12. Октомври (29. Септември)
ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ КИРИЈАК ОТШЕЛНИК
Преподобниот Киријак е роден во Коринт од татко Јован, кој бил презвитер на светата Соборна Црква, и мајка Евдоксија. Роден е во последната година од царувањето на Теодосиј Младиот. Неговиот роднина, коринтскиот епископ Петар уште како мал го произведе за чтец во Соборната Црква во Коринт. Киријак сесрдно секојдневно ги читаше божествените книги и Светото Писмо и се восхитуваше како Бог од самиот почеток на светот сѐ премудро уредил за спасението човечко, како во секоја генерација ги удостоил на голема чест и прекрасно ги прославил оние што Му угодиле. Зашто Бог и Авел го прослави заради жртвата, Енох го пренесе во рајот зашто Му угоди, Ное, таа искра на родот човечки заради Неговата праведност го сочува од потопот, Авраам го направи татко на многу народи заради верата негова, покажа дека му е пријатно Мелхиседековото побожно свештенство, го возвелича Јосифа заради неговото целомудрие, во лицето на Јов му даде на целиот свет пример за трпение, Мојсеј го направи законодавец, на Исус Навин му даде сила да ги застане сонцето и месечината, Давид го јави како пророк, цар и праотец на Христа Спасителот, пламенот на Вавилонската печка го претвори во роса за Момчињата. Но најмногу Киријак се восхитуваше и размислуваше за бесеменото зачнување и раѓање на Христа Спасителот, како Дева стана Мајка, зачувувајќи го неповредено Своето девство, како Бог Словото неизменливо стана Човек, со крстот го зароби адот, и, откако го згази заводникот змијата, повторно го внесе Адам во рајот. Додека размислуваше за тоа и ги читаше житијата на Светиите, во блажениот Киријак гореше духот, срцето му го обзеде страв Божји и тој започна да чезнее да ги поддржува угодниците Божји и размислуваше како да отиде во светиот град Ерусалим и таму да Му служи на Единствениот Бог. Обземен со такви мисли, еднаш во црквата ги слушна овие Христови зборови од Евангелието: „Ако некој сака да оди по Мене нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека оди по мене“ (Матеј 16, 24). Тој сфати дека тие зборови се однесуваат на него и веднаш излезе од црквата. Без некому да каже за својата намера, се качи на еден кораб и со надеж во Бога отпатува за Палестина. Киријак имаше осумнаест години кога како втор Јаков замина од татковиот дом заради Бога. Набрзо стигна во светиот град Ерусалим, каде епископ беше Анастасиј. Тоа се случи во осмата година на неговото епископство и деветата од царувањето на царот Лав.
Откако ги посети Светите Места, Киријак дојде кај еден Божји човек, на име Евсторгиј, кој беше изградил манастир близу Светиот Сион. Тој го прими, и Киријак таму ја помина зимата. Додека ги гледаше подвизите на монасите и самиот започна да се подвизува во монашкиот живот и како по скала се искачуваше во доблесниот живот. Тука од многумина слушаше за свети Евтимиј, кој изградил лавра во пустината, и за неговиот совршен живот. Тој многу ја сакаше пустина и затоа измоли од блажениот Евсторгиј да му даде благослов да појде во Евтимиевата лавра. Преподобниот Евтимиј го прими со љубов, провидувајќи ги во него идните дарови Божји, и набрзо со свои раце го облече во схима и го испрати на Јордан, кај свети Герасим кој го беше заменил великиот Теоктист, кој отиде кај Господа. Гледајќи дека Киријак е сѐ уште многу млад, свети Герасим му нареди да живее кај него во општожителниот манастир, и да врши разни послушанија.
Киријак се истакна како подготвен за сите трудови и работеше во кујната, сечеше дрва, подготвуваше храна и секое послушание го извршуваше со благодарност. Дење и ноќе не си даваше одмор на себе и го измачуваше своето тело. Дење сесрдно работеше во манастирот, а ноќе стоеше на молитва и ретко некогаш малку спиеше. Постеше строго и секој втор ден земаше малку леб и вода. А кога се случувало во празничните денови по обичај да вкуси малку вино, тој го разблажуваше со вода, а исто така и елејот.
Преподобниот Герасим многу се восхитуваше на таквото негово воздржание и многу го засака. Тој имаше обичај во Светата Четириесетница да оди во најдлабоката пустина, наречена Рува, каде што понекогаш се повлекувал и преподобниот Евтимиј. Преподобниот многу го сакаше Киријак за неговото големо воздржание и го водеше со себе во пустината. Таму секоја недела се причестуваше со Светите Тајни Христови од рацете Герасимови. Така живееја тие во пустинско молитвено тихување до Цветници и потоа се враќаа во обителта со огромна корист за душата.
По извесно време се претстави преподобниот Евтимиј, за што преподобниот Герасим дозна додека се наоѓаше во својата ќелија. Тој виде ангели Божји како ја носат со радост на небото душата на преподобниот, и веднаш го поведе со себе Киријак, тргна и го најде преподобниот преминат во Господа. Откако го погреба неговото чесно тело, со својот возљубен ученик се врати во својата ќелија.
Девет години по доаѓањето на Киријак во Палестина, големиот угодник Божји Герасим премина од земниот во вечниот живот. Тогаш Киријак имаше дваесет и седум години. И повторно се врати во лаврата на преподобниот Евтимиј, каде што некогаш од неговите раце го прими ангелскиот лик. Во тоа време игумен на лаврата беше Илија. Киријак измоли од него осамена ќелија и започна да живее во неа во молитвено тихување. Во лаврата си најде другар во монахот Тома, голем и совршен постник и кон него стекна голема љубов во Духот Свети. И си беа од корист еден на друг, зашто и двајцата беа полни со благодат Божја. Но тоа пријателство не траеше долго. Волјата Божја ги раздели. Блажениот Тома беше испратен од ѓаконот Фида во Александрија, за да купи некои потребни работи за манастирот. При тоа нему епископот Мартириј му врачи писмо за Александрискиот архиепископ Тимотеј. Кога Тома го предаде писмото, архиепископот го задржа кај себе, откако ја прозре благодатта во него, го хиротониса за епископ и го испрати во Етиопија. Откако отиде таму, Тома ја просвети цела Етиопија, сотвори многу знаменија и чудеса и се истакна како добар пастир.
Лишен од својот добар другар, свети Киријак си даде на себе завет на длабоко молчание, и живееше затворен во својата ќелија како во гроб. Разговараше само со Единествениот Бог. Остана во таа обител десет години и во неа беше ракоположен за ѓакон. Во тоа време и Евтимиевиот и Теоктистовиот манастир имаа подеднакво општожитие и исто уредување, според уставот на великиот Евтимиј. Меѓутоа врагот посеа некои недоразбирања и направи раздор и поделеност меѓу двата манастира. Ожалостен од тоа, свети Киријак отиде во манастирот Сукијски, основан и уреден од преподобниот Харитон. Таму беше примен како искушеник и започна да живее во послушание. Откако помина четири години на разни должности во пекарата и во болницата, нему му беше дозволено да врши ѓаконска служба. По три години, во својата четириесетта година, тој беше поставен за презвитер, а потоа одреден за канонарх. Тоа послушание го извршуваше осумнаесет години. Во тој Сукијски манастир помина над триесет години. Самиот раскажуваше дека додека бил канонарх сонцето никогаш не го видело да јаде, ниту да се гневи на некого. Го зборуваше и тоа дека секоја ноќ застанувал во ќелијата на молитва и го читал и пеел Псалтирот, сѐ до клепалото за полноќното богослужение.
Желен да води уште построг живот, преподобниот Киријак во својата седумдесета година појде во пустината, поведе со себе еден ученик и по многудневно патување стигна во пустината наречена Натуфа, и се насели во неа. Таму немаше ништо за прехрана. Билките во таа пустина беа многу горчливи. Тогаш тој се помоли на Бога, и со вера во Неговата добрина, му рече на ученикот:
- Појди, чедо, набери билки и свари ги. Благословен е Семоќниот Бог, Он со тие билки ќе нѐ нахрани.
Ученикот ја исполни заповедта. И Бог, Кој ги храни сите кои се надеваат во Него, ги претвори горчливите билки во вкусни, и тие се хранеа со нив четири години. При крајот на четвртата година за Киријак слушна од пастирите старешината на комитите од Текуја, па натовари леб на магарето, дојде кај него, просејќи негов благослов и молитви. Откако се помоли, преподобниот разговараше со него за душекорисни работи и го отпушти со благослов. Од тогаш тие започнаа да јадат леб. Еднаш неговиот ученик свари билки без наредба од блажениот старец и кога вкуси почувствува неподнослива горчина, така што едноставно го изгуби гласот. Старецот ја сфати причината за неговата немост, се помоли над него, го причести со Пречистите Тајни и го оздраве. Притоа го поучи:
- Бог не сака да прави чудеса секогаш, туку само во време на наша крајна неволја и потреба. Така, кога ние немавме леб, Бог ни ги заслади билките за да можеме да ги јадеме. А сега ние имаме леб. Зарем има потреба од чудото, горчливите билки да се претвораат во слатки?
Со текот на времето овие лебови беа изедени, и повторно настапи недостиг на храна. Тогаш старецот му рече на ученикот:
- Благословен е Бог, чедо. Набери билки и свари ги.
Ученикот ја изврши наредбата, но кога требаше да јадат тој не сакаше да вкуси, од страв повторно да не настрада. Старецот го осени варивото со крсниот знак, прв вкуси, а по него и ученикот, гледајќи во старецот се осмели и ништо не му наштети, зашто јадењето беше вкусно како и порано. Од тогаш повторно се хранеа со тие билки.
Во петата година од живеењето на преподобниот Киријак во пустината, за него слушна некој човек, родум од Текуја, и го доведе кај него својот син, кого што во секоја месечева мена го мачел лут бес. Тој го молеше светителот да се смилува и да го истера од него злиот мачител. Преподобниот се помоли за болниот, го помаза со елеј, изобразувајќи на него крстен знак, и го истера бесот. Човекот се врати дома со својот здрав син и на сите им раскажуваше за тоа чудо.
Гласот за светиот се пронесе по целиот тој крај и многумина започнаа да доааѓаат кај него за благослов, за исцеление и за душекорисни разговори. Но, свети Киријак не ја сакаше човечката слава и се повлече подлабоко во пустината Рува. Живееше во неа пет години, хранејќи се со корења од билката мелагрија и млади стебла од трска. Меѓутоа тој и таму беше пронајден. Луѓето започнаа и таму да ги носат своите болни и страдалници од нечисти духови и тој ги исцелуваше сите со крсниот знак и молитвата.
Бидејќи и тука не најде покој за себе, светиот подвижник замина од Рува и се насели во едно пусто и зафрлено место, каде што немаше ниту еден отшелник. Тоа место се викаше Сусаким и беше оддалечено од Сукискиот манастир деведесет тркалишта. Тука некогаш се спојувале две реки, кои потоа пресушиле и од нив останало само длабоко и широко корито. Според мислењето на некои тоа биле реките Итамски, за кои Давид зборува во псалмите обраќајќи се кон Бога: „Ти си ја исушил реката Итамска (Пс. 73, 15). Таму преподобниот помина седум години, водејќи ангелски живот. Но, со допуштање Божјо, во тие краишта настапи глад и помор. Отците на Сукиската лавра, исплашени од тоа, отидоа кај свети Киријак и го молеа да премина во нивниот манастир, зашто веруваа дека ако тој биде со нив, гневот Божји ќе ги одмине. Така и се случи. Преподобниот Киријак започна да живее близу манастирот во отшелничката пештера, во која што живееше преподобниот Харитон.
Во тоа време јакнеше Оригеновата ерес, за чие што искоренување свети Киријак вложи многу труд. Со молитвата и проповедта тој го побиваше безбожното еретичко учење, ги одвраќаше заблудените, а ги утврдуваше верните. За тоа писателот на ова житие Кирил, вели вака:
- Во тоа време јас излегов од лаврата на свети Евтимиј Велики и дојдов во лаврата на свети Сава, кај преподобниот епископ Јован Молчалник. Тој ме испрати кај ава Киријак со писмо, во кое го известуваше за раздорот предизвикан во Светиот Град од страна на еретиците, и го молеше со срдечни молитви да му се обрати на Бога, што побрзо да го уништи високоумието на еретичките водачи Нона и Леонтиј, кои ги повторуваа Оригеновите хули на Христа. Јас отидов во пештерата на преподобниот Харитон, и откако му се поклонив на блажениот Киријак, му го предадов писмото и му реков што прекрасниот Јован Молчалник ми беше наложил. А преподобниот ми рече: „Нека не тагува отецот кој те испратил, зашто наскоро со благодатта Божја ќе го видиме падот на ереста“. И тој ја прорече блиската смрт на Нона и Леонтиј, кои го проповедаа Оригеновото учење. Продолжувајќи го своето поучно слово, преподобниот Киријак ми го докажуваше безумието и заблудата на Оригенистите, и ми кажа дека со божествено откровение е покажана штетноста на оваа ерес и гибелта на заведените од неа. Кога во разговорот дозна дека сум црноризец од лаврата на великиот Евтимиј, блажениот ми рече:
„Значи, брате, ти си од мојот манастир“. И започна многу да ми зборува за свети Евтимиј, во корист на мојата душа. Откако ме нахрани со својата слатка беседа, тој ме отпушти со мир. Наскоро потоа се исполни пророштвото на блажениот Киријак. Водачите на ереста ненадејно умреа, еретичкото друштво се распадна и престана гонењето на православните. Тогаш преподобниот Киријак се ослободи од грижите и повторно отиде во Сусаким, во деведесет и деветтата година од својот живот, и таму помина во молитвено тихување осум години.
Меѓутоа јас повторно посакав да го видам светото лице на преподобниот и да се насладам на неговата слатка беседа. Затоа отидов во Сукиската обител и таму го најдов неговиот ученик Јован. Заедно со него се упатив во Сусаким, кај блажениот Киријак. Кога наближивме до тоа место, нѐ сретна огромен и страшен лав. Јас се преплашив, а ученикот Јован ми рече:
- Не плаши се, брате Кирил, овој лав е послушник на нашиот отец и не им наштетува на браќата што доаѓаат кај него.
И навистина кога виде дека одиме кај старецот, лавот ни се тргна од патот. А кога преподобниот Киријак ме здогледа, ми рече:
- Еве, братот Кирил од мојот манастир дошол кај мене. Откако се помоливме, ние седнавме и започнавме да разговараме. Неговиот ученик Јован му рече за мене:
- Оче, братот Кирил многу се исплаши од лавот.
А старецот ми рече:
- Чедо, не плаши се од лавот. Тој живее со мене и ги чува овие малку билки од дивите кози.
Понатаму во разговорот многу ми раскажуваше за великиот Евтимиј и за останатите пустински отци, кои воделе живот во доблестите. Потоа нареди да ни се донесе да каснеме. Додека јадевме, дојде лавот и застана пред нас. Старецот стана и му даде парче леб, говорејќи му:
-Оди и чувај ги билките.
А мене ми рече:
- Го гледаш ли, чедо, овој лав? Тој не само што ги чува билките, туку ги одвраќа од него разбојниците и варварите. Лоши луѓе многу пати го напаѓаа ова бедно место, но лавот ги избрка.
Јас се восхитував на слушнатото и Го прославив Бога, Кој дивиот ѕвер му го покорил на Својот угодник, како овца. Еден ден поминав со преподобниот, но многу научив. Утредента, откако се помолив, тој ми даде благослов и ме отпушти со мир, наредувајќи му на својот ученик да ме испрати. Кога излеговме, наидовме на лавот, кој лежеше на патот и јадеше див јарец. Ние застанавме, и не смеевме да поминеме покрај него. А тој, кога виде дека стоиме, го остави својот плен, и се тргна од патот, за да поминеме.
Местото каде што живееше преподобниот беше суво, безводно и без кладенец. Затоа блажениот издлаби во камен дупка и собираше преку зимата вода во неа, доволна за неговите потреби и за полевање на билките преку целото лето. Но една година, во месец јули, зафати силна горештина и собраната вода во каменот испари. Тажен поради тоа, светителот се помоли на Бога, говорејќи:
- Боже, Ти во пустината си го напоил жедниот Израил. Дај ми и мене во оваа пустина малку вода, толку неопходна за моето бедно тело.
И веднаш се појави мал облак над Сусаким, каде што живееше преподобниот, и падна дожд околу неговата ќелија и се наполнија сите дупки меѓу камењата. Така Бог брзо го услиша Својот слуга.
Сметам дека е корисно, вели истиот писател на ова житие Кирил, овде да го изнесам и она што ми го раскажуваше ученикот на блажениот Киријак, отец Јован. Додека одевме низ пустината, отец Јован ми покажа едно место, велејќи:
- Ова е живеалиштето на блажената Марија.
Јас го замолив да ми раскаже за неа и тој започна:
- Пред некое време, додека одевме со мојот другар Парамон кај отец Киријак, оддалеку видовме човек како стои и помисливме дека е некој пустиник, па побрзавме да му се поклониме. Но, кога наближивме, тој се сокри од нас. Мислејќи дека е зол дух, ние се исплашивме и започнавме да се молиме. По молитвата се свртевме наоколу, најдовме пештера во земјата и сфативме дека тоа не бил зол дух, туку некој слуга Божји, кој се сокри од нас. Кога пријдовме до самата пештера, ние го замоливме да ни се јави и да не нѐ лиши од своите молитви и корисниот разговор. И слушнавме ваков одговор од пештерата:
- Каква корист сакате од мене? Јас сум грешна и проста жена, А вие, каде сте тргнале?
Ние ѝ одговоривме:
- Одиме кај отец Киријак Отшелникот. Кажи ни, заради Бога, каков живот водиш? Зошто си дошла ваму?
А таа ни одговори:
- Одете кај што сте пошле и на враќање ќе ви раскажам сѐ.
На нашите упорни молби таа започна да ни зборува:
- Се викам Марија. Бев псалмочитачка при црквата на Христовото Воскресение, и ѓаволот многу ме соблазнуваше. Јас се исплашив да не станам причина на нечии лоши помисли и соблазни, и така да ги умножам своите гревови, и затоа срдечно се молев на Бога да ме избави од гревот на соблазната. И еднаш, обземена од умиление и страв Божји, јас отидов во Силоам, наполнив вода и зедов кошничка сув грав, се доверив себеси на Божјата заштита, ноќе излегов од Светиот Град и се упатив кон пустината. Бог благоволи да ме доведе овде и веќе 18 години живеам тука. Досега, со благодатта Божји, ниту ми снема вода во стомната, ниту грав во кошничката. А сега ве молам, појдете кај отец Киријак, завршете ја вашата работа и на враќање посетете ме мене, бедната.
Ние отидовме кај отец Киријак и му раскажавме сѐ што слушнавме од блажената Марија. Тој се восхити и рече:
- Слава Ти, Боже наш! Колку сокриени светци имаш Ти, не само мажи, туку и жени, кои тајно Ти служат. Сега одете, чеда мои, кај угодничката Божја и запомнете сѐ што ќе ви рече:
На враќање ние дојдовме кај пештерата на блажената Марија и ја повикавме:
- Слугинко Божја Марија. Еве, според твојата наредба, ние дојдовме.
Но, одговор немаше. Тогаш го пречекоривме влезот на пештерата, се помоливме, но Марија не ни даде одговор. Кога влеговме внатре, ја најдовме упокоена во Господа. Од нејзиното свето тело излегуваше силен благомирис. Бидејќи немавме со што да ја облечеме и погребеме, се упативме во манастирот и оттаму донесовме сѐ што е потребно. Откако ја облековме блажената, ние ја погребавме во пештерата и го затворивме влезот со камења.
Тоа ми го раскажа отец Јован, а јас се восхитував на таквиот живот на таквата слугинка Божја, и решив да го запишам, за поука на слушателите, а во слава на човекољубивиот Бог, Кој им дава трпение на оние кои Го љубат.
Кон крајот на осмата година од своето живеење во Сусаким, преподобниот Киријак беше веќе многу стар. Имаше 107 години. Тогаш се собраа отците на Сукиската обител и се посоветуваа дека не треба да дозволат таквиот отец да се претстави далеку од обителта, за да не се случи да не дознаат за неговото чесно преставување и да се лишат од неговиот последен благослов. Отците отидоа кај блажениот Киријак и го замолија од Сусаким да премина во пештерата на преподобниот Харитон, која е во близина на манастирот, и во која што живееше порано, додека се бореше со оригенистите. Тој одвај ја прифати нивната молба и се насели таму, на две години пред своето заминување кај Бога.
Јас пак, бедниот, вели писателот на житието, често одев кај него, го радував и добивав голема корист за својата душа од неговите свети беседи и големи подвизи. Иако беше толку стар, тој беше трудољубив и многу подвижен. Никогаш не беше незапослен, туку или се молеше или нешто работеше. Беше многу достапен, проѕорлив, поучлив, правоверен, висок на раст, силен со здраво тело. Беше полн со Духот Свети и благодатта Божја. А кога Господ благоволи после многуте негови трудови да го пресели во небесниот покој, преподобниот се разболе и боледуваше неколку дена. Тој ги повика кај себе игуменот и браќата, ги поучи за спасението, ги целиваше сите и ги благослови. Потоа погледна во небото, ги рашири рацете и се помоли за сите браќа, па ја предаде својата чесна и света душа во рацете на Господа, на 29 септември 557 година. Поживеа 109 години. Браќата многу плачеа за него, и го погребаа неговото свето тело со псалми и пеење, славејќи Го Бога и спомнувајќи ги долгогодишните трудови на угодникот Негов.
И од нас грешните слава на нашиот Бог, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ДАДА (КАЗДОЈ), ГОВДЕЛАЈ и КАЗДОЈА
Во времето на персискиот цар Сапор имаше еден христијанин на име Дада или Каздој, прв големец и роднина на царот Сапор. Тој беше многу сакан и почитуван од царот, кој го назначи за управник на една област во Персиското царство, без да знае дека е христијанин. Таму Дада започна јавно да ја исповеда својата вера во Христа. Тоа му беше доставено на царот, кој го испрати својот прв доглавник Адрамелех да дознае дали е вистина. Откако се увери дека Дада навистина Го исповеда Христа, Адрамелех му напиша за тоа на царот Сапор, кој му возврати и му даде власт над сите христијани од своето царство, да ги казнува штом ќе ги најде. Ова писмено овластување царот му го испрати на Адрамалех, по својот син Говделај.
Штом го прими таквото овластување од царот, Адрамалех заедно со Говделај го изведе Дада на суд. Откако внимателно и подробно го испрашаа, употребувајќи притоа и ласкања и застрашувања, тие најдоа дека тој со сета душа верува во Господа Исуса Христа и сака да умре за Него. Тогаш запалија силен оган и наредија да го фрлат во него. Огнот беше толку страшен и за самите набљудувачи, но јунакот Христов застана пред него, се прекрсти и тој веднаш згасна и од тоа место потече вода. Ова чудо ги запрепасти сите, а царевиот син Говделај го праша маченикот:
- Дада, кој те научи на такви магии?
Светителот му одговори:
- Кога и ти би сакал да го следиш учењето на мојот Учител Христос, Кого јас Го следам, тогаш и ти ќе се удостоиш да вршиш такви чуда.
Говделај го праша:
- Ако поверувам во твојот Христос, зарем ќе можам и јас да вршам слични чудеса?
Маченикот одговори:
- Не само што ќе можеш, туку и ќе царуваш со Христос.
Тогаш Говделај нареди да се запали силен отан, го повика името Христово и огнот веднаш згасна. Кога го виде таквото чудо, принцот падна пред нозете на свети Дада и ја исповедаше својата вера во Христа. А царскиот доглавник Адрамелех веднаш отиде и за сѐ го извести царот Сапор, кој нареди веднаш да му го доведат синот. Кога од неговата уста слушна дека е христијании, заповедаше четири војници да го тепаат со стапови. Војниците малаксаа од долгото тепање, па беа заменети со други четворица. А маченикот Христов, тепан по целото тело, молкум се молеше на Бога, да му даде трпение. И му се јави ангел Господен и го поткрепи и охрабри, говорејќи: „Биди храбар и не плаши се! Јас сум со тебе!“
Потоа светиот маченик беше фрлен во темница, каде остана пет дена.
Наскоро потоа царот му даде власт на некој Гаргал, да им суди и на неговиот син Говделај и на сите христијани во неговото царство. Со негова наредба Говделај беше тепан со воловски жили и сѐ додека го тепаа, тој ја проколнуваше верата на својот татко. Тогаш Гаргал нареди од неговото тело да се одерат два каиши кожа од главата до петите, притоа со потсмев велејќи:
- Сега сигурно ќе дојде твојот Христос да те оздрави.
И тоа навистина се случи. Светиот маченик одеднаш стана потполно здрав. Тогаш Гаргал цврсто го окова и го фрли во темница. Но, оковите сами од себе паднаа и светиот маченик за миг стана здрав. Запрепастен од ова чудо, Гаргал отиде кај царот и го извести за тоа. А тој му рече:
- Убиј го безбожникот! Штом поверувал во Христос, тој повеќе не е мој син.
Ѕвероподобниот Гаргал веднаш нареди да вжештат железна шипка и да му ја провлечат од едното низ другото уво. Кога беше сторено тоа го фрлија во темница, каде што маченикот постојано се молеше. И дојде ангел од небото, му ја извлече шипката од главата и го исцели. Иако го виде здрав, Гаргал не сакаше да се вразуми, туку со остри железни стапови му го раскина телото, при што со потсмев говореше:
- Да видиме дали и сега ќе дојде твојот Христос да те исцели!
И потоа повторно го фрли во темница. И штом маченикот повторно се помоли на Господа, веднаш доби исцеление. Стражарите многу се восхитуваа на тоа и говореа:
- Голем е Богот христијански!
Гаргал уште повеќе се разјари и нареди да му заријат железно ченгеле во рамењата на маченикот и да го обесат за него, па така да го остават од девет часот претпладне до три часот попладне. Додека висеше, маченикот се молеше. Потоа го симнаа и повторно го фрлија во темница. Неговата мајка и сестра му Каздоја сакаа да го видат, но се плашеа од царот, кој, штом дозна дека Говделај е жив, го праша Гаргал:
- Зарем сѐ уште е жив?
Гаргал одговори:
- Да, царе, жив е.
Тогаш царот нареди да му ја одерат кожата од главата, и тоа започнувајќи од вратот и темето, и со неа да му го покријат лицето. Тоа беше сторено. Потоа повторно го фрлија во темница. А тој поднесуваше сѐ и Му благодареше на Бога. Наредниот ден, откако дозна дека маченикот е сѐ уште жив, царот нареди да му ги искорнат сите нокти на рацете и нозете, да му ги извадат сите заби, па повторно да го фрлат во темницата, како пес. Покрај тоа издаде наредба никој да не смее да му даде ништо, ниту пак да влезе кај него.
Меѓутоа неговата сестра Каздоја се осмели и кришум отиде во темницата. Таа му даде вода на својот мил брат, велејќи му на стражарот:
- Ако некој ме поткаже за ова, главата ќе му летне.
Јунакот Христов, на кој душата сѐ уште не му беше зајакната и цврста во верата Христова, бараше од Бога утеха и исцеление. Но, потоа повеќе не сакаше исцеление, туку Го молеше Бога да му даде трпение и храброст во страдањата и желба за страдање. Затоа, кога сето тоа го доби од Бога, со озарување на Светиот Дух, тој самиот, иако сиот во рани, не се исцелуваше себе си, туку се радуваше на исцелувањето на другите. Сите се восхитуваа на тоа.
Во тоа време во темницата имаше еден вражач, на име исто така Гаргал, казнет за многу свои злодела. Додека го гледаше таквото трпение на свети Говделај и необичните чуда што тој ги вршеше во темницата, падна пред неговите нозе и рече:
- Те молам, слуго Божји, спомни ме пред твојот Христос.
Светителот му рече:
- Верувај во Него и Он ќе те избави од сите твои гревови.
Гаргал извика:
- Верувам во Тебе, Господи Исусе Христе.
И му се придружи на свети Говделај.
Утредента мачителот седна на судиското место, ги изведе пред себе обајцата и нареди, та го соблекоа Гаргал и го тепаа со мотки. Тепан, тој погледна во небото и рече:
- Господи, заради името Твое страдам! Поткрепи ме!
Откако го рече тоа ја предаде својата душа во рацете Господови. А пак на свети Говделај му ги здробија нозете. Потоа немилосрдно го гореа, ставајќи му вжештени тули под пазувите, па повторно го фрлија во темница, каде изнаранетите затвореници се помазуваа со крвта од неговите рани, и се исцелуваа и Го славеа Бога.
Кнезот Гаргал не поверува во тоа, но кога по петнаесет дена го изведе од темницата и го виде потполно здрав, се запрепасти и наместо да поверува и да омекне, тој уште повеќе се обездуши и нареди да го фрлат во врел казан со сулфур и смола. Светиот маченик се помоли, влезе во казанот и во тој момент тој се раздели на две и маченикот излезе неповреден. Бездушниот Гаргал тогаш се посоветува со своите доглавници и нареди маченикот гол да го распнат на крст и пред очите на многубројниот народ да го гаѓаат со стрели. Тогаш се случи прекрасно чудо. Не само што светиот остануваше неповреден, туку стрелите пуштени кон него остануваа да висат во воздухот. Тоа чудо ги запрепасти сите. Тогаш оној што го беше посоветувал кнезот Гаргал на ова, самиот ја повлече својата стрела, но Таа се врати назад и се зари во неговото десно око.
Известен за сето тоа, царот ја испрати својата ќерка Каздоја, надевајќи се дека таа ќе успее да го убеди брата си да се одрече од Христа. Но, кога виде што прави тој, и таа стана христијанка, поучена од него во верата Христова. Царот многу се разгневи кога дозна за тоа и нареди да ја положат на земјата и да ја тепаат со стапови. Потоа ја фрлија во темница. Каздоја лежеше во темницата, сета во рани, и му говореше на брата си:
- Брате, помоли се за мене. Не можам да ги поднесам мачењата.
Братот ѝ одговори:
- Нека не се намали твојата вера во Бога. Се надевам во Христа Господа, во Кого ти поверува, дека повеќе нема да дозволи да бидеш мачена.
Царот нареди Говделај да го изведат од темницата, да му ги врзат рацете и нозете, па да го фрлат среде коњско тркалиште, за во текот на ноќта коњите да го разнесат со своите копита. Тоа беше сторено, но со благодатта Христова беше сочуван, а утредента го најдоа неповреден и одврзан. Ова чудо ги порази сите. Тогаш бездушниот мачител вжари ражни и на нив го печеа телото на маченикот. Потоа нареди низ двете раце да му провлечат по една кука и да го обесат за две дрва, оддалечени три аршини едно од друго. Иако така обесен, храбриот јунак Христов не престануваше да се моли и да Го слави Бога. А пак двајцата христијански свештеници Дадиј и Авдиј, кои стоеја таму, кришум ги запишуваа страдањата на светиот маченик, а тој им рече:
- Ако имате можност, донесете ми вода и елеј да се крстам, или пак помолете се на Бога тоа да се случи.
Штом го рече тоа, се појави мал облак над нив, и врз неговата глава се излеаја вода и елеј. При тоа дојде глас од облакот:
- Слуго Божји, ете, сега прими свето крштение.
И веднаш неговото лице заблеска како сонце и од него се ширеше благомирис. Свети Говделај Му принесе слава и пофалба на Спасителот Христос, а свирепиот Гаргал нареди, та целото тело, од главата до петите му го бодеа со остри копја. Неколку часа светиот маченик го трпеше тоа молејќи Му се на Господа, и најпосле ја предаде својата душа во рацете Господови. Тогаш Гаргал нареди да го врзат неговото тело за бесни коњи и да го влечат по каменити места, за телото да му се распадне и целосно уништи. Тоа беше сторено, но сепак остана дел од него. Бездушниот мачител и тој дел го исече на три парчиња и го фрли на кучињата. Меѓутоа споменатите свештеници Дадиј и Авдиј, и ѓаконот Армазадак, ги зедоа овие свети мошти со голема чест. Ги однесоа дома, па откако ги помазаа со мириси ги завиткаа во платно и побожно ги погребаа, славејќи Го Бога. А светиот и славен Дада, подложен на разни маки, најпосле беше исечен на парчиња. Така тој се упокои во Господа. Некои христољубиви луѓе го зедоа неговото исечено тело и го погребаа на чесно и свештено место. А кога гореспоменатите свештеници со верните наредната ноќ вршеа молитва, на полноќ среде нив застана свети Говделај и им рече:
- Браќа, јакнете во Господа. Бидете непоколебливи и не плашете се од оние кои го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат.
Тие многу му се израдуваа, а тој повторно им рече:
- Господ нека ви даде награда за трудот што го вложивте.
И ја наведна својата глава кон Дадиј и му рече:
- Земи го од мојата глава рогот со елеј (односно свето миро) и чесното тело Христово, па појди во царската градина, помажи ја со миро мојата сестра Каздоја и причести ја со светото тело Господово.
Дадиј го зеде тоа и замина. Кога стигна пред капијата на градината му се јави ангел Господен и тој заедно со него влезе, ја крсти Каздоја, ја помаза со миро, ја причести со Светите Тајни и ѝ рече:
- Сега спиј, сестро, до доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос!
И во тој миг ангелот ја зеде нејзината душа и замина на небото. Кога утредента нејзината мајка, ја најде мртва, многу тажна отиде кај својот сопруг, и му рече:
- Сега радувај се, царе, со твоето царство. Го уби мојот син Говделај, откако го стави на безброј страшни маки, како да извршил илјада убиства. А еве, и мојата ќерка Каздоја умре откако ја претепаа со стапови, како да сакала да го убие својот татко. Тешко на твоето свирепо срце! Дали се засити кога ги виде своите деца испоубиени? Но, твоите деца повеќе не се плашат од твојот гнев!
Суровиот и бездушен цар ни најмалку не се нажали и растажи, иако таа му зборуваше низ солзи. Тогаш царицата мајка зеде најскапоцени и најубави мириси, го помажа со нив телото на својата ќерка Каздоја, го завитка во царска порфира и го положи покрај телото на својот свет син Говделај, тивко плачејќи и велејќи:
„Мили мои деца, спомнете ме и мене, вашата мајка, во денот на вашата радост, кога со Христос ќе се радувате, за и јас, бедната, да најдам прошка на гревовите во слава на Христа Бога“.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ТЕОФАН МИЛОСТИВИОТ
Во градот Газа живееше еден богат човек на име Теофан. Тој беше многу милостив и гостољубив, ги примаше и згрижуваше патниците и намерниците и вршеше други добри дела. Извесно време го раздаваше сиот свој имот на сиромашните и страдалните, така што и самиот осиромаши. Но, не зажали што е беден, туку постојано воздивнуваше заради своите гревови. По некое време тешко се разболе од водена болест. Му отекоа рацете и нозете и започнаа да му се распаѓаат, поради што од раните му течеше многу гној. Но, сето тоа тој смирено го поднесуваше, Му благодареше и Го славеше Бога. А кога му се приближи смртниот час, настана толку страшно невреме, што беше невозможно да се изнесе неговото тело на погребение. Тогаш неговата жена, горко плачејќи, му се обрати:
- Тешко мене, господару мој, што да правам? Како ќе го изнесам твоето тело на погребение?
А тој ѝ одговори:
- Не плачи, жено. До овој час траеше искушението, но, еве сега, доаѓа помилувањето од благиот Бог. Во часот на мојата смрт, по Божја волја ќе престане невремето.
Така и се случи. Во моментот кога тој ја предаде својата душа во рацете Божји, настана голема тишина и на земјата и во воздухот. Се собраа неговите соседи и кога започнаа да му го подготвуваат телото, видоа дека врз него немаше ниту една рана, ниту белег. Тие го изнесоа и побожно го погребаа. По четири дена свети Теофан му се јави на сон на еден човек и му нареди да го отстрани надгробниот камен од неговата могила. Кога беше сторено тоа, силен благомирис се рашири од неговото тело и наместо гној потече миро, кое ги исцелуваше болните што доаѓаа и носените кај чесните мошти на свети Теофан.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНА АНАСТАСИЈА ПОДВИЖНИЧКАТА
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ 80 МАЧЕНИЦИ ВИЗАНТИСКИ
Овие византиски маченици, осумдесет на број, беа изгорени на морски кораб во времето на царот Валент, заради нивната непоколеблива верност на Православието.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ПЕТРОНИЈА
Света Петронија пострадала за Господа Христа посечена со меч.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ГУДЕЛИЈА (ГОВДЕЛИЈА)
Блажената Гуделија обрати од незнабоштвото во верата Христова многу Персијци. Поради тоа беше подложена на страшни маки од страна на персијскот цар Сапор и приморувана да му принесе жртва на огнот, како персиско божество. Таа одбиваше да го стори тоа и затоа беше фрлена во темница, во која остана многу години, измачувана со глад и жед. Потоа беше извадена од темницата и повторно приморувана да се одрече од Христа. Но, бидејќи остана непоколеблива во својата вера, најпрвин ѝ ја одраа кожата од главата, па потоа со клинци ја приковаа на дрво. Така блажената ја предаде својата душа на Господа и доби од Него венец на мачеништвото.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ КИПРИЈАН УСТЈУЖСКИ
Преподобниот Кипријан беше земјоделец од Устјужскиот округ и се замонаши. Во 1212 година, недалеку од градот Устјук, го основа манастирот „Воведение на Пресвета Богородица“ и го поклони на манастирот сиот свој имот. Откако ја прими управата над манастирот, преподобниот непрекинато работеше на духовното усовршување на браќата, не давајќи си одмор на себе. Секој ден неуморно се трудеше и подвизуваше, како да му е тој прв а истовремено и последен ден од животот на земјата. Во таквите подвизи преподобниот Кипријан премина кај Господа, во 1276 година. Неговите свети мошти почиваат во неговиот манастир.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК МАЛАХИЈ
Новомаченикот Малахиј беше родум од Родос, син на побожен свештеник. Кога еднаш дојде во Ерусалим, беше наклеветен од некој турчин дека го навредувал Мухамед. Поради тоа најпрвин беше изведен пред турските власти и убедуван да го прими исламот, но кога непоколебливо одби, веднаш беше подложен на мачење. Го врзаа за опашот на еден коњ и го влечеа по земјата, му ги здробија колената и лактовите и најпосле го набија на колец и го печеа на оган. Во таквите маки светиот маченик ја предаде својата душа на Господа, на 29 септември 1500 година. Неговиот живот и страдање се наоѓаат опишани во ракописот број 78 на манастирот Ватопед (стр. 23-25).