21. Октомври   (8. Октомври)

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА НАША ПЕЛАГИЈА

Ние сме должни секогаш да Му принесуваме голема благодарност на нашиот Господ, затоа што не ја сака смртта на грешниците, туку долготрпеливо го чека нивното обраќање во праведниот живот, - пишува ѓаконот на Илиополската црква Јаков, писателот на житието на преподобна Пелагија. Нешто прекрасно се случи во наше време. И еве, јас, грешниот Јаков, ви пишувам за тоа вам, свети браќа, за со внимателно читање да добиете голема корист.

Пресветиот архиепископ на градот Антиохија, поради некоја црковна работа повика кај себе осум епископи од околните градови. Меѓу нив беше и светиот Божји човек, мојот епископ Нон, прекрасен човек и совршен монах, кој заради својот доблесен живот беше земен од Тавенискиот манастир и поставен за епископ. Нон дојде во Антиохија и ме поведе со себе. Кога епископите се собраа во црквата на светиот маченик Јулијан, посакаа да слушнат поука од Нон, и сите изнаседнаа во црквата. Тогаш Нон започна да ги поучува за корисни работи за спасението. Додека сите се восхитуваа на неговата поука, една незнабошка, позната блудница по цела Антиохија, минуваше покрај црковните врати многу горделиво, облечена во скапоцен фустан и украсена со злато, скапоцени камења и бисери, опкружена со многу девојки и момчиња во прекрасни фустани и златни ланчиња.

Беше толку убава на лице, што луѓето не можеа да се нагледаат на нејзината убавина. Додека минуваше покрај нас, таа го исполни сиот воздух со прекрасен мирис. Кога ја видоа како бесрамно оди со непокриена глава и разголени рамења, епископите ги затворија очите и тивко воздивнувајќи ги свртуваа своите глави како од голем грев. Блажениот Нон внимателно и долго ја набљудуваше, сѐ додека не се изгуби од вид. А потоа им се обрати на епископите со зборовите:

- Ви се допадна ли убавината на таа жена?

Тие молчеа. Нон ја наведна главата и со солзи го накваси не само шамивчето во рацете туку и своите гради. Потоа длабоко воздивна и повторно ги праша:

- Зарем не ви е пријатна нејзината убавина?

Тие молчеа, а тој рече:

- Навистина јас многу научив од неа. Господ ќе ја постави оваа жена на Судот Свој и со неа ќе нѐ осуди нас. Што мислите, колку време поминала таа во својата спална миејќи се, облекувајќи се, на разни начини разубавувајќи се себе си пред огледалото и колку труд вложила, за пред очите на своите времени поклоници да изгледа поубава од сите? А ние, имајќи го на небесата Бесмртниот Младоженец, Кого ангелите сакаат да Го гледаат, не се трудиме да ја украсиме нашата бедна душа, која е сета нечиста, гола и срамна. Не се трудиме да ја очистиме со солзите на покајанието, да ја облечеме во убавината на доблестите, за пред очите Божји да се покаже пријатна, и да не биде посрамена и отфрлена во времето на Јагневата свадба.

Откако изведе такво наравоучение, блажениот Нон ме поведе мене, својот грешен ѓакон, и ние појдовме до ќелијата што ни беше дадена при таа иста црква на свети Јулијан. Мојот епископ влезе во спалната, падна на земјата и плачеше и говореше:

- Господи Исусе Христе, прости ми мене, грешниот, зашто грижата на онаа жена околу разубавувањето на телото ги надминува сите мои грижи околу мојата бедна душа. Таа жена, за да им угоди на своите гнилежни поклоници, покажа таква ревност во своето разубавување, а јас не се трудам да Ти угодам, Тебе Боже, туку живеам во мрзливост и неодговорност. Со какво лице ќе погледнам во Тебе? Со какви зборови ќе се оправдам пред Тебе? Тешко мене грешниот! Додека стојам пред Твојот свет олтар, не Ти ја принесувам ни онаа душевна убавина што ја бараш од мене. Таа жена, во својата суета ветила да им угоди на смртните луѓе, а јас ветив да Ти угодувам Тебе, мојот Бог, и излажав поради мојата мрзливост. Гол сум, зашто не ги извршив заповедите Твои. Затоа не се надевам на делата свои, туку во милосрдието Твое, и од него го очекувам моето спасение.

Така зборувајќи, свети Нон ридаше долго. Се молеше тој и за онаа жена, говорејќи:

- Господи, не погубувај го створението на раката Твоја. За таквата убавина да не им робува на ѓаволите, обрати ја кон Себе, за поради неа да се слави светото име Твое, бидејќи за Тебе се е возможно.

По утрената, а беше недела, мојот учител ми рече:

- Брате Јакове, слушни го сонот што го имав ноќеска. Ми се чинеше дека стојам во еден агол на светиот олтар. Во текот на службата се појави една црна гулабица, нечиста и страотно смрдлива. Таа леташе околу мене и јас не можев да ја поднесам нејзината смрдеа. А кога ѓаконот извика: „Огласени излезете!“ гулабицата одлета и јас не ја видов до завршувањето на Литургијата. Но, кога излегувавме од црквата повторно ја видов таа иста нечиста гулабица, која повторно леташе околу мене. Јас ја фатив и ја фрлив во водата што беше во црковната паперта. Во неа таа се изми од нечистотијата и излета чиста и бела како снег, и летајќи во височината стана невидлива.

Потоа блажениот Нон ме поведе со себе и со останатите епископи тргна во Соборната црква, каде служеа божествена служба. Потоа архиепископот Антиохиски му нареди на блажениот Нон да му искаже поука на народот. И тој започна да зборува, според премудроста Божја во него. Неговите зборови беа прости, поучни за сите и влијателни, бидејќи Духот Свети зборуваше од него. Зборуваше тој за страшниот Суд и за наградата на праведните и грешните. А сите присутни толку беа трогнати од неговите зборови, што земјата ја натопуваа со солзи.

Но, по промисла на Милосрдниот Бог, се случи блудницата за која што станува збор, и која никогаш порано не била в црква, нити помислила на своите гревови, минувајќи покрај црквата во тоа време да влезе внатре. Кога ја слушна поуката на свети Нон, таа почувствува страв Божји, се сети на своите гревови и, слушајќи за вечните маки поради нив, стана очајна и потоци од солзи се излеваа од нејзините очи. Во скрушеноста на срцето не можеше да престане да плаче. Потоа им рече на двајца од своите слуги:

- Причекајте, и кога ќе излезе светиот маж, кој што зборуваше, следете го и видете каде живее, па кажете ми.

Слугите постапија така и ја известија дека престојува при црквата на светиот маченик Јулијан. Таа веднаш му напиша вакво писмо:

„До светиот ученик Христов, од грешницата и ученичка на ѓаволот.

Сум слушала за твојот Бог, дека ја свиткал небесата и на земјата слегнал, не заради праведниците, туку за спасението на грешниците, и толку се смирил што и со цариниците ручал. И Бог, во Кого што Херувимите не смеат да погледнат, со грешниците општел и со блудниците разговарал. Затоа, господине мој, ако навистина си слуга Христов, како што слушам од христијаните, не отфрлај ме мене, која преку тебе сакам да Му пријдам на Спасителот на светот и да го видам пресветото лице Негово“.

Откако го прочита писмото, свети Нон ѝ напиша ваков одговор:

„Каква и да си, позната си Му на Бога и ти самата, и твоите мисли, и твоите намери. Затоа, те молам, не искушувај ме мене, ништовниот. Јас сум грешен слуга Божји. Ако навистина сакаш да поверуваш во мојот Бог и да ме видиш, со мене овде има и други епископи, па дојди и ќе ме видиш во нивно присуство. Насамо не можеш да се видиш со мене“.

Грешницата многу се израдува на овој одговор и веднаш поита кон црквата на свети Јулијан, и го извести блажениот Нон дека дошла. Тој повика кај себе седум епископи и ѝ рече да влезе. Таа се фрли на земјата пред нозете на свети Нон и говореше:

- Те молам, господине мој, постапи како твојот учител Господ Исус Христос, биди милостив кон мене и стори ме христијанка. Јас сум, господине мој, море од гревови и бездна од безаконија. Измиј ме со крштение.

Сите присутни се расплакаа од таквото нејзино покајание и вера. Блажениот Нон одвај успеа да ја подигне од своите нозе, па ѝ рече:

- Црковните правила налагаат да не се крштева блудница без гарант, за таа повторно да не се врати на поранешниот блуден живот.

Од овие зборови таа повторно се фрли пред неговите нозе, и како некогаш евангелската грешница на Христа, со солзи му ги миеше нозете и со косата своја ги бришеше, говорејќи:

- Ти ќе одговараш пред Бога за мојата душа, ако не ме крстиш денес. Бог нека ја бара мојата душа од твоите раце, и врз тебе нека ги запише моите лоши дела. Ако ме отфрлиш некрстена, ти ќе бидеш виновен што ќе го продолжам мојот нечист и блуден живот. Ако сега не ме тргнеш од моите лоши дела, јас ќе се одречам од твојот Бог и ќе им се поклонам на идолите. Ако денес не ме сториш невеста Христова и не ме приведеш кон твојот Бог, да немаш удел со Него и со Светите Негови.

Од овие зборови сите присутни Го прославија Човеколубецот Бог, а блажениот Нон веднаш ме испрати мене кај архиепископот, за да му раскажам сѐ. Архиепископот многу се израдува и ми рече:

- Оди и кажи му на твојот епископ: Чесен оче, тебе те очекувало ова дело, бидејќи добро знам дека си устата на Бога, Кој рекол: „Ако го одвоиш скапоценото од безвредното ќе бидеш како уста Моја“ (Ерем. 15, 19).

И откако ја повика госпоѓата Романа, која беше прва црковна ѓакониса, ја испрати со мене.

Кога дојдовме ја затекнавме Пелагија како сѐ уште лежи на земјата, крај нозете на блажениот Нон, кој одвај ја натера да стане, говорејќи:

- Стани, ќерко, да примиш огласување за крштение.

Таа стана а епископот ѝ рече:

- Најпрвин исповедај ги своите гревови.

Таа низ солзи одговори:

- Ако започнам да ја испитувам својата совест, нема да најдам ниту едно добро дело. Само знам дека моите гревови се помногубројни од морскиот песок и сета морска вода не ќе биде доволна да ги измие гадните дела мои. Но, се надевам во твојот Бог, дека ќе ми го олесни бремето на моите беззаконија и милостиво ќе погледне на мене.

Епископот ја праша:

- Како се викаш?

Таа одговори:

- Родителите ми го дале името Пелагија, а граѓаните на Антиохија го променија и ме завикаа Маргарита, поради прекрасните и скапоцени накити, со кои што ме украсија моите гревови.

Тогаш епископот ја огласи и ја крсти во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, ја помаза со миро и ја причести со Животворните Тело и Крв Господови, за отпуштање на гревовите. Духовна мајка на Пелагија беше ѓаконисата Романа. Откако ја прими од купелот на крштението, таа ја внесе во катихуменијата, каде што се наоѓавме и ние. Блажениот Нон им рече на епископите:

- Ајде на трпеза, браќа, и да се радуваме со ангелите Божји, што ја најдовме изгубената овца.

Кога сите седнаа на трпезата и започнаа да јадат, ѓаволот започна да вика на сиот глас како човек, говорејќи:

- Леле! Леле! Што трпам јас од овој брборлив винопиец! О, зол старче, нели ти беа доволно триесетте илјади сарацени, кои ги крсти откако ги грабна од мене? Нели ти е доста Илиопол, кој го зеде од мене и го приведе кон твојот Бог, а некогаш беше мој и сите негови жители ми се поклонуваа? А сега ми ја зеде и последната надеж. Што да правам, зол и лажлив калуѓеру? Не можам да ги поднесам твоите напади. Проклет да е денот во кој си се родил, лош старче, Потоците твои солзи удрија врз моето живеалиште и го опустошија.

Така плачеше ѓаволот пред вратата од домот во кој што бевме, и сите присутни го слушаа неговиот глас. И повторно обраќајќи се кон новокрстената, ѓаволот рече:

- Што правиш со мене, госпоѓо Пелагија? Ти го подржуваш мојот Јуда. Тој, почестен со апостолска слава и чест го предаде својот Господ. Истото го стори и ти со мене.

Тогаш епископот ѝ нареди на слугинката Божја да се огради со крсниот знак. Откако се прекрсти, таа му рече на ѓаволот:

- Нека те избрка Исус Христос, Кој ме избавува од тебе.

И ѓаволот побегна од неа. По два дена, додека Пелагија спиеше со својата духовна мајка Романа, ѓаволот дојде кај неа, ја разбуди и започна да ѝ зборува:

- Драга моја госпоѓо, Маргарито моја, што лошо ти сторив?

Зарем не те збогатив со злато и сребро? Нели те украсив со скапоцени камења, и накити и фустани? Те молам, кажи ми, со што толку те навредив? Јас веднаш ќе сторам сѐ што ќе ми наредиш, само не оставај ме и не прави од мене предмет за потсмев.

Пелагија се огради со крсниот знак и одговори:

- Мојот Господ Исус Христос, Кој ме избави од твоите заби и ме стори невеста на небесниот дворец Свој, нека те избрка од мене.

И веднаш ѓаволот исчезна, Таа ја разбуди Романа и ѝ рече:

- Моли се за мене, мајко моја, нечестивиот ме вознемирува.

Романа ѝ рече:

- Не плаши се, ќерко, тој сега и од сенката твоја се плаши и трепери.

Во третиот ден по своето крштение, Пелагија повика еден од своите слуги и му рече:

- Појди во мојот дом и направи попис на сето мое злато и накити, и сето тоа донеси го ваму.

Слугата постапи така. А блажената го повика светиот епископ и му го предаде, говорејќи:

- Еве го богатството, со кое што ме збогати сатаната. Го предавам во твоите свети раце. Со него прави што сакаш, а јас го барам богатството на мојот Господ Исус Христос.

Епископот го повика црковниот економ, му го предаде пред сите сето богатство, врачено од Пелагија, и му рече:

- Те заколнувам во името на Светата и Неразделна Троица, немој од ова злато ништо да внесеш ни во епископијата, ни во црквата Божја, ни во својата куќа, ниту во куќата на некого од клириците, туку сето тоа со свои раце раздај го на сирачињата, бедните и болните, за стекнатото на лош начин да биде добро потрошено, та гревовното богатство да стане богатство на правдата. Ако ја прекршиш оваа заклетва, нека биде анатема на твојот дом и удел твој со оние кои викале: „Распни Го, распни Го“ (Лука 23, 21).

Слугинката Божја Пелагија не остави од својот имот ништо за себе, дури ни за храна, туку се хранеше кај ѓаконисата Романа, бидејќи се заколна дека ни трошкичка нема да користи од богатството на своите гревови. Таа ги повика своите слуги и слугинки, и откако им даде доста сребро и злато ги ослободи и им рече:

- Деца, ве ослободувам од временото ропство, а вие потрудете се да се ослободите од робувањето на суетниот свет, преполн со гревови, та како што заедно живеевме во овој свет, така да се удостоиме заедно да бидеме и во блажениот живот.

Откако им го рече тоа, ги отпушти.

А пак во осмиот ден, во кој Пелагија според обичајот на новокрстените требаше да ја соблече белата облека, добиена на крштението (денот беше недела), таа стана пред зори и се преоблече во власеница. Притоа зеде една стара облека на блажениот Нон, па кришум од сите излезе од градот Антиохија и од тогаш никој не знаеше каде се наоѓа. Ѓаконисата Романа тагуваше и плачеше по неа. Но, сезнајниот Бог му откри на блажениот Нон дека Пелагија отишла во Ерусалим и тој ја тешеше, говорејќи:

- Не плачи, ќерко, туку радувај се, Пелагија како Марија го избра подобриот дел, кој нема да ѝ се одземе (Лука 10, 42).

По неколку дена архиепископот нѐ отпушти и ние се вративме во Илиопол. По три години во мене се јави желба да појдам во Ерусалим и да се поклонам на светото воскресение на нашиот Господ Исус Христос и јас го молев мојот епископ Нон да ми дозволи да одам. Тој ми рече:

- Брате Јакове, кога ќе стигнеш во Светите Места, побарај го таму монахот на име Пелагија. Тој е евнух, многу доблесен, и ќе ти биде од голема корист, бидејќи е вистински слуга Христов и совршен монах.

Ова Нон го зборуваше за слугинката Божја Пелагија, која, откако дојде во Ерусалим си направи ќелија на Маслиновата Гора, каде што некогаш се молеше нашиот Господ, се затвори таму и живееше во Бога. Но, Нон не му го откри тоа.

Јас се подготвив и отидов, се поклонив на светото Воскресение Господово и чесниот Крст Негов, а утредента го побарав монахот со име Пелагија, како што ми заповедаше мојот епископ. Неговата ќелија ја најдов на Маслиновата Гора. Таа немаше врата, туку беше соѕидана од сите страни. Само мало прозорче здогледав на ѕидот, затропав на него, и го отвори слугинка Божја. Таа ме препозна, но не ми кажа која е, а јас не ја препознав. А како можев да ја препознаам онаа, чија што неописна убавина свенела брзо како цвет? Очите ѝ беа длабоко пропаднати. Од големото и безмерно воздржание и се проѕираа коските и зглобовите на лицето, Сета Ерусалимска околина ја сметала за евнух и никој не знаел дека е жена, а и јас самиот не го знаев тоа. Мојот епископ ми зборуваше за неа како за евнух монах. И јас добив благослов од неа како од монах машко. Таа ми рече:

- Кажи ми, брате, нели си ти Јаков, ѓаконот на блажениот епископ Нон?

Јас се зачудив кога ме нарече по име и препозна кој сум, и одговорив:

- Да, господине мој.

А таа ми рече:

- Кажи му на твојот епископ да се помоли за мене, зашто тој навистина е свет маж и апостол Христов. А тебе, брате мој, те молам да се помолиш за мене.

И го затвори прозорчето и започна да го чита Третиот час. Јас се помолив и заминав. И имав голема духовна корист што ја видов оваа рамноангелска подвижничка и ја слушнав сладосната беседа нејзина.

Потоа посетував разни манастири, посетував браќа и разговарав со свети луѓе, добивав од нив благослов и голема духовна корист. И по сите манастири се беше пронела добра слава за евнухот Пелагија, и примерот на неговиот живот беше од корист за сите. Затоа јас посакав повторно да одам кај него и да се утешам со неговата душекорисна беседа. Кога стигнав кај неговата ќелија и тропнав на неговото прозорче со молитва, се осмелив да го наречам по име, говорејќи:

- Отвори, аво Пелагија.

Но, одговор немаше. Мислејќи дека се моли или одмора, почекав малку, па повторно затропав да ми отвори, но одговор не дојде. И јас повторно причекав некое време и повторно затропав. Така поминав три дена крај прозорчето, одвреме навреме тропајќи по него, зашто многу сакав да го видам пресветото лице на Пелагија и да добијам благослов од него. Но, немаше ни глас ни одговор. Тогаш си реков: „Или заминал од ќелијата или се претставил“.

И веднаш насилно го отворив прозорчето и го видов Пелагија како лежи мртов. Ужаснат, горко плачев што не се удостоив да добијам благослов од него. Потоа го затворив прозорчето и побрзав во Ерусалим, да ги известам тамошните свети отци дека ава Пелагија евнухот се претставил. И веднаш по цел Ерусалим се пронесе вест дека духоносниот монах заспал во Господа. На погребението на неговите свети мошти се собраа монаси од сите околни манастири и сиот град Ерусалим, и безброен народ од Ерихон и од другата страна на Јордан. Откако го скршија прозорчето на ќелијата и направија отвор колку да може човек да се провлече, неколку благочестиви луѓе влегоа и го изнесоа чесното тело. Дојде и патријархот Ерусалимски со многу други отци. А кога по обичај започнаа да го премачкуваат со мириси телото на покојникот, видоа дека преминатиот е жена и со солзи говореа:

- Прекрасен во светиите Боже, слава Ти! Боже, Ти имаш на земјата сокриени светители не само мажи, туку и жени.

И тие сакаа тајната за Пелагија да ја сокријат од народот, но не можеа, зашто на Бога Му било угодно да ја објави и прослави слугинката Своја. И се собра многуброен народ, и монаси од сите манастири со свеќи и кадилници, со псалми и црковни песни го зедоа светото и чесно тело и со долична чест го пренесоа во истата ќелија каде што се подвизувала и таму го погребаа.

Таков беше животот на поранешната блудница, такво обраќањето на пропаднатата грешница, такви нејзините трудови и подвизи, со кои што таа Му угоди на Бога. Нека нашиот Господ Исус Христос ни подари со неа и нам да добиеме милост во судниот ден! Нему слава со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНА ТАИСА

Во земјата Египетска живееше една развратна бесрамна и нечиста жена. Таа имаше една ќерка на име Таиса, која што ја научи на тој ист бесрамен начин на живот, на кој што самата беше навикнала. Ја одведе во блуднилиштето, ја даде во служба на сатаната, многу човечки души да фрли во гибел, заведувајќи ги со својата убавина. Таиса беше многу убава на изглед и надалеку позната по убавината на своето лице. Многумина доаѓаа кај неа со многу злато и сребро, раскошни фустани и скапоцености. Заведувајќи ги своите поклоници, таа многумина потполно упропасти имотно, доведувајќи ги до просјачки стап. Други пак се караа и тепаа за неа, и праговите на нејзината куќа со својата крв ги залеваа.

Кога слушна за тоа преподобниот отец Пафнутиј, се преоблече во световна облека, зеде еден златник, ја најде Таиса и ѝ го даде. Мислејќи дека тој човек и го даде златникот за нечисто дело, таа го одведе во својата соба. Пафнутиј седна на високо наместената постела и ѝ рече:

- Нема ли некоја друга тајна соба, да се затвориме во неа, за никој да не дознае за нас?

Таиса одговори:

- Има. Но, ако се срамиш од луѓето, можеме да се сокриеме. Вратата е заклучена и никој нема да влезе тука, ниту да дознае за нас. Ако пак се плашиш од Бога, тогаш нема место кое би можело да те сокрие од Него, па макар да се сокриеш и под земјата. Бог и таму гледа.

Кога слушна од неа вакви зборови, Пафнутиј ја праша:

- Зар и ти знаеш за Бога?

Таиса одговори:

- Знам и за Бога, и за блаженството на праведните, и за мачењето на грешните.

Тогаш старецот ѝ рече:

- Ако знаеш за Бога и за идното блаженство и мачење, тогаш зошто ги сквернавиш луѓето и веќе си упропастила толку многу души? Ти ќе бидеш судена и осудена на огнениот пекол, не само за своите гревови, туку и за лицата што си ги осквернила!

Таиса со солзи се фрли пред нозете на старецот, говорејќи:

- Знам јас и дека за грешниците постои покајание, и за гревовите простување и се надевам да се избавам од гревовите и да добијам милост во Господа, со твоите молитви. Но, те молам, почекај ме само три часа, а потоа ќе појдам каде што ќе ми наредиш и ќе сторам се што ќе ми кажеш.

Старецот ѝ го кажа местото каде што ќе ја чека и замина. А таа го собра сиот свој имот, со гревови стекнат, во вредност од четиристотини литри злато, го однесе среде градот, запали оган и го изгоре пред очите на сиот народ, викајќи:

- Дојдете сите кои сте грешеле со мене и видете како го спалувам она што сте ми го дале!

Откако го спали своето нечисто богатство, Таиса отиде на местото каде што ја чекаше Пафнутиј. Старецот ја одведе во женски манастир, замоли за мала ќелија, ја внесе во неа и ја затвори таму. Вратата од ќелијата добро ја закова и соѕида, само остави мало прозорче, за преку него да може да ѝ се дава малку леб и вода. Таиса го праша:

- Оче, како да Му се молам на Бога?

Старецот ѝ одговори:

- Ти не си достојна да го изговориш името Господово, ниту рацете да ги кренеш кон небото. Устата ти е полна со нечистотија и твоите раце се нечисти. Туку, свртена кон Исток, ти често изговарај: „Боже, Творецу мој, смилувај се на мене!“

Таиса помина во тој затвор три години, молејќи Му се на Бога онака како што ја научи преподобниот Пафнутиј, и земаше по малку леб и вода и тоа еднаш дневно. По три години Пафнутиј се сожали на неа, па се упати кај големиот Антониј, за да дознае дали Бог ѝ простил или не. Му раскажа на старецот сѐ за Таиса, и тој ги повика своите ученици, секој посебно да се затвори во својата ќелија и цела ноќ да се моли на Бога, за Бог на некого од нив да му открие за Таиса, која се кае за своите гревови. Учениците постапија според наредбата на својот отец и Го умолија Бога. Бог му откри за Таиса на еден од нив, по име Павле, кого го нарекуваа Препростиот. Додека во ноќта стоеше на молитва, тој во видение ја виде небесата отворена и одар богато и раскошно украсен, и чудесно блескав од голема слава, и три девојки со пресветли лица стоеја и го чуваа, и имаше венец на тој одар. Кога го виде тоа, Павле рече:

- Сигурно ова е подготвено за мојот отец Антониј. Тогаш дојде кај него глас, кој му рече:

- Тоа не е подготвено за твојот отец Антониј, туку за Таиса, поранешната блудница.

Откако си дојде на себе, Павле започна да размислува за видението и кога осамна отиде кај блажените отци Антониј и Пафнутиј и им го раскажа. Тие Го прославија Бога, Кој ги прима вистинските покајници, и Пафнутиј отиде во женскиот манастир, каде Таиса беше во затвор, ја сокрши вратата и сакаше да ја извади, но таа започна да го моли, говорејќи:

- Дозволи ми, оче, да останам овде и до својата смрт да ги оплакувам своите многубројни гревови.

Старецот ѝ рече:

- Човекољубивиот Господ веќе го прими твоето покајание и ти ги прости гревовите.

Го рече тоа и ја извади од затворот. Тогаш блажената му рече:

- Верувај ми, оче, откако влегов во овој затвор, јас постојано пред мене ги имав сите мои гревови и гледајќи во нив постојано плачев. И не се оддалечија сите мои злодела ни досега, туку стојат пред мене и страотно ме плашат, бидејќи заради нив ќе бидам судена. Но, за тоа време, заедно со тоа не отстапи од мене некој прекрасен мирис.

Старецот ѝ рече:

- Зошто очајуваш? Заради твоето покајание Бог ти ги прости гревовите.

По своето излегување од затворот блажената Таиса по петнаесет дена се разболе. Боледуваше три дена и со благодатта Божја мирно се упокои. Од болничкиот одар таа беше пренесена на одарот што го виде свети Павле Препростиот, подготвен за неа на небото. Таму со преподобните е опкружена со слава и се радува во вечната радост.

Така грешницата и блудница влезе пред нас во Царството Божјо. По молитвите на света Таиса и ние да не бидеме лишени од тоа царство! Амин.

СПОМЕН НА СВЕТА ПЕЛАГИЈА ДЕВИЦА

Света Пелагија потекнува од знаменит род во Антиохија. Во времето на царот Нумеријан, антиохискиот началник беше испратил војници да ја доведат на суд Пелагија, тогаш позната христијанка. Војниците ја опколија куќата и ја повикаа светата девица на вратата. Таа им се јави, и кога слушна дека дошле да ја водат пред судијата, се правеше весела, па им рече на војниците да ја причекаат на момент, додека да се качи да се преоблече. Потоа се качи на покривот од куќата, ги крена рацете кон небото и долго се молеше, Бог да ѝ ја прими душата и да не дозволи да се оскверни нејзината девствена чистота. И Бог ја прими душата а телото падна мртво пред војниците. „Нејзината смрт, пишува свети Златоуст, не се случила од природниот пад туку по заповед Божја“, па продолжува: „и така, ова девствено и од секое злато почисто тело, лежело на земјата. Ангели го опкружувале, архангелите почитувале, самиот Христос бил кај него“.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ДОСИТЕЈ ВЕРХЊЕОСТРОВСКИ

Беше ученик на преподобниот Ефросин Псковски. Во 1470 година ја основал на Псковското големо езеро Петропавловската обител, во која што бил настојател. Се упокоил во 1482 година. Неговите свети мошти почиваат во неговиот манастир.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ТРИФОН ВЈАТСКИ

Бил родум од местото Немигошка, во Архангелската губернија. Од детството го чувствувал во себе призивот кон девствениот живот и тајно го напуштил родителскиот дом. На почетокот се насели во градот Устјуг и се подвизуваше во пост и молитви под раководството на парохискиот свештеник Јован. Потоа се замонаши во Пискорскиот манастир, во Пермската губернија, и многу се потруди околу обраќањето на тамошните незнабошци кон Христа. На реката Чусова, во Пермската Губернија, тој основаше манастирот на Успението на Богомајката. Исто така основаше и втор манастир на реката Вјатка, близу градот Хлинов. Се претстави преподобниот Трифон во 1612 година. Неговите свети мошти почиваат во неговата обител.