9. Октомври   (26. Септември)

ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ И ЕВАНГЕЛИСТ ЈОВАН БОГОСЛОВ

Светиот апостол и евангелист Јован Богослов беше син на рибарот Заведеј и Саломија, ќерката Јосифова, свршеникот на Пресвета Богородица. Повикан од Господ Исус, Јован веднаш го остави татка си и мрежите рибарски и појде со својот брат Јаков по Христа. Од Господ Христос тој беше наречен „син на громовите“, бидејќи неговото богословие требало како гром да се слушне по целиот свет и да ја исполни целата земја. И одеше тој по својот благ Учител, учејќи се на премудроста што излегуваше од устата Негова. Господ Христос многу го љубеше заради неговата совршена незлобивост и исклучителна девствена целомудреност. Божествената љубов на Спасителот кон него беше толку забележителна, што во Светото Евангелие за него се вели дека тој е „ученикот кого Исус го љубеше“. И меѓу дванаесетмината апостоли Господ го издвојувал како најдобар и тој беше еден од трите најблиски ученици Негови, со кои многу пати ги откривал Своите божествени тајни. Така, кога ја воскресна Јаировата ќерка, Господ повторно ги поведе со Себе само Петар, Јаков и Јован, да бидат сведоци на тоа. Исто така, кога се преобрази на Тавор и ја покажа славата на Своето божество, Господ го стори тоа повторно само во присуството на овие тројца избрани ученици. И кога се молеше во Гетсиманската градина, Господ ни таму не беше без Јована, зашто им рече на учениците: „Седете овде додека јас отидам таму да се помолам на Бога. И ги поведе Петар и двајцата синови Заведееви (Јаков и Јован), се загрижи и започна да тагува“ (Матеј 26, 36-37). Насекаде Јован како возљубен ученик беше неразделен од Христа. А колку Господ Христос го љубеше Јована се гледа и од тоа што на Тајната Вечера Јован ја стави својата глава на градите Исусови. Зашто кога Господ на Тајната Вечера објави дека еден меѓу учениците ќе Го предаде, а учениците се погледнаа меѓу себе и се чудеа за кого зборува, тогаш ученикот кого Исус го љубеше, легна на градите Исусови и го праша: „Господи, кој е тој? Господ одговори: Оној на кого ќе му дадам натопен залак. И го натопи залакот и му го подаде на Јуда Искариотски“ (Јован 13, 21-26). Господ толку го љубеше Јована, што единствено тој имаше слобода да ја стави својата глава на градите Негови и смело да го праша за тајната на предавството. Но и Јован имаше кон својот Учител љубов поголема од останатите апостоли, бидејќи во времето на доброволното страдање на Спасителот, сите ученици го оставија својот Пастир и се разбегаа, а единствено тој неотстапно ги гледаше сите маки Христови, сострадаше од срце со него и плачеше и ридаше со Пречиста Дева Марија, Мајката Господова, па дури не отстапи заедно со Неа од Постраданиот за нас Син Божји до самиот крст и смрт. Затоа и под крстот беше посинет од Господа кај Пречистата Дева Марија. Бидејќи кога Господ додека висеше на крстот и ги гледаше Мајката и ученикот, кого го љубеше, како стојат, ѝ рече на Мајката Своја: „Жено, еве ти син. Потоа му рече на ученикот: Еве ти Мајка. И од тој час ученикот ја зеде кај Себе“ (Јован 19, 25-27). И ја имаше за своја Мајка со секоја почит и ѝ служеше сѐ до чесното и славно Успение Нејзино. А во денот на Нејзиното Успение, кога чесното и свето тело на Божјата Мајка го носеа на погребение, свети Јован носеше пред Нејзиниот одар необично блескав царски скиптар, којшто на Пречистата Дева Ѝ го донесе Архангел Гаврил, известувајќи ја за Нејзиното преминување од земјата на небото. По Успението на Пресвета Богородица свети Јован тргна со својот ученик Прохор во Мала Азија, за таму да го проповеда словото Божјо, бидејќи таа област му падна на коцка. Одејќи таму, свети Јован тагуваше зашто предвиде несреќа по морето, која што и му ја претскажа на својот ученик Прохор. И кога во Јопа се качија на кораб и тој отплови, во пет часот попладне настана силна бура и коработ ноќе се разби и сите патници пливаа по морските бранови и се држеа кој за што ќе најдеше. Наредниот ден напладне морето ги исфрли сите на брегот, заедно со Прохор, недалеку од Селевкија. Единствено Јован остана во морето. Прохор многу плачеше за него и потоа сам тргна во Азија. Во четириесеттиот ден од своето патување стигна во едно место крај морето, викано Мармареот, и тука застана да се одмори. И додека еднаш го наблудуваше морето и тагуваше за Јован, морските бранови со силна бучава заплискаа на брегот и го исфрлија Јована жив. Прохор притрча да види кого тоа го исфрлило морето, и го најде Јована, го подигна од земјата, па се прегрнаа, плачеа и Му благодареа на Бога за сѐ. Така свети Јован четириесет дена и ноќи помина во морето и со благодатта Божја остана жив. Кога влегоа во Мармареот тие побараа леб и вода, па откако се поткрепија отпатуваа во Ефес.

Кога влегоа во градот Ефес, нив ги сретна една жена на име Романа, позната по злото дури до Рим. Таа држеше во градот народна бања и ги најми Јован и Прохор, им одреди да работат во бањата и страотно ги измачуваше. Со својата вештина таа ги намами да ѝ работат. На Јован му одреди да го ложи огнот, а Прохор да доставува вода, и тоа додека се живи. Во таквата неволја тие поминаа долго време. Но, во таа бања имаше демон, кој секоја година давеше по еден од оние што се капеле во неа, момче или девојка. Во времето кога таа бања се градела, на совет од демонот, во неговиот темел живи биле соѕидани момче и девојка. Од тогаш започнало да се случува такво убиство. А се случи во тоа време во бањата да дојде едно момче на име Домн, син на градскиот старешина Диоскорид. И кога Домн се капеше во бањата, демонот го нападна и го удави. Тоа многу ја потресе Романа и таа многу плачеше за него. Веста за смртта на Домн брзо се пронесе по цел Ефес, а кога Диоскорид слушна за смртта на својот син, срцето му препукна од болка и тој умре. Во меѓувреме Романа се молеше на Артемида да го воскресне Домн и, молејќи се го раскинуваше своето тело, но ништо не ѝ помагаше. Во тоа време Јован го распрашуваше Прохор што се случило. Романа ги забележа како разговараат, го дофати Јована и започна силно да го тепа, да го кара, навредува и вината за смртта на Домн да ја фрла врз него. Најпосле му рече:

„Ако не го воскреснеш Домн, јас ќе ти ја разделам душата од телото!“

Тогаш Јован се помоли на Господа и го воскресна момчето, а Романа ја спопадна ужас и започна да го нарекува Јована бог или син Божји. А Јован ја проповедаше силата Христова и поучуваше во верата во Христа, па го воскресна и Диоскорид. Тогаш поверуваа во Христа и Диоскорид, и Домн, и Романа и сите се крстија. И сите луѓе ги обзеде страв и се восхитуваа на случувањата. Едни зборуваа за Јован и Прохор дека се вражачи, други пак одговараа дека вражачите не воскреснуваат мртви. Јован пак го истера злиот дух од бањата и живееја тие со Прохор во домот на Диоскорид, ги утврдуваа непросветените во верата и ги учеа на доблесното живеење.

Еднаш во Ефес многу свечено се празнуваше празникот на Артемида. Народот во бела облека празнуваше и ликуваше кај нејзиниот храм, а преку патот од храмот стоеше идол на таа богиња. Тогаш свети Јован се искачи на една височинка близу тој идол и громогласно го изобличи слепилото на незнабошците, велејќи им дека не знаат на кого се поклонуваат и наместо Бога го почитуваат демонот. Тогаш народот страотно се разбесни и започна да фрла камења по него, но ниту еден камен не се допре до Апостолот, туку сите се враќаа и ги удираа оние што ги фрлаа. Свети Јован тогаш ги крена рацете кон небото, се помоли на Бога и веднаш настана страотна горештина, од која што двесте луѓе и умреа. Останатите одвај си дојдоа на себе од страв и го молеа Апостолот да се смилува на нив, зашто ги беше спопаднал трепет и ужас. А кога свети Јован се помоли на Бога, сите умрени воскреснаа и припаднаа кај него, и поверуваа во Христа и се крстија. И таму, на местото викано Тихи, светиот апостол го исцели раслабениот, кој лежел дванаесет години, и исцелениот Го прослави Бога.

Но, бидејќи свети Јован вршеше и многу други чудеса и знаменија и гласот за гоа се пронесе на сите страни, демонот кој живееше во идолиштето на Артемида, од страв и самиот да не биде избркан оттаму од страна на Јован, зеде врз себе облик на војник, седна на видно место и горко плачеше. Минувачите го прашуваа од каде е и зошто толку силно плаче, а тој им одговараше:

„Јас сум од Кесарија Палестинска, старешина сум на темниците и ми беа предадени на чување двајца познати вражачи од Ерусалим, Јован и Прохор, кои се осудени на смрт заради многубројни злодела, и утредента требаше да бидат погубени. Но, тие со помош на своите магии побегнаа од оковите и темницата и јас заради нив западнав во смртна опасност, зашто кнезот сака да ме погуби мене наместо нив. Јас го умолив кнезот да ме пушти да одам да ги барам, и еве, слушам дека тие вражачи се наоѓаат овде, но нема кој да ми помогне да ги фатам“.

Додека зборуваше, демонот покажа и писмено уверение за тоа. Покажа тој и голема количина злато, ветувајќи дека ќе им го даде на оние што ќе ги погубат тие магепсници.

Некои од војниците се сожалија на него, го свртеа народот против Јован и Прохор, дојдоа кај домот на Диоскорид и рекоа:

„Или предај ни ги вражачите, или ќе ти ја запалиме куќата“.

Но Диоскорид претпочиташе попрво куќата да му изгори отколку да им го предаде светиот Апостол со неговиот ученик Прохор. Меѓутоа Апостолот, откако дозна со Духот дека овој народен метеж ќе излезе на добро, се предаде заедно со Прохор на оваа толпа од неверници. Водени од толпата, тие дојдоа до храмот на Артемида, каде свети Јован се помоли на Бога и одеднаш идолскиот храм се сруши, но не повреди никого. Светиот Апостол му рече на демонот, кој живееше таму:

„Тебе ти зборувам, нечист демоне, кажи ми колку години живееш овде и дали ти го крена овој народ против нас?“

Демонот одговори:

„Двесте четириесет и девет години живеам овде и јас го кренав овој народ против вас!“

На тоа светиот Апостол му рече:

„Во името на Исуса Назареецот, ти наредувам да го напуштиш ова место“.

И демонот веднаш излезе, а сите присутни ги обзеде ужас и тие поверуваа во Христа. А сотвори Јован и големи знаменија, та многу народ се обрати кон Господа.

Во тоа време римскиот цар Домицијан крена големо гонење против христијаните и светиот апостол Јован беше наклеветен пред него. Епархот Асиск го фати и го испрати окован во Рим кај кесарот, каде заради исповедањето на Христа најпрвин беше тепан, па потоа мораше да испие чаша полна со смртоносен отров. А кога според зборовите Христови: „И ако нешто смртоносно испиете нема да ви наштети“ (Марко 16, 18), отровот не му наштети, го фрлија во котел полн со врело масло, но светиот Апостол и оттука излезе неповреден. А народот викаше:

„Голем е Богот христијански!“

Кесарот не смееше повеќе да го мачи Јована, зашто го сметаше за бесмртен, и го осуди на прогонство на островот Патмос, како што и му кажа во сонот Господ на Јован:

„Ти претстои многу да пострадаш и ќе бидеш прогонет на еден остров, каде што си многу потребен“.

И војници ги зедоа Јован и Прохор, ги качија на кораб и отпловија. Еден ден, за време на пловидбата, седнаа царските велможи да ручаат и при изобилството на храна и пијалоци, се веселеа. Притоа едно младо момче од нив се лизна и падна во морето. Тогаш нивната веселба се претвори во плач, радоста во тага, зашто не можеа да му помогнат на паднатиот во морската длабочина. Особено многу плачеше таткото на момчето, кој исто така беше бродар и сакаше да се фрли во морето, но другите го задржаа. Но, сите ја знаеја чудотворната сила на Јован и затоа го молеа да им помогне, Тој ги прашуваше кој каков бог почитува, па некои го спомнаа Аполон, други Зевс, трети Херкул, некои Ескулап, некои Артемида Ефеска. Светиот Апостол им рече:

„Толку богови имате, и тие не можат да спасат еден човек“.

И ги остави така нажалени до утредента, кога се помоли на Бога срдечно со солзи, и морето веднаш се вознемири и еден бран го исфрли момчето живо пред нозете Јованови. Сите се восхитија и израдуваа, и оттогаш започнаа уште повеќе да го почитуваат, па ги симнаа од него железните окови. Еднаш пред полноќ настана голема бура по морето и сите очајно врискаа, зашто и коработ започна да се руши. Тогаш повикаа кон Јован да им помогне да го моли својот Бог да ги спаси, а тој, откако им нареди да молчат, започна да се моли. И веднаш престана бурата и настана голема тишина.

Еден војник на коработ се разболе од страшна срцеболка и беше на умирање, но светиот Апостол го оздраве.

На коработ снема вода и многумина беа на умирање, а свети Јован му рече на свети Прохор:

„Наполни ги садовите со морска вода“.

И кога садовите беа наполнети, светиот Апостол рече:

„Во името на Исуса Христа, црпете и пијте“.

И кога пиеја видоа дека водата е слатка и ја згаснаа својата жед. При таквите чудеса сопатниците на свети Јован се крстија и сакаа да го ослободат, а тој ги посоветува да го однесат на одредено место. Кога дојдоа на островот Патмос, тие му предадоа писмо на игемонот, а тастот на игемонот Мирон ги зеде Јован и Прохор во својот дом.

Мироновиот најстар син Аполонид имаше во себе демон, кој ја претскажуваше иднината и сите го сметаа за пророк. Но, во времето кога свети Јован влегуваше во домот Миронов, Аполонид во тој час исчезна без трага. Тој побегна во друг град, од страв Јован да не го истера од него претскажувачкиот дух. А кога во домот Миронов настапи тага заради Аполонид, дојде писмо од него, во кое известуваше дека него вражачот Јован со своите магии го избркал од домот, и дека не може да се врати додека Јован не биде погубен.

Откако го прочита ова писмо, Мирон отиде кај својот зет, игемонот, и го извести за таа работа. Игемонот го фати Јован и сакаше да го фрли на ѕверовите, но Јован го замоли малку да причека и да му дозволи својот ученик да го испрати кај Аполонид, ветувајќи дека ќе го врати дома. Игемонот дозволи да го испратат ученикот, а самиот Јован го врза со две вериги и го стави во темница. И тргна Прохор кај Аполонид со Јовановото послание, во кое стоеше:

„Јас, Јован, апостол на Исуса Христа, Синот Божји, на погодувачкиот дух, кој живее во Аполонид, му наредувам, во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, излези од створението Божјо и никогаш повеќе не влегувај во него, туку биди надвор од овој остров, во безводни места а не во луѓето“.

Кога Прохор дојде кај Аполонид со ваквото послание, демонот веднаш излезе од него. Тој си дојде при себе и како да се разбуди од сон, тргна со Прохор назад во својот град. Но не отиде право дома, туку најпрвин побрза во темницата кај Јован, падна пред неговите нозе и му заблагодари што го ослободи од нечистиот дух. Штом дознаа за враќањето на Аполонид, родителите и блиските се радуваа, а Јован беше ослободен. Аполонид раскажуваше за себе:

„Изминаа многу години од часот кога јас, додека одморав на својата постела во длабок сон, од левата страна на постелата здогледав човек, кој ме протресе и разбуди. Тој човек беше поцрн од гламја, очите му светеа како свеќи и јас затреперив од страв. А тој ми рече:

„Отвори ја устата своја“.

Јас ја отворив и тој влезе во устата моја и ја исполни мојата утроба. Од тој момент направи, та ми станаа познати и доброто и злото и сѐ што се случува дома. А кога апостолот Христов влезе во нашата куќа, оној што живееше во мене ми рече:

„Бегај одовде, Аполониде, за да не умреш, зашто овој човек е магепсник и сака да те усмрти“.

И јас веднаш побегнав во друг град. Кога се обидував да се вратам, тој не ми дозволуваше и велеше:

„Ако Јован не умре, ти не можеш да живееш во својата куќа“.

Но, кога Прохор дојде во градот и јас го здогледав, нечистиот дух веднаш излезе од мене, на истиот начин како што и влезе во мојата утроба. И мене ми олесна, големиот товар исчезна, мојот ум дојде во здрава состојба и јас се почувствував добро“.

Од ова сите паднаа пред нозете на Јован, а тој ја отвори својата уста и ги поучи во верата во нашиот Господ Исус Христос. И поверува Мирон со жената и децата свои, и сите се крстија, и настана голема радост во домот Миронов. А потоа и жената на игемонот Хрисипа, ќерката Миронова, прими свето крштение со својот син и сите свои слуги. По неа се крсти и нејзиниот сопруг Лаврентиј, игемонот на островот Патмос, симнувајќи ја притоа власта од себе, за слободно да Му служи на Бога. И помина свети Јован со Прохор три години во домот на Мирон, проповедајќи го словото Божјо. Тука тој со силата Христова сотвори многу знаменија и чудеса. Болни исцели, демони истера, храмот Аполонов со сите негови идоли го сруши со збор и многумина обрати во верата Христова и ги крсти.

На островот Патмос имаше еден врач на име Кинопс, Тој живееше во пусто место и многу години се познаваше со нечисти духови. Заради опседнувањата што ги правеше, сите жители на островот го сметаа за Бог. А Аполоновите жреци, бесни на апостолот Јован што им го сруши идолиштето и што ги обраќа луѓето во христијанската вера, отидоа кај Кинопс и му се жалеа од Апостолот, молејќи го да се одмазди за срамотењето на неговите богови. Но, Кинопс не сакаше сам да оди во градот, бидејќи многу години не беше излегол од тоа место. А граѓаните сѐ повеќе доаѓаа кај него со истата молба. Тогаш тој им вети дека во домот Миронов ќе испрати зол дух, да ја земе душата Јованова и да ја предаде на вечниот суд. И утредента тој испрати кај Јован еден од кнезовите над злите духови, со наредба да му ја донесе душата Јованова. Демонот отиде и застана кај Јован. Штом го здогледа, Јован му рече:

„Ти наредувам со името на Исуса Христа, да не се помрднеш од ова место, додека не ми кажеш зошто си дошол кај мене“.

Врзан со Јовановиот збор, демонот остана неподвижен и му рече:

„Адполоновите жреци дојдоа кај Кинопс и го замолија да оди во градот и да те усмрти, но тој не сакаше и рече: многу години живеам јас на ова место, без да одам некаде. Зарем сега да се трудам, заради беден и ништовен човек? Одете си по својот пат, а јас утре ќе го испратам својот дух и тој ќе ја земе душата негова и ќе ми ја донесе, а јас ќе ја предадам на вечниот суд“.

И Јован го праша демонот:

„Дали тој понекогаш те испраќал да земеш човечка душа и да му ја донесеш?“

Демонот одговори:

„Сета сатанска сила е во него. Тој има договор со нашите кнезови и ние сме со нив, та Кинопс нѐ слуша нас и ние него“.

Тогаш свети Јован рече:

„Јас, апостолот на Исуса Христа, ти наредувам тебе, зол духу, повеќе да не влегуваш во човечки живеалишта, ниту да се враќаш кај Кинопс, туку да заминеш од овој остров и да се мачиш. И демонот веднаш замина од островот“.

Меѓутоа Кинопс, откако виде дека духот не се врати, испрати друг. Но и овој исто така пострада. И уште други двајца кнезови на темнината испрати тој, при што на едниот му нареди да влезе кај Јован, а на другиот да стои надвор за да му донесе одговор. Штом влезе кај Јован, демонот пострада како и претходните, а оној што стоеше надвор, штом ја виде неволјата на својот другар, побегна кај Кинопс и му раскажа што се случи. Тоа многу го разјари и тој поведе со себе огромно мноштво на демони и отиде во градот. И се израдува сиот град на Кинопсовото доаѓање, и сите му се поклонуваа. А кога го најде Јована како ги поучува луѓето, страотно се разјари и му се обрати на народот:

„Слепи луѓе! Вие сте скршнале од правиот пат. Почујте ме мене! Ако е Јован праведен и сѐ што зборува тој е вистина, нека поразговара со мене и нека изврши чуда како што вршам јас, па ќе видите кој од нас е поголем, Јован или јас. Ако се покаже тој поголем од мене, тогаш и јас ќе поверувам во неговите зборови и дела“.

И се обрати Кинопс на едно момче и му рече:

„Момче, жив ли е твојот татко?“

Момчето одговори:

„Умрен е“.

Кинопс го праша:

„Од што умре?“

Тој одговори:

„Беше морепловец и кога се разбил коработ се удави во морето“.

И му рече Кинопс на Јован:

„Сега, Јоване, покажи ја својата сила, за да им поверуваме на твоите зборови. Доведи го таткото жив пред неговиот син“.

Јован одговори:

„Христос не ме испратил мене мртви од морето да подигам, туку заблудените да ги поучувам“.

Кинопс му рече на присутниот народ:

„Барем сега поверувајте ми дека Јован е измамник и ве лаже вас. Фатете го и држете го, додека не го доведам пред момчето неговиот татко жив“.

И тие го фатија Јован, а Кинопс ги рашири рацете, плесна со нив и се зачу плисок од морето. Сите се исплашија а Кинопс стана невидлив. Кога сите извикаа:

„Голем си, Кинопсе!“, одеднаш излезе Кинопс од морето, држејќи го, како што рече, таткото на момчето. Сите беа восхитени. Кинопс го праша момчето:

„Овој ли е твојот татко?“

„Да, господине“ - одговори момчето. Тогаш сите му се поклонија на Кинопс и сакаа да го убијат Јована, но тој им забрани и им рече:

„Кога ќе видите поголеми работи од оваа, тогаш нека биде мачен“.

Потоа Кинопс повика друг човек и го праша:

„Ти, имаше ли син?“

Тој одговори:

„Да, господине, имав но некој од завист го уби“.

И веднаш Кинопс гласно ги повика по име и убиениот и убиецот, и тие веднаш дојдоа. Тој го праша човекот:

„Овој ли е твојот син?“

„Да, господине“, - одговори тој.

Кинопс го праша Јована:

„Се восхитуваш ли, Јоване?“

„Не, јас на тоа не се восхитувам“ - одговори Јован.

„Поголеми работи од овие ќе видиш и на тоа ќе се восхитуваш и нема да умреш додека не те заплашам со знаменија“ - рече Кинопс.

Свети Јован одговори:

„Твоите знаменија брзо ќе се срушат“.

Народот веднаш се нафрли врз Јован, и го тепаа додека не заклучија дека е мртов. Тогаш Кинопс рече:

„Оставете го непогребан, за да го разнесат птиците небесни“.

И тие заминаа од тоа место радосни и го славеа Кинопс.

Кога потоа слушна дека Јован е жив, и го учи народот на местото наречено Каменовалиште, Кинопс го повика демонот со помош на кој вршеше вештерства, призивање на мртви, отиде кај Јован и му рече:

„Сакаш ли да ти приредам уште поголем срам и осуда? Јас затоа те оставив досега жив. Ајде да појдеме на морскиот брег, и таму ќе ја видиш мојата сила и ќе се посрамиш“.

Кинопс го придружуваа три демони, кои народот ги сметаше за луѓе, воскреснати од мртвите од негова страна. И откако силно заплеска со рацете, Кинопс се нурна во морето и стана невидлив, а народот извика:

„Голем си, Кинопсе, и не постои друг како тебе“.

А Јован им нареди на демоните, кои стоеја во обличје на луѓе, да не се помрднат од местото, и се помоли на Господа Кинопс повеќе да не се појави жив. И се случи така. Морето ненадејно се разбранува и Кинопс не излезе повеќе, туку остана во морските длабочини, како некогаш бедниот фараон. А на демоните, кои народот ги сметаше за луѓе воскреснати од мртвите, Јован им рече:

„Во името на Исуса Христа Распнатиот и во третиот ден Воскреснатиот, напуштете го овој остров“.

И во тој миг тие исчезнаа. А народот седеше на брегот три дена и три ноќи и чекаше Кинопс да излезе од морето. Тука од глад, жед и горештина многумина изнемоштеа и лежеа безгласни, а три деца умреа. Тогаш Јован се сожали, се помоли за нивното спасение, им зборуваше многу за верата, ги воскресна трите починати деца и ги исцели болните. И сите еднодушно се обратија кон Господа, се крстија и се разидоа по домовите, славејќи Го Христа Бога. А Јован се врати во домот на Мирон и често одеше меѓу народот и го поучуваше во верата во Господа Христа.

Еднаш светиот апостол најде крај патот болен човек, кој многу страдал од треска и го исцели со крсниот знак. Кога го виде тоа еден евреин, на име Филон, кој се препираше со светиот Апостол за работи од Светото Писмо, го замоли да сврати во неговиот дом. Неговата жена беше губава. Таа припадна кај апостолот и веднаш се исцели од губата и поверува во Христа. Тогаш поверува и самиот Филон, и се крсти со целиот свој дом. Потоа свети Јован излезе на плоштадот и кај него се слеа многу народ, да го чуе од устата негова спасоносното учење. Дојдоа и идолските жреци, од кои еден го искушуваше апостолот, говорејќи:

„Учителу, имам син кој е хром и на двете нозе. Те молам исцели го. Ако го исцелиш и јас ќе поверувам во Богот, Кој го проповедаш“.

Светиот Апостол му рече:

„Зошто така Го искушуваш Бога, Кој ќе ја обелодени лукавоста на твоето срце?“

Откако го рече тоа, Јован испрати кај синот негов, со вакви зборови:

„Во името на Исуса Христа, мојот Бог, стани и дојди кај мене“.

И тој веднаш стана и дојде здрав кај светиот. А неговиот татко, заради ова искушување во истиот час стана хром на двете нозе. Од силните болки падна на земјата и го молеше светиот да се смилува и да го исцели со името на Христа, зашто верува дека не постои друг Бог освен Него. Трогнат од молбата, апостолот го исцели жрецот, го поучи во верата и го крсти во името на Исуса Христа.

Утредента дојде Јован на едно место, каде што лежеше еден човек, кој страдаше од водена болест и седумнаесет години беше прикован за постела. Апостолот го исцели со зборот и го просвети со свето крштение. Во истиот ден, човекот кој после Мироновиот зет Лаврентиј стана игемон, испрати по Јована, срдечно молејќи го да појде во неговиот дом, бидејќи неговата жена требало да се породи и страшно се мачела. Апостолот брзо дојде. Штом го пречекори прагот, жената веднаш се породи и болките ѝ престанаа. Тогаш игемонот поверува во Христа со сиот свој дом. Откако поживеа таму три години, Јован отиде во друг град, оддалечен педесет стадии, чии што жители беа идолопоклоници. Во градот виде како народот им приредува празник на демоните и забележа неколку врзани момчиња. Јован праша еден од оние што стоеја таму:

„Зошто се врзани овие момчиња?“

Човекот одговори:

„Имаме голем бог-волк, на кого сега му приредуваме празник.За него ќе бидат заклани овие момчиња на жртва“.

Јован го замоли да му го покаже тој нивен бог. Човекот на тоа му рече:

„Ако сакаш да го видиш почекај до десет часот, па ќе ги здогледаш жреците како со народот одат на местото каде што се јавува богот. Појди со нив, и ќе го видиш богот-волк“.

Јован му рече:

„Гледам дека си добар човек, а јас сум дојденец. Те молам, веднаш одведи ме на тоа место, зашто многу сакам да го видам вашиот бог. Ако ми го покажеш, ќе ти дадам скапоцен бисер“.

Човекот го одведе и му покажа едно бариште полно со кал и вода, и му рече:

„Оттука излегува нашиот бог-волк и му се јавува на народот“.

И Јован ја чекаше појавата на тој бог. И токму околу десет часот се појави демонот од водата, во облик на огромен волк. Свети Јован го застана со името Христово и го праша:

„Колку години живееш овде?

„Седумдесет години“одговори ѓаволот. На тоа Апостолот му рече:

„Ти наредувам со името на Отецот и Синот и Светиот Дух, оди си од овој остров и никогаш повеќе не доаѓај ваму“.

Во тој миг ѓаволот исчезна. Човекот се преплаши од виденото и падна пред нозете на светиот Апостол, кој го поучи во Светата Вера и му рече:

„Ете, го доби од мене бисерот што ти го ветив“.

Во тоа време стигнаа жреците, кои држеа ножеви во рацете, со врзаните момчиња, и по нив одеше огромна маса од луѓе. Тие долго ја чекаа појавата на волкот, за да му ги заколат момчињата како храна. После долгото чекање им пријде Јован, ги замоли да ги ослободат невините момчиња, и им рече:

„Го нема повеќе вашиот бог-волк. Тој беше демон и силата на Исуса Христа го победи и го протера“.

Кога слушнаа дека им пропаднал волкот, тие се исплашија. Откако долго го бараа и не го најдоа, ги ослободија момчињата. А свети Јован започна да им го проповеда Христа и да ја изобличува нивната заблуда. Тогаш многу од нив поверуваа и се крстија.

Во тој град имаше бања. Еднаш во неа се капеше синот на Зевсовиот жрец и беше удавен од ѓаволот, кој живееше таму. Неговиот татко со плачење дотрча кај свети Јован и го молеше да му го воскресне синот, со ветување дека и самиот ќе поверува во Христа. Светиот Апостол појде со него и со името Христово го воскресна умрениот. Тој го праша момчето што ја предизвикало неговата смрт. А тоа одговори:

„Кога се капев во бањата некој црнец излезе од водата, ме дофати и ме удави. Од тоа светиот Апостол дозна дека во таа бања живее демон, па го заколна и го праша:

„Кој си ти и зошто живееш овде?“

Демонот одговори:

„Јас сум оној кого ти го протера од бањата во Ефес. Живеам овде веќе шеста година и им пакостам на луѓето“.

Светиот Апостол го протера и од овој крај. Тогаш жрецот поверува во Христа и се крсти со сиот свој дом.

После тоа излезе Јован на плоштадот и кај него се слеа речиси целиот град, да го слуша зборот Божји. Тогаш една жена падна пред неговите нози и со солзи го молеше да го исцели нејзиниот ѓаволесан син, за кого по лекари го дале речиси целиот свој имот. Светиот Апостол нареди да го доведат, и штом пратениците му рекоа на ѓаволесаниот: „Те вика Јован“, ѓаволот веднаш излезе од него. Момчето дојде здраво кај Апостолот, поверува во Христа и се крсти заедно со својата мајка.

Во тој исти град имаше познат храм на идолот Бахус, кого идолопоклониците го нарекуваа „татко на слободата“. Тука за неговиот празник се собираа мажите и жените и се веселеа. Откако ќе се опиеја, тие вршеа големи беззаконија во чест на својот поган бог. Свети Јован дојде таму за време на празникот и ги изобличуваше за тоа нивно скаредно празнување. А жреците, кои ги имаше во огромен број, го фатија и го тепаа, па го извлекоа надвор, врзан го фрлија, и повторно му се вратија на своето погано дело. Свети Јован се помоли на Бога да не го трпи таквото нивно беззаконие и веднаш идолскиот храм се сруши од темел и ги уби сите жреци, а останатите луѓе преплашени го одвезоа светиот Апостол и го молеа да не ги погубува.

Во тој град имаше знаменит вражач, на име Нукијан. Кога дозна за рушењето на храмот и загинувањето на жреците, тој многу се разлути, дојде кај свети Јован и му рече:

„Не си сторил добро што си го срушил Бахусовиот храм и си ги убил неговите жреци. Поради тоа сите ти се многу лути. Туку те молам, воскресни ги, како што си го воскреснал синот на жрецот во бањата, па тогаш и јас ќе поверувам во твојот Бог“.

Свети Јован одговори:

„Причина за нивното загинување беше нивното беззаконие. Затоа тие не се достојни да живеат овде, туку нека се мачат во пеколот“.

Нукијан на тоа рече:

„Ако ти не можеш да ги воскреснеш, тогаш јас во името на моите богови ќе ги воскреснам жреците и ќе воспоставам храм, но ти нема да ја одбегнеш смртта“.

И се разделија. Јован отиде да го учи народот, а Нукијан се упати кај срушениот храм, и откако го обиколи вражејќи, направи да се појават дванаесет демони во обличје на убиените жречеви, на кои тој им нареди да појдат со него и да го убијат Јована. Но демоните му рекоа:

„Ние не само што не можеме го убиеме, туку не можеме ни да се појавиме на местото каде што се наоѓа тој. Ако сакаш Јован да умре, оди и доведи го ваму народот, за тој, кога ќе нѐ види да се разбесни и да го погуби“.

Нукијан отиде, и откако најде многу народ како го слуша учењето на свети Јован, повика кон него со силен глас:

„О, неразумни, зошто дозволувате да ве лаже овој странец, кој го уништи вашиот храм со жреците, а ќе ве погуби и вас ако го слушате. Ајде со мене да ги видите своите жреци, кои јас ги воскреснав. Дури и вашиот срушен храм ќе го обновам пред ваши очи. Тоа Јован не може да го стори“.

И сите како безумни тргнаа по него, оставајќи го Јована. А свети Јован заедно со Прохор по друг пат пред нив стигна на местото каде беа демоните во облик на воскреснати жреци. Штом го видоа Јована, тие веднаш исчезнаа. Кога Нукијан дојде со народот и не ги најде демоните многу се нажали, па повторно започна да обиколи околу разрушениот храм, врачејќи и призивајќи ги демоните, но тие не се појавија. Кога се спушти ноќта разјарениот народ сакаше да го убие Нукијан затоа што го измами, и некои предложија:

„Да го фатиме и да го одведеме кај Јован, и што ќе ни рече тој, тоа ќе го сториме“.

Но, свети Јован ги надитри и пред нив стигна на претходното место. А луѓето го доведоа Нукијан пред него и говореа:

„Овој измамник и твој непријател скрои план да те погуби. Еве, ние ќе сториме со него сѐ што ќе ни кажеш“.

Светиот Апостол им рече:

„Пуштете го нека се покае“.

Утредента Јован повторно го учеше народот во верата Христова и многумина поверуваа и го молеа да ги крсти. А кога Јован ги доведе на реката, Нукијан со своето вражање ја претвори водата во крв. Тогаш свети Јован со молитвата го ослепи, и откако ја направи водата повторно чиста, ги крсти во неа сите што поверуваа. Победен од тоа, Нукијан си дојде на себе и искрено се каеше и го молеше светиот да биде милостив кон него. Кога го виде неговото покајание Апостолот доволно го поучи, го крсти и тој веднаш прогледа. Кога го внесе во својот дом, сите идоли одеднаш испопаѓаа и се сокршија. Од тоа чудо неговите домашни се исплашија, па поверуваа во Христа и се крстија.

Во тој град имаше една убава и богата вдовица, на име Проклианија. Таа имаше многу убав син Сосипатр, и под дејство на ѓаволот се заљуби во него и на сите можни начини се обидуваше да го натера на грев. Но, синот, како многу паметен, ја намрази својата мајка поради нејзиното безумие, побегна од неа и дојде на местото каде свети Јован го поучуваше народот и со уживање ги слушаше апостолските поуки. А свети Јован, на кого со Духот Свети му беше откриено сѐ што се случило со Сосипатр, го тргна насамо, го советуваше да ја почитува мајка си, но да не ја слуша и никому да не зборува за тоа, туку да го крие нејзиниот грев. Сосипатр не сакаше да се врати дома. Проклианија го најде во четвртиот ден, го дофати за облеката и насилно го влечеше дома. На тоа викање се појави игемонот, кој неодамна беше дошол во тој град и праша која е причината што жената така го влече момчето. А мајката, за да ја сокрие својата грешна намера, го наклевети сина си дека сака да ја силува и притоа си ја корнеше косата, плачеше и викаше. Игемонот и поверува на лагата и го осуди невиниот Сосипатр, да биде ставен во кожена вреќа полна со смртоносни змии, при тоа врзана, и така да го фрлат во морето. Кога дозна за тоа, свети Јован дојде кај игемонот и го изобличуваше за неправедната осуда, зашто недоволно ја испитал работата и невино момче осудил на смрт. А Проклианија ја фрлаше вината и врз свети Јован, и говореше:

„Овој измамник го научи мојот син на такво зло“.

Кога слушна за тоа игемонот нареди и Јован да го стават во истата вреќа заедно со Сосипатр и да го фрлат во морето. Но, светиот Апостол се помоли на Господа и одеднаш се затресе земјата, а на игемонот му се исуши раката со која што ја потпиша пресудата против Апостолот. А пак на Проклианија ѝ се исушија и двете раце и очите ѝ искокнаа. Судијата се преплаши од тоа и сите присутни паднаа ничкум од страв. Тој го молеше Јована да се смилува и да му ја исцели исушената рака, и Апостолот го поучи за праведниот суд и верата во Христа, го исцели и го крсти во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Така невиниот Сосипатр беше избавен од напаста и смртта, а судијата Го позна вистинскиот Бог. Проклианија побегна од страв дома, носејќи ја со себе казната Божја. Апостолот го поведе Сосипатр и отиде во домот нејзин. Синот не сакаше да оди кај мајка си, а свети Јован го учеше на незлобивост и го уверуваше дека сега тој повеќе нема да слушне од својата мајка ништо незаконско, зашто таа е оцеломудрена. И навистина така и беше. Кога Јован со Сосипатр влезе во нејзиниот дом, Проклианија веднаш падна пред нозете на Апостолот и со солзи се исповедаше и се каеше за својот грев. Апостолот ја исцели од болеста, ја поучи во верата и целомудрието и ја крсти со целиот нејзин дом. Така таа го минуваше животот во големо покајание.

Во тоа време беше убиен царот Домицијан. По него на римскиот престол стапи Нерв, кој беше многу добар човек. Тој ги пушти на слобода сите што беа во заточение и свети апостол Јован намисли да се врати во Ефес, зашто речиси сите луѓе на Патмос ги беше обратил кон Христа. Но, кога христијаните дознаа за неговата намера, го молеа никако да не ги остава. Тој одлучно им рече дека ќе замине и тие го замолија барем да им го остави Евангелието што таму го напиша, како спомен за своето учење. Го напиша поткренат со промисла Божја. Откако постеше и им наложи на сите пост, тој го поведе со себе својот ученик Прохор и излезе од градот на една далечна висока гора, каде три дена помина во молитва. По третиот ден настана страотно грмење и удирање на молњи, и целата гора се затресе. Прохор од страв падна на земјата. Јован се сврте кон него, го подигна, го постави од својата десна страна и му рече:

„Запиши сѐ што ќе слушнеш од мојата уста“.

И откако ги крена очите кон небото повторно се молеше, а по молитвата започна да зборува: „Во почетокот беше Словото...“ и останатото понатаму. Ученикот внимателно запиша сѐ што слушна од неговата уста. И така беше напишано Светото Евангелие, кое Апостолот, откако се симна од гората, му нареди на Прохор повторно да го препише. И се согласи светиот Апостол преписот да го остави на христијаните на Патмос, согласно со нивната молба, а оригиналот го задржа кај себе. На тој исти остров свети Јован го напиша и Откровението.

Пред своето заминување од островот Патмос, свети Јован ги посети сите околни градови и села и ги утврди браќата во верата. И му се случи да појде во едно село во кое живееше Зевсов жрец, по име Евхарис, кој имаше слеп син. Овој жрец одамна сакаше да го види Јована. Кога слушна дека дошол во неговото село, тој побрза кај него и го молеше да појде во неговиот дом и да му го исцели синот. Јован виде дека ќе ја придобие неговата душа и отиде во неговиот дом и му рече на слепиот:

„Во името на мојот Господ Исус Христос, прогледај“.

И тој веднаш прогледа. Тогаш Евхарис поверува во Христа и се крсти со својот син. И во сите градови на тој остров свети Јован добро ги уреди светите цркви и им постави епископи и презвитери. Откако доволно ги поучи жителите, се поздрави со сите и тргна назад во Ефес. Верните го следеа со плачење зашто не сакаа да се разделат од таквото сонце, кое со своето учење ја просвети целата нивна земја. Светиот апостол се качи на коработ, им го предаде својот мир и отплови по својот пат. Во Ефес верните го дочекаа со неискажана радост, воскликнуваа и говореа:

„Благословен е кој иде во името Господово“.

И чесно беше примен. Додека престојуваше таму, тој не престануваше да ги поучува и упатува луѓето на патот на спасението.

Не треба да премолчиме и што за свети апостол Јован вели свети Климент Александриски:

Кога во Азија Апостолот ги посетуваше градовите, во еден град виде момче со душа расположена за добро дело, па го поучи во верата и го крсти. Но, бидејќи имаше намера од таму да отпатува на проповед на Евангелието, тој пред сите го довери ова момче на епископот на тој град, да го поучи во секое добро дело. Епископот го поучи во Светото Писмо, но не се грижеше за него колку што е потребно, ниту го воспитуваше како што е потребно за младите, туку го препушти на неговата волја. Набрзо потоа момчето започна да води лош живот, започна да се опива и да краде. Потоа се спријатели со разбојници кои го придобија, го одведоа во пустините и горите, го назначија за свој арамбаша и вршеа разбојништва по патиштата. По извесно време апостол Јован на враќање дојде во тој град, па кога слушна дека ова момче се расипало и станало разбојник, му рече на епископот:

„Врати ми го богатството што ти го предадов на чување како во верни раце. Врати ми го момчето, кое пред сите ти го доверив, да го научиш во стравот Божји“.

Епископот со солзи одговори:

„Тоа момче пропадна. Умре со душата, а со телото врши разбојништва по патиштата“.

А Јован му рече на епископот:

„Зарем така се чува душата на својот брат? Дај ми коњ и придружник да појдам да го побарам оној што ти си го погубил“.

Кога Јован дојде кај разбојниците, ги замоли да го одведат кај нивниот арамбаша. Штом го виде свети Јован, момчето се засрами, скокна и побегна во пустината. Тогаш свети Јован, заборавајќи на својата старост, побрза по него, викајќи:

„Сине мој, врати се кај својот татко и не очајувај заради својот пад. Твоите гревови ќе ги примам јас на себе. Застани, почекај, зашто Господ ме испрати кај тебе“.

Момчето застана и со трепет и срам голем, падна пред нозете на светиот Апостол и не смееше да го погледне в лице. А тој го прегрна со родителска љубов, го целиваше и со радост го одведе во градот, зашто ја најде изгубената овца. Многу го учеше упатувајќи го на покајание и момчето срдечно се трудеше и Му угоди на Бога. Откако доби простување на гревовите, се претстави во мир.

Во тоа време имаше еден христијанин, кој беше западнал во толку голема сиромаштија, што немаше со што да ги исплати долговите на своите доверители. Од голема мака намисли да се убие и замоли еден волшебник евреин, да му даде смртоносен отров да испие. Овој непријател на христијаните ја исполни неговата молба. Христијанинот го зеде смртоносниот отров и се упати кон својот дом. По пат размислуваше и страв му минуваше низ душата, па не знаеше што да прави. Најпосле ја осени чашата со крсниот знак, ја испи и тоа ни најмалку не му наштети, бидејќи крсниот знак ја одзеде сета отровност од отровот во чашата. Тој многу се чудеше како останал жив и при тоа не чувствува никаква болка, но и понатаму прогонуван од доверителот, повторно отиде кај евреинот да му даде посилен отров. Откако го доби, човекот повторно тргна и долго размислуваше пред да го испие отровот, па и сега ја осени со светиот крстен знак и оваа чаша, ја испи и повторно не настрада. И пак отиде кај евреинот здрав. Евреинот се исплаши и го праша што правел кога го пиел отровот. Тој му одговори:

„Ништо друго, освен што чашата ја осенував со светиот крстен знак“.

Тогаш евреинот дозна дека силата на светиот крст ја брка смртта. Но, сакајќи да го провери тоа, тој од истиот отров даде на едно куче и тоа веднаш цркна. Тогаш со христијанинот се упати кај Апостолот и го извести за сѐ што се случи. Светиот Апостол го поучи во верата Христова и го крсти, а на бедниот христијанин му нареди да донесе сено, кое со крсниот знак и молитвата го претвори во злато, и му нареди со тоа злато да ги исплати своите долгови на доверителите, а со остатокот да го издржува својот дом. Потоа повторно се врати во Ефес и живееше во домот на Домн и огромен број на луѓе обрати кон Христа и изврши безбројни чуда.

Кога светиот Апостол имаше над сто години, излезе од домот на Домн со седум свои ученици, и кога дојдоа до едно место им нареди да седнат. Беше утро, а тој се оддалечи од своите ученици, колку што камен може да се дофрли, и таму се помоли на Господа. Потоа учениците, на негова желба му ископаа крстолик гроб, и тој му заповедаше на Прохор да појде во Ерусалим и да остане таму до својата смрт. И откако ги поучи учениците и ги целиваше, светиот Апостол рече:

„Земете земја, мајката моја, и покријте ме со неа“.

И учениците го целиваа и го покрија до колената, откако повторно го целиваа го покрија до вратот и му положија на лицето покривка. И откако повторно го целиваа, со силно плачење го покрија целосно. Кога за тоа слушнаа браќата, дојдоа и го раскопаа гробот, но не најдоа ништо и многу плачеа. Потоа се помолија и се вратија во градот. И секоја година, во осмиот ден на месец мај, од неговиот гроб излегуваше некој ситен прав, миризлив и лековит, и по молитвите на свети апостол Јован им даваше исцеленија на болните, во чест на Бога, во Троица славениот низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА ПРАВЕДНИОТ ГЕДЕОН

Беше судија на Израилскиот народ, родум од племето на Манасија. Бил судија после пророчицата Девора. Ги избавил Израилците од нападите на Мадијаните и потоа управувал со Израилците четириесет години. Се претставил во 1307 година пред Христа. Од Бога е удостоен на чудесен настан со руно и роса, со што се отсликувало Христовото натприродно раѓање од Пресвета Дева Богородица.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ НИЛ КАЛАБРИСКИ

Беше голем подвижник во Калабрија, основач на неколку манастири, чудотворец и бранител на чистотата на Православната Вера. Долго патувал само за да успее да спаси некого од некаква тешка казна. Имал огнена љубов кон своите ближни. Се упокоил во 1005 година. Оставил многу ученици достојни на себе, меѓу кои се истакнал свети Вартоломеј (1044), писател на неколку канони.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ПЕТ ДЕВОЈКИ МАЧЕНИЧКИ: ТЕКЛА, МАРИЈАМНА, МАРТА, МАРИЈА и ЕНАТА, убиени од нивниот татко Павле

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ВДОВИЦА

Пострадала за Господа посечена со меч.