11. Октомври   (28. Септември)

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ХАРИТОН ИСПОВЕДНИКОТ

Преподобниот Харитон беше од Ликаонската епархија и живееше во градот Иконија. Како благочестив христијанин и одличен во доблестите, тој во времето на злочестивиот цар Аврелијан се истакна како исповедник на името Христово. Кога безбожната царска наредба, христијаните да се присилуваат да им принесуваат жртви на идолите, а непокорните да се убиваат, се распрати на сите страни, игемонот во Иконија го стави под стража Харитон, како најугледен христијанин, кој блескаше со побожноста во доблестите. Тој врзан беше изведен на суд, каде игемонот го праша:

- Зошто не им се поклонуваш на знаменитите богови, пред кои самиот цар и сите народи ги приклонуваат своите глави?

Харитон одговори:

- Сите богови на незнабошците се демони, кои некогаш во својата гордост оделе да се израмнат со севишниот Бог, па затоа биле симнати од небото во адот. Сега пак, тие сакаат безумните и заведени луѓе да ги почитуваат како богови. Но и тие и сите кои им се поклонуваат наскоро ќе загинат и брзо ќе исчезнат како чад. Затоа јас не им се поклонувам, туку Го имам вистинскиот Бог, на Кого Му служам и Му се поклонувам. Он е Создател на сѐ, Спасител на светот, Кој живее вечно.

На тоа игемонот рече:

- Заради овој груб одговор, ти веќе заслужуваш смрт. Како се осмелуваш да хулиш на бесмртните богови, а нас да нѐ нарекуваш безумни и заведени? Сега треба веднаш да ти се отсече главата! Но, бидејќи нашите богови се долготрпеливи и не брзаат со освета, тогаш и јас ќе бидам снисходлив спрема тебе и нема веднаш да те погубам, за да си дојдеш на себе и да се вразумиш. Затоа заедно со нас принеси жртва, за да измолиш прошка за својот дрзок грев. Нашите богови како незлобиви се подготвени да ти простат.

Харитон одговори:

- Ако вашите идоли се богови, тогаш ти не правиш добро штом ми ја простуваш навредата. Секој е должен да ја брани честа на својот бог и да биде ревносен за него. Ако пак не се богови, тогаш ти залудно наредуваш да им се поклонувам. Биди сигурен дека никакви мачења нема да ме разделат од Живиот Бог, и да ме натераат на почитување на нечистите идоли, зашто сум ученик на блажената првомаченичка Текла, која со светлината на мачеништвото заблеска како светило во овој наш град Иконија, упатена на овој подвиг од големиот учител свети апостол Павле, со кој и сега говорам; „Кој ќе нѐ раздели од љубовта Божја?

Неволја ли или тага, или гонење, или глад, или меч, или друга мака?“ (Рим. 8, 35).

На тоа игемонот рече:

- Ако нашите богови не се богови, како што велиш ти, тогаш не би ни дале добар живот, богатство, слава и здравје.

Харитон одговори:

- Се залажуваш, игемоне, со тоа што мислиш дека сето тоа си го добил од твоите лажни богови, кои самите се ништовни и ја имаат само својата гибел. Демоните немаат власт ни над свињите, без допуштање Божјо. И како идолите би можеле да дадат некому нешто, кое што самите го немаат? Тие не можат да ги протегнат своите раце, ни да чекорат со своите нозе, ни да проговорат, ни да гледаат, ни да слушаат, зашто немаат душа. Ако сакаш да ја дознаеш вистината, увери се на дело и ќе ја видиш нивната ништовност. Принеси запалена свеќа кон устата на идолот, па ќе видиш дали ќе почувствува болка. Земи секира и пресечи му ја ногата, па ќе видиш дали ќе се пожали. Тој нема живот, игемоне, нема здив.

Игемонот се разгневи многу и како пијан бесно викна, бранејќи му да зборува понатаму. И веднаш нареди да го соблечат гол, да го положат крстолико на земјата и немилосрдно да го тепаат со жили. Светителот јуначки трпеше, сакајќи да умре за Христа Господа, отколку да отстапи и да живее во беззаконие. Додека го тепаа, мачителот го прашуваше:

- Харитоне, ќе им принесеш ли жртва на бесмртните богови или сакаш уште пострашни маки?

Маченикот му одговараше дека илјада пати би умрел за својот Спасител, отколку да им се поклони на демоните. И толку го тепаа по целото тело, така што внатрешноста му се гледаше. Месо отпаѓаше од неговите коски, течеше крв како поток, и сето тело му стана една единствена рана. А кога најпосле видоа дека е одвај жив, престанаа со тепањето. Мислејќи дека набрзо ќе умре, тие го зедоа на рамења и го однесоа во темницата, зашто не беше во состојба ни да чекори, ни збор да изговори и одвај дишеше. Толку страотно беше изнаранет. Мачителите го оставија во темницата и си заминаа.

Меѓутоа Бог го поткрепи Својот страдалник и брзо му ги исцели раните, така што можеше да рече заедно со Давид: „Нема да умрам, туку ќе бидам жив и ќе раскажувам за делата Господови“ (Псалми 117, 17). Тогаш по втор пат беше изведен на суд, и покажа поголема бестрашност отколку првиот. Со тоа предизвика уште поголем бес кај мачителот, кој нареди со свеќи да му го горат телото, така што целиот го испекоа, а тој се радуваше и поднесуваше сѐ за својот Господ. Потоа повторно беше фрлен во истата темница.

Во тоа време кесарот Аврелијан, казнет од гневот Божји за пролевањето на христијанската крв, умре. На патот помеѓу Византија и Ираклија, тој првин беше заплашен од небото со страотни грмотевици, кои ја претскажаа неговата блиска смрт, а потоа, во текот на истото патување на морничав начин беше убиен од своите домашни. Така бедно го заврши својот земен живот. По неговата смрт престана гонењето на христијаните и затворениците Христови беа ослободени од заточеништвото, оковите и темниците. Царот Тацит, кој стапи на престолот по Аврелијановата смрт, поучен од неговото загинување испрати наредба низ целото царство да бидат ослободени сите христијани. Тој се плашел да не пострада како Аврелијан, ако биде лош спрема нив. Тогаш настапи голема радост за правоверните: затвореници се ослободуваа, прогонети се враќаа, свештеници и мирјани и сите кои се криеле од мачителите излегуваа од пустините и пештерите и поздравувајќи се еден со друг ликуваа заради мирот во Црквата. Тогаш и преподобниот Харитон Исповедник беше пуштен од темницата. Но, тој не се радуваше што не пострада до крај, зашто повеќе сакаше својот маченички венец да го заврши со страдање, отколку да остане жив. Помило му беше да умре за Христа, отколку да биде пуштен на слобода. Но, промислата Божја му го продолжи животот за корист на многумина, за да не излезе сам пред Бога во небесните живеалишта, туку со собор доброволни маченици.

Од тоа време со рани украсениот војник Христов се одрече од светот и сѐ световно, го зеде својот крст и тргна по тешкиот пат и стана жив мртовец. Мртов за светот, но жив за Бога. Сиот се претвори во Него и се сораспна со Него. А за Неговите Божествени страдања постојано да ги има пред очите, тој отиде во Ерусалим, каде што нашиот Господ ја положи на крст Својата душа. По патот во близина на Ерусалим го нападнаа разбојници, кои немаше што да земаат од него, па го поведоа во својата пештера, со намера да го убијат. Сепак не го убија, зашто побрзаа на пат за да ограбуваат други патници, а свети Харитон го оставија врзан во пештерата, каде тој Му благодареше на Бога, подготвен да ја прими секоја смрт, која со допуштање Божјо ќе го снајде и ги исмеваше демоните:

- Знам, ѓаволе, дека се плашиш да се соочиш со мене, па затоа си ги поттикнал разбојниците против мене, и сакајќи да ме попречиш во мојата намера, ти си ми поставил стапица на овој пат. Но знај, проклети, дека со Божја помош ќе те победам. И ако ме убијат разбојниците, јас се надевам дека со милоста Божја ќе го наследам светиот покој Божји, а ти ќе го наследиш пеколот. Јас ќе воскреснам во животот вечен, а ти си мртов со вечната смрт и не ќе има крај на твоето мачење. Покрај тоа, мојот Господ е моќен уште овде да ме сочува жив од разбојничките раце и да ме избави од смртта како што го избави Исак од колење, Момчињата од пештерата, Даниил од лавовите, света Текла од огнот и ѕверовите.

Додека светителот зборуваше, во пештерата се вовлече змија и најде сад со вино и пиеше од него. Откако се опи, го исповрати во садот виното заедно со својот отров и си замина. Кога се вратија разбојниците, тие многу жедни, еден по друг се напија од оној сад и веднаш се отруја. Сите паднаа на земјата и умреа во страшни маки. Така ја добија заслужената казна за своите гревови и на ужасен начин го завршија животот.

Откако се избави од смртта, свети Харитон со помош Божја се разреши од оковите и во таа пештера најде многу злато, кое разбојниците во текот на многу години го беа собрале со своите грабежи. Ова злато свети Харитон го раздаде на бедните, црквите и манастирите, и со остатокот на тоа место го изгради манастирот наречен Фареј, разбојничката пештера ја претвори во црква и собра браќа. Славата за него се пронесе по целата покраина и многумина доаѓаа кај него заради неговиот доблесен живот, се замонашуваа и молитвено тихуваа, добивајќи духовна корист од својот учител и наставник, на чие што живеење гледаа како на светилник и се надградуваа себеси. Тој беше совршен во доблестите и монашките подвизи, ги сакаше постот и воздржанието како слатка храна, имајќи го трудот како одмор и чувајќи ја сиромаштијата како богатство. Притоа беше милостив, гостопримлив, братољубив, кроток, молчалив и за сите многу достапен. Во устата имаше збор со солта на мудроста зачинет, со која постојано ги поучуваше браќата на патот на спасението. Во својот манастир заведе устав да се јаде еднаш дневно, и тоа навечер, и не некоја специјално подготвена храна, туку само леб и вода, и притоа под мерка, за браќата да не ги оптоваруваат стомаците со обилна храна и притоа да станат мрзливи и бавни за полноќно станување на молитва. По молитвата да се занимаваат со ракоделие, строго да внимаваат ниту еден момент да не останат без работа, за ѓаволот, откако ќе го најде монахот незафатен, да го фати во мрежата на гревот, зашто мрзливоста и неработењето се почеток на сите гревопади. Светителот им нареди на браќата да живеат во своите ќелии во молитвено тихување, да не одат од место на место, и да не се собираат на празни разговори, зашто многу сопнувања биваат од празните разговори, како што сведочи Светото Писмо: „Лошите разговори ги расипуваат добрите обичаи“ (1 Кор. 15, 33). Преподобниот исто така ги учеше да ја чуваат чистотата на совеста како зеница во око, да го сакаат сиромаштвото повеќе од златото, и послушно да ги имаат како соработници на спасението: смиреноста, љубовта, трпението, незлобивоста и сите други монашки доблести, да ги стекнуваат како скапоцено богатство и да се збогатуваат со нив.

Откако така ги поучи браќата и го уреди манастирот како што е потребно, преподобниот ги собра сите и најдоблесниот меѓу нив им го постави за пастир. Самиот пак, сакајќи го осаменичкото молитвено тихување и бегајќи од луѓето, одлучи да замине во најдлабоката пустина. Тој имаше благодат да исцелува болести и да истерува ѓаволи. Поради тоа од сите страни доаѓаа кај него луѓе и ги носеа своите болни. Доаѓаа исто така и важни велможи, за да добијат благослов од него, та тој не можеше да има целосно осамено молитвено тихување. Бидејќи му здодеа вознемирувањето, тој намисли да се оддалечи, за да ја одбегне славата од луѓето. Браќата многу го молеа да не ги остава, и кога не успеаја плачеа по него како сирачиња по таткото. Меѓутоа, молитвата на добриот отец, угодна на Бога, не ги оставаше своите чеда, зашто по неговите молитви сите напредуваа во заповедите Господови и како јорговани, посадени во пустина, цветаа со светост. Така, откако се прости со браката, ги благослови и му ги врачи на Бога, преподобниот замина во далечната пустина.

По целодневно патување најде друга пештера во Ерихонскиот крај, се насели во неа и живееше во Бога, славејќи Го ден и ноќ како ангел. Храна му беа билките што растеа околу тоа место, но најмногу се хранеше со словото Божјо, со непрестајната молитва и топлите солзи од срдечна љубов кон Бога, говорејќи од Псалмите: „Солзите ми се леб и ден и ноќ“ (Псалми 41, 4). По некое време Бог го откри и тука пред луѓето, како богатство сокриено во полето. Бидејќи многу тагуваа за неговото заминување, некои од браќата се договорија и појдоа да го бараат својот пастир низ пустината. Откако изминаа многу гори и долини, тие го пронајдоа, бидејќи Самиот Бог сакал искусниот наставник и добар раководител да води и упатува во Царството и многу други покрај себеси. Од тоа време местото на неговото осамеништво стана познато, и кај него започнаа да доаѓаат црнорисци и мирјани, со желба да живеат со него, да го гледаат неговото ангелоподобно лице и да се наситуваат со неговите корисни поуки. И за кратко време се собра немало стадо словесни овци, и беше изграден друг манастир, со ист поредок и устав како првиот. И така растеше и се ширеше славата Божја повеќе во пустите и непроодни места, отколку во густонаселените градови, во кои цветаа беззаконијата и препирањата. Но, отецот не остана долго со своите чеда. Откако го уреди манастирскиот поредок, тој повторно отиде во најдалечната пустина, оддалечена од Текуитскиот крај над четириесет стадии, и угледувајќи се на пророкот Илија и Крстителот се оддалечуваше и бегајќи се населуваше во пустината, чекајќи Го Бога, Кој го спасува (Псалми 54, 4). И одеше од место на место по долините и ридовите, пукнатините и провалиите земни, целосно предавајќи се себеси на Бога. И кој би можел да го искаже неговиот труд во пустината? Само единствениот Бог, Кој ги знае тајните, ги знаел неговите подвизи, ги гледал неговите трудови и за нив му подготвувал небесна награда.

Бидејќи преподобниот долго време скиташе низ пустината, на Бога Му беше по волја овој светилник на доблестите повторно да излезе од пустинското засолниште и со својот живот да ги осветлува сите што сакаат да одат по тесниот пат, кој води во животот вечен. Така тој повторно беше пронајден од некои подвижници во пустината, кои, откако му паднаа пред нозете го молеа да им дозволи да останат со него и да ги поддржуваат неговите благочестиви подвизи. И од тогаш започнаа да се собираат кај него мнозина, кои бегаа од суетниот свет. Така, откако собра браќа и ги поучи во монаштвото, изгради трет манастир, кој потоа на сирски јазик започна да се нарекува Сукијски, а на грчки Стара Лавра. Потоа се искачи на врвот на тамошната планина и се насели високо, во една мала пештера, до која одвај можело да се искачи човек и тоа единствено по многу висока скала. Таму живееше како на столб, оддалечен од земјата и доближен до небесните населби. Од таму како добар пастир, кој стражари, се молеше за своите манастири и работеше на спасението на браќата собрани во нив. Како кормилар на кораб, тој управуваше со толку многу души, зашто и од неговите манастири доаѓаа кај него оние што имаа потреба од духовно раководство. И поживеа тој на тоа место до длабока старост во пост, во молитви и во неискажливи подвизи. Од ден во ден, додавајќи труд врз труд, отец Харитон стана како бестелесен. Тоа место беше безводно и светиот отец не сакаше некој од браќата да се труди да му носи вода оддалеку, а и самиот не можеше да носи поради страшната стрмнина и заради слабоста на своето остарено и многуизмачено тело. Затоа срдечно Му се помоли на Бога да извади вода од каменот, како некогаш за Израилот во пустината. И се случи така. Господ ја исполнува желбата на оние кои Му се бојат, и ги слуша молитвите нивни, та одненадеж од сувиот и цврст камен, со силата Божја потече извор вода. Толку беше моќна молитвата на доблесниот отец пред Бога.

Преподобниот Харитон поживеа совршено во доблестите и како зрел грозд, кој достигнал потполна зрелост, се приближи до својот блажен крај. Известен од Бога за тоа, тој ги собра од трите свои манастири игумените и браќата, кои со неговите молитви и посредство пред Бога се намножија во таа пустина како небесни ѕвезди, и ги извести за своето блиско заминување, велејќи им:

- Јас заминувам од вас, како што ми наредува Господ. Настапи времето што одамна со нетрпение го очекувам, да се разрешам од телото, да отидам и да се јавам пред лицето на мојот Бог. А вие, чеда мои, грижете се за своето спасение, за секој од вас, откако ќе ги одбегне ѓаволските стапици, да се удостои по својот крај да излезе пред Господа и да добие милост од него.

При овие зборови сите се расплакаа и говореа:

- Не оставаш, учителу наш. Не оставаш, пастиру и наставнику. Се гасиш светилнику и водачу на патот наш.

А тој ги тешеше:

- Нашиот Господ Исус Христос вети да биде со нас до свршетокот на светот и Он нема да ве остави. А јас, ако најдам слобода пред Него, ќе Го молам да не ве раздели еден од друг на Страшниот Суд, туку сите да ве постави од десната страна на Себе, и да нѐ собере сите во кругот на Царството Свое.

Браќата го прашаа:

- Што наредуваш, оче, во однос на твоето тело? Каде да го погребеме?

Тој рече:

- Предајте го правот на правта каде што сакате, зашто „Господова е земјата и сѐ што е во неа“ (Псалми 23, 1).

Но тие говореа:

- Не, оче. Ти изгради три манастири и собра три стада, и секој од нив би сакал да ги има твоите мошти кај себе. За да не настанат расправии меѓу нас, сега кажи ни каде да ги положиме твоите мошти.

Тогаш тој им рече да биде погребан во неговиот прв манастир, каде што беше фатен од разбојниците и со благодатта Божја избавен од нив на чудесен начин. Тогаш монасите од сите три манастири го зедоа и го однесоа во неговиот прв манастир. Тука тој им изговори на браќата многу поуки за совршениот монашки живот, и откако им даде мир легна на одарот и ја предаде својата света душа во рацете на Господа, без да искуси никаква телесна болест.

Така се упокои нашиот преподобен отец Харитон, Христовиот маченик, исповедник и добар подвижник. Заплакаа по него сите пустински отци и целата пустина се исполни со плач, за големиот отец и учител, кој како сонце го озаруваше светот. Откако многу го оплакаа, монасите чесно ги погребаа неговите свети мошти, славејќи Го Отецот и Синот и Светиот Дух за навек. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРОРОК ВАРУХ

Свети Варух беше учител и верен пријател на големиот пророк Еремија. Исто како својот свет учител, и самиот Варух, откако се повлече во една пештера, горко го оплакуваше разорувањето на Ерусалим. По извесно време тој излезе од пештерата и со тага присуствуваше на кеменувањето на својот учител, свети пророк Еремија. Свети Варух го прорекол враќањето на Евреите од ропството Вавилонско, пропаста на Вавилон и доаѓањето на Синот Божји на земјата. Се смета дека и тој е убиен од евреите во Египет, како и пророкот Еремија кон крајот на седмиот век пред Христа.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: МАРКО пастирот, АЛЕКСАНДАР, АЛФЕЈ и ЗОСИМ (браќа на ковачот), НИКОН, НЕОН и ИЛИОДОР, ДЕЦАТА и ДЕВСТВЕНИЦИТЕ, и други 30 страдалници со нив

За време на царот Диоклецијан, некој човек Магн, игемон на Антиохија Писидиска, тргнал на лов со војниците. Додека бркале некаков ѕвер, војниците забележале дека ѕверот се засолнил кај Марко пастирот, кој го чувал своето стадо во селото Калитос. Ѕверот започнал да се умилкува околу Божјиот човек Марко. Триесетте војници, кои го виделе тоа и поучени од свети Марко поверувале во Христа и веднаш биле обезглавени. Потоа игемонот го врзал Марко, го довел во градот и повикал тројца браќа ковачи: Александар, Алфеј и Зосим, и им порачал да направат орудија за мачење, за да го измачува Марко. Кога тие започнале да коваат железото се разлеало како вода, а ним им се вкочаниле рацете и тие слушнале глас, кој ги советувал да пострадаат заедно со свети Марко. Така и тројцата ја примија верата Христова и ја откажаа нарачката на игемонот. Затоа тој најпрвин ги подложи на мачење, па потоа ги осуди на смрт. Нареди, та им излеаја растопено олово во устите. Така се упокоија. А на свети Марко му обуја железни чизми и страотно го тепаа, го бодеа со шила, му го отсекоа јазикот, го распнаа на ѕид и најпосле му ја отсекоа главата. Светата глава на маченикот, игемонот Магни ја испрати во идолиштето на својата богиња Артемида. Но, штом ја внесоа сите тамошни идоли испопаѓаа и се испокршија. Кога го видоа тоа чудо, Никон, Неон и Илиодор поверуваа во Христа и беа обезглавени заедно со децата и многу девственици, во местото викано Моромилион (или Тиломилион). Така сите овие блажени маченици примија несвенливи венци на мачеништвото.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ВАЦЛАВ, кралот Чешки

Свети Вацлав беше внук на света Људмила. И како крал се подвизувал во верата слично на големите подвижници и ја утврдувал Православната вера меѓу својот народ. Строго внимавал на судовите при судењето да не пострада некој невин. Според својата ревност кон Христовата вера и љубовта кон ближните, свети Вацлав купувал незнабожечки деца, кои биле продавани како робови и веднаш ги крштевал и воспитувал како христијани. Го превел Јовановото Евангелие на чешки јазик. Ги пренел моштите на свети Вид и на својата баба света Људмила, во Прага. Неговиот брат Болеслав го повикал на гости и го убил во својот дворец. Веднаш потоа Болеслав започнал да доведува германци за свештеници и да воведува служба на латински јазик. Свети Вацлав пострадал во 935 година. Неговите мошти почиваат во Прага.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕВСТАТИЈ

Пострадал за верата Христова посечен со меч.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ИРОДИОН ИЛОЕЗЕРСКИ

Бил ученик на преподобниот Корнилиј Комељски. По смртта на својот наставник отишол на Ило-езеро, во Новгородската губернија, и таму го основал манастирот наречен Озадски-Илоезерски. Се упокоил преподобниот како схимник во 1541 година. Неговите свети мошти почиваат во неговиот манастир.