27. Октомври   (14. Октомври)

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА НАША ПАРАСКЕВА - ПЕТКА

Славната рамноангелна светителка Параскева е родена во градот Епиват, помеѓу Силимврија и Цариград. Родителите ѝ беа имотни и побожни луѓе. Живееја според заповедите Божји и својот живот го украсуваа со милостињата и добрите дела. Освен Петка тие имаа и еден син, на име Евтимиј. Своите деца ги воспитуваа во побожност. Ги учеа на секоја доблест и живот во Бога. Еднаш Петка, како десетгодишно девојче, кога со мајка си беше во црквата, ги слушна зборовите од Божественото Евангелие: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека оди по Мене“ (Мк. 8, 34). Тие зборови длабоко ѝ се врежаа во срцето. По излегувањето од црквата таа сретна просјак и кришум од својата мајка му ја даде својата скапоцена облека а се облече во неговата сокината. Кога дојде дома и родителите ја видоа во партали, многу ја искараа и строго ѝ се заканија повеќе да не го прави тоа. Но, таа продолжи и понатаму да постапува така. Кога ја карале, таа им одговарала на родителите дека поинаку не може да живее.

Нејзиниот брат Евтимиј родителите го дадоа во училиште. Желен за совршен духовен живот, Евтимиј со согласност на родителите се замонаши. Како монах се прочу за својот подвижнички живот и беше избран за епископ Мадитски. Како епископ се прослави со доблестите и борбата со еретиците. Се упокои во длабока старост и беше погребан во соборната црква. За време на животот и по претставувањето створи многу чудеса.

По смртта на родителите, девицата Петка секојдневно желна за подвижничкиот живот заради Христа, се предаде на строги подвизи. Со постот и бдението го умртвуваше своето тело и го потчинуваше на духот. Сета горејќи од желба да живее само во Господа и заради Господа, таа не можеше долго да остане во многуметежниот свет, туку го напушти родителскиот дом, го остави светот и отиде во Цариград, за да се поклони на тамошните светињи. Таму сретна многу ревносни подвижници и доби многу драгоцени поуки од нив. На совет од нив таа се насели во Ираклиското предградие при црквата Покров на Пресвета Богородица, и тука помина пет години во молитви, пост и солзи.

Исполнувајќи ја својата дамнешна желба, таа отпатува во Палестина и откако се поклони на Светите Места, осветени со Спасителовиот живот, се насели во Јорданската пустина, каде што водеше рамноангелски живот. Подржувајќи ги Боговидецот пророк Илија и Јован Крстител, таа се хранеше единствено со пустинска трева, во многу мали количини, и тоа по зајдисонце. Постепено топејќи се и од горештината и од мразот, таа ги вперуваше очите само кон единствениот Господ, Кој смирените по срце може да ги спаси од малодушноста и од бурата. И кој би можел да ги искаже сите трудови, и страдања, и маки, и демонски искушенија, што ги претрпела света Параскева во текот на толку многу години? Кој би можел да знае колку солзи таа пролеала и колку воздишки кон Бога испратила? Кој би можел да ги искаже нејзините секојдневни борби, кои со телото, со помислите, и со ѓаволите ги водела, додека потполно не ги победила? Единствено севидливиот Бог, бидејќи само Бог можел да ги види и да ги знае сите нејзини подвизи. Таму за неа немаше грижа за суетните работи на овој свет. Таа се грижела единствено за очистувањето на својата душа, за одговорот на идниот суд, за средбата со небесниот Младоженец. Нејзината главна и непрекината грижа беше како да го украси својот живот и со мудрите девојки да излезе во пречек на Младоженецот небесен, и да го чуе слаткиот глас Негов, и да се наслади на гледањето на красотата Негова. Да, само околу тоа се грижеше таа и размислуваше како ќе дојде и ќе се појави пред лицето Божјо.

Додека водеше таков живот во пустината, лукавиот враг ѝ завидуваше на доблестите и се обидуваше со соништа и привиденија да ја заплаши. Често пати земаше на себе обличје на ѕверови и ја напаѓаше, но прекрасната невеста Христова го избра Севишниот за прибежиште. Со Негова помош и знамението на светиот крст го бркаше, како пајажина ги кинеше сите негови замки и потполно го победи. Таа при женската природа стекна машки разум и го победи ѓаволот како што Давид го победи Голијат. Откако ја украси својата душа со таквите подвизи и доблести, света Параскева стана возљубена невеста Христова, та врз неа се исполнија пророчките зборови: „На Царот ќе му омиле убавината твоја“ (Пс. 44, 12). Царот се всели во неа со Отецот и Светиот Дух и пребиваше во неа како во светата црква Своја, бидејќи света Параскева, сочувувајќи ја својата душа од гревот и скверноста, навистина стана црква на живиот Бог.

По долги години живот во пустината, една ноќ додека стоеше на молитва и со умиление ги пружаше своите раце кон небото, преподобна Параскева виде ангел Божји во облик на пресветло момче, кое ѝ рече:

- Остави ја пустината и врати се во својот роден крај. Треба таму да го предадеш своето тело на земјата, а со душата да се преселиш кај Господа.

Преподобната сфати дека е тоа наредба од Бога и се израдува што наскоро ќе се разреши од телото, но тагуваше што ќе се раздели од пустината, бидејќи ништо така не ја очистува душата и ја води кај Прволикот, како пустината и осаменичкото молитвено тихување. Покорувајќи се на небесната волја, преподобната тргна и во Цариград ја посети прекрасната црква „Света Софија“. Исто така ја посети и црквата „Пресвета Богородица“ во Влахерна, се поклони на чудотворната икона на Богомајката и замина во својот роден Епиват. Тука поживеа уште две години, без да го менува својот начин на пустински живот. Сето време го минуваше во работа, пост и молитви. А кога настапи времето за нејзиното заминување кај Бога, преподобната сесрдно се помоли на Бога за себе и за сиот свет, и така во молитва ја предаде својата блажена душа на Бога. Нејзиното тело од страна на верните беше погребано според христијанскиот обичај, но не на заедничките гробишта туку одвоено, како тело на туѓинка, која никому не беше кажала од каде е.

Сакајќи да ја прослави Својата угодничка, Бог ги откри нејзините свети мошти по многу години, на следниот начин:

Во близина на местото каде што беше погребана преподобната мајка Параскева, на столб се подвизуваше еден столпник во молитвено тихување. Се случи таму од морските бранови да биде исфрлено тело на некој морнар, кој за време на пловидбата тешко се разболел и умрел. Од тој леш започна да се шири неподнослива смрдеа, така што едноставно не можело да се помине по тој пат. Таа смрдеа не можел да ја поднесе дури ни столпникот и бил принуден да се симне од столбот и да натера некои луѓе да ископаат длабока дупка и да го закопаат засмрдениот труп. По промисла Божја, додека ја копале дупката, тие луѓе најдоа нетлено тело во земјата и многу се зачудија на тоа. Но, како прости и неуки, не му обрнаа внимание и си мислеа дека ако тоа тело е свето, Бог би го открил тоа преку некакви чудеса.

Со такво размислување тие повторно го затрупаа нетленото тело и таму го фрлија и смрдливиот труп, па си заминаа. А кога падна ноќта, еден христољубив човек од нив, на име Георгиј, се молеше на Бога во својата куќа. Кога пред зори заспа, на сон виде царица како седи на пресветол престол, а околу неа стојат безброј многу светли војници. Георгиј го обзеде страв и падна на земјата, бидејќи не беше во состојба да гледа во тој сјај и убавина. Еден од тие светли војници го фати за рака, го подигна и му рече:

- Георгиј, зошто така го омаловаживте телото на преподобна Параскева и го погребавте покрај неа смрдливиот труп? Веднаш извадете го телото на преподобната и положете го на достојно место, бидејќи Бог сака Својата слугинка да ја прослави на земјата.

Тогаш и таа светла царица му рече на Георгиј:

- Поитај, та извадете ги моите мошти и положете ги на чесно место. Не можам повеќе да ја поднесам смрдеата на оној труп. И јас сум човек, и роден крај ми е Епиват, каде што вие сега живеете.

Истата ноќ исто такво видение имаше и една благочестива жена, на име Ефтимија. Утредента и двајцата им раскажаа на сите за своите виденија. Тогаш сите со свеќи побрзаа кај моштите на преподобна Параскева, и откако ги извадија со големо стравопочитување од земјата, им се радуваа како на скапоцено богатство. Светите мошти беа свечено положени во црквата на светите апостоли Петар и Павле, во Епиват. По молитвите на преподобна Параскева се даваа од нејзините свети мошти многу исцеленија на болните: слепи прогледуваа, сакати проодуваа, најразлични болни и бесомачни добиваа здравје.

Два века по претставувањето на нашата преподобна мајка Параскева, Цариград и околината беа под завојувачкото владеење на папските крстоносци. Во 1238 година благочестивиот бугарски цар Јован Асен реши светите мошти на преподобна Параскева да ги ослободи од рацете на тиранските власти. Кога им ја достави својата намера, светите мошти да ги пренесе во својата престолнина Трново, крстоносците веднаш се согласија да му ги дадат, бидејќи се плашеа од моќниот цар. Тогаш царот го испрати блажениот Марко, митрополит Перејаславски, со многу епископи и свештеници, светите мошти да ги пренесат во Трново, каде свечено беа пречекани и положени во придворната црква, и точеа најразлични исцеленија, на сите кои со вера им пристапуваа.

По долго време, кога турскиот султан Бајазит го зазеде Трново, сите скапоцености и светињи беа разграбани. Тогаш чесните мошти на света Параскева беа пренесени во Валахија, А кога турците ја освоија и Валахија во 1396 година, со застапување на српската царица Милица кај султанот Бајазит, светите мошти беа пренесени во Белград. Потоа во Белград е изградена црква на света Петка, која постои до денес (на Калемегданската тврдина), во која се наоѓа и изворот Света Петка со чудотворна водичка.

Побожниот белградски народ и другите верници одејќи често, а особено во петок, во храмот и на изворот „Света Петка“ добиваат од неа благодатна помош според својата вера.

Во 1521 година султан Сулејман II, откако го зазеде Белград и ги зароби и чесните мошти на преподобна Параскева, ги пренесе во Цариград и ги постави во своите палати, и тука се случуваа многубројни чудеса од богосилните свети мошти, та света мајка Параскева се славеше не само меѓу христијаните туку и меѓу муслиманите. Но, тоа ги вознемири муслиманите, и тие, плашејќи се верата во чудотворната сила на светите мошти на света Параскева да не се прошири уште повеќе меѓу муслиманите, а и на молбите и застапувањето на христијаните, тие ги предадоа на цариградските христијани и чесно ги погребаа во патријаршиската црква.

Во 1641 година благочестивиот Василиј Лупул, војвода и господар на земјата Молдавска, откако ја доби веста дека моштите на преподобна Параскева се наоѓаат во патријаршиската црква во Цариград, од сесрце сакаше чесно да се пренесат во неговата православна држава. Оваа негова желба ја потпомогна Господ, прославуваниот во Светиите Свои, и сакајќи и во Молдавија да ја прослави Својата светителка, стави во срцето на цариградскиот патријарх Партениј мисла да ја одобри желбата на Молдавскиот господар. Тогаш патријархот, со согласност на целиот свет собор и согласноста на останатите пресвети патријарси, ги испрати чесните мошти на нашата преподобна мајка Параскева кај благочестивиот војвода Василиј, во неговиот престолен град Јаш. Таму со огромно славење и голема радост на жителите на цела Молдавија, светите мошти беа положени во црквата „Три Свети Ерарси“, на 14 октомври 1641 година. Со своите прекрасни чудеса овие свети мошти непрекинато Го прославуваат Господа, секогаш прекрасниот во светиите Свои.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: НАЗАРИЈ, ГЕРВАСИЈ, ПРОТАСИЈ и КЕЛСИЈ

Свети Назариј е роден во Рим од татко евреин и мајка христијанка. Мајка му Перпетуа беше крстена од самиот апостол Петар. Кога порасна, Назариј долго размислуваше чијата вера да ја почитува и најпосле донесе одлука да ја подржува својата света мајка, чии што молитви многу помогнаа за неговото просветување, Беше крстен од епископот Лин.

Во зрела возраст Назариј се истакна како совршен во доблестите. Сесрдно Му служеше на Бога и водеше грижа не само за своето спасение туку и за спасението на другите. Многу неверници обраќаше кон Христа. Откако го зеде од родителите делот од имотот кој што му припаѓаше нему, за да им прави добро на сиромашните, тој замина од Рим и отиде во Медиолан. Таму мудро раздаде сѐ што имаше. Им вршеше милостиња на бедните, им служеше на затворениците, кои за Христа страдаа, бидејќи тогаш, во времето на царувањето на незнабожниот Нерон, имаше големо гонење против христијаните, и многумина, кои Го исповедаа Христа, беа чувани во окови и мачени. Додека им служеше, свети Назариј ги зацврстуваше во верата и ги крепеше на маченичкиот подвиг. Во тоа време од страна на обласниот управник Анулин беа фатени и во темница фрлени и светите маченици Гервасиј и Протасиј. Свети Назариј често доаѓаше кај нив и ги тешеше со своите богомудри разговори. Тој многу ги засака, зашто виде дека се исполнети со Божествена љубов и огнена желба своите души да ги положат за Господа, Кој душата Своја ја положил за нас на крстот. Назариј чувствуваше толку голема љубов кон нив, што не сакал да се раздели од нив туку заедно со нив да страда и умре. Кога дозна управникот дека тој ги посетува затворениците, им го носи потребното и ги зацврстува во христијанската вера, веднаш нареди да го фатат и изведат пред него, па го праша кој е од каде е. Кога дозна дека е Римјанин а по вера христијанин, Анулин започна да го советува да им се поклони на боговите, но светителот не само што не го послуша туку ги изнавреди лажните богови и го исповедаше единствениот вистински Бог Исус Христос.

Тогаш управникот нареди Назариј да го тепаат по устата, при што светителот не престануваше бестрашно да зборува и да го изобличува нивното безбожие. Тоа уште повеќе го разгневи и нареди да го тепаат со стапови, па потоа со бесчестење го протера од градот. Протеран, блажениот Назариј се радуваше што се удостои да страда за Христа, но единствено тагуваше што се раздели од своите мили пријатели Гервасиј и Протасиј, со кои сакаше заедно да умре. Оваа желба Господ подоцна му ја исполни, но сега требало и во друга земја да послужи за спасението на луѓето и да одврати многумина од заблудата. Наредната ноќ во видение му се јави неговата блажена мајка, со наредба да оди во Галија и таму да се труди во проповедањето на Евангелието Христово.

Назариј отиде во Галија да Го проповеда Христа, просветлувајќи ги луѓето, кои таму беа во темнина и смртна сенка. Кога беше во градот Мелија, тој зеде од една благородна и верна жена едно тригодишно дете на име Келсиј, го крсти и го воспитуваше во побожноста. Детето растеше и се исполнуваше со благодатта Божја. Кога порасна, тоа од својот учител се учеше на високата мудрост и ги ставаше во своето срце боговдахновените зборови и родителски совети. Момчето Келсиј беше толку мудро во Христа, што го стигна својот учител и подеднакво со него служеше за спасението на луѓето. Со него трпеше гонења и маки, и подоцна се удостои на подеднаков маченички венец со него.

Управникот на таа земја Диновиј, кога дозна дека Назариј го шири христијанство по многу градови, веднаш испрати, та го фатија заедно со Келсиј и откако ги претепаа ги фрлија во темница, со намера утредента жестоко да ги мачат. Кога осамна, сопругата на управникот Диновиј виде дека прекрасното момче го водат на мачење, се сожали и сесрдно го молеше својот сопруг да се смилува и да ги ослободи и двајцата. На упорните молби тој ги ослободи, при што им рече:

- Молбите на мојата жена ве ослободија од мачењето.

Светите маченици тагуваа што не стигнаа до саканиот маченички венец.

Од таму стигнаа во градот Тимир, и таму според својот обичај, со проповедта на Евангелието придобија многу души за Христа. Но, ѓаволот ги разгневи идолопоклониците и тие ги фатија и ги испратија кај својот безбожен цар Нерон. Кога излегоа пред царот, тие јасно Го исповедаа Христа Бога. Поради тоа Назариј беше фрлен на земјата и газен со нозе, а Келсиј тепан со стапови. Приморувани да принесат жртви, тие со својот збор ги соборија идолите. Затоа ги фрлија на ѕверовите, но тие не се допреа до нив. А кога ги фрлија во морето, одеа по водата како по рамно поле. Тогаш царските слуги поверуваа во Христа и свети Назариј ги крсти, па го напуштија царскиот двор и започнаа да Му служат на Христа Бога.

Свети Назариј со својот ученик свети Келсиј повторно отиде во Медиолан и ги затекна сѐ уште живи свети Гервасиј и Протасиј, кои беа во темницата. А кога започнаа да го проповедаат Евангелито таму, од страна на управникот Анулин повторно беа изведени на суд. Кога дозна дека бил во рацете на самиот бездушен и лут Нерон, кој немилосрдно ги убива не само виновните туку и невините, започна да го приморува да принесе жртва на боговите. Но, тој не само што одби туку и ги изнавреди, па веднаш управникот нареди да го тепаат по устата. Откако и двајцата страотно ги претепаа, ги фрлија во темницата кај Гервасиј и Протасиј. Тие се радуваа што се заедно и Го славеа Бога.

Во тоа време управникот Анулин со писмо го извести Нерон за Назариј. Кога царот слушна дека е жив, многу се разгневи на слугите, кои добија заповед да го удават во морето. Долго ги бараше за да ги погуби, зашто мислеше дека тие го ослободиле, но не ги најде, зашто го беа напуштиле светот и доброволно се беа предале на свето служење. Тогаш Нерон му напиша на Анулин веднаш да го погуби Назариј. Така, штом го доби писмото, свети Назариј и свети Келсиј беа изведени од темницата и им беа отсечени главите.

Еден од верните, кои живееја во предградието, тајно ги зеде светите мошти и ги внесе во својата куќа. Тој имаше ќерка, која лежеше фатена на постела. Кога моштите на светите маченици беа внесени во домот, болната веднаш стана од постелата, како никогаш да не боледувала. Тоа сите ги израдува, и чесно ги погребаа телата на светите во својата градина.

Наскоро по нивното обезглавување стигна во градот војсководецот Астазиј, кој одел во војна против Моравите. Него го наговорија идолските жреци да ги убие свети Гервасиј и Протасиј. Тогаш Гервасиј се упокои тепан со оловни стапови а на Протасиј главата му беше отсечена со меч. Христијанинот Филип со својот син ги зеде телата на светите маченици и ги погреба во својот дом.

Моштите на светите маченици Назариј, Келсиј, Гервасиј и Протасиј останаа така сокриени во земјата и никој не знаел за нив, сѐ до времето на свети Амвросиј, епископот Медиолански. Моштите на Гервасиј и Протасиј тој ги најде со откровение Божјо, за време на царувањето на Теодосиј Велики. А пак моштите на Назариј и Келсиј беа пронајдени за време на царувањето на Аркадиј и Хонориј.

За наоѓањето на моштите на Назариј и Келсиј, презвитерот Павлин во житието на свети Амвросиј пишува вака:

„Моштите на светиот маченик Назариј, најдени надвор од градот во градината, свети Амвросиј ги донесе во црквата на светите Апостоли. Во гробот, во кој што лежеа моштите маченикови, ние видовме крв, како сега да истекла, главата со косата и брадата беа толку недопрено сочувани, како пред малку да се спуштени во гробот, а лицето беше толку светло, како овој момент да е измиено. И какво е чудото во тоа, кога самиот Господ во Евангелието ветил дека ни влакно од главата ваша нема да ви недостига (Лука 21, 18). Ние тогаш почувствувавме толку пријатен благомирис, кој што ги надминува сите мириси. Штом ги зедовме моштите, веднаш се зафативме со барање на моштите на светиот маченик Келсиј, кој исто така беше погребан тука. Од сопственикот на таа градина дознавме дека од претците им било заветено да не го напуштаат тоа место, бидејќи во него биле сокриени големи богатства. И навистина, таму се наоѓаа такви богатства, кои ни молци ни рѓа не ги расипуваат, ни крадци не ги поткопуваат ниту крадат“.

Така зборува презвитерот Павлин за моштите на Назариј и Келсиј. А пак за моштите на Гервасиј и Протасиј постои ваков запис од свети Амвросиј:

„Слугата Христов Амвросиј, на браќата по цела Италија им посакува спасение во Господа. Божественото Писмо го нарекува должник оној кој ќе добие нешто бадијала од Господа, но не го дава на другите. Бидејќи тоа е исто како тој да краде нешто од Црквата кога ќе го затаи, затоа што може да им биде од корист на другите. Затоа Давид рече: Правдата Твоја не ја сокрив во срцето мое, вистината Твоја и спасението Твое ги објавив. Не ги затаив милоста Твоја и вистината Твоја од собранието (Пс. 39, 11-12). И како да сака награда за тоа дело, додаде: А ти, Господи, не отстранувај ја Својата милост од мене (Пс. 39, 12). Тој како да вели: како што јас сторив другите да најдат милост, така и Ти не оддалечувај ја милоста Твоја од мене. Но, зошто го правиме овој вовед? Ќе ви објавам вам, кои верувате и побожно умувате во Господа, и ќе ве повикам на веселба по повод наоѓањето на светите мошти.

Во изминатата Света Четириесетница, по милоста Божја, јас бев меѓу оние кои постат и се молат. Една ноќ, додека стоев на молитва, мене ме зафати толку лесен сон, што ниту спиев ниту нешто чувствував. И видов две момчиња во бела облека, со кренати раце, како се молат. Обземен од дремката, јас не можев да зборувам со нив. А кога се освестив, тие станаа невидливи. И јас го молев благиот Бог да го тргне тоа од мене, ако е демонска прелест. А ако е посреде некоја вистина, тогаш појасно да ми ја покаже. За Господ да ја услиша оваа моја молитва, јас го засилив својот пост, и наредната ноќ го видов истото како првиот пат, ги видов оние исти две момчиња како се молат со мене. А пак третата ноќ, кога моето тело се исцрпи од постот и не можев да заспијам, повторно ми се јавија оние две момчиња, но тогаш јас не можев да заспијам туку се чудев на сето тоа. Со нив имаше и трет благолик маж, сличен на свети апостол Павле, каков што го гледаме на иконите. Единствено тој разговараше со мене, а тие молчеа. Тој говореше:

- Тоа се оние што ги послушаа моите зборови, го презреа светот и богатството и го следеа нашиот Господ Исус Христос, без да сакаат нешто земно или телесно. Откако овде, во Медиолан, поминаа десет години во служење на Бога, тие се удостоија да станат маченици Христови. Нивните тела ќе ги најдеш во сандак во земјата, на местото каде што стоиш и се молиш. Извади ги од земјата и изгради црква во нивно име.

Тогаш јас го прашав за нивните имиња, а тој ми одговори:

- Крај нивните глави ќе најдеш книшка во која е напишано за нивното раѓање и крај.

Потоа јас ги свикав браќата и епископите и им раскажав што видов, при што самиот започнав прв да копам а епископите ми помагаа. И како што рече свети Павле, ние најдовме сандак, во кој ги видовме телата на светите, како сега да се погребани, и кои прекрасно мирисаа. Крај нивните глави најдовме белешка во која сѐ по ред стоеше вака напишано:

„Јас, слугата Божји Филип, ги зедов телата на овие светители во својот дом и ги погребав. Нивна мајка беше Валерија а татко Виталиј. Тие ги родија овие два сина како близнаци и едниот го нарекоа Протасиј а другиот Гервасиј. Виталиј беше војник и живееше во Медиолан, тајно служејќи Му на Бога со својата сопруга. Кога тој со судијата Павлин отиде во градот Равена, таму се дозна дека е христијанин. Мачен, тој не се одрече од Христа. Фрлен во длабока јама и одозгора тепан со камења, жив погребан се упокои. Неговата сопруга, откако дозна за смртта на својот сопруг, отиде по неговото тело, за да го погребе во својот дом, како утеха на своето вдовство. Но, равенските граѓани, кои беа христијани, не ѝ дозволија, бидејќи самите се радуваа на таквото богатство и го сметаа за свој застапник. Кога не го доби саканото, Валерија на враќање од Медиолан минуваше низ едно село во кое незнабожните жители го празнувале својот празник и принесувале жртви на својот нечист бог Силван. Идолопоклониците по својот обичај ги гостеа странците и патниците со идоложртвено месо, па ја повикаа и Валерија да касне. Но, таа се згади од таквата нечистотија и, одбивајќи да вкуси, изјави дека е христијанка. Незнабошците се рагневија и немилосрдно ја тепаа со стапови, така што нејзините сопатници одвај жива ја однесоа во Медиолан. Штом се врати дома, таа своите синови Гервасиј и Протасиј ги поучи во својата вистинска вера и во третиот ден ја предаде својата душа во рацете Божји. Кога по своите родители, кои се удостоија на маченичките венци, браќата останаа сираци, ја продадоа куќата и сиот свој имот, сѐ раздадоа на бедните, ги ослободија робовите, се затворија во една куќичка и во неа поминаа десет години во сесрдна молитва, пост и читање на Божествени книги. А пак во единаесеттата година управникот Анулин ги затвори во темница и тие започнаа да страдаат за Христа. Кога војсководецот Астазиј тргна во војна против Моравите, идолските жреци кои одеа напред, го сретнаа на патот и му рекоа:

- Ако сакаш победоносно да се вратиш, тогаш натерај ги Гервасиј и Протасиј да им принесат жртва на боговите, кои се разгневија затоа што тие двајца ги презираат, и повеќе не сакаат да ни даваат одговори на нашите прашања.

Астазиј веднаш ги изведе светите маченици од темницата, и им рече:

- Ви наредувам да не ги навредувате нашите богови, туку со стравопочитување да им принесете жртва, за нашиот пат да биде среќен.

Гервасиј рече:

- Победа над непријателите треба да бараш од самиот семоќен Бог а не од идолите, кои ни гледаат, ни слушаат, ни зборуваат, па и не дишат.

Тогаш Астазиј нареди да го тепаат со оловни стапови, сѐ додека не умре. Така тој издивна. Кога нареди телото на Гервасиј да го изнесат, Астазиј му рече на Протасиј:

- Беднику! Поштеди го својот живот, и не биди луд како брат ти!

Протасиј одговори:

- Не знам кој од нас е беден. Дали јас, кој не ти се плашам, или ти, кој ми се плашиш?

Астазиј викна:

- Како? Зарем јас се плашам од тебе, беднику?

Светителот одговори:

- Ти се плашиш да не те навредам ако не им принесам жртви на идолите. Ако не се плашеше немаше да ме присилуваш на тоа. А јас не ти се плашам и ги презирам твоите закани. Твоите идоли ги сметам за ѓубре, а се поклонувам само на единствениот вистински Бог, Кој царува на небото.

Тогаш Астазиј нареди да го тепаат Протасиј со стапови. По долгото тепање го кренаа и му рече:

- Несреќнику! Зошто си толку горд и непокорен? Зарем сакаш да загинеш како твојот брат?

Протасиј одговори:

- Јас не ти се лутам, бидејќи го гледам твоето слепило. Твоето неверие не ти дава да го видиш Божјото. Мојот Господ не ги карал Своите распнувачи туку се молел за нив, откако рекол дека тие не знаат што прават. И ти не знаеш што правиш, и затоа те жалам. Сепак, продолжи со започнатото, за сега и јас со својот мил брат да го видам мојот Спасител.

Тогаш Астазиј нареди да го посечат со меч. Кога се случи тоа, јас, слугата Христов Филип, заедно со својот син, тајно ноќе ги зедов нивните тела во својот дом, за што знае само Бог, и ги погребав во својата мермерна гробница. Верувам дека по нивните молитви и јас ќе добијам милост од нашиот Господ Исус Христос, Кој со Отецот и Светиот Дух живее и царува за навек.

Тоа ни го говорат свети Амвросиј и пронајдената белешка Филипова. Кога светите мошти беа изнесени од земјата, многу исцеленија им се даваа на болните, ѓаволи се истеруваа, слепи прогледуваа. Истиот свети Амвросиј спомнува дека во нивниот град имало еден, на сите познат слепец, на име Севир. Тој само што се допрел до крајот од облеката што била врз моштите на светите и веднаш прогледал.

По молитвите на светиите Твои, Господи, просвети ги очите на нашите души, за да одиме во светлоста на Лицето Твое, и во Името Твое да се радуваме за навек. Амин.  

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ НИКОЛА СВЈАТОША

Минува обличјето на овој свет (Кор. 7, 3)... Благоверниот кнез Никола од најрана младост ја почувствува минливоста на сѐ овоземно и јасно увиде дека единствено на небото постои царство неминливо, вечно, преполно со оние вечни блага, кои што Господ ги подготви за оние кои Го љубат. Затоа и тој, како некогаш индискиот принц Јоасаф, ги остави славата и богатството, почестите и власта на своето земно минливо кнезување, заради вечното Небесно Царство дојде во Печерскиот манастир и се облече во светиот монашки лик. Во монаштвото блажениот Никола толку заблеска со светоста на својот живот, така што сите, додека ја гледаа неговата добрина Го прославуваа Бога. Тој пред сѐ многу напредуваше во послушноста. На почетокот работеше во кујната. Сам сечеше дрва, на рамења ги носеше од брегот и вредно извршуваше сѐ што е потребно за подготовка на храната. Бидејќи долго време така се трудеше, дознаа неговите браќа Изјаслав и Владимир за неговите подвизи и започнаа да го одвраќаат од таквиот напор. Но, овој вистински послушник со солзи ги умоли уште една година да им послужи на браќата во кујната. Така помина цели три години на послушание во кујната со ревност и грижење. Потоа, како испробан и за сѐ способен, беше одреден за чувар на манастирската капија. И во тоа послушание помина три години, без никаде да оди, освен во црквата. Од таму беше одреден да им служи на браќата при трпезата. Тоа послушание го извршуваше многу сесрдно и внимателно, на општо задоволство на сите.

Откако ги помина сите степени на послушанието, преподобниот Никола, со разрешување на игуменот и сите браќа, го зеде врз себе подвигот на безмолвието, за во тишина да се грижи за своето спасение. Додека го извршуваше ова послушание, со свои раце засади крај својата ќелија бавча. Во текот на целиот негов монашки живот никој не го виде безработен, туку постојано во рацете имаше ракоделие, а во устата му беше непрестајната Исусова молитва: Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме! Тој никогаш ништо друго не вкуси освен заедничката манастирска храна во трпезаријата, и тоа во мали количини. А кога и покрај неговото одбивање се случувало, како кнез, да добие нешто од своите, сето тоа веднаш го раздавал на намерниците, сиромасите и црквите, та со тоа црквата се снабдила со многу книги.

Овој блажен кнез уште за време на своето владеење во своето кнежество имаше кај себе многу искусен лекар, на име Петар, по потекло сириец, кој дојде со него во манастирот. Но, овој лекар, гледајќи го доброволното сиромаштво на својот господар, го остави и живееше во Киев, лечејќи таму многумина. Сепак, тој често доаѓаше кај блажениот и додека го гледаше како страда и се мачи во неизмерниот пост, во служењето во кујната, во чувањето на манастирска капија, го советуваше да го остави тоа и му говореше:

- Треба да обрнеш внимание на своето здравје, за да не си го уништиш телото, па не ќе бидеш во состојба да го носиш јаремот, кој доброволно си го зел на себе заради Христа. Бог не бара пост или подвиг над силите, туку само чисто и смерно срце. Ти им работиш на монасите како купен роб. Не си навикнат на такво оскудевање, ниту како кнез ти доликува тоа. За твоите благородни браќа Изјаслав и Владимир таа твоја сиромаштија е голема тага и понижување, бидејќи од голема слава и чест си станал беден, та го умртвуваш своето тело и поради недоволната храна заболуваш. Се чудам и на промената на твојот стомак. Порано си се хранел со вкусни јадења и стомакот ти заболувал, а сега се храниш со суви билки и сув леб и стомакот ти го поднесува тоа. Но, внимавај одеднаш да не те снајде некоја тешка болест, та така бессилен брзо да залегнеш. Тогаш ниту јас нема да бидам во состојба да ти помогнам. Да, да, ти за браќата подготвуваш неутешен плач. Ене, и болјарите, кои ти служеле и биле познати покрај тебе, веќе изгубиле надеж. Жалат за тебе и многу се тажни. Но, тие изградиле големи куќи и живеат во нив. А ти немаш каде глава да засолниш и живееш ту крај ѓубрето, ту во кујната, ту на капијата. Кој од руските кнезови постапил така? Зарем твојот блажен татко Давид или твојот незаборавен дедо Свјатослав? Па никој дури ни од болјарите не посака така неславен живот, освен Варлаам, кој овде бил игумен. Затоа, ако не го послушаш мојот совет, ќе умреш пред време.

Вакви работи му изнакажа лекарот Петар, наговаран од браќата на блажениот Никола. Тој често му зборуваше и додека седел со нив во кујната, или пак кај манастирската капија. Блажениот на сето тоа одговараше, говорејќи:

- Брате Петре, често размислувајќи за здравјето на душата, јас дојдов до заклучок дека не треба да се штеди телото, за тоа да не се крева против духот и да предизвика војна во мојата душа. Бог сака срце чисто и смирено, но тоа не може да биде такво без пост и труд, бидејќи постот е мајка на целомудрието и трудовите. Јас му благодарам на Бога што ме ослободи од световните грижи и ме стори слуга на Неговите слуги, овие блажени црноризци. На тој начин јас, кнезот, како црноризец Му служам на Царот над царевите. А моите браќа нека се грижат за себе. Секој го носи своето бреме. Доволно им е наследството што им го оставив заедно со моето земно кнезување, за да добијам наследство во Царството Небесно. Заради Христа оставив сѐ, за Христа да го добијам. А ти, зошто ме прекоруваш заради воздржанието и едноставната храна, претејќи ми со смрт? Та и ти, кога ја лекуваш телесната болест, нели му наредуваш на болниот да се воздржува од некои јадења а некои сосем да ги одбегнува? Јас треба така да ги лечам душевните болести. И да умрам телесно, да умрам заради Христа за мене е добивка. И кога седам на ѓубриштето, зошто ти ме сметаш за полош од болјарите? Та треба да царувам со Јов! Ако ова не го сторил некој од руските кнезови пред мене, јас, следејќи го небесниот Цар, ќе ставам почеток. Можеби во иднина некој ќе се угледа на мене и ќе го следи мојот пример. Покрај сѐ, гледајте си за себе и ти и оние што те наговориле.

Често се случувало блажениот кнез, истоштен од подвизите на послушанието да се разболи, па лекарот Петар веднаш му ги подготвувал потребните лекови. Но, кнезот монах секогаш пред лекарот да стигне со лековите, со Божја помош оздравувал и никогаш не му дозволувал тој да го лечи. Сепак, еднаш лекарот Петар се разболе и блажениот му испрати ваква порака:

„Ако не ги пиеш лековите, брзо ќе оздравиш! А ако не ме послушаш, долго ќе се мачиш“.

Но, лекарот не го послуша туку ги испи лековите, и за малку тоа не го чинеше живот. Тогаш светиот кнез го исцели со молитвата. А кога истиот лекар по извесно време повторно се разболе, блажениот му испрати порака:

„Ако не се лекуваш ќе оздравиш во третиот ден“.

Лекарот, поучен од казната за првата непослушност, овојпат го послуша и во третиот ден навистина оздраве.

Блажениот Никола, кој во тоа време го завршуваше своето послушание на манастирски вратар, го повика оздравениот лекар и му рече:

- Петре, треба да се пострижеш во монашкиот лик и наместо мене да им послужиш во овој манастир на Господа и Неговата Пречиста Мајка, бидејќи јас по три месеци ќе заминам од овој свет.

На овие зборови лекарот падна пред нозете негови и низ солзи повика:

- Тешко мене, господине мој, добротвору мој, скапоцен животе мој! Кој ќе ме прими мене, кога ќе дојдам овде? Кој ќе ги прехрани сиротите и бедните? Кој ќе се застапи за незаштитените? Кој ќе ги опсипа со милост многуте луѓе, на кои им е потребна помош? Нели ти реков дека своите браќа ќе ги доведеш до неутешен плач? Нели ти реков да го штедиш својот живот, бидејќи на многумина можеш да им бидеш од корист, и во твојот живот е животот на многумина!? Зарем ти не ме исцели со силата Божја и твојата молитва? А сега, каде одиш, пастиру добар? Ако си истоштен, исцелителу мој, кажи ми ја мене, слугата твој, болеста своја, и ако не те излекувам нека биде мојата глава наместо твојата и душата моја наместо твојата. Не оди си од мене, господине мој, додека не ми кажеш од каде кај тебе таква вест? Ако е од луѓето, јас животот свој ќе го дадам за тебе! Ако Господ те известил за тоа, тогаш моли Го јас да умрам наместо тебе. Ако ти ме оставиш, каде би седнал да го оплакувам својот губиток? Дали на ова ѓубриште, каде што ти толку често седеше? Но, ни тагата нема да ме напушти. Што ќе наследам од твојот имот, кога ти самиот си гол? Зарем овие закрпи врз тебе? Но, на заминување од овој свет, ти во нив ќе бидеш погребан. Подари ми ја барем твојата молитва, како некогаш Илија плаштот на Елисеј, за со неа да ги разделам длабочината на срцето и водите на мојот живот и да стигнам до прекрасното засолниште, во домот Божји, каде што ти сега сакаш да заминеш. И ѕверот знае дека по зајдисонце треба да се повлече во своето легло и да легне, а јас не знам каде да одам по твоето заминување. И птицата си наоѓа за себе куќа, и грлицата гнездо за себе, каде што лежи со птиците свои. А ти, шест години живееш во манастирот и не си нашол место за себе. Каде ќе ме оставиш мене?

Блажениот го подигна расплаканиот лекар и му рече:

- Не тагувај, Петре! Подобро надевај се во Господа, отколку да се надеваш во кнезовите! Знае Господ како да ја сочува тварта, која Самиот ја створил. Бог ќе се погрижи да ги нахрани гладните, да ги заштити сиромашните и да ги спаси искушуваните. А ќе има прибежиште и за тебе. И моите браќа по тело нека не се плашат за мене туку за себе и за делата свои, во плачната долина на овој свет, за да добијат утеха во блаженството на оној свет. Мене заради привремениот живот не ми е потребно лекување, бидејќи одамна сум умрен за сѐ временско. Како што говори Исаија: Мртвите нема да оживеат, ниту лекарите ќе воскреснат (Ис. 26, 14).

Откако го рече тоа блажениот Никола отиде со лекарот кај пештерата и си подготви место за гроб. Тој го праша кој од нив двајцата повеќе го сака тоа место, на што Петар со плач одговори:

- Знам, ако сакаш, можеш да Го умолиш Господа уште да живееш, а мене да ме положиш овде.

Блажениот му рече:

- Нека ти биде како што сакаш, ако така Му е угодно на Господа. Да се помолиме на Бога, но само во монашкиот чин.

Тогаш лекарот, на совет од блажениот, се пострижа во монашкиот чин, и помина три месеци во молитва, проливајќи солзи и ден и ноќ. Потоа тешејќи го, блажениот му рече:

- Брате Петре, сакаш ли да те земам со мене?

А тој, како и порано, со плач му одговори:

- Сакам да ми дозволиш да умрам за тебе, а ти остани и моли се за мене.

Блажениот на тоа му рече:

- Брате, не плаши се и биди подготвен. Според својата желба, во третиот ден ќе заминеш од овој живот.

Кога дојде претскажаното време, Петар се причести со Божествените Тајни Христови, легна на одарот и го предаде својот дух во рацете Господови. А по смртта на лекарот блажениот кнез Никола Свјатоша се подвизуваше во манастирот уште триесет години, без да излегува од манастирот, и откако достигна потполно свет живот, премина во вечниот кај Пресветиот на сите светии Цар, смирениот Исус. Во денот на претставувањето на овој свет кнез се собра речиси целиот град Киев, да му даде последен целив, со обилни солзи барајќи ги неговите молитви.

Неговите браќа Изјаслав и Владислав, кога дознаа за смртта на својот брат многу плачеа и тажеа по него. Изјаслав се обрати до игуменот, со молба да му ги даде на благослов и утеха крстот на покојникот, перницата и штицата, на која што клечел. Кога му ги даде, игуменот му рече:

- Според верата твоја, нека добиеш од овие предмети помош за она што го бараш.

Изјаслав ги чуваше со големо стравопочитување и испрати во манастирот многу злато, за бадијала да не ги земе овие братови предмети.

Еднаш Изјаслав тешко се разболе и повеќе не се надевал дека ќе стане од постелата. Околу него постојано беа неговата сопруга, децата и сите бојари. По извесно време тој малку се освести и побара вода од печерскиот кладенец. Штом го стори тоа веднаш онеме и повеќе не можеше ништо да проговори. Потоа испратија во Печерскиот манастир и зедоа во сад вода, со која претходно го измија гробот на преподобниот Теодосиј, а игуменот ја даде и власеницата на преподобниот Никола Свјатоша, за во неа да го облечат неговиот брат Изјаслав. Но, пред да дојдат со водата и власеницата, кнезот Изјаслав проговори:

- Брзо одете и пречекајте ги преподобните Теодосиј и Никола надвор од градот.

Потоа, кога пратените влегоа со водата и власеницата, кнезот повторно извика:

- Никола, Никола Свјатоша!

Му дадоа да пие од таа вода, го облекоа во власеницата и тој веднаш оздраве.

Сите Го прославија Бога и Неговите угодници.

Од тогаш кнезот Изјаслав секогаш ја облекувал оваа власеница кога и да се разболел и веднаш оздравувал. Освен тоа, тој постојано ја носел врз себе и кога одел во војна, и секогаш се враќал неповреден. Но, еднаш тој погреши, не ја облече власеницата и беше убиен во војната. Претходно беше наредил да го погребаат облечен во неа.

Затоа и ние, со надеж во молитвите на овој преподобен кнез, да се удостоиме со силата на неговите молитви да бидеме исцелени од сите болести и рани, времени и вечни, со благодатта на Царот на смиреноста, а воедно и Цар на славата, Господ Бог и Спасител наш Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПЕТАР АВЕСАЛАМСКИ

Овој свет маченик беше од местото Анија, во околината на Елевтериопол. Беше храбар по душа и млад и силен по тело. Многу се борел за верата Христова. Откако презре сѐ земно, најпосле стана жртва сепаленица заради Христа. Многу и најразлично измачуван за време на царувањето на Диоклецијан, тој најпосле беше спален.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: свештеномаченикот СИЛУАН и ЧЕТИРИЕСЕТ МАЧЕНИЦИ

Светиот презвитер Силуан (според други епископ), пострадал во Газа (во почетокот на 4 век) заедно со светите Четириесет Маченици од Египет и Палестина. Пострадаа за Христа посечени со меч. (За сите нив видете и под 4 мај и 17 септември).

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ИГНАТИЈ АГАЛИЈАН, архиепископот Митимниски и Чудотворец