29. Октомври   (16. Октомври)

ЖИТИЕТО И СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЛОНГИН КАПЕТАНОТ

Кога нашиот Господ Исус Христос, според Неговата неискажана милост благоволи да нѐ спаси од гибелта со Своето доброволно страдање, крстот, смртта и воскресението, тогаш еден капетан, на име Лонгин, родум од Кападокија, под власта на Пилат беше одреден со своите војници да служи при страдањето и распетието на Господа Христа. Додека ги гледаше чудесата што се случуваа заради Христа: земјотресот, помрачувањето на сонцето, отворањето на гробовите, воскреснувањето на мртви и распаѓањето на камења, капетанот Лонгин исповедаше дека Христос е Син Божји. За тоа Божествениот евангелист Матеј вака говори: А стотникот и оние што со него Го чуваа Исуса, откако го видоа земјотресот и сѐ друго што стана, се преплашија и говореа: Навистина Овој бил Син Божји (Мт. 27, 54). На ова евангелско кажување црковното предание додава дека Лонгин бил оној ист војник, кој со копје ги прободе ребрата на распнатиот Господ Исус Христос и од истечената крв и вода доби исцеление на своите болни очи. Тој ист Лонгин, со војниците од страна на Пилат беше поставен да чува стража кај гробот, во кој што лежело животворното тело на Исуса Христа. А кога Господ сеславно воскресна од гробот и со Своето чудесно воскресение ги запрепасти стражарите, тогаш Лонгин и двајца војници со него поверуваа во Христа и станаа проповедници на Воскресението Христово. Тие ги известија Пилат и свештеничките главари за сѐ што се случило. А главарите свештенички се состанаа со старешините и им дадоа на војниците доволно пари, за тие да го затаат Воскресението Христово, говорејќи им да кажат: учениците Негови дојдоа ноќе и го украдоа додека ние спиевме (Мт. 28, 11-13). Но, Лонгин не зеде пари и не сакаше да го крие чудото, туку уште поусрдно започна да сведочи за него. И сведоштвото негово беше вистинито. Затоа и Пилат и целото еврејско збориште го намразија Лонгина, и сиот свој гнев, кој порано беше насочен против Христа, сега го свртеа кон него, бидејќи тој отворено и јасно проповедаше дека Христос е вистински Бог, и дека тој е очевидец на Неговата животворна смрт и воскресение. Заради таквото сведоштво непријателите на воскреснатиот Господ Христос решија да го убијат Лонгин, само бараа повод и погодна пригода за тоа, но не наоѓаа. Беше најстар меѓу војниците, чесен човек и познат на самиот кесар.

Кога дозна за нивната лоша намера, сакаше да биде исфрлен од нив и да остане со Христа, отколку да живее во еврејските населби. Тој ги симна од себе војничкиот чин, облеката и појасот, поведе со себе двајца свои пријатели, ревносни за Христа, се повлече од народот и сиот се посвети во служба на Бога. Откако прими крштение од светите Апостоли, Лонгин наскоро го напушти Ерусалим и со своите двајца пријатели отиде во Кападокија. Таму стана проповедник и апостол Христов и многумина обрати од заблудата кон Бога. Потоа го напушти градот и започна да живее на имотот на својот татко, водејќи безмолвен живот во пост и молитви.

Набрзо дозна целото еврејско збориште во Ерусалим дека Лонгин го шири своето учење по цела Кападокија и сведочи за Воскресението Христово. Тогаш свештеничките главари и старешините еврејски, полни со завист и гнев, отидоа кај Пилат со многу подароци и го молеа да му испрати на кесарот во Рим тужба против Лонгин, дека се одрекол од војничкиот чин, се одметнал од римската власт и дека го буни народот во Кападокија, проповедајќи им друг цар. Пилат, откако ги прими подароците, се согласи и му испрати на кесарот Тибериј писмо, во кое тешко го обвинува Лонгин. Заедно со писмото, евреите му испратија многу злато на кесарот, и со самото тоа ја купија смртта на свети Лонгин. Од Тибериј наскоро стигна наредба да биде казнет со смрт, како негов противник. Пилат веднаш испрати војници во Кападокија да му ја отсечат главата и да ја донесат во Ерусалим, како очигледен доказ дека е погубен. Заедно со тоа, на молба на богомрските евреи, Пилат нареди да ги убијат и оние двајца војници, кои заедно со Лонгин ја напуштија војничката служба и во Кападокија заедно со него Го проповедаа Христа.

Во Кападокија војниците внимателно започнаа да се распрашуваат за Лонгин. Кога дознаа дека живее на имотот на својот татко, побрзаа таму, преправајќи се како да одат да му оддадат чест, а не да го убијат. Се плашеа тие да не им побегне, па да се вратат со празни раце назад, и затоа сакаа тајно да го фатат.

Но, свети Лонгин, исполнет со Духот Божји, дозна што му се подготвува, зашто од Бога му беше откриено дека му претстои маченички венец. Тој излезе и љубезно ги пречека војниците. Тие не го препознаа и го прашаа дали знае каде е Лонгин, кој некогаш бил капетан, на што тој ги праша зошто го бараат, а тие одговорија:

- Слушнавме дека е добар човек, па сакаме да го посетиме. Ние сме војници, а тој бил капетан во војската, и затоа сакаме да го видиме.

Тогаш Лонгин им рече:

- Ве молам, господа, свратете кај мене дома и одморете се, а јас ќе го известам Лонгин за вас. Тој живее во близина и лично ќе дојде кај вас.

Војниците свратија кај Лонгин, и тој ги угости. Во текот на ноќта, развеселени од виното, тие му кажаа на Лонгин зошто се испратени. Но, претходно го заколнаа никому да не ја каже тајната, за некој да не го извести Лонгин, па да им побегне. Тие му говореа:

- Ние сме испратени да ги отсечеме главите на Лонгин и неговите пријатели. Таквата наредба му е издадена на Пилат од кесарот.

Кога слушна дека и неговите пријатели сакаат да ги убијат, Лонгин веднаш испрати по нив, и додека да стигнат ништо не им рече на војниците. А кога заспаа, тој застана на молитва и цела ноќ сесрдно се молеше на Господа, подготвувајќи се за смртта. Утредента војниците го замолија да им го даде Лонгина, како што им ветил. Тој им рече:

- Почекајте малку. Испратив по него и тој веднаш ќе дојде. Верувајте ми дека оној што го барате самиот ќе се предаде, само почекајте.

Потоа ги пречека своите пријатели, ги прегрна и им рече:

- Радувајте се, слуги Христови, а мои соработници! Радувајте се заедно со мене, зашто дојде време за разрешување на нашите тела од уздите. Ете, сега ќе излеземе пред нашиот Господ Исус Христос. Оној, Кого Го видовме како страда, како е распнат, воскреснат и воскресна со слава, ќе Го видиме повторно како седи од десната страна на Бога и ќе уживаме во гледањето на славата Негова.

Откако им го рече тоа на своите пријатели, Лонгин ги извести дека од кај Пилат и Еврејскиот Синедрион дошле војници да ги убијат, поради сведочењето за Воскресението Христово. Кога слушнаа, тие многу се израдуваа што ќе се удостојат на маченичкиот венец и ќе излезат пред својот Господ, Кого со сета душа Го засакаа. Потоа тој ги внесе кај војниците и рече:

- Еве го Лонгин со неговите пријатели! Јас сум Лонгин кого го барате, а овие се моите двајца пријатели, кои заедно со мене го видоа Воскресението Христово и поверуваа. Постапете со нас според наредбата од оние што ве испратиле.

Војниците се запрепастија, и на почетокот не веруваа дека е тој. Откако се уверија се засрамија и не сакаа да го погубат својот добротвор. Но, Лонгин ги молеше да го извршат нареденото, и им говореше:

- За мојата љубов кон вас, вие не можете подобро да ми се заблагодарите од тоа што брзо ќе ме испратите кај мојот Господ, Кого одамна сакам да Го видам.

Потоа се облече во бела погребна облека, посочи кон ридот во близина и им нареди на ближните таму да го погребаат неговото тело и телата на двајцата негови пријатели. Штом се поздравија со сите, Лонгин и неговите пријатели ги приклонија своите глави под мечот. Откако ги обезглавија, војниците ја зедоа главата на свети Лонгин и заминаа. А телата на светите чесно беа погребани на местото, кое тој им го посочи.

Штом стигнаа во Ерусалим, војниците му ја предадоа на Пилат чесната глава на свети Лонгин, како сигурен доказ пред Пилат и Евреите дека навистина е убиен. Тие наредија да биде фрлена надвор од градот и таа долго се тркалала на ѓубриштето, додека не била затрупана со ѓубре. Но Господ, Кој ги чува сите коски на Своите угодници, во ѓубрето ја сочува цела и главата на свети Лонгин. А кога Му беше угодно да го прослави пред луѓето Својот угодник, кого веќе го беше прославил на небото пред ангелите, Бог ја откри неговата света глава на следниот начин:

Една христијанка, вдовица од Кападокија, ослепе на двете очи и долго бараше помош од лекарите, но не доби. Потоа намисли да појде во Ерусалим и таму да се поклони на Светите Места, барајќи помош од Господа за своите слепи очи. Го поведе таа својот син единец и тргна на пат. Кога стигнаа во Ерусалим нејзиниот син се разболе и по неколку дена умре. Вдовицата беше крајно ожалостена од смртта на својот единец и горко плачеше поради двократното свое слепило. Таа се лиши и од очите и од синот, кој ѝ беше светлина за очите и водич во слепоста. И додека неутешно плачеше и горко тагуваше, во видение ѝ се јави свети Лонгин и ја утеши со ветување дека и синот ќе ѝ го покаже во слава небесна и светлина на очите ќе ѝ подари. И ѝ раскажа сѐ за себе, дека бил присутен при страдањата, распнувањето, погребението и воскресението Христово, и како потоа Го проповедал Христа во Кападокија и пострадал за Него со своите другари. Притоа ѝ нареди да појде надвор од градот, и таму, на ѓубриштето, да ја најде неговата глава, затрупана во ѓубрето. Уште ѝ рече:

- Тебе ти е предодредено да ја најдеш, за твое исцеление.

Утешена во својата тага, вдовицата стана и замоли да ја одведат надвор од градот. На оние што ја водеа, таа им говореше:

- Каде што ќе видите ѓубриште со многу ѓубре, таму оставете ме.

Тие така постапија. Таа започна со рацете да го растргнува и претура ѓубрето. Иако не гледаше, имаше голема вера во зборовите на светителот, кој ѝ говореше во видението. И по промисла Божја веднаш го доби бараното, ја здогледа сончевата светлина. Очите ѝ се отворија и таа ја виде главата на светителот во ѓубриштето. И се израдува не толку на сончевата светлина, колку на главата на светителот што ја најде и поради која што прогледа. И Го прослави Бога и го величаше слугата Негов, свети Лонгин.

Откако ја зеде светителовата глава и ја целиваше, таа ја однесе во куќата кај што престојуваше. Ја изми, ја премачка со миризливи масти и толку се радуваше на пронаоѓањето на ова духовно богатство, што заборави на својата жалост за својот починат син. Наредната ноќ свети Лонгин повторно ѝ се јави во голема светлина, со нејзиниот син во блескава свадбена облека. Откако татковски ја прегрна, светителот ѝ рече:

- Погледни го, жено, својот син, поради кого толку тагуваш и плачеш! Погледни во каква чест и слава се наоѓа тој сега! Погледни и утеши се! Бог го вброи во Небесните Чинови, кои се наоѓаат во Царството Небесно! Јас сега го зедов од Спасителот, и тој никогаш нема да се раздели од мене. Затоа земи ја мојата глава и телото на својот син, и погребај ги во еден ковчег. И повеќе не плачи за својот единец, и нека не тагува твоето срце, бидејќи голема слава, радост и бескрајно весели се неговите денови од Бога.

При овие зборови жената брзо стана и ја положи главата на светиот маченик заедно со телото на својот починат син, во еден ист ковчег. Потоа се врати во својот дом, славејќи Го и фалејќи Го Бога. Кога стигна во својот роден крај, таа на чесно место ги погреба телото на сина си и главата на светиот маченик, и при тоа си велеше: „Сега знам дека на оние што Го љубат Бога сѐ им оди на добро“ (сп. Рм. 8, 28). Барав телесни очи, а заедно со нив најдов и душевни. Ме беше заробила тага поради смртта на мојот син, а сега го имам на небото, стои пред Господа во слава со Пророците и Мачениците. Со нив тој секогаш се радува, и со Лонгин во царството Христово носи крст, знакот на победата среде Ангелите, и како ученик на Лонгин радосно пее: Навистина Овој беше Божји Син, е и ќе биде. Царството Негово е Царство на сите векови, и владеењето Негово во сите поколенија и поколенија. Нему слава за навек. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ МАЛ

Преподобниот Мал ги остави светот, богатството и роднините и отиде во пусти и ненаселени места. Таму строго се подвизуваше, радувајќи се на постот, бдението и останатите подвизи. Лицето му зрачело со радост и предизвикувало радост. Со името Христово правеше разни чудеса. Уште за време на животот губави очистуваше, демони истеруваше, на слепи вид даваше... А кога се упокои неговото тело мироточеше и стана и остана извор на исцеленија од неизлечиви болести и најразлични недостатоци. Така Господ ги прославува оние кои Него Го прославуваат.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЛОНГИН ТРУДОЉУБИВИОТ

Беше монах во Киево-Печерскиот манастир од четиринаесетиот век. Бил вратар во манастирот. Имал толку чисто и облагодатено срце, што секогаш знаел со какви мисли секој влегува во манастирот и со какви мисли потоа излегува од него. Чудотворните мошти на преподобниот Лонгин почиваат во Теодосиевата пештера.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ЛЕОНТИЈ, ДОМЕТИЈ, ТЕРЕНТИЈ и ДОМНИН

Овие свети маченици пострадаа за Христа спалени во оган.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ САВИН

Рамноангелниот подвижник отец Савин во мир се упокоил.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ДВАЈЦА ВОЈНИЦИ, кои пострадале со свети Лонгин Капетанот

СПОМЕН НА СВЕТАТА БЛАГОВЕРНА ЕВПРАКСИЈА

Во светот се викаше Ефросинија, кнегиња Псковска. Беше сопруга на Псковскиот кнез Јарослав Владимирович, кој заведен од латинскиот бискуп се ожени со германка. Оставена, кнегињата Ефросинија основаше во Псков женски манастир на свети Јован Претеча, се замонаши и беше настојателка. Повикана за да се види со поранешниот сопруг во Ливонскиот град Оденце, таа маченички заврши од рацете на својата пасторка, во 1243 година, на 8 мај. Нејзините свети мошти почиваат во Претечиниот манастир во Псков.