25. Октомври (12. Октомври)
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ТАРАХ, ПРОВ и АНДРОНИК
Додека царуваа Диоклецијан и Максимилијан, кога во Тарс Киликиски управуваше проконзулот Нумериј Максим, во градот Помпеопол беа фатени тројцата христијани Тарах, Пров и Андроник и доведени пред него на суд. Тој забележа дека Тарах е честит стар човек и му се обрати:
- Како се викаш? Тебе, како најстар по години, треба првин да те прашам!
- Јас сум христијанин, - одговори Тарах.
На тоа проконзулот рече:
- Не спомнувај ми ја својата безбожна вера, туку кажи го своето име!
А Тарах повтори:
- Јас сум христијанин.
Тогаш Максим им нареди на своите слуги да го тепаат по устата а тој повторуваше дека се вика христијанин, и рече:
- Тоа име ми е помило од името што ми го дадоа родителите, а во војската ме викаа Виктор (победник).
На прашањето од каков род е, Тарах одговори дека потекнува од римскиот војнички род во сирискиот град Клавдиопол, и кога станал христијанин го напуштил војничкиот чин.
На тоа проконзулот одговори:
- Ти си бил недостоен да останеш војник. Сепак, кажи како си заминал од војската.
Тарах одговори:
- Го замолив кнезот Публион и тој ме отпушти.
Проконзулот рече:
- Поштеди ја својата старост, послушај ја царската наредба, за да ти оддадам почит. Принеси им жртва на боговите, бидејќи ним им се клањаат и царевите, кои владеат со вселената.
Тарах одговори:
- Измамени од сатаната, тие паднаа во заблуда.
Тепан, Тарах говореше:
- Тврдев и тврдам, дека тие, како луѓе, паднаа во заблуда.
Проконзулот рече:
- Остави го своето безумие и принеси им жртва на нашите богови.
Тарах одговори:
- Јас Му служам на единствениот мој Бог, Нему Му го принесувам на жртва своето чисто срце, а не крв.
Проконзулот рече:
- Поради твојата старост те советувам да ја оставиш штетната христијанска вера и да им принесеш жртва на боговите.
Тарах одговори:
- Нема да сторам такво беззаконие, бидејќи го љубам законот на мојот Бог и нема да отстапам од него.
Проконзулот рече:
- О, зла главо! Постои друг закон, кој треба да се исполнува!
Тарах одговори:
- Погубен е законот кој наредува да почитувате дрвја и камења, дела на рацете човечки и да им се поклонувате.
Проконзулот им нареди на присутните да го тепаат по вратот.
Трпејќи ги ударите, тој говореше:
- Нема да отстапам од вероисповедањето кое ме спасува.
Проконзулот рече:
- Јас ќе те одвратам од тоа безумие и ќе те вразумам.
- Телото мое е пред тебе, прави што сакаш, - одговори старецот.
- Соблечете ја облеката од него и тепајте го со железни стапови, - нареди мачителот.
Додека го тепаа, Тарах говореше:
- Сега навистина ме стори мудар и паметен, бидејќи во ова мачење уште повеќе се надевам во мојот Господ Бог.
Проконзулот на тоа рече:
- Неправеднику! Проклетнику! Ти на почетокот зборуваше дека исповедаш еден Бог а сега спомнуваш двајца! Бог и неговиот Христос. Како им служиш на тие двајца а нашите многу богови ги отфрлаш?
Тарах одговори:
- Христос е Син Божји, (еден по Божество со Отецот и Духот Свети) над сите христијани, и ние ќе се спасиме со страдањето за Него.
Максим на тоа одврати:
- Остави ја многуглаголивоста и принеси им жртва на нашите богови!
Тарах одговори:
- Ја зборувам вистината. Еве, шеесет и пет години живеам со оваа вистина и сега не отстапувам од неа.
А некој капетан Димитриј, кој стоеше тука, рече:
- О, човеку! Поштеди се, поклони им се на боговите! Послушај го мојот совет!
Тарах одговори:
- Отстапи од мене, слуго сатанин!
Потоа проконзулот нареди страдалникот Христов да го оковаат во тешки железни синџири и да го фрлат во темница, а да му го приведат вториот.
Капетанот Димитриј му рече дека тој, еве, веќе стои пред него.
Максим му се обрати:
- Најпрвин кажи ми го своето име.
Тој одговори:
- Моето прво и најдрагоцено име е христијанин, а даденото од луѓето е Пров.
На прашањето од каков род е, одговори дека татко му бил од Тракија а тој е роден во Перга Памфилиска и е христијанин. Проконзулот му рече дека тоа име не му користи, и му нареди да им принесе жртва на боговите, за да добие од царот почести и да биде нивен пријател.
- Ниту ги сакам царските почести ниту твоето пријателство. Моето богатство не беше мало, но јас го оставив, за да Му служам на мојот Бог.
Проконзулот нареди да го соблечат и да го тепаат со воловски жили, и при тоа капетанот Димитриј му говореше:
- Човеку, дај поштеди се, гледаш дека крвта ти тече по земјата!
Пров одговори:
- Телото ми е во ваши раце! Мачето го! Мачењето е радост за мене!
Проконзулот му рече да ја остави својата суета, а Пров возврати дека не е суетен туку дека е похрабар од нив и дека неговата храброст е во Господа.
Тогаш проконзулот им нареди на слугите да го свртат и да го тепаат по стомакот. При тоа свирепо мачење Пров повика кон Господа да му помогне. Тогаш проконзулот им рече на слугите додека го тепаат да го прашуваат каде е неговиот помошник. Пров одговараше:
- Мене Господ ми помага и нема да се покорам на вашата волја.
Максим му рече:
- Беднику, погледни го своето тело. Земјата се залеа со твојата крв.
- Кога моето тело страда заради Христа, тогаш мојата душа се исцелува и оживува, - одговори страдалникот.
На тоа мачителот нареди да престанат да го тепаат и да му ги врзат рацете и нозете, па да го флат во темница, без некој да доаѓа кај него.
Потоа беше изведен на суд третиот христијанин. Прашан за името, тој одговори дека е христијанин. Проконзудот му рече:
- Оние пред тебе никаква корист не видоа од тоа име. Ти треба поинаку да одговориш.
Тој одговори дека неговото име е Андроник, а на прашањето од каков род е рече дека е од угледен род, син на еден од првите ефески граѓани. Проконзулот му рече да го послуша како татко и да се поштеди, зашто тие пред него зборувале бесмислици, и да им принесе жртви на боговите. Андроник му возврати дека тие сатаната го имаат за цар и дека сите се синови на ѓаволот, на што Максим рече:
- Ти си момче а ме омаловажуваш! Зарем не знаеш дека за тебе веќе се подготвени големи мачења?
Андроник одговори:
- Тиранину, ти мислиш дека сум безумен, па ќе се покажам помал од страдалниците пред мене. Јас сум подготвен на сите маки. Тогаш мачителот нареди да го соблечат и гол да го обесат да виси. Капетанот Димитриј го посоветува да биде послушен, за месото да не му падне од коските, а Андроник му рече:
- Подобро е да ми пострада телото отколку да ми ја погубите душата.
Максим го тераше да им принесе жртви на боговите, за да не биде погубен, а тој му возврати дека никогаш не им служел на идолите ниту пак сега ќе им принесе жртва. Тогаш проконзулот нареди да му го кинат телото. Капетанот на втората чета Анксиј го советуваше како постар да го послуша и да се поклони, но страдалникот одговори:
- Стар си, но безумен. Ме советуваш да се поклонувам на камења и да им принесам жртви на бесовите.
Додека го мачеа, проконзулот го прашуваше дали чувствува болки, зошто не се сожали на себе и отстапи од ништовната вера, која не може да го спаси, на што Андроник одговори:
- Верата, која што ти ја нарекуваш ништовна, е најдрагоценото вероисповедање за оние што се надеваат во Господа. А твоето минливо умување ќе умре во вечна смрт.
На прашањето кој го научил на тоа безумие, страдалникот одговори:
- Словото Божјо, Кое оживува и во Кое оживуваме, имајќи го на небесата Господ, надежта на нашето воскресение.
Проконзулот му рече да го остави своето безумие, за да не го стави на најсвирепи маки, а тој му возврати дека со телото може да прави што сака, при што нареди што посилно да го тепаат по устата.
- Нека види Господ дека ме мачиш како човекоубиец, - рече маченикот.
- Штом не ги слушаш царските наредби и не го почитуваш нашиот суд, ќе бидеш мачен, - возврати тој.
Андроник одговори дека ги поднесува страдањата затоа што се надева во Бога, во Неговото милосрдие и правда.
Судијата возврати:
- Зарем царевите згрешија, о, ти, достоен на смрт?
Андроник одговори дека несомнено згрешиле, и ако расудува со здрав разум би сфатил дека е голем грев и беззаконие да им се принесува жртва на демоните.
Тогаш мачителот нареди да го свртат и да го тепаат по слабините.
Андроник им велеше слободно да му го мачат телото како што сакаат, и дека неговото тело се кали во раните. Мачителот му се закани дека постепено ќе го уништи, а Андроник му возврати дека не се плаши од неговите закани, дека разумот му е над неговата злоба и тој не обраќа внимание на мачењето.
Тогаш мачителот нареди да му стават ланци на вратот, да му ги оковаат нозете и да го чуваат под стража.
По извесно време проконзулот Нумериј Максим повторно ги изведе на измачување. Најпрвин Тарах, како најстар по години, го натера да принесе жртви, ветувајќи му почести. А кога тој не само што не послуша туку и остро му возвраќаше, судијата нареди со камења да му ги извадат забите. Потоа им рече на слугите да го положат на вжештена жар, при што Тарах рече дека не се плаши од минливиот оган, туку да не попушти на безбожието и падне во незгасливиот.
Кога проконзулот го прашуваше зошто не сака да принесе жртва, кога и рацете веќе му се изгорени, Тарах одговори дека со помошта на својот Бог е подготвен на сите можни мачења.
Потоа Максим нареди да го обесат со главата надолу, да постават под него смрдлив оган и во ноздрите да му истураат оцет, помешан со сол и сенф. Така ги мачеше тој и Пров и Андроник на разни начини. Ги гореше, ги стругаше со остри направи, раните им ги посипуваше со сол... Но, бидејќи со тоа не постигна ништо, нареди до утредента да ги чуваат во окови, кога му рече на капетанот Димитриј да ги повика, нарекувајќи ги незнабожни христијани, па штом ги виде му рече на Тарах:
- Зарем не те дотолчија мачењата, раните и оковите? Послушај ме, напушти ја таа бескорисна вера. Принеси им жртва на боговите, кои створиле сѐ!
- Тарах одговори:
- Како можеле да го уредат овој свет оние, за кои се подготвени вечен оган и вечни маки? И не само за нив, туку за сите кои ја извршуваат нивната волја!
Проконзулот одговори:
- Нема ли да престанеш да хулиш, безбожнику? Зарем не знаеш дека можам веднаш да ти ја скинам главата и така да го забрзам крајот на твоите маки?
Тарах одговори:
- На почетокот сакав со брза смрт да ми завршат страдањата. Но сега, продолжи ми ги маките, за да расте во Господа подвигот на мојата вера.
- Со тебе ќе страдаат и твоите пријатели и ќе умрат според законот - рече мачителот.
- Се лажеш! Умираат само оние кои прават зло, а ние, кои што страдаме за нашиот Господ, очекуваме од Него вечна награда - одговори Тарах.
Проконзулот рече:
- Проклетнику! Безбожнику! Каква награда очекувате вие, кои што живеете лошо и незаконски?
Тарах одговори:
- Не ти доликува, незнабожецу, да знаеш каква награда подготвил за нас небесниот Господ, заради Кого го трпиме твојот гнев.
Максим го праша:
- Од каде таква смелост, да разговараш со мене како да си ми другар?
Тарах одговори:
- Јас не сум ти другар, но имам право да зборувам, и никој не може да ми го забрани тоа, кога Бог ме крепи.
Максим рече:
- Правото што го имаш ти, јас ќе го искорнам од тебе, безбожнику!
Тарах одговори:
- Тоа право не може никој да го одземе од мене: ни ти, ни твоите цареви, ни вашиот татко сатаната.
Проконзулот рече:
- Врзете го! Тој е безумен!
- Ако бев безумен, - одговори Тарах, - јас ќе се согласев со тебе. Кога го врзаа, проконзулот му рече да им принесе жртва на боговите, за да не го подложи на мачење според делата негови.
- Прави што сакаш, иако не доликува да ме мачиш, бидејќи бев војник. Сепак, за да не мислиш дека се плашам од мачењето и сакам да се покорам на твојата волја, испробај ги врз мене сите свои лоши измислици.
Проконзулот одговори:
- Војниците секогаш им принесуваат жртви на боговите за здравје на своите цареви и се удостојуваат на заслужените почести. А ти си најлош од сите, бидејќи и од војската си побегнал и не сакаш да принесеш жртва. Затоа и се подготвуваат за тебе најлути маки.
Тарах на тоа забележа:
- Што се жесточиш? Тебе ти зборувам! Прави што сакаш, безбожнику!
Намесникот одврати:
- Немој да мислиш дека одеднаш ќе те погубам. Не! Јас постепено ќе те мачам и уништувам, а остатокот од твоето тело ќе го дадам на ѕверовите!
Тарах рече:
- Не ветувај ми го тоа со зборови, туку спроведи го на дело!
Максим рече:
- Ти мислиш дека по твојата смрт некакви жени со мириси ќе го погребаат твоето тело, но јас ќе се погрижам целосно да го уништам.
Тарах му рече и по смртта да прави со телото што сака, а Максим го тераше најпрвин да принесе жртва.
Кога виде дека одлучно одбива, им нареди на слугите да му го смачкаат лицето. Додека го правеа тоа слугите, Тарах говореше:
- Лицето ми го упропасти, но душата ми ја оживеа.
Мачителот рече:
- Несреќнику! Престани со безумните мисли и принеси им жртва на боговите, за да се избавиш од маките.
Тарах возврати:
- Ти ме сметаш за безумен, затоа што се надевам во Господа и сум уверен дека ќе живеам на небесата. А ти привремено ќе живееш со телото, а душата си ја погубуваш за навек.
Тогаш проконзулот им рече на слугите:
- Вжештете железо и ставете му го на вилиците. Додека го трпеше тоа, Тарах рече:
- И пострашни работи од оваа да направиш, сепак нема да ме натераш да се предомислам.
Потоа судијата нареди да донесат брич, за да му ги отсечат ушите, да му ја одерат кожата од главата и врз главата да му стават жар. А Тарах говореше:
- Ако наредиш и целото тело да ми го одерат, нема да отстапам од мојот Бог, Кој ми дава сила, та ги поднесувам орудијата на твојата злоба.
Додека го правеа тоа, проконзулот рече:
- Соберете железни орудија, што повеќе вжештете ги, па ставете му ги под пазувите.
Додека го трпеше тоа, Тарах говореше:
- Господ нека гледа и нека суди!
Проконзулот го праша кој Господ го повикува, а Тарак одговори:
- Оној Кого ти не Го знаеш, Кој на секого ќе му даде според делата негови.
Тогаш проконзулот нареди да го стават под стража Тарах, а да го доведат на измачување Пров. Кога го доведоа, капетанот Димитриј му рече на проконзулот:
- Еве, господине, пред тебе стои Пров.
Проконзулот му рече:
- Те советувам, Прове, немој да си ги навлечеш претходните мачења. Оние, упорните, се покајаа поради тоа. А ти сега принеси им жртва на боговите, па ќе бидеш почитуван и од нив и од нас.
Пров одговори:
- Ние со една мисла и едно срце Му служиме на Бога. Не надевај се да слушнеш од нас нешто поразлично од веќе кажаното. Еве, јас стојам пред тебе и не се плашам од твоите закани. Што повеќе очекуваш?
Проконзулот рече:
- Вие сте се согласиле да ги отфрлите боговите.
И нареди да ги врзат и да ги обесат со главите надолу, па му рече на свети Пров:
- Поштеди го своето тело, зашто гледаш какви мачења ти се подготвени!
Пров одговори:
- Прави што сакаш, сите подготвени зла за мене ќе и бидат утеха на мојата душа.
Проконзулот им рече на слугите:
- Вжештете железни шипки, па горете му ги слабините, за да не биде безумен.
Пров возврати:
- Колку повеќе ме сметаш за безумен, толку повеќе сум премудар во законот Господов.
Проконзулот повторно им рече на слугите:
- Забијте му вжештени шипки во грбот.
А Пров трпеше, говорејќи:
- Господ нека го види од висините моето смирение и трпение!
Потоа мачителот нареди да се донесе жртвено месо и вино, и рече:
- Налејте вино и ставете му во устата.
Кога слугите го правеа тоа, Пров рече:
- Господ нека погледне од висините, нека го види ова насилство и нека изрече пресуда!
Судијата рече:
- Многу си претрпел, беднику! Па сепак, ете, веќе си примил идоложртвена храна.
Пров одговори:
- Ништо важно не си сторил со ова насилство. Господ ја знае мојата волја.
Судијата Максим рече:
- Ти јадеше и пиеше од идолските жртви!
Пров одговори:
- Знае Господ, и го гледа насилството што го трпам.
Проконзулот рече:
- Со вжештени шипки издупчете му ги колената.
А Пров говореше:
- Ни оган, ни маки, ни твојот татко сатаната не можат да го разделат слугата Божји од исповедањето на Бога.
Проконзулот рече:
- Вжештете остри железни клинци и забијте му ги во рацете!
Пров рече:
- Ти благодарам, Господи, што си им дал на моите раце да страдаат за името Твое!
Проконзулот на тоа забележа:
- Од многуте маки си го изгубил умот.
Пров одговори:
- Од својата огромна власт ти не само што си станал безумен туку и си ослепел и не знаеш што правиш!
Проконзулот рече:
- Несреќо! Како се осмелуваш да ми зборуваш така? Бидејќи само очите ти ги оставив здрави, сега нека ти бидат извадени!
- Кога беше сторено тоа, Пров рече:
- Иако ми ги одзеде телесните очи, ти никогаш не можеш да ми ги одземеш очите на верата.
Проконзулот одговори:
- Зарем после таквите маки се надеваш да останеш жив? Или мислиш дека ќе те оставиме мирно да умреш?
Пров одговори:
- Јас се подвизувам и очекувам од тебе безмилосно да бидам убиен!
Тогаш проконзулот им рече на слугите:
- Водете го одовде, врзете го и чувајте го под стража, за да не дојде кај него некој познаник и да го велича за неговата безбожна непокорност. Потоа рече да му го доведат Андроник и му рече:
- Принеси им жртва на боговите, па ќе те ослободам од оковите.
Андроник одговори:
- Тоа нема да се случи. Нема да сторам ништо спротивно на законот на мојот Бог.
Проконзулот рече:
- Ти си ѓаволесан, Андроник!
- Ако сум ѓаволесан јас би те послушал, и нема да Го исповедам мојот Господ, но ти си таков и вршиш ѓаволски дела.
Тогаш проконзулот им рече на слугите:
- Направете снопови од трски, натопете ги со масло и изгорете ги врз неговиот стомак.
Слугите веднаш го соблекоа, го положија на земјата и го извршија нареденото, а тој говореше:
- И сиот да ми изгориш, нема да ме победиш, безбожнику! Крај мене стои Господ и ми помага.
Проконзулот нареди да вжештат железни шипки и да му ги стават меѓу прстите, а Андроник говореше:
- Безумен непријателу Божји, преполн со најразлични демонски изуми! Ти гледаш како моето тело се топи во маките и мислиш дека ти се плашам. Јас го имам крај себе Христа, Синот Божји, а ти како да не постоиш.
Проконзулот рече:
-Беззаконику, ти не знаеш кого призиваш! Некаков човек, кој бил погубен од Понтиј Пилат и за чие што мачење постојат писмени документи.
-Замолкни, безбожнику! - одговори Андроник, - не ти доликува лошо да зборуваш за Него.
Проконзулот рече:
- Каква корист имаш од надежта во човекот, кого го нарекуваш Христос?
Андроник одговори:
- Навистина имам огромна корист и голема награда. Поради тоа и поднесувам сѐ.
Тогаш проконзулот им рече на слугите:
- Отворете му ја устата и ставете му идоложртвено месо и вино.
Кога беше сторено тоа, Андроник рече:
- Господи, Господи, погледни во насилството што го поднесувам.
Проконзулот го праша:
- До кога ќе страдаш, подложуван на маки? Та ти веќе вкуси од жртвите на нашите богови.
Андроник одговори:
- Нека загинат сите, кои им се поклонуваат на идолите, и ти и цаевите твои!
Проконзулот рече:
- Зла главо, ти ги навредуваш царевите, кои во светот воспоставија толку долготраен мир.
Андроник одговори:
- Јас ги проколнав убијците и крвопијците, кои го нарушуваат мирот. Нив Господ со Својата крепка рака ќе ги сруши и искорени.
Тогаш проконзулот им рече на слугите:
- Ставете му железо во устата, извадете му ги забите, отсечете му го богохулниот јазик, за да се поучи, и јазикот фрлете го во оган.
Слугите ја исполнија наредбата. Потоа Андроник беше одведен под стража.
Со тоа завршуваат судските записници, кои што ги воделе судските писари во текот на самото судење, кога светите маченици Тарах, Пров и Андроник биле испрашувани и мачени. А пак за останатите нивни страдања и за нивната смрт, тројцата побожни мажи Макариј, Феликс и Бериј, кои со свои очи го набљудувале нивниот маченички крај, во своето послание до верните го пишуваат следното:
Нумериј Максим, проконзул Киликиски, откако го запозна киликискиот жрец Терентијан, нареди за утредента да се подготви амфитеатар, оддалечен од градот илјада чекори, во кој мачениците требало да бидат предадени на ѕверови. А кога утредента се насобра многу народ и се наполни амфитеатарот за да го набљудуваат мачењето, дојде и Максим да го види тоа, а ние стоевме на скришно место и со голем страв набљудувавме.
Прво беа предадени на ѕверовите останатите осуденици, кои ги имаше во огромен број. Потоа Максим нареди да ги внесат христијанските маченици Тарах, Пров и Андроник. Војниците ги натераа луѓето да ги донесат на рамења, бидејќи од многуте рани не можеа да одат. Додека гледавме како ги носат, ние плачевме. И беа фрлени светителите среде арената. Тогаш сите ги обзеде страв и започнаа да негодуваат против Максим, заради таквата негова пресуда. И многумина се разотидоа од гледалиштето, укорувајќи го него и неговата ѕверска лутина. Кога го виде тоа, тој им нареди на присутните војници да ги забележат оние што заминаа, за да ги земе на одговорност.
Потоа Максим нареди да ги пуштат ѕверовите кај нив. А кога тие не се допреа до нив, нареди да ги убијат режисерите на гледалиштето, барајќи од нив да ги пуштат најлутите ѕверови. И беше пуштена мечка, која тој ден беше растргнала тројца луѓе. Но, кога му пријде на Андроник, таа седна и започна да му ги лиже раните. Тој ја дразнеше мечката за да му се нафрли, но таа остана кротка. Проконзулот се разјари и нареди со копје да ја убијат. Тогаш Терентијан, исплашен од проконзулот, побрза да пушти лавица кај мачениците, која беше испратена од Антиохија. Пуштена во арената, лавицата трчаше ваму таму како да сака да ја прескокне оградата и страотно ги исплаши гледачите. Но, кога им пријде на мачениците, таа ги преклони колената и легна пред Тарах. Тој ја дофати и ја влечеше да ја разлути за да го растргне, но таа се однесуваше со него како кротка овца.
Од ваквото големо чудо народот од амфитеатарот крена силна врева. А проконзулот, посрамен и разјарен од ова чудо, им нареди на слугите да ја разјарат лавицата. Но, таа, страотно рикајќи, отиде кај вратите и започна да ги гризе со забите. Сиот народ исплашено викаше:
- Отворете ѝ на лавицата! Еве, веќе и вратите се сокршија!
Тогаш Максим, бесен од гнев, го повика Терентијан и му нареди да ги убијат. И светите маченици Тарах, Пров и Андроник беа избодени со мечеви и исечени на парчиња. Така се упокоија. А проконзулот Максим, кога замина од гледалиштето, остави десет војници да ги чуваат телата на мачениците и им нареди да ги помешаат со телата на идолопоклониците, за христијаните да не ги препознаат и украдат. А ние, додека го гледавме тоа, Го молевме Господа да ни помогне да успееме тајно да ги земеме. Потоа се приближивме, ги здогледавме стражарите како вечераат пред запалениот оган, па ги преклонивме колената на молитва, Господ Христос да ја исполни нашата желба, да ни ги даде телата на светите. И ненадејно настанаа земјотреси, и грмотевици, и молњи, и бура со дожд. А ние повторно се помоливме, се приближивме кон телата и не најдовме ниту еден војник. Сите беа побегнале од невремето. Тогаш ги кренавме рацете кон небото, Господ со некој знак да ни ги покаже моштите на светите маченици, да ги распознаеме среде мноштвото останати трупови. Ноќта беше многу темна. И одеднаш три свеќи како ѕвезди се појавија над моштите на светите. Ние тајно ги зедовме и тргнавме, додека пред нас одеа оние небесни свеќи. Одејќи по нив, дојдовме до другата страна од гората и небесните свеќи станаа невидливи. И најдовме таму во камен ископана пештера, ги положивме во неа телата на светите маченици и го соѕидавме влезот, за да не ги пронајдат неверниците. Потоа појдовме во градот да дознаеме што се случува, и слушнавме дека Максим ги убил стражарите. Ние, пак, Му принесовме благодарност на нашиот Господ Исус Христос, Кој живее низ сите векови. Амин.
Јас - Макариј, Феликс и Бериј, сакаме останатото време од својот живот да го поминеме овде, за тука заедно со светите маченици да бидат погребани и нашите тела, а нашите души да се удостојат на небото да се насладуваат на вечниот живот со светите страдалници. Оние пак, кои со ова послание ги испраќаме кај вас, примете ги во страв Господов, зашто тие се дејци на нашиот Господ Исус Христос. А вас ве молиме, спомнувајте нѐ во молитвите. Благодатта Божја нека биде со вас. Амин.
ЧУДОТВОРНА ИКОНА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „ЕРУСАЛИМСКА“, која се наоѓа во Рускиот манастир „Свети Пантелејмон“ на Света Гора
Светата Ерусалимска икона на Божјата Мајка се наоѓа во соборниот храм „Покров Богородичен“ во рускиот манастир „Свети Пантелејмон“, во рамката која се спушта над царските двери.
Таа се спушта врз широка кадифена лента, врз која што е извезан тропарот на Ерусалимската Божја Мајка.
Светата икона е насликана во Троицката Кривоезерска пустина од јероѓаконот Никон (во голема схима јеросхимонах Нил), во 1825 година, кој како подарок ја испратил на рускиот манастир „Свети Великомаченик Пантелејмон“, заедно со писмо што го напишал на 8 ноември истата година. На оваа икона Пресвета Дева Го држи Богомладенецот Господ Исус на својата десна рака и умилно го гледа, а Он ѝ седи на раката како на престол. Со Својата десна рака Господ благословува а во левата држи свиток. А пак во страничните делови од иконата свети Јоаким и Ана се изобразени како ја соѕерцаваат славата на својата благословена Ќерка, удостоена да биде Мајка на Својот Господ и да Го држи во Своите раце. Светата икона се одликува со правилна слика и прекрасен иконопис од таканаречениот древноруски стил. Од внатрешната страна на иконата се наоѓаат следните натписи:
„Со благоволението на Пресвета Богородица оваа света икона му се посветува на Рускиот Светогорски манастир“.
Оваа света икона е насликана во Голема Русија, во 1825 година од воплотувањето на Бога Словото, во Кривоезерската општожителна пустина, од грешниот Јеромонах Никон, кој досега се наога во Нило-Сорската пустина, и кој со специјално укажување на Божјата промисла, со благоволение на Бога и Пресвета Богородица, пројавува усрдност таа причастна на благодатта икона да ја подари во трајна сопственост на светиот Руски манастир, посветен на светиот Христов великомаченик и исцелител Пантелејмон, кој се наоѓа на Света Гора. Амин.
Твојот раб Никон!“
На крајот има и трет натпис:
„Погледни го, Владичице, сесрдното исполнување на Твојата волја! Благоволи да ме удостоиш мене, недостојниот, во учеството
на спасуваните, кога мајчински ќе Го молиш за тоа Твојот Син и Творец на сите!“
Откако ја добиле оваа Ерусалимска икона на Божјата Мајка во рускиот манастир „Свети Великомаченик Пантелејмон“, од таму било испратено писмо до јеромонахот Никон, во кое што го замолиле да објасни, доколку е можно, какво специјано укажување и благоволение од Бога и Небесната Царица имало во испраќањето на светата икона до манастирот.
Во писмото од 12 декември 1892 година отец Никон го објаснува следното:
„Таа света икона на Владичицата е насликана од мојата недостојност, пред околу триесет години, кога сеуште бев јероѓакон и живеев во Кривоезерската пустинска обител (Костромска губернија), каде што се наоѓа чудотворната Ерусалимска икона на Божјата Мајка, која што јас, недостојниот, бев удостоен да ја возобновам. Поради многуте чудеса, кои и до денес се случуваат од иконата, јас, според својата немоќ и со голема усрдност и вера започнав да изработувам идентична (со исклучок на димензиите) копија на таа чудотворна икона. И со помош на Владичицата ја завршив. При нејзиното осветување се јави знамение и за неа некој предрече нешто, кое потоа јасно се исполни. Потоа беа извршени мноштво благодатни дејства.
А кога јас, бедниот, по Божја волја се преселив во речиси потполна запустената обител на преподобниот Нил, Сорскиот чудотворец, таа света икона насекаде беше неразделна со мојата недостојност. А пак за време на искушението во Иверскиот манастир, таа ми беше единствено пристаниште и спокој, кога бев изморен од брановите на жалостите. Беше мелем за мојата душа и за моето срце. Но, зошто да зборувам многу? Ја видов и благодатната сила, која пребива во иконата - глас, претскажувања, исцелување на болести, спасување од оган и други чудеса. Немав намера никогаш, на никој начин, додека сум жив, да се разделам од тоа спасително богатство. Но, Промислителот Бог и Пресветата Негова Мајка уредија поинаку. Верувајте, свети Отци, и не сомневајте се дека таа света икона е дарена на вашиот манастир од Божјата Промисла и со благоволението на Небесната Царица, но не барајте од мојата недостојност подробен опис за тоа. Сепак, за да не ве растажам, ќе ви кажам уште нешто. Малку повеќе од два месеци, пред да ви ја испратам иконата, во лесен, ми се чини сон, се видов себе си како да сум на Света Гора Атонска. Јас, и уште некој, започнавме да се искачуваме по неа. Оној со мене беше мој водич, бидејќи како што велеше имал одено на Света Гора. И така се приближивме до скалестата планина, образувана од стрмни карпи. Не наоѓам зборови, за да опишам со каков напор се искачувавме по неа. Мојот другар се искачуваше брзо, со некаква леснотија. А јас, следејќи го со страв и со голем напор, се влечев по него. На крајот стигнавме до едно место и одеднаш мојот водич стана невидлив (претпоставувам дека тоа беше мојот свет старец -преподобниот Нил Сорски, кој што, како што е познато од неговото житие, бил доста време на Света Гора, од Атон го пренел скитскиот устав во Русија и бил прв началник на скит во Сорската пустина). Тогаш ме обзеде голем страв. Ми се чинеше сосем невозможно да се искачам по острите и стрмни карпи. И покрај тоа решив да тргнам, и некако сосем брзо се најдов на една рамнина, пред вратите на храм. Радост, помешана со страв и благоговение, ми ги исполнија душата и срцето. Тогаш непосредно пред самиот влез видов како на престол седи необично прекрасна Жена. Таа беше облечена во облека бела како снег. Погледот ѝ беше крајно мил и умилен. Кога ме виде, Таа рече:
- Колку среќно и брзо се искачи до тука!
И ми подаде во лажица нешто бело, слично на млеко, и ми рече:
- Голтни го ова, потребно ти е, Уморен си.
Не можам да ја опишам пријатната сладост на вкусот. И тогаш Божествената Жена кажа необјасниви нешта и ми го заповедаше тоа што беше исполнето (ми беше благоволено и заповедано да ја испратам светата икона до светогорскиот руски манастир „Свети Великомаченик Пантелејмон“, и други нешта кои што се исполнија). Објаснувањето е до тука... Тогаш го видов и брегот на Атон. Тој не беше веќе далеку, но беше многу стрмно, и притоа гола карпа. И бидејќи не знаев кој е тој врв, ги запрашав морнарите наоколу, а тие ми одговорија: „Тоа е врвот на Атон“.
Откако ја испратив светата икона на Света Гора, се исполни сѐ што ми беше ветено од благодатта на Владичицата:
1. Нило-Сорскиот Скит стана самостоен;
2. Храмот Свети Јован Преттеча, кој се наоѓа на местото каде што живеел преподобниот Нил, кој над десет години бил неосветен, беше осветен;
3. На необичен начин се исполни мојата дамнешна желба да примам велика схима и да живеам при храмот „Свети Јован Преттеча“, каде што била ќелијата на преподобниот Нил.
Сѐ се исполни брзо, со благодатната сила и милосрдната грижа на Божјата Мајка. На сеноќните бденија, на Богородичните празници и во неделните денови по вечерната богослужба, светата икона со чест се спушта пред царските двери и пред неа се чита акатист, после кој браќата по чин застануваат до светата икона, прават пред неа земни поклони и благоговејно ја целиваат, измолувајќи Нејзино мајчинско застапништво пред престолот на Нејзиниот Син и Бог.
Празникот во чест на чудотворната икона на Божјата Мајка е на 12 октомври. Во рускиот манастир „Свети Пантелејмон“ спроти празникот се извршува многу торжествено бдение.
ЧУДОТВОРНА ИКОНА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „КАЛУЖКА“
Јавувањето на Калужката икона на Божјата Мајка се случило во 1748 година во селото Тинково крај Калуга, во домот на господинот Василиј Кондратиевич Хитров. Неговите слугинки додека го средувале таванот на куќата случајно наишле на предмет, завиткан во ленено платно. Кога го развиткале платното здогледале слика на жена, со темна облека и со книга во рацете. Мислејќи дека е портрет на монахиња, едната слугинка ја заплашила другата, која што била немарна и неодговорна и се викала Евдокија, со гневот на „игуменијата“. А Евдокија дрско рекла:
- Еве колку се плашам од твојата игуменија!
И плукнала врз портретот.
Но, штом го сторила тоа, таа несреќница веднаш била поразена од невидлива сила. Рацете и нозете ѝ се згрчиле, го изгубила говорот, очите ѝ се заматиле и се онесвестила. Нејзината пријателка се исплашила, побегнала, и му раскажала на господарот што се случило. На негова заповед ја однеле онесвестената Евдокија во домот на нејзините родители, и ја оставиле под една икона. Во истата ноќ Пречистата им се јавила на родителите и им рекла:
- Со својата дрска постапка вашата ќерка не натажи монахиња, туку Мене, зашто ликот врз кој што плукна таа е Мојот лик, преку кој по волјата на Мојот Син и Бог ќе го заштитувам нашиот град и сите жители на овој крај.
Пречистата наредила веднаш наредното утро да отслужат молебен пред обесчестената икона, а болната да ја поросат со водата осветена на молебенот. Родителите исполниле сѐ што наредила Владичицата. Кога си дошла на себе нивната ќерка се покајала и оздравела.
Иконата веднаш била симната од таванот и поставена во рамка на почесно место, во домот на господарот. Чудотворната сила на новојавената икона наскоро се пројавила со ново чудесно исцеление. Во домот на господарот имало еден слуга, на име Прохор, кој многу години бил глув. Тој три пати на сон ја видел Пресвета Богородица, Која му заповедала да се моли пред Нејзината новојавена икона за своето исцеление. Прохор ја исполнил заповедта. По усрдната молитва заспал во длабок сон и спиел две деноноќија. Кога се разбудил се почувствувал потполно здрав. Истовремено се разболела и Евдокија, ќерката единица на господарот. Болеста била толку тешка, така што лекарите не им давале никаква надеж за нејзино оздравување на родителите, кои биле скршени од тага. Ноќта Пречистата ѝ се јавила на сон на Евдокија и ѝ рекла:
- Моли се пред оваа икона и ќе се исцелиш.
Евдокија им го раскажала својот сон на родителите и сите заедно се обратиле со топла молба кон Божјата Мајка. За време на молитвата болната потполно се исцелила. По сето тоа нејзиниот татко повеќе не смеел да ја држи чудотворната икона во својот дом и со долични почести ја пренел во парохискиот храм „Рождество на Пресвета Богородица“ во селото Калужка (Калуженка). Од тогаш од новојавената чудотворна икона следувале уште неколку нови исцеленија. Така, на 28 август, во 1868 година тешко се разболел оптинскиот старец Амвросиј (Гренков). На молба од неговите духовни чеда, игуменот Исакиј испратил до Калуженка еден монах, со молба да ја донесе во манастирот чудотворната Калужка икона, за соборно да се помолат пред неа за исцелување на старецот. Наскоро ја донеле светата икона и во ќелиите на старецот бил отслужен молебен со акатист на Небесната Царица, а потоа и ќелијно бдение. Наскоро старец Амвросиј оздравел.
Божественото провидение ја подарило чудотворната Калужка икона токму кога било најнеопходно да биде поткрепена ослабената вера на граѓаните, да биде разгорена нивната молитва, и да бидат утешени во несреќите. Во тие тешки времиња се исполниле зборовите на Божјата Мајка, дека по волјата на Нејзиниот Син, Таа ќе се застапува за Калуга и за Калужшката земја преку Својата света икона. Само во молитвата пред неа, жителите на Калуга и околните населби наоѓале надеж и утеха. При секој страшен настан, тие ја носеле оваа чудотворна икона во Калуга, вршеле пред неа сесрдно молење, ги обиколувале со неа улиците на градот, полагајќи ја сета своја надеж во Пречистата, и таа нивна надеж не останувала посрамена. Пресвета Богородица неодложно им притекнувала на помош.
Во 1771 година Божјата Мајка преку Својата света икона пројавила благодатна сила во спасувањето на градот од чума. Жестоката чума го пустошела градот Калуга и околните градови. Смртта беспоштедно ги грабала своите жртви. Покосувала цели семејства, запустувала цели домови, секојдневно умирале стотици луѓе. Ниту лекарите ниту личната претпазливост не можеле да го спречат ширењето на заразата. Исплашени од епидемијата, луѓето побарале благослов од архимандритот Никодим, од манастирот на свети Лаврентиј, да ја донесат од селото Калужка чудотворната икона на Божјата Мајка. Откако ја донеле ги поминале со неа во литија сите улици на градот и пред неа отслужиле сенароден молебен. Потоа објавиле пост и граѓаните три дена со плач ја носеле иконата околу градот и со солзи и молби за помош, коленичеле пред неа. И по застапништвото на Пречистата погубната епидемија престанала. Во спомен на тоа чудесно избавување било востановено празнување на Калужшката икона на 2 септември, со литија околу градот.
Во 1812 година, по поразите крај Тарутино и Малојарославец, Наполеоновите упоришта на отстапување сакале да се упатат кон Калуга, но одеднаш ја промениле својата насока и тргнале кон Гжатск, по истите места, кои претходно самите ги разориле и опустошиле. Заробените подоцна сведочеле дека одеднаш биле обземени од страв и трепет, и ја виделе Калужката икона на Божјата Мајка како стои во воздухот, близу селото Тарутино, опкружена од светлоносни мажи (кога биле во ропство, тие ја виделе Божјата Мајка Нејзиниот лик на иконата) и ја слушнале Нејзината заповед да тргнат кон Гжатск. Така Пречистата ѝ дарила победа на православната војска, без проливање на крв. Селанката Параскева Алексеева исто така била удостоена да ја види Калужшката икона во воздухот, опкружена од небесни Сили. За тие виденија бил известен императорот Александар 1, и на негова заповед, со благослов на светиот Синод, било одлучено секоја година да се извршува празнување на чудотворната икона Калужка, на 25 октомври, со литија околу градот, во спомен на избавувањето на Калуга од нападите на французите.
Во летописот на Оптина пустина се вели дека Калужшката икона секоја година била носена од Калуга во светата обител. Нејзиниот торжествен пречек се случувал крај ѕидините на манастирот, крај реката Жиздра. Со биењето на оптинските камбани од соборниот храм излегувала литијната поворка на чело со игуменот, манастирските и скитските браќа. А од спротивниот брег чудотворната икона како да доаѓала кон манастирските браќа. По кратко молитвословие литијната поворка се упатувала кон Соборниот храм, во кој веднаш започнувала торжествена служба. Во текот на денот иконата била носена по ќелиите, а потоа скитските браќа торжествено, со пеење на молитвословија, на раце ја носеле чудотворната икона во скитот „Свети Јован Преттеча“. По молебенот и акатистот, браќата со благоговение ја примале светињата во своите ќелии. Пред доцната Литургија ја враќале во манастирот, каде по службата, со биење на камбаните торжествено се вршела литијна поворка, во која заедно со манастирските светињи учестувала и Калужшката икона. Ја носеле монаси на носилка, над главите на богомолците, како Пречистата Самата да го водела торжестеното празненство. По водосветот, до Амвросиевиот кладенец крај скитските порти, ја испраќале чудотворната икона до границите на манастиската сопственост, каде Ја предавале на градското духовништво и граѓаните на соседниот Козелск.
Во 1892-1893 година во Калужка губернија беснеела колера. За спасување на жителите од оваа епидемија биле извршени литијни поворки околу градот со Калужката икона. Во сите градски цркви се вршеле торжествени богослужби, со служба на Пресвета Богородица и присоединување кон ектениите на просенија за избавување од смртоносната зараза.
На 20 јули 1893 година, по доцната Литургија започнала литијната поворка со чудотворната икона. Во тој момент, во источниот дел на градот избувнал страшен пожар, во кој изгореле многу градби. Пламенот, носен од ветрот, се заканувал да ги уништи и централните делови на градот. Тогаш граѓаните тргнале во литија со чудотворната икона, директно кон огништето на пожарот. Архијерејот отслужил молебен со водосвет пред иконата на Небесната Царица, и ги попрскал градбите со осветена вода. Тогаш Пречистата ги слушнала солзните молби на граѓаните. Ветрот стивнал, ја променил својата насока и огнот бргу започнал да се гасне. По молебенот чудотворната икона била вратена во селото Калужка, следена од илјадници благодарни граѓани. Во текот на годината има четири празници во чест на чудотворната Калужка икона:
На 18 јули - во спомен на избавувањето од колера во 1784-та година;
на 2 септември - во спомен на избавувањето од чума во 1771 година;
на 12 октомври - во спомен на избавувањето на Калужката земја од французите (1812) и во првиот неделен ден од Петровденскиот пост.
По Октомвриската револуција благочестиви луѓе ја изнеле иконата од Калуга и така ја спасиле од рацете на безбожниците. Од тогаш па до денес се чува во Московската духовна академија на Троицко-Сергиевата лавра. Неодамна пресветиот московски и на цела Русија патријарх Алексиј II, ја посети Калуга. Со негово учество во катедралниот храм на градот „Свети Георгиј“ се врши свечено предавање на почитувана копија на Калужката икона на Божјата Мајка на православните верници.
ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ КОЗМА МАЈУМСКИ, иконописецот
Родителите на свети Јован Дамаскин, кои живееја во градот Дамаск, зедоа во својот дом едно мало христијанско сираче, по име Козма, родум од Ерусалим, кое многу мало беше останато без родители. Побожни и сиромавољубиви, родителите на свети Јован Дамаскин го посинија малиот Козма и го воспитуваа заедно со својот син Јован. Како богат и угледен, таткото на свети Јован Дамаскин доведе во својот дом многу учен и мудар учител, кој исто така се викаше Козма, и му ги довери и двете момчиња да ги учи на книга. Овој учител ги научи на сета мудрост Божествена и човечка. Бистри и долични, тие за кратко време ја изучија книжевноста и философијата, со тоа и астрономијата, музиката и геометријата. А пак Божественото Писмо го изучуваа со сето срце. Поради тоа станаа ценети и почитувани од сите. Со зрел разум во зрели години, тие го оставија овој свет, отидоа во лаврата на свети Сава Осветен и станаа монаси.
Откако го зеде на себе монашкиот јарем, Козма цврсто се подвизуваше и со својот живот и богомудрост заблеска во Црквата Христова, како ѕвезда на небесниот свод. Му помагал на свети Дамаскин во составувањето на Осмогласникот. И самиот испеал многу канони и на светителите. Со исклучителна убавина и длабочина му се одликуваат каноните на Лазарева Сабота, на Цветници, на Страсната Седмица. Подоцна свети Козма од Ерусалимскиот патријарх бил поставен за епископ Мајумски. Како епископ богоугодно управуваше со довереното стадо и откако доживеа длабока старост, мирно се упокои во Господа.
ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ МАРТИН МИЛОСТИВИОТ, епископот Турски
Свети Мартин е роден во 316 година во Панонија, во градот Сабарија од незнабожни родители. Татко му служеше во војската најпрвин како обичен војник, но поради ревноста во службата стигна до големи позиции. Стана трибун и зазеде висока функција. Своето детство Мартин го помина во Тицин, каде што татко му беше преместен. Уште како дете тој се одликуваше со кротоста, милосрдието и чистотата на душата. Во тоа време христијанската вера брзо и отворено се ширела по сите краеви на Римското Царство. Мартин се запозна со некои христијани, ги слушна од нив вистините за верата Христова и со своето чисто срце започна да ги гради. Чезнеејќи за светиот живот на христијаните, тој и против волјата на родителите во својата десетта година стана огласен. А кога имаше дванаесет години го обзеде побожна желба, и угледувајќи се на свети Антониј стана пустиник. Но, неговиот татко имал поинаков план. Сакал неговиот син да стане угледен војник и неговото име да се прослави на бојните полиња. И штом влезе во петнаесетата година, таткото го окова во синџири и насилно го натера да стапи во војска. Како син на трибунот и како убаво и силно момче, Мартин стана коњички офицер и стекна голема доверба кај своите старешини.
Оваа нова угледна функција не го промени неговиот смирени побожен живот. Според своите приходи можел да има покрај себе повеќе служители војници, но тој се задоволуваше само со еден. И со него постапуваше како со пријател и брат, и повеќе тој му служел нему отколку обратно. Спрема другарите беше полн со љубов, и тие не само што го сакаа туку и му се восхитуваа поради неговиот чист и строг живот, среде многуте соблазни. И како војник тој сиот се предавал на христијанското милосрдие. Од својата заработка задржувал за себе само колку што му е потребно за скромна исхрана. Лишувајќи се од сѐ им помагаше на неволните, ги облекуваше голите, ги хранеше сиромашните и правеше други милосрдни дела.
Мартин служел во Галија. Му се случило со војската да презими во зимските касарни во Амиена. Зимата била исклучително остра, па тој уште повеќе се трудел да згрижи и прехрани што повеќе сирачиња. Еднаш на градската капија сретна полугол просјак, кој од неподнослиот студ беше речиси потполно вкочанет. Нему срцето му се кинело од сожалување и, бидејќи немаше ништо да му даде, ја соблече својата наметка, ја расече на две половини и едната му ја даде на премрзнатиот, а со другата се завитка самиот. Кога го видоа необично завиткан, некои започнаа да му се смеат. Но, тоа ни најмалку не го нажали туку срцето му беше полно со радост, сеќавајќи се на Божествените зборови на Спасителот: „Необлечен бев и Ме облековте. Вистина ви велам: ако на еден од овие Мои најмали браќа им го направите тоа, Мене сте Ми го сториле“ (Мт. 25, 36. 40), и Господ ја поткрепи Мартиновата вера и за неговото милосрдие го утеши со небесно видение. Ноќе додека спиел, Мартин го видел на сон Господ Христос, Кој му се јавил обгрнат во онаа половина од неговата блека и го прашал дали е истата што тој му ја дал на просјакот на капијата. Мартин стоел побожно молчејќи. А Господ Христос, обраќајќи им се на Ангелите кои Го опкружувале, гласно рекол: „Мартин е само огласен, а еве, Ме облече со својата облека“.
Израдувано од таквото прекрасно утешно видение, момчето се разбуди. Тоа беше по три години од неговото стапување во воената служба. Потоа без колебање прими свето крштение, а по крштението одлучно започна да тежнее да ја напушти војската и тргна по многу посакуваниот пат на осаменичкиот подвижнички живот. Но, не можеше тоа веднаш да го спроведе на дело. Кога му соопшти за својата намера на трибунот, кој исто така бил христијанин, тој го замоли да го одложи тоа на извесно време, па потоа заедно да стапат во монаштвото. Мартин се согласи и уште две години учествуваше во воените походи на царот Констанциј против дивите Алемани.
За време на тие походи, царот го предаде старешинството над оној дел од војската каде што служел и Мартин, на својот брат од стрико Јулијан, поставен за кесар. Одредот војска не бил голем. За да ја поттикне својата војска на поголема храброст, Јулијан одлучи на војниците да им даде подароци од пленот запленет од Алеманите. Војниците гласно биле прозивани по име и секој приоѓал и лично од Јулијан примал подароци. Кога беше прозван Мартин, тој смело истапи пред Јулијан и му рече:
- Кесару! До сега служев кај тебе во коњаницата. Сега дозволи да стапам на служба кај Бога. Твојот подарок нека го користат оние што ќе останат кај тебе. Јас сум војник Христов и повеќе не сум должен да се борам за тебе.
- Ти си кукавица, Мартине! - со прекор одговори разгневениот Јулијан, - утре ќе се води битка. Ете, стравот од битката а не стравот од Бога те тера да ја напуштиш службата!
Меѓутоа Мартин смело продолжи:
- Ако моето барање го сметаш за кукавичлак, тогаш утре разоружан постави ме на најопасното место на битката и ќе видиш дека без никакво оружје, само со името Христово и светиот Крст, бестрашно ќе јуришам против непријателот.
- Нека биде така - рече Јулијан и нареди да го чуваат под стража до утредента. Но кога осамна и Алеманите ја видоа извонредно подготвената Јулијанова војска, испратија преговарачи за мир, со изјава дека безусловно го полагаат оружјето. Така мирот беше склучен.
Потоа, ослободен од војничките заклетви, тој веднаш ја напушти војската и отиде кај познатиот по својот свет живот и христијанската православна образованост Илариј, епископот на градот Поатје, за да се довери на неговото духовно раководство. Илариј го прими момчето со искрена љубов и по краткото испитување на неговиот карактер сакаше да го посвети за ѓакон, но Мартин, според својата длабока смиреност, се одрече од тој чин и одвај го натера да ја прими скромната но тешка должност на заколнувач.
По некое време во својата нова должност, Мартин започна да го измачува мислата што неговите родители се сѐ уште незнабошци, и затоа се врати да ги обрати кон Христа. Попат морал да помине преку Алпите, често да се губи по беспатните пусти гори и да биде во опасности од разбојниците. Така еднаш им падна в раце. Еден од разбојниците замавна со мечот да му ја отсече главата, но во тоа го спречи друг, кој се сожали на него. Мартин беше врзан и предаден под стража на разбојникот, кој му го спаси животот. И меѓу нив отпочна разговор, при што Мартин му рече дека е христијанин и при разговорот разбојникот се засрами од својот злосторнички срамен живот, веднаш го ослободи и со солзи го молеше да се моли на Бога за него. Потоа поранешниот разбојник започна да води побожен живот и се подвизуваше како монах во Галскиот манастир на свети Мартин.
Кога најпосле стапна на тлото на Италија, Мартин покрај останатите тешкотии и маки сретна еден наизглед крајно одвратен и страшен човек, кој му се нафрли со многу љубопитни прашања, особено настојувајќи да дознае каде ќе оди.
- Одам каде што ме повикува Господ, - му одговори Мартин.
- Добро - рече гневно соговорникот. - Но, запомни, каде и да одиш и што и да правиш, јас ќе бидам твој противник.
Оваа средба и разговор оставија врз Мартин длабок впечаток. Сепак, тој не се исплаши туку само кротко и со цврста надеж во себлагата Промисла Божја забележа: „Господ е со мене. Не се плашам од она што човек може да ми го стори“.
При овие зборови соговорникот моментално исчезна и Мартин сфати дека тоа бил исконскиот ѓавол, кој зел на себе обличје на човек.
Дома своите родители ги затекна живи. Неговиот татко многу непријателски истапи и остана упорен, а мајката прифати и беше просветена со светлоста на Евангелието, како и многу жители од неговиот роден град. Но, успехот на неговата евангелска проповед во Сабарија не траеше долго. Во тоа време аријанската ерес, под покровителство на нечистиот цар Констанциј, се рашири по цела Панонија. Мартин се крена против оваа ерест како погрешно учење, и затоа започнаа да го гонат. По телесните измачувања беше протеран од градот, па отиде во Италија, во градот Медиолан, и таму си направи осаменичка ќелија. Но и од таму по најразличните гонења и злоставувања беше протеран од аријанскиот епископ Авксентиј. Тогаш реши да се предаде на пустиничкиот подвиг. Затоа отиде во ненаселениот остров Капрарија, карпест и полн со отровни змии. Таму живееше во подвизите на богоразмислувањето и молитвата, со само еден придружник, хранејќи се со пустински треви. Промислата Божја на чудесен начин го чуваше светиот подвижник, та змиите не му наштетија.
Кога слушна дека неговиот учител Илариј аријанците го протерале од Поатје, Мартин отиде кај него. По пет изминати години радосно се прегрнаа. Илариј повторно започна да го наговара да го прими презвитерскиот или барем ѓаконскиот чин, но тој одлучно одби, сакајќи до крајот на животот да остане прост монах. Илариј му даде дозвола да основа манастир недалеку од Поатје, во местото Локоциаг или Лигуже. Околу побожното момче брзо се собраа пријатели и ученици, да се научат од него на совршениот монашки живот. Мартин сите ги примаше со љубов и на сите им служеше како најдобар пример на подвижничкиот богоугоден живот. Иако без школување, тој со благодатта Божја во него, богомудро ги водеше по патот на вистинскиот христијански живот дури и школуваните и најучените луѓе. Некои од нив, под негово влијание се одрекуваа од светот и целосно Му се посветуваа на Бога во пустиничките подвизи. Манастирот на свети Мартин за кратко време процвета и се прочу. Тоа беше првиот манастир во Галија, знаменитиот расадник на монаштвото во таа земја.
Во тоа време еден од огласените стапи во манастирот, но пред да биде крстен ненадејно се разболе и умре. Преподобниот во тоа време не беше во манастирот. Кога се врати и го затекна безживотното тело на огласениот среде рсплаканите браќа, ги отстрани сите од ќелијата и се простре на молитва. По два часа, со благодатта Христова, го врати умрениот во живот. Повратениот покојник веднаш прими свето крштение и потоа живееше богоугодно уште долги години. Подоцна тој раскажуваше дека кога душата му се разделила од телото бил изведен пред некој страшен Судија, Кој му изрекол кривична пресуда, но два Ангела му рекле на Судијата дека тоа е оној за кого што се моли Мартин, и Судијата веднаш наредил да го вратат назад.
Од тогаш за него се пронесе слава како за свет и прекрасен апостолски маж, облечен со сила од висините.
Привлекувајќи кај себе голем број на ученици, луѓе од разни функции и сталежи, и влијаејќи врз нив со примерот на својот доблесен и строг подвижнички живот, тој многу влијаеше врз ниви со своето учење. Самиот јасно ја гледал вистината Христова и цврсто бил убеден во неа, па со таа иста јаснотија, живост, простота и убедливост, умеел да ја изложи и разјасни како на верните така и на неверните. Сакал тој своите поуки да ги изложува и во вид на приказни, а тоа врз слушателот оставало силен впечаток.
Не можејќи да го поднесе неговиот свет и богоугоден живот, ѓаволот поведе против него злобна војна, јавувајќи му се и искушувајќи го на сите можни начини. Но, иако постојано гледал околу себе демони, па и самиот кнез демонски, сепак никогаш не се плашел од нив. Напротив, тој дури го повикувал на отворена борба, да се покаже на дело.
Тогаш сатаната се обиде да го измами и прелести светиот подвижник, земајќи обличје на светол ангел. Така еднаш застана пред него за време на молитвата, опкружен со пурпурна светлина, облечен во царска облека, украсен со круна од бисери и злато, во златни сандали, со весело и радосно лице. Оваа необична прекрасна појава на почетокот многу го збуни, па и двајцата долго молчеа. Најпосле ѓаволот рече:
- Знаеш ли, Мартине, кого гледаш сега? Јас сум Христос. Пред повторно да се јавам при своето второ доаѓање, решив тебе да ти се јавам.
Светителот се двоумеше и не даде никаков одговор.
- Зошто се двоумиш да веруваш во видението? - рече лукавиот. - Јас сум Христос.
- Тогаш, со внушување од Светиот Дух, тој препозна дека тоа е ѓаволот и рече:
- Мојот Господ Исус Христос не ветил дека ќе се јави во пурпур и блескава круна. Нема да верувам додека не го видам враќањето Христово, додека Христос не дојде онаков каков што пострада, и пред сите не ги покаже раните здобиени на крстот.
Тогаш ѓаволот исчезна како чад, и ја исполни ќелијата со толку страшна смрдеа, што немаше сомнеж дека е тој.
Покрај овие заведувачки виденија, свети Мартин имал и утешни и благодатни јавувања на ангели и светители Божји од задгробниот свет. Така нему повеќе пати му се јавиле светите апостоли Петар и Павле, и го тешеле со боговдахновена беседа. Благодатта Божја јавно почивала врз него и се јавувала очигледно пред сите негови ученици, особено кога тој служел света Литургија и за време на благословувањето на народот. Така еднаш, кога тој ја подигна десната рака за благослов, тие видоа како од неа излегува некој необичен блесок. Во друга прилика виделе како околу неговото чело се појавува светлина.
Не може да се сокрие град на врв планина, ниту да се запали свеќа и да се стави под поклопец, туку на свеќник, та им свети на сите кои се во домот (Мт. 5, 14, 15). Така, и во однос на свети Мартин, на сите им било јасно дека Бог го избрал, не само за осаменички подвизи во пустината и тишината на манастирската ќелија, туку и за да го постави високо на свеќникот на Црквата, за со своите благодатни дарови, добрите дела и светиот живот, да им свети на верните како пастир на многубројното стадо Христово. Неговата огромна слава, која сѐ повеќе растела, укажувала на тоа дека народот ќе го повика за епископ. И навистина, кога епископскиот престол во градот Тур остана слободен, народот изрази желба свети Мартин да биде епископ. Но, сите знаеја за неговата длабока смиреност, поради што тој и порано одбиваше да го прими презвитерскиот, па дури и ѓаконскиот чин, и затоа решија да прибегнат кон лукавство и сила. Еден граѓанин, на име Рурициј, дојде кај свети Мартин во неговиот манастир, падна пред неговите нозе и го молеше да појде во неговиот дом и да се помоли за неговата болна жена. Светителот појде, но брзо го опколи многубројниот народ, насилно го одведе во храмот и го прогласи за епископ.
Како епископ свети Мартин воопшто не се промени. Тој и понатаму им остана на сите образец за длабоката смиреност, беше задоволен со проста облека и најоскудна храна, и поголемиот дел од времето го посветуваше на монашките подвизи, оддалечувајќи се од светот и тежнеејќи кон молитвеното тихување. Недалеку од градот си најде за себе диво, зафрлено место за своите монашки подвизи. Тоа место беше сокриено со карпи а од едната страна со реката Лаура, и пристап до него имаше само преку една патекичка. Тука светителот си изгради дрвена ќелија. Покрај него започнаа да се населуваат и други подвижници, желни за пустиничкиот живот. Едни си правеа колиби, други си длабеа пештери во планинските карпи. Така околу него се собраа до 80 браќа и се створи монашка обител. Таа се нарекуваше „Манастирот на Мартин“ или „Голем манастир“ а подоцна „Мармутје“. Монасите на оваа обител го примија уставот на свети Мартин и се подвизуваа во подвизите, постот и молитвите, под неговото искусно раководство, користејќи ги неговите душекорисни поуки и примерот на неговиот личен возвишен подвижнички живот. Браќата немаа ништо свое. Сѐ им беше заедничко. Не било дозволено ништо да се купува ниту да се продава. Единствено на младите монаси им било дозволено препишување на Божествените ракописи и душекорисни книги. А постарите се занимавале исклучиво со молитвата. Од ќелијата ретко кога излегувале, освен поради заедничко богослужење. Вино никој никогаш не вкусил, освен за време на болест. Дневно јаделе еднаш, а храната им се состоела од леб, зеленчук и маслинки. Облеката им била од груби камилски влакна, иако многу од монасите биле од познато потекло. Браќата живееле во безусловно послушание и повеќето од нив во молитвено самување и тихување. Овој манастир дал многу епископи, кои многу се потрудиле во ширењето на христијанската просвета меѓу незнабошците.
Свети Мартин ревносно се трудеше во обраќањето на незнабошците и го сруши идолопоклонството во поголемиот дел на Галија. Во ова апостолско служење тој беше храбар, бестрашен и самопрегорен проповедник на вистината Христова. Поради тоа често излегуваше од манастирот и патуваше по околните краеви, уништувајќи ги безбожните идолишта, градејќи цркви и учејќи ги незнабошците во верата Христова. Неговата евангелската проповед имаше толку голем успех, што беше пропратена со знаменија и чудеса, кои ги вршеше со силата Христова пред очите на незнабошците. Првото место, каде што тој незнабошците ги обрати во верата Христова беше Амбуаз. Бидејќи тука основа црква со својата проповед, тој и грижата за неа ја довери на некои од своите ученици. Но таму незнабоштвото сѐ уште беше силно, и на христијаните им се закануваше голема опасност од нив. Сѐ уште таму имаше незнабожечки храм со огромен идол, многу почитуван од народот. Учениците не се решаваа да го срушат тоа засолниште на идолопоклонството, иако свети Маритн беше наредил да се стори тоа. Тогаш тој повторно дојде во Амбуаз и лично се увери дека навистина е тешко да се сруши, па одбра едно осамено место и ноќта ја помина во огнена молитва кон Бога. И Господ ја услиша молитвата на угодникот Свој. Утредента зафати страшна бура, која до темел го сруши незнабожечкиот храм и го скрши идолот во него.
Понесен од апостолска ревност, светителот намисли и во населбата Лепроза да сруши важен незнабожечки храм. Со таа намера тој во едно сокриено место близу Лепроза остана на молитва и пост три дена и три ноќи, молејќи Го Господа да го уништи незнабожечкото идолиште. Како одговор на неговата огнена молитва, нему му се јавија два светли вооружени ангели, и го известија дека Бог му ги испратил на помош против незнабошците. Тогаш светителот поита кон Лепроза и со силата на благодатта Христова чудесно ги претвори во прав жртвеникот и идолите, и тоа пред народот, кој беше заврзан со невидлива Божествена сила. Кога го видоа таквото необично рушење на храмот, жителите ја сфатија ништовноста на идолите и се обратија кон Христа.
Еднаш свети Мартин со неколкумина свои ученици, патувајќи во градот Карнот минуваше крај една густонаселена населба. Тука славниот угодник Божји сретна огромна маса незнабожечки луѓе, кои беа слушнале за неговите славни дела. Оваа пригода ја искористи за обраќање на неверните. Со внушување на Светиот Дух, тој громогласно ја отпочна својата проповед, јавувајќи им го словото Божјо на незнабошците и често длабоко воздивнувајќи што многу народ не знае за Господа Спасителот.
Во тоа време една жена, носејќи го на раце својот мртов син, кој само што починал, го спушти неговото мртво тело крај нозете на светителот и пружејќи ги рацете кон него, му говореше:
- Ние знаеме дека си пријател Божји! Те молам, врати ми го синот! Тој ми е единец!
Кон молбите на несреќната мајка се приклучи сиот народ. Свети Мартин го зеде мртвото дете во рацете, ги приклони колената заедно со народот, и сите се помолија, па тој стана и ѝ го врати живо детето на мајката. Тогаш сите еднодушно Го исповедаа Христа Бога, и паѓајќи пред нозете на светителот го молеа да ги стори христијани. Светителот веднаш ги стави рацете над нив и ги огласи со словото на вистината.
Гласот за ова чудо брзо се пронесе по целата покраина. А свети Мартин со ист успех ја распространуваше светлоста на Евангелието и во другите краишта на Галија.
Во градот Карнот доведоа кај светителот едно дванаесетогодишно девојче, немо од раѓање. Нејзиниот татко го молеше со молитвата да му го разврзе јазикот. Светителот изјави дека тоа не е во негова моќ, а дека тоа можат да го сторат двајцата епископи Валентин и Виктрициј, кои беа со него, бидејќи за нив, како најсовршени во доблестите, сѐ е возможно. Но, епископите се приклучија кон молбите на несреќниот татко, и го молеа светителот, тој да го стори тоа. Тогаш му нареди на народот да се оддалечи, и во присуство на епископите и таткото на девојчето падна ничкум на земјата со срдечна молитва, потоа благослови малку елеј и го стави во устата на девојчето, држејќи му го јазикот со прстите, при што го праша како се вика нејзиниот татко. Тоа разговетно го изговори името на татка си, кој падна пред светителот, му ги прегрна колената и со солзи радосници силно викаше пред насобраните, сведочејќи дека тоа е првиот збор, кој што го изговорила неговата ќерка.
Еднаш свети Мартин, придружуван од многуброен народ, на влегување во Париз сретна еден кутар лепрозен, страотно обезличен од болеста, од кого сите се гадеа. Светителот се сожали, го целиваше и го благослови. И веднаш лепрозниот за миг се очисти од лепрата. Утредента дојде во црквата и Му принесе благодарност на Бога за своето исцеление.
Благочестивиот државен службеник Павлин, кој подоцна се прослави со својот свет живот, започна жестоко да страда од очите.
Веќе густ мрак му ги беше покрил зениците, но свети Мартин со марамче допре до неговите очи и болеста веднаш исчезна.
Безбројни се кај светителот подвизите на милосрдието и љубовта христијанска, и затоа и го добил прекарот Милостив. Еднаш во зимски дни, на пат кон црквата сретна полугол сиромав, кој побара облека од него. Светителот му нареди на архиѓаконот да го облече, па влезе во одајата крај црквата и седна. Но, ѓаконот не му даде облека на голиот, та тој влезе кај светиот епископ и му се пожали и од ѓаконот и од студот. Тогаш светителот кришум ја соблече од себе наметката, му ја даде на сиромавиот, го облече и го испрати. Набрзо потоа влезе ѓаконот и го извести дека е време да започне светата служба, бидејќи народот чека во црквата. На тоа светителот, мислејќи на себе, му рече на ѓаконот:
- Треба најпрвин да се облечат сиромашните. Не можам да влезам во црквата ако сиромавиот не добие облека.
А ѓаконот, без да сфати за што се работи, започна да се извинува бидејќи не можел да го пронајде оној сиромав. Но, свети Мартин упорно настојуваше:
- Нека ја донесат облеката што е подготвена за мене. Бедниот нема да биде необлечен.
Ѓаконот се разлути, отиде до блиската продавница, купи кратка проста облека, па гневно ја стави пред нозете на епископот, говорејќи:
- Еве облека! А сиромавиот го нема!
Светителот спокојно му нареди на ѓаконот накратко да застане зад вратата, па тајно ја облече купената облека и отиде во храмот да служи Литургија.
Но, Господ не се двоумеше да го награди за ова тајно евангелско дело. Во истиот ден, кога светителот го благословуваше жртвеникот, за време на богослужбата од неговата глава заблеска огнен круг, чиј пламен, кревајќи се во височина образуваше долг зрак. Од многубројниот народ оваа прекрасна појава ја видоа само неколкумина одбрани, и тоа неговиот благочестив ученик Гал, една девојка, еден презвитер и тројца монаси.
Кротоста ги терала дури и незнабошците да го сакаат. Тој воопшто немал непријатели. Но, и да ги имало, тоа биле такви што го мразеле заради неговите доблести, што самите ги немале, и не можеле да го подржуваат. Меѓутоа блажениот Мартин никого не осудувал, никому не враќал зло за зло. Сите навреди трпеливо ги поднесувал, и постојано се трудел да има љубов за своите навредувачи. Никој никогаш не го видел ни разгневен, ни растроен, ни насмеан. Тој постојано бил еден и ист, носејќи на своето лице некоја небесна радост. Никогаш во неговата уста немало ништо друго освен името Христово. Никогаш во срцето негово немало ништо друго освен побожноста, мирот и сожалувањето. Тој често плачел дури и за гревовите на своите клеветници, кои со своите змиски усти и отровни јазици го напаѓале отворено во лице или во негово отсуство.
Колку бил трпелив спрема своите навредувачи јасно покажува следниот пример. Меѓу духовништвото во манастирот имаше еден млад човек, по име Брикциј, од ниско потекло, кого што свети Мартин го зеде кај себе, го воспита и подоцна го произведе за ѓакон. Поттикнат од зли духови, Брикциј започна страотно да го навредува својот незлобив учител и в лице и зад грб. Светиот маж се трудеше да го вразуми со кротки совети, но тоа не влијаеше врз безумникот, и тој започна уште повеќе да го навредува, па потоа побегна. Попат Брикциј сретна еден болен, кој го праша каде би можел да го најде свети Мартин. Тој го нарече светителот стар лажливец и со други погрди имиња. А кога наскоро по исцелението на овој болен блажениот го сретна и кротко го праша зошто го нарекол лажливец, тој го одрече тоа.
- Зарем моето уво не беше крај твоите усни, иако ти зборуваше зад мојот грб? - забележа светителот. - Кога ќе умрам, и ти ќе станеш епископ, но многу ќе пострадаш.
Потоа Брикциј започна да добива напади на беснило. Еднаш, додека светителот седеше на клупата пред својата ќелија, тој му се нафрли со јаросни навреди, додека на блискиот ѕид беа видливи два демона, кои го поттикнуваа на безумието.
- Јас сум посвет од тебе, - говореше ѓаконот, - јас сум воспитан во манастирот а ти некогаш си бил војник.
Браќата бараа Брикциј да биде примерно казнет и лишен од свештеничкиот чин. Но, свети Мартин спокојно ги дотрпе неговите навреди. А кога наскоро потоа, трогнат од кротоста на светителот си дојде на себе, и мачен од грижа на совеста се фрли пред нозете негови, светителот само забележа:
- Брикциј си наштети самиот на себе, а не на мене. Господ Исус Христос го трпел крај Себе дури и Јуда. Та зарем не треба и јас да го трпам ова момче покрај себе?
Претскажувањето на свети Мартин се исполни. Брикциј подоцна толку се промени, така што по смртта на светителот беше избран за негов наследник. И како епископ тој навистина претрпе многу неволји и страдања, и потоа се упокои во мир.
Колку поразително и силно било влијанието на свети Мартин и врз најнадуените и најзакоравените луѓе, дури и врз силните на овој свет, покажува следниот пример. Уште во почетокот на светителовото епископство градот Тур го зафати ужас заради посетата на свирепиот и ѕверолик по карактер царски областен намесник Авицијан. По неговата свита оделе долги поворки од затвореници, кои сакал да ги усмрти во градот Тур, за со тоа да го заплаши градот. Но човекољубивиот епископ Мартин не се исплаши туку одлучи да ги застапи и осудените и целиот град, и на полноќ се упати кон дворецот на Авицијан. А таа ноќ немирниот сон на намесникот беше прекинат со силна треска и тој слушна некој непознат глас, кој му рече:
- Ти спиеш а слугата Божји чека пред твојата капија.
Авицијан веднаш им нареди на слугите да проверат пред капијата, но од немарност му рекоа дека нема никој и тој повторно заспа. Набрзо и по втор пат беше рабуден од силен вик:
- Пред капијата стои Мартин!
Тогаш слугите го видоа, намесникот нареди да го доведат и го праша зошто постапил така.
- Мене ми е позната твојата намера, - смело му одговори свети Мартин, - пред ти да ми ја кажеш. Но, не дозволувај гневот од небото да те погуби.
Исплашен од вдахновениот пророчки глас на светителот и изобличуван од својата совест, Авицијан итно постапи според наредбата на светителот. Ги ослободи осудените и замина од Тур.
Прекорите на светителот и подоцна извршија добро влијание врз карактерот на жестокиот намесник. Еднаш, кога Авицијан повторно го посети градот Тур, свети Мартин влезе кај него во собата и упорно гледаше во него и молчеше.
- Зошто така упорно гледаш во мене, свет човеку? - праша Авицијан.
- Јас не гледам во тебе, - одговори епископот, - туку во одвратниот демон, кој ти седи на вратот.
Овие зборови имаа добро влијание и го спречија во неговите лоши намери.
Царот Валентијан, слушајќи од сите страни за славата на свети Мартин, изрази желба да биде во пријателски односи со него, но во тоа го попречуваше неговата сопруга Јустина, која беше ревносна аријанка. А кога еднаш светителот по важна работа дојде во Трир, каде што тогаш се наоѓаше царскиот двор, царот, настроен против него од сопругата, нареди да не го пуштат кај него. По залудните напори да биде примен од господарот, светителот се предаде на молитвата и постот. Во седмиот ден нему му се јави ангел и му нареди да појде во дворецот кај царот. Откако го доби ова Божествено внушување, свети Мартин поита кон дворецот, ја најде капијата отворена и отиде директно кај царот, без никаква најава. Валентијан многу се разлути, но ненадејно почувствува како столот под него да гори. Приморан да стане, тој одеднаш се промени и го прими светителот со топла прегратка и долго разговаше со него, го задржа како мил гостин неколку дена и му вети дека ќе стори сѐ што ќе побара. При разделбата му понуди богати подароци, но светителот ги одби, со што предизвика кај него уште поголема почит.
Пред крајот на својот живот свети Мартин слушна дека меѓу духовништвото во округот Канда настанала жестока расправија, и тој веднаш се упати таму, за да ги смири скараните клирици. Ги собра своите монаси, им претскажа за близината на својот крај и тргна на пат, следен од нивните солзи и лелеци. Откако воспостави мир во Канда, светителот таму доби жестока треска и, чувствувајќи го своето заминување, им нареди на учениците да го положат на подот во покровот и пепелта, бидејќи, говореше тој, така треба да умираат христијаните. Притоа, тој, како што му се стори, го виде ѓаволот близу себе и рече:
- Зошто стоиш овде, ужасен ѕверу? Ти немаш удел во мене. Прегратката Авраамова ќе ме прими мене.
Тоа беа неговите последни зборови. Браќата околу него беа поразени од блесокот и убавината на неговото лице, додека лежеше веќе мртов. Две илјади монаси и хор од девственици го пратеа неговото тело до Тур, каде при огромната маса од народ беше свечено погребан. По блажениот крај на својот голем угодник и чудотворец, Бог го удостои неговото тело на нераспадливоста и на неговиот гроб биваа големи и многубројни чудеса, во слава на Бога, прекрасниот во светиите Свои за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ДОМНИКА
Света Домника се подвизувала во времето на царот Диоклецијан. Изведена на суд пред Лисиј, игемонот на Аназарв Киликиски, таа ја исповедаше својата вера во Христа Бога. Затоа најпрвин ја тепаа со воловски жили и нозете ѝ ги гореа со вжештено железо. Потоа со стапови ѝ ги сокршија коските и ѝ ги извлекоа зглобовите, па во темница ја фрлија, каде што се упокои, предавајќи ја својата душа во рацете Божји, во 286 година.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ СВЕШТЕНОМАЧЕНИЦИ МАКСИМИЛИЈАН и КИРИН, епископот Норички
Норика била земја на Словените и се протегала од Јадран до горен Дунав и од Дунав далеку на запад. Називот го добила од тоа што мнозинството од нејзините жители живееле по планинските провалии, вдлабнатини, пештери и клисури.
Блажениот Максимилијан е роден во градот Целје, на горниот тек на реката Сава. Како син на богати родители, тој во својата седма година го доби за учител свештеникот Ораниј, човек образован и искрен христијанин. Кога имаше 19 години се упокои неговата мајка, а татко му шест години порано беше пострадал како маченик за време на царот Декиј. Максимијан стана наследник на огромен имот. Тој го раздаде на сиромашните, ги ослободи робовите и сиот се предаде во служба на Бога.
Околу 260-та година Максимилијан беше избран и посветен за епископ Норички, со седиште во градот Лерха. Како епископ, тој многу ревносно се трудеше во ширењето на Светата Вера меѓу Словените, и имаше голем успех. Блажениот светител со голема љубов се трудел околу сиротите и болните, а особено за гонетите за Светата Вера од страна на незнабошците.
Кога царот Нумеријан го објави гонењето на христијаните, префектот на Норик со својата свирепост ги заплаши христијаните, та голем број од нив принесуваа жртви. Свети Максимилијан поита во својот роден крај, за со своето присуство и живиот збор да ги ободри милите сродници. Тој му се јави на префектот и во присуство на други му рече:
- Зарем ти не си испратен ваму за да ја штитиш земјата од непријателите? А ти се истакнуваш како најлут непријател.
Префектот се збуни, па потоа арогантно рече:
- Водете го почитуваниот во храмот на Марс, да принесе жртва.
Светиот епископ одби да го стори тоа. Никакви негови закани не можеа да го присилат да го навреди името Христово. И тогаш префектот нареди да му биде отсечена главата. Тоа беше сторено на 12 октомври 282 година.
Маченичкиот крај на свети Максимилијан многу помогна во ширењето на христијанството меѓу Словените на реката Сава и на брегот на Јадранот. Наскоро по светителот, во 297 година во приморјето Норика некои војници претрпеа најсвирепи мачења за светата вера Христова.
Епископскиот престол на свети Кирин беше во градот Сиск. Кога префектот на долна Панонија Максим крена жестоко гонење против христијаните, свети Кирин се засолни од својот град. Со наредба на префектот тој беше пронајден, и прашан од него зошто побегнал, рече:
- Залудно се мисли дека се плашам од гонењето. Не! Јас само ја исполнив волјата на мојот Господ, Кој рекол: „Кога ве бркаат од еден град одете во друг“ (Мт. 10, 23).
- Кој го наредил тоа? - праша префектот.
- Христос, вистинскиот Бог - одговори Кирин.
- А зарем ти не знаеш, - рече Максимијан, - дека царската наредба ќе те најде кај и да си? Оној Кого ти го нарекуваш Бог, нема да те избави. Ете, ти си фатен.
Кирин рече:
- Маките со кои што ми се закануваш јас ги сметам за слава, И смртта што ми ја ветуваш ќе ми даде живот вечен. Се поклонувам на мојот Бог и Нему Му принесувам достојна жртва, а не на земните цареви.
Префектот нареди немилосрдно да го тепаат. Потоа му рече дека ќе го постави за жрец во храмот на Јупитер ако ги признае боговите на кои што е потчинето Римското Царство. Во спротивно ќе биде испратен кај префектот на Панонија. Епископот одговори:
- Јас и без тоа сум вистински свештеник и му се принесувам себеси на мојот Бог.
Максим нареди да го фрлат во темница со тешки окови.
Во темницата светителот Го славеше Господа за своите страдања и се молеше. На полноќ таа беше осветлена со силна светлина. Од тоа старешината на темницата Маркел падна пред нозете на светиот епископ и со солзи го молеше да се помоли за него на Господ, исповедајќи дека не постои друг Бог освен Оној Кого тој го почитува. Блажениот епископ го поучи во вистинската вера и го запечати со името на Господа Исуса Христа. По три дена Максим издаде наредба епископот Кирин да се испрати кај префектот на горна Панонија.
По сите придунавски градови го водеа епископот во окови. Притоа префектот на Панонија се враќаше од Чепрег. Пред него го изведоа епископот Кирин и тој нареди да го одведат во Сабарија, каде што ќе биде присутен и тој. Благочестиви жени му донесоа храна. Тој ја благослови понудата, а тие ги целиваа неговите окови. Потоа стражарите го одведоа во Сабарија. Префектот се наоѓаше во театарот кога го доведоа Кирин. Кога го прочита извештајот, тој праша дали сето тоа е вистина. Епископот одговори:
- Во Сикс Го исповедав вистинскиот Бог. Нему секогаш Му се поклонувам и Него го носам во срцето. Он е единствениот вистински Бог и никој не може да ме одврати од Него.
Префектот ги употреби сите средства да ја поколеба цврстината на светителот. Му говореше и дека ја жали неговата старост и дека не е умно да не се грижи за животот, но сѐ беше залудно. Светиот исповедник говореше:
- Јас не личам на безумник, а тие, одрекувајќи се од Бога, од желба за животот вистински умираат. А јас, исповедајќи го Бога, преминувам во вечниот живот. Вашите закони не ме задоволуваат и јас ги извршувам наредбите на мојот Бог Христос, објавени за верните.
Префектот пресуди Кирин да биде фрлен во реката, со камен околу вратот. Кога беше фрлен, тој уште долго остана на површината на водата, убедувајќи ги гледачите да бидат цврсти во верата и да не се плашат ни од маките ни од смртта. Најпосле, дури по неговата молитва, брановите го покрија. Така светителот беше овенчан со маченичкиот венец, во 309 година.
Маченичкиот крај на свети Кирин, како и страдањето на свети Максимилијан, направија не само верните да го подржуваат нивниот свет пример, туку допринесоа и за ширењето на верата меѓу Словените на реката Сава, и на брегот на Јадранот. Епископот на градот Муреа, на реката Сава, го штител Православието на Сардикискиот собор во 343 година. Епископот Јадрански од Јадран учествувал на Аквилејскиот собор во 381 година.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА МАЛФЕТА
Светата маченица Малфета се упокои откако беше изрешетана со стрели.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА АНАСТАСИЈА ДЕВИЦА
Оваа светителка живееше во времето на царевите Декиј и Валеријан. По потекло беше од Рим и се подвизуваше во манастир со други девственички. Тие беа обвинети како христијанки и во синџири изведени пред игемонот. За исповедањето на верата во Христа Бога таа беше тепана по лицето, а потоа разголена и горена со факели а раните ѝ ги полеваа со смола, масло и сулфур. Потоа ја обесија, ѝ ги отсекоа градите, ѝ ги искорнаа ноктите, ѝ ги отсекоа рацете и нозете, ѝ ги извадија забите, па најпосле ѝ ја отсекоа и чесната глава. Така блажената Анастасија го прими венецот на мачеништвото.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ЈУВЕНТИН и МАКСИМ
Овие свети маченици за верата во Христа беа посечени со меч, во времето на безбожниот цар Јулијан Отстапник. Пофално слово им одржал свети Јован Златоуст (Migne Р. G. 572-577).
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АНДРОМАХ и ДИОДОР
Мачениците свети Андромах и Диодор за Христа Господа го завршија животот во оган.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ТЕОДОТ, епископот Едески
Светиот угодник Божји Теодот, епископот Едески, во мир се упокои.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА АНТИЈА
Светата маченица Антија беше фрлена во вжештен бакарен вол и така се упокои.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ЈАСОН, епископот Дамаски
Свети Јасон беше епископ во Дамаск и во мир се упокои.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ СЕДУМДЕСЕТ МАЧЕНИЦИ
Овие свети 70 маченици пострадаа за Христа посечени со меч. Тие имаа желба ако е потребно да пострадаат и повеќе пати.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ И БОГОНОСЕН НАШ ОТЕЦ СИМЕОН НОВ БОГОСЛОВ
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ТЕОСЕВИЈ АРСИНОЈСКИ
Преподобниот Теосевиј Арсинојски е наречен така по селото Арсиној на Кипар, каде што е роден од побожни родители Михаил и Ана. Беше брат на свети Аркадиј, епископот Арсинојски (кој се спомнува на 29 август). Беше оженет со една побожно девојка, со која живееше како со сестра. Животот го минуваше во пасење на стадото и при тоа се осамуваше во една пештера на молитви и подвизи. Од лебот што го добиваше поголемиот дел го делеше на сиромашните, или на птиците, зашто јадеше многу малку. Мирно се упокоил во својата пештера, а кучињата му го дотерале стадото до дома и така им обзнаниле на родителите. По три дена, повторно со помош на кучињата, родителите ја најдоа пештерата во која што го открија неговото свето тело, свежо и благомирисно. Но, преподобниот не дозволи да го однесат од таму, туку му се јави ноќе на својот татко и изрази желба да биде погребан во пештерата. Подоцна тука беше подигнат и храм во чест на свети Теосевиј а во слава Божја.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ НАШИ ОТЦИ: АМФИЛОХИЈ, МАКАРИЈ, ТАРАСИЈ и ТЕОДОСИЈ ГЛУШИЦКИ
Преподобниот Амфилохиј, веќе како монах дошол во Глушицкиот манастир кај настојателот Дионисиј, и му бил десна рака во градбата на манастирот, строг чувар и извршител на манастирскиот устав, во текот на дваесет години. Кротоста и смирението му беа за пример. Тој се грижеше само за душата и носеше најскромна облека. По смртта на својот наставник беше поставен за игумен и мирно се упокои во 1452 година. Неговите свети мошти почиваат во храмот со неговото име.
Негов наследник беше преподобниот Макариј. Родум од градот Ростов, тој од својата дванаесетта година се подвизувал во Глушицката обител и се претставил околу 1478 година. Неговите свети мошти почиваат во Глушицката обител.
Преподобниот Тарасиј беше игумен на еден манастир основан од свети Стефан Пермски. Тој беше еден од најревносните соподвижници на свети Стефан во ширењето и утврдувањето на Православната вера меѓу Зирјаните. Потоа доброволно дојде на послушание кај преподобниот Дионисиј и се подвизувал во Глушицката обител десет години, водејќи многу сурови строг живот, со постот и бдението умртвувајќи го своето тело. Солзи на умиление постојано се ронеле по неговите образи, сведочејќи за неговото длабоко смирение и скрушеност на срцето. Сите се восхитуваа на неговото трпение и гледаа во него како на еден од древните големи подвижници. Достигна длабока старост и се упокои во 1440 година. Неговите свети мошти почиваат во Глушицкиот манастир.
Преподобниот Теодосиј беше ученик на преподобниот Дионисиј. Неговите свети мошти исто така почиваат во Глушицката обител.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ДИОСКОР
Бил сенатор. Сметајќи се за ништо, само Христа да го добие, тој бестрашно истапи пред кнезот Лукијан. Со зборови како молњи го исмеа неговото безбожие и сето негово заплашување и ласкање. Затоа беше подложен на страшни маки, но сите тие не претставуваа ништо за храбриот и бестрашен јунак Христов. Најпосле со меч му ја отсекоа светата глава, во 288 година.