5. Ноември (23. Октомври)
ЖИТИЕТО И СТРАДАЊАТА НА СВЕТИ АПОСТОЛ ЈАКОВ, братот Господов по тело
Свети Јаков беше син на праведниот Јосиф, свршеникот на Пречиста Дева. Од својата младост го беше засакал строгиот живот и никогаш не јадел маст ни зејтин, ниту употребувал разни јадења. Живеел само на леб и вода. Исто така никогаш не пиел ни вино, ниту некаков друг пијалок. Во бања не одел. Со еден збор, отфрлал сѐ што му причинува задоволство на телото. Постојано врз себе носел остра власеница и ноќите ги минувал во молитви, со сосем мал одмор на кратко спиење. Од честите метанија кожата на колената му се стврднала како кај камила. До крајот на својот живот останал девственик.
А зошто апостол Јаков се нарекува брат Господов, брат Божји, постои вакво предание. Кога неговиот татко Јосиф им ја делел својата земја на децата од својата прва жена, тој сакал еден дел да Му додели и на Господ Исус, синот на Пресвета Дева Марија, Кој тогаш сѐ уште беше мало дете, но сите синови Јосифови се спротивставиле на тоа и единствено Јаков го зеде како сонаследник на својот дел. Поради тоа и започна да се нарекува брат Господов. А постои и уште една причина. Кога Господ Исус Христос се воплоти и Пречиста Дева Богородица бегаше со Него во Египет, тогаш и Јаков бегаше заедно со нив, како сопатник на Пречиста Богородица и свети Јосиф, својот татко.
Кога Божествениот Младенец Исус Христос достигна зрела возраст и започна да ги учи луѓето за Царството Божјо, јавувајќи се Себеси како вистински Месија, свети Јаков поверува во Него и, слушајќи го Неговото божествено учење уште повеќе се разгоре љубовта кон Бога во него и започна да води уште построг и попобожен живот. Господ особено го засака свети Јаков, а тоа се гледа и од тоа што по Своето доброволно страдање и воскресение му се јавил на Својот возљубен брат Јаков насамо, одвоено од другите Апостоли. Тоа го спомнува апостол Павле, говорејќи:
„Потоа му се јави на Јаков, па потоа на сите Апостоли“ (1 Кор 15, 7).
Додека го гледаа праведниот и богоугоден живот на Јаков, сите го нарекуваа праведен и тој беше вброен во Седумдесетмината Апостоли. Од самиот Господ Христос беше поставен за епископ и поучен во свештенодејството. И нему, како прв епископ и пастир, му беше доверена новопросветената црква Ерусалимска. Раководен од Светиот Дух, свети Јаков прв ја состави и напиша светата Литургија, која подоцна беше скратена поради немоќта човечка, најпрвин од свети Василиј Велики, па потоа од свети Јован Златоуст. Пасејќи го во Ерусалим стадото Христово, свети Јаков со своето учење обрати кон Бога многу евреи и елини и ги поучи на правиот пат. Им напиша тој на сите дванаесет колена Израилеви Соборни посланија, исполнети со боговдахновени и душекорисни учења, со кои се гордее сета Црква Христова, поучувајќи се во верата и добрите дела. Заради доблесниот живот свети Јаков уживаше голема почит од сите, не само кај верните туку и кај неверните. И самите еврејски првосвештеници, кои само еднаш во годината влегувале во Светињата над Светињите, не му бранеа на свети Јаков често да влегува таму и да се моли. Гледајќи го неговиот чист и беспрекорен живот, тие поради тоа дури му го променија и името и го нарекоа „Обли“ или „Офли“, што значи „ограда, утврдување на луѓето“ или „поправеден од сите“. Свети Јаков влегуваше во Светињата над Светињите не само дење туку и ноќе, и паѓајќи ничкум на земјата, со солзи Му принесуваше на Господа молитви за сиот свет. И сиот народ го сакаше Јакова заради неговата светост, а многу од еврејските старешини веруваа во неговото учење и сите со наслада го слушаа, и многу народ се собираше околу него, едни да ги слушаат неговите поуки, други да се допрат до облеката негова.
Во тоа време еврејски правосвештеник стана Ананиј. Кога виде дека сиот народ внимателно го слуша учењето на Јаков и многумина се обраќаат кон Христа, Ананиј и со него книжниците и фарисеите од завист започнаа да се гневат и да размислуваат како да го убијат. Тие се договорија да го замолат со своето учење да ги одврати луѓето од Христа, па ако одбие да биде убиен.
Но, се наближуваше Пасха и многу народ од сите страни се собираше во Ерусалим на празникот. Царскиот намесник Фист, кој го избави апостол Павле од рацете на евреите и го испрати во Рим, веќе беше умрел, а негов заменик сѐ уште немаше испратено од Рим. Користејќи ја таа ситуација, книжниците и фарисеите го опкружија свети Јаков во храмот и му говореа:
- Те молиме, праведниче, во денот на празникот Пасха, на кој од секаде се собира многу народ, да му изговориш поука на народот за да го одвратиш од Исуса, во Кого многумина се прелестија, сметајќи Го за Син Божји. Убеди ги да ја остават таа заблуда, бидејќи сите ние те почитуваме и со целиот народ те слушаме. Цврсто сме убедени дека ти вистината ја зборуваш и застапуваш, и не гледаш кој е кој. Затоа, посоветувај го народот да не се прелестува со Исус Распнатиот. Те молиме, качи се на високиот покрив од храмот, за сите да можат да те видат и слушнат, бидејќи како што гледаш на празникот се насобрал многу народ, како од евреите така и од останатите.
Откако го рекоа тоа, тие го качија свети Јаков на покривот од храмот и силно викнаа кон него:
- О, праведнику, сите сме должни да ти веруваме! Еве, овие луѓе, во заблуда се што одат по Исус Распнатиот. Затоа, кажи ни искрено, што мислиш ти за Исус?
На тоа светителот со силен глас рече:
- Зошто ме прашувате за Синот човечки, Кој доброволно пострада? Беше распнат и погребан, и во третиот ден воскресна од мртвите. Синот човечки сега седи на небесата од десната страна на Севишниот. И повторно ќе дојде на облаците небесни да им суди на живите и мртвите.
Народот многу се израдува од таквото сведоштво на свети Јаков за Исус Христос и сите едногласно воскликнаа:
- Слава Му на Бога! Осана на Синот Давидов!
Тогаш фарисеите и книжниците рекоа:
- Неправилно постапивме што му дозволивме на Јаков да 3борува за Исус, зашто народот уште повеќе се збуни.
И многу разбеснети од злоба, тие го турнаа свети Јаков од покривот, за да го преплашат народот, и од страв да не им верува на неговите зборови. Притоа силно викаа:
- Ооо! И праведникот се прелестил!
При падот од покривот свети Јаков многу се повреди, но сѐ уште жив се крена на колена, ги испружи рацете кон небото и се молеше, говорејќи:
- Господи, прости им го овој грев. Тие не знаат што прават.
А фарисеите започнаа да фрлаат камења по него и да му нанесуваат нови рани. Меѓутоа, еден човек од родот Рихавов извика:
- Престанете! Што правите? Праведникот се моли за вас, а вие со камења го засипувате?
Притоа еден човек се стрча кон светителот и толку силно го удри по главата, што мозокот му се истури на земјата. Во таквите маки свети Јаков го предаде својот дух на Господа.
Неговото свето тело беше погребано во близина на храмот, при што верните горко го оплакуваа праведникот.
Свети Јаков триесет години беше епископ во Ерусалимската црква, а имаше шеесет и шест години кога пострада за Христа Господа, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ИГНАТИЈ, патријархот Цариградски
Свети Игнатиј беше син на царот Михаил Рангав и царицата Прокопија. Тој како игумен дојде за патријарх по свети Методиј, во 837 година. Бил патријарх 11 години и 5 месеци. На негово место по една година на собор беше избран Фотиј, првиот царски секретар. Но, кога дојде на престолот Василиј Македонец, тој повторно го врати на патријаршискиот престол. Така свети Игнатиј управуваше со Црквата со голема ревност и мудрост. Го изгради манастирот на светите Архангели, во кој што се упокои и отиде кај Господа во 887 година, во 89-та година од животот на земјата. По него повторно за патријарх дојде свети Фотиј, по желба на самиот свети Игнатиј.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ НИКИФОР
Свети Никифор основал манастир во Цариград. Се подвизувал и се упокоил во половината на петтиот век.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ И БЛАЖЕН ЈАКОВ, Боровицкиот чудотворец
За свети Јаков се знае само онолку колку што самиот им открил по својата смрт во визии на луѓето од местото Боровиц. Неговото тело допливало еден ден на санта мраз по реката Мста пред Боровиц, во 1540 година и тука застанало. Од тамошните жители било чесно погребано, па потоа пренесено во новата црква „Слегување на Светиот и Животворен Дух“, на 23 октомври 1545 година. Од светите мошти на блажениот Јаков се јавиле многу чуда.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ПЕТРОНИЈ
Во мир се упокоил во својот Господ.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ДВЕ ДЕЦА
Присилени да трчаат по жар, овие две деца пострадале за својата вера во Христа.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ МАКАРИЈ РИМЈАНИНОТ („РОМЕЈ“)
Бил насилно оженет од страна на своите родители, па побегнал од брачната соба и откако нашол една пештера, тајно се подвизувал во неа со ѕверовите. Бил откриен од страна на тројца патници монаси. Се претставил во мир.