17. Октомври (4. Октомври)
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ЕРОТЕЈ, епископот Атински
Свети Еротеј е роден во Атина и бил еден од деветте членови на Аеропагот. Бил втор свети Дионисиј Ареопагит и кратко време по Дионисиј ја примил верата Христова од апостол Павле, кој подоцна го постави за епископ Атински. За време на Успението на Пресвета Богородица и Еротеј се јавил во Ерусалим и учествувал на погребението. Со своето божествено пеење, тој приведе многумина кон срдечно умиление и се истакна себе си како маж, вдахновен од висините. Многу се потруди и во делото Евангелско, многу незнабошци обрати кон вистината, добро управуваше со верните, и најпосле маченички заврши за Господ Христос, Кој му даде двократен венец во Царството Небесно: венец на ерарх и венец на маченик.
ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АМОН
Преподобниот Амон беше родум египќанин. Уште во детството остана сираче и одгледан во стравот Божји уште од мал го сакаше читањето на Божествените книги. Кога стана полнолетен неговиот стрико сакаше да го ожени. Амон го претпочиташе девството пред бракот, но истовремено сакаше да ја исполни желбата на својот стрико и размислуваше како да го реши тој проблем, па постапи вака. На денот на свадбата, кога сите се разотидоа и тој се најде сам во собата со невестата, ѝ рече:
- Послушај ме, сестро, и согласи се со мене. Бракот, во кој што стапивме, ни најмалку не е подобар од девственоста и затоа е подобро да спиеме одвоено, за со сочувувањето на девственоста да Му угодиме на Бога.
Откако го рече тоа, Амон извлече од своите пазуви книга и започна да ѝ чита на девојката, која не го знаела Писмото, спасоносни зборови од Божественото учење. Додека ѝ читаше со дадената му благодат од Бога, тој и од себе ѝ додаваше поуки и ја советуваше да води чист и ангелски живот. Трогната, таа му рече:
- Господине мој, се согласувам на сѐ што ми зборуваш. Ќе сторам сѐ што ќе ми наредиш.
Тогаш Амон ѝ рече:
- Сакам да живееме одвоено. Ти во една куќа а јас во друга.
Но, невестата не го сакаше тоа и рече:
- Не, господине мој. Ќе живееме во една куќа, но ќе спиеме одвоено.
Откако така се договорија, тие започнаа да водат девствен живот: нивниот брак стана градина во која цветаа кринови на девственоста, градина оградена со целомудрие и разладувана со росата на Духот Свети. Во таков брак тие поминаа полни осумнаесет години, минувајќи го времето во големи подвизи: во пост и воздржание, во бдеење и молитви, во телесна работа: девственичката работеше во домот и се трудеше, а Амон го измачуваше своето тело, работејќи по цел ден во својата бавча. Кога се враќаше дома навечер, тој со својата света сопруга, или подобро речено сестра, каснуваше по малку леб. На полноќ и двајцата стануваа на молитва. Рано в зори Амон повторно одеше на работа и работеше до вечерта. Така и двајцата во своите млади години, живеејќи како среде оган, не изгореа. Тие ги умртвија страстите во себе.
Со полни осумнаесет години таков живот, тие достигнаа совршена чистота и светост. Еднаш девственичката му рече на Амон:
- Сакам нешто да ти кажам, господине мој. Ако ме послушаш, ќе знам дека навистина ме сакаш во Бога.
- Кажи, сестро, и ако е корисно јас ќе те послушам.
Таа му рече:
- Господине мој, повеќе ќе ни доликува да живееме сосем разделени. Ти си човек свет, праведен, и чист, а јас колку што можам го следам твојот живот. Ајде да живееме разделено, за и други да имаат корист од нас. Не е добро твоите добродетели заради нашиот заеднички живот да бидат сокриени од другите, кои би сакале да го подржуваат твоето целомудрие.
Амон Го прослави Бога што ги слушна одамна посакуваните зборови и ѝ рече:
- Госпоѓо, сестро моја. Штом сакаш, еве, ти остани во оваа куќа, а јас ќе заминам на друго место.
И откако се помолија на Бога, тие се разделија. Амон отиде во Нитриската Гора и се замонаши, а неговата божемна сопруга остана во неговата куќа, за кратко време собра мноштво девојки, ги уневести за Христа и самата им стана игуменија.
Откако се насели во Нитриската Гора, Амон водеше пустински живот, а во какви трудови и подвизи, тоа само единствениот Бог го знае, на Кого тој и ден и ноќ Му служеше во топлината на духот. И помина во тој пустински живот дваесет и две години и се истакна како совршен монах. Бог го прослави Својот угодник со дарот на исцелението и светителот исцелуваше разни болести кај луѓето, кои доаѓаа кај него.
Еднаш кај него доведоа едно момче, каснато од бесно куче. За време на нападите момчето го гризело сопственото тело. Неговите родители паднаа пред нозете на свети Амон и го молеа да им го исцели синот, но тој им рече:
- Зошто ме мачите и барате од мене нешто што е над моите сили? Во ваши раце се и болеста и исцелението на вашиот син: вие ѝ го украдовте волот на онаа вдовица (светителот го рече нејзиното име), го заклавте и го изедовте. Затоа вратете ѝ жив вол и вашиот син ќе се исцели.
Родителите на побеснетото момче се запрепастија што ја знае нивната тајна, го исповедаа својот грев и се заколнаа дека ќе го вратат украденото. Тогаш светителот се помоли на Бога, го исцели момчето и ги отпушти со мир. Штом се вратија дома, тие радосни ѝ дадоа на вдовицата друг вол наместо украдениот.
Еднаш дојдоа кај преподобниот двајца за благослов. Светителот ги замоли да му донесат вода за потребите на дојдените, зашто еден од овие двајца имаше камила, а другиот магаре. Тие зедоа голем сад и тргнаа по вода. Кога го наполнија садот, оној што имаше камила рече:
- Садот е голем, а гората висока, па не сакам со ваков терет да ја усмртам својата камила.
И го остави својот другар и си замина, без да се врати кај светителот. А оној вториот натовари вода на своето магаре и со голема мака одвај ја искачи на гората кај преподобниот. Штом го виде, светителот му рече:
- Бог да те благослови за твојот труд, чедо! Знај дека твојот другар, кој не сакаше да донесе вода за нашите потреби, сега е многу тажен, зашто се лиши од својата камила.
Тогаш овој човек тргна по својот другар и го најде како плаче, бидејќи камилата му ја беа изеле волци.
Преподобниот Амон го спомнува свети Атанасиј Велики во житието на преподобниот Антониј, каде за него го пишува следново:
Еднаш преподобниот Амон со антониевиот ученик Теодор одеше кај Антониј. Кога стигнаа до големата река Ликос, која требало да ја препливаат, поради што требало да се соблечат, Амон го замоли малку да се оддалечи од него. Теодор постапи според молбата. Откако остана сам, преподобниот започна да размислува како би можел да ја помине реката без да се соблече, зашто се срамеше од својата сопствена голотија, која никогаш не ја видел. Беше толку целомудрен и чеден, што во текот на целиот свој живот не го разголи своето тело. Додека размислуваше околу тоа, ангел Господов го зеде, за миг го префрли преку реката и го остави на спротивниот брег. А пак Теодор со огромна мака одвај ја преплива реката. Кога го здогледа Амона на брегот многу се зачуди, а кога забележа дека облеката врз него е потполно сува се запрепасти, падна пред неговите нозе и го молеше да му каже како ја преминал бучната и голема река. Принуден од упорната молба, Амон му откри дека Ангел го пренесе. Притоа му се закани никому да не зборува за тоа, сѐ додека не премине од овој свет. А кога дојде кај свети Антониј, преподобниот Амон ги слушна од него овие зборови:
- Бог ми го откри денот на твоето заминување од овој свет. Затоа те повикав да се насладам на разговор со тебе, пред да заминеш кај Бога. Да се помолиме еден за друг.
И откако поминаа многу време во разговор, тие се утешија со утеха на Светиот Дух и откако прими благослов, Амон си замина. По не многу денови, додека свети Антониј седеше на еден рид, на небото виде како Ангели радосно ја носат Амоновата душа и многу се израдува на тоа. Прашан од учениците за причината за неговата радост, тој одговори:
- Денес се претстави ава Амон, и јас видов како Ангели ја носат неговата света душа на небото.
Учениците го забележаа тој ден, и по неколку дена пристигнаа браќа од Нитрија и ги известија дека свети Амон се претставил кај Господа. Кога ги пресметаа деновите, учениците најдоа дека Амон се претставил во истиот ден кога Антониј ја видел неговата душа како со Ангелите се искачува на небото. Тогаш сите Го прославија Бога.
ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ПАВЛЕ ПРЕПРОСТИОТ
Преподобниот Павле живееше како земјоделец во едно село. Беше прост, неук и човек без лукавство. Тој стапи во брак со жена, убава на лице, но лоша по душа, карактер и однесување. Таа долго време кришум од него вршеше прељуба. Еднаш, кога од работа се врати дома, Павле ја затекна својата жена во прељуба со друг. Насмевнувајќи се малку, тој му рече на прељубодеецот:
- Добро, добро! Јас навистина не замерувам. Во името на Исуса повеќе не сакам да живеам со неа. Еве ти ја неа. И децата храни ги, а јас заминувам и ќе бидам монах.
И во тој миг остави сѐ и замина од дома. Притоа никому ништо не рече, ниту ја прекори својата расипана жена, туку молкум се упати кон пустината. Стигна кај преподобниот Антониј Велики и затропа на вратата од неговата ќелија. Антониј го праша што сака, а Павле му одговори:
- Сакам да станам монах.
Кога виде дека е веќе стар, Антониј му рече:
- Старче, имаш речиси шеесет години и не можеш да бидеш монах. Врати се во селото, работи и благодари Му на Бога. Ти не ќе можеш да се носиш со пустинскиот труд и да ги трпиш искушенијата.
Но, Павле одговори:
- Оче, јас сум подготвен да извршувам сѐ што ќе ми наредиш.
Меѓутоа Антониј, без да му придаде важност, одговори:
- Ти реков дека си стар и дека не можеш да бидеш монах. Заминувај одовде. А ако сакаш да бидеш монах, тогаш појди во манастир каде што има многу браќа, кои ќе можат да ги поднесуваат твоите слабости. Овде јас живеам сам и по пет дена ништо не јадам. Затоа ти не можеш да живееш со мене.
Антониј ја затвори вратата и три дена не излезе од ќелијата поради старецот, кој не замина. Четвртиот ден ја отвори вратата, и кога го виде Павле започна повторно да го брка, говорејќи:
- Оди си одовде, старче. Зошто ми досадуваш? Ти реков дека не можеш да останеш овде.
Старецот одговори:
- Ќе умрам овде, но нема да заминам.
Кога виде дека нема кај себе ни леб ни вода, и дека веќе четврти ден е без храна, Антониј си помисли:
- Овој старец, не навикнат да пости, ќе умре од глад и врз мојата душа ќе биде гревот за него.
Затоа се согласи да го прими и му рече:
- Можеш да се спасиш, ако бидеш послушен и извршуваш што ќе ти наредам.
И за да го испроба му рече:
- Стој, и моли се на ова место, додека не дојдам и не ти го донесам тоа што треба да го работиш.
И си влезе во пештерата и не излезе цела седмица, туку кришум низ прозорчето го набљудуваше. Кога виде дека за сето време стои и ден и ноќ на едно место без да се помрдне, излезе од ќелијата, му донесе палмови гранки, ги накваси во вода и му рече:
- Плети, старче, како што плетам и јас, и плетеше Павле сѐ до три часот попладне, и со огромен труд исплете петнаесет лакти. А Антониј погледна и рече:
- Не си плетел добро. Расплети, па повторно плети. А беше веќе седми ден откако не му даде ништо да јаде. Сето тоа го правеше Антониј за да го избрка Павле од себе, но тој си ја продолжи работата со огромен труд, го расплете јажето и повторно го плетеше, иако гладен и веќе во години, тој не се растажи, ни сневесели, нити ропташе, ниту се разгневи. Антониј се сожали на него и на зајдисонце му рече:
- Старче, сакаш ли малку леб?
Павле одговори:
- Како ќе кажеш ти, оче.
Ваквиот одговор го потресе Антониј, зашто Павле, иако гладен, сиот се беше предал на Антониевата волја. И каснаа малку леб со вода, па станаа и Му благодареа на Бога. Свети Антониј го испробуваше Павле и во молитвата. Самиот по цели ноќи не спиеше и пееше псалми со многу метанија, а Павле и во тоа се покажа трпелив и бодар.
Еднаш, додека јадеа, Антониј му нареди да изеде малку повеќе леб, зашто го сожалуваше, бидејќи не беше навикнат да пости многу. Но, Павле му одговори:
- Оче, ако јадеш ти, ќе јадам и јас.
- Мене ми е доволно зашто сум монах, - му одговори Антониј.
На тоа Павле рече:
- И мене ми е доволно, зашто и јас сакам да бидам монах.
И Павле извршуваше сѐ што ќе му наредеше Антониј. Еднаш му нареди да му сошие облека. Кога ја соши му рече:
- Лошо си ја сошил. Распарај и повторно шиј.
А кога повторно ја соши, Антониј пак му нареди да ја распара и повторно да ја шие. Сето тоа го правеше за да го испита неговото трпение и послушност. Павле ни најмалку не заропта, туку со усрдие и љубов ги исполнуваше сите негови наредби. Кога виде дека е во сѐ способен за пустински живот, Антониј му рече:
- Павле, во името на Господа Исуса, ти си станал монах.
И му нареди да живее сам и направи ќелија за него на одредено растојание. И живееше блажениот Павле близу свети Антониј во таа засебна ќелија, трудејќи се и дење и ноќе во монашките подвизи. Затоа и доби власт над нечистите духови, да ги истерува и да исцелува болести.
Еднаш доведоа кај свети Антониј момче во кое имаше нечист дух, многу опак и голем, еден од кнезовите на темнината, кој хулеше на Бога. Но, Антониј рече:
- Тоа не е моја работа. Јас не сум добил од Бога власт над најсилните бесови, туку Павле препростиот го има тој дар. И се упати со момчето кај Павле и му рече:
- Аво Павле, истерај го од ова момче нечистиот дух, за да се врати здраво во својот дом и да Го фали Бога.
На тоа Павле рече:
- А ти, оче, зошто не си го истерал?
Антониј одговори:
- Имам една друга работа и затоа го доведов кај тебе.
И откако го остави бесомачното момче кај Павле, Антониј замина. Павле се помоли на Бога и му рече на бесот:
- Ѓаволе, отец Антониј ти наредува да излезеш од ова момче.
А Ѓаволот навредливо одговори:
- Нема да излезам, заврзан и лажлив старецу.
Тогаш Павле ја зеде кожата во која што одеше, и започна да го тепа, говорејќи:
- Излегувај! Ти наредува Антониј! Но, ѓаволот не излегуваше. Тогаш Павле му рече:
- Или ќе излезеш, или јас ќе отидам и ќе Му кажам на Христос, и ќе биде лошо за тебе!
- Но ѓаволот, хулејќи и на Христа, говореше:
- Нема да излезам!
Тогаш Павле се разгневи на ѓаволот, и на пладне, кога во Египет сонцето пече како Вавилонска печка, се качи на еден камен и стоеше како непоместлив столб, повикувајќи кон Христа:
- Господи Исусе Христе, Ти знаеш дека нема да се симнам од овој камен, па макар и да умрам на него, и нема да вкусам ни леб, ни вода додека не ме услишаш и не го истераш бесот од момчето.
Додека така зборуваше, бесот започна да вика:
- Излегувам! Излегувам! И не знам каде ќе се најдам!
И кога излезе се претвори во огромна змија од седумдесет лакти, и се фрли во Црвеното Море. Така свети Павле го победи ѓаволот со својата простота и смиреност. Малите ѓаволи ги истеруваат луѓе големи во верата, а главните бесовски кнезови ги победуваат смирените луѓе, каков што беше свети Павле.
Блажениот старец имаше и дар на проѕорливост. Во една пригода, кога влезе во еден манастир, тој застана крај црквата и набљудуваше кој со какви мисли влегува внатре. Беше вечерната и сите влегуваа во црквата со ведри лица и светли души, и со секого од нив радосно влегуваше и Ангелот хранител. Но, еден брат одеше во црквата со мрачно лице, потемнета душа, опкружен со бесови, при што сите го влечеа кон себе, а неговиот Ангел хранител одеше по него оддалеку, тажен и расплакан. Светителот се нажали и многу тагуваше за загинатиот брат. Од преголема тага тој ни во црквата не влезе, туку седеше надвор и плачеше. Кога црковната служба заврши, сите браќа излегуваа онакви какви што влегоа, божествена светлина ги озаруваше. Го здогледа преподобниот Павле и оној брат, кој при влегувањето во црквата беше мрачен и потемнет, но ете, сега лицето негово беше светло како лице на ангел и благодатта на Светиот Дух го осенуваше, и Ангелот хранител радосно го држеше за рака, а бесот оддалеку ридаше и не можеше ни најмалку да му се доближи. Кога ја виде таквата брза промена кај тој брат блажениот се израдува, го застана и пред сите раскажа што видел, па потоа го праша за причината за таквата ненадејна промена кај него. Кога се виде себе си изобличен со Божјото откровение, тој пред сите раскажа за себе:
- Јас сум многу грешен. Многу години, сѐ до денешниот ден се валкав во нечистотија. Но, кога денес влегов во црквата, слушнав како го читаат свети пророк Исаија, или подобро речено Бога, Кој преку него говори: Измијте се, исчистете се, отстранете го злото од душата ваша пред очите Мои, научете се да правите добро. И вашите гревови да се и алово црвени, како снег ќе ги побелам (Ис. 1, 16. 17. 18). Кога го слушнав тоа душата ми се потресе, ми се отворија духовните очи, ја согледав својата беда и си реков во срцето: Ти, Господе, си дошол во светот да ги спасиш грешниците, како што сега ми го кажа тоа преку пророкот Свој. Навистина стори го тоа со мене, грешниот. Еве, ветувам дека од сега, со Твоја помош, не само што нема да вршам никакви зла, туку ќе го отфрлам секое беззаконие и ќе Ти служам Тебе, Господи, со чиста совест. Само Ти прими ме и не отфрлај ме мене, покајникот.
Со такво ветување, продолжи тој, излегов од црквата со одлука повеќе да не грешам пред Бога.
Тогаш сите со силен глас Го прославија Бога, Кој ги прима сите што прибегнуваат кон Него со покајание.
Така проѕорлив беше свети Павле, бидејќи за својата простота и незлобливост се исполни со благодатта Божја. А кој би можел да му биде попријатен на Бога од незлобливиот, нелукавиот? Господ говори преку устата на Псалмопеачот: Незлобливите и праведните се прилепуваат кон Мене (Пс. 24, 21).
Преподобниот Павле поживеа во света простота многу години, изврши многу чуда и отиде кај Господа. Оној, кој на земјата беше прост и неук, сега е премудар на небото, помудар од сите мудреци на овој свет и со мудрите Херувими Го созерцува Христа, Божјата Сила и Божјата Премудрост. Зашто вистинска мудрост е да се плашиме од Бога, да Му угодуваме и да Му служиме во простотата на духот и незлобливоста на срцето. По молитвите, Господи, на Твојот угодник Павле, омудри нѐ и нас во вршењето на заповедите Твои. Дај ни да го имаме стравот Твој - почетокот на мудроста, за одбегнувајќи го злото во стравот Твој, да вршиме добро пред Тебе и да најдеме милост во Тебе за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ И ПРАВЕДЕН КНЕЗ СТЕФАН ШТИЉАНОВИЌ
Беше деспот српски, родум од Паштровиќ. Управувал со српскиот народ во претешките времиња, храбро борејќи се против турците и латините. Како праведник Божји и родољуб, овој прекрасен кнез може да се спореди со свети Александар Невски или со светиот крал Јован Владимир. Мирно се упокоил во почетокот на шеснаесеттиот век (според некои 1515 г.). На неговиот гроб ноќе се појавувала светлина, според која и се пронајдени неговите свети мошти, кои долго почивале во фрушкогорскиот манастир Шишатовец, па за време на втората светска војна се пренесени во Белград и положени во Соборната црква, покрај телото на кнезот Лазар. Неговата жена Елена, гледајќи ги нетлените Стефанови мошти и чудесата од истите, се замонаши и им се предаде на подвизите до својата смрт.
СПОМЕН НА СВЕТАТА И ПРЕПОДОБНА ЕЛИСАВЕТА, српската кнегиња Елена Штиљановиќ
Беше сопруга на свети Стефан Штињановиќ, за која опширно се зборува во житието на нејзиниот сопруг, под денешниот ден.
ЖИТИЕ НА СВЕТИТЕ ОТЦИ НАШИ: ГУРИЈ, епископот Казански, и ВАРСОНУФИЈ, епископот Тверски
Преподобниот Гуриј, во светот Григориј, е роден во градот Радонеж од помали болјари Руготини. Како момче Григориј служеше кај кнезот Пенков. Беше тивок и кроток по карактер, често одеше во црква, постеше и се молеше, милостињата и останатите доблести ги извршуваше. Со тоа ја стекна љубовта и почитта од својот господар, кој му ја довери управата на сиот свој дом. Тоа кај останатите службеници створи завист и тие го наклеветија кај кнезот дека врши прељуба со неговата жена. Кнезот им поверува на клеветниците и нареди да го убијат. Но, синот на кнезот, кој беше паметен и внимателен, го измоли својот татко да го поштеди и со својата пресуда да не го срамоти својот дом. Потоа, откако подробно се распраша, утврди дека станува збор за чиста клевета и го избави Григориј од смртта. Но, јаросниот кнез го фрли невиниот Григориј во длабока јама. Две години помина во неа мачен со глад, зашто не му даваа човечка храна, туку на секои три дена му фрлаа по сноп овес и малку вода. Еден негов другар кришум понуди да му донесе храна, но тој одби, велејќи дека го храни големата и изобилна благодат Божја. Притоа го замоли наместо храна да му носи хартија и мастило за пишување на буквари, од кои децата се учат на писменост, и парите добиени за букварите да ги раздава на сиромашните.
По две години, заради трпението на слугата Свој, милосрдниот Господ, Кој невино страдаше, го ослободи од таа темница како од пекол и со невидлива рака на силата Своја, му го отвори темничкиот затвор. Григориј неочекувано виде на вратата светлина и се преплаши, мислејќи дека е вражји привид, бидејќи таа врата цели две години не била отворана. Затоа стана и започна да се моли. Но, светлината повторно се појави, сега многу посилна. Григориј пријде, ја допре и таа веднаш се отвори. Откако сфати дека самиот Господ го ослободува, со благодарност се помоли, ја зеде иконата на Пресвета Богородица што ја имаше кај себе во темницата, па излезе незабележително, иако беше ден. Тој замина од градот и дојде во Успенскиот-Јосифовски манастир. Тука го прими монашкиот постриг со името Гуриј, и стана одличен монах и испосник. Затоа подоцна и беше избран за игумен на Јосифовската обител, каде остана девет години, па потоа поради болест се повлече од таа функција и го минуваше времето во молитва, пост и богоразмислување. Но, по извесно време Гуриј беше испратен за игумен во Селижаровиот манастир. Кога Бог го покори под царот Јован Василевич градот Казан, на совет од митрополитот Макариј, соборот од архијереи на Руската Црква на коцка го постави Гуриј за прв архиепископ на градот Казан. Царот го испрати во тој град со огромна чест, му даде многу икони, скапоцени работи и многу книги, и нему лично му подари многу драгоцени работи. Во Неделата на Сите Светии, на 26 мај 1555 година, во Московскиот Успенски храм беше отслужено молепствие за пат, по повод заминувањето на архиепископот Гуриј во Казан, и тоа во присуство на царот и сите царски великодостојници. Служеле митрополитот Макариј со Крутицкиот епископ Нифонт и сите московски архимандрити и игумени, и самиот архиепископ Гуриј со своите архимандрити и игумени. По молепствието најсвечено беше испратен со литија. По двомесечно патување стигна во градот Казан и го зазеде архијерејскиот престол. Како архијереј водеше богоугоден живот: сиромаси хранеше, оскудни снабдуваше со сите потреби, неволните, вдовиците и сирачињата ги застапуваше и ги избавуваше од разни неволји. Додавајќи труд врз труд, свети Гуриј постојано ги минуваше ноќите во молитви, а дење ги учеше неверниците во богопокајанието и верата во Пресвета Троица и многумина приведе кон Христа. Но, напорната работа го наруши неговото слабо здравје и тој се разболе. Сепак, телесната болест ни најмалку не ѝ наштети на неговата побожна душа. Бидејќи не беше во состојба самиот да богослужи, тој само присуствуваше. Наредуваше, та го носеа на света Литургија во храмот Благовештение, изграден од него. Тука за време на богослужењето седеше, дури и лежеше, Сепак, и за време на својата болест не ги оставаше своите вообичаени и изводливи подвизи, не престанувајќи истовремено да го смирува своето тело со постот и воздржанието. Така се подвизуваше светителот три години. Откако дозна за своето блиско заминување кај Бога, го повика кај себе архимандритот Варсонуфиј, кон кого чувствуваше голема духовна љубов, и му ја изрази својата желба, та од него го прими големиот ангелски образ, односно големата схима. На 4 декември 1564 година, блажениот светител Гуриј отиде кај Господа. Неговото чесно тело беше погребано во Спасо-Преображенската обител, зад олтарот, кај големата црква.
Преподобниот Варсонуфиј, во светот Јован, беше од градот Серпухов, син на свештеникот Василиј. Уште како мал научи да чита и пишува, и го читаше Светото Писмо. Но, пред да стане полнолетен, Јован падна во ропство кај Кримските татари. Покорен на волјата Господова, тој многу усрдно ги извршуваше одредените задачи. Иноверците, кога видоа дека Јован е благодушен, смирен и вреден, и дека без роптање ги извршува задачите, му се восхитуваа и му дозволија слободно да се движи. За време на ропството го изучи татарскиот јазик, та можеше слободно не само да зборува, туку и да пишува на тој јазик. По три години татко му го откупи од татарите и тој дојде во царскиот град Москва, се пострижа во манастирот Андроников и го доби името Варсонуфиј. Тука го минуваше животот во строго подвижништво и од страна на митрополитот Макариј беше поставен за игумен на Пјесношкиот манастир, во 1544 година. Потоа беше архимандрит во градот Казан, каде што основаше манастир во чест на Преображението Господово и во него изгради цркви и ќелии. И како архимандрит Варсонуфиј водеше богоугоден живот. Го умртвуваше своето тело со големо воздржание и бдеење, и врз себе носеше вериги, без никој да знае. Во сѐ беше образец на доблестите за останатите браќа. Во Казан ревносно му помагаше на архиепископот Гуриј во ширењето на христијанството меѓу мухамеданците и незнабошците. Знаењето на јазикот и познавањето на татарското живеење во оваа работа му беше од огромна корист. Тој многумина обрати кон Господа Христа и ги крсти. Спрема архиепископот Гуриј имаше искрена љубов и во сѐ му беше послушен. Од Казан преподобниот Варсонуфиј беше повикан и поставен за епископ во градот Твер. Тука уште поусрдно се подвизуваше и постојано беше во пост, молитви, солзи и сеноќно бдеење. Исцели многу болни, бидејќи ја познаваше и лекарската наука. Пари за тоа од никого не земеше, туку лекуваше бесплатно. Особено се прослави со лекувањето на душевните страсти, со благодатта на Светиот Дух. Тој се занимаваше и со рачна работа. Правеше и шиеше панакамилавки и ги раздаваше на своите браќа, при што ги молеше да се молат за него.
Во длабока старост го остави своето стадо и се пресели во од него изградениот манастир „Свето Преображение“ во градот Казан. Тука прими на себе голема схима. А кога староста и слабоста целосно го зафатија, тој ни тогаш не ги промени правилата на својот подвижнички живот, туку неговите ученици го носеа во црквата. А кога потполно западна и го почувствува своето заминување од овој свет, се причести со Светите Тајни Христови и отиде кај Господа, на 11 април 1576 година. Беше погребан во истиот манастир, близу светителот Григориј.
По триесет и две години од смртта на свети Гуриј, и дваесет години по претставувањето на свети Варсонуфиј, со наредба на царот Теодор Јоанович, започна наместо дрвената да се гради камена црква на Преображението Господово. Кога започнаа да копаат ровови и ги откопаа гробниците на светите Гуриј и Варсонуфиј, на 4 октомври 1596 година, го известија за тоа тогашниот казански митрополит Хермоген. Откако отслужи Литургија и парастос, митрополитот дојде во манастирот со целиот свет собор. Кога го отворија сандакот на свети Гуриј, го најдоа полн со благомирисно миро, а неговото тело се носеше како сунѓер над мирото. Единствено горната усна му беше малку зачната од гнилежност. Дури и облеката на светителот беше целосна и изгледаше поубаво од нова. На ист начин го отворија сандакот и на свети Варсонуфиј, при што ги најдоа и неговите мошти целосни и негнилежни. Единствено гнилежноста се беше допрела малку до неговата нога а коските беа целосни и потполни цврсти. Нивните чесни тела ги преместија во нови сандаци и со пеење на надгробни песни ги поставија на земјата, за сите што доаѓаа да можат да ги видат и со вера да ги целиваат. За тоа со писмо беа известени царот Теодор Јоанович и патријархот Јов. Благочестивиот цар и свјатјејшиот патријарх, целиот царски совет и многуброен народ Го прославија Бога, Кој ги прославува светителите Свои. Благочестивиот цар нареди од јужната страна на олтарот на големата црква да се догради мал олтар, благолепно да се украси и во него да се положат моштите на светителите Божји. Тоа беше сторено. Чесните мошти почиваа во нови кивоти, точејќи за верните исцеленија во слава на Бога, во Троица славениот, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИ ВЛАДИМИР ЈАРОСЛАВИЧ, кнезот Новгородски
Беше син на Јарослав Владимирович Мудриот од неговата сопруга Индигерда, во монаштво Ана. Бил одважен и храбар војник, но заедно со тоа и рамноапостолен поборник на Православната вера.
Тој ја подигнал во Новгород Софиската соборна црква. Се претставил во 1052 година. Неговите свети мошти и светите мошти на неговата мајка Ана почиваат во Софиската соборна црква во Новгород.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ПЕТАР, презвитерот Капетолиски
Свети Петар е роден и одгледан во градот Капетолија. Бил оженет и имал три деца. Се одликувал со мудрост и разборитост и многумина обратил на патот на Вистината. Подоцна се замонаши и без да сака беше поставен за презвитер од страна на епископот Бостриски. Како христијански учител агарјаните го фатија и го одведоа во Дамаск на мачење. Кога му го отсекоа јазикот, тој и понатаму јасно зборуваше. Потоа му ги отсекоа десната рака и двете нозе, му ги ископаа очите, го приковаа на крст и најпосле му ја отсекоа главата, па телото му го изгореа и го фрлија во река.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ДОМНИНА и нејзините ќерки ВИРИНА и ПРОСДОКА
Домнина беше позната и богата Антиохијка. Таа и нејзините керки, од љубов кон Бога и божествена ревност, ја напуштија својата татковина и роднините и отидоа во Едеса. Таму беа фатени од незнабошците и под војничка стража вратени назад во Антиохија. А кога попат војниците седнаа да ручаат, светите жени се помолија на Бога и се фрлија во блиската река, каде што се удавија. Го сторија тоа зашто вака расудија: подобро е од љубов спрема Господа да загинеме во водата и чисти да излеземе пред Него, отколку живи да останеме во рацете на беззаконите незнабошци. Тоа се случило во почетокот на четвртиот век, околу 306 година.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ГАЈ, ФАВСТ, ЕВСЕВИЈ, ХЕРИМОН и останатите
Овие свети маченици беа ученици на свети Дионисиј Александриски и слуги на нашиот Господ Исус Христос. Свети Гај и Фавст беа прогонети заедно со својот учител и после многуте мачења маченички се упокоија. А пак Евсевиј и Херимон по прогонството на свети Дионисиј, со Божја помош ги посетуваа светите маченици по темниците и ги погребуваа нивните тела. Така живееја до царувањето на царот Декиј. За исповедањето на верата Христова претрпеа жестоки мачења, но останаа непоколебливи. Многу незнабошци приведоа во верата Христова и ги крстија во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, некои тајно а некои јавно. Потоа беа фатени и посечени со меч. Така ги предадоа своите блажени души на Господа, од Кого примија венци на мачеништвото. Со свети Дионисиј пострадале осум маченици.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ДАВИКТ и неговата ќерка КАЛИСТЕНИЈА
Давикт беше епарх на градот Ефес, за време на царувањето на царот Максимијан. А кога царот ја побара од Давикт неговата ќерка Калистенија за своја сопруга, Давикт го одби, бидејќи не сакаше таа да биде сопруга на незнабожен идолопоклоник. Поради тоа го лишија од функцијата, му го одзедоа имотот, го протераа во Мелитина и таму му ја отсекоа главата. Калистенија најпрвин се криеше во Никомидија, потоа отиде во Тракија и се насели кај една жена, чија што болна ќерка со очите, таа ја исцели со молитвата. По смртта на Максимијан, Калистенија отиде кај сопругата на новиот цар Ликиниј, Констанција, сестрата на царот Константин Велики, која беше христијанка, и ѝ раскажа сѐ за себе. Царицата со љубов ја прими и ѝ помогна да се врати имотот на нејзиниот татко, одземен од страна на Максимијан. Штом го доби назад, таа го раздаде имотот на сиромашните. Светото тело на својот татко го пренесе од местото на заточението Мелитина во Асија, во Ефес. Тука изгради храм во негов спомен и во него ги положи неговите свети мошти. Останатото време од својот живот го помина апостолски свето и отиде кај Господа.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ И БОГОНОСЕН ОТЕЦ НАШ ЈОВАН ЛАМПАДСКИ
Беше родум од Кипар, од селото Лампадос. Уште од детството стана сад на благодатта на Светиот Дух, ги одби сите настојувања на своите родители да се ожени, но од ѓаволска завист ослепе. И покрај тоа, тој говореше:
- Иако се лишив од телесните очи, сепак јас ги имам очите на душата, за да ја гледам славата Господова.
Иако слеп, тој со својот послушник Јован се оддалечи во осаменост на строги подвизи. Така помина дванаесет години и го доби дарот на чудотворството. Го провиде својот крај, на три дена пред да се упокои. Мирно заспа во Господа. На Кипар постои манастир посветен на него.