16. Октомври   (3. Октомври)

ЖИТИЕТО И СТРАДАЊАТА НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ДИОНИСИЈ АРЕОПАГИТ

Свети Дионисиј Ареопагит е роден од благородно незнабожечко семејство и воспитан во знаменитиот град Атина. Од рана младост беше даден да се учи на елинската мудрост, во што покажа толку голем успех, така што во својата дваесет и петта година ги надмина во философијата сите свои врсници. Но, желен уште повеќе да се усоврши во философските науки, тој отиде во Египет, во градот Илиопол, бидејќи таму одамна живееја знаменити учители. Заедно со својот другар Аполофан кај нив Дионисиј ја изучуваше астрономијата. А во денот кога заради нашето спасение Господ Христос беше распнат на крст и сонцето се помрачи, та темнина ја зафати целата земја цели три часа, Дионисиј зачудено извика:

„Или Бог Творецот на целиот свет, страда, или овој видлив свет завршува!“

Тој го рече тоа за страдањето Господово со вдахновение на Духот Божји, а не од учењето на мудроста на овој свет.

По враќањето од Египет во Атина, Дионисиј стапи во брак. И како прв меѓу граѓаните по благородност, разум и честитост, тој стана член на Ареопагот. А кога свети апостол Павле, откако дојде во Атина, го проповедаше среде Ареопагот пред старешините распнатиот и вокреснатиот Христос, Дионисиј внимателно ги слушаше Неговите зборови. Останатите старешини со недоверба се однесуваа спрема апостоловата проповед и изразија желба повторно да го слушнат. Меѓутоа Дионисиј, како помудар од останатите, започна насамо да расправа со Павле. Апостолот го праша:

- Кој бог го почитувате вие овде?

Дионисиј му ги покажа во градот боговите: Хронос, Афродита, Зевс, Хефест, Хермес, Дионис, Артемида и многу други. Разгледувајќи ги заедно со Дионисиј овие богови, апостол Павле најде едно идолиште, на кое стоеше напишано:

„На непознатиот Бог“. И го запраша Дионисиј кој е тој „Непознат Бог“. Дионисиј му одговори дека е Оној Кој сѐ уште не се јавил меѓу боговите, но дека во свое време ќе дојде. Дека тоа е Оној Бог, Кој ќе царува над небото и земјата и Неговото царство не ќе има крај. Откако го слушна тоа, Апостолот започна да му објаснува на Дионисиј:

- Тој Бог е веќе дојден, се роди од Пресвета Приснодева Марија и прикован на крст пострада заради спасението на луѓето. Сонцето не можеше да Го гледа Неговото страдање и затоа се помрачи, и цели три часа не ја даваше својата светлина на вселената. Тој ист Бог воскресна од мртвите и се вознесе на небото. Затоа, во вистинскиот Бог Исус Христос верувај, Него познај Го и вистински служи Му.

Тогаш Дионисиј, сеќавајќи се на темнината која настана по целата земја, која што ја спомена свети Павле, веднаш поверува дека во тоа време страдал Бог во човечко тело, Го позна нашиот Господ Исус Христос, зашто го осветли светлината на благодатта Божја и го замоли Апостолот да се помоли, Бог да биде милостив кон него и да го вброи во Своите слуги.

Кога апостол Павле заминуваше од Атина, еден слепец, за кого сите знаеле дека се родил слеп, го замоли да му подари вид. Светиот Апостол ги осени со крсниот знак очите на слепецот и рече:

- Мојот Господ и учител Христос, Кој направи кал од плунка и ги помаза со таа кал очите на слепиот и му дари вид, и тебе нека те просвети со силата Своја.

И веднаш слепецот прогледа. А Апостолот му нареди да појде кај Дионисиј и да му рече:

- Павле, слугата на Исус Христос, ме испрати кај тебе, за според своето ветување да отидеш кај него и откако ќе се крстиш да добиеш отпуштање на гревовите.

Слепецот постапи според наредбата и заедно со тоа објави и за големото добро, што му го стори Бог преку Апостолот. Кога Дионисиј виде дека слепецот прогледал многу се восхити и уште повеќе зајакна неговата вера во Христа. Без двоумење, тој со својата сопруга Дамара, со своите синови и со сиот свој дом, отиде кај Апостолот и се крсти. Потоа Дионисиј ги остави домот, жената и децата, му се придружи на свети апостол Павле и три години го следеше каде и да одеше тој. А на што Дионисиј се научи од апостол Павле и на какви тајни Божји, за тоа ни сведочат неговите списи. Потоа беше поставен за епископ од Апостолот, и од Солун упатен во Атина, за таму да послужи за спасението на луѓето. Дионисиј имал слушано проповеди не само на апостол Павле, туку и на сите Апостоли. Бил со нив и кога сите Апостоли се беа собрале на погребението на Пресветата Владичица наша Богородица. Самиот пишува за себе во своите книги, дека бил во Ерусалим на гробот Господов, каде што го видел и слушал Јаков, братот Божји, и првоврховниот Петар, и Јован Богослов со Еротеј и Тимотеј, и со многу други браќа, кога тие проповедаа таму за тајните на верата.

Свети Дионисиј остана во Атина долго време. Црквата основана таму од апостол Павле значително ја прошири, па како и светите Апостоли посака и во други земји да го проповеда Евангелието и да пострада за името Христово, како и својот учител Павле, за кого што беше слушнал дека во Рим пострадал за Христа од Нерон. Откако во Атина постави епископ наместо себе, отпатува во Рим, каде со радост го прими свети Климент, епископот Римски. Со него поживеа кратко време и заедно со епископот Лукијан, свештеникот Рустик, ѓаконот Елефтериј и останатите браќа, од страна на свети Климент беше испратен во Галија, за таму да го проповеда словото Божјо на незнабошците. Откако дојде во Галија, со нив свети Дионисиј стана апостол на таа земја и многу луѓе во градот Париз обрати кон Господа. Изгради таму и црква од прилозите на верните и во неа принесуваше бескрвни жртви, молејќи Го Бога да му дарува сила да привлече кон Црквата многу луѓе. Додека на таков начин се ширеше таму словото Божјо, настапи второ после Нерон гонење на христијаните, покренато од страна на царот Домицијан. Овој цар го испрати во Галија игемонот Сисиниј да ги гони христијаните. Штом дојде во Париз, Сисиниј веднаш нареди најпрвин да му го доведат на мачење Дионисиј, познат по чудесата и мудроста Божја, и со него Рустик и Елефтериј. А останатите браќа беа заминале на проповед во други краеви. Во тоа време свети Дионисиј веќе беше многу стар и преморен од трудовите во проповедањето на Евангелието. Кога цврсто врзан заедно со Рустик и Елефтериј беше изведен пред царскиот намесник, тој погледна во нив и гневно праша:

- Ти ли си тој зол старец Дионисиј, кој хулејќи на нашите богови, се противиш на царските наредби?

Светителот одговори:

- Иако сум веќе стар со телото, како што и самиот гледаш, мојата вера цвета во младост и исповедањето мое насекаде раѓа нови деца Христови.

Прашан кој бог го почитува, свети Дионисиј му го објави словото на вистината и Го исповедаше големото име на Пресвета Троица, Отецот, Синот и Светиот Дух. Но игемонот, како глува аспида, не сакаше ни да ја сослуша спасоносната благовест и ги праша тројцата дали ќе му се покорат на царот и ќе им принесат жртви на неговите богови, при што тие како со една уста одговорија:

- Христијани сме, имаме еден Бог, Кој е на небото, Него Го почитуваме, Нему Му се поклонуваме, а на царската наредба не ќе се покориме.

Тогаш намесникот нареди Дионисиј гол да го соблечат и немилосрдно да го тепаат со јажиња. Светителот го поднесуваше тоа со благодарност кон Христа, што го удостои на своето тело да ги носи раните Негови. На ист начин ги мачеше и Рустик и Елефтериј, но и тие, крепени првенствено од самиот Бог, трпеа и Го прославуваа Христа. Кога виде дека попрво ќе малаксаат рацете на џелатите отколку што ќе изнемоштат мачениците, Сисиниј ги фрли во темница. Утредента го изведоа свети Дионисиј и со наредба на мачителот го положија на железен одар, при што тој го пееше псалмот: „Зборот Твој е многу огнен и слугата Твој многу го сака“ (Пс. 118, 140). Од одарот го фрлија на ѕверовите, но тие не го повредија, зашто Бог им ги затвори устите. Го фрлија и во силен оган, но и таму остана здрав, огнот не се допре до него. Потоа повторно го фрлија во темницата кај Рустик и Елефтериј.

Кај него во темницата доаѓаа многу христијани и светителот заради нив служеше тука Божествена Литургија и ги причестуваше со Светите Тајни на телото и крвта Христови. Додека служел Божествена Литургија верните гледале неискажана светлина над блажениот Дионисиј: со војски од Ангели се јавувал Царот на славата, и достојните гледаа во Него колку што тоа е возможно за телесните очи.

По некое време и тројцата беа изведени од темницата пред игемонот, кој повторно ги наговараше да им принесат жртва на идолите, но тие не се согласуваа, туку Го исповедаа Христос, вистинскиот Бог. Мачителот разлутено нареди да ги тепаат по лицата, после што ги осуди на посекување со меч.

Кога ги водеа од градот кон планината, наречена Арејева, Дионисиј се молеше, говорејќи:

- Боже, Боже мој, Ти си ме створил и научил на вечната мудрост Своја. Ти си ми ги открил тајните Свои и секаде каде што бев Ти беше со мене. Ти благодарам за сѐ што стори со мене во слава на пресветото име Свое, и што мојата намачена старост, која чезнее да Те созерцава, ја посети повикувајќи ме кај Себе со пријателите мои. Те молам, прими ме мене заедно со нив, и биди милостив спрема оние што со крвта Своја си ги стекнал и со нашето служење на Тебе си ги примил кај Себе, зашто е Твоја силата и моќта со Отецот и Светиот Дух низ сите векови. А кога рече Амин, ја приклони својата глава за пресветото име Христово и беше посечен со тапа секира. Исто така заедно со него ги положија своите глави за Христа и свети Рустик и Елефтериј. По смртта на Својот угодник Дионисиј, Бог направи преславно чудо: со силата Божја неговото обезглавено тело стана, ја зеде својата глава во рацете, изоди со неа два километри, до местото каде што беше изградена црквата од христијаните, тука ја предаде својата глава на една благочестива жена Катула, па падна на земјата. Од ова чудо многу незнабошци поверуваа во Христа. Кога ја прими главата на светителот, Катула сакаше да го земе и телото, но незнабошците не ѝ дозволија. Тогаш таа ги повика стражарите во својот дом, ги угости, ги обдари со подароци, а за тоа време христијаните го зедоа светото тело и го погребаа заедно со главата, на местото каде што ѝ беше предадена главата.

Свети Дионисиј пострада во деведесеттата година од својот живот, а во деведесет и шестата година по Христа. На неговиот гроб се случуваа многу чудеса во слава на нашиот Христос, славениот со Отецот и Светиот Дух за навек. Амин.

ПОВЕСТ НА СВЕТИ ДИОНИСИЈ ЗА СВЕТИ КАРП и двајцата грешници

Свети Дионисиј Ареопагит во своето послание до монахот Демофил, учејќи го на кротост и трпеливост, го спомнува следниот настан.  

За време на мојата посета на островот Крит, вели свети Дионисиј, во својот дом ме прими блажениот Карп, ученик на свети апостол Павле, епископ во македонскиот град Верија. Голем во доблестите, Карп заради големата чистота на својот ум беше удостоен на многу боговиденија: тој дури никогаш не пристапувал на вршење на Пречистите и Животворни Тајни, пред да има од небото Божествено видение. Овој свет маж, како што самиот ни раскажа, беше ожалостен од еден неверник. И тоа ожалостен со тоа што одврати од Црквата еден верник и го приведе кон своето безбожие. Тоа силно го огорчи блажениот Карп. Се разбира, требало да биде стрплив и отпаднатиот од верата постојано да го советува со корисни зборови, а споменатиот неверник да го совладува со благост. Потребно било и за двајцата усрдно да се моли на Бога, за Бог повторно да го обрати заведениот кон светата Црква Своја и заслепениот од неверието да го просвети. Но, не знам од каде Карп, кој пред тоа никогаш не покажувал нетрпение, во оваа прилика бил толку силно огорчен во душата. Доцна во ноќта, пред полноќ, Карп застанал на молитва, зашто имал обичај секогаш на полноќ да станува и да се моли. Стоејќи на молитва, тој многу тагувал за овие двајца споменати луѓе и си велел во себе:

„Неправедно е на земјата да живеат беззакони луѓе, кои ги расипуваат правите патишта Господови“.

И започна да Го моли Бога да падне врз нив оган од небото, и немилосрдно да ги спали. Додека тој така се молеше, одненадеж се затресе собата во која стоеше, се пресече одозгора на две, та му се стори дека стои во дворот, и светол огнен пламен слезе од небото пред него. Тој погледна нагоре и го виде небото отворено и Исус како седи опкружен со безбројно мноштво ангели во вид на луѓе. Гледајќи го тоа, блажениот Карп се чудеше. А кога го спушти погледот ја виде земјата расцепена, и во неа длабока мрачна провалија, а пак на работ на таа провалија стоеја оние двајца луѓе, за кои Карп во својот гнев бараше од Бога смрт. Тие стоеја со молба во очите и со голем страв и трепет, зашто малку беше потребно па да паднат во провалијата, на чие што дно имаше ламја, која чкрташе со забите. Имаше тука и некои други луѓе, кои оние двајца ги тепаа, ги туркаа и влечеа кон онаа страшна ламја. А Карп, кога виде дека ќе паднат во провалијата и ќе бидат изедени, се тешеше и не гледаше толку во отвореното небо и Исус Христос, Кој седеше на него, колку на блиската гибел на оние двајца грешници. Но, бидејќи тие не паднаа во провалијата, Карп повторно започна да тагува и да се лути, и повторно да се моли на Бога да паднат во провалијата и да загинат. И кога повторно ги крена очите кон небото, го виде Исус како стана од небесниот престол, се спушти кај двајцата што стоеја на работ на провалијата, и им ја подаде раката за помош. При тоа ангели ги придружуваа тие двајца, ги бодреа и ги влечеа од провалијата. Тогаш Господ Исус рече:

- Карп, подобро тепај ме Мене. Подготвен сум повторно да бидам распнат за спасението на луѓето, само луѓето да ги намразат своите гревови. Расуди самиот, дали е попријатно да се живее со ламјата во провалијата, отколку со Бога и со Неговите богатства и со човекољубивите Ангели?

Наведувајќи ја оваа повест во своето послание до споменатиот монах Демофил, свети Дионисиј нѐ учи да не бидеме сурови спрема оние што грешат и да не посакуваме да бидат казнети, туку со љубов да ги советуваме и стрпливо да го чекаме нивното покајание. Усрдно да се молиме за нив на Бога, Кој не ја сака смртта на грешникот, самиот Бог со својата добрина да ги обрати и помилува, зашто праведниците ги љуби, но и грешниците ги милува. Нему слава за навек. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЈОВАН ХОЗЕВИТ, епископот Кесариски

Преподобниот Јован Хозевит беше родум од градот Тива во Египет. Монашкиот ангелски образ го прими од својот дедо, кој беше монах. Во договор со него, Јован отиде во Ерусалим за да се поклони наСветите Места. Но, таму тој не ги прими одлуките на Светиот Четврт Вселенски Собор во Халкидон, во 451 година, туку се одвои од Вселенската Црква. И кога сакаше да се поклони на Чесниот Крст Господов, некоја невидлива сила не му дозволи да се доближи. Наредната ноќ имаше сон и слушна глас, кој му говореше:

„Оние што не се во заедница со Вселенската Црква Православна, не се достојни да се поклонуваат на крстот Господов“

Штом се разбуди, тој веднаш се покаја и поправи, и се врати во Вселенската Црква.

По враќањето од Ерусалим, Јован помина со својот старец, својот дедо, неколку дена, па со негов благослов замина и најде една мала пештера во едно непроодно, стрмно и каменито место, викано Хозева, се насели тука и живееше хранејќи се со корења и трева. А кога Бог посака да го прослави Својот угодник, го стори тоа на следниот начин. Во тој крај живееше еден голем испосник, на име Ананиј. Еднаш доведоа кај него син на еден богаташ, во кој имаше нечист дух. Заради својата голема смиреност, преподобниот Ананиј не го прими, туку им препорача на оние што го беа довеле да појдат длабоко во пустината, кај Јован Египќанинот, за тој да го исцели момчето. Кога тие го пронајдоа Јована, му рекоа поради што се дојдени, но тој не сакаше да ја исполни нивната желба. На упорните молби најпосле се согласи и започна да се моли на Господа за момчето. Потоа се сврте и му рече на демонот:

„Во името на Исуса Христа, нечист духу, не јас, туку слугата Божји Ананиј ти заповеда, да излезеш од ова момче“.

Нечистиот дух веднаш излезе од момчето и тоа веднаш оздраве.

Ова необично чудо надалеку го прослави преподобниот Јован. Од таа причина, тој без да сака беше хиротонисан за епископ на Ќесарија. Но, бидејќи не можеше грижите на епископската функција да ги спои со мирниот и тивок монашки живот, тој ја напушти Кесарија и повторно се врати во пустината. Сепак и таму не можеше да се сокрие од луѓето. Така еднаш, еден земјоделец, кој имаше мало дете во кое што имаше нечист дух, го стави детето во кошница, го покри одозгора со трева, го однесе и го остави крај светителовата пештера, па замина. А кога детето заплака, светителот излезе и штом го виде веднаш препозна дека во него живее нечист дух. И откако го истера демонот со молитвата, го исцели детето. Но, демонот не мируваше, туку зеде на себе обличје на човек. Тој го пресретна преподобниот на едно непроодно место и падна пред неговите нозе, божем барајќи благослов. Кога го виде неговото лице тој се зачуди, а демонот го фати за нозете и го фрли во длабока провалија. Сепак, залуден беше трудот на овој демон човекоубиец, зашто со благодатта Божја светителот остана наповреден.

Злобниот демон му приреди и второ искушение. Поттикна против него еден убиец и разбојник, така што тој нечовек го тепаше светителот, му ја кинеше облеката, па дури во една пригода му ја запали и колибата. Светителот трпеливо го поднесуваше сето тоа и си говореше во себе:

„О, Господи! Ти благодарам ако ова е волја Твоја“.

Севишниот Господ го слушна од небото Својот слуга и го ослободи од искушението. Оној разбојник беше фатен и осуден на смрт. Оттогаш светителот беше мирен за некое време, но лукавиот ѓавол не престануваше, така што во една пригода, кога тргна да посети некои браќа, го сретна на патот една жена, која беше примила од ѓаволот лоша помисла во срцето, па падна пред нозете на светителот и го молеше да ја удостои да влезе во нејзиниот дом и да го освети со молитвата и благословот. Трогнат од нејзината молба, светителот сврати во нејзината куќа. Меѓутоа таа блудница веднаш ја заклучи вратата, се соблече и вршеше најразлични бесрамности, само за да го оскверни неосквернетиот. Но, непоколебливиот слуга Христов веднаш ја отфрли оваа ѓаволска замка и излезе неповреден.

Блажениот слушна еднаш за некој знаменит испосник Маркијан и посака да го види. Но, бидејќи уште одамна бше одлучил заради одбегнување на соблазните да не излегува од пештерата во никаков случај, не си дозволи на себе ни сега да го стори тоа. И, што стори тогаш семудрата промисла Божја? Ангел Господов го зеде Маркијан од неговата ќелија и носејќи го низ воздухот на огромна височина, тивко и бесшумно го спушти во пештерата пред блажениот Јован. Тогаш двајцата преподобни Отци се целиваа еден со други се наситија со духовен разговор. На крајот божествениот Јован рече:  

- Му благодарам на светиот Бог, што ме удостои да го видам мојот премил Маркијан.                                        

Веднаш по овие зборови ангелот го зеде божествениот Маркијан и го однесе во неговата ќелија.                                                    

Ова преголемо чудо предизвика разни помисли во душата на преподобниот Јован, та дури си помисли дека тоа можеби било ѓаволско привидение. Вознемируван од такви помисли и борејќи се со нив, тој се разреши од одлуката, та излезе од пештерата и се упати кон Маркијановата ќелија. Кога стигна му викна на Маркијан по име, а тој многу се израдува и се целиваа еден со друг. Тогаш свети Маркијан на најубедлив начин го увери блажениот Јован дека неговото чудесно доаѓање кај него во пештерата навистина било дело на ангел Господов. Така блажениот Јован многу радосен се врати во својата пештера. И зарем е потребно многу да зборувам? Божествениот Јован демони од луѓето истеруваше, неизлечиви болести исцелуваше, вода на разни места изведуваше, многу дождови од небото со молитвата често испросуваше. И многу други знаменија и чудеса правеше Бог преку него. Како светилник блескајќи на земјата со подвижништвото и чудесата, божествениот Јован во убава старост го заврши својот живот и во мир ја предаде на Господа својата света душа.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: РУСТИК и ЕЛЕВТЕРИЈ

Беа ученици на светиот свештеномаченик Дионисиј Ареопагит.

Пострадаа за Христа посечени со меч.

СПОМЕН НА БЛАЖЕНИОТ НАШ ОТЕЦ ИСИХИЈ ХОРИВИТ

Свети Исихиј најпрвин беше негрижлив за спасението на својата душа. Но откако тешко се разболе, и умре, и се врати од смртта, и повторно стана здрав, тоа целосно го промени. Тој се затвори во една ќелија и со никого ни збор не прозборе дванаесет години. Целото време го минуваше во молитви и солзи. Пред смртта монасите му ја отворија ќелијата и го измолија да им каже некоја поука. Тој само рече:

„Простете ми. Оној што помислува на смртта не може да згреши“.

Откако го рече тоа, заспа во Господа.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТЕОКТИСТ

Овој свет маченик беше посечен со меч за Христа Господа.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ДИОНИСИЈ ПЕЧЕРСКИ

Преподобниот Дионисиј беше јеромонах и затворник. На Воскресение, во 1463 година, му се случи ваков случај. Со крстот и кадилницата тој ја обиколувал пештерата за да ги покади моштите и гробовите на упокоените светители. При тоа, преисполнет со воскресна радост, откако влезе во пештерата, викна: „Свети отци и браќа, Христос воскресна!“ Во тој момент се разлеа глас од гробовите, силен како гром: „Навистина воскресна!“

 

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТЕАГЕН

Светиот маченик Теаген беше изгорен заради нашиот Господ Христос.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТЕОТЕКН

Овој свет маченик беше каменуван за Христа Господа.