15. Октомври   (2. Октомври)

 ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АНДРЕЈ, јуродив заради Христа

Во времето на царувањето на Лав Мудриот, синот на царот Василиј Македонец, некој великодостојник Теогност купи многу робови. Меѓу робовите беше и Андреј, по потекло Словен, кој беше многу убаво момче и телесно и душевно. Теогност го засака повеќе од останатите робови и го имаше за свој најдоверлив слуга. Тој го даде и во училиште, за да се учи на светите книги. Бистар и вреден, Андреј брзо го изучи Светото Писмо и се истакна како толку писмен и мудар, така што неговиот господар го зеде за свој писар. Со својата добра душа им беше мил на сите. Го сакаа и господарот и сите негови слуги. Побожниот Андреј усрдно се молеше на Бога и со љубов одеше на црковните служби и ги читаше светите книги. Особено сакаше да ги чита житијата на светите Отци и мачеништвата на светите Маченици. Така во него пламна желба и љубов да се труди да ги подржува.

Почетоците на подвизувањето на преподобниот Андреј

Една ноќ, додека Андреј стоеше на молитва, полниот со злоба препреден ѓавол, започна силно да тропа на неговата врата. Андреј се преплаши, ја остави молитвата, легна во постелата и добро се покри. Сатаната многу се израдува на тоа, и му рече на еден ѓавол:

- Го гледаш ли овој жолтоклунец, дури и се вооружува против нас?

Откако го рече тоа, исчезна. А блажениот Андреј од страв цврсто заспа и во сонот имаше вакво видение: се видел себе си како стои на некое огромно гледалиште, на едната страна од гледалиштето стоеле многу свети луѓе во бела облека, а на другата неизбројно мноштво црни демони. Помеѓу нив се водела некоја расправија и борба. Демоните меѓу нив имале еден страшен полугол црн човек, кого разметливо го предлагале на спротивната страна, за од својата средина да испрати борец да се бие со нивниот јунак, старешината на нивниот безброен легион. Андреј стоел и внимателно набљудувал, кој ќе истапи во борба со овој страшен противник. Притоа здогледал прекрасно момче како се спуштило од небото и во раката држело три венци. Едниот венец бил украсен со чисто злато и скапоцени камења, другиот со прекрасни бисери, а третиот бил сиот исплетен од несвенливи најразлични цвеќиња од рајот Божји. Овие венци биле толку чудесно убави, што умот човечки не можел да ги сфати, нити јазикот човечки да ги опише. Додека ги гледал венците, Андреј размислувал како би можел да добие барем еден од нив. Тој му пристапил на прекрасното момче и му рекол:

- Во името на Христа, кажи ми, ги продаваш ли тие венци? Иако самиот не можам да ги купам, сепак причекај да појдам и да го известам мојот господар. Тој ќе ти ги плати колку што сакаш.

А момчето со насмевка му рекло:

- Верувај ми, мил мој, макар да ми го донесеш и сето злато на овој свет, јас ниту едно цветче од овие венци не би дал ниту на тебе, ниту на некој друг, бидејќи овие венци се од небесните ризници Христови, а не од овој минлив свет. Со него се овенчуваат оние што ги победуваат оние црни демони. Ако сакаш да добиеш не само еден, туку и сите три венци, ти излези во борба со оној црн џин, па ако го победиш ќе ги добиеш од мене венците што ги гледаш, и уште многу други, кои срцето ќе ти ги посака.

Кога го слушнал тоа, блажениот Андреј се осмелил да му рече на момчето:

- Верувај ми, господине, јас ќе го сторам тоа, само ти научи ме како да се борам со црниот џин.

Момчето му рекло:

- Знај дека демоните се страшни и грозни, но се немоќни и слаби. Затоа не плаши се од неговиот огромен раст и страшниот изглед. Тој е бессилен и гнил како исушена трева.

Откако го поткрепи со овие зборови Андреј, прекрасното момче започна да го учи како да се бори со демонот. Најпосле му го шепнал ова:

- Кога ќе те фати демонот и ќе започне да се бори со тебе, ти немој да се исплашиш, туку стрчај се кон него крстолико со раширени раце, судри се со него, па ќе ја видиш помошта Божја.

Блажениот Андреј веднаш се стрчал кон црниот џин и силно викнал:

- Дојди, црн ништожнику и злобнику, да се бориме.

Црниот демон брзо излегол, страотно претел и бесно урлал, па го фатил Андреј и го превртувал час на една, час на друга страна. Демоните започнале од радост да ракоплескаат, а светлоликите белорисци како да побледеле од страв од црниот џин, да не го тресне Андреј од земјата. Во еден момент Андреј крстолико се стрчал кон црниот џин, го фатил и го треснал од земјата, така што тој останал да лежи бездушно. Белорисците многу се израдувале, па го кренале Андреј на своите раце и го бакнувале, славејќи ја победата над црниот џин. Демоните пак, многу посрамени, започнале да бегаат. Тогаш она прекрасно момче му го предало на Андреј венецот, го прегрнало и му рекло:

- Отсега си наш пријател и брат. Оди на подвигот на добродетелите, биди гол и јуродив  - заради Мене, па ќе те сторам заедничар со многу богатства во Моето царство.

Кога го слушнал тоа од она прекрасно момче, блажениот Андреј се разбуди и се восхитуваше на необичното сновидение. Од тогаш стана безумен заради Христа. Наредната ноќ тој стана на полноќ, се помоли на Бога, зеде нож и отиде на бунарот, ја расече со ножот својата облека и се правеше луд. Рано в зори готвачот отиде на бунарот за вода, и кога го виде Андреј во таква состојба, веднаш го извести својот господар. Теогност побрза и го затекна Андреј како си разговара самиот со себе и зборува некои неразбирливи зборови. Тоа многу го нажали. Мислејќи дека станал бесомачен, тој го врза со синџири и го испрати во црквата на света Анастасија Узорешителница, да му се читаат молитви. Но, таму Андреј дење се правеше луд, а ноќе се молеше на Бога и на света Анастасија. Тој се прашуваше дали неговиот потфат Му е пријатен на Бога и многу сакаше да го дознае тоа, па ја молеше светата маченица Анастасија да му открие. И ете, тој имаше вакво видение: Му дошле таму пет светли жени и со нив еден старец, сиот блескав. Тие ги посетувале болните и ги исцелувале. Кога му пришле на Андреј, старецот ја прашал најсветлата жена:

„Госпоѓо Анастасија, зошто не го исцелиш и него?“

Таа му одговорила:

„Учителу, тој е исцелен од Оној Кој му рече: „Биди јуродив заради Мене“. Нему не му е потребно друго исцелување, зашто ја изучи науката, која нема да го напушти до неговиот последен здив. Тој ќе стане избран свет сад на Христа и мил во Духот.

Откако го рекле тоа, тие влегле во црквата на молитва и не излегле оттаму, иако Андреј набљудувал сѐ додека не удрило клепалото за утрената.

Од ова видение блажениот Андреј сфати дека неговиот подвиг Му е угоден на Бога и Му принесе благодарност и Нему и на светата маченица Анастасија, која толку брзо му притекна на помош. И бидејќи целиот тој ден го помина во синџири и без да вкуси нешто, Андреј навлезе во ноќта молејќи се на Господа. И околу полноќ, кога тој со сето срце се молеше, кај него отворено, очигледно дојде ѓаволот со мноштво демони: некои од нив држеа секири во рацете, некои мечеви, стапови, ками, некои јажиња. Се појави и оној демон џин, со кој што се бореше Андреј, и уште оддалеку рикајќи против него, се нафрли со секира да го искасапи. По него се стрчаа и останатите демони. А блажениот Андреј ги крена рацете и со солзи повика кон Господа, говорејќи:

- Господи, немој да ја предадеш на ѕверовите душата, која Те слави Тебе.

Потоа повторно рече:

- Свети апостоле и евангелисту Јоване Богослов, помогни ми!

И веднаш загрме, и се појави еден благолик старец, со лице како сонце, и со него многу народ. Откако направи крстен знак во воздухот, старецот им рече на своите:

- Затворете ја вратата, за ниту еден од овие да не побегне. Вратата веднаш беше затворена и сите демони беа фатени, па викаа:

- Проклет да е часот кога се соблазнивме. Јован е опасен и сраотно ќе не мачи.

А пак свети Јован им нареди на своите луѓе да ги симнат синџирите од Андреј, па застана кај вратата на излезот и рече:

- Доведете ми ги демоните еден по еден.

Го доведоа првиот демон и го положија на земјата. Светиот Апостол го утростручи синџирот и со своите раце му удри на демонот сто удари. А тој како човек викаше на помош:

- Смилувај се на мене, смилувај се на мене...

Потоа го налегнаа другиот демон, кој исто така доби сто удари. Така сите демони редум беа казнети на ист начин. Блажениот Андреј се смееше на оваа глетка и со сето битие чувствуваше како сето тоа вистински да се случува. Сиот ќотек на кој Господ ги подложи демоните, за нивната природа беа вистински, а не привидни. Откако така ги изнатепа демоните, свети апостол Јован им рече;

- Одете и покажете му ги на вашиот татко сатаната, раните што ви се зададени. Ќе му биде пријатно!

Откако демоните исчезнаа, благоликиот старец свети Јован Богослов му пријде на слугата Божји Андреј, стави синџири врз него и му рече:

- Гледаш како побрзав да ти помогнам. Многу се грижам за тебе. Бог ме одреди да промислувам за твоето спасение и за корисното за тебе. Потрпи малку. Наскоро ќе бидеш ослободен.

- А кој си ти, господине? - го праша Андреј.

- Јас сум оној кој легна на животворните гради на нашиот Господ Бог и Спасител Исус Христос.

Откако го рече тоа, тој стана како молња и исчезна а блажениот Андреј Го прослави Бога што му го испрати на помош Својот возљубен ученик, та го ослободи од лошите и мрачни демони.

Додека така Му благодареше на Господа и се молеше, Андреј заспа и се виде себеси во царска палата, во која на престолот во голема слава седел Цар, Кој го повикал кај Себе и го прашал:

- Сакаш ли со сета душа да Ми служиш, па јас да те направам големец во Моето царство?

- Сакам, Господи! - му одговорил Андреј.

- Ако сакаш, - му рекол Царот, - тогаш прими го чувството на Царството Мое.

При овие зборови Царот му дал да изеде нешто горчливо и му рекол:

- Толку е тесен и мачен патот што води во живот (Матеј 7, 14).

А откако го изеде тоа, Андреј рече:

- Ова е толку горчливо, Господи, што никој не ќе може да Ти служи Тебе.

Тогаш Господ му дал на Андреј нешто побело од снег и послатко од мед. И кога Андреј го изел му било толку слатко, што тоа ни умот човечки не може да го замисли. И му рекол Царот:

- Таква е храната кај Мене за оние кои Ми служат и јуначки ќе претрпат до крај. Ти храбро изврши го својот подвиг, па сѐ Мое ќе биде твое, и Јас ќе те направам наследник во царството Мое.

И Царот заминал. А Андреј се разбуди од сонот и му стана јасно дека горчливата храна го означува трпението заради Господа во овој свет, а вкусната храна всушност е животот вечен во Царството Небесно.

После тоа блажениот Андреј остана при храмот на светата маченица Анастасија четири месеци, како болен на лекување. Кога свештенството виде дека здравјето не му се подобрува туку влошува, го испратија назад кај неговиот господар Теогност. Тој го сметаше Андреј за неизлечиво умоболен, ги симна синџирите од него и го ослободи. Правејќи се луд, Андреј започна да трча и да игра по улиците и градските плоштади. И одеше по градот беден во партали, крајно сиромашен. Доброволно се измачуваше без кров над главата и не поседуваше ништо овоземно. Некои го исмеваа како лудак, некои го бркаа од себе и се гадеа од него како од смрдлив пес, некои го сметаа за бесомачен, а дечињата го задеваа и го тепаа. Блажениот Андреј сето тоа го трпеше со потајна радост и се молеше за оние што го навредуваа и злоставуваа.

Кога некој жалостив сиромавољубец ќе му дадеше милостиња, Андреј ја примаше, но ја даваше на другите просјаци. И тоа го правеше така што никој да не знае дека тој дава милостиња. Лутејќи се на просјаците и налудничаво нафрлајќи се на нив, како да сака да ги тепа, тој им фрлаше пари во лице и просјаците ги собираа. Понекогаш тој по три дена не вкусуваше леб, а понекогаш гладуваше и по цела седмица. А ако некој би му пружел парче леб, тогаш тој и наредната седмица ја минуваше без храна. Сета негова облека се состоеше од една искината наметка, која одвај ја покриваше неговата голотија. Во сѐ се угледуваше на свети Симеон, јуродивиот заради Христа!. Дење трчеше по улиците а ноќите ги минуваше во молитви. Живеејќи во така огромен и многу густо населен град, тој немаше каде глава да засолни. Просјаците го бркаа од своите шупи и колиби, а богаташите не го пуштаа во своите дворови. Кога имаше потреба малку да отспие и да го одмори своето измачено тело, тој одеше на ѓубриштето, меѓу кучињата, и таму си наоѓаше одморалиште за себе. Но, често пати и кучињата не го пуштаа кај себе слугата Божји. Или го касаа или самите бегаа од него. Никогаш тој не заспа под покрив, туку постојано на студ или горештина, тркалајќи се на ѓубриштето во калта, газен од луѓето и животните. Кога ноќта ќе ја поминеше меѓу кучињата, тој утрото си велеше:

- Ете, ништовниот Андреј како куче ја помина ноќта со кучињата, слични на себе. Труди се и мачи се да побегнеш, зашто смртта се наближува. Не залажувај се, во тој час нема кој да ти помогне. Секој човек во часот на заминувањето од телото ќе го понесе со себе трудот на своите дела. Затоа трчај неуморно, понижуван и отфрлен од овој свет, за со пофалба и слава да те награди нашиот небесен Цар, Господ Исус Христос.

Додека така си зборуваше самиот на себе, тој постојано гледаше во она што е напред и трчаше кон дарот на горното призвание во Христа Исуса (сп. Флп. 3, 13-14), имајќи ја во срцето непрестајната и богоугодна молитва. Заради сите тие христочезниви подвизи, во него богато се всели благодатта на Светиот Дух, и тој доби дар на прозорливост, та започна да проникнува во човечките помисли и да ги чита човечките души.

Гробокрадецот и преподобниот Андреј

Еден ден во Цариград умре ќерката на еден висок царски великодостојник, која го поминала животот во девствена чистота и примерна побожност. На умирање, таа на својот татко му оставила завет да ја погребе на гробиштата за сиротите, кои се наоѓаат надвор од градот на неговиот имот. Кога се упокои и нејзината поворка тргна кон тие гробишта, еден гробокрадец одеше во поворката за да види каде ќе ја погребаат, та наредната ноќ да дојде, да го раскопа гробот и да ги украде од мртвата девојка сите скапоцености. Се случи од тука да минува свети Андреј, извршувајќи ги заради Христа своите вообичаени налудничави подвизи. Но, откако го забележа гробокрадачот, тој со своите духовни очи ја виде неговата лоша намера. Сакајќи да го одврати и да го спаси од казната што би го снашла поради тоа, тој му пријде, намуртено го погледна во лицето и му рече:

- Така вели Духот Свети, Кој им суди на оние што ја крадат облеката од оние што лежат во гробовите: повеќе нема да го видиш сонцето, повеќе нема да го видиш денот, повеќе нема да видиш човечки лица. Ќе се затвори вратата од твојот дом и никогаш повеќе нема да се отвори. Ќе ти се смрачи денот и никогаш нема да забели.

Гробокрадецот не разбра за што му зборува праведникот, и тргна без да обрне некакво внимание на неговите зборови. А светителот повторно погледна во него и му рече:

- Малоумнику, ти одиш да крадеш? Ако го сториш тоа, ти велам, во името на Исуса, никогаш повеќе нема да го видиш сонцето.

Кога сфати дека светителот му зборува нему, гробокрадецот се зачуди од каде овој ја знае неговата намера и со потсмев му рече:

- Ти, бесомачен, навистина со дошепнување на демоните зборуваш за непознатото и тајното. Но, јас намерно ќе појдам таму, за да видам дали ќе се исполнат твоите зборови.

На тоа светителот си го продолжи својот пат, налудничаво потскокнувајќи.

Кога падна ноќта, оној несреќник се довлечка до гробот на девојката, го тргна каменот од гробот, влезе во гробот, ја соблече од покојната најпрвин горната облека и ги зеде сите скапоцени накити. Откако го стори тоа сакаше да замине, но некој внатрешен демонски глас му дошепна од покојната да ја соблече и кошулата, бидејќи е убава, и да остави голо тело. Тој го стори тоа. И само што сакаше да тргне и да излезе од гробницата, мртвата девојка, со заповед Божја, ја подигна својата десна рака и го удри гробокрадецот по лицето, така што веднаш ослепе. Вкочанет, несреќниот крадец толку се преплаши, што започнаа забите да му се тресат, колената да му треперат и сите коски да му пукаат. А мртвата девојка ја отвори својата уста и вака му зборуваше:

- Беднику, несреќнику, ти не се исплаши од Бога, ни од светите ангели Негови, ниту пак како човек се засрами од голотијата на женското тело. Требаше да се задоволиш со тоа што го зеде. Барем кошулата да ја оставеше врз моето тело. Но, ти, немилосрдно и свирепо постапи со мене и сакаше да ме направиш смешна пред сите свети девојки, во денот на второто доаѓање Господово. И еве, јас сега ќе постапам со тебе така што никогаш повеќе не ќе посакаш да крадеш и ќе дознаеш дека е жив Господ Исус Христос, и дека постои суд после смртта, и награда и казна.

Откако го рече тоа девојката стана, ја зеде својата кошула, ја облече, потоа ги облече и останатите свои фустани, го стави на себе својот накит, па легна и рече:

- Јас мирно легнувам и спијам, зашто Ти, Господи, ми даваш спокојна починка (Пс. 4, 9).

Така таа заспа во мир. А оној несреќник одвај смогна сили да излезе од гробницата и се дофати за ѕидот од гробиштата. Држејќи се за ѕидот, тој со мака излезе на патот и дојде до градската капија. На оние кои го прашуваа од што ослепел, тој им објаснуваше на сосем друг начин, а не како што навистина било. Но подоцна ја кажа вистината за тоа, на еден свој пријател. Од тогаш започна да проси милостиња и така да се храни. Тој често си говореше на себе:

- Биди проклето грло мое, бидејќи заради тебе и заради угодувањето на стомакот јас ги изгубив очите.

А се присетуваше тој и на свети Андреј, и се восхитуваше што се исполни сѐ што тој му провиде и прорече.

Поворката на еден големец

Еден ден, додека одеше низ градот и го извршуваше својот подвиг, свети Андреј сретна придружба на поворка на еден многу богат великодостојник. По ковчегот одеше многуброен народ со свеќи и кадилници. Клириците ги пееја вообичаените погребни песни, а роднините и блиските на покојникот плачеа и тажеа. Свети Андреј виде со своите прозорливи очи што се случува со покојникот, па застана и започна да набљудува. И еве, тој едноставно занеме од чудо, зашто виде ваква глетка. Зад многубројните огромни црковни свеќници одат многу црни демони и страотно викаат: „Тешко нему! Тешко нему!“ Некои од нив држат во рацете мевови и посипуваат пепел врз оние околу мртовецот. Некои пак играат и се смеат како бесрамни и развратни блудници. Некои лаат како пси, некои грофтаат како свињи, зашто покојникот им служи за радост и веселба. Некои кружат околу ковчегот и го прскаат лицето на мртовецот со смрдлива вода, некои летаат во воздухот над одарот на кој што лежи мртовецот. А пак од неговото тело и од одарот излегуваше задушлива смрдеа. Некои демони фрлаат измет врз лицето на мртовецот, некои, одејќи по него бесрамно играат, ракоплескаат, ужасно тропаат со нозете, се смеат, се подбиваат со црковните певци и говорат:

„Ниту еден од вас да не ја види светлината, бедни христијани. Вие пеете над пес: „со светите упокој ја душата негова“ и го нарекувате слуга Божји оној што го вршеше секое зло“.

Додека и понатаму ја набљудуваше оваа страшна глетка, Андреј виде како еден од демонските кнезови со огнени очи држи во рацете оган, смола и сулфур, и брза да го спали телото на несреќниот мртовец, штом го закопаат. А кога заврши обредот на погребението, свети Андреј виде ангел во вид на прекрасно момче, како оди и горко, прегорко плаче. Тој си помисли дека момчето е некој близок роднина на покојникот, па му пријде и му рече:

- Во името на Бога, кажи ми зошто толку плачеш? Никогаш досега не сум видел некого така да плаче за покојник.

Ангелот му одговори:

- Еве поради што плачам: јас бев одреден за чувар на покојникот, чија што поворка ти ја виде, но него го зеде ѓаволот кај себе. Тоа е причината за мојот плач и мојата жалост.

На тоа блажениот му рече:

- Сега знам кој си. Те молам, свети Ангеле, раскажи ми какви беа гревовите на покојникот, поради кои ѓаволот го зел во своите раце.

Ангелот му одговори:

- Бидејќи ти си избраник Божји, јас ќе ти раскажам без да сокријам нешто. Ја гледам убавината на твојата света душа, која блеска и сјае како чисто злато. Штом те здогледав, јас се утешив во својата тага. Овој човек беше еден од високодостојниците на царот. Но, за време на својот живот тој беше страшен грешник и многу лош човек. Беше тој и блудник, и прељубодеец, и хомосексуалец, и скржавец, и немилосрдник, и расфрлач, и горделив, и лажливец, и злопамтило, и човекомрзец, и митопримец и кривоклетник. Своите кутри слуги ги измачуваше со глад и жед, и ќотек, и ги оставаше зиме без облека и обувки. Згора на тоа уби многу слуги и ги закопа во своите штали. Гадно и страотно похотлив, тој со блуд оскверни околу триста души. Но и нему му дојде крајот, и смртта го затекна непокајан и со премногу неискажани гревови. Душата му ја зедоа демоните, а неговото нечисто тело, и самиот виде, злите духови го подложија на страшен потсмев. Ете поради што јас, света и богољубива душо, тагувам. Во длабоката тага горко плачам, зашто мојот штитеник сега стана играчка на демоните и одвратно живеалиште на злосмрдеата.

На овие ангелски зборови светителот рече:

- Те молам, пријателу, престани да плачеш. Покојникот постојано вршел зло и затоа умрел без покајание. Тоа што го заслужил тоа и го добил. А ти пак, огненолики, исполнет со секоја добродетел, слуго на Господ Саваот Седржителот, ќе се насладуваш со добрата Божји од сега и за навек.

По овие зборови Ангелот одлета од Андреј на небото. А минувачите, бидејќи беа недостојни, не можеа да го видат Ангелот и мислеа дека Андреј си разговара самиот со себе, па си велеа:

- Погледнете како се забавува јуродивиот и безмислено си разговара со ѕидот. Притоа го туркаа и бркаа, говорејќи:

- Што ти е, лудо, та разговараш со ѕидот?

Свети Андреј молкум се оддалечи, се вовлече во едно сокриено место во градот и горко ја оплака пропаста на оној несреќен покојник, леејќи потоци од солзи. Потоа Му принесе на Господа топли молитви за него. Особено се молеше ѓаволот потполно да не го докрајчи и да му го запали мртвото тело во сулфур и смола. И додека блажениот така се молеше, врз него слезе облак од Божествена светлина, и тој се најде како надвор од себе. И се виде себеси во гробницата на оној бедник. И ете, ангел Господов слезе како молња со огнен стап во раката и започна да ги растерува нечистите духови, кои веднаш побегнаа. Така не беше дозволено телото на покојникот да биде спалено во смола и сулфур. Кога го виде тоа, свети Андреј Му принесе благодарност на Бога, што ја услиша неговата молитва. Кога си дојде на себе, тој се осени себеси со крсниот знак и ноќта ја помина во молитва.

Преподобниот Андреј - огнен столб

Еднаш свети Андреј одеше низ метежниот плоштад близу спомен-столбот, кој што го постави царот Константин Велики. А некоја жена, по име Варвара, просветена со Духот Свети, се најде надвор од себе и го виде блажениот Андреј како среде мноштво луѓе оди како огнен столб, од кој пламтеше оган на сите страни. Притоа некои му удираа шлаканици, некои го тепаа по вратот а некои зборува: „Овој човек е луд, го погуби својот ум! Тоа да не ги снајде ни нашите непријатели“. А демоните, во вид на црнци, одеа по свети Андреј и говореа:

„О, да не даде Бог да се роди уште еден ваков на земјата. Никој не е таков тиранин кон нас, како овој. Никој така не ги изнарани и спали нашите срца, како овој подмолен и неуморен насилник, зашто тој, не сакајќи да се покори на својот господар и да ги твори неговите дела, се прави луд и си поигрува со целиот свет“.

И виде таа жена дека демоните ги бележат оние што го тепаат светителот и си зборуваа меѓу себе:

„Нам ни е пријатно што овие неправедно го тепаат, зашто за ваквата нивна вина ќе бидат осудени во часот на нивната смрт, кога ќе се препираме со ангелите Божји околу нивните дела“.

Откако го слушна тоа со Духот Божји, преподобниот Андреј како пламен се устреми кон демоните, ги уништи нивните ознаки и осудувајќи ги, им говореше:

- Вие не смеете да ги обележувате оние што ме тепаат. Јас се молам на мојот Господ Христос да не им го зема за грев тоа што се соблазнуваат во мене и ме тепаат. Тие го прават тоа од незнаење и затоа ќе добијат простување.

Додека светителот зборуваше, ненадејно се отвори небото како врата, и од таму слетаа над него многу прекрасни ластовички, кои радосно цвркотеа, а среде нив огромен гулаб, бел како снег, кој во својот клун држеше златен маслинов лист. Гулабот со човечки глас му рече на светителот:

- Прими го овој лист, кој ти го испрати од рајот Отецот на светлината, Седржителот и Господ на милоста, како знак на Своето благоволение кон тебе, зашто си милостив, сожалив и човекољубив, како што и Самиот Он е Милостив. И ќе те возвиши преку твоето доблесно живеење и ќе те прослави, зашто на оние кои те тепаат, мачат и навредуваат, ти им простуваш, милостив си кон нив и се молиш за нив.

Откако го рече тоа, гулабот се спушти над главата на преподобниот. Благочестивата жена се восхитуваше додека го набљудуваше тоа, и откако си дојде на себе рече:

- Колку светила има Бог на земјата, а ние бедните не ги знаеме!

И многу пати таа сакаше да им го раскаже своето видение на другите, но силата Божја ја попречувала во тоа. Еден ден ја сретна на улица свети Андреј и ѝ рече:

- Чувај ја мојата тајна, Варвара, немој никому да кажеш што си видела, додека Господ Седржителот не ме повика од овој свет, во Своите прекрасни населби на небото.

Варвара му одговори:

- Скапоцен светилнику и свештенику Божји! Иако би сакала некому да го раскажам своето видение, јас не можам. Невидлива Божја сила ме спречува во тоа.

Еден големец плука на преподобниот Андреј

Еден ден блажениот Андреј по обичај се правеше луд на хиподромот. Луѓето го набљудуваа, а некои го туркаа, некои навредуваа, некои зборуваа дека во него е ѓаволот. Притоа, јавнат на коњ наиде еден големец, погледна кон Андреј, се згади и го исплука. Слугата Божји го впери погледот во него и долго го набљудуваше, и откако ја прочита сета негова душа и сиот негов живот, му рече:

- Препреденику, блуднику, хулителу на Црквата! Ти под изговор дека одиш во црква, на полноќ стануваш и одиш и блудничиш. Но, ете, дојде време да примиш според делата свои! Или, се лажеш себе си и мислиш дека ќе се сокриеш од страшното и севидливо око Божјо?

Кога го слушна тоа големецот го удри коњот и замина, за уште повеќе да не биде посрамен. По неколку дена овој големец го снајде тешка болест и започна да слабее. Неговите го носеа од црква до црква, и од лекар до лекар, но немаше никакво подобрување од тоа. Една ноќ преподобниот Андреј виде близу куќата на големецот ангел Господов, кој дојде од Исток. Ангелот беше сиот како огнен пламен, и во рацете држеше огнен стап. Кога му пријде на болниот, му дојде глас од небото, кој говореше:

- Тепај го тој хулител, содомец, блудник, прељубодеец, расипан и злосторник! Додека го тепаш викај: Сакаш ли уште да блудничиш, да прељубодејствуваш? А на ѓаволот и на неговите ангели бденија да им служиш? Содомски грев да вршиш?

И ангелот започна да го тепа и да му го зборува нареденото. Така мачен, овој бедник ја испушти душата.

Среброљубивиот монах и преподобниот Андреј

Еднаш преподобниот Андреј дојде на плоштадот кај Крстот и тука сретна еден монах, славен заради неговата побожност. Навистина тој добро се подвизувал, како што и им доликува на монасите. Само во едно грешел - бил среброљубец и скржавец. Некои жители од градот при исповедањето на своите гревови му давале многу злато, за да им раздава на сиромашните и просјаците, за спасение на нивните души. Но, тој, обземен од страста на среброљубието, никому ништо не давал, туку сѐ собирал во еден ковчег и се радувал додека гледал како му се зголемуваат парите. А блажениот Андреј, украсен со дарот на прозорливоста, виде страшна троглава змија, обвиткана околу вратот на овој среброљубец, а нејзиниот опаш допираше до неговите стапала. Тој пријде близу монахот и ја набљудуваше змијата. А монахот пак, мислејќи дека Андреј е просјак и чека милостиња, му рече:

- Бог нека ти се смилува, брате, јас немам што да ти дадам.

А преподобниот се тргна малку од него и виде околу него во воздухот напишано со мрачни букви: змијата на среброљубието е корен на сите беззаконија.

Потоа се сврте и здогледа две момчиња, кои се препираа околу монахот. Едното од нив беше црно со мрачни очи, а другото светло и блескаше посилно од сонцето. Црното момче беше ѓаволот, а светлото - ангелот Божји. Црното говореше:

- Монахот е мој, ја извршува мојата волја. Тој е немилосрден и среброљубив, затоа нема удел со Бога и ми служи мене како идолопоклоник.

- Не, тој е мој, му противречеше ангелот на ѓаволот, зашто пости, се моли, и е незлобив, и кроток, и смирен, и тивок.

Така се препираа тие и не можеа никако да се сложат. И му дојде глас од небото на светлозарниот ангел:

- За тебе да нема удел во тој монах! Остави го! Тој му служи на мамонот, а не на Бога!

Потоа ангелот Господен отстапи од монахот и духот на темнината доби превласт над него.

Откако го виде тоа, блажениот Андреј се чудеше како злиот дух победи во спорот со светлиот ангел. Потоа со солзи се молеше за несреќниот монах. Кога во една пригода го сретна на улица истиот монах, тој го фати за десната рака и му рече?

- Слуго Божји, те молам стрпливо сослушај ме мене, слугата твој, и милостиво прими ги моите бедни зборови. Мојата тага за тебе е огромна и повеќе не можам да ја поднесам. Зошто ти, некогашниот пријател Божји, стана и остана пријател и слуга на ѓаволот? Си имал крилја како серафим. Зошто си ги предал на сатаната од корен да ги искорне? Ликот ти блескал како молња. Зошто си станал темнолик? Тешко мене! Ти си бил како многуоко суштество. Зошто змијата те ослепила? Си бил како сонце, но си влегол во мрачна и зла ноќ. Зошто, брате, ја умртви својата душа? Зошто си се спријателил со демонот на среброљубието? Зошто е врз тебе неговото обличје? Зарем не знаеш каков треба да биде монахот? Што ќе ти е тоа злато? Поради што го собираш? Што ќе ти е тоа, кога по твојата смрт ќе стане туѓа сопственост, можеби дури и сопственост на твоите непријатели? И зарем со својата пот си ги заработил? Зошто ги држиш туѓите гревови и сакаш да се удавиш во својата скржавост? Додека други гладуваат и умираат од студ, ти се веселиш, и постојано гледаш во купот злато! Такви ли се патиштата на покајанието? Тоа ли е монашкиот чин? Тоа ли е монашкиот завет на сиромаштвото? Тоа ли е монашкото оддалечување од суетниот живот? Така ли си се одрекол од светот и сѐ што е световно? Така ли го подржуваш Господа? Така ли си се распнал за светот И желбите негови? Нели си слушнал што вели Господ: Не стекнувајте ни злато, ни сребро (Мт. 10, 9, 10)? Ме чуди, како си можел да ги заборавиш овие заповеди. Денес или утре ќе заврши нашиот живот, а тоа што си го собрал, чие ќе биде (Лука 12, 20)? Зарем не знаеш дека ангелот Господов, кој те чува, со плачење отстапи далеку од тебе, а ѓаволот стои покрај тебе и ја држи твојата душа под своја власт? О, брате, злобната змија на среброљубието се завиткала околу твојот врат и слатко се одмора во тебе, а ти не ја гледаш. Вистината ти ја зборувам, јас ништовниот. Поминувајќи, јас го слушнав гласот на мојот Господ Бог, како се одрекува од тебе. Затоа те молам, послушај ме. Раздај го имотот на неволните, сирачињата, вдовиците, просјаците, и странците кои немаат каде глава да засолнат и труди се повторно да станеш пријател Божји во доброволно сиромаштво и добротворство, зашто тоа е одлика на монашкиот призив: да се нема воопшто ништо во овој живот. Внимавај, ако не ме послушаш, во името на Исуса, ќе те предадам на сатаната да ти го мачи телото.

И откако се сврте, му го покажа ѓаволот. Во тој момент на монахот му се отворија духовните очи, и го виде ѓаволот, црн како црнец. Од очите му излегуваше пламен. Со страшна отворена челуст, тој стоеше подалеку и заради свети Андреј не смееше да му се доближи на монахот, кој му рече на светителот:

- Го гледам, слуго Божји, и ужасен страв ме обзема. Кажи ми што е потребно за спасение на мојата душа.

Преподобниот повторно му рече:

- Ако не ме послушаш, ќе му наредам толку страотно да те мачи, така што за твојот срам ќе се слушне не само во ова царство, туку и на сите четири страни на светот. Затоа внимавај и прави како што ти велам.

Монахот многу се исплаши и вети дека ќе исполни сѐ што ќе му нареди слугата Божји. И веднаш свети Андреј виде како од исток дојде моќен дух, како огнена молња, и ја допре змијата, уништувајќи ја нејзината сила. Змијата не можеше да ги поднесе тие страотни маки, се претвори во гавран и исчезна. Така пострада и ѓаволот црнец. И веднаш ангелот Божји повторно зеде власт над тој монах. А преподобниот на разделба со монахот му даде заповед:

- Внимавај, никому ништо не зборувај за мене. Ако постапиш така, јас, иако сум грешен, ден и ноќ ќе те спомнувам во своите молитви, Господ да те води по добриот пат.

Монахот му вети дека така ќе стори. И навистина отиде и го раздаде на сиромашните сето злато. Потоа беше уште повеќе прославен од Бога и од луѓето, и многумина му носеа злато да го дели на сиромасите. А тој пак, на носителите им наредуваше со свои раце да го раздаваат. Сеќавајќи се на советот на преподобниот Андреј, тој говорел:

- Каква корист имам ако располагам со туѓи трње?

И овој монах живееше како што му доликува на монахот, и му се јави на сон свети Андреј со насмевка на лицето, му покажа во една рамнина светло дрво полно со цветови и му рече:

- Заблагодари Му на Бога, оче, што те извлече од челуста на змијата и ја направи твојата душа налик на цветоносно дрво. Затоа потруди се тој цвет со своето подвизување, добротворење, да го претвориш во што посладок плод. Прекрасното дрво, кое што го гледаш, ја претставува твојата душа од денот кога ме виде и го раздаде златото.

Кога се разбуди, монахот уште повеќе се зацврсти и осили за духовно делување и секојдневно им принесуваше благодарност на Бога и на Неговиот угодник, кој го изведе на патот на спасението.

Преподобниот Андреј вознесен до третото небо

Една година зафати страотно лута зима, и во Цариград цели две седмици владееше неподнослив студ. Силен ветер ги кршеше дрвјата, носеше ќерамиди од крововите, сѐ беше завеано со снег. Птиците од мразот и гладот паѓаа на земјата мртви. Сите свратилишта и засолништа исто така беа завеани со снег. Тогаш и сите просјаци се најдоа во голема неволја и мака. Треперејќи од студот, тие плачеа и умираа од глад и студ. Тогаш и блажениот Андреј многу се измачи без облека, без леб и засолниште. Кога се обидуваше да се вовлече некаде меѓу просјаците, тие со стапови како пес го бркаа од себе, викајќи:

- Бегај од тука, песу!

И, немајќи никаде засолниште, мислеше дека му дошол крајот, како и на многумина негови собраќа просјаци, па си рече на себе:

- Благословен е Господ Бог! Ако умрам од овој студ, нека умрам од љубов кон Него. Тоа ќе ми се смета за мачеништво. Но, Бог е моќен да ми подари трпение да издржам.

Одејќи така низ една уличка, тој здогледа едно куче како лежи во аголот, и за да се згрее малку легна покрај него. Но, кучето веднаш стана и замина. Тогаш Андреј си рече:

- О, беднику, гледаш ли колку си грешен, така што и кучињата те презираат и бегаат од тебе? Не те примаат како на нив сличен пес. Луѓето бегаат од тебе како од зол демон, просјаците те бркаат, па што ти преостанува да правиш? Умри расипнику! Умри! За тебе нема спасение!

Додека така со огромна болка си зборуваше додека лежеше и трепераше од страшниот студ и ветер, и телото веќе му беше премрзнато и помодрено, тој помисли дека е на издивнување и започна да се моли, Бог со мир да ја прими неговата душа. Тогаш ненадејно во себе почувствува некоја топлина, ги отвори очите и здогледа некакво прекрасно момче, чие лице блескаше како сонце. Момчето држеше во рацете златна гранка, расцветана во најразлични цветови со неискажлива убавина. Тоа погледна во Андреј и го праша:

- Андреј, каде си?

Тој му одговори:

- Во мрак и сенка смртна (Пс. 87, 7).

Тогаш момчето го допре со расцветаната гранка Андреовото лице и рече:

- Прими го оживувањето на своето тело.

Свети Андреј го помириса тоа цвеќе. Неговиот мирис веднаш му се разлеа во срцето и целото тело за миг му се стопли и оживеа. Потоа слушна глас, кој говореше:

- Доведете го овде да се утеши и одмори за две недели, па повторно ќе се врати, зашто сакам уште да се подвизува.

При тие зборови Андреј го обзеде длабок сладок сон и виде неискажани откровенија Божји, за кои самиот му го раскажа на свештеникот Никифор следново:

„Што се случи со мене, јас не знам. По Божјо благоволение поминав две седмици во слатко видение, слично на човек кој цела ноќ слатко спие, па наутро се буди. Се видов себеси во прекрасниот и чудесен рај. И додека се восхитував, јас се прашував што значи сето тоа, зашто знам дека живеам во Цариград, а како се најдов овде, не знам. И не можев да сфатам дали сум со тело или без тело, Бог знае (сп. 2Кор.12, 2). Но, се видов себе си облечен во светла, како од молња исткаена облека. На главата имав венец, исплетен од најразлично прекрасно цвеќе. Бев опашан со царски појас. И на убавината на сето тоа многу се радував. Со умот и срцето се восхитував на неискажаната убавина на рајот Божји и уживав одејќи по него. Воздухот во рајот блескаше со некоја неискажлива светлина. Имаше таму многу бавчи, преполни со најразноврсни чудесни и благомирисни цвеќиња и прекрасни високи дрвја. Дрвјата трепереа и од себе разлеваа опојни мириси на сите страни. Некои дрвја непрестајно цветаа. Некои беа украсени со златести лисја. Некои имаа неискажливо убав род. Овие дрвја по убавина не можеа да се споредат со никакви дрвја на земјата, зашто ги засадила раката Божја а не човечката. Во бавчите имаше безброј птици со златни бели и разнобојни крилја. Тие седеа на гранките на рајските дрвја и толку убаво, преубаво пееја, така што јас од убавината на нивното пеење едноставно бев надвор од себе и сметав дека нивното пеење се слуша до крајот на небото. И кој би можел да ја опише неописливата и неизмерна убавина на сето она што се гледа таму? Тие волшебни бавчи стоеја наредени една спроти друга како построен полк спроти полк. Кога јас со восхитувачка радост одев низ нив, видов голема река како протекува среде рајот и ги натопува оние прекрасни бавчи. А од двете страни на реката се протегаше лозје со лози, кои ги красеа златни лисја и златести гроздови. Таму од сите четири страни поддувнуваа благи и миризливи ветрови, од кои се лелееја бавчите и со своите лисја создаваа прекрасен трепет.

После тоа ме снајде некој занес и ми се стори дека стојам над небесниот свод, а пред мене оди некакво момче, обгрнато со пурпурен плашт, а лицето му блескаше како сонце. Јас си помислив дека тоа е оној што со златната гранка ми го допре лицето. Додека одев по него, видов голем и прекрасен крст, кој личеше на виножито, а околу него стоеја прекрасни огнолики пејачи, светли и блескави, кои пееја некои милозвучни песни, славејќи Го некогаш Распнатиот на крст Господ. Момчето што одеше пред мене му пријде на Крстот, го целиваше, па ми даде знак и јас да го сторам истото. Јас припаднав кај светиот Крст со страв и голема радост и сесрдно го целивав, при што се исполнив со неискажлива духовна сладост и благомирис, каква ни во рајот не почувствував. Откако поминав покрај Крстот, јас погледнав надолу и видов под себе нешто налик на морска шир. Ми изгледаше како да одам по воздухот. Се исплашив и викнав кон мојот патеводител:

- Господине, се плашам да не се лизнам и да не паднам во морето.

Тој се сврте и ми рече:

- Не плаши се, треба уште да се искачуваме.

И ми ја пружи раката, и ние се најдовме над другиот небесен свод. Овој свод беше бел како снег. Таму видов два Крста, слични на оној долниот и крај нив исто богослужење. Ние ги целивавме и оние чесни Крстови со богочезнива љубов. Од нив излегуваше неискажлив благомирис, како благомирис Божји, помирислив и појак од оној долниот. Воздухот беше пурпурно пламен. И таму видов прекрасни луѓе. Нивното блаженство и празнична радост не можат да се искажат со човечки јазик. После тоа ние навлеговме во некаков чудесен пламен, кој не нѐ гореше, туку само нѐ осветлуваше. Мене ме спопадна страв и повторно го повикав на помош мојот патеводител. Тој се сврте, ми ја пружи раката и ми рече:

- Треба да се искачиме уште повисоко.

И при овие зборови ние бевме издигнати и се најдовме над третото небо. И таму здогледавме три Крста, далеку поголеми и постравични од оние два и од оној едниот. Тие блескаа како молња. Мојот водач ме охрабри и ме внесе среде огнот и ние им се поклонивме на чесните Крстови. Мношто Небесни Сили пееја и Го славеа Господа. Ние стигнавме пред некаква завеса, која блескаше како молња. Пред неа и насекаде стоеја безбројни мноштва светли огнени Ангели, легиони и легиони, кои немаа број. Лицата им сјаеја посилно од сонцето. Додека го гледав тоа, јас стоев со страв и трепет. А мојот водач ми рече:

- Кога ќе се тргне завесата ќе Го видиш Господ Христос. И ти падни и поклони Му се. И со сета душа внимавај и слушај што Господ ќе ти рече.

Кога го слушнав тоа јас се радував и треперев, зашто ме обзедоа ужас и неискажана радост. Стоев и набљудував, и чекав да се крене завесата. И ете, некаква огнена рака ја отвори завесата, и јас, како некогаш пророкот Исаија, Го видов нашиот Господ Исус Христос, како седи на престол висок и издигнат и Серафими стоеја покрај Него (сп. Ис. 6,1-2). Врз Него наметка порфирна, блескава и сјајна, лицето Негово преубаво и пресветло, а очите како две благи сонца со љубов мило гледаат во мене. Богочовечката убавина Негова неискажлива, никако со погледот сета да се долови и согледа. Јас паднав ничкум пред Господа, поклонувајќи Му се. Три пати паѓав и станував, сиот возбуден, сиот радосен, сиот блажен, сиот преплашен. Од гледањето на лицето Негово мене ме обзеде таква радост, што тоа со никакви зборови не може да се искаже. Дури и сега, при сеќавањето на тоа видение, јас сиот се исполнувам со неискажана радост. Лежејќи ничкум пред Господа, јас сиот потресен се восхитував на таквото милосрдие Негово, што ми допушти мене, нечистиот и грешен човек, да дојдам пред Него и да ја видам Божествената убавина Негова. Свесен за својата недостојност и големината на мојот Господ, јас зборував и ги повторував во себе зборовите на пророкот Исаија: „О, јас бедниот! Иако сум човек со нечисти усни, се удостоив да Го видам Господа со очите свои“ (сп. Ис. 6,7). Тогаш го слушнав семилостивиот Господ мој, како со Својата пречиста и преслатка уста ми изговори три медени и слатки зборови, кои ми ја засладија душата, како никој и ништо до тогаш. Малку потоа Господ ми рече други три збора, и тие со божествена радост ми го исполнија срцето. После тоа преслаткиот Господ ми рече уште три збора, кои сиот ме исполнија со такво блаженство и во мене запалија таква љубов, што од духовната топлина и милина сиот се топев како восок и врз мене се исполнија истите зборови на пророкот Давид: „Срцето мое стана како восок и се растопи во мене“ (Пс. 21, 16). Со тоа сите небесни војски од Ангели запеаја прекрасна и неискажана песна, а јас, не знам како, повторно се најдов во рајот. И одејќи низ рајот, јас размислував за тоа што не ја видов Пречистата Госпоѓа Богородица. И ете, видов човек блескав како молња, облечен во светол облак, носи крст, ми приоѓа и ми говори:

- Сакаше да ја видиш Сесветлата Госпоѓа и Царица на Небесните Сили Богородица. Не е овде, отишла во јадниот свет на земјата, да им помага на луѓето и да ги теши. Јас би ти го покажал Нејзиното сесветло, сепрекрасно и неискажано живеалиште, но немаме време. Треба да се вратиш од каде што си дошол. Така наредува Господ.

Додека тој ми го зборуваше тоа, мене ми се стори како слатко да заспав. Потоа, откако се разбудив, јас се најдов на истото место каде што порано се наоѓав. Лежев во аголот. И се восхитував на тоа каде бев за време на видението и што се удостоив да видам. И срцето свое го најдов преполно со неискажана радост и Му принесов благодарност на мојот Господ, што благоволи да ми покаже толкава благодат.

Ова видение свети Андреј го раскажа на својот пријател Никифор пред својата смрт и го заколна тоа никому да не му го раскаже додека не се разреши од телото. А Никифор, писателот на ова житие на светителот, по овој повод пишува:

„Додека блажениот Андреј ми го раскажуваше тоа, мојата душа ја обзеде екстаза, занес, восхитување. И јас го видов следново: околу нас полно кринови, трендафили и други разноврсни цвеќиња, кои толку занесно мирисаа, што ми се чинеше дека околу нас се наоѓаат свети Ангели, кои невидливо кадат за време на Божественото кажување на праведникот. И јас многу го молев блажениот да ми каже макар еден збор од оние што Господ му ги рекол, но тој никако не сакаше“.

Епифаниј станува духовно чедо на преподобниот Андреј

Еден ден три честити момчиња го здогледаа на улица преподобниот Андреј. Едното од нив рече:

- Јас тврдам дека оној лудак е вистински слуга Божји.

Другото на тоа додаде:

- Ајде некако да се состанеме со него.

Првото момче се согласи и рече:

- Ако сакате, ќе го уредам тоа.

И му пријде на преподобниот и му рече:

- Брате, јас и моите двајца другари многу сакаме да поседиш со нас и да поразговараме.

Преподобниот се насмевна и му рече на момчето:

- Ти си Епифаниј и од овој час мој пријател и мое духовно чедо.

И тие се прегрнаа, зашто преподобниот провиде во тој момент и му рече на Епифаниј дека ќе биде патријарх во престолнината Цариград и ќе стане духовен отец на многумина. Држејќи се за рака, тие им пријдоа на оние две момчиња и Епифаниј веднаш им раскажа како преподобниот го нарече по име. Потоа најдоа едно тивко место, седнаа и поразговараа за духовни работи, па се разделија. Откако момчињата заминаа, преподобниот се сврте наоколу, и кога се увери дека нема никого, ги крена рацете и започна да се моли за тие момчиња. За време на молитвата тој се крена во воздухот и така се молеше. По завршената молитва отиде меѓу толпа луѓе и по својот обичај изиграваше лудак.

Како се подвизувал преподобниот Андреј

Доброволниот маченик Андреј дневно јадеше по половина пексимит. Така правел и кога имал и нешто повеќе за јадење. Вино никогаш не пиеше. Се случуваше по два три дена, па и по цела седмица ништо да не вкуси, ако луѓето не му дадеа нешто. Често измачуван од жед, тој на плоштадот клекнуваше, крстолико се наведнуваше, три пати сркнуваше од калливата локва вода и така ја згаснуваше својата жед. Понекогаш тоа ги разлутуваше присутните наоколу, та некои го тепаа, а некои го караа и му говореа:

- Така ти треба, лудо, да пиеш помија!

Во таквите случаи тој ништо не одговараше, туку кротко се тргнуваше настрана. Ноќите ги минуваше радосно во молитва, и се насладуваше со добрата Божји, а наутро излегуваше на улица и ги извршуваше своите подвизи, правејќи се луд. Всушност, лудувајќи Христа ради, тој ги исмеваше и надмудруваше злите духови. Додека го минуваше целиот ден меѓу градската врева, тој постојано тајно се молеше во себе и така се калеше себе си како во оган. Понекогаш се правеше пијан, се туркаше и го туркаа, при што некои го тепаа, некои клоцаа, некои безмилосно удираа, некои за косата влечеа, а некои брадата му ја корнеа. Некои дури го соборуваа на земјата и го газеа со нозете. Понекогаш и децата го задеваа, го тепаа, со стапови, го удираа, за брадата го влечеа и лицето со мастило му го мачкаа. А пак Христољубивите луѓе го сожалуваа и му даваа, некои пари, некои леб, некои сирење, некои овошје. И сето тоа тој веднаш го раздаваше на просјаците, слични на себе. Понекогаш милосрдни луѓе му даваа облека, а некои бесрамни просјаци ноќе му ја одземаа и го оставаа гол.

Преподобниот Андреј меѓу блудниците

Во една пригода преподобниот Андреј минуваше покрај јавните куќи. Додека играше, една од тамошните бесрамни жени го виде и, сметајќи го за налудничав, го дофати за облеката и го вовлече во блуднилиштето. Веднаш се собраа тука други бесрамнички и започнаа да го задеваат и да го распрашуваат Божјиот човек. Но, тој само се насмевнуваше и молчеше. Што сѐ не правеа тие бесрамнички за да го наведат на блуд, но сѐ им беше залудно. Тогаш почнаа да си зборуваат меѓу себе:

- Мавнете го! Тој е мртов, или е камен, или дрво.

Притоа една од нив рече:

- Се чудам на нашата неразумност. Овој лудак има во себе демон. Тој гладува, жеден е и гол, и нема каде глава да засолни, а ние сакаме да има похота во себе. Оставете го да си оди по патот.

Додека се случуваше тоа, свети Андреј го посматрал демонот на блудот среде тие жени. Бил сиот црн, на главата немал коса, туку нечистотија помешана со пепел, очите му биле како на лисица и од него излегувала страотно одвратна смрдеа, така што угодникот Божји го стисна носот и постојано плукаше во демонот. Гледајќи го светителот како се гади од блудот, демонот говореше:

- Мене луѓето како мед ме држат во своите срца, а овој со презир ме плука. Не случајно тој се направил луд, сигурно за целосно да се ослободи од телесното робување.

Блажениот со свои очи го набљудуваше ѓаволот, а жените само го слушаа неговиот глас, но не можеа да го видат. Откако бесрамните жени му се изнасмеаја на Божјиот човек заради неговата срамежливост и чедност, го избркаа од своето блуднилиште.

За душата: од каде е, што е, каков изглед има

Еднаш Епифаниј го замоли блажениот Андреј да му објасни од каде е душата човекова, што претставува таа и како изгледа. Блажениот вака му објасни:

„Душата е живот, и сила, и може да се каже Бог. На душата Бог ѝ дал сила да го оживотворува телото, да управува со него, да го загрева и закрепнува, зашто телото без душа е кал, пепел, прав. Суштината на душата е разумниот дух, кој е лесен, мудар, разборит, благ, сладок, тивок, кроток, преубав и пријатен, и се натпреварува со Ангелите. Во почетокот душата на секој човек блеска посилно од сонцето, но колку повеќе човекот расте и минуваат годините, неговата душа се менува според неговите дела и сѐ повеќе личи на делата, и какви се тие таков е и изгледот на душата негова. Ако човекот се труди во Евангелските доблести, душата му станува чиста и светла. Ако пак живее во гревови, душата му станува мрачна и темна. Но и на оние кои живеат во доблестите душите им немаат ист сјај. На секого душата му сјае според трудот што го вложува додека се подвизува во Божествените доблести. Некои души сјаат посилно од сонцето, некои како сонце, некои како месечина, некои како светлина, некои како молња, некои како килибар, некои како темјанушка, некои како волна, некои како чисто злато. Со еден збор, кој како се подвизува така и сјае. Колку повеќе преку подвизите се доближува до Бога, толку посилно и сјае и станува Бог по благодат со заедничарењето во Светиот Дух. Колку повеќе некој трпи неволји и маки заради Господа, толку повеќе Му станува близок на Бога. Како што црното железо кога ќе се стави во оган сјае и сето станува оган, така е и со луѓето. Духот Свети е оган, а ние сме црно железо. Колку повеќе вршиме пост, бдеење, сеноќно стоење, молитва, воздржание - доблести пропишани за нас од Духот Свети, толку повеќе ќе сјаеме очистени, просветлени и озарени. Исто така, но само во обратен правец треба да се расудува и за оние кои душите свои ги валкаат во гревови. Зашто на почетокот Бог, откако го створи човекот, му дувна во лицето дух животен и стана човекот душа жива (1Мојс. 2,7). Така душите на луѓето се створени чисти, почисти од светлоста. И на децата додека се во утробите мајчини душите им се чисти, а подоцна во животот, кога ќе почнат да вршат грев, душите им се помрачуваат. И колку подлабоко влегуваат во гревот, толку помрачни стануваат. Многу души, кога ќе се разделат од телото изгледаат изнаранети. Некои изгледаат изгладнети и како во партали облечени. Некои се целосно губави, некои црни како катран, некои испечени како црн ќумур, а душите на злопамтилата се како демони. Душите на кривоверниците се како најдлабок мрак. Душите на содомитите и идолопоклониците се поцрни од најцрниот мрак“.

Епифаниј го праша преподобниот Андреј:

- Дали ѓаволите се слични на ангелите или не се?

Преподобниот одговори:

- Чедо, не се. Тие се створени исти по суштина, но се помрачени. Меѓутоа светите Ангели се неосквернети и чисти, та блескаат посилно од сонцето.

Преподобниот Андреј стои во воздухот за време на молитвата

Преподобниот Андреј имал обичај ноќе, во глуво доба, за никој да не го забележи, да оди во црквите и да се моли на Бога. Така, една ноќ, тој се упати во црквата „Пресвета Богородица“ на Константиновиот плоштад. Во тоа време на плоштадот немало никого. Кога преподобниот стигна до црковната врата ја пружи десната рака, ја прекрсти вратата со крсниот знак, при што таа сама се отвори и тој влезе во црквата и застана на молитва. Но, тоа го виде едно момче, кое стоеше во една сенка, та преподобниот не го забележа. Вчудоневидено од тоа што го виде, момчето си рече во себе:

- Гледај какви потајни слуги има Господ во овој престолен град.

И полека приоѓајќи кон вратата, тоа внимателно назирна во црквата и виде ваква глетка: преподобниот, сиот во пламен, стои во воздухот пред амвонот и се моли. Од него на сите страни избива пламен и некаков неспоредливо прекрасен мирис, кој се чувствуваше до самата врата, крај која што стоеше момчето. Ужаснато од ваквата глетка и вкочането од страв, момчето се повлече и се сокри да го сочека излегувањето на преподобниот. Откако ја заврши молитвата, тој излезе од црквата, повторно ја осени вратата со крсниот знак и таа сама се затвори. Тогаш со Духот Свети му беше откриено дека она момче видело сѐ што тој направи во ова глуво доба од ноќта. Тоа многу го ожалости, но со Духот му беше наложено да му нареди на момчето никому да не зборува што видело. Тој се сврте, тргна, му пријде на момчето што стоеше во сенката и му рече:

- Чедо, внимавај, немој никому да кажеш што си видел и милоста Господова ќе биде со тебе. Ако пак и еден збор изустиш за она што си го видел, јас ќе му наредам на нечистиот дух да те казни. А знај дека ни твојот Ангел хранител нема да ти дозволи да го обелодениш тоа. Еве, и нему му наредувам така да постапи, та јас ќе бидам безгрижен и спокоен.

Додека го гледаше преподобниот и слушаше што му зборува, момчето сето трепереше од страв и рече:

- Господине, нема никому да кажам.

Додека се враќаше дома, ова момче си велеше:

- О, каков светител имаме, а ние безумните не го знаеме тоа. О, чудо! О, тајни Божји! Тоа што сум го читал во Житијата на Светиите, ноќеска со свои очи го видов.

Кога си дојде дома, тоа восхитено и возбудено сакаше да им раскаже на своите сѐ што оваа ноќ виде, за и нив да ги израдува, но штом сакаше да ја отвори устата, здогледа пред себе огнено момче, блескаво како молња, како му се заканува и му вели:

- Ни збор да не си проговорил, несреќнику! Во спротивно веднаш ќе бидеш предаден на нечистиот дух и ќе станеш играчка на демоните.

Момчето страотно се исплаши и започна да трепери. И само што сакаше да викне од страв, огненото момче со својата десна рака му ја затвори устата, говорејќи:

- Замолкни!

Откако го рече тоа, огненото момче исчезна а преплашеното толку трепереше од страв, што за малку не се струполи на земјата. Сѐ што таа ноќ видело му остана во живо сеќавање, но, сакало или не, никому не смееше ни збор да проговори за тоа.

Огнен крст го води преподобниот Андреј

Една ноќ, додека по својот обичај одел по улиците на Цариград и ги извршувал своите подвизи, преподобниот Андреј се најде недалеку од црквата на светите апостоли Петар и Павле. Ноќта беше облачна и темна, а на патот имаше отворена длабока јама, полна со кал и вода. Преподобниот наиде на неа. Притоа со допуштање Божјо се појави сатаната, сиот црн, го спрепна преподобниот со ногата и го фрли во јамата. Додека тонеше во калта, преподобниот викна:

- Апостоли Христови, вие со своето огнено учење го спасувате светот. Притекнети му на помош на вашиот ништовен слуга и извадете ме од оваа длабока јама.

И веднаш во насока на црквата на Светите Апостоли се појави во воздухот крст, кој пламтеше како оган и испраќаше свои зраци кај преподобниот во јамата. Кога го виде крстот, тој викна:

- Нека се покаже на нас сјајот на лицето Твое, Господи!

И веднаш се појавија во воздухот двајца светли прекрасни луѓе. Едниот од едната а другиот од другата страна на крстот, кој стоеше и светлеше. Тогаш тие двајца се спуштија кај преподобниот, го фатија за рацете, го извадија од калта, го оставија на патот и веднаш станаа невидливи. А пак чудесниот крст одеше низ воздухот пред преподобниот и му го осветлуваше патот, додека не го доведе на плоштадот. Дури тогаш исчезна. Додека стоеше на плоштадот и гледаше кон црквата на светите Апостоли, преподобниот во видение ја виде црквата на Светите Апостоли променета во неискажливо убава и неспоредливо велелепна. Во средината на црквата Господ седи на престол, а околу него Херувими и Серафими со сета војска Небесни Сили предстојат пред Него со страв и трепет. Преподобниот ги испружи рацете кон Господа и викна:

- Спомни ме, Господи, во царството Свое!

Лицето на преподобниот Андреј блеска како сонце

Едно утро Епифаниј влезе во црквата на Пресвета Богородица. Во црквата стоеше на молитва преподобниот Андреј. Епифаниј застана во папертата и тука му се отворија внатрешните очи, та тој виде како преподобниот Андреј час пламти како огнен пламен, час блеска како снег, а лицето му сјае како сонце. Ова видение траеше долго. Кога сѐ заврши, Епифаниј разгледа на сите страни и откако виде дека нема никого, сиот радосен и весел му пријде на својот омилен отец и учител и му падна пред нозете, говорејќи:

- Благослови го, оче, своето духовно чедо.

А преподобниот, неискажливо смирен, погледна во Епифаниј, самиот падна пред неговите нозе и рече:

- Моли се за мене, господине, и ти благослови ме мене, зашто тоа повеќе ти доликува тебе. Денес те гледам прославен со благодатта Божја. Ги гледам благодатта и сјајот на твоето лице. Ти стоиш во светата црква Божја, а раката на Господа Седржителот те облекува од небото во архијерејска одежда и омофор и ти ја доверува крмата на Црквата Своја, да ги пасиш овците Негови. Од таа причина ти двократно благослови ме и моли се за мене, ништовниот.

Откако се целиваа со свет целив, седнаа во папертата на сокриено место. И започна преподобниот да го поучува Епифаниј како да живее и како да се подвизува. Тој му говореше:

- Знам, чедо мое, дека ти работиш на своето спасение, ги извршуваш заповедите Господови. Но, иако е така, јас те молам, прими ја од мене оваа поука. Внимавај, чедо, со што повеќе солзи да си ги очистиш душата и телото, па правдата ќе ти биде многу мила и милостињата многу слатка. Исполни го своето срце со кротост. Биди свет и незлоблив, биди светлина. Негувај се себе си во мудрост, смерност, добрина, непрекината молитва, љубов нелицемерна, целомудрие. Покрај тоа биди сомилостив, сиромавољубив, монахољубив, богољубив, доблеснољубив. Живеј во молчење, воздржание, трпење во неволјите, благодушност, неосудување, некарање, неоговарање. Стекнувај негневливост, несуетност, скромност, за Господ да те возвелича пред сите Светители и безбројните Небесни Сили. Со сета душа зафати се со извршување на евангелските доблести, за Господ да те издигне, и прослави, и награди. Исполнувај го сето тоа и Бог ќе биде со тебе.

Тој уште му говореше:

- Ѓаволот има обичај од луѓето најпрвин да ја тргне благодатта Божја, па потоа непречено влегува во нив. Тоа не значи дека благодатта се плаши од ѓаволот. Не, туку таа се гади и ја мрази смрдеата на гревот. Ѓаволот не може со сила да го натера човекот на грев. Човекот сам по своја слободна волја влегува во грев, а ѓаволот го поттикнува, го скокотка и го потсетува на гревот. Човекот, кој нема храброст во душата и цврстина во вршењето на доблестите, му се подава на тоа поттикнување и се лизнува во грев. И ѓаволот со право го обвинува таквиот човек, зашто греши по своја сопствена волја. Поради тоа тогаш и отстапува Божјата благодат од таквиот човек.

Епифаниј го праша преподобниот Андреј:

- Од каде ѓаволот знае кој човек што сторил од детството, па сѐ до староста?

Преподобниот одговори:

- Зарем не знаеш дека покрај христијанинот неотстапно стојат и ѓаволи? Тогаш јасно е дека тие ги знаат и нашите дела.

Додека овие двајца угодници Божји седеа и разговараа, ѓаволот, кој стоеше во близина, фрли стапица на Епифаниј. Тоа само свети Андреј го виде и му рече на ѓаволот:

- Ти, лош и нечист, отстапи одовде!

Ѓаволот му возврати:

- Во овој град не постои поголем никаквец од тебе. Но, ќе дојде време кога јас ќе кренам рака од својот занает, зашто луѓето ќе станат полоши од нас.

Светителот го праша:

- Од каде го знаеш тоа?

Ѓаволот одговори:

- Многу е искусен нашиот татко. Седи во пеколот и додека гата нѐ учи, бидејќи нашата природа апсолутно ништо не знае.

Преподобниот го праша:

- А на кои човечки гревови вие најмногу се радувате?

Ѓаволот одговори:

- На идолопоклонството, маѓиите, труењето, а особено убиствата, злопамтењето, злобата, содомскиот грев и блудот.

Светителот го праша:

- А кога некој ќе се одрече од своите страсти и гревови и преку покајанието Му пристапи на нашиот Господ Бог, што правите вие тогаш? Како се однесувате?

Ѓаволот одговори:

- Ние таквиот го мразиме и сме лути на него, но така што тој да не го знае тоа. Сепак се надеваме дека ќе ни се врати. Има многу такви, кои се одрекуваат од нас, па повторно ни се враќаат.

Кога го слушна тоа, светителот дувна во ѓаволот и тој исчезна.

Искушението на Епифаниј и преподобниот Андреј

Едно време демонот на блудот започна силно да го напаѓа Епифаниј. Кутриот се сневесели и исплаши својата душа да не ја извалка во гревот. И започна сурово да пости и ноќите да ги минува во молитвено бдеење. Со солзи Го повикуваше Бога да му помогне и да не дозволи да падне во таква пропаст. А проклетиот демон сѐ посилно и посилно го напаѓаше. Му уфрлаше во душата нечисти помисли да му го распали телото и така да ја фрли во калта на блудот неговата прекрасна душа. Покрај тоа демонот го искушуваше и во сонот. Често помислуваше дека нема да може да го издржи огнот на искушението и застануваше на молитва, долго, долго правеше метанија, се удираше во градите, и сѐ така, додека силата не го издаде. Еднаш, после таква напорна молитва, тој изеде три унци сол и телото му се разгоре од силна жед. Го стори тоа за со телесната жед да го згасне духовниот оган. И навистина почувствува некое олеснување во искушението, па на јаве го виде демонот на блудот, извалкан како свиња, како стои и грофта. Епифаниј се згади и плукна во неговото одвратно лице. Неколку дена потоа го сретна на плоштадот блажениот, кој го погледна со насмевка и му рече:

- Овца сум на твоето духовно стадо. Сакам сол и јадам сол.

Епифаниј многу се восхити и му рече:

- И тоа ти е познато, оче? Оф! А зошто тогаш ме остави на цедило? Ете, ме измачува зол демон, срцето ми го јаде.

Преподобниот му одговори:

- Каде војникот ќе го покаже своето јунаштво ако не во војна? И како Бог ќе знае дека Го љубиш, ако не види како се држиш во војната со ѓаволот и како го победуваш? Како ќе заслужиш награда ако не претрпиш неволји и искушенија, маки, злоставувања, оскудевања. Овој свет е чад, пепел, сон... Луѓето на овој свет не се грижат за својот внатрешен човек. Тие уживаат, јадат и пијат. Сложно ги исполнуваат желбите на ѓаволот, а тој, како на свои пријатели и слуги, во замена за тоа им ги дава таштините на радоста и уживањата на овој свет. А на тебе, чедо, маките што си ги поднел и за кои зборуваш, ќе ти станат слатки кога за секоја од нив ќе примиш награда. Затоа немој тоа да го потценуваш, туку биди истраен, за да добиеш награда и да го наследиш Царството Небесно. Не заборавај го реченото во Светото Писмо: Многу неволји има праведникот, но од сите го избавува Господ (Пс. 33, 20). Не знаеш ли дека Бог ни ги дал деновите на овој живот како некоја арена за борба, да се бориме со демоните? Ден и ноќ да бдееме во молитви, борејќи се, подвизувајќи се и исполнувајќи ги заповедите Божји. Чедо мое, човекот кој не е прељубодеец и не блудничи, темјан е пред Господ. А човекот прељубодеец, човек блудник, како нечист ќе биде во деновите на неговиот живот. Мудриот човек, кој е просветен со дарот на Светиот Дух, ги знае длабочините на Светото Писмо, но ако стане блудник, неговото знаење нема да има никаква вредност пред Бога, ако тој со исповед и солзи не ја испере нечистотијата на своите гревови. Затоа, немој да се срамиш што те напаѓа ѓаволот, што те искушува и војува со тебе. Попрво радувај се и весели се, зашто знаеш дека ако не се испечеме преку искушенијата, не можеме да станеме сладок леб на Бога.

Откако му го рече тоа, преподобниот го целиваше со свет целив и Епифаниј се врати дома.

Како изгледаат душите на праведниците и грешниците на земјата

Една година на Воскресение, блажениот Андреј стоеше на молитва во црквата на Пресвета Богородица и тоа на самиот влез. И Господ му откри како поедини луѓе ги минувале деновите на светиот Велик Пост, покажувајќи му како изгледаат нивните души. Набљудувајќи ги луѓето кои излегуваат од црквата, тој со Духот Свети виде и дозна за сечија душа и во неа нејзината доблест и нејзиниот порок.

Така, тој виде многу луѓе со лица бели и чисти како снег; на некои лицата им сјаат како сонце, а главата им е помазана со елеј и миро; на нивните глави златни венци, благомирис излегува од нив како од ружа и темјанушка, врз нив има царска облека, прекрасни момчиња им укажуваат почитување и ги прославуваат. Тоа се оние што богоугодно го поминале постот, светата Четириесетница, служејќи Му на Господа со пост и молитва и секоја доблест, и добија почетни награди на небесното Царство и невидливо ги носат. Додека ги гледаше, блажениот Андреј се радуваше и Му благодареше на Господа за нивниот напредок.

Виде тој и други: бели се како снег, лицата им сјаат како сончеви зраци, а на нив почива Светиот Дух, зашто се чисти и полни со доблести, се воздржувале од прељуба, од блуд, од злоба, од празнословие, и често се причестувале со Светите Тајни.

Виде тој и вакви: облечени во златни наметки, полни со светлина и сјај, бели гулаби летаат над нивните глави, од нив се излева скапоцени миро и благомирисен темјан, а пред нив ангели Божји како духовни гулаби. Тоа се оние што сиромавите со леб ги хранат, што робови откупуваат и ги ослободуваат, што туѓи долгови исплаќаат, што на сиротите им помагаат, што просјаци облекуваат, што светители празнуваат, што од пороци се чуваат.

Тогаш виде и вакви: облечени во скапоцена облека, лицата им зрачат со милост, ги прати некоја преубава девојка со маслинов венец на главата. Таа со миро им ги помазува лицата. Тоа се оние што темници посетуваат и затвореници тешат и им помагаат, што болни посетуваат и гледаат, што зборот Господов го сакаат над сѐ, што одбегнуваат хулење и оговарање, што блескаат со секоја добродетел.

После тоа виде и вакви: лицата им се исчадени, на некои лицата им се премачкани со смрдлив гној, мачки и пси одат пред нив, змии им висат на рацете и нозете и им ги цицаат телата, а жаби имаат по нозете. Тоа се развратните луѓе, хомосексуалци, блудници, мастурбатори, среброљупци. Тие сите свои членови ги предале на ѓаволот и се заробеници на неговата волја. А пак змиите и аспидите, и останатите разноврсни животни не се ништо друго освен демони. Тие уживаат и се веселат кога некој ја исполнува нивната волја.

Потоа виде и вакви: голи, црни и мрачни, очите им пламтат, лицата им се црни како печени на тава. Демоните им премотале јажиња околу вратовите и ги влечат како мазги и притоа држат остри мечеви во рацете. На некои пак демоните им носат огнен ќотек и страотно ги тепаат што побрзо да одат, а над нив стои напишано: гатачи, бајачи, волшебници...

Потоа виде и голи луѓе, црни како ѓавол, со крвави ками во рацете, а на главите на секого од нив змија на гневот и лутината. И змијата дотаму го разгорува секого од нив, додека не ја изврши нејзината волја. А тие се однесуваат како луди и непресметливи. Тие се убијците, грабливците и гадните расипници.

Потоа преподобниот виде и бедници облечени во партали и многу жени одат исто така облечени. Телата им се бодливи и со трње начичкани. Околу нив најодвратни лазачи, жаби, стаорци, желки и други гадини. Тоа се јаросниците и гневливците, лошите и сурови, кои своите слуги страотно ги мачат и злоставуваат.

Виде преподобниот и вакви: телата им се од главите до нозете премачкани со чад, лицата им се намуртени, нацрнети и полни со отров. Змии и аспиди им ги затвориле ушите и очите да не видат сонце, ниту да го чујат Светото Писмо, кое што се чита по светите цркви. А над нив во воздухот стои напишано: злоба - прва ќерка на ѓаволот. Од нејзините ноздри тече отров на аспида, и змија, и скорпија, и гадина, и ги исполнува со убиствена горчина и воздухот и душите човечки. Тоа се оние што луѓето ги доведуваат во опасност, и смрт, злопамтилата, непријателите, горделивците, оние што пцујат, навредувачите, оние што осудуваат туѓи гревови и пресудуваат.

Јавувањето на Пресвета Богородица во црквата во Влахерна

Во 911 година на 1 октомври, за време на сеноќното бдеење во Богородичницата црква Влахерна во Цариград, блажениот Андреј стоеше на крајот од црквата со својот ученик Епифаниј и се молеше. Во четвртиот час од ноќта ја виде блажениот Андреј заштитничката и помошничка на сите христијани Пресвета Богородица, како се појави во црквата над народот, со распростран омофор на рацете, како со него да го покриваше народот. Беше облечена во златоткајна порфира и сета блескаше во неискажан сјај, опкружена со Апостоли, Светители, Маченици и Девици. Откако ги преклони колената, Пресветата долго се молеше, залевајќи го со солзи Своето боголико и пречисто лице. Свети Андреј, додека го гледаше тоа јавување, му покажа со раката на Епифаниј и го праша:

- Ја гледаш ли, чедо, Госпоѓата и Царица на светот, како се моли за сиот свет?

Епифаниј одговори:

- Гледам, свети оче, и се ужаснувам.

Кога ангелите невидливо ги кадат луѓето

Во една пригода преподобниот Андреј и Епифаниј седеа и читаа Беседа на свети Василиј Велики за крштевањето. Додека Епифаниј читаше и двајцата ненадејно почувствуваа прекрасен благомирис. Епифаниј многу се зачуди од каде доаѓа таквиот прекрасен мирис. А пак преподобниот Андреј видел од каде доаѓа и кој е оној што невидливо го шири. Додека Епифаниј читал, преподобниот не сакаше да му ја открие таа тајна. А кога заврши со читањето на Беседата, веднаш и мирисот исчезна. Зачуден од тоа, Епифаниј го праша преподобниот:

- Те молам, чесен оче, кажи ми од каде доаѓаше благомирисот додека читав?

Преподобниот му одговори:

- Ангел Господов беше овде, не еден туку многу од нив, додека се читаше ова. Еден од нив, величајќи ги зборовите на Светиот Дух, сиот радосен кадеше богодолично.

Епифаниј го праша:

- Ангелите се невештествени суштества, и каде тогаш наоѓаат темјан, кадилници и жар?

Преподобниот ненадејно погледна во Епифаниј и рече:

- Чудни работи зборуваш, човеку. Та кој ти рекол дека ангелите Божји поседуваат овоземни кадилници или употребуваат жар од земниот свет? Духовните суштества поседуваат духовни, а овоземните суштества овоземни работи. Кога Ангелите сакат да ги кадат Светителите или оној надумен престол Божествен, тие со ништо друго не кадат, освен со оној прекрасен благомирис што излегува од чудесното и непристапно Божество. Додека стојат пред страшниот престол на Седржителот, Ангелите примаат благомирис, кој од тука молњевито се излева и затоа постојано мирисаат на неискажлив благомирис на Божеството. Мирисаат тие и на рајско цвеќе, кое го носат и на невидлив начин го принесуваат тоа невидливо цвеќе на човекот, та душата негова се исполнува со сласт и милост на тој рајски благомирис. Ангелите невидливо ги кадат луѓето во следните прилики: прво, кога се читаат свети книги, Ангелите невидливо ги опкружуваат оние кои читаат, сакајќи да ги слушнат боговдахновените зборови на Светиот Дух; второ, кога некој се моли на Бога, Ангелите со голема љубов стојат околу него и заедно со него се молат: и трето, кога човекот од љубов кон Бога се труди, или страда, или бестрашно се бори. Така Ангелите ги кадат оние кои се борат за верата, за да ги поткрепат и охрабрат на подвиг.

Претставувањето на блажениот Андреј

Еден ден преподобниот Андреј и Епифаниј седеа и разговараа. Притоа преподобниот ги крена очите кон небото и долго гледајќи горе, со солзи го заливаше своето боголико лице. Епифаниј го праша:

- Чесни оче, кажи му на своето чедо, зошто рониш толку солзи?

Преподобниот му одговори:

- Чедо мое, еве дошол крајот на мојот земен живот и ние ќе се разделиме со телото. Но, ти, немој да тагуваш за моето заминување во неминливиот живот.

На овие зборови Епифаниј многу се сневесели, а преподобниот му рече:

- Немој, чедо мое, да тагуваш за моето преселување. Блаженство е да се замине од овој свет. Што имаме ние со овој таштин свет? Не сме створени засекогаш да останеме во овој свет, туку во него богоугодно да се подвизуваме, па потоа да отидеме во својата небесна татковина. Овде ништо не е наше. Овој свет е горчлив: полн е со лоши демони, кои другаруваат со луѓето, кои доброволно вршат зло, па потоа таквите ги одвлекуваат во пеколот. А оној свет, светот на Херувимите и Серафимите, во кој јас заминувам, полн е со вечна светлина и слава на Пресвета Троица. Еве, ова е мојот последен разговор со тебе. Внимавај што ќе ти кажам на разделба и сеќавај се на овие мои зборови. Ти ќе станеш монах. Со благодатта и милосрдието на единородниот Син Божји, ќе водиш богоугоден живот. Господ во свое време ќе те издигне на епископскиот престол, за на оваа престолнина да ѝ бидеш светило и пастир. Те заколнувам во Пресвета Троица и Пречистата Владичица Богородица, кога ќе станеш патријарх немој да го славиш мојот спомен, ниту да ми градиш храм ни споменик, ниту да ми укажуваш било каква човечка почест. Ако не ме послушаш во тоа, верувај ми, ќе паднеш во искушение, зашто Го молев Бога да не ме прославува на земјата. Ти, пак, чедо мое, имај страв Божји во својата душа и љуби Го Бога со сето свое срце. Светителите празнувај ги, моли се за сите: за оние кои нѐ сакаат и за оние кои нѐ мразат, за заробениците и за сите што се во неволји и опасности. И јас, ако најдам слобода пред Христа Бога, со духот постојано ќе бидам со тебе. А за денот и часот во кој Бог ќе те пренесе од овој во оној свет, јас ќе те известам. Во вечната слава и радост ќе бидеме заедно двајцата, како што ми го откри тоа Господ. Внимавај, чедо, како архијереј немој никого да ракополагаш од пристрасност, од пријателство, со застапување на пријатели, од користољубие, туку од секого барај доблест, вера, вистина и праведност. Спомнувај ме во своите свети молитви, особено на светата Литургија. Ништо така не го смилостивува севишниот Бог спрема грешниците, како светата литургиска жртва. О, чедо мое, запиши ги моите зборови во своето срце. Грижи се за сиротите, штити ги вдовиците и сирачињата, згрижувај ги патниците, посетувај ги болните и затворениците. Исполнувај го сето тоа и Господ ќе соархипастирствува со тебе, и ќе те раководи, и љубовта на Отецот и Синот и Светиот Дух ќе биде со тебе.

Откако го рече тоа, преподобниот му предложи на Епифаниј заедно да ги преклонат колената и да се помолат на Господа. Преподобниот се молеше вака:

- Оче, Сине и Свети Духу, Себожествена Троице, те заколнуваме ние, просјаците и патниците, ние, бедните, голи и неволни, кои немаме каде глава да засолниме во овој свет. Те молиме, Семилостив Господи, прости ни според Твојата голема милост, сѐ што згрешивме со збор, дело или мисла. Со сето срце Те молам, Господи, за овој Твој слуга Епифаниј. Просвети ги неговите очи со богатство од молња на божеството Свое, нека продре милосрдието во сите негови внатрешни сетила, осветли ги мислите на неговата душа со неискажлив благомирис на вечноживата благодат Твоја. Вдахни во него дух на мудрост, дух на јачина, дух на разумност, дух на боготворечка љубов, дух на сомилост и мир, дух на кротост, дух на животворни солзи, та воден и раководен со Твојата седржителска десница, да го врши она што Ти е угодно Тебе.

Кога преподобниот заврши со молитвата, ненадејно блесна пред него силна светлина и се разлеа прекрасен благомирис од најразлични мириси, и Епифаниј падна на земјата. Преподобниот го подигна, му го прекрсти челото со крсниот знак, и говореше:

- Нека нѐ осени името на Невидливата Светлина! Нека Богот на Херувимите ни биде на помош! Нека молитвите на Серафимите, Престолите, Господствата, Властите и безбројните мноштва Небесни Сили, Апостолите, Мачениците, Евангелистите, Пророците, Исповедниците, Испосниците, го штитат слугата Твој! Нека молитвите на Твоите угодници по горите, пештерите и пустините, и молитвите на оние што Ти служат во општожитијата, по селата и градовите, му бидат на помош на слугата Твој! Те молам, Господи преблаг, и Те преколнувам, спаси го чедото мое Епифаниј. Чувај го во светоста Твоја, во силата Твоја, во љубовта Твоја и во волјата Твоја, за да го минува животот богоугодно и со мир да стигне во преддворието на Царството Твое!

Откако така го благослови своето духовно чедо Епифаниј, преподобниот Андреј го целиваше во очите, во лицето, во градите, во рацете, па замина, а Епифаниј остана тажен и ожалостен.

Преподобниот Андреј, откако се раздели со Епифаниј отиде на хиподромот, најде едно скришно место и тука ја помина ноќта во молитва. Се молеше тој за сите што се во опасности, во неволји, во потреба, во ропство и за сиот свет. И додека така се молеше, кај него дојдоа свети Ангели и безброј Светители, и тој, гледајќи ги како пријатели и насмевнувајќи им се, ја испушти душата. Во тој момент на тоа место се рашири неопислив благомирис од разноврсни мириси и кадила.

Тој благомирис, попрекрасен од секој мирис, го почувствува и една сирота жена, чија што куќичка беше недалеку од местото каде што се претстави блажениот Андреј. Таа по мирисот дојде до телото на преминатиот Светител. И дури тука ја почувствува сета јачина на божествениот мирис, кој избиваше од неговото тело, со кој не може да се спореди никаков мирис на земјата. Запрепастена и возбудена, жената отрча да ги извести соседите за необичното чудо. И многумина дотрчаа до местото каде преподобниот се претстави. Тоа и понатаму мирисаше опојно и необично, но телото го немаше, не го најдоа, зашто Господ го беше пренел некаде.

Таа ноќ, рано в зори, додека стоеше на молитва, Епифаниј ја виде душата на свети Андреј, како посветла од сонцето оди на небото, водена и пратена од свети Ангели и Светители, додека чудесно и волшебно пеење се разлевало на сите страни. Восхитен од красотата и величественоста на глетката, Епифаниј ја испружи раката кон небото и Светителот, и воскликна:

- Спомни ме, свештенику Божји, во подготвеното ти Царство, зашто денес гледам чудеса, кои го надминуваат секој ум.

И писателот на Житието на свети Андреј, свештеникот Никифор при црквата Света Софија во Цариград, личен пријател на свети Андреј и единствен човек на кого преподобниот му ги доверувал тајните на своето јуродиво живеење, кое делумно му го доверувал и на Епифаниј, вака го завршува необичното Житие на необичниот угодник свети Андреј:

„Така се претстави некогаш затскриеното сонце и огнен столб небоземен, свети Андреј, заради Господа просјак, лудак, странец, презреник, ништовник и пониженик, а сега син Божји по благодат и наследник на Царството Небесно. Се претстави на 28 мај откако шеесет и шест години се подвизуваше тајно, служејќи Му на Бога. А јас, Никифор, со милоста Божја презвитер на Големата Црква на царскиот град, наречена Света Софија, ги опишав чудесата и славниот живот на чесниот и свет отец Андреј, онака како што самиот со своите сопствени очи ги видов и како самиот за тоа дознав од славниот Епифаниј, подоцнежниот архиепископ овдешен, со благодатта и човекољубието на нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

ЖИТИЕТО И СТРАДАЊАТА НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК КИПРИЈАН И СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ЈУСТИНА ДЕВИЦА

Во времето на царот Декиј во Антиохија Сириска живееше некој Кипријан, кој беше философ и познат волхв. Родум беше од Картагина, од незнабожни родители, кои од детството го предадоа во служба на својот незнабожечки поган бог Аполон. Во својата седма година Кипријан беше доверен на волхвовите да ја изучи вештината на волхвувањето и демонската мудрост. А кога наполни десет години, родителите го испратија на планината Олимп, да се усоврши во жречевството, зашто оваа планина незнабошците ја нарекуваа живеалиште на боговите, бидејќи во неа имаше многу идоли, во кои што живееја безброј демони. На таа планина Кипријан ја изучи науката на ѓаволот до совршенство. Запозна разни демонски претворања, научи да предизвикува промени во воздухот, да пушта громови и дожд, да крева бранови по морето, да прави штети по овоштарниците, градините и полињата, да нафрла врз луѓето несреќи и болести, со еден збор, тој го изучи сепогубното мудрување и заврзано делување на ѓаволот. И виде тој таму безбројни војски од демони со кнезот на темнината, пред кого едни демони стојат, други му служат, трети му воскликнуваат величајќи го, а некои демони беа испраќани по целиот свет да ги мамат луѓето. Ги виде тој таму сите незнабожечки богови и богињи, и разноврсни претворања и привиденија по зајдисонце, и тоа не леб или некое друго јадење, туку единствено дабов жир. А кога имаше петнаесет години, Кипријан доби за учители седум големи жреци, кои им служеа на седумте планети. Од нив дозна многу демонски тајни. Потоа отиде во градот Агра, каде некое време ѝ послужи на богињата Ира, и од тамошниот жрец научи многу лукавства. Извесно време Кипријан помина и во Тавропол, каде ѝ служеше на Артемида. Од таму отиде во Лакедемонија, и научи со какви вражења и претворања може да се прави мртовците да зборуваат од гробовите.

Во својата дваесетта година Кипријан отиде во Египет, и во градот Мемфис се учеше на големи зла и волшепства. А пак во својата триесетта година отиде кај Халдејците, и откако го изучи ѕвездословието го заврши своето школување и отиде во Антиохија, совршен во секое зло: волхв, вражач, душепогубувач, голем пријател и верен слуга на кнезот пеколен, со кој зборувал лице во лице и од кој се удостоил на голема чест. За тоа тој самиот зборува:

„Верувајте ми, јас го видов самиот ѓавол, зашто со жртви го умолив, целивав и разговарав со него и со доглавниците негови, и тој ме засака, го пофали мојот ум и пред сите рече: „Еве го новиот Амврија. Брз ни е на послушание, достоен е на нашиот удел. И ми вети дека по моето излегување од телото ќе ме постави за кнез, и дека за време на животот на земјата ќе ми помага во сѐ. И ми даде полк на демони да ми служат. А кога заминував од него, тој викна по мене: „Биди храбар, ревносни Кипријане!“ И стана и ме испрати, така што сите негови доглавници се зачудија. Затоа и сите негови кнезови, откако видоа каква чест тој ми укажува, беа многу услужливи спрема мене. Неговото лице беше како ливадски цвет. На главата имаше раскошен венец од злато и блескави камења, кои го осветлуваа тоа поле. И облеката негова беше чудесна. Кога се свртуваше ваму таму, целото место се тресеше и крај неговиот престол стоеја во голема покорност многу зли духови од разни чинови. Тогаш и јас му се предадов себеси, покорувајќи се на секоја негова заповед“.

Тоа самиот за себе го кажуваше Кипријан по своето обраќање кон Христа. Од тоа јасно се гледа каков човек бил: пријател на демоните, чии што дела ги вршеше, наштетувајќи им на луѓето и прелажувајќи ги. Додека живееше во Антиохија, тој многу луѓе наведе на најразлични гадни беззаконија и многумина уби со отрови и гатање. Момчиња и девојки принесуваше на жртва на демоните, и поголем број научи на своето лошо волхвување. Тој направи едни да летаат во воздухот, други по облаци на кораби да пловат, трети по вода да одат. И од сите пагани тој беше почитуван и славен како најврховен жрец и најмудар слуга на нивните најгадни богови. Многумина прибегнуваа кај него во своите неволји. Тој им помагаше со демонската сила, со која беше исполнет. На едни им помагаше во блудочинството, на други во гневот, во непријателството и осветата, на трети во зависта. И веќе сиот беше на дното на пеколот и во устата на ѓаволот, син на геената, заедничар на демоните и нивната вечна гибел. Но Господ, Кој не ја сака смртта на грешникот, според неискажаната добрина Своја и милосрдието Свое, кои гревовите човечки не можат да ги победат, посака да го побара овој пропаднат човек во бездните на пеколот, да го извлече, да го спаси и така на сите луѓе да им го покаже Своето човекољубие. Не постои грев, кој би го победил Неговото човекољубие, Господ го спаси Кипријан од неговата гибел на овој начин:

Во тоа време живееше во Антиохија едно девојче на име Јустина. Таа се роди од незнабожни родители, од татко Едесија, кој беше идолопоклонички жрец, и од мајка Клеодонија. Кога стана полнолетна и еднаш седеше во својот дом крај прозорецот, девицата Јустина слушна слово за спасението од еден ѓакон Праилиј, кој минувал оттука и зборувал за вочовечувањето на нашиот Господ Исус Христос: како се роди од Пречиста Дева, и откако изврши многу чудеса благоволи да пострада за нашето спасение, па воскресна од мртвите со слава, се вознесе на небото, седна од десната страна на Отецот и царува вечно. Оваа проповед на ѓаконот допре до срцето на Јустина и таа посака тој да ја научи повеќе, но девојкиниот срам не ѝ дозволи да го побара тоа. Сепак, тајно одеше во црквата Христова и често слушајќи го словото Божјо, под дејство на Духот Свети, таа поверува во Христа. Наскоро потоа и својата мајка ја обрати, а подоцна и својот стар татко го приведе кон верата. Тој, гледајќи го умот на својата ќерка и слушајќи ги нејзините мудри зборови, си размислуваше за тоа дека идолите се изработени од човечки раце и се прашуваше како можат да бидат богови кога немаат ни душа ни здив. Додека така размислуваше, на сон виде необично божествено видение. Виде тој огромна војска на светлоносни Ангели, а среде нив беше Спасителот на светот Господ Христос, и чу како Спасителот му говори: „Дојдете кај Мене и ќе ви го дадам Царството Небесно“.

Штом се разбуди, Едесиј веднаш појде со жената и ќерката кај христијанскиот епископ Оптат и го молеа да ги поучи во Христовата вера и да им подари свето крштение. Му ги раскажа и зборовите на својата ќерка и своето видение на Ангелите. Епископот се израдува на нивното обраќање и откако многу им зборуваше за верата, ги крсти Едесиј, неговата жена Клеодонија и ќерката Јустина. Откако ги причести со Светите Тајни, ги отпушти со мир. Кога Едесиј зајакна во верата, епископот го ракоположи за презвитер. Тој поживеа доблесно во страв Божји година и шест месеци, и така во светата вера го заврши својот живот. А Јустина добро се подвизуваше во заповедите Господови и Му служеше на Христа во усрдни молитви, во девство и целомудрие, во пост и големо воздржание. А ѓаволот, кој го мрази родот човечки, ѝ позавиде на нејзините доблести и започна да ѝ пакости, фрлајќи ја во разни беди и неволји.

Во тоа време во Антиохија имаше едно момче, на име Аглаид, схоластик, син на богати и знаменити родители, кој сиот свој живот го минуваше во сластите и суетите на овој свет. Во една прилика тој ја виде девицата Јустина како оди во црквата и се зачуди на нејзината убавина. Тогаш ѓаволот му уфрли во срцето лоша мисла за неа, па започна да се труди на сите можни начини да се запознае со неа, да ја придобие нејзината љубов и да ја извалка во својата нечистотија. Со таа цел ја чекаше девицата на местата каде што таа обично минуваше, ѝ дофрлаше ласкави и соблазнувачки зборови, ја фалеше и величаше нејзината убавина, ѝ изјавуваше љубов, но таа бегаше од него и не сакаше ни гласот да му го слушне. Но, момчето не престануваше да чезнее по нејзината убавина, и испрати кај неа молба да му биде сопруга. Таа му одговори дека за младоженец Го има Господ Христос, Нему Му служи и својата чистота ја чува, а Господ ѝ ги чува и душата и телото од секоја нечистотија. Од ваквиот одговор на целомудрената девица, Аглаид уште повеќе чезнееше по неа, поттикнуван од ѓаволот. Откако никако не успеа да ја прелести, намисли насилно да ја грабне. Со помош на развратни момчиња, тој ја демнеше девицата на патот по кој таа обично одеше во црквата на молитва. И еднаш успеа да ја фати и насилно ја влечеше кон својот дом. Таа започна силно да вика и да го удира, па луѓето истрчаа од своите домови и ја спасија од расипаното момче, кое побегна посрамено, заедно со оние со него. Не знаејќи што понатаму, тој реши да појде кај големиот волхв и волшебник Кипријан, идолопоклоничкиот жрец. Му ја раскажа својата мака, побара негова помош и му вети многу злато и сребро. Кипријан го тешеше и му ветуваше дека ќе му ги исполни сите желби, велејќи:

- Ќе направам така што самата девица ќе ја сака твојата љубов и ќе чезнее по тебе повеќе отколку ти по неа.

И така утешен, го испрати полн со надеж.

Тогаш Кипријан се зафати со работа. Ги отвори своите книги и повика еден од нечистите духови, за кого дозна дека може брзо во срцето на Јустина да разгоре нечиста желба спрема она момче. Ѓаволот му вети дека тоа веднаш ќе го стори и со гордост рече:

- Тоа е лесна работа за мене, бидејќи многу пати градови со земјотрес сум потресувал, бедеми рушел, домови разделувал, крвопролевање и таткоубиство уредувал, големи непријателства и лутење меѓу браќа и сопружници уфрлал, многумина желни за девство во нечистотија валкал, монаси, кои што по горите живееле, тешки постови држеле и никогаш за телото не помислувале, јас со блудна желба сум ги распалувал и научил да им служат на телесните страсти. Некои покајници, кои веќе се одрекле од сѐ, јас повторно кај првите злодела сум ги вратил. Многу целомудрени во блуд сум фрлил, па зарем една девица не можам да натерам на љубов спрема Аглаид? Но, зошто да зборувам повеќе? Наскоро на дело ќе ја покажам сета своја сила, само земи го ова лекарство (и му подаде некаква полна чинија), и дај му ја на момчето да ја пороси куќата на Јустина, па ќе видиш што ќе се случи.

Го рече тоа и замина. Кипријан го повика Аглаид и го испрати тајно да ја попрска куќата на Јустина од ѓаволскиот сад. Кога го стори тоа, таму влезе демонот на блудот. А Јустина имаше обичај секоја ноќ да Му принесува молитви на својот Господ. И кога според својот обичај во девет часот од ноќта се молеше на Бога, ненадејно почувствува во телото некакво треперење, па потоа лоша бура на телесна желба и палење на пеколен оган. Долго се наоѓаше во таквата напаст и ѝ дојде во мислите она младо момче Аглаид, и во неа се појавија лоши мисли. Таа се чудеше и се срамеше од себеси, откако почувствува дека крвта ѝ врие како во врел казан и размислуваше за она од кое што се гнасеше. Но, како благоразумна препозна дека тоа ѝ се случува од ѓаволот, па веднаш се фати за крсниот знак. Прибегна кон Бога со топла молитва и од дното на душата повика кон Христа, Младоженецот свој, говорејќи:

- Господи Боже мој, Исусе Христе! Ете, моите непријатели се кренаа против мене, замки подготвија за нозете мои, ја понижија душата моја, а јас се сетив на името Твое во ноќта и се израдував, и кога тие ми досадуваат, јас прибегнувам кон Тебе и се надевам дека мојот непријател нема да се израдува за мене. Ти знаеш, Господи Боже мој, дека сум слугинка Твоја и чистотата на телото свое за Тебе ја сочував и душата своја Тебе ти ја врачив. Затоа чувај ме, немој да ме предадеш на ѕверот, кој сака да ме проголта.

Така светата девојка долго и трпеливо стоеше на молитва, и го посрами врагот, кој побегна посрамен. Тогаш во Јустина се врати спокојството на телото и срцето, и згасна пламенот на страста и престана борбата, и се смири крвта. И таа Го славеше Бога, пеејќи победничка песна. А ѓаволот се врати кај Кипријан со лошата вест за целосниот неуспех. Кипријан го праша:

- Што те спречи да ја победиш девицата?

А тој, без да сака ја кажа вистината:

- На неа видов некаков знак, од кој се исплашив и не можев да ја победам.

Тогаш Кипријан го повика најпакосниот бес и го испрати да ја искушува Јустина. Тој се нафрли на неа пострашно од првиот и ја нападна со голема сила. Но таа, вооружена со сесрдна молитва, покажа голем подвиг. Се облече во кострет и го умртвуваше своето тело со молитви и пост, и земаше само леб и вода. И така ги скроти страстите на своето тело, го избрка ѓаволот посрамен, кој како и првиот се врати кај Кипријан без никаков успех.

Тогаш Кипријан повика еден од кнезовите демонски и му раскажа за немоќта на испратените бесови, како не беа во состојба да победат една девојка и молеше помош од него. Тој сурово ги прекори испраќаните бесови што не биле доволно вешти во таа работа и што не знаеле како да го заведат срцето девојкино. Притоа го ободри Кипријан со надеж, ветувајќи му дека самиот на друг начин ќе ја соблазни девојката. Потоа овој демонски кнез се претвори во женско и така влезе кај Јустина. Откако седнаа, тој започна да разговара со неа за Светото Писмо, како да сака да го следи нејзиниот живот и чистота. Јустина му одговори:

- Голема и неискажана е наградата за оние што живеат во чистота. А големо чудо е тоа што луѓето ни најмалку не обраќаат внимание на толку големата ризница, како што е ангелската чистота. Тогаш ѓаволот ја обелодени својата бесрамност и започна вешто да ја искушува, говорејќи:

- Тогаш како би опстанал светот и какви луѓе би се раѓале, ако Ева ја сочувала девствената чистота? Од каде би се умножил родот човечки? Нема сомнеж дека сопружништвото е добро. Го востановил самиот Бог. И Светото Писмо го фали, говорејќи: „Бракот да се почитува од сите, и брачното легло да се чува неосквернето“ (Евр. 13, 4). И многу светители Божји, зарем не беа во брак, кој Бог му го даде како утеха на човекот, за со гледањето на своите деца да се весели и да Го слави Бога?

Јустина ја препозна лукавоста на ѓаволот заводник и го победи подобро од Ева. Без да навлегува во разговор со него, таа брзо прибегна кон крстот Христов, стави на своето лице крст, го издигна своето срце кон Бога, Младоженецот свој, и ѓаволот веднаш исчезна, посрамен повеќе од претходните двајца. И тој, гордиот кнез демонски, дојде кај Кипријан сневеселен. Кипријан забележа дека и тој не успеал, па му рече:

- Зарем и ти, моќниот кнез, поискусен од останатите во таквите работи, не успеа да ја победиш девицата? Тогаш, кој од вас може нешто да ѝ направи на таа девствена девојка? Кажи ми, со какво оружје ти се спротивстави? Како вашата огромна сила ја претвора во немоќ?

Тогаш ѓаволот, принуден од силата Божја, неволно призна и рече:

- Ние не можеме да гледаме во крсниот знак, туку бегаме од него. Како оган нѐ гори и далеку нѐ брка.

Кипријан многу се налути на ѓаволот што го срамоти, и се караше со него, говорејќи:

- Таква ли е вашата сила, слаба девојка да ве победува?

За да го утеши Кипријан, ѓаволот му рече дека ќе се преобрази во Јустина и ќе појде кај Аглаид, за тој, мислејќи дека е таа, ќе ја задоволи својата желба, та така нема да биде обелоденета нивната ѓаволска немоќ, ниту пак Кипријан ќе биде посрамен. И кога ѓаволот во облик на Јустина влезе кај Аглаид, тој скокна радосен, ѝ притрча, ја прегрна и ја бакнуваше, говорејќи:

- Добро ми дојде, прекрасна Јустино.

Но, штом Аглаид го изговори зборот „Јустино“, ѓаволот веднаш исчезна, неспособен ни името Јустинино да го чуе. Аглаид многу се запрепасти од тоа, па одјури кај Кипријан и го извести за тоа. Тогаш тој со своето волхвување го претвори во птица. И откако му даде сила да лета во воздухот, го испрати кај куќата на Јустина, низ прозорецот да влета во нејзината одаја. И тој, летајќи како птица, носен од ѓаволот, долета над куќата на Јустина и сакаше да се спушти врз неа, но се случи таа токму тогаш да погледне низ прозорецот. Ѓаволот, штом ја виде, го остави Аглаид и побегна. Заедно со тоа исчезна од Аглаид и птичјиот изглед во кој се наоѓаше, та за малку не се сокрши, летајќи надолу. Со рацете се фати за стреите од куќата и висеше така. И ако нејзината молитва не го симнеше од таму, бедникот сигурно ќе паднеше и ќе настрадаше.

И така, откако доживеа целосен неуспех, Аглаид се врати кај Кипријан и му ја раскажа својата мака. Кипријан многу се сневесели, гледајќи се себеси посрамен. Сепак, надевајќи се во својата волшебничка сила, тој посака самиот да појде кај Јустина. Затоа најпрвин се претвори во жена, па потоа во птица. Но, кога сѐ уште не се беше ни приближил до капијата од нејзината куќа, од него веќе исчезна привидот и лажниот изглед на жена и птица. Така и тој се врати дотолчен.

Потоа, за да се освети за својот срамен пораз, Кипријан со своето волхвување наведе напаст врз домот на Јустина, и по домовите на сите нејзини роднини, соседи и познаници, како некогаш ѓаволот на праведниот Јов. Им го умираше добитокот, им ги злоставуваше слугите, а самите нив ги ставаше во неизмерни грижи. На Јустина ѝ нафрли болест, та таа лежеше на постела и мајка и плачеше над неа. Јустина ја тешеше со Давидовите зборови: „Нема да умрам, туку ќе живеам и ќе ги разгласувам делата Господови“ (Пс. 117, 17). Но, многу посрамениот Кипријан во својата нескротлива јарост, со допуштање Божјо наведе несреќа не само на Јустина и на нејзините роднини, туку и на сиот град. Настана помор меѓу добитокот и големи болештини меѓу луѓето. И под дејство на ѓаволот по градот се пронесе глас дека големиот жрец Кипријан го казнува градот заради Јустина, бидејќи таа му се противи. И се собраа голем број угледни граѓани, гневни отидоа кај неа и ја советуваа да не го огорчува Кипријан, туку да се омажи за Аглаид, за поради неа да не ги снајде пострашна несреќа. А таа ги тешеше и уверуваше дека наскоро ќе исчезнат несреќите што им ги нанесува Кипријан преку демоните. Така и се случи. Кога света Јустина усрдно се помоли на Бога, веднаш исчезна сета демонска сила. Сите се исцелија од раните и оздравеа од болестите. Тогаш луѓето се променија, започнаа да Го прославуваат Христа, а да го исмеваат Кипријан и неговото волшепство, така што тој од голем срам не можеше да се појави ни меѓу луѓето, ни да се сретне со познаниците.

Откако јасно се убеди дека на крсниот знак и името Христово ништо не може да им одолее, Кипријан си дојде на себе и му рече на ѓаволот:

- Погубнику и измамнику на сите, ризницо на секоја нечистотија и гадост, сега се уверив во твојата немоќ! Кога од сенката на крстот се боиш и од името Христово трепериш, што ли ќе направиш кога самиот Христос ќе дојде против тебе? Кога не си во состојба да ги победиш оние што со крстот се крстат, како тогаш ќе одземеш некого од рацете Христови? Сега сфатив дека си ништо, и не можеш ништо, и немаш сила за освета. Се излагав, јас бедниот, кога те послушав и поверував на твојата измама. Затоа отстапи од мене, проклетнику! Отстапи! Треба да ги молам христијаните да се смилуваат на мене! Треба да прибегнам кон благочестивите, да ме избават и да се погрижат околу моето спасение. Оди си! Замини, беззаконику, непријателу на вистината, противнику и мразителу на секое добро!

Кога го слушна тоа, ѓаволот полета кон Кипријан да го убие. Го зграпчи, започна да го тепа и да го дави. А Кипријан, немајќи помош од никаде и не знаејќи како да си помогне и веќе одвај жив, се сети на светиот крстен знак, со кој Јустина се спротивставуваше на сета ѓаволска сила, и рече:

- Боже Јустинин, помогни ми!

Па ги крена рацете и се прекрсти, и ѓаволот веднаш отскокна од него како затегната стрела. Кипријан тогаш издивна, доби смелост и повикувајќи го името Христово се прекрстуваше и машки му се спротивставуваше, го проколнуваше и навредуваше. А ѓаволот стоеше далеку од него и не смееше да му се приближи заради крсниот знак и името Христово, па грозно му се закануваше, говорејќи:

- Нема Христос да те извлече од моите раце!

И многу разјарен, рикна како лав и замина.

Кипријан тогаш ги собра сите книги на своето волхвување, па побрза кај епископот христијански Антим, падна пред неговите нозе и го молеше да се смилува и да му подари свето крштение. Епископот знаеше дека тој е голем и за сите страшен волхв, и мислеше дека дошол кај него да го измами. Затоа го одбиваше, говорејќи:

- Многу зла вршиш меѓу паганците, немој и понатаму да ги вршиш меѓу христијаните, за да не загинеш набрзо.

Тогаш Кипријан низ солзи му раскажа сѐ по ред, и му ги даде своите книги да ги запали. Кога го виде неговото смирение, епископот го посоветува, го поучи во светата вера и му наложи да се подготви за крштевање. Неговите книги тој ги запали пред сите градски христијани.

Откако замина, Кипријан со скрушено срце ги оплакуваше своите гревови. Ја посипуваше својата глава со пепел и се каеше, и повикуваше кон вистинскиот Бог за очистување од своите беззаконија. Утредента отиде во црквата и со радосна утеха го слушаше словото Божјо, стоејќи меѓу верните. Тогаш ѓаконот им нареди на огласените да излезат надвор, говорејќи:

- Вие, кои сте огласени, излезете.

И додека другите излегуваа, Кипријан не сакаше да излезе, туку му рече на ѓаконот:

- Слуга сум Христов, немој да ме бркаш одовде.

А ѓаконот му рече:

- Бидејќи сѐ уште не си совршен во светото крштение, ти мораш да излезеш.

На тоа Кипријан му одговори:

- Се колнам во Христос, Богот мој, Кој ме сочува од ѓаволот и помилува, кој и девицата Јустина ја сочува чиста, нема да ме истераш од црквата додека не станам вистински христијанин. Тогаш ѓаконот го извести епископот за тоа. А епископот го виде Кипријановото усрдие и загреаност на срцето за верата Христова, го повика кај себе и веднаш го крсти во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Кога дозна за тоа, света Јустина Му принесе огромна благодарност на Бога и даде многу милостиња на бедните и многу подароци на црквите. А во осмиот ден епископот го произведе Кипријан за чтец, во дваесеттиот за ипоѓакон, во триесеттиот за ѓакон, а по една година го ракоположи за јереј. Откако го промени начинот на својот живот, Кипријан од ден во ден одеше по тесниот пат на својот живот и постојано плачеше за своите поранешни злодела и напредуваше од доблест во доблест. Наскоро потоа беше поставен за епископ. Како епископ покажа таков живот, што се изедначи со многу големи светители и мудро го пасеше стадото Христово. А пак света Јустина епископот ја постави за ѓакониса. Ѝ врачи девствен манастир и ја произведе за игуменија над другите христијански девици. И игуменијата Јустина со својот живот и поуки обрати многу незнабошци од идолослужењето, и ги присоедини кон Црквата Христова. Така се намалуваше служењето на идолите, а се зголемуваше славата Христова.

Од таквиот живот на свети Кипријан и таквата грижа за Христовата вера и за спасението на човечките души, ѓаволот беше многу вознемирен и ги поттикна незнабошците да го обвинат кај владетелот на источните покраини, дека тој нивните богови ги отфрла и многу луѓе одвраќа од нив, а Го слави Христа, Кој е противник на боговите. И се собраа незнабошци и отидоа кај тогашниот владар на источните покраини Евтолмиј, и го наклеветија Кипријан заедно со Јустина, обвинувајќи ги за многу работи. Ги обвинуваа дека се и против боговите и против царот, и против сите власти, и дека го смутуваат народот, го мамат и го приведуваат кон верата во Христа Распнатиот. Тие го молеа да ги убие и Кипријан и Јустина.

Владарот Евтолмиј нареди да ги фатат и да ги стават во темница. На тргнување за Дамаск нареди да ги поведат со него, за таму да им суди. Кога стигнаа, Евтолмиј седна на судиштето и пред него ги изведоа затворениците, и тој го праша Кипријан:

- Зошто си ја променил својата прва слава? Најпрвин беше знаменит служител на старите богови и многу луѓе приведуваше кај нив!

Тогаш Кипријан му раскажа сѐ по ред. Му раскажа како ја виде немоќта и лагата демонска и ја позна силата на Христа Бога, од Кого сите демони се плашат и треперат, и како демоните исчезнуваат од чесниот крстен знак, и како тој беше обратен кон Христа, за Кого е готов веднаш да умре.

Мачителот не ги сфати сериозно неговите зборови. И бидејќи не беше во состојба да му одговори ништо, нареди да го обесат и да го стругаат неговото тело, а света Јустина да ја тепаат по устата и очите. Долго мачени на таков начин, тие непрестајно Го исповедаа Христа и со благодарност трпеа сѐ. Потоа мачителот ги фрли во темница, па се обиде со ласкање да ги придобие за идолопоклонството. Кога и со тоа не успеа, нареди да ги фрлат во врел казан, кој ни најмалку не им наштети. Во него тие како во ладовина Го славеа Бога. Додека го гледаше тоа, некој идолски жрец, на име Атанасиј, изјави:

- И јас во името на богот Асклипиј ќе влезам во огнот и ќе ги посрамам овие волхвови.

Но, штом се допре до огнот, веднаш умре.

Мачителот се исплаши и не сакаше повеќе да им суди, па ги испрати кај царот Клаудиј во Никомидија, со подробен писмен извештај за нив. Царот ги осуди на посекување со меч. Кога ги доведоа на губилиштето, Кипријан измоли за себе време за молитва. Тоа го стори за Јустина да биде погубена пред него, зашто се плашеше таа да не се исплаши кога ќе ја види неговата смрт. А Јустина весело ја приклони под мечот својата глава и отиде кај својот Младоженец Христос. А пак некој Теоктист, кој стоеше таму и ја набљудуваше смртта на овие невини човечки суштества, многу се сожали на нив, и од ревност кон Бога падна кај свети Кипријан, го целиваше и изјавуваше дека и тој е христијанин. Затоа веднаш беше осуден на посекување со меч заедно со Кипријан. Така посечени ги предадоа своите души во рацете Божји, а нивните тела лежеа шест дена непогребани. А пак некои странци, кои присуствуваа таму, тајно ги зедоа нивните тела и ги однесоа во Рим, каде ги предадоа на некоја чесна и света жена Руфина, сродничка на кесарот Клаудиј. Таа чесно ги погреба телата на светите Христови маченици Кипријан, Јустина и Теоктист. На нивниот гроб се случуваа многу исцеленија, за оние кои прибегнуваа кај нив. По молитвите на овие свети маченици, Господ нека ги исцели и нашите болести, и телесни и душевни. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТЕОКТИСТ

Пострадал со свети Кипријан и Јустина, чиј што спомен е под денешниот датум.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ДАВИД и КОНСТАНТИН

Тие беа христијански кнезови од Аргвент. Осудени на смрт за Христа во Имеретија од калифот Емил-ел-Муменин, беа потопени во реката во 730 година. Пред смртта се помолиле Бог да им ги прости гревовите на сите кои ќе ги призиваат во своите молитви на помош. По молитвата удри гром и се слушна глас од небото дека молитвата им е слушната. Нивните мошти почиваат во Грузија, во манастирот Моцамет.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ТЕОФИЛ ИСПОВЕДНИКОТ

Преподобниот Теофил беше монах за време на царувањето на Лав Исавријанин. Додека ја гледаше безбожноста на овој тиранин и војната што ја води против светите Икони, богољубивиот монах Теофил излезе пред него и бестрашно го изобличи нарекувајќи го безбожник, беззаконик и предвесник на антихристот. Разјарен од тоа, насилникот нареди страотно да го тепаат, па потоа го фрлија во темница и го измачуваа со глад. Доста време бестрашниот монах помина во темницата мачен со глад и жед. Потоа беше испратен на заточение. Таму, принесувајќи Му благодарност, отиде кај Господа.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ХАЏИ-ГЕОРГИЈ

Георгиј беше од Филаделфија, во Мала Азија; син на христијански родители, а по занимање кројач. Имал дуќан во селото Карацас. Се потурчил од непромисленост, но по кратко време се покајал и започнал горко да го оплакува својот страшен грев. Во тоа покајничко расположение побегна од селото и отиде на Света Гора. Таму го исповедаше својот грев на отците, ја доби потребната епитимија и повторно беше вратен во христијанската вера. Се подвизуваше многу години за да Го смилостиви Господа да му го прости ужасниот грев, но совеста му ја печеле Спасителовите зборови: „Кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, Јас ќе се одречам од него пред Отецот Свој“. И тој почувствува во својата душа дека својот грев на одрекување од Христа може да го избрише само ако Го исповеда Христа пред оние, пред кои што и се одрече од Него. И донесе одлука да постапи така. Својата одлука им ја соопшти на некои од отците и ги молеше да се молат на Бога да му даде сила да го издржи мачеништвото за Господа Христа. Потоа отиде во селото Карацас. Турците веднаш го препознаа, го одведоа пред судијата, го обвинија дека во свое време се одрекол од Христа и ја примил нивната вера, а сега носи христијанска облека. Судијата го праша дали е вистина тоа, а тој многу храбро изјави:

- Вистина е. Во свое време јас од непромисленост се одреков од својата христијанска вера и ја примив вашата. Но, додека патував многу, се уверив дека вашата вера е лажна, и еве, дојдов да ви ја вратам. Мојата христијанска вера е чисто злато а вашата е ништо. Изјавувам пред вас дека повторно сум христијанин, се викам Георгиј и од љубов спрема Христа готов сум крвта своја да ја пролијам. Тоа е мојата одлука. Сега прави со мене што сакаш. Јас нема да се одречам од мојот Христос.

Судијата се обиде на разни начини да го убеди Георгиј да се предомисли, но тој остана одлучен и непоколеблив. Тогаш нареди да го фрлат во темница и таму на разни начини да го мачат, сѐ додека не се одрече од Христа. И осум дена го мачеа Христовиот исповедник непрекинато, со најразлични мачења. При тоа му ја стегаа главата, така што очите му испаднаа, но храбриот војник извика:

- Што и да правите со мене, никогаш повеќе нема да се одречам од својата вера! Христијанин сум се родил, христијанин сум и како христијанин сакам да умрам!                            

Потоа судијата донесе одлука да му ја отсечат главата на губилиштето. Славниот јунах Христов беше обезглавен на 2 октомври 1794 година. Така блажениот доби венец на мачеништвото од подвигоположникот Христос, Богот наш, Кому Му доликува секоја слава, чест и поклонение, со беспочетниот Негов Отец, и Пресветиот и Благ и Животворен Дух Негов низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТА ДАМАРА

Оваа света жена прва поверува во Христа во градот Атина, заедно со свети Дионисиј Ареопагит (неговиот спомен е на 3 ок. томври), после тамошната проповед на свети апостол Павле на Ареопагот (Д. А. 17, 34).

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ТЕОДОР ГАВРАС

По потекло беше од селото Атра во Халдејската област на византиското царство (близу Трапезунт). Бил истакнат војсководец во борбата на христијаните против агарјаните. Маченички пострадал од Селџучкиот емир во градот Теодосиопол, во времето на грчкиот цар Алексиј I Комнин, околу 1090 година. Потоа неговата света глава е пренесена во Трапезунт, каде бил изграден и храм посветен на него.

СПОМЕН НА БЛАЖЕНИОТ КИПРИЈАН, Суздалскиот чудотворец

Блажениот Кипријан се подвизувал на мало островче, на устието на реката Увота во Владимирската губернија, и се претставил во 1662 година. Неговиот гроб се наоѓа во црквата на селото Воскресенско, во Ковровскиот округ.