20. Октомври   (7. Октомври)

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ СЕРГИЈ и ВАКХ

Светите маченици Сергиј и Вакх, по потекло Римјани, беа великодостојници и први меѓу големците на дворецот на царот Максимијан. Царот многу ги сакаше и почитуваше заради нивната мудрост во советите, храброста во војните и верноста во службите. И ретко кој можел да се обрати кај царот со некаква молба, освен преку овие двајца најверни советници. Му беа омилени на царот како никој друг. Сепак, тие бараа повеќе милост од Небесниот Цар, отколку од земниот. Веруваа во нашиот Господ Исус Христос, ревносно се трудеа да Му угодат со својот свет живот и усрдно Му служеа. Но, од страв од царот, тие некое време ја криеја својата вера во Христа, зашто тој се однесуваше спрема христијаните со неизмерна омраза и нескротлива јарост. Сепак светлината на верата Христова не остана долго скриена, и на царот му беше доставено дека се христијани и одбиваат да им се поклонат на боговите. Максимијан не сакаше да поверува во тоа и се срамеше да ги праша или прекори, но сепак одлучи да дознае на следниот начин.

Еден ден приреди празник во чест на своите богови, и со сите свои кнезови и големци со војниците и слугите, и со сета царска свита, се упати во храмот на врховниот бог Зевс да принесе жртви. Притоа внимателно набљудуваше со него да влезат во храмот и неговите сакани велможи Сергиј и Вакх. Но, тие одбија, застанаа подалеку и Му се молеа на вистинскиот Бог да го просвети незнабожечкиот народ и да го прослави во нив Своето пресвето име. Кога виде дека не влегуваат, царот нареди насилно да ги внесат, да им се поклонат на идолите, да принесат жртви и да вкусат од нив. Тие одбија, велејќи:

- Ние го имаме Богот на небото, Богот вистински и жив, Кој сиот свет го држи во Своја власт. Нему Му се поклонуваме.

И започнаа да го изобличуваат царот што честа што Му доликува на Бога ја оддава на слепи, глуви и неми идоли, па и другите ги тера на тоа.

Разлутениот цар веднаш нареди да ги симнат од нив симболите на високите чинови: војничките појаси, златните нараквици, прстените и сета облека, и за да ги посрамат да ги облечат во женски кошули и на вратовите да им стават железни обрачи. Ги водеа така низ градот, за да бидат исмеани и понижени од целиот народ заради почитувањето на вистинскиот Бог и навредите на незнабожечките богови.

Кога се врати во своите палати, Максимијан се сожали на Сергиј и Вакх, бидејќи многу ги сакаше, ги повика и им рече:

- Мили мои, зошто ги гневите големите богови и ме жалостите, иако сум ви многу наклонет? Иако многу ве сакам, не можам да го поднесам исмевањето на моите богови и ќе морам да ве подложам на мачење. Затоа ве молам, оставете го тој Син на дрводелец, Распнат на крст како злосторник. Не занесувајте се со христијанските басни и магии, обратете се кон нашите големи богови и јас ќе ве опсипам со големи почести. Ќе ја уживате мојата љубов и сета привилегија на моето царство.

Но, Сергиј и Вакх не сакаа заради царевата љубов да отпаднат од Божјата и заради привремените богатства да се лишат од вечните, и спротивно му зборуваа. Исполнети со благодатта на Светиот Дух, тие бестрашно и убедливо ја обелоденуваа немоќта на лажните богови, ја исповедаа силата и Божеството на Исуса Христа и го советуваа царот да ја познае вистината. Но, неговото закоравено срце уште повеќе се разгневи. За да не ги мачи лично, ги испрати на Исток кај игемонот Антиох, кој исто така беше свиреп мачител на христијаните. Тој беше поставен од царот за игемон со посредство на Сергиј и Вакх и потоа испратен на Исток. Токму кај него беа испратени овие двајца свети исповедници. Царот ги испрати таму за да се исплашат од Антиоховата свирепост, за која се раскажуваше по целото царство и да се одречат од Христа. А ако не се одречат барем да не бидат мачени и погубени пред неговите очи, туку некаде далеку.

Така светите исповедници во окови ги поведоа од Рим. По целодневно патување војниците свратија во една гостилница да преноќат, и додека тие цврсто спиеја, Сергиј и Вакх застанаа на молитва, Бог да им помогне јуначки да ги поднесат престојните маки за светото име Негово. Притоа им се јави ангел Господен, ги осветли со небесна светлина и ги крепеше, говорејќи:

- Бидете храбри и борете се против ѓаволот, кого наскоро ќе го победите, и ќе добиете победнички венци од Христа Господа, Кој нема да отстапи од вас при страдањата, туку ќе ви помага.

Откако ги поткрепи, Ангелот стана невидлив, а тие се исполнија со неискажлива радост и Му благодареа на Бога.

За време на своето долго патување на далечниот Исток, светите маченици го минуваа времето во пост, молитви и псалми, вооружувајќи се со духовно оружје. Откако изминаа многу градови и земји, стигнаа во Источните покраини, во градот Варвалисо, каде во тоа време престојуваше Антиох. Војниците му ги предадоа Сергиј и Вакх со царевата грамота, со ваква содржина:

„Максимијан, вечниот цар, до Антиох, игемонот на Источните покраини. Радувај се! Нашите богови не дозволуваат никому, а особено на поборниците и слугите на нашето царство, да бидат непобожни и да не учествуваат во принесувањето на жртви. Од таа причина ние ги осудивме Сергиј и Вакх, следбениците на безбожната христијанска вера, со мислење дека заслужуваат смртна казна. Бидејќи се недостојни да ги измачува самиот цар, ги испраќаме кај твојата добрина. Но, ако се покајат и им принесат жртви на боговите, удостој ги на својата снисходливост и ослободи ги од маките. Притоа вети им ја и нашата милост, бидејќи и едниот и другиот ќе бидат вратени на својата поранешна функција и ќе бидат опсипани со нашата благонаклонетост, повеќе од порано. А ако не се покорат, подложи ги на заслужените мачења и погуби ги со меч. Со надеж на долг живот, биди здрав“.

Откако го прочита писмото, Антиох нареди да ги чуваат под стража до утредента, кога откако влегоа во преторот ги изведе пред себе и започна да им зборува:

- Татковци и добротвори мои! Јас по ваша заслуга ја уживам оваа слава. Колку се изменила вашата состојба. Сега јас седам како судија, а вие како оковани затвореници стоите пред мене. Вие, пред кои јас некогаш стоев како слуга. Затоа ве молам, не нанесувајте си зло, послушајте го царот, принесете им жртви на боговите, па ќе ги добиете своите поранешни функции и слава. Ако одбиете ќе морам да ве мачам според царската наредба. Затоа бидете милосрдни и кон себе и кон мене. Не сакам да бидам свиреп мачител на моите добротвори.

Светителите одговорија:

- Залудно се трудиш да нѐ прелестиш. За нас Христос е Живот, а смртта за Него добивка.

Свети Сергиј и Вакх долго зборуваа во слава Христова, ги навредуваа идолите и го изобличуваа безбожието. Антиох се разгневи и нареди свети Сергиј да го фрлат во темница а Вакх да го соблечат, да го положат на земјата и безмилосно да го тепаат, Го тепаа сѐ додека слугите не се изморија, па се менуваа така што сето месо му отпадна од коските, и утробата му испадна, и крвта му течеше како вода. Во таквите маки ја предаде својата света душа во рацете Господови. Антиох нареди телото да го извлечат далеку од градот и да го фрлат на ѕверовите. Сепак, Господ ги сочува неговите коски. Некои христијани, сокриени по пештерите и провалиите, ноќе го зедоа светото тело и чесно го погребаа во една од тие пештери. Кога свети Сергиј слушна дека Вакх се упокоил, многу плачеше по него, говорејќи:

- Тешко мене, брате мој, сега не можеме заедно да пееме: „Колку е убаво и прекрасно кога браќата живеат заедно!“ (Пс. 132,1). Ти ме остави сам.

Додека така тагуваше, наредната ноќ му се јави свети Вакх во небесна светлина со ангелско лице, во блескава војничка облека, и го утеши јавувајќи му дека на небото им е подготвена награда, при што го поткрепи на претстојниот маченички подвиг. Ова јавување многу го израдува и тој со весело срце Му пееше на Бога. Набрзо потоа игемонот намисли да оди во друг град, викан Сура, и нареди со него да го поведат и Сергиј. Кога стигнаа го изведе пред себе и започна да му зборува:

- Безбожниот Вакх не сакаше да им принесе жртви на боговите и затоа доби казна според делата свои. А ти, зошто се фрлаш себеси во голема несреќа со таа безбожна измама? Добротвору мој, не предавај се самиот на мачење. Се срамам од добрата што си ми ги сторил, се срамам и од твојата чесност; стоиш пред мене како осуден, а јас ти судам; јас, некогашниот ништовен човек, кој со твоето посредство кај царот се удостоив на овој голем чин и сега сум над тебе; а ти, кој на толку многу луѓе си им издејствувал кај царот безброј добра, сега самиот си бараш зло. Затоа, те молам, покори ѝ се на царската наредба, принеси им жртва на боговите и ќе бидеш вратен на својата поранешна функција и удостоен на поранешната слава.

Свети Сергиј одговори:

- Привремените чест и слава се ништовни. За привременото бесчестење се добива вечна слава. Се надевам дека од мојот Христос ќе бидам удостоен на вистинската и вечна чест во небесната слава. Го спомнуваш доброто што сум ти го сторил, што сум ти го издејствувал кај земниот цар овој голем чин; а сега ти велам: послушај ме, откажи се од своите лажни богови, заедно со мене поклони Му се на Небесниот Бог и Цар на вековите, а јас ти ветувам дека кај Него ќе ти издејствувам уште поголеми богатства отколку кај Максимијан.

Антиох виде дека не може да го одврати од Христа и му рече:

- Ме тераш да те подложам на страшни мачења.

Сергиј одговори:

- Прави што сакаш. Мене ми помага Христос, Кој рекол: „Не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат“ (Матеј 10, 28). Ете, сега ти имаш власт над моето тело, но над душата немаш ни ти, ни твојот татко сатаната.

Антиох се разгневи и рече:

- Гледам дека мојата долготрпеливост те прави дрзок.

И нареди да му обујат железни опинци, начичкани со долги и остри клинци, кои му ги пробија стапалата. И заповедаше така обуен да го бркаат пред неговата кочија, зашто беше тргнал во градот Тетрапиргија, а оттаму требало да оди во градот Росаф. Светиот маченик трчаше пред кочијата и пееше:

„Долго Го чекав Господа, и Он се наклони над мене и ја услиша молитвата моја, и ме извади од јамата на страстите, и ги постави на камен нозете мои, и ги зацврсти стапките мои“ (Пс. 39, 2-3). Во Тетрапиргија, кој беше оддалечен дваесет километри од Сур, маченикот го поведоа кон темницата, а тој пееше:

„Оние што некогаш го јадеа мојот леб, се кренаа против мене и со уздите на страшните маки, ставија стапица на нозете мои. Но, Ти, Господи, побрзај ми на помош и спречи ги, и избави ја од безбожниците душата моја“ (сп. Пс. 40, 10).

Таа ноќ, додека маченикот се молеше во темницата, Ангел Господов дојде кај него и му ги исцели нозете. Утредента Антиох нареди да го изведат, мислејќи дека од болки не ќе може да оди. И кога го виде потполно здрав се запрепасти и рече:

- Навистина овој човек е маѓепсник! Невозможно е после толку маки да оди нормално. А тој, еве оди како никогаш да не му страдале нозете. Овде се работи за некоја волшебна сила.

Потоа нареди повторно да му ги обујат оние исти опинци и така да го водат пред него сѐ до Росаф, а од Сур до Росаф има седумдесет стадии. И таму го изведе пред себе и започна да го приморува да им се поклони на идолите, и бидејќи не успеа да го одврати од Христовата вера, го осуди на смрт. Кога го изведоа надвор од градот на губилиштето, тој измоли време за молитва и додека се молеше слушна глас од небото, кој го повикуваше во севишните населби. Радосно ја наведна својата глава под мечот и се упокои. Неговото тело христијаните го погребаа на истото место.

По извесно време христијаните од градот Сур се договорија тајно да го земат неговото свето тело и да го пренесат во својот град. Кога ноќе се приближија до гробот, од него пламна оган како столб, кој досегнуваше до небото. Некои војници го видоа тој огнен столб, кој го осветлуваше целиот град, побрзаа на местото и ги затекнаа граѓаните преплашени од појавата, која постепено исчезна. Од тоа граѓаните сфатија дека светиот маченик не сака да го остави местото каде ја пролил својата крв и ја положил својата душа за Христа. Затоа таму изградија прекрасна висока камена гробница. А кога Светата Вера се рашири, во градот Росаф беше изградена црква во име на светиот маченик Сергиј. Се собраа петнаесет епископи од околните градови, свечено ги пренесоа во новоизградената црква нетлените и благомирисни мошти на светиот маченик, и одредија неговиот спомен да се празнува во денот во кој пострада, седми октомври. И на двете места, и во црквата и онаму каде што се упокои, многу болни и бесомачни добиваа исцеленија.

Вреди да се спомене и тоа дека секоја година на празникот на светиот маченик дивите ѕверови како да исполнуваат некој закон, излегуваат од околните пустини и се собираат на местото каде што најпрвин беше погребан. Притоа стануваат кротки како јагниња, не напаѓаат ни луѓе ни добиток, туку кротко го обиколуваат светото место и се враќаат во пустините. Така Бог го прославуваше Својот угодник. И ѕверовите ги поттикнуваше да го празнуваат светиот спомен на маченикот како луѓето. По неговите молитви преблагиот Бог да ја скроти јароста на нашите непријатели, како некогаш јароста на дивите ѕверови, во слава Своја за навек. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЈУЛИЈАН и КЕСАРИЈ

Во времето на римскиот кесар Клаудиј, кој и својата мајка ја уби затоа што беше христијанка, и оттогаш никакво сожалување и милост немаше за христијаните, од Африка во градот Таракин дојде блажениот ѓакон Кесариј. Кога виде дека луѓето им принесуваат жртви на идолите, тој ги исплука и сокрши. Затоа го фрлија во темница, во која остана три дена без храна. Потоа му ги врзаа рацете наопаку и војниците го тераа пред кочијата на кнезот, сѐ до Аполоновиот храм. Кога стигнаа таму, светиот маченик се помоли на Бога и веднаш храмот се сруши до темел и ги затрупа и жрецот и сите во него.

Од ова чудо ипатикот Леонтиј падна пред нозете на светиот маченик и поверува во Христа. Христијанскиот презвитер Јулијан го крсти јавно пред сите, го причести со Светите Тајни и Леонтиј веднаш ја предаде својата душа во рацете Божји, со молитвата на светителот, бидејќи лично го замоли светителот да се моли за него да умре.

Тогаш градоничалникот Локсориј нареди презвитерот Јулијан и ѓаконот Кесариј да ги сошијат во две вреќи и да ги фрлат во море. Тие му рекоа на градоначалникот:

- Ние ќе бидеме фрлени во морето, а тебе ќе те касне змија отровница и во страшни маки ќе ја исфрлиш својата душа.

И навистина така се случи. Два дена по потопувањето на светите маченици, додека Локсориј се шеташе крај морскиот брег, го нападна една огромна и страшна змија, се завитка околу него, му го здроби телото, па го остави без здив и речиси мртов. Набрзо издивна во страшни маки и лежеше сиот подуен, и беше потресна глетка за сите минувачи.

Но, по промисла Божја телата на светите маченици морето ги исфрли на брегот. За тоа Божјо откровение беа известени благочестивиот свештеник Евсевиј и христијанинот Филикс. Тие со чест ги погребаа нивните свети тела, но синот на ипатикот Леонтиј ги отсече чесните глави на свештеникот Евсевиј и Филикс и ги фрли во реката. Тогаш презвитерот Кварт од градот Капуа, раководен од Ангел Божји, ги зеде нивните свети мошти и ги погреба на чесно место.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПОЛИХРОНИЈ

Свети Полихрониј беше родум од Гамфанидскиот крај во областа на Цариград, син на земјоделецот Варданиј. Таткото уште како дете го научи на вистините во верата Христова и читањето на светите книги, и Полихрониј беше толку побожен, разумен и доблесен, што уште како дете ја доби од Бога благодатта на чудотворството. Со својата молитва кон Бога, тој направи да бликне извор вода во близина на нивната куќа, бидејќи водата им беше далеку. Кога стана полнолетен отиде во Цариград и работеше како наемник во лозјето на еден човек. Сепак, и како наемник тој се предаваше на деноноќниот подвиг на пост и молитва. Јадеше еднаш во два три дена и пиеше малку вода. Кога го виде неговиот ангелски живот, господарот му се восхитуваше и трогнат од неговите доблести му даде многу повеќе пари отколку што заработил, и му рече:

- Врати се дома, човеку Божји, и моли се за мене.

Полихрониј се врати во својот роден крај и со тие пари изгради црква. Во времето на Никејскиот собор тој беше чтец. Во таа пригода покажа таква ревност во застапувањето на Православието пред аријанците, што го посветија за свештеник. Подоцна овие злобни еретици од освета го нападнаа во самата црква, додека служеше Света Литургија, и го исекоа на парчиња. Така пострада овој голем бранител на вистината и чистотата на Православието, и го прими венецот на славата од Преславниот Господ свој.

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ СЕРГИЈ НУРОМСКИ

Преподобниот Сергиј го отпочна својот монашки живот на Света Гора Атонска. Од таму се врати во својата татковина Русија и стапи во манастирот на големиот угодник Божји свети Сергиј Радонежски, кој тогаш сѐ уште беше жив. Преподобниот Сергиј помина долго време под негово раководство, подржувајќи го неговиот свет живот. Тие често разговараа за духовните напори. Сепак срцето го влечеше кон пустинското молитвено тихување, и долго размислувајќи за тоа, еден ден му се поклони до земја на својот наставник и низ солзи му ги исповедаше своите помисли, просејќи благослов и дозвола да замине во пустината. Светиот наставник прозре дека тој е сад полн со Духот Свети, дека ќе биде наставник на монаси и добар пастир на стадото Христово, му го даде својот благослов, го поучи и го отпушти со зборовите: „Оди, чедо, Бог нека е со тебе“.

Откако доби благослов, блажениот Сергиј радосен тргна на Север, за да бара погодно пусто место. Со надеж во Бога застана во Обнорската област на реката Нурма, во шумовит крај полн со провалии и вода, каде што подоцна изгради манастир. Во тој крај живееше и големиот подвижник Павле, Обнорскиот чудотворец, пустиник и безмолвник. Ова место многу му се допадна и Му благодареше на Бога што го доведе тука, вака молејќи се:

- Господи Седржителу, погледни на ова место и благослови го. Удостој ме да Ти служам овде сиот мој живот, за преку мене да се прослави пресветото име Твое, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

И забоде крст на тоа место, а изгради и црква и мала ќелијка. Блажениот осаменик живееше тука многу години во големи подвизи. Го умртвуваше своето тело во сеноќно бдение и го победуваше врагот со молитвите, постот и доблестите. Но, мразителот на човечкиот род му уфрлаше разни неволји и маки, напаѓајќи го лично или преку лоши луѓе. Така еднаш го нападнаа разбојници и го претепаа речиси до смрт. Тој со солзи се помоли на Бога и по молитвата почувствува олеснување, па Му заблагодари на Бога и рече:

- Нема да го напуштам ова место, па макар врагот да ми приреди и илјада напасти. Сакам овде да умрам, тука дојдов заради Христа.

Тежнеејќи за поголеми подвизи, тој додаваше труд врз труд, пост врз пост, молитви врз молитви, ревност врз ревност, оган врз оган, надевајќи се на наградата од небесниот Цар. И милосрдниот Господ направи светиот подвижник да им стане познат на многумина и неговата слава се пронесе по целата Руска земја. Многумина доаѓаа кај него за духовни совети. Доаѓаа и монаси од други манастири и остануваа да живеат покрај него, и така со Божја помош околу светиот подвижник се собраа четириесет браќа. Тој подигна црква во име на Семилостивиот Спас, во спомен на Пронаоѓањето на Чесниот и Животворен Крст Негов, изгради ќелии и основаше манастир.

Истовремено на таа иста река Нурма, во длабоката пустина водеше пустински живот и големиот подвижник отец Павле. Тој дојде таму од славната лавра на свети Сергиј Радонежски, како и преподобниот Сергиј Нуромски. И тој основаше манастир во својата пустина, оддалечен од преподобниот Сергиј пет километри, па двајцата подвижници често разговараа за духовни прашања и се крепеа еден со друг во светите подвизи. Притоа преподобниот Сергиј му беше и духовен отец на преподобниот Павле. Ги исповедаа еден на друг своите помисли и заедно се бореа против вражјите напасти.

Еднаш преподобниот Сергиј отиде кај блажениот Павле за духовен разговор и го затекна кај стои пред својата ќелија и храни птици од своите раце. Многу птички му стоеја на главата и рамењата, а пред него имаше огромна мечка, лисица и зајак. И бессловесните животни, привлечени од љубовта, другаруваа со светиот пустиник. Во длабока старост блажениот Сергиј тешко се разболе. Преподобниот Павле дојде да го посети и низ солзи молеше од него благослов и прошка. Најпосле му раскажа дека на едно место во својата пустина, под гората, на реката Нурма слушнал ѕвонење на големо ѕвоно и видел неискажана светлина, посилна од сончевата. На тоа прозорливиот старец рече:

- На тоа место ќе се изгради манастир во слава на Пресвета Троица и таму многумина ќе се спасат.

Така пророкуваше блажениот. Потоа се целиваа низ солзи и преподобниот Павле замина. Од тогаш започна да прима браќа и да гради манастир, а на местото каде што го слушна ѕвоното и ја виде светлината, изгради црква на Пресвета Троица, според пророштвото на свети Сергиј.

Од тешката болест и староста блажениот Сергиј потполно беше истоштен. Целосно исцрпен, тој ги свика браќата за да се прости со нив пред своето заминување кај Бога. Тие се гушеа во солзи и му говореа:

- Не оставај нѐ, благи оче.

А тој им рече:

- Дојде, браќа, крајот на мојот овоземен живот. Јас сум должен да го оддолжам општиот телесен долг. Таква е волјата Господова.

Чеда мои, ве доверувам на Бога и Пресветата Богомајка. Богот на мирот и Пречистата Мајка Негова постојано нека бидат со вас, нека ве чуваат и утврдат во љубовта Своја. Вие, чеда мои, не тагувајте за мене, туку живејте во љубовта Божја, исполнувајте ги Неговите заповеди, со страв и трепет сеќавајќи се на зборовите: „Кој ги има Моите заповеди и ги пази, тој е оној што Ме љуби...“ (Јн. 14, 21). Со стравот Божји оградувајте ги срцата свои, за да ве упати на секое добро дело. Украсувајте се со смирение, бегајте од лажливи зборови, секогаш зборувајте ја вистината, клеветата мразете ја, непријателството одбегнувајте го. Ако некој од вас си допушти гнев во срцето со љубов советувајте го, зашто е речено: „Сонцето да не зајде над гневот ваш“ (Ефес. 4, 26). Покорувајте им се на своите наставници, бидејќи тие се грижат за вашите души и се должни да дадат одговор за вас пред Бога (Евр. 13, 17). Без мрзливост извршувајте ги црковните служби. Ако вака живеете ќе бидете блажени.

Додека ја слушаа оваа последна поука од својот отец, браќата многу плачеа. Потоа се причести со Светите Тајни, ги крена рацете кон небото и принесе тајна молитва. Откако ги прекрсти своите раце на градите, го предаде својот дух на Господа. По претставувањето неговото лице беше светло. Учениците плачеа, со љубов го целиваа светото тело и го пренесоа во црквата. Потоа со надгробни песни го погребаа близу црквата Доаѓање на Чесниот и Животворен крст Господов.

Преподобниот Сергиј се претстави на 7 октомври 1421 година. Да се угледаме на неговите доблести, и да ги запишеме во срцата неговите трудови и светото живеење во Бога. Ако така правиме ќе имаме во него посредник пред Бога. Од неговиот гроб се случуваа многу чудеса: бесомачни се исцелуваа, слепи прогледуваа, сакати проодуваа и најразлични болести се лекуваа. Овде ќе спомнеме две од многуте чудеса.

Иван Чухолистов од Ледамската област тешко се разболе и долго лежеше потполно фатен. Лежејќи така во неподносливите болки, еднаш задрема и во сонот виде како му пријде светлолик старец и му рече:

- Иване, зошто толку години лежиш и страотно патиш од својата болест? Сега е дојдено време за тебе. Појди во манастирот на Семилостивиот Спас на Обнор, и помоли се на гробот на Сергиј. Тој ќе Го замоли за тебе Бога и ти ќе оздравиш. Но, за тоа си должен постојано да живееш во целомудрие.

Штом се разбуди, Иван побара да го однесат на гробот на преподобниот Сергиј. Откако се помоли, по молитвите на светителот оздраве и радосен се врати дома, славејќи Го Бога.

Жителот на Лежско Волочка, Исидор, лежеше болен. Му се беа вкочаниле вилиците и тој многу години лежеше нем и фатен. Кога слушна дека Бог преку преподобниот Сергиј им дава исцеленија на луѓето, замоли да го однесат во неговата обител, кај Семилостивиот Спас на Обнор. Додека му читаа молитва на гробот на преподобниот и игуменот започна да го чита Евангелието, веднаш му се разврза устата и тој започна да зборува, како никогаш да не бил нем. По молебенот болниот го попрскаа со света вода и веднаш сите членови му зајакнаа и тој потполно оздраве, како никогаш да не боледувал од страшната болест. Исидор Го славеше Бога, и му благодареше на преподобниот чудотворец Сергиј, кој му измоли таква благодат од Бога.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ДЕВЕДЕСЕТ И ДЕВЕТ ОТЦИ, кои се подвизувале на островот Крит, меѓу кои и ЈОВАН ПУСТИНИКОТ

Овие деведесет и девет преподобни отци, меѓу кои најпознат беше Јован Пустиникот, се подвизуваа и усовршија на островот Крит, а потекнуваа од разни краишта. Преподобниот Јован, и со него други триесет и пет отци, беа од Египет. Триесет и девет отци беа од островот Кипар, а останатите дваесет и четири од Аталија. Патувајќи со кораб кон островот Крит, тие чудесно беа спасени од бура и се закотвија на соседното островче Гавдос, па од таму дојдоа на Крит.

Зад нив заостана Јован Пустиникот, кој потоа дојде по морето, стоејќи врз сопственото расо, кое, откако се помоли на Бога, го простре врз водата и така со силата Божја и тој доплови на Крит.

Откако најдоа на Крит осамени и пусти места, овие преподобни се подвизуваа по горите и пештерите на најразлични богоугодни начини. А Јован Пустиникот живееше засебно од нив. Кога еден ден излезе од својата пештера, беше застрелан од ловец, кој мислел дека е некој ѕвер. Останатите подвижници, откако се помолија на Господа, се упокоија во истиот ден. (Живееле пред 16 век).

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЕВСЕВИЈ и ФИЛИКС

Овие свети маченици беа обезглавени и фрлени во река, за време на римскиот цар Клаудиј.

СПОМЕН НА СВЕТИ ЛЕОНТИЈ ПРОКОНЗУЛОТ

Поверувал во Христа. Сесрдно се молел на Господа и во мир се претставил.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ СЕРГИЈ, Печерскиот послушник

Голем испосник; се подвизувал во Киево-Печерскиот манастир во тринаесетиот век. Неговите свети мошти почиваат во Антониевата пештера.