14. Октомври (1. Октомври)
ПОКРОВ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
Отсекогаш Црквата ја прославувала Пресвета Богородица како Покровителка и Заштитничка на родот христијански, Која со Своите посреднички молитви Го смилостивува Бога спрема нас грешните. Безброј пати се јавила очигледната помош на Пресвета Богородица, како кај поединци така и кај народите, како во мир така и во војна, како во монашките пустини така и во густо населените градови. Настанот кој денес Црквата го спомнува и празнува само го докажува тоа постојано покровителство на Пресвета Богородица над родот христијански. На 1 октомври 911 година, во времето на царот Лав Мудриот, имало сеноќно бдение во Богородичната црква Влахерна во Цариград. Црквата била полна со народ. Во позадината на црквата стоел свети Андреј Јуродивиот со својот ученик Епифаниј. Во четвртиот час од ноќта се појавила Пресвета Богородица над народот, со распослан омофор во рацете, и како со тој омофор да го покривала сиот народ. Била облечена во златокрасна порфира и сета блескала во неискажан сјај, опкружена со Апостоли, Светители, Маченици и Девици. Откако ги преклонила колената, Пресветата долго се молела и со солзи го заливала Своето боголико и пречисто лице. Свети Андреј, додека го гледал тоа јавување, му го покажал со раката на блажениот Епифаниј и го прашал:
„Ја гледаш ли, чедо, Госпоѓата и Царица на светот, како се моли за сиот свет?“
Епифаниј одговорил:
„Гледам, свети оче, и се ужаснувам“.
Ова празнување е востановено за да нѐ потсетува на самиот настан а и на постојаното покровителство на Пресвета Богородица, кога ние тоа покровителство, тој Нејзин покров, молитвено го бараме во неволјите.
СЛОВО НА ПОКРОВ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
Во последните тешки времиња, кога се намножија гревовите наши, се зголемија и неволјите и опасностите наши, та се исполнија зборовите на свети апостол Павле: „Опасности од разбојници, опасности од роднини, опасности од незнабошци, опасности во градовите, опасности во пустините, опасности по море, опасности меѓу лажни браќа“ (2 Кор.11, 26). Кога се исполнуваат зборовите на самиот Господ, тогаш се крева народ против народ, и царство против царство, и биваат гладови и помори, и земјата се тресе по светот (Матеј 24, 7). Кога нѐ притискаат наезди на туѓинци, меѓусебни војни и смртоносни болести, Пречистата и Преблагословена Дева Марија, Мајката Господова, ни го дава во заштита покровот Свој, да нѐ ослободи од најразличните опасности, да нѐ заштити од глад, помор и земјотрес, да нѐ закрили од војна и болештини, и со Својот покров да нѐ сочува неповредени. Потврда за ова беше дадена во царскиот град Цариград, во славната црква на Пресвета Богородица во Влахерна, за време на царувањето на Лав Мудриот. Таму, за време на сеноќното бдение, во предвечерието на недела, на први октомври во четвртиот час од ноќта, во присуство на многуброен народ, свети Андреј, јуродивиот заради Христа, ги крена очите и ја здогледа Царицата Небесна, Покровителката на сиот свет Пресвета Дева Богородица, како стои во воздухот, се моли, блеска како сонце и ги покрива луѓето со Својот чесен омофор. Гледајќи го тоа, свети Андреј му рече на својот ученик, блажениот Епифаниј:
- Ја гледаш ли, чедо, Госпоѓата и Царица на светот, како се моли за сиот свет?
Епифаниј одговори:
- Гледам, свети оче, и се ужаснувам.
Како што некогаш свети Јован Богослов видел на небото големо знамение, Жена облечена во сонце, така и свети Андреј во Влахернската црква, слична на небо, ја здогледа Невестата Неневестна облечена во сончева порфира. Знамението кое што го виде свети Богослов ја отсликува Премилостивата Покровителка наша, бидејќи тоа знамение се јавило во време кога на светиот тајновидец му била откриена гибелта која што ѝ прети на сета твар. И имаше, зборува тој, блесок на молњи, и гласови, и громови, и тресење на земјата и град голем. И знак голем се јави на небото, Жена облечена во сонце (Откр. 1, 19-12, 1). Овој знак, како олицетворение на Пречиста Дева, не се јави пред удирањето на молњи, громови, гласови, земјотреси и град, кога сите стихии сѐ уште беа мирни, туку за време на страшните случувања на небото и на земјата, за да се покаже дека Преблагата Заштитничка наша ни притекнува на помош во најтешките времиња, кога смртта е пред нас, и нѐ заштитува од блесокот што мами, кратко блескавата светска таштина, од гласовите на житејската гордост и суета, од громовите на ненадејни вражји напади, од бурите на страстите, и од градот кој паѓа врз нас како казна за гревовите. Кога сите тие неволји нѐ притискаат, тогаш како голем знак се појавува брзата Помошничка на родот христијански, Која нѐ заштитува и закрилува со Своето невидливо застапништво. Овој знак им го даде Господ на оние кои Му се бојат, за да се спасат од лакот (Пс. 59, 6); бидејќи во овој свет ние сме поставени како мета за стрелање. Од сите страни летаат стрели кон нас. Едни од лакот на видливите непријатели, кои веднаш го затегнуваат лакот свој и во својата гордост нѐ омаловажуваат; други од лакот на невидливите непријатели, за да се жалиме како не можеме да ги поднесеме демонските стрели; некои од нашето тело, кое војува против духот; некои од лакот на праведниот гнев Божји и закани, како што за тоа говори пророкот Давид: „Ако не се обратите, Бог го остри својот меч, ќе го затегне Својот лак и ќе го насочи. И затега смртни стрели и Своите стрели ги вжарува“ (Пс. 7-13, 14). За смртно да не бидеме ранети од сите овие стрели и да ја одбегнеме опасноста, нам ни се даде знак: покровот на Пречистата и Преблагословена Дева. Заштитувани со Нејзиниот покров како со штит, ние остануваме неповредени од стрелите. Нашата Заштитница има илјадници штитови за наша заштита, како што за тоа и зборува Светиот Дух: „Вратот ти е како кула Давидова; изградена за оружје. На неа висат илјадници штитови - сѐ штитови на јунаци“ (Песна над Песните 4, 4).
Некогаш Давид изгради прекрасна и превисока кула помеѓу Сион, која што стои на високата гора пониско од Ерусалим, која се нарекува „Ќерка Сионова“. И беше таа кула помеѓу нив како вратот помеѓу телото и главата, зашто со својата висина го надвишуваше Ерусалим и досегнуваше до Сион. На таа кула беа обесени штитови и сите оружја потребни за војна и одбрана на Ерусалим. Духот Свети ја споредува Пречиста Дева со кула Давидова. Зашто Дева, ќерката Давидова, посредува помеѓу Главата на Црквата Христос и верните, кои го сочинуваат телото на Црквата, надвишувајќи ја Црквата, бидејќи е навистина повисока од сите членови нејзини, а досегнувајќи и до Христа, како Онаа Која Му го дала телото. Пресвета Дева и сега посредува, додека стои во воздухот помеѓу небото и земјата, помеѓу Бога и човекот, помеѓу подвигоположникот Христос и земната Црква, како Давидова кула помеѓу Сион и Ерусалим, начичкана со јаки штитови. Под штитови, пак, се подразбираат Нејзините семоќни молитви за нас кон Бога, кои достојните ги слушнаа за време на видението на чесниот покров Нејзин. Пресветата се молеше со умиление како Мајка на Синот Свој и Творец, изговарајќи во молитвите зборови милосни и семилостиви, и говорејќи:
„Цару небесен, прими го секој што Те слави и го призива пресветото име Твое на секое место. И каде што се спомнува името Твое, тоа место освети го. Прослави ги оние кои Тебе Те прославуваат и со љубов ме почитуваат Мене, Мајката Твоја, примајќи ја секоја нивна молитва и завет, и избавувајќи ги од сите неволји и зла“.
Таквите молитви на Пресвета Богородица, зарем не се штитови што ја штитат Црквата? Навистина тие се неразорливи штитови. Во нив можеме да ги згаснеме сите запалени стрели.
Свети Амвросиј за Давидовата кула вели дека била изградена од две причини: за да се заштити градот и да се украси.
„Давид изгради кула, вели свети Амвросиј, за да биде и заштита и украс на градот. Заштита, зашто од неа оддалеку може да се види непријателот и да биде избркан од градот. А украс, зашто со својата висина ги надвишува сите високи градби на Ерусалим“.
Не без причина е споредена со оваа кула нашата Покровителка, која ни е кула, тврдина пред лицето на непријателите, зашто навистина нѐ штити и украсува. Нѐ штити кога далеку ги брка од нас видливите и невидливите непријатели, кога заробените ги ослободува, кога мачените од нечисти духови ги избавува, кога ги теши ожалостените, кога ги брани злоставуваните, ги храни гладните, ги посетува болните, кога станува пристаниште на носените од бура; а нѐ украсува покривајќи ја пред Бога срамната голотија на нашата душа, со Своите превисоки заслуги како со најскапоцена облека, и збогатувајќи ја нашата бедност со преголема благодат како со непотрошливо богатство нѐ прави благопријатни во очите Господови. Нѐ украсува Пресветата Богомајка - кога нас, кои немаме свадбена облека, нѐ покрива со Својата риза, та така за Севидливото Око ја прави невидлива срамната голотија на нашата душа, на што од искона била праслика земјата неоформена и пуста; темнина на бездната и Божјиот Дух лебдеше над водата (1 Мојс.1, 1-2). Земјата неукрасена и пуста беше праслика на грешната душа, која што ја погубила својата духовна убавина, се лишила себеси од добрите дела и станала туѓа за благодатта Божја. Водите пак, кои ја покривале неукрасената земја, го отсликуваат милосрдието на Пресвета Богородица, неисцрпно како море, кое богато се излева врз сите и ги покрива сите. И кога Духот Божји се носел над водите, се носел и над земјата, покриена со вода и неукрасена, како да не ја гледа нејзината некрасота. Ова таинствено означувало дека душата покриена од премилостивиот покров на Дева Богородица, иако не украсена со доблести, нема да биде лишена од благодатта на Светиот Дух, зашто покровот на Пресвета Богородица ја покрива нејзината некрасота, како што водатата ја покривала неукрасената земја, и ќе ја украси со благолепието на Својата благодат и ќе го привлече кон неа Светиот Дух. Пречиста Дева нѐ украсува кога нас грешните нѐ прави праведни, а нечистите чисти, како што за тоа говори Анастасиј Синаит: Пречистата волхвовите ги чини апостоли, цариниците евангелисти а блудниците повредносни од девојките. Така Марија Египетска, некогашната блудница, Пресветата ја направи сега повредна од многу девојки; и Марија, која порано беше темна и нечиста, сега блеска како сонце во Царството Христово - со молитвеното посредување на Пречиста Дева Марија, Која е покров и украс на сите што прибегнуваат кон Неа. Го украсува Пресветата и сиот духовен Ерусалим, односно Црквата Христова, која на денешниот празник вака ѝ пее: „О, Ти си чудесен украс на сите верни, исполнета со пророштва, слава на апостолите и убавина на мачениците, пофалба на девственоста и прекрасен покров на целиот свет“.
На кулата Давидова со штитови беа сите стрели на заштитниците на земјата; Така и Пречиста Дева, таа одуховена кула, има при Себе силни стрели, односно ги има молитвите на Светиите кои се молат со Неа. Бидејќи Пресветата се јави во храмот застаната во воздухот не Сама, туку со ангелски војски и со мноштво Светии, кои во бела облека побожно ја опкружуваа. Сите тие молитви на Светиите кон Бога за нас се како силни стрели, кои се во состојба да ги избркаат сите полкови од демони. Знае Пречистата Госпоѓа Богородица дека нашиот живот на земјата е војна. Против нас војува врагот со сите свои сили; тој тргнал против нас со сите свои полкови и нѐ опколил со сите свои легиони, според зборовите на Псалмопевецот: „Глутница кучиња нѐ опколија, цела чета од злосторници кружат околу нас. Ги отворија кон нас устите свои, како лав кој го раскинува својот плен и рика“ (Пс. 21,17.14). Поради тоа и Небесната Царица, сакајќи да ни помогне, ги крена против нашиот непријател сите Небесни Сили, ги повика Пророците и Апостолите и ги собра Мачениците и Девствениците, Преподобните и Праведните, и со нив дојде да ни помогне, да нѐ опкружи со силна војска и да ни даде победа над непријателите: „Зашто со Неа се носи победа, со Неа се победуваат непријателите“. Пресветата дојде со ангелски војски, бидејќи е лествица која Јаков однапред ја виде, Која ја опкружуват мноштво ангели. Спомнувајќи ја овде Јакововата лествица, некој може зачудено да се запраша зошто ангелите на неа не стоеја мирно, туку постојано се искачуваа и слегуваа по неа?
Но, откако ќе дознае дека таа лествица била праслика на Дева Марија, според зборовите на црковната песна: „Радувај се мосту, кој на небо пренесуваш, и лествице висока која Јаков ја виде“, ќе сфати зошто ангелите на неа немаа мир. Зашто в молитвах неуспијајушчаја Богородица? - во молитвите незаспивлива Богородица им наредува на Ангелите заедно со Неа непрестајно да им помагаат на луѓето: излегувајќи пред Бога да ги принесуваат молитвите на оние што се молат, а слегувајќи да им носат од Бога на луѓето помош и дарови. Таа Лествица и денес симнува со себе од небото мноштво ангели, кои ни носат одозгора покровителство и заштита. Таа дојде со ангелите да им заповеда да нѐ чуваат на сите наши патишта. Таа го доведе со Себе и соборот на сите Светии, за откако ќе се помолат соборно за нас, соборно да ги однесат и нашите грешни молитви кај Синот Нејзин и Бог наш. Меѓу сите Светии, кои се јавија во храмот со Пречиста Дева, беа двајцата најизбрани: свети Јован Претеча, од кој не е поголем ниту еден меѓу родените од жена (Мт. 11, 11) и свети Јован Богослов, кого Исус го љубеше, и кој легна на градите Исусови (Јн. 21, 20). Нив двајцата, како такви кои имаат голема слобода пред Бога, нашата Молитвеница ги зеде со себе на молитва за нас, за со нив што побрзо да Го смилостиви Бога: зашто молитвата на праведникот многу може да помогне (Јак. 5, 20). И застана Пречистата Дева помеѓу двајцата девственици, како помеѓу два херувима, како престолот на Господа Саваот помеѓу серафими, како Мојсеј со кренати раце помеѓу Арон и Ор. Тогаш падна адскиот Амалик со својата темна власт и силата своја.
Така ние го празнуваме покровот на Пресвета Богородица Дева, сеќавајќи се на преславното Нејзино јавување во Влахернската црква, кое што го видоа свети Андреј и Епифаниј. Ние празнуваме благодарејќи ѝ на нашата Покровителка за таквото преголемо милосрдие Нејзино, јавено на родот христијански и усрдно молејќи Ја и сега и секогаш милостиво да нѐ закрилува сите нас, кои го бараме Нејзиното покровителство. Го правиме тоа, бидејќи без Нејзиниот покров и застапништво за нас, кои постојано Го разгневуваме Бога, е невозможно да живееме. Грешејќи многу, ние паѓаме под многу казни, според зборовите на Псалмопевецот: „Многу маки има грешникот“ (Пс. 31, 10). И ние веќе би пропаднале заради нашите беззаконија, ако не нѐ закрилува Премилостивата Владичица. Ако Пресветата како наша Застапничка не се застапува за нас, молејќи се, кој би нѐ избавил од толкуте беди? Кој би нѐ сочувал слободни до сега? Пророкот Исаија советува: „Засолнете се за час, додека да одмине гневот Господов“ (Ис. 26, 20).
Но, каде би можеле да се сокриеме од гневот Господов? Во време на страдање ние не најдовме никакво засолниште освен во Владичицата на светот, Која преку устата на Духот Свети, зборува за Себе: „Јас како магла ја покрив земјата“ (Сирах. 24, 3). Навистина, ние се сокриваме под покривката на Онаа Која како магла ја покрива земјата. Но зошто, Сескапоцена Дево Богородице, се споредуваш Себеси со така ништовна работа, како што е маглата? Нема ли за Тебе сонце, месечина, ѕвезди за споредување, дотолку повеќе што за Тебе со восхитување рекол Премудриот: „Која е Таа што блеска како зора, Која е убава како месечина, Која е светла како сонце?“ (Песна над Песните 6, 9). А маглата, каква убавина има таа, та Ти не се гадиш да се споредиш со неа? Но, еве во што е тајната: маглата кога ќе се згусне над земјата и ќе ја покрие, тогаш сите ѕверови се заштитени од ловците, зашто никој не може да ги улови. А ние грешните, ние сме, според расудувањето на свети Златоуст, заради својата нечовечност - добиток и ѕверови: му угодуваме на стомакот како мечки, се грижиме за телото како мулиња, злопамтиви сме како камили, грабаме како волци, се лутиме како змии, касаме како шкорпии, лукави сме како лисици, отров на злоба носиме во себе како аспиди. Такви ѕверови, какви што сме ние, ги ловат разни ловци. Нѐ стигнува праведниот гнев Божји, нѐ казнува за нашите лоши дела, според зборовите на Светото Писмо: „Бог е Господ на одмазда“ (Пс. 93,1). Нѐ стигнуваат нас и нашите беззаконија, та секој од нас може да рече: „Ме стигнаа беззаконијата мои и не можев дури ни да гледам“ (Пс. 39, 13). Нѐ стигнува нас и невидливиот непријател, нѐ чека како мечка во заседа, демне како лав (Плач Ерем. 3, 10). Нѐ стигнува нас и видливиот непријател. Тој говори: „Ќе гонам, ќе стигнам, плен ќе разделам, ќе убијам со својот меч, раката моја ќе господари“ (2 Мојс.15, 9). Но, да не се плашиме: ние ја имаме мислената магла која нѐ покрива-Пречиста Дева Марија. Во Пресветата се надеваме, кон Пресветата прибегнуваме. Под покривачот Нејзин ни влакно од нашата глава нема да загине, само со умиление да повикаме кон Неа: Покриј нѐ со покривот Твој, Покровителко наша, Пресвета Дево: во лошо време закрили нѐ (Цс. 26, 5). Сите денови на нашиот живот јадни се, како што некогаш рече патријархот Јаков: „Малку беа деновите на мојот живот и лоши беа“ (1 Мојс. 47, 9). Особено се јадни нашите денови во кои го гледаме злото, и оние во кои самите вршиме многу зла, собирајќи за себе гнев за денот на гневот (Рим. 5, 2). Затоа, за сите наши јадни денови, о Пресвета Дево, потребен ни е Твојот милостив покров. Покривај нѐ, закрилувај нѐ во сите денови од нашиот живот, а особено во тешкиот ден, кога душата ќе се разделува од телото. Дојди ни на помош и закрили нѐ од воздушните духови на злото поднебесно, а во денот на Страшниот суд сокриј нѐ во тајното засолниште на Покровот Твој! Амин.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИ АПОСТОЛ АНАНИЈ
Свети апостол Ананиј, еден од Седумдесетмината, бил епископ во градот Дамаск. Познат е и по тоа што го крстил апостол Павле. Нему му се јавил Господ во видение и му рекол:
„Ананиј, стани и оди во улицата викана Права и таму во домот Јудин барај го човекот на име Савле Тарсанин, зашто тој се моли на Бога“.
Но, Ананиј се противеше на тоа, зашто знаеше дека многу зла извршил Савле над Ерусалимските христијани, и во Дамаск дошол со намера да ги фати сите кои го исповедаат името на Господа Исуса Христа. А Господ го посоветува Ананиј, говорејќи му:
„Оди! Савле е Мој избраник, кој ќе го изнесе Моето име пред народи и цареви, и синовите Израилеви. И Јас ќе му покажам колку треба да пострада за името Мое“.
Ананиј веднаш постапи според зборовите Господови. Отиде кај него, и откако ги стави рацете врз него, рече:
„Савле, брате, Господ Исус, Кој ти се јави на патот, ме испрати за да прогледаш и да се исполниш со Духот Свети“.
Савле веднаш прогледа и Ананиј го крсти.
По извесно време, кога евреите се договорија да го убијат Павле, затоа што од гонител стана проповедник на името Христово, Ананиј со останатите ученици Господови го спушти во кошница преку градскиот ѕид (Д. А. 9, 23-25). Самиот пак Ананиј одеше во еврејските зборници и смело го проповедаше името Господово. И не само на евреите, туку и на незнабошците тој им ја благовестеше верата Христова. Од Дамаск тој отиде во Елефтеропол. И таму, покажувајќи им го на луѓето патот кон спасението и исцелувајќи болни, тој многумина приведе кон верата Христова.
Во тие дни во Елефтеропол областен управник беше Лукијан, кој ѝ се поклонуваше на тварта, а не на Творецот. Тој беше поттикнат против христијаните од ѓаволот, кој му дошепна по целата своја област да распрати ваква наредба:
„Оној што ќе се најде да Го признава Христос Распнатиот и да Му се поклонува, таквиот наредуваме да се подложи на страшни маки. А оној, пак, што ќе се одрече од Христа и ќе им принесе жртви на бесмртните богови, ќе биде удостоен на подароци и почести.
Кога ваквата злобна и лукава наредба беше издадена, свети Ананиј ја обиколуваше оваа област, просветувајќи ги луѓето во Евангелието и исцелувајќи ја секоја болест по нив. Со него беше Господ, Кој вршеше многу чудеса преку рацете негови. Идолопоклониците го фатија свети Ананиј и го доведоа пред игемонот Лукијан, кој на разни начини го принудуваше да им принесе жртва на идолите. Светителот не сакаше да го послуша и велеше:
„Јас Му се поклонувам на единствениот вистински Бог Исус Христос. Него со свои очи Го видов и лице в лице со Него разговарав, не само додека живееше како Човек на земјата, туку и по Неговото вознесение на небото. Кога бев во Дамаск, Господ Христос ми се јави лично и ме испрати да го исцелам Савле, кого Господ со Својата прекрасна премудрост и сила го обрати кон познание на вистината. Господ Христос сите нѐ избави од раката на ѓаволот и нѐ приведе кон Отецот Свој. Затоа Нему Му се поклонувам, а не на демоните, кои сакаат да го погубат сиот човечки род“.
Тогаш управникот започна да му се заканува со мачење, ако не го изврши нареденото. Но, тој, како цврст столб стоеше во исповедањето на Христа, и откако ги крена рацете кон небото, рече:
„Господи Исусе Христе, Сине на Благословениот Отец, почуј ги молитвите мои и удостој ме на удел со блажените Апостоли во идниот живот. Како што си го спасил Савле со светлоста на вистината, спаси ме и мене од овој безбожник, кој се противи на вистината. Нека не се исполни волјата негова, нека не ме улови во замката на лукавството свое, и Ти не лишувај ме од Царството Небесно, подготвено за сите кои го сакат патот на вистината Твоја и ги исполнуваат заповедите Твои“.
Но, игемонот не можеше повеќе да го слуша, и нареди да го положат на земјата и да го тепаат. Додека слугите силно го тепаа светиот апостол, гласникот викаше:
„Послушај го игемонот! Не противи се туку принеси им жртва на боговите, на кои што им се поклонува сиот свет!“
Кога престанаа да го тепаат, игемонот му рече:
„Барем сега сожали се на себе, откажи се од Распнатиот, за да не те ставам на пострашни маки“.
На тоа свети Ананиј одговори:
„Нема да им се поклонам на бездушните богови, кои вие ги почитувате“.
Кога виде дека е упорен, управителот нареди да му го кинат телото со железни нокти и со свеќи да му ги печат раните. А светителот трпеше и со кренати очи кон небото усрдно се молеше. После таквите маки, мачителот му рече:
„До кога ќе бидеш тврдоглав? Зарем нема да се сожалиш на себе и да им се поклониш на големите богови? Зарем ти е попријатно да поднесуваш залудни страдања за некаков Христос, Кого евреите Го распнаа, отколку да бидеш здрав? Се колнам дека нема да те пуштам жив, ако останеш така упорен!“
Светителот одговори:
„Непријателу Божји и пријател на ѓаволот, прави што сакаш. Ти многу пати веќе слушна дека нема да им се поклонам на твоите богови, туку само на единствениот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух, Творецот на небото и земјата и сѐ што е во нив. Во Христа поверував, Господ Христос ми даде сила цел ден цврсто да стојам пред тебе и јуначки да ги поднесам овие маки. Зошто толку се трудиш? Ете, слушна дека нема да ѝ се покорам на твојата волја. Побрзо прави што си наумил!“
Мачителот страшно се разлути и нареди да го изведат свети Ананиј од градот и да го убијат со камења. Беззакониците го фатија, го одведоа на губилиштето и го каменуваа како втор Стефан. А тој гласно воскликна:
„Господи Исусе Христе, во Твоите раце го предавам својот дух“.
Така, после сите мачења, го заврши својот живот и отиде во небесните населби. А народот, откако виде дека е веќе мртов, го остави непогребан и се разотиде. Во тоа време се случи тука да наидат некои христијани од Дамаск. Тие го зедоа светото тело на Христовиот апостол Ананиј, чесно го пренесоа во Дамаск и го погребаа во неговиот роден град".
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ РОМАН СЛАТКОПЕВЕЦ
Преподобниот Роман беше родум од Сирија и воспитан во градот Емеса. Тој уште од мал Му угодуваше на Бога и живееше во девственост и целомудрие. На почетокот беше пономар во една црква во градот Берит. Потоа, за време на царувањето на царот Анастасиј, премина во Цариград и служеше при Кировата црква на Пресветата Владичица наша Богородица. Таму водеше добродетелен живот во пост и молитви, и го измачуваше своето тело со многубројни подвизи и сеноќни бденија. Ноќе одеше во Влахерна и цела ноќ стоеше на молитва, па повторно се враќаше во Кировата црква. Потоа беше поставен за пономар во црквата на света Софија.
Свети Роман не беше писмен, но беше искусен во добрите дела, со кои што ги надминуваше премудрите книжевници. Со својот разум тежнееше кон Бога, далеку повеќе отколку оние што ја бараат мудроста на овој век. Беше еден од оние, за кои Апостолот рече: „Она што е безумно за овој свет, тоа го избра Бог за да ги посрами мудрите“ (1 Кор. 1, 27). Заради својот добродетелен живот беше сакан од патријархот Евтимиј, кој додека гледаше колку се труди во храмот и со какво усрдие го извршува своето послушание, му даваше подеднаква награда со клириците. Заради тоа клириците негодуваа против патријархот, говорејќи:
-Незнајкото се изедначил со нас.
Клириците го мразеа Роман и му вршеа многу пакости. Еднаш, на Бадник, кога во црквата дојде и царот и Роман ги распоредуваше свеќниците по црквата, клириците го фатија и го одвлекоа на амвонот, говорејќи:
-Ти добиваш подеднаква награда со нас. Затоа како нас, пеј пофална песна кон Бога на амвонот!
Тие го сторија тоа од завист, за да го попсрамат, знаејќи дека тој не го знае Писмото и не ќе може да пее. Така понижен од клириците во присуство на царот и многубројниот народ, Роман многу се посрами и горко плачеше. Но, по завршувањето на службата, кога сите излегоа од црквата, тој падна ничкум пред иконата на Пресвета Богородица и горко ридаше и се молеше. После долгото плачење и молитви, Роман се врати во својот дом многу тажен, и без да вкуси нешто заспа. Тогаш во сонот му се јавила Пресветата Владичица наша Богородица, Утехата на сите нажалени, со мал свиток во раката, и му рекла со тивок глас:
„Отвори ја устата“.
Кога Роман ја отворил својата уста, Владичицата му го ставила свитокот, говорејќи му:
„Изеди го тоа“.
Роман ја проголтал хартијата. И веденаш се разбудил, но никого не видел пред себе, зашто Пресветата станала невидлива. А пак неговото срце се исполни со неискажана сладост и духовна радост, и тој започна да размислува за видението. Тогаш осети во умот дека разбира книга, зашто Дева Богородица, како некогаш Нејзиниот Син апостолите, му го отвори умот да го разбере Писмото. И се исполни срцето негово со голема мудрост, и тој започна со солзи да ѝ принесува благодарност на својата Учителка, Која за кратко време му подари такво знаење, какво што тој не би можел да стекне во текот на многу години. А кога дојде часот на сеноќното бдение, свети Роман појде во црквата, радосен и весел заради благодатта, подарена од Богоблагодатната Девица.
Кога дојде време да се пее во чест на празникот песната наречена кондак, свети Роман се качи на амвонот и со сладок глас го отпеа својот кондак, кој што самиот во својот ум го смисли: „Дјева днес Пресушчественаго раждает..“ - Дева денес Го раѓа Предвечниот и земјата на Непристапниот му поднесува пештера; Ангелите со пастирите славословат, а мудреците патуваат со ѕвездата; зашто заради нас предвечниот Бог се роди како дете. Сите што го гледаа и слушаа се восхитија и уживаа во пеењето, задлабочени во смислата на отпеаните зборови. А кога свети Роман ја заврши песната, патријархот го праша од каде кај него таква мудрост. Тој не го сокри чудото на Пресвета Богородица, туку ја објави Нејзината благодат и ја прослави небесната Учителка, Која го омудри. Клириците пак, кои го беа навредиле, се посрамија и покајнички паднаа пред неговите нозе, молејќи го за прошка. Патријархот веднаш го постави свети Роман за ѓакон и од неговата уста течеше мудрост како река. Оние пак, кои што порано го навредуваа заради неговата простота и незнаење, сега започнаа да учат од него. Свети Роман состави многу кондаци за празниците Господови, Богородични и на знаменитите Светители, така што негови кондаци има над илјада. Беше многу сакан и почитуван од сите. Свети Роман го помина својот живот богоугодно и праведно, и се пресели во вечните населби. И сега со хоровите на ангели Му пее на Бога трисвета песна. Амин.
ЧУДОТВОРНА ИКОНА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „ПОКРОВ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА“
„Те величаме, Пресвета Дево, и го почитуваме Твојот чесен Покров, зашто свети Андреј Те виде во воздухот како се молиш на Христа за нас.“
Величание на празникот Покров на Пресвета Богородица
Минатото е бескрајна далечина и колку повеќе се вгледуваме во него, толку подобро гледаме колку длабоко во вековите одат корените на човечката историја. Но, има настани кои ги обединуваат сите столетија и сите народи. Тогаш времето, кое на прв поглед безмилосно го одмерува земниот човечки пат, како да престанува да постои.
Кон тие настани се однесува и чудото на Покровот. Тоа се случило многу одамна. Историчарите и досега спорат кога точно било тоа. Но и не е толку важно, зашто за она што се случило во една темна ноќ во Влахернскиот храм во Константинопол, воопшто не постои време.
Во шестиот век, за време на императорот Јустинијан, во Цариград живеел идниот песнописец Роман Слаткопевец, родум од сирискиот град Ефес. Тој служел како клисар во централниот храм на империјата Света Софија - Премудрост Божја, но не ја поседувал дарбата да чита и да пее јасно и убаво. Еднаш на празникот Рождество Христово Роман дури и бил отстранет од службата, заради неговото неразбирливо читање. Длабоко повреден, тој коленичел пред иконата на Пресвета Богородица и тогаш Таа му се јавила и му заповедала да земе свиток и да го голтне. Утредента Роман толку ги поразил сите со своето прекрасно пеење, така што наскоро бил ракоположен за ѓакон во константинополскиот храм Влахерна. Тој ни оставил околу илјада духовни песнопеења меѓу кои и кондаци. Православните христијани го одбележуваат споменот на свети Роман Слаткопевец на први октомври.
Во десетиот век по улиците на Константинопол бродел и јуродивиот заради Христа Андреј. Сочувани се сведоштва за неговиот несекојдневен ум и телесна убавина. Родум славјанин, тој одлично го изучил грчкиот јазик и прочитал многу книги. Тогаш Господ го повикал на тешкиот повик на јуродивството. Андреј одел низ градот облечен во стари закрпи и ноќе долго се молел во цариградските храмови.
Во Константинопол имало и многу храмови. Еден од најпочитуваните бил Влахернскиот, кој се наоѓа на брегот на заливот Златен Рог. Таму се чувал златен ковчег, украсен со скапоцени камења, а во него Ризата на Пресвета Богородица, Нејзината шамија за главата и дел од Нејзиниот појас. По наоѓањето на овие светињи, во 1458 година императорот Лав Велики изградил храм специјално за нивно чување. И таму се случило чудо.
Некое време во една црква во Константинопол имало икона на Пресвета Дева, пред која што висела покривка, но, секој петок на вечерната, таа покривка без ничија помош, сама од себе, со Божествено чудо, некако се подигнувала кон небото. При тоа сите можеле јасно да го видат тоа, а во саботата покривката се спуштала на своето место и останувала таму до наредниот петок.
Се претпоставува дека оваа икона на Божјата Мајка била мозаик и се наоѓала во главниот олтар на Влахернскиот храм. Уште во 511 година било востановено ноќно бдеење со песнопеење, кое од тогаш секоја недела се извршувало пред неа.
Во времето на свети Андреј јуродивиот Византија преживувала тешки моменти од својата историја. Огромна сараценска војска се сконцентрирала во областите на империјата. И тогаш православните заедно со императорот и патријархот се собрале во Влахернскиот храм на ноќно бдение. Храмот бил опфатен од темнина, и само звукот на брановите во заливот ја нарушувал благоговејната тишина. Сите се молеле: „Пресвета Владичице наша Богородица, спаси нѐ!“
Заедно со граѓаните се молеле и Андреј Јуродивиот и неговиот верен ученик Епифаниј, кој подоцна станал 67-миот по ред патријарх Константинополски.
И одненадеж како да исчезнале куполите на храмот, сѐ било озарено од дневна светлина и Андреј ја здогледал Небесната Царица како доаѓа од кај царските двери. Ја опкружувале свети Пророци, Апостоли, Ангели, кои Ја прославувале Пречистата со пофални имиња. А пак непосредно до Пресвета Богородица чекореле свети Јован Преттеча и свети Јован Богослов. Од ликот на Пресвета Богородица излегувала неземна утешна светлина.
„Ја гледаш ли брате, Царицата и Владичица на сите, Која се моли за нас?“ - го запрашал Андреј Јуродивиот својот ученик Епифаниј.
„Ја гледам, свети Оче, и се ужаснувам“ - одговорил тој.
И тие виделе како Пречистата коленичела и се молела за христијаните од сите краишта на земјата, и како ја симнала од Својата глава блескавата молњевидна покривка и ја распослала над молитвениците. Покривката станала толку голема, и како да го покривала сиот православен свет.
„Гледаш ли, брате?.““ - „Гледам, свети Оче...“
И додека Пречистата била во Влахернскиот храм, јасно се гледал и Нејзиниот свет Покров, но штом Си заминала и Покровот станал невидлив. Ова чудо се случило во недела, на први октомври, за време на царувањето на византискиот цар Лав VI Мудриот. Точната година е непозната, но и не е толку важна, бидејќи молењето на Пречистата за грешниот човечки род секогаш постоело и секогаш ќе постои.
Константинопол знаел многу сведоштва за чудесната заштита на Пресвета Богородица и Нејзиниот покров. Истата ноќ, кога Таа го распослала Својот покров над оние што се молеле во Влахерна, сарацените побегнале. А претходно спуштената покривка на Пресвета Богородица во водите на заливот Златен Рог го спасила градот од скитите, нешто подоцна од агарјаните, а во 866 година и од наездите на руските јазичници Асколд и Дир и нивната дружина.
Се случило така што православните христијани започнале да го одбележуваат празникот Покров Богородичен не во Цариград, каде што се случило самото чудо, туку во Рус, каде што среде густи гори и ледени рамнини живееле луѓе, непознати за византијците, чии што кораби често се појавувале во водите на Босфорот.
Великиот кнез Андреј Богољубски (1111-1174 г) во Рус го утврдил празникот Покров Богородичен во шеесетите години на дванаесетиот век и истовремено во негова чест изградил необично убав храм „Покров Богородичен“ точно во срцето на своето кнежество, долината во која што се спојуваат реките Клјазма и Нерл.
Светата Рус верува дека чудесниот покров на Пресвета Богородица е распослан над неа. Вековите давале сѐ понови потврди за тоа. Меѓу нив е и опсадата на Псков во 1581 година, кога градот бил опседнат од еретичката војска на полскиот крал Стефан Баториј. Тогаш Пречистата му се јавила на еден благочестив монах, на име Доситеј, и му наредила да ги обиколат московските ѕидови со иконата Покров Богородичен од Печерскиот манастир, после што на заштитниците на Псков им се дало да го заштитат градот и покрај пробиените ѕидови од полските орудија. Во спомен на тој настан, близу до пробиените ѕидови, била изградена црква. Специјално за неа била насликана икона -посебен композициски тип на Покров Богородичен, познат како Псково-Покровски или Јавување на Пресвета Богородица на старецот Доситеј. Тука Владичицата е насликана заедно со преподобните Антониј и Корнилиј Печерски, во опкружување на благоверни киевски и псковски кнезови.
Првите од познатите икони Покров Богородичен датираат од осмиот век. Уште во наредниот век се утврдиле два основни композициски и скратени типа на таа икона. На московскиот тип се изобразува чудесното видение, на кое што биле удостоени Андреј и Епифаниј. Пречистата сама држи покров во Своите раце. Во Новогородскиот тип Пресвета Богородица се изобразува во позата на Оранта, со кренати раце нагоре, а покровот го држат ангели, кои летаат пред Неа. Се смета дека тоа е изобразение на чудото, кое што се случувало секоја недела во Влахернскиот храм.
Вгледајте се во иконата. Таа може да се чита како книга. Всушност, така правеле и нашите прадедовци. Вгледајте се и ќе ги видите нефите и олтарот на Влахернскиот храм, иако и тој одамна исчезнал од лицето на земјата. Ќе ја видите и завесата, која ја закрива познатата Влахернска икона на Пресвета Богородица. Обично таа се изобразува со темноцрвени нијанси, со боите на императорската багреница. Во центарот на амвонот е нам познатиот Роман Слаткопевец, со свиток во рацете, кој живеел четири века пред Андреј Јуродивиот. Но и Андреј стои близу, облечен во стара облека и му го посочува видението на својот потресен ученик Епифаниј... До Роман Слаткопевец се визнатискиот император, вселенскиот патријарх, монаси, народ, а над сите е Небесната Црква - Пророците, Светителите, Мачениците, а среде нив се свети Јован Богослов и свети Јован Преттеча. Иконата Покров Богородичен обединила сѐ - и небесниот и земниот свет. И точно во центарот на иконата е Пресвета Богородица со Својот благодатен покров во рацете. Тој е толку простран, така што слободно го покрива сиот православен свет. Уште повисоко пак е ликот на Оној кон Кого се упатени сите погледи и сите молитви - ликот на Спасителот.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ДОМНИН
Свети Домнин беше од Солун. Кога царот Максимијан си градеше дворец во Солун, тој беше фатен како христијанин и проповедник на побожноста, и приведен кај него на суд. Царот гневно му рече:
- Како се осмелуваш да исповедаш друг Бог, додека царот ги чествува и исповеда древните богови на своите претци? Ако сакаш да живееш, принеси им жртва на боговите!
Но, бидејќи светителот одби, царот тиранин нареди да му го раскинат телото. Додека маченикот храбро трпеше, тој дури и го исмеваше царот. Затоа незнабожникот нареди да го изведат надвор од градот и да му ги отсечат нозете. Откако му ги отсекоа уште цели седум дена беше жив, иако за тоа време не вкуси ништо. Принесувајќи Му благодарност на Господа, блажениот маченик Домнин ја предаде својата душа.
ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЈОВАН КУКУЗЕЛ
Блажениот Јован е роден во Драч, а со образование се стекнал во Цариград, бидејќи заради прекрасниот глас и исклучителната музичка надареност бил земен во музичкото училиште во Цариград. Неговото презиме Кукузел укажува на неговото словенско потекло. Кога бил земен на царскиот дворец заради прекрасниот глас, каде што се воспитувал со останатите деца, и другарите го прашувале што јадел, тој, бидејќи не го знаел добро грчкиот јазик, одговарал Куку-зелје, што значи грчки грав, а зелје е македонски збор. И затоа другарите на шега го нарекле Кукузел. Тој шегобиен прекар му остана засекогаш како презиме.
Необичната уметност во пеењето направила Јован да стане началник на дворските пејачи и миленик на самиот цар и големците. Станал славен и заради многуте дела, кои што ги напишал за црковното пеење. Ценејќи ги неговите дарови и доблесниот живот, царот се подготвувал да го ороди со некои од своите великодостојници. Но, младиот девственик не сакаше да се жени. Срцето го влечеше кон спротивната страна, кон пустиничкиот молитвен живот и таинствените радости и ангелските восхитувања на монашкото побожно тихување. Гледајќи ја чистотата и искреноста на неговата намера, Бог набрзо му ја исполни желбата.
Во тоа време се случи игуменот на Светогорската лавра свети Атанасиј да дојде во дворецот на царот, по свои манастирски работи. Младиот Јован се сретна со него, му ја откри желбата на своето срце и тие се спријателија. Старецот игумен ја благослови неговата намера. Извесно време по заминувањето на игуменот, Јован тајно го напушти дворецот, со стап во раката и облечен во искината облека. Така стигна во Света Гора, пред капијата на светата Лавра. На прашањето од вратарот кој е, од каде е и што бара, Јован одговори дека е селанец, пастир, и сака да стане монах. Вратарот на тоа му забележа:
- Сѐ уште си млад.
- Добро е во младоста да се земе врз себе јаремот Господов, - скромно му одговори Јован и сесрдно го молеше да го прими кај игуменот.
Вратарот ги извести игуменот и браќата за непознатиот дојденец. Тие му се израдуваа, зашто им беше потребен пастир за чување на добитокот. Така Јован беше примен во братството. Го потстрижаа и му одредија на планинските пасишта да го чува манастирското стадо. Оваа должност, потполно нова, многу го израдува побожниот певец. Тој со своето стадо навлезе длабоко во светогорските пустини и омилено занимање му беа богоразмислувањето и молитвата.
Но, кога царот дозна за бегството на својот миленик, многу се натажи и испрати дури во некои најдалечни места да го бараат. А Јован, покриван од Бога, не беше пронајден од царските пратеници, иако беа и на Света Гора, па дури и во самата лавра на свети Атанасиј. Во строгиот пустински живот, на Јована тивко и спокојно му минуваа деновите и годините. Тој едноставно не можеше доволно да се нарадува на својата новонастаната состојба. Еднаш, додека седеше покрај своето стадо, кое мирно пасеше, тој потона во потресно и длабоко размислување. Мислата го носеше во неговото минато и срцето му трепереше од возбудлива молитвена благодарност кон Господа Христа и Неговата Пресвета Богомајка за Нивното промислување за него. Мислејќи дека е сам во пустината и нема кој да го чуе, Јован започна да ги пее своите божествени химни. Неговиот ангелски глас се разлеваше со далечно ехо и замираше со своите слатки звуци на пустинските врвови на Атон. Долго и со сласт пееше разнежениот Јован, без да види и да знае дека сокриен пустиник го слуша од една дива пукнатина во близина. Прекрасното пеење на пастирот го потресе строгиот пустиник, го трогна до солзи, и остави благодатен впечаток во неговата растреперена душа. Додека Јован пееше, пустиникот не ги симнуваше очите од него и не можеше да сфати од каде во пустината таков ангелски глас, таков беспримерен пејач. Неговото запрепастување кулминираше кога забележа дека и самите кози не пасат, занесени од милозвучните песни на својот пастир. Тие го беа опкружиле, стоеја неподвижно околу него како без здив, маѓепсани од неговиот ангелски глас. Тогаш пустиникот отиде во лаврата и го извести игуменот за прекрасниот пастир и неговото трогнувачко пеење. Јован беше повикан во лаврата, и натеран под заклетва, му откри на игуменот дека тој е началникот на дворските пејачи Јован. Додека го гледаше сувото испостено лице Јованово, игуменот одвај го препозна во него царевиот миленик, со кој што се беше зближил во Цариград, и кој тогаш беше во полна сила и црвени образи. На солзните молби од смирениот Јован, игуменот го остави на истото послушание, да ги чува козите.
Сепак, игуменот се плашеше да биде сокриено од царот каде се наоѓа неговиот миленик, па отиде во Цариград лично да го извести за тоа. Кога стигна, му рече:
- Прости му, господаре, на слугата твој. Те проколнувам во името на Бога, Кој на сите и на секого од нас му сака спасение. Родителски сослушај ми ја молбата и исполни ја, за и Бог да ги исполни и твоите желби за добро.
Трогнат од длабокото смирение на старецот, царот благо го праша:
- Што сакаш од мене, оче?
- Прости ми, господару, ако бидам премногу смел пред твоето величество. Мојата молба е ништовна. Многу лесно можеш да ја исполниш. Потребен е само еден твој збор. А пак нејзиното исполнување ќе биде радост за ангелите на небото и богатство за мојата Лавра.
- Кажи ми што сакаш, и јас сѐ ќе сторам, - благо прозборе царот.
- Царскиот збор е светиња, - пристојно забележа игуменот. Тој е непроменлив.
- Така е, оче, - рече царот, - трогнат од старчевата простота.
- Кажи ми што сакаш?
- Подари ни еден од твоите поданици, кој што го сака вечното спасение за себе и се моли за твојата држава. Тоа го сакам и ништо повеќе - рече игуменот и замолкна.
- Нека биде според твојата волја - весело одговори царот, па го праша:
- А кој е тој? Каде е?
- Тој е кај нас и веќе е во ангелскиот монашки чин - бојазливо изговори старецот. - Името му е Јован Кукузел.
- Кукузел? - Изненадено рече царот и солзи му потекоа од очите. Тогаш игуменот подробно му раскажа за Јован. Царот внимателно го слушаше и на крајот од срце воскликна:
- Жал ми е за единствениот пејач! Жал ми е за мојот Јован! Но, бидејќи веќе се замонашил, нема што да се прави. Спасението на душата е над сѐ. Нека се моли за моето спасение и за царството мое.
Старецот Го благословуваше Господа и милостивиот господар, и се врати радосен во својата Лавра. Од тоа време свети Јован остана спокоен и слободен. Си одбра за себе осамено место позади манастирот, си изгради ќелија и црква во име на светите Архангели и тука живееше осамено по шест дена, а во недела и на празниците одеше во Соборната црква и пееше на десната певница со останатите певци. Тој негов труд и ревност во светото пеење беа наградени со небесна утеха. Една сабота, откако го отпеа Акатистот, после бдението седна на една стасидија спрема иконата на Богомајката, пред која што се читаше Акатистот, и онака уморен го обзеде лесен сон:
„Радувај се, Јоване!“ - слушна одеднаш благ глас. И виде: пред него, блескајќи со небесна светлина, стои Богомајката, и му вели:
„Пеј и не престанувај да пееш. Јас поради тоа нема да те оставам“.
При тие зборови Богомајката му стави на Јован во раката златник и стана невидлива.
Потресен од чувството на неискажана радост, Јован се разбуди и навистина здогледа златник во својата десна рака. Искрени солзи на благодарност потекоа од очите на христочезнивниот певец, и тој заплака полн со радост заради неискажливата милост кон него и благословот на Царицата Небесна. Златникот беше прикачен на иконата на Богомајката, пред која што Јован пееше и се удостои на небесното видение. И се случуваа необични чудеса и од иконата и од самиот златник.
Од тоа време Јован поусрдно од порано го вршеше своето послушание на певницата. Но, колку од тајните ќелијни подвизи, толку и од долгото стоење во црквата, нему му отекоа нозете, му се отворија рани на нив и му провреа црви. Но блажениот не страдаше долго од тоа. Како и порано, за време на лесен сон, нему му се јави Богомајката и тивко изговори:
„Отсега биди здрав“.
И раните исчезнаа, и благодарниот Јован остатокот од својот живот го помина во исклучителни подвизи на созерцателниот живот, и толку се усоврши во духовниот живот, што се удостои да ги провиде денот и часот на својот блажен крај.
Пред смртта блажениот Јован умилно се прости со браќата, кои се беа собрале кај него, и им нареди телото да му го погребаат во неговата црква на светите Архангели. Со рајска насмевка на молитвените усни, тој отиде кај Господа. И сега на небесата, заедно со ангелските хорови, со Роман Слаткопевец непрестајно Го слави Секогашславениот, Кому и од нас чест, слава и благодарност низ сите векови. Амин.
ЧУДОТВОРНАТА ИКОНА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „КУКУЗЕЛИСА“
Оваа е иконата преку која што Пресвета Богородица му се Јавила на свети Јован Кукузел, и се наоѓа во Лаврата на свети Атанасиј Атонски (за што се зборува во неговото житие под денешниот датум).
Поставена е во храмот „Воведение Богородично“, изграден внатре во Лаврата, до самите манастирски порти. Пред неа постојано горат три кандила. Во Лаврата ја нарекуваат „Кукузелиса“ а исто така и „Икономка“.
Празникот во чест на оваа Богородична икона е на 1 октомври, кога се чествува и споменот на преподобниот Јован Кукузел.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦИ: МИХАИЛ ИГУМЕНОТ и со него 36 Монаси
Овие свети преподобномаченици се подвизуваа во манастирот Зовија, во близина на Севастија, за време на царувањето на Константин и Ирина. Агарјанскиот емир Алим ја нападна таа област и ја зазеде. Емирот ги присилуваше овие преподобни Отци да се одречат од својата вера во Христа. Но, игуменот Михаил бестрашно го изобличи и исмеа емирот Алим, а своите монаси ги поттикна и охрабри јуначки да ја поднесат смртта за Христа. Овие славни монаси покажаа голема храброст. Први ги наведнаа своите глави под мечот и беа обезглавени. По нив му беше отсечена главата и на преподобниот Михаил. Така овие блажени отидоа кај Господа Христа.
ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ САВА ВИШЕРСКИ
Преподобниот Сава е роден во многу ценето благородничко семејство, од татко болјарин на име Иван Василевич Борозда, во градот Кашина, во Тверското кнежество. Од рано детство Сава се одликувал со доблесен живот. Носејќи световна облека, тој ги подржуваше монашките подвизи, се молеше и постеше како вистински монах и усрдно одеше во црква. Понесен од љубовта кон Бога, Сава се замонаши и започна да води строг монашки живот во некои Тверски манастири, каде безропотно ги извршуваше разните манастирски послушанија и во кујната, и во пекарата и насекаде. Притоа тој се одликуваше со необично смирение. Браќата на Савинската пустина, каде што набрзо се насели тој, толку го засакаа и почитуваа заради неговиот подвижнички живот, така што во него гледаа ангел Божји. Затоа го избраа за свој игумен. Болјарите и сите жители на тој крај започнаа да го почитуваат како светец, и гласот за неговото смирение, воздржание и останатите добродетели се пронесе надалеку. Но, преподобниот не ја сакаше човечката слава, и затоа го напушти својот роден крај и долго време живеел незнајно каде. Желен за повисоки монашки подвизи, преподобниот Сава отпатува на далечниот Атон-Света Гора, прославена со светиот живот на своите подвижници, и таму се усовршуваше во духовниот живот.
По три години се врати од Атон, дојде во Велики Новгород, никому не кажа кој е, и странствуваше како беден и непознат богомолен поклоник. Раководен од Бога, тој дојде на реката Вишера, забоде тука крст, си направи мала колиба и започна да води пустински живот. Имаше со себе икона на Пречистата Богомајка, пред која постојано се молеше. Еднаш се случи еден човек од Новгород да минува покрај тоа место. Беше Петровденскиот пост и печеше страшна горештина. Во тоа време преподобниот, потонат во длабока молитва, не ни забележал дека рој од комарци толку му го покрил лицето, што тоа воопшто не му се гледало. Запрепастен, човекот им раскажа на другите што видел и по тоа сите препознаа дека тој навистина е човек Божји. Кога забележа дека дознале за него, веднаш замина оттаму и се насели во уште поосамено место, близу реката Сосница. Тука започна да живее во пост и молитва и во уште поголемо оскудевање.
Но, не може да се сокрие град на врв планина (Матеј 5, 14). Гласот за светиот живот на преподобниот Сава се пронесе по целата околина и луѓе започнаа да доаѓаат кај него и да му ги носат најнеопходните намирници. Тој глас допре и до Новгородскиот архиепископ, преосветениот Јован, кој испрати доверливи лица да видат и испитаат кој е тој подвижник. На забелешката од пратениците како смеел да се насели тука без благослов на архиепископот, преподобниот смирено одговори:
- Живеам овде во пустината, не за да го одбегнувам архипастирот, туку да се тргнам од светот. Неговите молитви и благослов сакам постојано да бидат со мене.
Потоа архиепископ лично дојде да го посети. Восхитен од неговото смирение, со љубов го благослови. Тие долго разговараа во неговата ќелија. Архипастирот неколку часа го поучувал преподобниот со сета душа да се држи до трпението и подвизите. Потоа заедно седнаа на пустиничка трпеза. Кога се врати во Новгород, архиепископот го фалеше високото богоугодно живеење на преподобниот старец и од тогаш многу го почитуваше, сметајќи го за голем, и постојано му испраќаше сѐ што му е потребно за неговиот пустинички живот.
Преподобниот Сава намисли во својата пустина да основа манастир и започна со свои раце да гради ќелии за монашките браќа, кои доаѓаа кај него. Меѓутоа, лукавиот непријател на човечкиот род, им дошепна на некои разбојници да му наштетат. Мислејќи дека тој има некаков имот, тие дојдоа кај него и го затекнаа како ја гради ќелијата. Со лажно смирение побараа благослов од него, но преподобниот ја прозре нивната лоша намера, а и тоа дека се разбојници, па им се обрати со следната молба:
- Дечиња, ве молам, помогнете ми оваа греда да ја качам врз ѕидот.
Притоа им рече тие да го фатат тенкиот крај на гредата, а самиот го фати дебелиот. Разбојниците, иако сите заедно, никако не успеваа да го подигнат својот крај од гредата, додека старецот, со Божја помош, самиот ја подигна гредата врз ѕидот. Запрепастени од тоа, разбојниците се погледнаа засрамено и исплашено, па побегнаа од страв, за да не ги снајде некое зло заради него.
По извесно време преподобниот испрати свои ученици во Новгород и издејствува одобрување за градба на манастир на реката Вишера. Набрзо беа изградени ќелии и црква во чест на Вознесението Господово. Од тоа време започна многуброен народ да доаѓа кај преподобниот Сава, едни заради духовна корист и поуки, други заради монашки живот во неговиот манастир. Тој со радост ги примаше сите. Со напредувањето на манастирот, преподобниот Сава ги умножуваше своите подвизи. Така тој си изгради за себе столб (кула). На столбот поминуваше цела седмица, до сабота, во пост и молитва. Во сабота се симнуваше од столбот кај браќата, ги причестуваше со Светите Тајни, присуствуваше на службата во недела, учествуваше на заедничката трпеза со браќата, им изговараше душекорисна поука, па повторно се враќаше на столбот и се подвизуваше на него до наредната сабота.
За време на овој голем столпнички подвиг во манастирот, кај преподобниот Сава од Твер дојде неговиот роден брат да се види со него, бидејќи одамна го немаше видено. Меѓутоа старецот не сакаше да го види и да разговара со него. Братот долго време стоеше кај столбот и го преколнуваше старецот макар само да се види со него, па тој најпосле се симна и го благослови, но ни збор не му прозборе, туку веднаш повторно се качи на столбот. Братот радосен се врати во Твер и Го прославуваше Бога за прекрасните знаменија на Неговата благодат.
Додека живееше на столбот, иако подалеку од манастирот, преподобниот сепак ја чуваше својата обител со своите молитви. Еднаш разбојници се прикрадоа до манастирот, за да го ограбат. Преподобниот, кој стоеше на столбот на молитва, уште од далеку ги здогледа разбојниците и, провидувајќи ја нивната лоша намера, започна со жезолот да удира по зидот. Разбојниците се исплашија од тие удари и побегнаа, зашто неговите молитви ги бркаа оттаму. Од тоа време разбојниците престанаа да му приоѓаат на манастирот.
Меѓутоа кај преподобниот Сава и понатаму од сите страни доаѓаа монаси и мирјани за духовна корист, зашто тој, според зборовите на апостолот, на сите им беше сѐ (1 Кор. 9, 22). Сите ги поучуваше, за сите имаше сожалување и за сите се грижеше како за својата душа. Спрема старците се однесуваше како спрема свои браќа и врсници, а спрема младите како спрема деца. И во неговиот манастир немаше ниту меѓусебни навреди, ниту навреди на отецот, зашто преподобниот сите ги утешуваше и смируваше.
Водејќи живот во строги подвизи и доброволно сурово оскудевање, преподобниот Сава во својата осумдесетта година тешко се разболе. При своето подготвување за разделба од телото, тој ги повика кај себе сите браќа и им се обрати со претсмртна поука, а особено им препорача цврсто и непоколебливо да останат во Православието и да го исполнуваат монашкиот завет, првенствено смирението. На крајот им рече:
- Во какви подвизи мене ме видовте, такви и вие самите вршете.
После тоа, иако силен со духот, започна да малаксува со телото. Откако се причести со Светите Тајни Христови, тој мирно ја предаде својата душа на Господа, на 1 октомври 1460-та година. Учениците го оплакаа својот отец и наставник, па со псалмопеења и погребни песни го погребаа неговото трудољубиво и многу намачено тело, помеѓу црквата и столбот на кој се подвизуваше во последниот период од својот живот.
На гробот на преподобниот Сава започнаа да се случуваат разни чудеса. Болни се исцелуваа и сите кои со вера доаѓаа и молитви му принесуваа, добиваа духовна утеха во своите неволји, во тагите и жалостите. Преподобниот на многумина им се јавувал на сон и ги исцелувал од болестите. Така го исцелил и игуменот на Савинската обител, Геласиј. Заради сето тоа Новгородскиот архиепископ Јона допатува во Савино Вишерскиот манастир, отслужи молепствие на гробот на преподобниот Сава, нареди да се изработи негова икона и во негова чест да се напише служба и да се состави негово житие.
Чесниот гроб на преподобниот наш отец Сава и денес им дава исцеленија на сите кои со вера прибегнуваат под закрилата на овој прекрасен угодник Божји, кој не престанува да се моли пред престолот на Севишниот, за сите кои со вера го почитуваат неговиот свет спомен.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ГРИГОРИЈ ДОМЕСТИК
Беше монах во лаврата на свети Атанасиј на Света Гора. Исто така заблескал со својот подвижнички живот и бил познат како певец. Еднаш заради прекрасно отпеаната песна „О Тебје радујетсја..“ за време на светата Литургија му се јавила во сон Пресветата Богомајка, му дала златник и му рекла:
„Прими награда за своето пеење. Многу ти благодарам за твојата песна во Моја чест“.
Овој златник веднаш беше закачен на иконата на Пресвета Богородица во светата лавра.
Преподобниот Григориј се подвизувал во 14 век.
СПОМЕН НА СОБОРОТ НА ЧУДОТВОРНАТА ИКОНА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „СКОРОПОСЛУШНИЦА“, која се наоѓа во манастирот „Дохиар“
Атон... Во тишината на своите самотни ќелии, во манастирско безмолвие, во исклучително висока сосредоточеност, монасите светогорци ја извршуваат својата, со векови наназад, непрекината молитва за грешниот свет и неговото спасение. Со векови е натрупан огромен духовен опит. Како што пишува митрополитот Јеротеј (Влахос), подобно на светите Ангели, земните Ангели, кои што живеат на Света Гора и ги подржуваат со својот живот и молитви Небесните и Бестелесните, имаат друга сила, со посредството на која што го предаваат опитот на својот живот. Таа сила е молчанието, кое на Света Гора најчесто се јавува како најубедливо красноречие, безмолвна поука. Таму не зборуваат, туку живеат во молчание преку Божествените Тајни.
Молчанието е клучот за разбирање на суштината на монашкиот живот. Што го натерало блескавиот византиски велможа од десетиот век Евтимиј да побегне од суетниот живот и да стапи во манастир, да стане пријател и верен ученик на оснивачот на атонската велика Лавра свети Атанасиј? Тој бил назначен за дохиар (одговорен за манастирските имоти) и врз своите плеќи носел огромен товар од грижи. Но, душата му се стремела кон тишината, кон безмолвната молитва, и Божјата Промисла му посочила едно тивко место. Така бил основан нов светогорски манастир наречен „Дохиар“, како спомен за послушанието на Евтимиј, во монаштво Неофит. Манастирот преживувал времиња на процвет и времиња на падови. Но, во него постојано блескала чудотворната икона на Божјата Мајка, позната како „Скоропослушница“. Големата светиња претставува изобразение на Пресвета Богородица од типот на Одигитрија. Фрескописот во нишата на надворешниот ѕид, пред влезот во трпезаријата, ја изобразува Пречистата со круна и со Богомладенецот врз својата лева рака. Со десната рака Младенецот благословува а во левата држи свиток. Неговата десна ногичка е подигната на лево, така што се гледа неговото стапалце.
Во историјата на Дохиарскиот манастир, публикувана во книга, издадена во Букурешт 1843 година и за оваа икона се вели следново:
„Пред братската трпезарија на манастирот, во долапот на нејзиниот надворешен ѕид, од незнајни времиња е насликан ликот на Пресвета Богородица. Согласно со расказите на достојните за доверба Отци, можеме да кажеме дека оваа света икона е насликана во времето на свети Нифонт, оснивачот на тој манастир, кој живеел во десеттиот век. Самиот изглед на иконата го оправдува преданието на светите Отци, дека таа е со многу дамнешно потекло и дека навистина е чудотворна. Боите врз неа веќе го изгубиле својот сјај, но не до степен кој би можел да се очекува, судејќи според длабоката древност на иконата. Од тоа можеме да се убедиме дека Божествената промисла ја сочувала неоштетена во текот на толку многу години, за да излева чудеса и исцеленија во слава Божја.
Скоропослушница својата чудотворна сила за прв пат ја пројавила во 1664 година во манастирската трпезаријата, на следниот начин:
Пред чудотворната икона имало ходник, низ кој отците обично оделе во трпезаријата. А трпезаријот поради својата должност морал почесто да минува од таму, не само дење туку и ноќе. Понекогаш тој минувал покрај иконата со запален факел, кој многу чадел. Еднаш монахот трпезник, на име Нил, додека по навика минувал покрај иконата со запалениот факел, од неа ги слушнал зборовите:
- Во иднина не доближувај се овде со запален факел и не чади го Мојот лик!
Кога слушнал човечки глас во невообичаено време, и при тоа кога во трпезаријата освен него немало никој друг, Нил на почетокот се исплашил. Всушност тој си помислил дека тие зборови ги произнесол некој од браќата, и не им обрнал внимание туку спокојно си отишол во ќелијата и понатаму продолжил да минува ноќе покрај иконата, со запален факел во рацете. По некое време тој од иконата ги слушнал следните зборови:
- Монаху, недостоен за тоа име! Уште долго ли така неодговорно и бесрамно ќе го чадиш Мојот лик?!
Заедно со тие зборови несреќниот трпезник бил поразен со слепило. Тој дури тогаш се сетил на гласот што го слушнал порано, го осознал својот грев и се огласил за достоен за ваквата казна, поради своето невнимание кон зборовите на Пресвета Дева Богородица. Така, страдајќи од болки во очите, при целосно слепило, Нил паднал ничкум пред иконата и останал во таква положба до наредниот ден. Утредента браќата го нашле како лежи ничкум, и тој им раскажал сѐ што се случило со него. Исплашените монаси со богобојазливост и трепет паднале пред чудотворната икона, и веднаш пред неа запалиле незгасливо кандило. Тогаш на новопоставениот трпезник му дале за задача секоја вечер да ја кади со темјан светата икона. А пак Нил, решил да не се поместува од таму, и да не оди во својата ќелија, сѐ додека не добие прошка за својот грев и не се исцели од слепилото. Дење и ноќе се молел тој и плачел пред ликот на Божествената Марија, Мајката на нашиот Господ. Со солзи на искрено покајание молел прошка за невниманието кон Нејзиниот глас и барал исцеление. И Пресветата, како брза Послушничка за оние кои се кајат, не ги презрела молитвите на ослепениот. Еден ден, додека тој се молел со солзи пред светата икона, одеднаш од Неа ги слушнал следниве зборови:
- Ниле! Молитвата ти е слушната! Гревовите ти се простени, и на твоите очи повторно им се враќа видот! Извести ги сите браќа дека Јас сум покров, промисла и закрила на вашиот манастир, посветен на Светите Архангели. Тие, и сите христијани, нека Ми се обраќаат во своите потреби, и Јас никого нема да оставам неслушнат. Ќе бидам Застапничка за сите кои со благоговение прибегнуваат кон Мене, и молитвите на сите ќе бидат исполнувани од Мојот Син и Бог, со Моето застапништво пред Него. Отсега натаму оваа Моја икона ќе се нарекува Скоропослушница, зашто ќе пројавувам брза милост кон сите кои ќе прибегнуваат кон неа и брзо ќе ги слушам нивните прозби.
По овие радосни зборови Нил прогледал. Гласот за овој чудесен настан бргу се распространил низ Света Гора, и многу монаси, сакајќи да бидат очевидци на прекрасниот настан, случен во нивно време, отсекаде се слевале во Дохиарскиот манастир. Тука тие благоговејно се поклонувале на чудотворниот лик на Божјата Мајка „Скоропослушница“ и со восхит го гледале казнетиот со слепило и потоа оздравен трпезариј. Во меѓувреме браќата од манастирот, откако усрдно се помолиле на Божјата Мајка, заедно решиле да го затворат тој ходник кон трпезаријата, го оградиле местото каде што се наоѓа светата икона, така што таму се добило нешто како параклис или молитвена соба. Потоа, бидејќи светата икона Скоропослушница се наоѓа на западниот зид, тие од нејзината десна страна на влезот во трпезаријата изградиле прекрасен храм посветен на Пресвета Богородица „Скоропослушница“, Од тогаш се избира еден богобојазлив и опитен јеромонах, наречен просмонариј, за постојано да биде покрај молитвеницата Богородица Скоропослушница, и секој ден наутро и навечер да испраќа молебни молитви пред Нејзината света икона. Освен тоа, секој вторник и четврток, по отпустот на вечерната, дежурниот јеромонах дава вообичаен почеток на молебното пеење во соборниот храм, и веднаш сите отци и браќа со големо стравопочитување излегуваат од храмот. Одат пред чудотворната икона Скоропослушница и пред неа пеат умилителен молебен канон на Божјата Мајка, а дежурниот свештеник на ектенијата ги спомнува сите православни христијани и се моли за мир во целиот свет. По завршувањето на Канонот, отците благоговејно се поклонуваат на чудотворниот лик и со вера и љубов го целиваат.
Освен извршувањето на Молебен пред чудотворната икона на Пресвета Богородица „Скоропослушница“, просмонаријот е должен да ги одржува чистотата и благолепието на иконата и нејзиниот параклис, во кој два пати седмично се врши света Литургија. Должен е исто така постојано да се грижи за кандилата пред светата икона, за некое од нив да не згасне. Пред иконата горат дваесет кандила. Шест од нив не се гаснат. Сите тие се подарени од богобојазливи христијани во спомен на чудесата со кои што биле удостоени, по Божјата благодат и со застапништвото на Небесната Царица. Дури и елејот за кандилата се доставува секоја година од луѓе кои побарале и биле удостоени на Нејзината помош. Светата икона извршила безброј чудеса и невозможно е сите да бидат предадени писмено. На мнозина слепи им дарила вид, на хроми од, парализирани поткрепила, мнозина избавила од бродолом, затвореници ослободила... Таа и денес им ја дава својата чудодејна помош на сите православни христијани, кои со вера и скрушено срце прибегнуваат кон неа. Скоропослушница има исклучителна благодат да исцелува од епилепсија, обземени од бес и психички заболувања.
Во 1873 година светата икона е облечена со прекрасен сребренопозлатен опков, изработен во Москва од руски добротвори.
Празникот на Пресвета Богородица „Скоропослушница“ се чествува на 9 / 22 ноември. Дохиарскиот манастир има соборен храм посветен на Светите Архангели, чиј што празник е на 8 ноември. Наредниот ден, на 9 ноември се празнува во спомен на ктиторите на манастирот, преподобните Евтимиј и Неофит. Во грчкиот синаксар од Никодим Светогорец под 9 ноември е поместен расказ за Пресвета Богородица Скоропослушница. Затоа таа се празнува на тој датум.
Пресвета Богородица „Скоропослушница“ е многу почитувана во Русија. Во 1938 година манастирот Дохиар на Руската духовна мисија во Ерусалим ѝ подарила копија од чудотворната икона, која исто така се прославила со мноштво чудесни исцеленија. Почитувана копија на „Скорпопослушница“ има и во храмот „Свети Мартин Исповедник“ во Соломбал, реон на Архангелск. Иконата не била реставрирана и била многу потемнета со текот на времето, така што соломбалските жители започнале полека да забораваат за одамна почитувана светиња. Тогаш Пресветата Самата го јавила тој лик - иконата сама започнала да се обновува. Од 1997 година нејзините црти започнале да стануваат сѐ појасни, во почетокот на ноември 2 000 година се оцртала, и на 22 ноември по стар стил, во денот на празнувањето на „Скоропослушница““, ликовите и ореолите на Пресвета Богородица и Младенецот јасно се појавиле, и венецот и облеката им станале посветли. Во истиот ден пред новојавената светиња бил отслужен молебен.
Во градот Пачора, во многустрадалната земја Коми, каде што цели десетолетија логораши од Гулаг гинеа при изградбата на железничките пруги, по Божја промисла и со застапништвото на Пречистата, не многу одамна била основана женска обител посветена на „Скоропослушница“. Во 1992 година над тоа место на небото се јавило чудесно јавување на Божјата Мајка. А во август истата година игуменот Питирим видел како Пресвета Богородица оди крај храмот покрај литијната поворка. На местото каде што поминале Нејзините стапала сега е направен крст и е ископан кладенец над ајазмо. Често дури и во зимски денови над Пачорскиот манастир се гледа небесно виножито.
И до денес на Света Гора, во Русија и меѓу руската дијаспора пред оваа икона се служат Молебни и се читаат Акатисти, - Пресветата Владичица да ги спаси Своите чеда од сите неволји и несреќи.
Тропар, глас 4
Да прибегнеме кон Пресвета Богородица сите кои се наоѓаме во беда, и да паднеме коленопреклоно пред Нејзината света икона, повикувајќи со вера од дното на душата: Дево, чуј ги брзо нашите молитви, бидејќи како што си се нарекла Скоропослушница, ние, Твоите раби, те имаме како брза Помошничка во неволјите.
Кондак, глас 8
Нишани од бурите на житејското море, паѓаме под силните бранови на страстите и искушенијата. Затоа, подај ни, Владичице, рака за помош, како што Твојот Син му подал на Петар, и побрзај да нѐ избавиш од несреќите, та да Ти повикуваме: Радувај се, Себлага Скоропослушнице.
Молитва 1
Преблагословена Владичице, Приснодево Богородице, Која за нашето спасение си Го родила Бога Словото и преизобилно си ја примила Неговата благодат, Ти си море од божествени дарови и непресушна река од чудеса, која излева благост врз сите, кои со вера прибегнуваат кон Тебе! Паѓаме коленопреклоно пред Твојот чудотворен лик, и Те молиме сештедра Мајко на човекољубивиот Владика, зголеми ја пребогатата Своја милост врз нас, и побрзај да ги исполниш сите наши принесени молби, Скоропослушнице, кои се за полза, кои даваат утеха и го градат спасението на секого. Посети ги, Преблага, Твоите слуги со Твојата благодат; дај им на болните исцеление, на вознемирените мир, на затворените слобода, и утеши ги оние што страдаат од најразлични страдања. Избави ги, семилостива Владичице, секој град и секоја земја од глад, помор, земјотрес, потоп, оган, меч и други временски и вечни казни, отфрлајќи го Божјиот гнев преку Својата мајчинска смелост. Ослободи ги твоите слуги од душевната слабост, од напади на страсти и гревопад, та откако ќе поживееме во овој живот во секое благочестие, непречено да се удостоиме и во идниот век на вечните богатства, со благодатта и човекољубието на Твојот Син и Бог, Кому заедно со беспочетниот Негов Отец и со Пресветиот Дух, Му доликува секоја слава, чест и поклонение, сега и секогаш и во сите векови. Амин.
Молитва 2
О, Пресвета Дево, Мајко на севишниот Бог, Скоропослушнице, Застапничке на сите, кои со вера прибегнуваат кон Тебе! Погледни од височините на Твоето небесно величие кон мене, непотребниот, кој коленопреклоно паѓам пред Твојата икона. Чуј ја брзо смирената молитва на мене, грешниот, и принеси ја пред Твојот Син. Умоли Го да ја озари мојата мрачна душа со светлината на Својата Божествена благодат, и да го очисти мојот ум од суетни помисли, да го успокои моето страдално срце и да ги исцели моите рани, да ме вразуми за добри дела и да ме поткрепи да Му служам со страв; да ми ги прости сите злодела, да ме избави од вечните маки и да не ме лиши од Своето небесно Царство. О, Преблагословена Богородице, Ти си благословила во образот Свој да се нарекуваш Скоропослушница, откако си им заповедала на сите да прибегнуваат кон Тебе со вера. Затоа не презирај ме и мене, оскрбениот, и не дозволувај да загинам во бездната на моите гревови. Во Тебе, после Бога, е сета моја надеж за спасението, и на Твојот покров и застапништво се доверувам себеси во веки. Амин.