19. Октомври   (6. Октомври)

ЖИТИЕТО И СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИ АПОСТОЛ ТОМА

Свети апостол Тома, наречен Близнак, беше од галилејскиот град Панеада. Кога нашиот Господ Исус Христос за време на Својот живот на земјата одеше по градовите и селата, ги учеше луѓето и ја исцелуваше секоја болест, тогаш Тома, откако ја слушна проповедта Негова и ги виде чудесата Негови, со сета своја душа се прилепи за Него, и одеше по Него, хранејќи се со слатките зборови Негови и гледањето на пресветото лице Негово, и се удостои Господ да го вброи во Дванаесетте Апостоли, со кои што го следеше сѐ до Неговото спасоносно страдање. А пак по Воскресението на Господа Христа, свети Тома со своето неверие силно ја зајакна верата во Црквата Христова. Кога останатите ученици му говореа: Го видовме Господа (Јн. 20, 25) - тој не сакаше да поверува додека лично не Го виде Христа и не ги допре раните Негови. И по осум дена од Воскресението, кога сите ученици беа заедно а и Тома со нив, Господ им се јави и му рече на Тома:  

„Испружи го прстот свој ваму и види ги рацете Мои. Испружи ја раката своја и стави ја во ребрата Мои, и не биди неверен туку верен“.

А Тома, откако Го виде Христа и ги допре животодавните ребра Негови, рече:

„Господ мој и Бог мој“ (Јн. 20, 26-28).

Овој настан со Тома на очигледен начин им ја потврдува на сите вистинитоста на Воскресението Господово: зашто Христос навистина воскресна и им се јави на учениците, не како привидение, и не во некое друго тело, туку во истото, во кое што и пострада заради нашето спасение.

По Вознесението на Господа Христа на небото и слегувањето на Светиот Дух, светите Апостоли фрлија коцка кој каде да појде да го проповеда словото Божјо. Свети Тома требаше да оди во Индија, за таму помрачените краеви со незнабоштвото да ги просвети, и да поучи во вистинската вера разни народи: Парќани и Миќани, Персијци, Гиркани, Бактри и Брахмани, и сите најоддалечени жители на Индија. Меѓутоа свети Тома многу тагуваше што треба да оди меѓу такви диви народи. И му се јави Господ во видение, и го крепеше, и му наредуваше да биде храбар и да не се плаши, и му вети дека и Самиот ќе биде со него. И наскоро Господ му го овозможи патувањето во тие земји, на следниот начин.

Индискиот цар Гундафор, сакајќи да си изгради исклучително убав дворец, го испрати својот довереник Аван во Палестина, таму да побара така спретен неимар, кој би бил способен и вешт да му изгради палати, какви што имаат римските цареви. Кога Аван бараше премудар неимар во Панеада, Тома се сретна со него и му се претстави како човек искусен во градежништвото. Аван се спогоди со него и тие со кораб тргнаа на пат, пловејќи по погоден ветар. А кога по пат стигнаа во еден град, слушнаа звук на труби и други музички инструменти: царот на тој град ја мажеше својата ќерка и беше испратил гласници по целиот град на свадбата да ги поканат и богатите и бедните, и робовите и странците. А ако некој не сака да дојде, ќе одговара пред царскиот суд. Аван и Тома, од страв да не го разгневат царот, отидоа во царскиот дворец на свадба. Кога сите седнаа и започнаа да се веселат, Апостолот седна на најпоследното место и нити нешто вкуси, нити се вклучи во веселбата, туку беше потопен во своите мисли. Сите гледаа во него како на странец и иноплеменик. Оние што седеа крај него го прашуваа зошто дошол кога ниту јаде, ниту пие, а тој одговори:

- Не дојдов овде за јадење и пиење, туку да ја исполнам царевата волја, зашто гласниците гласно објавуваа дека ќе одговара пред царскиот суд оној што нема да дојде.

Меѓу поканетите на свадбата беше и една жена Еврејка, која одлично свиреше на флејта, пеејќи му на секого по некоја пофалба. Кога го здогледа Тома, кој не земаше учество во веселбата туку често погледнуваше во небото, таа препозна дека е Евреин и, свирејќи пред него, започна да му пее на еврејски јазик: Еден е Богот Еврејски, кој ги створил небото и земјата. А Апостолот со задоволство го слушаше овој припев, и ја замоли неколку пати да ги повтори тие зборови. Но, еден од слугите, кој прислужуваше вино, кога виде дека Апостолот не е весел му удри шлаканица, говорејќи:

- Повикан си на свадба. Немој да бидеш тажен туку весел. Придружи им се на оние што пијат.

Апостолот му рече:

- Господ уште во овој живот нека ти возврати за ова. И раката што ме удри да видам како пес ја влече пред очите на многумина.

По кратко време овој слуга се упати кај кладенецот да наполни вода, за да го разблажи виното за гостите. Но, на кладенецот ненадејно го нападна лав, го закла, му ја испи крвта и замина. Тогаш се собраа кучиња и го растргнаа на парчиња. А еден црн пес му ја дофати десната рака, ја однесе на свадбената гозба и ја фрли пред сите. Од таа глетка сите се вознемирија и се прашуваа чија ли е. А жената што свиреше на флејта извика:

- Денес меѓу нас се случува нешто многу таинствено. Со нас овде е или Бог или некој пратеник Божји. Видов како слугата кој прислужува вино му удри шлаканица на еден човек, и чув како овој човек му рече на еврејски: „Раката која што ме удри да ја видам како ја влече пес пред очите на сите. А тоа и се случи, како што гледате сите“. По овие зборови сите се преплашија.

Откако заврши свадбената веселба, царот, кој беше известен за сѐ, го повика кај себе свети апостол Тома и му рече:

- Влези во дворецот и благослови ја мојата омажена ќерка.

Апостолот влезе, ги поучи младенците во целомудрие и чување на девството во чистота, се помоли за нив, ги благослови и замина. Малку потоа младоженците Го видоа на сон Исус, Кој им се јави во обличје на свети апостол Тома и со љубов ги прегрнуваше. Младоженецот мислеше дека апостол Тома е пред него и Му рече:

- Ти излезе пред сите. Како повторно се најде овде?

Господ одговори:

- Јас не сум Тома, туку братот негов. И сите кои се одрекле од светот и ме следат Мене како тој, не само што ќе бидат Мои браќа во идниот живот, туку ќе станат наследници на Царството Мое. Затоа, деца Мои, не заборавајте што ве посоветува Мојот брат, и ако го сочувате девството ќе се удостоите на несвенливи венци во Мојот небесен дворец.

Откако го рече тоа, Господ замина. А тие, штом се разбудија си раскажаа што виделе во сонот, па станаа и цела ноќ усрдно се молеа на Бога. Зборовите од сонот ги чуваа во срцата како скапоцени бисери.

Утредента царот дојде кај младоженците и ги затекна како седат далеку еден од друг. Збунет, тој ги праша зошто така седат, а тие му одговорија:

- Ние се молиме на Бога, да ни даде сила до смртта да ја сочуваме во бракот девственоста, за да се удостоиме да бидеме овенчани со несвенливи венци во дворецот небесен, како што ни вети Господ, Кој ни се јави.

Тогаш царот сфати дека за тоа ги посоветувал странецот, кој вчера беше во дворецот. Тоа многу го разбесни и веднаш испрати слуги да го фатат Апостолот, но не го најдоа, бидејќи Аван и Тома веќе беа отпловиле во Индија.

Во Индија апостол Тома и Аван излегоа пред царот Гундафор и Аван рече:

- Еве, господару, ти доведов од Палестина премудар неимар да ги изгради палатите, кои ќе бидат по волјата на твоето царско величество.

Царот се израдува, му го покажа на Тома местото каде што треба да се изградат палатите, му ги одреди размерите, му даде многу злато за градбата и отпатува во друг крај од царството. Откако го доби златото, свети апостол Тома започна да го раздава на просјаците и сиромашните, а самиот се трудеше во проповедањето на Евангелието, обрати многумина во верата Христова и ги крсти. Во тоа време момчето, кое на совет од свети Тома вети дека со сопругата ќе го чува девството, слушна дека Апостолот во Индија Го проповеда Христа и заедно со сопругата отиде кај него. Поучени од него во верата, тие примија свето крштение. На крштението сопругата го доби името Пелагија и подоцна ја проли својата крв за Христа. Момчето го доби името Дионисиј и подоцна се удостои на епископскиот чин. Откако со апостолски благослов се вратија во својата татковина, тие ја ширеа славата на името Божјо, обраќаа неверни кон Христа и градеа цркви по градовите.

По две години царот испрати кај Апостолот, за да дознае дали палатите брзо ќе бидат готови. Апостолот им одговори на пратениците дека уште кровот треба да се стави, и царот многу радосен си мислеше дека Тома навистина гради дворец на земјата и му испрати уште многу злато, со наредба што побрзо да го заврши великолепниот кров. А свети Тома, откако повторно го доби златото, ги крена рацете и очите кон небото и рече:

- Ти благодарам, човекољубив Господе, што на разни начини го уредуваш спасението на луѓето.

Добиеното злато свети Тома повторно го раздаде на потребитите, а самиот и понатаму го проповедаше словото Божјо.

По извесно време царот дозна дека Тома сѐ уште не ја ни започнал градбата и дека сето злато го раздал на бедните, а за градење и не размислува, туку оди по градовите и селата, проповеда некаков нов Бог и врши прекрасни чудеса. Поради тоа страотно се разлути и испрати да му го доведат, и го праша:

- Ги изгради ли палатите?

Тој му одговори:

- Изградив велелепни и прекрасни.

- Ајде тогаш да го видеме твојот дворец.

- Не можеш во овој живот да ги видиш тие палати. А кога ќе заминеш од овој живот, ти радосно ќе се вселиш во нив и вечно ќе живееш.

Царот си помисли дека Апостолот го исмева, многу се нажали и нареди заедно со Аван, кој го доведе, да ги фрлат во темница, каде би чмаеле додека со страшна смрт не ги казни. Тој имаше намера живи да им ја одере кожата, па потоа да ги спали во оган.

Додека седеа во темницата, Аван го прекоруваше Тома, говорејќи:

- Ти нѐ измами и мене и царот, кога се претстави како многу искусен неимар. Го упропасти царевото злато и го погуби мојот живот. Затоа сега страдам и ќе умрам со страшна смрт. Царот е лош и ќе нѐ убие и двајцата.

А Апостолот го тешеше:

- Не плаши се, сѐ уште не е време да умреме. Ќе бидеме живи и слободни. И царот ќе нѐ почитува заради палатата што му ја изградив во Царството Небесно.

Истата ноќ се разболе царевиот брат и му испрати ваква порака на царот:

- Заради маката што те снашла и мене ме спопадна тага. Од тоа се разболев и еве ме, умирам.

И навистина царевиот брат веднаш потоа умре. Од оваа нова жалост царот заборави на својата прва мака и започна неутешно да тажи за смртта на својот брат. А пак душата на починатиот, Ангел Божји ја зеде и ја однесе во небесните живеалишта, и посетувајќи ги тамошните населби и покажуваше многу чудесни и велелепни палати, меѓу кои една беше толку исклучително чудесна и исклучително велелепна, што не може да се опише нејзината убавина. Ангелот ја праша душата:

- Во која од овие палати би сакала да живееш?

А душата, гледајќи во онаа најубава палата, рече:

- Ако ми дозволите, само во едно ќоше на онаа палата да живеам, јас ништо повеќе не би барала.

Ангелот ѝ одговори:

- Не можеш да живееш во оваа палата. Таа ѝ припаѓа на твојот брат. Му ја изгради странецот Тома, со златото што тој му го даде.

Душата му рече:

- Те молам, господине, пушти ме до брат ми и јас ќе ја купам од него, зашто тој се уште не ја знае нејзината убавина, па откако ќе ја купам, повторно ќе се вратам.

Тогаш Ангелот ја врати душата во телото, и покојникот веднаш оживе. Како да се разбуди од сон, тој ги праша присутните за братот и молеше царот да дојде кај него. Царот многу радосно дотрча, а воскреснатиот започна да му зборува:

- Сигурно знам, царе, дека многу ме сакаш и си плачел за мене, и кога би било возможно да ме откупиш од смртта, ти би го дал и половината царство.

Царот рече:

- Да, навистина е така.

Братот продолжи:

- Ако толку ме сакаш, тогаш молам од тебе еден подарок, но не сакам да ме одбиеш.

Царот одговори:

- Сѐ што е под моја власт во мојата држава, ќе ти го поклонам тебе, мили брате. И тоа го потврди со заклетва. Тогаш воскреснатиот брат рече:

- Дај ми ја твојата палата што ја имаш на небесата, а во замена за неа земи го сето мое богатство.

Од овие зборови царот се збуни и безгласно молчеше. Потоа рече:

- Од каде јас имам палата на небесата?

Братот одговори:

- Навистина постои на небесата палата што ти не ја знаеш, и каква што не си видел во целото поднебесје. Ти ја изгради Тома, кого што го држиш во темница. Јас ја видов и се восхитував на нејзината убавина, и молев да се населам во едно нејзино ќоше, но тоа не ми беше дадено. Ангелот, кој ме водеше, рече: „Не можеш да живееш овде. Оваа палата е на твојот брат. Му ја изгради странецот Тома“. Тогаш го замолив Ангелот да ме пушти до тебе, за да ја купам палатата од тебе. Затоа, ако ме сакаш дај ми ја, а во замена земи го сиот мој имот.

Тогаш царот двојно се израдува: и на враќањето на брата си и на палатата што му е изградена на небесата. И му рече царот на својот воскреснат брат:

- Мили брате, јас се заколнав дека ништо нема да ти одречам од она што е во моја власт на земјата, но палатата на небото не ти ја ветив. Но, ако сакаш, ние имаме неимар, кој може и за тебе да изгради иста таква палата.

И царот веднаш испрати во темницата да му ги доведат свети Тома со Аван, кој го доведе. Кога наидоа царот поита кон Апостолот, падна пред неговите нозе и го молеше да му го прости гревот, сторен од незнаење. Апостолот Му заблагодари на Бога и започна и двата брата да ги поучува во верата Христова, Трогнати до дното на душата, тие со љубов ги примаа неговите зборови и набрзо потоа светиот Апостол ги крсти и поучи. Така тие со обилната милостиња си изградија вечни живеалишта на небесата. Апостолот помина некое време со нив, ги зацврсти во Светата Вера и тргна низ блиските градови и села, работејќи на спасението на човечките души.

Кога апостол Тома го проповедаше Евангелието просветувајќи ја Индиската земја, се случи чесното преставување на Божјата Мајка и сите Апостоли од разни страни беа земени на облаци и пренесени во Гетсиманија, кај одарот на Преблагословената Дева. Тогаш и свети апостол Тома беше земен од Индија, но не стигна на самиот ден на погребот на Богопрославеното тело на Пречиста Богородица. Се случи така по Божја волја, за на верните да им се даде најубедлив доказ дека Мајката Божја со телото е земена на небото. Како што и во Воскресението Христово ние подобро се уверивме со Томиното неверие, така и за земањето со тело на небото на Пречиста Дева Марија Богородица, ние со сигурност дознавме преку Томиното задоцнување. Апостолот стигна дури во третиот ден по погребот, и тагуваше што не стигна на самиот ден на погребението, за со останатите Апостоли да го придружува светото тело на Мајката на Својот Господ до Нејзиниот гроб. Тогаш светите Апостоли се договорија заради свети Тома да го отворат гробот на Пресвета Богородица, за и тој да го види Нејзиното сечесно тело, да му се поклони и да се утеши во својата тага. Меѓутоа, кога го отворија гробот, тие не го најдоа телото туку само една плаштаница. И оттука на сите им стана јасно дека Мајката Божја, исто како Својот Син, во третиот ден воскреснала и со телото била однесена на небото.

Потоа свети апостол Тома повторно се најде во Индија и Го проповедаше Христа. Многумина приведуваше кон верата со знаменија и чудеса. Кога дојде во Мелиапор, многумина просвети таму и ги зацврсти во Светата Вера, со следново чудо. На едно место лежеше едно огромно дрво, кое не само многу луѓе, туку ни слонови не можеа да го подместат. А апостол Тома со својот појас го одвлече тоа дрво на далечина од два километри и го даде за градба на храм Господов. Кога го видоа тоа верните, зајакнаа во верата а многу неверни поверуваа. Светиот Апостол изврши таму и друго чудо, поголемо од првото. Еден идолски жрец го уби својот син и за тоа го обвини свети Тома, говорејќи:

- Тома го уби мојот син.

И меѓу луѓето настана паника, се собра многу народ, толпата го дофати свети Тома како убиец и бараше да биде осуден на мачење. И бидејќи не се најде никој да посведочи дека не е виновен, Апостолот започна да ги моли судијата и народот, говорејќи:

- Пуштете ме, и јас во името на Бога ќе го прашам убиениот, самиот да каже кој го убил.

И сите заедно со Апостолот отидоа кај телото на убиениот жречев син. Тома ги крена очите кон небото, се помоли на Бога, па му рече на мртовецот:

- Во името на мојот Господ Исус Христос, ти наредувам момче, кажи ни кој те уби?

И веднаш мртовецот проговори:

- Мојот татко ме уби.

Тогаш сите извикаа:

- Голем е Богот, Кого Тома Го проповеда.

Апостолот беше ослободен а жрецот самиот падна во јамата што ја беше ископал за него. Од ова чудо многу народ се обрати кон Бога и се крсти.

Потоа апостол Тома отпатува во далечните Каламидски краеви, каде што владееше царот Муздиј. И таму проповедајќи, обрати кон верата една жена, на име Синдикија, на која што ѝ беше братучетка Мигдонија, жената на царевиот пријател. Синдикија ја посоветува Мигдонија да поверува во единствениот Бог, Творецот на целата вселена, Кого апостол Тома Го проповеда. А таа рече:

- Би сакала да го видам тој човек и од него да го слушнам учењето за вистинскиот Бог.

Таа ѝ одговори:

- Ако сакаш да го видиш апостолот Божји, промени ја својата облека, облечи се во искината, како проста и бедна жена, за да не бидеш препозната, па ајде со мене.

Така тргнаа и го најдоа Апостолот како Го проповеда Христа среде огромен собир на прости и бедни луѓе. Тие застанаа меѓу народот и го слушаа учењето Томино. А тој многу зборуваше за Христа Господа, поучуваше за верата во Него, зборуваше за смртта и судот, за пеколот и за Царството Небесно. Трогната од слушнатото, Мигдонија поверува во Христа. А кога се врати дома, таа постојано размислуваше за неговите зборови. И разговарајќи со својата внука за Христа, во неа сѐ повеќе се разгоруваше љубовта кон Него. Од тогаш започна да се гнаси од неверните како непријатели Божји, го одбегнуваше секој разговор со нив и сите гоштевки, и се странеше од сите светски задоволства. Исто така таа одлучи и со својот маж да ги прекине брачните врски. Тоа многу го нажали сопругот, и кога не успеа да ја натера да ја промени својата одлука, го замоли царот Муздиј неговата жена Тертијана, која беше родена сестра на Мигдонија, да ја предомисли. Царицата отиде кај сестра си и ја праша зошто не му се покорува на својот маж. А таа ѝ одговори:

- Затоа што е незнабожец и непријател Божји а јас сум слугинка на единствениот вистински Бог Исус Христос. Не сакам да бидам осквернета од неверен и нечист човек.

Тертијана изрази желба да дознае кој е Исус Христос, Кого Мигдонија Го нарекува вистински Бог. Тогаш таа ѝ ја изложи проповедта на свети апостол Тома, трудејќи се да ја убеди да ја прими вистинската вера. Но Тертијана, сакајќи што повеќе и поточно да дознае за Христа, и што потемелно да се поучи во верата во Него, посака да го види самиот Апостол и да ја чуе неговата проповед. Затоа со Мигдонија тајно испратија по Апостолот, и кога дојде го молеа да ги упати на патот на вистината. Тој ги просвети, ги крсти, ги научи да ги исполнуваат заповедите Божји и сите добродетели. Тертијана и Мигдонија се договорија да Му служат на Господа во чистота и да ги прекинат телесните сопружнички врски, бидејќи нивните мажи се незнабошци. А Апостолот со силата Божја вршеше таму многу чудеса и ја исцелуваше секоја болест. И многумина, не само од простиот народ, туку и од царските дворјани, додека ги гледаа знаменијата што се случуваа од Апостолот и го слушаа неговото учење, се обратија кон Христа. Еден од царските синови, на име Азан, поверува и го прими светото крштение од Апостолот, зашто Самиот Господ дејствуваше преку апостолската проповед, ја множеше Црквата Своја и ја ширеше славата на името Свое.

Царицата Тертијана, откако се врати дома живееше во пост и молитва и одбиваше телесна врска со својот сопруг. Зачуден од таквата промена кај неа, царот му рече на својот пријател Каризиј:

- Сакајќи да ти ја вратам твојата жена, јас ја изгубив и својата. И мојата уште полошо се однесува со мене, отколку твојата со тебе.

И тие многу внимателно истражуваа што е причината за таквата промена кај нивните жени и пронајдоа дека некој странец дојденец, на име Тома, ги поучил во верата Христова и ги одвратил од телесните брачни врски. Кога дознаа дека преку неговата проповед поверувал во Христа и царевиот син Азан, и многумина од царските дворјани и властелините, и безброј многу од простиот народ, многу се разлутија, па го фатија апостол Тома и го фрлија во темница.

Потоа Апостолот беше изведен пред царот на суд. Царот го праша дали е роб или слободен, а Тома му одговори:

- Роб сум на Оној над Кого ти немаш власт.

Царот на тоа рече:

- Гледам дека си побегнал од својот господар и си дошол во оваа земја да ги расипуваш луѓето и да ги буниш нашите жени. Кажи ни, кој е твојот господар?

Апостолот одговори:

- Мој господар е Господ на небото и земјата, Бог и Творец на секоја твар. Бог ме испрати да го проповедам светото име Негово и да ги обраќам луѓето од заблудата.

- Остави ги, лажливецу, твоите лукави зборови и слушни ја мојата наредба. Како што со својата препреденост ги тргна нашите жени од нас, така повторно врати ги. Ако не го сториш тоа, ќе те предадеме на страшна смрт.

Апостолот одговори:

- Не им доликува на слугинките Христови да одржуваат телесни сопружнички врски со беззакони мажи, ниту е праведно верното да се осквернува од зловерните и неверни.

На тие зборови царот нареди да се донесат вжештени железни штици и на нив да се постави Апостолот бос. Кога беше сторено тоа, одеднаш се појави вода под штиците и ги олади. Потоа свети Тома беше фрлен во вжештена печка, но утредента излезе од неа неповреден. Потоа Каризиј му даде на царот ваков предлог:

- Присили го да се поклони и да му принесе жртва на богот сонце, за со тоа да го разгневи својот Бог, Кој го чува неповреден во мачењето.

Кога Апостолот беше приведен кај идолот сонце, тој веднаш се растопи како восок. Верните ликуваа за таквата сила на небесниот Бог, а многу неверни се обратија кон Господа. Идолските жреци роптаа против Тома, а самиот цар, многу навреден, размислуваше како да го погуби, но се плашеше од народот, од слугите и од велможите кои поверуваа во Христа.

Царот го поведе Тома со своите војници и излезе од градот, при што сите помислија дека сака да види уште некое чудо. Но, откако изминаа еден километар, царот го предаде Тома на петмина војници, со заповед да го одведат во планината и таму да го избодат со копја, а самиот отиде во градот Аксиум. А пак царевиот син Азан, и еден човек на име Сифор, побрзаа по Апостолот и кога го стигнаа плачеа по него. Апостолот измоли од војниците дозвола да се помоли, па ги ракоположи Сифор за свештеник а Азан за ѓакон, и им заповедаше да се грижат за верните и да се трудат околу распространувањето на Црквата Христова. Потоа војниците го прободеа Апостолот со пет копја. Така се упокои. Сафир и Азан многу плачеа над него и чесно го погребаа неговото свето тело. По погребот седнаа кај гробот и тагуваа. И ете, светиот Апостол им се јави и им нареди да појдат во градот и да ги утврдуваат браќата во верата. Тие постапија според наредбата на својот учител, и помагани со неговите молитви успешно управуваа со Црквата Христова. Царот Муздиј и Каризиј долго ги мачеа своите жени, но не успеаја да ги натераат да ја исполнат нивната желба, па ги оставија да живеат слободно. Откако се ослободија од тежината на сопружничкиот јарем, тие живееја во големо воздржание и молитви, служејќи Му деноноќно на Господа, и со своето доблесно живеење ѝ принесуваа голема корист на Црквата.

По неколку години еден од синовите на царот Муздиј стана бесомачен и никој не можеше да го исцели, бидејќи во него имаше многу опак бес. Царот необично се нажали заради болеста на својот син, и намисли да го отвори гробот на светиот Апостол, да земе една коска од моштите негови, да ја закачи на вратот на сина си и така да го исцели од бесомачноста, зашто беше слушнал дека свети Тома за време на својот живот на земјата истерувал многу бесови од луѓето. Кога сакаше да го стори тоа, му се јави во видение свети Тома и му рече:

- Ти на живиот не му веруваше, а сега од мртвиот ли бараш помош? Но, немој да останеш во своето неверие, туку поверувај и мојот Господ Исус Христос ќе биде милосрден кон тебе.

Ова видение уште повеќе ја засили во царот желбата да го отвори гробот на Апостолот. Тој отиде, го отвори гробот, но не ги најде во него моштите на светиот Апостол, зашто еден христијанин тајно ги беше зел и однел во Месопотамија и таму ги положил на чесно место. Тогаш царот зеде грутка земја од тоа место, ја врза за вратот на својот син и говореше:

- Господи Исусе Христе, по молитвите на Твојот апостол Тома, исцели го мојот син и јас ќе поверувам во Тебе.

Во тој момент излезе бесот од царевиот син и тој оздраве. Царот Муздиј поверува во Христа и со сите свои велможи беше крстен од свештеникот Сифор. И настана голема радост меѓу верните, зашто идолите беа сокршени, храмовите нивни срушени и на нивните места цркви Христови изградени. Словото Божјо растеше и Светата Вера се умножуваше. А царот, откако го прими светото крштение, се каеше за своите поранешни гревови и од сите бараше прошка и молитви. Презвитерот Сифор на сите верни им говореше:

- Молете се за царот Муздиј, од нашиот Господ Исус Христос да добие милост и отпуштање на гревовите.

И сета Црква се молеше за царот.

А на местото каде што беше погребано телото на свети апостол Тома, по неговите молитви се случуваа многу чудеса, во слава на нашиот Бог Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух и од нас чест и поклонение за навек. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ КЕНДЕЈ, подвижникот Кипарски

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ЕРОТИДА

Оваа света маченица се упокоила во оган.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК МАКАРИЈ

Роден е во местото Киона во Витинија, од христијанските родители Петар и Антуса, и крстен со името Мануил. Родителите го дадоа да го учи кројачкиот занает и во меѓувреме татко му се потурчи и се пресели во Брус. Кога еднаш Мануил дојде по работа во Брус, татко му го најде и насилно сакаше да го потурчи. Залудно тој се бранеше и даваше отпор, турците насилно го обрезаа. Тогаш тој побегна во Света Гора, се замонаши во скитот на Света Ана и се нарече Макариј. Беше одличен монах дванаесет години, но никако не можеше да најде душевен мир. „Кој ќе се одрече од Мене пред луѓето и Јас ќе се одречам од него пред Отецот Свој“ (Матеј 10, 38), - тие Христови зборови постојано зуеле во ушите на Макариј. Затоа тој реши, и со благослов на неговиот старец отиде во Брус и јавно пред турците ја исповедаше својата вера во Христа, нарекувајќи го Мухамед лажен пророк. По камшикувањето во текот на 130 дена, и други потешки мачења, беше посечен со меч во Брус, на 6 октомври 1590 година. Еден дел од неговите чудотворни мошти се чуваат во скитот на Света Ана на Атон.