10. Октомври   (27. Септември)

ЖИТИЕТО И СТРАДАЊАТА НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК КАЛИСТРАТ, и 49 маченици со него

Додека гледаше како избраното стадо Христово од ден на ден се зголемува, ѓаволот се крена против него многу бесно, сакајќи сите словесни овци Христови да ги растера и погуби. За таа цел како свое оружје ги употреби незнабожните римски цареви Диоклецијан и Максимијан, според свирепоста слични на нечовечните ѕверови. Тој како крвожедни волци ги устреми кон стадото Христово. Створи во нив толку голем бес против христијаните, така што тие сите останати грижи за царството ги занемарија, и сите свои сили ги употребија единствено за целосно да ги искоренат сите христијани. Ова свое злодело го сметаа за поголемо и подрагоцено од сите други големи царски дела и славни победи и триумфи над своите непријатели. За таа цел, тие распратија во сите краишта на земјата игемони и мачители, кои според својата злоба беа рамни на нив и полоши од нив, насекаде да ги приморуваат христијаните на принесување на идолски жртви, а непослушните да ги мачат, убиваат и на разни начини погубуваат. Кога оваа наредба започна да се извршува, многу верни и со срце верни на Христа, се украсија со венците на мачеништвото и преминаа на небото, славејќи ја победата над непријателите. Меѓу многуте такви се истакна и сјајниот Христов војник Калистрат, кој не сам, туку со многубројна дружина го помина прекрасниот пат на мачеништвото и откако го победи врагот, застана како победник на светот пред Христа, носејќи ги врз себе раните здобиени за Него и примајќи одликување за својот подвиг.

Роден крај на овој страдалник Христов беше Картагена, од каде што беше земен во војска и вброен во полкот на војводата Персентин. Во тој полк единствено свети Калистрат блескаше со побожноста, како ѕвезда во темната ноќ, зашто сите негови другари беа помрачени со идолопоклонството. Единствено тој беше христијанин, поучен од својот татко, кој пак беше поучен во верата од својот дедо Неокор, кој во времето на доброволното страдање на нашиот Господ Исус Христос во Ерусалим, за време на Понтиј Пилат бил војник. И тој, откако ги видел сите чудеса што се случија при смртта и воскресението на Господа Христа, поверувал во Него, се крстил од апостолите и се вратил во својот дом, носејќи ја верата во Христа како скапоцен бисер, со кој го збогатил својот син, таткото на Калистрат и сите свои домашни, раскажувајќи им за Христа Исуса сѐ што самиот со свои очи видел и со свои уши слушнал од светите Апостоли. Со тоа духовно и неоткрадливо богатство на верата, кое го наследи од деда си и татка си, свети Калистрат ги збогатуваше сите што можеше, поучувајќи ги во познанието на вистината. Поради тоа неговите другари во војската на него гледаа со недоверба и внимателно го набљудуваа, за точно да дознаат дали навистина е христијанин.

Кога тој со своите војводи одеше во Рим, неговата христијанска вера беше откриена на следниот начин. Блажениот Калистрат имаше обичај секоја ноќ да станува на молитва и долго да се моли тајно. Еднаш, додека така се молеше, го забележаа некои војници и кога слушнаа дека тој често го призива името на Исуса Христа, се уверија дека навистина е христијанин. Во погодна прилика го известија за тоа војводата Персентин, кој веднаш го повика и го праша дали е вистина тоа што се зборува за него. Тој му одговори:

- Не знам што би можело да се зборува за мене, зашто знам дека не сум сторил никакво зло.

Тогаш Персентин им нареди на војниците да му кажат в лице. Тие му рекоа:

- Господине, само ти нареди му да им принесе жртва на боговите, па веднаш ќе дознаеш што мисли и од која вера е.

Војводата му нареди на Калистрат да им принесе жртва на боговите и да им се поклони, а тој одговори:

- Јас Му принесувам жртва само на единствениот вистински и жив Бог, Кој сѐ од небитие изведе во битие и го создаде човекот од земја. А боговите, кои вие ги почитувате и се направени од човечки раце, јас ги нарекувам демони, како што за тоа учи Светото Писмо: „Сите богови на незнабошците се демони“ (Пс. 95, 5); „И идолите нивни се сребро и злато, дело на рацете човечки“ (Пс.113,12). Од истото Свето Писмо научив да Го знам Бог, Кој живее на небесата, и да Му принесувам жртва на пофалба и молитви. Поради тоа ли ме обвинуваат овие луѓе? Затоа што Го почитувам вистинскиот Бог, а не многуте лажни богови? Би требало да ме обвинуваат ако сум неисправен во својата војничка должност, ако сум плашлив и бегам од непријателот. Ете, за тие работи би можеле да ме обвинуваат пред тебе, војводо. Тебе такви достави ти доликува да слушаш. А ти, знаејќи дека ништо такво не сум сторил ги слушаш, и ме изведуваш на суд само затоа што догматите на мојата вера не се сложуваат со догматите на вашата вера.

На овие зборови војводата гневно одговори:

- Сега не е време за ораторство, туку време за тешки мачења и лути казни, кои наскоро ќе ги искусиш, ако не ми се покориш и не им принесеш жртва на боговите, на кои и самиот цар им се поклонува. Зарем не знаеш колку сум немилосрден, та уште пред мачењето можам да исплашам секого со самиот поглед и глас?

Свети Калистрат одговори:

- Твојата лутина и чкртањето со заби, влеваат страв, кој е привремен. Но, постои вечен страв и чкртање со заби, и да паднам во него јас ужасно се плашам и од самата помисла на тоа.

Војводата не можеше да ја скроти својата лутина и нареди светителот да го положат на земјата и да го тепаат. Додека долго го мачеа, тој не покажа ни најмало нетрпение, туку говореше кон Бога:

- Се заколнав дека ќе ги чувам наредбите на правдата Твоја и ќе ја извршам. Многу сум потиштен Господи, оживи ме според зборовите Твои, и не дозволувај да ме исмее овој безбожен човек. Поткрепи ме, Господи, да ги поднесам маките, дај му сила на моето немоќно тело и поттикни дух на храброст во мене.

Кога виде дека потоци од крв се леат од раните на маченикот, војводата нареди да престанат со мачењето и му рече:

- Ова е почеток на казната за твојата непослушност. Затоа добронамерно те советувам да ме послушаш, за да се спасиш. Ако не се покориш, се колнам во боговите дека рацете на мачителите ќе го искинат твоето тело на парчиња, твојата крв кучињата ќе ја излижат а месото лавовите ќе го изедат.

Храбриот Калистрат му одговори:

- Се надевам на Бога крепкиот, Бога живиот, дека ќе ме избави од маките со кои ми се закануваш и дека Бог не само мојата душа, туку и многу други души одовде ќе земе кај Себе, и ќе ги удостои да го спознаат пресветото име Негово.

Уште повеќе разгневен од овие зборови, војводата нареди земјата да ја покријат со остри камења и по нив долго да го влечат голиот Калистрат, додавајќи болка врз болка, на неговото изнарането тело.

Кога светителот ги претрпе и тие маки, мачителот нареди низ инка да му излеваат вода во устата, како во кожен мев. Притоа му рече:

- Ако не им принесеш жртва на боговите веднаш ќе те фрлам во морето, зашто се плашам и други војници да не заведеш.

Маченикот одговори:

- О преголем беззаконику! Ти се грижиш да ги сочуваш луѓето, кои се наоѓаат под власта на твојот татко ѓаволот, а јас се надевам во Бога, дека тие души ќе ги придобијам кон мојот Христос, и среде овој град ќе изградам црква на мојот Господ Бог.

Војводата побесна од лутина и рече:

- Безбожнику! Беднику, смртта веќе ти виси над главата, а ти мислиш дека црква градиш и дека многумина приведуваш кон твојот Бог.

Откако го рече тоа нареди да се донесе кожен мев, го стави во него маченикот, па го фрли во морските длабочини, а самиот застана на брегот, за да ја види неговата смрт. Но мевот, во кој како Јона во стомакот на китот се наоѓаше свети Калистрат молејќи се, по Божја волја беше однесен на остри камења и се дупна, а свети Калистрат го примија на своите плеќи два делфина и кротко го изнесоа на брегот. Светителот весело пееше:

- Тонам во морските длабочини, но не ме потопи бурата водена, ниту се изморив од молитвениот восклик кон Тебе, Господи. Ти брзо и чудесно ме избави од морските длабочини, кога веќе за тоа немаше никаква надеж. Ја симна од мене вреќата и ме опаша со веселба.

Додека светителот пееше, многумина од војниците се восхитуваа, а некои паднаа пред неговите нозе и го молеа да ги избави од демонската заблуда и да ги приведе кон Христа Бога. Таквите беа четириесет и девет, од кои еден се викаше Гимнасиј. Тие говореа:

- Ние видовме дека твојот Бог е голем и вистински, зашто чудесно те избави од морските длабочини.

А блажениот маченик рече:

- Мојот Господ Христос не ги брка оние кои доаѓаат кај Него, зашто вели: „Дојдете кај Мене сите што сте уморни и оптоварени и Јас ќе ве одморам“ (Матеј 11, 28).

Потоа ги крена рацете и очите кои небото и се молеше:

- Господи, Кој на небесата живееш и на смирените погледнуваш, погледни и кон ова Твое мало стадо, заштити го од секое зло и сочувај го од мачителот Персентин и од невидливиот ѕвер ѓаволот, зашто си Ти Единствен славен за навек.

Кога виде што се случува, војводата се восхити и рече:

- Во името на пресјајното сонце, тврдам дека овој човек располага со голема магепсничка сила. Од морето излезе неповреден, и како што вети, ги заведе моите војници со своите магии.

Потоа му рече на светителот:

- Набрзо ќе ги уништам твоите вражбини, Калистрате, и ти ќе дознаеш кој е Персентин, а кој е Распнатиот.

Потоа нареди сите војници, кои поверувале во Христа, немилосрдно да ги тепаат и да им ги кршат коските. А тие со една уста говореа:

- Господи Исусе Христе, биди ни помошник да претрпиме до крај. За Тебе доброволно појдовме во ова страдање. Сочувај го нашиот учител и пастир Калистрат, за тој да нѐ поучи во Тебе, единствениот Бог, зашто ние сега пред Тебе, Господи, сме како пропаднати овци.

Кога Персентин малку се смири, нареди да престанат да ги тепаат и да ги одведат во темницата, додека не смисли што да прави со нив, зашто му падна жал што неговиот полк се намали за педесетина луѓе. Фрлени со свети Калистрат во темницата, тие започнаа да учат од него темелно познавање на Бога, зашто тој им објаснуваше започнувајќи од стварањето на светот и човековиот пад во рајот, па сѐ до Христовото воплотување, доброволно страдање и Воскресение. Им зборуваше за судот, за душата, за идниот живот и за наградите на праведникот и за казните на грешникот во адот. Така ги поткрепи за маченичкиот подвиг.

Утредента војводата, опкружен со многу војници, нареди да го изведат Калистрат со дружината и им се обрати со овие зборови:

- Кажи ми, дали ти и овие со тебе, ќе им принесете жртва на боговите, за да се ослободите од тешките маки?

Свети Калистрат одговори:

- Јас за себе изјавувам дека нема да отстапам од мојот Господ ни по цена на смртта, а тие нека си одговорат за себе.

Војводата ги праша и нив, и тие рекоа:

- Ние семе христијани, Го исповедаме единствениот Бог, Кој ги створил небото и земјата, во Него веруваме и во Единородниот Син Негов, нашиот Господ Исус Христос и во Светиот Дух, како што нѐ научи нашиот добар учител Калистрат.

Војводата нареди безмилосно да ги тепаат еден по друг, потоа да им ги врзат рацете и нозете и да ги фрлат во блиското езеро. Пред да биде сторено тоа, свети Калистрат се молеше кон Бога:

- Господи, Кој во висините живееш и на смирените погледнуваш, погледни на овие Твои луѓе и благоволи да ги измиеш во овие води како во купел за препораѓање и восиновување, со слегувањето на Светиот Твој Дух, за откако ќе го отфрлат стариот човек да станат заедничари на наследството со оние кои Ти угодиле од памтивека.

Кога мачениците врзани беа фрлени во водата, веднаш невидлива сила ги одврза и тие стоеја во водата со светли лица, радувајќи се на своето крштение. Во тоа време беше виден прекрасен венец како се спушта од небото, и се чу глас, кој говореше:

- Биди храбар, Калистрате, со своето стадо, и дојди да блаженствуваш со нив во вечните населби.

И веднаш од овие зборови настана силен земјотрес, од кој што падна и се разби во прав еден кип на некој нечист незнабожечки бог. Од тоа чудо 135 други војници, кои го слушнаа и гласот одозгора, поверуваа во нашиот Господ. Но, војводата не им обрна внимание, зашто се плашеше од немири меѓу војниците, туку само нареди првите 49 заедно со Калистрат повторно да бидат фрлени во темницата.

Таму тој им рече на своите:

- Ете, браќа, со благодатта Христова вие се удостоивте на светото крштение, поради што треба достојно да Му благодарите на Бога. Затоа да станеме и да Му се помолиме на Господа.

Кога сите станаа и се молеа, Калистрат велеше:

- Господи Боже, Кој сакаш сите луѓе да се спасат и да ја спознаат вистината, Ти од устата лавовска си го спасил ова Твое стадо и си го повикал во вечно спасение, удостој нѐ сега да се упокоиме во светата вера, со која веруваме во Тебе, нашиот Бог, и дај ни беспрекорни и чисти да се јавиме пред Твоето свето лице и да Ти се поклониме Тебе, благословениот за навек.

Со него се молеа срдечно и сите свети маченици, А кога настапи ноќта, со наредба на мачителот во темницата влегоа војници и со своите мечеви сите ги исекоа на парчиња. Така свети Калистрат со својата дружина ја пролеа својата крв за Господа. Нивните свети мошти ги собраа и чесно ги погребаа оние 130 војници, кои во Христа поверуваа. Тие подоцна и црква изградија над нивните свети мошти. Така се исполнија зборовите на свети Калистрат, изречени кон Персентин: „Среде овој град црква ќе изградам“, иако таа беше изградена по неговата маченичка смрт. И се прославуваше во неа името на нашиот Господ Бог и Спасител Исус Христос, Кому и од нас слава низ сите векови. Амин.

СТАРЕЦ СХИМОНАХ АРХИП ГЛИНСКИ

Старецот Архип е роден во 1835 година. По стапувањето во манастир, пет години старецот Архип немаше своја ќелија. Го извршуваше послушанието во пекарата и уште како послушник ги оправда свештените зборови, испишани врз великосхимничките одежди: „Ги предадов своите рамења на рани и своето тело на удари, не го одвратив лицето од срамот на плуканиот“. Еднаш тој во пекарницата замоли еден брат да меси тесто. Но, братот гневно му се нафрли и започна да вика: „Како смееш да ме присилуваш?“ И започна да го тепа сѐ додека не се умори. За неверување на присутните, старецот му се поклони на навредениот во нозете и му побара прошка. После тоа неколку дена беше болен. Во друга прилика истиот брат, во гневна состојба, го фати старецот за брадата и му откорна прамен од неа. Смирениот и кроток старец си ја преуреди својата брада и откако падна во нозете на навредениот, рече:

„Прости ми, сигурно со нешто не сум ти се допаднал“.

Еднаш во пекарата некој силно го беше удрил во слепоочницата. Тој лежел четврт час во бессознание на мокриот каменен под, и штом се освестил станал и молкум се зафатил со својата работа, како ништо да не се случило.

А пак во друга прилика некој брат го натепал многу, затоа што не му се допаднало како пее на певницата.

Старецот спиеше на нечистиот под во пекарата или врз ќумурот, со лице свртено кон ѕидот, или под масата, до влезот на пекарата. Понекогаш намерно расејувал брашно, истурал вода или ронел тесто. Ќе започнеа да го караат а тој се поклонуваше и бараше прошка.

Така ги принудуваше страстите, сокриени во себе, да излезат, и ги уништуваше со сопственото смирение и преку понижувањата што ги трпеше од другите. Подвижникот носеше искинани и нечисти алишта. Од настинката и од долгото стоење во храмот, нозете му беа отечени и не можеше да обуе нормални обувки. Извесно време на едната нога носеше чизма, а на другата кондура. Потоа одеше со искинати обувки, чиј што изглед беше толку лош, така што никој не би се наведнал да ги земе, ако ги најде на патот.

Често си го гребеше лицето со рацете и си ја разбушавуваше косата. Сето тоа им даваше повод на другите да го нарекуваат луд, безумен, прелестен.

Старецот Архип говореше:

„Најдобро е да бидеш глупак, но треба да умееш да станеш таков“

Дури многу подоцна тој им говореше на своите послушници:

„Патиштата кон спасението се многу, и секој оди по својот пат. Отец Игнатиј исто оди по отворен и прав пат. Јероним оди по сокриениот пат на смирението, а јас се сторив глупак и навистина сум таков. Сите патишта се тешки, но не секој може да биде глупак. Тешко е да не се навредуваш кога те жалостат, а треба да трпиш сѐ. Момчињата (млади послушници) ми велат: Архипе, ти си глупак. И јас велам: Глупак сум. Тие велат - го направи тоа не онака како што е потребно. - Простете јас сум глупак, не разбирам“.

Сакајќи да постави стража на својата уста и да не греши со јазикот, Старецот во почетокот на своите подвизи, пред браќата да се соберат на послушание во фурната, си ставаше во устата деланка, додека не свикнал да молчи или да зборува кратко, само за полезни нешта. Кога ќе се зазбореше за душеполезни нешта, тој живнуваше, при што очите започнуваа да му искрат со некаква неземна радост и на устата му се појавуваше насмевка.

Старецот го прекратуваше празнословието на другите со силно произнесување на Исусовата молитва, или пак тераше некого да чита од Светото Писмо. Кога го прашувале нешто непотребно, секогаш одговарал:

„Простете заради Бога, ништо не знам“, и започнувал да повторува со висок глас:

„Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот“.

Воопшто, треба да се каже дека во зборовите, делата, движењето и најмногу во неговото срдечно чувство, секогаш имало страв Божји.

Незлобивоста, простувањето на навредите, доброволното јуродивство и целиот живот на старецот сведочат за неговото длабоко смирение. Во почетокот на своите подвизи во манастирот, тој се раководел од советите на духовникот на братството, јеромонахот Анастасиј, а по неговата смрт се обраќал кај познатиот старец схиархимандрит Илиодор, со кого извесно време живеел во ист ходник. Старецот Илиодор го засака Архип заради неговиот строг живот и смирение, и ласкаво се изразуваше за него. Тој говореше:

„Ете, гледаме образец на жив светија“.

Посочувајќи кон отец Архип, тој не еднаш им говорел на другите монаси: „Тој е еден од древните старци, дојден да живее во наше време“.

Старецот Архип се истакнуваше среде мнозинството со своето трпение. За тоа сведочи дури самиот факт дека остана на послушанието во пекарата цели триесет и три години. Неколку пати му нуделе да го назначат за одговорен над другите, но старецот претпочитал да се потчинува отколку да заповеда.

„Ништо не разбирам, простете ми мене, неразумниот, - велел тој, паѓајќи им во нозете, - назначете некој друг“.

Расофорни послушници, кои стапиле во манастирот десетици години по него, станувале началници, а тој, мантијниот монах, покорно им се потчинувал, останувајќи помлад.

Одвај со примањето на голема схима, во 1885 година, беше ослободен од тоа послушание и започна само да го чита Псалтирот за благодетелите на манастирот. Од 1874 година го исполнуваше послушанието читање на Псалтирот во смени.

Но и по своето ослободување од пекарницата, старецот не престануваше доброволно да се труди на своето претходно послушание. Често можеше да биде виден ноќе како меси леб, заедно со послушниците. Кога немало кој да замени некој отсутен брат го замолувале него, и тој без приговор одеше на послушанието во лебопекарницата. Отец Јосиф, одговорниот за пекарата, раскажуваше:

„Еднаш немаше кој да го извади лебот од ноќвите. Отидов кај отец Архип и му реков: “Оче, нема кој да го извади лебот". Старецот скокна и се стрча кон лебопекарата, ги засука ракавите и започна  да го вади тестото со голема срдечност и сила. Сите му се чудевме. Откако ја заврши тешката работа, молкум се одмори и си замина во ќелијата“.

Во 1890 година, како подвижник со висок духовен живот, Старецот беше назначен во блискиот скит да ги прима посетителите, кои бараат духовни совети. Тоа послушание било доста тегобно за строгиот аскет, но тој, навикнат да се потчинува во сѐ, не одбил.

Наскоро беше преместен во далечниот манастирски пчеларник, местото на пустинските подвизи на схиархимандритот Илиодор. Таму немало храм. За старецот навикнат на црковните богослужби, тоа беше големо искушение. Бараше тој и осамување, но не најде. Ту некој брат, ту надворешни лица му доаѓаа за совет. Од таму старецот повторно се пресели во блискиот скит, а по две години пак во пустинката на Илиодор, каде веќе бил изграден храм и започнал да се основа Спасо-Илиодоровскиот скит. Под раководството на старец Архип започна скитскиот живот на глинските монаси, додека не беше назначен скитоначалник - јеромонах. Но и после тоа, до јануари 1896 година, старецот остана во скитот на покој поради болеста и староста, продолжувајќи постојано да биде пример за послушание, смирение и трпение. Зборот покој тука се подразбира само во смисла дека Старецот не го исполнуваше вообичаеното манастирско послушание, но не престануваше да се труди во подвизите, добродетелите и примањето на посетителите.

Тогаш неговиот дар на проѕорливост и силата на молитвите им станаа познати на многумина. Со благослов на игуменот го канеа во манастирската страноприемница и го возеа до манастирските чифлици. Тој се потчинуваше како дете, подготвен на секое послушание.

Како великосхимник Старецот продолжуваше да оди во братската трпезарија, но се воздржуваше од заситување, трудејќи се, впрочем, да не го покажува тоа. Додека сите јадеа, тој сосем бавно, без да брза, каснуваше по малку. Го јадеше лебот во трошки. Не вкусуваше риба и за него не постоеја никакви разрешувања. Не каснуваше ништо до крајот на доцната литургија и понекогаш дирекно од храмот одеше во трпезаријата. Никој не можеше да го натера да го промени тоа правило, а да не зборуваме за нешто поважно. Толку цврст беше подвижникот во исполнувањето на дадениот завет за воздржанието.

Благообразието на неговата душа неволно се оцртуваше и на неговото лице. Тоа сјаеше со бледилото на светото воздржание. За време на постите Старецот беше особено воздржан. Со преминувањето во Спасо-Илиодоровскиот скит, тој го засили својот пост. Започна да се причестува секоја седмица, а ако преку седмицата имало празник и почесто. Затоа секогаш се хранеше со сува храна, без масло. Подвижникот земаше топла храна во саботните и неделните дни, а преку останатото време храната му се состоеше од леб, сурово зеље, краставици, репа, компири. Еднаш во првата седмица од Велиот Пост, кога го виде братот Архип многу ослабнат, братот Леонид му предложи да се поткрепи со храна, но Старецот веднаш побегна од него. Толку се плашеше да го наруши постот.

Беше крајно воздржан и во однос на видот. Воопшто не погледнуваше кон жените, во нивно присуство го насочуваше погледот кон други предмети или надолу. Ако неопходноста го принудуваше да седи со жена, тој седнуваше далеку од неа, ја наведнуваше главата и одговараше на прашањата на својата собеседничка, без да го свртува лицето кон неа.

Поради своето смирение старецот не се сметаше за достоен за почит. Понекогаш се чудел зошто многу луѓе доаѓаат кај него. „Угарката догорува, смртта скоро ќе дојде, безживотен поглед, глупак...“ Така се нарекуваше себеси.

Понекогаш се криеше од луѓето. Еднаш во блискиот скит, кога многу луѓе се беа собрале пред неговата ќелија, Старецот излезе низ прозорчето, а ќелијникот им соопшти дека едноставно го нема. Една почитувачка по секоја цена сакала да го види во време кога не прима никого. Отстапувајќи пред нејзината настојчива молба, Старецот си стави тежок железен крст, ја отвори вратата на ќелијата и ѝ рече:

„Ете како живеев, ете го каменот, еве како се молам: Божја рабиња, Божја рабиња, Божја рабиња...“. При тоа се крстеше и очигледно се трудеше да изгледа безумен.

Високите гости, додека да стигнат до старец Архип, понекогаш беа придружувани од некого од браќата. Тоа го вознемируваше смирениот подвижник, и тогаш наместо совети изговараше разни непријатности, при што мнозина остануваа зачудени во однос на ласкавиот старец, кој не умее да поврзе два-три збора во смислена реченица.

Еднаш во манастирот беа пристигнале високи гости. Н. ја пофали пред нив проѕорливоста на старецот Архип и меѓу другото им рече:

„Тој дури ќе ги одгатне вашите имиња“.

Старецот навистина нарекувал некои поклоници по имиња, без да ги познава и гледајќи ги за прв пат. Кога тие високи гости заедно со Н. влегоа кај старецот, тој се обрати кон еден од нив и го праша: „Петар ли се викаш?“ „Не“, -„Иван?“. „Не“. Старецот го нарече и вториот гостин со слични имиња а потоа со насмевка се обрати кон Н. и го запраша: „Е, виде ли, одгатнав ли?“

Еднаш старецот им рече на посетителите:

„Вие сте образовани а јас сум речиси неписмен. Што да ви кажам? Молете се на Бога. Убаво е што ја посетивте нашата обител. Како се викате? Да се помолиме“.

И започна да се моли со поклони:

„Спомни го Господи, Твојот слуга (името), спомни, Господи...“

И така десет пати.

„Дари му, Господи, здравје и спасение... Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј нѐ! Пресвета Богородице, спаси нѐ!“

И повторно направи неколку поклони. Заедно со него се молеа и сите присутни. Молитвата на Старецот секогаш избавуваше од несреќи.

Смирениот подвижник, кој ја одбегнуваше секоја слава, имаше и смирена ќелија. Во неа немаше никакви украси. Имаше икони со кандилца пред нив, аналој со Следовен Псалтир, маса, стол, табуретка и кревет. Сето тоа беше старо и најобично. На креветот имаше плетено килимче и добро наполнета торба, наместо перница. По исцрнетите ѕидови во безредие беа заковани листови хартија со различни големини со молитви и изреки. Сета грижа на Старецот беше, не за надворешното уредување на живеалиштето, туку за внатрешното украсување на душата. Во последните години неговата ќелија имаше малку подобар изглед, но само поради тоа што неговите ќелијници ја чистеле, а тој не се мешаше во ништо. Неговите обожаватели се трудеа да му обезбедат некоја удобност во неговата немоќ и му испраќаа, кој мека фотелја, кој килимче... За да не ги навреди ако ги одбие, тој примаше сѐ со благодарност, но, навикнат на простота, чувствуваше тежина од сето тоа.

Целото време во кое не беше во храмот или на послушание, старецот го минуваше во молитва или во читање на Светото Писмо.

Ако некој брат дојдеше кај него, тој го тераше да прочита по една до две глави од Апостолот, или Евангелието, или катизма од Псалтирот. Понекогаш самиот одеше кај некого од оние што живееја во неговиот ходник и го замолуваше да му почита од Псалтирот или Евангелието. Освен тоа сакаше да чита или да слуша акатисти од Киево-Печерскиот Патерик, од кои првенствено житијата на Марк Пештерник, Пимен Многустрадалниот и Прохор Лободник. Често задолжуваше некого да го чита акатистот на свети Тихон Задонски. Старецот чувствуваше умиление кон светителот, особено заради тоа што се поклонил во нозете на јуродивиот, кој што го удрил. Тој го поддржуваше смирението на светителот и исто така паѓаше во нозете на своите оскрбители, барајќи прошка од нив,

Сакајќи да ја искористи секоја минута во служба на Бога, Божјиот старец се трудеше колку што е возможно помалку време да употребува лично за себе, за ручек, вечера, чај. Спиеше малку. Додека живееше во манастир, во повеќето случаи спиеше седнат на тесната испакнатина на печката, а за да не падне повлекуваше едно јаже и се држеше за него. Понекогаш спиеше седнат на стол.

Во младоста не ги сакаше парите и како монах остана верен на заветот за нестекнувањето. Кога неговиот роден брат му испраќал малку пари или кога некои од посетителите му давале пари, тој не го приврзуваше срцето за нив, туку ги трошеше за чај, за честење на браќата кои доаѓаа кај него за духовен совет, за билки, ги раздавал на поклониците и за потребите на обителта. Тој никогаш не ги стави под клуч парите. Оние што живееја близу до него, секогаш знаеја каде се наоѓаат. Ги ставаше во пукнатините на ѕидовите од ќелијата, во аглите или на подот, и не го криеше тоа. Еднаш го стави паричникот во една пукнатина и одозгора ја премачка со тесто. Можеби и во тоа, како и во сите негови постапки, имало наравоучителна цел.

Знаејќи дека оној што страда со телото престанува да греши, Старецот, со цел да го сочува блаженото бестрастие, без никакво самосожалување се измачуваше на разни начини и кога беше тешко болен не превземаше никакви мерки за оздравување, туку напротив, како да бараше начин да си нанесе поголема штета на своето здравје. Тоа се случуваше кај него, не од небрежност кон животот туку поради целосна надеж во Бога, без Чија што волја ни влакно од главата на човека нема да падне. Грижејќи се, доколку е возможно, да го одржува здравјето на подвижникот, игуменот во 1895 година го благослови да ги стопли своите болни нозе во бањата. Откако стапи во манастирот пред четириесет и три години, Старецот немаше влезено во бањата и не е познато дали некогаш ја користел, но не се осмели да не го послуша својот пастир. Ќелијникот неволно изрази восхитување, велејќи: „Голку години не сте влегле во бања!?“ -„А послушанието?... Отецот игумен благослови“ - рече старец Архип.

При расоблекувањето, ќелијникот забележал дека Старецот е препашан со бело дебело јаже. Голем јазол од тоа јаже го притискал стомакот на подвижникот. Ќелијникот потоа раскажа:

„Ми беше жал да го гледам отецот. Телото му беше многу исушено, како скелет, со оптегната кожа врз него“.

Понекогаш преку зимата, во студот, веќе како прославен подвижник во далечниот скит, старецот Архип застануваше со своите болни нозе во снегот до колена и говореше:

„Еве ти сега, на ти сега! Така ти треба! Не сакаш ли? Стој таму!“

Така го прекоруваше своето тело, кое се противи на потребите на духот.

Кога требаше да оди на послушание од скитот во манастирот, замолуваше да впрегнат коњ, а самиот одеше пеш или дури трчаше. Го впрегнуваа коњот и ќе го добркаа донекаде, а тој ќе легнеше во снегот или во калта, одвај дишејќи.

Уште поголема ревност имаше и во однос на посетувањето на Божјиот храм. Тој изучуваше сѐ Божествено не на зборови, туку со трудови, бидејќи добро знаеше дека при излегувањето на душата од телото, од него ќе побарат дела, а не зборови. Пред стапувањето во манастир, тој брзаше кон храмот при првото биење на црковната камбана - ништо не можеше да го задржи дома. Уште повеќе постапуваше така во манастирот, ако беше слободен од послушанието. По ослободувањето од задолжителното послушание во лебопекарницата, Старецот секогаш беше во црквата, сѐ додека храмот беше отворен. Може да се каже дека тој живееше повеќе во храмот отколку во својата ќелија. Од дванаесет часот и триесет минути по полноќ, до три-четири часот наутро, тој беше на утрена, а на празниците на сеноќно бдение од седум вечерта до шест часот наутро, без прекин.

Преку денот се наоѓаше таму од рано наутро до ручек, додека не се отслужеле две Литургии, акатист и не поминат сите треби; еден час за вечерната, еден, а понекогаш и повеќе за повечерието. Немало случај старецот да се успие за утрената или да не достои до крајот. Дури и да имало исклучоци, тие не биле по негова вина. Никој не го видел Божјиот старец да разговара или да се смее во храмот, а секогаш бил внимателен. Тој навистина работеше на своето спасение со страв и трепет. Имаше случаи кога се разболуваше и одвај можеше да оди, но дури и ползејќи, како што велел за него еден почитуван старец, сепак се упатуваше кон црквата. До самата смрт ја сочува ваквата ревност кон Божјиот храм.

Во однос на богослужението беше строг и кон најблиските и кон своите ученици. Ги водеше по тесниот пат на напорноста, трпението и смирението. Кога како послушание му беше благословено да прима посетители, му беше назначен ќелијник. Понекогаш некој од браќата живееше кај него. Тој ги благословуваше да вршат сѐ што е неопходно, без да бараат постојано благослов, освен во некои случаи, и бараше постојано да се зафатени со нешто. Ако видеше дека некој безделничи беше незадоволен и веднаш му одредуваше некаква работа.

Отец Архип бил старец првенствено на глинските великосхимници. Ќе дадеме неколку примери на взаемниот однос со неговите ученици. Еднаш отишол во болницата при својот ученик схимонах Варнава и го прашал зошто не оди на црква. Тој се правдал со заболување на нозете.

„Треба да се самопринудуваме“ - забележал старецот и му ги покажал своите нозе. Според описот на еден монах, кој бил присутен таму, нозете му биле толку отечени, дебели како греди, со светло црвена боја и во рани. Било страшно човек да ги гледа.

Додека бил на послушание во лебопекарницата, старецот Архип повеќе од дванаесет години му се потчинувал на монахот Лонгин, а кога Лонгин примил голема схима со името Лука, станал негов старец. После тоа тие живееле заедно во блискиот и далечниот скит и си помагале еден на друг да врват по тесниот пат. За луѓето однадвор и за оние што не го разбирале нивниот сокриен подвиг, заемните односи меѓу двајцата старци наизглед биле речиси непријателски, но тоа било своевидна духовна мудрост. Старецот Архип ги посетувал службите без пропуштање а схимонахот Лука, исто така ревнител на богослуженијата во манастирот, со преместувањето во Спасо-Илиодорскиот скит се однесувал како да е во затвор и не секогаш го посетувал Божјиот храм, а ги читал сите служби во својата ќелија. Старецот Архип говорел: „Јас одам на црква, а Лука не оди. Ќе видиме кој од нас ќе добие“, Схимонахот Лука исто така наоѓал што да каже за Старецот. Зад вообичаените слабости на осудувањето и префрлањето еден на друг (а не на трети лица), тие ги криеле своите добордетели. Неопитните се соблазнувале од тоа, ја ваделе на јаве нездравата состојба на својата душа и бивале излекувани или од сопствената совест или од самите старци.

Така на пример, еднаш Старецот го видел отец Лука, кој се приближувал и рекол: „Глувиот доаѓа!“. Братот кој се наоѓал кај старецот започнал да го осудува отец Лука.

„Јас зборувам, но ти не можеш да зборуваш за него. Тој се наоѓа повисоко од мене“ - му забележал на братот Старецот и го натерал да прави поклони. Отец Лука навистина бил голем Божји подвижник. Глувоста не му била еднаква. Тој воопшто не слушал кога го прашувале или зборувале за неполезни нешта. Преку глувоста подвижникот го криел подвигот на молчанието. Меѓу записите останати по смртта на отец Лука, била и следната белешка:

„Најкраткиот пат кон добродетелта е молчанието, затворањето на очите и глувоста“.

Еднаш отец Лука отишол преку ноќта кај својот Старец, паднал во неговите нозе и побарал прошка, а старецот Архип паднал во нозете на својот ученик. Така тие неколку пати паѓале еден на друг во нозете. Старците му забраниле на ќелијникот, умилен од нивното смирение, да не кажува никому за тоа. Еднаш Старците минувале покрај иконата на светите Митрофан и Тихон Воронежски, кои се наоѓале на надворешниот ѕид од соборниот храм. Старецот Архип рекол: „Прави поклони“. Отец Лука: „Какви?“ „Земни“. „Колку?“ „Три“. „Оче, придржи ми го стапот“. Старецот Архип го зел стапот, а отец Лука пред очите на многубројните поклоници направил земни поклони заради послушанието кон својот Старец.

Молитвата на понизен, вели Божјото слово, низ облаци ќе мине (види Сир. 35, 17). Молитвата на смирениот старец Архип за другите била дејствителна пред Бога. Еве само еден пример.

Младиот послушник Петар го замолил Старецот да се помоли да ја види на сон задгробната состојба на сѐ уште живите свои роднини. Старец Архип му одговорил: „Ќе ја видиш, не спиј до дванаесет часот“. Кога заспал после полноќ, братот Петар ги видел татка си, мајка си, и останатите роднини како се вселат во убава куќа, а баба му во тоа време се карала, била мрачна и црна. Послушникот му го раскажал својот сон на Старецот. Тој му наредил да се моли четириесет дена за баба си, а на неа ѝ заповедал да се затвори четириесет дена и да пости, за да го одбегне учеството со грешниците после смртта.

Од 1890 година на старецот како свето послушание му беше благословено да прима надворешни посетители. Му беше тешко да ја замени беседата со Бога со беседа со луѓе, но, покорувајќи се на волјата на својот ава, го прими наложеното послушание како одредено од висините.

Во последните години од својот живот беше исклучително слаб, особено во нозете. Изгледаше дека секој момент ќе умре, но при првите удари на клепалото смогнуваше последни сили и не одеше туку трчаше кон богослужението, давајќи им на останатите пример, како монахот треба да брза за црковната служба. „Штом ќе удри клепалото за црква, трчај како на пожар“ им говореше тој на другите. Наоѓајќи се во далечниот скит тешко болен, тој лежеше и одвај дишеше. Но, ете, го удираат клепалото за богослужба, а тој му вели на својот ќелијник: „Води ме, води ме!“ И одеше одвај движејќи ги нозете, поткрепен од ќелијникот. При тоа се самопрекоруваше за својата неспособност.

Во последната година Старецот го носеа до храмот. Тој не можеше да стои, а седеше или лежеше, но не сакаше да остане во ќелијата за време на богослужбата. Воопшто, Божјиот старец се самопринудуваше кон секое добро дело. Преку благочестието ја победуваше мрзливоста, а со молитвата, трпението и трудот го прогонуваше унинието, кое е вообичаена појава на долгиот монашки пат.

Големиот старец се упокоил во петок, на 27 септември 1896 година.

Од духовните поуки на старец Архип

„Бог подготвил ѕвездички за сите нас, а од нас зависи дали ќе ги добиеме“.

***

 Под ѕвездички старецот ги подразбирал рајските населби на светиите.

***

 Старецот имал тежок железен крст, тежок пет фунти, со тежок железен синџир. Понекогаш го ставал на себе или на други, откако ќе кажел: „Крстот е тежок но спасителен“.

 ***

Во далечниот скит, еднаш по вечерната, старецот легнал на подот од храмот со главата во аголот и не станувал. Братот Иван му рекол: „Оче, тука е тешко“. - „За моите гревови и тоа е малку“ - одговорил подвижникот.

***

 Понекогаш старецот давал особени уроци по труд и трпение. Една есен тој го повикал отец Н. да му помогне да ја малтериса ќелијата. За малтерисањето на ѕидовите тој не земал глина туку кал, која што се наоѓала до самата ќелија. Калта не се залепувала и паѓала. Доста се потрудиле и на крајот Старецот рекол: „Ќе појдам да ставам самовар“. И откако го оставил монахот да работи, заминал. А монахот си помислил: „Рацете мрзнат, калта не се лепи, залудно се трудиме, Старчето ќе направеше подобро ако повикаше мајстори. Тие ќе сработеа сѐ како што треба“. Во тој момент Старецот го поканил на чај и му рекол: „Рацете мрзнат, калта не се лепи...“ и повторил сѐ што си беше помислил отец Н. Потоа додал: „Божји рабу, не скрби. Божјата Мајка гледа и ќе го запише секој твој чекор, ништо нема да се изгуби“. После тоа престанале со работа. Келијата останала немалтерисана. За Старецот, како што се гледа, не било важно дали ќелијата ќе се малтериса туку урокот.

***

 Старецот му ги посочил на еден послушник светителите Митрофан Воронежски и Тихон Задонски како примери за поддржување. Тој му рекол:

„Нема да те спаси ученоста туку послушанието и смирението“

***

Старецот дури до смртта имал недоверба кон сопственото расудување. Иако веќе бил прославен подвижник и старец, раководител во духовниот живот на глинските схимонаси, давајќи поуки на другите, тој не престанувал да прашува: „Така ли сум рекол?“ И при тоа додавал: „Ништо не знам“

***

Кога осудувале некого пред него, тој обично велел: „Тој е погоре од мене“.

***

Еднаш преку летото еден послушник иконописец ја иконописал одвнатре топлата црква. Старецот влегол таму. Послушникот си помислил: „Убаво би било ако старецот ми каже нешто полезно“, Старецот му се доближил и му рекол:

„Ние не можеме да се подвизуваме и да постиме како древните. Ајде да јадеме, да се трудиме и да се смируваме, и Бог ќе нѐ помилува“.

***

Еднаш за време на богослужението во скитскиот храм, Старецот се доближил до монахот Г. и му рекол: „Не скрби“. А потоа го прашал: „Не скрбиш ли?“ - „Е, ќе има скрби, само ти не скрби, сѐ на светот се преобраќа и менува. Подобро е да се откажеш од старешинството“. Откако го рекол тоа се вратил на своето место и си ја наместил правилно својата схима, која пред тоа му била ставена наопаку.

По извесно време го симнале отец Г. од старешинството и го назначиле на друго послушание.

***

Еден благодетел на Глинската обител и покрај одминатата возраст одел со јакна и носел штиркана кошула. Старецот му рекол: „Наместо јакна облечи долг џемпер и препашај се со појас. Носи нормална облека. Зошто се дотеруваш? Ти си возрасен човек - треба да се подготвуваш за смртта“.

***

И покрај исклучително тешкиот начин на живот, старец Архип не само што секогаш бил благодушен, но и движен од љубовта кон ближниот, ту рано наутро, ту доцна навечер се појавувал на едно или на друго место, за да ги утешува несреќните и малодушните.

„Чуден ни е тој, - рекол за старецот скитскиот монах отец В. - самиот одвај оди, а кога има потреба да утеши некого, ќе дотрча весел, ќе запее за победата над смртта, ќе го охрабри со збор. Штом ќе го видиш, неволно самиот се охрабруваш“.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ЕПИХАРИЈА

Христовата маченичка Епихарија живееше во Рим, за време на царувањето на Диоклецијан. Епархот Кесариј нареди да ја фатат и да ја доведат кај него на суд. Заради цврстото исповедање на името Христово, ја обесија и стругаа, па потоа четири војници ја тепаа со оловни чекани. Но, со нејзината молитва тие беа поразени од ангел. После сите мачења, кога ја доведоа на местото на погубувањето и таа застава на еден камен, од каменот потече силна вода. Потоа ѝ ја отсекоа главата со меч. Така света Епихарија ја предаде својата душа во рацете на Бога, од Кого доби венец на мачеништвото.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ГИМНАСИЈ

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ АПОСТОЛИ: МАРКО, АРИСТАРХ и ЗИНОН

Овие свети апостоли беа од Седумдесетмината. Свети Марко, викан поинаку и Јован, во домот на неговата мајка Марија во Ерусалим се собирале светите апостоли на молитва (ДА. 12, 12). Беше поставен од светите Апостоли за епископ на градот Вивлос, и беше многу ревносен во проповедањето на Евангелието. Толку Му угоди на Господа и Му стана близок и мил, што самата сенка од неговото свето тело ги исцелуваше болните.

Свети Аристарх беше сопатник, соработник и созатвореник на свети апостол Павле (Кол. 4, 10; Флм. 24). Беше епископ во Апамеја Сириска. Според начинот на исхрана овој свет апостол се истакна како втор Јован Крстител, зашто се хранеше само со овошни дрвчиња, гранчиња и див мед. Носеше кожена наметка. Откако стана епископ во Апамеја, свети Аристарх сите тамошни неверници ги обрати кон познанието на Христовата вистина и вера.

Свети Зинон или Зина, ученик и сотрудник на свети апостол Павле, се спомнува во посланието до Тит (3, 13), и беше поставен од свети апостол Петар за епископ во Диоспол. Беше живеалиште на Светиот Дух и многумина ослободи од идолопоклоничката заблуда. Овие тројца свети Апостоли мудро и богоугодно ги раководеа своите духовни чеда, и многу го умножија талантот даден од Бога. Најпосле отидоа кај Господа, за во Царството Небесно да уживаат во радоста и блаженството на својот воздљубен Господ.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ИГНАТИЈ

Овој преподобен живееше во Кападокија, за време на царувањето на Никифор Фока и Јован Цимискиј. Од рано детство посветен на Бога од страна на своите родители како втор Самуил, тој отиде во манастирот викан Длабок Поток и го изучи сето подвижништво од преподобниот Василиј, игуменот и ктитор на оваа обител. Бидејќи стана совршен во доблестите, постепено беше произведен за чтец, ипоѓакон, ѓакон и презвитер. Потоа беше унапреден и за игумен на истиот манастир. Тој многу стори за својата обител. Ја прошири, ја украси и збогати, и во неа подигна три цркви: на свети Архангел Михаил, на светиот Боговидец пророк Илија и на светите Апостоли. Освен тоа, околу својата обител изгради цврсти и убави бедеми.

Еднаш кога отиде во Цариград, тој набави некои скапоцени црковни работи, крст и свето Евангелие, и сето тоа го испрати во својот манастир по еден од браќата кој беше со него. Откако се задржа уште некое време во Цариград, тој се разболе од срцебол, па побрза назад во својата обител. Но, кога стигна до градот Амореја се упокои и беше погребан во еден храм од тој град. А кога измина една година, отците од неговата обител решија да го пренесат неговото тело во својата обител. Кога го отворија гробот, тие го најдоа неговото тело целосно и нераспаднато и од него излегуваше прекрасен мирис. Потоа чесно го пренесоа во својот манастир и го положија во црковната паперта, славејќи Го Бога, прекрасниот во светиите Свои.

СПОМЕН НА СВЕТАТА НОВОМАЧЕНИЧКА АКИЛИНА

Света Акилина беше од селото Закливера во околината на Солун. Еден ден нејзиниот татко при една расправија го уби својот сосед турчин. Месните власти го фатија и го одведоа во Солун кај пашата да го погуби, но пашата му го поклони животот, бидејќи се согласи да се потурчи. Во тоа време Акилина беше мало девојче. По долго време откако нејзиниот татко се потурчи, и Акилина наполни осумнаесет години, турците започнаа да вршат притисок врз него и Акилина да ја потурчи. И потурчениот татко започна да ја присилува својата ќерка, но мајката ја подржуваше во верата Христова. Таткото и понатаму настојуваше за турците да не му досадуваат, а Акилина, горејќи со љубов кон Христа, благо му рече:

- Зарем јас сум малодушна како ти, па да се одречам од мојот Творец и Создател Господ Исус Христос, Кој заради нас претрпе крст и смрт? Тоа никогаш нема да го сторам. Еве, подготвена сум на секоја мака, па и на смрт од љубов кон мојот Христос Господ.

Така зборуваше вистинската ќерка на Небесниот Цар Христос. Кога ја виде нејзината непоколебливост, потурчениот татко ги извести турците за тоа. Тие веднаш испратија луѓе по неа, да ја доведат на суд. Кога ги виде испратените, нејзината благоразумна мајка започна да ѝ зборува на Акилина:

- Моја премила, ќерко. Еве, дошол часот за кој ти зборував. Послушај ме и јуначки држи се во маките што ти предстојат, и немој да се одречеш од Христа.

Акилина низ солзи ѝ одговори:

- Не плаши се, мајко моја. Јас имам иста желба и иста цел, само Бог нека ми биде на помош. Моли се за мене, мајко.

Испратените слуги ја врзаа маченичката и ја поведоа на суд, а загрижената мајка одеше по неа. Акилина ја внесоа во судот, но мајката не ја пуштија внатре. Судијата ѝ рече на Акилина да се потурчи, но таа одлучно му одговори дека нема да го стори тоа, и дека никогаш нема да се одрече од својот Господ. Тогаш судијата се разјари и нареди да ја расоблечат само на една кошула, да ја врзат за столб и да ја тепаат со стапови. Тоа беше сторено. Двајца слуги ја тепаа долго време, но таа јуначки трпеше.

Потоа судијата со други турци ја изведе светата маченичка пред себе и започна да ја опсипува со ласкања, ветувајќи ѝ многу почести и подароци, само да се одрече од својата вера. А еден многу богат властодржец ѝ рече:

- Потурчи се, па ќе те земам за својот син.

Света Акилина му одговори:

- Ѓавол нека ве носи и тебе и твојот син.

Поради овие зборови светата маченица страотно беше тепана, така што и кошулата и ја испокинаа. Тогаш судијата ѝ рече:

- Зарем не ти е срам, гола да те тепаат пред толку многу луѓе? Или потурчи се или сите коски ќе ти ги сокршам една по друга!

Маченичката одговори:

- Никогаш нема да се потурчам, вашата вера никогаш не може да Го замени мојот Господ Христос.

Бесни од гнев на ваквиот одговор, Турците повторно толку немилосрдно ја тепаа, што ѝ ги сокршија коските, месо ѝ отпаѓаше, нејзината крв ја залеа земјата и ја оставија како мртва. Тогаш еден христијанин ја зеде, ја однесе и ја извести нејзината мајка. Мајката дотрча, ја прегрна својата ќерка, која беше на издивнување, и ја праша:

- Што си сторила, чедо мое?

Маченичката одвај ги отвори очите и ѝ одговори:

- Што можев да сторам, мајко, освен тоа што ти ме посоветува? Ја сочував својата вера.

Мајката ги крена своите раце и очи кон небото и Му заблагодари на Господа. Притоа светата маченичка ја предаде својата душа во рацете Божји, и доби венец на мачеништвото. Нејзиното сечесно и свето тело веднаш започна да излева од себе толку чудесен и силен мирис, што се чувствуваше по целиот пат, по кој што ги носеа нејзините мошти на погребение. Следната ноќ дојде светлина од небото, како најсјајна ѕвезда, и го осветли гробот на светата маченичка. Христијаните кои го видоа тоа Го прославија Бога, Кому слава и сила низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ФИЛИМОН епископот и ФОРТУНИЈАН

Овие маченици заедно пострадаа за љубовта и верата Христова. Фортунијан најверојатно бил клирик на светиот епископ Филимон.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ГАЈАНА

На оваа света маченичка ѝ ги запалиле плеќите. Така пострадала за Господа Христа.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ПЕТНАЕСЕТ МАЧЕНИЦИ

Овие свети маченици беа натоварени на продупчен кораб, па коработ бил пуштен по морето. Така се упокоиле за својата вера во Господа Христа.

СПОМЕН НА ЧУДЕСНОТО ВИДЕНИЕ И ОНЕМУВАЊЕТО НА СВЕТИОТ ПРОРОК ЗАХАРИЈ, таткото на свети Јован Крстител

Споменот на чудесното видение во храмот и онемувањето на свети Захариј, таткото на Претечата (Лука 1,11-20), се празнува на денешниот ден според Ерусалимската Канонарија (стр. 112). Поопширно за свети Захариј видете под 5 септември.