28. Октомври (15. Октомври)
ЖИТИЕТО И СТРАДАЊАТА НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ЛУКИЈАН, презвитерот Антиохиски
Свети Лукијан е роден од благочестиви родители во градот Самосат во Сирија. Во својата дваесетта година остана сираче и имотот што му остана од родителите го раздаде на сиромашните, отиде во градот Едеса кај исповедникот Макариј, и под негово раководство ревносно го изучуваше Светото Писмо. При тоа водеше строг подвижнички живот. Вино никогаш не пиел туку само вода. Јадел еднаш дневно и тоа сув леб со вода. Понекогаш по цела седмица не вкусувал ништо. Поголемиот дел од времето го минуваше во молитви и солзи, сакајќи да се удостои на блаженството на оние што плачат. Го сакаше молчанието и своето срце го хранеше со богоразмислување а лицето му беше тажно. Но, кога беше потребно да зборува, од неговата уста се излеваа потоци на Божествена мудрост од Светото Писмо, кое тој постојано го изучуваше, освен кога кратко му се предавал на сонот. За својот свет подвижнички живот и за ревносното и богомудро ширење на Евангелието меѓу евреите и незнабошците, учениот Лукијан беше удостоен на свештеничкиот чин во Антиохија. Тука основаше школа, собра многу ученици и стана наставник и на книжевната и на духовната мудрост. Своите ученици ги учеше и на разбирањето на Светото Писмо и на живеењето во доблестите. При тоа напиша многу поучни книги, и од тоа како од ракоделие се издржуваше и им помагаше на сиротите. И направи многу голема услуга на Црквата, со тоа што според еврејскиот текст поправи многу места во Светото Писмо, кои еретиците соодветно на своето испревртено учење ги беа расипале. Во овој човек Божји имаше толку голема благодат Божја, така што кога минувал низ градот, за некои бивал видлив а за некои невидлив.
Кога славата за Лукијановите доблести се пронесе на сите страни, за него дозна злиот цар Максимијан Галериј. Сакајќи Светата Вера да ја искорени и уништи во своите покраини, Максимијан ги мачеше и убиваше христијаните, особено мудрите и знаменитите учители христијански. Беззаконикот мислел дека ако ги сруши столбовите на Црквата тогаш и самата Црква наскоро ќе падне. Во тоа време тој веќе ги беше убил свети Антим Никомидиски и свети Петар Александриски. Штом слушна за свети Лукијан, веднаш нареди да го пронајдат и доведат на мачење. А пак, Лукијан, од страв да не им потклекне на маките, се криеше. Но, некој свештеник Панкратиј, кој живееше во Антиохија и беше приврзаник на Савелиевата ерес, а кој одамна ѝ завидуваше на големата слава на Лукијан, како Јуда го предаде невиниот на смрт. Свети Лукијан беше пронајден и одведен во Никомидија на мачење.
Во тоа време лутиот мачител толку се разјари на христијаните, што како втор Ирод ги убиваше и малите деца. Сакајќи со идоложртвените јадења да ги оскверни децата, тој нареди насилно да им се става во устите. Но тие, поучени од Светиот Дух, не сакаа да ги примат тие гадости, и поради тоа беа убивани. Две благородни деца, родени браќа, поучени не толку од родителите колку од Бога, многу се гнасеа од идолопоклонството. Мачителот започна да ги наговара со благи зборови и соблазнувања на вкусни јадења од идолските жртви, за да ги натера да вкусат, но дечињата храбро се спротивставуваа, говорејќи:
- Родителите не заветија да не вкусиме од оваа храна, зашто оној што ќе вкуси ќе Го разгневи Христа Бога.
Тогаш мачителот нареди момчињата немилосрдно да ги тепаат со стапови. А тие како возрасни луѓе трпеливо го поднесуваа мачењето. Еден од блиските на царот, му рече:
- Срамота е мали деца, кои неодамна излегле од пелените, со своето трпение да го победат римскиот цар. Голем царе, дај ми ги, и јас ќе ги научам како да ги почитуваат боговите.
Царот му ги предаде. Тој веднаш подготви маст од лут сенф, им ги избрича главите, им ги премачка и ги затвори во врела бања, Од тоа главите им се запалија како од молња поразени, и така и двете момчиња се упокоија.
Ова се случи во Никомидија, додека свети Лукијан го водеа на мачење. Кога ги виде во Кападокија војниците, кои од страв од мачењето се беа одрекле од Христа, започна да ги советува трпеливо да поднесат сѐ, говорејќи:
- О, голем срам за вас! Вие како војници секогаш се жртвувате во војните за својот земен цар и душите свои ги полагате за него. А за небесниот и вечен Цар Христос не сакавте јуначки да стоите и не само што себеси се поштедивте туку и од Него се одрековте! Расудете, каква е користа да се слуша земниот цар? И размислете, каква штета си нанесовте што не го послушавте небесниот Цар? Заради суетна слава и чест, вие сте се фрлиле во вечна смрт. А за својот Господ, Кој својата крв ја проли за нас и за слугите Свои подготви неискажани блага, вие не сакате да ги претрпите привремените маки, за навек да царувате со Него. Засрамете се од малите деца и слабите жени, кои се покажаа похрабри од вас. Тие јуначки стоеја за својот Господ и беа храбри како мажи. А вие, исплашени од маките, пострадавте како мали деца и жени. Што ќе биде со вас, кога Христос ќе ве повика на судот Свој?
Од тие зборови војниците повторно се обратија кон Христа со покајание и тргнаа на мачење, со срце и уста исповедајќи го сесветото име на Господа Исуса Христа. Тогаш беа убиени за Христа околу четириесет војници. Така свети Лукијан со својот слаткоречив и со благодатта Божја исполнет јазик, повторно ги обрати кон Христа отпаднатите и ги поткрепи на маченичкиот подвиг.
Кога го доведоа во Никомидија, таму сретна многу познати христијани и свои ученици, кои многу се плашеа од гонењето. Некои од нив се криеја а некои намерно се одрекуваа од христијанството од страв од маките и смртта. Свети Лукијан ги охрабри сите, и ги зацврсти во верата, за да не се плашат од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат (Мт. 10, 28).
За ученичката на свети Лукијан, девицата Пелагија, се вели следново:
Трагале по неа за да ја изведат на мачење за Христа, а таа, плашејќи се да не ѝ го одземат девството, се фрлила од висок прозорец, паднала на земјата и издивнала. Нејзе верните ѝ оддадоа големо почитување како на маченичка. Бидејќи Максимијан беше слушнал дека Лукијан има толку пријатно лице, толку допадлив говор, што секој што го гледа и слуша неизбежно станува христијанин, се исплаши и самиот да не стане таков додека разговара со него лице во лице, и затоа, кога го доведоа започна да разговара со него на извесно растојание, преку завеса. На почетокот му вети многу подароци и почести. А кога светителот се насмеа на неговите лажни и лукави зборови, започна да му прети со нови мачења. Тој ни најмалку не се исплаши од неговите закани. Царот го фрли во темница, во која светиот страдалник претрпе многу најразлични страдања. Беше окован, тепан со остри камења, и долго, долго мачен со глад и жед. Но, меѓу останатите мачења беше и тоа што сите делови од неговото тело му ги извлекоа од зглобовите, па го легнаа на остри камења од разбиени вазни, врз кои што лежеше четиринаесет дена. На празникот Богојавление светителот посака заедно со сите христијани да се причестат со Светите Тајни Христови. Тој се помоли на Бога да му ја исполни желбата и Бог уреди, та при невнимание на стражарот некои од верните донесоа леб и вино. Тогаш светителот им рече на учениците и христијаните насобрани таму да го опкружат и да му бидат црква, за што верува дека и на Бога му е пријатна живата црква отколку изградената од дрвја и камења. Кога сите го опкружија, тој рече:
- Да отслужиме Литургија и да се причестиме со Божествените Тајни.
Тогаш учениците го прашаа:
- Оче, каде ќе го ставиме лебот за вршење на Светите Тајни, бидејќи немаме стол?
А тој, лежејќи окован врз парчињата остри камења, со лице свртено горе, рече:
- Ставете ги на моите гради, тие ќе бидат жив престол на живиот Бог.
И така во темницата, на градите на светителот, беше отслужена Божествена Литургија со сите пропишани молитви, како што е потребно, и сите се причестија со Светите Божествени Тајни.
Утредента царот испрати слуги да дознаат дали е сѐ уште жив. Кога влегуваа и ги здогледа, тој три пати викна:
- Христијанин сум!
Со тие зборови го предаде својот дух во рацете на Христа Бога.
Слугите го известија Максимијан дека Лукијан веќе умрел и тој нареди телото да се фрли во морето. Слугите постапија според наредбата. Откако врзаа камен за него, го фрлија во морските длабочини. Тоа остана во морето триесет дена. Потоа светиот маченик се јави на еден од своите ученици, на име Гликериј, со наредба да појде на морскиот брег, да го земе неговото тело и да го погребе. Гликериј отиде со други христијани на брегот да го бара телото. И ете, два делфина го носеа врз себе нетленото тело. Допливаа до брегот, го положија на суво место и се вратија во водата. Верните со радост го зедоа и чесно го погребаа.
Многу години подоцна, светата царица Елена, мајката на Константин Велики, изгради храм над гробот на светиот маченик Лукијан, во слава на Бога, Едниот во Троица, Кому сега и секогаш и од нас слава, чест и поклонение низ сите векови. Амин.
ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЕВТИМИЈ НОВИ
Преподобниот Евтимиј, во светот Никита, е роден во 823 година во местото Опсо, близу градот Анкира, во Галатија. Неговите родители Епифаниј и Ана беа богати и многу побожни луѓе, та служеа како жив пример на побожноста, не само за сограѓаните туку и за сите жители на соседните покраини. Беа жалостиви, кротки, гостољубиви и милостиви спрема сиромашните и воопшто полни со сите христијански доблести. Како син на такви доблесни родители, Никита од самото раѓање се исполни со благодатта на Светиот Дух и затоа уште од најрано детство беше кроток, честит, послушен и покорен на родителите. Ги одбегнуваше обичните игри и сакаше често да оди во црквата. Во неговата седма година се упокои татко му. Неговата мајка остана сама со него и двете ќерки Марија и Епифанија. Со своите развиени умствени способности, Никита набрзо стана ревносен помошник на својата мајка во домашните и семејните грижи. Според постоечките закони мајката морала да го даде Никита во војска. И како војник тој ѝ беше голема потпора на мајка си во секој поглед. Веќе остарена, за да го симне од себе куќниот товар, по промисла Божја, таа за невеста на својот син избра една паметна и скромна девојка Ефросинија, ќерка на богати и познати родители. Со неа се ожени Никита. По некое време Бог го благослови нивниот брак, та им се роди ќеркичка, која на крштението го доби името Анастасија. Потоа Никита, сметајќи дека детето е доволна утеха и за мајката и за сопругата, донесе одлука да го напушти семејството и целосно да се посвети да Му служи на Бога во монашкиот чин. Како оправдување на оваа одлука му служело и тоа што неговата омажена сестра Марија живеела во нивната куќа, та ќе ѝ биде помошничка на мајката.
Празникот Крстовден беше последниот ден, кој што Никита го помина во кругот на своето семејство. А утредента, на денот на светиот маченик Никита, тој засекогаш го напушти семејството, под изговор дека оди да го види својот коњ, кој пасел на ливадата. Семејството навистина долго време не ја знаело вистинската причина зе неговото заминување од дома.
Меѓутоа Никита, посетувајќи многу места и подвижници, најпосле стигна на непристапната висина Олимп, каде во тоа време се подвизувал познатиот подвижник Јоаникиј Велики. Еднаш кај овој голем подвижник се собра толпа монаси, желни да ги чујат неговите поуки. Во таа толпа незабележително стоеше и младиот Никита. Богоносниот отец Јоаникиј ја прозре огнената желба на Никита за монашкиот живот, неговата идна слава и успех, и посака пред сите да ја обелодени доблеста, дотогаш сокриена во него.
- Кој е оној што во световна облека така смело стои со останатите? - како да не го знае, ги праша Јоаникиј монасите собрани кај него.
- Не знаеме, - му одговорија тие.
- Тоа момче е лош човек! Тоа убило човек! Фатете го и врзете го! - извика со божемен гнев Јоаникиј.
Монасите со чудење гледаа во момчето и се прашуваа дали навистина е убиец. Момчето пак, кое веќе имаше стекнато послушност и смиреност, на сиот глас изјави дека навистина е убиец, дека заслужува тешка казна и дека е подготвено да прими окови.
- Оставете го! - им рече старецот на монасите. - Јас го обвинив пред вас како убиец, за да го испробам. Кога тоа, уште од младоста, и во светот, без да го искуси нашиот монашки живот, од послушност се објавува за виновен за такво злосторство, тогаш какви ли не доблести ќе изврши кога ќе стане монах?
Смирениот Никита си замина од Јоаникиј, бидејќи му беше јасно дека ако остане во негова близина, меѓу неговите монаси, не ќе може да ја одбегне славата што толку ја мразеше уште од детството и поради која побегна и од своето родно место. Друг старец, на име Јован, кој живееше далеку од Јоаникиј, со радост го прими. Откако го поучи во подвизите на монашкиот живот, тој набрзо го облече во ангелскиот монашки лик и при постригот му го даде името Евтимиј.
Бидејќи кај старецот Јован помина многу време и се научи од него на скитското безмолвие во подвижништвото, Евтимиј со наредба на својот учител отиде во општожителниот манастир Писадинон, за во него да се научи од старците на подвизите на општожителното монаштво. Игуменот на таа обител Николај, кој со голема благоразумност управуваше, го прими и првин му одреди најниски послушанија. Евтимиј не изропта, иако тие послушанија беа многу тешки, и ги сметаше за вистински лек за своето младо тело. Помислите за напуштената сопруга, роднините и богатството често ја возбудуваа неговата душа. Но, тој се тешеше со зборовите на Спасителот: Секој кој ќе остави куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или земја заради името Мое, ќе прими сто пати повеќе и ќе добие живот вечен. Кој сака татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене (Мт. 19, 29; 10, 37)... А кога му се случувало при вршењето на најниските послушанија да биде каран и навредуван, тоа тој го поднесуваше безропотно и радосно. Со помош на таквата послушност, смирение и работа, успеа да ги замолкне во себе сите зли страсти.
Зајакнат во доблестите на општожителниот живот, преподобниот Евтимиј реши да оди во пустината, за таму во безмолвие уште повеќе да се доближи до Бога. Требало да го помине и тој пат на строго безмолвие. Во тоа време недалеку се беа прочуле атонските светогорски подвижници и преподобниот одлучи да оди кај нив. Својата намера му ја откри на еден од големите подвижници на Олимп, старецот Теодор. Светиот старец го благослови ревносниот монах на новиот пат. Знаејќи дека меѓу живите веќе го нема старецот Јован, од кого што Евтимиј го прими својот постриг, тој го облече во големиот ангелски лик. Осум дена потоа, преподобниот Евтимиј го напушти Олимп, по петнаесетгодишно живеење во него.
Тој доби и сопатник, монахот Теостирикт, кој исто така беше жеден за големи монашки подвизи.
Патот од Олимп водел низ Никомидија. Таму се израдува на веста дека сите негови домашни се живи. За да им ја олесни тагата по него, тој им испрати свет крст, со порака дека повеќе го нема нивниот Никита, туку постои монахот Евтимиј, кој ги советува и тие да го следат неговиот пример. При таквата вест неговите домашни отпрвин плачеа, но подоцна, поткрепени со помош одозгора, одлучија да го следат. Освен ќерката на преподобниот, која во тоа време се омажи, сите станаа монахињи.
На Атон преподобниот Евтимиј започна усрдно да го извршува уставот на тамошниот манастирски живот. А Теостирикт, не можејќи да ги поднесе тешкотиите и страдањата на строгиот безмолвен живот, се врати на Олимп. Тогаш преподобниот на своето подвижничко бојно поле се здружи со еден монах Јосиф, кој пред неговото доаѓање се подвизуваше на Атон. Но, набрзо младиот му стана учител на постариот. Еден ден преподобниот Евтимиј му предложи на Јосиф во текот на четириесет дена да се хранат само со трева како животните, за со тоа, доколку е можно да се потрудат да ја вратат својата по слика и прилика Божја красота.
Јосиф се согласи на овој предлог, па и двајцата поминаа четириесет дена, поднесувајќи жед и студ, глад и горештина, и одвај беше поминат овој нов степен на лествицата на христијанските доблести. Преподобниот Евтимиј му предложи на својот соподвижник да го остават бескровното живеење, да се заклучат во пештера и никој од овдешните монаси да не знае каде се. Во неа да си постават закон како дојден од Бога и да не излегуваат три години. Ако во текот на тие три години едниот од двајцата умре, тогаш тој навистина ќе биде блажен, како човек кој до крајот на животот размислувал за смртта и пештерата ќе му биде гроб. Ако пак биде волја Божја и двајцата да останат живи, тогаш ќе умрат нивните страсти и телесни желби.
Јосиф се согласи и на тој предлог. Подвижниците најдоа пештера, се заклучија во неа, и одвај се одржуваа во живот со жир и костени, кои што растеле крај пештерата. Сиот нивен живот минуваше во најголеми подвизи, во сеноќно стоење на молитва, непрекинат пост, постојано клечење, спиење на гола земја, живот во пештерата, без палење на оган. Во строгото молчание, тие и кога ќе прозбореле, разговарале единствено за молитвата и други душекорисни работи. По една година подвижниците немаа дури ни ветва облека, која би можела да ги заштити од мноштвото разноразни инсекти, кои им причинувале неподносливи маки. Така тие, во вистинска смисла на зборот, беа маченици без гонење. По една година на Евтимиевиот соподвижник Јосиф му недостигна сила и понатаму да го носи тој крст на доброволно страдање, и многу истоштен го напушти преподобниот, кој уште повеќе ги засили своите подвизи. Многу искушенија тој доживеа тука од злите духови. Под нивно дејство Евтимиј најпрвин го нападнаа жалоста и тагата за братот Јосиф, потоа стравот од осаменоста и најпосле започна да го вознемирува горделива помисла за возвишениот монашки пат, кој што го поминал. Но, сите тие, а и многуте други искушенија, тој успеа да ги победи.
Откако го исполни својот завет за тригодишно живеење во пештерата, преподобниот излезе од неа, и беше пречекан од многу подвижници, кои одамна го чекаа и сакаа да го подржуваат. Откако ги поучи, тој пак се упати на Олимп, каде што го повикуваше старецот Теодор, кој го облече во голема схима, за заедно со него да оди на Атон. Старчевата молба беше исполнета. На Атон повторно му беше даден подвигот евангелски да му служи на старецот Теодор, кој беше многу ослабен и изнемоштен од долгото подвижништво. Преподобниот сам изгради нова келија за старецот и многу усрдно му служеше. Тоа траеше сѐ додека болниот старец, по неподносливите болки не замина на лекување во Солун. Таму и се упокои. Преподобниот Евтимиј го погреба во црквата на свети Созонт.
Љубовта кон преминатиот старец го натера Евтимиј да појде во Солун и да се поклони на неговиот гроб. Речиси сите жители на Солун, бидејќи одамна слушале за неговите доблести, излегоа да го пречекаат и да добијат благослов. Тој кратко се задржа во Солун. Животот во градот му го наруши безмолвието. Затоа излезе од градот и како Симеон Столпник се искачи на столб недалеку од градот и од таму ги поучуваше оние што му доаѓаа. На столбот помина долго време, поучувајќи го народот на доблесното живеење и исцелувајќи го од неизлечиви болести. Потоа повторно посака да се врати на Атон, на своето поранешно безмолвие. На разделба од Солун и со совет на Солунскиот архиепископ Теодор, прими ѓаконски чин, за да може самиот со помош на „Подготвените Дарови“, да се причестува во пустината со „Пречистите Христови Тајни“".
Не остана долго на Атон, бидејќи не го најде бараното безмолвие. Поранешната пустина беше густо населена со нови подвижници. Штом дознаа дека во нивната средина се појавил „осветениот“ подвижник, тие започнаа често да го посетуваат за негови совети и поуки. Тогаш повторно дојде во Солун, каде беше ракоположен за презвитер, па потоа си избра ново прибежиште, еден ненаселен остров наречен „Нов остров“. Таму отиде со двајца свои монаси истомисленици Симеон и Јован Колов. Со Божјо допуштање, тој остров беше нападнат од Сарацени. Допловија тие со два кораба, го опустошија островот, ги заробија монасите, ги кренаа едрата и заминаа. Но, нивната радот беше краткотрајна. Коработ, на кој што беа монасите, одеднаш застана среде морето и не се подместуваше од местото, додека другиот пловеше непречено. Еден од варварите ја сфати вистинската причина за тоа, па ги ослободија светите заробеници, ги замолија за прошка и веднаш неподвижниот кораб тргна и брзо стигна до опустошениот остров. Неговите тројца жители повторно беа слободни. Тие ги замолија варварите да им ги вратат нивните ништовни, но за нив крајно неопходни работи. Но, свирепите варвари, пред малку казнети од прстот Божји, не ја исполнија нивната молба. Затоа им беше судено повторно да ја почувствуваат врз себе силата на десницата Божја. Среде морето ненадејно дувна спротивен ветер и повторно им го однесе коработ на островот. Се разбира, сега повеќе не можеа да ја одбијат молбата на преподобните. Само еден од варварите, лут што мора да ги врати грабнатите работи, го фати Јован Колов и немилосрдно го тепаше, додека неговите другари не го запреа. На сето тоа свети Евтимиј кротко забележа:
- Арапи! Ако нѐ ослободевте, вие мирно ќе стигневте во својата татковина. А сега, откако му сторивте неправда на братот, многу Го навредивте Бога, и набрзо ќе видите колку е големо тоа зло.
Исполнувањето на ова пророштво варварите ги снајде за кратко време. Ги нападнаа воени римски кораби и ги одведоа во ропство. Беше заробен токму коработ на кој што се наоѓаше оној што го претепа прподобниот Јован Колов. А другиот кораб успеа да се спаси. Така и меѓу незнабошните варвари беа прославени овие тројца големи мажи, кои целиот свој живот Го прославуваа Бога.
Потоа овие тројца подвижници се разидоа на три страни. Преподобниот Јован се насели во таканаречената Сидирокавсија, преподобниот Симеон отиде во Грција а преподобниот Евтимиј премина во Врастам. Тука тој се сретна со својот поранешен соподвижник Јосиф. Пред тоа кај него се собраа и многу други браќа во Господа. Преподобниот им направи ќелии, а самиот се насели во еден ров. Понекогаш излегуваше од ровот и ги посетуваше браќата а понекогаш од љубов кон безмолвието одеше на врвот на Атон, и таму, беседејќи преку молитвата со Бога, до таква мера ги очисти умот и срцето, што се удостои на Божествени виденија и откровенија. Тамо еднаш слушна глас, кој му говореше да појде во Солун, каде во горите источно од градот ќе најде врв, викан Перистер, и на него извор вода. Дека таму ќе најде храм на светиот апостол Андреј Првоповикан, кој сега е претворен во трло за овци. Гласот му наредуваше да го исчисти тоа место и да основа манастир, нагласувајќи му дека таму многумина ќе најдат спасение. При тоа тој глас му рече дека ќе му помогне во сѐ и дека не треба повеќе да останува во пустината, во борба со демоните, зашто тие одамна заминале од него, победени од неговите доблести.
Извршувајќи ја Божјата наредба, преподобниот го напушти Атон, ги поведе со себе двајцата монаси Игнатиј и Ефрем, и со нив тргна во Солун. Овојпат Солун го пречека „како ангел кој се симнал од небото“. Откако се распраша за местото Перистер, преподобниот поведе придружници и го најде тоа овчо трло. Но, никој од тамошните христијани не знаел дека таму постоел храм. Преподобниот горко плачеше кога ја виде вака обесчестената светиња. А кога започна да раскопува, набрзо се појави целиот темел на храмот. Тогаш мештаните, поразени од прозорливоста на старецот, со радост ги презедоа врз себе трошоците за градбата на заборавениот храм. Така беше изграден храмот на свети апостол Андреј со побочен мал олтар. Од десната страна во чест на свети Јован Претеча а од левата на свети Евтимиј Велики. При градбата на храмот, преподобниот лично имал многу маки и тешкотии. Со пакоста на демоните еднаш се сруши скелето околу градбата, а друг пат се сруши штотуку изградената лева страна од градбата. При таквите неприлики не му беше лесно да ги убедува ѕидарите да продолжат со работа. Минувајќи ги ноќите во молитва, дење не се одвојуваше од работниците, давајќи им пример со својата сопствена работа. Најпосле, во 863 година, храмот беше завршен. Крај него по желба на мештаните наскоро никна манастир, кој подоцна се прослави со многу свои монаси. На новите монаси преподобниот им даваше многу поуки. Им говореше за опасностите од ѓаволот, им укажуваше на средствата за одбегнување на тие опасности, ја величаше светоста на трудот, ги осудуваше пороците и повикуваше на доблестите.
- Браќа, им говореше преподобниот, - нашиот непријател ѓаволот, како лав рика да го проголта секој што не работи на своето спасение. Затоа да бидеме будни и да стражариме. Ако сме се одрекле од светот, тогаш да ги отсечеме телесните желби. Ако сме го распнале своето тело и сме се облекле во смртта Господова, тогаш да не се занесуваме со телесни уживања туку да одиме по духот. Ако поради Царството Небесно сме се облекле во ангелскиот лик, тогаш сме должни и да живееме како ангели. Ако навистина Го љубиме Господа, тогаш сме должни да ги исполнуваме Неговите заповеди. Да работиме со своите раце, бидејќи од невработеноста и мрзеливоста ние се истоштуваме и слабееме и тогаш неплодноста и немаштијата стануваат наш неминовен удел. „Кој ја запустува својата куќа, ќе наследи ветер“ (Сол. 11, 29), вели Премудриот. А Апостолот вели: „Кој не сака да работи, тој нека и не јаде“ (2 Сол. 3, 10). Негувајте ги смиреноста, љубовта, послушноста спрема настојателот. Имајте доверба во него и ништо не кријте од него. Исповедајте му ги своите помисли, и на тој начин очистувајте ги своите срца и ум, бидејќи тоа е патот до спасението.
Додека го слушаа преподобниот, монасите од неговата обител зборуваа дека самиот Свет Дух ја вдахнал во него Божествената благодат, како што ја вдахнал во светите Апостоли. Меѓу новите монаси беше и Василиј, подоцна архиепископ Солунски, на чија што благодарност до наши дни е сочуван споменот за подвизите на преподобниот Евтимиј. Тој раскажува за Божествената ревност, со која што гореле монасите од новата обител, поттикнувани од светиот пастир. Така на пример, кога во нивната обител случајно стигнала некоја еретичка книга, тие веднаш ја запалиле.
За својот побожен живот преподобниот се удостои на дарот на прозорливоста и дарот на чудотворството. Така гореспоменатиот Василиј раскажува дека нему преподобниот му претскажал дека ќе стане епископ. Во третиот ден по постригот, преподобниот дошол кај него во црквата, каде тој како новопострижан монах бил должен да помине седум дена, и му рекол:
„Василиј, иако сум недостоен на дарот на прозорливоста, сепак, бидејќи ти и останатите сте прибегнале под раководството на мојата недостојност, себлагиот Господ благоволил да ми подари некоја капка благодат, за да можам да видам што ќе се случи со вас, и да можам да ви го зборувам корисното за вашето спасение. Значи, знај дека ти од љубов кон науките наскоро ќе заминеш од манастирот и ќе станеш епископ. Но и тогаш сеќавај се на мене како на свој отец, на обителта и браќата наши“.
Од житието на преподобниот Евтимиј, составено од архиепископот Василиј, јасно се гледа колку љубов и стравопочитување имал тој спрема споменот на оној чии што подвизи и чудеса, кои што самиот ги видел, ги опишува. Еве неколку од тие чудеса.
Еднаш, кога Василиј со братот Јован безмолвникот беа во едно пустинско место и им се закануваше смрт од глад и истоштеност, кај нив ненадејно се појави преподобниот Евтимиј и со храната што ја донесе ги поткрепи, та можеа да го продолжат патот.
- Во друга пригода, истиот Василиј, кога заедно со преподобниот беше далеку од манастирот, тој одеднаш му соопшти дека во моментот од манастирот заминуваат двајцата браќа Јован и Антониј, поради кавга со останатите браќа.
Во Солун, за време на своето подвизување на столбот, преподобниот Евтимиј го истера ѓаволот од еден човек. И многу други чудеса изврши светителот, од кои едно видел самиот опишувач на неговото житие, а за другите слушал од други лица.
Многу монаси примиле постриг од преподобниот и многу мирјани со своите подвизи и чудеса привлекол во монаштвото. Со неговото залагање и грижа многу манастири никнале на Олимп, Атон и Солун.
Најпосле, по четириесет и две години од напуштањето на родителскиот дом, преподобниот, на своја радост, ги пострижа во монаштво и своите роднини и пријатели. Машките ги зеде во својот манастир, а за женските изгради нов женски манастир. За настојателка на овој манастир беше поставена сестрата на преподобниот, која во светата схима го доби името Ефимија. Откако ги довери и двата манастира на солунскиот митрополит Методиј, преподобниот заради безмолвието повторно се качи на поранешниот столб, близу Солун. Но, кога требаше од времениот живот да премине во вечниот, Господ го доведе близу врвот на Атон, каде ги извршуваше своите највозвишени подвизи.
Однапред известен за денот на своето претставување, преподобниот Евтимиј на денот на преносот на моштите на свети Евтимиј Велики, седми мај, ги повика кај себе на трпеза браќата од најблиските Атонски манастири, го отпразнува овој ден со нив и се прости со сите. Наредниот ден, без некому нешто да каже, тој го поведе со себе само монахот Георгиј, и отиде во едно осамено место, викано „Свет остров“. На тој остров во една пештера се подвизуваше четири месеци, па речиси здрав се упокои, на 15 октомври 889 година.
По две години монасите на Перистер, од желба угодникот Божји и по смртта да им биде заштитник на обителта, ги испратија по светото тело јеромонахот Власиј и инокот Павле. На Светиот остров тие го најдоа телото на преподобниот Евтимиј кај лежи во истата пештера, во која што се беше упокоил. Гнилежот воопшто не се беше допрел до телото, иако лежело таму доста долго време.
Наредната година, на 13 јануари, светите мошти беа пренесени во Солун, каде и денес почиваат.
По молитвите на преподобниот и богоносен отец наш Евтимиј, да се избавиме и ние од душевните и телесните недостатоци и да се удостоиме на Царството Небесно во Христа Исуса, нашиот Господ, Кому Му доликува секоја слава, чест и поклонение, со беспочетниот Негов Отец и Светиот Дух, низ сите векови. Амин.
ЧУДОТВОРНА ИКОНА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „УМНОЖИТЕЛКА НА ЛЕБОТ“
Во 1890 година игуменијата Иларија, настојателка на Богородично-Сесветискиот женски манастир во градот Болхов, на оптинскиот старец Амвросиј му подарила икона од сосем невообичаен композициски тип за оние времиња. Преданието ја припишува на четката на Димитриј Михајлович Блотов 1837-1907 г, познат руски иконописец, воспитаник на императорската академија на науките, и правнук на познатиот научник од осумнаесеттиот век Андреј Тимотеевич Болотов. Во 1866 година Димитриј Болотов го примил монашкиот постриг со името Данил во Оптина пустина и останал таму до крајот на животот, откако доволно се потрудил за украсувањето на обителта. Фрескописите на трпезаријата со сигурност се дело на монахот Даниил. Но, очигледно е дека и иконата „Умножителка“ се одликува со истиот стилистичен манир.
На оваа икона Владичицата на светот е изобразена седната на облаци, рацете ѝ се кренати во благословувачко движење, одоздола се протега ожнеана нива, а во неа среде цвеќиња и трева се расположени прави и исполегнати снопови од рж. Идејата да биде насликана таа нива, името на иконата и толкувањето на нејзината длабока смисла му припаѓаат на самиот старец Амвросиј, Божјата Мајка како Помошничка (Умножителка спори на некого или нешто, му помага, подобрува) им помага на луѓето во тешкотиите за добивање на насушниот леб - тоа е наједноставното толкување.
Во своите песнопеења уште одамна Црквата jа нарекла Божјата Мајка осветување на сите земни и небесни стихии, и неслучајно некои Нејзини икони како да симболизираат различни природни стихии: оган - „Несогорлива капина“ и вода - „Животоносен извор“. И ете, според прозорливоста на старец Амвросиј, во тој ред застана и „Умножителка на лебот“.
Преподобен Амвросиј самиот се молел пред оваа икона и ги учел своите духовни ќерки монахињи во од него основаната Шамординска обител особено да ја почитуваат, и нарачувал и распраќал многу копии од чудотворната икона на свои почитувачи мирјани.
Празнувањето на Божјата Мајка „Умножителка на лебот“ се врши на 15 октомври по стар стил, во истиот ден кога бил погребан старец Амвросиј, кој се претставил уште на десетти октомври. Сега неговите чесни мошти се наоѓаат во соборниот храм на Оптина пустина, а оригиналната чудотворна икона се нашла во Литва, во село Михново крај Вилнус. Пред иконите „Умножителка на лебот“ по сите градови и села на православниот свет се слуша специјалниот припев кон Богородичниот акатист, составен од самиот преподобен Амвросиј за Неа: „Радувај се, Благодатна, Господ е со Тебе! Дај ни ја и нам, недостојните, росата на Твојата благодат и јави го Своето милосрдие“.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: САРВИЛ и ВЕВЕЈА
Свети Сарвил живееше во времето на царот Трајан, и првин беше идолски жрец во Едеса. Потоа, поучен во христијанската вера од еден благочестив христијански епископ, тој се крсти заедно со својата сестра Вевеја. Обвинет кај едескиот кнез како христијанин, Сарвил беше изведен на суд и тепан со стапови. Сепак, тој храбро го изобличуваше кнезот и ја докажуваше ништовноста на незнабожечките богови. Разјарениот кнез во својот бес наредуваше, та седум пати го врзуваа маченикот на направи за мачење и го тепаа со воловски жили, го стругаа со железни гребени и го гореа со свеќи. А светителот, сиот устремен кон Бога, се молеше и Господ му ги ублажуваше болките. Гледајќи го неговото јуначко трпение, мачителот нареди да му забијат клинци во главата, од што сите ги спопадна ужас. Кога го виде тоа, неговата сестра Вевеја изјави дека е христијанка и кнезот веднаш ја подложи на мачење, па ја фрли во темница. А пак на свети Сарвил му ја одраа кожата, но кога видоа дека сѐ уште дише, кнезот нареди та и нему и на Вевеја им ги отсекоа главите. Тогаш верните ги зедоа нивните тела и ги предадоа на земјата.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ САВИН, епископот Катански
Блажениот Савин заради многуте свои доблести беше избран за епископ во Катана. Но, по извесно време тој се повлече во пустината, бидејќи повеќе го сакаше осаменичкото молитвено тихување. Таму се предаде на големите и тешки подвизи: молитвата, постот, бдеењето и гладувањето. Поради тоа се удостои на дарот на чудотворството и пророкувањето. Со благодатта Божја тој болни исцелуваше, ѓаволи истеруваше и иднината ја претскажуваше. Многумина со своите поуки убеди да го остават светот и родителите и да Му служат на Христа во монаштвото. Поживеа богоугодно и во мир се упокои, предавајќи го својот дух на Господа. Неговото тело беше предадено на земјата и им дава исцеленија на верните.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ВАРС ИСПОВЕДНИКОТ
За овој свет подвижник и исповедник пишува блажениот Теодорит Кирски (во својата „Црковна Историја“, IV, 16). Поопширно за него видете под 25 август: Спомен на светите Исповедници Едески.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ЈОВАН, епископот Суздалски
Свети Јован уште од младоста беше монах. За светоста на својот живот, тој во 1340 година беше поставен за епископ Суздалски. Необично добар и милосрден, се застапувал кај кнезовите на сиромашните селани да им се намалат издатоците. За болните основал болници, а за изнемоштените стари лица згрижувалишта. Ревносно се трудел во ширењето на верата Христова меѓу незнабожните Мордави, и многу незнабошци привел кон Христа. Се претставил во 1373 година. Неговите свети мошти почиваат во Суздалската соборна црква.