13. Октомври (30. Септември)
ЖИТИЕТО И СТРАДАЊАТА НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ГРИГОРИЈ, епископот и просветител Ерменски
Просветителот на Голема Ерменија, свети Григориј, е роден од познати и благородни родители, но помрачени со темнината на незнабожието. Неговиот татко Анак, родум Парќанин, беше роднина на персискиот цар Артабан и неговиот брат, царот ерменски Курсар. Анак се пресели во Персија од следните околности: кога Персиското царство падна под власта на Парќаните и персиски цар стана Артабан, на Персијците им беше многу тешко што се наоѓаат под власта на туѓинецот. Во тоа време меѓу нив имаше еден знаменит велможа Артасир, кој во договор со свои пријатели истомисленици крена востание против царот Артабан, го уби и го зазеде престолот. А кога ерменскиот цар Курсар слушна за гибелта на својот брат Артабан многу се нажали, веднаш ја собра сета ерменска војска и завојува со персијците, осветувајќи се за пролиената братова крв. Десет години војуваа Ерменците против Персија и многу зла им причинија. Во таквата голема неволја и недоумица, Артасир се посоветува со своите велможи како да ги одбие нападите на непријателот. Притоа вети дека оној што ќе го убие Курсар ќе го стори свој соцар. На тоа советување присуствуваше и таткото на Григориј, Анак. Тој вети дека без војна ќе го победи Курсар и на вешт начин ќе го убие. На тоа Артасир му вети дека ако успее, на неговата глава ќе стави царска круна, велејќи:
- И ти ќе царуваш заедно со мене, а царството Парќанско ќе остане за тебе и твоето потомство.
Откако така се договорија, Анак за извршување на договорениот план го зеде на помош својот брат. Тие со своите семејства тргнаа од Персија божем како бегалци и дојдоа во Ерменија кај својот роднина, царот Ерменски. Тој со радост ги прими, им дозволи да се населат во неговата земја и ги стори свои блиски советници. Особено на Анак, тој му ги довери сите свои планови, па дури и самиот себеси, и го постави за прв советник во својот царски совет. Толку лукаво Анак се вовлече во срцето на царот, додека во своето срце смислуваше како да го убие, и бараше погодна прилика за тоа.
Еднаш кога царот беше на планината Арарат, Анак и неговиот брат изразија желба насамо да поразговараат со него, велејќи му дека насамо треба да му кажат нешто многу важно и корисно. И откако влегоа кај него додека беше сам, го нападнаа со своите мечеви, му нанесоа смртоносни рани, па побегнаа со своите коњи, со желба да се докопаат до Персија. За кратко време во собата кај царот влегоа царските слуги и го најдоа како лежи одвај жив и сиот во крв. Страотно поразени од тоа, веднаш ги известија сите војводи и велможи и тие побрзаа по убијците, ги стигнаа кај една река, ги убија и ги фрлија во водата. Ранетиот Курсар на умирање нареди да се убијат семејствата на Анак и неговиот брат. Тоа беше сторено.
Додека го убиваа семејството на Анак, еден негов роднина ги зеде неговите две синчиња, две доенчиња, кои се уште беа во пелени, односно овој Григориј и неговиот брат, ги сокри кај себе и ги одгледуваше. Но, во Ерменија настапија големи немири. Кога слушна за тоа персискиот цар Артасир се упати таму, го освои Ерменското царство и го потчини под својата власт. После царот Курсар остана малото дете на име Тиридат. Него Артасир го поштеди и го испрати во Римската земја, каде тој израсна и стана војник. А од спасените бебиња, двајцата синови на Анак, едниот беше земен во Персија, а другиот, односно Григориј за кого станува збор овде, беше испратен во Римското царство. Кога порасна тој живееше во Кесарија Кападокиска. Тука се поучи во верата Христова и беше добар и верен слуга Господен. Се ожени и доби два сина Ортан и Аростан, кои од мали ги посвети во служба на Господа. Кога станаа зрели луѓе, Ортан се удостои на презвитерскиот чин а Аростан стана пустиножител.
Набрзо по раѓањето на двата сина умре сопругата на Григориј и од тогаш тој започна уште посрдечно да Му служи на Бога, исполнувајќи ги сите заповеди и наредби Господови. Во тоа време Тиридат доби некој почесен чин во римската војска, бидејќи беше од царски род. Свети Григориј отиде кај него, иако знаеше дека неговиот татко Анак го уби Тиридатовиот татко Курсар. Тој ја чуваше тајната за убиството и започна верно да му служи на Тиридат, и со тоа да го искупува гревот на својот татко. Додека гледаше како со сето срце му служи, Тиридат го засака Григориј, но кога дозна дека е христијанин се разлути на него и го прекоруваше. Но, Григориј не обраќаше внимание на лутината на својот господар, па и понатаму ја чуваше беспрекорно верата во Христа Господа.
Во тие денови имаше наезда на Готите врз Римската покраина и тогашниот римски цар морал да тргне во војна против Готите. Кога римската и готската војска застанаа една против друга, готскиот кнез започна да го повикува римскиот цар на мегдан. Но, тој се плашеше и започна да бара војник, кој би излегол наместо него. Таков храбар војник тој најде во Тиридат, го облече во царска облека и како божемен цар го испрати на мегдан против готскиот кнез. Во борбата Тиридат го совлада без меч, го фати жив и го доведе кај римскиот цар. Со тоа беше однесена победа и над целата готска војска. За тоа римскиот цар го постави Тиридат на престолот на неговиот татко, и го постави за цар на Ерменија, и склучи мир помеѓу Ермените и Персијците. Заедно со Тиридат, како негов верен слуга, во Ерменија отиде и блажениот Григориј.
Кога царот Тиридат им принесуваше жртви на идолите, а најмногу на Артемида на која ѝ беше верен, тој често го молеше Григориј и тој да го стори тоа. Но, Григориј одбиваше и изјавуваше дека не постои друг бог освен Господ Христос. Затоа Тиридат нареди да го подложат на мачења. Најпрвин во устата меѓу забите му ставија дебело дрво, страотно му ја расцепија устата, така што тој не можел ниту да ја состави, нити да прозбори. Потоа му врзаа за вратот огромна грутка сол, та го обесија со главата надолу. Светителот трпеливо висеше така седум дена, а во осмиот го тепаа безмилосно со стапови. Потоа во текот на други седум дена, сѐ уште така обесен, го измачуваа со чад од ѓубре запалено под него. Додека висеше, тој Го славеше името на Исуса Христа и откако дрвото му беше извлечено од устата ги поучуваше луѓето, очевидци на неговото мачење, да веруваат во единствениот вистински Бог. Кога видоа дека светителот останува непоколеблив во верата и храбар во страдањата, тие со даски му ги стиснаа нозете и со јажиња цврсто заврзаа, па во петите и табаните му забија железни клинци и му наредија да оди. Тој одеше и го пееше псалмот: „Поради зборовите на устата Твоја, одам по патови остри“ (Пс. 16, 4). И уште: „И оди и плаче оној кој носи семе да сее, но со радост ќе се врати, носејќи ги своите снопја“ (Пс. 125, 6). Тогаш мачителот нареди со специјални орудија да му ја свиткаат главата и да му налеат во ноздрите оцет со сулфур и сол, да го стават во мев наполнет со чад и пепел и да го сошијат. Во таквата состојба светителот остана шест дена. Потоа повторно го обесија со главата надолу и насилно му налеваа многу вода во устата и стомакот и притоа му се потсмеваа, зашто во бесрамниците немаше никаков срам. После ваквите мачења, царот повторно започна да го мами со лукави зборови да им се поклони на идолите. Кога светиот страдалник одби, мачителите повторно го обесија и му ги стругаа ребрата со железни нокти. Откако му го избраздија целото тело, започнаа гол да го влечат по земја начичкана со остри железни клинци. Кога маченикот го претрпе сетоа тоа, беше фрлен во темница, но таму со силата Христова се најде здрав.
Утредента беше изведен од темницата. Светителот со весело лице излезе пред царот, без ниту една рана врз себе, на што тој многу се восхити и сѐ уште се надеваше дека Григориј ќе го послуша, па започна мирно да разговара со него. А кога не им се подаде на неговите умилни зборови, нареди да му обујат железни чизми, да му ги набијат нозете во клада и да го држат така три дена. Потоа го повика кај себе и му рече:
- Ти залудно се надеваш во својот Бог. Немаш никаква помош од Него.
Свети Григориј му одговори:
- Безумен царе, ти самиот си подготвуваш маки за себе, а јас се надевам во мојот Бог и ќе останам силен. Заради Него јас не го штедам своето тело. Колку повеќе се распаѓа надворешниот човек, толку повеќе се обновува внатрешниот.
После тоа нареди да се растопи олово во котел и со него да го поливаат телото на маченикот. Тој го претрпе и тоа, постојано исповедајќи Го Христа. И додека во тоа време Тиридат смислуваше како да го предомисли Григориј, некој од толпата му дофрли:
- Не убивај го, царе, овој човек, Тој е син на Анак, кој го уби твојот татко и го предаде Ерменското царство во ропство на Персијците.
Од овие зборови душата на царот се исполни со голема ревност за крвта на својот татко, веднаш нареди да му ги врзат рацете и нозете на светителот и во градот Артаксат да го фрлат во длабока јама. А кај секого и самата помисла за таа јама беше многу страшна, зашто беше ископана за осудените на страшна смрт. Таа беше полна со мувла, шкорпии и најразлични лазачи и црви. Фрлен во неа, свети Григориј остана четиринаесет години неповреден. По Божја промисла една вдовица му фрлаше по парче леб, со кој се одржуваше во живот. А Тиридат мислеше дека тој веќе одамна умрел и не ни помислуваше на него. Во меѓувреме војуваше со Персијците, ја покори нивната земја сѐ до Сирија и се врати со голема победа и слава.
Во тие времиња римскиот цар Диоклецијан распрати по целото царство луѓе да му бараат најубава девојка за жена. Таква девојка најдоа во ликот на христијанката Рипсимија, која, откако го завети своето девство на Христа, живееше во женски манастир во пост и молитви, под раководството на игуменијата Гајанија. Царските пратеници наредија, та беше изработена нејзина слика и испратена кај царот. Таа многу му се допадна, и освоен од нејзината убавина, тој ѝ испрати предлог да му стане жена. Но, тогаш Рипсимија повика кон Христа дека нема да отстапи од Него и нема да похули на своето девство, па откако се посоветува со сестрите и игуменијата Гајанија, сите тајно побегнаа од манастирот. По неискажаните маки и безбројните тешкотии по патот, тие стигнаа во Ерменија и се населија во близина на градот Арарат, меѓу лозјата. Посилните меѓу нив одеа во градот и работеа кај луѓето. Така заработуваа храна за себе и за останатите сестри. Тие одбраа така да страдаат и ја поднесуваа секоја мака и неволја како туѓинки заради своето девство. Беа триесет и седум на број.
Кога доби известување дека Рипсимија со останатите сестри побегнала во Ерменија, Диоклецијан му испрати на ерменскиот цар Тиридат, со кој беше близок пријател, вакво писмо:
„Некои христијани ја измамија Рипсимија, која што сакав да ја земам за жена, та таа одбрала да скита по туѓи земја а не да биде моја жена. Те молам пронајди ја, па или испрати ја кај нас, или, ако сакаш, земи ја за своја жена“.
Тиридат веднаш нареди насекаде да ја бараат Рипсимија и кога дозна каде се наоѓа, насекаде постави стража за да не побегне. А кога го известија дека е наобично убава, тој испрати накит, достоен на царското достоинство, за украсена со него да ја доведат кај него. Но таа на совет на игуменијата го одби накитот и не сакаше да појде кај царот. Гајанија им рече на пратениците:
„Сите овие девојки веќе се заветени на Небесниот Цар. Невозможно е тие да стапат во брак“.
Кога го рече тоа ненадејно удри страотен гром и се чу глас од небото, кој им зборуваше на девојките:
„Бидете храбри и не плашете се, бидејќи Јас сум со вас“.
Од тресокот на овој гром војниците толку се исплашија, што паднаа на земјата, а некои загинаа изгазени од коњите. Останатите се вратија кај царот многу преплашени и му раскажаа сѐ што се случи. Разбесниот цар испрати еден од кнезовите со голем одред војска, за сите девојки да ги искасапат со мечевите, а Рипсимија насилно да ја доведат. Кога дојдоа војниците, таа му рече на кнезот:
- Не погубувајте ги овие девојки, а мене одведете ме кај вашиот цар.
Војниците ја поведоа неа, а ги оставија девственичките, кои по нивното заминување се сокрија. По патот Рипсимија Го повикуваше на помош својот Младоженец Христос, да ја избави нејзината душа од мечот (Пс. 21, 21). Кога беше внесена во царската ложница, таа со солзи Му се молеше на Бога, Он Семоќниот, да ја сочува нејзината девственост. Притоа ја спомнуваше Неговата чудесна и милостива помош, во дамнина укажувана на луѓето кога се наоѓале во опасности. Во тоа време царот влезе кај неа. Кога ја виде нејзината необична убавина се восхити и многу ја посака. Гонет од зол дух и телесна желба, тој ѝ пристапи и се обидуваше да ја изнасили, но таа, крепена со силата Христова, цврсто му се спротивставуваше. Царот долго се бореше со неа, но не можеше да ја победи. Со помоштта Божја девојката излезе посилна од славниот и силен војник Тиридат.
И ете, оној, кој некогаш без меч го победи готскиот кнез и ги порази Персијците, сега не беше во состојба да совлада една Христова девственичка, зашто нејзе ѝ се даде сила одозгора, како некогаш на првомаченицата Текла.
Царот излезе од ложницата и нареди да ја доведат Гајанија, бидејќи знаеше дека таа ѝ била учителка. И штом ја доведоа, царот ја замоли да ја убеди Рипсимија да му ја исполни волјата. Гајанија влезе кај Рипсимија и започна да ѝ зборува на латински, за да не ја разберат присутните Ерменци. Таа ѝ зборуваше, не за она што го сакаше царот, туку за корисното за нејзината девствена чистота. Со сета душа ја учеше и упатуваше до крај да ја сочува својата девственост, да ја има на ум љубовта на Христа, Младоженецот Свој, и венецот подготвен за нејзината девственост, и да се плаши од страшниот Суд и пеколот, кој ќе ги проголта оние кои не го исполнуваат својот завет. Таа ѝ зборуваше:
- Подобро е да умреш, девственице Христова, отколку горе вечно да се мачиш. Зарем не знаеш дека во Евангелието твојот прекрасен Младоженец Исус Христос вели: „Не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат“ (Матеј 10, 28). Никогаш немој да се согласиш на грев, макар и да те убие нечестивиот цар. Тоа пред твојот чист и бесмртен небесен Младоженец ќе биде најдобра пофалба за твојата девственост.
Меѓутоа некои од присутните знаеле латински и им кажаа на останатите царски слуги што зборува таа. Тогаш тие започнаа да ја тепаат со камења по устата и ѝ ги сокршија забите, терајќи ја да ѝ го зборува тоа што го сака царот. Бидејќи Гајанија не престануваше да ја поучува Рипсимија во стравот Господен, ја одвлекоа оттаму. А царот, после долгата и мачна борба со Рипсимија, започна како бесомачен да се тепа себе си и да се тркала по земјата. Во тоа време, бидејќи веќе се беше стемнило, Рипсимија побегна во градот, без некој да ја забележи. Таа ги пронајде своите сестри соподвижнички и им раскажа за својата победа над непријателот, а тие Го величаа и Му благодареа на Бога, што ја сочува од срам невестата Своја. Цела ноќ пееја тие и се молеа на Христа, својот Младоженец.
Утредента нечестивците повторно ја фатија Рипсимија и ја усмртија со страшна смрт. Најпрвин ѝ го отсекоа јазикот, потоа ја соблекоа гола, па ѝ ги растегнаа рацете и нозете помеѓу четири столба и ја врзаа, па потоа ја гореа со свеќи. После тоа со остар камен и го распраа стомакот, така што целата утроба ѝ испадна. Најпосле ѝ ги ископаа очите и сета ја исекоа на парчиња. Така таа со толку страшна смрт отиде кај својот пресладок Младоженец Христос.
После тоа ги фатија и останатите девственички, сестрите и соподвижнички на света Рипсимија, триесет и три на број, и ги погубија со меч, а нивните тела ги фрлија на ѕверовите. А пак игуманијата Гајанија беше усмртена со најстрашна смрт, заедно со двете сестри со неа. Ним најпрвин со сврдли им ги провалија нозете, па ги обесија со главите надоли и живи ги одраа. Потоа одпозади им ги провалија вратовите, им ги извлекоа јазиците и им ги отсекоа. Потоа со остар камен им ги расекоа стомаците, оттаму им ја извлекоа внатрешноста, па најпосле им ги отсекоа главите. Така тие отидоа кај својот Младоженец Христос.
Меѓутоа Тиридат, веќе како безумен, одвај во шестиот ден после смртта на овие девственички си дојде на себе и тргна на лов. Но, според чудесното и прекрасно промислување Божјо, на патот го снајде таква казна, така што тој во состојба на бесомачност го изгуби не само умот, туку и самиот човечки изглед и доби свински изглед, по сѐ станувајќи налик на див вепар, како некогаш вавилонскиот цар Навуходоносор. Наместо човек сите пред себе гледаа вепар. И не само царот туку и сите војводи и војници, и воопшто сите кои го одобруваа убивањето на овие свети девственички, станаа бесомачни и трчаа по ридовите и полињата, раскинувајќи ја својата облека и јадејќи го своето сопствено тело. Така гневот Божји не задоцни да ги казни за невината крв. И немаше кој да им помогне. А кој би можел да го задржи страшниот гнев Божји?
Но, Милосрдниот Бог, Кој не се гневи до крај, нити пак останува непријател засекогаш и често ги кара луѓето за нивна корист, за да ги обрати нивните срца на добро, поттикнат со Своето обично милосрдие ги помилува и нив на следниот начин. На царевата сестра Кусародукта ѝ се јавил во сонот, некој страшен човек во огромна слава, и ѝ рекол:
„Тиридат нема да оздрави ако Григориј не биде изваден од јамата“.
Штом се разбуди, Кусародукта веднаш им го раскажа на своите блиски видението. Но, на сите овој сон им изгледаше бесмислен. А кој би можел да очекува Григориј да биде жив во таквата јама, после четиринаесет изминати години? Сепак отидоа и гласно викнаа:
- Жив ли си, Григориј?
И тој одговори:
- Жив сум, со благодатта на мојот Бог.
И беше изваден Григориј од јамата блед, сиот обраснат во коса, со долги нокти, сув и поцрнет од калта и крајната оскудица. Откако го измија светиот страдалник, му облекоа нова облека и го поткрепија со храна, тие го поведоа кај царот, кој имаше изглед на вепар. И сите отидоа кај свети Григориј со големо почитување, му се поклонуваа, паѓаа пред неговите нози и го молеа, тој да го измоли својот Бог и да испроси исцеление за царот, војводите и неговите војници. Но, блажениот Григориј најпрвин ги праша за телата на убиените свети девственички, бидејќи тие лежеа девет дена непогребани. И откако ги собра нивните расфрлани тела и ја оплака бездушната свирепост на незнабожниот мачител, тој чесно ги погреба. После тоа започна да го учи мачителот да се одврати од идолите и да поверува во единствениот Бог и Синот Негов Исус Христос, за на тој начин да се удостои на Неговата милост и благодат. Тој објави дека Господ Бог го сочувал жив во јамата, каде често го посетувал ангел Божји, за нив да ги приведе кон Светата Вера. И поучувајќи ги, свети Григориј им налагаше покајание. Кога го виде нивното смирение им нареди да изградат голема црква. Тие го сторија тоа за кратко време. Во таа црква свети Григориј ги внесе со голема чест телата на блажените маченички, постави во неа крст и му наложи на народот таму да се собира и да се моли. Потоа го одведе царот Тиридат кај телата на светите девственички, кои тој ги погуби, да ги моли и тие да се помолат за него на Господ Исус Христос. Кога царот го стори тоа, му беше вратен човечкиот изглед. А пак од бесомачните војводи и војници беа истерани злите духови. Така сите беа исцелени. Наскоро цела Ерменија се обрати кон Христа. Народот ги сруши идолските храмови и наместо нив изгради цркви Божји. А пак царот пред сите отворено ги исповедаше своите гревови, и свирепоста своја, и раскажуваше каква казна и каква благодат Бог јави врз него. Тој стана водач на секое добро дело. И го испрати свети Григориј во Кесарија Кападокиска, кај епископот Леонтиј, за да го посвети за епископ. По ракополагањето, на враќање од Кесарија, свети Григориј поведе со себе многу достојни презвитери. Тој ги крсти царот, војводите, сета војска и сиот останат народ, започнувајќи од царскиот дворец, па до последниот селанец. На тој начин свети Григориј ги приведе кон исповедањето на вистинскиот Бог сите луѓе, градејќи храмови Божји и принесувајќи бескрвна жртва во нив.
Патувајќи од град во град, свети Григориј ракополагаше свештеници, основаше школи и поставуваше учители во нив. Со еден збор, вршеше сѐ што е корисно и потребно за Црквата и служењето на Бога. Царот, пак, им раздаде на црквите Божји големи имоти. Свети Григориј ги приведе кон Христа не само Ерменците, туку и жителите на други земји, како Персијците, Асирците и Миќаните. Тој уреди многу манастири, во кои прекрасно цветаше евангелското усовршување.
Откако сѐ така чудесно уреди, свети Григориј се повлече во пустината, каде што и својот временски живот богоугодно го заврши. А царот Тиридат живееше во такви подвизи на добродетелите и воздржанието, што им беше рамен на монасите. На местото на свети Григориј за епископ беше посветен неговиот син Аростан, човек со големи доблести, кој од младоста водеше монашки живот и во Кападокија беше ракоположен за градење на цркви Божји во Ерменија. Него царот го испрати на Вселенскиот Собор во Никеја, свикан против Аријанската ерес и беше еден од триста и осумнаесетте свети Отци.
Така Ерменија поверува во Христа и Му служеше на Бога долго време, цветајќи со сите добродетели и смирено славејќи Го Бога во Христа Исуса, нашиот Господ, Кому слава, сега и секогаш и во сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЧКИ: ГАЈАНИЈА, РИПСИМИЈА и со нив 70 МАЧЕНИЦИ, и останатите 32 ДЕВСТВЕНОМАЧЕНИЧКИ
Животот, страдањето и погубувањето на овие свети маченици и маченички опширно се опишани во житието на свети Григориј, епископот и просветител на Ерменија, под 30 септември.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ МИХАИЛ, митрополитот Киевски
Свети Михаил беше прв митрополит Киевски и Серуски. Управуваше со Руската Црква во времето на светиот рамноапостолен кнез Владимир. Откако го освои грчкиот град Корсун, кнезот Владимир го прими таму светото крштение и стапи во брак со принцезата Ана, родена сестра на Византиските цареви, Цврсто решен со светлината на Христовата вера да ја просвети целата своја држава, рамноапостолниот кнез веднаш потоа испрати од Корсун пратеници во Цариград, кај царевите и патријархот, со молба да испратат црковни пастири за крштевање на Руската земја, помрачена со темнината на идолослужењето и заради управување со Руската црква. Цариградскиот патријарх свети Никола Хрисоверг заедно со соборот на епископи го избра и постави Михаил за митрополит на Русија, како мудар, разумен, поучлив и со свет живот.
Откако ги доби од патријархот потребните упатства, митрополитот Михаил тргна кај кнезот Владимир, придружуван од духовништвото одредено да му помага во управувањето, составено од шест епископи и многубројни презвитери и клирици. Со голема радост и славење кнезот го пречека светителот и наскоро потоа заедно со него и со сопругата тргна во престолнината Киев. Патувањето на новокрстениот кнез и новопоставениот митрополит кон мајката на руските градови наликуваше на свештен поход за искоренување на многубоштвото и идолослужењето во Владимировата дедовина. Тие носеа со себе свети мошти, крстови, икони и свештени црковни садови. Нив ги пратеше крстоносна војска - црковни пастири, дојдени од Грција и поведени од освоениот Корсун.
Сето свое кратко време на управување со Руската црква Михаил го помина во апостолска работа, односно во проповедање на Евангелието на незнабошците, во нивно покрстување и утврдување во верата. Според зборовите на црковната песна, свети Михаил „на земјата Руска, поробена со бедноста на неверието, ѝ го донесе од Цариград Христовото Евангелие и ѝ го подари“. Првото дело на свети Михаил на местото на неговото архипастирско служење беше покрстувањето на семејството на кнезот, неговите синови, а потоа и на големците болјари.
Нашата Црква го велича светителот Михаил како покрстител на престолнината Киев и пее: „Се гордее градот Киев, до денес облечен со ризата на покрстувањето од тебе, светителу“. Со огромен труд, но и со голем успех беше извршено ова важно дело. Светиот митрополит, епископот и многубројните презвитери го учеа непросветениот народ во верата Христова. Го подготвуваа за примање на светото крштение и ги рушеа неговите многубожечки суеверија, „со сечилото на евангелското учење ги сечеа идолските кипови“. Во тоа време кнезот Владимир со својата власт допринесуваше за успесите на неговите проповеди. Тој им нареди на своите слуги да ги срушат идолите, а народот од најмладо до најстаро, мажи и жени, познати и обични, робови и слободни, во одредениот ден да појдат на реката и да се крстат. И се собраа жителите на Киев на брегот на Дњепар за крштевање, кое што го изврши свети Михаил со многубројно духовништво, а во присуство на кнезот, неговото семејство и болјарите.
Со покрстувањето на Киев беше поставен цврст почеток за просветување на Русија со светлината на евангелската вистина. Верата Христова, исповедана од кнезот и болјарите стана вера и на руската престолнина. Но, сега било потребно да се распространи верата по целата Руска земја, од крај на крај, по целата земја која била под Владимирова власт и над која за црковно управување беше поставен свети Михаил. Должноста на светителот беше да го собере стадото и да им биде пастир и учител. Затоа ревносниот архипастир, во соработка со рамноапостолниот кнез, чезнееше по градовите на Руската земја да ја засади верата Христова. Црквата го имаше свети Михаил како сведок на вистината и проповедник на Евангелието Христово, кој го искорени „трњето на многубоштвото и го посеа плодоносното семе во Руската земја“. Најголеми градови на Русија после Киев во тоа време беа Велики Новгород, престолнината на северните покраини на кнезот Владимир, и Велики Ростов, главниот град на Залеската земја. Свети Михаил ги посети тие два града за обраќање на незнабошците во Христовата вера. Во 990 година, придружуван од епископите и војводите на кнезот Добрин и Анастас Корсуњанин, светителот го посети Новгород. Тука ги сруши идолите, многумина крсти, изгради неколку цркви и при нив постави презвитери. Следната година превзеде исто такво патување со проповедта на Евангелието во Ростов. Овој пат успехот на неговата проповед беше позначајна. Тој крсти безброј луѓе, изгради многу цркви, назначи при нив презвитери и ѓакони и востанови поредок на црковно богослужење и управување.
Во 992 година се упокои светиот митрополит Михаил. Свети Владимир неутешно тагуваше и плачеше по него, бидејќи со преминатиот светител тој изгуби не само добар и ревносен пастир,туку и мудар советник во работите на државната управа.
Веднаш по покрстувањето на Киев, свети Михаил го благослови кнезот Владимир да го изгради Десјатиниот храм, во чест на Пресвета Богородица. Светителот не доживеа да го види довршувањето на овој храм, но храмот пак ги прими неговите посмртни останки. Беше погребан во него.
Во дванаесеттиот век пронајдени како негнилежни, чесните мошти на светителот беа пренесени во Киево-Печерската лавра, во Антониовата пештера, а оттаму во 1730 година однесени во Велико Успенската црковна лавра, каде нераспадливо почиваат до денес.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЧКИ: ДВЕ ЖЕНИ
Се украсуваа себеси со добродетелите и пострадаа за Господа.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК СТРАТОНИК
Пострадал за својата вера во Христа посечен со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МАРДОНИЈ
Му ставиле жар на папокот. Така се упокоил за Христа Господа.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ИЛЈАДА МАЧЕНИЦИ
СОБОР НА СИТЕ МАКЕДОНСКИ СВЕТИТЕЛИ
Во Република Македонија, во оваа наша света земја, самиот свети апостол Павле со Сила, Тимотеј и Лука, го донесе Христовото Слово за спасение на човечкиот род. Мајката Божја со стапнувањето (присуството) Свое, на македонската земја, ја благослови и таа стана света земја, матица на христијанството за Европа.
Не постои христијанска земја и Христова црква во светот, а да не знае за Македонија. Секој кој го чита и проучува Светото Писмо, таа Света Книга, чита и проучува и за Македонија и македонскиот народ, како во Стариот така и во Новиот Завет.
Во Недела седумнаесетта по Педесетница си спомнуваме за сите Македонски Светители, меѓу кои се и светите солунски и сесловенски браќа Кирил и Методиј, богомудриот и рамноапостолен Климент Охридски, свети Наум Охридски Чудотворец, свети Гаврил Лесновски, свети Григориј епископ Охридски, свети Прохор Пчински, свети Јоаким Осоговски, свети Јосиф архиепископ Солунски, свети Агатангел Битолски, свети Георгиј Кратовски, света Кирана Солунска, свети Никита Серски, света Матрона Солунска, свети Јован Кукузел, свети Александар Солунски, свети Јован Владимир, свети Еразмо Охридски, свети Нектариј Битолски, свети Анастас (Спасо Радовишки), света Васа Солунска, света великомаченица Злата Мегленска, свети Ефтимиј Солунски, светите Петнаесет Тивериополски Маченици, свети Роман епископ Македонски, свети Николај архиепископ Солунски, свети Зиновиј и Зиновија Егејски, света Тесалоникија, свети Ангел Лерински, свети маченик Христо, свети Никодим Охридски, преподобен Петар Мегленски, преподобен Иларион Мегленски, преподобен Акакиј Серски, преподобен Дионисиј Костурски, преподобен Јаков Костурски, преподобен Петар Атонски, преподобен Теофил Струмички, преподобен Давид Солунски, преподобен Атанасиј Атонски, преподобен Никодим Елбасански, преподобен Јован Рилски и многу други, кои заблескале со подвизите на овие македонски простори.
По нивните молитви, Господи Исусе Христе, Сине Божји, како благ, добар и човекољубив, помилуј нѐ и спаси нас грешните. Амин!
***
Со божествена љубов го просветивте народот Македонски, со зраците на евангелската вистина ја украсивте вселената, Светители сефални. Славејќи Го Христа Господа, Кого Го засакавте од својата младост, како Божји угодници станавте жители на небесата, столбови и заштитници на Македонската Црква. Срдечно го празнуваме вашиот спомен, и ви се молиме, бидете застапници пред Христа, нашиот Бог, за мир и спасение на нашите души. Амин!