2. Ноември (20. Октомври)
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ ВЕЛИКОМАЧЕНИК АРТЕМИЈ
Свети великомаченик Артемиј е роден во познато римско семејство. Ја имаше функцијата сенатор а за време на царувањето на Констанциј беше управник на целокупниот царски имот.
Пострада за Христа за време на царот Јулијан Отстапник.
Артемиј ја започна својата служба кај царот Константин Велики, во војската на овој благочестив владетел. А кога на Константин му се јави чудесното знамение на светиот Крст на небото, тоа знамение со свои очи го виде и Артемиј, па се утврди во христијанската вера, и со моќната сила на крстот ги победуваше непријателите. По смртта на Константин Велики тој цело време беше покрај неговиот син Констанциј, како негов најдобар пријател и му ги извршуваше најважните и најдоверливите работи. Така, кога Констанциј дозна од еден епископ дека телата на светите апостоли Андреј и Лука се погребани во Ахаја, тој му довери да изврши пренос на овие скапоцени ризници во Цариград. Артемиј со огромни почести ги пренесе чесните мошти во царскиот град. Поради тоа царот го награди со висока функција, која што потполно ја заслужуваше. Го произведе за дукс и августалиј на Египет. Таму живееше Артемиј богоугодно, и ширејќи ја честа и славата на името Господово, тој многу идоли во Египет уништи.
Кога се упокои царот Констанциј, цар над целото Римско царство стана беззакониот Јулијан Отстапник. Штом стапи на престолот, тој јавно се одрече од Господа Христа и отворено започна да им се поклонува на идолите. По сите краеви испрати царска наредба, сите храмови, кои за време на царот Константин Велики христијаните ги одзеле од незнабошците и ги претвориле во цркви, повторно да им се вратат и во нив повторно да се постават идоли и да се принесуваат жртви. Така овој безбожен цар го обнови многубоштвото, паднато за време на светиот цар Константин, а христијаните ги подложи на големо насилство, страотно гонејќи ја Црквата Христова, мачејќи ги и убивајќи ги христијаните, одземајќи им ги имотите и исфрлајќи писмени и усни хули на светото име Христово.
За да го омаловажи христијанството и неговите светињи, незнабожецот ги извади од кивотот коските на свети пророк Елисеј и моштите на свети Јован Крстител, освен неговата чесна глава и десната рака, кои лежеа во Севастија, ги помеша со коски на животни и нечестиви луѓе, па ги спали, и пепелта ја развеа во воздухот. Но, христијаните ја собраа пепелта и остатоците од спалените коски и чесно ги погребаа.
Потоа нечистиот Јулијан дозна дека во градот Панеада се наоѓа статуа на Христа Спасителот, подигната од страна на крвоточивата жена, која што се исцели кога се допре до облеката Христова (сп. Мт. 9, 20). Оваа статуа, околу која се беа распослале лековити билки, христоборниот Јулијан ја собори и нареди, та ја влечеа по градот додека целосно не се сокрши. Само главата од неа ја зеде еден христијанин и ја сочува. А пак на местото каде што стоеше таа, нареди да се постави негова статуа, но врз неа удри гром и цела ја разби.
Откако собра голема војска, безбожниот Јулијан тргна во војна против персијците. При овој поход дојде во Антиохија и според својот обичај и тука започна да ја гони Црквата Христова, убивајќи ги верните. Во тоа време кај него доведоа двајца антиохиски презвитери Евгениј и Макариј, кои беа учени луѓе. Со нив Јулијан долго се препираше околу боговите, поткрепувајќи го своето мислење со наводи од делови од незнабожечките писатели, но не можеше да ги надговори богоречитите усти на мудрите старци, ниту да им одговори. Беше поразен, посрамен и изобличен од нив за своето зловерие. Тој не беше во состојба да го поднесе овој срам, па нареди светите презвитери да ги расоблечат и безмилосно да ги тепаат. На Евгениј му удрија петстотини стапови а на Макариј ни бројот не им се знае.
Додека ги мачеа свештениците, тука случајно беше и големиот Артемиј. Кога слушна дека Јулијан зацарувал и тргнал во војна против Персијците, откако доби наредба да му се придружи со својата војска во Антиохија, овој голем, честит војвода и августалиј дојде со својата војска, му го оддаде на Јулијан должното почитување како цар, откако му поднесе и подароци, и стоеше покрај него додека ги мачеа светите исповедници. Додека го набљудуваше нивното мачење и слушаше како безбожниот цар хули на Господа Исуса Христа, Артемиј ревносно му пристапи и му рече:
- Царе, зошто толку нечовечно ги мачиш невините и на Бога посветени мажи, и ги присилуваш да се откажат од верата православна? И ти си човек од иста човечка природа. Иако Бог те поставил за цар, сепак и ти можеш да бидеш подложен на искушенија од ѓаволот. Сметам дека прв виновник за злото е лукавиот и злобен ѓавол. Како што тој некогаш измоли од Господа да го искушува Јов и ја доби, така и тебе те крена против нас, преку тебе да ја искорени Христовата пченица и да го посее својот какол. Но, залудни се неговите напрегања и ништовна му е силата. Откако Господ Христос дојде и беше распнат на крстот, на кој се издигна Господ, падна ѓаволската гордост и беше сотрена ѓаволската сила. Затоа не залажувај се, царе, и не предавај се на ѓаволите, со гонењето на од Бога чуваниот род христијански. Христовата јачина и сила се непобедливи и несовладливи.
Јулијан многу се разлути и силно викна:
- Кој е, и од каде е овој несреќник, кој дрско ни се нафрлил и се осмелува во лице да нѐ прекорува?
Присутните одговорија:
- Царе, тој е дуксот и августалиј Александриски.
- А, тоа ли е мојот намразен Артемиј, кој учествувал во убиството на мојот брат Гал?
- Да, моќен царе, тој е.
Тогаш царот рече:
- Должен сум да им принесам благодарност на бесмртните богови, особено на Дафнискиот Аполон, што ми го предадоа в раце овој непријател, кој самиот дојде овде. Веднаш нека биде ставен на мачење. А утре, ако е волја на боговите, ќе му изречам пресуда за убиството на мојот брат. Ќе ја осветам невината крв и ќе го погубам со илјада смртти, бидејќи пролеал крв, не на обичен туку на царски човек.
Мечоносците веднаш го дофатија Артемија, му го одзедоа појасот и останатите знаци на чинот, го расоблекоа и гол го предадоа на мачителите. Тие му ги врзаа рацете и нозете, го растегнаа на четири страни, па толку го тепаа со воловски жили по плеќите и по стомакот, така што четири пара мачители се сменија од замор. А светиот страдалник покажа навистина натчовечко трпение, како ништо да не чувствува. Ни глас не пушти, ниту воздивна, ниту се помрдна, ниту покажа некаков знак, својствен на мачените луѓе. Земјата се натопуваше од неговата крв, а тој стоеше неподвижно, така што сите се восхитуваа, па дури и самиот безбожен Јулијан.
Потоа нареди да престанат со тепањето и да го одведат во темница. Водени кон темницата, страдалниците Артемиј, Евгениј и Макариј пееја: „Ти нѐ испита Боже, нѐ претопи како сребро. Си нѐ внел во мрежа, си ставил товар на нашите плеќи. Си нѐ дал во јаремот човечки“ (Пс. 65, 10-12). Ни остана уште да поминеме низ оган и вода, па да нѐ изведеш на одмор. Кога завршија со пеењето, Артемиј си велеше на себе: „Ете, раните Христови се врежани на твоето тело. Ти останува уште душата своја да ја дадеш за Христа, заедно со преостанатата крв во тебе, сеќавајќи се на пророчките зборови: „Грбот свој го предадов на оние што ме биеја и образите на оние што ме удираа“ (Ис. 50, 6). Тој си велеше: „Но, зарем јас, недостојниот, сум претрпел повеќе од мојот Господ? На Господа целото тело му беше покриено со рани. Од нозете до грлото немаше врз Него здраво место. Главата му беше избодена со трње. Рацете и нозете приковани на крст за моите гревови, иако Он грев не позна, ниту устата Негова изговори неправеден збор. О, колку се големи, во споредба со моите, страдањата на мојот Господ, и колку сум далеку јас, бедниот, од Неговото трпение и невиност! Се радувам и веселам, просветуван со страдањата на мојот Господ, Кој ги ублажува моите страдања. Ти благодарам, Господи, што си ме овенчал со страдањата Твои. Те молам, доведи ме до крајот на патот на исповедништвото. Не дозволувај да се покажам недостоен на овој маченички потфат. Сета своја надеж ја положив на милосрдието Твое, преблаг човекољубив Господи!“
Така зборувајќи си на себе и молејќи се, светиот страдалник стигна до темницата. Ноќта ја помина во неа заедно со свети Евгениј и Макариј, славословејќи Го Бога.
Кога осамна, Јулијан Отстапник повторно побара да ги изведат пред него. Сега тој не ги испрашуваше туку ги раздели. Артемиј го остави кај себе, а Евгениј и Макариј ги испрати на заточение во Оасим Арабиски. Тој крај е сосем нездрав. Таму дуваат убиствени ветрови, и никој од испратените таму не може да живее повеќе од една година, бидејќи секој тешко се разболува и умира. Така и свети Евгениј и Макариј, испратени таму, по некое време се упокоија со блажена смрт.
А пак свети Артемиј претрпе многу страдања. На почетокот злотворниот волк Јулијан облече на себе овчја кожа и божем сожалувајќи го, започна кротко да му зборува:
- Со својата неразумна дрскост, Артемиј, ти ме натера да ѝ нанесам срам на твојата старост и да го повредам твоето здравје, поради што многу жалам. Сега те молам, пристапи и принеси им жртва на боговите, пред сѐ на мојот прекрасен бог Аполон, кој многу го сакам. Ако го сториш тоа ќе ти ја простам вината за убиството на мојот брат, и ќе те наградам со уште поголем и пославен чин. Ќе те поставам за врховен жрец на големите богови и за старешина на жреците на целата вселена. Ќе те наречам и свој татко, и ти ќе бидеш втора личност по мене во целото мое царство. И самиот знаеш, Артемиј, дека мојот брат Гал е невино убиен од Констанциј, едноставно од завист, бидејќи на престолот имал повеќе права нашиот род отколку родот на Константин, од причина што мојот татко Констанциј се родил од мојот дедо Констанциј и Максимијановата ќерка, а Константин се родил од Елена, жена од просто потекло. Заедно со тоа, мојот дедо не беше кесар кога му се роди Константин од Елена, а мојот татко се роди кога веќе беше стапил на престолот. Но, Константин безочно ја приграби за себе царската власт. А пак неговиот син Констанциј ги уби мојот татко и неговите браќа а неодамна го уби и мојот брат Гал. Сакаше тој да ме убие и мене, но боговите ме спасија од неговите раце, и надевајќи се на нив, јас се одреков од христијанството, добро знаејќи дека елинската и римска вера е многу стара а христијанската се јавила вчера. Неа Константин како незнајко и неразумен ја прими, отфрлајќи ги древните и добри римски закони. Поради тоа боговите го намразија како нечист и недостоен на нивната доверба, го отфрлија од себе и го сотреа неговото безбожно потомство. Зарем не ја зборувам вистината, Артемиј? Ти си стар и паметен човек. Расуди дали не е така? Признај ја вистината и биди наш, бидејќи сакам да ми бидеш пријател и помошник во управувањето со царството. Артемиј молчеше кратко, па започна да зборува:
- Најпрвин, што се однесува до твојот брат, царе, изјавувам дека сум невин за неговата смрт. Јас никогаш не се огрешив за него ни на дело, ни со збор, ни со нешто друго. Истражувај колку што сакаш и ќе видиш дека нема да најдеш ниту еден доказ за моја вина околу неговата смрт. Јас го познавав како вистински христијанин, побожен и послушен на законот Христов. Нека знаат небото и земјата, и сиот лик на свети Ангели, и мојот Господ Исус Христос, на Кого му служам, дека сум невин во убиството на твојот брат, и дека со ништо не сум соработувал со неговите убијци. Јас не бев со царот Констанциј, кога се заседавало за твојот брат, туку до оваа година живеев во Египет. А што се однесува до твојот предлог да се одречам од мојот Спасител Христос, на тоа ти одговарам со зборовите на Трите Момчиња, кои беа при царот Навуходоносор: Знај царе, дека на твоите богови нема да им служам, ниту некогаш ќе му се поклонам на златниот кип на твојот мил Аполон. Ти си го омаловажил блажениот Константин и неговиот род, нарекувајќи го непријател на боговите и безумен човек. На тоа, еве го мојот одговор. Тој се обрати кон вистинскиот Бог Исус Христос преку специјално призивање од небото. Затоа сослушај ме како очевидец на тој настан: Кога одевме во војна против лутиот мачител и ненаситен крволок Максенциј, на пладне се јави на небото Крст, кој блескаше посилно од сонцето, и на Крстот имаше со ѕвезди испишани латински зборови, кои на Константин му ветуваа победа со тоа знамение. Сите го видовме крстот што се јави на небото и прочитавме што пишуваше на него. И денес сѐ уште има во војската многу стари војници, кои добро се сеќаваат на тоа што јасно го видоа со своите очи. Распрашај се, ако сакаш, и ќе се увериш дека ја зборувам вистината. Но, зошто зборувам за тоа? Христос многу години пред Неговото доаѓање Го претскажуваа пророците, како што и самиот добро знаеш. Многубројни се сведоштвата за тоа дека Он навистина дошол на земјата. Па дури и самите ваши богови пророкувале често за доаѓањето на Христос, а зборувале и книгите на Сибилите и Виргилија.
Светиот исповедник зборуваше и за тоа како ѓаволите, кои живеат во идолите, приморувани со Божјата сила Го исповедале Христа како вистински Бог. Но, Јулијан не можеше да ги поднесе убедливите зборови на свети Артемиј, и нареди да го соблечат и со вжештени шила да му ги прободат градите, а плеќите да му ги стругаат со остри трозапци. Мачен така, свети Артемиј и сега како и претходно, не пушти глас, ниту воздивна, како да не чувствуваше никаква болка, и се покажа непобедлив во трпението.
По овие мачења Јулијан повторно го фрли во темница, со наредба да го измачуваат со глад и жед, а самиот отиде во Дафна, за да му принесе жртва на Аполон, прашувајќи го за исходот на својот воен поход против Персијците. Се задржа таму подолго, секојдневно принесувајќи му на нечистиот Аполон многу животни, но не го доби саканиот одговор, бидејќи ѓаволот, кој живеел во аполоновиот идол и им давал одговори на луѓето, замолкнал од времето кога во Дафна беа пренесени моштите на свети Вавил, епископот и маченик Антиохиски, заедно со моштите на трите деца, кои пострадаа со него. Така Аполон молчеше. А кога царот внимателно се распраша и дозна дека Аполон онемел, бидејќи недалеку од него се положени моштите на свети Вавил, веднаш нареди христијаните да ги земат од таму. Но, штом светите мошти беа земени, падна оган од небото врз храмот Аполонов и го изгоре заедно со идолите во него.
А пак Артемиј во темницата беше посетен од самиот Господ и свети ангели Негови. Додека се молеше, нему му се јави Христос и му рече:
- Биди храбар, Артемиј! Јас сум со тебе, те избавувам од секоја болка и ти подготвувам венец на славата. Како што ти ме исповедаш Мене пред луѓето на земјата, така и јас ќе те исповедам тебе пред Отецот Свој небесен. Биди храбар и радувај се. Ти ќе бидеш со мене во царството Мое.
Кога го слушна тоа од Господа, маченикот веднаш се исцели, така што не остана ниту трага од раните по неговото тело. Душата му се исполни со божествена утеха и тој пееше и Го благословуваше Бога. Откако беше фрлен во темницата, не вкуси ништо ниту се напи сѐ до својот крај. Од раце на небесни Ангели му беше носена храна, леб кој го крепеше.
Кога посрамен се врати од своето жртвопринесување, Јулијан ја фрли вината за изгорениот храм врз христијаните, говорејќи дека го спалиле ноќе. Тој веднаш им ги одзеде светите цркви, ги претвори во идолски храмови и започна страотно да ги измачува христијаните. Потоа нареди да му го доведат Артемиј и му рече:
- Секако си слушнал што се случи во Дафна. Безбожните христијани го запалиле храмот на големиот бог Аполон и го уништиле неговиот прекрасен кип. Но, нека не се радуваат на тоа и нека не ни се потсмеваат, бидејќи ќе им возвратам седум пати по седумдесет, како што се вели кај вас.
Свети Артемиј одговори:
- Слушнав дека со допуштање на разгневениот Бог паднал оган од небото, го уништил твојот бог и го изгорел неговиот храм. Но, ако твојот Аполон бил бог, зошто самиот не се спасил?
Царот на тоа рече:
- И ти, бедниче, се потсмеваш и се радуваш на уништувањето на Аполон?
Артемиј одговори:
- Се потсмевам на вашето безумие што му служите на бог, кој не може самиот да си помогне. Како тогаш ќе може да ве избави од вечниот оган? Мене ме теши неговиот пад, и се радувам на сѐ што мојот Христос чудотворно прави. А што се однесува до твоето фалење дека на невините христијани, кои не ти сториле ништо лошо, ќе им возвратиш седум пати по седумдесет, знај дека одмаздата ќе дојде врз тебе, кога ќе бидеш фрлен во незгасливиот оган и вечните маки. Тоа наскоро ќе се случи со тебе. Твојот крај е близу и споменот твој ќе исчезне со врева.
Мачителот се разгневи и им нареди на каменоресците да расечат еден огромен камен, па на едниот дел да го положат Артемиј а другиот дел да го стават врз него. Кога беше сторено тоа, и тешкиот камен го притисна светителот, сите коски му се здробија, внатрешноста му се распрсна, очите му испаднаа и целото тело му се сплеска како штица. И о, преголемо чудо! Сепак светиот маченик остана жив и го призиваше Бога, својот Помошник, и говореше со Давидовите зборови: „На камен си ме подигнал, Господи; си ме упатил зашто Ти си прибежиште мое, цврсто засолниште од непријателот“ (Пс. 60, 3-4). „Си поставил камен на нозете мои, и си ги зацврстил стапалата мои“ (Цс. 39, 3). Затоа Единороден, прими го духот мој. Ти ја знаеш маката моја, и не ме оставај во непријателските раце.
И така сплескан помеѓу два камена, светителот остана ден и ноќ. Потоа Јулијан нареди да го тргнат каменот, мислејќи дека е веќе мртов. Но, на општо запрепастување, тој стана и започна да оди. За сите беше страшна оваа глетка. Пред нив стоеше човек гол, сплескан, со смачкани коски, истурена внатрешност, испаднати очи, смачкано лице, а душата сѐ уште во него, И нозете можат да одат, а јазикот способен јасно да зборува.
Кога го виде ваквото чудо, самиот мачител се запрепасти и им рече на своите:
- Што е ова? Човек или привидение? Зарем овој волшебник не ги маѓепсал нашите очи? Пред нас имаме страшна глетка, која ги надминува границите на човечката природа. Кој очекуваше дека е сеуште жив? Ете, иако внатрешноста му испаднала и сите зглобови му се здробени и раслабени, тој сепак се движи, оди и зборува. Очигледно нашите богови го сочуваа жив за вразумување на другите, та оној што не сакаше да се поклони на нивната моќ, да биде ужасно страшило за оние што го гледаат.
И му рече на маченикот:
- Ете, беднику, веќе си лишен од очите и целото тело потполно ти е уништено. Каква надеж уште можеш да имаш во Оној, во Кого што досега се надеваше? Барај милост од милосрдните богови да се смилуваат на тебе, и да не те предадат на пеколни маки.
Кога слушна за маки, Христовиот маченик се насмевна и му рече:
- Твоите богови ли ќе ме предадат на маки? Тие самите не можат да ги одбегнат подготвените за нив, а со нив и ти ќе бидеш предаден на бесконечниот оган, ќе бидеш вечно мачен, бидејќи си се одрекол од Синот Божји и Неговата света крв, за нас пролиена, со нозе си ја згазил и на благодатта на Светиот Дух си се наругал, слушајќи ги убиствените демони. А јас за малкуте страдања, нанесени од тебе, се надевам во мојот Господ, за Кого страдам, дека ќе добијам вечен покој во Неговите небесни дворови.
Јулијан веднаш му изрече ваква пресуда:
- Артемиј, кој хули на боговите, ги погази римските и нашите закони, се објави за христијанин а не римјанин, наместо дукс и августалиј се нарекува себеси галилеец, го предаваме на смрт и наредувам неговата погана глава да се отсече со меч.
По ваквата пресуда свети Артемиј беше поведен кон губилиштето. Одеше тој со неискажана радост, сакајќи „да замине и со Христос да биде“ (Флп.1, 23). Кога дојде на губилиштето, каде требаше да биде посечен, измоли време за молитва, се сврте на исток, трипати се поклони и долго се молеше, па се чу глас од небото, кој говореше: „Дојди заедно со Светите да ја примиш наградата што ти е подготвена“.
И ја наведна својата глава под мечот, и беше обезглавен од еден војник, во дваесеттиот ден на месец октомври, во петок. Неговото свето тело го измоли од мачителот една жена, на име Ариста, ѓакониса на Антиохиската црква, и откако го премачка со скапоцени мириси го стави во ковчег и го испрати во Цариград, каде што чесно беше погребано. Од моштите на светиот великомаченик Артемиј се случуваа многу и неискажани чудеса, и им се даваа на болните разни исцеленија, кои што и денес им ги дава светителот на сите, кои со вера му пристапуваат.
Набрзо по неговата смрт се исполни пророштвото што тој му го изрече на Јулијан за неговата смрт: „Твојата смрт е близу, и за кратко време твојот спомен ќе исчезне со врева“. Навистина, Јулијан, откако го погуби свети Артемиј тргна со својата војска од Антиохија во поход над персијсците. Кога стигна до градот Ктезифон, тој се сретна со еден стар персиец, угледен и многу паметен. Тој му вети дека лесно ќе му го предаде Персиското царство, и беззакониот цар го прими кај себе за спроводник во персиската земја. Но, тоа не му беше од корист на лошиот крвопиец, бидејќи тој персиец го измами, и преправајќи се дека го води по правиот пат, го изведе во Карманитската пустина, во непроодно место, безводно и пусто, каде сите војници многу изнемоштеа од глад и жед, и коњите и камилите умреа. Потоа спроводникот призна дека намерно ги завел римјаните во така пусти и страшни места, за да ја ослаби нивната сила. Го сторив тоа, изјави тој, за непријателите да не ја опустошат мојата татковина. Подобро е само јас да загинам од вашите раце, отколку целата моја татковина.
По ова признание војниците веднаш го исекоа на парчиња. Потоа лутаа долго низ пустината и се судрија со персиската војска, при што многу јулијанови војници загинаа. Одмаздата Божја го стигна и самиот цар. Тој со невидлива рака и меч беше прободен во слабината, и мечот му помина низ стомакот. Откако горко залелека, тој ја собра во раце својата крв, ја фрли во воздухот и викна:
- Ме победи, Христе! Насити се, Галилеецу!
И тука, во страшни маки ја исфрли својата злосторничка и нечиста душа и загина со врева, според пророштвото на свети Артемиј. По смртта на Јулијан Римската војска го постави за цар Јовијан, кој беше христијанин. Тој склучи мир со Персијците и се врати назад. Така сега Јулијан се мачи во пеколот со Јуда, а Артемиј се весели на небото со светителите, стоејќи пред Бога, Едниот во Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух, Кому слава за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТОТО ПРАВЕДНО ДЕТЕ АРТЕМИЈ, чудотворецот Верколски
Светиот и праведен Артемиј е роден во 1532 година во селото Веркол, во Двинскиот крај, покрај реката Пињега, две врсти низводно од Кеврол. Неговите родители Козма и Аполинарија беа селани. Тие го воспитуваа својот син во стравот Божји и христијанската побожност. Уште од својата петта година почна да ги одбегнува детските навики. Не ги сакаше детските игри, беше тивок, кроток, богобојазлив и послушен на родителите. Сесрдно му помагаше на својот татко во селските работи, колку што бил способен во својата детска возраст.
Еднаш, кога имаше тринаесет години, додека со татка си ораше во полето, неочекувано наидоа црни облаци, се стемни како да е полноќ, настана бура и над неговата глава удри страотен гром и тоа падна мртво. Така милосрдниот и премудар Господ благоволи и ја прими во Своите небесни обители душата на Својот слуга.
Но селаните, според својата глупавост и суеверие, ваквата смрт на блаженото момче ја сметаа како казна Божја за некои негови тајни гревови. Неговото тело остана неотпеано и непогребано. Само беше пренесено во густата шума, положено на земјата, покриено со гранки, лисја и брезовина, и местото беше оградено со дрвена ограда. Така лежеше тоа триесет и две години, заборавено од сите.
Едно лето певецот при црквата на свети Никола Чудотворец во Веркол, на име Агатоник, одејќи низ шумата по печурки, здогледа светлина над местото каде што почиваше блаженото момче, пријде и го најде нераспаднатото и негнилежно тело. Тој веднаш ги извести за тоа селаните, и тие без да сфатат, едноставно го пренесоа телото без никакви почести во својата парохиска црква, го положија во папертата и го покрија со брезовина.
Но, на Господа му беше угодно, та го прослави својот млад угодник во Кевролската покраина. Од неговите мошти започнаа да се излеваат многу исцеленија на болни. Таа година во Двинската област имаше убиствена треска и многумина умираа, а особено жените и децата. Се разболе од неа и синот на селанецот Калиник и беше на умирање. Во својата голема тага Калиник отиде во црквата, се помоли на праведниот Артемиј, зеде од брезовината со која што беа покриени неговите мошти, со вера ја стави врз градите на својот син и тој веднаш оздраве. Израдуван, Калиник им го раскажа тоа на селаните. Тие со радост се собраа во црквата, отслужија молебен, го отпразнуваа споменот на праведното дете Артемиј и Господ се смилува над Своите слуги. Немилосрдната треска набрзо престана во тој крај.
Од тоа време чудесата на свети Артемиј започнаа да се множат. На еден човек Павле од тешката болест толку му се беше искривил вратот, така што лицето му се беше свртело назад и очите му се беа затвориле. Во таквата неволја Павле со огнена молитва се обрати кон Бога и праведниот Артемиј, и главата му се врати на своето место и очите му се отворија. Исцелениот побрза и на сите во селото им раскажа за своето исцеление. Потоа селаните кај црквата изградија посебна мала црквичка и во неа ги пренесоа моштите на свети Артемиј, откако претходно ги положија во нов кивот. Тоа го сторија во 1584 година.
Кај моштите на блаженото момче дојде една жена со раслабено детенце и замоли, та се отслужи молебен, па детенцето го положија крај Артемиевиот кивот, и тоа веднаш оздраве. Во тоа време селаните Андреј и Ирина, кои страдаа од очите, потполно оздравеа штом се допреа до кивотот на новојавениот чудотворец. Една жена, на име Марија, која четириесет години тешко боледуваше од стомакот, така што од страшните болку дури и премирала на неколку часа, кога слушна за чудесата што се случуваат од моштите на свети Артемиј, му се обрати со молитва и брзо доби исцеление.
Кога видоа дека се множат исцеленијата од светите мошти на светото момче, двајца свештеници Тома и Јован наредија, та на даските на стариот кивот беа живописани неколку икони на праведниот Артемиј. Од тие даски останаа струготини, кои јерејот Јован грижливо ги собра и ги остави да се чуваат во црквата. А благочестивите почитувачи на свети Артемиј, кои со вера земаа од нив, добиваа исцеленија од своите слабости.
Еден човек од Пињега, на име Панкратиј, минувајќи во 1601 година низ Веркол, донесе во Велики Устјуг една од таквите икони на свети Артемиј, и од неа многумина се исцелија тогаш.
Во 1619 година во Веркол дојде Иларион Артемиев, жител на градот Холмогор, и за себе го раскажа следното:
Долго боледував од очите, ништо не гледав и толку страдав, така што во очајанието сакав да се удавам, но соседите ме спречија. И јас слушнав за чудесата што се случуваат од моштите на праведниот Артемиј, му се обратив со сесрдна молитва да ме исцели и веднаш прогледав и го видов свети Артемиј во бела облека, со стапче во левата рака и со крст во десната. Тој ме осени со крстот и ми рече:
- Човеку! Зошто страдаш? Стани! Те исцелува Христос преку мене, слугата Свој! Појди во Веркол, поклони се на мојот гроб, и раскажи им го ова на свештениците и селаните.
При тие зборови праведното момче ме фати за рака и како да ме тераше на тоа, па потоа стана невидливо. А јас се разбудив и се почувствував потполно здрав, како никогаш да не сум боледувал. И еве, дојдов овде да се поклонам на неговите свети мошти.
Многу е необично чудото што се случило со Патрикиј Игнатиев од селото Кивокурија, Устјужска област. Уште од детството тој многу страдал од хернија. Кога слушнал за чудата на праведниот Артемиј, со вера му се помолил и дал завет дека ќе се поклони на неговиот гроб, и оздравел. Но, потоа заборавил на својот завет. По неколку години му се повратила болеста и започнала да го измачува уште повеќе од порано. Патрикиј повторно му се обратил со молитва на праведниот Артемиј и се сетил на неисполнетиот завет. Молитвата му била услишана, но тој пак заборавил на заветот. Тогаш го обзела тага и непрозирна темнина му ги покрила очите. Несреќникот повторно се сетил на неисполнетиот завет, горко се покајал, и ветил дека неодложно ќе ја исполни својата должност. Праведниот Артемиј повторно го избавил од слабоста. Исцелениот Патрикиј радосно побрзал во Веркол на гробот на свети Артемиј, му отслужил молебен, со солзи го целивал неговиот многуцелебен гроб и пред сите раскажал за чудото и својата грешна заборавеност.
Во месец март 1636 година, на пат за Кеврол во Веркол се задржа војводата Атанасиј Пашков, но не ги посети моштите на праведниот Артемиј, ниту му отслужи благодарствен молебен. Но, во Кеврол неговиот син тешко се разболе и беше на умирање. Тогаш таткото се сети дека не отслужи молебен и даде завет дека ќе појде на богомолие во Веркол. И веднаш неговиот син, кој дотогаш лежеше во тежок занес, ненадејно стана од постелата и држејќи се за прозорецот започна да го распрашува татка си по кој пат ќе оди кај праведниот Артемиј. Зачуден, таткото го одвезе синот во Веркол, отслужи молебен, зеде брезовина од неговиот гроб за синот да ја носи заедно со крстот на градите и момчето оздраве. Благодарниот татко изгради во Веркол храм, на местото на наоѓањето на моштите на праведниот Артемиј и тоа во чест на светиот маченик Артемиј.
По некое време изгоре храмот во Веркол и подгореа и моштите на праведниот Артемиј. Месниот свештеник Лаврентиј и парохијаните на селото, за да ги сочуваат моштите од слични несреќи, подигнаа над нив засебна капела, ги положија во нов кивот и ги покрија со нов покрив.
Потоа од кивотот на светиот чудотворец започнаа да се излеваат нови чудеса. Така, некој Симеон Казаринова, праведниот Артемиј го спаси од потопување. По Илинијада тој пловел на кораб заедно со своите другари по Северниот Леден Океан од Магнезија во Архангелск. Одеднаш зафатила страшна бура, коработ бил во опасност да потоне и сите ги обзеле ужас и очајание. Без надеж за спасение, започнале да се подготвуваат за смртта и да се простуваат меѓу себе. Откако се прибрале малку, започнале со солзи да Го молат Бога и праведниот Артемиј да ги спаси, ветувајќи дека ќе отслужат молебен на угодникот Божји. По нивната молитва морето се смирило. Така се спасиле од сигурна смрт.
Во 1648 година во Кеврол стигна грамота од царот Алексиј Михајлович на име на тамошниот војвода Аничков, во која се наредувало моштите на праведниот Артемиј да се положат во нов кивот и да се изгради манастир на местото каде што биле пронајдени неговите мошти. Тоа било сторено и моштите беа пренесени наредната година и положени во црквата на светиот маченик Артемиј, изградена уште од војводата Пашков. При тоа од светите мошти биваа најразлични исцеленија, за сите кои со вера им прибегнуваа.
Подоцна светите мошти поради пожарите беа три пати изнесувани од манастирскиот храм, додека најпосле во 1793 година не беше изграден храм од камен, осветен во чест на праведниот Артемиј, во кој и беа положени неговите мошти.
СПОМЕН НА ПРЕНОСОТ НА МОШТИТЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ ГЕРАСИМ КЕФАЛОНИСКИ
Преподобниот Герасим потекнува од местото Трикала на Пелопонез, од родители на име Димитриј и Калија Нотрас. Роден е во 1509 година. Во младоста ги изучил светите книги. Како полнолетен го напуштил родниот крај и се подвизувал на разни места. Се подвизувал на Света Гора и таму како пчела ги собрал најубавите цвеќиња на добродетели од тамошните отци подвижници. Се подвизувал и во Палестина, каде што постел четириесет дена, според примерот на Господа. Потоа се населил на островот Кефалонија, во Јонското Море, каде што основал и женски манастир. Со молитвата измолувал дожд, исцелувал болни и ја гледал иднината. Доживеал длабока старост. Се упокоил во Господа на 15 август 1579 година. На 20 октомври се откриени неговите свети мошти потполно сочувани и многу миризливи. Од нив се случуваа многубројни чудеса, на сите кои со вера им пристапуваа. Свети Герасим особено ги исцелувал бесомачните. По наговор на демоните, латините го запалиле неговото свето тело, но не им успеало. Затоа сега свети Герасим ги спалува демоните. Тие преку бесомачните го нарекуваат „Капсалис“, односно спалувач. Во негово време во неговиот манастир на Кефалонија доаѓала огромна маса од верници.
Еве го сега опширно изложено неговото житие, подвизите и чудесата, врз основа на неговите древни Житија (едно опширно и две кратки синаксарски) и врз основа на вистинити записи на очевидци од неговиот манастир на Кефалонија.
Овој голем подвижник и чудотворец, кој достигна духовна висина и совршенство на древните отци на Божјите угодници, е доказ дека секое време е погодно за извршување на заповедите и придобивање на совршенство во Бога.
- Оваа сјајна ѕвезда на небото на светата Црква беше повикана на живот со раѓањето од побожните православни родители Димитриј и Кала, кои живееја на Пелопонез, во местото Трикала.
Семејството Нотарас, на кое што му припаѓаше, било во сродство со последниот византиски цар Константин Палеолог. По паѓањето на Цариград (1453 г.) тоа се доселило во Трикала, за тука од него да изникне оваа прекрасна фиданка, во летото Господово 1507. Неговите родители беа многу имотни, но најголемото богатство, кое што му го предадоа на своето чедо, и кое тој го засака, беа нивната побожност и стравот Господен. Штом детето малку потпорасна, родителите го предадоа да ги изучува светите книги. Како обдарено по природа, тоа брзо сфати и научи сѐ што е доволно за да ја сфати минливоста на овој свет, и да добие слобода од материјалното богатство на своите родители. Иако ги имаше сите услови да стане угледен и славен човек на својот крај, тој друга слава бараше, па ја напушти татковината и отиде на островот Закинтос, за понатамошно учење и духовно усовршување. По извесно време тргна на далечен пат и ја пропатува цела Елада, стигна во Тесалија, Тракија, па од таму во Понт и Цариград, секаде барајќи душекорисни работи. Од Цариград отиде во Халкидон и посети други околни места, осветени со солзите и молитвите на многу подвижници. Но неговата младешка жед не се засити со тоа. Од Цариград се врати назад, кон Света Гора, чии што зори и пред и по него привлекувале многу души, ранети со милите стрели на божествената љубов и светлина. Тука, на тоа чудно огниште од добродетели, се грееше и ја учеше науката на монашкото живеење.
Колку време и каде живеел свети Герасим на Света Гора, со сигурност не се знае. Според некои најдолго престојувал во манастирот Ивирон, каде што и го примил монашкиот ангелски образ, подвизувајќи се во местото Капсала, по кое што и демоните подоцна го препознавале.
Од Света Гора отиде да се поклони на Светите Места, во кои поживеа нашиот Спасител и Господ. Откако ги посети светиот град Ерусалим и сите краеви осветени со нозете Господови, се искачи и на Синајската Гора, ги посети Александрија, Антиохија, Дамаск, цел Египет и Либија, со еден збор речиси целиот Исток. Од тука повторно се врати во Ерусалим, каде една година работеше како кандилоодржувач -црковник на Гробот Господов. Кога го виде неговиот побожен и свет живот, тогашниот блажен ерусалимски патријарх Герман го засака и го ракоположи за ипоѓакон, па ѓакон и на крајот за презвитер. Откако ја прими благодатта на свештенството, преподобниот остана на гробот Господов, да му служи на својот Господ и да му помага на блажениот патријарх Герман (кој беше родум од Арахова, веројатно и самиот по потекло од Нотарас), полни дванаесет години. Додека така живееше во Ерусалим, еднаш се повлече на реката Јордан и одржа четириесетдневен пост, без нешто да касне, на местото каде што постел и нашиот Господ, па повторно се врати во Ерусалим. Откако така го победи сатаната со сите негови стапици, доби сила над демоните, како пред него преподобниот Герасим Јордански, чие што име го носеше.
По дванаесетгодишен престој на гробот Господен, преподобниот побара благослов од Патријархот да оди каде што Бог ќе го насочи, во потрага по странствување и молитвено тихување. Така отиде на островот Крит, а од таму повторно на Закинт (околу 1530 г.), каде помина пет години во пост и молитви. Неговата посета на Крит не остана незабележена од набожниот народ. Таму, во крајот викан Хања, и денес постојат неколку пештери, во кои според преданието се подвизувал преподобниот. Две од нив денес се претворени во храмови, а третата, во селото Хански Градини, му служела за живеење и место каде што се собирал народот да ги чуе неговите поуки. И на Закинт живеел во една света пештера, потполно сам, минувајќи ги деновите како ангел во тело, крепен со божествена сила. Во текот на тие пет години половина седмица минувал земајќи како храна несолени тикви, а другата половина леќа, и тоа без леб, наквасена. На Закинт и денес им се покажуваат на посетителите две свети места, каде што живеел преподобниот: малата пештеричка во „Свети Никола Геракарија“, која народот ја вика „Кура на Свети Герасим“ и „Пештера на Свети Герасим“, близу манастирот Криман, на стрмно и каменито место. Според преданието служел во храмот на свети Лазар.
Воден од Светиот Дух, преподобниот од Закинт премина на соседниот остров Кефалонија и се насели во една пештера северозападно од Аргостолија, наспроти Закинт, каде што помина пет години и единаесет месеци. Островот Кефалонија, како и Закинт и сите Јонски острови, тогаш потпаѓаа под управата на Венеција. Тоа вешто го користела Римската црква, обидувајќи се православните од овие места да ги потчини под папската власт. Често латинските свештеници, особено језуитите, упаѓале во православните храмови и ги бркале свештениците, за тие да служат. Лесноверните ги прелажувале со ветувања а православните деца ги испраќале во своите школи, за со тоа да ги придобијат за својата ерес. Затоа доаѓањето на преподобниот на Кефалонија било од необично значење за зацврстувањето на Православието кај раслабената народна душа и за народно просветлување со нерасипаната евангелска светлост.
На крајот преподобниот го напушти и ова место поради човечката злоба или за барање на помирно место за молитва, бидејќи неговото име се прочу и многу народ доаѓаше кај него за совет. Се пресели во местото Омала, на истиот остров. Овде, покрај селото Валсамат, имало еден стар храм посветен на Успението Богородично. Тоа место, кое народот го нарекуваше Свети Ерусалим, и каде што најверојатно и порано имало манастир, го беше обновил свештеникот Георгиј Валсамос, со помош на благочестивите христијани. Овој свештеник му го предаде на преподобниот Герасим ова свето место, со сите работи и недвижности, „да располага со нив како што сака, заради обнова и слава Божја, да го претвори во машки или женски манастир, како што мисли дека е најдобро, а за пофалба и во спомен на оние што го обновиле и на сите христијани“. Преподобниот го обнови тоа место, го нарече „Нов Ерусалим“ и тука се подвизуваше. Набрзо околу него се собраа побожни христијанки, го избираа за свој учител и духовен отец, така што Нов Ерусалим во 1561 година стана и до денес остана женски општожителен манастир. Светителот сакал до крајот на својот живот да живее во молитвена тишина и осаменост, но бил приморан од духовните ќерки, од истакнатите луѓе на Кефалонија и нивните татковци, да прифати да ги учи на духовниот живот и рамноангелското монашко живеење.
Околу него се насобраа околу дваесет и пет девици Христови, а тој и понатаму продолжување со својот строг живот, измачувањето на телото и сеноќните бденија. Околу триесет години преподобниот не вкуси леб. Во манастирот имаше своја испосница под земјата, во која се симнуваше по скала (на западниот дел од денешната црква Успение Богородично). Откако така се очисти себеси и ја испра со солзи душата своја, тој стана живеалиште на Светиот Дух и го прими дарот да чудотвори. Така, по неговите молитви, за време на суша падна обилен дожд. Го доби и дарот да лекува бесомачни, односно душевно болни и други болести.
За основањето на манастирот „Нов Ерусалим“ преподобниот прво побара благослов од кефалонискиот епископ кир Пахомиј Макриј. Потоа побара и од патријархот манастирот да биде ставропигијален, односно само патријархот да има власт над него. Откако доби благослов, тој изгради куќичка и ќелии за монахињите, но најмногу се трудеше да го изгради духовниот дом на нивните души и да ги подготви за горниот Ерусалим. Деноноќно ги учеше, но најмногу со својот пример и рамноангелски живот. Откако постави здрави духовни темели на манастирот, преподобниот со благословот Божји и неговите солзи стана неисцрпен извор, од кој ја згаснуваат својата духовна жед илјадници души до денешен ден.
Преподобниот не беше учител само на девите Христови, насобрани околу него во духовно и рамноангелско живеење, туку и на сите поклоници и сите што живееја во тоа место. Затоа од сите кои што се фалеа дека биле негови ученици го доби прекарот „учител“.
Кога почувствува дека се ближи крајот на неговиот земен живот, тој ги свика монахињите, ги поучи за последен пат, побара прошка од сите, и откако ги благослови и им даде на сите христијанска прошка, се помоли и го предаде својот дух на Бога, во 1579 година. Тоа се случи на 15 август, на денот на Успението на Пресвета Богородица, после Литургијата. Неговите последни зборови биле: „Господи Исусе Христе, Сине и Слове Божји, помилуј ме и прими го духот мој!“
Светиот поживеа во Нов Ерусалим деветнаесет години, а желба му беше да се упокои токму во тој ден. Неговото свето тело беше погребано од јужната страна на храмот, со учество на епископот кир Филотеј Ловердос, свештенството и плачот на неговите духовни деца.
Но Господ, Кој е награда на праведниците, го прослави својот сад Герасим и му ги откри големите плодови на неговите добродетели на целиот свет, по разделувањето на душата од телото. Неговото благодатно присуство на местото на неговиот подвиг, каде што почиваа неговите мошти, од ден на ден беа сѐ поочигледни. Многу христијани доаѓаа на неговиот гроб, барајќи утеха и застапништво пред Бога. Тоа што особено ги восхити сите е случајот со една бесомачна жена, која беше дојдена во манастирот заради молитви, во придружба на роднини. Таа жена излезе ноќе од својата соба и гонета од демонот скокна во манастирскиот бунар. Во истиот момент игуменот Лаврентиј и други монахињи го слушнале гласот на преподобниот, ним добро познат, кој им рекол да истрчаат да ја спасат болната. Тие ја побарале во собата, и водени од Духот Свети отишле на бунарот, каде ја здогледале како се држи над водата. Фрлиле јаже, ја извлекле надвор, и на восхитување на сите, била потполно здрава. Таа им раскажала како демонот ја бркал, ја турнал во бунарот и како во тој момент се појавил преподобниот Герасим, кој ја држел над водата и ја ослободил од демонот.
Ова прекрасно чудо, а и многу други, ги увери монахињите и духовникот кир Јоаникиј, кој беше во манастирот уште за време на животот на светиот, како негов ученик, дека треба да го отворат гробот и да извршат пренос на неговите мошти. Со благослов на патријарховиот егзарх, митрополитот филаделфиски Гаврил и во негово присуство, го отворија гробот на 20 октомври 1581 година, и го најдоа телото цело, негнилежно и полно со благомирис. Сите многу се израдуваа на тоа и за тоа чудно знамение се расчу по целиот остров, та многумина доаѓаа да се поклонат на неговите свети мошти. Меѓутоа, тоа не им се допадна на латините, кои владееја со островот, и кои протураа вест дека православните христијани не можат да имаат светии, божем поради тоа што не ја признаваат папската гордост. Затоа разни мисионери на Римската црква ги клеветеа православните дека го отвориле гробот пред да поминат три години од погребението и бараа од политичките власти да наредат тоа повторно да биде закопано, за да може да изгние. Тоа предизвика големи немири на островот. Егзарховиот патријарх, заради мир и со договор со световните власти, одлучи моштите на светителот повторно да бидат погребани, за да се навршат три години. Требало да се чека само неколку месеци, за сјајот на светоста на преподобниот да биде уште повосхитувачки и поочигледен. И навистина, кога наврши одреденото време, и гробот повторно беше отворен, светите мошти ги најдоа во истата состојба, извор на благомирис и чудеса, на радост на православните и посрамување на злоумните. Тоа беше проповед, најдобра од сите проповеди, за вистинитоста на Православието, која направи тоа постепено да зајакне, а латинството да исчезне од островот. Со тоа уште еднаш се покажа дека силата и снагата на Православието е во силата Божја, а не во минливата сила на овој свет. Со право поетот пее за преподобниот и го нарекува „Челник на Православието“ и „Заштитник на Православните“. Преносот на неговите мошти беше извршен на 20 октомври и затоа тој ден беше одреден како централен ден на неговото празнување. Верните го слават и на 16 август, наредниот ден по упокоението. До тоа пренесување дошло поради празникот Успение на Пресвета Богородица, за да може и неговиот ден свечено и со литија да биде прославен.
Како што минувало времето, гласот за преподобниот и неговите чуда сѐ повеќе се ширел и сѐ повеќе поклоници доаѓале на неговиот гроб од разни краеви, да ги целиваат неговите свети мошти, исцелувајќи се од најразличните недостатоци. Како очевидец на сето тоа, епископот Еремија, кој бил и духовник во манастирот по кир Јоаникиј, заедно со кефалонискиот епископ Пахомиј и други народни претставници, побараа од патријархот преподобниот да го вброи и званично кон ликот на Светиите, бидејќи тој тоа и е, со дејството на силата Божја, неговото доблесно живеење и народното почитување. Тогашниот цариградски патријарх Кирил, со соборот на архијереи околу себе, го стори тоа и издаде Патријаршиски том во месец јули 1622 година, образложувајќи го тоа, со тоа што Бог благоволил да направи од божествениот Герасим „Образец на Христовото живеење и олицетворение на божествените добродетели“, откако го прослави со чудеса. Тогаш беше напишана и првата негова служба.
А преподобниот, согласно со неговиот прв животописец Митрофан, беше сличен на изглед со преподобниот Теодосиј Киновиарх, со исклучок на жолтеникавата брада, по која се одликуваше. Неговите свети мошти и денес се чуваат во посребрен дрвен кивот, кои се наоѓаат во една поголема, со сребро окована и украсена со икона на неговото заспивање. Овој мал кивот за време на празникот се исправува заедно со моштите на преподобниот и така во исправена состојба бива носен во литијата околу храмот. Во очи на 16 август и 20 октомври, како и на Велика Сабота, моштите се поставуваат во исправена положба покрај јужните олтарски двери, за целивање, и така остануваат до одание на празникот, односно до Томина недела. Прекрасна е таа глетка, која се повторува секоја година, на радост на безбројните поклоници. Мртвите мошти како живи го благословуваат народот, кој ита од сите страни од ден во ден речиси веќе четиристотини години, да ја целива светата рака на овој чуден угодник Божји, повеќе барајќи помош од него отколку од сите живи присутни на островот! Навистина е прекрасен Бог во светиите Свои!
Чудесата на преподобниот се безбројни, како оние видливите, пројавени преку исцеленија на некои болести, душевни или телесни, така уште повеќе и оние невидливите, кои со векови се одигруваат преку преобразување на безброј души, со нивното угледување на доблесното живеење на преподобниот, а и од неговите мошти, со нивното благодатно посмртно дејство врз нив. Покрај чудото за зацврстување на Православието со неговите молитви и присуството на островот, да наведеме уште некои чудни дела, кои ги направи Бог, за да го прослави оној, кој Него го прослави, додека живееше во тело. Кога во 1570 година агарјаните вршеле страшни напади на островот Кефалонија за да го заземат, сите биле длабоко убедени дека молитвите на преподобниот го спасиле островот од сигурно ропство. Но, да ги оставиме старите времиња и чудните дела Божји преку светиите Негови, остварени во нив, и да се обратиме на нашиот маловерен век, кој што сепак не е заборавен од добрината Божја, туку и понатаму таа ја пројавува преку пријателите Свои и угодници, за зацврстување на верата и сочувување на разумната надеж во човечките срца.
Во 1918 година во манастирот на свети Герасим дојдоа тројца посетители, кои се претставиле дека се лордови. Тие влегоа во храмот да се поклонат на преподобниот. Но, не беа ни лордови, ни поклоници туку крадци, кои сакале да го ограбат кивотот на светителот. Откако преноќеваа во манастирот, наредниот ден, додека немаше никого во црквата, еден од нив отиде да го разбие светиот кивот а другите двајца чуваа стража. Но, бидејќи тој долго време не се врати, отиде едниот да види што се случило. На негово запрепастување го најде кај лежи покрај кивотот како мртов. На повикот и барањето помош дотрча игуменијата и го најде крадецот со крената рака и стисната тупаница. Тој го беше скршил стаклото од кивотот, и во тој момент, како што самиот исповедаше кога си дојде на себе, го фатила раката на светителот и со огромна сила го фрлила на земјата, каде што тој од голем страв се онесвестил. Сите тројца побараа прошка и го напуштија манастирот посрамени и поучени.
Во 1923 година во Кефалонија дојде група полицајци во потрага по одметнати крадци. Сите тие му пристапија на светителот и се поклонија на неговите свети мошти, само десетарот Никола Бехати одби подбивајќи се, и не сакаше да прими од игуменијата благослов од моштите. Тој со потсмев велел:
„Да видиме кој ќе настрада, јас или вие, кои што ги земате тие крпи. Зедов учество во толку битки и ништо не ми се случи“.
Не можеле да го вразумат ни советите на офицерот. Откако го напуштиле манастирот, застанале по извесно време да се одморат во маслиникот на Кранејското поле. Додека го чистеле оружјето по наредба на претпоставениот, одеднаш се слушнал истрел. Што се случило? Додека десетарот Никола ја чистел пушката, таа пукнала и му го пробила левото рамо. Но, куршумот наместо да го продолжи нормалниот пат и да рани други, кои седеле во негова близина, се повратил и удрил во блиската маслина. Ранетиот десетар итно бил пренесен во болница од страна на Космет Валсамски, но и покрај напорите на лекарите набрзо умрел од здобиените рани. Неговиот трагичен случај беше опомена за сите, кои се подбиваат со светињата Божја.
Во 1924 година душевно се разболе момчето Г. М. од Ликсурија на Кефалонија. Роднините веднаш го доведоа во манастирот на свети Герасим, врзан во окови, бидејќи беше станал страв и трепет за луѓето и се наоѓал во ужасна состојба. Останаа прилично долго во манастирот, молејќи се за неговото оздравување. Момчето постојано се заканувало дека ќе изврши самоубиство. Еден ден им се искраде, се искачи на високата камбанарија и гонето од демонот скокна да се убие. Сите преплашени притрчаа, мислејќи дека смртта му е неминовна, но, на нивно големо изненадување, не само што не се беше повредило, туку го најдоа потполно здраво од опседнатоста од демонот. Благодарејќи Му на Бога и на неговиот угодник Герасим, тие си заминаа со оздравеното момче.
Исто така и Екатерина Г. од селото В. започнал луто да ја мачи демон во 1932 година. Сиот дотолчен, нејзиниот сопруг веднаш ја одведе во манастирот кај светителот, и тука остана заедно со неа прилично време, со молитва и големо трпение. Болната викала, удирала, ѝ се менувал ликот, станувала вистинско страшило, така што никој не можел да ја препознае. Го пцуела светителот, јадела секаква нечистотија, чкртала со забите и му се заканувала дека ќе го уништи. После долгиот пост, молитвите на нејзините роднини и долгиот престој во манастирот, светителот го изврши над неа своето чудо со силата Божја. Болната потполно оздраве и сите се вратија дома, славејќи Го и фалејќи Го Бога.
Од местото Етолик Акарнаниски, во 1930 година родителите и роднините ја доведоа во манастирот Марија Зервула, која беше опседната од лут демон. Постеле и му се молеле на светителот да се смилува на несреќничката. Таа викала и пцуела со најпогрдни зборови и бесрамност пред самите мошти:
„Капсали Герасиме, ме гориш! Ќе побегнам, ме гориш како оган! Доста ми е од зраците што извираат од тебе!“
На крајот болната навистина оздравела и сите се вратиле радосни дома, и на сите им раскажувале што сторил Бог преку Својот угодник.
Во 1931 година ја донесоа од Тројанскиот манастир бесомачната Е. П. Таа едноставно врескала и ги откривала сокриените тајни на најразлични лица. Луѓето се плашеле од неа поради нејзиното викање и поради тоа што на многумина им ги откривала тајните неисповедани гревови. Светителот го пцуела со најпогрдни зборови и викала:
„Капсали (Горилнику, или според Капсали во Света Гора, каде што преподобниот се подвизувал во младоста), нема да побегнам одовде, колку и да го молиш твојот Бог. Овде ќе останам. Не напуштам, никогаш нема да се вратам онаму каде што бев. Останувам овде да ти се одмаздам за сета твоја борба против мене, додека беше жив. Ниту на момент не успеав да те победам. Беше како огнен столб. Ќе се борам против твојот манастир, ќе те уништам, затоа што собираш толку народ со своите чуда, затоа што нѐ биеш и согоруваш! Го гледате ли? Доаѓа со својот стап да ме удри. Каде да се сокријам? Тешко мене. Бегај, Капсали Герасиме! Бегај од моја близина, сите сили си ги вперил против нас, демоните, за да нѐ протераш, толку си се уморил во твојот живот. Тешко нам, не ќе можам да останам, но, ако побегнам, ќе ти го скршам средното кандило. Ќе сторам знак, па потоа ќе побегнам. Нема да го скршам? Е, ќе го скршам! Не бегам без знак!“ И одеднаш викна: „Ми наредуваш да си одам? Да. Заминувам! Бегам!“. И кога рече бегам, кандилото скокна високо а Елена остана да лежи како мртва. Кога си дојде на себе како од тежок сон, сите Го прославија Бога, а и преподобниот, поради чудесниот дар на исцеление.
Во 1936 година родители од Патрас ја доведоа во манастирот својата ќерка Зои, која тешко страдала од лут демон. Таа долго се превиткуваше и викаше:
„Ќе побегнам, ќе излезам Капсали, но ќе ти го уништам платанот (дрвото кое го посадил преподобниот покрај храмот и кое и денес постои), кога литијата ќе биде на бунарот!“
Така викала цел месец, додека настапи празникот на преподобниот. На самиот празник, кога литијата стигна до бунарот, болната почна да вика:
„Ќе побегнам! Ќе побегнам!“
Во тој момент, додека насобраниот народ го беше исполнил сиот простор околу дрвото платан, еден голем телеграфски столб падна врз платанот и народот, но никој не беше повреден. Жената стана потполно здрава, а народот со солзи радосници Му благодареше на Бога, прекрасниот во светиите Свои.
Во истата година родители од местото Етолик ја донесоа во манастирот својата болна ќерка Василика. Таа беше парализирана и ја носеа завиткана во ќебе. Беше обезличена од демонската сила. Родителите очајно им говореа на монахињите: „Дали е возможно од ова обезличено суштество некогаш да стане човек?!“ Нивната ќерка викала, врескала како коза, си ја корнела косата на дивјачки начин, го плазела јазикот како безумна, било страшно да се погледне во неа. Ѝ ги беа врзале со синџири и рацете и нозете. Таа викала:
„Капсали, барав погодно време да те раскинам. Но, не сум во состојба да го сторам тоа, бидејќи нѐ гориш кога ќе нѐ донесеш овде. Сепак, ако успеам ќе те уништам, за да те немаат повеќе овие во црно облечени, што ги собираш овде. Но, немоќен сум. Ми се наредува да заминам. Сиот си се претворил во оган со постот и молитвата. Страв ми е да те гледам“.
Така оваа сирота остана уште некое време, тешко страдајќи. На крајот Бог се смилува на неа и ѝ подари здравје, така што си отиде дома со родителите здрава, како потполно друг човек, ни налик на онаа обезличена несреќничка.
Единаесетгодишното момче Спиридон Расјас душевно се разболе. Неговите побожни родители го доведоа кај светителот за исцеление. Детето зборувало странски јазици, иако никогаш ги немало учено и го пцуело светителот со зборови, кои за него како мало се потполно непознати. Плукало во него и правело и други работи, кои што е тешко да се раскажат. Еден ден, во месец октомври, за време на Молебенот на светителот, малиот стана, застана покрај светителот и стоеше сѐ до крајот на Молебенот. На крајот рече: „Заминувам Капсали!“, и падна на земјата онесвестено. Родителите го пренесоа во манастирскиот дел за гости. Детето остана во таква состојба полни триесет и шест часа. Кога си дојде на себе, рече: „Каде се наоѓам?“ Беше оздравело. Спиридон потоа жив и здрав живееше во Америка.
Во 1946 година две сестри Тета и Панајота, го донесоа својот брат Панајот во манастирот. Тој страдал од голема вознемиреност и болки. За време на нападите не знаел што прави. Удирал околу себе, ги кинел синџирите со кои бил врзан, се обидувал да го сруши ѕидот од собата во која што го држеле. Сестрите и ден и ноќ го молеле светителот и постеле, барајќи од Бога лек за брата си. Една ноќ една од сестрите го видела на сон преподобниот, кој ѝ рекол:
„Твојот брат одведи го на клиниката во Атина, да му извршат операција на главата. Тој нема нечист дух. Има тумор на мозокот и кога ќе му го извадат ќе оздрави“.
Таа му рекла:
„Калуѓеру, да го водиме во Атина? Но, ние немаме пари“.
Тој ѝ одговрил:
„Оди, твојот брат ќе биде излекуван од болеста, а јас ќе се погрижам за сѐ“.
Таа повторно го запрашала:
„Кој си ти, калуѓеру? Јас не те познавам“.
„Јас сум Герасим, живееш во мојата куќа и ме гледаш секој ден. Како не ме познаваш?“
Исплашена, девојката се разбудила и раскажала сѐ. И навистина пари веднаш се најдоа за пат во Атина, операцијата беше извршена без наплата, лекарот го извади туморот и болниот оздраве. Братот се врати здрав во манастирот со сестрите, за да му заблагодарат на светителот.
- Кога избувнала војната помеѓу довчерашните сојузници Италија и Германија, во 1943 година, германските авиони го надлетувале островот Кефалонија, за да ги бомбардираат италијанските позиции. Близу манастирот на свети Герасим италијанците имале магацин со оружје и храна, и авионите летале над манастирот со намера да ги уништат, се разбира заедно со самиот манастир. Монахињите и поклониците во манастирот клечеа од страв пред моштите на светителот, и се молеа за своето спасение. Од час во час ја очекувале сигурната смрт. Но, иако авионите долго време надлетувале над манастирот, до бомбардирање не дошло, туку тие се повлекле. По неколку дена, кога германците влегоа во Кефалонија како победници, дојде во манастирот еден германски офицер авијатичар, и го разгледуваше манастирот со исклучителна радозналост. Потоа ѝ раскажа на настојателката преку преведувач, со вохитување:
„Имав наредба да ги бомбардирам италијанските магацини, заедно со манастирот, во кој што сметавме дека има италијанци. Меѓутоа, кога стигнав над манастирот, не можев да успеам да ја утврдам целта, бидејќи еден црн облак го покриваше целиот крај и еден калуѓер нѐ бркаше од тука. Тоа се повтори неколку пати, и откако не можевме ништо да сториме се вративме во базата, без да ја исполниме задачата“.
Потоа офицерот влезе во храмот, и кога му ги отворија светите мошти, тој го препозна калуѓерот, кого што го гледал во облакот. И секогаш кога ќе дојдел во Кефалонија, одел со длабоко почитување во манастирот и долго се молел.
Во месец март 1973 година управата на манастирот добила едно писмо од Уганда, Африка. Писмото не било од некој по потекло од Кефалонија, туку од една уганѓанка, која заедно со своите седум деца и сопругот го примиле Православието. За свети Герасим дознале од некое англиско списание и восхитени од негнилежноста на неговите мошти, го зеле за заштитник на нивниот дом. Во писмото стоело:
„Почитувана Игуменијо, со почит ве молам да ги примите зборовите што ги пишувам од мојата далечна татковина Уганда. Јас сум жена, која многу ја сака нашата православна вера. Животот на свети Герасим, оснивачот на вашиот манастир, внимателно го проучив, и тој врз мене остави неизбришлив впечаток. Толку го засакав свети Герасим, што на едно од своите деца му го дадов неговото име и го избравме за заштитник на нашиот дом... Имам желба да го посетам вашиот манастир и да ги видам моштите на свети Герасим...“
Бог ја удостоил да дојде во манастирот во 1974 година и да му се поклони на светителот. Сите присутни биле длабоко трогнати од нејзината побожност и поучени од нејзината вера. Еден од нејзините синови, кој студирал медицина во Солун, неодамна му напишал писмо на светителот, со благодарствена молитва:
„Многу сум радосен, му пишува тој на самиот светител, што ти го пишувам ова писмо. Ти благодарам за твоите молитви за мојот народ, преку кои ни помагаш, бидејќи нам ни е неопходна верата во Семоќниот Бог. Целиот свет, особено далечните земји, како што се Африка, Латинска Америка, Австралија, Русија, имаат потреба благодатно да се утврдат во Господа, па им се неопходни особена помош и благослов...“
Така ете, со благодатното дејство на светиот осаменик Кефалониски, кој сакал да се сокрие од луѓето, Бог го постави на висока гора да светли, стигна далеку до Уганда, чудотворејќи во човечките души и преобразувајќи ги во верата во Бога и Спасител наш Исус Христос и љубовта кон Него.
Наведовме само некои од секојдневните чуда што се случуваат од моштите на преподобниот Герасим, за да ги израдуваме верните души, заради нивно утврдување во сознанието дека нашиот Бог е вечно жив во светиите Свои. Тоа што се свети Прохор Пчински, свети Гаврил Лесновски, свети Наум Охридски Чудотворец... за нашите краеви, тоа е преподобниот Герасим за островот Кефалонија и цела Грција. Колку е сакан на Кефалонија се гледа од тоа што секој трет кефалониец се вика Герасим а многу од нив, како познати морепловци, им го даваат неговото име на своите бродови и чамци. Нека даде Господ Христос, Спасителот наш, Неговиот угодник и кефалониски чудотворец да чудотвори и во душите на сите македонци, кои ќе го читаат овој негов животопис. Тоа е молитвена желба и на благочестивиот кефалониски митрополит кир Прокопиј, манастирот Нов Ерусалим да стане место каде молитвено ќе се собираат православните од сите племиња и раси, околу моштите на овој навистина вселенски светител и просветител. Затоа епископот на овој трет голем остров во Јонското Море (по Крф и Закинтос) му изгради велелепен храм, покрај оној храм на Пресвета Богородица, во кој денес се чуваат неговите мошти, за голем број на луѓе, кои од ден на ден во сѐ поголем број пристигаат во манастирот, да имаат каде да се сместат.
По молитвите на преподобниот наш отец Герасим, Господи Исусе Христе, помилуј и просвети нѐ, амин.
ЖИТИЕТО И СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ НОВ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ИГНАТИЈ ИВИРОНСКИ
Местото на раѓање на светиот преподобномаченик Игнатиј е Ески-Загора во трновската област во Бугарија. Неговите родители Георгиј и Марија, православни христијани, подоцна се преселија во Филипопол и таму го дадоа Игнатиј, на кого крстеното име му беше Јован, да учи книга. По природа способен, Јован за кратко време го изучи својот словенски јазик, а за понатамошното усовршување во науките отиде во Рилскиот манастир. Тука, под раководство на еден учен старец, шест години изучуваше разни науки и истовремено поднесуваше најразлични тешкотии од истиот старец, кој имаше лош карактер. Во една ситуација старецот толку му се налути, што неговата лутина ги надмина границите. Јован сфати дека животот му е во опасност, па од страв од тешки последици се врати кај своите родители.
Во тоа време турците собираа војска и му предложија на Јовановиот татко, кој беше крупен, впечатлив и храбар, да стапи во нивната војска, ветувајќи му висок чин. Благочестивиот Георгиј веднаш го одби нивниот предлог, говорејќи:
- Јас не можам да одам против моите христијани.
Поради тоа веднаш беше избоден со меч а потоа обезглавен. А пак неговата сопруга и двете ќерки, турците со разни закани ги присилуваа, та тие се одрекоа и ја примија муслиманската вера. Кога ја виде таквата несреќа над нив, Јован се преоблече и се сокри во куќата на една побожна старица. Лошите турци испратија неколку војници да го фатат, но Јован, чуван со промислата Божја, им побегна и отиде во Влашка. Кога стигна во Букурешт се запозна со светиот преподобномаченик Евтимиј, и толку се спријатели со него, така што станаа како една душа а две тела. Но, слободниот живот во градот започна да влијае врз младото Јованово срце, и чувствувајќи ја опасноста од грев, одлучи да замине на Света Гора.
Попат се сретна во Шумла со својот пријател свети Евтимиј, кој малку порано го беше напуштил Букурешт, и во Шумла се одрекол од Христа. Кога го виде во таква состојба Јован многу се нажали, но не можеше да се задржи поради воената состојба и сакаше што побрзо да замине. При тоа во куќата каде што престојуваше упаднаа турци и започнаа да грабаат. Кога го видоа Јована, тие започнаа да го присилуваат да се одрече од Христа. Многу исплашен, несреќниот Јован се согласи да се одрече од христијанската вера и името на нашиот Господ Исус Христос. Откако му поверуваа, турците го оставија и продолжија со грабежот. А Јован начека погоден момент, излезе од куќата и, патувајќи брзо и ден и ноќ, стигна во својот роден крај Ески-Загора. Од таму со проигуменот на Григоријатскиот светогорски манастир отиде на Света Гора и таму стапи во тој манастир. По некое време од Григоријатскиот манастир премина во скитот на Света Ана.
Еднаш, за време на својот престој во Солун по манастирска работа, Јован го виде светиот преподобномаченик Давид, обесен на дрво заради исповедањето на христијанската вера. Подвигот на ова храбро момче толку подејствува врз срцето Јованово, што во него пламна божествена љубов и желба и самиот да пострада за името Христово и да прими маченичка смрт. Но, очигледно сѐ уште било рано за тоа. Во тоа време во Солун се наоѓаше еден светогорски старец, кој го одврати Јована од неговата намера и го посоветува да се врати на Света Гора, таму да зајакне во духовните подвизи, па потоа, ако биде волјата Божја, да оди на маченички подвиг.
Јован заедно со старецот се врати на Света Гора во скитот на Света Ана, каде добриот старец набрзо залегна и се упокои во Господа. По неговата смрт Јован се префрли во Капсокаливскиот скит.
Тука дозна дека неговиот пријател Евтимиј примил маченичка смрт за Христа. Израдуван за богоугодниот крај на својот пријател, тој Му заблагодари на небесниот Отец, кој заблудената овца ја спаси од крвожедниот волк-ѓаволот, па и самиот реши да оди по неговите стапки. Затоа веднаш се упати во скитот на светиот Претеча, кај духовникот Никифор (отец и духовник на Евтимиј), и сесрдно го замоли да го прими под свое духовно раководство. Во текот на разговорот Никифор го дозна до подробности животот на Јован и се согласи да го прими за ученик.
Јован од ден на ден напредуваше кај овој искусен духовник во добродетелите, а името Исусово, кое постојано царуваше во неговото срце, стана негов живот. Покрај тоа тој секојдневно читаше делови од Светото Евангелие и неколку пати на ден ѝ принесуваше кратка молитва на Богомајката, просејќи од Небесната Посредничка да го удостои на маченички крај. Неговата храна се состоеше од леб и вода, кои ги употребуваше со воздржание.
Додека водеше така строг живот, Јован не се обесхрабруваше, ниту го обзеде униние, туку постојано беше весел. Притоа, сакајќи да пострада за верата Христова, тој се трудеше во сѐ да го подржува својот пријател, преподобномаченикот Евтимиј. Затоа често му се обраќаше со молитва да му помогне и тој да стапи на маченичкиот подвиг и да прими смрт за Христа.
Таквите Јованови подвизи и желба го кренаа пртив него ѓаволот и тој се трудеше на сите можни начини да му го олади срцето и му дошепнуваше за разни светски уживања. Така еднаш, ѓаволот во Јовановото тело јави блудна страст, та тој падна на земјата и долго лежеше како полумртов. А кога страста стивна и си дојде на себе, му раскажа на својот старец за сѐ што се случи со него. Добриот старец го успокои и го посоветува да не го заблудуваат лукавствата на врагот, кој не може ништо да стори против нашите желби.
Кога замина од кај старецот, блажениот подвижник сврати во црквата и започна со солзи да се моли пред иконата на Богомајката, да му помогне и да го заштити од блудното искушение. По молитвата почувствува некаков мир. Од тогаш, благодарејќи на помошта на Небесната Царица, блудната страст целосно го напушти.
Најпосле настапи времето за саканото доброволно мачеништво за Христа, и Јован, сега повеќе од порано сакаше да умре за преслаткиот свој Господ Исус Христос. Затоа започна упорно да го моли својот старец за благослов да појде на маченичкиот подвиг, но старецот одбиваше. Тоа многу го нажали и беше многу тажен. Искусниот старец препозна дека во тоа е волјата Божја и го потстрижа Јована во ангелскиот монашки лик, со името Игнатиј, го благослови на маченичкиот подвиг и за сопатник му го даде Григориј, кој го придружуваше на мачеништвото и неговиот пријател Евтимиј.
Набрзо потоа Григориј и Игнатиј тргнаа за Цариград. Попат свратија во Иверскиот манастир, се поклонија на чудотворната икона на Богомајката, измолија од тамошните старци благослов, па отидоа во Лавра, а од таму со кораб во Цариград. Таму на 20 септември Григориј го побара оној исти христољубец Јован, кој во свое време многу му послужи на свети Евтимиј. Овој благочестив маж ги прими со братска љубов во својот дом, и на Игнатиј му ги стави на располагање своите услуги.
Кога осамна денот во кој Игнатиј требаше да се предаде на мачење, сите заедно се причестија со Светите Тајни Христови. Потоа го облекоа во турска облека и по кратката молитва се упатија во Отоманската Порта. Но, Портата тој ден немала седница и Игнатиј морал да чека уште неколку дена. Во меѓувреме неколку пати навраќал и се распрашувал за заседанието, но постојано се враќал дома тажен. Во својата тага еднаш на полноќ ѝ се обрати со солзна молитва на Богомајката, преклонувајќи ги колената пред Нејзината света икона и од душа Ја молеше да му го уреди патот за мачеништвото. И во тој тивок полноќен час настана некаков шум, при што од иконата на Божјата Мајка се одвои светол венец и самиот застана на главата на Игнатиј.
Утредента по ова видение Игнатиј отиде во Портата. Овој пат заседавала. Игнатиј влезе во судницата, му пријде на судијата и му рече:
- Судијо, јас уште како дете, притиснат од заканите на вашите турци да се одречам од Христа, дадов согласност да ја напуштам христијанската вера. А сега, еве, дојдов да си го повлечам зборот и пред вас да ја исповедам својата вера во вистинскиот Бог и Творец на сѐ видливо и невидливо, мојот Господ Исус Христос.
Откако го рече тоа ја симна од главата зелената чалма и ја фрли на земјата. Запрепастен од ваквата смелост, судијата налутено го праша:
- Што си ти, човеку? Монах ли си или мирјанин? Кој те доведе овде?
Маченикот одговори:
- Сам дојдов овде, а патеводител ми е мојот Христос. Дека е така, еве ти очигледен и убедлив доказ. Гледај! - и извади од пазувите мала икона на нашиот Господ Исус Христос, која заедно со крстот ги носел на градите.
Судијата подвикна:
- Остави ги своите глупави зборови и освести се! Однапред знаеш дека за твојата непокорност ќе ме натераш да те осудам на тешки маки а потоа и на срамна смрт. А во спротивен случај ние богато ќе те наградиме, ќе ти дадеме функција и чин, за заедно со нас да уживаш во сластите на животот.
Маченикот одговори:
- Се гнасам од твоите подароци и почести. Тие се привремени. А од твоите закани ни најмалку не се плашам. Јас дојдов тука да умрам за мојот Христос, Кој е вечен и бесмртен Бог. А вашиот лажен пророк е учител на гибелта. Самиот загина, па и вас ве влече во смрт. Вие како негови следбеници заедно ќе се мачите со него ако не поверувате во Христа, вистинскиот Бог.
Од ваквото смело изобличување на нивната вера, судијата многу се разгневи, и без збор да изусти, им даде знак на присутните да го извадат надвор. Еден од слугите насилно го повлече маченикот, но тој се тргна, му пријде на судијата, клекна пред него и повторно започна да ја изобличува нивната вера. Притоа го молеше да му ја отсече главата. Тогаш слугите го зграпчија, му ги забија нозете во клада и го фрлија во темница. За тоа време мачителите ја исмеваа верата Христова и го присилуваа страдалникот да поверува во Мухамед. Храбриот подвижник ги поднесуваше исмевањата и навредите и се радуваше што страда за светото име на својот Господ.
Откако заврши заседанието, судијата нареди да му го доведат маченикот и го праша:
- Кажи ми, кој те доведе ваму?
- Мојот Господ Исус Христос - му одговори маченикот.
Судијата на тоа му рече:
- Сине мој, дојди си на себе! Немој да бидеш толку упорен и горд! Инаку ќе бидам принуден да те предадам на такви маки, за какви што никој не слушнал. Освен тоа, немој ни да помислуваш дека ќе ти ја отсечам главата, па христијаните да можат да ја земат твојата крв како светиња! Не, јас ќе наредам да те обесат!
- И да ме обезглавиш и да ме обесиш, секако добро ќе ми сториш - одговори маченикот. - Така со радост ќе примам смрт за мојот Господ, макар каква и да е таа.
Кога ја виде неговата непоколебливост, судијата нареди да го фрлат во една тајна темница. Во таа мрачна темница бездушниот мачител цели два дена непрекинато го мачеше светиот страдалник, но тој, крепен од Господа, остана непоколеблив. На третиот ден судијата повторно го изведе пред себе. Кога виде дека и понатаму останува цврст и непоколеблив, изрече пресуда да биде задавен.
Слугите веднаш го поведоа на смрт. Кога стигнаа до местото Пармак-Капи, мачителите го задавија доброволниот маченик и го обесија на дрво. Тоа се случи во четврток, на 8 октомври 1814 година. Така неговата чиста и девствена душа одлета во небесните живеалишта.
Кога Григориј дозна за смртта на Игнатиј, веднаш отиде и од далеку му се поклони како да е жив. По три дена тој ги купи неговите мошти од џелатот. Потоа ги зеде и моштите на порано постраданиот преподобномаченик Евтимиј, кој беше погребан на островот Прот. На 13 октомври замина од Цариград а на 20 октомври стигна на Света Гора со скапоцениот товар. Моштите на двајцата маченици беа положени во новоизградениот храм, крај ќелијата на духовникот Никифор.
Не треба да се премолчат ни чудесата, извршени од светиот маченик Игнатиј. Ќе спомнеме две. Во Галат Цариградски имаше двајца болни: едниот умно пореметен а другиот фатен. И кога на главите им ја ставија скуфијата на светиот маченик, повикувајќи го името негово, и двајцата болни веднаш оздравеа.
Чесната глава на светиот преподобномаченик Игнатиј денес се наоѓа во рускиот манастир „Свети Великомаченик Пантелејмон“ на Атон. Нивниот спомен се врши и на 1 мај, заедно со светите преподбномаченици Евтимиј и Акакиј.
Слава Му на нашиот Бог, Кој ги прославува светителите Свои, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА НАША МАТРОНА ХИОСКА
Преподобна Матрона се родила на островот Хиос, во местото Волис, од многу побожни и богати родители. Од љубов кон Господа, сиот имот наследен од родителите таа го раздала на сиромашните и црквите. Додека градела црква во име на Господа Христа, таа пронашла многу злато при копањето на нејзините темели. За златото да не го употреби ѓаволот за нејзина соблазна, таа се помоли на Господа и Господ го претвори златото во јаглен.
Преподобната толку го исуши своето тело со постот, така што изгледаше речиси бестелесна. Нејзина главна работа беа молитвата и проливањето на солзи. Сиот ум ѝ беше на небото, сиот насочен кон Бога, и сиот озаруван и осветлуван од Бога. Украсена со таквите доблести, преподобна Матрона беше удостоена од Господа на таквиот дар на чудотворството, што еднаш и мртовец воскресна со својата молитва.
Блескајќи со добродетелите и благодатните дарови, преподобната во мир ја предаде својата блажена душа во рацете Божји. По смртта ги остави своите свети мошти, тој неисцрпен извор на чудеса на островот Хиос, за сите кои со вера и љубов им пристапуваат.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ЗЕВИН, ГЕРМАН, НИКИФОР ин АНТОНИЈ
Овие свети маченици пострадаа за верата во Господа Христа, посечени со меч.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА МАНАТА
Оваа света маченичка заради верата во Господа беше спалена.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ЕВОР и ЕНОЈ
Беа ученици на светиот свештеномаченик Мил, епископот Персиски. Пострадале за Христа во Персија, за време на царот Сапор II, во 341 година. Пострадале затрупани со камења.