8. Октомври (25. Септември)
ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА НАША ЕФРОСИНИЈА
Во градот Александрија живееше еден човек на име Пафнутиј, кој беше богат, славен, угледен, богобојазлив, ги исполнуваше заповедите Господови и водеше богоугоден живот. Неговата сопруга исто така беше добра, побожна и богобојазлива, само нив ги тиштеше тоа што немаа деца. Многу тагуваа што немаат кому да го остават својот имот, кој по нивната смрт добро би раководел со него. Тажни поради својата бездетност, тие постојано Му се молеа на Бога да им подари дете. Даваа многу милостиња на бедните, на црквите и манастирите, ги минуваа деновите во пост и молитви, ги посетуваа храмовите Божји и Го молеа Бога да им ја исполни желбата. Еднаш Пафнутиј отиде во еден манастир, за чиј што игумен беше слушнал дека е човек со свет живот. Тој даде во овој манастир голем прилог. Од разговорот со игуменот доби голема духовна корист и почувствува дека тој навистина е Божји човек, па му кажа колку многу страда што нема деца. Тој се поклонуваше пред игуменот и го молеше заедно со браќата да се помоли за него, Бог да му дари чедо. И преблагиот Господ, Кој ги прима молитвите на оние кои од срце Му се молат, ги услиша молитвите на игуменот и го благослови Пафнутиј, та неговата сопруга роди ќерка, прекрасно женско дете. Многу радосни, родителите од срце Му принесуваа голема благодарност на Бога. На крштението на детенцето му го дадоа името Ефросинија. Од тоа време Пафнутиј често го посетуваше тој манастир, даваше милостиња на сите монаси, а кон игуменот негуваше голема љубов за корисните поуки што ги добиваше од него, а и поради тоа што по неговите молитви доби чедо од Бога.
Кога Ефросинија имаше дванаесет години, нејзината мајка се претстави од овој живот. Пафнутиј продолжи да ја поучува својата ќерка во Светото Писмо. Откако се научи на читање на Светото Писмо, девојчето срдечно се занимаваше со читање на свети книги. Низ цела Александрија се пронесе глас за нејзината благоразумност и убавина. Поради тоа многу високородни и богати граѓани се натпреваруваа кој ќе успее да ја испроси за својот син од нејзиниот татко. Пафнутиј на сите им одговараше:
„Нека биде онака како што Господ сака“.
Меѓутоа еден човек, кој ги надминуваше сите со своето благородство, функцијата, богатството и славата, го измоли Пафнутиј да ја даде својата ќерка за неговиот син. Тие се договорија и одредија ден за свадбата. Но, пред свадбата Пафнутиј отиде со ќерката во манастирот кај гореспоменатиот игумен, кој го сакаше како свој татко, и му рече:
- Свети оче, ја доведов кај тебе мојата ќерка, која Бог ми ја подари по твоите молитви, да се помолиш за неа, зашто сакам да ја омажам.
Игуменот ја благослови Ефросинија, па седнаа на разговор со Пафнутиј за спасението на душите, а неговата ќерка ја поучуваше во целомудрието, смиреноста, милостивоста, стравот Божји и љубовта Божја. Овие зборови мудрата и благоразумна девојка ги ставаше во своето срце. Имаше осумнаесет години. Игуменот ги задржа на гости и тие останаа три дена во манастирската гостоприемница. Во текот на тие три дена тие секојдневно присуствуваа на црковните богослужи и додека ги гледаа монашките подвизи се восхитуваа на нивниот живот и си велеа:
„Среќници се овие луѓе, зашто и овде на земјата живеат како ангели, а и во идниот живот ќе живеат со ангелите“.
И срцето на Ефросинија започна да се исполнува со божествена желба да го подржува нивниот свет живот. На заминување Пафнутиј му рече на игуменот:
- Дозволи ми, оче, да ти се поклониме.
Ефросинија падна пред нозете на игуменот и му рече:
- Оче, те молам помоли се за мене, Господ да ја спаси мојата душа.
Игуменот ја благослови, говорејќи:
- Боже, Ти го познаваш секој човек пред неговото раѓање, Ти самиот погрижи се, оваа слугинка Твоја да се удостои на уделот и наградата со сите кои Ти угодиле од памтивека.
И откако се поклонија на игуменот и браќата, Пафнутиј и ќерката си заминаа. Овој праведен човек длабоко го почитуваше монашкиот чин. И кога ќе сретнеше монах, тој го носеше во својот дом, го гостеше и го молеше да се помоли на Бога за него и за неговата ќерка.
Наскоро во споменатиот манастир се наближи денот на споменот на оснивачот на тој манастир и игуменот испрати еден од браќата да го замолат нивниот добротвор Пафнутиј да им дојде во тој ден. Но братот не го затекна Пафнутиј дома, бидејќи беше излегол некаде. А Ефросинија, штом дозна дека кај нив дошол монах, го повика и започна да го распрашува за бројот на браќата во манастирот и за монашкиот живот. Монахот ѝ рече дека се триста педесет и двајца монаси, а таа продолжи:
- Ако некој дојде во вашата обител и сака да живее со вас, дали игуменот ќе го прими?
Монахот одговори:
- Се разбира дека ќе го прими со радост, имајќи ги на ум зборовите Господови: „Кој доаѓа при Мене, нема да го истерам надвор“ (Јован 6, 37).
Ефросинија на тоа праша:
- Сите ли заедно пеете и подеднакво ли постите?
- Да. Сите пееме заедно. А што се однесува до постот, секој пости колку што сака и колку што може.
Откако го испраша монахот за сиот манастирски начин на живот, таа му рече:
- Би сакала и јас да се оддадам на таков живот, но се плашам да не го послушам својот татко. Тој сака да ме омажи, занесен од богатството на овој суетен свет.
Црноризецот на тоа ѝ рече:
- Ако не сакаш да се врзеш за минливиот и смртен сопруг, тогаш посвети се себеси на Христа. Ако ги оставиш сите минливи богатства на овој свет заради Него, Он ќе ти го даде Царството Небесно и животот со ангелите. Затоа тајно замини од дома и појди во манастир. Остави ја световната облека и облечи се во монашка риза, за да не те препознаат. Ефросинија се израдува и го запраша монахот:
- А кој ќе ме потстриже?
Тој одговори:
- Твојот татко ќе појде со мене во нашиот манастир. Ќе остане три или четири дена. Ти за тоа време повикај некој од монасите отци и тој со радост ќе ја исполни твојата желба.
Додека тие така разговараа, дојде Пафнутиј и го праша монахот:
- Оче, поради што си се потрудил да дојдеш кај нас?
Монахот одговори:
- Настапува споменот на оснивачот на нашиот манастир, па игуменот те моли да дојдеш и да земеш учество во нашиот празник. За тоа ќе добиеш благослов од Бога.
Пафнутиј со радост ја прифати поканата, подготви многу подароци за манастирската црква и браќата, и заедно со монахот отиде во манастирот. За време на неговото отсуство Ефросинија повика еден свој верен слуга и му рече да појде во манастирот на преподобниот Теодосиј и да ѝ повика еден монах.
Слугата тргна и по промисла Божја на патот сретна еден монах, кој се беше упатил кон градот, да го продава своето ракоделие. Слугата го замоли да сврати во домот на неговиот господар и монахот се согласи. Ефросинија го пречека, му се поклони и му рече:
- Помоли се за мене, оче.
Монахот се помоли, ја благослови и седнаа. Ефросинија започна да зборува:
- Господине, мојот татко е христијанин и верен слуга Божји, а мајка ми се пресели од овој живот. Татко ми е многу богат и сака да ме омажи, за да не пропадне имотот, но јас не сакам да се извалкам со световните нечистотии, но се плашам да не го послушам, па сега не знам што да правам. Ноќта ја минав без сон, молејќи се на Бога да се смилува на мојата душа. Кога осамна, во мене се јави желба да повикам отец подвижник, за да ме упати како да постапам. Затоа те молам, оче, ти упати ме. Знам дека си испратен од Бога.
Старецот ѝ рече:
- Господ вели во Своето Евангелие: „Ако некој не го намрази татка си и мајка си, жена си и децата свои, и браќата и сестрите, па дури и душата своја, тој не може да биде Мој ученик“ (Лука 14, 26). Јас не знам што повеќе да кажам од тоа. Сепак, ако можеш да ја поднесеш борбата со телото, остави сѐ и бегај од овој свет, како Израилот од ропството Фараоново. А имотот на твојот татко има многу наследници. Тоа се црквите, манастирите, болниците, гостоприемниците, сирачињата, вдовиците, затворениците, заробениците. Твојот татко може да го раздаде на кој сака, а ти погрижи се за својата душа.
Девојката му рече:
- Се надевам во Бога и во твоите молитви, оче, дека со помош Божја ќе се потрудам за својата душа.
Старецот ѝ одговори:
- Немој да одложуваш. Оној што го одложува извршувањето на богоугодниот подвиг, потоа се кае. Еве, сега е време за покајание.
Ефросинија му рече на старецот:
- Затоа и те замолив, оче, да дојдеш да ја исполниш желбата на моето срце. Да ме благословиш и пострижеш.
Тогаш старецот се помоли, и по Божја промисла ја пострижа во монаштвото и ѝ даде схима. Притоа ѝ рече:
- Бог, Кој им дарил спасение на сите Свои светии, нека те чува од секое зло.
Потоа старецот замина во својот манастир радосен, славејќи Го Бога. А пак Ефросинија по долго размислување реши да појде во машки манастир, каде што никој нема да ја препознае, бидејќи се плашеше татко ѝ насилно да не ја врати назад.
Откако донесе таква одлука, Ефросинија доцна во ноќта се преоблече во машка облека и тајно замина од дома. Понесе со себе само педесет златници и таа ноќ се сокри во едно место. Утредента нејзиниот татко дојде во градот и по исклучителна промисла Божја, веднаш отиде во црквата. А Ефросинија тргна кон манастирот во кој го познаваа нејзиниот татко. Таа затропа на манастирската капија и му рече на вратарот:
- Оди и јави му на игуменот дека дошол евнух од царскиот дворец и сака да разговара со него.
Кога се појави игуменот, Ефросинија падна на земјата и му се поклони. Тој ја подигна, се помоли на Бога по обичај, па двајцата седнаа. Тогаш игуменот започна да ја прашува:
- Чедо, зошто си дошол кај нас?
Ефросинија одговори:
- Оче, јас бев во царскиот дворец како евнух и многу го засакав монашкиот живот, но не го најдов во градот она за што чезнее мојата душа. Кога слушнав за подвижничкиот живот на монасите во твојот манастир, јас дојдов во оваа света обител, за да се подвизувам со вас.
На тоа игуменот одговори:
- Добро ни дојде, чедо. Еве го манастирот, па ако сакаш остани со нас.
Потоа ја праша како се вика. Ефросинија одговори:
- Се викам Измарагд.
- Чедо Измарагде, - ѝ рече игуменот, - ти си млад и не можеш да живееш сам во ќелија. Потребен ти е духовен наставник, кој ќе те раководи и ќе те научи во манастирскиот устав и сите обичаи на монашкиот живот.
Ефросинија одговори:
- Оче, постапи со мене како што сакаш.
И ги извади оние педесет златници и му ги даде на игуменот, говорејќи:
- Земи го ова, оче. Ако останам да живеам овде, тогаш и останатиот свој имот во градот ќе го подарам на овој манастир.
Игуменот повика еден од монасите, на име Агапит, човек со свет живот, му го довери Измарагд и му рече:
- Ова момче отсега нека биде твој духовен син и ученик. Научи го така во доблестите, та тој да го надмине и учителот. Потоа ги преклонија колената и се помолија. Игуменот го прекрсти Измарагд, на што сите рекоа „амин“, и старецот Агапит го зеде во својата ќелија и го учеше на ангелскиот живот.
Новиот монах Измарагд имаше многу убаво лице. Кога одеше во црквата на богослужение, ѓаволот многумина од браќата смутуваше со нечисти помисли, ранувајќи им ги срцата со убавината на новиот монах. Затоа браќата се жалеа на игуменот и го прашуваа зошто им го донел во манастирот тоа убаво лице за соблазна.
Игуменот го повика кај себе Измарагд и му рече:
- Убавината на твоето лице, чедо, е на соблазна на послабите меѓу браќата. Затоа е подобро да живееш сам во ќелија, за да се подвизуваш во безмолвие и да не доаѓаш во црквата. Твојот духовен наставник ќе ти носи храна, та нема да имаш потреба да излегуваш.
Ефросинија одговори:
- Аво, како ќе наредиш така ќе сторам.
Игуменот му нареди на Агапит да подготви засебна ќелија за Измарагд. Во осаменичката ќелија тој усрдно се подвизуваше во молитви, пост и бдеење и ден и ноќ служејќи Му на Бога во чистота на срцето. Неговиот духовен учител, блажениот Агапит, се восхитуваше на неговите подвизи и трудови и им раскажуваше на браќата за нивна духовна поука. И сите Го прославуваа Бога што му дал таква сила на младиот подвижник.
Но, кога таткото на Ефросинија се врати дома и не ја најде, многу се растажи и налутено започна да ги распрашува своите робови што се случило со неа и каде заминала. Тие одговорија:
- Синоќа ја видовме, но денес не се појави, па помисливме дека ја повикал кај себе таткото на нејзиниот свршеник.
Пафнутиј веднаш испрати слуги, но и таму не ја најдоа. Кога слушна за нејзиното исчезнување, нејзиниот свршеник многу се натажи, па побрза во нејзиниот дом и го затекна татко ѝ паднат на земјата во голема тага, како плаче и рида.
Тие веднаш испратија слуги коњаници по цела Александрија, да ја бараат Ефросинија. Ја бараа и по соседните домови, и по улиците, и по морскиот брег, и по бродовите, обиколија и многу женски манастири, и полиња, и пустини, и гори, и пештери. Внимателно ја бараа, но тажни се вратија дома. И сите плачеа за неа како за почината. Свршеникот за свршеницата, свекорот за снаата, таткото за ќерката, кој како некогаш Јаков за Јосиф вака зборуваше: „Тешко мене, чедо мое слатко! Тешко мене, светлино на моите очи! Тешко мене, утехо на мојата душа! Кој ли ја украде мојата ризница? Кој го грабна мојот имот? Кој го разори моето богатство? Кој ја исуши мојата гранка? Кој го згасна мојот светилник? Кој ми ја грабна мојата надеж? Кој ми ја нагрди убавината на мојата ќерка? Кое место го сокри од мене нејзиното светло лице? Таа беше продолжение на мојот род! Ми беше жезол на мојата старост! Утеха во моите жалости! Земјо, земјо, немој да го покриеш моето тело сѐ додека не дознам што се случило со мојата ќерка Ефросинија. Така редејќи, Пафнутиј горко плачеше. Плачеа со него и сите пријатели и соседи, кои се беа собрале кај него, оплакувајќи го неочекуваното исчезнување на неговата ќерка. Не можејќи да најде олеснување на својата тага, Пафнутиј отиде во гореспоменатиот манастир, каде што се подвизуваше неговата ќерка во затвореништво, падна пред нозете на игуменот и му рече:
- Оче, не престанувај да се молиш на Бога, зашто не знам што се случило со мојата ќерка. Не знам дали некој ја украл или загинала некако.
Чесниот старец многу се збуни, па ги собра браќата и им рече:
- Браќа, помолете се на Господа да ни открие што се случило со ќерката на нашиот добротвор Пафнутиј.
И постеа монасите и се молеа цела седмица, но немаа никакво откровение, како што се случувало тоа со останатите нивни молби. А пак Ефросинија и ден и ноќ се молеше на Бога да не дознае никој за неа во овој земен живот и нејзината молитва беше посилна од молитвата на сите браќа.
Откако не добија никакво откровение за Ефросинија, игуменот започна да го теши Пафнутиј со вакви зборови:
- Убеден сум дека на твојата ќерка не ѝ се случило ништо лошо и затоа нам не ни е откриено од Бога ништо за неа. Ако паднала во некој грев, Бог немаше да го презре нашиот молитвен труд и сигурно ќе ни откриеше за неа. Се надевам дека и Господ уште во овој живот ќе ти ја покаже.
Утешен донекаде со овие зборови, Пафнутиј се врати дома благодарејќи Му на Бога и секој ден се молеше на Господа, вршеше добри дела и даваше обилна милостиња на потребитите. По неколку дена тој повторно го посети манастирот, просејќи молитви кај браќата. Еднаш пак, кога се сретна со игуменот, му се поклони и му рече:
- Помоли се за мене, оче, зашто мојата тага за ќерка ми не престанува. Душата ни најмалку не ми наоѓа утеха, раната на моето срце сѐ повеќе расте и од ден во ден се повеќе страдам.
Кога ја виде неговата голема мака, игуменот почна да го теши на сите можни начини. Во еден свој разговор со него, игуменот се сети на Измарагд и рече:
- Кај нас има еден монах со многу строг живот. Ни дојде од дворецот на царот Теодосиј, и неговото свето живеење многу ни користи. Ако сакаш поразговарај со него. Можеби ќе ти биде малку полесно, зашто е полн со духот Божји.
- Да, сакам, - одговори Пафнутиј. Тогаш игуменот го повика Агапит и му рече да го одведе Пафнутиј кај Измарагд, за да поразговара со него.
Кога влегоа во ќелијата на Измарагд, Ефросинија веднаш го препозна својот татко и сета се облеа во солзи. Пафнутиј помисли дека таа плаче од молитвено умиление. Тој не можеше да ја препознае, бидејќи од големото воздржание и сеноќните молитви беше свенала свежината на нејзиното лице, а и намерно се покри за да не ја препознаат. Откако се помолија, тие седнаа. Измарагд започна да разговара со Пафнутиј. Му зборуваше за Царството Небесно и за вечната слава, која што човекот може да ја достигне со смиреноста, чистотата, светоста, милостињата и љубовта. Му зборуваше и за одрекувањето од светот и за тоа дека не треба да се сакаат децата повеќе од Бога, Кој е Творец на сите. Му укажуваше и на зборовите на светиот апостол: „Неволјата гради трпение, а трпението искуство“ (Рим. 5, 3. 4). И кога ја виде огромната тага на својот татко, таа сострадаше со него и го тешеше, говорејќи:
- Верувај ми, Бог нема да те остави. Ако твојата ќерка е на лош пат, Господ би ти го открил тоа заради молитвите на светите отци, кои толку срдечно се молеле за неа. Јас цврсто верувам дека твојата ќерка го послушала советот на благиот Учител, Кој во Евангелието вели: „Кој сака татко или мајка повеќе од Мене не е достоен за Мене, и кој нема да се одрече од сѐ што има, не може да биде Мој ученик“ (Матеј 10, 37; Лука 14, 33). Моќен е Бог уште во овој живот да направи да ја видиш. Затоа престани да тагуваш. Зошто се убиваш себе си со жалост? Напротив, благодари Му на Бога за сѐ и не губи надеж. Кога мојот учител ме извести за твоето доаѓање и твојата тага, и јас срдечно се помолив на Бога според својата моќ „Он да ти даде трпение и да те утеши. Се надевам дека Бог нема да те остави до смртта да останеш во тага. Тој ќе ти го открие потребното за твојата ќерка.
Потоа Ефросинија, плашејќи се нејзиниот татко да не ја препознае, му рече:
- Господине, сега оди си со мир.
Од овие зборови Пафнутиј и плачеше и се радуваше, зашто неговото родителско срце гореше со природна лубов кон Измарагд, и доби многу голема духовна корист од разговорот со него. Потоа отиде кај игуменот и му рече:
- Единствениот Бог знае, оче, колку корист добив од оној монах. Со благодатта Божја неговите зборови ми го исполнија срцето со таква радост, како да сум го нашол моето мило чедо.
И откако ги замоли сите монаси да се молат за него, Пафнутиј се врати дома.
Измарагд проживеа во тој манастир 38 години, водејќи рамноангелен живот, па се разболе и болен се претстави. Но, пред неговото претставување Пафнутиј дојде во манастирот да ги посети браќата. По вообичаениот разговор со игуменот, тој му рече:
- Оче, ако е возможно, дозволи ми да го видам братот Измарагд, зашто мојата душа многу го сака.
Игуменот го повика Агапит и му нареди да го одведе кај Измарагд. Кога влезе во неговата ќелија и го здогледа тешко болен, Пафнутиј падна крај неговиот одар и низ солзи започна да зборува:
- Тешко мене! Каде се твоите слатки зборови? Каде се твоите ветувања дека ќе ја видам мојата исчезната ќерка? Ете, јас не само што не ја видов неа, туку се лишувам и од тебе, мојот тешител. Тешко мене! Кој ќе ја утеши сега мојата старост? Кај кого ќе одам? Кој ќе биде радост во мојата жалост? Плачам што се лишувам од тебе сега. Еве, веќе триесет и осум години како не сум ја видел својата ќерка, ниту имам некаква вест за неа, па згора на тоа и мојот драг Измарагд ме напушта, Измарагд на кој толку многу му се радував, како да сум го нашол своето изгубено чедо. А што да чекам сега? Каде ќе најдам утеха за себе? Ми преостанува само со тага да влезам во својот гроб.
Додека гледаше како Пафнутиј неутешно рида, Измарагд му рече:
- Зошто се раскинуваш себе си и се убиваш од жалост? Зарем раката Господова не е силна? Има ли нешто невозможно за Бога? Престани да тагуваш. Сети се како некогаш Господ на Јаков му го покажа жив Јосиф, за кого што плачеше како за мртов. Тој ист Бог ќе те утеши и тебе. Сега те молам, остани овде два три дена и не напуштај ме.
Пафнутиј остана во манастирот и си размислуваше дека можеби Господ ќе му открие нешто на Измарагд за неговата ќерка.
На третиот ден Ефросинија доби откровение за своето заминување кај Господа, го повика кај себе својот татко и му рече:
- Семоќниот Бог, според Својата волја, ја уреди мојата судбина и ја исполни мојата желба. Јас веќе се приближив до крајот на мојот монашки подвиг, не со своја сила, туку со помош на Оној Кој ме сочува од ѓаволските стапици. Затоа не сакам ти и понатаму да тагуваш за својата ќерка. Јас сум Ефросинија. Јас сум твојата ќерка, а ти си мојот татко. Јас сум таа што ја бараш. Од љубов кон Господа јас те оставив тебе, мојот татко, и сето наследство и времениот свршеник и дојдов тука откако сокрив дека сум женско суштество. Сега те молам, немој да дозволиш некој друг да го подготви моето тело за погребение, туку ти самиот стори го тоа. Уште те молам исполни го и моето ветување, кое што го дадов на игуменот на оваа обител, зашто кога го замолив да ме прими овде, јас му реков дека имам голем имот и дека ќе го подарам на овој манастир. Затоа, оче мој, исполни го ова мое ветување и дај го останатиот имот на овој богоугоден манастир и моли се за мене.
Откако го рече тоа Ефросинија го предаде својот дух на Господа. А Пафнутиј, кога го слушна сето тоа и виде дека Ефросинија умре, од запрепастување и огромна болка падна на земјата како мртов. Кога Агапит дојде и виде дека Измарагд се претставил, а Пафнутиј лежеше одвај жив, тој фрли вода врз лицето негово, го крена од земјата и го праша:
- Што се случи со тебе, господине?
Тој му одговори:
- Остави ме да умрам овде, зашто сега видов прекрасно чудо.
И Пафнутиј падна врз лицето на својата премината ќерка, плачејќи и лелекајќи:
- Тешко мене, чедо мое слатко! Зошто не ми се јави порано, за и јас да умрев со тебе? Тешко мене што се сокри од мене, ќерко моја мила. Колку мудро си ги одбегнала ѓаволските стапици и си влегла во животот вечен.
Кога ги слушна овие зборови и ја дозна оваа прекрасна тајна, Агапит се препадна, па отрча и го извести игуменот, кој веднаш дојде, падна пред светото тело на Ефросинија и започна да рида:
- Ефросинија, невесто Христова и света девојко! Не заборавај ги твоите соподвижници и овој манастир, туку моли се за нас на Господа, да нѐ удостои да стигнеме во пристаништето на спасението и да добиеме удел со светиите Негови.
Потоа игуменот нареди да се соберат браќата и чесно да го погребаат нејзиното свето тело. Кога го видоа ова прекрасно чудо, сите Го прославија Бога, Кој ја јави Својата крепка сила во немоќното тело. А еден од браќата, кој беше слеп на едното око, кога се поклони пред моштите и со солзи ја целиваше преподобната, веднаш прогледа. При ова чудо сите браќа ја величаа милоста Божја и ја прославуваа Неговата света угодничка Ефросинија. Потоа ја погребаа на местото на покојот на светите отци подвижници, и со радост вршеа помени за неа!. А нејзиниот татко Пафнутиј се врати во својот дом, го раздаде својот имот на црквите, манастирите, сиромашните и богомолните поклоници и голем дел од имотот поклони на манастирот на Ефросинија, па и самиот стапи во него и се замонаши. Ја измоли за себе ќелијата на својата ќерка, поживеа во неа богоугодно десет години, па се претстави на истата рогозина, на која што издивна и неговата ќерка Ефросинија. Чесно го погребаа близу неговата ќерка и беше востановено нивниот спомен да се врши секоја година, во слава на Пресвета Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух, прекрасниот Бог во Светиите Свои, Кому слава за навек. Амин.
ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ И БОГОНОСЕН ОТЕЦ НАШ СЕРГИЈ РАДОНЕЖСКИ
Преподобниот и богоносен отец Сергиј е роден во градот Ростов од побожни и угледни болјари Кирил и Марија. Уште од утробата на својата мајка Бог го избра за да Му служи. Еднаш таа додека беше бремена со него, Марија по обичај дојде во црквата на света Литургија. Пред читањето на Светото Евангелие, младенецот во нејзината утроба гласно викна и гласот го слушнаа сите што стоеја во близина. Исто така, за време на Херувимската песна, тој по втор пат викна и кога свештеникот изговори: „Светињите за светиите...“ по трет пат се слушна глас на младенецот од утробата мајчина. Од тоа сите сфатија дека на светот ќе се јави голем светилник и служител на Пресвета Троица. И како што пред Мајката Божја радосно заигра во утробата свети Јован Претеча, така и овој младенец заигра пред Господа во Неговиот свет храм. При ова чудо мајката ја обзеде страв и ужас, а сите многу се восхитуваа. Кога дојде време Марија роди син и му го дадоа името Вартоломеј. Уште во првите денови на својот живот младенецот се покажа како строг испосник. Во среда и петок не цицаше, а не се допираше до мајчините гради ни во деновите кога се случувало таа да јаде месо. Кога го забележа тоа, Марија престана да јаде месо.
Кога наврши седум години, родителите го дадоа Вартоломеј да учи книга. Заедно со него учеа и неговите двајца браќа Стефан и Петар. Додека браќата напредуваа во учењето, Вартоломеј далеку изостануваше зад нив, бидејќи тешко учеше. Иако учителот многу се трудеше околу него, сепак тој малку напредуваше. Родителите многу го караа поради тоа, учителот го казнуваше, а другарите го исмеваа.
Но сето тоа беше по промисла Божја, за детето да добие разум не од луѓето туку од Бога. Многу тажен за својот неуспех во учењето, Вартоломеј топло со солзи Му се молеше на Бога да му помогне. Господ ја услиша молитвата на побожното дете. Еднаш татко му го испрати со книгите во полето. Навикнат на послушност, тој веднаш тргна и по патот наиде на еден монах старец или поточно речено од Бога испратен ангел во монашко обличје, како стои под еден даб и се моли. Вартоломеј му пријде, му се поклони и чекаше да заврши со молитвата. Потоа старецот го благослови, го прегрна и го праша што сака. Детето одговори:
- Со сета душа сакам да се научам на книга, оче. Ме дадоа да учам, но не ми оди. Не знам што да правам. Те молам, оче свети, помоли се на Бога за мене, Он да ме просвети по твоите свети молитви.
Монахот му ја исполни молбата. Се помоли и го благослови, велејќи:
- Еве, чедо мое, од сега Бог ти дарува да разбираш сѐ што ќе посакаш, за да можеш и на другите да им бидеш од корист.
Притоа старецот извади мал сад и од него му даде нешто како честица од просфора и му нареди да ја изеде, говорејќи:
- Земи, чедо, изеди го тоа. Ова ти се дава како знамение на благодатта Божја и за разбирање на Светото Писмо. Не гледај на тоа што оваа честица е толку мала. Голема ќе биде сласта кога ќе вкусиш од неа.
Потоа старецот сакаше да замине, но израдуваното момче од срце го молеше да го посети домот на неговите родители. Родителите со голема чест го пречекаа гостинот, бидејќи ги почитуваа монасите. Тие му предложија храна, но старецот одговори дека најпрвин треба да се поткрепат со духовна храна. Кога сите започнаа да се молат, тој му нареди на Вартоломеј да чита псалми. Момчето одговори:
- Јас не умеам, оче.
На тоа стариот монах пророчки изговори:
- Од сега Господ ти дарува знаење на писменоста.
И навистина од тој момент Вартоломеј започна течно да ги чита псалмите. Родителите многу се израдуваа за таквата брза промена кај нивниот син. При разделбата старецот им рече:
- Вашиот син ќе биде голем пред Бога и пред луѓето. Ќе стане живеалиште на Светиот Дух и служител на Пресвета Троица.
Од тоа време блаженото момче без никакви тешкотии читаше книги и сфаќаше сѐ што е напишано во нив. Бог му го отвори умот, за да го разбира Писмото (сп. Лука 24, 45). И додека растеше со телото, растеше и со разумот и доблестите, зашто го сакаше постот и воздржанието и од рано детство молитвата му беше сласт за душата. Тој ревносно го посетуваше храмот Божји и не пропушташе ниту една служба. Детските игри ги одбегнуваше, во веселбите и смеењето на своите врсници не учествуваше, зашто знаеше дека лошите разговори ги расипуваат добрите обичаи. Длабоко свесен за вистината дека почеток на мудроста е стравот Господов (Псалми 110, 10), тој постојано се трудеше да се научи на таа мудрост. Со особено внимание и ревност читаше Божествени и свештени книги. Си одреди строг пост и во среда и петок не јадеше ништо а во останатите денови се хранеше само со леб и вода.
Иако не беше во манастир, тој водеше монашки живот, така што сите беа изненадени од неговото воздржание и побожност. Неговата мајка се плашеше за неговото здравје и на почетокот се трудеше да го оттргне од таквиот суров начин на живот, но Вартоломеј смирено ѝ одговараше:
- Немој да ми пречиш. Дозволи ми да водам таков живот. Не терај ме на непослушност кон тебе.
И мајката го остави. Така скротувајќи го своето тело со воздржание, тој растеше во совршен човек.
Но, неговите родители Кирил и Марија се преселија од древниот и славен град Ростов во скромното градче Радонеж, познато и дури прославено подоцна со името на преподобниот Сергиј. Неговите родители многу осиромашија од пљачкањето и пустошењето на Татарите, кои во тоа време владееја со руската земја, а и од наметнувањето и угнетувањето на намесникот на московскиот кнез Јован Данилович Калит, кој управуваше со Ростов. Заедно со останатите жители, Кирил и Марија се преселија во Радонеж, феудалниот град на младиот Калитин син Андреј, привлечени со тоа што на доселениците кнезот Андреј им вети разни повластици и слобода од угнетувањата. Вартоломеј, кој тогаш имаше петнаесет години, исто така дојде со своите родители во Радонеж, а неговите браќа веќе беа оженети.
Кога наполни дваесет години, тој започна да ги моли родителите да му дадат благослов да се замонаши, зашто одамна сакаше да се посвети на Бога. Но тие, иако монашкиот живот го ставаа над сѐ, сепак го замолија да причека некое време, бидејќи во нивната старост и немаштија немало кој да им помага. Му укажуваа дека неговите браќа се оженети и зафатени со своите грижи и дека тој треба да им помага. А кога ќе ги испрати во гробот, тогаш да ја оствари својата намера.
Вартоломеј, послушен и полн со љубов, се покори на нивната волја и срдечно се грижеше да ги утеши во староста, за да ги заслужи нивните молитви и благослов. Извесно време пред смртта, Кирил и Марија го примија монаштвото во Покровско-Хочковиот манастир, кој се наоѓа на пет километри од Радонеж. Таму дојде и Стефан, постариот брат на Вартоломеј, кој беше останал вдовец и се замонаши. За кратко време родителите на Вартоломеј еден по друг брзо се претставија во мир и беа погребани во Хочковиот манастир. По смртта на своите родители, браќата останаа тука четириесет дена и Му се молеа на Господа за новопретставените слуги Божји. Куќата и својот беден имот Кирил и Марија ги оставија на Вартоломеј. Но тој дел од наследството потроши за спомнување на душите на починатите родители, на милостиња и хранење на сиромашните, а останатото го предаде на помладиот брат Петар. За себе не остави ништо, зашто се надеваше во Бога, Кој им дава храна на гладните (Псалми 145, 7).
Вартоломеј чезнееше за пустиничкиот живот и затоа го молеше својот постар брат Стефан да го остават манастирот и да појдат на подвизи во пустината. Стефан се согласи и тие тргнаа да бараат пустинско место, погодно за таков живот. Долго одеа по околните шуми, сѐ додека не дојдоа до местото каде сега се наоѓа манастирот Пресвета Троица, прославен со името на преподобниот Сергиј. Тогаш тоа место се нарекувало Маковец и било покриено со густа непроодна шума. А наоколу на сите страни се простирала надалеку шума и пустина. Низ тоа место немало пат и никој не наидувал тука. Во близина немало ни село, ни куќа, ниту некаква човечка населба, туку само ѕверови. Браќата со огнена молитва Му се обратија на Бога, призивајќи го благословот Божји на тоа место, и предавајќи се себе си на Неговата света волја. Откако си направија колиба, тие започнаа ревносно да се подвизуваат, а потоа подигнаа мала црква и решија да ја осветат и посветат на Пресвета Троица. Затоа отидоа во Москва и го замолија митрополитот Теогност за благослов да се освети црквата. Митрополитот љубезно ги прими и испрати со нив свештенослужители да ја осветат. Така скромно беа положени основите на Свето-Троицката Сергиева лавра.
Младиот побожник Вартоломеј беше многу радосен што неговата заветна желба започна да се остварува. Тој сега со уште поголема ревност се предаде на духовните подвизи. Но, неговиот брат Стефан не беше воодушевен од ваквото пусто место и многу малку му помагаше на брата си, та набрзо го остави во пустата шума и отиде во Московско-Богојавленскиот манастир, каде што се зближи со Алексиј, подоцнежниот митрополит Московски.
Кога остана сосем сам, Вартоломеј уште посрдечно започна да се подготвува за монашкиот живот, бидејќи беше решен да го прими постригот кога ќе зајакне во подвизите и ќе се навикне на строго извршување на монашките правила. Во свое време младиот подвижник повика кај себе еден игумен, на име Митрофан, кој го пострижа во монашкиот чин во дваесет и третата година од неговиот живот, на денот на светите маченици Сергиј и Вакх, поради што на Вартоломеј му беше дадено името Сергиј. По постригот игуменот Митрофан отслужи света Литургија во црквата на Пресвета Троица и го удостои новиот инок на причестување со светите Христови Тајни. Во тоа време црквата се исполни со необичен благомирис, кој се ширеше дури и надвор од храмот. Но, пострижаниот монах седум дена не излезе од црквата. Игуменот секој ден служеше света Литургија и го причестуваше, и за сето време храна му беше просфората што му ја даваше игуменот секој ден. Ден и ноќ Сергиј минуваше во молитви и богоразмислување, постојано го славословеше големото име Господово и пееше Давидови псалми и духовни песни. Сиот беше обземен од радост, душата му гореше со божествен оган и побожна ревност. Откако помина неколку дена со Сергиј, игуменот Митрофан му рече:
- Чедо, јас заминувам, а тебе те предавам во рацете Божји. Господ нека ти биде заштитник и чувар.
Притоа изрече пророштво дека Господ на тоа место ќе уреди голема и славна обител. И откако се помоли замина.
Кога остана сам, преподобниот срдечно се подвизуваше, го умртвуваше своето тело со пост, бдеење и најразлични занимања. Го минуваше времето во непрекината деноноќна молитва и во внимателно читање на Светото Писмо. Зиме, додека земјата пукала од мразот, тој имаше врз себе само едно расо и трпеше како да е бестелесен. Но ѓаволите не можеа да ги поднесат таквите подвизи, па се нафрлија на него, за да го избркаат од таму. Затоа понекогаш се појавуваа како ѕверови, понекогаш како змии и свирепо го напаѓаа. Но тој ги отфрлаше со молитвата како со оружје и со својата храброст нивните страшила ги кинеше како пајажина. Еднаш ноќе, додека подвижникот се молеше во црквата, го нападна цела војска демони, кои бесно рикаа:
- Заминувај, инаку ќе загинеш.
Додека зборуваа, огромен пламен излегуваше од нивните усти. Уште му се закануваа дека до темел ќе му ја разрушат црквата и ќелијата, а него ќе го убијат. Но, тој, вооружен со молитвата и чесниот крст, ја избрка демонската војска и без страв продолжи да пее и да Го слави Бога.
Друг пат, додека младиот пустиник ноќе го читаше правилото, одеднаш се појави татнеж од шумата и многу демони ја опколија неговата ќелија и му се закануваа, викајќи:
- Ајде, заминувај одовде! Зошто си дошол во оваа непристапна шума? Што бараш овде? Немој да се надеваш дека ќе останеш тука. Самиот гледаш дека ова место е пусто и непроодно. Зарем не се плашиш да не умреш од глад или од разбојници?
Но, залудни беа нивните закани, тие ни најмалку не го исплашија. Тој само се помоли на Господа и веднаш исчезна демонската војска.
По ваквите јавувања на демоните, за подвижникот не беа страшни дивите ѕверови. Тие притрчуваа покрај неговата ќелија, и тоа глутници гладни волци, и се губеа во шумските честаци. Понекогаш му приоѓаа на преподобниот и го помирисуваа, а навраќаа тука и мечки. Но силата на молитвата го спасуваше пустиникот. Во една прилика забележа во својата ќелија мечка, која беше многу гладна, па се сожали на неа, изнесе парче леб и го стави на еден труп. Од тогаш мечката започна постојано да доаѓа кај неговата ќелија, очекувајќи ја вообичаената милостиња, и не заминуваше додека не ја добиеше. Преподобниот радосно го делеше со неа лебот, а често ѝ го даваше и последното парче. И дивиот ѕвер цела година секојдневно го посетуваше пустиникот.
Господ не го оставаше Својот угодник во пустината. Беше со него во сите негови неволји и искушенија, му помагаше и го крепеше. Гласот за необичниот пустиножител-подвижник започна да се шири. Најпрви за него дознаа некои богобојазливи монаси и започнаа да доаѓаат во Радонежската пустина и да го молат да ги прими за свои сожители и соподвижници. Преподобниот ги одбиваше, укажувајќи им на тешкотиите на пустиничкиот живот. Тој им зборуваше:
- Вие не сте во состојба да живеете на ова место. Не можете да ги поднесете гладот, жедта, јадовите, тешкотиите, оскудицата и немаштијата.
Но, кога тие упорно ќе започнеа да го молат да не ги отфрла и гледајќи на нивната цврста решеност, тој ги повикуваше на трпение:
- Од сега подгответе ги вашите срца, не на храна, не на пијалок, не на спокојство и безгрижност, туку на трпение, за да можете да го поднесете секое искушение и секоја работа. Подгответе се за пост, за духовни подвизи и за многу неволји.
Од тоа време преподобниот Сергиј започна да се подвизува заедно со браќата, кои се трудеа да го поддржуваат во подвизите. Набрзо во Радонежската пустина се собраа дванаесет луѓе и тој број долго остана така. И ако некој од браќата се упокоеше, на негово место доаѓаше друг. Браќата направија дванаесет ќелии. Тие со преподобниот го оградија храмот и ќелиите со дрвен плет и една врата на која што поставија вратар. Така никна манастир, кој со благодатта Божја постои и денес.
Скромен и беден беше тогаш изгледот на Троицката лавра. Пустиниците тивко и мирно го минуваа подвижничкиот живот. Тие секојдневно се собираа во својата мала црквичка и ги принесуваа своите срдечни молитви на Бога. Се служела полуноќница, утрена, часови, вечерна и повечерие, а за вршење на света Литургија повикувале свештеник од најблиските села. По некое време кај преподобниот Сергиј дојде и свештеномонахот Митрофан, кој порано го потстрижа преподобниот за монах. Браќата со радост го примија и тој еднодушно беше избран за игумен. Монасите се радуваа што сега света Литургија можеше да се служи почесто од порано. Но игуменот Митрофан поживеа околу година дена и се упокои. Тогаш браќата започнаа да го молат преподобниот Сергиј да прими свештенички чин и да им биде игумен. Тој одлучно одби. Сакаше да се угледа на Господа и на сите да им биде слуга. Тој со свои раце изгради три или четири ќелии. На своите рамења носеше во две ведра вода од изворот под гората и ја оставаше кај ќелијата на секој од браќата. Сечеше дрва, печеше леб, шиеше облека, готвеше храна и смирено ги извршуваше останатите работи. Своите трудови големиот подвижник ги соединуваше со молитвата, постот и бдението. Се хранеше само со леб и вода и тоа во мала количина. Ноќите ги минуваше во молитви и бдение и само малку дремнуваше. И за прекрасно чудо, таквиот суров живот ни најмалку не му го наруши здравјето. Задушувајќи ги гревовните кревања на телото, таквото живеење како да го крепеше неговото тело и му придодаваше нови сили, за уште поголеми подвизи. Со своето воздржание, смирение и побожниот живот им даваше пример на своите браќа во обителта и сите многу се трудеа да го поддржуваат. Заедно со него и тие беа во пост, молитви и постојана работа. Така во манастирот имаше совршена еднаквост, но преподобниот стоеше над сите. Тој беше прв подвижник во својата обител, односно прв и последен, зашто многумина во негово време и подоцна се подвизувале тука, но никој не можел да се спореди со него.
Сепак во манастирот секој ден сѐ повеќе се чувствувала потребата за игумен и јереј. Постојано да се повикува свештеник во манастирот било невозможно, а и на браќата им беше потребен раководител со игуменска власт. Лице, подостојно за тоа од свети Сергиј, како оснивач на манастирот, немаше, но тој се плашеше од игуменството. Претпочиташе да биде последен монах, а не старешина. Најпосле подвижниците на Радонежската пустина се договорија и решија да го изберат за игумен, па заедно отидоа кај него и му рекоа:
- Оче, ние не можеме да живееме без игумен. Сакаме ти да ни бидеш наставник и раководител. Ние ќе доаѓаме кај тебе со покајание, ќе ги откриваме своите помисли пред тебе и ќе добиваме разрешување на нашите гревови од тебе. Служи кај нас света Литургија, за од твоите чесни раце да се причестуваме со Божествените Тајни.
Преподобниот Сергиј одлучно одби, говорејќи:
- Браќа мои, јас на игуменство никогаш и не сум помислил. Душата моја сака едно: да ги завршам своите денови како прост монах. Не присилувајте ме на тоа. Најдобро е да го оставиме тоа на Бога. Бог нека ви ја открие Својата волја, па ќе видиме што треба да правиме.
Но, монасите и натаму настојуваа, говорејќи:
- Ако не сакаш ти да се грижиш за нашите души, тогаш побарај ни игумен од владиката. Во спротивно ќе бидеме принудени да го напуштиме ова место и да го погазиме заветот што сме го дале. Нема да ни преостане ништо друго, освен да талкаме како овци без пастир.
Браќата и понатаму доаѓаа и го молеа да им биде игумен. Тие уште поупорно му се закануваа дека ќе го остават манастирот и ќе заминат во светот, а сета одговорност за тоа пред Бога ќе ја префрлат на него. Со таквите закани тие најпосле го убедија да ја прими игуменската должност во својата обител. Со двајца старци преподобниот отиде во Перејаславл Залески кај Атанасиј, епископот Борински, бидејќи тој поради заминувањето на митрополитот Алексиј во Цариград, тогаш управувал со митрополијата. Владиката со љубов го прими подвижникот, за кого одамна беше слушал, и долго разговараше со него за спасението на душата. По разговорот, преподобниот Сергиј смирено му се поклони и молеше од него игумен за својата обител. Владиката му одговори:
- Отсега ти биди им отец и игумен на браќата, од тебе собрани во новата обител на Животворната Троица.
И преосветениот владика го постави преподобниот Сергиј најпрвин за јероѓакон, а потоа го ракоположи за јеромонах. Преполн со страв Божји и умиление, преподобниот Сергиј со најголема побожност и богобојазливост ја отслужи првата света Литургија, после која и беше поставен за игумен. Владиката Атанасиј му изговори долга поука на новопоставениот игумен и му рече:
- Чедо, ти сега го прими големиот чин на свештенството. Знај дека според заповедите на големиот Апостол си должен да ги носиш немоќите на слабите и да не си угодуваш на себеси (Рим. 15, 1). Сеќавај се и на овие негови зборови: „Поднесувајте ги тешкотиите еден на друг, и така ќе го исполните законот Христов“ (Галат. 6, 2).
Откако го целиваше и благослови преподобниот, владиката го отпушти со мир во обителта на Пресвета Троица. Пустиножителите со ликување го дочекаа игуменот, својот наставник и отец, и му се поклонија со синовска љубов. Се радуваше и тој на своите духовни чеда, и откако влезе во црквата Му се обрати на Господа со срдечна молитва, Господ да го благослови и да му ја испрати Својата сесилна помош во новата тешка должност. По молитвата им се обрати на браката со поука. Ги поттикнуваше да не малаксуваат во подвизите, бараше нивна соработка и снисходливост спрема него, и за прв пат ги благослови со својот игуменски благослов. Неговата поука беше едноставна и кратка, но со својата јаснотија и убедливост за навек се вкоренуваше во нивните срца. Тој имаше големо влијание врз браќата, повеќе со својот живот отколку со поуките. Откако стана игумен, преподобниот Сергиј не само што не ги промени своите поранешни подвизи, туку со уште поголема ревност ги исполнуваше сите монашки правила, постојано носејќи ги во срцето зборовите на Спасителот: „И кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга“ (Марко 10, 44). Секојдневно служеше света Литургија и секогаш самиот подготвуваше просфора за неа. Со свои раце чукаше и мелеше пченица, сееше брашно, месеше и заквасуваше тесто и самиот ги печеше. Печењето просфори беше особено омилена работа за преподобниот. На никој друг не му ја допушташе таа работа, иако многумина од браќата го сакаа тоа тешко послушание. Освен тоа, тој самиот вареше коливо и правеше свеќи за богослужење. Во црквата доаѓаше прв, стоеше исправено и не си дозволуваше ниту да се допре до ѕидот, ниту да седне, а од црквата излегуваше последен. Неуморно и со љубов ги поучуваше браќата.
Во своите подвизи преподобниот се огледуваше на стародревните градители на монаштвото, чии што житија ги читаше со големо усрдие. Надградувајќи се со раскажувањата за светите подвижници, преподобниот се восхитуваше и на нивниот рамноангелен живот и победата над злите духови, и на нивното служење на несреќните луѓе во светот. Тој се молеше на Пресвета Троица и него да го удостои да оди по стапките на светите мажи, кои хранеле просјаци, им помагале на вдовиците, сирачињата и сите неволни, и кои добиле од Господа дар да исцелуваат болни, да воскреснуваат мртви и да им помагаат на патниците и на суво и по море.
По извесно време ѓаволот, не можејќи да го поднесе доблесниот живот на светителот, повторно се крена против него. Се претвораше во змии или ѕверови, влегуваше кај него во ќелијата или го опколуваше со своите војски додека сечеше дрва и се трудеше да му ја одврати мислата од молитвата и богомислието. Тогаш блажениот се обраќаше со молитва кон Господа, да го избави од ѓаволските напади и веднаш привиденијата исчезнуваа. Од тогаш Бог му подари на Својот угодник таква власт над нечистите духови, така што тие не се осмелувале ни да му се доближат.
Долго време бројот на браќата во манастирот беше дванаесет. Но, гласот за преподобниот се ширеше по околината. И дојде од Смоленск еден архимандрит, на име Симон, кој се беше одрекол од високата функција и со длабоко смирение го молеше преподобниот да го прими како прост монах. Многу потресен од ваквата молба, преподобниот со љубов го прими. Архимандритот Симон му предаде голем принос, донесен како дар за градбата на манастирот, со кој преподобниот подигна пространа дрвена црква во име на Животворната Троица, го прошири манастирот и ги доведе во ред неговите градби. Ќелиите на браќата беа поставени во вид на четвороаголник околу црквата, така што црквата се наоѓаше во средината и се гледаше од сите четири страни. И преподобниот заедно со браќата живееше ангелски како на небото, и дење и ноќе славословејќи Го Бога.
Тогаш во обителта се врати од Московско-Богојавленскиот манастир неговиот постар брат Стефан. Тој го доведе со себе својот помлад син Јован, кој имаше дванаесет години, и го предаде на преподобниот да го замонаши. Преподобниот се восхити на таквата вера на својот брат, го пострижа момчето Јован и му го даде името Теодор. Уште од мал воспитан од татка си во побожност, пост и чистота, Теодор под раководството на својот стрико јакнеше во монашките подвизи. Од тоа време од секаде започнаа да се собираат околу свети Сергиј многу луѓе, за под неговото раководство да ги спасуваат своите души. Славниот подвижник со љубов ги примаше и старите и младите, и богатите и сиромашните, но знаејќи ги тешкотиите на монашкиот живот, тој не брзаше со постригот. Обично наредуваше дојденците да се облекуваат во долга црна облека и одредуваше да извршуваат извесно послушание, заедно со останатите монаси. Постапуваше така, за новодојдените да можат да го запознаат сиот манастирски устав. И по долго испитување, ги пострижуваше во монаштвото, ги облекуваше во мантија и им даваше камилавка. А своите совршени соподвижници ги удостојуваше на схима.
Откако ќе ги примеше монасите со внимателно искушеништво, светиот отец и потоа будно го следеше нивниот живот. Така тој строго им забрануваше на браќата после повечерието да излегуваат од своите ќелии или да разговараат. Секој бил должен да остане во својата ќелија и да се занимава со ракоделие и молитва. Доцна навечер, особено за време на долгите ноќи, неуморниот и ревносен игумен после ќелијната молитва ги обиколуваше ќелиите и низ прозорчето гледаше кој што прави. Ако го затекнеше монахот како врши молитва, или се занимава со ракоделие, или чита душекорисни книги, со радост се молеше на Бога за него, Господ да го крепи. Ако пак слушнеше недопуслив разговор или забележеше дека некој се занимава со непотребни нешта, тој ќе затропаше на вратата или на прозорчето и заминуваше понатаму. Утредента го повикуваше кај себе таквиот брат, разговараше со него и заобиколно, тивко и кротко го тераше да ја признае својата вина. Послушниот монах ќе признаеше и бараше прошка, а отец Сергиј со родителска љубов му простуваше. А пак на непокорниот, кој немаше да ја признае својата вина, му даваше епитимија. Така преподобниот се грижеше за доверените души. Умееше тој да ги спојува кроткоста со строгоста и беше вистински пастир, а не наемник.
На почетокот од своето постоење обителта на преподобниот беше многу сиромашна и нејзините подвижници често го немаа ни најпотребното. Оддалечена од светот, отсечена од целиот свет со речиси непроодната шума, оваа обител ретко добиваше помош од луѓето. Често браќата немаа вино за вршење на Божествената Литургија и беа принудени да се лишуваат од оваа духовна утеха. Често немаа пченица за просфори, или темјан за кадење, или восок за свеќи и зејтин за кандилата. Во таквиот случај монасите палеа факели и со таква светлина вршеа богослужение во црквата. Но, во слабо осветлениот храм, тие самите, со љубовта кон Бога гореа и светлеа посилно од најсветлата свеќа. Животот на монасите беше прост и едноставен, а беше едноставно и сѐ што ги опкружуваше и што се употребуваше. Таа едноставност беше величествена. Садовите за светата Тајна Причест беа од дрво, црковните одежди од просто грубо платно, богослужбените книги испишани на тенка брезова кора. Понекогаш монасите на оваа света обител, во која тогаш сѐ уште немаше општожитие, оскудеваа за храна. Така еднаш се случи браќата три дена да немаат што да каснат и беа во голема неволја. А манастирскиот устав забрануваше да излегуваат од манастирот и да просат леб од мирјаните, туку сета надеж да ја полагаат во Бога, Кој го храни секое суштество и од Бога со вера да го бараат потребното. Притеснети од глад, браќата започнаа да роптаат против игуменот, говорејќи:
- Ќе трпиме уште оваа ноќ, а утре ќе излеземе одовде, за да не умреме од глад.
А свети Сергиј ги тешеше, раскажувајќи им житија на светите Отци, како тие заради Господа поднесуваа многу неволји и потсетувајќи ги на зборовите Христови: „Погледнете ги птиците небесни кои не сеат, ниту жнеат, ниту собираат во амбари, па сепак Отецот небесен ги храни“ (Матеј 6, 26). Кога Бог ги храни птиците, зарем не може и нас да нѐ прехрани? Ете, сега е време за трпение, а ние сме нетрпеливи и не сакаме да ја поднесеме краткотрајната неволја. А ако ја примевме со благодарност, ќе ни беше од голема корист. Во огнот на искушението се чисти златото.
Тогаш светителот прорече, говорејќи:
- Оваа оскудица нѐ затекна на кратко време а утре ќе имаме сѐ во изобилие.
Неговото пророштво се исполни. Утредента од некои непознати луѓе беа донесени многу свежи, туку што испечени лебови, и многу риби и други најразлични намирници. Оние што ги донесоа, рекоа:
- Еден христољубец им го испрати ова на ава Сергиј и браќата со него.
Браќата ги замолија и тие да каснат малку, но тие не сакаа и рекоа дека им е наредено веднаш да се вратат назад, па веднаш си заминаа. Кога го видоа ова изобилие од храна, браќата сфатија дека Господ ги посети со милоста Своја. Откако Му заблагодарија, тие поставија трпеза. Донесената храна им послужи за многу денови а преподобниот им искажа ваква поука:
- Гледајте, браќа, и восхитувајте се како Господ Промислителот изобилно го наградува трпението и не го заборава ова свето место и Своите слуги во него, кои деноноќно Му служат.
При тоа им наведе зборови од свети апостол Павле:
„Кога имаме храна и облека, да бидеме задоволни со тоа“ ЦТим. 6, 8). Светиот отец ги советуваше браќата да не се грижат за минливите работи, туку да се надеваат во Бога Промислителот.
По петнаесет години од основањето на Радонежскиот манастир, во негова близина започнаа да се населуваат селани. Тие непречено почнаа да ја сечат шумата, да градат куќи, да ја ораат земјата и да сеат жито. Огромни пространства шуми тие претворија во чисто поле и со тоа пустината изгуби многу во својот пустински изглед. Новите соседи на манастирот срдечно ја посетуваа оваа светиња и изобилно носеа разни намирници. Така во обителта засекогаш исчезна оскудевањето.
Треба да се присетиме и на тоа дека преподобниот отец Сергиј при своето доаѓање во пустината се беше населил на безводно место. Тој го стори тоа, за со носењето вода од далеку уште повеќе да го измачува своето тело. Но, бидејќи се создаде манастир и се умножија браќата, се јави голема потреба за многу повеќе вода. Дури дел од браќата, бидејќи носеа многу вода од далеку, започнаа да роптаат против преподобниот и да го осудуваат што така неразумно се населил на тоа безводно место.
А преподобниот смирено им велеше:
- Браќа, јас сакав на ова место сам молитвено да живеам. Но, на Бога Му беше угодно овде да се изгради овој голем манастир. Затоа Семоќниот ќе ни ја подари и потребната вода, само не обесхрабрувајте се и молете се со вера. Кога Бог во пустината извади вода од камен за непокорниот еврејски народ, дотолку повеќе нема да нѐ остави и нас, кои срдечно Му служиме.
Потоа, преподобниот поведе со себе еден од браќата и тајно се симна во честакот под манастирот, каде што никогаш немало истечна вода. Откако најде во една јама малку дождовница, светителот ги преклони колената и започна срдечно да се моли:
- Боже, Господи Исусе Христе, услиши нѐ и јави ни ја Својата слава, и како што во пустината преку Мојсеј чудодејствуваше силната десница Твоја, источувајќи вода од каменот, така и овде покажи ја својата сила, Творецу на небото и земјата, подари ни вода на ова место, та сите нека разберат дека Ти ги слушаш оние кои ти се молат и Му принесуваат слава на Отецот, Синот и Светиот Дух, сега и низ сите векови. Амин.
При овие зборови одеднаш бликна силен извор, кој и денес постои, секогаш богат со вода за сите манастирски потреби. Браќата беа многу поразени од ова чудо. Роптањето на незадоволните му отстапи место на чувството на стравопочитување кон светиот игумен. Монасите дури започнаа овој извор да го нарекуваат Сергиев. Но, на смирениот подвижник славата од луѓето му паѓаше толку тешко, што рече:
- Не ви дадов јас вода, туку Сам Господ ни ја испрати нам, недостојните. Затоа немојте изворот да го нарекувате со моето име.
Од тогаш браќата престанаа да го нарекуваат така, а од оваа вода се случуваа и се случуваат многу исцеленија на оние кои со вера пијат од неа.
Нашиот преподобен отец Сергиј вршеше и други неискажливи чудеса. Така еднаш тој воскресна мртовец. Тоа се случи на следниов начин:
Еден селанец од околината на манастирот имаше голема љубов кон отец Сергиј. Неговиот син единец тешко се разболе и тој го однесе кај отецот за исцеление. Но, кога влезе во неговата ќелијата и го молеше да го исцели, неговиот син умре. Откако ја изгуби секоја надеж, таткото започна горко да плаче и му говореше на светителот:
- Тешко мене, човеку Божји! Јас дојдов кај тебе со цврста вера дека ќе ми помогнеш. Што да правам сега?
Така тагувајќи и кукајќи, тој излезе да подготви сѐ што е потребно за погребот на синот. На преподобниот многу му стана жал за овој човек, па се помоли и го воскресна момчето. Селанецот набрзо се врати со мртовечки сандак, а светителот му рече:
- Ти без причина ѝ се предаваш на тагата. Твојот син не е умрен. Тој е жив.
Но човекот, бидејќи со свои очи беше видел како неговиот син умре, не можеше да му верува на светителот, туку пријде и го виде својот син навистина жив. Восхитен, тој започна да му благодари на преподобниот, а на тоа светиот чудотворец му рече:
- Ти се залажуваш себеси и не знаеш што зборуваш. Додека го носеше момчето ваму, тоа од студ изнемоште, а ти помисли дека е мртво. Сега се загреа во топлата ќелија, а тебе ти се чини дека воскреснало.
Меѓутоа селанецот и понатаму тврдеше дека неговиот син воскреснал со молитвите на светителот. Тогаш отец Сергиј му се закани никому да не зборува за тоа, додавајќи:
- Ако раскажеш за тоа ќе бидеш казнет и навистина ќе се лишиш од синот.
Селанецот си замина со својот син и многу радосен се врати дома, прославувајќи Го Бога и Неговиот угодник Сергиј. За ова чудо дозна еден од учениците на преподобниот и го раскажа.
Гласот за чудата на преподобниот започна брзо да се шири и кај него започнаа да носат болни, не само од околните населби, туку од далечни места. Така еднаш донесоа од брегот на Волга познат човек, во кој имаше нечист дух. Овој човек многу страдал. Час се каснувал себеси, час се тепал, час бегал од сите, и десетина луѓе не биле во состојба да го задржат. Роднините на овој бесомачен слушнаа за отец Сергиј и решија да го одведат кај него. Но за тоа бил потребен голем напор. Кога болниот го доведоа близу манастирот, тој со некоја необична сила ги раскина железните окови и започна толку силно да вика, што гласот му се слушаше во манастирот. Преподобниот Сергиј отслужи молепствие за него и при тоа страдалникот започна некако да се смирува. Дури и во манастирот го внесоа, а кога преподобниот му пристапи со крстот и започна да го осенува, бесомачниот со див крик се фрли во водата, насобрана по дождот. Но, кога го осени со светиот крст, тој се почувствува потполно здрав и умот му се врати. Прашан зошто се фрлил во водата, исцелениот одговорил:
- Кога ме доведовте до преподобниот и тој започна да ме осенува со чесниот крст, јас видов голем пламен, кој излегуваше од крстот. Мислејќи дека ќе ме изгори, скокнав во водата.
Исцелениот бесомачен остана неколку дена во манастирот, славејќи го милосрдието Божјо и благодарејќи му на светиот угодник Божји.
И многу други чудеса се случуваа по молитвите на преподобниот: слепи прогледуваа, хроми проодуваа, лепрозни се очистуваа, со еден збор, сите кои со вера доаѓаа кај него оздравуваа од каква болест и да боледуваа. Покрај тоа сите добиваа и духовна корист, та со двократно исцеление се враќаа дома. Поради тоа сите го почитуваа и славеа, и сѐ повеќе посетители доаѓаа од разни градови и места, за да го видат светиот подвижник и да се насладат на неговата поука. Многу монаси ги напуштаа своите манастири и доаѓаа да се подвизуваат под неговото раководство и да живеат со него, и кнезовите, и болјарите, и простите луѓе итаа кај блажениот отец, бидејќи сите го почитуваа како еден од древните отци или како еден од пророците.
Но, иако почитуван и славен од сите, преподобниот Сергиј не ѝ придаваше важност на човечката слава. И понатаму неуморно се трудеше и на сите им служеше како пример за најголема смиреност, Тој не сакаше меки и убави облеки. Постојано носеше облека од груба ткаенина, која со своите раце ја шиеше. Еднаш во манастирот снема добро платно, а беше останало само едно многу лошо парче и толку невкусно обоено, така што никој од браќата не сакаше да го земе за себе. Но преподобниот го зеде, си соши облека и ја носеше сѐ додека не се искина.
Воопшто, свети Сергиј постојано носеше ветва и груба облека и затоа многумина не можеа да го препознаат и го сметаа за манастирски слуга. Еден селанец од многу далечен крај многу слушал за свети Сергиј и посакал да го види. Кога дојде во манастирот, тој започна да се распрашува каде е. Му рекоа дека светителот е во градината и таму копа. Овој отиде во градината и го виде светителот во искината и полна со закрпи облека, како копа. Тогаш си помисли во себе дека оние што го упатиле кај него му се потсмеваат, зашто очекуваше да го види светителот во голема слава и чест. Затоа се врати во манастирот и повторно започна да се распрашува да му кажат каде е свети Сергиј, зашто дошол од далеку за да го види.
Монасите го убедуваа дека старецот што го видел во градината е преподобниот Сергиј.
А кога светителот излезе тој го виде, се згади од него, ја сврте главата и не сакаше ни да го погледне, негодувајќи во себе:
„Колку голем труд вложив залудно! Јас дојдов да видам голем пророк! Очекував да го видам во голема слава и чест, а еве, пред себе гледам беден и ништовен старец“.
Но, светителот ги виде неговите помисли и му беше многу благодарен. Како што гордите се радуваат на пофалбите и почестите, така смирените се радуваат на ништовноста, смирението и понижувањето. Тој го повика кај себе овој селанец, му постави трпеза и со љубов го нагости, па му рече:
- Не тагувај, човеку. Оној што сакаш да го видиш набрзо ќе дојде.
Само што светителот го изговори тоа, стигна глас со вест дека во манастирот доаѓа кнезот. Свети Сергиј стана и излезе да го пречека кнезот, кој доаѓаше со огромна свита. Кнезот од далеку му се поклони до земја, смирено барајќи благослов од него. Светителот го благослови и со честа што му доликува го прими во обителта. И откако седнаа, старецот и кнезот разговараа, а сите останати стоеја. А оној селанец, тргнат далеку од страна на слугите на кнезот, иако многу се трудеше, не можеше да го види старецот, од кого порано се гнасеше. Тогаш тивко праша еден од големците:
- Господине, кој е старецот што седи со кнезот?
Тој му одговори:
- Тој е свети Сергиј.
Тогаш селанецот започна да се прекорува и да се навредува себеси што не поверува дека е тој, и не му ја укажа достојната почит. А кога кнезот си замина тој брзо му пријде, и срамејќи се да го погледне в лице, падна пред неговите нозе и го молеше да му прости. Светителот со љубов го утеши, велејќи му:
- Не тагувај, чедо. Единствено ти ја кажа вистината за мене, велејќи дека сум ништо, а сите останати се соблазнија, сметајќи ме за голем.
Откако поразговара со селанецот, тој го благослови и отпушти. А тој си замина со голема вера кон светителот и по некое време повторно дојде во манастирот и прими монашки постриг. Толку силно го потресе смиреноста на големиот подвижник, така што душата му се промени.
Еднаш блажениот, додека според својот обичај доцна навечер го вршеше молитвеното правило и срдечно Му се молеше на Бога за своите ученици, слушна глас кој го повика: „Сергиј!“
Восхитен од оваа необична ноќна појава, блажениот се помоли, го отвори прозорчето од ќелијата и виде голема светлина од небото, која со својот блесок ја направи ноќта посветла од денот. И по втор пат му дојде глас, говорејќи:
„Сергиј! Ти се молиш за своите чеда и твоето молење е услишано. Погледни и види го бројот на монасите, кои се собираат под твоето раководство во име на Пресвета Троица“.
Светителот се сврте и виде мноштво прекрасни птици, кои не само во манастирот, туку и околу манастирот летаа и неискажливо умилно пееја ангелски песни. И повторно чу глас, кој говореше:
„Како овие птици ќе се намножи бројот на твоите ученици, и по тебе нема да се намали, и така чудесно и различно ќе бидат украсени со доблести оние кои ќе одат по твоите стапки“.
Гледајќи го тоа, светителот се восхитуваше на ова прекрасно видение, па сакајќи и некој друг заедно со него да се радува, тој го повика гореспоменатиот Симон, кој живееше поблиску од останатите. Восхитен од овој необичен повик на старецот, Симон брзо дојде, но не се удостои да го види целото видение, туку само дел од онаа небесна светлина. Преподобниот тогаш му раскажа сѐ што виде и слушна, па и двајцата се радуваа и Го славеа Бога.
Наскоро потоа кај преподобниот Сергиј дојдоа од Цариград пратеници на пресветиот патријарх Филотеј и му предадоа од патријархот благослов и подароци: крст, параман и схима, а и следното писмо:
„По милоста Божја архиепископ на Константиновиот град, вселенски патријарх господин Филотеј, син и сослужител на нашата смерност во Духот Свети. Благодат и мир и наш благослов! Слушнавме за твоето големо доблесно живеење во Бога и ние Го возвеличуваме и прославуваме Бога. Но, вам ви недостасува уште нешто, и тоа најбитното. Вие немате општожитие. Ти знаеш, преподобен, дека и самиот богородител пророк Давид, кој сите ги опфаќаше со својот разум, ништо не успеа така да пофали како ова: „Гледај колку е убаво и колку е мило, кога браќата живеат еднодушно“ (Псалми 132, 1). Затоа ви даваме добар совет, да изградите општожитие. Со вас нека биде милоста Божја и нашиот благослов.
Со ова патријархово послание преподобниот отиде кај блажениот митрополит Алексиј, му ја покажа грамотата на патријархот и го праша:
- Свети владико, што ќе наредиш ти?
Свети Алексиј му одговори:
- Преподобни оче, Бог, Кој ги прославува оние што Него Го прославуваат, те удостои на толку богатства, та гласот за тебе и за твојот живот стигна во далечните земји, така што и самиот Вселенски патријарх те советува за она што е корисно. И јас те советувам за истото и те фалам.
Од тогаш преподобниот Сергиј востанови општожитие во својата обител и им нареди на браќата строго да го држат општожителниот устав: никој да не стекнува ништо за себе, ништо да не нарекува свое, туку според заповедите на светите отци, сѐ да им биде заедничко. Но, забранувајќи им на монасите приватна своина, преподобниот не беше склон да собира богатство ни за општа корист на манастирот. Сѐ што беше одвишок, светиот подвижник го употребуваше за добротворни дела: за милостиња на ништите или за помагање на сиромашните мирјаните, кои доаѓаа во манастирот. Со зголемувањето на прилозите на манастирот од страна на христољубивите мирјани, милостивиот игумен ја зголемуваше неговата добротворна дејност. Беа згрижувани патниците, хранети сиромашните, негувани болните. Кнезовите и војводите навраќаа со одреди војски и сите добиваа храна и вода од гостопримниот подвижник.
Сепак во Радонежскиот манастир набрзо избувна неред - побуна против светиот игумен. Браќата, кои со голема упорност го натераа да ја прими игуменската власт, сега станаа незадоволни, најверојатно заради строгоста на општожитието. Неговиот роден брат Стефан, не туѓ на духот на властољубието, беше на чело на побунетите и го навреди светителот во црквата, за време на вечерното богослужење. Кроткиот подвижник ништо не му проговори на навредувачот. Тој дирекно од црквата, без да сврати во својата ќелија, доцна во ноќта тајно го напушти манастирот и се упати кон пустината. Откако измина триесетина километри, наиде на едно многу погодно место, близу реката Киржач и тука се насели. А кога браќата видоа дека отецот ги напуштил, се најдоа во голема неволја и вознемиреност, како овци без пастир, и започнаа грижливо да го бараат на сите страни.
По некое време го најдоа и со солзи го молеа да се врати во манастирот, но тој одбиваше, претпочитајќи го осаменото молитвено тихување. Тогаш многумина од неговите ученици преминаа кај него во пустината и светителот основа нов манастир, во име на Благовештението на Пресвета Богородица. А пак монасите, кои останаа во лаврата, бидејќи ниту можеа да живеат без својот отец, ниту да го умолат да се врати кај нив, отидоа кај преосветениот митрополит Алексиј и го молеа тој да му нареди на преподобниот Сергиј да се врати во манастирот Пресвета Троица. Свети Алексиј испрати кај преподобниот двајца архимандрити да го замолат да се врати, за монасите да не се разотидат, а и да не се запусти светото место. Бидејќи не можеше да не го послуша архиерејот, преподобниот се врати во Лаврата, каде браќата го дочекаа со преголема радост. А во Киржачкиот манастир го постави за игумен својот ученик Роман.
Свети Стефан, епископот Пермски, кој негуваше голема љубов кон преподобниот, еднаш патуваше кон Москва по патот кој минуваше на осум километри од манастирот на преподобниот Сергиј. Бидејќи многу брзаше, епископот Стефан не можеше да сврати во манастирот и имаше намера тоа да го стори на враќање. Но, кога беше свртен кон манастирот, тој застана, го прочита „Достојно ест...“ се помоли и му се поклони на преподобниот Сергиј, велејќи:
- Мир на тебе, духовен брате.
Во тоа време блажениот Сергиј со браќата седеше на трпезата. Тој со духот го виде поклонувањето на епископот и стана од трпезата, постоја малку, се помоли и исто така му се поклони на епископот и рече:
- Радувај се и ти, пастиру на Христовите стада. Мирот Божји нека биде со тебе.
Браќата се зачудија на оваа необична постапка, а некои сфатија дека блажениот се удостоил на видение. По ручекот монасите започнаа да го прашуваат што се случило и тој им рече:
- Во тоа време епископот Стефан, кој отпатува во Москва, застана спрема нашиот манастир, се поклони на Пресвета Троица и нѐ благослови нас, грешните.
Подоцна некои од учениците се распрашаа и утврдија дека сѐ било точно онака како што преподобниот им рече, и се восхитуваа на дарот на проѕорливоста, со кој Бог го обдари нивниот отец.
Обителта на преподобниот цветаше со многу доблесни луѓе. Многу од нив беа земени за игумени по други манастири, а некои беа поставени за епископи. Сите тие успеваа во доблестите, водени и раководени од својот голем учител свети Сергиј, искусен во извршувањето на заповедите Господови, кој беше пример за своето стадо, водејќи рамноангелен живот.
Меѓу учениците на преподобниот имаше еден, по име Исакиј. Тој сакаше да му се посвети на подвигот на безмолвието и затоа често го молеше преподобниот за благослов на овој голем подвиг. Еднаш премудриот пастир како одговор на неговата молба му рече:
- Чедо, ако сакаш осаменички молитвено да тихуваш, јас утре ќе ти дадам благослов за тоа.
Утре по Божествената Литургија преподобниот Сергиј го осени со крсниот знак и му рече:
- Господ нека ти ја исполни желбата.
Во тој момент виде како необичен пламен излегува од рацете на преподобниот и го опкружуваше. Од тоа време тој пребиваше во молчење, и само еднаш чудесна појава му ја разврза устата.
Додека живееше ангелски живот на земјата, отец Сергиј, иако беше во тело, се удостои на општење со светите бестелесни ангели. Еднаш светиот игумен служеше Божествена Литургија со својот брат Стефан и внукот Теодор. Во црквата покрај останатите беше и Исакиј молчалникот. Додека свети Сергиј како и секогаш служеше света Литургија со страв и богобојазливост, Исакиј одеднаш здогледа во олтарот четврт човек, кој сјаеше со необична светлина и на себе имаше многу блескави одежди. На малиот вход со Евангелието, небесниот сослужител чекореше по преподобниот, лицето му блескаше како сонце и едноставно беше невозможно да се гледа во него. Чудната појава го запрепасти Исакиј и тој ја отвори устата и го праша отец Макариј, кој стоеше покрај него:
- Колку прекрасна глетка, оче. Кој е овој необичен човек?
И Макариј беше удостоен на видението, и запрепастен и поразен од него, одговори:
- Не знам, брате, и јас самиот се ужаснувам додека ја гледам оваа прекрасна појава, освен ако некој свештенослужител не дошол со кнезот Владимир.
Кинезот Владимир Андреевич во тоа време беше во црквата. Старците прашаа еден од неговата свита да не дошол некој свештеник со кнезот, а тој им одговори дека немало свештеник со нив. Тогаш на монасите им стана јасно дека со преподобниот Сергиј сослужува ангел Божји. По завршувањето на Литургијата тие му пристапија на преподобниот и го прашаа за тоа. Подвижникот отпрвин не сакаше да им ја открие тајната и рече:
- Каква необична појава сте виделе, чеда мои? Литургија служевме Стефан, Теодор и јас грешниот. Немаше никој друг.
- А кога учениците продолжија упорно да го молат, тој најпосле рече:
- Чеда мои, кога Господ Бог вам ви открил, тогаш не можам ни јас да сокријам. Оној што сте го виделе бил ангел Господен. Не само денес, туку секогаш кога јас недостојниот служам Света Литургија, ангелот со Божјо благоволение служи заедно со мене. Но, додека сум јас жив, немојте никому да зборувате што сте виделе.
Меѓу учениците на преподобниот Сергиј имаше еден, на име Андроник, родум од Ростов како и преподобниот. Уште во млади години тој дојде во манастирот на Животворната Троица и беше примен за монах. Тука се подвизуваше многу години, тука се украси со доблестите и поднесе многу трудови. Затоа преподобниот многу го сакаше. Андроник имаше желба да изгради свој манастир и да воведе во него општожити. Желбата му се исполни. Старецот му одговори на архиерејот:
- Свети владико, сите ние сме во твоја власт. За тебе нема препреки.
Тогаш митрополитот рече:
- Јас сакам, ако Бог помогне, да изградам манастир. При нашата пловидба од Цариград се крена голема бура и за малку ќе загиневме. Сите започнаа да се молат на Бога, па и јас започнав да Го молам да нѐ избави од сигурната смрт. Тогаш дадов завет дека ќе изградам храм на оној светител, во чиј што ден Господ ќе ни помогне да излеземе на брегот. Во тој час бурата стивна, настана тишина и ние стигнавме на брегот на 16 август. Сега сакам да го исполнам својот завет, да подигнам црква во чест на неракотворниот лик на нашиот Господ Исус Христос, и при неа да уредам оштожителен манастир. Затоа те молам, дај ми го твојот возљубен ученик Андроник.
Преподобниот со задоволство ја исполни молбата на светителот. Свети Алексиј отиде во Москва, и таму, на бреговите на Јауза основаше манастир, а игуменството му го довери на Андроник. По некое време самиот преподобен Сергиј дојде во новата обител. Го благослови својот ученик и рече:
- Господи, погледни од небото на ова место и посети го со Својата милост.
Истиот митрополит, светиот Алексиј, од благодарност кон Господа што по неговите смирени молитви ја исцели татарската царица Тајдула, основаше друг манастир во Москва, во спомен на чудото на светиот Архистратиг Михаил. И за овој Чудовски манастир светиот митрополит измоли од преподобниот отец Сергиј неколку старци.
Името на свети Сергиј е поврзано со основањето и на Симоновскиот манастир во Москва. Неговиот внук Теодор долго време живееше во обителта на големиот подвижник, во иста ќелија со него, и цветаше во добродетелите. Сите се восхитуваа на тоа што Теодор никогаш ништо не криеше од својот наставник, туку му ја исповедаше секоја помисла. Кога стана свештеномонах, тој посака да основа некаде манастир и таа своја желба му ја кажа на преподобниот Сергиј. Тој отпрвин не сакаше да го пушти од себе внукот, за после себе да му го предаде игуменството во Радонежскиот манастир. Но, кога за него започна да го моли великиот кнез Димитриј Јоанович, подвижникот се согласи да го пушти, а заедно со нив и некои од браќата, кои ќе сакаат да појдат со него. Веројатно со согласност на великиот кнез, Теодор избра и место за нова обител, во близина на Москва, наречено „Симоново“. Преподобниот дојде да го разгледа избраното место и даде свој благослов за градба на новата обител. Теодор изгради црква во име на Пречистата Владичица наша Богородица, во чест на Нејзиното славно Раѓање. При црквата отвори манастир и во него воведе општожитие. Гласот за доблесниот живот на Теодор започна брзо да се шири, и со тоа и бројот на монасите во неговата обител растеше. Самиот преподобен Сергиј повеќе пати ја посетувал оваа обител, и според преданието, земал удел во работите на браќата. По извесно време Теодор беше поставен за архиепископ Ростовски и со своите доблести силно блескаше како голем светилник, сѐ до својата смрт, на 28 ноември 1394 година.
Не само во Москва, туку и во многу други места никнуваа манастири, основани или од учениците на преподобниот Сергиј или пак од него. Така великиот кнез Димитриј Јоанович, сакајќи да изгради манастир во Коломна, на местото викано Голутвино, срдечно го замоли свети Сергиј да го благослови тоа место и да изгради црква. Трогнат од таквата вера на великиот кнез и поткренат од љубовта кон него, преподобниот пешки се упати во Коломна. Таков беше неговиот обичај. Го благослови тоа место и изгради црква во име на Богојавлението Господово. На молба на великиот кнез, тој за новата обител даде еден од своите ученици, свештеномонахот Григориј, богобојазлив и побожен човек. Набрзо и таа обител, во која исто така беше воведено општожитие, со Божјата благодат процвета во слава на Едниот во Троица Бог.
На молба на вториот кнез Владимир Андреевич, преподобниот го благослови местото во Серпухов за манастир, во чест на Зачнувањето на Пресвета Богородица. Во тој манастир, наречен Висоцки, светителот на упорната молба на кнезот, за градител испрати еден од своите најомилени ученици Атанасиј, одличен познавач на Светото Писмо, кој се одликувал со необична послушност и бил многу искусен во препишувањето на книги. Така преподобниот Сергиј благослови многу обители и испраќаше таму свои ученици. И неговите духовни синови, и синовите на синовите негови, како ѕвезди сјаеја и блескаа со својот чудесен живот, за корист на сите.
Блажениот митрополит Алексиј, веќе беше многу изнемоштен од староста и гледајќи дека му се наближува крајот, го повика кај себе преподобниот Сергиј и сакаше да му го даде својот златен архиерејски крст, украсен со скапоцени камења, но, тој му се поклони смирено и му рече:
- Прости ми, владико свети, јас од младоста не сум бил златоносец и претпочитам и во староста да живеам во сиромаштво.
На тоа светиот митрополит одговори:
- Знам, возљубени, дека така си правел. Но, сега послушај ме и прими го благословот што ти го давам.
При тие зборови со свои раце му го стави крстот околу вратот и повторно започна да му зборува:
- Знаеш ли, оче, зошто те повикав и што сакам да ти предложам? Ете, јас со од Бога доверената Руска митрополија управував колку што Нему Му беше угодно. Сега гледам дека ми се ближи крајот, само не го знам денот на мојата смрт, и мој наследник наоѓам единствено во тебе. Добро ми е познато дека започнувајќи од кнезот, па сѐ до последниот човек, сите тебе те сакаат. Затоа прими го епископскиот чин, а по моето заминување од светот ќе го примиш мојот престол.
Преподобниот се сметаше недостоен за таквиот чин, па се збуни и му одговори на архиерејот:
- Прости ми, владико, тоа не може да биде. Ти сакаш да ме натовариш со бреме над моите сили. Та кој сум јас, грешниот и најлошиот од сите луѓе, да се дрзнам да се допрам до таквиот чин?
Блажениот митрополит долго го убедуваше светителот, наведувајќи му зборови од Светото Писмо, но не успеа да го убеди. Најпосле рече:
- Владико свети, ако не сакаш да ја избркаш мојата ништовност од овие краишта и никогаш повеќе да не слушнеш за мене, тогаш повеќе немој да ми зборуваш за тоа, ниту некому да дозволиш да ми се обраќа со такви зборови. Јас никогаш нема да се согласам.
Кога виде дека светителот е неубедлив, митрополитот престана да му зборува, од страв да не замине во некои далечни краишта и пустини и Москва да се лиши од таквиот светилник. Откако го утеши со духовни зборови, со мир го отпушти во манастирот.
Кратко време потоа митрополитот Алексиј замина од овој живот, на 12 февруари 1378 година. Тогаш сите упорно и срдечно го молеа блажениот Сергиј да го прими престолот на Руската митрополија. Но, тој остана неумолив и непопустлив. После дванаесет годишните смутови, кои настанаа по претставувањето на светиот митрополит Алексиј, на престолот на Московската митрополија беше поставен свети Кипријан.
Во тоа време, со допуштање Божјо заради нашите гревови, имаше наезда на татарскиот хан Мамај врз Руската земја. Великиот кнез Димитриј Јоанович започна да се подготвува за војна. Но, пред да тргне во војна, тој отиде во манастирот на Пресвета Троица, за да добие благослов од преподобниот Сергиј. Светителот го вооружи со благословот и молитвата, и му изрече вакво пророштво:
- Тргни против варварите. Ни најмалку не сомневај се, Бог ќе ти помогне. Ти ќе го победиш непријателот и здрав ќе се вратиш.
Со надеж во Божјата помош и молитвите на светиот угодник, великиот кнез тргна во војна и на Куликовското поле страотно го разби непријателот, на 8 септември 1380 година, така што самиот цар Мамај одвај се спаси и побегна со неколкумина. Додека се водела Куликовската битка, преподобниот Сергиј ги беше собрал браќата и срдечно Го молеше Господа да ѝ дари победа на православната војска. Свети Сергиј имаше дар на проѕорливост и јасно гледаше сѐ што се случува надалеку, како да се случува пред неговите очи. Тој им кажа на браќата за победата на великиот кнез Димитриј над татарите, ги наброи по имиња многуте православни војници, кои загинаа во војната и изврши помен за нив. Сето тоа му беше откриено од Бога. А пак великиот кнез Димитриј, по победоносното враќање од војната, дојде во манастирот кај преподобниот и му благодареше за помошта со своите срдечни молитви кон Бога.
Кај преподобниот многумина се обраќаа за помош и заштита, и тој секогаш им помагаше на неволните и ги штитеше угнетуваните и ожалостените. Недалеку од манастирот живееше еден студен и немилосрден човек. Тој му изврши неправда на својот сиромашен сосед, му зеде една свиња, ја закла и не сакаше да му ја плати. Оштетениот сиромав се пожали на преподобниот и го замоли да му помогне. Преподобниот го повика кај себе тој човек и му рече:
- Чедо, веруваш ли дека има Бог? Бог е Судија и на праведните и на грешните. Татко на сиромашните и вдовиците. Бог е подготвен за одмазда и страшно е да се падне во рацете Негови. Како тогаш да не се плашиме да го одземаме туѓото, да му вршиме неправда на ближниот и да извршуваме најразлични злодела? Зарем сѐ уште не сме задоволни со она што Бог според Својата добрина ни го дава, туку стануваме лакоми за туѓото добро? Како можеме да не обраќаме внимание на Божјата долготрпеливост? Зарем не гледаме дека оние што вршат неправда осиромашуваат, нивните куќи стануваат пусти и споменот за нив се губи засекогаш? На оној свет нив ги очекува мачење.
И многу други поуки му изговори светителот на овој човек и го замоли да му ја плати свињата на својот сиромашен сосед, додавајќи:
- Никогаш немој да ги угнетуваш сиромашните.
И немилосрдниот човек се покаја, вети дека ќе се поправи и дека ќе му ја исплати свињата на својот сосед. Сепак по некое време ја промени својата намера и не му го исплати долгот на сиромавиот. Но, кога влезе во одајата каде што беше месото од закланата свиња, виде дека сето месо црвесало, иако било зима. Исплашен од тоа, тој веднаш му ја исплати свињата на сиромавиот, а месото го фрли на кучињата.
Еднаш од Москва во Цариград дојде еден епископ, кој многу беше слушал за светиот угодник Божји, но не верувал дека во тие краишта може да се појави толку голем светилник.
Со такви мисли тој се упати во манастирот, за да го види старецот. Но, кога се приближи до манастирот го обзеде некој страв и само што пречекори внатре и го здогледа светителот, ослепе. Тогаш преподобниот го фати за рака и го внесе во својата ќелија. Епископот со солзи му раскажа за своето неверие и, каејќи се за својот грев, го молеше да му го врати видот. Смирениот игумен се допре до неговите очи и тој веднаш прогледа, После тоа преподобниот започна кротко и благо да разговара со него, при што му зборуваше дека не треба да се гордее. Епископот стекна целосна доверба дека преподобниот е навистина Божји човек и дека Господ го удостоил да види земен ангел и небесен човек. Преподобниот со долична чест го испрати епископот, кој си замина славејќи Го Бога и Неговиот угодник Сергиј.
Една ноќ блажениот отец стоеше пред иконата на Пречистата Богомајка и го извршуваше вообичаеното молитвено правило. Гледајќи во Нејзиниот свет лик, тој ја изговараше молитвата: „Пречиста Мајко на мојот Христос, Заштитничке и моќна Помошничке на човечкиот род, биди посредница за нас, недостојните, и секогаш моли Го Синот Твој и Бог наш, да погледне на ова свето место. Тебе, Мајко на мојот сладок Христос, Те повикуваме на помош ние, слугите Твои. Ти си надеж на сите и пристаниште на спасението“. Така се молеше преподобниот. Кога го прочита благодарствениот канон на Пречистата и акатистот и седна да се одмори, одеднаш му рече на својот ученик Михеј:
- Чедо, стражари и бдеј. Сега ќе имаме чудесна и страшна посета.
И само што преподобниот го рече тоа, одненадеж се слушна глас, кој говореше:
- Еве, доаѓа Пречистата.
Светителот брзо излезе од ќелијата во предсобјето. Тука го осветли огромна светлина, посилна од сончевата, и тој ја виде Пречистата, со двајцата апостоли Петар и Јован, во неискажан блесок. Светителот падна ничкум, зашто не можеше да го поднесе неподносливиот блесок. Но, Пречистата го допре со Своите раце и му рече:
- Не плаши се, избранику Мој. Еве, дојдов да те посетам. Молитвата за твоите ученици ти е услишана. Немој повеќе да тагуваш за својата обител. Отсега таа ќе изобилува во сѐ, не само за време на твојот живот туку и по твоето заминување кај Господа. Јас никогаш нема да ја оставам и таа нема да оскудева за ништо.
Откако го рече тоа, Пречистата Богомајка стана невидлива. А светителот, како надвор од себе со умот, сиот беше обземен од страв и трепет. Кога малку си дојде на себе, тој го здогледа својот ученик како од страв лежи како мртов и го подигна. Тогаш Михеј започна да му прави метанија на старецот, говорејќи:
- Оче, заради Господа, објасни ми ја чудеснава појава, при која за малку мојата душа ќе се разделеше од телото.
Но светителот беше обземен од огромна радост и лицето му блескаше. Тој стоеше безгласно и само успеа да изговори:
- Чедо, стрпи се малку. Во мене душата трепери од чудесното видение.
Преподобниот стоеше восхитен некое време и молчеше. Потоа му рече на својот ученик:
- Чедо, повикај ми ги Исак и Симон.
Кога дојдоа, светителот им раскажа сѐ по ред, како Ја виде Пречиста Богородица со апостолите и што Таа му рече. Тие многу се израдуваа и сите заедно отслужија молебен за Пресвета Богородица. А пак светителот таа ноќ ја помина буден, размислувајќи за милостивата посета на Пречистата Владичица.
Еднаш преподобниот служеше Света Литургија, а гореспоменатиот негов ученик Симон, совршен по живот, тогаш беше старешина на храмот. Тој видел како по светиот престол кружи оган и ги осветлува олтарот и отец Сергиј кој служи, така што светителот стоел во оган од глава до пети. А кога дојде време за причест, божествениот оган се подигнал високо и како некое најтенко платно се спуштил во светата чаша, од која се причестил достојниот служител свети Сергиј. Откако се причести, тој се оддалечи од светиот престол, и чувствувајќи дека Симон се удостоил на видение, го повика и го праша:
- Чедо, од што толку се исплаши твојата душа?
Симон одговори:
- Оче, јас видов чудесна појава. Ја видов благодатта на Светиот Дух, која што дејствува со тебе.
Тогаш преподобниот му забрани никому да не зборува за тоа, сѐ додека Господ не го повика кај Себе, па и двајцата Му заблагодарија на Бога за таквата милост.
Преподобниот отец Сергиј поживеа многу години во големо воздржание и трудови и изврши многу чуда. Достигна длабока старост до 78 години. Тој го провиде своето заминување кај Бога и на шест месеци пред тоа ги свика браќата и му го предаде старешинството на својот ученик Никон, на кого, иако беше млад по години, сепак умот му цветаше со духовно искуство и мудрост и со својот целокупен живот го подржуваше својот учител. Откако го постави за игумен, преподобниот се предаде на целосно безмолвие и започна да се подготвува за заминувањето од овој привремен живот. Во септември се разболе, ги повика браќата кај себе и последен пат им се обрати со поука. Откако богомудро ги посоветува и поучи, тој се прости со сите, ги благослови и најпосле им рече:
- Јас заминувам кај Бог, Кој ме повикува. Вас ве доверувам на семоќниот Господ и Пречистата Мајка Негова, Пресветата нека ви биде прибежиште и одбрана од вражјите замки и стапици.
Во последните моменти од својот овоземен живот преподобниот се причести со Светите Тајни Христови. Потоа ги крена рацете и со молитва ја предаде својата света душа на Господа, на 25 септември 1892 година. Штом светителот издивна неискажан благомирис се разлеа по неговата ќелија. Лицето му беше светло и блескаше со небесно блаженство. Браќата горко го оплакаа својот учител и неговото чесно тело го погребаа, полагајќи го во црквата на животворната Троица од десната страна.
Триесет години по претставувањето на преподобниот Сергиј беа откриени неговите свети мошти на следниот начин. Во близина на манастирот во тоа време живееше еден побожен човек, кој имаше голема вера спрема светителот. Тој често доаѓаше на неговиот гроб и срдечно се молеше на угодникот Божји. Една ноќ, после огнената молитва, тој задрема и тогаш му се јави свети Сергиј и му рече:
- Оди и прашај го игуменот на обителта, зошто толку долго време ме оставаат под земјата во сандакот, каде што вода го опколува моето тело?
Овој човек се разбуди преплашен, но во исто време почувствува и необична радост во своето срце. Тој веднаш му раскажа за видението на тогашниот игумен Никон, кој ги извести браќата и настапи големо ликување меѓу монасите. Гласот за брзото откривање на моштите на угодникот Божји се пронесе надалеку и многу народ се собра во манастирот. Кога го раскопаа гробот и го отворија сандакот, веднаш се разлеа прекрасен благомирис наоколу. И сите видоа прекрасно чудо. Не само што светите мошти на преподобниот Сергиј беа целосни и нераспаднати, туку гнилежот не се беше допрел ни до облеката негова. Од двете страни на сандакот се гледаше вода, но таа не ги допираше ниту моштите, ниту облеката негова. Сите се израдуваа на тоа и му принесоа благодарност на Бога, Кој го прослави Својот угодник. Со големо славење беа положени светите мошти во нов кивот. Ова наоѓање на моштите на преподобниот Сергиј се случи на 5 јули 1422 година. Притоа се случија многу исцеленија, но и понатаму од неговиот чесен кивот, како од извор течат исцеленија за сите, кои со вера пристапуваат. Како за време на својот живот на земјата така и по своето претставување, овој голем чудотворец врши големи и неизбројни чудеса, во слава на Христа Бога, Кому чест и благодарност низ сите векови. Амин.
Од многубројните чуда на нашиот богоносен отец Сергиј, што се случиле по неговото претставување, ќе спомнеме неколку. Во својата света грижа за обителта, богоносниот подвижник по своето упокојување многу пати им се јавувал на некои од браќата. Така еднаш, монахот Игнатиј од Троицкиот манастир, беше удостоен на вакво видение. Свети Сергиј за време на сеноќното бдение стоел во црквата на своето место и со останатите браќа учествувал во црковното пеење. Восхитен, Игнатиј веднаш им кажа за тоа на браќата и сите радосно Му заблагодарија на Господа, што им дарил толку голем молитвеник и помошник.
Во есента на 1408 година, кога игумен беше еден ученик на преподобниот Никон, кон регионот на Москва започнаа да се наближуваат татари, под водство на свирепиот Едигеј. Преподобниот Никон долго Го молеше Господа да ја сочува обителта на Својот угодник и да ја заштити од наездата на грозниот непријател, и при тоа го повикуваше името на преподобниот Сергиј. Една ноќ, по молитвата тој седна да одмори и задрема. При тоа одеднаш ги видел светителите Петар и Алексиј, и со нив Сергиј, кој му рекол:
- Господова волја е иноплемениците да се закачат на ова место. Но ти, чедо, не тагувај и не смутувај се. Обителта нема да опусте, туку уште повеќе ќе процвета.
Потоа, откако му дале благослов, светците станале невидливи. Преподобниот Никон се освести и побрза кон вратата, но таа беше заклучена. Кога ја отвори ги виде светителите како заминуваат од неговата ќелија и му стана јасно дека тоа не било сон, туку вистинско видение. Претскажувањето на преподобниот Сергиј набрзо се исполни. Татарите го срушија и запалија манастирот. Но монасите, предупредени на овој чудесен начин, привремено се засолнија од манастирот, а кога непријателите заминаа од регионот на Москва, Никон со Божја помош и молитвите на преподобниот Сергиј повторно изгради манастир и подигна дрвен храм во чест на Пресвета Троица.
За време на игуменството на истиот преподобен Никон, еден монах додека сечел шума за градба на ќелија, тешко се повредил со сеќирата по лицето. Од силните болки тој не можеше да работи и се врати во својата ќелија. Веќе се стемнуваше, а игуменот не беше во манастирот. Одеднаш монахот слушна како некој затропа од вратата на ќелијата и му рече дека е игуменот. Но монахот, изнемоштен од болките и од губењето на крвта, не можеше да стане и да му отвори. Притоа вратата сама се отвори и прекрасна светлина одеднаш ја осветли ќелијата. Среде тој сјај монахот здогледа двајца, од кои едниот во архиерејска облека. Страдалникот започна мислено да проси благослов од дојдените. Блескавиот старец му ги покажуваше на архиерејот темелите на ќелијата, а тој ги благословуваше. Тогаш болниот, на свое големо изненадување се почувствува потполно здрав и сфати дека се удостоил да ги види преподобниот Сергиј и светителот Алексиј. Така овие двајца свети мажи, соединети интимно со братска љубов за време на животот на земјата, се јавуваа и по смртта.
Еден трговец од Москва, на име Симеон, роден со претскажување на свети Сергиј, тешко се разболе така што не можеше ни да се помрдне, ни да заспие, ни да јаде, туку лежеше раслабен на својата постела. Во своето страдање една ноќ тој започна да го повикува на помош свети Сергиј, да го избави од болеста, велејќи му:
- Помогни ми, преподобен Сергиј, ти за време на својот живот си бил толку милостив спрема моите родители, и си им го претскажал моето раѓање. Не заборавај ме, ти гледаш колку ми е тешко.
И одеднаш пред него застанаа двајца старци. Едниот од нив беше Никон. Болниот веднаш го препозна, бидејќи лично го познаваше овој светител уште за време на неговиот живот. А за другиот му стана јасно дека е преподобниот Сергиј. Прекрасниот старец го осени болниот со крстот, па потоа му рече на Никон да ја земе иконата, која стоела крај постелата, а која некогаш самиот Никон му ја беше подарил на Симеон. Тогаш на болниот му се пристори како сета кожа да му се раздели од телото. Потоа светителите станаа невидливи. Во тој момент Симеон се почувствува потполно здрав. Тој стана од постелата без ничија помош и му стана јасно дека не му паднала кожата, туку болеста го оставила. Неговата радост беше преголема. Тој стана и започна топло да се моли на светите чудотворци, за своето чудесно исцеление.
Еднаш за празникот Пресвета Троица по обичај се беше насобрал многу народ во обителта на преподобниот. Меѓу тој народ беше и еден сирот патник богомолец, кој пред седум години го беше изгубил видот. Тој стоеше надвор од црквата, додека во црквата течеше богослужбата. А неговиот водич се беше оддалечил од него на некое време. Додека го слушаше црковното пеење, слепиот тагуваше што не може да влезе и да се поклони на светите мошти. Оставен од водичот, тој започна горко да плаче. Одеднаш нему му се јави брзиот помошник свети Сергиј, го фати за рака, го внесе во црквата и го одведе до кивотот. Слепиот се допре до кивотот и веднаш прогледа. Многу луѓе беа сведоци на тоа славно чудо, и сите Му заблагодарија на Бога и го прославија Неговиот угодник. Исцелениот човек во знак на благодарност засекогаш остана во обителта на преподобниот и им помагаше на браќата.
Да припаднеме и ние од се срце кон ковчегот на чудотворните мошти на преподобниот и богоносен отец наш Сергиј, и со умиление да повикаме:
- Преподобен оче Сергиј, моли Го Бога за нас.
На срдечната вера тој секогаш милостиво одговара со чудотворната љубов, која лекува од сите болести. Амин.
ПРЕПОДОБЕН СТАРЕЦ ДОСИТЕЈ КИЕВО-ПЕЧЕРСКИ
Девицата Дарија - така ја нарекувале оваа голема подвижничка, - позната под името старец Доситеј, е родена во 1721 година. Од детска возраст била воспитувана во манастир од својата баба монахиња. Кога излегла од манастирот (таа била дворјанка и родителите сакале да ѝ дадат световно образование), Дарија и во светот продолжила да живее како подвижничка. Во среда и петок воопшто не земала храна, а во другите денови не јадела ниту месо, ниту млеко, ниту јајца. Иако беше опкружена со раскош и богатство, таа во својата собичка спиеше на тесна даска, а под главата си ставаше стисок сено. Со сите се однесуваше еднакво, на никого не противречеше и никого не жалостеше ниту со зборови ниту со дело. Често ги водеше кај себе бедните и ги делеше со нив својот леби водата.
Во 1736 година Дарија го започнува својот подвижнички пат. Откако тајно го напушти домот на своите родители, таа ја острижа косата, си купи од пазарот машка селска облека, се преоблече и се упати кон Троице-Сергиевата Лавра. Во манастирот со благонаклонетост беше примен Доситеј (се преставила со тоа име), но кога дознале дека е селанец побегнат од замок, одбиле да го пострижат во мала монашка схима. Му разрешиле на Доситеј да живее во Лаврата тајно, на послушание.
Послушанието во Лаврата траеше три години. Потоа тука дојдоа нејзините родители, кои ја барале својата исчезната ќерка, и младиот послушник отиде во Киево-Печерската Лавра.
Откако одбија да го примат, бидејќи не поседуваше пасош, Доситеј по примерот на основоположникот на руското монаштво преподобен Антониј, го одбра древниот вид на отшелништво - пештерскиот начин на живот.
Надвор од градот, во Китаевската пустина, во подножјето на високата планина Китај, каде што од старо време се подвизувале киевските подвижници, Доситеј си ископа близу до врвот на планината мала пештеричка, и тајно се насели во неа.
Таму никој не му обрнуваше внимание, никој не го следеше.
Неколку години живееше Доситеј во пештерата, водејќи строг, суров живот, посветен на подвизите на самонабљудување, очистување на срцето и насочување на умот кон Бога. Се хранеше само со леб и вода, што му ги носеше еден монах од Китаевската пустина. Кога настапувал Великиот Пост, Доситеј се затворал целосно и излегувал само ноќе, за да собере мов и корени, со кои се хранел за време на постот.
Запрашан зошто во пештерата му е толку темно и студено и нема светлина и оган, тој со воздишка одговори:
- Господи! Господи! Во светлината на Твоето лице ќе ја видиме светлината. Ние сме бедни грешници. Кога се криеме од човечките очи во темнината на ноќта, сите си мислиме дека никој не не забележува. А Бог? Господовите очи не ги гледаат ли на секое место и лошите и добрите? Дури и адот и смртта се јавни пред Господа, а што останува за срцата на луѓето? И така, Божјото око гледа сѐ. Ангелот пазител и човечката совест се сведоци на сите мисли и дела. Кога го осознавам тоа, мене ми е сеедно дали во мојата ќелија гори оган или не. Јас секогаш со својот ум можам да Го соѕерцавам Севишниот, Кој стои близу до мене и внимателно ги слуша моите зборови.
На друг, Доситеј му рекол:
- Не зборувај за храна, дом и други малку важни нешта, туку минувај го својот живот во страв и трепет. Чувај го тој страв како рајска птичка, за да не одлета. Ако одлета не ќе го фатиш, а за таа цел затвори ја вратата од својата ќелија, собери си ги мислите и заврзи ги сетилата со внимание. Утехите се минливи, а добродетелта е бесмртна. Ако имаш разум одбери нешто.
Колку и да ја одбегнувал човечката слава, колку и да се затворал, со текот на времето граѓаните на Киев дознале за овој подвижник.
Во 1744 година императорката Елисавета Петровна го посетила Киев заедно со престолонаследникот Петар Теодорович и неговата сопруга Екатерина Алексеевна.
Императорката повеќе пати ги посетувала Блиските и Далечните пештери, одела во храмот „Света Софија“, во Михаиловскиот и Флоровскиот манастир, а исто така и во други Киевски храмови и свети места. Го посетила и затвореникот Доситеј. Кога дознала дека Доситеј не е пострижан, императорката наредила веднаш да го пострижат во расофор и дури и самата присуствувала на постригот наредниот ден. При постригот на подвижникот му го дале името Доситеј. На разделбата императорката му врачила на затвореникот Доситеј ќесе со злато, но, откако таа си заминала, тој го оставил златото во парче скршен глинен сад до вратата. Кесето стоело таму сѐ додека на совет на Доситеј еден познат селанец не го однел во Киево-Печерската Лавра, каде што го предал на духовниот собор.
Соборот на старци, со согласност на Доситеј, одлучил со тие пари да биде изградена црква во селото Пирогово. Тоа било сторено.
Доситеј долго време по постригот во расофор живееше во пештерата, минувајќи го времето во глад и жед, и трпеливо поднесувајќи ги теснотијата, студот и различните застрашувања од бесовите.
Надарен по природа со светол и широкограден ум и, поседувајќи голем духови опит, тој ги привлече кај себе срцата на многу православни. Толпи од поклоници доаѓаа кај него за совет и утеха. Доситеј не излегуваше од своето прибежиште и никого не пушташе кај себе. Оние што сакале да добијат од него благослов и поуки, можеле да беседат со него само преку мало прозорче.
Неговите совети беа мудри. Тој имаше дар на проѕорливост и ги читаше срцата на луѓето.
Еднаш еден познат киевски велможа му рекол на Доситеј:
- Батушка, помогнете ми!... Ме снајде голема несреќа. Сигурно Бог ме напуштил и не ме слуша.
Затвореникот му одговори:
- А ти, зошто ги затвораш ушите за зборовите со кои те молат оние што имаат потреба? Ете зошто Господ не те слуша. Оној што ги затвора ушите, за да не го чуе немоќниот, и тој ќе повика но нема да биде чуен... Но ти, не тагувај.... Тоа сѐ уште не е несреќа... Ќе биде несреќа ако Господ не те послуша, кога ќе започнеш да се молиш да ти ги прости гревовите.
Со старците Доситеј зборуваше за практикувањето на молитвата и постојаното богомислие, со младите за опасноста од страстите и задоволствата, со татковците за воспитувањето на децата, со децата за стравот Божји. Ги изобличуваше тајните гревови, поттикнуваше на покајание и предупредуваше за идните несреќи и искушенија. Беше забележано дека кога Доситеј давал просфора или стап, тоа означувало оздравување и благоденствие, а кога давал темјан, тоа предвестувало смрт...
Меѓу оние што доаѓаа кај пештерата на затвореникот беше и младиот Прохор Мошнин, идниот преподобен Серафим Саровски. Старецот Доситеј ја одобри намерата на Прохор да стане монах и му го посочи Саров.
- Оди, чедо Божјо, во Саровската обител и остани таму. Тоа место ќе ти биде за спасение. Со Божја помош таму ќе го завршиш своето земно странствување. Само труди се да придобиеш непрестајно сеќавање на Бога и постојано призивај Го неговото име вака: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот“. Во тоа нека биде целото твое внимание и поучување. И кога одиш, и кога седиш, и кога стоиш во црквата, молитвата да ти биде непрестајно во устата и во срцето. Со неа ќе најдеш мир и ќе придобиеш душевна и телесна чистота. И тогаш Светиот Дух ќе се всели во тебе и ќе го раководиш својот живот со големо благочестие и чистота...
Саровскиот чудотворец го следел тој совет.
Кога излегол указ „никаде да нема отшелници“ (тоа било во времето на управувањето на Екатерина II, кога биле затворани манастирите, а подвижниците биле подложувани на гонења), старците од Лаврата, бидејќи не сакале да го нарушат царскиот указ, му предложиле на Доситеј да се премести во Лаврата. Тогаш старецот си одбрал место во Далечните пештери, каде што живеел како затвореник.
Старецот Доситеј беше духовно поврзан со преподобниот Пајсиј (Величковски). Тој го испрати кај преподобниот Пајсиј својот ќелијник, монахот Теофан. Пред смртта на затвореникот Доситеј, преподобниот Пајсиј го испратил Теофан назад во Русија, за да му послужи.
Старецот претскажал една епидемија, која што го зафатила градот. Еднаш тој започнал да дели на секого од дојдените за благослов по парче херувимски темјан.
- Земи - велел тој - и убаво покади си го дворот... Наскоро ќе има голема несреќа... Луѓето ќе започат да паѓаат по патиштата и да умираат како муви... Но, вие не паѓајте во униние... Не обесхрабрувајте се, деца... Туку молете се, молете се...
И навистина, кон крајот на 1770 година во Украина се појавила чума, која набрзо наближила до Киев и се појавила во градот на 3 септември. Од ден на ден епидемијата се ширела и земала сѐ поголем замав. Особено многу настрадале куќите во кои живееле повеќе луѓе. Од чумата настрадала и Киево Печерската Лавра, во која тогаш умреле доста монаси и поклоници. Но оние, кои што добиле темјан од Доситеј, останале неповредени. Страшната епидемија ги заобиколила нивните домови.
Постои предание дека во последниот период од живеењето во Лаврата, старецот бил лекар. Започнале да му го предлагаат чинот јероѓакон, но тој одбил, и за да не го ракоположат насилно, го зел подвигот на јуродивството. Старецот започнал да трча по градските улици, и во 1775 година началниците на Лаврата му предложиле повторно да замине во Китаевската пустина. Со благослов на Киевскиот митрополит Гаврил, тој се населил во една осамена ќелијка. Поминал таму цела година во големо воздржание, молитви и пост.
Чувствувајќи го губењето на своите сили и приближувањето на смртта, старецот излезе од затворот и, потпирајќи се на стап, тргна по ќелиите да се прости со браќата.
Откако ги посети сите, се врати во ќелијата и повторно се затвори. До утрото пеел псалми и во очекување на претсмртниот час читал канони. Така, на осамнување, со молитва на устата го предал својот дух во Божјите раце.
На 25 септември 1776 година утрото, ќелијникот Теофан отишол кај старецот за да го праша нешто, но старецот не одговарал... Кога ја отвориле вратата на ќелијата, виделе дека пред иконата гори кандило, а старецот стои на колена како да се моли... Теофан му пристапил, му ја допрел раката, но таа веќе била студена. Во левата рака држел белешка: „Телото ми е подготвено за испраќање во вечниот живот. Ве молам, браќа, без да го допирате, предајте го на обичното погребение“.
Никој не започнал да го мие затвореникот, никој не се осмелил да го допре. Со благоговение го предале неговото тело на погребение.
ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА НАША ЕФРОСИНИЈА СУЗДАЛСКА
Преподобната Ефросинија беше ќерка на кнезот Михаил Черниговски, исповедникот на Христовата вера. Долго време неговата сопруга беше бездетна. Тие со топла вера се обраќаа кон Пресвета Богородица и преподобните отци Антониј и Теодосиј, и со солзи ги молеа да им подарат чедо. Една ноќ ним им се јави Пресвета Богородица, и им рече:
„Бидете одважни и молете се. Вашата молитва е примена и во знак на тоа примете благомирис“.
Тие многу се исплашија. Кога се разбудија на својата постела најдоа врзоп со мириси, кои ги ставија во кадилникот и целата куќа се исполни со прекрасен благомирис. Нивните велможи и сите домашни се восхитуваа на овој неискажан мирис. Тогаш кнезот Михаил и неговата сопруга уште посрдечно започнаа да се молат на Бога. После тоа повторно им се јави Пресвета Богородица и им даде гулабица во рацете, при што нивниот дом се исполни со благомирис. И по трет пат им се јави Пресвета Богородица со преподобните отци Антониј и Теодосиј и им рече:
„Вашите молитви се услишани. Ќе ви се роди ќерка, на која ќе ѝ го дадете името Теодула?. Таа ќе биде слугинка на црквата Влахернска“.
Кога им се роди ќерката, родителите според зборовите на Пречистата ѝ го дадоа името Теодула. И секогаш кога нејзината доилка ќе јадела месо, света Теодула, иако сѐ уште во пелени, тој ден не сакала да цица од нејзините гради. Нејзината мајка се чудела на тоа и еднаш имала вакво видение: Се видела себеси со крилја, како лета кон небото и го предала своето девојче на Бога. Штом се разбудила ѝ принела благодарност на Пресвета Богородица, за сите Нејзини чудесни знаменија. Новороденото девојче го крстија во Печерскиот манастир, во храмот на Пресвета Богородица. А кога Теодула потпорасна, благоверниот кнез Михаил самиот ја поучуваше во Светото Цисмо. Во останатото наставник на младата кнегиња и беше болјаринот Теодор, кој се одликуваше со мудрост и ученост. Побожната Теодула ги надминуваше сите свои врсници во учењето и својата убавина. Многумина ја бараа нејзината рака, но не ја добија. Во тоа време во Суздал живееше еден многу благочестив кнез, на име Мина. Тој ја запроси од родителите Теодула и тие му ветија дека "ќе му ја дадат за жена. Меѓутоа таа беше многу нажалена поради тоа и постојано со солзи ѝ се молеше на Пресвета Богородица да ја сочува во девственост. Пресвета Богородица ѝ се јави и ѝ нареди да ги послуша родителите, велејќи ѝ: „Нечистотијата нема да се допре до твоето тело“.
Светата девојка се покори на волјата на своите родители и се упати кон Суздал. Но, додека сѐ уште патуваа, нејзиниот свршеник умре. Штом стигна во Суздал, таа отиде во тамошниот женски манастир на Пресвета Богородица Влахернска и се замонаши со името Ефросинија. Таа живееше тука во голема послушност кон сите монахињи и многу го измачуваше своето тело, ја просветуваше својата душа и ја вршеше секоја добродетел. За својот усрден и неуморен подвиг во доблестите, го доби од Бога дарот на пророштвото. Често ги поучуваше сите со евангелските зборови и исцелуваше многумина од разни болести. Во времето на наездата на нечестивиот Батиј, таа со својата молитва го сочува манастирот од разорување. Блажената Ефросинија се претстави во блажениот живот на 25 септември 1250 година, во истиот ден, во кој што беше замонашена.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ПАФНУТИЈ и останататите 546 маченици, кои пострадале со него
Светиот преподобномаченик Пафнутиј живееше во времето на царот Диоклецијан. Беше родум од Египет. Тамошниот царски намесник Аријан, гонителот на христијаните, допатува во градот Тентира и одреди двесте војници да му го пронајдат и доведат подвижникот Пафнутиј. Но, тој, однапред известен за тоа од ангел, самиот се пријави кај гонителот и откако ја исповедаше верата во Христа Бога, беше фрлен во темница. Потоа повторно беше изведен пред намесникот, при што оковите сами од себе паднаа од неговите раце и нозе. Тогаш го ставија на страотни мачења, така што внатрешноста му испаѓаше, но ангел Господов го исцели. Притоа двајца војници очевидци, Дионисиј и Калимах, кои што го мачеа светителот, тогаш поверуваа во Господа Христа и веднаш беа обезглавени. Повторно затворен во темницата, Пафнутиј обрати кон Христа четириесет чиновници, и тие беа запалени заради исповедањето на Христа. Потоа свети Пафнутиј, на чудесен начин ослободен од темницата и со радост примен во домот на еден богат човек, на име Несториј (или Евсторгиј), го поттикна на подвигот на мачеништвото самиот Несториј, сопругата и ќерката негова Стефана, која беше обезглавена од Арија. Потоа свети Пафнутиј обрати шеснаесет ученици, деца на угледни родители, и тие беа прободени, а еден од нив запален. А пак осумдесет рибари, поттикнати на мачеништво, беа лишени од животот со секира. Свети Пафнутиј обрати уште четиристотини војници, заедно со нивниот старешина Евсевиј. Сите тие беа запалени во јами. Потоа свети Пафнутиј со камен околу вратот беше фрлен во река, но тој со каменот доплива до брегот. Најпосле беше испратен кај самиот Диоклецијан, кој го прикова на палмово дрво. Така светиот исповедник Пафнутиј го предаде својот дух на Бога, во 303 година.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ПАФНУТИЈ
Преподобниот Пафнутиј, таткото на преподобна Ефросинија, по нејзиното претставување се подвизувал во истиот манастир и мирно се упокоил.
СПОМЕН НА ГОЛЕМИОТ ЗЕМЈОТРЕС во Цариград
Во времето на царот Теодосиј Младиот (408-450), на овој голем ден во Цариград се случил голем и страшен земјотрес, кој траел неколку месеци. Тоа било во времето на Цариградскиот патријарх свети Прокл (434-447). За овој настан вака пишува историчарот Теофан:
„Во времето на пресветиот патријарх Прокл настанаа големи земјотреси во Цариград, кои траеја четири месеци. Граѓаните Византијци (односно Цариграѓани) се исплашија и побегнаа надвор од градот, во полето викано „Седмо Поле“. Таму останаа долго време и секојдневно вршеа Литија и се молеа на Бога заедно со својот епископ и со царот Теодосиј. Еден ден, додека земјата силно се тресеше и сиот народ срдечно повикуваше кон Бога: „Господи, помилуј!“, ненадејно околу третиот час на денот (односно околу девет часот наутро) сите видоа како едно дете со божествена сила на чудесен начин беше подигнато високо во воздухот. Тоа дете во воздухот слушнало божествен глас, кој му говорел во висините и му наредувал да им јави на епископот и народот да се молат вака: „Агиос о Теос, Агиос Исхирос, Агиос Атанатос, елеисон имас!“ Односно: „Свети Боже, Свети Крепки, Свети Бесмертни, помилуј нѐ!“, и освен тие зборови да не додаваат ништо друго.
Кога свети Прокл ја доби оваа божествена вест од детето, одлучи народот така да ја пее таа песна, и земјотресот веднаш престана. Потоа блажената Пулхерија, сестрата на царот Теодосиј, а и самиот цар, восхитени од тоа чудо востановија оваа божествена песна: „Свјатиј Боже“ да се пее вака по целата вселена. И од тогаш целата Црква започна секојдневно вака да Го фали Бога. Толку за тоа вели Теофан во својата „Хроника“ (Книга 1, гл. 93).
А пак во Синаксарот на Цариградската Црква стои и тоа дека во тоа време се беше појавила ереста на таканаречените „теопасхити“ односно богострадалници, кои произлегле од нечестивата монофизитска ерес. Всушност тие ја пееле оваа црковна песна: „Свјатиј Боже, Свјатиј Крепкиј, Свјатиј Безсмертниј“ со додаток: „Кој си се распнал за нас“, со што воведувале погрешно учење дека Христос пострадал за нас не само со Својата човечка туку и со својата Божествена природа, (што би значело дека страдала и цела Света Троица). Затоа и Бог, преку ова чудесно издигнување на детето во воздухот, им открил и покажал на сите верни како треба да ја пеат оваа песна на Света Троица, без да додаваат некакви зборови. Така таа песна без додатоци ја пееле и ангелските хорови, кои ова дете ги слушнало во воздухот. Цариградскиот Синаксар го додава и тоа дека ова дете, кога се спуштило на земјата и ја пренело пораката на патријархот Прокл и народот за оваа песна, веднаш потоа издивнало и ја предало својата душа на Бога, а и земјотресот веднаш престанал. А пак местото во Цариград, каде детето чудесно било подигнато во воздухот, од тогаш е наречено „Божествено Подигнување“.
Ри СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ДИОНИСИЈ и КАЛИМАХ, ЕВСТОРГИЈ (НЕСТОРИЈ), неговата сопруга ЕРМИОНА и ќерката СТЕФАНА, старешината ЕВСЕВИЈ и 40 војници, 80 рибари, 40 чиновници и 16 деца-ученици
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ПАВЛЕ и ТАТИЈА и нивните четири деца САВИНИЈАН, МАКСИМ, РУФ и ЕВГЕНИЈ
Овие свети маченици, сопружниците Павле и Татија и нивните четири деца беа од Дамаск. Обвинети како христијани, тие беа врзани со железни синџири за мачилишно дрво и страотно тепани и мачени. Потоа неверниците им ги сокршија рацете и нозете. Така светите маченици ги предадоа своите души во рацете Божји и примија од Господа венци на мачеништвото.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ВИЗАНТИЈ
Се спомнува во Ерусалимската канонарија, а останатите Синаксари не го споменуваат.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ ТЕОФИЛ ИСПОВЕДНИКОТ, архиепископот Ефески
Христовиот светител Теофил живееше побожно и богоугодно во времето на иконоборната ерес (8-9 век), мудро управувајќи со Црквата Ефеска и смело изобличувајќи ги безумните иконоборци, кои ја отфрлаа Христовата икона и ја исмеваа. Затоа се удостои на исповедништвото и венецот на бесмртноста. Мирно се упокои во својот Господ. Служба му напишал преподобниот Теофан Нацртани. Во некои Синаксари не се споменува, но го споменува Синодикот на Православието (кој се чита во неделата на Православието).