителот ќе затропаше на неговата врата со зборовите: „Благослови, оче“, преподобниот Никандар молчеше. Не одговараше ни на второто тропање и дури после третото, како божем да се буди од сон, одговараше:

„Нашиот Господ Исус Христос нека те благослови, чедо“.

Во таквите подвизи преподобниот ги минуваше сите денови и ноќи. Никогаш не легнувал да спие, туку ако го мачел сонот дремел седејќи и тоа на кратко време, па потоа повторно започнувал да се моли. Во занемарувањето на своето тело одел дотаму што ги миел само рацете и нозете. Се хранел најчесто со билки, а кога благочестиви луѓе ќе му донесеа леб го примаше со благодарност, го сушеше и така го јадеше. Пиеше само вода. Иако водеше таков суров живот, сепак беше невозможно да се види неговото лице намуртено. Напротив, тоа секогаш блескаше со радост и спокојство. Во текот на Великиот пост светителот јадеше само еднаш неделно, а во петок на Цветната седмица одеше во Демјановскиот манастир, се причестуваше и повторно се враќаше во својата пустина.

За волја на вистината само на Бога Му се познати трудовите и подвизите кои свети Никандар ги вршел во пустината. Често му се појавувале зли духови да го вознемират, па дури му нанесувале и рани, како некогаш на свети Антониј Велики. За да го поткрепи Својот подвижник, Господ му го испрати во видение преподобниот Александар Свирски. Овој угодник Божји го охрабри Никандар во борбата со невидливите непријатели. Во Евангелието е речено дека овој род се истерува само со пост и молитва. Со тоа оружје и преподобниот Никандар однесе победа над кнезот на темнината. Но, нему му претстоеше долго да се бори со злите духови. Секогаш кога сакаше да се одмори, околу него во ќелијата настанувал таков татнеж, како да минуваат многубројни коли, или пак се слушала музика. Тогаш преподобниот започнувал да чита псалми Давидови и татнежот престанувал. Така злите духови долго време деноноќно не му дозволувале на светителот да се одмори, додека најпосле со Божјата благодат не ги победи.

Во една прилика огромна мечка дојде до ќелијата на светителот и започна толку силно да се чеша од неа, така што таа се тресеше и за малку не падна. Светителот го прекрсти прозорчето од својата ќелија, се прекрсти и себеси, па ѕирна и го виде огромниот ѕвер како стои крај неговото живеалиште. Тогаш повторно се прекрсти, излезе од ќелијата и го прекрсти ѕверот. Во тој момент, мечката како поразена од некоја невидлива сила, падна пред светителот и започна кротко да му ги лижа нозете, па си замина во шумата.

Преподобниот Александар Свирски и по втор пат му се јави на светителот во претсобјето на ќелијата, и крепејќи го во подвизите, му рече:

- Не плаши се, брате мој, Никандар. Од сега Господ ќе те избави од сите вражји стапици.

И од тогаш навистина светителот се здоби со таква власт над ѓаволите, така што тие не се осмелуваа ни да се доближат до неговата ќелија.

Еден човек на име Назариј, кој живееше недалеку од пустината на преподобниот Никандар, тешко се разболе. Црви му го покрија целото тело, а на градите му се отвори голема рана, та можеше да му се види внатрешноста. Болниот не можеше да се подмрдне од страотните болки. Од таквата болест Назариј страдаше година ипол дена. Неговите домашни очајно плачеа и не знаеја како да му ги олеснат маките. Назариј мислено го призиваше кај себе на помош свети Никандар, и најпосле нареди да го однесат кај него. Домашните го однесоа и го оставија пред ќелијата на пустиникот. Кога светителот излезе, Назариј смогна сили и започна да ги прегрнува и со солзи да ги залива неговите нозе и да го моли да се помоли на Господа за него. Преподобниот му рече:

- Назариј, пушти ми ги нозете.

Болниот се зачуди од каде преподобниот му го знае името, кога досега го нема видено, па затоа уште поусрдно започна да го моли:

- Оче, ако ти ме оставиш, јас нема да си заминам и ќе умрам пред тебе. Погледни, мене црвите веќе жив ме изеле!

Тогаш преподобниот нареди да го однесат Назариј во ќелијата за гости и му препорача да се потруди да заспие.

На тоа болниот му рече:

- Оче свети. Откако се разболев, јас ниту еднаш не можев око да склопам. Како ти сега ме велиш да заспијам?

Никандар рече:

- Јас ја стоплив ќелијата, очекувајќи го твоето доаѓање. Заспиј во топлата ќелија, но прво покажи ми ги своите рани.

Назариј сакаше веднаш да му ја покаже својата рана, но не можеше, бидејќи кошулата му се беше прилепила за неа. Светителот му ја прекрсти раната и го испрати во гостоприемницата, каде тој набрзо цврсто заспа. А пак светителот се заклучи во својата ќелија и цела ноќ се молеше на Господа за Он, единствениот Исцелител, да му подари здравје на болниот. И Господ ја услиша молитвата на Својот слуга. Утредента, штом се разбуди, Назариј се почувствува потполно здрав. Веднаш стана на нозе и крастата од неговите рани се одвои заедно со кошулата, како лушпа. Тогаш тој започна огнено да Му благодари на Бога за исцелението и да го прославува Неговиот угодник свети Никандар. Преподобниот пак, бидејќи не ја сакаше славата од луѓето, му се закани да не раскажува никому и притоа додаде: „За да не ти биде уште полошо“.

Селанецот Симеон Василев дојде еднаш кај преподобниот Никандар и горко му се жалеше дека му го украле коњот пред пет дена. На тоа светиот старец започна благо да му зборува:

- Сине мој, јас не тагувам што ти го украле коњот и што тој пропаднал, туку тагувам за човекот кој ти го украл, зашто го стори тоа со дошепнување на ѓаволот.

Симеон му забележа на светителот:

- Ме чуди, оче, како можеш да тагуваш за крадецот.

Подвижникот смирено му одговори:

- Оној што многу греши, се чувствува виновен и за гревот кражба.

Потоа додаде:

- Сине мој, Симеоне, оди си дома, украдениот коњ брзо ќе го најдеш.

Зборовите на светителот се исполнија. Наредната ноќ коњот сам си дојде дома. Симеон повторно отиде кај преподобниот, му се заблагодари и му раскажа што се случило. Притоа додаде:

- А човекот кој ми го украл коњот, јавајќи преку реката се удавил.

Преподобниот Никандар многу се нажали на овие зборови и започна вака да го поучува Симеон:

- Сине мој, треба да тагуваме за христијаните кои умреле во своите гревови, без покајание.

Тогаш Симеон падна на колена и започна да проси прошка за своите гревови. Преподобниот долго го поучуваше. Со своите поуки полни со љубов, тој ги просвети душевните очи на Симеон и тој се врати во својот дом, благодарејќи Му на Бога и прославувајќи го Неговиот угодник.

Кога виде дека наближува крајот на неговиот овоземен живот, преподобниот одлучи да прими голема схима. Поради тоа отиде во Демјанскиот манастир и таму од рацете на игуменот прими голема схима. Тоа беше осум години пред неговата смрт. Во тоа време кај преподобниот често доаѓаше еден ѓакон од градот Порхов, на име Петар, за душеспасоносни разговори. При една посета Никандар му рече на Петар:

- Брате Петре, порано долго време страдав од ногата, а сега чувствувам олеснување.

Петар погледна во ногата на светителот и виде суви, досушени коски и кожа. Тоа тешко го порази.

Во друга негова посета, преподобниот му рече:

- Брате Петре, наскоро Господ ќе ја повика кај Себе мојата душа. Тогаш ти погреби го моето тело.

На тоа Петар му одговори:

- Кога ќе ме известиш за своето заминување кај Бога, јас многугрешниот, ќе извршам сѐ според твоите зборови.

Подвижникот започна повторно да го моли Петар да дојде тогаш во пустината и чесно да го погребе неговото тело. А Петар го праша каде ќе биде неговото претставување. Преподобниот одговори:

- Не знам како ќе те известам, зашто тоа ќе биде за време на војна. Ќе наидат овде полската и литовската војска и ќе ги држат во опсада Псков и Порхов. А ти, кога ќе слушнеш за мојата смрт, без да се плашиш, погреби го моето тело. Над мојот гроб ќе биде изградена црква, во чест на големото и славно Благовештение.

Така преподобниот отец Никандар спокојно се подготвуваше да го остави овој привремен свет. По истекот на триесет и две години и два месеци од кога последен пат се насели во својата пустина, тој се разболе. Набрзо го почувствува својот крај и со солзи започна да Го моли Господа да му подари простување на гревовите. Притоа ги повикуваше во молитвите сите светители Божји и своето пустинско живеалиште го доверуваше на грижата на Пресветата Владичица Богородица. Потоа легна на одарот, ги прекрсти рацете и рече:

- Благословен си, Боже, што така си благоволил, слава Тебе!

И го предаде својот дух на Господа.

Така мирно се упокои во Господа чудесниот отец Никандар Пустиножителот, на 24 септември 1581 година. Според неговото претскажување, во тоа време полскиот крал Стефан Баториј со својата војска ја нападна руската земја. Непријателите ги опседнаа градовите Псков и Порхов и низ целата област се населија полјаци и литовци, та граѓаните не можеа да излегуваат надвор од градските бедеми. Тогаш во пустината каде што живееше преподобниот отец Никандар дојде за благослов селанецот Јован Долгиот, од селото Борович. Кога затропа на вратата и долго време не доби никаков одговор, тој влезе во ќелијата и виде дека свети Никандар отишол кај Господа. Ќелијата и колибата беа преполни со прекрасен благомирис. Тој со стравопочит го зеде чесното тело и го закопа во земјата близу дабот. Потоа, по молитвите на светителот, незабележан од полската војска, отиде во градот Порхов и им раскажа на жителите за крајот на преподобниот и за тоа како тој го погребал неговото тело. На оваа вест граѓаните започнаа да плачат и да тагуваат што се лишија од таквиот срдечен заштитник и молитвеник пред Бога. Тие многу сакаа да одат на погребот на светителот, но се плашеа од непријателите. Тогаш ѓаконот Петар им се обрати со вакви зборови:

- Браќа, слушнете што ќе ви речам за новопреставениот отец Никандар. Самиот тој пред мене претскажа дека ќе се претстави за време на наездата на литовската војска, и ми рече да не се плашиме туку смело да појдеме да го погребеме, зашто Господ Бог нема да нѐ предаде во рацете на непријателите.

Овие зборови ги охрабрија луѓето и тие без страв отидоа во пустината, каде толку ревносно се подвизуваше светителот за време на својот живот. Така, без никакви препреки, сите граѓани, игумени, свештеници, ѓакони и многуброен народ, на самиот празник Покров на Пресвета Богородица, на 1 октомври, отидоа во пустината со многу свеќи и темјан, и свечено го погребаа чесното тело на преподобниот Никандар.

Осаменото место на подвизите на пустиножителот не остана во заборав. По две ипол години по неговото упокојување, над неговата гробница беше подигната црква, во чест на Благовештението на Пресвета Богородица. Во 1585 година на тоа место дојде еден мирјанин и тука прими монашки постриг, со името Исаија. Тој долго страдеше од ногата и најпосле по молитвите на преподобниот беше исцелен. Исаија на местото на подвизите на преподобниот Никандар изгради манастир, наречен Благовештенска Никандарова пустина, и собра во него огромен број на браќа. На упорната молба на браќата, тој го прими игуменството и беше произведен за игумен од новгородскиот митрополит Александар.

Над сто години чесните мошти на преподобниот отец Никандар почиваа во земјата и беа откриени нераспаднати. Во 1686 година тоа беше посведочено со расписот на серускиот патријарх Јоаким, после што самиот патријарх со соборот на духовништвото го вброи угодникот Божји во ликот на Светиите и одреди неговиот спомен да се празнува на денот на неговата смрт, 24 септември. Многу исцеленија и чудеса им дарува семоќниот Господ на сите кои со вера прибегнуваат кон нераспадливите мошти на Неговиот угодник и срдечно му се обраќаат:

„Преподобен оче Никандар, моли Го Бога за нас“.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ СИМОН МОНАХОТ, Српскиот крал Стефан Првовенчани

Крунисан е за крал во својата оставнина Жича од својот брат и духовен отец свети Сава. Бил побожен христијанин, мудар и мирољубив владетел. Стефан заедно со свети Сава го воздигнал Православието до големо торжество во својот народ. На негова желба свети Сава го замонашил пред смртта и му го дал името Симон. Се упокоил во Господа на 24 септември 1224 година. Неговите чудотворни мошти почиваат во Студеница.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ВЛАДИСЛАВ

Беше син на кралот Стефан Првовенчаниот и го изградил манастирот „Милешево“, каде го пренел од Трново телото на свети Сава, својот стрико. Се одликувал со необична милосрдност спрема бедните луѓе. На парите од неговото време тој се потпишувал „работ Христов Владислав“. Мирно се упокоил на рацете на својот внук, светиот крал Милутин, и чесно бил погребан во неговата оставнина, манастирот Милешево.

СПОМЕН НА СВЕТИ ДАВИД

Тој е најмладиот Вуканов син, внук на Немања. Изградил манастир во Бродарево на Лима, каде и самиот се замонашил со името Давид. Патувал на поклонение во светиот град Ерусалим. Мирно се упокоил во Господа и од Него е прославен како чудотворец.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АВРАМИЈ МИРОЖСКИ

Преподобниот Аврамиј се подвизувал во Псков, на реката Мирожа, каде што се претставил во 1158 година. Неговите свети мошти почиваат во Мирожскиот манастир

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ГАЛАКТИОН ВОЛОГОДСКИ

Во светот се викаше Гаврил и беше син на побожниот и просветен бојарин Иван Бјењски. Неговите роднини го сокриле седмогодишниот Гаврил од Иван Грозниот, го испратиле во Москва, па од таму во градот Старица. Младиот кнез се криел таму и го минувал времето во молитви и богоразмислување. Секој ден ги посетувал сите црковни служби и читал свештени книги. Потоа отишол во Вологда. Таму се запослил кај еден кондурџија и набрзо го изучил овој занает. Како полнолетен стапи во брак и доби ќерка, но неговата млада сопруга набрзо умре. Тогаш Гаврил целосно се посвети во служба на Бога. За зауздување на своето тело носеше тешки вериги и времето го минуваше во молитви и воспитување на својата ќерка. Кога таа порасна и можеше да се издржува себе си, Гаврил потполно се повлече од светот, си направи ќелија на реката Содима, го прими монаштвото со името Галактион и водеше живот како пустиник. На совет на преподобниот Иринарх, затвореникот Ростовски, тој со синџир се прикова себе си за ѕид. Богобојазливи луѓе му даваа храна низ прозорчето. Кога ќе го совладаше сонот, тој се спушташе на колена и држејќи се за синџирот ќе поспиеше со лесен и испрекинат сон. Се хранеше само со сув леб и вода. Умртвувајќи го своето тело со вериги, пост и молитва, и очистувајќи ја и крепејќи ја својата душа со сеноќни бденија, солзи и молитви, тој сѐ повеќе се усовршуваше во духовниот живот и достигна таква висина, што од Господа доби дар да ја предвидува и претскажува иднината. Во 1612 година преподобниот Галактион беше убиен од полјаците и литовците, кои го нападнаа градот. Неговите свети мошти почиваат во манастирот на Светиот Дух, изграден на местото на неговиот подвиг.