3. Ноември   (21. Октомври)

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ИЛАРИОН ВЕЛИКИ

Големиот преподобен отец Иларион е роден во 291 година во селото Тават, близу Газа Палестинска. Неговите родители беа незнабошци. Како што ружата расте од трње, така овој голем светител се роди од незнабожни родители и се јави како Христов благомирис. Испратено од родителите во Александрија на школување, надареното момче брзо ја прими и светската ученост и духовната мудрост. Откако го позна Господа Христа и поверува во Него, тоа прими свето крштение и често одеше во црква. Зафатен со добродетелите и со срце полно со љубов кон Бога, Иларион започна да размислува како да Му угоди. Штом слушна за свети Антониј Велики, за чиј што доблесен живот славата се ширеше во тоа време насекаде, Иларион посака да го види и веднаш се упати кај него. Кога го виде неговото светолично лице и ги слушна медоточивите поуки, кои му го покажуваа патот до совршенството, Иларион остана некое време покрај него, набљудувајќи го неговиот рамноангелен живот, сесрдните и чести молитви, ракоделието и непрестајната работа, постот и воздржанието, љубовта кон ближните и нестекнувањето, и други подвизи на монашкото усовршување. Кај преподобниот Антониј доаѓаа многу луѓе. Едни да се исцелат од своите слабости, други да добијат благослов, трети да ги слушаат неговите боговдахновени и душекорисни поуки. Поради тоа таму немаше совршена осаменост и тишина, па одлучи да побара место каде би можел да живее насамо со Бога и далеку од секоја врева. Затоа, откако доби благослов од преподобниот Антониј, тој се врати во својот крај. Не ги затекна родителите меѓу живите, па го раздели својот имот на сиромашните и роднините, без да остави нешто за себе, одрекувајќи се од целиот свет и од самиот себе си, за да може да стане ученик Христов и подржувач на Неговото сиромаштво.

Откако така ја остави сета ништовност на овој свет, Иларион отиде во пустината, на осум километри од Мајум Газски, и се насели таму помеѓу морето и езерото. А пак во таа пустина живееја разбојници, и некои познати го советуваа да замине од таму, за да не го убијат. Но, преподобниот не се плашеше од телесната смрт, сакајќи да се избави од духовната. Тој често зборувал дека треба да се бега од разбојниците кои ја убиваат душата, и дека не се плаши од разбојниците кои го убиваат телото. И живееше во пост и непрекината молитва, а се хранеше само со петнаесет смокви на ден, и тоа по зајдисонце. Облека му беа власеница и кожна мантија, што му ја даде преподобниот Антониј.

А лошиот ѓавол не можеше да поднесе како го победува младиот подвижник, завојува со него. За да го победи преку телесната похота, започна да го смутува со нечисти помисли. Преподобниот веднаш се оддаде на уште посилно умртвување на телото и го победи вооружен со сесрдната молитва кон Бога. На постот додаде пост, на трудот труд, без да вкуси храна по три дена, а понекогаш и по четири. Го измачуваше своето тело со копање, плетење на корпи, говорејќи: „Кој не сака да работи, не треба ни да јаде“ (2Сол. 3,10). Нечистите помисли ги бркаше од себе удирајќи се во градите како цариникот, и воздивнувајќи од дното на душата. Своето тело го нарекуваше магаре, говорејќи:

„Магаре, ќе те скротам да не беснееш. Наместо со јачмен ќе те хранам со плева. Ќе те измачувам со глад и жед, ќе те натоварам со тежок товар, та да помислуваш на храна а не на нечистотија“.

И навистина така и постапуваше. Толку го измачи своето тело, така што од него останаа само коски покриени со кожа.

Кога ѓаволот виде дека не постигна ништо, дури беше и победен, намисли да го заплаши со привиденија. Така една ноќ, додека свети Иларион стоеше на молитва, слушна плачење на деца, лелек на жени, рикање на лавови и гласови на други диви ѕверови и животни, врева и метеж како од голема битка. Ѓаволот намерно беше довел полк на свои другари, кои викаа на разни начини, за светиот да се исплаши и да побегне од пустината. Но, преподобниот сфати дека сето тоа е од ѓаволот, се прекрсти, и вооружен со штитот на верата падна на колена, и уште посрдечно се молеше на Бога да му испрати помош одозгора. Така лежејќи паднат ничкум на молитва, тој го победуваше врагот. Но, кога малку се подигна, сакајќи со очите да го види она што со ушите го слуша, виде како кон него со голема бучава доаѓа огромна кола со страшни и свирепи коњи, и викна: „Господи Исусе Христе, помогни ми!“ - и во тој миг се распукна земјата и ја проголта сета ѓаволска сила. Преподобниот запеа, како да ја слави победата над фараонот.

Сепак, победениот враг не престана да се крева против него, искушувајќи го на разни начини. Така, додека светителот се одморал, крај него како да се местеле и лежеле голи жени со бесрамно однесување. Кога бил гладен или жеден, ѓаволите му покажувале разни вкусни јадења и пијалоци, а кога се молел понекогаш му се јавувал волк и завивал, стоејќи пред него. Понекогаш пак скокала лисица, понекогаш војници битка воделе, од која некој убиен паѓал пред неговите нозе и молел да го погребе. Еднаш додека стоел на модитва се занел, и умот негов, победен од природната немоќ, започнал да размислува за нешто, а ѓаволот веднаш му скокнал на грбот како војник, и удирајќи го со нозете по ребрата и со бич по плеќите и вратот, говорел: „Трчај! Трчај! Не спиј!“ - и смеејќи се, прашувал: „Сакаш ли јачмен?“

Сите тие ѓаволски стапици преподобниот ги бркаше со крстниот знак. Си направи тој мала ќелија во вид на гроб, така што одвај можел да се смести во неа, и живееше во неа, подвизувајќи се во борба против невидливите духови. Една ноќ разбојници намислија да го нападнат, со надеж дека ќе најдат нешто кај него, и цела ноќ го бараа. Кога утредента го најдоа и видоа дека нема ништо, го прашаа:

„Што би правел кога би те нападнале разбојници?“

Тој им одговори:

„Голиот не се плаши од грабеж“.

Тие му одговорија:

„Но, тие можат да те убијат“.

Светителот рече:

„Јас не се плашам од разбојниците, бидејќи постојано сум подготвен да умрам“.

Запрепастени од таквото јунаштво и вера, разбојниците му признаа дека цела ноќ го барале, но не можеле да го најдат. Откако му ветија дека ќе се поправат, тие си заминаа.

Преподобниот помина многу години во таа пустина. Гласот за неговата светост се пронесе по цела Палестина и кај него започнаа да доаѓаат луѓе, барајќи помош од неговите свети молитви. Прво дојде една жена од Елевтеропол, веќе петнаесет години во брак, но бездетна. Прекорувана и навредувана од мажот затоа што е неротка, таа се осмелила да дојде кај светителот и да падне пред неговите нозе. Но, тој се повлече од неа. Таа започна со солзи да го моли, говорејќи:

- Зошто бегаш од мене, слуго Божји, кога сум во жалост? Поради што бегаш од мене, кога со ридање те молам? Погледни на болката на моето срце и солзите! Смилувај ми се, угодниче Христов! Сети се дека Спасителот го почестил нашиот пол, облекувајќи се од него во човечко тело. А и тебе те родила жена. Затоа не отфрлај ме без помош мене, која прибегнав кон тебе, и од твоите молитви очекувам ослободување од бездетноста, поради која мојот маж постојано ме прекорува и навредува.

Светиот се смилува, ги крена очите кон небото и се помоли за неа. Потоа ѝ нареди да се врати дома и ѝ рече:

- Оди си со ведра надеж, и Господ ќе ја исполни твојата молба.

Жената радосна се врати дома и Бог ја услиша молитвата на својот слуга. Таа набрзо зачна и роди син. Наредната година дојде кај угодникот Божји, со бебето на раце, и рече:

- Еве го плодот на твоите свети молитви, угоднику Божји. Благослови го моето чедо, кое ти го измоли од Бога.

Светителот ги благослови и двајцата и ги отпушти со мир. Жената си замина, фалејќи Го Господа и прославувајќи го Неговиот угодник по целиот крај.

Потоа кај преподобниот дојде друга жена, на име Аристенета, христијанка, сопруга на некој велможа Елпидиј. Нејзините три сина во исти ден се разболеле од некоја заразна болест, од која никакви лекари не можеле да ги излечат, и беа на умирање. Штом слушна за свети Иларион пустиникот, таа жена побрза кај него со своите робинки и евнуси, и со плач падна пред неговите нозе и говореше:

- Те заколнувам во нашиот Господ Исус Христос и чесниот крст Негов, дојди во Газа и исцели ги од болеста моите три сина, за и во незнабожниот град да се прослави името Господово и да се посрами лажниот бог Марнас, кој го почитуваат.

Светителот одбиваше, говорејќи дека никогаш не излегува од пустина и не се доближува не само до градот туку ни до селата, Но, жената со солзи му досадуваше, сѐ додека не ѝ вети дека ќе дојде по зајдисонце. Доцна во ноќта светителот дојде во Газа. И штом се допре до болните момчиња, повикувајќи го над нив името Христово, од нив веднаш истече многу пот како потоци, и тие оздравеа. Потоа јадеа и ја целиваа светата рака на својот лекар. Гласот за тоа се пронесе по цела Газа. Од тогаш најразлични болни започнаа да доаѓаат во пустината кај преподобниот Иларион, и по неговите молитви оздравуваа. При тоа мнногу незнабошци се обраќаа во верата Христова. Многумина пак го оставаа светот и живееја со него во пустината. Така бројот на неговите ученици брзо се зголеми и тој стана прв наставник монах во Газа и Палестина, како свети Антониј во Египет.

Еднаш доведоа кај преподобниот слепа жена, која во својата десета година го беше изгубила видот, и сиот свој имот го потрошила по лекари, но без успех. Свети Иларион ја исцели со плунка, како некогаш Господ Христос. Тој плукна во нејзиното лице и таа веднаш прогледа. Така сите Го прославија Бога.

Слугата кочијаш на некој велможа од Газа, нападнат од бес за време на возење, сиот се беше вкочанил, та не можеше да се помрдне. Единствено јазикот му беше слободен. Го донесоа кај преподобниот и тој му рече дека не може да се исцели додека не поверува во Господа Христа, Кој може да го исцели. Болниот одговори:

- Верувам во Него, само нека ме исцели.

Откако се помоли, светителот го исцели со силата Христова. Потоа го поучи и му наложи да се крсти. Така овој слуга се врати дома ослободен од робувањето на ѓаволот, здрав и телесно и душевно.

Друго момче од околината на Ерусалим, на име Марсит, кое беше многу силно, можело да подигне и да носи петнаесет мери пченица, и не му било потребно магаре за пренесување на товар. Во него толку силно влегол ѓаволот и започнал да го мачи, гонејќи го по пустините и полињата. Тамошните жители го фатиле, врзан во окови го затворале во сигурни затвори и будно го чувале. Но, тој успевал да побегне. Лесно ги кинел сите окови, ја кршел вратата и катанците, бидејќи располагал со двократна сила, ѓаволската и својата, и ги претепувал луѓето што ќе ги сретнел попат. На некои им ги одгризувал и носот, и ушите и усните; на некои им ги кршел рацете и нозете; на некои им ги вадел очите, на некои им го прегризувал грлото. И многу други ѕверства вршел тој по тие места, и никој не можел да го скроти. Но, еднаш се собрал многу народ, го фатиле, го врзале со железни синџири и како див вол го одвлекле кај преподобниот Иларион. Кога го виде бесомачниот, преподобниот нареди да го одврзат и тој стана кроток како јагне. Откако сесрдно се помоли за него, светителот му рече на ѓаволот што беше во него:

- Во името на нашиот Господ Исус Христос, ти наредувам, нечист духу, излези од овој човек и замини во безводно место. Тогаш ѓаволот го стресе болниот и го фрли на земјата, па излезе од него. Во тој момент тој оздраве со благодатта Господова и молитвите на светителот и започна да го слави преподобниот Иларион, кој му запрети и нему и на сите присутни, говорејќи:

- Ова не е од нашата сила туку од благодатта на човекољубивиот Спасител, Кој ги понесе нашите болести од неизмерна милост кон нас, слугите Свои. Затоа сме должни постојано да Го славиме, да Му благодариме и да Го величаме.   

Додека го зборуваше тоа, кај него доведоа друг човек, на име Орион, еден од богатите и познати граѓани на градот Аил. Во него имаше легион од бесови и го доведоа врзан со железни ланци. Кога се доближи до светителот, тој се извлече од оние што го водеа, притрча отстрана, го дофати преподобниот и го дигна над својата глава. Сите извикаа од страв да не го фрли на земјата, а светителот се насмевна и рече:

- Мачи се, ѓаволски легионе, мачи се!

И ѓаволите, кои беа во тој човек, повикаа на разни гласови, кревајќи врева. Тогаш светителот започна да се моли:

- Господи Исусе Христе, ослободи го овој бедник од легионот демони. Ти можеш лесно да го сториш тоа. И ѓаволите веднаш излегоа од човекот со страотна врева, а тој, избавен од нивната тиранија, оздраве и Му благодареше на Бога и неговиот угодник свети Иларион. По некое време тој повторно дојде со својата жена и пријателите кај преподобниот, со богати подароци за исцелението. Но, светителот не ги прими и рече:

- Зар не си чул како пострада Гиезиј, затоа што прими награда од човекот исцелен од губа? Благодатта Господова не се продава! Туку оди и раздај го тоа на сиромасите во твојот град. Ние, кои живееме во пустината, немаме корист од имот. Така го врати назад со неговите подароци.

Потоа донесоа кај него раслабен човек, каменорезец од градот Мајум, на име Занан, кој по молитвите на преподобниот веднаш оздраве.

Еден ден доведоа бесомачна девојка од околината на Газа. Бес беше влегол во неа од следната причина. Едно момче ја засакало и посакало да има грешни односи со неа. Но, таа го одбивала. Кога увидело дека ни со умилни зборови ни со скапоцени подароци не може да дојде до бараното, момчето отишло во египетскиот град Мемфис, кај тамошните вражачи на Ескулап, и им раскажало за своето љубовно страдање за таа девојка. Откако добило од нив некакви волшебни зборови, испишани на бакарна плоча, тоа се вратило дома и ја закопало плочата под прагот од домот на таа девојка. Така го поучиле вражачите. Во тој момент влегол ѓаволот во неа и толку ја разгорел со блудна страст, што започнала бесрамно да вика, повикувајќи го по име момчето, за да ја задоволи нејзината страст. Се соблекувала, се разголувала, и се мачела во блудољубие. Нејзините родители сфатиле дека тоа е ѓаволска напаст и веднаш ја одвеле кај преподобниот во манастирот. Во тоа време кај него имаше многу браќа, зашто беше изградил голем манастир. На пат кон преподобниот, ѓаволот во девојката викаше:

- Ми беше подобро кога бев во Мемфис, заведувајќи ги луѓето со сновиденија, отколку сега кога сум испратен овде.

 Кога ја доведоа кај светителот, ѓаволот извика:

- Јас, без да сакам, влегов во оваа девојка и насилно сум испратен во неа од мојот господар. Сега страотно се мачам и не можам да излезам, бидејќи сум врзан за бакарна плочка и закопан под прагот. Нема да излезам додека не ме разреши момчето, кое ме врза.

Светителот малку се насмевна и рече:

- Толку ли е голема твојата сила, ѓаволе, што со конец те врзале и те држат за бакарна плоча? Зошто не си влегол во момчето кое те врзало? Ѓаволот одговори:

- Во него веќе се наоѓа мојот другар, ѓаволот на сладострастието.

Откако се помоли, светителот го избрка ѓаволот од девојката и ја поучи да се чува од вражјите стапици и да одбегнува разговори со бесрамни момчиња.

Еден кнез, во кого што имаше нечист дух, дојде кај светителот и се исцели. Како благодарност му донесе на својот бесплатен лекар десет литри злато, и го замоли да го прими. А светиот му го покажа својот јачмен и му рече:

- Оној што се храни со таков леб, на златото гледа како на кал.

И не го прими златото, а го отпушти кнезот здрав.

А пак преподобниот Антониј, додека слушаше за Иларион и за чудесата што ги врши, многу се радуваше и често му пишуваше. На оние што доаѓаа кај него од Сирија, им говореше:

- Зошто се мачите да минувате толкав пат до мене, кога во ваша близина го имате мојот син во Христа Иларион, кој добил од Бога дар да ја исцелува секоја болест?

Со благословот на свети Иларион започнаа по цела Палестина ша никнуваат манастири, и сите монаси доаѓаа кај него, желни за неговите поуки. Тој ги поучуваше на патот на спасението. Еднаш браќата кои доаѓаа кај него го измолија да појде да ги посети манастирите, кои се множеа по неговите молитви и благослов, да ги утврди и да им пропише устав на монашкиот живот. Кога тргна на пат, кај него се собраа многу браќа, околу три илјади од нив, кои го пратеа насладувајќи се на неговите медоточиви поуки. Додека ги посетуваше манастирите и браќата, преподобниот створи многу чудеса. Еден гостољубив брат имаше свое лозје, од кое секоја година добивал околу сто мери грозје. Тој со љубов го прими свети Иларион и ги замоли браќата да влезат во лозјето и да си наберат грозје колку што сакаат. Така секој си набра за себе. А бројот на браќата, како што веќе рековме, беше околу три илјади. Кога ја виде таквата љубов на овој брат, преподобниот го благослови неговото лозје и таа година тој набра над триста мери грозје од него. Така благословот го умножи родот за гостољубието кон браќата.

А пак друг брат, скржав и немилостив, кога виде дека светителот со браќата минува, постави стражар крај своето лозје, за да не му откинат некој грозд. И стражарот фрлаше камења по браќата, говорејќи:

- Не доближувајте се до лозјето, тоа е туѓо.

Тој брат се лиши од благословот на светителот и набра многу малку грозје, па и тоа беше сето кисело.

Еднаш преподобниот се упати кон пустината Кадис, да го посети својот ученик. По пат требаше да помине низ незнабожечкиот град Елус. Тука наиде на демонски празник, на кој се беше собрал многу народ од околните села, кои се веселеа и ги принесуваа своите нечисти жртви во храмот на богињата Афродита. Кога слушнаа дека доаѓа, овие незнабошци излегоа со жените и децата да го пречекаат, бидејќи и до нив одамна беше допрел гласот дека е голем чудотворец. Тие ги наведнаа своите глави и на сириски велеа “Варах! Варах!“ односно „Благослови! Благослови!“

Тогаш приведоа кај него многу болни и бесомачни, и преподобниот ги исцели со силата Христова. Потоа ги поучи во познанието на вистинскиот Бог и ги приведе кон верата Христова. Не си замина додека тие не го срушија идолскиот храм, изградија црква и се крстија во името Господово. Откако ги утврди во верата и им даде благослов, светителот си го продолжи патот.

Преподобниот имаше од Бога таква благодат, што по мирисот на телото и допирот на облеката и предметите, знаеше кој од каква страст страда. Еднаш еден скржав и среброљубив брат му испрати зеленчук од својата градина. За време на вечерата учениците му го изнесоа тој зеленчук, а светителот се сврте од него, говорејќи:

- Носете го одовде! Не можам да ја поднесам смрдеата што излегува од него!

Неговиот ученик Исихиј го молеше да вкуси и да ја благослови љубовта на братот, говорејќи:

- Не гнаси се, оче, од приносот на братот. Тој со вера ти ја принесе првината од својата градина.

Светителот одговори:

- Зарем ти не чувстуваш колку мириса на скржавост овој зеленчук?

Исихиј праша:

- Како може зеленчукот да испушта смрдеа на некоја страст?

Светителот одговори:

- Ако не ми веруваш мене, тогаш дај го на воловите, па види дали ќе јадат.

Исихиј го зеде зеленчукот и го однесе во јаслите на воловите. Тие го помирисаа и започнаа да рикаат, зашто не можеа да ја поднесат смрдеата, па се откинаа и побегнаа.

Во тоа време свети Иларион имаше 63 години. Околу него се беа собрале многу браќа, па се јави потреба манастирот да се прошири. Но и умножените грижи му пречеа на неговото безмолвие. Покрај тоа кај него доаѓаа и многу луѓе и за исцеленија и за благослов. Доаѓаа кај него и свештеници и епископи со останатите служители на Црквата, а и кнезови и велможи од многу градови и области, со желба од него да чујат слово Божјо и да добијат благослов. Нажален за осаменоста, светителот плачеше сеќавајќи се на своето молчание од првите денови, додека живееше сам во пустината.

Кога браќата го прашуваа зошто многу тагува и плаче, тој им одговараше дека е тажен поради неговата слава по сите палестински и соседни градови, а и меѓу браќата во манастирот, при што го нарекувале господин.

Од овие зборови се досетија дека сака кришум да замине од нив, и започнаа будно да внимаваат да не ги остави. Старецот тагуваше така две години.

Еднаш кај преподобниот дојде Аристенета, сопругата на епархот Елпидиј на која одамна ѝ ги исцели трите сина. Таа го замоли за благослов и молитви за пат во Египет, за да му се поклони на преподобниот Антониј Велики. Кога слушна за него, преподобниот воздивна и рече:

- О, кога и јас би можел да отидам таму и да го видам во тело светиот и возљубен мој отец Антониј. Но, браќата насилно ме држат овде и не можам да појдам.

Потоа молчеше, па заплака горко и рече:

- Ете, веќе е втор ден откако сиот свет тагува поради губитокот на големиот светилник. Преподобниот Антониј веќе излезе од своето тело.

Жената и присутните сфатија дека му е откриено од Бога за претставувањето на свети Антониј. Аристенета се врати во својот дом, а по неколку дена стигна веста дека преподобниот Антониј се упокоил во Господа.

Не можејќи да ги поднесе вревата и почестите од луѓето, при тоа со откривање од Бога, знаејќи дека на Бога Му е угодно да замине од таму, свети Иларион повика некои од своите ученици и им наложи да појдат со него. Тие доведоа магаре, го качија и придржувајќи го тргнаа на пат. Кога останатите браќа и и жителите на околните градови и села дознаа дека ги напуштил, се собраа околу десет илјади луѓе и побрзаа по него. Го достигнаа и сите паднаа пред него и со солзи го молеа да не ги остава, говорејќи:

- После Бога ние тебе те имаме во Палестина за отец, кој нѐ крепи и ни помага. Затоа не оставај нѐ како овци без пастир.

А тој ги советуваше:

- Зошто, чеда мои, ми го кинете срцето? Знајте дека ова не го правам без волјата Божја. Јас се молев на Господа, и Господ ми нареди да заминам одовде, за да не ја видам неволјата што ќе ја снајде Црквата Божја, да не го гледам рушењето на светите храмови, уништувањето на олтарите, и проливањето на крвта на моите чеда. Затоа не задржувајте ме.

А тие, кога слушнаа дека му е откриено за неволјите што ќе наидат, уште посрдечно започнаа да го молат да не ги напушта, туку со своите молитви да им помага во неволјите.

Тој се огорчи и удираше со стапот по земјата, говорејќи:

- Нема ни да јадам, ни да пијам, додека не ме пуштите. Ако сакате да ме видите мртов, тогаш задржувајте ме.

Тие цели седум дена го задржуваа со своите молби, па кога видоа дека неговата намера е непоколеблива, го отпуштија со мир. Сиот народ со плач го испраќаше уште долго далеку. Кога наближија до градот Ветилиј, светителот ги преклони колената и се помоли заедно со сите, па откако ги довери на Господа, ги отпушти по домовите. Потоа одбра четириесет браќа, за кои знаеше дека ќе можат да ги издржат сите тешкотии при патувањето со пост и малку храна по зајдисонце, и ги поведе со себе. По петдневно патување стигна во Пилусија. Откако ги посети браќата кои живееја во блиската пустина, во местото Лихнос, отпатува од таму и по три дена стигна во градот Таваст. Тука се сретна со епископот Драконтиј исповедникот, кој беше таму во заточение, па и двајцата се утешија со боговдахновен разговор. Од таму, патувајќи неколку дена со голем напор, стигна во Вавилон да го посети епископот Филон исповедникот. Овие двајца мажи ги беше прогонил царот Констанциј, помагајќи ги зловерните аријанци. Откако поразговара со блажениот Филон, преподобниот отиде во градот Афродитопол, а од таму по тридневно патување низ страшна и сурова пустина стигна на високата планина каде што живееше преподобниот Антониј. Таму ги најде неговите ученици Исак и Пелусијан, кои многу му се израдуваа. Тоа место беше многу убаво, и светителот го разгледа со голема срдечност. Исак и Пелусијан му ги покажуваа сите места, осветени со подвизите на преподобниот Антониј: на ова место пееше свети Антониј - говореа тие - на она се предаваше на молитвено тихување и богоразмислување; овде се молеше, а таму седеше и плетеше корпи; овде имаше обичај да се одмора, а таму да спие; ова лозје и овие дрвја самиот ги засадил, а ова гумно со свои раце го направил; овој бунар самиот го ископал со голем напор и пот а еве ја и мотиката, која долго време ја употребувал за копање.

А кога дојдоа на местото каде свети Антониј имал обичај да се одмора, преподобниот Иларион со страв и радост го целиваше, и легна на него. На врвот на таа гора имаше две камени ќелии, во кои свети Антониј одел на безмолвие и богоразмислување, криејќи се од народот кој му доаѓал.

Откако се одмори таму со своите браќа, преподобниот повторно се врати во Афродитопол. Тука ги отпушти браќата, со наредба да се вратат во својот манастир, а кај себе остави само двајца. Со нив отиде во пустината недалеку од тој град, и таму се насели. Живееше во безмолвие, пост, молитви и други големи подвизи, како сега да го започнал своето живеење во Христа.

По претставувањето на преподобниот Антониј, три години не заврна дожд и имаше голем глад во таа област. Земјата изгоре од горештината како од оган и луѓето говореа дека поради смртта на преподобниот Антониј тагуваат не само луѓето туку и небото и земјата, а небото не дава дожд. Умираа од глад и жед и луѓето и домашните животни. Кога слушнаа дека во нивните места живее Антониевиот ученик свети Иларион, се собраа многу луѓе со жените и децата и се упатија кај него. Тие срдечно го молеа, говорејќи:

- Бог ни те испрати тебе наместо Антониј. Смилувај ни се и помоли се на Господа, по Својата милост да ѝ испрати дожд на нашата пресува земја.

Кога ја виде маката на овие луѓе, свети Иларион ги крена очите и рацете кон небото, се помоли со солзи, и веднаш падна силен дожд и ја напои земјата. Од тогаш луѓето започнаа да доаѓат кај него, носејќи ги своите болни. Кога виде дека и тука му досадуваат и му се нарушува безмолвието, светителот одлучи да оди во пустината Оасим?. Тргна со своите двајца ученици. Откако ја помина Александрија дојде во Брухија и таму најде некои познати браќа, кои со радост го примија. Остана кај нив неколку дена и намисли да го продолжи патот, но браќата го молеа да остане кај нив. Тогаш одлучи кришум да замине ноќе. Но, кога учениците започнаа да го подготвуваат магарето, браќата забележаа, па отидоа кај него и легнаа кај вратата, говорејќи:

- Подобро да умреме лежејќи крај твоите нозе, отколку толку брзо да се лишиме од тебе.

Преподобниот ги молеше:

- Станете, чеда мои. И за вас и за мене е корисно да ме ослободите, зашто Бог ми открива да заминам одовде. Брзам, за поради мене да не ве снајде некоја жалост. Вие дури подоцна ќе сфатите зошто брзам.

Браќата станаа, а преподобниот се помоли, се прости со нив и замина. Патуваше тој низ непроодна пустина, чуван со благодатта Божја, а на вториот ден од неговото заминување од Брухија, таму дојдоа незнабошци од Газа со џелати, и прашуваа за него. Кога дознаа дека заминал, тие говореа:

- Види го тој волшебник. Дознал што ќе го снајде, па побегнал.

Незнабожните жители на Газа одамна му завидуваа затоа што народот го напушта нивниот бог Марнас и оди кај него. Затоа му беа многу лути, а особено жреците на Марнас. На сите можни начини тие се трудеа да го убијат, но не им успеваше бидејќи сите околни градови и села многу го почитуваа. А кога умре царот Констанциј и на престолот стапи идолскиот служител Јулијан Отстапник, беззакониците начекаа погодно време за нивната лоша намера. Тие го наклеветија светителот со неговите ученици кај царот и издејствуваа од него писмена наредба, да се срушат неговите манастири во близина на Газа, да ги претепаат и протераат неговите ученици од нивната област, а Иларион со неговиот помошник Исихиј да го убијат. Незнабошците постапија така. Ги срушија манастирите и ги протераа монасите. А Исихиј, најмилиот ученик на блажениот Иларион заради својата сесрдна послушност, со која што ги надминуваше останатите ученици, се криеше по пустините.

Во тоа време преподобниот, чуван од Бога, живееше во Оасимската пустина. Таму остана околу една година. Кај него дојде неговиот ученик Адријан, го извести дека царот Јулијан е убиен, и го повикуваше да се врати во Палестина, бидејќи црковниот мир беше настапил. Но, светителот го сакаше своето безмолвие и не сакаше да се врати. Кога виде дека ни тука не може да се сокрие од луѓето, тој тргна низ пустината во Либиските краишта со еден свој ученик Зинон, а Адријан со другиот ученик се врати во Палестина.

Од приморскиот град Паретон, преподобниот со кораб отиде во Сицилија, за да ја одбегне човечката слава. Сопственикот на коработ имаше син, мачен од нечист дух, кој викаше од него:

- Слуго Божји Иларионе, зошто и по морето не ми даваш мир? Стрпи се додека да стигнеме на брегот, за одовде да не отидам во бездната.

Светителот му одговори:

- Ако Бог ти наредува да останеш во неговото створение, тогаш остани. Ако пак те брка, што можам јас. Јас сум грешен човек.

Таткото на болното дете и сите присутни паднаа пред нозете на светителот и го молеа да се смилува на детето, а тој одбиваше, нарекувајќи се грешник. Најпосле рече:

- Ако ми ветите дека никому нема да кажете за мене во земјата во која што одиме, јас ќе Го замолам мојот Господ да го истера злиот дух од детето.

Тие со заклетва ветија. Тогаш преподобниот се помоли и го истера ѓаволот од момчето и сите Го прославија Бога.

Кога коработ стигна во сицилиското предгорје Пихон, светителот за превозот му понуди на сопственикот Свето Евангелие, препишано со неговата рака уште од младоста, бидејќи немаше ништо друго. Но, тој одби, иако блажениот настојуваше и му рече:

- Никогаш нема да го сторам тоа. Нема да земам од сиромашните, кои немаат ништо.

Светителот се радуваше што е крајно сиромашен и што нема ништо свое. Потоа во близина на брегот се насели со својот ученик, кој секој ден собираше по еден нарам дрва, ги носеше во блиското село и за добиените пари купуваше леб. Со тоа се хранеа и двајцата, благодарејќи Му на Бога. Но, не може да се сокрие град на врв планина (Мт. 5, 14). Еден бесомачен човек во црквата на свети Петар во Рим, извика:

- Неодамна допатува на Сицилија слугата Христов Иларион. Никој не го познава и мисли дека може да остане во тајност. Но, јас ќе појдам таму и ќе го обелоденам.

Така и се случи. Тој човек го одведоа на Сицилија. Во Пихон го најде свети Иларион, падна пред неговата ќелија и доби исцеление по неговите молитви. Од тогаш блажениот стана познат во таа земја. И започнаа да доаѓаат кај него многу луѓе за исцеление и никој не се враќаше, без да го добие бараното. А споменатиот човек од Рим, кој се исцели од бесомачноста, од благодарност му донесе богати подароци. Но тој не ги прими, говорејќи:

- Стои напишано: „Бесплатно сте добиле, бесплатно давајте“ (Мт. 10, 8).

Додека беше на Сицилија, неговиот мил ученик Исихиј цели три години го бараше по целиот свет својот возљубен духовен отец. Внимателно пропатува многу земји, гори и пустини, но не го најде. Кога беше во приморскиот град Метон, на Пелопонез, слушна од некој евреин трговец дека на Сицилија се појавил христијански пророк, кој врши многу чудеса. Исихиј го праша:

- Како се вика и како изгледа?

Евреинот одговори:

- Не сум го видел и не знам. Само сум слушал за него.

Исихиј почувстува дека се работи за блажениот Иларион и веднаш отиде во Сицилија. Од своите сопатници одвај дозна само дека тој чудотворец извршил многу чуда и дека од никој не примил ни парче леб. Кога го најде во Пихон, Исихиј падна пред неговите нозе и со солзи ги целиваше. Старецот одвај го подигна и го утеши со душекорисен разговор.

По некое време, кога виде дека мнозина доаѓаат кај него и го слават, старецот им рече на своите ученици Зинон и Исихиј:

- Чеда мои, ние не можеме да живееме овде. Ајде да појдеме во друга земја, каде никој нема да знае за нас.

И тајно заминаа во далматскиот град Епидавр, каде што го упати Господ за доброто на многумина. По неколку поминати дена близу Епидавр, во едно осамено и зафрлено место, жителите на тој крај дознаа дека кај нив дошол угодникот Божји, кој претходно бил на Сицилија. Бог им го јави на луѓето слугата Свој и го прослави. И луѓето се собраа и дојдоа кај него, му се поклонија и започнаа да го молат да им помогне во нивната голема неволја. Во тие места живеела страшна змија, толку огромна што проголтувала волови и луѓе. Така погубила огромен број луѓе и добиток. Светителот нареди да се наберат дрва и да се запали силен оган, а самиот ги преклони колената и се помоли на Господа да се смилува на своите луѓе. Потоа започна да ја повикува змијата. И таа дојде како влечена од некоја сила. Сите го гледаа тоа и се ужасуваа. Светителот ѝ нареди на змијата да влезе во огнот. Таа веднаш го послуша, влезе и изгоре.

Луѓето Го прославија Бога и Му заблагодарија на свети Иларион.

Од тој ден многумина започнаа да доаѓаат кај него за помош. Тоа многу го жалостеше и започна да размислува каде би можел да се сокрие од луѓето и да живее во безмолвие. Во тоа време се случи силен земјотрес, од кој морето силно се разбранува и се излеа преку брегот. Брановите се креваа толку високо, што ги покриваа високите ридови. Корабите, носени од водата, остануваа на ридовите. Жителите помислија дека започнува втор потоп и во страв и ужас ја очекуваа пропаста на земјата и смртта, па многу лелекаа. Но, одеднаш се сетија на свети Иларион, се стрчаа кон него и мало и големо, и жени и деца, и со солзи го молеа да се помоли на Бога за нив, да го тргне од нив Својот праведен гнев. Светителот појде и застана меѓу морето и градот. А морето се крена толку високо над Епидавр, што се чинело дека ги допира облаците и ќе го потопи градот. Светителот нацрта на песокот три крста, ги крена рацете кон небото и Му се молеше срдечно на Човекољубецот Бог, да се смилува на своето створение. Додека така се молеше, Бог го јави своето човекољубие. Со наредба Божја морето постепено се смири и се врати назад. Земјотресот престана и ветровите се смирија. За оваа голема сила Господова и молитвеното посредување на преподобниот Иларион во градот Епидавр, татковците им раскажуваа на своите деца од колено на колено.

Но, свети Иларион, одбегнувајќи ја човечката слава, ноќе замина од таму и со своите ученици се качи на кораб за Кипар. За време на пловидбата ги нападнаа разбојници и сите многу се исплашија. Свети Иларион ги утеши, говорејќи:

- Зарем се повеќе од војската на фараонот, која Бог ја потопи во морето?

Кога разбојниците се приближија, светителот им даде знак со раката и рече:

- Доволно ви е што сте допловиле до тука.

И во тој миг разбојничките кораби застанаа и не беа во состојба да се доближат до коработ на светителот. Разбојниците многу се трудеа веслајќи, и посрамени се вратија назад, отфрлени со силата Божја.

На островот Кипар свети Иларион се насели на едно пусто место, на два километри од градот Паф. Но и таму не можеше да се сокрие. ѓаволите, кои живееја во луѓето, го известуваа народот за неговото доаѓање. Со Божја наредба се собраа од тие краишта околу двесте бесомачни, и машки и женски, и дојдоа кај светителот. По неговите молитви сите се ослободија од бесомачноста.

Остана таму две години, а потоа реши да замине, барајќи пустинско место за безмолвие, во мир да го заврши својот живот. На дванаесет километри од морето најде осамено диво место среде високи планини.

Околу него имаше многу овошки (чиј род не го вкуси) и прекрасна вода од планиски поток. Имаше и градина и запуштен идолски храм, во кој живееја многу демони. Тоа место му се допадна, бидејќи беше многу пустинско и тука помина пет години. А демоните и дење и ноќе креваа воена врева, за да го заплашат и избркаат од таму. Светителот се бореше со нив со непрестајната молитва, и боготежнеечки, тихувајќи живееше во мир, бидејќи никој не смееше да дојде до тоа место, како многу недостапно и населено со многу демони.

Еден ден старецот излезе од колибата и виде човек кај лежи покрај колибата, па го праша Исихиј кој е и кој го донел. Тој му одговори дека е сопственикот на тоа место. Светителот заплака, ја испружи раката над него и рече:

- Во името на нашиот Господ Исус Христос, стани и оди!

И раслабениот веднаш стана потполно здрав и започна да оди, фалејќи Го Бога.

По ова чудо сите околни жители започнаа да доаѓаат кај светителот, без да се плашат од злите духови и тешкиот и опасен пат.

Преподобниот се сети на браќата во Палестина и го испрати блажениот Исихиј да ги посети и да им однесе поздрав од него. А самиот започна да помислува да замине од таму, бидејќи и тука луѓето му досадуваа со своето доаѓање, но само чекаше да се врати Исихиј. Во тоа време умре неговиот ученик Зинон. А и нему му дојде времето да го заврши својот мачен земен живот. Имаше веќе осумдесет години. Однапред известен за своето заминување кај Бога, тој напиша свој завет за браќата. При тоа му го остави на Исихиј своето свето Евангелие, препишано со негова рака, власеница и качулка. Потоа започна да изнемоштува со телото.

Кога жителите на Паф дознаа дека свети Иларион е болен, веднаш започнаа да доаѓаат да го посетат. Со нив дојде и една богоугодна жена Констанција, чија што болна ќерка преподобниот ја исцели откако ја помаза со елеј. Кога виде дека Господ го повикува кај Себе, започна да ги моли своите посетители по неговата смрт без одолговлекување веднаш да го погребаат неговото тело во истата градина во која што живеел. На умирање со својот очистен ум го набљудуваше разделувањето на душата од телото:

- Излези, душо моја, зошто се плашиш? Излези, зошто се вознемируваш? Осумдесет години си Му служела на Христа и се плашиш од смртта?

Со тие зборови го предаде својот дух на Господа. Присутните плачеа по него како за татко и учител, и го погребаа на тоа место, според неговата заповед.

Кога блажениот Исихиј се врати од Палестина и не го најде својот наставник, плачеше над неговиот гроб многу денови. Имаше намера телото да го пренесе во Палестина кај браќата, но не можеше бидејќи сите околни жители го чуваа за некој да не го однесе. Тогаш Исихиј се преправи како да сака да остане да живее на тоа место и рече:

- И Јас нека умрам и нека бидам погребан овде со мојот отец.

Луѓето му поверуваа и го оставија да живее покрај гробот на свети Иларион. По десет месеци Исихиј го отвори гробот и го најде неговото тело како сега да се упокоил. Лицето му беше светло и со прекрасен мирис. Исихиј го зеде и кришум отиде во Палестина. А палестинските монаси и мирјани, кога слушнаа дека Исихиј ги донел моштите на свети Иларион, се собраа од сите манастири и градови со свеќи и кадилници, и чесно ги погребаа во Мајум, во неговиот прв манастир.

Не треба да го премолчиме и настанот со гореспоменатата жена Констанција. Како добродетелна и богоугодна, таа имаше големо срдечност кон свети Иларион и често доаѓаше на неговиот гроб, по цела ноќ се молеше и како да разговараше со жив, го молеше да се моли за неа. А кога дозна дека неговото тело е украдено, таа од жалост падна и умре. Со својата смрт покажа колку вера и љубов имала кон преподобниот.

А пак жителите на Кипар и Палестина се препираа меѓу себе, фалејќи се со свети Иларион. Жителите на Палестина говореа дека кај нив е телото а тие од Кипар возвраќаа дека пак кај нив е неговиот дух.

И на двете места, и на Кипар, каде што бил погребан, и во Палестина, каде што е пренесен, по неговите свети молитви се случуваат многу чуда и се даваат безбројни исцеленија во слава на Бога, Едниот во Троица, Кому и од нас чест, благодарност и поклонение. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ИЛАРИОН МЕГЛЕНСКИ

Сладок е овој сегашен живот, но оној бесмртниот е посладок од секоја сладост, и знае да го привлече и освои човекот на некој чуден начин и да го испрати во оној иден век. Затоа, ако во сегашниот живот ја сочуваме убавината на боголикоста на нашата душа, тогаш ќе добиеме поголема и подобра награда - вечномладиот бесмртен живот. Но, само кога би имале небесен јазик, ние би можеле достојно да ги опишеме со секоја сладост оние идни добра, бидејќи тие се неспоредливо подобри и пославни од сите житејски работи и добра. Но, јас на такво нешто сѐ уште не се удостоив и затоа го зборувам само она што телесното чувство може да го сфати и разбере. Навистина е невозможно со пропадливите сетила да се зборува за непропадливи и неискажани работи, кои само со вера се примаат и сфаќаат.

Со овие и вакви зборови блажениот трновски патријарх Евтимиј го започнува опишувањето и раскажувањето на животот и подвизите на македонскиот светител, преподобниот Иларион, епископот Мегленски. Потоа додава:

- Единствено самиот свети Иларион би бил во состојба лесно и точно да ни раскаже на што тој сега и со душата и со сетилата се насладува.

Бидејќи јас не сум во состојба, вели блажениот патријарх Евтимиј, сега ја призивам благодатта на овој светител, за некако да ги раскажам, ако не според достоинство, барем според можностите, неговите свети дела и живот. Како што е невозможно да се избројат дождовните капки, така е невозможно да се искажат безбројните дела и подвизи на овој Светител. Затоа, откако го најдов и присобрав на едно место она што беше расеано, ќе настојувам на некој начин сето тоа да го изведам на видело, верувајќи дека светиот со радост ќе го прими, како чедољубив татко детските неспретни пелтечења. Ако пак изостанам некаде далеку од она што нему му одговара и доликува, неговата света и блажена душа, со секое блаженство исполнета, ќе ни прости како на таткољубиви деца. Од срдечност нема да нѐ искара туку ќе ни помогне, ќе нѐ поддржи и ќе нѐ раководи кон вистинското проповедање. Бидејќи тој знае, навистина знае да се радува на користа на ближниот.

Родителите на овој блажен беа многу истакнати и богољубиви луѓе, како ретко кои други. Тие во сѐ беа ревносни во заповедите Господови, и ден и ноќ поминувајќи во молитва. Беа бездетни и многу сакаа да добијат чедо. Неговата мајка, неплодна како Ана Самуилова, непрестајно се молеше, но нејзиниот глас не беше услишан. Најпосле таа ѝ се предаде на Богомајката и често одеше во Нејзиниот свет храм, каде со молитвата често воздивнувајќи и топли солзи проливајќи, вака ѝ се обраќаше:

- Не презирај ме, Владичице, мене слугинката Твоја, не оставај ме единствено јас да бидам бездетна во мојот род. Многу ме мачат тагата и жалоста и повеќе не можам да го поднесам срамот на бездетноста. Затоа единствено кај Тебе прибегнувам, Ти можеш да ме разрешиш од неплодноста.

Постојано така молејќи се, една ноќ ѝ се јави на сон Пресвета Богородица, ја допре со ногата и ѝ рече:

- Стани, жено, го доби бараното. Повеќе не досадувај ми.

Кога ги слушна овие зборови, жената сета радосна, како повторно да слушна зборови:

- Ке родиш син и тој многумина ќе обрати од заблудата кон богопознанието.

Полна со надеж по ова јавување, мајката беше весела. И навистина по некое време таа зачна и го роди блажениот Иларион. Кога имаше три години, тој, иако пелтечејќи, ја отпеа онаа ангелска песна, која се пее на висините: „Свјат, Свјат, Свјат, еден е Бог!“ Мајката многу се израдува бидејќи се вохитуваше на чудото, како детето само ги изговори зборовите на песната.

Кога порасна го дадоа да ги изучува светите книги. На осумнаесет години блажениот Иларион ги напушти родителите и светот и му се предаде на монашкиот живот. Отиде во еден од тамошните манастири, заради Господа ја наведна главата пред игуменот на тој манастир, и беше облечен во ангелскиот образ, односно во светиот монашки лик. Во монаштвото беше како плодна маслина во домот Господов, како втор Исак, бидејќи во сѐ му се покоруваше на својот духовен отец и целосно ја отсекуваше својата волја. Со целосна срдечност го исполнуваше секое послушание, што толку заблеска со своите добродетели, така што сите браќа само за него зборувале и со неговите добродетели се фалеле. Неговиот духовен отец многу се радуваше, прозирајќи ја и сфаќајќи ја благодатта дадена од Бога на блажениот Иларион, и топло се молеше до крај да биде сочуван од искушенијата.

По долго време игуменот го почувствува своето заминување кај Господа и заповеда да се соберат сите браќа, ги поучи, и старешинството му го предаде на преподобниот Иларион. Потоа поживеа кратко и го предаде својот дух на Господа.

Како наследник на благодатта и со молитвите на својот духовен отец, Иларион се трудеше добро да го чува стадото доверено од Бога. Се смируваше пред браќата и на сите им беше пример за углед. Со постот, бдението и сеноќното молитвено стоење, тој се измачуваше и проливаше потоци од солзи секоја ноќ. Во сѐ се трудеше да го поддржува општожитието на светиот и голем Теодосиј Велики, оснивачот и началник на општожителниот монашки живот.

Една година во манастирот се јави голем недостаток од жито, така што браќата се наоѓаа во немаштија и многи страдаа. Тогаш блажениот Иларион сиот се предаде на молитвата и со солзи го преколнуваше Божјото човекољубие да им помогне. И навистина, ненадејно манастирската житница се наполни со жито, та облакот на жалоста се тргна од браќата. Преподобниот изврши и многу други, достојни за раскажување чудеса, кои кога би сакале подробно да ги раскажеме би ни требало многу време. Кога на овој начин се истакна како втор житодавец Јосиф, тие стекнаа кон него уште поголема доверба и уште повеќе се зголеми бројот на браќата во манастирот. За свети Иларион се пронесе глас на сите страни и немаше крај каде што се немаше слушнато добрата вест за неговите подвизи и добродетели. Но, тој не се радуваше на тоа туку уште повеќе се облекуваше во смирението Христово и говореше:

- Не нам, Господи, туку на името Твое дај му слава.

Додека се подвизуваше така долги години и богоугодно раководеше, Господ не дозволи овој светилник да биде сокриен, туку го постави да го краси архијерејскиот престол на Црквата. Поради тоа му се јави Пресвета Богородица на тогашниот преосветен Охридски Архиепископ Евстатиј, и вака му рече за светиот:

- Не одложувај, Архиепископе, туку стави ја свеќата на свеќникот. Тоа го велам за Иларион, старешината на општожитието. Него постави го за пастир на народот Мегленски. Тој многумина ќе обрати од заблудата кон богопознанието.

Кога се разбуди, архијерејот Божји размислуваше како да ја исполни оваа заповед. Истата ноќ и блажениот Иларион имаше некое умилно видение, кое вака му зборуваше:

- Еве, денес ќе те изведам од синовите Израилеви. Јас, Господ Бог, те повикав во правда, цврсто ќе те држам за рака и ќе те пазам. Ќе те поставам за завет на народот, светлина за незнабошците (Ис. 42, 6-7). Кога се разбуди и го обмисли значењето на ова видение, сфати дека е видение од Бога, па се нажали поради разделбата со браќата, но не можеше да се противи на Божествената наредба, туку беше смирено послушен.

Не помина долго време и преподобниот Иларион беше хиротонисан за епископ Мегленски од охридскиот архиепископ Евстатиј. Кога потоа светителот дојде во својот град и влезе во соборната црква, најпрвин срдечно ги целиваше светите икони и се помоли за своето стадо, давајќи му го својот мир и благослов, со што ги исполни со радост срцата на сите. Потоа пастирски ги поучи да се држат до правата вера, со љубов да ги извршуваат заповедите Господови, да го следат само тоа што им е предадено и заповедано на православните и да бегаат од сите ереси и нивната суетност и празност, како што е речено во Светото Писмо: „Ги намразив, Господи, оние кои Тебе те мразат“ (Пе. 138, 21). Ги поучи секогаш да одат само во Соборната Католическа Црква и да се странат од секој што неуредно чекори. Да веруваат само во Отецот Синот и Светиот Дух, во Света Троица неразделна, исто така и во воплотувањето Христово и во Животворниот Крст Негов, како непобедливо оружје. Да ги почитуваат и светите мошти на Светителите како интимни и блиски Божји угодници. Да се држат до сите преданија на Црквата и да ги проколнуваат сите еретици: Ариј и Евномиј, Савелиј и Македониј, Аполинариј и Ориген и нивните списи, Теодор Мопсуестиски и неговиот ученик Несториј, Диоскор, Севир, Евстатиј и сличните на нив, а и Манес и Павле Самосатски, да се гнасат од нив и нивното учење. Слушајќи ги овие поуки од својот пастир, стадото негово многу се радуваше и Му благодареше на Бога што им подари таков учител. Еретиците се гневеа, а самиот блажен Иларион се трудеше да го умножи талантот, кој му беше врачен од Бога.

По некое време од овој настан, блажениот Иларион увиде дека поголемиот дел од народот е зафатен од манихејската и ерменската (монофизитска) и богомилската ерес. Овие споменати еретици настојуваа да го растурат православното стадо. Гледајќи дека еретичкото зло секојдневно се зголемува, светителот страдаше и од срце Му се молеше на Семоќниот Бог да ги отстрани непријателите. На својот народ често му држеше поуки и го зајакнуваше во православната вера. Еретиците многу се гневеа поради тоа и му вршеа разни пакости, а бараа со него да водат и расправа за верувањето.

Добриот пастир се предаде себеси на Севишниот и ги одбиваше сите нивни напади, на голема радост на Црквата. Еден ден поборниците на нечистата манихејска ерес (богомилите) кротко дојдоа кај свети Иларион и го искушуваа, како фарисеите Господ, за да го фатат на збор. Но, според реченото, неправдата се предаде себеси, во мрежата што ја сплетоа самите паднаа, бидејќи лагата беше изобличена со вистината.

Еретиците го запрашаа преподобниот, велејќи:

- Зошто, додека ние сметаме дека добриот Бог е Творец на небото, а други сметаат дека е Творец на земјата и сѐ што е во неа, вие не ѝ се покорувате на вистината туку ѝ се противите?

На тоа божествениот Иларион им одговори:

- Слушнете што вели Христос во Евангелието: „Учењето Мое не е Мое, туку на Отецот, Кој ме испрати“ (Јн. 7, 16). И јас нема од себе да ви одговорам, туку од Евангелието Христово, за кое вие сметате дека со него се утврдувате, а исто така и од светиот Апостол. Затоа, ако сакате да ме сослушате, оставете ја настрана секоја гордост. Како тоа, вие зборувате дека добриот Бог е Творец само на небото и воведувате некој друг творец за земјата и сѐ што е на неа? Некои пак од вас и за самото небо и она што е на него велат дека сето тоа е створение на ѓаволите. Ако според вашите зборови, и небото е дело на лукавиот, како тогаш добриот Бог почива на небото, створено од лукавиот? Како тогаш нашиот Спасител нѐ учи и ни предаде да се молиме со онаа страшна молитва: „Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое, да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото така и на земјата...“ (Мат. 6, 9-10)? И „ако им ги простувате на луѓето согрешенијата нивни, и вам ќе ви прости вашиот Отец небесен“ (Мт. 6, 14). И: „Оној кој ја исполнува волјата на мојот Отец, Кој е на небесата, тој е мој брат, и сестра, и мајка моја“ (Мк. 3, 35). Има ли некој нешто да каже за тоа што нам нашиот Спас ни го проповеда за небесното и за Отецот Кој е на небесата? Има ли нешто појасно од гласот, кој вели: „Те прославувам Оче, Господи на небото и земјата“ Мт. 11, 25)? Он овде јасно вели дека е Господ, не само Господ на небото туку истиот Он е Господ и на земјата. Гледате ли како, сметајќи дека себе си се утврдувате со евангелски зборови, со тие исти зборови се разобличувате? И што повторно му вели Спасителот на Петар: „Ќе ти ги дадам клучевите на Царството небесно...“ (Мт. 16, 19). А слушнете го и ова: „И откако се крсти Исус веднаш излезе од водата, и одеднаш Му се отворија небесата...“ (Мт. 3, 16). Значи, како тоа се отвори створението на злиот и лукавиот, додека Синот на добриот Отец се крштеваше? Поради што се отворија небесата и зошто? Бидејќи го виде, вели, Духот Божји како слегува во вид на гулаб (Мт. 3, 16). Ова е веќе трето изобличување на вашето нечестиво учење во овие мали и кратки зборови. И како тоа Духот Божји да земе на себе обличје на створение од лукавиот и слезе врз Господа? А видете го и четвртото изобличување на вашата безбожност: „И дојде глас од небото: Овој е мојот возљубен Син, Кој е по мојата волја“ (Мт. 4, 17). Кој е Тој Овој? Тоа е Оној што се крштеваше во водата, на Кого се отворија небесата, врз Кого Духот Очев во вид на гулаб слезе од небото. Еве, ние јасно и јавно ја докажавме вистината дека Бог е Творец на небото и земјата и на сите твари.

Вие пак, ги запраша свети Иларион, како Пречиста Богородица ја нарекувате севишен Ерусалим? Од кое тоа Писмо, од кој Светија, Пророк или Апостол? Кој ви е учител на тоа безумие, да се фрлите во толкава пропаст на зло? Зарем не зборува јасно и разговетно евангелистот Матеј: „Раѓањето на Исус Христос се случи вака: кога Марија, мајката Негова, била свршена за Јосиф, пред тие да се сретнат, се најде дека таа зачнала од Духот Свети..“ и останатото понатаму (Мт. 1, 18). И зборувајќи понатаму детално за раѓањето Христово, Евангелистот дојде и до доаѓањето на мудреците, па тогаш вели: „И дојдоа во домот, и Го видоа Детето со Марија, Мајката Негова, и паднаа на колена и Му се поклонија“. (Мт. 2, 1). Исто така и евангелистот Лука сосем јасно и гласно зборува за Господовото раѓање по тело од Марија Богородица. А ќе најдете и многу сведоштва од Евангелието и од Апостолот, кои две книги вие единствено ги примате и почитувате, додека сите други ги отфрлате, дека Пречиста Богородица Марија го родила по тело нашиот Господ Исус Христос. Поради тоа и Спасителот себеси на многу места во Евангелието се нарекува Син Човечки. Ете гледате, ние и овде ја покажавме вистината дека благовесниците никаде не ја нарекоа Пресвета Богородица вишен Ерусалим, како што сметате вие. Исто така, ве прашувам: од каде го измисливте она хулно богопротивно учење, кое и бесовите се плашат да го изговорат? Бидејќи и тие го нарекоа Христос син Давидов (сп. Мт. 9, 27), а вие бесрамно се осмелувате да зборувате дека Он донел тело од небото. О, ваше крајно безумие! Ако телото Христово би било небесно, тогаш тоа не би било подложно на оние безгрешни човечки страдања, односно на глад и жед, сон и умор, жалост и солзи, и сл. Ако бил небесен човек Оној со Кого по ипостас се соединил Логосот, тогаш не би бил и ранлив, и смртен, и земјен, бидејќи небесните жители се негнилежни и непропадливи и бесмртни. Тогаш каква била воопшто потребата за овоплотувањето од Дева? Но, Спасителот не само со тоа туку и по Воскресението им потврдил на Своите ученици дека телото кое го зел од нас не е привидение, ниту фантазија, и затоа говорел: „Видете ги рацете Мои и нозете Мои. Јас сум Истиот. Допрете Ме и гледајте. Зашто духот тело и коски нема, а како што гледате Јас имам“ (Лк. 24, 39). Ако бил привидение, тогаш чии ребра допрел Тома? (Јн. 20, 27). Чујте го и големиот Павле како им зборува на Евреите: „Бидејќи децата се учесници во телото и крвта, така и Он слично на нив зеде еднакво учество во тоа“ (Евр. 2, 14). Тој исто така го побива и вашето мислење за небесното тело, зашто вели: „Бидејќи не зеде удел од Ангелите, туку зеде од семето Авраамово, и затоа е должен во сѐ да се уподоби на браќата“ (Евр. 2,16-17). Ете, гледате дека стана јасно и очигледно дека Христос зел телесно и распадливо тело од Пречиста Богородица Марија.

И повторно ве прашувам: Каде сте ја нашле таа душегубна болест да зборувате дека старозаветниот Закон бил од лукавиот? Разбудете се, луѓе, и осознајте се од мракот од кој сте обземени. Истресете ги вашите очи од сонот на нечувствителноста. Ако стариот Закон бил од ѓаволот, како тогаш Спасителот, прашан за стариот Закон, која од неговите заповеди е прва и најголема, одговорил: „Прва и најголема заповед е: Чуј, Израиле! Господ, Бог наш, е Господ единствен... „ (Мр. 12, 29-30), а кога со тоа се согласило момчето кое го прашало, Спасителот му одговорил: „Не си далеку од Царството Божјо“ (Мр. 12, 34). Како тогаш, ако Мојсеевиот закон бил вражје дело, може да го има и да го знае едниот и единствен Господ и Бог? Ако Мојсеј го проповеда едниот Бог Господ и зборува дека освен Нему на никој друг не му служи и не се поклонува, каде се тогаш оние што воведуваат некое друго лошо начело и нему му го припишуваат тоа старозаветно законодавство? А дека Стариот Завет е Божествен и дека е дело на Небесниот Бог, ни кажува Павле, проповедникот на вистината, и говори: „Зарем Законот е грев? Никако!“ (Рм. 7, 7). И: „Знаеме дека Законот е духовен и се согласувам со законот Божји по внатрешниот човек“ (Рм. 7, 14. 22). И повторно: „Но јас со умот му служам на законот Божји, а со телото му служам на гревот...“ (Рм. 7, 14. 18). И така, Законот е свет, вели Апостолот, и заповедта е света, добра и праведна (Рм. 7, 12).

Заедно со сите овие безмислени заблуди, вие богомилите уште се осмелувате да хулите на чесниот Крст и да го нарекувате непријател, без да се засрамите од светиот Апостол, ниту пак да дојдете до познание на вистината. Ако ги следите апостолските преданија, како што се убедувате себеси, зошто не се поклонувате на Крстот, кога апостол Павле говори: „А јас да не се фалам со ништо друго, освен со Крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку Кого за мене светот е распнат, а и јас за светот“ (Гал. 6, 14). И повторно: „Зборот крст е безумие за оние што пропаѓаат, а за нас, кои се спасуваме, е сила Божја“ (Кор. 1, 18). Значи, ако Крстот е сила Божја, како што навистина е, зошто вие не верувате во силата Божја? Ако и верувате на апостолската проповед, која вели: „Со вера Авраам направи тоа и тоа“ (Евр. 11, 8), а верата е работа неиспитлива и неизречива, и со јазикот телесен никако не може да се искаже, а со верата пак се прима сето она што Светите преку верата го исчекувале и добиле, тогаш и вие со исто таква вера поклонете се на Крстот, односно на силата Божја. Бидејќи секое дело и чудо Христово е големо и чудесно и божествено, но од сите е почесен и повозвишен Животворниот Крст.                

    Бидејќи со ништо друго туку со Крстот се уништи смртта, и беше сотрен првородниот грев, и адот беше разорен, и вокресение                

се дарува, и нам ни се дари моќ да презреме сѐ сегашно, па и самата смрт. Како тогаш ние станавме деца Божји и наследници, освен благодарејќи на Крстот на нашиот Господ Исус Христос. Зашто со Крстот сѐ се врши. Ние, кои во Христа се крстивме, вели божествениот Апостол, во Неговата смрт се крстивме. И повторно: „Кои во Христа се крстивме во Христа се облековме“. И: „ Христос е Божја сила и Божја премудрост“ (Рм. 6, 3; Гал. 3, 27; Кор. 1, 24). Тоа е значи смртта Христова, односно Крстот, кој нѐ облекува во ипостасна сила и премудрост Божја. А пак силата Божја е зборот Крстов, или со други зборови, силата Божја е победата над смртта, која ни се јави преку Крстот. Или: како што крстот има четири крака и тие се држат тесно соединети поради оној среден спој што ги спојува, така поради силата Божја се држат висината и длабочината и должината и ширината, односно се држи сета видлива и невидлива твар Божја. Овој знак на Крстот ни се даде и на лице, како што на Израилот му се даде обрезанието. По крстот се разликуваме верните од неверните и со него се издвојуваме од нив. Крстот ни е штит и оружје и победа над ѓаволот. Крстот ни е печат за да не нѐ допре оној што погубува. Крстот е подигнување на оние што лежат, утврдување на оние што стојат, потпора на немоќните, жезол на пастирите и овците, раководител на оние кои се обраќаат. Крстот е Дрво на животот вечен. Значи ова свечено Дрво, на кое Христос Себеси за нас на жртва се принесе, ние го примаме достојно и му се поклонуваме како што и му доликува, бидејќи тоа Дрво е осветено со допирот на светото тело и крвта Негова. Ние се поклонуваме на знакот на чесниот Крст ако е изработен и од некоја друга материја (не само од дрво), не како да ја почитуваме материјата, Боже сочувај, туку го почитуваме знакот и ликот на Крстот, како слика Христова. Он Самиот им рече на Своите ученици: „Тогаш ќе се јави на небото знакот на Синот Човечки“ (Мт. 24, 30), односно Крстот. Исто така и на жените мироносици им говореше Ангелот на воскресението: „Знам дека Го барате Исуса Назареецот, распнатиот“ (Мт. 28, 5; Мр. 16, 6). И Апостолот вели: „Ние Го проповедаме Христос распнатиот“ (Кор. 1, 23). Не рекол прободениот, туку распнатиот. Овој чесен Крст го имаше како свој праобраз дрвото на животот насадено во рајот. Како што преку дрвото (на познанието на доброто и злото) дојде смртта, така требаше повторно преку дрвото да се даде животот и вокресението. Јаков ги благослови синовите Јосифови, ставајќи ги врз нив рацете крстолико (1Мојс. 48, 13-15); Мојсеј со жезолот направи знак на Крстот над водата и го раздели морето (2Мојс. 14, 16.21). Едноставно речено, со Крстот се изврши спасението на целиот свет.

Со тоа преосветениот Иларион им ги затвори устите на сите во оној нечестив собир на еретици. Тие беа многу посрамени, останаа неми како риби и се чудеа на благодатта и силата што излегуваше од устата на овој вистински пастир. Кога видоа дека не можат ништо да му одговорат, па дури ниту еден збор да изустат против она што им го рече светителот, тие смислуваа што би можеле да сторат понатаму. А свети Иларион повторно зеде збор, па им рече:

- Ако Христос само привидно се овоплотил, како што мислите вие, или пак од небото го донел телото, како тогаш во осмиот ден бил обрезан според старозаветниот закон? Самиот тој факт е доволен да го запре брборењето на неразумните, бидејќи обрезаното тело беше сродно на нашето тело. При тоа сосем јасно се покажува дека Господ вистински се овоплотил од чистата девствена крв. А вие, најдрски, од каде ви тоа да зборувате дека Господовото тело е од лошо начело? Ако зборувате така, и се осмелувате телото да го припишувате на лошиот и лукав ѓавол, тогаш објаснете ми како злото се соедини со Доброто? И како добриот Бог можеше да поднесе со лошо тело да се изврши спасението на светот? Или како го постави со Себе на престолот Очев?

Значи, ако законодавец на старозаветниот Закон е лошиот ѓавол, како тогаш Христос говори: „Испитајте ги Писмата, зашто во нив ќе најдете живот вечен“ (Јн. 5, 39)? А под Писма Он ги подразбира списите Мојсееви и на сите останати Пророци, бидејќи сѐ уште не беа книгите на Новата Благодат (Новиот Завет). Како ќе се најде живот вечен во оној што лукаво закони и заповеда? Како во тие Писма Христос, Кој е Вистина, говори: „Кога би му верувале на Мојсеј, би ми верувале и Мене, бидејќи тој за Мене пишува“ (Јн. 5, 36). Христос не рекол: некако би можеле да му верувате на Мојсеј, туку едноставно го потврдил Мојсеј како вистински и достоен на доверба. Ако старозаветното начело е лошо, како тогаш големиот Павле, започнувајќи го своето послание до Римјаните зборува дека Бог однапред јавил преку Пророците Свои во Светите Писма за Синот Свој, Кој по тело е роден од семето Давидово (Рм. 1, 2-3)? Значи, ако Пророците Божји и Писмата, преку кои Бог однапред јавил за Синот Свој, се свети, како тогаш Стариот Завет може да му се припишува на злото? А и евангелистот Марко вели: „Почеток од Евангелието на Исус Христос, Синот Божји, како што е напишано кај Пророците“ (Мр. 1, 1) и воопшто на многу места кај четирите Евангелисти е напишано: да се исполни тоа и тоа, речено преку Пророците. Ако на крајот, според апостол Павле, правдата Божја се јави посведочена од Законот и Пророците, како тогаш може да се смета дека Законот и Пророците не се вдахновени од добриот Бог и дека не се од Вистината?

Ете, ви покажав и од Евангелијата и од Апостолот дека Бог е Творец на небото и земјата и на секоја твар, и дека стариот и новиот Закон се од Него, и дека Он го зел на Себе нашето пропадливо и смртно тело, и откако го обожил, го вознел на небото и го поставил од десната страна на Отецот, и дека од чиста и девствена крв го зел тоа тело, и дека Христос со Крстот ја спасил вселената, и дека Нему ќе Му се поклони секое колено на небесните, земните и подземните, и секој јазик ќе исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бог Отецот (сп. Флп. 2, 10 -11). Затоа увидете ја и сфатете ја темнината во која се наоѓате, напуштете ја суетата и лагата, познајте ја Вистината и осветлете се со нејзината светлина. Денес за вас Господ говори: „Да не бев дошол и да не им бев зборувал, грев немаше да имаат. Но сега немаат изговор за својот грев“ (Јн. 15, 22). Затоа пристапете ѝ на Соборната Православна Црква и примете го крштението на Светиот Дух за отпуштање на гревовите. Еве, сега ви се радува Отецот Небесен и коле теле згоено заради вашето обраќање, пријателите и соседите ги повикува поради вашето наоѓање (сп. Лк. 15, 23-24.32). Додека го слушаа сето тоа, срцата на еретиците се исполнија со умиление, и тие со сета душа паднаа пред светиот, барајќи го од него дарот на крштението, кое веднаш го добија. Откако ја изобличија и поплукаа својата дотогашна вера, тие ѝ пристапија на Соборната Црква. Насобраниот православен народ се радуваше и Му благодареше на Бога и на својот архијереј, за придобивањето на толку многу души.

Старешините на нечистата ерменска ерес (монофизитите а со нив и манихејците и богомилите), се разгневија и од завист започнаа со навреди и хули да го напаѓаат светителот и да го нарекуваат лажливец и измамник. Божјиот угодник не им обрнуваше внимание туку постојано поучуваше, така што голем број луѓе постојано пристапуваа кон православните. Тогаш споменатите еретици Ермени го наговорија својот многуброен народ, кој им се покоруваше, да го убие светителот. А Божјиот угодник одеше меѓу безбожните волци и постојано во устата ги имаше зборовите од псалмот, кои велат: „И да појдам во смртна сенка, нема да се исплашам, зашто Ти си со мене“ (Пс. 22, 4). Овие еретици често доаѓаа кај светиот, не од корист туку за да го обвинат. Но, кога видоа дека постојано си заминуваат без успех, тие многу се гневеа. Еднаш додека се препираше со нив и тие не можеа да се спротивстават на премудроста и зборовите што им ги говореше, многу се разгневија и со камења го претепаа, како некогаш безумните евреи првомаченикот Стефан. Мислејќи дека праведникот е мртов, тие побегнаа. Така блажениот Иларион се покажа како маченик. Кога си дојде на себе и сфати дека тоа е ѓаволска пакост, стана и радосен си отиде во својата ќелија, бидејќи местото каде што го претепаа беше далеку и осамено надвор од градот. Кога дознаа за ова злосторство, православните одлучија да ги нападнат еретиците и до крај да ги искоренат. Но, свети Иларион, како ученик и подржувач на незлобивиот свој Владика Христос, им забрани говорејќи:

- Не, деца мои, немојте, туку сеќавајте се на зборовите Господови, речени на Петар: „Врати го ножот свој во ножницата, зашто секој што се фаќа за нож, од нож ќе загине“ (Мт. 26, 52). И светите Апостоли, иако тепани за името Господово, заминаа од Синедрионот радосни (Д.А. 5, 41). Оставете ги, зашто не знаат што прават.

Лошите еретици, кога видоа што се случи беа збунети, и како некогаш евреите за Господа, говореа:

- Едни зборуваат дека е добар а други дека не е, и дека ги лаже луѓето.

Така меѓу нив настана разногласност, та спореа и се караа меѓу себе околу светиот.

Друг пат, повторно некои од нив, опиени од болеста на својата заблуда, дојдоа кај блажениот и многу му зборуваа, бранејќи ја својата ерес. Тие во зборувањето се префрлаа и на едната и на другата страна и се фалеа дека православно мислат и ги држат сите црковни преданија, а исто така и светите служби и пости, и сѐ што е православно и предадено на Соборната Вселенска Црква. На тоа ним кроткиот по срце и уште покроток по мислење Иларион им одговори:

- Добро е што уште на самиот почеток ја спомнавте Соборната Православна Црква, бидејќи таа сѐ добро примила од очевидците на Логосот Божји, светите Апостоли, и сѐ добро востановено и предадено таа непоколебливо држи до денес. Тоа и вие ермените сте го држеле до Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон. Од тогаш сте се одделиле од Соборната Католическа (Православна) Црква, одејќи по некој Еханиј, кој бил наречен и Мантакуниј, и преку други заедно со него нечисти ереи, сте го примиле Евтихиевото и Диоскоровото лошо учење. Откако ги умноживте тие безбожни наредби и учења, ги одржавте до денес. И вие зборувате дека Христос не зел на Себе тело едносуштно со нашите, туку некое негнилежно, нестрадално, тенко, несоздадено и небесно тело. Такво хулно учење Соборната Црква никогаш не примила ниту предавала. Ако телото Господово било негнилежно, нестрадално и небесно, а нестрадалното тело ниту се изморува, ниту спие, ниту јаде, ниту пие, ниту може да се допре со рака, кој тогаш спиел на коработ ако не нашата природа? Кој плачел над градот Ерусалим? Кој проливал солзи за Лазар? Кој седел во домот на Симон лепрозниот? Кој им ги измил нозете на учениците? Кој ги предал Светите Тајни на Тајната Вечера? Кој врзан бил одведен во дворот на Кајафа? Кој бил распнат на Крстот? Кој бил положен во гробот? Кој по воскресението им рекол на учениците: допрете Ме и видете дека духот месо и коски нема, како што гледате дека Јас имам (Лк. 24, 39)? Ете, значи јасно ви покажавме дека Господ вистински се облече во ова наше човечко тело.

А пак еретиците, притиснети од вистинските зборови на блажениот, му одговорија со овие хулни зборови:

- Тоа Господово тело, кое се јавило, соединувајќи се со Божеството, станало една природа Христова.

На тоа, оваа премудра душа им одговори:

- Ако природата Христова е една, и таа една природа е сето Божество, Христовата пак природа е неразделива од Отецот, тогаш е јасно дека и телото Христово во времето на страдањето, соединувајќи се со Христовата природа, било неразделено од Отецот. Како тогаш тоа тело воопшто страдало и долу на земјата е држано и ранувано и прободувано, и како вистински умрело и во гробот мртво и неподвижно лежело? Ако телото Христово станало Божество, како тогаш самиот Христос говори: Боже мој, Боже мој, зошто си Ме оставил (Мт. 27, 46)? Како и на Марија Магдалена ѝ зборувал: Марија, не допирај се до Мене, бидејќи сѐ уште не излегов кај Отецот мој (Јн. 20, 17)? Како и на Апостолите по воскресението им говорел: Допрете се до Мене и видете дека дух и месо и крв нема, како што Мене ме гледате дека имам (Лк. 24, 39)? Апостолите уште ни наведуват и премногу други такви и слични сведоштва за овоплотувањето Христово, кои сведочат појасно од гласни труби.

Заедно со тоа, им рече понатаму свети Иларион на Ермените, вие и Трисветата песна „Свјатиј Боже“, на крајот по зборовите „Свети Бесмртни ги додавате оние неумесни зборови „Кој си се распнал за нас“, со што јавно го покажувате своето безумие и својата безбожност. Ако телото Христово е бесмртно, непропадливо и небесно, како тогаш тоа се распна? А ако се распна, како тогаш го нарекувате Божество? Понатаму вие и на светата Служба (Литургијата) не принесувате вистински квасен леб како ние, туку погача, односно тесто без квасец, а таквиот бесквасен принос е јудејски обичај, а не христијански. Апостол Павле и Григориј Богослов јасно говорат: „Старото поминало и еве сѐ станало ново (2Кор. 5, 17); и свети Златоуст говори за Старозаветниот закон и за Новиот: „Таму е словото овде е Духот, таму е кивотот овде е Дева; таму е жезолот Аронов овде е Крстот; таму е јагнето овде е Христос; таму е бесквасниот овде е вистинскиот леб“.

Кога еретиците ги слушнаа овие зборови само се чудеа и немаа што да одговорат а лицата им се покрија со срам. Сепак, по некое време, тие одговорија:

- Зарем лебот, кој Христос им го дал на Апостолите не бил бесквасен? Тогаш во тоа време само тој се нашол и затоа ние бесквасниот леб го принесуваме на жртва.

На тоа блажениот Иларион им одговори:

- Ајде, нека биде бесквасниот леб да бил тој што Христос во тоа време, поради недостиг на време, го зел и принел, за Тајната Вечера да не ни остане непредадена. Бидејќи наскоро требало да биде предаден на Јудеите, каков леб нашол таков зел и принел, за некако да не нѐ лиши од таквото спасение. Но, самите Негови ученици и останатите по ред црковни првосвештеници и Светите Отци, на жртва принесувале совршен леб, а не бесквасен, и ние, следејќи ги нив го принесуваме на жртва овој вистински леб. Христос и многу други работи поинаку предал, а Апостолите и нивните наследници направија тие работи да се вршат поинаку, но не како да му противречат на Христа. Како би можеле да го сторат тоа? Туку, бидејќи верата се ширеше и растеше, тие без никаков страв ги ширеа и тајните Христови, на слава и величање Негово. Така на пример, кога Христос требало да се крсти, не се свртел на запад, ниту со јазикот се одрекол од сатаната, ниту го изговорил Символот на верата, ниту имал потреба од молитвата на крштението, ниту се крстил во крстилница, ниту е со миро помазан, ниту веднаш по крштението се причестил со Господовото тело и крв, а ние сето тое сега го правиме. Христос не ја предал духовната служба на телото и крвта Господова по црквите (храмовите) туку во горната заедничка соба и на заедничката трпеза, и тоа откако претходно јадеа други јадења и легнаа, а не бил облечен ни во свештеничка одежда, ниту ја изговарал молитвата на нашето свештенодејство, со псалми и химни и песни духовни, а ние и служби вршиме во храмовите, и пред духовниот жртвеник, односно пред светата Трпеза доаѓаме гладни, и пред неа стоиме облечени во архијерејска одежда, секако не затоа што негираме сѐ напред речено, туку што сакаме чинот на службата да го направиме поубав и попречесен. Зашто Апостолите, а по нив и вистинските Пастири и црковни Учители, сите раководени од Духот Божји, имајќи го Неговото просветлување, некои работи укинале а некои умножиле, бидејќи за тоа добиле благодат од висините, така што се правеле на корист и сѐ богољубиво уредиле и заповедале.

    Но, ако внимателно погледнеме, ќе видиме дека лебот, кој што Христос им го предал на учениците Свои не бил бесквасен. Законот за еврејската Пасха вака говори: Во четиринаесеттиот ден на првиот месец јадете на вечерата бесквасни лебови до денот дваесет и први навечер; седум дена да не се најде квасец во домовите ваши (2Мојс, 12, 17-18). Значи таков бил законот. Но, Христос пред четиринаесеттиот ден, односно во тринаесеттиот ден ја извршил законската Пасха и ни ја предал Тајната Вечера, во кој ден сите сѐ уште јадеа квасен леб. А ако некој рече: ако тогаш вршел законска Пасха и јадел бесквасен леб со горчливо зелје и Он и учениците Негови, тогаш од каде им бесквасен леб? Ние на тоа ќе речеме: од таму што тоа требало така да се припреми според заповедта Спасова или по предвидување на самиот домаќин на оној дом, бидејќи и тој беше верник.

Понатаму, зошто вие не принесувате на светата Служба вино помешано со вода, туку само вино без вода и поради тоа само една природа Христова најавувате? Свети Григориј Богослов вели дека крвта и водата, што истекоа од ребрата Христови, едното јавува дека Христос е човек, а другото дека е над човекот, односно дека е Бог. Затоа, кога некој пристапува до жртвеникот и се причестува со крвта Христова од чашата, нека смета дека устата своја ја става на самите ребра Христови, и дека пие од Неговите ребра. А од Христовите ребра не истекла само вода туку и крв, како потврда на Неговите две природи, како што веќе рековме. А дека и во онаа чаша, од која Христос им дал на Апостолите да пијат, било помешано вода со виното, за тоа сведочи Јаков, братот Божји, и Евангелистот Марко во своите Литургии, зашто и двајцата вака говорат: „Пијте од неа сите, оваа е мојата крв, која се пролила за нас и за мнозина“. Секако дека Бог, како Оној што не лаже и Кој сѐ провидува, им предал на учениците онаква крв со вода, каква што требало да истече од ребрата Негови.

Понатаму, кога вие го земате крстот, од каква материја и да е, не го почитувате пред да го крстите како човек и прободете со железни клинци низ средината и го помазате со крв од жртва. Но, правејќи со раката знак на крстот на челото, и при крштението и на светите Служби, и во многу други случаи, вие на тој начин сметате дека се осветувате себеси. Но, о луѓе Ерменски, зарем вам не ви доликуваат зборовите пророчки: Примете наук за да не се разгневи некогаш Господ, и да ја сфатите својата заблуда и заслепеност (сп. Це. 2, 12). Ако крстот, кој се изобразува со раката ве осветува вас и оние на кои го ставате, на пример на водата на крштението, и на масло, и на миро, и на лицата на верните луѓе, и на тајниот леб и светата чаша, и воопшто на сѐ на што ќе го ставите, како тогаш и крстот направен од било каква материја е сметан кај вас за нечист и бива од вас осветуван со крштевање и прободување и крв? Како што пред распнувањето Христово на него, крстот беше оружје на смртта и како таков проклет, така што знакот негов беше гнасен и одвратен, така по распнувањето на Христа на него, тој беше осветен со крвта на Владиката и неговиот знак стана осветување на сите верни. Најпрвин крстот луѓе убивал, а сега ги убива демоните. Затоа и божествениот Григориј, просветителот на Голема Ерменија, откако поставил дрвени крстови на некои места, заповедал да им се поклонуваат и да им притекнуваат како на осветени и кои осветуваат, и тоа тогаш кога сѐ уште не беше ракоположен за архиереј, ниту ги беше осветил со некое крштевање или крв или нешто друго. Исто така, ве прашувам, како вие, правејќи три дрвени крста и соединувајќи ги во едно, смеете да го повикувате името на Света Троица, без да се плашите да правите слика на Блажената Троица, единствената нестворена и неизмерлива и неиспитлива и затоа незамислива?

И повторно ве прашувам: Поради што го постите вашиот пост наречен Арцивурциев?

На тоа ермените како со една уста му рекоа:

- Го постиме таквиот пост заради некој Сергиј Ерменин, кој пострадал во нашата земја.

Светителот одговори:

- Вие, кои сте неправославни и заблудно верувате, како можете да докажете дека тој Сергиј бил православен и дека заради Христа пострадал? Гледаме дека ниту некој Пророк, ни Апостол, ни Маченик, ни Преподобен, па ни самиот свети Григориј Велики не ви го предал тој пост или празник.

А тие, притиснете од тоа, рекоа дека е тоа пост на Ниневитјаните, кој некогаш Ниневитјаните го постеа и се избавија од онаа страшна гибел (сп. Јона 3, 5-10). Светителот веднаш им одговори:

- Бидејќи никој од светите Апстоли, ниту некој од Соборот на Светите Отци не го спомнува тој пост, ниту го предал, тогаш кој ви заповедал да постите незнабожечки пост, кој бил многу одамна пред вочовечувањето Христово? Ако нам ни е забрането да ги постиме јудејските пости, кои од Бога биле заповедани преку Мојсеј, тогаш тоа е далеку, далеку повеќе забрането за постовите на недоличните многубошци.

Така јавно изобличени, ермените повторно одговорија дека тоа е пост Адамов, кој постел кога бил истеран од рајот на сладоста. На тоа блажениот повторно им одговори:

- Мојсеј, кој напиша сѐ за постанокот на светот, и за сѐ во врска со Адам, не зборува ништо за тој пост. Тогаш како вие можете да речете дека тоа бил Адамов пост?

Повторно паднати во недоумица, тие одговорија дека тоа е пост на Велика Ерменија, кој го постеле Ермените кога требало да бидат крстени од свети Григориј. Свети Иларион веднаш им одговори:

- Не е така, туку бидејќи сте биле гонети од бесовите пред крштението, вам ви е заповедано да постите шеесет дена, а потоа, кога свети Григориј сакаше да ве крсти, ви заповедаше да постите триесет дена, како што стои напишано во ерменските книги, но ниту еден од тие постови не се нарекувал Арцивурциев пост.

Ермените се засрамија и без да знаат што да одговорат, и немајќи на што да се досетат, рекоа дека тоа бил пост на царот Константин Велики, кој го постел пред да се крсти. А светителот, со строго лице и смели зборови, им рече:

- О, неразумни и бавни по срце да поверувате во вистината! Испитајте ги Списите и во нив ќе најдете дека нема никаков царски пост во вселената, ниту некој го спомнува во врска со Константин Велики, ниту некој свет Собор, ниту некој од Светите Отци вршеа спомен на таков пост. Вие, зборувајќи постојано поинаку, несогласно и противречно, сами покажавте дека тој ваш пост е незаконски, и затоа е недостоен за секое христијанско слушање. И да не сакате, јас ќе ви го кажам за тој пост тоа што вие самите добро го знаете.

Всушност, некој Сергиј, кој бил учител на Ерменската ерес, имал пес кој го нарекувал токму Арцивурциј. Тој пес бил гласник на овој споменат Сергиј, бидејќи помаган од демонското дејство одел пред него и го наговестувал неговото доаѓањето во некое место. Кога сакал да влезе во некој град, село или населба, во кој што живееле ученици и заедничари со неговата погуба, жителите кога ќе го виделе песот излегувале еден ден порано на некое поле, на средба со учителот. Еден ден, кога песот бил испратен на таквата своја нечиста служба, го изеле волци. Утредента тргнал Сергиј онаму каде што го беше испратил својот пес, па кога никој не го дочекал, многу се навредил и налутил. А кога дознал дека песот не дошол, веднаш испратил да го бараат. Кога барателите по коските дознале дека волци го изеле, Сергиј им заповедал на сите Ермени да постат за смртта на овој пес и да жалат и тагуваат во одредени денови од годината, поради што овој пост и се нарекол Арцивурциев. Затоа и вие го постите, па од срам не сакате да ја признаете вистината. Таквиот ваш пост никој од Пророците и Апостолите не ѝ го предал на Соборната Црква. Затоа разбудете се и пристапете ѝ на Соборната Православна Црква, придружете ни се, за сите заедно благочестиво да Му оддадеме пофалба на Бога. Големо безумие е кога некој ја знае вистината, а не сака да пристапи кон неа.

Откако вака ја разобличи од сите страни нивната ерес, свети Иларион ги остави еретиците без никаква смелост и надеж. Нив ги обзеде таков срам, што останаа неми како полиени. Кога си заминаа, меѓу нив настанале секојдневни спорови и препирки, зашто едни ги фалеле говорите на преподобниот а други ја бранеле својата ерес.

А пак оваа ерес толку се беше засилила, што замалку и кир Мануил, царот грчки не отпадна од нашата благочестива вера, ако со своите догматски поуки не го поткрепеше и утврдеше блажениот Иларион.

Светителот го избави од ова искушение, а семето православно двојно го зголеми во него. Кога царот го сфати тоа и се наслади на православното учење на светителот, многу радосен Му принесе благодарствени песни на Бога, а на Неговиот верен архиереј му укажуваше послушност и почитување, испраќајќи му најразлични подароци и сѐ што му беше потребно. А Ермените постојано се расправаа и караа за својата вера. Најпосле дојдоа до познание на својата заблуда и измама, па многу ја изобличуваа својата ерес и сердно ѝ пристапија на светата Соборна Православна Црква. Затоа со вера се причестија со светото тело и крвта Господови и се присоединија кон избраното стадо, така што од тогаш станаа едно стадо и еден пастир (сп. Јн. 10, 16).

Божјиот архијереј, а и благочестивиот цар исто така многу се радуваше. Царот му напиша и писмо на преподобниот, во кое му вели да се труди богомилската ерес целосно да ја искорени, така што сите кои ќе се покорат на догматите на благочестието, да бидат примени и вброени во избраното стадо, а непокорните да се избркаат далеку. Кога го слушнаа тоа, еретиците пристапија кон Светата Соборна Православна Црква и се удостоија на божествено крштение. Тогаш навистина можело да се види како бројот на православните се зголемува, а на неправославните се намалува.

А пак на местото каде што се собираа споменатите еретици, преподобниот изгради прекрасна црква во име на славните и сефални Апостоли, чија што убавина многу восхитува и поттикнува на славословење на Бога. Откако се собраа многу монаси во оваа црква, односно манастир, свети Иларион им ги предаде отечките преданија па ги остави, но често им доаѓаше, ги упатуваше и поучуваше како да се држат до монашките подвизи.

Додека го гледаше сето тоа неговата сѐ уште жива мајка, која својот сопруг го беше испратила кај Господа, многу Му благодареше на Бога. Таа поживеа уште малку и се упокои, а божествениот Иларион чесно ја испрати со сите надгробни песни и обичаи, и ја положи во гробот. Самиот понатаму беше како дрво засадено крај изворите на водите на Духот, растејќи и преуспевајќи во Бога, во сите догмати на благочестието, учејќи ги и советувајќи ги сите доверени луѓе, да се држат до благочестивите науки и заповедите, и да бегаат од безбожните ереси. На тој начин тој го изнесе рогот на православните, а нечестивите до крај ги сотре. Сите кои од некогашни волци станаа овци, го следеа својот пастир, во сѐ му се покоруваа а водачите на ересите ги проколнуваа. Исто така и поклониците на нечестивата богомилска ерес, кои Божјиот архијереј виде дека искрено го примаат семето на благочестието (Православието) ги вброи кон православното стадо, а непокорните на разни начини беа истерани и протерани. Така свети Иларион го красеше својот архиерејски престол. Затоа сите му носеа подароци, барајќи благослов и духовна корист од него. Исто така и споменатиот монашки собир, добро раководен и упатуван од добриот пастир, растеше и напредуваше во слава Божја.

Откако измина доста време, и светиот минуваше уште многу најразлични добродетели, му беше дадено да го дознае и времето на своето заминување кај Господа. Тогаш го собра своето монаштво, со љубов и срдечност ги поучи браќата да пребиваат во покорност и татковска љубов, во секоја служба и работа да бидат долични, цврсто да се држат до предаденото им правило и да се трудат во секоја добродетел. За старешина им го постави Петар, исклучителен и доблесен маж, кроток и целомудрен како никој друг, бидејќи неговите доблести им беа познати на сите што живееја во околината. Беше ученик кај блажениот Иларион долги години и во секоја работа и служба долго му служеше. Откако така ги утврди и доволно поучи, светителот им го даде својот мир и заспа во блажен сон во Господа. Неговото благочестиво стадо го опкружи од сите страни и го поливаше со топли солзи. Со псалми, химни и песни го опеаја, и со кадилници со мирисен благомирис го кадеа, па потоа чесно и побожно го погребаа. Во својата младост полни триесет години не вкусил вино.

По некое време, некои од неговите монаси, кои живееја заедно, започнаа да го запоставуваат правилото востановено од преподобниот. Тие му се спротивставија на игуменот Петар и заведоа некои раздори и ереси. Кога игуменот срдечно ги караше и поправаше, тие станаа непокорни и неумоливи. Тогаш свети Иларион, кој од небото го виде нивното зло, им се јави на сон и ги изобличи нивните незаконски дела, откако им изговори многу негодувачки зборови, па дури и некои изнатепа со својот жезол, а некои и на смрт предаде. Кога слушна за ова видение и ја сфати неговата вистинска смисла, игуменот Петар го објави јавно пред сите монаси во обителта. Повредените во сонот долго време останаа болни, а оние што ги предаде на смрт навистина останаа мртви. Сето тоа било за и други монаси да не го примат нивниот смртоносен отров. Останатите со страв и трепет го држеа понатаму целиот манастирски устав и правило. А кога ова страшно чудо насекаде беше објавено, сите наоколу со уште поголема вера доаѓаа кај светиот и топло се молеа пред неговите чесни мошти.

А Бог преку Својот угодник правеше многу најразлични знаменија и чудеса, та затоа многумина од сите страни притекнуваа кај неговиот гроб и добиваа исцеленија. Бидејќи од неговиот гроб се случуваа безбројни чуда, беше донесена царска црковна одлука неговите чесни мошти да се извадат од гробот и да се положат во црквата. Тогаш се случи и нешто кое не треба да го оставиме на заборавот. Кога го открија ковчегот на блажениот, најдоа дека од неговите очи, како од два извора, тече свето благомирисно миро. Мноштвото негови монаси и ученици многу се израдуваа на ваквото чудо. А и жителите на сите околни краишта, откако слушнаа за чудото, доаѓаа и добиваа од него најразлични исцеленија.

По долго време грчкото царство се намали и зацари бугарскиот цар Калојан. Тој храбро се бореше и зазеде многу грчки земји, потоа Тракија, Македонија, Тривалија и Далмација, и дозна за чудесата што Бог ги врши преку свети Иларион. Сакајќи да се наслади на благодатта од овој светител, тој испрати свои луѓе во Меглен, да ги земат моштите и да ги пренесат во неговиот славен град Трново. Тогаш и патријархот со својот клир излезе да ги пречека со многу свеќи и кадилници и чесно со многу солзи го целиваше телото на светиот Христов архиереј. Светите мошти беа положени во храмот на славните Четириесет Маченици Христови, и им даваа исцеленија на сите кои со вера им пристапуваа. Свети Иларион сите ги сака и на сите им се дава себеси. Како да е жив, на сите им беше на услуга. Не ги одбиваше ни младите, ниту се гнасеше од старите, туку и старците како старци ги сака, и младите како млади ги прегрнува, и на сите им дава сѐ, за да ги придобие.

Ајде сега и ние да принесеме нешто достојно на ковчегот со неговите мошти: сеноќно стоење, бодри очи, добра срдечност, послушен слух. Да го подржуваме и да бидеме слични на него. Ревносни за неговото житие, да добиеме достојна награда. Ќе му биде многу пријатно ако бидеме негови ревнители и одиме по неговите стапки. Бог на ништо друго не се радува така, како кога ќе види дека некој се труди во доблестите до самата смрт. Затоа и ние денес по тој повод да составиме хор, да го прегрнеме ковчегот, да запееме над гробот на светиот и да кажеме со Давид: Чесна е пред Господа смртта на преподобниот (Пс. 115, 6). Навистина е чесна и славна смртта на Светите и достојна е за секоја пофалба. Затоа нив Господ и ги прославува не само за време на животот туку и по смртта со неискажлива слава. И не само што нивните души ги упокојува во небесните светлини, туку телата нивни ги прославува на земјата, и им дава благодат на чуда, сите демонски сили и нивните дејства да ги прогонува и верните од нив да ги избавува.

Но, о! Свето име и суштество Иларионе, пофалбо и украсу на архиереите, ти, кој имаш смелост пред Бога и од висините гледаш на нас, сочувај го стадото твое заштитено од сите замки на противникот, огради нѐ со благодатта што ти е дадена од Пастироначалникот и Спас Христос. Со прачката на твоите мудри зборови избркај ги волците на нечестието и ересите. Со твојот благодатен ветер развеј ги нападите на противниците. Упати ги и раководи верните во полнотата на Црквата Божја. Сострадај со нашите тегоби. Знаеш колку е тешко бремето на епископот и црковниот претстател, ја знаеш опасноста и одговорноста на архиерејството. Но, ти добро знаеш да управуваш и да нѐ раководиш, само ако сакаш, кон пристаништето на Божјата волја. Го знаеш сето она што си го искусил, зашто сите тегоби заради Црквата Христова си ги поднел. Си ги задушил востанијата на ересите, противниците на догматите на побожноста ти со мудроста и вештината духовна си ги обратил кон благочестието и православието. Цркви си подигнал на нашиот Бог Христос, заблудените си ги обратил, бесомачни си исцелил, еретичките замки си ги разорил, со добар подвиг си се подвизувал, текот свој си го завршил и верата православна си ја сочувал. Поради тоа и како мртов сепак си жив, зашто и по смртта жив пребиваш, и твоите свети мошти изобилно излеваат потоци на многубројни најразлични исцеленија. Ти и нашиот престол го красиш и на ревност нѐ поттикнуваш за многуте подвизи твои. Си се подвизувал целосно и до крв, зашто и без крв маченик си станал. Затоа сега и си населен со ангелските хорови, и ненаситно се насладуваш на она што око не виде, уво не чу и во срцето на човека не дојде, во самиот Христос Господ наш, Кому слава и држава, со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ФИЛОТЕЈ СВЕТОГОРЕЦ

Земна татковина на блажениот Филотеј беше градот Хрисопол во Македонија. Неговите родители беа од градот Елатија во Мала Азија. Но, од турските зулуми тие дојдоа во Хрисопол, каде се упокои неговиот татко, па Филотеј и брат му останаа сирачиња со мајката вдовица. Мајка им многу се мачеше за да ги прехрани. Во тоа време турците грабнуваа многу христијански деца и ги приведуваа во исламот. Тоа се случи и со Филотеј и неговиот брат. Турците ги грабнаа од нивната сирота мајка и ги одведоа кај емирот, кој ги фрли во темница. Несреќната мајка горко плачеше по своите деца. Во нејзината огромна мајчинска тага и страдање единствена утеха ѝ беше надежта во милоста и заштитата на Пресвета Богородица. Таа сесрдно ѝ се молеше и Ја преколнуваше да ѝ ги спаси децата од сатанските стапици и да ги избави од агарјанското ропство. Молејќи се со вера, беше услишана. Нејзините деца на чудесен начин беа спасени и извадени од темницата.

Една ноќ им се јави во темницата Богомајката како да е нивната мајка и им рече:

„Станете, деца мои мили. Ајде со Мене“.

Децата скокнаа од радост, вратата од темницата сама се отвори и Богомајката ги пренесе во еден манастир, посветен на Нејзиното пречисто име, во Неаполис Малоазиски. Тоа беше за време на утрената. Откако им нареди да останат во тој манастир, Пресветата ги посоветува да ги слушааат игуменот и браќата. Најпосле им нареди да го примат ангелскиот монашки лик. Јас, продолжи божемната мајка, по извесно време ќе дојдам кај вас. Напредувајте, деца, во подвизите на духовниот живот и опростете!

При тие зборови Богомајката ги благослови и стана невидлива.

По утрената, откако примија благослов од игуменот, децата му раскажаа сѐ што се случило со нив и нему му стана јасно дека децата се спасени на чудесен начин. Прославувајќи ја семоќноста на Бога и милоста на Пресвета Богородица, игуменот ги довери на еден од манастирските старци, да ги учи на Светото Писмо и правилата на монашкиот живот. Децата брзо покажаа голем успех и духовно образование, и согласно со тежнеењето на нивните срца и барањето на нивниот дух, игуменот ги замонаши и како должност им одреди да бидат црковници. Нивната беспрекорна послушност, нивниот примерен живот и видлив напредок во сите монашки добродетели, брзо го свртеа вниманието на целата обител кон нив. Старците им се радуваа и Го прославуваа Бога. Особено Теофил, при монашењето наречен Филотеј, се одликуваше со кротка послушност и прекрасно смирение.

Меѓутоа нивната мајка, бидејќи немаше никакви вести за нив, одлучи и самата да го остави светот и да се посвети на подвизите на монашкиот живот. Поради тоа ја напушти Елатија и со тајно раководство на Промислата отиде во истиот град Неапол Малоазиски, и таму стапи во женски манастир. Набрзо прими постриг и го доби името Евдокија. Иако беа на толку мала оддалеченост, мајката и децата не знаеја едни за други и во таа неизвесност поминаа некое време.

Една година, за време на храмовиот празник на манастирот, во кој се подвизуваше преподобниот Филотеј со својот брат, со останатите монахињи дојде и Евдокија. По завршувањето на Божествената Литургија, помладиот син при средбата со братот црковник случајно гласно му се обрати со неговото световно име. Кога го слушна името Теофил, Евдокија воздивна, мајчинското срце се возбуди, и без да сака погледна во лицата на двајцата браќа. Кога се загледа во нив, таа и на двајцата им се обрати по име. Кога ги видоа во старечкото лице цртите на својата незаборавна мајка, тие ѝ паднаа во прегратка и слатко плачеа, благословувајќи Го Господа што повторно ги собра. На мајчиното прашање како се ослободиле од ропството, синовите одговорија:

- Ти самата подобро знаеш. Зошто нѐ прашуваш? Зарем ти не нѐ избави од рацете на турците и нѐ доведе овде? И зарем не ни нареди да живееме во оваа обител, ветувајќи ни дека повторно ќе ни дојдеш?

Од овој одговор на мајката и беше јасно дека нејзините деца таинствено ги избавила Пресветата Богомајка. Таа ѝ заблагодари за милостивата помош и чудесното спасение на најзините деца. Оваа трогнувачка средба на мајката со децата и нивните солзи радосници, ги привлекоа сите браќа. Тие духовно ликуваа.

Од тогаш Евдокија започна уште посрдечно да се подвизува во својата обител, со голема радост служејќи Му на Бога и славејќи ја чудесната милост и посредството на Пресвета Богородица, Која ги избави нејзините деца од турците. Потоа мирно отиде кај Господа. Децата се подвизуваа беспрекорно во својата обител, оставајќи пример за браќата.

Но врагот, кој секогаш им завидува на подвижничките успеси на светите луѓе и го мрази доброто, гледајќи го Филотеј на висината на духовното совршенство, и не можејќи да му наштети, за свое оружје одбра една монахиња. Таа несреќна монахиња, која Бог знае од какви побуди стапила во женски манастир, имаше слободен пристап во манастирот, бидејќи игуменот ѝ беше духовник. Среќавајќи го преподобниот Филотеј, во неа се јави телесна похота кон него и започна да бара погоден начин за својата грешна намера. Врагот од своја страна веднаш уреди таква пригода. Така бесрамната бедничка му ја откри својата страст на целомудрениот Филотеј. Тој срдечно ја посоветува да се откаже од тоа, да ги исполнува светите завети на мношкиот чин и да се сеќава на страшниот суд Божји при нивното нарушување. Но, таа не сакаше да ги прими неговите совети. Напротив, кога виде дека е непоколеблив во своето целомудрие, како во дамнина Јосиф, започна уште побесрамно да го напаѓа. На почетокот Филотеј, надевајќи се дека несреќничката ќе се поправи, ја криеше од сите нејзината срамна наклонетост кон него. Но подоцна, кога ја виде нејзината опасна состојба и немајќи доверба во своите сопствени чувства, тој се му откри на игуменот. При тоа уште една причина го натерала да постапи така: за некој друг монах да не падне во искушувачките мрежи на женските страсти и да го упропасти својот подвижнички труд. Последицата од тоа беше што несреќничката ја испратија од манастирот како предизвикувач на соблазна.

Кога браќата дознаа за целомудрието на преподобниот Филотеј, се восхитуваа на неговата цврстина и го славеа како нов Јосиф, кој се спротивставил на заведувачката убиствена страст. Но христочезнивиот, знаејќи каква опасност за човекот претставува човечката пофалба и колку се опасни последиците од тоа, реши да го смени манастирот. Игуменот долго се противеше на неговата намера, но најпосле му даде своја согласност и благослов. Така Филотеј, откако се прости со браќата, радосно се упати кон Света Гора, како кон тивко пристаниште, пратен со благословот и љубовта на старецот.

На Света Гора Филотеј стапи во братството на Дионисијатскиот манастир, и тоа како почетник, и сите послушанија ги минуваше со совршена готовност и срдечност, така што браќата и настојателот не можеа да се нарадуваат на неговото ангелско живеење, благодарејќи Му на Бога што им подарил таков брат. И така помина долго време. Но Филотеј, по долгогодишните трудови и послушанија, чувствувајќи голема потреба за осаменичко молитвено тихување, реши да се повлече во некоја од соседните пустини. За непречено остварување на својата намера од страна на манастирот, тој се преправи глувонем. Така му дозволија да прави што е најдобро за него, и веднаш се повлече во пустината и се нурна во ненарушливата пустинска тишина. Посветувајќи се исклучиво на молитвените подвизи, држеше строг пост. Често по цела недела не вкусувал ништо, а ако понекогаш нешто јадел, тоа било само леб со вода.

При таквите подвизи и строго измачување на телото, како и порано, преподобниот не можеше да ги одбегне упорните напади на завидливиот сатана. Бидејќи не се надеваше дека ќе успее да го заплетка во неговите мрежи со обични средства, тој одлучи да го турне од една карпа во провалија, и така да стави крај на неговите подвизи. Поради тоа се престори во кутар човек, кој преживеал бродолом. Тој тажно бараше помош и го преколнуваше преподобниот да се симне и да му помогне. Без да насети дека тоа е вражја стапица, трогнат од несреќата на божемниот човек, преподобниот се спушти кај него да види што сака. И само што се доближи на крајот од карпата, сатаната го турна во провалијата. Но, не успеа во своето очекување, бидејќи Бог го заштити Својот слуга потполно неповреден.

Набрзо потоа го нападнаа турци, кои вршеа разбојништва по морето. Кога ги видоа учениците на преподобниот, кои беа тројца, побегнаа во шумата, а тој потполно спокоен и мирен остана во ќелијата, се прекрсти, ги крена рацете кон небото и се молеше на Господа да го спаси од разбојниците заедно со учениците, како што некогаш го спасил Израилот од раката на фароаонот. И само што заврши со молитвата, морето се разбранува и турците мораа да се вратат назад.

Повторно спасен на така чудесен начин од опасноста, преподобниот уште посрдечно започна да се подвизува со своите ученици, и толку Му угоди на Бога со својот строг живот, што најпосле се удостои на дарот на прозорливоста. Еднаш на празникот во Ватопед, за време на Литургијата на Големиот Вход, свети Филотеј виде гавран како кружи над главата на еден од јеромонасите кои служеа. Од тоа заклучи дека овој несреќен служител во олтарот недостојно го врши своето божествено служење. Затоа кратко го предупреди на исклучителната важност на јерејското служење, и најпосле го убеди да го остави свештенодејството. Тој го стори тоа со смиреност.

Постојано искачувајќи се по лествицата на подвижништвото кон совршениот духовен живот, блажениот Филотеј стигна до длабока старост и мирно се упокои во 84-та година од својот живот. Во часот на праведничката смрт строго им нареди на учениците да не го погребуваат неговото тело, туку со бесчестење да го фрлат во шумата, за да го разнесат и изедат ѕверовите и птиците. Учениците дословно постапија така по неговата смрт. Но, Бог, Кој ги прославува светителите Свои и ги возвишува смирените, не дозволи неговите мошти да останат незнајни и понижени. Еден старец, ловејќи риби, остана ноќта на морето, и пред зори ненадејно виде необична светлина во шумата. Мислејќи дека е обична светлина од оган, тргна да се згрее, но многу се изненади кога наместо оган го најде черепот на сувите коски. Од него излегуваше чудесна светлина и со својот сјај ги осветлуваше соседните места. Поразен од чудото, тој отпрвин затрепери и сакаше да замине, но потоа се охрабри, падна пред посмртните остатоци на непознатиот угодник Божји, толку прекрасно прославен од Бога по смртта, па ги зеде и ги однесе во својата ќелија, за таквото скапоцено богатство да го сокрие кај себе. Но, тоа не му беше по волја на Бога. Наредната ноќ старецот го виде на сон преподобниот Филотеј, кој му се заканувал веднаш да ја предаде главата на неговите ученици. Старецот веднаш го стори тоа, откако им раскажа за чудото што го виде. Учениците ја примија главата на својот свет учител како божествен дар, како залог на старечките молитви и благослов од небото, прославувајќи го Бога, Кој така се прославува Себеси во светиите Свои, и молеа од Бога помош достојно да одат по стапките на прекрасниот старец.

Преподобниот Филотеј се претстави на 21 октомври, и сега, насладувајќи се на бескрајното блаженство во светлината на Светиите, незамолчливо ја славослови Света Троица, на Која и од нас Ѝ доликува слава и поклонение за навек. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ НОВОМАЧЕНИЦИ И ИСПОВЕДНИЦИ: ВИСАРИОН САРАЈ, СОФРОНИЈ и ОПРЕА, кои пострадале во Романија

Христовиот исповедник и маченик Висарион Сарај е роден во 1714 година, во местото Мајдан во Босна, од родители Максим и Марија. Неговото крстено име било Никола. Уште од детството беше побожен и наклонет на повлеченост и молитвен живот. Во својата осумнаесетта година отишол во Светата Земја да ги посети Светите Места. Таму во манастирот на свети Сава Осветен се замонашил и го добил името Висарион. По враќањето ги посетил манастирите на Света Гора. А кога се вратил во својата татковина стапил во манастирот Пакра во Славонија, каде што служел седум години како ѓакон. Тука бил ракоположен за свештеник и се прочул со својот побожен и свет живот, и со одличното и слаткоречиво проповедање на словото Божјо. Поткренат од љубов кон местата каде што живеел и проповедал неговиот Господ, преподобниот потоа уште еднаш ги посетил Светите Места, па се вратил меѓу својот православен народ, да сведочи и да Го проповеда Распнатиот и Воскреснатиот Христос.

Во тоа време православниот народ на Балканот, особено на територијата на Австро-Уунгарската монархија, многу страдал од римокатоличката унијатска пропаганда. Латините милум или силум настојувале да ги принудат православните да се одречат од својата татковска вера и наместо послушноста на Христа, Апостолите и Светите Отци, да се потчинат на римскиот папа. Овој притисок над православните особено бил вршен во времето на Марија Тереза (1741-1780 г), и тоа најмногу во Банат, Ерделе и Трансилванија (во Романија). Пред тоа во овие краеви над православните е вршена калвинистичка (протестантска) пропаганда и насилство, но православните останале непоколебливи и не отстапувале од својата Света Вера.

Српскиот патријарх Арсениј IV Јовановиќ (1726-1748 г.), гледајќи ја проповедничката и исповедничка способност на свети Висарион, во 1742 година го испрати во Банат и Трансилванија, за таму со своите проповеди и светлиот пример да ги подржи православните во спротивставувањето на унијатското насилство. Некои православни, под најразлични притисоци од црковните и државните римокатолички власти, потклекнале и преминале во злогласната унија.   

Преподобниот ја сфатил оваа работа како мисија доверена од Бога, и со апостолска ревност ги штител во Ерделе и Трансилванија, православната вера и народот. Патувал од место во место, од село во село, и насекаде ги подржувал православните да останат верни на верата на своите татковци. Народот неговите проповеди ги чувствувал како силни и спасоносни, полни со благодат Божја, а него како пратеник испратен од Бога. Затоа на многу места бил дочекуван со големи народни литии, со запалени свеќи, кадилници и црковни ѕвона. Но, непријателот на човечкото спасение и противник на православната вера набрзо преку своите слуги, римокатоличките власти во Ерделе, направил така што свети Висарион беше фатен од хазбурговците и затворен во темница. Најпрвин беше затворен во градот Сибин (околу 1744 г.), каде што бил многу мачен, а потоа и фрлен во темница во Дева, Темишвар и Рааба, па најпосле бил фрлен во страшната темница Куфштајн, во Тиролските планини во Австрија. Измачен од разните страдања и маки за Христа и за Православието, преподобниот умре во таа темница, мирно предавајќи ја својата исповедничка душа во рацете на својот Господ. Неговото име и исповедништво беа почитувани од православниот народ уште за време на неговиот живот, а по неговиот маченички крај сите го сметаа за светител. Поради тоа Романскиот Свет Синод го внел преподобниот Висарион во календарот на своите Светители (на 28 февруари 1950 г.).

Преподобниот исповедник Софрониј е роден во селото Чоара, близу Алба во Романија, и се викал Стан. Откако преминал од Ерделе во Влашка, се замонашил со името Софрониј, па повторно се вратил во својот крај и основал мал скит (околу 1756 г.), во кој многубројните православни посетители ги поучувал и поткрепувал да ѝ останат верни на својата православна вера и никако да не подлегнуваат на тогашната унијатска пропаганда. Поради тоа римокатолиците му го срушиле скитот и го натерале да го напушти тоа место. Потоа девет пати го затворале и прогонувале, но го штитела благодатта Божја. Тој одел меѓу народот и ја проповедал верноста во татковските преданија, држел собири со народот и свештениците, од кои собири најпознат бил оној од 1761 година во Алба Јулија. На тој собир православните барале од виенскиот двор да не им пречи да имаат свои православни епископи, и тоа успеале да го добијат. Потоа преподобниот Софрониј отишол преку Карпатите во манастирот Аркеш, каде по некое време во мир се претставил во Господа.

А пак светиот маченик Опреа Миклауш е роден во Салистеа кај Сибин. Бил селанец, земјоделец и чобанин, но по живот и вера навистина праведник. Имал жена и деца. Кога ги видел прогоните на православните во Ерделе, кои поради тоа бегале преку Карпатите во Влашка, додека оние што останувале трпеле големи зголемувања на даноците и разни други насилства, Опреа се кренал во одбрана на православната вера и Црквата своја. Одел меѓу народот и ги крепел верните во Православието, па дури и кај властите се застапувал за многу злоставувани православни сиромаси. Во 1748 година отишол со еден верник дури во Виена, за таму да бара верска слобода за православните во Ерделе. Поради тоа бил затворан од римокатолиците, а потоа осуден на доживотна робија во темницата Куфштајн, во Тиролските планини. Тука и го завршил својот маченички живот, добивајќи од Христа венец на мачеништвото.

По молитвите на овие тројца нови исповедници и маченици за Православието, нека Господ нѐ крепи и спаси сите нас, православните. Амин.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ЈОВАН МОНЕМВАСИСКИ

Новомаченикот Јован беше од селото Гераки на Пелопонез, од пределите Монемвасиски, син на свештеник. Како таков тој добро ги изучи светите книги. Во 1770 година Арбанасите извршија наезда на Пелопонез, и ги ограбија тамошните христијани, од кои многумина убија, а меѓу нив и Јовановиот татко свештеник. Јован, кој тогаш имаше петнаесет години, заедно со мајка му ги одведоа како робови. Во градот Лариса ги продадоа како робови, па потоа беа препродадени. Од таму повторно беа продадени на еден солунски турчин. Бидејќи немаше деца, тој многу го засака Јована, а исто така и неговата жена. Тие започнаа да го наговараат да се одрече од христијанската вера и да ја прими муслиманската. При тоа некогаш употребуваа милост, ласкања, му ветуваа разни благодети и функции, а понекогаш го заплашуваа и мачеа. Но, Јован остана цврст и непоколеблив во својата христијанска вера.

Еден ден газдата го стави Јована на тешки маки, присилувајќи го да се одрече од својата вера. А кога не му успеа, тој со сабја го потера Јован пред себе и го одведе во дворот на џамијата, каде што се собраа многу турци. Тие го присилуваа да се потурчи, заканувајќи му се со сабји, клоцајќи го со нозете, ставајќи му пиштол на градите. Но, сѐ им беше залудно. Тоа ни најмалку не го исплаши Јована, кој бестрашно им говореше:

- Никогаш нема да се потурчам! Христијанин сум и како христијанин сакам да умрам!

А пак жената на Јовановиот господар, заедно со други турчинки му правеше разни маѓии, за да го занесе по жените и со помош на тоа да го потурчи. Сепак, благиот Господ Христос со Својата благодат го сочува од сѐ Својот млад исповедник и маченик.

Кога настапи Богородичниот пост, христољубивиот Јован не сакаше никако да го наруши постот. Затоа неговиот господар го затвори во подрумот, каде што го чуваше добитокот. И во текот на петнаесетте дена од постот, тој некогаш го врзувал и палел слама под него за да го задуши, некогаш го тепал со сабја по целото тело и го терал да јаде мрсни јадења. Така постапувал со него сите тие петнаесет дена и петнаесет ноќи. Но, храбриот борец Христов одби да вкуси од мрсните јадења, ја призиваше на помош Пресветата Владичица Богородица, и повеќе сакаше да умре отколку да го наруши светиот пост. Кога виде дека сѐ му е залудно, не му даваше никаква храна. Мајката Јованова гледаше сѐ што се случува, и го молеше да јаде, бидејќи изгледаше страшно измачен и истоштен, говорејќи му:

- Сине мој, јади за да не умреш. Бог и Пресвета Богородица ќе ти простат, бидејќи ти тоа не сакаш да го правиш туку мораш. Сожали се и на мене, сиротата мајка твоја, и немој да умреш така млад и да ме оставиш неутешна во ова ропство и туѓина. Кога ти си покрај мене, јас не се чувствувам заробена.

Тешејќи ја својата мајка, маченикот ѝ рече:

- Зошто правиш така, мајко моја? Зошто не се угледаш на патријархот Авраам, кој беше подготвен од љубов кон Творецот да го принесе на жртва својот син единец? А ти само лелекаш и рониш солзи за мене. Јас сум свештенички син и треба да ги извршувам законите и обичаите на Светата Црква подобро од другите. Ако не го извршуваме она малото, како ќе го вршиме големото?

Најпосле, кога неговиот господар увиде дека не може да го наговори да ја напушти верата Христова ниту да го омрси за време на постот, страотно се разлути, зеде нож и го зари во Јовановото срце. Така по два дена славниот јунак Христов се упокои и го прими венецот на мачеништвото. На умирање ја заветуваше мајка си телото да му го однесе во неговото село, за помош и спасение на верните и за опомена на христијаните, кои не ги држат светите пости на Црквата на нашиот Бог Христос, Кому слава и сила низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ДАСИЈ, ГАЈ и ЗОТИК, кои пострадале во Никомидија

Додека се наоѓаа во Никомидија, свети Дасиј, Гај и Зотик со божествена ревност влегоа во незнабожечкото идолиште, го срушија жртвеникот и ги сокршија идолите. Поради тоа ги подложија на најразлични мачења. Ги обесија на дрво, им ги стругаа телата со коњски чешли, па раните им ги триеја со остра крпа власеница. Кога видоа дека за нив маките не претставуваат ништо и при тоа смело ја изобличуваат ништовноста на идолите и громогласно Го проповедаат Христа Бога, Едносуштниот со Отецот и Светиот Дух, незнабожните мачители им обесија камења за вратовите и ги фрлија во морето. Така тие ги примија венците на мачеништвото.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ВАРНАВА МОНАХОТ

Овој монах дошол од Палестина на Кипар со останатите триста подвижници (за кои можете да видите под 1 јули). Подвизувајќи се ревносно, Му угодил на Бога.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: АНДРЕЈ, СТЕФАН, ПАВЛЕ и ПЕТАР

Овие свети маченици пострадаа за Господа Христа посечени со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ЗАХАРИЈ

Овој свет преподобномаченик беше фрлен во море. Така пострада за Господа Христа.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ТЕОДОТИЈА и СОКРАТ ПРЕЗВИТЕРОТ

Света Теодотија живееше во времето на царот Александар Север. Беше ќерка на благородни родители и потекнуваше од едно место на брегот на Црното Море. Таа се повлече во една испосница и таму се подвизуваше во молитвено тихување. Подоцна од страна на кападокискиот кнез како христијанка беше приморувана да им принесе жртва на идолите. Откако одлучно одби, одважно изјавувајќи дека верува во Христос, единствениот Бог, ја обесија и тепаа, па ја фрлија во вжештена печка. Но, чувана со благодатта Христова, остана неповредена. Потоа ја одведоа во Анкира, каде живееше презвитерот Сократ. За време на еден безбожнички празник, додека свечено ги прославуваа идолите, божествениот Сократ ревносно го собори жртвеникот и жртвата врз него. Поради тоа веднаш му ја отсекоа главата. Така го доби венецот на мачеништвото. А кога света Теодотија ја присилуваа да им принесе жртва на идолите и таа одлучно одби, веднаш ја обезглавија, та и таа го прими од Господа маченичкиот венец.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ЕВКРАТ

Преподобномаченикот Евкрат пострадал за Господа Христа посечен со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АЗИС

Овој свет јунак Христов пострада за Господа спален во оган.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ВАРУХ

Се претставил во мир.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ НАШИ: ТЕОФИЛ и ЈАКОВ ОМУЧСКИ

На почетокот се подвизувале на островот Коневец. Потоа го основале манастирот Успенски на реката Омуч, во кој се упокоиле обајцата, околу 1412 година. Нивните свети мошти почиваат во црквата на нивниот манастир.

СПОМЕН НА ПРЕНОСОТ НА МОШТИТЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ ХРИСТОДУЛ ПАТМОСКИ

Денес се врши споменот на преносот на моштите на преподобниот Христодул Патмоски од Еврип, остров Евија, во неговиот манастир на островот Патмос (во 11 век). За него поопширно видете под 16 март.