26. Октомври (13. Октомври)
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: КАРП, ПАПИЛ, АГАТОДОР и АГАТОНИК
Многу е корисно да се сеќаваме на оние кои за Христа пострадаа, бидејќи самото сеќавање на нивните мачења може да ја поттикне нашата мисла на љубов кон Бога и нашето тежнеење кон доблестите да ни се даде како крилја, та заради идната награда, со душата да ги претрпиме истите страдања, кои што тие ги поднесоа со телото. Во таквите страдалници, кои на земјата извршија маченички подвизи, припаѓаат и Карп и Папил, тие големи столбови и темели на Црквата. И двајцата се родени во славниот град Пергам, од благочестиви родители, и со својот доблесен живот ги обелоденија доблестите на своите родители. Светата гранка расте од свет корен, добриот плод укажува на добро дрво и на чистиот поток слава му е изворот. И двајцата му ја даваа на телото само најнеопходната храна. Па и најпотребното го употребуваа во толку мала количина, така што од Ангелите се разликуваа само по телото, бидејќи од своето големо воздржание изгледаа речиси бестелесни. Кога со таквиот живот станаа совршени во доблестите, им беше доверена црковната управа. Карп беше поставен за епископ и тајните на верата им ги проповедаше на жителите на Тијатир. Папил, кого Карп го почести со ѓаконскиот чин, покажуваше ревност, согласно со својата фукција во доличните трудови.
Славата за овие угодници Божји се прошири по сите околни покраини, како што обично и се случува со доблестите, та тие не можат да се сокријат туку секогаш се обелоденуваат. Поради тоа кај нив започнаа да се собираат многу луѓе и под влијание на нивната проповед се обраќаа во христијанството. Се разбира дека при тоа исконскиот мразител на доброто не можеше да остане рамнодушен. Затоа пронајде усрдни служители на својата злоба и им дошепна светите ревнители за верата да ги обвинат кај незнабожниот цар Декиј. Така Карп и Папил ги обвинија дека не им се поклонуваат на идолите, туку напротив ги проколнуваат и го следат христијанското учење. Царот Декиј многу се разгневи и го испрати во Асија својот советник Валериј, ревносен многубожец и лош човек, кој уживаше целосна доверба кај него. При тоа му кажа сѐ што беше дознал за нив и му даде целосна власт над нив. Валериј веднаш тргна на пат. Кога дојде во местото каде што живееја свети Карп и Папил, тој изрази желба да им принесе жртва на своите богови. Затоа веднаш издаде нареба во сите краеви на тијатирската област, сите жители веднаш да дојдат на местото на жртвопринесувањето, за да се поклонат на боговите. Така овој безбожник, не само што самиот боледуваше од идолодемонијата туку сакаше и другите да ги зарази со неа.
Кога се собраа сите на местото на жртвопринесувањето, меѓу нив не се најдоа двајцата христијански проповедници Карп и Папил, зашто тие на друго место Му принесуваа вистинска жртва на вистинскиот Бог, односно молитва. Штом не ги најде на овој собир, мачителот нареди да ги пронајдат, па гордо ги праша:
- Зошто вие не се јавивте заедно со другите да им принесете жртва на боговите?
Потоа додаде:
- Ајде, пред мои очи поправете ја грешката, за омразата на оние што ве обвинија да се сруши врз нивната глава, а вашата слава да се зголеми.
На тоа светителите храбро му одговорија:
- Не треба, судијо, да го гневиме нашиот Бог, и да бидеме неблагодарни за добрините кон нас! Та и самиот добиток би нѐ изобличил за нашата неблагодарност, зашто и тој го знае својот господар. Ние би покажале дека не го знаеме својот Создател ако им оддадеме почитување на лажните богови.
Бог веднаш ги потврди нивните зборови. Земјата одеднаш страотно се затресе и сите идоли испопаѓаа и во прав се претворија. Но, злобата на Валериј беше силна и непоколеблива. Наместо да се восхити на неискажливата сила Божја и да ја исмее страотната ништовност на лажните богови, тој стана уште побезумен и неразумен. Посрамен од благородството и кротоста на Божјите луѓе, се воздржа веднаш да не ги подложи на најтешки мачења и нареди да им стават синџири околу вратовите и голи да ги водат по градот.
Така сјајните подвижници, достојни на високи почести, беа водени по улиците со бесчестење. Достојните на безбројни пофалби, беа подложени на потсмев и исмевање.
Судијата мислеше дека со бесчестењето ќе се променат и реши да ги придобие со благи зборови, па започна да им зборува:
- Ако не ве сметав за благоразумни, немаше да ве советувам туку со мачење ќе ве натерав да ја прифатите нашата вера. Но, бидејќи вашата благоразумност и благородност укажуваат на здраво расудување за работите, својствено на големите луѓе, одлучив да ви бидам добар советник. Знам дека не ви е непознато дека славата и честа им се оддаваат на бесмртните богови од дамнина и тоа е така сѐ до денес, не само кај нас, кои го знаеме римскиот и грчкиот јазик, туку и кај варварите. Преку таквото усрдие кон боговите, градовите се управуваат со добри закони, се победуваат непријателите и зајакнува мирот. Од каде царевите и кнезовите римски дојдоа до таква слава? Како толку народи и градови освоија и сите противници ги покорија? Зарем не затоа што ги почитуваа боговите и им се поклонуваа? Затоа и вие оддајте им почитување. Иако сте заведени од неуки луѓе во скорешната христијанска вера, сега вразумете се, та и боговите да ви се смилуваат. Така ќе се наситите на многуте добра што ги поседуваме и ќе се удостоите на голема милост од царот. Ако останете непокорни ќе изгубите сѐ и ќе не принудите да постапиме со вас крајно немилосрдно.
Светителите ги кренаа очите кон небото, се прекрстија и му одговорија на Валериј:
- Ти се надеваш дека нас, како незнајковци, веднаш ќе нѐ обратиш кон своето безбожие. Но, знај дека пред тебе не стојат слабаци и малоумници. Ние мислиме дека вашата вера е недостојна за почит, затоа што е древна. Сѐ што е древно не е неизбежно и достојно за почит. Ете, и злобата е древна, но не значи дека заради својата древност е достојна за почит. Треба да се дискутира за тоа дали треба да се прими вашата вера, а не дали е древна. Ние одлучно ја отфрламе како штетна, која што подготвува пеколен оган за нејзините поклоници. Ако сакаш да ја познаеш вистината размисли, па ќе видиш дека вашите богови не се ништо друго освен дело на рацете човечки. Тие се неми и глуви и не се корисни за никого, па дури ни самите на себе. Вистинскиот Бог е неопислив по природата Своја. Него не може да го достигне нашиот ум, ниту да се измери со времето, бидејќи нема почеток со битието Свое. Бог извел во битие сѐ што е видливо и му дал заповед, за човекот да се навикне да му биде послушен на Создателот. Но, човекот со зависта на ѓаволот падна во непослушност и стана подложен на смртта. Ѓаволот не се задоволи со таквиот пад на човекот, туку поита и неговото потомство да го раздели од Бога, за луѓето да умираат не само со телото туку и со душата. И така луѓето, откако Го оставија Бога, од светлината на правдата западнаа во темнината на идолослужењето. Поради тоа милосрдниот и жалостив Создател, за да го избави човекот од ѓаволската тиранија, слезе на земјата не одвојувајќи се од Отецот, и во сѐ стана сличен на нас, освен во гревот. Распнат на крст, Он умре за да нѐ избави од гревовниот пад. Откако со Својата смрт го победи нашиот непријател, Он се искачи на небесата и нѐ повика таму, правејќи за нас лесен влез кај Него. А ти, судијо, можеш ли нешто слично да ни кажеш за твоите богови? Нели е срамно да ги нарекуваш богови? А пак што се однесува до вашите богатства и почести кај царот, кои вие ги нарекувате ваше богатство, ние не ги сметаме за ништо. Сета надеж ја полагаме во Бога, за Кого сме цврсто решени да пострадаме и да умреме.
Валериј многу се разгневи и разбесни, ја отфрли лицемерната кротост, ја исфрли својата внатрешна свирепост и нареди најпрвин да им се разграби имотот од страна на обвинувачите, а потоа беа врзани за коњи и така водени во Сард. Коњите ги тераа многу брзо и без одмор, за во еден ден да стигнат до Тијатир во Сард. За храбрите страдалници тоа беше тежок пат. Не беа во состојба да трчаат брзо како коњите, та насилно ги влечеа и при ударите од земјата трпеа силни болки. По нив одеше и слугата на светите маченици, блажениот Агатадор, сострадајќи со своите господари. Кога стигнаа во Сард, тие не се одморија од тешкиот пат туку најголемиот дел од ноќта го поминаа во молитва и божествено пеење. Кога малку дремнаа, ангели Божји во видение ги тешеа и крепеа, па штом се разбудија си раскажаа што виделе. При тоа многу се радуваа и Му благодареа на Бога и уште повеќе сакаа да пострадаат за Христа.
Валериј допатува во Сард, со надеж дека страдалниците, после многуте маки претрпени попат, полесно ќе се покорат на неговото безбожие. Беззаконикот не знаеше дека светителите уште повеќе зајакнаа за подвигот, со благодатта Божја дадена во видението. А кога виде дека лицата им се посветли од порано, дека се духовно силни и со бестрашни срца, изгуби надеж дека со мачење ќе ги победи, па повторно лукаво, со благи зборови и ласкања, се обиде да ги одврати од верата Христова. Реши Карп и Папил да ги даде под стража, а прекрасниот Агатодор, кој исто така беше совршен маченик, да го положат на земјата и безмилосно да го тепаат. И се натпреваруваа судијата и маченикот со тепањето и трпението, и после долгото и страотно мачење му течеа потоци крв како од извор, му отпаѓаше месото, му се гледаше внатрешноста, му се кинеа делови од зглобовите, неговите болки беа навистина најстрашни. Но, тој толку јуначки молкум поднесуваше, како да не чувствува болки, И самата помисла дека страда за Христа за него беше доволна утеха во страотните страдања. Гледајќи од небото на неговиот подвиг и подготвувајќи му награда, Христос го повика кај Себе да се одмори. И веднаш тој го предаде духот во рацете на својот Господ, оставајќи го своето мртво тело на мачителите. Со наредба на Валеријан телото беше оставено непогребано, и ноќе некои од верните го зедоа и тајно го погребаа.
Потоа Валериј ги изведе свети Кари и Папил и им рече:
- Вашиот безумен слуга доби смрт достојна на неговите дела, бидејќи не сакаше да принесе жртва на бесмртните богови. А вие, мудри луѓе, зошто не го одберете корисното за вас?
Светителите го прекорија и го нарекоа безумен, ја пофалија јуначката смрт на свети Агатодор и му рекоа дека и тие сакаат исто таква смрт за Христа.
Тогаш разбеснетиот мачител нареди повторно да ги врзат за коњи, и тие брзо да трчаат пред него од Сард во Пергам. И повторно светителите трпеа големи маки и страдања а ноќта на нивните болки им додадоа и тесни окови и сурова темница. Но, светите останаа во молитвено бдение, во молитви кон Господа, Кој ги посети повторно. Им се јави ангел Господов, ги исцели од раните и им ги исполни срцата со божествена радост, крепејќи ги на подвигот. Кога осамна, мачителот, мислејќи дека тие не можат ни на нозе да стојат а ги виде здрави со светли и радосни лица како брзо одат, тоа го припиша на нивните маѓии и им приреди уште поголеми страдања. Ги окова во тешки окови и ги поведе на уште подалечен пат. За време на тоа патување, тој на едно место им принесе жртви на идолите, седна на судиштето, го повика Карп и започна божем пријателски да го жали и да му вели:
- Ете, боговите имаат сожалување за твојата старост, ти помогнаа толкав пат да поминеш без маки. Зошто си неблагодарен кон твоите добротвори? Послушај ме, ајде заедно кај боговите, зашто те жалам, и плачам поради твоите неволји како да се мои. Ти знаеш дека многу ме навреди и повеќе не можам да поднесам. Ако сега не ме послушаш нема да те дотрпам, не затоа што ме омаловажуваш мене туку боговите.
На тоа свети Карп одговори:
- Твојот совет, кој води од живот во смрт, никој не може да го нарече добар, туку лага и измама. Ако ја почитуваш мојата старост, зошто не ми веруваш кога татковски те советувам? Јас повеќе ја жалам твојата гибел отколку ти моите страдања. Многу тагувам поради твоите неволји, што сета своја надеж си ја положил во бесмислици и почитуваш богови, кои не можат да те избават од вечните маки. Та тие се бездушни, од човечка рака изработени, и всушност не можат да се наречат богови, бидејќи идолите се ништовни и непотребни.
Не можејќи повеќе да го поднесе срамотењето на своите богови, Валериј им нареди на џелатите да го поведат свети Карп, да го соблечат, да го обесат и безмилосно да го тепаат со трнлив стап. Додека го тепаа телото му се претвори во една рана и месо му отпаѓаше и леташе во воздухот. Но, на мачителот и тоа му беше малку, па повика други џелати, та едни со свеќи му ги гореа ребрата а други му посипуваа сол и земјата се натопуваше со неговата крв. Жилите му се кинеа и му предизвикуваа тешки страдања. Но, колку повеќе го мачеа, толку повеќе тој јакнеше во љубовта Божја и трпението. Додека висеше така среде маките, тој се насмевна. На прашањето од кнезот зошто се насмевнал, одговори:
- Затоа што ја видов благодатта, која што ми е дадена од мојот Христос.
Светителот ја беше видел небесата отворена и Господ како седи на престол и Херувими и Серафими околу Него.
Така Господ го утеши својот слуга во маките, и со благодатта Божја ги победи сите болки и беше мачен додека џелатите не се изморија. Потоа го фрлија во темница а тој Му благодареше на Бога што го удостои да страда за Него.
Потоа Валериј го изведе пред себе свети Папил и како прв пат да го гледа започна да го испрашува од каков род е, од каде е и со што се занимава. Светителот го потсети дека веќе му е познато неговото благородно потекло од Пергам, и дека по занимање е лекар, но дека неговото лекарство не зависи од билките што растат на земјата туку тоа му се дава од Бога. Тоа лекарство ги лекува не само телата туку и душевните болки. На тоа судијата рече:
- Лекарските вештини не можат да бидат без изучување на она што го напишале Галин и Хипократ, на кои знаењето за лекарствата им било дадено од боговите.
Папил одговори:
- Галин, Хипократ и нивните ученици можат да ги излечат болните само кога мојот Христос, според неискажаното милосрдие Свое, ќе благоволи да го даде Своето лекарство. Без тоа е залудно лекарското знаење, некорисна е опитноста во лекарската професија.
А оние што ти ги нарекуваш богови, како можат да се погрижат за нечие здравје, кога самите не можат во ништо да си помогнат? Ако сакаш да ја дознаеш вистината, обиди се на дело. Ете, го гледаш оној што седи покрај тебе. Слеп е на едното око. Твоите богови нека му дадат да прогледа и јас ќе замолкнам.
На тоа Валериј рече:
- Зарем постои таков, кој би го исцелил?
Светителот одговори:
- Не само оваа, туку и сите неизлечиви болести лесно ќе ги исцели оној што го повикува Христа, Исцелителот на сите болести.
Валериј рече:
- Тогаш ајде, ако имаш сила направи пред нас да прогледа овој човек.
Папил одговори:
- Нема да го сторам тоа веднаш, за да не го припишеш чудото на твоите бесови. Најпрвин вашите гатачи, вашите лекари нека повикаат некој од своите богови, па потоа и јас ќе ја покажам силата на мојот Бог Христос.
Валериј ги свика своите жреци и им нареди да ги призиваат боговите, за да го исцелат слепото око на неговиот советник. Жреците повикаа кон своите ништовни богови и започнаа да се случуваа работи достојни за смеа. Цел ден се молеа тие на оние кои не можат ни самите да си помогнат.
А што стори слугата Христов? Тој ги крена кон небото телесните и духовните очи и го повика милосрдниот Господ. Потоа со раката го допре слепото око, го осени со крсниот знак и човекот веднаш прогледа. И тоа прогледа не само со телесното око туку и со очите на душата. Тој ја виде немоќта на ништовните богови и силата на единствениот Бог, Исус Христос, Светлоста на вистината, Кој го осветлува секој човек што доаѓа на свет. И не само тој човек туку и многу други луѓе од тоа чудо дојдоа до спознание на вистината. Но, иако сите Го славеа вистинскиот Бог, сепак беззакониот Валериј остана помрачен и се нафрли на свети Папил. Наместо благодарност за добрината, тој нареди да го врзат за дрво и немилосрдно да го тепаат.
Додека го тепаа, тој страдаше не од тепањето туку што не го подложуваат на најтешки маки. А пак Валериј, додека гледаше дека јунаштвото на маченикот ги победува маките, сѐ повеќе се разјаруваше и врз мачењата додаваше нови мачења. Под слабините на свети Папил запалија оган и нареди да фрлаат камења по него. Маченикот го поднесуваше огнот трпеливо а камењата паѓаа на друго место, Како да му укажуваат почитување на телото кое страда за Христа, тие се враќаа врз оние што ги фрлаа.
Кога Валериј се измори, и не знаејќи на какви уште маки да ги подложи светите маченици, тој сепак одлучи да го остави мачењето, мислејќи дека за некое време раните ќе им се подлутат и уште пострашно ќе ги болат, та потполно ќе ги раслаби за мачењата што ќе им ги приреди подоцна. Но мачениците, имајќи Го за лекар Христа, заради Кого доброволно страдаа, беа исцелени потполно, при што безумниот мачител уште повеќе се разбеснуваше.
По кратко време тој повторно седна да им суди. Светите излегоа пред него со радосни лица, како дојдени на празнување. Беззаконикот сакаше со својата разбеснетост да ги исплаши, но тие му рекоа:
- Зошто се трудиш околу нас и не ни изречеш пресуда? Не надевај се дека ќе нѐ одвратиш од Христа. Попрво ќе нѐ видиш мртви, отколку да ти се покориме.
Потоа нареди на земјата да наместат парчиња тули и железни клинци, и врз нив ги положија светите маченици голи, па започнаа да ги влечат и при тоа безмилосно да ги тепаат. Но и во тие маки Господ не ги остави Своите слуги, туку им притекна на помош. Тулите и клинците ненадејно исчезнаа и светителите останаа неповредени. Тоа уште повеќе го разјари судијата и нареди со жилети да им ги сечат слабините. А тие јуначки трпеа, славејќи Го Бога.
Мачителот собра лути ѕверови и приреди на гледалиштето ваква глетка:
Пуштија кај мачениците мечка, при што сите мислеа дека таа веднаш ќе ги усмрти и растргне, но напротив не покажа никаква крвожедност, туку легна крај нивните нозе и ги прегрнуваше. Потоа пуштија Лав, кој не само што беше кроток како мечката туку преку него уште почудесно се обелодени Божјата сила. Додека рикаше, тој проговори со човечки глас, карајќи го гонителот и неговата свирепост. Но, тие сето тоа го припишаа на маѓии од Светите маченици. Судијата нареди да ги фрлат во јама, полна со негасена вар, но залудно се трудеше безумникот, спротивставувајќи се на Бога, Кој насекаде ги чуваше своите слуги неповредени. Тие останаа во таа вар три дена и излегоа ни најмалку неповредени.
Колку повеќе Валериј се убедуваше дека не може да ги победи светителите, толку повеќе беснееше. После сѐ ги обу во железни чизми, начичкани со железни клинци, па ги натера да трчаат. Но, ни со тоа не можеше да ги победи непобедливите војници Христови. Потоа страотно вжешти печка, ги фрли во неа, а заедно со нив влезе и блажената Агатоника, сестрата на свети Папил, сакајќи да земе удел во нивните подвизи и да умре за Христа. Огнената печка не само што не ги изгоре туку со силата Христова се претвори во ладовина, зашто падна силен дожд и го згасна огнот. Кога Светителите излегоа од печката неповредени, повторно ги одведоа во темницата, во која тие како во црква Му пееја на Бога.
Мачителот не знаеше што понатаму, и од срам што е победен, пресуди да им се отсечат главите. Водени заедно со Агатоника на местото на посекувањето, светите Маченици се радуваа и се молеа на Бога, не само за себе, туку и за своите убијци. Така го завршија својот подвиг. Нивните свети тела со бесчестење беа фрлени и оставени. Верните ги зедоа и тајно ги погребаа чесно, славејќи Го нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и поклонение за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ФЛОРЕНТИЈ
Светиот маченик Флорентиј беше од градот Солун. Како христијанин, тој беше ревносен во побожноста и доблестите, и ги изобличуваше и исмеваше лажните незнабожечки богови. Христијаните ги утврдуваше во Христовата вера, трудејќи се со сите сили да ги поучи во исполнувањето на заповедите Господови и доблестите. Затоа игемонот на градот Солун го изведе на суд, каде пред сите Флорентиј храбро ја исповедаше својата вера во Христа како Бог и Творец, а незнабожечките богови ги изнавреди, тврдејќи дека тие се дрво и камен, злато и сребро, бакар и железо, бездушни и мртви идоли. За таквите зборови страотно беше тепан. Потоа го обесија на дрво и го стругаа. После тоа го фрлија во оган, каде блажениот маченик се упокои радосен и со молитва и благодарност кон Бога. Така го доби венецот на мачеништвото.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ НИКИТА ИСПОВЕДНИКОТ
Свети Никита е роден во Пафлагонија, од побожни и богољубиви родители, кои беа далечни роднини на царицата Теодора, сопругата на царот Теофил иконоборецот. Како дете беше даден во училиште и изучи книга. На седумнаесетгодишна возраст отиде во Цариград. Во тоа време на царскиот престол беа сопругата на починатиот цар Лав IV, Ирина, и нејзиниот малолетен син Константин. Примен во царскиот двор на служба, Никита набрзо стана управник на дворот, и се здоби со функцијата патрициј. Потоа беше поставен за воен старешина, војвода на Сицилија. Живеејќи богоугодно уште од своето детство, иако на висока положба, Никита ја почувствува сета ништовност на световните функции и богатства и посака да се замонаши. Но, во тоа го попречија царот Никифор и неговиот син Ставрикиј, зашто тие, високо ценејќи ги неговите заслуги за државата, не сакаа да го ослободат од должноста, за да оди во манастир. А кога по него на престолот стапи Михаил Рангав, Никита со тешка мака измоли од него дозвола, под услов да не излегува надвор од престолнината Цариград, туку да биде во манастирот Хрисоники кај Златните Порти. Во тоа време имаше педесет години. Остана во манастирот сѐ до царувањето на Лав Ерменин иконоборецот.
Кога свети Никита виде на каков потсмев се предаваат светите Икони од беззакониот цар, го напушти Цариград, отиде во еден манастир во негова близина и таму стапи како најпрост монах, минувајќи го времето во пост и работа. Меѓутоа некои иконоборци, откако дознаа дека преподобниот Никита има икона на Спасителот, набавена од Рим, веднаш го известија царот. Тој испрати кај него службеници со закани и заплашувања да го натераат да им ја даде иконата, но тој одлучно одби. Притоа им рече:
- Таа икона не е моја туку Божја, и како светиња се чува со останатите црковни скапоцености.
Тогаш царските пратеници го пронајдоа монахот, кој им кажа каде се наоѓа светата икона и откако влегоа во црквата ја зедоа и бесрамно ја исмеаја. Од ваквото богохулство, светителот го обзеде голема тага. А пак царските пратеници на заминување строго му наредија никаде да не излегува од манастирот.
Подоцна, кога на престолот стапи вториот иконоборен цар Теофил, кај преподобниот Никита од страна на царот беше испратен некој дворјанин Теодосиј, кој пред сите му рече:
- Царот преку мене ти наредува да го признаеш патријархот Антониј, и да не им се поклонуваш на иконите. Во спротивно веднаш ќе бидеш испратен во прогонство.
На тоа светителот одговори:
- Никогаш нема да престанам да им се поклонувам на иконите на мојот Христос Бог. А Антониј, додека во мене има здрав разум, нема да го наречам патријарх туку прељубодеец и злосторник. А ти, испрати ме во прогонство, коли ме, и какво што сакаш зло стори ми!
И веднаш свети Никита беше истеран од манастирот. Откако Му заблагодари на Бога, светиот исповедник поведе со себе тројца од браќата и отиде во друго место во близина и таму ја помина Светата Четириесетница, сѐ до Педесетница. Потоа отиде во Пантихион. Но, бидејќи дојде заповед од царот никој да не смее да ги прима христијаните, кои се кријат и бегаат заради почитувањето на светите Икони, свети Никита отиде на еден остров. Но и таму немаше мир. Му се нафрлија агарјаните. Тогаш некој негов роднина Никола му предложи да отиде во местото наречено Силоп, и таму да се засолни. Преподобниот отиде таму. Но, по кратко време иконоборците му испратија порака или да им се приклучи или да го напушти тоа место. Тогаш отиде во Катисија. Таму најде едно погодно местенце, го купи и во него изгради црква во име на Светите Архангели. Помина таму доста време заедно со браќата што беа со него, живеејќи добро и богоугодно. Најпосле отиде во еден приморски манастир, и додека живееше таму створи многу чудеса. Таму ја провиде и својата смрт и своето заминување кај Бога. Откако ги поучи монасите отиде кај Господа, во својата седумдесет и петта година. Како за време на животот така и по смртта, свети Никита изврши многу чудеса.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ВЕНИЈАМИН ЃАКОНОТ
Светиот ѓакон Венијамин живееше за време на персискиот цар Издегард, синот Гороранов. По потекло Персиец, а ревносен во проповедањето на Евангелието, тој обрати кон верата Христова многу незнабожни Персијци. Поради тоа беше обвинет, фатен, немилосрдно тепан, па фрлен во темница, каде остана две години. Некој од царските велможи се застапи за него кај царот и беше ослободен, но со заповед да молчи и повеќе да не им зборува на луѓето за Христа. На тоа Венимијан одговори:
- Јас не можам, а да не им ја дадам на помрачените светлината на богопознанието што сум го примил, бидејќи Евангелието јасно учи дека ќе бидат подложени на големи маки оние што го сокриваат талентот што им е даден.
Откако беше ослободен од темницата, свети Венијамин продолжи да ја шири верата Христова, и цела година го проповедаше Евангелието, обраќајќи ги незнабошците кон Христа. Кога дозна за тоа царот, нареди да го доведат да му суди и го присилуваше да се одрече од Христа. Венијамин го праша царот:
- Царе, каква казна заслужува оној што ќе те презре тебе и ќе почитува друг цар наместо тебе?
- Таквиот заслужува смрт - одговори царот.
На тоа маченикот возврати:
- Кога заслужува смрт оној што ќе се одрече од тебе, смртниот цар, какви ли тогаш маки со право заслужува оној што ќе се одрече од вистинскиот Бог, Творецот и Создател на сѐ, а се поклонува на било кое створение?
Царот се разјари на ваквите зборови и нареди да му забијат по едно жилесто дрвце под секој нокот од рацете и нозете. Но, кога виде дека тоа мачење за него не претставува ништо, го подложи на ѓаволски измачувања, па најпосле жив го наби на колец. Во таквите маки овој сјаен борец ја предаде својата душа на многусаканиот Христос.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТАТА ВЕЛИКОМАЧЕНИЧКА ЗЛАТА МЕГЛЕНСКА
Нашата света девомаченица Злата е родена во селото Слатина, во Мегленската област, од сиромашни селски родители, кои имаа уште три ќерки. Света Злата беше пристојна, кротка и побожна девојка, мудра во мудроста Христова и златна не само на име туку и по богобојазливото, чесно и чедно срце. Притоа таа беше и необично убава. Нејзината убавина стана повод нејзиниот живот да се украси со страдањата на великомаченичка.
Еден тамошен турчин, прелестен од ретката убавина на Злата, пројави сатанска љубов кон неа и бараше погодна пригода за да ја задоволи својата гнасна страст. Еден ден Злата отиде со другите жени во шумата по дрва. Штом дозна за тоа, сладострасниот турчин веднаш наговори некои слични на себе бесрамници турци, та со нивна помош ја фати Злата и насилно ја одведе во својот дом. Најпрвин се обиде со разни крупни ветувања да ја убеди да се потурчи, давајќи и збор дека тогаш и ќе се ожени со неа, а во спротивно ќе ја подложи на страшни мачења. Поразена од безочноста, Злата одлучно одби, и остана храбра и бестрашна. Откако го повика на помош името Господово, таа бестрашно рече:
- Јас во Христос верувам, Нему Му се поклонувам, и Него единствениот го знам како свој Младоженец. Од Него никогаш нема да се одречам, макар и на илјада маки да ме ставите и на ситни парчиња да ме исечете!
Кога ги слушнаа таквите одлучни зборови, турците видоа дека оваа девојка не можат да ја придобијат со обични средства, туку ќе мора да измислат нешто специјално. И, знаејќи дека жените се умешни да ја занесат девојката, ја предадоа на своите жени, на секој можен начин да ја убедат да се потурчи. И што ли не сторија тие жени! И какви ли не лукавства употребија! И какви ли се уживања не ѝ ветија! Цели шест месеци тие се трудеа околу Злата, да ја убедат да ја прими муслиманската вера. Но, сѐ им беше залудно, бидејќи беше цврста и непоколеблива во својата вера во Христа.
Потоа турците ги повикаа нејзините родители и сестрите, и страотно претејќи им, им наредија да ја убедат да се потурчи, зашто во спротивно ќе ја убијат, а и нив ќе ги подложат на мачења и ќе им го одземат имотот. Преплашени, родителите и сестрите започнаа да ја наговараат да се потурчи. Тие горко плачеа и низ солзи ѝ говореа:
- Ќерко, ќерко мила, сожали се на себе, на нас, и на своите сестри. Сите поради тебе ќе пропаднеме и ќе бидеме уништени. Откажи се од Христа привидно, да бидеш среќна и ти, а и ние. А Христос е милостив, ќе ти го прости гревот, сторен под принуда во животот.
Стаписана и ожалостена, но и сета окрилена со пламенот на љубовта спрема Христа, витешката душа на света Злата не попушти пред ѓаволските замки, туку се издигна над солзите на своите родители и сестри. И сета вивната над телото и крвта и над природните закони, света Злата им рече:
- Кога ме советувате да се одречам од Христа, вистинскиот Бог, повеќе не сте мои родители и сестри! Татко ми е Господ Исус Христос, мајка Пресвета Богородица, а браќа и сестри светителите и светителките.
Кога турците, а особено грабнувачот на Злата, увидоа дека сите лукавства и средства што ги употребија не им помогнаа, веднаш прибегнаа кон мачење. Најпрвин ја фрлија во темница, каде што лежеше три месеци. Секој ден ја изведуваа и камшикуваа, додека нејзината крв не ја натопи земјата. Потоа од грбот и дереа каиши кожа, па тие каиши ги врзуваа пред нејзините очи, за на тој начин да ја заплашат, додека потоци крв течеа од нејзиното тело и ја натопуваа земјата. Но, на мачителите и тоа им беше малку. Потоа вжештија железна шипка, па со неа и ја провалија главата, ја провлекоа вжештената шипка од едното уво низ другото, така што чад ѝ излегуваше низ носот и устата.
Овие страотни маки, кои би можеле да ги поколебаат и најхрабрите луѓе, светата маченичка ги трпеше многу јуначки, крепена од силата на крстот и сесрдната љубов спрема Господа Христа. Како што вели свети Симеон Метафраст, за душата, со оковите на љубовта заврзана за Бога, страдањата не претставуваат ништо. Таа се радува на болките и цвета во маките.
Во таквите ужасни маки светата страдалничка слушна дека во селото се наоѓа проигуменот на светогорскиот Светоникитиски манастир отец Тимотеј, духовник на нејзиниот татко, и испрати еден христијанин кај него, со усрдна молба да се помоли на Бога за неа, Господ да ја удостои богоугодно да го заврши подвигот на своето мачеништво. Нејзината смирена молба беше исполнета. Господ ѝ даде сила, та таа навистина богоугодно го заврши подвигот на великомаченичка. Најпосле бездушните турци ја обесија страдалничката за дрво и сета ја исекоа на ситни парчиња. Така света Злата, испитана и очистена како злато во топилницата на толкуте страдања, ја предаде својата света душа во рацете на својот Бесмртен Младоженец, добивајќи од Него двократен венец, и на девственоста и на мачеништвото.
И сега во рајските населби се радува заедно со мудрите и победнички Деви и блаженствува во прекрасното Царство на Господа Христа, славејќи Го низ сите векови. По нејзините молитви и ние да се удостоиме на Небесното Царство.
Парчињата од чесните мошти на светата великомаченичка Злата христијаните тајно ги собраа и чесно и побожно ги погребаа.
Света Злата пострада во 1795 година, во месец октомври.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АНТИГОН
Светиот маченик Антигон пострада за Христа изгорен во оган.