18. Октомври (5. Октомври)
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ХАРИТИНА
За време на царувањето на царот Диоклецијан, во Понт живееше еден богат и благороден човек Клаудиј, добар и милостив кон сиромасите. Еднаш го виде малото сираче Харитина, од мала останата без родители, се сожали на неа, ја зеде во својот дом, ја засака и ја одгледа како свое родено чедо. И навистина Харитина потполно ја заслужуваше таа љубов. Кога порасна, не само што беше на лице убава, туку се одликуваше и со прекрасни карактерни особини. Беше кротка, смирена, послушна, молчалива, целомудрена и паметна, згора на сето тоа верна на Христа, како слугинка и невеста. Нејзината вера во Господа Христа се разви во огнена љубов кон Господа. И таа се заневести со Него, го чуваше своето девство и живееше сама засебно. Клаудиј не само што не се противеше на таквиот нејзин живот, туку и изгради засебна куќа, каде што таа живееше во молитвена осаменост и побожно молчење, поучувајќи се и дење и ноќе во законот Господов. Харитина започнаа да ја посетуваат верни, и таа со своите мудри поуки ги упатуваше кон спасението, а неверните ги приведуваше кон вистинската вера, така што на сите им беше учителка во верата и богоугодниот живот.
Во тоа време незнабожниот римски цар Диоклецијан крена големо гонење против христијаните. Со негова наредба ги бараа насекаде и ги мачеа, а особено славените како луѓе полни со доблести и умни. Како таква беше обвинета пред царскиот намесник Домицијан и света Харитина. Тужителите ја обвинуваа дека е христијанка и дека многу елини обраќа кон Христа. Намесникот веднаш му испрати писмо на Клаудиј, со наредба да му ја испрати, а тој многу се нажали поради тоа, облече врз себе кострет и ја оплакуваше, знаејќи добро дека е невозможно да му се спротивстави на намесникот. Па сепак, колку што можеше започна да им се противи на војниците, дојдени по неа. Тој плачеше и ја држеше Харитина, и не ја даваше на војниците. Додека тие ја влечеа, Клаудиј ја бранеше како нејзин роден татко и не ја испушташе од рацете. Така влечена на двете страни, таа му рече на својот заштитник:
- Пушти ме, господине мој, и не тагувај туку радувај се, бидејќи ќе бидам пријатна жртва на Бога, за моите и за твоите гревови.
Војниците многу разјарени ја зграпчија од неговите раце и ја поведоа кај намесникот, а Клаудиј плачеше по неа и говореше:
- Спомни ме пред небесниот Цар, кога ќе излезеш пред Него среде соборот на светите маченици.
Така доведена кај намесникот, света Харитина започна пред него да Го повикува на помош Бога, а тој ја праша:
- Вистина ли е дека си христијанка и дека други прелажуваш во таа иста безбожна вера?
Светата храбро му одговори:
- Вистина е дека сум христијанка, но лага е дека мамам други луѓе. Јас само заблудените ги упатувам на патот на вистината, приведувајќи ги кон мојот Христос. Верата во Него не е безбожна како што брбориш ти, туку света и праведна. Вашата вера е полна со нечистотија. Вие верувате во поганите и лукави демони и ја исполнувате нивната волја.
Намесникот страотно се разлути и нареди немилосрдно да ја тепаат. Потоа ѝ ставија железно јаже околу вратот и ја испратија на суд кај управникот на областа, кој најнапред ѝ ги покажа сите инструменти за мачење, па започна вака да ѝ зборува:
- Сожали се на себе, за да не бидеш усмртена со страотни маки. Послушај ме, принеси им жртва на бесмртните богови. Така ќе ги смилостивиш боговите, ќе најдеш милост кај царот и ќе ја сочуваш расцветаната убавина на својата младост, недопрена од жестокото мачење.
Но, маченичката погледна во небото и бараше помош. Потоа се прекрсти и му рече:
- Лукав си, судијо, лукав и неправеден! Но, твоето лукавство не ти вреди, зашто нема да ме уловиш, ниту со заканите да ме исплашиш, ниту со наговарањето да ме привлечеш кон вашето безбожие. Нема да ја промениш мојата огнена желба да пострадам за Христа. Подобро ти размисли за корисното за твојата душа и не им се поклонувај на идолите, за да не загинеш заедно со демоните, кои ги почитуваш како богови.
Тогаш судијата започна да ја кара и нареди да ѝ ја острижат косата. Светителката молчеше додека го правеа тоа и во душата разговараше со својот младоженец Христос, молејќи Го да ѝ помогне во подвигот на мачеништвото. Кога ѝ ја острижаа косата веднаш пред очите на сите и израсна нова, подолга и поубава од првата. Тоа страотно го разјари судијата, кој нареди да донесат жар и со него да ѝ ја посипаат главата, така што многу ја изгореа. Потоа со оцет го полеваа нејзиното изгорено тело, за да ѝ ги зголемат болките. Трпејќи, светителката се молеше на Господа и говореше:
- Господи Исусе Христе, моќен помошнику на сите кои во Тебе се надеваат. Ти светите Три Момчиња среде огнот си ги сочувал, поитај ми на помош и поткрепи ме во маките, кои заради Тебе ги поднесувам, за да не речат непријателите мои: каде е нејзиниот Бог?
По молитвата болките ѝ престанаа и таа Му заблагодари на Бога, но мачителот не престана да ја подложува на сѐ поголеми маки за неа. Вжешти железни шипки и нареди да ѝ ги прободат дојките и со свеќи да ѝ ги изгорат ребрата. А света Харитина, како да не го чувствува природниот оган, сѐ повеќе гореше со огнот на божествената љубов, и не престануваше да го исповеда името Христово. Кога ја виде таквата нејзина цврстина, мачителот нареди да ја удават во морето. Додека ја водеа, таа се молеше на Бога, говорејќи:
- Ти благодарам, Господи Боже мој, што заради светото име Твое, после мачењата со оган ќе поминам низ водата морска; снисходливо направи да се јавам чиста во денот на воскресението, но и сега како и секогаш покажи ги врз мене чудесата Твои, со кои уште повеќе ќе се прослави преголемото име Твое.
Кога стигнаа до морето слугите ѝ врзаа за вратот голем камен и ја фрлија во морската длабочина. Но, каменот се одврза и пропадна во морето, а светата маченичка, крепена со невидлива сила Божја, застана врз водата и одеше по неа како по тврд камен. Штом излезе на брегот отиде кај судијата и му рече:
- Види ја силата на мојот Христос и верувај во Него!
Судијата се запрепасти кога ја виде Харитина жива, и молчеше како изгубен. Кога си дојде на себе, тој рече дека е волшебничка и затоа излегла од морето, па нареди гола да ја врзат за тркало, под кое што беа наместени разни остри железни направи, ножеви и мечеви, и беше расфрлано многу жар. Тој им нареди на слугите да го вртат тркалото, за острите орудија под него да ѝ го кинат телото, а јагленот да го пече, та на тој начин нејзините болки да бидат двојно поголеми. И штом започнаа, тркалото застана како вкопано, рацете на мачителите малаксаа, жарта згасна и светителката остана неповредена. Ангел Господов ја заштитуваше и чуваше Христовата невеста. Од тоа судијата повторно многу се разјари и нареди да ѝ ги искорнат ноктите од рацете и нозете и да ѝ ги извадат забите. Светата маченица сето тоа јуначки го претрпе. А кога беззаконикот одлучи да ѝ ја одземе невиноста, нареди да повикаат многу развратни луѓе, за да им ја предаде на осквернување. Кога го слушна тоа, светата рече:
- Со мене е мојот Христос. Господ Христос ќе ве спречи во намерата. Сега ќе ја земе кај Себе мојата душа неосквернета. Откако го рече тоа ги крена рацете, ги впери очите во небото и усрдно се молеше на Бога, да ја избави од рацете на овие злобници. Кога повиканите бесрамници сакаа да ја зграпчат, таа ненадејно ја предаде својата чиста и беспрекорна душа во рацете на својот Господ, а нејзиното девствено тело остана мртво среде гадните и нечисти бесрамници. Судијата нареди телото да ѝ го стават во мев, во него да стават песок и да го фрлат во морето. И така, мртва беше потопена во морето онаа, која додека беше жива одеше по водата. По три дена морските бранови го исфрлија на брегот нејзиното свето тело. Водата ни најмалку не му беше наштетила. А пак Клаудиј, кој света Харитина ја одгледа како своја родена ќерка, го зеде нејзиното чесно и многу измачено тело и со плач и радост го погреба како што доликува, славејќи Го од Пречистата Дева Родениот Христа Спасителот, Кому чест и слава за навек. Амин.
ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ДИОНИСИЈ, епископот Александриски
Свети Дионисиј е роден во Александрија од богати и угледни родители незнабошци. Во младоста го доби потребното незнабожечко образование и му беше верен на незнабоштвото. По завршувањето на образованието ја извршуваше должноста ретор и ги обучуваше момчињата на красноречивост, во духот на незнабожечката наука. Но, неговиот бистар и светол ум не можеше да ги превиде грубите заблуди и суеверието на незнабожечката вера, во која тој се родил и израснал, и недостатоците на незнабожечката философија, под чии што начела бил воспитан.
Неговиот љубопитен дух, гладен и жеден за вистината, не можеше да најде задоволство во незнабожечките знаења и верувања. Неговото срце ја чувствуваше празнината и лагата на незнабоштвото, та тој и пред да Го познае вистинскиот Бог, веќе тежнееше кон Него. Сакајќи да ја познае вистината, Дионисиј изучуваше разни учења и верувања и ги споредуваше. Ваквиот начин на непристрасно испитување на човечките учења му помогна да ја најде вистинската вера, да Го познае единствениот вистински Бог и свесно да ја прими верата Христова. Подоцна самиот за себе зборувал дека се обратил кон Христа по пат на слободно истражување, непристрасно испитувајќи ги човечките учења.
Во тоа време, Александрија беше позната како центар на незнабожечката просвета. Но, во неа започна да се развива и христијанската просвета, која имаше и своја посебна школа и свои познати учители, од кои најглавен беше Ориген. Како одлични познавачи на незнабожечката философија, овие христијански учители вршеле влијание врз многу угледни учени од незнабожниот свет, та многу од нив започнаа да го примаат христијанството. Веќе запознат со многу христијански списи, Дионисиј оствари блиска врска со александриските христијански учители и стана ревносен Оригенов ученик. Сесрдно изучувајќи го христијанството, особено посланијата на свети апостол Павле, Дионисиј доживеа потполен духовен пресврт и промена: јасно и свесно ја почувствува во срцето и умот неизмерната предност на христијанството над незнабоштвото, на христијанската философија над незнабожечката. Затоа тој и го прими светото крштение. Потоа уште повеќе се зближи со Ориген. Евангелскиот живот на Дионисиј и неговиот успех во изучувањето на христијанската философија придонесоа да го сврте своето внимание кон него учителот на Александриската христијанска школа Јеракло. По извесно време свети Дионисиј беше ракоположен за презвитер. По Ориген, управник на Александриската христијанска школа стана Јеракло, а кога тој беше поставен за епископ Александриски, Дионисиј стана нејзин управник. А пак по смртта на Јеракло, Дионисиј го наследи на епископскиот престол Александриски.
Животот на свети Дионисиј како епископ е полн со самопрегорни подвизи против најразличните непријатели на Црквата, и надворешните и оние внатрешните. Гонета од незнабожечките власти, Црквата страдала и од внатрешните раздори, лажните еретички учења и расколи. Во таквото виорно време, свети Дионисиј стоеше како дијамантен столб на верата и благодарејќи на него единството на Црквата остана непоколебливо. Поради неговиот свет архипастирски живот, неговата самопрегорна љубов, неговата кротост, смиреност, искреност, мудрост, сите длабоко го почитуваа, па дури и неговите непријатели и еретиците. Целиот христијански свет се восхитуваше на неговите доблести и ученост, полни со богомудрост.
Во времето на жестокото гонење од страна на римскиот цар Декиј против христијаните, некои епископи, не од страв од мачењето, туку за паствата да не остане без богопосветени архипастири како раководители, се повлекувале во помалку опасни места, и од таму управувале со својата паства. Во тоа тешко време, со Божјо укажување така постапи и свети Дионисиј. Живееше во тајно место и продолжи да управува со Александриската црква, испраќајќи посланија преку доверливи презвитери. Но, од страв од мачењата, многу христијани се одрекувале од Христа. Потоа, тие со длабоко каење и искрена тага се обраќале кај епископот и смирено го молеле да ги прими во крилото на Црквата Христова. Кроткиот и смирен Дионисиј снисходливо ги примал назад, налагајќи им одредени забрани и епитимии, и со тоа ги спасувал од крајно очајание.
Меѓутоа, по ова прашање се појави нов внатрешен непријател на Црквата: новацијанскиот раскол. Новацијан и неговите следбеници јавно и одлучно истапија против примањето на отпаднатите во крилото на Црквата, и со тоа ги удвоија нејзините неволји и многумина започнаа да доведуваат до очајание. Тогаш свети Дионисиј, кој со љубов ги примаше паднатите, особено со посредство на исповедниците Христови, се крена против новацијаните и ги молеше и советуваше да го остават својот погубен раскол. „Ти си должен да претрпиш сѐ, само да не ја кинеш Црквата Божја“, - му пишувал овој богомудар пастир на Новацијан. „Да умреш за да не ја раскинеш Црквата, е исто толку славно, како и да не им принесеш жртва на идолите. По мое мислење првото е повозвишено, зашто во тој случај се умира заради доброто на целата Црква, а во вториот случај заради спасението на сопствената душа“.
По смртта на нечестивиот Декиј, за време на краткотрајното царување на царот Гал, гонењето на христијаните престана и во Црквата Христова се зацари мирот. Свети Дионисиј со неуморна ревност се трудеше да се зачува во Црквата едномислието и правоверието, борејќи се против најразличните ереси. Но, тој негов свештен труд беше прекинат. Пламна ново гонење против христијаните од новиот римски цар Валеријан. На самиот почеток на ова свирепо гонење, иако беше тешко болен, тој заедно со презвитерот Максим и ѓаконите Фавст, Евсевиј и Херимон, беше изведен пред царскиот намесник Емилијан. Намесникот се обиде на сите можни начини да го наговори Дионисиј да се одрече од Христа, и да им принесе жртва на идолите, зашто него ќе го следат и другите, но, светиот бестрашно му одговори:
- Ние сме должни да Му се поклонуваме на Бога а не на човекот.
Тогаш намесникот му ја забрани на епископот секоја врска со христијаните и го испрати на заточение во најзафрленото село Цефро, среде дивите пустини на Либија. Но и таму, и покрај забраните, продолжи да го проповеда словото Божјо, и како доблесен маченик Христов одби да ја изврши наредбата на мачителот. Затоа повеќе пати го тепаа со камења, при што се радуваше, зашто и во пустината обрати кон Светата Вера многу незнабошци. Овој успех уште повеќе го раздразни царскиот намесник Емилијан и тој го испрати светиот епископ во местенцето Колуто, кое се наоѓало во најзафрлениот и најдив крај на Либија. Но и таму беше радосен, зашто одржуваше врска со својата паства и со други епископи. Во тоа сурово време и луто заточение помина три години. А како се мачел и страдал таму, само единствениот Бог знае. И кога на римскиот престол стапи царот Галиен, свети Дионисиј беше вратен од заточението, на голема радост на верните и на целата Црква Христова.
Сепак, и во Александрија овој прекрасен Христов страдалник го очекуваа нови таги, нови неволји, нови страдања. По граѓанската војна настапи голем глад, а по гладот чума, која пустошела и косела страотно. Свети Дионисиј со родителска љубов се грижеше за сите страдалници, како за христијаните така и за незнабошците. Опишувајќи ги неволјите и страдањата на жителите на Александриската област за време на чумата, тој го пишува и следново: многумина од нашите браќа, од преголема љубов, без да се грижат за сопствениот живот, се грижеа еден за друг, ги посетуваа болните и ги лекуваа во Христа. Тие доброволно умираа заедно со нив, земајќи го на себе нивното страдање и негувајќи им ги раните со љубов. Многумина од нив, при ваквиот труд околу болните успеале да им го вратат здравјето, а самите умреле... Овој вид на смрт од побожност и цврста вера, со ништо не е пониска од мачеништвото. Тие на свои раце ги земаа телата на светите, ги држеа на колена, им ги затвораа очите и устите, ги носеа на плеќите како деца, ги местеа, им служеа, ги миеја и ги облекуваа.
Додека управуваше со Црквата под многу тешки околности, свети Дионисиј постојано се однесуваше како богомудар исповедник на верата Христова, како во својот однос спрема надворешните непријатели на Црквата - незнабошците, така и спрема внатрешните непријатели - еретиците. За тоа време пишувал многу посланија и други состави до својата паства, поучувајќи ги и храбрејќи ги во одржувањето на Православието. Неговите списи се полни со мудро изложено догматски вистини. Има и неколку канони, кои се прифатени од страна на Црквата. Исто така и неговото писмо против новацијаните се смета за канонско писмо. Управувал со Црквата седумнаесет години и се упокоил во 265 година, во длабока старост.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА МАМЕЛХТА
Светата маченица Мамелхта, родум од Персија, најпрвин беше жречица при храмот на незнабожечката богиња Артемида. Еднаш таа виде на сон ангел Божји, кој ѝ ги изложи тајните на верата Христова. Штом се разбуди го раскажа сонот на својата сестра христијанка и таа ја одведе кај епископот, кој ја крсти. Но, штом незнабошците дознаа дека нивната жречица ја примила верата Христова, веднаш ја каменуваа и убија, додека сѐ уште врз неа беше белата облека на крштението. Нејзиното тело го фрлија во една многу длабока јама, од каде христијаните одвај со мака го извлекоа и чесно го погребаа. Подоцна епископот на градот во кој света Мамелхта маченички пострада, измоли од персискиот цар дозвола да го срушат храмот на незнабожечката богиња Артемида и на негово место да подигнат црква во име на света Мамелхта. Во таа црква беше положено нејзиното свето тело. При преносот на светите мошти од нив се случија многу чудеса и исцеленија, така што многу незнабошци поверуваа во Христа.
ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ДАМЈАН ПЕЧЕРСКИ
Кога боледуваме од душевни и телесни болести, и според зборовите на Светото Писмо ги повикуваме на помош презвитерите да нѐ помазат со елеј, да го повикаме мислено со нив и угодникот Божји Дамјан, кој богоугодно се подвизувал во светиот Печерски манастир, за време на игуменството на преподобниот Теодосиј.
Овој, достоен на пофалба монах Дамјан, многу ревносно го подржуваше рамноангелскиот живот на преподобниот отец и свој наставник Теодосиј. Според сведоштвото на многумина, инокот Дамјан беше смирен, послушен и покорен на сите. Особено оние што живееја со него во ќелијата беа очевидци на неговата кротост, неговото неспиење по цела ноќ, неговото долично читање на светите книги и неговото често станување на молитва. Тие исти очевидци раскажуваа и за многу други подвизи на овој маж. Беше таков испосник и воздржливец, што освен леб и вода не јадеше ништо друго, сѐ до својата смрт. Заради таквото богоугодно подвизување тој се удостои да го добие од Господа дарот на чудотворството, особено дарот на исцелување, како што овој дар порано му беше даден на неговиот истоименик, светиот бессребреник и чудотворец Дамјан. Кога некој ќе донесел во манастирот болно дете или било каков болен, преподобниот Теодосиј наредувал блажениот да чита молитва пред болниот. Дамјан со смиреност и кротка покорност, сметајќи се за недостоен на дарот за исцелување, читаше молитви над болните, ги помазуваше со свет елеј, и со благодатта Божја сите добиваа исцеление и си заминуваа здрави.
Така богоугодно поживеа во монашките подвизи многу години и се најде достоен за вечниот живот. На крајот од овој живот се разболе и на дофат на смртта започна со солзи да Го моли Бога, говорејќи:
- Господе мој, Исусе Христе, удостој ме да бидам заедничар со славата на светиите Твои и со нив да добијам удел во Царството Твое. Ти се молам, Владико, не разделувај ме од мојот отец и наставник Теодосиј, туку заедно со него насели ме во светлината Своја, подготвена за праведниците.
Додека така се молеше, одненадеж крај одарот застана неговиот Ангел во облик на преподобниот Теодосиј, се наведна над него, со љубов го целиваше и му рече:
- Чедо, Господ, на Кого Му се молиш, ме испрати да те известам дека молбата ќе ти биде исполнета. Ќе бидеш вброен во светиите Негови, и со нив ќе се населиш во Царството на Небесниот Владика. А кога Господ Бог ќе ти нареди да се претставиш од овој свет и преминеш кај Него, тогаш нема да се разделуваме и ќе бидеме заедно во оној свет.
Откако го рече тоа, Ангелот стана невидлив. Блажениот Дамјан сфати дека ова беше јавување од Бога, бидејќи не виде оној што му зборуваше да влезе или излезе низ вратата, туку на истото место каде што се појави стана и невидлив. Затоа веднаш го повика послушникот и го испрати да го замоли преподобниот Теодосиј да дојде кај него. Светителот веднаш дојде а Дамјан со радосно лице го праша:
- Оче, навистина ли ќе биде како што ти ми вети во видението?
Преподобниот Теодосиј не знаеше ништо за тоа и одговори:
- Не знам, чедо, што сум ти ветил.
Тогаш блажениот Дамјан му раскажа сѐ. Тој Му заблагодари на Бога и расплакан рече:
- Чедо, ќе биде онака како што ти е ветено. А јас, грешниот, како можам да ветувам слава, која е подготвена за праведниците?
Блажениот Дамјан тогаш се исполни со радост и надеж. Ги целиваше браќата насобрани кај него и со мир ја предаде својата душа во рацете Господови. Кога Ангелите дојдоа по неа му заблеска лицето, покажувајќи го радосното разделување на душата од телото. Тогаш преподобниот Теодосиј нареди да удри клепалото за да се соберат сите браќа, та со пеење и голема чест го погребаа во пештера чесното тело на Христовиот угодник, во чест на Славениот во Троица Бог.
По молитвите на блажениот исцелител Дамјан, Господ да нѐ удостои и нас, во бесконечните векови да бидеме учесници во Царството Негово, каде што нема страдање. Амин.
ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЕРЕМИЈА ПЕЧЕРСКИ
И светата Руска земја е почестена со пророк Еремија, но не стариот. Овде ќе зборуваме за новиот Еремија, кој доживеа длабока старост. Тој се сеќавал дури и на покрстувањето на Руската земја, во времето на благоверниот кнез Владимир, зашто тогаш и самиот беше просветен со светото крштение. Многу години подоцна дојде во светиот Печерски манастир кај преподобните Антониј и Теодосиј, се замонаши и богоугодно се подвизуваше. За својата преголема доблест доби од Бога дар да гледа во иднината и да ги чита помислите на луѓето. И кога кај некого ќе видеше лоша помисла, насамо го изобличуваше и советуваше да се чува од тајното влијание на ѓаволот, особено ако некој брат беше намислил да го напушти манастирот. Штом кај некој брат ќе прозреше таква замисла, веднаш одеше кај него, ја изобличуваше неговата намера, го тешеше, го советуваше многу да трпи, јуначки да се бори со нашиот непријател и да не се колеба. Толку го крепеше братот со својата поука, што овој никогаш повеќе не помислуваше да го напушти манастирот. А кога на некого ќе му проречеше нешто добро или лошо, тоа секогаш и се исполнуваше.
Преподобниот Еремија поживеа така многу години, послужувајќи им на многумина со своето провидување, и се претстави во длабока старост. Го остави своето тело во пештерата и отиде кај древните пророци, со откриено лице да ги созерцава тајните на Бога Отца, Кому слава со Единородниот Негов Син и Единосушниот Дух, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ МАТЕЈ ПЕЧЕРСКИ
Блажениот Матеј Печерски беше не само по име сличен на првиот меѓу Евангелистите, туку, како што на евангелистот Матеј му беше дадено да ја види етиопската земја и да ги изобличува нејзините жители за неверието, така и овој блажен, монахувајќи во светиот Печерски манастир во времето на светите првоначалници на оваа обител, за своите преголеми подвизи доби од Бога дар јасно да ги гледа лицата на демоните, да ги изобличува нивните тајни сплетки и да ги открива, за огромна корист на сите.
Додека еднаш стоеше во црквата на своето место, овој блажен старец погледна во браќата кои стоеја на двете страни и пееја. Притоа го виде ѓаволот во облик на војник, како ги обиколува браќата, носејќи во скутот на својата облека лепливи цветови. Вадејќи со лоша намера цветче, тој го фрлаше по некого од браќата. Ако цветчето се залепеше за братот, тој остануваше уште кратко време во црквата, му дозволуваше на својот ум да ѝ се подаде на слабоста, па откако ќе измислеше некаква причина, излегуваше од црквата, одеше во својата ќелија и спиеше, без да се врати на богослужењето.
А ако цветчето не се залепеше за монахот, тој бодро стоеше до крај и потоа заминуваше во својата ќелија. Ова видение старецот им го раскажа на браќата и тие внимаваа да не излегуваат од црквата.
Блажениот старец имаше обичај по завршувањето на утрената, откако браќата ќе се разотидат по своите ќелии, последен да излегува од црквата. Еднаш излезе така и седна под црковното клепало малку да одмори, зашто ќелијата му беше далеку од црквата. Тогаш виде огромна толпа како приоѓа од манастирската капија и го здогледа ѓаволот како гордо седеше врз свиња и околу него мноштво демони кои го пратат. Старецот ги праша каде одат, а ѓаволот што седеше врз свињата одговори дека одат по Михаил Тоболкович. Старецот се осени со крсниот знак и се врати во ќелијата. На стемнување ја сфати смислата на видението и му рече на својот ученик:
- Оди и запрашај дали Михаил е во ќелијата.
Ученикот отиде и му рекоа дека Михаил по утрената отишол зад манастирската ограда. Тогаш старецот им го раскажа видението на игуменот и постарите браќа, па игуменот го повика Михаил, го распраша за сѐ, го поучи и го отпушти во неговата ќелија.
Прозорливиот отец Матеј со љубов ги поучуваше и останатите браќа, ги советуваше да седат во ќелиите, постојано сеќавајќи се на Бога и молејќи се за простување на своите гревови.
Во времето на преподобниот Матеј се претстави блажениот игумен Теодосиј. По него игумен беше Стефан, а по него Никон. За време на игуменството на Никон, блажениот Матеј имал вакво видение. Еднаш додека стоел на утрената ги кренал очите со желба да го види игуменот, блажениот Никон, и видел магаре кај стои на игуменското место. Тогаш сфатил дека игуменот не дошол на утрената. Старецот му го раскажа своето видение и тој извлече поука од тоа откровение и горко се каеше. Од тогаш неодложно ја извршуваше секоја манастирска работа и пред сите доаѓаше во црквата. Така поревносно иташе кон блаженството. Исто така и многу други виденија имаше овој блажен старец, и ги раскажуваше за корист на браќата.
Блажениот Матеј во длабока старост се упокои во Господа. Неговите чесни мошти почиваат негнилежни во Антониевата пештера со светите Отци, а самиот се моли за нас, стоејќи пред престолот Господов, да се избавиме од вражјите напади и да добиеме живот вечен во Христа Исуса, нашиот Господ, Кому слава со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЕВДОКИМ ВАТОПЕДСКИ
Во 1840 година, кога во Ватопед ја поправале костурницата, мајсторите пронашле мошти на човек во клекната положба и со икона на Пресвета Богородица во рацете на градите. Необично прекрасен мирис се разлеал од тие мошти. Без да знаат кој бил тој свет маж и каде живеел, монасите му го дале името Евдоким и неговите мошти ги пренеле во црквата, каде што се наоѓаат и денес. Од нив се случиле многу чудеса и исцеленија. На сребреното ковчеже и денес стојат изрезбани зборовите: „Ова ковчеже го изработи за чесната глава на свети Евдоким монахот Гаврил, кого овој светител го излекува од тешка болест“ .
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ КОЗМА
Беше игумен на манастирот на реката Сагарис, во Витинија. Се претставил во десетиот век. Имал страшно видение.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА НАША ХАРИТИНА
Преподобна Харитина беше од литовскиот кнежевски род. Во тешките времиња за Литва, таа се пресели во Новгород. Таму стапи во манастирот на светите првоврховни апостоли Петар и Павле, на Синичјата гора. Заради својот добродетелен живот беше избрана за игуманија на обителта. Оваа света богоугодничка се упокои во тринаесетиот век. Нејзините свети мошти почиваат во гробишната црква на Петропавловската обител.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА НАША МЕТОДИЈА, која се подвизувала на островот Кимол
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ГРИГОРИЈ ХАНДЗОЈСКИ
Беше настојател на грузиските манастири: Хандзојскиот и Шатберде. Се претставил во 991 година, во сто и втората година од својот живот.