4. Ноември (22. Октомври)
ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ РАМНОАПОСТОЛЕН АВЕРКИЈ, епископот Јераполски
За време на царувањето на Марко Аврелиј, синот Антонинов, во градот Јеропол, во кој што имаше малку христијани, а многу незнабошци, свети Аверкиј беше епископ. За време на еден голем празник во чест на идолите, сите насобрани незнабошци се веселеа во својот храм, им се поклонуваа на бездушните богови и им принесуваа жртви. Поради тоа свети Аверкиј длабоко воздивнуваше и плачеше за безумните луѓе, кои Го оставаат Бога и им се поклонуваат на ѓаволите, кои без да обрнат внимание на Творецот почитуваат дело на човечки раце. Откако се затвори во својот дом, епископот се молеше, говорејќи:
„Боже на вековите и Господи на милоста, Ти си ја створил вселената и ја одржуваш. Ти си Го испратил Единородниот Свој Син на земјата, за да се овоплоти заради човекот. Погледни сега од небото на сиот свет, погледни и на градот, во кој си ме поставил за пастир на разумните овци Свои. Погледни на луѓето помрачени во него. Почитувањето кое ти доликува Тебе, тие го оддаваат на нечистите демони и делата на рацете свои. Господи, заблудените избави ги од гибелта и вброј ги во избраното стадо Свое“.
По оваа срдечна молитва светителот заспа, а веќе беше ноќ. Во сонот пред него излегло момче со неискажлива убавина, кое му давало во рацете жезол и му велело:
„Аверкиј, појди во мое име со жезолов, и сокрши го началникот на заблудата“.
Аверкиј се разбуди и сфати дека му се јавил Самиот Господ, бидејќи во срцето почувствува неискажлива радост. Тој ревносно стана, зеде еден голем стап и во три часот истата ноќ поита кон Аполоновиот храм, во кој вчера бучно се празнувало и многу жртви се принело. Во тој храм имаше многу големи украсени скапоцени идоли. Вратата беше заклучена, па тој удри по неа и таа веднаш се отвори. Тој влезе и најпрвин започна да удира по Аполоновиот идол, а потоа и по останатите, така што сите ги сокрши на ситни парчиња. А глувите, неми, безгласни, бездушни и немоќни идоли не можеа да се заштитат. Се слушаше само звукот од ударите и тресокот од нивното паѓање и кршење.
Идолските жреци, кои живееја близу храмот, се разбудија и не можеа да сфатат што се случува. Кога дотрчаа и ги видоа своите
богови сокршени, а свети Аверкиј ги гази нивните парчиња, се исплашија. Светителот гневно им се обрати:
- Одете кај началниците на градот, и кажете дека вашите богови на вчерашниот празник многу се опиле, па ноќеска се испокршиле меѓу себе.
Откако го рече тоа, светителот се врати дома како силен јунак, победник на идолите.
Идолските жреци веднаш ги известија градските началници за сѐ што стори Аверкиј. Кога се раздени веста за миг се пронесе по целиот град и во храмот се собраа сите, и мали и големи, и обичниот народ и началниците. Од глетката на сокршените богови многу се вознемирија и започнаа да викаат:
- Смрт за Аверкиј!
Некои додаваа:
- Да го испратиме кај царот, за таму да биде казнет за своето злосторство!
Други предлагаа:
- Ајде да му ја запалиме куќата, и него со неа!
Но, началниците рекоа:
- Не осмелувајте се да му ја запалите куќата, за пожарот да не го зафати сиот град. Подобро да го фатиме и да му судиме според законот или да го испратиме на повисок суд.
Додека вознемирениот народ така се дереше и веќе сакаше да го нападне неговиот дом, соседите отрчаа кај Аверкиј, го затекнаа како ги поучува верните собрани околу него и му раскажаа што слушнаа. Верните се исплашија и го замолија светиот пастир да се засолни на некое време, додека народот се смири, а тој без страв одговори:
- Господ им заповедал на Своите ученици бестрашно да им проповедаат на луѓето. Па зарем јас да се плашам што ја бараат мојата душа поради ревноста за мојот Бог? И да се сокријам од рацете човечки, како ќе се сокријам од рацете Божји? И каде би можел да се сокријам од Него? Браќа, навистина не ни доликува да се плашиме и да се криеме, кога Господ ни е Помошник и Чувар на нашиот живот. Страдањето за Него е благо, а да се умре за Него е послатко од најсреќниот живот.
Епископот излезе и се упати кон центарот на градот, а по него одеа верните. Таму седна на високо место и започна да ги поучува луѓето што ги затекна да Го познаат вистинскиот Бог, да ја сфатат демонската прелест, да го отфрлат идолопоклонството и верно да Му служат на Единствениот Бог, Творецот на сиот свет, Кој живее на небото. Тогаш некои од незнабошците отидоа кај градските началници и ги известија дека Аверкиј среде градот ги поучува луѓето во Христовата вера. Сите уште повеќе се разлутија што се дрзнал и својата христијанска вера јавно да ја проповеда и бесно побрзаа да го убијат. Меѓу народот имаше три одамна бесомачни момчиња. Кога сите наближија кон светителот, овие три момчиња, под дејство на ѓаволите во нив, добија напади и започнаа да бараат помош, ја раскинуваа облеката, сами се касаа, потоа паднаа на земјата, се тркалаа, исфрлаа пена и ужасни крици, викајќи:
- Аверкиј, те заколнуваме во единствениот вистински Бог, Кого Го проповедаш, не мачи нѐ пред време.
Згрозени од ваквата страшна глетка, луѓето застанаа и додека го набљудуваа потресното мачење, страотното рикање и криците на трите момчиња, премреа од страв. Заборавија поради што се дојдени, се смирија и очекуваа што ќе се случи, што ќе стори со нив Аверкиј. А светителот започна да се моли, говорејќи:
- Оче на Возљубениот Свој Син Исус, Ти ни ги отпушташ гревовите, макар биле и безбројни и ни го даваш корисното што го бараме од Тебе. Сега Те повикувам и Те молам, избркај ја ѓаволската напаст од овие момчиња, за од сега да одат по заповедите Твои, да ја исполнуваат Твојата света волја и преку чудата што ќе ги сториш со нив многумина да поверуваат во Тебе, единствениот Семоќен Бог, да се приљубат за Тебе и да сфатат дека не постои друг освен Тебе.
Потоа светителот се обрати кон мачените момчиња и откако ги удри по главите со жезолот им рече:
- Во името на мојот Христос, ви наредувам ѓаволи, излезете од момчињата без да ги повредите.
Ѓаволите извикаа со ужасен глас и излегоа, а тие лежеа на земјата како мртви. Свети Аверкиј еден по еден ги фати за рака и ги крена, и тие станаа здрави и паметни и му ги целиваа чесните нозе.
Тогаш народот се смири и започна да вика:
Единствен вистински Бог е Богот Кого Аверкиј Го проповеда!
Потоа започнаа да го распрашуваат човекот Божји дали ќе ги прими неговиот Бог ако Му пристапат, дали ќе им ги прости безбројните гревови ако се обратат кон Него и го молеа да ги научи како да веруваат во Него. Светителот започна да ги поучува и своето слово го продолжи до три часот попладне. Потоа нареди да ги донесат кај него сите болни и ги исцели со името на Исуса Христа, ставајќи ги своите раце на нив. Тогаш сите луѓе поверуваа во Господа Исуса Христа и го молеа да ги крсти. Утредента сите примија свето крштение. Беа околу петстотини души. Во текот на неколку дена не само Јерапол, туку и соседните градови и села се присоединија кон единствениот Бог. Славата за него се пронесе насекаде и многу болни доаѓаа и добиваа и душевни и телесни исцеленија.
Една угледна жена, на име Фриела, мајка на Евксенијан Поплијан, царски намесник на исток, беше слепа. Кога слушна дека свети Аверкиј исцелува најразлични болести, отиде кај него каде што го поучуваше народот, падна пред неговите нозе и го молеше да ѝ ги отвори слепите очи. Кога вети дека ќе поверува во Христа Исуса и со солзи ги заливаше неговите нозе, светителот се помоли на Бога, ги допре нејзините очи и рече:
- Светлино вистинска, Исусе Христе, дојди и отвори ги очите на слугинката Твоја.
И веднаш Фриела прогледа и беше крстена.
Таа ја даде половината од својот имот, светителот да го раздаде на сиромашните. И поучена од него се врати во својот дом. А кога нејзиниот син виде дека неговата мајка гледа и дозна дека свети Аверкиј со молитвите ја излекувал, посака да го види и да му се заблагодари. Светителот го поучи и Евксенијан и го обрати кон Христа.
Потоа три други жени, исто така слепи, му пристапија на светителот и му рекоа:
- И ние веруваме во Исуса Христа, и те молиме, отвори ги и нашите очи.
Светителот им одговори:
- Ако навистина верувате во вистинскиот Бог како што тврдите, тогаш ќе ја видите светлината од Него.
Потоа ги крена очите кон небото и започна да се моли, при што дојде од небото зрак на неискажлива светлина, која ја надминуваше сончевата, и го осветли местото каде што стоеше светителот и се молеше. Сите присутни паднаа на земјата од неискажаната светлина, само трите жени стоеја неподвижно. И кога таа светлина се допре до нивните слепи очи, тие веднаш прогледаа и блесокот престана. Светителот ги праша:
- Што најпрвин видовите кога ви се отворија очите?
Првата рече:
- Јас го видов Стариот по денови, Кој се допре до моите очи.
Втората рече:
- Јас видов прекрасно момче, кое ми ги допре очите.
А третата рече:
- Јас видов мало пресветло дете, кое се допре до моите очи.
Тогаш сите Го прославија Бога, Едниот во Троица, Кој твори прекрасни и преславни чудеса.
Откако дозна дека во соседните градови и села има многу болни, кои страдаат од разни болести, свети Аверкиј тргна со своите ученици како некогаш Господ, одеше по градовите и селата, ги поучуваше луѓето за Царството Божјо и ги исцелуваше болните. Кога дојде во едно место наречено Селиште, покрај една река, тој клекна на колена и се помоли:
- Милосрден Господи, услиши ме мене, слугата Твој и дај му благодат на ова место. Нека потече овде извор топла вода и сите кои ќе се мијат од неа нека се исцелуваат од секоја болест и немоќ.
Кога заврши со молитвата ненадејно удри гром од ведро небо и сите присутни се преплашија. По громот бликна извор топла вода, на местото каде што свети Аверкиј се молеше. Тој им нареди на луѓето да ископаат длабоки ровови за собирање на топлата вода и им рече на сите болни да се мијат со неа. Секој што ќе се измиеше веднаш се исцелуваше.
Еднаш ѓаволот, за да го искуша светителот, зеде на себе изглед на жена, му пристапи и побара благослов од него. А светиот, откако му погледна во лицето сакаше да се сврте, и притоа си ја удри десната нога од камен, го повреди глуждот и му се појави рана. Од силната болка тој стоеше, молчеше и се држеше за раната, на што ѓаволот силно се насмеа, се врати во својот вообичаен изглед и му рече:
- Немој да ме сметаш за еден од ништовните и мали ѓаволи, кои ти ги истеруваш. Јас сум нивниот старешина. И ете, ти зададов рана. Сега ти, кој другите ги исцелуваш, самиот си болен.
Откако го рече тоа, ѓаволот влезе во едно момче, кое стоеше покрај светителот, и започна да го мачи. Светителот се помоли на Бога, му се закани на ѓаволот и го истера од момчето, при што тој извика:
- Многу лошотии ми вршиш, Аверкиј, и не ми дозволуваш мирно да живеам овде. Ќе се потрудам да ти се осветам. Ќе те приморам во староста да патуваш во Рим.
Кога се врати дома, светителот седум дена ништо не касна, ниту се напи, туку во пост и сеноќна молитва Го молеше Бога да не му даде на ѓаволот таква власт над него. Наредната ноќ му се јави Господ и му рече:
- Аверкиј, според Мојата промисла ти ќе одиш во Рим, за и таму да го познаат Моето име. Не плаши се, благодатта Моја ќе биде со тебе.
Светителот се поткрепи од видението и им раскажа на браќата што чу од Господа, Кој му се јави. Наскоро потоа ѓаволот, кој се фалеше дека ќе го натера свети Аверкиј да патува, започна вешто да го спроведува тоа на дело.
Во тоа време римскиот цар Марко Аврелиј го направи свој соцар Луциј Вера, и ја сврши за него својата ќерка Лукила. Но, пред свадбата ѓаволот влезе во таа девојка и започна да ја мачи. Тоа ги фрли во голема тага и двата цара, и тие ги собраа од целата земја најискусните лекари, магови и жреци, за да ја излечат. Но, сѐ беше залудно. Од ден на ден состојбата на девојката сѐ повеќе се влошуваше. Еден ден ѓаволот започна да вика преку неа:
- Никој не може да ме истера одовде, освен јераполскиот епископ Аверкиј. Царот Марко Аврелиј веднаш му испрати писмо на својот царски намесник на Истокот, со ваква содржина:
„Нашата царственост дозна дека во твојата област постои некој Аверкиј, епископ Јераполски, толку силен маж во христијанската вера, што може и ѓаволи да истерува и разни болести да исцелува. Бидејќи ни е потребен, ги испраќаме двајцата наши достоинственици Валериј и Васијан, да го доведат кај нас со сите почести. А на твоето достоинство му наредуваме да го натераш да ни дојде со радост, поради што ќе бидеш богато награден“.
Штом го доби писмото, царскиот намесник отиде кај свети Аверкиј и започна да го моли да појде во Рим кај царот, со царските пратеници. Светителот се сети на времето кога ѓаволот се фалеше дека на старост ќе го натера на тешко патување во Рим, па си помисли:
„ѓаволе, иако си се потрудил да го исполниш она што горделиво со фалби вети дека ќе ми го приредиш, сепак нема да се израдуваш. Се надевам во Господа дека нема залудно да се потрудам, туку и таму ќе ја сотрам твојата гордост со силата на мојот Христос, Кој во видение ми ја вети Својата благодат“.
Откако се подготви, светителот тргна со надеж во Семоќниот Бог. За попат си подготви малку леб и еден кожен мев, во кој налеа малку вино, елеј, оцет и вода и направи овие течности да не се помешаат една со друга. И кога за време на патувањето му беше потребно вино, од мевот му течеше само вино; кога му беше потребно елеј, од мевот излегуваше само елеј; кога му беше потребно оцет, од мевот излегуваше само оцет; а кога му беше потребна вода, излегуваше само вода. Така секоја течност истекуваше посебно, иако сите тие беа заедно во еден мев. Еднаш неговиот ученик сакаше без негов благослов да си наточи од мевот чаша вино, но тогаш заедно потекоа сите течности помешани, така што не можеше да вкуси од мешавината. Запрепастен, тој го исповедаше својот грев кај светителот, побара прошка и со негов благослов секоја течност започна повторно да истекува посебно.
Кога стигна во Рим, царот со својата жена Фаустина чесно го пречека и го одведе кај својата бесомачна ќерка. Ѓаволот се насмеа и рече:
- Нели ти реков, Аверкиј, дека ќе ти се осветам и ќе те натерам во староста да дојдеш во Рим?
Светителот му одговори:
- Да, навистина е така, но тоа не ќе биде за твоја радост, проклет ѓаволе.
И нареди девојката да ја извадат надвор од палатата. Додека ја водеа, ѓаволот се противеше и не сакаше да оди, па започна да ја фрла на земјата и да ја тепа. Свети Аверкиј ги крена очите кон небото и срдечно се молеше за нејзиното исцеление. Ѓаволот започна да вика:
- Те заколнувам во твојот Христос, немој да ме испратиш во бездната, туку дај ми да се вратам онаму каде што бев порано.
Светителот одговори:
- Врагу, ќе појдеш кај твојот татко сатаната. Но, бидејќи ме намачи во староста да патувам до тука, и ти нема да се вратиш без маки и празен. Еве, ти наредувам ѓаволе, со името на мојот Господ Исус Христос, овој камен (пред дворецот имаше огромен камен, кој што многу луѓе одвај можеле да го поместат) да го однесеш во мојата татковина, во градот Јерапол, и да го ставиш кај Јужната градска капија.
Тогаш ѓаволот како роб и заробеник врзан со клетва, излезе од царската ќерка, го крена каменот и тешко стенкајќи го понесе во воздухот преку хиподромот. Сите присутни луѓе со големо восхитување го гледаа каменот носен по воздухот и го слушаа силното стенкање на ѓаволот, но него не можеа да го видат. Го однесе во Јерапол и го положи на местото каде што му нареди светителот. Кога го видоа огромниот камен како ненадејно падна од воздухот, луѓето беа вчудоневидени и ја дознаа таа тајна дури кога кај нив се врати свети Аверкиј. Но, царската ќерка, откако се ослободи од лошиот мачител, лежеше безгласна како мртва крај нозете на светителот. Мајка ѝ помисли дека е мртва и започна да плаче, но светителот ја подигна жива, здрава и потполно разумна. Тогаш многу се израдуваа нејзините родители, сиот царски дом се веселеше за нејзиното исцелување, а родителите ја испратија радосната вест кај својот зет Луциј Вера, кој во тоа време војуваше против парќаните. На светителот му нудеа богати подароци и му ветуваа дека ќе му дадат сѐ што ќе посака, но тој не зеде ништо и рече:
- Богатство не му е потребно на оној што лебот и водата му се како царски ручек и голема гозба.
Побара само на сиромашните христијани во Јерапол секоја година да им се дава од царскиот данок по три илјади мери пченица и на царски трошок да се изгради бања кај изворот на топлите води, кои светителот ги изведе од земјата за исцелување на болните. Царот веднаш со радост го прифати тоа и даде писмен налог.
Светителот остана уште некое време во Рим, утврдувајќи ја во верата Црквата Христова. Нему му се јави во видение Христос и му рече:
- Аверкиј, треба да одиш во Сирија да проповедаш, да ги утврдиш моите цркви и да исцелиш многу болни.
По ова видение светителот го замоли царот да го ослободи, но тој не сакаше, од страв во негово отсуство ѓаволот повторно да не влезе во ќерка му. Светителот го увери дека не треба да се плаши, зашто ѓаволот не може да се врати, па тој неволно му дозволи да замине.
Светителот отплови во Сирија и прво ја посети Антиохија, потоа отпатува во Апамеја и во други тамошни градови, воспоставувајќи мир во црквите вознемирени од ереста на маркионитите. Откако премина преку Еуфрат, светителот ги посети црквите во Низибија и во својата Месопотамија. Оттаму отиде во Киликија и Писидија, а го посети и Синад митрополијата Фригиска. Во сите тие области и градови тој ѝ беше од голема корист на Црквата Божја. Многу неверни обрати во верата Христова, еретиците ги посети и избрка, верните ги зајакна, заблудените ги изведе на патот на вистината, од многу луѓе истера нечисти духови и огромен број исцели од најразлични болести. Така сите започнаа да го нарекуваат рамноапостолен, зашто никој освен светите Апостоли не посети толку многу земји и градови. Овој светител ја пронесе славата на Христа Бога и многу послужи за спасението на луѓето. Потоа се врати во Јерапол. Жителите побрзаа да го пречекаат својот пастир, па сите, и мало и големо, и жени и деца, со огромна радост му пристапуваа како деца кај својот татко и добиваа од него благослов. Светителот се упати во црквата, седна на својот престол, им даде на сите мир и многу ги поучи. И сите се радуваа на неговото враќање, особено ништите и страдалните, бидејќи свети Аверкиј донесе со себе царска грамота, со која се наредуваше за исхрана да им се доделува секоја година по три илјади мери пченица од царскиот данок. Пченицата била давана сѐ до времето на царот Јулијан Отстапник, кој го укина тоа и ја одзеде царската грамота. Со залагање на свети Аверкиј и со царска наредба беше изградена и бања кај изворот на топлите води. Останатите години од својот живот светителот ги помина во светост и правда, мудро раководејќи ја својата паства. За својот крај однапред беше известен, зашто во видение му се Јави Господ и му рече дека му наближило времето да одмори од својата работа. Блажениот ги собра верните, ги извести за близината на својот крај, им одржа опширна поука, ги посоветува да бидат непоколебливи во верата, цврсти во надежта и нелицемерни во љубовта, па си подготви гроб, им даде благослов на сите и ја предаде својата света душа во рацете на својот Господ. Светиот рамноапостолен Аверкиј се упокои во 73-тата година од својот живот. Сите жители од градот топло го оплакаа својот пастир и побожно го погребаа неговото чесно тело, а каменот, кој некогаш со наредба на светителот беше пренесен од Рим, со огромна мака го ставија врз неговиот гроб. По молитвите на светителот се даваа многу исцеленија како од неговиот гроб така и од топлите води, кои ги изведе со својата молитва. По неговите молитви нека Господ и врз нас богато ја излева Својата милост за навек. Амин.
ЧУДОТВОРНА ИКОНА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „КАЗАНСКА“
Казанската икона на Божјата Мајка се ползува од беспримерна почит во Русија. Со неа ги благословуваат младите за брак и ја поставуваат на детските креветчиња, за кроткиот лик на Пресветата со љубов да ги гледа младите христијани.
Сега на Црвениот плоштад во Москва се извишува посветениот на таа икона Казански собор, разрушен во 1936 година.
На црквата ѝ е вратен и Казанскиот собор во Санкт Петербург, во кој почива правта на фелдмаршалот М. И. Котузов.
Казанската икона е неразнишлива напомена за милоста на Пресвета Богородица кон Руската земја, за Нејзиното застапништво во најтешките години за неа.
Во 1552 година, денот на завземањето на Казан од војската на царот Јован Василевич, на заповед од царот биле поставени темелите на соборниот храм „Благовештение на Пресвета Богородица““, а по една година била одредена Казанска епархија и бил испратен првиот казански владика, светителот Гуриј. Но, во 1579 година страшен пожар опустошил половина од Казанската внатрешна тврдина и со неа соседниот дел од градот. Муслиманите започнале да зборуваат дека рускиот Бог е немилостив кон луѓето и со овој пожар го искажал Својот гнев кон нив: „Христовата вера - одбележува летописецот, стана басна и страдање“. И токму тогаш Господ го јави Своето милосрдие. Пресвета Богородица на сон ѝ се јавила на деветгодишната Матрона, ќерка на стрелец и наредила да ја бараат Нејзината икона во пеплиштата на една изгорена куќа. Долго време никој не му верувал на девојчето, но на 8 јули, кога тоа се уморило од бесполезното одење кај градските власти, неговата мајка зела една лопата и на местото посочено од Небесната Царица ја нашла иконата, ставена во стар ракав на машка облека од вишнево платно.
Ликот на Пречистата бил светол и јасен, како пред малку да била насликана иконата.
Торжествено ја пренеле во парохиската црква „Свети Никола Тулски“, чиј старешина тогаш бил благочестивиот јереј, идниот патријарх Ермоген, кој загинал од рацете на полјаците, за верноста во светото Православие и е вброен во ликот на Светиите. Идниот светител составил детална книга за чудесата на Казанската икона на Мајката Божја.
На местото на наоѓањето на иконата царот Иван Грозни заповедал да биде изграден женски манастир за чеитириесет монахињи. Малата Матрона и нејзината мајка први го примиле монаштвото во новата обител. Во 1594 година тука биле положени темелите на Казанскиот опширен собор. Во манастирот се носеле вредни подароци: црковни работи, икони, опкови... Чудотворната икона била опкована со царски подароци: злато, скапоцени камења, бисери. По два века императорката Екатерина II на Казанската икона ѝ подарила нов опков, чиј што централен украс станала дијамантската круна, која што земната владетелка ја симнала од својата глава заради Небесната Царица.
Во 1779 година биле поставени темелите за Казанската икона, а во 1808 година бил осветен нов простран храм, кој бил срушен заедно со Богородичниот манастир во триесетите години на дваесеттиот век. Но, во тоа време иконата веќе не била таму.
По Божја промисла јавувањето на Казанската икона во времето на царот Јован Василевич го означило почетокот на многувековното ширење на Русија кон исток. По патот отворен кон Азија, со превземањето на Казан, Православието го просветило целиот Сибир и заедно со Руската држава достигнало до бреговите на Тихиот Океан. За тоа севкупно движење очигледно го имало специјалниот благослов на Пречистата, преку Нејзината икона.
Ноќта спрема 20 јуни, во 1904-та година, неколкумина нечесници под водство на некој си В. А. Стојан Чајкин, привлечени од скапоцените украси на опковот, некако успеале да влезат во храмот. Кога ги уапсиле кај нив веќе не биле ниту опковот ниту чудотворната икона. Главниот ограбувач повеќе пати тврдел дека опковот го исекле на парчиња и го продале во продавниците за бижутерии, а иконата ја фрлиле во печка, за да проверат дали навистина е чудотворна. Тоа се случило во домот на трговецот Шевлјагин, во студентското гратче на Казан. Долгогодишното иследување и разгледување на противречните докази на ограбувачите тогаш не дало резултати.
Велат дека всушност иконата била купена од Шевлјагин, кој по револуцијата заминал за Англија и таму ја продал на приватни лица. Во шеесетите години на дваесеттиот век на Запад навистина се појави Казанска икона во скапоцен опков. Всушност, таа икона е мајсторски изработена копија во дваесеттиот век. Но, опковот, судејќи според сите сведоштва е оригиналниот, односно истиот Што бил врз чудотворната икона, која исчезнала во 1904 година. Православните американци се обиделе да ја откупат оваа икона, а на 8 декември била изложена за молебен во еден Бостонски православен храм, каде што ја виделе илјадници луѓе, но не успеале да ги соберат потребните средства. Најпосле, во 1970 година оваа Казанска икона заедно со нејзиниот опков ја купиле католици. Долго време била чувана во португалскиот храм Фатима а од 1982 година се наоѓа во Ватикан.
Но, ако е така, ако нејзиниот оригинален опков не бил исечен на парчиња, тогаш можел да биде сочуван и првиот лик на Казанската икона, во што верувале и сеуште веруваат илјадници православни луѓе.
Кој знае за што размислувал Чајкин, кој многу години бавно гаснел во самотната ќелија во Шлиселбург. Што излагал, а за што ја кажал вистината? Тешко е да си претставиме пострашно злосторство од тоа во печка да изгориш икона, пред која векови наназад се поклонувале милиони поклоници, кон која биле насочени срдечни молитви на цела Русија...
Но, со сигурност се знае нешто друго. Преку целото време, додека Казанската икона блескала во Соборниот храм на Богородичниот манастир, ништо не ја застрашувало Русија од исток. Но, штом Застапницата исчезнала, Русија претрпела порази во Руско-Јапонската војна од 1904-1905 година, еден од првите удари, кои за наредните дванаесет години ја разнишале и разрушиле големата империја. Но, по Божјата милост сите времиња на смутови завршуваат. Кога благочестивата династија на Рјуриковичи била прекината, настапило меѓуцарство, пропратено со насилства, разграбување на богатствата, распад на државноста и многу други несреќи. И кога, надевајќи се во Господа и молитвите на Неговата Мајка, русите се зафатиле да ја спасуваат Русија, народната војска со себе ја понела и копијата на Казанската икона на Пресвета Богородица. На 22 октомври 1612 година православната војска влегла во московскиот Кремљ и тој ден исто така е посветен на Казанската икона.
Исплашени од нападите на граѓанинот Минин и кнезот Пожарски, полјаците ја напуштиле Москва. Во првиот неделен ден потоа, народната војска и сите жители на главниот град извршиле литија до Лобното место со Казанската икона, во чија што чудотворна сила тие се убедиле со сопствените очи.
За неа на Црвениот плоштад бил изграден Казанскиот собор. По големина московската Казанска икона е доста помала од онаа што се наоѓала во Казан. По триесетите години трагите на московската Казанска икона се губат во музејските складови.
Несомнено промислителна станала судбината на третата по време на наоѓање чудотворна Казанска икона - Петербурската. Таа се појавила во северниот главен град помеѓу 1710 и 1720 година и била донесена кај бреговите на Нева, најверојатно од благочестивата царица Параскева Фодоровна, вдовица на царот Јован Алексеевич. Уште во 30 години на осумнаесеттиот век, Петербургската Казанска икона повеќе пати извршувала најразлични чуда и станала најскапата и најомилената светиња во градот на Свети Петар. Од 1737 година таа се наоѓала во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, на Невски проспект. Во 1811 година на негово место бил изграден новиот Казански Собор. По една година избувнала татковинската војна. Кога Александар И. го назначил за главен командант М. И. Кутузов, пред заминување на бојното поле тој специјално отишол во Казанскиот собор, за да се помоли пред чудотворната икона. Од народот се слушале гласови:
- Избркајте ги Французите!
Пресвета Богородица не ја отфрлила надежта на стариот војник и тој се вратил при Нејзината чудотворна икона, за вечен покој во истиот Казански собор.
Донските Казаци го одзеле од французите приграбеното сребро од московските цркви и како принос го однеле на Петербургската Казанска икона. Во соборот бил поставен иконостас излеан од сребро, со натпис: „Срдечен принос од Донската војска“.
На 17 март 1922 година иконостасот бил разграбен. Болшевиците ограбиле 2113 килограми сребро и над 15 килограми злато. Кон крајот на 1922 година биле конфискувани и продадени во туѓина и украсите на Казанската икона.
Од 1940 година наваму Петербургската Казанска икона се наоѓа од десната певница во храмот на светиот кнез Владимир.
Во годините на големата татковинска војна, оваа икона, насликана во московски стил кон крајот на шеснаесеттиот век, јави уште едно чудо. Остарениот митрополит на Ливанските планини Илија Салиб имал видение, во кое што Пресвета Богородица му наредила да им ја предаде на Кремаљските сопственици Нејзината волја: да ги обиколат со чудотворниот лик на Казанската икона градовите опкружени од фашистите. Според преданието, исплашени од воен неуспех, властите богоборци не се осмелиле да противречат. Со сигурност се знае дека во 1947 година Илија Салиб го посетил градот Нева, и со укажување на властите го пречекале со навистина царски почести (поради големиот број на возила и обезбедување, мнозина од граѓаните помислиле дека кај нив дошол Сталин). Благочестивиот источен архијереј ѝ подарил нова златна круна на Казанската икона.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЛОТ
Бил голем египетски подвижник и современик на Арсениј Велики и Агатон. Се подвизувал во својот манастир близу едно езеро кај градот Арсиној, и поучувал многу браќа по патот на спасението. Негов близок другар и советник бил ава Јосиф. Еднаш Лот му рекол на Јосиф:
„Аво, јас постам колку што можам, држам молитва и безмолвие и размислувам, и според силите се чувам од нечисти помисли. Што уште да правам?“
Тогаш старецот стана, ги крена рацете кон небото и неговите десет прсти заблескаа како десет запалени свеќи, па му одговори на Лот:
„Ако сакаш, труди се да станеш сиот оган во молитвата!“
Откако Му угоди на Бога и поучи многумина на патот на спасението, свети Лот мирно се упокои во петтиот век.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ РУФ
Преподобниот отец Руф се подвизуваше во Господа и се упокои во мир. Прашан еднаш што е безмолвие - исихија, и каква е користа од него, старецот одговорил: „Безмолвие е да седиш во ќелијата со познавање на Бога и со страв Божји, воздржувајќи се од злопамтење и високоумие. Исихијата е мајка на сите доблести, и таа го чува монахот од стрелите на нечистивиот, не давајќи му да го рани. Да, брате, стекни ја исихијата, сеќавајќи се на својот смртен час“.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ НАШИ: ТЕОДОР и ПАВЛЕ РОСТОВСКИ
Тие се светите оснивачи на Борисоглебскиот манастир на реката Усча, на дваесет километри од Ростов, во Јарославската губернија. Преподобниот Теодор е прв настојател на овој манастир. Пред крајот на својот живот го предал игуменството на преподобниот Павле, а самиот се повлекол на брегот на реката Ковжа, каде основал манастир на свети Никола. Се упокоил во првата обител, во 1409 година. Наскоро по него се претставил и преподобниот Павле.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: АЛЕКСАНДАР ЕПИСКОПОТ, ИРАКЛИЈ ВОЈНИКОТ и четирите жени: АНА, ЕЛИСАВЕТА, ТЕОДОРА и ГЛИКЕРИЈА
Свети Александар беше епископ и со своето учење многу незнабошци обрати во верата Христова и ги крсти. Поради тоа беше фатен од игемонот и подложен на многу мачења. Присилуван да им принесе жртви на идолите, тој одби. Додека го гледаше неговото јунаштво, војникот Ираклиј поверува во Христа. Поради тоа најпрвин долго беше мачен, па потоа посечен со меч. Така се овенча со венецот на мачеништвото. А пак свети Александар со благодатта Господова ненадејно за миг беше исцелен од раните и потполно оздравен. Тоа ги привлече кон верата Христова четирите жени Теодотија, Гликерија, Ана и Елисавета, кои излегоа пред игемонот и ја изобличија лажноста на идолите. Поради тоа им ги отсекоа главите. По нив и Александар беше посечен со меч, Така отиде кај Господа и доби од Него венец на победата.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЗАХАРИЈ
Светиот маченик Захариј пострада за Христа фрлен во море.
СПОМЕН НА ЧУДЕСНОТО ИЗБАВУВАЊЕ НА МОСКВА од Литванците
Ова избавување се случило со помош на Пресвета Богородица. Во времето на кнезот Василиј Јовановиќ, Литванците го беа зазеле градот Москва и русите се наоѓале во големо очајание. Тогаш свети Сергиј Радонежски му се јавил на некој заробен епископ Арсениј и му ветил дека наредниот ден градот Москва ќе биде очистен од Литванците со силата и молитвите на Светата Пречиста. И навистина утредента Литванците побегнале, а руската војска влегла во Москва. И сиот народ со солзи радосници ги прославиле Бога и Пресвета Богородица.