1. Ноември   (19. Октомври)

СПОМЕН НА СВЕТИ ПРОРОК ЈОИЛ

Свети пророк Јоил беше од коленото Рувимово, син Ватуилов, од селото Метомор. Втор по ред од малите пророци. Живеел 800 години пред Христа. Ја пророкувал бедата на родот Израилски и ропството Вавилонско за гревовите извршени пред Господа. Го повикувал народот на пост и свештениците на покајни плачни молитви, за да се смилостиви Бог.

„Трубете во труба на Сион, наредете пост; соберете го народот, осветете го собирот, соберете ги старците, соберете ги децата и доенчињата. Нека плачат свештениците, слугите Господови, и нека речат: Смилувај се Господи, над народот Свој, не предавај го наследството Свое на срам“ (Јоил 2, 15.16. 17). Свети Јоил го прорекол и слегувањето на Светиот Дух над Апостолите и излевањето на благодатта на Духот Божји над сите христијани. Го прорекол и опишал Страшниот Суд Божји. Ја прорекол и славата на светата Црква Божја. Вака тој пророкува во името Божјо:

„И, ете, потоа ќе излеам од Мојот Дух врз секое тело, и синовите ваши и ќерките ваши ќе пророкуваат; старците ваши ќе сонуваат соништа и младите ваши ќе гледаат виденија. И врз слугите и слугинките во оние денови ќе излеам од Мојот Дух. И ќе покажам знаци на небото и на земјата: крв, оган и чад. Сонцето ќе се претвори во темнина и месечината во крв, пред да дојде големиот и страшен ден Господов. Тогаш секој, кој ќе го повикува името Господово, ќе се спаси: бидејќи на гората Сион и во Ерусалим ќе биде спасението, како што вели Господ, а меѓу преживеаните ќе бидат оние што ќе ги повика Господ“ (Јоил 2, 28,-32; 3, 1-4; Д. А. 2, 17, Мт. 24, 29; Рм. 10, 13).

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК УАР (ВАР), со него СЕДУМ УЧИТЕЛИ ХРИСТИЈАНСКИ, и спомен на блажената КЛЕОПАТРА и нејзиниот син ЈОВАН

За време на царувањето на незнабожниот римски цар Максимијан во Александрија, главниот град на Египет, живееше еден храбар војник на име Уар, (или Вар), кој тајно Му служеше на небесниот Бог. Од страв од беззаконите идолопоклоници, тој некое време ја криеше својата вера во вистинскиот Бог, која потоа ја обелодени и на земјата и на небото, кога заради Христа стана „глетка за светот - на ангелите и на луѓето“ (Кор. 4, 9).

Во тоа време Максимијан крена гонење против христијаните и во сите земји на своето царство испрати наредба да се убиваат христијаните, кои не сакаат да им принесат жртви на боговите. Таквата наредба стигна и во Египет, и христијанската крв започна немилосрдно да се пролева, зашто сите кои Му служеа на Творецот а не на тварта, беа ставани на најразлични мачења. Потајниот христијанин Уар ноќе тајно ги посетуваше темниците и со злато ги поткупуваше стражарите, та тие го пуштаа кај затворениците. Тој ги целиваше нивните окови, им ја бришеше крвта, им ги превиваше раните, им носеше храна и ги молеше да му измолат милост во Господа.

Еднаш беа фатени седум христијански учители, кои се криеја по пустините, и беа доведени кај царскиот намесник на Египет. Кога намесникот ги испраша и виде дека се цврсти во верата, ги подложи на многу мачења и оковани ги фрли во темница. Тогаш Уар, по својот обичај побрза ноќе кон темницата, ги поткупи стражарите и влезе кај светите затвореници. Им ги симна оковите од рацете и кладите од нозете, им даде храна, бидејќи тие цели осум дена немаа јадено ништо, им ги целиваше нозете, ги величаше нивните страдања и говореше: „Блажени сте вие, добри и верни слуги Господови, ќе влезете во радоста на својот Господ, зашто стоите за него до крв“. (Евр. 12, 4у. Блажени сте вие, прекрасни подвижници, за вас на небото се плетат венци од раката на Севишниот, бидејќи со трпеливост брзате кон претстојната битка (сп. Евр. 12, 4). И сигурно знам дека утре ќе ги завршите своите страдања. Блажени сте вие, страдалници Христови, вам ви е отворено Небесното Царство, бидејќи вие страдате со Христос, Кој пострадал за нас; а кога страдате со Него, со Него и ќе се прославите (сп. Рм. 8, 17). Ве молам, свети угодници Божји, помолете се за мене на Владиката Христос, да биде милостив кон мене. И јас би сакал да пострадам за Него, но немам доволно сили за тоа. Се плашам од страотните маки што ги гледам на вас.

Светите страдалници одговорија:

- Мил наш Уаре, плашливиот не може да достигне совршенство. Никој не ќе жнее ако не посее. Никој не добива венец ако не пострада. Сети се на зборовите од Евангелието: „Кој ќе се одрече од мене пред луѓето, и Јас ќе се одречем од него пред Мојот Отец, Кој е на небесата“ (Мт. 10, 33). Ако се плашиш од привремените маки, нема да ги одбегнеш вечните. Ако се плашиш да Го исповедаш Христа на земјата, нема да се насладуваш на гледањето на Неговото лице на небото. Затоа ајде, брате, тргни со нас по патот на мачеништвото кон Господа, Кој ги гледа нашите подвизи. Пострадај заедно со нас. Ваква дружина наскоро нема да најдеш.

Додека светите страдалници го зборуваа тоа, во срцето на Уар се разгоруваше љубовта кон Бога, и тој почувствува во себе сила да го претрпе секое страдање за Господа Христа. Ноќта ја помина во темницата со светите маченици, слушајќи ги нивните поуки со наслада. Кога осамна, дојдоа намесниковите слуги да ги водат мачениците на суд, и меѓу нив го најдоа и Уар како со умиление ги слуша. Зачудени, слугите му рекоа:

- Што правиш ти овде, Уаре? Да не си полудел и ти, измамен од басните на овие лоши луѓе? Зарем не се плашиш дека ќе ги изгубиш не само војничкиот чин туку и животот?

Уар одговори:

- Кој од вас ќе ме обвини кај намесникот? Та вие сте мои другари. А и да ме обвините, јас сум подготвен да умрам за Христа, заедно со христијаните.

Слугите замолкнаа, ги поведоа шесте маченика, а седмиот, изнемоштен од раните, остана во темницата и отиде кај Господа, отстапувајќи му место на Уар.

Кога светите страдалници оковани беа доведени пред намесникот, кој гордо и арогантно седеше на судискиот трон, тој започна да ги приморува да им принесат жртва на идолите. Бидејќи одбија, нареди да ги соблечат и безмилосно да ги тепаат по поранешните рани. Новите рани нанесувани врз старите додаваа болка врз болка, но светите страдалници трпеа и само повторуваа: христијани сме.

Потоа намесникот погледна во нив и праша:

- Зарем не бевте седуммина? Сега сте шест. Каде е седмиот?

Само што го изговори тоа, свети Уар, кој беше дошол таму, со божествена ревност застана во средината и рече:

- Еве, јас сум седмиот. Еден веќе го заврши својот подвиг и излезе пред Христа, а мене ми ги остави неговите страдања. Затоа, тоа што ти го должи тој, јас ќе го наплатам. Сакам наместо него заедно со овие прекрасни страдалници да пострадам за Христа, бидејќи сум христијанин.

Намесникот ги праша оние во близина за него, а тие му рекоа:

- Тој е војникот Уар, старешината на Тианинската чета. Намесникот се зачуди и му рече:

- Кој ѓавол те натера да се фрлиш во очигледна смрт? Та ќе ја изгубиш војничката чест, ќе ти се одземе сѐ, и животот ќе ти биде подложен на многу страдања!

Блажениот Уар одговори:

- Лебот, кој дојде од небото, и Божествената чаша на сескапоцената Крв на мојот Господ, јас ги претпочитам пред твоите почести. Мене ништо не ми е помило од мојот Христос. Без Него не ми се мили ни честа ваша, ни чинот мој, ни големите удобности, ни животот. Чест за мене е да се страда за Христа. Добивка за мене е да се биде лишен од сѐ заради Христа. За мене живот е да се умре за Христа.

Тогаш намесникот погледна бесно во шесте маченици и рече:

- Тоа е ваше дело, безбожни измамници! Вие го заведовте овој царски војник! Вие го залудивте со вашите маѓии! Еве, ви се колнам во моите големи богови! Прво вас ќе ве погубам и ќе ви се осветам што хулите на нашите богови. Вие сте недостојни да останете меѓу живите, бидејќи хулите на бесмртните богови, и други со некакво заводништво наведувате на тоа исто зло!

Светите маченици одговорија:

- Ние не го заведовме Уар, туку го избавивме од заведеноста. Ние не го залудивме туку го вразумивме. Бог му даде сили на јунаштво за подвиг, за заедно со нас да ја победи вашата и немоќната сила на вашите богови. Причекај малку, па ќе го видиш неговото јунаштво во служењето на Христа, зашто ние го вброивме во ангелската војска. Ти се фалиш со тоа што ќе нѐ погубиш. А нам токму тоа и ни е потребно: главите свои да ги положиме за Господ, Богот на сите луѓе и сите твари.

Намесникот на тоа рече:

- Веднаш вашите тела ќе ги искинам на парчиња, ако не им се поклоните на боговите Египетски.

Светите страдалници одговорија:

- Боговите, кои не ги створиле небото и земјата нека исчезнат (Ерем. 10,11).

А блажениот Уар, сакајќи уште повеќе да го разгневи намесникот, му рече:

- Зошто ги задеваш светителите, зборувајќи им безумни и некорисни зборови. Безумникот зборува глупости, вели пророк Исаија (Ис, 32, 6). Ете, нивните тела лежат пред тебе положени. Прави што сакаш.

Намесникот се разлути и нареди Уар гол да го обесат на дрво за да го мачат, а на светите страдалници им рече:

- Сега ќе видиме кој кого ќе победи! Или вие нас примајќи маки, или ние вас задавајќи ви маки. Се колнам, ако нѐ победите со вашето трпение, јас ќе се одречам од моите богови и ќе започнам да верувам во вашиот Христос.

Светите одговорија:

- Испробај ја својата сила на еден од нас, па ако победиш еден, тогаш можеш да се надеваш дека ќе ги победиш и останатите.

Започнувајќи да страда, свети Уар им рече на светите:

- Свети страдалници, благословете ме мене, вашиот слуга, да се удостојам на вашиот удел. Помолете се за мене на Господ Христос да ми подари трпение, зашто Бог ја знае природата наша.

Светите ги кренаа очите кон небото и сесрдно се молеа за Уар, кого слугите започнаа да го тепаат со стапови. Додека го тепаа, намесникот му рече:

- Кажи сега, Уаре, каква ти е користа од твојот Христос?

Уар јуначки одговори:

- Неспоредливо поголема отколку твојата од демоните.

Светите маченици го бодреа и му довикуваа:

- Биди храбар Уаре, биди цврст, ете Христос стои крај тебе и невидливо те крепи.

Уар одговори:

- Навистина почувствував помош од мојот Господ, бидејќи маките не ми претставуваат ништо.

Тогаш мачителите започнаа со железни нокти да му ги стругаат градите. Потоа го обесија со главата надолу, телото му го приковаа за дрвото со клинци, па му ја одраа кожата од грбот, со бричеви му го режеа телото, а по стомакот го тепаа со врзопен стап, сѐ додека утробата не му испадна на земјата. Кога светите маченици видоа како му се истури утробата, горко заплакаа. Мачителот ги виде како плачат и на сиот глас викна:

- Ете, победени сте! Ете, изнемоштевте! Ете, плачете од страв од маките! И што уште ви е потребно за да дознаете дека Христос не може да ве избави од нашите раце? Сега не ви преостанува ништо друго, освен да им се поклоните на нашите богови!

Светите му одговорија:

- Ѕверу! Ние не сме победени, туку напротив, победуваме со Исуса, Кој ни помага. Ние заплакавме од љубов кон братот, кого ти нечовечки го мачиш! А во душата се радуваме додека гледаме дека венецот е подготвен за прекрасниот страдалник.

Тогаш намесникот нареди да ги водат во темницата. А Уар, висејќи на дрвото и мачен, викна кон своите учители:

- За последен пат помолете се на Христа за мене, зашто веќе заминувам од телото. Ви благодарам што ме приведовте во вечниот живот.

Мачен околу пет часа, во таквите маки ја предаде својата чесна и света душа во рацете на Господа!. Мачителите, мислејќи дека е сѐ уште жив, го тепаа и мачеа неговото тело. Кога забележаа дека починал го симнаа од дрвото и со наредба на намесникот го одвлекоа надвор од градот, каде што се фрлаат лешевите на животните.

А пак една побожна вдовица, на име Клеопатра, родум од Палестина, на која што ѝ умре мажот, војсководец во Египет, и која имаше мал син Јован, со тага оддалеку го набљудуваше страдањето на свети Уар. Таа ноќе го зеде неговото свето тело, го однесе во својот дом, ископа гроб во спалната и го положи таму.

Наредниот ден намесникот ги изведе останатите маченици. Откако долго ги мачеше ги обезглави и телата им ги фрли надвор од градот. И нивните тела, исто така ноќе, некои потајни христијани ги зедоа и ги погребаа. Клеопатра секој ден палеше свеќи на гробот на свети Уар и кадеше, почитувајќи го како свој голем заштитник и посредник пред Бога. А кога изминаа неколку години и гонењето стивна, Клеопатра намисли да се врати во својот крај. Таа долго размислуваше како да ги однесе со себе и моштите на свети Уар. Најпосле подготви скапоцен подарок, и преку посредник му се обрати на намесникот, со ваква молба:

- Мојот сопруг беше војсководец, и умре овде на царската служба. Тој сѐ уште конечно не е погребан, бидејќи е невозможно во туѓина да се погребе како што му доликува на така важен војсководец. Јас пак, сакам да се вратам во својата татковина кај своите роднини. Затоа дозволете ми, господине мој, со себе да ги понесам и посмртните останки од мојот сакан сопруг, та со почести да ги погребам во мојот крај, во гробницата на моите предци, бидејќи не сакам и по смртта да бидам разделена од него.

Оваа жена постапи така бидејќи знаеше дека ако христијаните дознаат дека ќе ги однесе моштите од градот, ќе ја спречат во тоа. Откако го доби подарокот намесникот ѝ ја исполни молбата. Таа го однесе светото тело од Египет во Палестина и го погреба кај своите предци, во местото викано Едра, во близина на Тавор. Секој ден одеше на гробот, кадеше и палеше свеќи. И тамошните христијани започнаа заедно со неа да одат на гробот на светиот маченик и да ги носат своите болни, кои по неговите молитви добиваа исцеленија. И се разнесе глас за тоа по сите околни места и сите христијани со вера доаѓаа.

Тогаш Клеопатра реши да изгради храм кај гробот, во име на свети Уар. Во тоа време нејзиниот син Јован наполни седумнаесет години и таа се трудеше да му обезбеди место во царската војска; со помош на некои посредници издејствува кај царот почесна должност во војската за својот син, и тој доби војнички појас, знак на военото старешинство. Тогаш Клеопатра рече:

- Мојот син нема да стапи на служба во царската војска, додека не се заврши градбата на домот Божји, бидејќа сакам тој заедно со мене да го понесе одарот на светиот маченик, па потоа нека ја изврши царската наредба.

Кога заврши градбата, Клеопатра повика епископи, свештеници и монаси, и откако ги извадија од гробот чесните мошти, ги положија на скапоцен одар, а преку нив ги ставија појасот и војничката облека што требаше да ги облече нејзиниот син, за да се осветат од нив. Таа сесрдно го молеше светиот маченик да му биде помошник на нејзиниот син, кого што го благословија сите епископи и свештеници. А се собраа тука и многу христијани, и го понесоа одарот кон црквата. Моштите ги носеа и Клеопатра со синот. И откако црквата беше осветена, ги положија моштите под светиот престол, на кој започна да се врши Божествена Литургија. Клеопатра се поклони пред одарот, и се молеше, говорејќи:

- Те молам, страдалниче Христов, измоли го од Бога она што ќе Му биде угодно Нему и е корисно за мене и мојот син единец. Не се смелувам да барам ништо повеќе од тоа што самиот Господ го сака. Господ знае што нам ни е потребно, и нека се извршува над нас Неговата блага и совршена волја.

По завршувањето на светата служба, Клеопатра приреди богата трпеза за присутните и лично заедно со синот ги служеше гостите. Но, Јован додека служеше ненадејно се разболе, па отиде и легна на постелата. Кога гостите се разотидоа Клеопатра започна да го повикува, за заедно со неа да седне на трпезата и да каснат од тоа што останало, но Јован не можеше ни збор да проговори. Сиот гореше од температура. Кога виде дека синот ѝ се разболел, мајката рече:

- Во името на Господа, нема да ставам ништо во мене, додека не видам што ќе се случи со син ми.

И започна на сите можни начини да се труди да му ја смали температурата. Срцето ѝ се кинеше од болка за својот единец. Момчето на полноќ почина и ја остави мајката во неутешна болка. Горко плачејќи, таа отрча во храмот на свети Уар, падна пред неговиот гроб и лелекаше:

- О, угодниче Божји! Така ли ми возвраќаш за огромниот труд што го вложив за тебе? Таква ли помош ми укажуваш мене, која својот маж го занемарив заради тебе, и сета своја надеж ја полагав во тебе? Го усмрти мојот син единец, ја погуби мојата надеж, ми ја одзеде светлината на очите. Кој ќе ме гледа во староста? Кој на умирање очите ќе ми ги затвори? Кој ќе ми го погребе телото? Подобро јас да умрев, отколку да го гледам мојот мил син мртов. И мене веднаш земи ме. Повеќе не можам да живеам.

Додека таа така плачеше и лелекаше крај гробот на светителот, од премореност и тага заспа. Во сонот ѝ се јави свети Уар, држејќи го за рака нејзиниот син. И двајцата блескале посилно од сонцето, и облеката им била бела како снег. Биле опашани со златни појаси, а на главите имале венци со неискажана убавина. Блажената Клеопатра се фрлила пред нивните нозе, но свети Уар ја подигнал и ѝ рекол:

- О, жено, зошто се жалиш од мене? Зарем сум ги заборавил услугите што ми ги стори? Или мислиш дека не чувствував кога го зеде моето тело од кај лешевите на животните и го положи во својата спална соба? Зарем не ги чувам насекаде твоите молитви? Не се молам ли на Бога за тебе? Пред сѐ, јас Го умолив Бога за твоите роднини, крај кои ме положи во гробот, да им бидат отпуштени гревовите. Потоа го зедов синот твој во војските на Небесниот Цар. Зарем самата не ме молеше да го измолам за тебе од Бога тоа што ќе Му биде угодно Нему и ќе биде корисно за тебе и за твојот син? И јас Го молев благиот Бог, и Бог, според својата неискажана благост, благоволи да го прими твојот син во Својата небесна војска. И ете, како што гледаш, тој сега е еден од оние што стојат пред престолот Божји. Ако сакаш земи го назад и испрати го во служба на земниот цар, бидејќи не сакаш да му служи на Небесниот и Вечен Цар.

Но, момчето го прегрнало свети Уар и му рекло:

- Не, господине мој! Немој да ја послушаш мајка ми! Не давај ме во светот, полн со неправди и беззаконија, од кој што се избавив со твоето застапување. Не лишувај ме, оче, од заедницата со тебе и со светиите.

Потоа, обраќајќи се кон мајка си, рекло:

- Зошто така плачеш мајко? Јас сум вброен во војската на Царот Христос, и ми е дадено со Ангелите на небото да стојам пред Него, а ти сакаш од царството да ме фрлиш во сиромаштија.

Кога виде дека нејзиниот син е облечен во ангелски чин, блажената Клеопатра рече:

- Земете ме и мене, за и јас да бидам со вас.

Но, свети Уар ѝ рече:

- И кога си на земјата ти секогаш си со нас. Оди си со мир. По извесно време, кога Господ ќе нареди, ќе дојдеме да те земеме.

Откако го рекле тоа, станале невидливи.

Кога си дојде на себе, таа го најде своето срце преполно со неискажлива радост и им го раскажа на свештениците своето видение. Заедно со нив таа чесно го погреба сина си крај гробот на свети Уар, без да плаче, туку со радост и веселба во Господа. Потоа го раздаде сиот свој имот на неволните, се одрече од светот и живееше при црквата на свети Уар, служејќи Му на Господа и ден и ноќ, во пост и молитви. И секоја недела, за време на молитвата, ѝ се јавуваше свети Уар со нејзиниот син во голема слава. Во таквите подвизи помина седум години и се претстави кај Господа. Нејзиното тело беше положено во црквата на свети Уар, близу нејзиниот син Јован, а нејзината света душа, заедно со свети Уар и Јован, весело стои на небесата пред Бога, Кому слава низ сите векови. Амин.

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ПРОХОР ПЧИНСКИ, мироточивиот Чудотворец

Нашиот македонски светител, преподобниот и богоносен отец Прохор Пчински, подвизувајќи се во добар подвиг во Нагоричанската и Козјачката пустина, му беше јавен на светот како светило, за време на царувањето на благочестивиот цар Диоген, кој царувал од 1067 до 1071 година. Родителите му се викаа Јован и Ана. Тие побожно живееја во едно село во Овчеполскиот крај на Скопската област. Беа тажни луѓе, бидејќи немаа деца. Горејќи од желба за чедо, сесрдно Му принесуваа топли молитви на Бога и многу милостиња даваа на сиромашните и црквите. И Господ погледна на нивните молитви и милостињата, и им подари утеха и голема радост. Ана зачна во староста и роди син, кој на крштението го доби името Прохор. Кога наполни осум години, родителите го дадоа да се школува. Просветуван со Духот Божји, Прохор многу напредуваше во учењето и со тоа многу ги радуваше своите благочестиви родители.

Кога ја изучи книжевната мудрост подобро од своите врсници и стана полнолетен, родителите намислија да го оженат својот единец, за да добијат наследници. Но, преподобниот не сакаше да се окова со светските окови, бидејќи душата го влечеше кон небесното и неговото срце Го љубеше Бога над сите световни убавини и задоволства. Горејќи со огнена љубов кон Господа, тој чезнееше деноноќно да Му служи со умот и срцето, со духот и телото. Затоа ја сакаше црквата и нејзините богослужења, и секој ден одеше во неа на молитва. Тоа беше најслатката храна за неговата побожна душа. Слушајќи ги зборовите на Господа Христа во Евангелието: „Кој сака мајка или татко повеќе од Мене не е достоен за Мене; и кој Ме љуби нека го земе крстот свој и нека оди по Мене“, Прохор, крепен и озаруван од Духот Божји, реши да го остави светот и сите убавини на светот, и целосно да Му се посвети на Бога. Откако излезе од црквата, каде што ги слушаше овие зборови Господови, тој сиот свој имот го раздаде на сиромашните и отиде во пустината, пеејќи заедно со пророкот Давид: „Жедна е душата моја за Бога, за живиот Бог. Како што кошутата бара поток, така и душата моја Те бара Тебе, Боже!“ (Пс. 41, 2, 1).

Кога дојде во Нагоричанската пустина во Жиглеговскиот крај, Прохор најде во неа мала пештера и покрај неа мал извор, тука се насели и започна да се подвизува со прекрасен и спасоносен подвиг, имајќи го секогаш пред себе Бога Творецот и Спасител. Храна му беа билките и тревата. Па и тоа го земаше само еднаш во три дена. Постојано со молитвата ја хранеше својата душа. На таков начин преподобниот помина во пустината триесет и две години, и за тоа време не виде човечко лице. Се дружеше со ѕверовите, кои понекогаш му доаѓаа.

По промисла Божја се случи следното:

Диоген, кој требало да стане цар, дојде на лов во пустината, каде што се подвизуваше преподобниот. Тој здогледа една срна и започна да ја брка. Бегајќи, срната дотрча кај пештерата на преподобниот, кој често ја хранел. Кога ја виде многу исплашена, преподобниот ја праша зошто бега. Во меѓувреме пристигна Диоген. Кога го здогледа косестиот старец, облечен во испокината облека, тој многу се исплаши и започна да бега. А светиот пустиник, провидувајќи со Духот дека Диоген наскоро ќе стане цар, започна да вика по него, говорејќи:

- Диогене, врати се! Не плаши се! Та и јас сум човек!

Кога ги слушна овие зборови од преподобниот, Диоген се врати, и со страв падна пред нозете на чудниот старец, барајќи благослов од него. Светиот старец го благослови и пророчки му рече:

- Диогене, појди веднаш во Цариград. Бог ќе те издигне на царскиот престол. А тогаш немој да ме заборавиш. Облеката што е врз тебе, остави ја во специјална одаја и често навраќај да ја видиш, сеќавајќи се на мене, старецот кој живее во оваа пустина.

Диоген го послуша старецот и веднаш отпатува во Цариград. И неговото пророштво се исполни. По некое време Диоген стана цар. Тој постапи според налогот на светиот пустиник. Својата поранешна облека ја остави во специјална одаја. Но, набрзо заборави на неа. Триесет години после тоа преподобниот Прохор му се јави во сон на Диоген и му рече:

- Зошто, Диогене, ја заборави својата поранешна облека а и мене старецот? Потруди се да ми изградиш барем мал храм.

Кога се разбуди, царот го обзеде страв и веднаш отиде да ја види својата стара облека. Се сети на сѐ што му рече преподобниот старец.

За да ја исполни неговата желба, царот се упати во пустината, во која што го пронајде светиот подвижник, додека ја бркаше срната. Кога дојде во Жеглиговскиот крај, тој не можеше да го најде, бидејќи пред тоа, по промисла Божја, старецот се префрли на планината Козјак. А тоа се случи вака:

Ангел Господов му се јави на преподобниот Прохор и му рече:

- Бегај одовде длабоко во пустината, и насели се во Козјак. Свети Прохор го послуша гласот на Ангелот. Кога дојде во Козјак, најде мала пештера и се насели во неа. Тука живееше уште триесет години, подвизувајќи се во пост и молитви и угодувајќи Му на Бога со исполнување на светите заповеди Негови. Со таквиот богоугоден живот тој стекна голем дар на пророштво и чудотворство. И тогаш, во длабока старост, му се јави на сон на царот Диоген. Додека патуваше, царот го најде местото на подвигот на угодникот Божји, и тука, во Нагоричани, му изгради храм. Но, царот многу тагуваше што не знаеше каде почиваат неговите мошти. Затоа сесрдно се молеше на свети Прохор, да му ги открие своите мошти. Светителот му се јави на сон и му рече да ги бара моштите во Козјачката пустина. Царот испрати во потрага многу војници. Ги бараа долго, но трудот им беше залуден. А еден старец, стоејќи на врвот на Козјак, од каде што можел да се види цел Козјак во должина и ширина, здогледа бел орел како кружи над пештерата во која се наоѓаа светите мошти на пустиникот Прохор. Таму се упатија со царот сите трагачи, и ги најдоа моштите во пештерата нераспаднати. Сите паднаа ничкум пред нив и со големо стравопочитување и побожност ги понесоа со пеење на црковни песни, ја преминаа реката Пчиња и дојдоа во новоизградениот нагоричански храм, кој беше далеку од пештерата, во која што беа пронајдени светите мошти. Кога утредента дојдоа во храмот, не ги најдоа во него, бидејќи самите се беа вратиле во својата пештера. Тие повторно ги донесоа, но моштите пак се вратија назад. Тоа се случи три пати. Тогаш царот одлучи да ги однесе со себе во Цариград. Така го натоварија светото тело на едно муле. Но тоа не сакаше да се помести од местото. Царот во тоа ја виде желбата на светиот отец Прохор, и нареди, та се изгради нова црква на реката Пчиња, во која и до денес негнилежно почиваат светите и чудотворни мошти, од кои тече свето и целебно миро.

Новоизградената црква беше осветена во присуство на царот и многуброен народ, а со црквата и манастир. Царот ја зеде левата рака на светителот и ја однесе со себе во Цариград, а телото го остави во новата обител. Тоа непрекинато точи од себе целебно миро за утеха, помош и исцеление на сите, кои со вера и љубов пристапуваат кон светиот угодник Божји, преподобниот и богоносен отец наш Прохор Пчински, по чии што молитви Господ да нѐ помилува и спаси сите нас. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК САДОК, епископот Персиски и со него 128 Маченици

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ СВЕШТЕНОМАЧЕНИЦИ: ФИЛИКС и ЕВСЕВИЈ

Свети Филикс беше презвитер а свети Евсевиј ѓакон. Пострадаа за Христа посечени со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИ ЛЕОНТИЈ ФИЛОСОФОТ

Свети Леонтиј е роден во Цариград. Се подвизувал во лаврата на свети Сава Осветен, во Палестина. Бил ревносен, силен и искусен изобличувач на ересите во негово време: несторијанската, евтихијанската и монофизитската. Се упокоил во мир, не подоцна од 624 година. Познат е под богословското име како Леонтиј Ерусалимски (за разлика од Леонтиј Византиски).

СПОМЕН НА ПРЕНОСОТ НА МОШТИТЕ НА ПРЕПОДОБЕН ЈОВАН РИЛСКИ

Во некои Синаксари на овој ден се врши споменот на преносот на моштите на свети Јован Рилски (заедно со споменот на свети Прохор Пчински). Светите мошти на свети Јован се пренесени од Софија во Трново во 1238 година. (За свети Јован Рилски можете да видите поопширно под 18 август).

СПОМЕН НА СВЕТИОТ И ПРАВЕДЕН ОТЕЦ ЈОВАН КРОНШТАДСКИ, новојавениот Чудотворец

На овој ден, по црковното внесување на свети Јован Кронштадски во календарот на Светиите на Руската Црква (19 октомври 1964 г.), се слави неговиот спомен, заедно со споменот на неговиот истоименик Јован Рилски. Опширното житие на свети Јован Кронштадски можете да го видите под 20 декември, кога се врши споменот на неговото блажено претставување.