23. Октомври   (10. Октомври)

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ТЕОФИЛ СТРУМИЧКИ

Нашиот македонски светител, блажениот Теофил Струмички Исповедникот, е роден од побожни родители во близина на градот Струмица (Тивериопол), источна Македонија. Беше крстен на тригодишна возраст. Еднаш родителите го одведоа на гората Силентија, да добие благослов од светиот отец Стефан. Свети Стефан ги благослови родителите и нивното чедо Теофил, и откако во долгиот разговор ги поучи и научи на многу душекорисн и работи, ги отпушти со мир. Така тие се вратија дома. Од тогаш Теофил со благословот на преподобниот отец Стефан напредуваше во читањето и сесрдното изучување на Божествените книги. Имаше добар карактер и беше многу кроток. Кога наполни тринаесет години, Теофил повторно отиде кај преподобниот отец Стефан, кој го праша:

- Од која причина си дошол кај мене, чедо?

- Ти си ме повикал чесен оче, - одговори момчето, - и јас ги оставив родителите и дојдов кај тебе.

- А каде тоа, чедо, те повикав јас, и што ти реков?

Момчето одговори:

- Додека одев низ нашето поле ти ми се јави, оче, ме погледна и ми рече: Чедо Теофиле, ти си се оддалечил од Господа, Кој говори: „Земи го крстот свој и врви по Мене“ (Матеј 16, 24). Овие зборови го трогнаа моето срце и јас одев по тебе, сѐ до портата на оваа твоја ограда. А кога дојдовме до неа, ти стана невидлив и јас се најдов сам пред заклучената порта. Покрај тоа, оче, и твојот сегашен глас и говор се исти како оние што ги слушнав тогаш. Тоа многу ме убедува дека ти лично ме повика а не некој друг. Затоа те молам, свети оче, не одвраќај го своето лице од мене, твојот слуга, кој сака да се спаси.

Од ова Теофилово искажување преподобниот се зачуди, зашто знаеше дека не излегол никаде од својата ќелија. Откако Му заблагодари на Бога за таквото чудесно призивање на простодушното момче, тој го прими кај себе. Го учеше три години во стравот Божји и го раководеше во подвижништвото и монашкиот живот. Потоа, добро поучен во сите монашки подвизи од својот добар наставник Стефан, го повика игуменот од лаврата и му го предаде послушното, кротко и смирено момче да го пострижат. Откако го прими постригот, Теофил стана искусен монах во сите доблести и живееше меѓу браќата како ангел. Им беше од корист на сите.

Неговите родители не знаеја каде се наоѓа нивното мило чедо, многу тагуваа по него и непрестајно го бараа насекаде, за да го пронајдат оној, кој од љубов кон Бога се сокри од сите и тајно Му служеше на Господа во средината на добрите подвижници. По неколку години тие најпосле дознаа каде се наоѓа нивниот син, па побрзаа во лаврата и со солзи го молеа игуменот да им дозволи да го видат. Трогнат од нивната тага, жалоста и горките солзи, тој го повика Теофил да се види со нив. Кога родителите го видоа сина си во монашка облека, наместо да се радуваат започнаа уште повеќе да тагуваат. Останаа во лаврата неколку дена и гледајќи го животот на светите Отци извлекоа духовна корист од нивниот разговор, та намислија со свои средства да изградат манастир, во кој би се подвизувал нивниот син. Затоа започнаа сесрдно да го молат игуменот да го пушти Теофил дома со неколку браќа, со ветување дека колку што е можно побрзо ќе ја спроведат во дело својата намера со манастирот. Но, игуменот одбиваше, велејќи им дека не е добро за младиот монах да живее во близина на роднини и познати. Но Бог, Кој сѐ уредува за корист на луѓето, посака да ја открие Својата волја во однос на Теофил. Бидејќи родителите упорно го молеа игуменот, тој ги свика браќата и им ја изложи оваа работа, па одлучија со тридневен пост и сеноќно бдение да го молат Бога, Бог од небото да им испрати решение за ова прашање. По тридневно постење и молитвено бдеење, во храмот се чу јасен глас од небото, кој наредуваше да го пуштат Теофил да оди со своите родители. Тогаш сите сфатија дека Самиот Бог го бара тоа. Откако се помолија за него го испратија со благослов, и за помош му дадоа неколку браќа, за умножување на славата Божја. А пак родителите радосни одеа дома со сина си, и набрзо изградија манастир, во кој собраа многу браќа, ги снабдија со секоја потреба и им дадоа потполен мир на слугите Божји. Теофил живееше во тој манастир подвижнички, како светлина блескаше со доблестите и сите имаа корист од неговите добри дела и Го прославуваа небесниот Отец. Теофил поживеа многу години испоснички, но непријателот на човечкиот род крена гонење против чесните и свети Икони, а нивните поклоници ги подложи на мачење преку беззакониот цар Лав Исавријанин Иконоборецот. Овој цар го намрази благолепието на домот Божји и ги лиши од украсот храмовите Господови. Тој светите Икони во калта ги фрлаше, ги газеше, ги спалуваше, и многу верни со мачење усмрти заради поклонувањето на Иконите. Свети Теофил многу се спротивстави на тоа и сите благоразумно ги поучуваше на должен начин молитвено да ги почитуваат светите Икони и да му се поклонуваат на лицето живописано на нив. Кога дозна за тоа, законопрестапниот цар испрати војници, та блажениот Теофил го доведоа пред него. Тој му нареди да се одрече од молитвеното почитување на светите Икони. Теофил одби, па царот веднаш нареди да го тепаат со воловски жили. Потоа му ги врзаа рацете наопаку и го водеа низ градот Никеја како злосторник на подигрување и потсмев. По пат му се придружи еден војник Лонгин, кој го изобличи безумието на мачителот и го учеше на почитување на светите Икони. Затоа го положија на земјата и врз главата му запалија многу икони. А свети Теофил, откако го помина сиот град Никеја, повторно излезе на суд пред беззакониот цар и бестрашно му зборуваше во одбрана на светите Икони и ја изобличуваше неговата заблуда. Царот не го дотрпе тоа и нареди светителот гол да го распнат крстолико на два столба и со суви жили да го тепаат и од двете страни. Гледајќи ја крвта, која течеше од изнаранетото тело на светителот, царот се претвори во најсвиреп ѕвер. Како што дивите ѕверови, кога ќе видат крв стануваат уште покрвожедни, така и бездушниот мачител, при гледањето на мачениковата крв уште повеќе побесне, стана од престолот и самиот долго го тепаше по лицето светителот. Потоа нареди да вжештат железни чизми, да му ги облечат и да го натераат да трча пред него. Сите овие мачења светиот страдалник јуначки ги трпеше, а пак еден царски великодостојник, додека го гледаше тоа се восхитуваше на неговото необично трпение, го зеде од рацете на слугите кои го мачеа, го одведе кај себе и му рече:

- Теофиле, ти ли си единствен безумен, кој им се поклонува на Иконите, или сите ние, кои не им се поклонуваме? Зарем царот и неговиот сенат немаат ни малку здрав разум, да расудат дали треба да се поклонуваме на живописан лик Божји или не? Ако треба да им се поклонуваме на Иконите, тогаш Бог не би наредил во законот: „Не прави за себе идол, ниту некаква слика на она што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата“ (2 Мојсеј 20, 4).

Светителот одговори:

- Гледам, кнезу, дека го познаваш Светото Писмо. Тогаш ајде да поразговараме.

И започна да му зборува за почитувањето на светите Икони, докажувајќи му од Светото Писмо дека уште од Стариот Завет е запишано почитувањето на светите Икони во бакарната змија, која Мојсеј ја подигна во пустината и во златните Херувими, поставени над ковчегот на Заветот. А пак во Новиот Завет самиот Господ го даде Својот лик на убрусот на Авгар, кнезот Едески. И уште многу зборуваше свети Теофил за Иконите и го убеди кнезот, кој му рече:

- Вистински се твоите зборови, чесен старче. Јас ќе се потрудам колку што можам, да го убедам царот во тоа. А сега, слободно врати се во својата ќелија.

На светителот му беше многу жал што не го доврши подвигот на мачеништвото. Сепак, многу се радуваше на раните, говорејќи со Апостолот: „Се радувам во своите страдања, зашто го надополнувам недостигот од Христовите маки во моето тело за телото Негово, кое е Црквата“ (Кол. 1, 24).

Со своето враќање во манастирот свети Теофил многу ги израдува и развесели сите браќа и пријатели и сите околни жители. Потоа, по кратко време му беше откриено дека му се ближи заминувањето кај Бога. Затоа ги уреди сите манастирски работи, ги поучи браќата, ги благослови и откако ги целиваше отиде кај многупосакуваниот Господ.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЕВЛАМПИЈ и ЕВЛАМПИЈА

Додека царуваше Максимијан, за време на страшното гонење на христијаните, многу верни ги оставаа своите домови и се криеја по горите, пештерите и пустините. Во тоа време, едно момче Евлампиј, од благородно потекло, родум од градот Никомидија, христијанин по вера и дела, кој исто така со други христијани се криеше, беше испратено во градот да купи леб и тајно да го донесе во пустината. На влегување во Никомидија, на градската капија здогледа закачена царска наредба за гонењето и убивањето на христијаните. Тој го исмеа таквото безумие на безбожниот цар, кој се кренал, не против непријателите на татковината туку против невините луѓе и самиот ја пустоши својата земја, убивајќи безброен христијански народ. Поради тоа веднаш беше фатен, врзан и изведен на суд. Кога го виде пред себе младиот и убав Евлампиј, беззакониот судија првин со лукави зборови го наговараше да им се поклони на идолите, говорејќи:

- Самото лице ти покажува дека не си од просто, туку од високородно и угледно потекло. Затоа немој, прекрасно момче, да ја погубиш својата убавина, туку погрижи се да ги зголемиш славата и угледот и на себе и на сиот свој род. Ако им се поклониш на боговите ќе бидеш почитуван и славен од сите, и од царот даруван, и на високи функции достоен и ќе живееш среќно. Ете, сите храмови се отворени за тебе и сите се веселат за своите богови и им се поклонуваат. Ајде и ти постапи така и боговите секогаш ќе бидат милостиви кон тебе.

Свети Евлампиј се исполни со Духот Свети и му одговори на лукавиот судија:

- Твоето срце е препредено, лукави се твоите зборови, а ветувањата ти се празни и лажни. Нема да ме измамиш, туку послушај ме и познај Го вистинскиот Бог, Кого јас Го почитувам и Му се поклонувам. Тогаш јас ќе ти ветам од Него вечна и вистинска чест и слава, награди и богатства, какви што сега немате ни ти, ни царот, ни сиот свет. Но, нема да ме послушаш и заради принесувањето на нечистите жртви самиот ќе станеш жртва на незаспивливиот црв. А јас нема да им принесам жртва на демоните, туку на мојот Бог.

Судијата почна да му се заканува со мачење, но Евлампиј бестрашно покажа дека е подготвен на секоја мака за својот Господ Христос. Тогаш нареди да го соблечат, да го положат на земјата и да го тепаат со жили. Немилосрдно и долго го тепаа а тој јуначки трпеше. Иако чувствуваше силни болки, сепак беше многу храбар, а мачителот многу се разлути од неговото трпение и нареди да го обесат на дрво и телото да му го кинат со железни справи. Толку го изнаранија што му се гледаа коските и лежеше на земјата сиот искрвавен и покриен со рани. Всушност целото негово тело претставуваше една огромна рана.

Но, тоа сѐ уште не беше крајот на неговите страдања. Мачителот измисли нови маки за него. Нареди со тенки каиши цврсто да му ги истегнат прстите од рацете и нозете, од што страдалникот трпеше страшни болки, но и со тоа не се засити мачителовата јарост, па нареди да се вжешти железен одар и да го положат врз него, за остатокот од телото да се стопи како восок. Свети Евлампиј се осени со крсниот знак и легна врз вжештениот одар, како врз мека постела. Така неговото тело се испече како месо за печење. Во таквите маки требаше веќе да издивне, но Семоќниот Бог го оживуваше Својот слуга и натприродно ја држеше душата во него, за со тоа на сите да се покаже силата Божја во слабостите човечки и трпението на маченикот. И додека очекуваа на тој одар неизбежно да умре, тој почувствува во себе нова сила, па стана и започна да оди здрав, како да не претрпел никакво мачење. Цврсто верувајќи во својот Господ Бог, Евлампиј се преправи како да се одрекува од она што со устата го исповедал и го одобрува безбожието. Затоа свечено беше поведен кон идолскиот храм и сите со судијата се радуваа, мислејќи дека се одрекол од Христа и сака да им се поклони на нивните богови. И многу народ одеше по нив, а по пат светителот се молеше во себе на својот Господ, да ја јави силата своја, да ги просвети заслепените луѓе и да го прослави светото име Свое. Кога влезе во храмот и го виде Марсовиот идол, кој беше поголем и поубав од останатите идоли во тој храм, тој му пристапи и му рече:

- Во името на мојот Господ Исус Христос ти наредувам, нем и бездушен идоле, падни на земјата и претвори се во прашина.

И идолот веднаш се сруши со огромна бучава и се разби на парчиња. Народот силно извика:

- Единствено Богот христијански е голем и силен!

И многумина поверуваа во Христа. Судијата уште повеќе се разјари и повторно го однесе Евлампиј на мачење.

Неговата сестра девица, на име Евлампија, слушна дека нејзиниот брат страда за Христа, дотрча, застана на средината и силно викна кон брата си:

- Зарем не нѐ роди една мајка? Зарем не веруваме во еден Бог? Зошто додека страдаш за Христа ме лишуваш мене од таа чест? 3ошто не ме извести, за заедно со тебе да ги поднесам сите маки? И јас сакам да умрам за мојот Господ како и ти. Нека знаат сите мачители дека сум христијанка и сум подготвена да умрам за Христа.

Потоа викна кон судијата:

- Судијо, јас сум слугинка Христова! Христос е мојот живот и радост на мојата душа. Него Го сакам и Негова жртва сакам да бидам. Затоа подготви оган, доведи ѕверови, наостри мачеви, измисли најразлични маки, и како и да ме мачиш, подготвена сум сѐ да истрпам, како мојот мил брат Евлампиј.

Мачителот се зачуди на таквата смелост и нареди да ја тепаат по лицето. И долго ја тепаа, додека целосно не ѝ се промени убавината на лицето и крв ѝ течеше од носот и устата. А свети Евлампиј ја бодреше својата сестра да не се плаши од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат.

Тогаш, со наредба на мачителот, беше подготвен котел со страотно врела смола, за во него да ги фрлат и двајцата. Евлампиј се стрча и сам влезе во котелот, а Евлампија започна да се колеба како да се плаши. Кога го виде тоа братот, започна да ја повикува да не се плаши, велејќи ѝ:

- Еве, гледаш дека јас сум неповреден и не чувствувам никаква болка. И ти, штом ќе се допреш до врелиот котел, веднаш ќе ја почувствуваш Божјата помош и ќе станеш неповредлива.

Света Евлампија се ободри, брзо влезе во котелот, кој веднаш се олади и тие останаа неповредени и Го славеа и величаа Бога. Луѓето се восхитуваа на таквото чудо и поверуваа двесте од нив, објавија дека се христијани и беа посечени со меч. Беззакониот судија нареди да му ги ископаат очите на свети Евлампиј, а неговата сестра да ја обесат за косата и да ја тепаат. Таа трпеше, говорејќи:

- Ти благодарам, Боже, Создателу мој, што ме удостои да страдам за светото име Твое.

Потоа мачителот нареди да се вжешти печка и да ги фрлат во неа. Војниците го приведоа светиот маченик до печката, а света Евлампија сама радосно влезе како во некој волшебен замок. И во вжештената печка тие останаа неповредени, зашто жарта се претвори во ладовина и одејќи среде пламенот светите маченици ја пееја песната на Трите Момчиња и Го благословуваа Бога. Мачителот не знаеше што понатаму со нив, па ги осуди на посекување со меч.

Војниците им ги врзаа рацете наопаку и ги поведоа. На губилиштето свети Евлампиј ја стави својата глава под мечот и беше посечен. А света Евлампија пред да биде посечена ја предаде својата душа во рацете Божји. Кога видоа дека веќе умрела, војниците не ѝ ја отсекоа главата.

Така свети Евлампиј и неговата сестра света Евлампија го завршија подвигот на мачеништвото и отидоа заедно кај подвигоосновачот Христос, да го примат од Него венецот на правдата. По нивните молитви нека и нас нѐ удостои на Царството Свое Господ Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава за навек. Амин.

ПРЕПОДОБЕН СТАРЕЦ АМВРОСИЈ ОПТИНСКИ (1812-1891)

Идниот голем старец, преподобниот Амвросиј бил упатен кон Оптина пустина од старецот Иларион Троекуровски, кој му рекол: „Појди во Оптина и ќе бидеш опитен. Преподобниот Амвросиј бил ќелијник на преподобниот Макариј и негов исклучително близок ученик. Како образован човек, тој зел големо учество во важното дело, примено од преподобниот Макариј, преведување на руски јазик и издавање на дела на древните големи пустиножители за монашкиот живот.

Кај отец Амвросиј незабележително се оформиле висината на духот и силата на љубовта, кои ги посветил за помагање на луѓето во нивните таги и страдања, кога станал старец. Уште од стапувањето во скитот се одликувал со својата пријателска привлечност. По смртта на старец Макариј, неговата паства тивко, без стресови, се префрлила кај преподобниот Амвросиј.

Отецот, каков што го запознале луѓето, бил еден од оние оптински старци, кај кого што секој можел да појде кога нешто му тежи на душата, или е во животна несреќа и да побара помош. Луѓето оделе кај него бидејќи слушале многу за неговата мудрост, светоста, и најмногу за огромната добрина, со која тој го примал секого.

Да ги сака ближните така што да им ја посакува секоја среќа, благословена од Бога, и да се грижи да им ја даде таа среќа, бил неговиот живот и неговото дишење. И во тој поток од љубов, кој ги облевал сите што доаѓале кај него, имало таква сила, така што дојдениот останувал без зборови, без дејствија. Доволно било човек да се доближи до отецот, за да почувствува колку силно го сака тој, и заедно со тоа, како одговор на неговото чувство, срцето на посетителот се отворало, се раѓала целосна доверба и најтесна блискост.

На таков начин се раѓале тие взаемни односи -тоа е тајната на преподобниот Амвросиј.

Луѓе од разни краишта се собирале кај него и му раскажувале за своите несреќи. Тој слушал седнат или полулегнат во своето ниско креветче и сфаќал сѐ, подобро од раскажувачот, и започнувал да зборува што означува сето тоа и како треба да се постапи. Собеседникот знаел дека во тие минути старецот лично е влезен во неговиот живот и се грижи за него повеќе отколку што тој самиот се грижи за себеси. А тоа можело да се случи зашто отец Амвросиј го заборавал, го оставал, го соблекувал од себе сопственото суштество, се одрекувал од него и на местото на тоа истерано „јас“ се претворал во својот ближен и ја пренесувал врз него, но во многу поголем степен, нежноста, која што луѓето ја трошат за себе си.

Кај преподобниот можело да се побара разрешување на сите прашања. Луѓето му ги доверувале како најсокриените тајни од внатрешниот живот, така и финансиските прашања, трговските зделки, сите животни намери.

Љубовта на отец Амвросиј била нераскинливо поврзана со неговата вера. Тој цврсто и непоколебливо верувал во човекот, во неговата Божествена душа. Знаел дека и во најголемото човечко обезобразување, таму, некаде далеку, лежи искрата на Божествениот дар, и ја почитувал таа искра. Беседата со него веќе била голема дури само со тоа (колку и грешен да е оној што разговара со него) што му го давал на грешникот сознанието, дека гледа на него како на рамен и дека тој не е конечно загинат и може да се препороди. Тоа влевало надеж, бодрост и вера и во најпропаднатите луѓе, дека можат да тргнат по нов пат.

Од утро до вечер кај него доѓале луѓе со многу болни прашања, кои тој ги примал длабоко во себе и со кои што живеел во моментот на разговорот. Секогаш моментало ја сфаќал суштината на проблемот, недостижно мудро го разјаснувал и го давал одговорот. Но, во текот на десетте или петнаесетте минути од таа беседа, било решавано не само поставеното прашање или проблем, туку тој го ставал во своето срце целиот човек, со сите негови приврзаности и желби, со неговиот целокупен надворешен и внатрешен свет. Од неговите зборови и укажувања се гледало дека тој го сака не само оној со кого што зборува туку и сите сакани луѓе на тој човек, неговиот живот, неговата облека. Предлагајќи го своето решение, преподобниот Амвросиј гледал на проблемот не како на некој изолиран случај, туку ја проценувал секоја ситуација и најразличните последици, како за тоа лице така и за другите, за сите страни на секоја човечка судба, со која што барем малку влегувал во допир тој проблем. Каков ли умствен напор чувствувал за да ги реши тие задачи? А такви прашања, и секој посетител по многу, му задавале секојдневно неколку десетици мирјани, без да се брои мноштвото монаси и триесетина-четириесет писма, добивани и испраќани секојдневно. При таа огромна работа, која траела триесет години, без ниту еден ден одмор, во таа бескрајна мрежа од испреплетени и фини взаемни односи, од најочајните животни ситуации, да не погреши ниту еднаш, ниту еднаш да не каже: „Тука не можам да сторам ништо, не умеам“ - тоа не е човечка сила. Старецот не зборувал од себеси туку по вдахновение. Се гледало дека понекогаш го зема одговорот некаде однадвор. Неговото слово не било само слово на опитен возрасен човек, туку било со власт, основана од неговата блискост до Бога, која му давала сезнаење.

Многу се зборувало за проѕорливоста на преподобниот Амвросиј. Тој се трудел да го сокрие од луѓето својот дар и немал навика да претскажува. Но, во советите што ги давал, тој дар се пројавувал во својата целосна недостижна величина.

За него не постоеле тајни. Гледал сѐ. Можело непознат човек да дојде кај него и да молчи, а тој го знаел неговиот живот и околности, неговата духовна состојба и зошто е дојден. Проѕорливоста на старецот често станувала јавна за одредени лица на таканаречените општи благословувања. Старецот ги обиколувал луѓето кои го чекале неговиот благослов, се загледувал внимателно во секого од нив, ги прекрстувал и му кажувал по неколку збора на секого од нив. Често, обраќајќи се кон сите, раскажувал нешто, кое што служело како одговор на сокриената помисла на некого од присутните. Тоа бил чудесен начин на општење на старецот со своите чеда, за тоа што му го немаат кажано, но нему му било откриено.

Преподобниот Амвросиј ги знаел чувствата не само на оние кои се наоѓале пред него, туку му било познато расположението и на оние кои за прв пат доаѓале кај него. Кога му доставувале, тој веќе знаел дали потреба или љубопитство го довело човекот кај него, дали треба да го прими брзо или да го смири преку чекање. Оние, кои биле внимателни кон себеси забележувале дека колку потежок е товарот со кој што оделе кај баќушката, толку поласкав е неговиот поздрав, макар и да било темно и изразот на лицето на посетителот да не можел да се види.

Смирението на баќушката било толку големо, што тој ги принудувал и другите да заборават за тоа големо јавување, какво што претставува преподобниот Амвросиј.

Се искажувал тој со најтопло чувство и за луѓето кои му сториле многу зла. Ниту недоверба ниту жалости не можеле да ја оглушат во него најтоплата љубов и грижа за секој човек. Во случај, во кој друг барем неизбежно би се смутил, тој се извлекувал со шега.

Неговата милостиња не познавала граници. Се придржувал кон правилото да не откажува ништо на никого. Низ неговите раце поминале многу пари, кои му ги носеле неговите духовни чеда, и тие пари биле распределувани со необична брзина. Со тие средства бил изграден и се издржувал основаниот од него манастир Шамордино, со неговите над петстотини монахињи и големи засолништа за возрасни и болни луѓе. Од тие пари било давано во вид на подароци, на заем, без да бидат враќани, и едноставно како помош десетици, стотици и илјади рубли, на сите кои барале, а често и на такви кои не барале, но имале потреба.

Што се однесува до исцеленијата, тие биле безброј и невозможно е да бидат изброени. Старецот на секој начин ги прикривал тие исцеленија. Ги испраќал болните во пустината при преподобниот Тихон Калужки, каде што имало извор. До времето на старец Амвросиј не се слушало во таа пустина да се случуваат исцеленија. Може да се претпостави дека преподобниот Тихон започнал да исцелува по молитвите на старецот. Преподобниот понекогаш испраќал болни кај светителот Митрофан Воронежски. Се случувало болни да бидат исцелени на одење и да се вратат назад, за да му заблагодарат на старецот. Понекогаш тој како на шега ќе го чукнел со раката болниот по главата и болката ќе исчезнела. Еднаш чтецот, кој служел при старецот, страдал од силна забоболка. Старецот ненадејно го удрил. Присутните се насмевнале бидејќи си помислиле дека чтецот нешто погрешил а всушност забоболката му исчезнала. Познавајќи го старецот, некои жени се обраќале кај него:

„Баќушка, Амвросиј! Натепај ме, главата ме боли!“

Духовната сила на старецот понекогаш се пројавувала во исклучителни случаи.

Еднаш преподобниот, подгрбавен, потпирајќи се на тојага, доаѓал од некаде по патот кон скитот и одеднаш здогледал натоварена запрега, пред неа лежи мртов коњ а еден селанец плаче над него. Загубата на коњот, со кој се издржува семејството, навистина е несреќа! Кога се приближил до паднатиот коњ, старецот бавно го обиколил три пати. Потоа зел една прачка и го удрил коњот, откако му подвикнал: „Станувај, мрзливко! И коњот послушно застанал на нозе.

Преподобниот Амвросиј им се јавувал на многу луѓе на далечно растојание, подобно на свети Никола Чудотворец, или за да ги исцели или за да ги избави од неволји.

Бедни и богати, луѓе од интелигенцијата и од обичниот народ, се собирале од сите катчиња на Русија кај колибата на старецот. Го посетувале познати општествени дејци и писатели: Ф.М. Достоевски, В. С. Соловјов, К. Н. Леонтиев, Л.Н. Толстој, М. П. Погодин, Н. Н. Страхов и други. И тој ги примал сите со еднаква љубов и расположение.

Во последните години од животот на старецот, на дванаесет врсти од Оптина, во селото Шамордино, со негово благоволение била изградена женската Казанска обител, во која за разлика од другите женски манастири, во тоа време примале повеќе безимотни и болни жени. Во почетокот на 90-те години на 19 век во неа имало петстотини монахини.

Всушност, на старецот Амвросиј му било судено во Шамордино да го дочека часот на својот крај, на 10 октомври 1891 година.

И веднаш по неговото упокојување започнале да се случуваат чудеса, во кои што старецот, како да е жив, исцелувал, поучувал, повикувал на покајание.

Духовни поуки на преподобниот Амвросиј

Преподобниот Амвросиј често ги давал советите и поуките во личен разговор или пред сите, заобиколувајќи ги во проста, афористична и неретко шеговита форма. Шеговитиот тон на поучното слово на старецот бил негова карактерна црта.

Како да живееме? -слушал старецот општо прашање од сите страни. По навика одговарал со шеговит тон:

„Жити не тужити, никого не осуждати, никому не досаждати, и всем мое почтение“, односно: „Да живееме без да тагуваме, никого да не осудуваме, на никого да не досадуваме и на сите -моето почитување“.

Понекогаш на прашањето како да живееме по малку и на друг начин преподобниот одговарал: „Треба да живееме нелицемерно и да се однесуваме примерно. Тогаш делото ќе ни биде верно а инаку ќе излезе скверно. Или пак вака: Може да се живее и во светот, само не во празна врева, туку да се живее тивко.

Треба -велел уште старецот -да живееме на земјата онака како што се врти тркалото. Само со една точка одвај ја допира земјата, а со останатите сигурно се стреми нагоре. А пак ние, кога ќе легнеме на земјата повеќе не можеме да станеме.

За смирението

За да се живее во манастир е потребно не една кола туку цел караван.

И уште: За да бидеш монахиња треба да си или железна или златна. Старецот го појаснувал тоа вака: железна значи да имаш големо трпение, а златна - големо смирение.

Ако некој те навреди, не кажувај на никого, освен на старецот, и ќе имаш мир. Поклонувај им се на сите, без да обрнуваш внимание на тоа дали ти одговараат на поклонот или не. Потребно е да се смируваш пред сите и да се сметаш за најлоша од сите. Ако не сме ги извршиле гревовите кои што други ги извршиле, тоа може да биде поради тоа што не сме имале погоден случај, состојба и околностите биле други. Во секој човек има нешто убаво и нешто добро. Ние обично ги гледаме во луѓето само пороците, а не гледаме ништо убаво. Еднаш, при заедничкиот благослов старецот рекол: „Бог со Својата милост ги посетува само смирените“. Потоа, по кратко молчење, ненадејно додал: „Бидете подготвени, зашто не го знаете ни денот ни часот...“ и по неколку минути, пак таму, на заедничкото благословување, му соопштиле на баќушката за крајот на еден скитски послушник (Алексиј Кронштадски). Старецот раскажувал еден случај како пример за тоа, дека без смирение не можеме да се спасиме:

„Една госпоѓа го видела на сон Господ Исус Христос и пред Него толпа народ. На неговиот повик прва пристапила кај Него селска девојка, потоа селанец со опинци и само луѓе од селскиот сталеж. Дамата си помислила дека Господ ќе ја земе и неа заради нејзината доброта и воопшто заради сите нејзини добродетели. Но, какво било нејзиното вчудоневидување кога видела дека Господ веќе престанал да повикува! Решила самата да Го потсети за себеси, но Господ сосем се свртел од неа. Тогаш паднала ничкум на земјата и смирено започнала да се кае дека навистина е најлоша од сите и е недостојна да биде во Небесното Царство.

Потоа старецот додавал: а всушност таквите се вклопуваат, всушност таквите стануваат за таму.

На зборовите на една жена, која стоела близу до старецот: „Гордоста пречи во сѐ“, тој одговорил: „а ти се обгрни во понизноста. Тогаш дури и небото да се спои со земјата, нема да биде страшно“.

Безброј многу луѓе немаат и со што да се гордеат. По тој повод старецот раскажувал една случка:

„Една жена на исповед му рекла на духовникот дека е горда. „Но, со што се гордееш? - ја запрашал духовникот. - Сигурно си дворјанка?“ „Не“ - одговорила таа. „Е, тогаш навистина си талентирана?“ „Не“. „Значи си богата?“ „Не“. „Хм! Во таков случај можеш да се гордееш““ - рекол на крајот духовникот“.

На прашањето како тоа праведниците, знаејќи дека живеат добро, според Божјите заповеди, не се превознесуваат со својата праведност, старецот одговорил:

„Тие не знаат каков крај ги чека. Затоа нашето спасение треба да се извршува помеѓу стравот и надежта -додал тој. Никој во никаков случај не треба да очајува, но и не треба прекумерно да се надева (на Божјата милост).

 

Може ли да бараме усовршување во духовниот живот?

Не само дека може да барате, но треба и да се трудите да се усовршувате во смирението, односно во тоа да се сметате за најлош и најдолен од сите луѓе и од сета твар.

За грешниот човек е природно и неопходно да се смирува. А ако не се смири ќе го смират околностите, уредувани промислително за негова душевна полза. При среќа тој обично се самозаборава и припишува сѐ на себеси, на својата немоќна сила и минлива власт. Но, штом ќе го снајде некоја несреќа, го моли за поштеда дури и вообразениот непријател. Старецот ја изразува таа вистина со следната приказна:

„Човекот е како бумбар. Кога денот е топол и сонцето грее, тој лета, се гордее со себеси и брмчи: „Сите гори се мои, сите ливади се мои! Сите ливади се мои, сите гори се мои!“ Но, штом сонцето ќе се сокрие, ќе фати студ и задува ветер, бумбарот го заборава своето јунаштво, се прилепува кон некој лист и само лелека: „Не ме соборувај!“

Старецот раскажувал и како понекогаш околностите неочекувано го смируваат човекот:

„Еднаш еден човек организирал во својот дом празничен ручек и ги распратил своите слуги да ги поканат гостите. Еден од поканетите го прашал испратениот слуга, кој што бил неучтив: „Зарем твојот господар не можеше да испрати некој подобар од тебе?“ Слугата одговорил: „Добрите ги испратија кај добрите, а мене ме испратија при вашата милост“.

За поука на своите ученички во смирението, старецот Амвросиј го велел и ова:

„Еднаш еден посетител отишол кај игуменот архимандрит Мојсеј, но кога не го затекнал во ќелијата отишол при неговиот роден брат, игуменот Антониј. За време на разговорот гостинот го запрашал: „Кажете ми, баќушка, кон какво правило се придржувате?“ Отец Антониј одговорил: „Сум имал многу правила, сум живеел во пустини и по манастири, и сум имал секогаш различни правила, а сега ми остана само митарското: Боже биди милостив кон мене, грешниот!“

При тоа старецот раскажал уште и како една негова духовна ќерка постојано сакала да патува натаму -наваму, и до Киев, и до Задонск, а старецот ѝ вели: „Сето тоа не ти е од полза. Подобро оди си дома и моли се со митаревата молитва“.

Штом човек ќе се смири -велел старецот, - смирението веднаш го носи во преддверието на Небесното Царство, кое што „не е јадење ниту пиење туку правда и мир и радост во Светиот Дух“ (Рим. 14, 17).

Царството Божјо - велел уште старецот, - не е во зборови туку во сила (1Кор. 4, 20). Неопходно е помалку да зборуваме, повеќе да молчиме, никого да не осудуваме, и на сите - моето почитување.

За трпението

Кога ти досадуваат никого не прашувај зошто и поради што. Во Писмото тоа го нема никаде. Таму, напротив е речено: „Ако некој те удри по десниот образ, сврти му го и левиот“ (Мат. 5, 39). Во практика е незгодно да удриш некого по десниот образ а тоа треба да се сфати вака: ако некој те клевети без да си виновен или ти досадува со нешто, тоа означува шлаканица по десниот образ. Не роптај, туку трпеливо понеси ја таа шлаканица, и при тоа сврти ја и левата страна, откако ќе си спомнеш за своите неправедни дела. И ако сега можеби си невин, пред тоа си грешел многу и со тоа ќе се убедиш дека си достоен за таа казна. „Баќушка, научете ме на трпение!“ велела една сестра. „Учи се - ѝ одговорил старецот - започнувајќи од трпење на непријатностите што ти се случуваат“. „Не можам да разберам како е возможно да не се смутувам од навредите и неправдите“ - му рекла на отец Амвросиј друга сестра. Одговорот на старецот: „Само биди праведна и не навредувај никого“. Ако некој од браќата поради малодушност и нетрпеливост тагувал што не го посветуваат скоро во мантија или јероѓаконство и јеромонаштво, старецот како поука имал навика да каже: „Сето тоа, брате, ќе се случи кога ќе му дојде времето - сѐ ќе ти дадат, но добри дела никој нема да ти даде“.

За монашкото послушание

„Зошто, оче, - запрашала една госпоѓа, на игуменијата ѝ е дадено право да располага со монахињите како со потчинети?“

Старецот одговорил:

„Повеќе отколку со потчинети. Потчинетите можеле барем зад грбот на своите господари да промрморат и да негодуваат, а од монахињите е одземено и тоа право - монахињата сама доброволно се предава на потчинетост“.

За раздразливоста

Никој не треба да ја оправдува својата раздразливост со некаво заболување. Таа произлегува од гордоста. А човечкиот гнев, според зборовите на свети апостол Јаков, „не ја врши Божјата правда“ (Јак. 1.20). За да не им се предаваме на раздразливоста и гневот, не треба да дејствуваме лежерно.

Кога беседел за зависта и злопамтењето, старецот рекол:

„Неопходно е да се самопринудуваме, макар и против своја волја, да им правиме некакво добро на своите непријатели, и најпосле да не им се одмаздуваме и да внимаваме некако да не ги навредиме со надворешен презир или понижување“.

Една жена прашала: „Баќушка, не можам да разберам како ти, не само што не се гневиш на оние што зборуваат против тебе, туку и продолжуваш да ги сакаш“.

Старецот многу се смеел на тоа и рекол:

„Ти имаш мал син. Му се лутиш ли кога тој постапува и зборува како што не треба? Не ли се трудиш да ги покриеш неговите недостатоци?“

За љубовта

„Љубовта е - велел старецот со зборовите на апостолот - долготрпелива, сѐ простува, не осудува, не посакува ништо туѓо, не завидува“.

„Љубовта покрива сѐ. И ако некој му прави добро на ближниот по желба на срцето, не само движен од чувството за долг, на таквиот ѓаволот не може да му пречи. А каде што е само по долг, таму тој сепак се труди да попречи со нешто“.

На оној што се труди Бог му испраќа милост, а на оној што љуби - утеха.

Љубовта, се разбира, стои највисоко од сѐ. Ако гледаш дека во тебе нема љубов, а сакаш да ја имаш, врши ги делата на љубовта, макар на почетокот и без љубов. Господ ќе ја види твојата желба и труд и ќе ти стави љубов во срцето. А најбитно, штом забележиш дека си згрешил против љубовта, веднаш исповедај го тоа кај старецот. Тоа понекогаш може да биде од лошо срце а понекогаш и од врагот. Ти сама не можеш да оцениш, а штом го исповедаш, врагот ќе отстапи.

Оној што има лошо срце не треба да очајува, зашто со Божјата помош човек може да си го поправи срцето. Треба само внимателно да се самонабљудува и да не пропушта случај да биде полезен за ближните. Често да ги открива мислите пред старецот и да дава милостиња според своите можности. Тоа се разбира, не може да се направи одеднаш, но Господ е долготрпелив. Тој го прекинува животот на човекот само кога го гледа подготвен за преминување во вечноста или пак кога не гледа никаква надеж за негово поправање.

Ако ги примаш луѓето заради Бога, тогаш верувај, сите ќе бидат добри со тебе.

За некој да направи човек од себе, не треба силно да напнува, како да влече шлепер: влечи, влечи, пушти, пушти! Не сѐ одеднаш туку по малку.

Не можеме веднаш да станеме бестрасни, но секогаш, штом ќе ја почувствуваш својата гревовност, говори: „Господи, прости ми“, Само Господ е силен да стави љубов во срцето на човекот.

За милостињата старецот говорел: „Свети Димитриј Ростовски пишува: „Ако кај тебе дојде човек на коњ (односно богат човек) и посака милостиња, дај му. А како тој ќе ја употреби твојата милостиња -ти не одговараш за тоа“.

Свети Јован Златоуст вели: „Започни да го даваш на бедните она што не ти е неопходно, кое што само собира прав кај тебе, и потоа ќе бидеш во состојба да даваш повеќе и дури да се лишуваш себе си, а на крајот ќе бидеш подготвен да дадеш сѐ што имаш“.

На прашањето како да се сфатат зборовите од Светото Писмо: „Бидете мудри каако змии“ (Мат. 10, 16), старецот одговорил:

„Змијата, која сака да ја смени својата стара кожа со нова, ползи низ некое многу тесно место и така лесно ја симнува од себе старата кожа. Така и човекот, кој сака да ја соблече од себе својата стара природа, треба да оди по тесниот пат на исполнувањето на Евангелските заповеди. При сите напади змијата се труди да ја заштити својата глава. Човекот треба најмногу да ја чува својата вера. Ако верата е сочувана, сѐ друго може да се поправи“.

Еднаш му раскажував на старецот (пишува негова духовна Ќерка) за едно семејство, дека многу ми е жал за сите нив. Тие не веруваат во ништо, ниту во Бога, ниту во идниот живот. Жал ми е, зашто тие самите можеби не се виновни, ги воспитале во такво неверие или пак имало некакви други причини. Старецот одмавна со главата и налутено рече; „За безбожниците нема оправдание. Евангелието се проповеда на сите, вклучувајќи ги и јазичниците. Притоа, чувството за познание на Бога, по природа е ставено во сите нас од раѓање, што значи дека тие самите се виновни. Прашуваш може ли да се молиме за таквите. Се разбира, можеме да се молиме за сите“. „Баќушка! - реков потоа. Нели оној, чии што блиски роднини ќе се мачат во адот нема да може да чувствува целосно блаженство во идниот живот?“ А баќушката рече: „Не, таму нема да постои такво чувство - тогаш ќе заборавиш за сите. Тоа е како на испит. Кога одиш на испит се плашиш и во главата имаш рој разнородни мисли, а штом ќе влезеш внатре и го извлечеш листот (на кој ќе одговараш) забораваш на се“.

Дошол кај старецот еден господин, кој не верувал во постоење на бесови. Старецот му го раскажал следното:

„Еден земјопоседник отишол на село да гостува кај свои познати и самиот си избрал соба за ноќевање. Му велат: „Не легнувајте тука, во таа соба се случуваат чудни нешта“. Но, тој не поверувал и само се исмеал на тоа. Легнал, но преку ноќта ненадејно слуша дека некој му дува дирекно по голото теме. Се завиткал со постелата преку глава. Тогаш тој некој се преместил кај неговите нозе и му седнал на постелата. Гостинот се исплашил и започнал да бега, откако од сопствен опит се уверил во постоењето на темна сила. Но и по тој расказ, господинот рекол: „Ваша волја баќушка, јас дури не разбирам што претставуваат бесовите“. На тоа старецот одговорил: „Ами и математиката сите не ја разбираат, но и покрај тоа таа постои“. И додал: „Како да не постојат бесовите кога од Евангелието знаеме дека самиот Господ им заповедал на бесовите да влезат во стадото свињи?“ Господинот возвратил: „Но, нели тоа е алегориски?“ „Па тогаш и свињите се алегориски - продолжил да го убедува старецот, - значи и свињите не постојат. Но, штом постојат свињите, значи постојат и бесовите“. Некои - рекол уште старецот - се одрекувале од верата во Бога според примерот на другите и од лажен срам. Еве еден таков случај.

Еден човек не верувал во Бога. А кога за време на војната во Кавказ морал да се бори, при разгорувањето на судирот, кога крај него летале куршуми, тој се наведнал, го прегрнал својот коњ и цело време се молел: „Пресвета Богородице, спаси нѐ!“ А подоцна, кога се сетил на тоа, пријателите го исмеале и тој се одрекол од своите зборови.

Потоа старецот додал: „Да, лицемерието е полошо од неверието“.

За мрзливоста и унинието

Досадата е внука на унинието и ќерка на мрзливоста. За да ја избркаш потруди се, и во молитвата не биди мрзелив. Тогаш досадата ќе замине и усрдието ќе дојде. А ако кон тоа трпение додадеш и смирение, од многу зла ќе се избавиш.

Кога ќе те налегне мрачно расположение, не заборавај да се самопрекоруваш. Сети се колку си виновна пред Господа и пред себеси, осознај дека не си достојна за ништо подобро и веднаш ќе почувствуваш олеснување. Речено е: „Бројни се маките на праведните“ (Пс. 33, 19) „и многу маки ќе го снајдат грешникот“ (Пе. 31, 10). Таков е нашиот живот овде, само неволји и несреќи, и токму преку нив се стигнува до Царството Небесно. Кога си неспокојна, почесто повторувај си: „барај мир и врви по него“ (сп. Пе. 33, 15).

За нечувствителноста и недостигот на страв Божји

По повод ненадејната смрт на С. старецот рекол: „Ете, смртта е пред прагот, а не зад баирот, а нашата глава сѐ уште не ја топи“.

Уште рече: „Ако во едниот крај на селото бесат, на другиот нема да престанат да грешат и ќе говорат: Брзо нема да стигнат до нас“.

За покајанието

За да даде вистинска претстава за силата и важноста на покајанието, старецот ја делел брошурата „За покајанието“, од преподобниот Марко Подвижник. Меѓу другото велел: „Ако некогаш некој вистински искрено се покајал за своите гревови, го променил и својот гревовен живот на добро. А сега често се случува вака: човек ќе ги раскаже на исповед сите свои гревови со подробности, но потоа пак ќе си започне по свое“.

Старецот ја раскажал и следната поучна случка:

„Седел еден бес во облик на човек и си ги нишал нозете. Некој го видел со духовните очи и го прашал: „Зошто не работиш ништо?“ Бесот одговорил: „Ами не ми останува ништо друго, освен да си ги нишам нозете. Луѓето сѐ си вршат сами подобро од мене“.

Го раскажувал следното за силата на покајанието:

„Еден човек постојано грешел и се каел, и така целиот живот. На крајот се покајал и умрел. Злиот дух дошол по неговата душа и рекол: „Тој е мој“. Но, Господ рекол: „Не, тој се каеше“. „Иако се каеше, сепак грешеше“ - одговорил ѓаволот. Тогаш Господ му рекол: „Ако ти, како зол, пак го примаше, откако тој ќе се покаеше пред Мене, како Јас да не го примам, кога по согрешенијата тој повторно се обраќаше кај Мене со покајание? Забораваш ли дека ти си лош, а Јас добар?“

Старецот говорел: „Самооправдувањето е голем грев. Во Писмото е речено: „Кога ќе дојде време, Јас ќе судам според правда“ (Пс. 74, 3).

Гревовите се како ореви. Ќе го скршиш а јатката тешко можеш да ја извадиш.

Има три начини за спасение. Кај свети Јован Златоуст е речено:

а) Да не грешиме;

6) Откако сме согрешиле да се покаеме;

в) Оној што се кае неправилно, треба да ги поднесува неволјите што му се случуваат.

Старецот говорел: Се случува така што, иако преку покајанието гревовите ни се простени, совеста не престанува да нѐ обвинува. Покојниот старец Макариј за споредба понекогаш го покажуваше својот прст, кој некогаш му бил пресечен. Болката одамна престанала, но белегот останал. На ист начин и по простувањето на гревовите остануваат белези, односно обвинувања на совеста.

Иако Господ ги простува гревовите на оние што се кајат, секој грев бара очистувачка казна.

На пример, на благоразумниот разбојник самиот Господ му рекол: „Вистина ти велам, денес ќе бидеш со Мене во рајот“ (Лк. 23, 43), а во меѓувреме, после тие зборови му ги сокршиле натколениците. А тој, како ли се чувствувал да виси на крстот уште три часа само на раце, со скршени натколеници? Значи му било неопходно очистително страдање.

За очистување на грешниците, кои умираат веднаш по покајанието, служат молитвите на Црквата и на оние што се молат за нив. А оние кои сѐ уште се живи, треба да се очистуваат само со поправање на животот и милостињата, која што ги покрива гревовите.

Бог не го прави крстот за човекот (односно очистителните душевно телесни страдања). И колку и да е тежок крстот, кој што некој го носи во животот, сепак дрвото, од кое што е направен, секогаш израснува над почвата на неговото срце. Посочувајќи го своето срце, старецот додавал: Дрвото е при водните извори, - таму вријат водите (страстите).

А друг пат, применувајќи ја посочената вистина кон себе си, рекол:

„Ете, јас на пример секогаш сум бил брборко, секогаш сум сакал да позборувам со луѓето, да се позабавувам. И Господ ги уреди работите така што ми се даде преку целиот свој живот да разговарам со луѓето. Сега би се радувал и да помолчам, но не ми се дава“.

Кога човекот оди по правиот пат - за него нема крст. Но, кога ќе скршне од него и започне да лута, ту во една ту во друга насока, тогаш се појавуваат различни околности кои што го туркаат повторно кон правиот пат. Тие туркања и го претставуваат крстот за човекот. Тие, се разбира, се различни,на секого какви што му се потребни.

„Оди каде што ќе те поведат, гледај го тоа што ќе ти го покажат и постојано кажувај: „Да биде волјата Твоја“.

„Има мислен крст - понекогаш гревовните помисли го смутуваат човекот но тој не е виновен за нив, ако не се согласува со нив“.

Старецот дал пример:

Една подвижничка долго време била напаѓана од нечисти помисли. А кога Господ ѝ се јавил и ги избркал од неа, таа викнала по Него: „Каде беше до сега, о, слатки мој Исусе?“ Господ ѝ одговорил: „Бев во твоето срце“, А таа рекла: „Но, како е возможно? Та моето срце беше исполнето со нечисти помисли!“ И Господ ѝ рекол: „Познај дека бев во твоето срце по тоа што ти немаше никаква симпатија кон нечистите мисли, а повеќе се трудеше да се избавиш од нив. Но, бидејќи немаше можност тагуваше, и така Ми подготви место во своето срце“.

Понекогаш на човекот, без да е виновен му се испраќаат страдања, та по примерот на Христа да страда за другите. Самиот Спасител пострадал најнапред за луѓето. Неговите апостоли исто така биле мачени за Црквата и за луѓето. Да имаш совршена љубов значи да страдаш за ближните.

Во сите свои дела човекот има потреба од Божјата помош. Старецот рекол: „Ако Господ не ја изгради куќата, напразно ќе се трудат нејзините градители“ (Пс.126,1), а тоа значи: ако Господ не благослови нешто, трудовите ќе се залудни, „залудно ќе бдее стражата“ (Пс. 126,1) и нема да сочува ништо. И напразно тој човек ќе станува рано - без Божјиот благослов работите нема да му тргнат.

И затоа е неопходно секогаш и за сѐ да ја просиме Божјата помош, неопходна е сесрдна молитва.

„Зошто луѓето грешат?“ - понекогаш старецот поставувал прашање и самиот одговарал: „Или затоа што не знаат што треба да прават и што да одбегнуваат, или дури и да знаат - забораваат, а ако не заборават, стануваат мрзливи, се наоѓаат во униние. И обратно: бидејќи луѓето се многу мрзеливи во однос на делата за благочестието, тие многу често забораваат на основната задача - да Му служат на Бога; а од мрзеливоста и заборавеноста стигнуваат до крајна неразумност или незнаење. Тоа се трите гиганти - унинието или мрзеливоста, заборавот и незнаењето - кои што го имаат оковано сиот човечки род со нераскинливи вериги. А после тоа веќе следува небрежноста со сиот збир од зли страсти. Затоа и се молиме на Небесната Царица: Пресвета Владичице моја Богородице, со Твоите свети и сесилни молби, од мене, твојот смирен и покаен слуга, избркај ги унинието, заборавеноста, неразумноста, небрежноста и сите нечисти, лукави и хулни помисли...“

Старецот Амвросиј и усно и писмено заповедал на мнозина да се молат со кратката Исусова молитва: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме, грешниот!“

Така, тој ѝ напишал на една своја духовна ќерка: „Бог да благослови да го оставиш своето вообичаено молитвено правило и постојано да се придржуваш кон Исусовата молитва, која што може да ја успокои душата повеќе отколку извршувањето на најголемото ќелијно правило“.

Еден од претходните опитни старци, на име Василиј, го објаснува тоа вака: „Оној што се придржува кон големо ќелијно правило, кога го исполнува бива поттикнуван од славољубието и превознесувањето. А кога од некоја причина не може да го исполни своето правило, се смутува. А оној што постојано се држи до Исусовата молитва, секогаш пребива во смирено расположение на духот, како човек, кој не прави ништо и нема со што да се превознесува“.

Старецот додал: „А и со што, всушност може да се превознесува тука човек? Парталав, искинат, проси милостиња: „Помилуј, помилуј!“ - а дали ќе му се даде милост, тоа нешто уште не го знае“.

Старецот уште рекол: „Еден брат запрашал друг: „Кој те научи на Исусовата молитва?“ А оној одговорил: „Бесовите“. „Ами, како тоа?“ „Ами, ете така - тие ме беспокојат со гревовни помисли, а јас постојано се молев и молев, и така се навикнав“.

А кога започне да те чепка (односно кога за време на молитвата започне да те беспокои раздразливоста против некого), моли се вака:

„Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј нѐ, грешните!“

Еден брат му се пожалил на старецот дека за време на молитвата има мноштво разнообразни помисли. Старецот му рекол:

„Еден селанец минувал со својата запрега низ пазарот. Околу него толпа народ, врева, бучава, а тој си го поттикнувал своето коњче: „Диј! Диј!“ - и така, лека полека поминал низ целиот пазар. Така и ти, што и да ти зборуваат твоите помисли, секогаш врши го своето дело - моли се“.

Како раководство во разумното молење со Исусовата молитва, старецот делел брошури со наслов: „Толкување на „Господи помилуј“.“

За да ги поттикне мрзеливите и унилите на практикување на оваа молитва, старецот ја раскажувал следната историја за силата на Исусовото Име:

„Еден богољубец имал папагал обучен да зборува, кој постојано од својот сопственик го слушал произнесувањето на молитвата „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме, грешниот“, и самиот научил да ја повторува. Еднаш преку летото тој излетал низ отворениот прозорец на улицата и тука го начекал јастреб. Но, папагалот по навика, од страв ја произнесол Исусовата молитва и јастребот веднаш отскокнал од него. Ете, така молитвата произнесена без мисла, му послужила да се спаси од надвиснатата опасност“.

За луѓето да не бидат безгрижни и да не ја полагаат целата своја надеж во молитвена помош од страна, старецот ја повторувал познатата народна поговорка: „Помогни си самиот, за да ти помогне и Господ“.

Уште говорел: „Премудроста си изградила дом, а потоа рекла: „Тие што сте мои, пијте го виното што ви го налеав и барајте ги разумот и познанието“.

А. Т. рекла: „Баќушка! Преку кој друг да бараме, ако не преку вас?“ Старецот одговорил: „И самата проси. Сети се, дванаесетте апостоли Го молеле Спасителот за жената хананејка, но Он не ги чул. А кога таа самата започнала да се моли, измолила“.

Но, бидејќи молитвата е најсилното оружје против невидливиот враг, тој се труди на секој начин да го оттргне човекот од неа.

Старецот го раскажал следното: „На Света Гора еден монах имал сколовранец кој зборувал, и монахот многу го сакал, вовлекувајќи се во неговите разговори. Но, било чудно тоа што, штом монахот ќе започнел да го исполнува своето молитвено правило, тој веднаш започнувал да зборува и не му давал да се моли. Еднаш на светлиот празник Воскресение Христово монахот се доближил до него и рекол: „Сколовранецу, Христос воскресна!“ А тој возвратил; „Во тоа е нашата неволја, што воскресна!“ - и веднаш издивнал, и во ќелијата на монахот се разлеала неподнослива смрдеа, Тогаш монахот ја сфатил својата грешка и се покајал“.

Како потврда на тоа дека Бог гледа најмногу на внатрешното молитвено расположение на душата на човекот, старецот раскажувал:

„Еден брат, кој страдал од болни нозе, отишол кај отецот игумен Антониј и рекол: „Баќушка, ме болат нозете, не можам да правам поклони и тоа ме смутува“. Отец Антониј му одговорил: „Во Писмото е речено: Синко, дај ми го срцето твое (Изреки 23, 26), а не нозете!“

Една монахиња му рекла на старецот дека видела на сон икона на Божјата Мајка и слушнала од Неа: „Принеси жртва!“ Старецот ја запрашал: „И што, принесе ли жртва?“ Таа одговорила: „А што да принесам?“ Тогаш старецот рекол: „Во Псалмите е напишано: „Оној што принесува благодарствени жртви, тој Ме почитува“ (Пс. 49, 23).

Старецот ја раскажувал следната случка како пример за силата на крстниот знак.

Еден човек сакал да се напива повеќе. Во таква состојба се изгубил некаде и му се сторило дека некој се приближува до него, му налева од шише чаша вотка и му дава да си пивне. Но, ете, сега залутаниот по навика се прекрстил и одеднаш сѐ исчезнало, а во далечината се слушало кучешко лаење. Кога си дошол на себе, тој видел дека навлегол во некакво блато и се наоѓа на доста опасно место, И ако не било кучешкото лаење, не би се извлекол од таму.

За оние што живеат во смиреност и простота:

„Млад човек отишол во еден московски манастир и започнал да го моли игуменот да го прими кај браќата. А игуменот, кога ја видел неговата кротост, го посоветувал да стапи во Оптина пустина. Младиот човек го послушал, отишол во Оптина и веднаш бил примен од архимандрит Мојсеј, кој го известил за него старецот Макариј. Го сместиле засебно во книговодството за писма. Послушникот секогаш се однесувал како старец. Во црквата стоел тивко, со наведнати очи и со строго благоговение и смирение. Не излегувал од црквата без да земе благослов од игуменот. И кога умирал постојано се насмевнувал. Тука старецот додал: „Веројатно имал видение и починал тивко. Кај Божјите избраници секогаш е така. Бог ги заштитува на специјален начин. Оној што се предава на Божјата промисла, над него се јавува специјална Божја грижа“.

При разговорот за аџиката Дарушка, старецот воздивнал и рекол: „Да, Господ почива во простите срца. Златото насекаде се гледа и насекаде се забележува, дури и да е малку грубо. А некој пак, колку и да се дотерува, никогаш нема да стане злато. На зборовите дека Дарушка починала добро, старецот рекол: „Крајот ѝ бил добар, зашто живеела добро. Како живееш така и ќе умреш“.

За тоа колку тешко се искоренуваат гревовните навики во човекот и колку силно дејствува врз него примерот на другите, старецот рекол: „Како кога ќе го префрлат ласото врз подивен коњ и ќе го поведат, тој се влече и на почетокот оди настрана, а потоа, кога ќе види дека другите коњи одат спокојно, и самиот ќе тргне во редицата. Така е и со човекот“.

 

За ѓаволските мрежи

Мрзеливиот пајак седи на едно место, точи нишка и чека, штом падне мува, веднаш ѝ ја кине главата. А мувата постојано зуи. При тоа старецот многу остро додал: „Ќе зазуиме!“ Така и врагот секогаш обложува мрежи, и штом некој ќе падне во нив, веднаш му ја кине главата. Потоа старецот се свртел кон еден човек и му рекол: „Внимавај, не биди мува, зашто во спротивно и ти така ќе зазуиш“.

Само по себе се поставува прашањето: „Што да правиме? Човекот е немоќен а враговите се итри“.

По тој повод старецот Амвросиј меѓу другото раскажал за следната поучна историја: „Еден татко го испратил сина си во планината по работа. Синот го прашал: „Татко, како ќе се снајдам таму сам? Не знам ништо“. Таткото му одговорил: „Ништо, оди, неволјата ќе те научи на сѐ“. Тој тргнал, но ете, во гората му се скршила шејната. Се сетил тој на зборовите на татка си дека неволјата ќе го научи на нешто и започнал да вика: „Неволјо!“ А таа му одговорила: „Ооо! (ехото). Тој чекал, чекал, викал ли викал, но никој не му дошол на помош. Тогаш се симнал, ја поправил криво-лево шејната, отишол кај татка си и му рекол: „Татко, ти ме излага. Неволјата не ми дојде на помош“. „А како тогаш си се снашол?“ „Ами, ете така, како што можев“. „Токму тоа дека си се снашол како што си можел, означува дека неволјата те научила како да постапиш“.

Еднаш старецот излегол од колибата за да даде благослов и рекол: „Еден сопственик имал пилиња и галено ги собирал - пили-пили, а тие сѐ истите биле“.

Старецот бил болен и на заедничкиот благослов рекол: „Денес ме фати силно! Ако уште неколку пати се повтори така, нема да живеам долго. Нели сепак некогаш треба да се замине на оној свет“. „Само не сега, баќушка, - му возвратиле - како ќе останеме без вас? Уште треба да поживеете со нас“.

Старецот одговорил: „Понекогаш ми е доста тешко со вас. Ете, сум ве учел, ми се чини дека сум ви кажал сѐ, на сѐ сум ве учел, само не знам дали сум ве научил на нешто. Ете, и болен си го поставувам тоа прашање. Имајте барем мир помеѓу себе си“.

На заедничкиот благослов преподобниот Амвросиј често говорел: „Да се зборува благо, е како да се дава сребро, а благоразумното молчење е злато“. „Подобро е да предвидуваш и да молчиш, отколку да зборуваш и потоа да се каеш“. „Ете, исто како да фрлам јадица со многу кукички. На секоја од нив има улов. Само умејте да земете“. „Зошто човекот бива лош? Зашто заборава дека над него е Бог“. „Оној што си мисли за себе дека има нешто, ќе го загуби“. „Луѓето со фарисејска правда нема да го наследат Царството Божјо. Нашата правдина во тој случај излегува кривина“.

На прашањето од мнозина слушатели: „Што означува тоа, оче?“ Старецот рекол: „Тоа се оние кои се молат и даваат милостиња на видик“. Во тој момент лицето на старецот било крајно сериозно.

Неспоредливо полесно е да се научи нешто теоретски отколку да се исполни во практика. Старецот рекол: „Теоријата е придворна дама, а практиката е како мечка во гората“.

„Многу е тешко да научиш некој човек на духовен живот. Тоа е исто, продолжил старецот со шеговит тон, како да научиш некој мужик да го изговара зборот „секретар“. Тој постојано ќе вели „слекатар“.“

Тогаш некој од толпата рекол: „Баќушка! Вие често зборувате низ приказни. Не знаеме како да ги сфатиме“.

Старецот одговорил:

„Светот се дели на умни луѓе и глупаци. Се сретнале еднаш еден мудар човек и еден глупак. Мудриот кренал прст нагоре, го посочил небото а потоа ја покажал земјата, подразбирајќи при тоа дека Господ ги создал и небото и земјата. А глупакот си ги објаснил дејствијата на мудрецот по свое: како божем преку нив тој да го навестувал следното: „Ке те фатам за косата, ќе те кренам нагоре и ќе те фрлам на земјата“. Тогаш и глупакот кренал прст, посочил нагоре, потоа кон земјата, и накрај нацртал со раката круг, кој опфаќал сѐ наоколу, откако при тоа сакал да каже: „Ќе те кренам нагоре, потоа ќе те треснам од земјата и ќе те влечам за косата“. А мудриот ги сфатил неговите движења вака: „Творецот ги создал небото и земјата, и сѐ околу нас“.

„Кај нас и лошото е добро. Кај нас и непраното поминува како перено“.

„Неисполнетото ветување е како добро дрво без плод“.

„Да купиш е исто како да убиеш вошка, а да продадеш е исто како да фатиш болва“.

Објаснувајќи ги зборовите од Псалмите: „Високите планини се живеалишта на срните; камењата се прибежиште на зајаците“ (Пс. 103, 18), старецот рекол: „Срните - тоа се праведниците застанати на планина, односно стојат високо. А зајаците се грешниците. Нивното прибежиште е камената карпа. А тој камен е Самиот Христос, Кој дојде во светот, не да ги спасува праведниците туку да ги повика грешниците на покајание“ (види Мат. 9,13).

Уште рекол: „Праведниците ги внесува во Божјото Царство свети апостол Петар, а грешниците Самата небесна Царица“.

За да даде акцент дека секој човек самиот е причина за своите неволји, старецот често ја повторувал поговорката: „Секој сам е ковач на својата судбина“.

„Измолениот крст тешко се носи. Подобро е со срдечна простота да се предадеш на Божјата волја. Бог нема да остави да бидете искушувани повеќе од вашите сили, а заедно со искушението ќе ви даде и излез. Господ го казнува оној што го сака; го бичува секој син што го прима. Ако, пак, останете без казна, тогаш сте незаконски деца, а не синови (Евр. 12, 6, 8). И додал: „На едно место се молеле за дожд, на друго - да нема дожд. А се случило онака како што сакал Бог“.

Една возрасна жена многу се плашела да стапи во манастир и постојано повторувала: „Не можам да ги исполнувам монашките правила“.

Старецот ѝ одговорил преку следниот расказ: „И еден трговец исто така често повторувал: „Ова не можам, она не можам“. Една ноќ патувал од Сибир, завиткан со две шуби, и ненадејно видел во далечината светлинки - како да блескаат пламенчиња. Се загледал и забележал дека тоа се глутница волци, кои се приближувале кон него. Немало од каде да чека спасение. Скокнал од шејната и за миг се искачил на блиското дрво, заборавајќи на својата старост и слабост. А потоа раскажувал дека никогаш пред тоа се немал качено на дрво. Еве ти на: „не можам“ - додал старецот.

Баќушката сакал да ги повторува зборовите од Псалмите: „Голем е мирот кај оние, кои го сакаат Твојот закон, и за нив нема соблазна“ (Пс. 118, 165).

На жалбите од сестрите дека им досадуваат, ги прекоруваат и дури ги пцујат, старецот обично одговараше: „Устите кои благословуваат нема да почувствуваат досада“.

Самиот сакајќи ја едноставноста, старецот раскажуваше: „Каде што е едноставно, таму ангелите ги има околу сто, а каде што е испреплетено, таму нема ниту еден“.

Кога една монахиња, која била на видно послушание, се пожалила на старецот дека многу ја караат, тој ѝ рекол: „Оној што нѐ прекорува нѐ надарува, а оној што нѐ фали нѐ краде“.

На друга позната монахиња, која што се жалеше од неволји, ѝ одговори вака:

„Ако сонцето постојано грее, во полето сѐ ќе овене. Затоа е потребно да има дожд. Ако пак постојано врне дожд, сѐ ќе изгние. Затоа е потребно да задува ветер. А ако ветрот е недоволен, тогаш се јавува потреба од бура, која ќе исчисти сѐ. Сето тоа е полезно во соодветно време за човекот, зашто тој е променлив. Тогаш ниту тој, ниту јас, грешната - одбележува онаа што ги пишува тие редови, - не ги сфативме зборовите на старецот. А за неа тоа беше претскажување, кое што сѐ исполни на извонреден начин“.

На една игуменија на манастирот, по повод нејзините зборови дека луѓето, кои стапуваат во манастир се различни и со нив е тешко, старецот рекол: „Мермер и метал - сѐ ќе влезе во употреба“. Потоа молчел кратко, па продолжил: „Век меден, рог железен, кому нема да му ги скрши роговите“. Во Светото Писмо е кажано: „Ќе им ги скршам роговите на сите грешници, и рогот на праведниците ќе се издигне“ (Пс. 74, 1). Грешниците имаат два рога, а праведникот еден - тоа е смирението.

Старецот уште рекол: „Ако ја скинеш токата, ќе го изгубиш каишот. Покојниот император Петар Велики сакал да пее на певницата. Кај него имало еден ѓакон со убав глас, но бил толку срамежлив и толку се плашел од царот, што императорот постојано го принудувал да пее. Но, потоа веќе ѓаконот толку се навикнал, што ги заглушувал со својот глас гласовите на сите певци и дури и гласот на императорот. Тогаш Петар Велики започнал да го влече за ракавот, за да го запре, но без никаков успех. Императорот ќе го повлече а тој уште повисоко ќе го крене гласот“.

И веднаш старецот раскажа за себе си: „Кога бев мал многу сакав да тепам со камшик едно коњче во коњушницата на татко ми. Тоа беше кротко. Но, мајка ми ме предупредуваше: „Престани!“ А јас не ја слушав. Ќе доползам до коњчето и ќе започнам да го удирам. А тоа постојано трпеше, додека еднаш ненадејно не ме клоцна со задната нога, и тоа така што ми ја обрна кожата на главата. Оној, на кого што се однесувале овие зборови, ја сфатил нивната смисла“.

На прашањето на еден човек од толпата, по колку пати треба да земаме храна на ден, старецот одговорил со пример:

„На еден старец, кој се спасувал во пустината, еднаш му светнала мислата: „Колку пати на ден треба да се храни човекот?“ Сретнал еднаш едно момче и го запрашал што мисли во однос на тоа прашање. Момчето му одговорило: „Ами, штом ќе ти се пријаде - јади“, „А ако веднаш ми се посака уште?“ - запрашал старецот. „Ами, пак јади“ - рекло момчето. „А ако пак ми се посака?“ - запрашал старецот по трет пат. „Ами, ти да не си магаре?“ Го запрашало момчето старецот, Следствено - додал старецот - треба да се јаде по два пати на ден.

Еднаш кај старецот пристигнала од далеку една госпоѓа, чија што ќерка живеела во манастир. Таа била светска дама, висока на раст и многу дебела. Го сретнала старецот за прв пат. На заедничкиот благослов, кога ги видела неговите слаби, мали и тенки ракички, таа рекла: „А што би можела да направи таа ракичка?“ Старецот ѝ одговорил со следниот расказ: „Татко ми имаше стара куќа, во која што живеевме. Даските на подот во неа се беа искривиле од староста. Во аголот на подот имаше сталажа. На нејзиниот најгорен рафт имаше еден фин, лесен, празен стаклен бокал, а на долниот солидно глинено котле. И ете, ние, сѐ уште деца, еднаш се затуркавме, и згазнавме невнимателно на даската, на која што се наоѓаше сталажата. Таа се заниша и финиот бокал летна надолу, но не се скрши, иако падна на подот. А на солидното котле му се скрши дршката. Тогаш многу се чудевме на тоа“.

Понекогаш го пречекувал посетителот со псалмовите зборови: „Цврсто се надевав во Господа, и Господ се наклони над мене и ги чу моите молитви; ме извлече од страшен ров, од тинеста кал, па ги постави на камен моите нозе и ми ги зацврсти стапките“ (Пс. 39, 2, 3), и така натаму.

На една монахиња ѝ говорел: „Еден ум е добро, два е уште подобро, а три - дирекно исфрли“.

Често шегобијно го употребувал нејзиното име во римувана игра на зборовите и ѝ велел: „Сама не мудрувај и други не командувај“.

Против суетата

Немој да се фалиш дека си подобар од гравот, бидејќи штом ќе набабриш, самиот ќе се распрснеш.

На расказот на една жена дека одбегнала некаква опасност, а инаку би можело да се случи не знам што, старецот, смеејќи се, рекол:

„Две жени живееле во еден подрум. Ненадејно една цепеница паднала од печката. Исплашени, едната жена ѝ рекла на другата: „Добро е што ќерка ми не е омажена и нема син Иванчо, и тој не седеше тука, инаку цепеницата ќе му ја скапеше главата“.“

Еднаш насобраните во колибата веќе многу се измориле во очекување да добијат заеднички благослов од старецот. А кога влегле кај него, тој рекол: „Ги измачувам оние што ме измачуваат. Уморот е полош и од смртта“.

Уште рекол: „При жалости ќе се помолиш на Бога и тие ќе исчезнат, а болеста ни со стап не можеш да ја избркаш“.

На зборовите дека е тешко да се воспитува младината, старецот рекол: „Не е неволја што во пченицата има какол, туку е наволја кога во полето нема ниту пченица ниту какол“.

Уште додал: „Сееш пченица - расте какол, сееш какол - расте пченица“. „Со трпението спасувајте си ги душите“ (Лк. 21, 19). „Оној што ќе претрпи до крај, тој ќе биде спасен“ (Мат. 10, 22). А ти, трпи од сите, трпи сѐ, и од децата трпи“.

Старецот поучувал на смирение, и дека тоа треба да биде не само надворешно, туку и внатрешно. Еднаш на заедничкиот благослов го раскажал следното:

„Во еден манастир живеел монах, кој постојано повторувал: „Ах, јас покајниот!“ Еднаш игуменот отишол во трпезаријата и го запрашал: „Ти, зошто си тука со светите Отци?“ Монахот одговорил: „Зашто и јас сум свет отец“.

Уште рекол: „За некој си монах се пронел глас дека е свет. И сите дури му го кажувале тоа во очи. А тој постојано се нарекувал грешен и при тоа смирено им се поклонувал на сите. Но, ете, еднаш по навика на некого рекол: „Јас сум грешен“. А оној му одговорил: „Знам, дека си грешен“. Тоа го здоболело и тој затреперил: „Како? Зарем си слушнал нешто за мене?“

„Еднаш - рекол уште старецот - покојниот император Николај Павлович отишол во затворот и започнал да ги распрашува затворениците за што секој од нив е затворен. Сите се самооправдувале и говореле дека тука се нашле без вина. Императорот се доближил до уште еден од нив и го прашал:

„Ами, ти, поради што си тука?“

И го добил следниот одговор:

„За моите големи гревови и затворот ми е малку“.

Тогаш императорот се свртел кон службениците и рекол:

„Овој веднаш да биде пуштен на слобода!“ И при тоа милиот старец погледнал во слушателите. Во тој момент некој од толпата рекол: „Баќушка! Кого ли нема да смирите? И кој ли не ќе ви се покори?“ Како одговор на тоа, го раскажал следното:

„Еднаш покојниот император Николај Павлович одел по една петербургска улица. Сретнал еден воен писар и го прашал:

„Од каде доаѓаш?“

„Од депото, ваше императорско височество“ - одговорил тој.

„Зборот „депо“ е интернационален и не се отстранува“ - направил забелешка императорот. А оној одговорил:

„Пред вашето височество сѐ се отстранува“.

Овој пат старецот се повлекол од разговори. Ќелијникот одамна го известувал за некакви посетители, кои чекале во приемната за мажи, но старецот не го слушал. Ќелијникот уште еднаш влегол и рекол:

„Баќушка! Доцна е, веќе е десет часот (ноќта)“.

Старецот не одговорил. Очигледно, таму го губеле трпението и веројатно некој рекол:

„Старецот се занимава со глупости - зборува со монахињи“.

Келијникот повторно се огласил:

„Батушка! Ве чекаат Н., Н. и Н.

А старецот започнал да раскажува, смеејќи се:

„Бев во Тул и видов споменик на кој што стои напишано: „Под тој камен лежи Ларин Максим“. „Мислеле само да живеат и да се веселат, а одлучиле на оној свет да се преселат.“

Ќелијникот повторил кој чека, веројатно мислејќи дека старецот не слуша. А тој спокојно, смеејќи се, му одговорил:

„Само глупости ми доаѓаат во главата“.

И откако ги посочил со раката сите кои седеле наоколу, рекол:

„Овие ги паметам добро, а кој чека таму заборавам“. Тогаш една монахиња од Шамординскиот манастир самоуверено рекла:

„Баќушка, знаеме, дека секоја вечер се молите за нас“.

Старецот рекол:

„Да, кога не сум уморен. А инаку и свињата ќе ги заборави своите прасиња, кога ја валкаат“.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТЕОТЕКН

Кога дојде еднаш во Антиохија, незнабожниот цар Максимијан подготви празник во чест на поганите богови и издаде заповед најпрвин војниците да им принесат жртви на идолите, а потоа и сиот народ. Меѓу војниците имаше и многу христијани, кои не сакаа да се покорат на безбожната царска наредба, ги фрлаа од себе војничките појаси и одеа на мачење за Христа. Меѓу нив беше и еден честит човек, познат во цела Антиохија, по име Теотекн. Нему Максимијан му се обрати со вакви зборови:

- И ти ли не веруваш во боговите Зевс и Аполон? А јас сакав да те направам голем нивен жрец и жртвите на целиот свет да ги потчинам под твоја власт, та ти да управуваш над сите жреци и жртви.

На тоа Теотекн му одговори:

- Јас верувам во Христа Бога и Нему сакам да му се предадам како жртва жива.

Тогаш Максимијан нареди да му ја соблечат војничката облека и да го облечат во женска, па го осуди да преде со жените. А по три недели Максимијан повторно го повика и му рече:

- Принеси им жртва на боговите, инаку ќе умреш во страшни маки.

Теотекн не му одговори ни збор. Тогаш царот нареди да го врзат за дрво, под табаните да му стават вжештено железо и со ножеви да му ги потсекуваат сите жили. Кога виде дека и после ваквите мачења останува непоколеблив, царот нареди да се подготви котел со врела смола и сулфур и да го фрлат во него. Но, со силата Христова огнот веднаш згасна и маченикот остана во него неповреден.

Максимијан се исплаши и нареди да го одведат во темница, каде го остави на еден капетан Зегнат, да го мачи по своја волја. Во тоа време во темницата заради исповедањето на Христа се наоѓаше и една девица, на име Александра. Зегнат го фрли кај неа Теотекн, и им рече на двајцата:

- Еве, ви давам три дена за размислување. Ако се согласите да ја извршите царската наредба, ќе добиете огромни почести. Ако одбиете, ќе ве погубам со страшни маки.

По три дена Зегнат ги изведе од темницата и ги праша дали ќе принесат жртви. Но, тие останаа непоколебливи во верата Христова. Тогаш нареди девицата да ја одведат во засебна темница и одреди двајца војници да ја обесчестат. Но Теотекн, сакајќи Александра да ја избави од срамот, отиде кај неа пред војниците, ја преоблече во својата облека и ѝ рече:

- Бегај! Бегај да не те осквернат и обесчестат!

А самиот го облече нејзиниот фустан и седна, очекувајќи ги војниците. Кога дојдоа и го најдоа Теотекн во женски фустан, тие го одведоа кај Зегнат, кој страшно се разбесни и нареди најпрвин да му го отсечат јазикот, па долго да го тепаат. Потоа му врзаа воденички камен за вратот и го фрлија во реката. Така заврши маченикот Христов. Неговите чесни мошти беа најдени во близина на градот Роса, во Киликија. Христијаните ги зедоа и чесно ги погребаа во неговата татковина, славејќи Го Едниот во Троица Бог, Кому слава за навек. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ 26 ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦИ ЗОГРАФСКИ, кои пострадале од Латините

Во времето кога царот Михаил VIII Палеолог (1258-1282 г) ја склопи со папата злогласната Лионска унија во 1274 година, за да добие од папата помош против бугарите, србите и западњаците, светогорските монаси му испратија на царот протест против таа унија и совет, да ја отфли и да му се врати на Православието. Папата испрати војска за помош на Михаил. И таа латинска војска влезе во Света Гора и изврши такви варварства, какви што турците не извршија никогаш за петстотини години. Откако го обесија Протот и убија многу монаси во Ватопед, Ивер и други манастири, Латините го нападнаа и Зограф. Блажениот Зографски игумен Тома им објави претходно на браќата, оној што сака маченичка смрт да остане. И така останаа дваесет и шест луѓе, и тоа дваесет и двајца монаси со својот игумен и четири мирјани, кои беа тука како манастирски работници. Сите тие се затворија во манастирската пирг-кула. Кога дојдоа, Латините ја потпалија кулата и така во огнот маченички беа усмртени овие дваесет и шест Христови јунаци. Додека кулата гореше, тие пееја псалми и акатистот на Пресвета Богородица. Така ги предадоа своите свети души на Бога, на 10 октомври 1282 година. Истата година, во декември, бедно заврши и нечестивиот цар Михаил, против кого, а во заштита на Православието, се беше кренал српскиот крал Милутин. На царот Михаил во оваа унија му помагаше и од него назначениот патријарх Јован Век, но и тој брзо беше симнат и осуден од православниот собор во Цариград.

Имињата на овие свети дваесет и шест преподобномаченици Зографски се следните: игуменот Тома, монасите Варсонуфиј, Кирил, Михеј, Симон, Иларион, Јаков, Јов, Кипријан, Сава, Јаков, Мартинијан, Козма, Сергиј, Мина, Јоасаф, Јоаникиј, Павле, Антониј, Ефтимиј, Дометијан, Партениј и уште четири мирјани. Нивниот спомен на Света Гора се врши и во недела, по Неделата на Сите Светии.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ВАСИЈАН

Преподобниот Васијан беше од Исток, од Сирија. За време на царувањето на благочестивиот цар Маркијан, тој допатува во Цариград. Двајца угледни мажи, Север и Јован, му дадоа средства и тој изгради манастир во Цариград. Преподобниот Васијан уште за време на животот се прослави со доблестите и чудесата. Многумина, гледајќи го неговиот живот, се одрекуваа од светот и стапуваа во монаштвото. Бројот на неговите ученици достигна до триста души. И света Матрона беше негова ученичка. Многумина избави тој од власта на ѓаволот и ги приведе кон Бога. Исцелуваше болести, истеруваше бесови и вршеше безброј чудеса. Отиде кај Господа во длабока старост.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ И БЛАЖЕН АНДРЕЈ ТОТЕМСКИ, безумен заради Христа

Родум беше од селото Уст Толшчемски. Започна да се прави безумен заради Христа во Галичко Воскресенскиот манастир, и живееше во тој подвиг десет години. Омилено место му беше да биде покрај црквата Воскресение, во градот Тотма, на брегот на реката Сухона. Тука тој, како лишен од разумот, зиме и лете одеше бос, во ветва искината облека; се хранеше само со леб и вода, и тоа во толку мала количина, колку да не умре од глад. За таквите високи подвизи, блажениот Андреј уште за време на животот беше удостоен на дарот на чудотворството. Се упокоил во 1673 година. На неговиот гроб се случуваа чудеса.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ДВЕСТЕ МАЧЕНИЦИ

Тие заради свети Евлампиј поверуваа во Христа и веднаш беа погубени.