22. Октомври   (9. Октомври)

ЖИТИЕТО НА СВЕТИ АПОСТОЛ ЈАКОВ АЛФЕЕВ

Свети Јаков беше син Алфеев и еден од Дванаесетте големи Апостоли. Роден брат е на свети апостол и евангелист Матеј. Сведок на вистинскиот живот, зборовите и чудесата на нашиот Господ и Спасител Исус Христос, сведок на Неговите страдања, воскресение и вознесение. По слегувањето на Светиот Дух на Педесетница, на апостол Јаков му падна делот да го проповеда Евангелието Христово во Елевтеропол и околните места, па потоа во Египет, каде и пострада за својот Спасител. Со голема сила, и на збор и на дело, ја пренесуваше свети Јаков спасоносната благовест за воплотувањето на Бога Словото, рушејќи го идолопоклонството, истерувајќи демони од луѓето, лекувајќи ја секоја слабост и болест со името на Господа Исуса Христа. Неговиот труд и неговата ревност се крунисани со голем успех. Многу незнабошци поверувале во Христа Господа, основале и уредиле цркви, поставиле свештеници и епископи. Свети апостол Јаков пострада во Египет, во градот Острацин, распнат на крст од незнабошците. Така се пресели во Царството Небесно овој голем и прекрасен апостол Христов, бесмртно да царува со Бога - Царот на славата.

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АНДРОНИК и неговата преподобна сопруга АТАНАСИЈА

Во времето на византискиот цар Теодосиј Велики, во Антиохија живееше еден човек Андроник, по занает златар. Тој се ожени со ќерката на златарот Јован, која се викаше Атанасија, кое име значи бесмртност. И навистина со својот свет живот Атанасија се стекна со бесмртна слава, за што сведочи крајот на нејзиниот живот. Сопружниците Андроник и Атанасија живееја чесно и богоугодно и се украсуваа со секоја доблест. Своето огромно богатство го делеа на три дела: еден дел на сиротите, друг за црковното благолепие и трет за своите домашни потреби. Поради нивната кротост и добрите дела, Андроник и Атанасија беа почитувани и сакани од сите. Откако им се родија синот Јован и ќерката Марија, тие се договорија да продолжат да живеат како брат и сестра. А пак нивната грижа за сиротите беше сесрдна и голема. Им служеа, на свои раце носеа болни, ги капеа, ги хранеа и облекуваа, и на свој трошок на сите можни начини ги згрижуваа и тешеа странците и просјаците. Тие секоја среда и петок ги минуваа во пост и молитви. Водејќи таков доблесен живот, на Бога Му беше угодно да ги повика кон уште посовршен, за откако ќе остават сѐ, да појдат по единствениот Господ свој Исус Христос, Кој ни остави пример да одиме по Неговите стапки. Еден ден, после нивен дванаесеттогодишен брачен живот, Атанасија кога се врати од црквата по утринската богослужба ги затекна своите деца со температура и вознемирена седна покрај нивната постела. Андроник се врати малку подоцна и започна да ја повикува, мислејќи дека заспала, а таа му рече дека децата се болни, па двајцата воздивнувајќи рекоа: „Нека биде волјата Господова“.

Потоа Андроник отиде во црквата на светиот маченик Јулијан, надвор од градот, каде што беа погребани неговите родители, и остана на молитва до пладне. За тоа време му умреа и двете деца. И синот Јован, кој имаше дванаесет години, и ќерката Марија, која имаше десет. Кога се врати слушна плач и лелек од својот дом, вознемирено дотрча, во дворот затекна многу народ и ги виде своите деца мртви. Потоа влезе во својата домашна црква, падна ничкум пред иконата на Спасителот, изговарајќи ги зборовите на праведниот Јов: „Гол излегов од утробата на мојата мајка, гол и ќе се вратам. Господ даде, Господ зеде. Нека е благословено името Господово“ (Јов 1, 21). А пак Атанасија од силното плачење за своите деца толку се истошти од голема жалост, што и самата сакаше да умре и говореше:

- О, кога и јас би умрела со моите деца!

На погребот на децата се собраа сите граѓани, а дојде и самиот патријарх со сиот свој клир. И ги погребаа децата во црквата на свети Јулијан, каде што почиваа и нивните предци. По погребот Атанасија не сакаше да се врати дома, туку седеше крај гробот и плачеше. На полноќ ѝ се јави светиот маченик Јулијан како монах и ѝ рече:

- Жено, зошто не ги оставиш на мира оние што почиваат овде?

Атанасија одговори:

- Не лути ми се, господине, страшно страдам. Имав две деца и денес и двете ги погребав овде заедно.

Светиот маченик ја праша Атанасија:

- По колку години имаа твоите деца?

Таа му рече:

- Едното дванаесет а другото десет.

Тогаш свети Јулијан ѝ рече:

- Зошто плачеш за нив? Подобро би било така да плачеш за своите гревови. Те уверувам дека како што човечката природа бара храна, така и преминатите деца се хранат во Христа со небесни богатства. Тие го молат, говорејќи: Праведен Судијо, Ти нѐ лиши од земните богатства, но немој да нѐ лишиш од небесните.

Од овие зборови Атанасија се исполни со умиление, жалоста ѝ премина во радост и рече.

- Кога моите деца се живи на небото, зошто тогаш плачам?

И таа се сврте за да продолжи со разговорот, но него го немаше. Започна да го бара по целата црква, но не најде никого. Го праша и црковниот вратар, но тој одговори:

- Зарем не гледаш дека вратите се затворени и овде никој не влегол? Како би можел да разговара со тебе?

Тогаш Атанасија сфати дека тоа било видение, се исплаши, се врати дома и му раскажа на својот сопруг што виде и слушна, па и двајцата се утешија во својата тага. Атанасија му рече на Андроник:

- Господине мој, уште додека беа живи нашите деца сакав да ти кажам нешто, но се плашев, но сега ќе ти кажам. Пушти ме да одам во манастир, за да ги оплакувам своите гревови. Ете, Господ со земањето на нашите деца нѐ направи погодни да Му служиме Нему.

Андроник ѝ одговори:

- Оди на една недела, испитај ја својата намера, па потоа ќе се посоветуваме околу тоа.

Атанасија не ја промени својата намера, туку од силна желба за монашкиот живот повторно започна да го моли својот сопруг да ја пушти во манастир. Тогаш тој го повика нејзиниот татко и му рече:

- Ние сакаме да одиме да се поклониме на Светите Места. Ти го доверуваме нашиот дом и сиот имот, и ако попат ни се случи некаква несреќа, раздај го имотот на неволните, а домот претвори го во болница за сиромашните и свратилиште за патниците.

И ги ослободија своите робови и една ноќ заминаа незнајно каде. Предавајќи се себе си на Бога, тие го зедоа на себе подвигот на туѓинување. Кога утредента се најдоа надвор од градот, блажената Атанасија се сврте, го виде оддалеку својот дом, па погледна во небото и рече:

- Боже, Кој си им рекол на Аврам и Сара: „Излези од својата земја, и од родот свој, и од домот на татко си, па појди во земјата што ќе ти ја покажам Јас“ (1.Мој. 12, 1), погледни и на нас и води нѐ во стравот Твој. Заради Тебе го оставивме нашиот дом отворен, и затоа немој да ја затвориш вратата на Царството Твое.

И двајцата го продолжија патот, плачејќи:

- Во Ерусалим Андроник и Атанасија се поклонија на Светите Места, разговараа со многу отци и примаа благослов од нив. Потоа отпатуваа во Александрија да се поклонат на светиот маченик Мина. По пат наидоа на еден човек мирјанин, кој се караше со еден монах. Андроник го праша зошто се кара со монахот, а тој му одговори:

- Овој монах го зеде под кирија моето магаре за да оди во Скит, и јас му предложив да патуваме ноќе, за да ја одбегнеме дневната горештина и наутро би стигнале во Скитот. Но монахот не се согласуваше со мене.

Андроник го праша дали има друго магаре, а тој одговори дека има. Тогаш му рече да го доведе за тој да го земе под кирија, бидејќи и тој сака да оди во Скит. А на својата сопруга Атанасија ѝ рече да го причека тука, додека да се врати откако ќе добие благослов од тамошните отци. Таа го замоли да ја поведе со себе, но тој ѝ одговори дека на жените не им е дозволено да одат таму, па Атанасија со солзи му рече:

- Ако ме оставиш и не ме дадеш во женски манастир, ќе дадеш одговор за мене пред светиот маченик Мина.

Тогаш Андроник ѝ вети дека нема да ја остави додека не ѝ ја исполни желбата, па отиде во Скит и во сите лаври, и доби благослов од скитските отци. А кога слушна за отец Данил, тој со голем напор дојде кај него и му се поклони. По молитвата му раскажа сѐ за себе и својата сопруга Атанасија, и преподобниот му рече:

- Оди, доведи ја својата жена и јас ќе ви дадам писмо за Тиваида, за слободно да ја сместиш во женскиот Тавенисиотски манастир. Андроник отиде и ноќе ја доведе блажената Атанасија кај старецот Данил. Светиот старец долго разговараше со нив за нивна духовна корист, потоа им даде писмо и ги испрати.

Кога стигнаа во Тавенисиотскиот манастир, Андроник ја смести Атанасија во женски манастир и откако тука се облече во ангелскиот монашки лик, Атанасија водеше ангелски живот. Тој пак се врати кај преподобниот Данил, кој го замонаши и му даде засебна ќелија, во неа сам молитвено да тихува и самува. Блажениот помина така дванаесет години. Потоа го замоли отец Данил да му дозволи да појде во Ерусалим да се поклони на Светите Места, и тој му даде благослов за тоа.

Додека патуваше низ Египет, еднаш седна под една смрека малку да одмори, и по промисла Божја ја виде својата жена Атанасија, како оди во машка облека. Кога се поздравија Атанасија го препозна, но тој не. И како би можел да ја препознае кога нејзиното лице беше свенало од воздржанието и таа поцрнела како арап. Згора на тоа имаше и машка облека врз неа. Таа го праша:

- Нели си ти Андроник, ученикот на отец Данил?

Тој ѝ потврди, а таа го праша каде оди. И одговори дека оди да се поклони на Светите Места, а на прашањето како се вика, таа му одговори дека е Атанасиј и дека и таа оди кај Светите Места. Тогаш Андроник ѝ предложи да одат заедно, а таа му рече:

- Ако сакаш да одиш со мене ќе треба да молчиш, за да патуваме со молчание.

Тој се согласи и така тргнаа. Кога стигнаа во светиот град Ерусалим ги посетија сите Свети Места и им се поклонија. После тоа отпатуваа во Александрија да се поклонат на чесните мошти на светиот маченик Мина, каде по молитвата Атанасиј му рече на Андроник:

- Сакаш ли, оче, и двајцата да живееме во една ќелија?

Тој одговори дека ќе го праша старецот за дозвола. Атанасиј одговори:

- Тогаш појди и прашај го, а јас ќе те причекам во Октодекатскиот скит. Ако ти дозволи старецот, тогаш дојди по мене, па ќе живееме во молчание, како што патувавме. А ако не си во состојба да живееш во молчание, немој да доаѓаш, бидејќи јас не можам да живеам без овој подвиг, па макар да го нареди тоа и преподобниот отец.

Андроник отиде кај ава Данил и му раскажа сѐ за својот сопатник Атанасиј и тогаш старецот му рече:

- Оди, засакај го молчанието и остани со Атанасиј, бидејќи тој е совршен монах.

После тоа Андроник го поведе Атанасиј и живееја во страв Божји, во молитвено тихување и молчание, уште други дванаесет години во една ќелија. Андроник не препозна дека тоа е неговата сопруга Атанасија, а пак ава Данил често доаѓаше и ги поучуваше. Така, во една пригода, кога беше кај нив и долго им зборуваше за душекорисни работи, па се враќаше во својата ќелија, го стигна блажениот Андроник и му рече:

- Оче Данил, отец Атанасиј заминува кај Господа.

Старецот се врати и ја затекна Атанасија со висока температура. Таа започна да плаче, а старецот ѝ рече:

- Треба да се радуваш, а не да плачеш, зашто одиш да се сретнеш со Господа.

Таа одговори:

- Не плачам за себе, туку за отец Андроник. Оче, по моето претставување земи го писмото што е под мојата перница, прочитај го, па дај му го на отец Андроник.

Потоа по молитвата Атанасија се причести со Божествените Тајни и отиде кај Господа. Кога браќата дојдоа да го погребаат неговото тело, видоа дека е жена. Ава Данил го најде писмото, го прочита и му го даде на Андроник. Тогаш тој дозна дека тоа била неговата жена Атанасија, и сите Го прославија Бога.

Гласот за тоа брзо се пронесе по сите лаври. Ава Данил испрати, та ги повикаа сите египетски отци, и оние од внатрешните пустини. И се собраа жителите од сите Александриски лаври, и скитаните во бели облеки (кај скитаните било обичај да се носи бела облека) и чесно го погребаа светото тело на блажената Атанасија, славејќи Го Бога, Кој ѝ дал такво трпение.

По погребот на Атанасија, старецот Данил остана со Андроник седум дена. Во седмиот ден направи помен на преминатата Атанасија и сакаше Андроник да го земе во својата ќелија, но тој го замоли да го остави, за и тој да биде погребан крај својата сопруга. Старецот го остави и замина. Но, пред да стигне во својата ќелија, го стигна еден монах и му рече:

- Отец Андроник заминува кај Господа.

Старецот веднаш им испрати порака на отците, кои веќе беа заминале, да се вратат кај отец Андроник. И го затекнаа сѐ уште жив и зедоа благослов од него, а кога се упокои во мир настана голема расправија меѓу скитаните на Октодекатскиот манастир и скитаните на манастирот каде што се подвизувала блажената Атанасија, и чии што монаси носеа бела облека. Белорисците говореа:

- Покојникот е наш брат и сакаме да го земеме во нашиот скит, за да ни помагаат неговите молитви. Исто така говореа и отците од Октодекатскиот манастир:

- Овој брат е наш, и затоа нека биде погребан со својата сестра Атанасија.

Белите скитани рекоа:

- Како што ќе рече архимандритот на Октодекатскиот манастир, така ќе постапиме.

Старецот нареди Андроник да го погребаат со Атанасија. Но, скитаните белорисци се спротивставија на тоа, зашто беа мнозинство, и говореа:

- Старецот е над страстите и веќе не се плаши од искушенија, а ние сме млади и затоа сакаме да го имаме покрај себе нашиот брат, блажениот Андроник, да ни помага со своите молитви. Доволно е што ви ја оставивме Атанасија.

Потоа скитани одвај се смирија и го погребаа преподобниот Андроник со блажената Атанасија, славејќи Го Бога, прекрасниот во Светиите Свои. Нему слава низ сите векови. Амин.

ЧУДОТВОРНА ИКОНА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „КОРСУНСКА“

Историјата на оваа света икона се губи во длабоката древност. Постојат две преданија за нејзиното потекло. Според едното од нив иконата е насликана од светиот евангелист и апостол Лука. Таа се нашла во Корсунска или Ефеска Рус во 988 година. Била донесена од Корсун во Киев од крстителот на Рус - светиот рамноапостолен кнез Владимир. Подоцна иконата се нашла во Велики Новгород а потоа во Москва, и до 1918 година се наоѓала во Успенскиот собор на московскиот Кремљ, зад престолот.

Второто предание, пак, гласи дека иконата била донесена во Рус кон крајот на дванаесеттиот век од света Ефросинија Полоцска (во светот Предислава), ќерка на полоцкиот кнез Георгиј, која уште од младоста го избрала патот на подвижништвото. Таа во Полоцк изградила женска обител со храмови, посветена на Семилостивиот Спасител и Пресвета Богородица. Кнегињата одлучила да ја украси втората манастирска црква со древна икона на Пречистата. Родот на Комнини, кој што царувал во тоа време во Византија, имал роднински врски со полоцките кнезови. Ефросинија испратила пратеник со богати дарови кај императорот Мануил Комнин (1143-1169 г) и вселенскиот патријарх Лука Хрисоверг (1156-1169 г). Тие на Полоцскиот манастир му подариле прекрасна икона украсена со злато, сребро и скапоцени камења. Во 1173 година таа икона торжествено била поставена во Полоцскиот храм на Пресвета Богородица, откако се прославила со чудесни исцеленија, кои се случувале од неа.

Во 1239 година светиот кнез Александар Невски стапил во брак со ќерката на полоцкиот кнез Брјачислав. Венчавањето се одржало во градот Торопце. Во спомен на тој настан Константинополската икона била пренесена таму и до почетокот на дваесеттиот век се наоѓала на иконостасот на Воскресенскиот собор во градот.

Која од двете верзии за потеклото на Корсунската икона е вистинската? Во фондовите на Нижгородскиот историско-архиктектурен музеј хранилиште беше најдена ракописна ленена книга од дваесет страници. Ракописот раскажува за историјата на наоѓањето на Ефеската „Одигитрија“. Таа икона, се вели во ракописот, е изработена во Византија во 1134 година „за време на Цариградскиот архимандрит Јосиф и грчкиот цар Емануил“ од древна оригинална икона на самиот Апостол Лука.

Ефеската икона „Одигитрија“ многу години се наоѓала во малата црква на архимандритот Јосиф во Цариград. Турците го опседнале Цариград, па за да ја сокријат светата икона од непријателот, верните ја закопале во земјата, за да не биде осквернета. Таму останала долги години. Откако турците зацарувале во Цариград, по извесно време светата икона била извадена од земјата потполно неоштетена.

По нејзиното наоѓање многу болни добиле исцеленија од неа.

Турците негодувале против христијаните, а пак христијаните се плашеле тие да не ја уништат светата икона, која што ги лекувала сите болни. По архимандритот Јосиф, кој ја донел иконата во Ефес, се изредиле мнозина негови приемници. Во 1461 година цариградскиот архимандрит Гаврил ја предал светата икона во Русија, на московските болјари Морозови. (...)

За донесената икона изработиле скапоцен опков од злато, сребро, скапоцени камења, бисери и скапоцена круна.

Тоа е царски подарок од царицата Анастасија Романовна, сопруга на царот Јован Грозни, искован од чисто злато.

Царицата Анастасија ја засакала донесената икона од Ефес, и често одела во домот на болјарите Морозови, за да се моли на Ефеската „Одигитрија“. Таа одела на молитва пешки, а не со царска кочија.

Тоа траело многу години. Но, родот на болјарите Морозови полека исчезнувал и од него останале само болјаринот Глеб и неговата сопруга Теодосија. Но, Морозови решиле да ја предадат чудотворната светиња „во пустината Шарпанска обител во Нижгородските предели, Семоновска област, во горите од другата страна на реката Волга“ изградена во 1622 година, за време на царувањето на Михаил Фодорович.

Корсунската икона останала во Шарпанската обител речиси двесте години. Уште во првите години на нејзиниот престој во манастирот, со донација на болјарката Теодосија, таму биле изградени страноприемница и огромен храм, кој што можел да собере илјада богомолци. Стотици православни добиле исцеление од оваа светиња.

Во 1728 година Нижгородскиот ерхиепископ Питирим „се разболе од некаква болест и беше многу исцрпен од загубата на крв. Тој побара помош од земните лекари, но ниту еден не можеше да го исцели од крвотечението. Тогаш се откажа од земните лекари и започна да ги повикува на помош Бога и Пречиста Богородица. Архиепископот слушаше и гледаше дека многу луѓе, нижгородци и од други места, мноштво болни и страдалници, одат на поклонение пред чудотворната икона. Сите одат и добиваат исцеленија од светата икона. Тогаш и тој си даде ветување дека ќе појде во Семоновската област, во Шарпанскиот манастир, за да се поклони на чудотворниот лик на Пресвета Богородица, откако виде дека од него извира голем извор, богат со милости, и дека сите страдалници и болни добиваат исцеленија од неисцрпниот извор на светата икона“.

Владиката Питирим отишол во Шарпанскиот манастир и откако добил исцеление од иконата, пред сите новгородци изјавил дека таа е чудотворна и прекрасна икона. „Би сакал оваа голема светиња секое лето да доаѓа во нашиот Нижни Новогород“ - рекол Питирим.

Сите громогласно воскликнале:

„Сите сакаме, Владико, да ја примите чудотворната икона. Ветуваме, Владико, дека секое лето ќе ја носиме чудотворната икона во Нижни Новгород“.

Архиепископот рекол:

„Во нашиот град ќе настапи голема радост по повод пристигнувањето на големата Застапница на нашиот град. Затоа, браќа, да се молиме. Иконата ќе се носи во Нижни Новгород на 10 јули и ќе остане таму до 15 септември“.

Тоа траело до 1853 година, кога иконата се сокрила и нејзините траги исчезнале во историјата. Таа била третата копија на оригиналната Ефеска светиња, изработена во Византија од месни иконописци.

За одбележување е и тоа што една копија на оваа икона пребивала на нижгородска земја, во машкиот манастир „Свето Благовештение“, но исто така таинствено исчезнала, иако пред тоа преживеала три опустошувачки пожари и останала неповредена. Се смета дека таа била насликана во Киев, во времето на рамноапостолниот голем кнез Владимир, како копија на донесената од Корсун икона од крстителот на Рус. Како основа за оваа претпоставка послужил натписот врз опковот на грчки и славјански јазик:

„Оваа икона е насликана во 6501 година (903 г.) од јеромонахот Симеон“. Централната светиња на манастирот „Свето Благовештение“ била испратена таму од чудотворецот Алексиј, митрополит Московски, како првосветителски благослов за новосоздадената обител.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ И ПРАВЕДЕН СТЕФАН СЛЕПИОТ

Беше деспот српски, син на деспотот Ѓорѓе и Јерина. Со својата сестра Мара живеел некое време на дворот на султанот Мурат П. Бил ослепен во Едрене со својот брат Гургур. Ја примил деспотската власт над Србија во 1458 година. Наскоро морал да замине од својата земја во Албанија, каде се оженил со Ангелина, ќерката на Скендербег. Слеп и несреќен, но постојано верен на Бога, тој се упокоил во 1468 година, во Италија. Неговите мошти почиваат во манастирот Крушедол, оставнина на неговиот син свети Максим

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ И ПРАВЕДНИ АВРАМ ПАТРИЈАРХОТ и ЛОТ, неговиот внук

Нивниот свет и богоугоден живот, и сите нивни големи и богопријатни подвизи се опишани боговдахновено во светата книга Битие.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ПЕТАР

Преподобниот Петар, во светот Леонтиј, живееше во времето на царот Теофил, а потекнуваше од Галатија, од родители Теофил и Евдокија. Поради својата исклучителна убавина и необична телесна сила, Леонтиј беше земен за царски комит и удостоен од царот на разни војнички одликувања. Во војните и битките правел чуда со својата храброст. Така поминал многу години. Најпосле го презре сето тоа, го напушти царскиот двор и светот, отиде во манастирот Дафнон и се замонаши со името Петар. Потоа отиде на гората Олимп, а од таму отпатува во Ерусалим, па во Лаодикија и Аталија. На сите тие патувања, тој строго се држеше до своите монашки подвизи. Многу неволји претрпе од исмаилќаните што ги среќаваше, и повторно се врати на Олимп. Бидејќи за возвишеноста на животот и неговите доблести дозна и самиот цар Василиј Македонец, царот го убеди да дојде во Цариград и да живее во манастирот на свети Фока. Тука многу се подвизуваше во Бога, и во мир ја предаде својата душа на Господа.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ ДИМИТРИЈ, патријархот Александриски

Свети Димитриј бил единаесетти епископ Александриски, после свети Марко Евангелистот. Управувал мудро и долго со својата паства, од 189 до 231 година. Во негово време, на барање на индијците бил испратен во Индија на проповед на Евангелието свети Пантен, управникот на знаменитата катихетичка школа во Александрија. Пантен во Индија нашол Евангелие, напишано од свети Матеј на еврејски јазик.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЕВЕНТИЈ и МАКСИМ

Светите маченици Евентиј и Максим беа војници оружјеносци кај царот Јулијан Отстапник. Тој многу ги сакаше заради нивната храброст, убавината и стројноста. Кога Јулијан беше во Антиохија Сириска, и беше наредил сите бунари и намирници да се загадат со идоложртвени приноси, за христијаните да се осквернат при нивната употреба, Евантиј и Максим многу тагуваа и плачеа поради тоа. Потоа, додека седеа на прославата, тие од душа заплакаа и рекоа кон Бога: „Господи, си нѐ предал на неправеден цар, полош од сите луѓе“. Тоа го слушна некој од нечестивците и го извести Јулијан, кој многу се разлути, веднаш ги повика кај себе и долго ги мачеше. Најпосле ги посече со меч.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА НАША ПОПЛИЈА ИСПОВЕДНИЧКАТА

Преподобна Поплија се подвизуваше во времето на царот Јулијан Отстапник. Во својата младост беше омажена и во бракот го роди синот Јован, кој го посвети на Бога, и тој стана многу угледен презвитер. Иако биран за епископ на Антиохија, тој заради својата длабока смиреност ја одбегна таа висока функција, и до крајот на животот остана побожен и смерен презвитер. А неговата мајка Поплија, по смртта на својот сопруг стана игуменија над монахињи и девственици.

Во тоа време царот Јулијан Отстапник беше тргнал во воен поход против Персија, и ги повикуваше сите да им принесуваат жртви на идолите. На неговиот пат кон Антиохија го сретна оваа чесна старица Поплија и заедно со своите девственички, колку што гласот можел да ги држи, започнаа да го пеат псалмот Давидов: „Идолите на незнабошците се сребро и злато, дело на рацете човечки; усти имаат а не зборуваат, очи имаат а не гледаат, уши имаат а не слушаат; ниту во нив пак има здив. Кави што се тие, такви нека бидат и оние кои ги градат и се надеваат на нив“ (Пс. 134, 15-18). Кога го слушна тоа, царот веднаш нареди да ја фатат и жестоко да ја тепаат по лицето. Тоа беше сторено и земјата поцрвене од нејзината крв. А за тоа време светата маченица го изобличуваше Јулијан за неговото безбожие и говореше дека вистината Божја таа ја става над сѐ. Јулијан не сакаше да ја убие сега, туку тоа го остави за кога ќе се врати од Персија. Но, бидејќи загина и не се врати, светата девственичка беше осслободена. После тоа света Поплија поживеа богоугодно уште некое време, и во мир се упокои.