30. Октомври   (17. Октомври)

СПОМЕН НА СВЕТИ ПРОРОК ОСИЈА

Свети пророк Осија беше син Веириин од племето Исахарово. Овој богомоќен пророк живеел и пророкувал околу 800 година пред Христовото раѓање. Неговите боговдахновени зборови се наоѓаат во неговата книга, која содржи 14 глави. Многу го прекорувал Израилот и Јуда поради идолопоклонството, пророкувал казна Божја за гревовите, за пропаста на Самарија и Израилот поради богоотстапништвото, но и за милоста Божја над коленото Јудино. Пророкувал укинување и престанување на старозаветните жртви и укинување на саботата (наместо која Господ ја востановил неделата), и доаѓањето Господово, и богатството од дарови, кои што Он ќе ги донесе со Себе на земјата. Така во неговата книга за старозаветната еврејска синагога пишува: „И ќе укинам кај неа секаква веселба, празниците и новомесечијата нејзини, и саботите и сите нејзини прослави“ (Осиј 2, 11). Живеел до длабока старост и мирно се упокоил.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК АНДРЕЈ КРИТСКИ

Измина доста време откако престанаа многубројните жестоки гонења против Црквата Христова од страна на незнабожните и непобожни цареви и кнезови. По престанокот на гонењата, Црквата Божја, како на плодоносна земја напоена од чесната крв на слугите Божји, се рашири по сите краеви на земјата. И во домот Господов настапи мир и единство во верата, цветаше побожноста, јакнеа во луѓето добрите особини, се извршуваа заповедите Господови, и верните напредуваа во доблестите. Тогаш завидливиот ѓавол започна да бара нови начини да ги одврати луѓето од Христа. И реши, не отворено туку прикриено, вешто, под видот на ревност за Бога, да ги одвраќа од Него. Го предизвика иконоборството, така што луѓето со отфрлањето на иконата Христова всушност да го отфрлаат Самиот Христос, зашто сѐ што се случува со иконата се однесува и на ликот изобразен на неа. Во таа насока, мразителот на човековото спасение го поттикна на гонење на светите икони царот Константин, не оној рамноапостолниот, кој го просвети светот со верата Христова, туку Копроним, односно Поганоимени. А беше наречен така, бидејќи при своето крштевање тој го испогани светиот купел со својата нечистотија, а потоа и Црквата Христова ја оскверни со својата безбожна иконоборна ерес. Безумниот цар започна да зборува дека на христијаните не им доликува да им се поклонуваат на иконите и да ги почитуваат, бидејќи тоа е незнабожечко идолопоклонство. Безумникот не сфаќал дека ако некој предмет е лош и штетен за душата, треба да се забрани, а ако е добар и корисен, тогаш и сликата на тој предмет е добра и корисна за душата. Незнабожечките богови се лоши и штетни за душата и затоа е забрането да се почитуват. Исто така и нивните слики се лоша работа и штетни за душата. Затоа Законот Божји и забранува да се почитуваат. Свет е нашиот Господ Исус Христос, свети се и слугите Негови, и многу корисни за нашите души, како што и Давид рече: „За мене многу драгоцени беа пријателите Твои, Боже“ (Пс. 138, 17), Затоа и иконата Господова, и драгоцените пријатели Негови, за кои Он вели: „Вие сте пријатели Мои“ (Јн. 15, 14) се свети и многу корисни за нашите души, и ние сме должни да ги почитуваме, знаејќи дека почитувањето укажувано на иконите преминува на оној што е насликан на нив.

Без да го сфати тоа, безумниот цар Копроним испрати наредба по сите краеви на своето царство, иконите да се исфрлат од домовите Господови, и никој да не смее да се дрзне да чува икони во својот дом. При тоа претеше со страшни маки и смрт за непокорните. И настапи во Црквата Божја голема неволја, тага и болка. Многу од верните, од страв од заканите на царот, бегаа и се криеја. Градовите опустеа, луѓето се разбегаа по пустините, а од оние што останаа некои се потчинуваа на наредбата, а други, цврсто чувајќи го преданието на Светите Отци, бестрашно им се спротивставуваа на иконоборците и затоа беа подложувани на разни измачувања. Сите затвори, темници, и длабоки јами, наместо со злосторници, разбојници или крадци, беа полни со епископи, свештеници и други набожни луѓе.

Во тоа време на островот Крит имаше еден благочестив и богобојазлив човек, на име Андреј. Тој се беше одрекол од светот и својата слава, и ги беше презрел сите радости на овој свет. Го зел својот крст и одеше по тесниот пат, кој води кон небото и многумина упатуваше кон таквиот богоугоден живот. Кога слушна дека во Цариград беззаконикот Копроним заради новото еретичко богохулно иконоборно учење држи по затворите многу светии, во Андреј пламна ревносна вера и љубов кон Христа и веднаш отиде во Цариград. Таму тој бестрашно го поучуваше народот отворено да не ги прифаќа царевите зборови и еретичкото учење, а силните во верата ги бодреше и поттикнуваше на вистинско исповедање на верата и трпение во мачењата. Кога виде како ги измачуваат исповедниците Христови, беше многу потресен. Некои ги тепаа со жили, некои ги спалуваа, на некои очите им ги вадеа, на некои пак и рацете и нозете им ги сечеа... Но, тој не можеше повеќе да го поднесе тоа и веднаш отиде во црквата на свети Мамант, каде тогаш се наоѓаше царот со многу свои велможи и дворјани. Се протна меѓу народот, застана до самиот цар и силно викна:

- Зошто ти, царе, се нарекуваш христијанин и слуга Христов, а иконите Христови ги газиш и многу зло им вршиш на Неговите слуги?

Андреј сакаше да продолжи, но царот нареди да го фатат. И веднаш го положија на земјата и започнаа безмилосно да го тепаат, да го влечат по земјата и да го газат. А за да се покаже како милосрден, царот нареди да престанат и кога излезе од црквата го повика кај себе и започна насамо да му зборува:

- Од каде кај тебе таква смелост, та бесрамно си дошол во лице да ме навредуваш? Го правиш тоа од безумие или според некој план? Или пак сакаш со тоа да ми станеш познат?

Андреј одговори:

- Јас не го правам тоа од безумие, ниту со некаков план, ниту од суетна слава за да ти бидам познат, бидејќи сѐ што ти имаш во светот, јас презирам. Туку јас слушнав за твоето погубно учење, со кое се одрекуваш од почитувањето на светите икони и ја гониш православната Црква Божја. Поради тоа ревноста за домот Божји ме изеде (сп. Пс. 68, 10) и дојдов од далеку, или да те посоветувам или да умрам за мојот Христос. Кога мојот Господ умрел за мене, зарем јас не сум должен да умрам за ликот Негов, односно иконата Негова?

Царот на тоа му рече:

- Какво е тоа ваше беснило и безумие, да Му оддавате слава на бесмртниот Бог на дрва, бои, камења, и не го слушате нареденото од Бог преку Мојсеј, да не градите на себе лик ни слика? Од каде кај вас расте тоа безумие, да се противите на таквата очигледна вистина и да се туркате самите во гибел? Верувај ми, јас ќе те мачам поради твојата бесрамна смелост и противење а не поради вистината и поради Христа.

Свети Андреј не можеше да ја трпи таквата хула и рече:

- Проклета главо, зарем не страда за Христа оној што страда за Неговата икона? Зарем срамот што го нанесуваш на иконата не преминува на оној, чиј што лик е на неа? Зошто вие сурово ги казнувате со смрт оние што ги срамотат и понижуваат вашите царски слики и статуи? Вие, кои сте прав, денес постоите а утре ве нема, сепак, сакате преку вашите слики да ви се оддава почитување. А многу поголем грев е да се посегне по сликата Христова, односно иконата Христова, бидејќи срамот нанесен на иконата е срамотење на самиот Христос, Чиј што лик е насликан на иконата.

И кога свети Андреј сакаше да објасни дека Бог преку Мојсеј заповедал да не се градат слики ни ликови, кои луѓето би ги сметале за богови, царот не му дозволи и рече:

- Кога царевите се гневат заради своите слики, тогаш тие се далеку погневни кога некој ги навредува во лице.

И веднаш нареди да го соблечат светителот и безмилосно да го тепаат. По долгото тепање царот започна ласкаво да го наговара да се покори на наредбата. А свети Андреј ги крена очите кон небото и рече:

- Не давај Боже, да се одречам од мојот Христос и од светата икона Негова. Ти, царе, подобро е да се занимаваш со воените работи и да управуваш со народот а не да Го гониш Христа и Неговите слуги.

Тогаш царот нареди повторно немилосрдно да го тепаат, та со неговата крв се обли земјата. А некои од присутните, за да му се додворуваат на царот, започнаа да фрлаат камења по светителот. Му ја разбија устата и му ги сокршија ребрата. По многуте мачења го фрлија во темница, каде остана некое време и ги зацврстуваше верните кои му доаѓаа.

Потоа царот нареди да го извадат од темницата и повторно да го мачат на ист начин како претходно. Додека така го мачеа, телото му се распаѓаше. Најпосле му ги врзаа нозете и го влечеа низ градот кон местото каде ги убиваат злосторниците, за таму да го погубат и него. Додека така го влечеа низ пазарот, еден еретик, трговец со риби, откако дозна поради што го мачат, поттикнат од ѓаволот, дофати секира и му ја отсече ногата. Со тоа го прекрати многустрадалниот пат на светиот маченик. Тој веднаш издивна.

Телото на свети Андреј беше фрлено во провалија, меѓу трупови на злосторници, и лежеше таму преку дванаесет седмици. Но, со Божја наредба, таму започнаа да се собираат ѓаволесани од разни страни. Тие го изнесоа од провалијата телото на свети Андреј, го погребаа на свето место и веднаш како награда за тоа добија исцеление. И на гробот, по неговите молитви многу болни се исцелуваа, бидејќи свети Андреј има слобода пред Бога и се моли за сите нас, стоејќи заедно со Светиите пред престолот Господен за навек. Амин.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ БЕССРЕБРЕНИЦИ: КОЗМА и ДАМЈАН, и со нив ЛЕОНТИЈ, АНТИМ и ЕВТРОПИЈ (ЕВПРЕПИЈ)

Има три пара свети бессребреници по имиња Козма и Дамјан. Едни од нив се родија од татко незнабожец и мајка Теодотија, која беше побожна христијанка. Тие мирно се упокоија и беа погребани на местото викано Фереман. Вторите живееја во Рим, и се упокоија од рацете на нивниот завидлив учител, кој со измама ги однесе во планината, божем да собира лековити билки, и таму ги уби со камења. А овие третите, чиј спомен го вршиме денес, беа од Арабија, лекари по занимање. Но, кога ја примија светата вера Христова, тие започнаа бесплатно да лекуваат безброј многу болни, и тоа не со билки или други варени лекови, туку со силата Христова. Одејќи по селата и градовите, тие Христа Го проповедаа и со името Негово сите болни ги исцелуваа.

Славени насекаде поради своето учење и чудесата, овие свети лекари беа фатени од игемонот, за време на царувањето на безбожните Диоклецијан и Максимијан. Доведени во градот Киликија, тие излегоа пред игемонот Лисиј. Тој најпрвин ги распрашуваше за нивните имиња, татковина и вера, па потоа започна да ги тера да им принесат жртви на идолите. Кога одбија и бестрашно Го исповедаа Христа, тој нареди најпрвин безмилосно да ги тепаат, па потоа врзани ги фрлија во морските длабочини. Сепак, тие со силата Божја се спасија од потопувањето. Ангел Божји ги одврза и ги извади здрави на копното. Кога го виде тоа игемонот, нареди повторно да ги доведат кај него и ги праша со какви маѓии се спасиле од морето, зашто и тој сега сака да го следи нивното учење. Тие му одговорија дека се христијани и дека не знаат за никакви маѓии, ниту употребуваат такви, туку ја имаат Христовата сила, која ги избавува од неволјите, и го спасува секој што го повикува пресветото име Христово.

Потоа светите маченици беа одведени во темница. Утредента ги извадија и мачителот нареди, та ги фрлија во оган, во кој што останаа неповредени. Огнот ја изгуби природната сила и не се допре до нив, ниту ги повреди. Многу зачуден од тоа, игемонот нареди да ги обесат и безмилосно да ги тепаат. Потоа слугите со наредба на мачителот фрлаа камења по нив да ги убијат, но камењата се одбиваа од нивните тела како од ѕид и паѓаа врз оние што ги фрлаа. Потоа ги стрелаа со стрели, но и стрелите се одбиваа од нив и се враќаа кај оние што ги фрлаа. Најпосле, кога виде дека страдалниците се непобедливи, игемонот ги осуди на обезглавување. И беа обезглавени светите бессребреници Козма и Дамјан со тројца други христијани Леонтиј, Антим и Евтропиј (Евпрепиј). Сите беа погребани заедно. Тие не само за време на животот туку и по смртта имаа дар да вршат многу чудеса, јавувајќи им се на болните и давајќи им исцеленија. По нивните молитви и ние да добиеме исцеление на нашите душевни и телесни болести. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕНОСОТ НА МОШТИТЕ НА СВЕТИОТ И ПРАВЕДЕН ЛАЗАР ЧЕТВОРОДНЕВНИ

Централниот празник на свети Лазар е на Лазарева сабота, заедно со Чесниот Пост. Под денешниот датум се празнува преносот на неговите свети мошти од Кипар во Цариград. Царот Лав Мудриот изгради огромен и прекрасен храм на свети Лазар во Цариград и ги пренесе неговите мошти во тој храм, во 890 година. И при тоа, кога после илјада години го откопаа гробот Лазарев, во градот Китија на Кипар, најдоа мермерна плоча на која стоело напишано: „Лазар Четвородневни, пријател Христов“.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АНТОНИЈ ЛЕОХНОВСКИ

Беше син на Тверски бојари. Најпрвин се подвизувал како отшелник во пустелијата Рублева, на петнаесет километри од Новгород. Потоа на Леохнов, во близина на езерото Илмена го основал манастирот Преображение Господово. А кога Швеѓаните го нападнаа тој крај, преподобниот Антониј беше повикан во Новгород од страна на новгородскиот митрополит Исидор во 1161 година, каде преподобниот Антониј се упокои во својата 85 година, во црквата на свети евангелист Лука. Неговите свети мошти во 1620 година беа пренесени во Леохновскиот манастир.