31. Октомври (18. Октомври)
ЖИТИЕТО НА СВЕТИ АПОСТОЛ ЛУКА
Свети апостол и евангелист Лука беше родум од Антиохија Сириска. Во младоста добро ја изучи грчката философија, медицината и живописот. Тој одлично ги знаеше египетскиот и грчкиот јазик. Во времето на делувањето на Господ Исус на земјата, Лука дојде од Антиохија во Ерусалим. Додека живееше како човек на земјата меѓу луѓето, Господ Исус го сееше божественото семе на Своето спасоносно учење, а срцето на Лука беше добра земја за тоа небесно семе. Тоа никна во него и донесе стократен род. Лука, гледајќи го Спасителот лице во лице и слушајќи ја Неговата Божествена наука, се исполни со божествена мудрост и божествено знаење, кои не му ги дадоа ни елинските ни египетските школи. Тој Го позна вистинскиот Бог, поверува во Него, беше вброен во Седумдесетмината Апостоли и испратен на проповед. За тоа самиот зборува во своето Евангелие: „Избра Господ и други Седумдесет, и ги испрати по двајца пред Себе, во секој град и место, каде што и Сам сакаше да оди“ (Лука 10, 1). И свети Лука, вооружен од Господа со сила и власт да го проповеда Евангелието и да врши чудеса, одеше пред лицето на Господа Исуса Христа, со светата проповед подготвувајќи го патот Господен и убедувајќи ги луѓето дека на светот дошол очекуваниот Месија.
Во последните дни од земниот живот на Спасителот, кога Божествениот Пастир беше удрен и неговите овци од страв се разбегаа, Лука беше во Ерусалим, каде што тагуваше и плачеше за својот Господ, Кој благоволи доброволно да пострада за нашето спасение. Но, неговата жалост набрзо се претвори во радост. Воскреснатиот Господ, во самиот ден на Своето Воскресение му се јави, кога тој заедно со Клеопа одеше во Емаус, и со вечна радост го исполни неговото срце, за што самиот подробно зборува во своето Евангелие (Лк. 24, 13-35).
По слегувањето на Светиот Дух над Апостолите, свети Лука остана некое време со останатите Апостоли во Ерусалим, па тргна во Антиохија, каде веќе имало доста христијани. При тоа патување се задржа во Севастија, каде што го проповедаше Евангелието на спасението. Во Севастија почивале негнилежните мошти на свети Јован Крстител. На заминување светиот Апостол сакал да ги земе светите мошти и да ги однесе во Антиохија, но тамошните христијани не дозволија да останат без таа скапоцена светиња. Дозволија да ја земе само десната рака на светиот Крстител, под која што Господ при Своето крштевање од страна на Јован ја наведнал Својата Божествена Глава. Со таквото скапоцено богатство свети Лука стигна во својот крај, на голема радост на христијаните. Од Антиохија замина дури кога стана соработник и сопатник на свети апостол Павле. Тоа се случило во времето на Второто патување на свети Павле. Тогаш свети Лука отиде со него во Грција на проповед на Евангелието. Свети Павле го остави во Македонскиот град Филипи, за тука да ја утврди и уреди Црквата. Од тоа време свети Лука остана неколку години во Македонија, и тука го проповедаше и ширеше христијанството.
Кога свети Павле при крајот на своето Трето апостолско патување повторно го посети Филипи, го испрати свети Лука во Коринт, да собира милостиња за сиромашните христијани во Палестина. Откако собра, со светиот Апостол тргна во Палестина, и попат ги посетуваше црквите кои се наоѓале на островот Архипелаг, на бреговите на Мала Азија, во Финикија и Јудеја. А кога апостол Павле беше ставен под стража во палестинскиот град Кесарија, свети Лука остана покрај него. Тој не го напушти Апостолот ни кога беше испратен во Рим, на суд кај кесарот. Заедно со апостол Павле ги поднесувал сите тешкотии при патувањето по море, подложувајќи се на големи опасности (сп. Д. А. 27 и 28 гл.).
Во Рим свети Лука исто така се наоѓаше покрај апостол Павле, и заедно со Марко, Аристарх и некои други сопатници на големиот Апостол на народите, го проповедал Христа во таа престолнина на стариот свет. Во Рим свети Лука го напишал своето Евангелие и Делата на Светите Апостоли. Во Евангелието тој го опишува животот и делувањето на Господ Исус Христос, не само врз основа на она што самиот го видел и слушнал, туку имајќи го во предвид и она што му го предале првите очевидци и служители на Словото (Лк. 1, 2). Во ова света работа свети Лука беше раководен од свети апостол Павле, и потоа го одобри светото Евангелие, напишано од свети Лука. Исто така и Делата на Светите Апостоли, како што вели црковното предание, свети Лука ги напишал со налог на свети апостол Павле.
По двогодишен затвор во оковите Римски, свети апостол Павле беше ослободен и го напушти Рим и посети некои цркви, основани од него порано. На овој пат го следеше свети Лука. Не помина многу време, а царот Нерон крена во Рим жестоко гонење против христијаните. Во тоа време апостол Павле по втор пат допатува во Рим, за со своето слово и пример да ја ободри и подржи гонетата Црква. Но, незнабошците го фатија и го фрлија во окови. Свети Лука во ова тешко време неотстапно се наоѓаше покрај својот учител. Свети апостол Павле пишува за себе како за жртва, која што веќе е на жртвеникот. Јас веќе станувам жртва, му пишува во тоа време светиот Апостол на својот ученик Тимотеј, и времето на моето заминување настапи. Потруди се да дојдеш брзо кај мене. Димас ме остави, му омиле сегашниот свет, и отиде во Солун. Крискент е во Галатија, Тит во Далмација. Само Лука е со мене (2 Тм. 4, 6, 10).
Многу е веројатно дека свети Лука бил очевидец и на маченичкиот крај на свети апостол Павле во Рим. По неговата маченичка смрт, свети Лука Го проповедал Господа Христа во Италија, Далмација, Галија, а особено во Македонија, во која и порано се беше потрудил неколку години. Покрај тоа го благовестел Господа Христа и во Ахаја.
Во својата старост свети Лука отиде да го проповеда Евангелието во Египет. При тоа таму претрпе многу маки и изврши многу подвизи. И далечната Тиваида тој ја просвети со вечната светлина на Христовото Евангелие. Во градот Александрија го ракоположи за епископ Авилиј на местото на Аниан, ракоположен од свети евангелист Марко. Откако се врати во Грција, свети Лука изгради Цркви, особено во Беотија, ракоположи свештеници и ѓакони, исцели и телесно и душевно болни.
Свети Лука имаше осумдесет и четири години кога злобните идолопоклоници го подложија на маки заради Христа и го обесија на едно маслиново дрво, во градот Тива (Теби) Беотиски. Неговото чесно тело беше погребано во Тива, главниот град на Беотија, каде од него се случуваа многу чудеса. Овие чудотворни мошти се наоѓаа тука до втората половина на четвртиот век, кога беа пренесени во Цариград, во времето на царот Констанциј, синот на Константин.
Во четвртиот век особено се прочу местото каде што почивале моштите на свети Лука, заради исцеленијата што се случувале од нив. Особено се добивале исцеленија од очни болести. Кога дозна за тоа царот Констанциј, го испрати управникот на Египет Артемиј за моштите на свети Лука да се пренесат во престолнината, и тоа беше сторено многу свечено. За време на преносот на светите мошти од морскиот брег во светиот храм, се случи вакво чудо. Некој евнух Анатолиј, кој служел во царскиот двор, бил долго болен од неизлечива болест. Тој многу пари беше потрошил по лекари, но исцеление не добил. Кога слушна дека во градот се внесуваат светите мошти на апостол Лука, од срце започна да му се моли да го исцели. Одвај стана од постелата и нареди да го одведат да го пречека ковчегот, па се поклони на светите мошти, со вера се допре до кивотот и веднаш се исцели. Тогаш го стави на своите рамења ковчегот со светите мошти и го носеше со останатите. Го внесоа во храмот на светите Апостоли, каде беа положени под светиот престол, покрај моштите на светите апостоли Андреј и Тимотеј.
Старите црковни писатели велат дека свети Лука, одзивајќи са на набожната желба на ондешните христијани, прв живописал икона на Пресвета Богородица со Богомладенецот Господ Исус на Нејзините раце, и тоа не една туку три, и ги донел на увид кај Богомајката. Откако ги разгледала, Пресветата рекла: „Благодатта на Родениот од Мене, и Мојата, нека бидат со овие икони“.
Свети Лука исто така ги живописал на даски и иконите на светите првоврховни апостоли Петар и Павле. Апостолот стави почеток и на прекрасното и богоугодно дело - живопис на свети икони во слава на Бога, на Богомајката и на сите Светии, а за благолепие на светите цркви и за спасение на верните, кои побожно ги почитуваат светите икони. Амин.
ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ СТАРЕЦ СЕРАФИМ ГЛИНСКИ (АМЕЛИН) (1874-1958)
Големиот старец Серафим бил вистински следбеник на богомудрите игумени на Глинската пустина. Всушност, нему обителта многу му должи за својот духовен расцвет и за надворешните јавни работи. Во негово време Глинската пустина се прославила со свети старци - духовни водачи на монаси и мирјани кон вечното спасение.
Од 1919 година старец Серафим низ тие вознемирувачки години ја извршувал одговорната и исклучително тешка должност на касиер, во која што се подвизувал до затворањето на манастирот, и во сите дела му бил десна рака на игуменот. За усрдното исполнување на послушанието во 1920 година е награден со награден крст. По затворањето на манастирот живеел во селото Ковенки, Шалигински реон, Курска (а по 1938 г. Сумска) област, и се занимавал со мебелна и браварска дејност.
Уште за време на револуцијата тајно примил велика схима со истото име. Откако станал великосхимник, старецот како целосно да се повлекол од надворешниот свет и се затворил во својот внатрешен, срдечен свет, наоѓајќи го Бога таму. Неговата дарба да живее во светот внатрешно, отшелнички, била поразувачка.
Старецот бил сведок на трагедијата на Глинската пустина. Тој бил очевидец на убивањето на монасите, уништувањето на скитовите, храмовите, конфискувањето на скапоценостите, осквернувањето на гробовите. Самиот преживеал прогонство, притвор, заточение, бесчестење, срамотење.
Но, Господ ги сочувал неговиот живот и здравје до длабока старост, со цел да го удостои да ја возобнови светата обител, иако не во целосен обем и во мал степен - колку големината на еден нокт, но да види, да знае, дека во неа повторно се запалиле кандила, повторно се испраќаат молитви. Сето тоа било претскажано од старец Архип пред неговата смрт во 1896 година, и предадено на ќелијникот Архистоклиј: „Ќе живеете уште многу години и ќе поднесете многу неволји, често ќе бидете затворани, но сепак ќе го завршите земниот пат во Глинскиот манастир, кој тогаш нема да биде голем како сега, а ќе стане ваков - и го посочил ноктот на својот мал прст“.
По рушењето на објектите и разграбувањето на имотот, останала незасегната само новата болница, која што била прилагодена за станбена зграда. Храмот го претвориле во клуб. А кога во 1941 година започнала војната, новите сопственици ја напуштиле територијата на манастирот. Наскоро таму се вратиле дванаесет монаси, на чело со архимандритот Нектариј, кој дотогаш живеел осамено во блиските гори и населби. Се вратиле во својот навреден, осквернет дом. Навистина, отец Нектариј наскоро тешко се разболел и по неколку месеци мирно се претставил во Господа, откако му го заветил настојателството на најстариот меѓу отците, кој на жрепка станал старец Серафим, назначен потоа во чинот игумен.
Со вера во Божјата помош и во заштитата на Закрилничката на човечкиот род, старецот го понел тој тежок товар, без никаква материјална помош однадвор. Но, заедно со малото, духовно соединето братство, тој го возобновил поранешниот општожителен устав на игуменот Филарет и строгиот монашки живот.
Со својот живот, кротоста и љубовта, старецот ги привлекувал сите кај себе. Мнозина го избирале за свој духовен отец и оделе кај него за откривање на помислите.
Прифаќајќи ја должноста на игумен, старецот ги засилил своите подвизи, се предал на големо воздржание и со солзи се молел за возобновување на духовниот живот на обителта во неговата поранешна слава. Тој го примил настојателството на 69-годишна возраст и веќе бил преполн со благодатни дарби.
Во целиот свој подвижнички живот старецот го сакал молчанието, и се занимавал со Исусовата молитва, а таа е неспоива со многусловието. По пат на тој внатрешен труд, тој достигнал до духовно безмолвие и ангелско бестрастие. Предаден до самоодрекување на грижите за благосостојбата на обителта, за спасението на доверените на негово раководство души, старецот останувал спокоен и прибран во себеси и покрај многу тешките и најразлични задачи на игумен на манастирот. Во него никогаш немало суетност и раздразливост.
Благоразумен и расудлив, тој и среде многу грижи умеел да живее како затвореник, пребивајќи во умносрдечната молитва. Таа негова непрестајна вдахновена молитва невидливо ги оградувала браќата од сите непријателски интриги.
Преку непрекинатата внатрешна борба, самопонижувањето, неволјите и најразличните искушенија, старецот добил голема дарба - љубов кон Бога и ближните, која горела во неговата душа како силен оган. Со браќата се однесувал како со свои родени деца. Стапувал во разговор и тоа многу ретко, само од љубов кон нив, и при тоа раговарал само за работата над умот и срцето. Ги учел браќата да живеат во благочестие, да не ја вршат својата волја, а да имаат целосно послушание. Секогаш поучувал кратко, точно и јасно. Неговите беседи биле длабоко поучни и се одликувале со голема точност, бидејќи неговиот ум, просветен со благодатта, јасно ги разбирал Божјите вистини. Тој со сета своја душа ги сакал тие вистини. Кога зборувал за нив, зборовите му се излевале од срцето и проникнувале во срцата на неговите собеседници и секогаш биле делотворни и плодоносни.
Старецот ја поседувал во целата нејзина полнота дарбата да ги гледа тајните на човечките души. Дојдените кај него јасно гледале дека сите нивни мисли и чувства се откриени пред него, и без зборови чувствувале тесен духовен контакт со него. Кога во последните години од својот живот боледувал и му било тешко да зборува, по неговите свети молитви мнозина, само откако ќе постоеле малку во неговата ќелија, дури без да изустат ниту збор, добивале благодатни дарови и си заминувале утешени, со исцелени души. Не случајно посетителите, кои се обидувале да влезат кај него, кога бил болен, го уверувале ќелијникот дека нема да прозборат ниту збор, нема да го беспокојат игуменот со своите прашања, се стремеле само да постојат макар на кратко крај благодатниот старец. Во негова близина одлетувало, исчезнувало сѐ непотребно, суетно, внесено однадвор.
Човекот станува самиот себе си и ја добива ретката можност да се види некако од страна, онаков каков што е. Секој сам си ги чувствувал своите гревови и неволно стигнувал до искрено покајание. И токму тогаш старецот произнесувал неколку збора, за полза на душата. Човекот ги чувал тие зборови како скапоцено богатство, без да ги заборави целиот свој живот, благодарејќи Му на Бога за нив.
Живеејќи во својата ќелија во молитва, старецот секогаш знаел сѐ што се случува во манастирот. Пред неговите опитни очи биле откриени сите духовни потреби на браќата. На пример, еднаш неочекувано повикал во својата ќелија еден млад ревносен монах, кој започнал толку засилено да пости, што дури се раболел. Било за време на Петровиот пост, а игуменот му наполнил полна чаша кефир и му наредил да ја испие. Заради послушанието монахот ја испил, иако никогаш во животот не го нарушил постот. Тогаш отец Серафим му рекол: „Не оди во крајност“. Тој мудро ги запирал младите подвижници од прекумерните подвизи.
Смирението било доминантниот квалитет на неговата душа. Тоа се манифестирало во сѐ - и во надворешниот изглед и во внатрешните постапки. Дури големата схима старецот ја носел тајно - не само во документите, што ги потпишувал во врска со манастирските дела, но и во своето службено досие никаде не посочувал дека е великосхимник. Со своето смирение ги поразувал сите, дури и оние незадоволните, правел забелешки со кротост, но во случај на неопходност можел и самиот да ги смири со своето кротко слово луѓето кои имале високо мислење за себе. Со тоа манифестирал духовно милосрдие кон својот ближен. На бирото во неговата ќелија секогаш имало белешка со мислите на еден Киево Печерски подвижник: „Ако си постник и живееш без сон, но не си го поднел опсипувањето со прекори, не ќе го видиш спасението. Пијте ги прекорите и навредите како вода“.
Но, особена карактеристична црта на духовноста на старец Серафим било неговото миротворство. Таа дарба започнала да се манифестира уште во неговите млади години, но сега се открила во нејзината целосна полнота. Старецот го предавал внатрешниот мир, мирот Христов, кој царувал во неговата смиреномудра душа, на сите наоколу, и преку мирот и љубовта обединувал најразлични луѓе. Не случајно, преку целото време на неговото игуменство на обителта, била исполнет со духовен мир и тишина. Тоа било забележано не само од браќата, но и од многубројните поклоници, кои ја посетувале Глинската пустина.
Со примерот на целиот свој живот отец Серафим учел дека Христовиот мир се наоѓа многу близу, тој може да биде придобиен преку вера, добродетелен живот и преку Православната Црква. Кога на богослужението старец Серафим го произнесувал краткиот но благодатен возглас: „Мир на сите“, тие зборови, проникнувајќи во душите на оние што се молат, не само што потпомагале за нивниот духовен препород, туку и го влевале во срцата на Христовите следбеници благодатниот оган на љубовта, кој во свое време, преку своите носители се излевал врз сите нивни роднини и пријатели. На луѓето им било откривано дека Православната Црква не само што го чува Божјото наследство на Христовиот мир, но и непрестајно го раздава на верните чеда, за нивно спасение.
Богослужението, извршувано од старецот, имало исклучителна благодатна сила. Со својата благоговејност, красота, духовност и величие, тоа ја вознемирувало човечката душа, ја привлекувало кон небото.
Старецот како сиот да се растопувал во молитвата. Молитвата го пренесувала во надземното, го правела жител на друг свет. Понекогаш само од еден поглед кон ангелоподобниот лик на старецот, во душата на човекот настанувал морален пресврт.
Уште додека беше жив, Господ го прослави својот угодник со очигледни чудеса. На пример, ретко имало ден во кој старецот нема да ги обиколел сите послушанија. Тој се движел низ манастирот, но на секого не му било дадено да го види. Тоа им се откривало само на духовните старци. Старците му се поклонувале длабоко, а младите монаси ги прашувале на кого се поклонуваат. Тие со благоговение одговорале: „Отецот игумен помина!“ Дури големите глински старци се учеле од него, а познатиот по својот свет живот архимандрит Андроник (Лукаш), пред него имал големо стравопочитување и бил негов ќелијник.
Старецот го поседувал и дарот на прозорливоста. Во последната година, збогувајќи се со некои блиски, веќе предупредувал дека засекогаш се разделуваат. Чувствувајќи ја близината на својот крај, тој многу бил загрижен за манастирското братство, барал приемник, го повикувал архимандрит Зиновиј (подоцна Тетрицкаројски митрополит) да го завземе неговото место.
Во денот на споменот на големите Московски Светители, на 18 октомври 1958 година, старецот ги свикал браќата, им дал последна поука, ги благословил сите и со мир отишол при Господа, држејќи го во своите раце светиот крст.
ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ПЕТАР ПРВИ, митрополитот Цетински
Роден е на 1 април 1749 година во селото Његош. Стапил во монашкиот чин во својата дванаесетта година. По смртта на митрополитот Сава во 1782 година, Петар станал митрополит и господар на Црна Гора. Сиот свој живот, витешки и свет, овој славен маж го посветил на својот народ. Внатре работел со сета сила да ги помири раскараните племиња, а однадвор да ја одбрани земјата и народот од грабливите напаѓачи. Успеал и во едната и во другата работа. Се прославил посебно со победата над Наполеоновата војска во Бока и во Далмација. Кон себеси бил суров, а кон секој друг бил праведен и милостив. Живеел во една тесна ќелија како прост монах, иако бил кнез на еден народ. Се упокоил на 18 октомври 1830 година. Неговите чудотворни мошти почиваат негнилежни во Цетинскиот манастир. Господ го прославил и на небесата и на земјата, како верен и трпелив Свој слуга.
ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЈУЛИЈАН ПУСТИНИКОТ
Преподобниот Јулијан се родил од непознати и небогати родители. Во младоста не се здобил со образование, но стекнал вистинско познание на верата Христова. Како полнолетен, Јулијан се повлече од светот и се насели во една пештера во Партанската пустина. Тука се трудеше да ги заузда сите свои житејски желби и да се издигне над сѐ минливо и гнилежно. Поради тоа само еднаш неделно земаше леб со сол и вода. Неговата радост и духовна храна беа псалмите на светиот пророк и цар Давид, и непрекинатото размислување и молитвениот разговор со Бога.
Како што не може да се сокрие светилник поставен на врв планина, така и праведниот живот на светителот не можеше да се сокрие од луѓето. Гласот за него брзо стигна до ушите човечки и околу него набрзо се собраа многу луѓе, со желба својот живот да го поминат под неговото духовно раководство. Откако измолија дозвола од светиот отец, тие си изградија колиби околу неговата пештера, се населија во нив, и започнаа да се подвизуваат под раководството на богомудриот наставник. Но, свети Јулијан не остана долго со нив. Желен за живот во потполна осаменост и молитви, тој ги остави браќата и се повлече педесет и пет километри длабоко во пустината. Таму водеше живот во потполно осаменичко молитвено тихување и само понекогаш ги посетуваше браќата заради поуки.
Еднаш, по една таква посета на браќата, едно момче Астериј започна да го моли преподобниот да го поведе со себе во пустината. Желбата на момчето ги надминуваше неговите сили, бидејќи беше одгледано во нега, и преподобниот на почетокот го одвраќаше од тешкото патување, каде што дури нема ни вода. Но, на неговите сесрдни молби, го поведе. Астериј со радост одеше по старецот. Сепак, по три дена ослабе и започна да малаксува. Најпосле, сиот истоштен, го молеше светиот старец да се сожали на него и да му ги олесни маките. Старецот му даде благослов да се врати назад, но Астериј беше толку исцрпен, што не можеше повеќе ни да оди. Покрај тоа не знаеше ни како сам да се врати назад. Тогаш човекот Божји, трогнат од страдањето на својот сопатник, ги преклони колената и толку сесрдно се молеше на Бога за него, што земјата ја ороси со солзи. Молитвата на светиот угодник беше услишана. Од земјата оросена со неговите солзи, бликна извор на студена вода.
Треба да ја спомнеме и кроткоста на угодникот Божји. Еднаш овој исти ученик Астериј, кој со текот на времето самиот стана подвижник и раководител на други, а кој често го посетувал својот сакан учител, тргна да го посети. Во знак на љубов му однесе на подарок голема вреќа со смокви, многу тешка, која цели седум дена ја носел низ пустината. Поматен и нажален зошто толку да се мачи поради него, свети Јулијан одби да го прими подарокот. Но, кога Астериј започна да го убедува дека нема од своите плеќи да го симне товарот додека не се согласи да го прими, преподобниот се согласи, иако со тешко срце, да употреби храна стекната со туѓ труд. Ја прими таа услуга, трогнат од искрената љубов на својот ученик. Тој му рече:
- Ќе го исполнам твоето барање, само што побргу симни го товарот од себе.
За време на војната на царот Јулијан Отстапник со Персијците, многу христијани го молеа преподобниот, како верен слуга Божји, да се моли на Бога да го отстрани овој христијански непријател. Светиот десет дена се молеше на Бога да ги ослободи христијаните од овој лош мачител, и најпосле чу глас од небото:
- Нечистото и одвратно животно загина.
Откако ја заврши молитвата, радосен се врати кај браќата. Прашан за причината, преподобниот одговори:
- Браќа, сега е време на благодушност и радост, зашто исчезна безбожникот. Се крена против Бога, но го стигна заслужената казна. Се радувам што гледам дека Црквата, која тој ја гонеше триумфира, и што тој не доби помош од демоните на кои што им служеше.
Многу труд вложи преподобниот Јулијан и во борбата против аријанската ерес. Љубителот на пустинското безмолвие ја остави пустината, за да сведочи за Вистината. Аријанците, за да добијат што повеќе приврзаници, беа пуштиле глас низ Антиохија дека преподобниот Јулијан е приврзаник на нивното учење. Известени за тоа, светителовите ученици Акакиј и Астериј побрзаа да го повикаат да им помогне на православните. Тие му раскажаа сѐ што трпат од аријанците и светиот старец веднаш се упати кон Антиохија. По пат, за да одмори се задржа во едно село, во домот на една побожна жена, која имаше седумгодишен син. За време на вечерата нејзиниот син незабележително излезе од домот и од невнимание падна во бунар. Побожната жена ни најмалку не се вознемири поради тоа, туку нареди да се затвори бунарот а самата продолжи да служи на трпезата. Нејзината вера беше голема. Веруваше дека во нејзиниот дом не може да се случи несреќа, додека во него се наоѓа познатиот молитвеник и чудотворец. И Господ ѝ даде според верата нејзина. Кога светиот старец праша за нејзиното дете, таа одговори:
- Ништо не му е. Ене го лежи.
Светителот побара детето да дојде кај него за благослов. Тогаш домаќинката му раскажа што се случило. Старецот веднаш излезе, го тргна капакот од бунарот и го виде детето на површината на водата, потполно здраво. Кога го извадија го прашаа што се случило со него во бунарот, и тоа одговори:
- Ништо лошо не ми се случи, бидејќи светиот старец ме држеше над водата и не дозволи да се удавам.
Од таму преподобниот отиде во Антиохија и се насели во пештерата, во која некогаш се криел свети апостол Павле. Многу народ се собра околу пештерата да добие благослов од светиот старец, но тој имаше треска и лежеше онесвестен. Кога си дојде на себе се помоли на Господа и веднаш болеста го остави. Тогаш излезе пред насобраниот народ и смирено рече:
- Ако ви користи мојот благослов, Бог нека ви го даде!
Додека престојуваше тука, светиот подвижник ги исцелуваше верните од разните телесни болести, а исто така и од душевните. Така клеветниците еретици беа изобличени и посрамени, а приврзаниците на Вистината утешени и радосни. Еднаш еден болен само се допре до крајот од облеката негова и веднаш стана и тргна по него, како исцелениот сакат по Петар и Јован (сп. Д. А. 3, 1-11). Заедно со тоа преподобниот му подари на овој човек и душевно здравје. Го утврди во православната вера.
Потоа се врати во својата пустина и поживеа таму до длабока старост, па мирно отиде кај Господа.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МАРИН СТАРЕЦОТ
Старецот Марин пострада за Христа во Аназарв Киликиски, во времето на царот Диоклецијан. Тој немилосрдно беше мичен, тепан со стапови, горен во оган, затворан во темници, и најпосле посечен со меч.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ДАВИД
Беше ученик на преподобниот Пафнутиј Боровски, и оснивач на Вознесенската Давидова пустина во Московската епархија. Се претставил во 1520 година. Неговите свети мошти почиваат во неговиот манастир.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЧЕТИРИЕСЕТ ДЕЦА
Овие свети деца пострадаа за Господа Христа обезглавени со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ГАВРИЛ и КЕРМИДОЛ (КРЕМИДОЛ)
Овие свети маченици пострадаа за верата Христова во Египет, во времето на султанот Сулејман во 1522 година. Беа родум од Египет. И двајцата живееја во побожност. Наклеветени од египетските муслимани дека ја навредуваат џамијата, беа фатени и принудувани да се одречат од христијанската вера. Но, тие ни најмалку не се поколебаа и затоа беа погубени. Кермидол (или Кремидол) бил со меч прободен во градите, ослепен и со камен пресечен на два дела. А пак Гаврил го прободеа со меч во рамењата и потоа му ја отсекоа главата. (Страдањето им е напишано опширно во „Неон Еклогион“. Постои и нивна служба во Патријаршиската библиотека во Александрија, ракопис бр. 379).
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК МНАСОН, епископот Кипарски
Свети Мнасон беше епископ Кипарски; пострада за Господа посечен со меч.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ НАШИ ОТЦИ: СИМЕОН и ТЕОДОР и преподобна ЕФРОСИНИЈА
Свети Симеон и Теодор беа ктитори на прекрасниот манастир „Мега Спилеон“ (Голема Пештера), кај местото Калаврит на Пелопонез. Преподобно поживеаја и мирно се упокоија во првите векови. А пак преподобна Ефросинија беше онаа што ја најде иконата на Пресвета Богородица, која до денес се чува во манастирот Голема Пештера, а ја иконописал Свети Апостол Лука. Служба им е отпечатена во Венеција во 1706 година, и во Атина 1840 и 1911 година.