24. Октомври (11. Октомври)
ЖИТИЕТО НА СВЕТИ АПОСТОЛ ФИЛИП, еден од седумте ѓакони
По слегувањето на Светиот Дух, Апостолите останале извесно време во Ерусалим и секојдневно им се приклучувале многу нови верници. Сите тие живееле во еднодушна љубов. Сѐ им било заедничко. Секој го продавал својот имот и ги носел добиените пари кај Апостолите. Од тој заеднички имот им се давало на сите што имале потреба. Така меѓу нив немало ниту беден ниту богат. Но, со зголемувањето на бројот на учениците се појавиле некои несогласувања. Апостолите, зафатени со проповедањето на Словото Божјо, не можеле да се занимаваат и со сите домаќински потреби на христијанското општество. Затоа ги собрале верните и им предложиле да изберат седум мажи. На тие благодетелни мажи требало да им се даде за задача да ја делат помошта и воопшто да се грижат за домаќинските работи во Црквата.
Така, за таа служба биле назначени мудри луѓе, исполнети со Духот Свети. Нивните имиња се: Стефан, Филип, Прохор, Никанор, Тимон, Пармен и Николај.
По изборот, тие застанале пред Апостолите. Откако се помолиле, Апостолите ги положиле врз нив своите раце. Тие седум души биле наречени ѓакони, служители.
На 11 октомври Светата Црква го чествува споменот на еден од нив, на свети апостол Филип.
Свети апостол Филип беше родум од Кесарија Палестинска. Бил оженет и во бракот имал четири ќерки, сите четири обдарени од Бога со дарот на пророкувањето, и сите четири заветени девици заради Христа. Откако беше избран за ѓакон, свети апостол Филип сесрдно ги извршуваше своите задачи.
Кога јудеите виделе дека бројот на верните се зголемува, започнале да ја гонат Црквата Божја. Тие го убиле со камења архиѓаконот Стефан. Тогаш мнозина верни го напуштиле Ерусалим и се распрснале во разни насоки. Во градовите и селата каде што дошле, тие сесрдно го проповедале Словото Божјо. На тој начин тоа гонење послужило за сѐ поголемо ширење на христијанската вера.
Ѓаконот Филип, откако го напушти Ерусалим, кога настана гонењето на христијаните дојде во Самарија, каде што сесрдно ја проповедаше благата вест за спасителното дело на Богочовекот. Народот со радост го слушал и се восхитувал на чудесата што ги вршел. Тој истеруваше нечисти духови и исцелуваше болни. Во неговата проповед поверувале многу луѓе.
Во Самарија имало еден човек на име Симон Волх, познат како маѓепсник. Тој, гледајќи ги неговите чудеса, исто така го примил светото крштение од Филипа.
Апостолите, кои продолжиле да живеат во Ерусалим, слушнале дека многу жители на Самарија го примиле Евангелието со благовестењето на ѓаконот Филип, кој во своето служење се издигнал до степенот на апостол.
Апостолите Петар и Јован исто така дошле во Самарија, за да му помогнат на Филипа во воспоставувањето на Црквата таму. Тие започнале засилено да се молат за верните, и ги полагале своите раце врз нив. И сите тие ги примиле во себе даровите на Пресветиот Дух.
Самиот Господ ги раководел Апостолите, откако им внушувал што да прават и каде да одат.
Така еднаш, ангел Господов му рекол на Филип:
- Стани и тргни на југ, по патот кој води од Ерусалим за Газа, патот кој што е пуст.
Филип послушал и тргнал по тој пат, каде што во тоа време патувал со кочија еден етиопјанин. Тој етиопјанин, евнух, бил велможа на етиопската царица Кандакија, чувар на сите нејзини богатства. Бил на поклонение во Ерусалим. И тој, како и многу туѓинци, верувал во Мојсеевиот закон. Сега се враќал во својата родина.
Седнат во кочијата, тој ја читал книгата на пророк Исаија. Во моментот токму ги читал зборовите на пророкот за Искупителот: „Беше одведен како јагне на колење, како што овцата пред стрижачите свои е безгласна, така и Исус не ја отвораше Својата уста. При понижувањето Он беше лишен од праведен суд. Но, кој може да зборува за Неговите наследници? Зашто беше отсечен од земјата на живите. Заради беззаконијата на мојот народ беше осуден на смрт“ (Ис. 53, 7-8; Дела 8, 32-33).
Етиопскиот велможа не можел да сфати за Кого зборува пророкот. Кога Господ ја видел неговата искрена желба да ја дознае вистината, му испратил неочекувана помош. Духот Свети му внушил на Филипа да се приближи до кочијата и да зазборува со него.
Филип се доближил и го прашал велможата:
- Тоа што го читаш, го разбираш ли?
Тој одговорил:
- Како би можел, ако некој не ме упати?
И го замолил Филипа да седне до него и да му го објасни прочитаното.
- Те молам, кажи ми, - му рекол тој - за кого го зборува тоа пророкот?
Филип седнал до него и му ја објаснил смислата на пророштвото. Му благовестел за Господа Исуса.
Велможата слушал со големо внимание. Кога стигнале до една вода, тој му рекол на Филипа:
- Еве вода. Што ми пречи да се крстам?
- Ако веруваш од сесрце, можеш да се крстиш - му одговорил Филип.
- Верувам дека Исус Христос е Син Божји - восхитено изјавил етиопјанинот.
Кочијата застанала. Двајцата влегле во водата. Филип го крстил велможата. Кога излегле од водата, Духот Свети слегнал над новокрстениот. Веќе бил жив член на Божјата Црква.
Потоа Ангел Господов за миг го оддалечил Филипа од тоа место и невидливо го пренел во Азот. Евнухот повеќе не го видел. Радосно си го продолжил патот кон својата родина. И го донел најскапоцениот дар - благовестието за Царството Божјо.
Свети Филип го продолжи своето апостолско служење во градот Азот, каде што учеше и проповедаше, и многумина кон Христа обраќаше. Обиколи потоа уште многу градови и села. Насекаде неуморно ја откриваше вистината за делото на Спасителот на овој свет. Стигна и во Кесарија, кај своите четири ќерки. Живееше кај нив и тука ги примаше новопокрстените.
Свети апостол Павле, на пат за Ерусалим бил во Кесарија и свратил во домот на свети Филип.
Од Кесарија апостол Филип дошол во лидискиот град Тралија, Мала Азија. Тука ѝ служел на Црквата како епископ Тралиски. Обратил мнозина кон Христа. И тука како и по многу други места вршел големи чудеса.
Мирно се упокоил во длабока старост, сакан од сите верни, и се преселил во радоста на својот Господ.
ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ТЕОФАН НАЦРТАН, епископот Никејски
Преподобниот Теофан е роден од благочестиви родители кои живееја во Палестина, и беа многу гостољубиви. Теофан имаше и брат Теодор, кој по своето страдање за светите Икони беше наречен Нацртан. Нивните родители, како љубители на мудроста и ученоста, ги дадоа своите синови Теофан и Теодор, та ја изучија сета внатрешна мудрост христијанска и сета надворешна мудрост елинска, и станаа искусни мудреци, одлични философи. Откако ја сфатија суетата и непостојаноста на овој свет (Кор 7, 31), браќата оставија сѐ, отидоа во лаврата на свети Сава Осветен, и таму му се посветија на монашкиот живот, ревносно подвизувајќи се во пост, во молитви и во сите доблести. Теофан беше удостоен на презвитерскиот чин, поради својот свет и доблесен живот.
Во тоа време отпочна безбожното иконоборство, безбожното гонење на светите Икони, кое што ја разбранува целата Црква Божја, и многу христијани беа гонети и мачени заради почитувањето на светите Икони. Тогаш овие премудри учители и заштитници на Православието, од страна на ерусалимскиот патријарх беа испратени кај царот Лав Ерменин, како јагниња кај волк, да му го образложат, да го одбранат иконопочитувањето и да ја изобличат неговата непобожност. Пред иконоборниот цар тие бестрашно го изобличија неговото зловерие, го нарекоа христомрзец и богоборец. Поради тоа овие свети браќа философи многу пострадаа, и тоа не само од овој кар туку и од другите по него, Михаил Балба и Теофил. Претрпеа најразлични мачења, рани и темници, глад и жед, гонења, заточение и безброј други беди, па и лицата им беа изобличени. Со наредба на царот Теофил, со вжештени игли им беа нацртани некои срамни стихови по целите лица, дури до самите веѓи. Повеќе од дваесет години, и тоа започнувајќи од 817 па сѐ до 842, тие беа гонети и мачени од страна на иконоборците. Во таквите неволји свети Теодор се претстави, а Теофан го доживеа зацарувањето на мирот во Црквата. Михаил, синот на византискиот цар Теофил, откако го прими престолот заедно со својата мајка Теодора, ги внесе во црквите Божји светите Икони, го воспостави нивното почитување, и ги врати од заточение сите свети мажи, кои страдале за иконопочитувањето, и на сите им укажа големи почести. Тогаш и свети Теофан беше вратен од заточението, и од патријархот Методиј, кој ја уништи иконоборната ерес, беше ракоположен и поставен за митрополит Никејски.
Свети Теофан состави торжествен канон за почитувањето на светите Икони и ѝ остави на Црквата Христова и многу други канони и корисни списи за заштита на Православието. Посветените на светите Апостоли се сметаат за најубави. Од овој земен живот премина кај Господа во 847 година, една година по смртта на свети Методиј Цариградски, и по многуте подвизи сега блаженствува во небесните дворови.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ СТАРЕЦ ЛЕВ ОПТИНСКИ (1768-1841)
Преподобниот старец Лев го донел и утврдил старчеството во Оптина. Монаси и мирјани се упатиле кај тој голем старец во Оптина и од тогаш потокот од луѓе не секнал дури до времето на богоборната власт, кога Оптина била затворена.
Во 1834 година во Оптина пристигнал јеромонахот Макариј Иванов, кој му станал достоен помошник на старецот. Тие си ги поделиле должностите, се покорувале и се смирувале еден пред друг, заедно се потпишувале во писмата, а во последните пет години од животот на старец Лев биле како еден дух во две тела. Така, кога старец Лев починал, останала жива неговата втора половина, старец Макариј.
Светителот Игнатиј Брјанчанинов за овие старци напишал:
„И двајцата старци беа напоени со читање на светоотечките дела за монашкиот живот. Самите се раководеа од нив, ги раководеа според нив и сите кои се обраќаа кај нив за поучен совет. Нивниот ум беше богато украсен со свети мисли. Никогаш не даваа совети од себе, а секогаш изложуваа како совет некои реченици од Светото Писмо или од светите Отци. Тоа им даваше на нивните совети јачина, та оние кои би сакале да се спротивстават на човечкиот збор, со почит го сослушуваа словото Божјо и наоѓаа дека е правилно да му ги покорат своите умувања“.
Некои сметале дека некои околности од тоа време - човечкиот глас, тајната завист, и на крајот отвореното следење и вознемирување, го принудувале старецот Лев да се преправа како лесно јуродив. Но, ќе биде поточно да се каже дека Самиот Господ го умудрил надворешно како јуродив заради Христа, за да им носи душевна полза на ближните. Кога постапувал така, старецот се криел од човечката слава, опасна и за големите подвижници, отстранувајќи го празното љубопитство и им давал духовна помош на сите кои имале потреба од таквата и ја барале.
Кај старецот Лев започнала да се менува внатрешната организација на манастирскиот живот. Во манастирот не се превземало и не се правело ништо важно без негов благослов. Браќата секојдневно, особено при ноќните часови, се собирале заедно кај неговата ќелија. Секој брзал да се покае пред старецот за згрешеното преку денот со зборови, дело или помисли, да побара негов совет за разрешување на тешки прашања при појавени недоумици, утеха при жалост, помош и поткрепа во внатрешната борба со страстите и невидливите непријатели на нашето спасение. Старецот ги примал сите со татковска љубов и на сите им го предавал словото на опитна поука и утеха.
Мудроста на старецот, посведочена од љубовта и почитта на игуменот и браќата кон него, и искусното лекување на немоќните души брзо го направиле познат и надвор од обителта. Дворјани, трговци, занаетчии и луѓе од обичниот народ од градовите и селата започнале да доаѓаат пред вратата на неговата ќелија за духовни совети. Сите биле примани од старецот со татковска љубов и никој не излегувал без духовно да е утешен од него.
Ги привлекувал кај старецот дарот на Божјата благодат, која почивала врз него. Во негово присуство сите чувствувале внатрешен мир, срдечен спокој и духовна радост. Често доаѓале со голема тага, но штом ќе влезеле во ќелијата заборавале зошто се дојдени и каква тага ги вознемирувала. Таа ги напуштала на прагот. Помислите, кои изгледале страшни и непобедливи, во присуство на старецот исчезнувале, како никогаш да не постоеле. Но, тие повторно се појавувале, кога оние што се обраќале кај него ги домрзувало пак да го посетат. Со благодатната сила на неговите поуки многу семејства биле помирени, мнозина расколници биле обратени кон Православната Црква.
Од раскази на негови ученици може да се види дека тој секогаш читал во душата на секого од нив, така што од неговиот прониклив поглед не можело да се сокријат ни најсокриените помисли, кои тој неретко ги изобличувал за душевна полза на дојдените кај него. Старецот имал од Бога специјална дарба да ги открива и да напоменува на заборавените гревови.
Однесувајќи се татковски кон сите потреби на оние што му се обраќаат, старецот освен душевната поука не ја откажувал помошта и при телесните болести, и посочувал на некои испитани народни средства. За лекување првенствено употребувал таканаречена горчлива вода, од која раздавал понекогаш и по цело ведро и половина на ден. Треба да се одбележи дека и по неговата смрт во манастирот подготвувале горчлива вода, но таа, никој не знае зошто, ненадејно ја изгубила својата целебна моќ.
Некои од луѓето, кои доаѓале кај него, старецот ги препраќал кај светителот Митрофан Воронежски. Имало случаи кога некои болни, откако ќе одминеле неколку километри, оздравувале по пат и се враќале да му благодарат на лекарот.
На мнозина, кои страдале од телесни недостатоци, често придружени со душевна немоќ и затоа најчесто неразбрани од обичните луѓе, старецот им давал благодатна помош откако ќе ги помазал со елеј од незгасливото кандило, кое горело во неговата ќелија пред Владимирската икона на Божјата Мајка, која што била благослов од старецот схимонах Теодор.
Во 1839 година било кренато гонење против белевските ученички (од Белевскиот женски манастир) на старецот Лев, кое што се одразило и врз него. Било наредено старецот да се премести во друга ќелија, подалеку од портите, и му било забрането да прима посетители. И покрај болеста му заповедале секојдневно да оди на црква. Луѓето ги чекале неговите излегувања, паѓале на земјата, ги бакнувале краевите од облеката негова, изразувајќи го своето сожалување кон него. Притискан од народот, преподобниот го изодувал растојанието до храмот за не помалку од половина час. Во црквата околу него се собирала толпа.
Се расчуло дека старецот ќе го заточат на Соловки или во болницата на Боровскиот манастир под надзор. Учениците, вознемирени од разделбата со својот старец, решиле да напишат писмо до игуменот на Сергиевата пустина крај Санкт Петербург, светителот Игнатиј Брјанчанинов, да побара заштита за него меѓу членовите на Светиот Синод. Старецот долго одбивал, но на крајот поради неотстапните молби се потпишал, без да прочита, под писмото составено од старецот Макариј. Светителот Филарет Московски, кој во тоа време бил во Петербург, на молба на светителот Игнатиј напишал писмо до Калужкиот ерхијереј и слуховите за заточението престанале. А со писмо од двата Филаретовци до Трулскиот преосветен архијереј, биле оправдани и повторно примени избрканите белевски ученички на старецот. Потоа тие прогонети станале игумении.
Во 1841 година старецот започнал да зборува за близината на својот крај.
Починал на 11 октомври, во навечерието на празнувањето на светите Отци од Седмиот Вселенски Собор, како изобличување на оние, кои го обвинуваа во еретиштво.
Во седум часот и триесет минути, откако последен пат погледна кон иконата на Пресветата Владичица, старецот ги затвори очите и тивко се упокои.
Беше на седумдесет и две години.
Од духовните поуки на преподобниот старец Лев
Одговори на старец Лев
на прашања од отец Павле Тамбовцев
Како да постапувам во ситуација кога сум со браќата и не можам да се воздржам да зборувам и кога зборувам навредувам некого со своите зборови?
Треба да се сеќаваш што пее светата Црква кон Бога: „Постави, Господи, стража на устата моја и огради ја вратата на усните мои!“ (Пс. 40,3).
Треба да си претставиш дека тие што зборуваат го прават тоа со духовен разум. Тие се достојни за тоа, а ти се сметај недостоен за разговор со нив. И штом ќе те прашаат, одговарај со благоговение.
А кога ќе се вовлечеш обратно, покај сѐ и веднаш труди се да се поправиш. Освен тоа, треба да се однесуваш така што браќата да не ја забележат кај тебе одлучноста во поправањето.
Како да постапувам кога гледам кај другите слободно изразување на мислите и се соблазнувам? А исто и во тебе, оче, кога не гледам понекогаш старечка кротост во општењето со другите, многу се натажувам.
Така ти се чини поради твоето невнимание и нерасудливост.
Не треба да осудуваш никого. Ти не знаеш со каква цел го прават тоа, а и јас со каква цел постапувам така со некого. Преку такви постапки побрзо се гледа внатрешниот карактер на луѓето и тоа е неопходно кај исполнетите со гордост. И така ти си неправеден.
Труди се повеќе да внимаваш на себе си, а не да ги оценуваш делата, однесувањето и постапките на другите. Си дошол во училиште со самоодрекување. Затоа исполнувај го тоа што ти е наредено, но немаш право да судиш, каде, кога и како да постапуваат со некого другите.
На кој начин се затоплува оладената душа?
Со Божјото слово, со молитвата, со смирено благодатно чувство на срцето кон Бога, при сите промени, не само во надворешната состојба, но и во внатрешната.
Кога чувствувам во себе не само склоност туку и дејство на славољубието, и сакајќи да се избавам од него, како можам да успеам во тоа?
Ако го продолжиш послушанието со отвореност, ако не настојуваш во ништо да ги наклонуваш постарите од тебе кон согласност со твојата волја и не го бараш нивното благоволение кон тебе, ако целосно ја фрлиш на земјата твојата ништовност пред Бога, со Неговата семоќна благодат ќе можеш со текот на времето да се избавиш од славољубието. Таа страст неретко продолжува од младоста до постара возраст, та дури и до гробот. Таа ги следи не само успешните, во кои што сѐ уште дејствуваат страстите, но понекогаш ги следи и совршените, поради што се бара голема претпазливост. Само бестрасниот Творец може да ја искорени. О, колку е тешко да се одбегне тој отров, кој ги убива плодовите и на најзрелите добродетели!
Може ли да им се верува на соништата, кои наизглед живо ја насликуваат иднината?
Не бива, макар и да изгледаат вистински. Бидејќи преку верувањето во соништата мнозина се прелестиле. Љубомудриот старец Теостирикт, кој го составил Молебниот канон на Пресвета Богородица, кога им се доверил на соништата, на крајот толку се прелестил, што загинал. Затоа многу искусен е оној што не верува и на најживите сновиденија.
Одговори на старец Лев
на прашања од Алексеј Поликарпович Бочков,
подоцна Антониј, игумен на Череменецкиот манастир
Што е осудувањето и зошто Отците го приклучуваат осудувањето кон антихристот?
Осудување е, кога ти, гледајќи го или знаејќи го порокот на брата си, од сесрце велиш: Тој според моето мислење заслужува или мака, или казна, или болест. Тогаш стануваш како судија на ближниот и сакаш важно да седнеш на престолот на единствениот Судија - Христос. Затоа, заради твоето гордо безумие, биваш приклучен кон антихристот. Друго нешто е злословието и оговарањето, но тоа сеуште не е осудување. Друго нешто е соблазната, кога душата неволно, поради природно чувство се соблазнува да изврши срамно дело или да каже срамен збор. Молчанието на Отците, кои се занимавале со внатрешен труд, не ги познавало гревовите на ближниот, а го гледало само своето паѓање.
Можам ли на исповед да зборувам за оној што згрешил заедно со мене со збор или на дело?
Зарем сакаш да се каеш за него? Ако тој не сака да си го признае гревот, ти зборувај само за твојот: „Згрешив со злословие или со страсни дискутирања или со нешто од таков вид“.
Можам ли да му предложам на брата си да се покае пред старецот за словесниот грев, извршен заедно од двајцата?
Старецот се насмевнал и одговорил: „Твојата загриженост за спасението на брата си е преголема. Мислам дека е подобро да се помолиш, Господ сам да му го внуши тоа“.
Некои свештеници - богослови бараат најподробна исповед за очистување на душата.
Да ги оставиме нив. Тоа си е нивна работа. Но, ќе можат ли тие да ги исполнат своите правила, ако треба да исповедаат, на пример петстотини души за три часа?
На сите ли им се дава умствената молитва?
Кога Господ ќе посети некого со тешко искушение, со тага, со загуба на мил ближен, таквиот човек неволно ќе се помоли со сето срце и мисла и со сиот свој ум. Следствено во секого го има изворот на молитвата. Но, тој се отвора или преку постепено вдлабочување во себеси, според учењето на Отците, или моментално од Божјиот сврдел.
Некои отци - мои познати, многу ја сакаат Божјата Мајка и се фалат со тоа. Но, јас се сомневам во искреноста на нивната сесрдност.
Да! Оној што парадира со своето ублажување, во него тоа е сомнително. Понекогаш се фалиме и со нашето молење а истовремено сме далеку од Небесната Царица. Да ѝ заблагодариме на Божјата Мајка со Нејзините добродетели - чистотата, смирението, а не со нашата пофалба.
Како е најлесно да се спасам? По кој пат? Прашувам само за себе си.
Претстави си дека Господ Исус Христос оди по земјата со целата Своја човечка и Евангелска простота. Ако одиш крај Него, би бил ли подобар отколку што си сега?
Откако размислив, му одговорив на старецот:
„Мислам дека би си останал истиот, ако немам особена Божја благодат. Та малку ли биле оние кои што го следеле Христа а потоа отпаднале?“
Старецот: „А со што најмногу се привлекува Божјата благодат?“
Ученикот: „Не знам, баќушка“.
Старецот: „Ако би бил простосрдечен како Апостолите, не би ги криел човечките недостатоци, не би се преправал како многу благоговеен, и без да лицемериш би го одел тој пат, кој, иако наизглед е лесен, не им се дава на сите, не е разбирлив за сѐ. А тој е најтесниот пат кон спасението и ја привлекува Божјата благодат. Недостаток на преправање и на измама, отвореност на душата - ете тоа му е пријатно на смирениот по срце Господ. „Ако не станете како деца, нема да влезете во Царството Небесно“ (Мт. 18, 3).
Зошто се дразнам од оние што доаѓаат кај вас, од нивната глупост и незнаење, иако знам дека мнозина од нив имаат голема полза од вас?
Бидејќи срцето не ти е скрушено. Оној што до болка чувствува љубов кон ближниот, тој не ја забележува неговата глупост, туку со страв Го моли Господа да му внуши што да му каже на ближниот за негова полза и за благоговејно исполнување на советувањето како Божјо дело. Понекогаш и по молитвата не наоѓаш полезен одговор. Тогаш се чувствуваш посрамен и се окајуваш самиот. При таквото чувство на сопствена недостојност не ти е до човечки глупости. Готов си на секого да му кажеш: „Помоли се за мене, Божји слуго!“
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЗИНАИДА и ФИЛОНИЛА
Светите маченички, родените сестри Зинаида и Филонила, беа од Тарс Киликиски, роднини на свети апостол Павле. Како девојки ја оставија својата мајка, се одрекоа од имотот и сиот свет, наизглед се занимаваа со лекарски вештини а всушност извршуваа апостолска работа. Тие Го проповедаа Господ Христос. Откако дојдоа во градот Деметриада, во неговата околина се повлекоа во една пештера и водеа живот во пост и молитви. Ја исцелуваа секоја болест и секоја слабост, а вршеа и разни други чудеса. Така блескајќи со доблестите, евангелската мудрост и чудесата, тие многу незнабошци обратија во верата Христова. Но една ноќ ги нападнаа некои нечестиви идолопоклоници и ги убија со камења. Така блажените маченички Зинаида и Филонила се преселија кај Господа.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ НЕКТАРИЈ, патријархот Цариградски
Свети Нектариј како мирјанин и висок царски службеник едногласно бил избран за патријарх по свети Григориј Богослов, од страна на светите Отци на Вториот Вселенски Собор, во 381 година. Се одликувал со длабок разум, тактика и ревност за Црквата. Мирно се упокоил во 397 година.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ОТЦИ НА СЕДМИОТ ВСЕЛЕНСКИ СОБОР
Овој собор е одржан во 787 година во Никеја, за време на царувањето на благочестивата Ирина и нејзиниот син Константин, и за време на патријархот Тарасиј. На овој собор е утврдено конечното иконопочитување, откако е образложено тоа од Светото Писмо, сведоштвото на светите Отци и веродостојни примери и чудеса, пројавени од светите Икони. Меѓу останатите наведени примери на чудеса, кипарскиот епископ Константин го навел и следново:
Некој чобанин од градот Констанц го извадил еден ден стадото на паша и видел икона на Пресвета Богородица, сета украсена со цвеќиња од правоверните. „Зошто таква чест да му се оддава на ѕидот?“ - рекол чобанинот (секако воспитан во иконоборството), па удрил со својот железен стап по иконата и го оштетил десното око на ликот на Богомајката. Но, само што се тргнал од тоа место, се сопнал и со истиот стап си го извадил десното око. Кога се вратил ќорав во градот, тој плачејќи викал и говорел дека го стигнала казната Божја.
Овој Собор одлучил и дека е задолжително да се ставаат свети маченички мошти во Антиминсот. На Соборот учествувале 367 Отци. По нивните молитви Господ да нѐ помилува и спаси и нас. Амин.
СПОМЕН НА ЧУДОТО СО ИКОНАТА НА ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС
Во градот Берит (Бејрут), близу еврејската синагога живееше еден христијанин, кој имаше икона на нашиот Господ Исус Христос. По некое време овој христијанин си купи друга куќа и се пресели во неа, при што ги пренесе сите работи, освен иконата на Господа Христа, која остана во првата куќа. Но, тоа било по промисла Божја. Во куќата, во која што се наоѓаше иконата Христова, се всели некој Евреин и живееше без да ја забележи светата икона.
По извесно време тој повика на ручек еден свој пријател, исто така Евреин. За време на ручекот овој гостин ја виде на ѕидот иконата и му рече на домаќинот:
- Како ти, Евреин, а чуваш икона во својот дом?
Домаќинот започна да се колне дека до овој момент ја немал забележано. Но гостинот го обвини во синагогата својот пријател, говорејќи: „Овој човек, иако е Евреин, во својот дом чува икона на Исус Назареецот“.
Сите присутни во синагогата многу се разлутија, но ништо не презедоа тој ден, бидејќи беше квечерина. Утредента се собраа еврејските свештеници и старци и се упатија во таа куќа. Влегоа, ја најдоа, ја изнесоа, ја поставија среде своето збориште и рекоа:
- Како што нашите татковци го исмејаа Него, ајде сега ние истото да го сториме со иконата!
И започнаа да плукаат по неа и да удираат по ликот на Господа Христа, изобразен на иконата. Потоа рекоа:
- Сме слушнале дека нашите татковци го приковале на дрво! Да го сториме истото и со иконата!
И зедоа клинци и ја заковаа иконата на дрво, на местата каде што беа насликани рацете и нозете, набија на трска сунѓер со оцет и го долепија до устата на Господа. Потоа донесоа копје и му наредија на еден од нив со него да ги прободе ребрата на иконата Господова. И штом тој го зари копјето во иконата, од неа веднаш потече крв и вода. Од таквото необично чудо ги спопадна страв сите присутни евреи. Тие наполнија еден сад од таа крв и вода, и решија да ги доведат слепите, хромите и бесомачните, и да ги помазаат со нив. При тоа говореа:
- Ако се исцелат, тогаш сите ќе поверуваме во Распнатиот. И веднаш донесоа еден хром од раѓање, и штом го помазаа, тој веднаш скокна и стана потполно здрав. Потоа доведоа слепи и мноштво бесомачни, и сите се ослободија од своите слабости, по помазувањето со оваа крв. Тоа чудо брзо се пронесе по целиот град. И сите итаа кон тоа неискажливо чудо, ги носеа своите болни, раслабени, лепрозни, исушени, и сите добиваа исцеленија. Тогаш сите Евреи од градот поверуваа во нашиот Господ Исус Христос. Сите паднаа пред иконата и со солзи говореа:
- Слава Тебе Христе, Сине Божји, Кој такви чудеса твориш! Слава Тебе, Христе, Кого татковците наши Те распнаа, но во Кого ние сега веруваме. Прими нѐ нас, кои паѓаме пред Тебе, Владико!
Потоа сите Евреи од овој град, мажи, жени и деца, отидоа кај епископот и сесрдно го молеа да ги удостои на свето крштение. Тие му ја покажаа и иконата Господова, од која што истече крв и вода, и му раскажаа сѐ за бесчестењето и исмевањето што ѝ го приредија на светата Икона. Кога виде дека вистински се кајат, епископот ги прими со радост, и бидејќи во текот на повеќе денови ги поучи во Светата Вера, ги крсти сите со жените и децата, а нивната синагога ја претвори во црква на нашиот Господ Исус Христос. И настана голема радост во целиот град, не само што се исцелија толку болни, туку што и неверните Евреи се крстија и ја примија Светата Вера, поради чудото што се случи од иконата Господова.
Затоа секој е должен со вера и љубов побожно да им се поклонува на светите Икони, а особено на иконите во чест и слава на Ипостаста Божја, која зела на себе обличје на човек: нашиот Господ Исус Христос, Кому со Бога Отецот и Светиот Дух од сите нас нека Му се укажува должното поклонение низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ОТЦИ НАШИ: АРСАКИЈ и СИСИНИЈ, патријарсите Цариградски
Свети Арсакиј, братот на светиот патријарх Нектариј, патријархувал по свети Златоуст нешто повеќе од една година (404-405 г.); а свети Сисиниј од 426 до 427 година по светиот патријарх Акакиј (405-426 г), кој се слави на 8 јануари.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ТЕОФАН, испосникот Печерски
Се подвизувал во Киево-Печерскиот манастир во дванаесеттиот век. Неговите свети мошти почиваат во Антониевата пештера.