6. Ноември (24. Октомври)
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ ВЕЛИКОМАЧЕНИК АРЕТ, и оние со него
Кога во грчката земја царуваше Јустин, а во Етиопија Елезвој, кои беа добри правоверни цареви, тогаш во земјата Омиритска на престолот стапи беззакониот цар Дунаан, евреин по раѓање и по вера и хулител на христијаните. Сите негови советници, слуги и војници беа или евреи или незнабошци, кои им се клањаа на сонцето, месечината и идолите. Тој се трудеше сите христијани да ги истера од својата земја и во неа целосно да го искорени и самото име Христово. Страотно ја гонеше Црквата Божја, и ги мачеше и убиваше верните, кои не се покоруваа на неговите наредби и одбиваа да живеат според еврејскиот закон. Кога слушна дека Дунаан во својата земја кренал гонење против христијаните, етиопскиот цар Елезвој многу се разлути, па му објави војна. По многуте битки го победи Дунаан и го стори свој вазал, па се врати во својата земја. Но, по кратко време Дунаан се крена против Елезвој, го погази договорот и откако ја собра својата војска ги уби сите Елезвоеви одреди, оставени да ги чуваат градовите, и се нафрли на христијаните. Насекаде издаде заповед или да ја примат еврејската вера или безмилосно да бидат убивани. И во неговото царство не остана човек, кој би се осмелил да Го исповеда Христа. Единствено во големиот и густонаселен град Награн се славеше името Христово. Во тој град заблеска Светата Вера од времето кога царот Констанциј, синот на Константин Велики, испраќаше свои пратеници кај Савеите, кои денес се нарекуваат Омирити, а имаат потекло од Хетура, робинката Авраамова. Откако дојдоа таму богомудрите и добродетелни пратеници го расположија царот на таа земја спрема Констанциј, ги научија нејзините жители во верата Христова и изградија цркви. Од тоа време во Награн цветаше побожноста, растеше христијанското учење, се зголемуваше бројот на монасите, се градеа манастири, се негуваше целомудрието во сите сталежи и напредуваа верните и се усовршуваа во доблестите. Тие не дозволуваа меѓу нив да живее ниту еден иноверен, ни елин, ни евреин, ни еретик, туку само тие, како деца на едната мајка, Соборната Апостолска Црква, живееја во секоја побожност и чистота.
Завидувајќи му на таквата голема побожност на овој град, ѓаволот го крена против него Дунаан евреинот. Кога слушна дека неговите жители не се потчинуваат на заповедта, се крена против градот со двократна цел: да ги истера христијаните од целата своја земја и со тоа да го искорени етиопскиот цар Елезвој. Тој го опседна градот, ископа ровови околу него и се фалеше дека наскоро ќе го зазеде и жителите немилосрдно ќе ги убие. Им говореше на граѓаните:
- Ако сакате милост од мене, ако сакате да останете живи, тогаш фрлете ги долу проклетите знамиња (така бедникот ги нарекуваше светите крстови), што сте ги поставиле на врвовите на високите цркви, и одречете се од Распнатиот, насликан на тие знамиња.
Во исто време царските оружјеносци одеа по градот и викаа:
- Покорете му се на царот, па ќе останете живи и ќе добиете подароци од него. Во спротивно ќе загинете од оган и меч!
А пак самиот Дунаан со својот богохулен јазик вака хулеше на христијаните:
- Колку христијани погубив! Колку Негови свештеници и монаси убив! Колку во оган спалив! И ниту еден од нив не го избави Христос од моите раце. Та и самиот тој не можеше да се избави од рацете на оние што Го распнувале. И еве, јас дојдов кај вас, жителите на Награн, за или од Христа да ве разделам или конечно да ве искоренам.
А граѓаните му говореа:
- Царе, ти премногу дрско зборуваш за Семоќниот Бог. Сличен си на Рапсак, војводата Сенахеримов, кој со радост му говореше на Језекиј: „Нека не те возвелича Господ, Богот твој, на Кого се надеваш!“ Но, таквата хула не остана без казна. Ти знаеш колку илјади војници загинаа поради неа за еден час. Внимавај да не те снајде истото, затоа што хулиш на Господа Исуса Христа, Синот Божји, Сесилниот и семоќен, Кој е страшен и ја одзема храброста на кнезовите. Господ може и тебе да те сотре и во прав да ја претвори твојата надмена и богохулна гордост. Ти се фалиш дека или од Христа ќе нѐ разделиш или конечно ќе нѐ истребиш. Навистина попрво можеш да нѐ истребиш отколку од Христа да нѐ разделиш. За Него сме подготвени да умреме.
Царот уште повеќе се разгневи и со сите сили го притискаше градот. Размислуваше да го истошти со глад од долгата опсада, па најде во околината на градот и по селата и пустините многу христијани, ги фати и на разни начини ги уби, а некои продаде како робови. Се обидуваше да го заземе градот со напад, но не успеа. Граѓаните јуначки ги штитеа бедемите и ги победуваа безбожниците. Долго се мачеше царот со својата војска, но не можеше да го заземе, ниту да го измори со глад, бидејќи граѓаните се беа обезбедиле со храна за многу години. Безнадежниот цар тогаш лукаво испрати во градот пратеници, со порака поткрепена со заклетва:
„Нема да ви наштетам, нити ќе ве одвратам од вашата вера, туку само го барам од вас вообичаениот данок, кој сте должни да ми го давате како на свој цар. Затоа отворете ми ја капијата да влезам во градот, да го видам и да го земам данокот. Се колнам во Бога и во законот, дека нема да ви наштетам, туку ќе ве оставам да живеете мирно во вашата вера“.
Граѓаните одговорија:
„Ние христијаните од Светото Писмо сме поучени да им се покоруваме на царот и властите. Затоа, ако постапиш како што ни ветуваш, ќе ја отвориме капијата, па ти како цар влези во градот и земи го својот данок. А ако ни сториш некое зло, тогаш Бог, Кој ги слушна твоите заклетви, наскоро ќе ти се одмазди. Ние нема да отстапиме од Христа, Спасителот наш, па макар да нѐ лишиш не само од имотот, туку и од нашите животи“.
Царот повторно најсериозно се заколна дека нема да им наштети. Тие му поверуваа, ја отворија капијата, му се поклонија на нечесникот и му принесоа подароци. Тој влезе во градот со својата војска, како волк во овчја кожа во трло, ги зазеде бедемите и капијата градска и ги опседна со својата војска. Кога ја виде убавината на градот и многубројниот народ во него, тој многу љубезно се однесуваше со нив, сокривајќи го на некое време својот отров во срцето. Откако малку се одмори, повторно тргна меѓу своите полкови и сакајќи да започне со безбожната работа што ја беше смислил, нареди да дојдат кај него сите угледни луѓе и градски власти. И дојдоа чесните старци и началници, и угледни и богати луѓе. Меѓу нив беше и блажениот Арет, најголем по разум, функција и честитост и најстар по години. Имаше деведесет и три години. Тој беше кнез и војвода. Нему му беше доверено целокупното градско благоустројство. Благодарение на неговите мудри совети и паметно управување, граѓаните долго и храбро ги одбиваа своите непријатели. Откако излегоа пред беззакониот цар на чело со Арет, граѓаните му го оддадоа должното поклонување и му заблагодарија што го исполни своето ветување и заклетва, бидејќи сѐ уште не знаеја за неговата препреденост. Но, тој за кратко време ја обелодени својата злоба, заклетвата ја сметаше како детска шега и нареди сите граѓани заедно со свети Арет да ги оковаат и да ги чуваат под стража во темница. Потоа испрати по нивните куќи, та им ги разграбија имотите и се распрашуваа каде е нивниот епископ Павле. Кога дознаа дека се претставил пред две години, нареди да се раскопа неговиот гроб и неговото тело го запалија, а пепелта ја расфрлаа низ воздухот. Потоа запалија силен оган, собраа многу свештеници, клирици, монаси, монахињи и девојки посветени на Бога, четиристотини дваесет и седум на број, ги фрлија во огнот и ги изгореа, говорејќи:
- Тие се виновни за смртта на другите, бидејќи ги советуваат Распнатиот да Го почитуваат како Бог.
Освен тоа, тој им нареди на гласниците да крстарат по градот и да им објавуваат на граѓаните дека сите мораат да се одречат од Христа и да живеат според еврејскиот закон, исто како и царот.
Потоа царот нареди, та од темницата му ги доведоа првенците од градот, на чело со Арет, па започна да им зборува, а особено на Арет:
- Какво е тоа ваше безумие, да верувате во Распнатиот како во Бог? Зарем може да страда Бог, без да има тело? Зарем може да умре Бесмртниот? Нема ли и меѓу вас такви, кои како Несториј Го почитуваат Христа, не како Бог туку како пророк? Јас не ве поттикнувам да се клањате на сонцето, месечината, или на некоја друга твар. Јас ве присилувам да принесете жртви, не на незнабожечките богови, туку на самиот Бог, Творецот на секоја твар.
На тие зборови свети Арет одговори во име на сите:
- Ние знаеме дека Божеството не може да страда, туку за нас пострада човечката природа, која Исус Христос ја прими од Пречиста Дева, како што за тоа сведочат пророците, исто така познати на тебе. А пак своето божество Господ Христос го пројави со неискажани чудеса. Но, има ли потреба да се впуштаме во долги излагања? Ние исповедаме дека Он е Бог и Син Божји. И во името на сите граѓани изјавуваме дека не постојат мачења, кои не сме подготвени да ги поднесеме заради Исуса Христа, нашиот Бог. Нам не ни е дојдено до Несториј, кој е осуден од светите Отци. Ние не делиме во Христа лица, туку веруваме дека Неговото човечанство е соединето со Божеството во едно Божествено лице. А тебе, кој зборуваш хулни зборови за нашиот Господ, брзо ќе те стигне казната Божја и за таа хула и за прекршувањето на заклетвата.
Мачителот стрпливо ги сослуша, бидејќи се срамеше од мудроста на Арет и честитоста на останатите граѓани, па започна со благи зборови да ги омекнува нивните срца, ветувајќи им подароци и почести. На тој начин сакаше нивната побожност и ревност за Христа да ги придобие за своето беззаконие. Но, тие ги кренаа очите кон небото и како со една уста рекоа:
- Нема да се одречеме од Тебе, Единствен Логосе Божји, Исусе Христе! Нема да се соблазниме за пресветото раѓање Твое од Пречиста Дева! Нема да го бесчестиме Твојот Чесен Крст!
Царот го одложи на некое време нивното мачење и нареди оковани да ги чуваат во темница, па се нафрли врз народот и немилосрдно убиваше многумина. Нареди да ги доведат во темницата и жените и децата на оние свети маченици. Со нив дојдоа и многу други жени, и вдовици, и девојки, и монахињи. Сите нив царот најпрвин ги мамеше со ласкање, а потоа со мачење им се закануваше да се одречат од Христа. Тие не само што не се согласуваа, туку и го понижуваа царот. Особено монахињите викаа по него и го прекоруваа за безбожието. Не можејќи да ги поднесе навредите, тој им нареди на војниците сите да ги обезглават. Така тие тргнаа во смрт како на веселба. Притоа меѓу нив настана необична расправија, бидејќи монахињите сакаа први да умрат и им говореа на останатите жени:
- Вие знаете дека во Црквата Христова ние сме повеќе почитувани од останатите. Сетете се дека насекаде го заземавме првото место. Први влегувавме во храмот Господов, први пристапувавме кон Светите Тајни, на првите места стоевме и седевме во храмот. Затоа треба и овде први да ја примиме честа на мачеништвото и бараме први да умреме и први да излеземе пред нашиот Младоженец Исус Христос.
Се натпреваруваа и жените една со друга, ставајќи ги под мечот своите глави. Исто така и малите деца се туркаа меѓу своите мајки, брзајќи да умрат и секое дете викаше:
- Мене посечете ме!
Нивната срдечност да умрат за Христа беше толку големо, што многу го запрепасти нечестивиот евреин Дунаан и сите негови велможи. Тој говореше:
- О, како успеал Галилеецот толку многу да ги занесе луѓето што заради Него ги погубуваат своите души и тела?
Во градот Награн живееше една вдовица Синклитикија, благородна и доблесна, убава на лице, но уште поубава на душа. Богата со имот, но уште побогата со добродетели. Кога остана вдовица на млади години, таа со своите две ќерки го минуваше времето во пост и молитви. Не сакаше повторно да се мажи, туку се завети на Христа и Му служеше и ден и ноќ. Иако млада по години, таа беше стара по разум. Дури и поразумна од старците заради извршувањето на заповедите Господови. Кога слушна за неа нечистиот евреин Дунаан нареди со почести да му ја доведат, заедно со нејзините две ќерки, при што умилно погледна во неа и започна кротко да и зборува:
- Ние слушнавме за тебе, почитувана жено, дека си благородна, целомудрена и паметна. Твоето лице, и самата твоја појава, сведочат дека е вистина тоа што се зборува за тебе. Затоа немој да се угледаш на безумните жени, кои што ги погубив поради нивното безумие. Немој да Го нарекуваш Бог, Оној Кој беше Распнат на крст, зашто бил ненаситник и пијаница, пријател на цариниците и грешниците, противник на отечките закони. Ти постапи како што му доликува на твоето благородничко потекло. Одречи се од Назареецот и заедно со царицата ќе бидеш почитувана во царските палати и ќе поживееш во задоволства, слободна од сите неволји поврзани со вдовството. До нас стигна твојата слава, а и самата реалност го потврдува тоа. Навистина ти имаш големи богатства, многу имоти, робови и робинки, почитувана си од сите, млада и убава, па сепак при таквата благосостојба не си посакала повторно да се омажиш. За тебе зборуваат и дека си многу доблесна и благоразумна. Затоа и сега постапи мудро. Послушај го мојот совет и немој таквата убавина и младост, а и чедноста на своите деца да ја предадеш во рацете на мачителите, кои нанесуваат повеќе срам и бесчестење отколку маки. Престани да Го славиш Распнатиот, потчини им се на нашите закони и одбери го корисното за тебе и твоите деца.
Меѓутоа блажената и чесна жена вака му одговори на царот:
- Би требало, царе, да Го почитуваш Оној што ти ја дал власта и круната. Но и повеќе од тоа, затоа што ти го дал животот и постоиш. Тоа е Синот Божји и Бог. А ете, ти си неблагодарен за таквото Негово добротворство и со својот дрзок јазик Го навредуваш својот Добротвор. Зарем не се плашиш да не те убие гром од висините? Ти сакаш да ме удостоиш на големи почести. Но, вашите почести јас ги сметам за срамота и не сакам да ме фали јазикот кој хули на мојот Бог, нити ќе бидам толку безумна да живеам во населбите на грешниците со непријателите Божји.
Царот многу се разгневи и им се обрати на своите големци:
- Гледате ли како бесрамно ме навредува оваа нечиста жена?
И нареди да ѝ ја тргнат шамијата од главата, како и на нејзините две ќерки, и така гологлави и со расплетени коси да ги водат по градот на потсмев и срам. Кога со такво бесчестење ги водеа по градските улици, таа виде како многу жени плачат за неа, па им се обрати и им рече:
- Знам дека тагувате за мене, но немојте, зашто јас се радувам. Не плачете додека се веселам. Денешниот ден за мене е порадосен од свадбениот, зашто страдам заради мојот Младоженец, за Кого беспрекорно го сочував своето вдовство. За Него беспрекорно го сочував девството на моите мили ќерки. Сега се радувам, зашто мојот Господ го гледа моето понижување, го слуша моето исповедање и јас не посакав ниту почести, ниту богатства, па не го сакам дури ни овој временски живот. Само една желба имам: Христа да Го најдам, пред Него да излезам во ликот на Светите маченици, претставувајќи му го плодот на мојата утроба, овие ќерки мои. Затоа ве молам, сестри мои, не плачете за мене, туку радувајте се со мене, бидејќи одам кај мојот бесмртен Младоженец.
Потоа повторно ја доведоа пред царот, кој ѝ рече:
- Одречи се од Христос и ќе останеш жива.
Светителката одговори:
- Ако се одречам од Христа заради времениот живот, тогаш кој ќе ме спаси од вечната смрт и незгасливиот оган?
Па ги крена очите кон небото и рече:
- О, Бесмртен Царе, не дозволувај да се одречам од Тебе, Единородниот Син Божји и да го послушам хулителот и клетвопрестапник, кој со измама го зазеде нашиот град и ја гони Твојата света Црква.
Многу разјарен, царот викна:
- О, нечиста жено, веднаш ќе го здробам твоето тело, ќе ја раскинам твојата утроба, ќе те фрлам на кучињата, па ќе видам дали ќе те спаси Назареецот, на Кого се надеваш.
Тогаш постарата ќерка на Синклитикија, која имаше дванаесет години, го плукна царот в лице. И веднаш присутните царски слуги ѝ ја отсекоа главата. Заедно со неа ја убија со меч и нејзината помала сестра. Обете ќерки паднаа мртви пред очите на својата мајка. Царот нареди да ја соберат нивната крв и да ја принесат до устата на нивната мајка, да пие. А таа вкуси од крвта и рече:
- Те прославувам, Господи Боже мој, што ме удостои да вкусам од чистите жртви на бедните мои ќерки. Тебе, Христе Господе, Ти ја принесувам оваа моја жртва. Тебе ти ги предлагам овие чисти маченици девици, плод на мојата утроба. Присоедини ме и мене кон нив и внеси нѐ во дворовите Свои, како што зборува Давид: „Како мајка, која се радува меѓу многуте деца свои“ (Пс. 112, 9).
Тогаш мачителот нареди да ѝ ја отсечат главата со меч. Така мајката со своите ќерки се пресели во населбите на вечното блаженство. А пак мачителот со заклетва тврдеше:
- Во својот живот не сум видел толку убава жена и толку прекрасни девици како овие, кои не ги поштедија ни убавината, ни животот свој.
Утредента царот седна на високо место и го доведоа пред него Арет со останатите триста четириесет луѓе на број. Обраќајќи му се како на најстар, царот рече:
- Ти, одвратна главо, си се кренал против нашата власт, си го кренал сиот град против нас и си наредил да ни даваат отпор. Си ги принудил граѓаните, та твоите зборови ги слушаат како закон, а нашите закони и наредби ги отфрлаат. Си го научил народот да Го почитува Распнатиот како Бог и да го сметаат за помошник Оној, Кој Самиот не можеше да си помогне кога Го распнуваа. Зошто не одиш по стапките на својот татко, кој додека управувал со Награн бил послушен на тогашните цареви? Навистина заслужувате мачење и ти, и сите кои те следат, како оние мажи и жени, кои веќе ги предадовме на смрт, на кои Синот на Марија и дрводелец не можеше да им укаже никаква помош.
Старецот стоеше замислен, тешко страдајќи од гордите зборови на нечистиот цар. Потоа длабоко воздивна и рече:
- Царе, ти не си виновен за ова што се случува, туку нашите граѓани, кои не го послушаа мојот совет. Јас ги советував да не ти ги отвораат градските капии, бидејќи си лукав и лажливец, туку јуначки да ти се спротивстават. Но, тие не ме послушаа и јас со мојата мала дружина сакав да излезам против твојата војска, како некогаш Гедеон против Мадијанците, бидејќи се надевав на мојот Христос, на Кого ти сега хулиш. Христос ќе ми помогнеше да те надвладеам, да те победам и уништам тебе, безбожниот клетвопрестапник, кој заборави на договорот под заклетва и ветувањето дека ќе го сочуваш градот и граѓаните.
Еден од оние што седеа до царот, рече:
- Така ли ве учи законот Мојсеев, да ги навредувате помазаниците Господови? Он заповеда: „За старешините на народот свој не зборувај лошо“ (2 Мојс. 22, 28). Но и вашето Писмо учи да се почитува царот, не само добриот и кроток, туку и суровиот.
Светителот му одговори:
- Не ли си слушнал што му рекол пророкот Илија на царот Ахав, кога Ахав го прашал Илија: „Ти ли си оној што му носиш несреќа на Израилот? Тогаш Илија му рече: Јас не му носам несреќа на Израилот туку ти и домот на твојот татко“ (Цар. 18, 17-18). Значи, пророкот го изобличи и прекори не само Ахав, туку и целиот негов дом и сепак не го наруши законот. И секој што побожно Го почитува Бога не го нарушува законот кога го изобличува царот за неговото безбожие, царот кој не се плаши да хули на Бога и да Го навредува Создателот. Туку гледам дека вие не се грижите за долготрпението Божјо и настојувате и ние да го правиме истото. А ти, неправеден царе, безбожен и нечовечен! Дали постапи со нас како што вети? Таква ли правда му доликува на царот? Такви ли беа царевите кои управуваа пред тебе? Навистина не беа, туку беа добри и кротки, милосрдни и правични, го одржуваа дадениот збор и милостиво се однесуваа со својот народ. А ти, клетвопрестапнику, не можеш да се наситиш на човечката крв. Знај дека наскоро Сезнајниот Бог ќе те фрли од царскиот престол и ќе го даде на добар и верен човек, и ќе го утврди и издигне христијанскиот род, и ќе ја изгради црквата која ти ја спали и со земјата срамни. Што се однесува до мене, јас се чувствувам блажен што во длабока старост, со своите деведесет и пет години, бидејќи сум видел синови од синовите мои, и ќерки од ќерките мои, ќе примам маченичка смрт и својот роден град ќе го приведам со себе како жртва на Бога. Потоа му се обрати на народот и своите сострадалници, и рече:
- Граѓани, пријатели и познаници, ние се излагавме што им поверувавме на заклетвата и лукавите зборови на овој безбожен цар, а сега ја гледаме неправдата негова. Добро ќе сторевме ако му се спротивставевме во војната. Ако стоевме цврсто до крај, Бог ќе ни помогнеше да го победиме. Но, бидејќи излезе поинаку, нам ни преостанува или да му се покориме на непријателот и бедно да го проживееме овој привремен живот, или пак да примиме блажена смрт. Затоа да се потрудиме со страдањето да ја наследиме бесмртната слава. Има ли нешто пославно од мачеништвото и подрагоцено од страдањето за Христа? Одамна имам мисла и желба да претрпам маки за Христа. А сега, откако го добив саканото и го најдов бараното, се радувам и готов сум веднаш да умрам. Вие пак, браќа, немојте да бидете плашливи, малодушни и приврзани за привремениот живот, за да не се лишите од вечниот. А и мачителот ќе се фали ако некого од нас исплаши со своите закани и го оттргне од Светата Вера. Понесен од својата гордост како да ги победил сите, уште повеќе ќе ги зголеми своите хули на Синот Божји. Ако меѓу нас има таков, кој се плаши од смртта и помислува да се одрече од Христа - вечниот живот, тој веднаш нека излезе од нашата средина и залудно нека не го носи името христијанин. Секој што се одрекува од Тебе Христе, Слове Божји, заради привремениот живот, нека биде лишен од него. Ако пак некој од моите роднини и блиски, обземен од желбата за привремени богатства Те остави Тебе, Творецот, и тргне по нечистиот пат, тогаш не му давај на таквиот, о, Христе Царе, да се насладува на она што го смета за богатство, туку нека го стигне спротивното на тоа.
Додека светителот зборуваше, плачеа сите христијани без исклучок, а потоа рекоа:
- Биди спокоен, водачу и учителу наш. Никој нема да те остави, никој нема да се издвои од нашата дружина. Еве, сите сме подготвени пред тебе да умреме за Христа и да примиме блажена смрт.
На тоа светителот им рече:
- Јас ќе појдам пред вас. Јас нека умрам прв, јас ќе ви бидам предводник. Како што ми доверивте да ве водам во градот, така и овде дајте ми прв да излезам пред Христа. Ако некој од моите синови остане жив во светата вера, тој нека биде наследник на моите имоти. Од нив три села давам на светата Црква, која наскоро ќе биде воспоставена. Овој беззаконски мачител набрзо ќе загине, а Црквата Христова во овој град ќе се утврди и ќе расцвета како црвен цвет, натопен со крвта на толку многу слуги Христови.
Потоа светителот го благослови народот, па ги крена рацете кон небото и воскликна:
- Ти благодарам, Господи, за сѐ.
Потоа му се обрати на царот и рече:
- Ти благодарам, царе, што имаше трпение и не ме прекина, туку ми даде време да поразговарам со своите пријатели. Сега не двоуми се, туку прави што сакаш, бидејќи ја гледаш нашата решеност. Го знаеш нашето мислење и убедување. Не е можно да се одречеме од Христа и да го следиме твоето безбожие.
Царот веднаш сите ги осуди на смрт. И ги поведоа кај еден поток, викан Одијас, за таму да им ги отсечат главите. Кога стигнаа на означеното место, светите се молеа:
- Господи, Господи, Сило на нашето спасение, Ти си ги осенил нашите глави во денот на борбата. Сега пренеси нѐ во вечниот живот, бидејќи не засакавме ништо повеќе од Тебе. Ни татковина, ни роднини, ни богатства, туку сето тоа го оставивме заради Тебе, дури и самиот свој живот го презревме и станавме како овци за колење. Смирено Те молиме, освети ја крвта на слугите Твои, крени ја Својата рака против злобата на поганиот цар, прими ги под своја заштита децата на луѓето кои умираат за Тебе, обезбеди го градот кој се фали со Твојата чесна крв, крстот и страдањето. Ти гледаш што со нив сторија непријателите Твои. Тие го разорија благолепието негово, ја осквернија светињата Твоја, го запалија светиот Твој храм. Издигни го повторно и дај го скиптарот на царевите христијански.
Додека светите маченици така се молеа, војниците започнаа да ги убиваат. Најпрвин му ја отсекоа главата на светиот и голем Арет, како предводник на христијаните, а потоа на останатите свети маченици. Така примија блажена смрт триста и четириесет луѓе. Тука се наоѓаше и една верна жена, жителка на тој град. Со неа беше и нејзиното мало синче од пет години. Кога го виде посекувањето на светите маченици, таа притрча, зеде малку од нивната крв и се помаза себе си и своето синче, па ревносно го проколнуваше царот и силно викаше:
- Ќе го снајде тој евреин истото како и фараонот!
Војниците ја фатија, ја изведоа пред царот и му раскажаа сѐ што рече. Без да ѝ дозволи збор да каже, без нешто да ја праша, царот нареди веднаш да ја спалат. Кога беше запален огнот и мачителите започнаа да ја врзуваат блажената жена за да ја фрлат во огнот, нејзиното синче започна да плаче. Тоа му притрча на царот, му ги прегрна нозете и со очички полни со солзи го молеше за својата мајка како што умееше. Царот го зеде во својот скут ова убаво и слаткоречиво дете и го праша:
- Кого повеќе сакаш, мене или мајка ти?
Малото одговори:
- Ја сакам мајка ми и затоа дојдов. Те молам нареди да ја одврзат. И мене нека ме земе со себе на мачењето, за кое што често ме поучуваше.
Царот го праша:
- А што велиш, што е тоа мачење?
Малото, исполнето со благодатта Божја која дејствуваше во него, му одговори:
- Мачење е да се умре за Христос и повторно да се живее со Него.
Царот праша:
- А кој е Тој Христос? Малиот одговори:
- Ајде со мене во црквата и јас ќе ти Го покажам. Потоа погледна повторно во мајка си и со солзи му рече на царот:
- Пушти ме да одам кај мајка ми!
- А зошто дојде кај мене? Немој да одиш кај неа. Подобро остани со нас и јас ќе ти давам јаболка, ореви и друго прекрасно овошје. Така царот водеше разговор со него како со обично дете, но момчето со својот ум беше далеку над својата возраст и многу смислено му одговори:
- Не сакам да останам со вас, туку сакам кај мајка ми. Мислев дека си христијанин и дојдов да те молам за мојата мајка. Но, ти си евреин и не сакам да останам кај тебе, ниту ќе примам нешто од твоите раце. Јас само сакам да ме пуштиш кај мајка ми.
Царот се восхитуваше на неговиот ум, а кога момчето виде како мајка му ја фрлија во огнот, силно го гризна царот. Од силната болка тој го оттурна од себе и нареди на еден од присутните велможи да го земе и воспита во еврејскиот закон и во омраза спрема Христа. Велможата го зеде малото и восхитувајќи се на неговиот ум го поведе во својот шатор. По пат се сретна со некој пријател, застана и започна да му зборува за детето, а стоеја недалеку од огнот во кој беше фрлена мајката. Додека тие разговараа, малото се извлече од рацете на велможата, се стрча и скокна во огнот, ја прегрна својата мајка и изгоре заедно со неа. Така мајката со синчето станаа благомирисна жртва паленица пред Бога. Пофалба на Господа, Кој го умудри така малото дете, та врз него се исполнија пророчките зборови: „Господи, од устите на малите деца и доенчињата си направил пофалба за Себе наспроти Своите непријатели, за да направиш да замолкне непријателот и одмаздникот“ (Пс. 8, 13).
Додека сето тоа се случуваше, кнезовите и војводите царски се сожалија поради толку големото проливање на христијанската крв, та го замолија царот да престане да го уништува градот, кој секоја година му дава голем данок. Беззаконикот ги послуша, но сепак избра многу илјади момчиња и девојчиња од градот Награн и неговата околина, и некои зеде како робови за себе а други раздаде на велможите и војниците. И сиот град, кој порано ѝ служеше на Пресвета Троица, тој го потчини под тешко ропство, па тргна во својата престолнина. Но, кога овој се враќаше назад, се појави оган над небото и цела ноќ го осветлуваше воздухот. Оваа појава страотно го исплаши Дунаан со неговата војска. И започна да паѓа оган на земјата во вид на дожд, и многумина повреди. Тоа беше знак на гневот Божји и почеток на одмаздата за пролиената крв. Но, новиот фараон не сакаше да се поправи и не се смири под силната рака Божја. Напротив, тој толку се разбесни против христијаните, што намисли да ги уништи не само во својата земја туку и во другите земји и царства. Така тој му испрати пратеници на царот персиски, молејќи го и тој да ги убие сите христијани во своето царство, ако сака сонцето, и таткото на сонцето - богот еврејски, да бидат милостиви кон него. Персијците го почитуваа сонцето како бог, па затоа и Дунаан, сакајќи да ги вооружи против христијаните го нарекуваше еврејскиот бог татко на сонцето. Му напиша тој и на сараценскиот цар Аламундар, ветувајќи му многу злато, ако ги искорени потчинетите христијани.
Благочестивиот цар Јустин многу се нажали поради тоа и му испрати писмо на александрискиот архиепископ Астериј, со молба да го поттикне етиопскиот цар Елезвој против нечистиот евреин и да се одмазди за пролиената христијанска крв. Освен тоа и самиот му напиша на царот Елезвој за сѐ што стори Дунаан со христијаните во Омиритската земја, особено во градот Награан, и дека испратил пратеници кај персискиот и сараценскиот цар, поттикнувајќи ги со молби и мито против христијаните. Притоа Јустин во писмото го молеше Елезвој, како сосед на Дунаан, да му објави војна на овој богохулник, жеден за крвта христијанска. Архиепископот Астериј го поттикнуваше Елезвој на војна, а самиот срдечно се молеше на Бога, да им помогне на христијаните и да ги уништи нивните непријатели. Им порача тој и на сите монаси во Нитрија и по скитовите да се молат. Елезвој дозна за сѐ што се случило во Омиритската земја, не само од царот Јустин и архиепископот Астериј туку пред нив, бидејќи неговите војници, кои ги чуваа пограничните градови, беа испоубиени. Ревносен за Бога и страдајќи за христијаните, тој сакаше веднаш да завојува со Дунаан, но не можеше бидејќи беше зима. Додека го чекаше летото се подготвуваше, и напролет ги собра своите војници и војниците што му дојдоа на помош од другите народи, сто дваесет илјади на број. Во текот на зимата тој вооружи седумдесет индиски кораби, а купи шеесет кораби од персиските и етиопските трговци, кои беа дошле по трговија, а поправи и многу стари. Кога пукна пролетта тргна во војна. Дел од војската испрати по копно, а самиот со останатата војска тргна по морето за и од копно и по море да влезе во Омиритската земја и од сите страни да го опколи царот евреин. Но Бог, Кој сѐ премудро уредува и постапува не според човечката волја туку по неиспитаните судови Свои, знаејќи што е корисно, го попречи планот на блажениот цар Елезвој. Неговата војска заталка во пустините и горите во непроодни и безводни места, та не можеше да стигне ни до Омиритската земја, ни да се врати назад. Војниците талкаа многу денови и исцрпени од жед паѓаа мртви. Малкумина останаа живи и се враќаа назад, да ја донесат неутешната вест. Исто така и царот по морето немаше среќа. Кај градот Дакел царот излезе од коработ и појде кај црквата на морскиот брег. Пред црквата ги симна од себе царскиот венец и порфира, и сите царски украси и ознаки, и ги стави на влезот крај вратата. Во бедна облека влезе во црквата и долго се молеше пред олтарот со умиление. Кога во молитвата се сети на чудата што Бог ги изврши во Египет во пустината на неблагодарните евреи, царот говореше:
- Неблагодарни ти беа евреите Тебе, Добротворот свој, и не само оние што ги извади од Египет, туку и нивните деца и целото нивно потомство до денешен ден. Ти знаеш, Господи, какво зло му приредија тие на твојот град Награн, во кој со измама ги зедоа Твоите луѓе. Тие направија незаконски совет против Твоите Светии, и тежнеат од лицето на земјата потполно да ги искоренат останатите христијани. Ако сето тоа се исполнува заради гревовите наши, тогаш ја молам Твојата добрина, не предавај нѐ во рацете нивни, туку Ти самиот казни нѐ според Својата волја, зашто Тебе ти се својствени, како големината така и милоста. Не давај нѐ на нашите непријатели, за да не речат: Каде е нивниот Христос на Кого се надеваат? Каде е нивниот Крст со кој што се фалат?
Откако така со солзи се помоли, царот излезе од црквата и од градот. Таму слушна дека некој свет монах, на име Зигон, недалеку од градот безизлезно пребива во доброволно затвореништво четириесет и пет години, и дека за својот доблесен живот добил од Бога дар да пророкува и да ја гледа иднината. Царот појде кај овој монах, облечен како прост војник, а му однесе и темјан, сокривајќи во садот под темјанот злато, со надеж дека старецот од незнаење со темјанот ќе го прими и златото. Царот му се поклони и го замоли да го прими принесениот дар. Притоа го праша дали Бог ќе им помогне во војната против Дунаан, против кого тргнале за да ја осветат крвта христијанска.
Проѕорливиот старец препозна дека тоа е царот, а исто така дозна и дека под темјанот има скриено злато. И не го прими златото, а му рече на царот:
- Зарем не си слушнал што вели Господ?: „Моја е осветата, Јас ќе возвратам“. Ти си тргнал во војна за да загинеш. Тебе ќе ти се одземе царството и многумина заедно со тебе ќе го изгубат животот.
Царот многу се исплаши и со плачење и тага си замина. Во огромната тага и неволја, тој ноќта ја помина во размислување и недоумица што да прави. Најпосле одлучи да бега. Кога осамна повторно отиде кај монахот, кој му рече:
- Нема на земјата град каде би можел да побегнеш од смртта. Но, ако сакаш да останеш жив и да го победиш безбожниот цар, вети дека потоа ќе станеш монах.
Елезвој вети со заклетва:
- Ако Бог ми даде да го победам Дунаан, веднаш ќе го оставам царството и ќе станам монах.
Кога ги слушна овие зборови од царот и ги виде неговите солзи, старецот се помоли за него, го благослови како Саул некогаш Давид против Голијат (Цар 17, 37) и рече:
- Бог нека биде со тебе! Оди, вооружен со жртвите на мачениците, молитвите на архиепископот Астериј и светите Отци пустиници, кои се молат за тебе, како и солзите на блажениот цар Јустин, ти ќе го победиш Дунаан и ќе ја осветиш невината крв.
Царот се утеши, зеде благослов и замина со својата војска радосен, славејќи Го Бога. Во тоа време омиритскиот цар Дунаан дозна дека етиопскиот цар Елезвој тргнал кон него по море и копно, па собра огромна војска, силно ја вооружи и ја распореди долж границата на својата земја, очекувајќи ја наездата на Елезвој. Тој многу се израдува кога слушна дека копнената војска на Елезвој пропаднала низ пустините и не се плашеше од копното, туку се чуваше само од морето. Но и тука не беше во опасност. Помеѓу Етиопија и Омиритската земја постои морска плиткост и теснец, широк нешто помалку од две стадии. Во него на многу места имаше многу крупни и остри камења, одвај покриени со вода. Затоа тоа место беше многу тешко за пловидба. При тоа Дунаан му додаде уште една препрека. Протегна дебело и огромно железно јаже и го прегради, за не само бројните камења, туку и јажето да му го попречи патот на Елезвој и да ги оневозможи корабите да поминат на другата страна. Но Бог, чиј што разум нема мера (Пс.146, 5) ја погуби мудроста на вештиот евреин. Со Својата чудесна сила на тоа непроодно место направи удобен пат за христијаните.
Кога Елезвој отплови од градот Дакел со добра надеж, дувна поволен ветер, ги крена едрата и тие пловеа многу брзо и за неколку дена стигнаа до границата на Омиритската земја. Кога стигнаа до теснецот, царот нареди најпрвин да препловат десет кораби, па по нив други дваесет, на коишто беше и самиот, набљудувајќи го од високо тој премин. А останатите многубројни застанаа далеку назад и чекаа да поминат оние пред нив. Но, само што тргнаа првите десет, Господ Бог, на Кого што се патевите морски, им притекна на помош на Своите верни. И таму каде што требало корабите да пропаднат, таму Господ над секое очекување уреди спасение. Неочекувано настана силна бура и се креваа бранови високи како планини, кои ги зафаќаа корабите и ги принесуваа преку тоа опасно место. Само еден застана на железната преграда и изгледаше како да стои на камен, но со силата Божја водата го крена високо и го пренесе. Така се исполнија зборовите на пророкот Давид: Оние што пловат по море на кораби, ги видоа делата Господови и чудата Негови во длабочините (Пс. 106, 24). Крепката рака Божја го стори ваквото чудо, така што не само првите кораби ги пренесе со помош на брановите преку неминливиот камен и со железно јаже преградено место, туку и самата железна преграда ја искина со бурата и брановите, та за останатите направи удобен премин. Откако ги пренесоа преку опасното место десетте предни кораби, брановите ги оставија покрај брегот на двеста стадии од местото каде што се наоѓаше царот Дунаан со својата омиритска војска. А пак дваесетте, на кои што беше и царот Елезвој, откако го преминаа морскиот теснец, попречени од ветрот не ги стигнаа предните кораби, туку од брановите беа расфрлани по морето. Кога дозна Дунаан за пристигнатите кораби, веднаш испрати триесет илјади вооружени коњаници, да не им дозволат на христијаните да се слезат на копното. А пак корабите расфрлани по морето допловија до првите десет дури откако стивна бурата, но луѓето не можеа да излезат, зашто жестоко беа напаѓани од војниците на Дунаан. Останатите многубројни кораби дури во третиот ден го препливаа она опасно место и застанаа недалеку од брегот. Тие не можеа да им се придружат на предните, и така далеку закотвени, не знаеја едни за други.
Мислејќи дека етиопскиот цар се наоѓа онаму каде што беа мноштвото кораби, Дунаан појде таму и ја распореди својата војска во близина на брегот, попречувајќи го непријателот да се истовара на копното. Така стоеја тие долго време, но и двете страни беа во голема неволја. На Етиопјаните започна да им недостасува храна и вода а на Омиритите на брегот им задаваше маки горештината. Потоа Дунаан испрати еден кнез, свој роднина, со дваесет илјади коњаници на помош на оние триесет илјади кои ги чуваа предните кораби. Со тој кнез појде и еден царски евнух, кој носеше пет златни копја. Многу денови тие водеа борба со христијаните, кои во групи се истовараа на копното и правеа ровови на брегот. Еднаш Дунаановиот кнез го поведе со себе евнухот, кој ги носеше златните копја, и неколку слуги, излезе од својот логор на лов и заноќи таму. Во истата ноќ, некои од војниците на Елезвој, кои што беа на брегот, многу прегладнети се договорија да бегаат. Тие украдоа коњи и побегнаа, но случајно, односно по промисла Божја, налетаа на омиритскиот кнез и царскиот евнух, кои во заседа чекаа диви животни. Така стапија во борба. Притоа тие го фатија кнезот, царевиот сродник и евнухот со копјата, а останатите ги убија со мечевите, па се вратија назад, водејќи ги заробениците кај својот цар, кој многу се израдува и Му заблагодари на Бога што започна да ги предава во негови раце непријателите на светиот Крст, при што златните копја вети да ги даде во храмот Божји, за украсување на олтарот. Рано в зори, откако ги подготви војниците за борба, царот ги постави во мали кораби, се истовари на копното и сите Го повикуваа Господа на помош, па започнаа голема битка со Омиритите. Останати без својот кнез предводник, тие започнаа да се повлекуваат. Христијаните притоа ги убиваа како да сечаат гранки. И Бог им помогна, та ниту еден од противниците не побегна, туку сите паднаа под мечот христијански, и не остана ниту еден да го извести царот евреин, за загинувањето на неговата војска. А пак христијаните со својот цар Му принесоа благодарствени молитви на Бога, за победата што им ја подари.
Но, нивната радост сѐ уште не беше целосна. Голем дел од војската, која што се наоѓаше во задните кораби, беше во голема неволја од недостиг на храна и вода, и од тоа што не знаеја каде се наоѓа нивниот цар со предните кораби. А пак Елезвој, кој кај себе го имаше како заробеник царскиот сродник и евнух, тргна кон главниот град на омиритската земја Фар, во кој што се наоѓал дворецот на царот Дунаан. Го најде градот без стража и лесно го зазеде. Потоа влезе во царските палати и седна на престолот. Ги зеде сите негови богатства а царицата со нејзиниот двор ја зеде во ропство. Некои што побегнаа од градот отрчаа кај својот цар Дунаан, кој водеше борба со корабите на Елезвој и го известија за сѐ што се случи во неговиот град.
Дунаан многу се исплаши и не знаеше што да прави. Господ му го одзеде паметот и отпочна одмаздата за невината крв христијанска. Тој започна да се плаши не само од Елезвој, туку и од своите велможи и сродници. Немаше доверба во нив и се плашеше да не го изневерат и предадат, па сите, а и себеси, се окова во златни ланци и седна во својот логор, очекувајќи ја последната казна. Така се избезуми бедниот цар, зашто го обзеде страв, како некогаш владетелите Едомски, Моавски, и Ханански, за кои во Светото Писмо се вели: „Се збунија поглаварите Едомски, страв и трепет ги обзеде кнезовите Моавски, се уплашија сите жители Ханански“. (2Мојс. 15, 15.16).
Но, христијаните од многубројните кораби во позадина ништо не знаеја и во голема забуна и тага без својот цар, започнаа да се молат. Отслужија Божествена Литургија на корабите, сите се причестија со Божествените Тајни и едногласно повикаа кон Бога, барајќи помош. Тогаш од небото се слушна глас:
- Гаврил, Гаврил, Гаврил!
Од овој глас верните се охрабрија, се вооружија за борба и тргнаа со чамци кон брегот. Меѓу нив се појави еден војник, кој во рацете држеше железен стап, на чиј што врв имаше крст, а другиот крај му беше остар како копје. Со тоа оружје војникот пред сите истрча на брегот и веднаш стапи во борба со вооружениот коњаник и го прободе и него и неговиот коњ. Кога коњот и коњаникот паднаа, сите непријатели се исплашија и побегнаа. Христијаните го зазедоа брегот и тргнаа против безбожниците. Настапи голема битка. Незнабошците и евреите не можеа да им се спротивстават на христијаните. И тогаш падна сета војска на богомрскиот цар Дунаан како косена трева. Кога христијаните стигнаа до царскиот шатор, ги најдоа царот и неговите кнезови и роднини оковани во златни синџири, кај седат како безумни. Сите се зачудија на таа необична глетка. Без да превземат нешто против нив, христијанските војници ги чуваа под стража како заробеници, додека не дознаа дека нивниот цар, блажениот Елезвој ја зазел непријателската престолнина. Тогаш му испратија извештај за од Бога дадената победа над евреите. Царот Елезвој го остави градот и во него еден дел од својата војска како посада и побрза кај своите христијани. Го најде Дунаан со неговата свита кај седи во златни синџири и со своја рака ги обезглави него и сите кои беа со него. И настана голема прослава меѓу христијаните и неискажлива радост, според зборовите на Светото Писмо: „Ќе се израдува праведникот кога ќе ја види осветата“ (Пс. 57, 11).
Кога се врати во градот, Елезвој ги уби сите неверници, кои беа во царските палати со царицата, и целосно ги истреби сите непријатели Христови. Потоа испрати гласници кај царот Јустин и архиепископот Александриски, со известување дека Господ ја излеал Својата голема милост врз нив и ги положил под нозете нивни непријателите, и ја освети крвта христијанска. Сите Му заблагодарија на Бога и архиепископот веднаш испрати во Омирит епископи и свештеници да ги поучат во верата и да ги крстат преостанатите луѓе. Елезвој започна да гради по градовите цркви и да ја шири славата на името Христово. Кога дојде во маченичкиот град Награан, ја изгради црквата која нечистиот Дунаан ја беше изгорел и многу ги украси ковчезите на светите маченици, ги ободри сите христијани и им дари слобода. А синот на свети Арет, кој беше останал жив, го постави за кнез на градот и целата Омиритска црква ја исчисти за кратко време од незнабоштвото и ја просвети со Светата Вера. Потоа постави за цар еден побожен и доблесен човек на име Аврамиј, пропиша и воведе христијански закони, црковни и граѓански, па со својата војска се врати во својата земја, славејќи Го Бога. Се врати со огромни богатства, бидејќи неговата војска беше запленила голем плен. Кога се врати во својата земја, Елезвој Му принесе благодарност на Бога за сѐ и ја испрати во Ерусалим својата царска круна, и по неколку дена, откако го довери етиопското царство на Бога, а и себе самиот, остави сѐ. Ноќе излезе од царските палати, го напушти градот во бедна облека, не како цар туку како просјак, се затвори во тамошниот близок манастир во ќелија, од која што не излегуваше сѐ до својата смрт, служејќи Му на Бога и ден и ноќ. Се хранеше само со една лепиња на три дена. А понекогаш вкусувал смокви и урми. Во својата ќелија немаше ништо освен губер, дрвена кофа и корпа. Вино и масло никогаш не вкусуваше. Така се одрече од светот и славата, и сиот ум го сврте кон Бога и во Него Единствениот живеејќи, помина петнаесет години во монаштвото и се претстави во мир. За сето тоа слава Му на нашиот Бог, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТАТА ИКОНА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „НА СИТЕ НАЖАЛЕНИ РАДОСТ“
Без сомнение, дури и самото име на оваа икона „Радост на сите нажалени“ послужило како причина за нејзината широка распространетост во Русија. Освен првата московска икона, има уште не помалку од дваесет и пет чудотворни и местно почитувани копии на оваа икона: во Москва и неговата околина, крај бреговите на Нева и во Абхазија, во сибирскиот Тоболск и Киев, во Вологда и Нижни Новгород, и во други градови, села и манастири.
Сокриениот смисол во самата икона - надежта во Пречистата, Која неодложно брза да утеши, да ги олесни тагите и страдањата на луѓето, да даде облека на голите и исцеление на болните - е особено близок и разбирлив за душата на секој верник.
На оваа икона Пресвета Богородица се изобразува во цел раст, обично со скиптар во десната рака и со Младенецот на левата, но понекогаш и без Него, со раширени раце, како на познатата „Радост на сите нажалени (со монетите)“, опкружена од коленопреклоно паднати пред неа страдални христијани и Ангели испратени за отстранување на нивните жалости, насочени кон Приснодевата - изворот на непресушната и сепобедлива радост. На различни копии облеката на Пречистата е различна. Таа некаде е изобразена во слава, со круна на главата и со царска багреница, некаде со вообичаената за Нејзините земни дни наметка и долга бела облека.
Како што раскажува стариот црковен летопис, во 7196 година од стварањето на светот (1648 г. по Рождеството Христово) вдовицата Ефимија Акиниева, родена сестра на патријархот Јоаким, која била измачувана од огромна незараслива рана, очајна и без надеж за исцеление од страна на лекарите, повикала кон Пречистата и ненадејно слушнала глас:
- Ефимија, зошто во својата тага не прибегнеш кон заедничката Исцелителка на сите?
- А каде да ја најдам Таа исцелителка? - смирено запрашала болната.
И тогаш гласот ѝ заповедал да се обрати кај свештеникот од боголепниот храм „Преображение на нашиот Господ Бог и Спасител Исус Христос и преподобниот Варлаам Хутински, новгородскиот чудотворец“, кој што се наоѓа на „Болшаја Ординка“ во Москва. Тој да ја земе иконата на Пречистата, која се наоѓа од левата страна, каде што обично стојат жените, и пред неа да отслужи молебен со водосвет. Ефимија го исполнила сето тоа и се исцелила. Така се случило првото чудо од иконата на Пресветата наша Владичица Богородица и Приснодева Марија, Која се нарекува „Радост на сите нажалени“, а самиот храм со името со кое се нарекува и денес, „Скорбјаштински“ (иако неговиот централен престол е осветен во чест на Преображението Господово). Секоја сабота тука се врши молебен пред чудотворната икона, која во последните години јави нов благодатен дар на исцеленија, на оние што страдаат од алкохолизам и наркоманија. Секој век си има свои таги, но не одминува само радоста на исцелението дарувана од Застапницата.
Освен храмот на Болшаја Ординка, во главниот град сега има уште четири парохиски храма, посветени на иконата „Радост на сите нажалени“.
За разлика од православните христијани во Москва, христијаните од градот на Нева биле уверени дека првојавениот лик на чудотворната икона бил донесен во новиот главен град во 1711 година од сестрата на Петар I, кнегињата Наталија Алексеевна, и со текот на времето се јавил во Скорбјаштенската црква на Шпалернаја улица. За чудо на таа икона ѝ се припишувало прекинувањето на епидемијата од вариола, која беснеела во времето на Екатерина II.
Во почетокот на дваесеттиот век црковните историчари не можеле да дадат одговор која од двете икони - на Болшаја Ординка во Москва или на Шпалернаја улица во Санкт Петрбург - е првата икона. Но, ако се суди според тоа дека Петербургската икона е насликана на кипарисова даска врз грундирано платно, таа е подоцнежна од Московската.
Со текот на времето и Санкт Петербург добил своја икона „Радост на сите нажалени“, која што е специфичен композициски тип, - таканаречената „Богородица со монетите“. Пред многу години, граѓаните кои живееле во приградското село Клочка (сега тој реон околу Стакларскиот завод одамна е влезен во склоп на Петербург), трговци Куракини нашле на брегот икона на Пресвета Богородица, исфрлена од брановите на Нева. По неколку поколенија, нивни наследници ја подариле семејната светиња на параклисот во Стакларскиот завод.
На 23 јуни, 1888 година, над бреговите на Нева зафатила страшна бура. Удар од молња ги опожарил и пеплосал внатрешните ѕидови на параклисот, заедно со сите икони, и ги расфрлил монетите од дискосот за даренија.
Останала само една икона, при што од ликот на Пречистата отпаднале подоцнежните натписи, а дванаесет медени монети од дискосот со нечовечка сила биле забиени во даската на иконата. Од тогаш чудотворната икона го добила народното име „Пресвета Богородица (со монетите)“. Следниот ден кон параклисот се слеала река од богомолци. Тогаш започнале и веќе не престанале чудесните исцеленија. Сега оваа чудотворна икона се наоѓа во Троицкиот храм „Кулич и Пасха“.
Според Петербургската варијанта Пречистата се изобразува со раширени раце и со наклонет лик на лево. Фустанот ѝ е светлоцрвен, наметката темносина, а главата ѝ е забрадена со бела марама, без царска круна. Високо во облаците е Спасителот, Кој благословува, а наоколу има Ангели, страдалници, зелени гранки и задолжителните дванаесет монети.
Стихира, глас 2, која што се пее на Молебен, наместо тропар.
Пречиста, Ти си радост на сите нажалени, Застапничка на навредените, Пристаниште на брануваните, Посета на болните, Покров и застапничка на немоќните, Жезол на староста. Мајко на Севишниот Бог, побрзај, Те молам, да ги спасиш Твоите слуги.
Молитва
О, Пресвета и Преблагословена Дево, Владичице Богородице! Погледни милостиво кон нас, кои стоиме пред твојата света Икона и со умиление Ти се молиме. Подигни нѐ од длабочините на гревот, просвети го нашиот ум, помрачен од страстите, и излекувај ги раните на нашите души и тела. Ние немаме друга надеж, освен Тебе Владичице. Ти ги знаеш сите наши слабости и согрешенија, кон Тебе прибегнуваме и Те повикуваме, не оставај нѐ без Твојата небесна помош, но секогаш застапувај се за нас и според Твоето неискажано милосрдие и великодушност спаси и помилуј нѐ нас, кои загинуваме. Подари ни поправање од гревовниот живот и избави нѐ од таги, несреќи и болести, од ненадејна смрт, од адот и од вечните маки. Ти, Царице и Владичице, си брза помошничка и застапничка на сите кои прибегнуваат кон Тебе, и силно прибежиште на покајните грешници. Затоа преблага и сенепорочна Дево, дај ни христијански, мирен и непосрамен крај на нашиот живот и удостој нѐ со Твоето застапништво да се веселиме во небесните обители, каде што непрестајниот глас на оние што празнуваат со радост ја прославува Пресвета Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИ ЕЛЕЗВОЈ, царот Етиопски
Од ревност за верата Христова и евангелска љубов за ближните, овој благочестив цар се крена против царот Дунаан, кој беше опак мачител на христијаните во земјата Омиритска. Но, на почетокот на војната немаше успех и огромна негова војска пропадна во безводната пустина. Тогаш тој горко плачеше пред Бога и вети дека ќе се замонаши, ако Бог му помогне да го победи крвникот христијански. Откако го победи Дунаан, Елезвој се врати во Етиопија и веднаш го напушти царскиот дворец и стапи во манастир, во кој строго се подвизуваше како вистински монах, полни петнаесет години. Бог му подари благодат на чудотворство пред и по смртта. Се упокои во 555 година.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА СЕВАСТИЈАНА
Света Севастијана била ученичка на свети апостол Павле. Пострада во времето на царот Дометијан, во 82 година. Кога дојде од својот роден град Ираклија во градот Маркијанополис, таа Го проповедаше Христа. Затоа беше обвинета кај игемонот Сергиј како христијанка. Изведена пред него, храбро изјави дека верува во Христа, дека во таа вера е научена и крстена од апостол Павле и дека е готова да умре за Христос. Поради тоа по целото тело ја тепаа со оловни стапови, па ја фрлија во темница. Таму ѝ се јави апостол Павле и ѝ рече:
- Радувај се и не тагувај, бидејќи одовде окована ќе отидеш во својот град, да ја исповедаш верата Христова!
По седум дена игемонот ја извади од темницата и нареди да ја фрлат во вжештена печка, во која што остана неповредена. Кога ја извадија, сите останаа восхитени и запрепастени. Потоа таа се помоли на Бога и настана страшно невреме, грмотевици и молњи, и падна силен град, кој ја згасна печката. Од страв побегнаа игемонот и сите со него. Потоа игемонот ја праша:
- Која си ти? Што се случува околу тебе? Од каде си?
Но, маченицата не му одговори ништо.
Игемонот дозна од присутните дека е од Ираклија и врзана ја испрати кај тамошниот игемон. Тогаш ѝ се јави Ангел Господов и ѝ рече:
- Биди храбра ќерко. Кога ќе бидеш изведена пред игемонот, јас ќе бидам со тебе!
Во Ираклија тамошниот игемон ја обеси на мачилишното дрво и цели три часа ѝ го режеа и кинеа телото. Парчињата месо, кои паѓаа од неа, испуштаа прекрасен мирис, а светата маченица молчеше и се молеше на Господа, така што сите присутни говореа дека нејзиното тело не чувствува болка, како во него да нема душа. Потоа ја симнаа од дрвото и ја фрлија на ѕверовите. Кога пуштија на неа еден огромен лав, тој ѝ пријде и започна да зборува со човечки глас, славејќи ја и величајќи ја светата маченица, а изобличувајќи ги и осудувајќи ги неверниците и беззакониците. Потоа пуштија лавица. Кога ѝ пријде, таа застана од нејзината друга страна и така и од двете страни на светителката стоеја лав и лавица, како две кротки јагниња.
Збунет и без да знае што да прави, игемонот нареди да ѝ ја отсечат главата надвор од градот. На местото каде што беше сторено тоа, наместо крв од нејзиното тело потече млеко. Безбожниот игемон нареди телото и главата на света Севастијана да ги стават во вреќа, и во истата вреќа да стават триста литри олово, па да ја врзат и така да ја фрлат во морето. Но, Ангел Господов ја раскина вреќата и ги изнесе моштите во местото Рисистон, каде што ги прими некоја жена сенаторка, на име Амија, и чесно ги погреба. Моштите на светата маченица Севастијана беа мироточиви и целебни.
ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АРЕТ ПЕЧЕРСКИ
Навистина е достојно и праведно постојано да Му благодариме на Бога, не само за добрата туку и за несреќите, зашто несреќите не само што кај праведникот ја зголемуваат благодатта, како што тоа се случи со Јов, туку и големиот грешник го преобразуваат во совршен светител. Пример за тоа е преподобниот Арет, за кого неговиот очевидец, блажениот епископ Симон, вака сведочи:
Во Печерскиот манастир имаше еден монах на име Арет, родум од градот Полоцк. Во својата ќелија тој кришум чуваше големо богатство, но беше голем скржавец, така што никогаш не даде на просјак милостиња ни пет пари, ниту пак за своите потреби потроши нешто. Но, една ноќ наидоа крадци и му го украдоа сиот имот. Тогаш тој од голема тага и мака за малку не изврши самоубиство. Во потрагата по украденото богатство започна да напаѓа невини, а многумина да мачи без причина. Сите браќа го молеа да се откаже од таквото трагање и го тешеа:
- Брате, остави ја својата грижа на Господа и Бог ќе те поткрепи (Пе. 54, 23).
По неколку дена монахот Арет тешко се разболе и беше речиси на умирање. Но, ни тогаш не престана со роптањето и карањето. А човекољубивиот Господ, Кој сака сите луѓе да се спасат, ја јави врз него прекрасната милост Своја. Додека лежеше во постелата како мртов, болниот Арет после многудневно молчење одеднаш започна на глас да вика:
- Господи, помилуј! Господи, прости! Господи, згрешив! Сѐ е Твое и јас не жалам за изгубеното!
И веднаш потоа стана од болничкиот одар и им ја објасни на браќата причината за своето викање и им го раскажа своето видение:
- Јас видов како кај мене дојдоа ангели и толпа ѓаволи и започнаа да се препираат за моето украдено богатство. Ѓаволите говореа: Тој не Му заблагодари на Бога за тоа туку хулеше. Затоа е наш и треба нам да ни биде предаден. А пак ангелите ми рекоа: О, несреќен човеку! Ако Му се заблагодареше на Бога за украдениот имот, тоа ќе ти се сметаше за милостиња како на Јов. Голема заслуга има пред Бога оној кој врши милостиња по своја добра волја. А ако некој за насилно одземеното поднесува со благодарноста, која ја заменува добрата волја, тој бива искушуван од ѓаволот. Ѓаволот му нанесува штета на човекот, зашто сака во него да предизвика хулење. Но, благодарниот човек се препушта на Бога. Во таков случај и губитокот станува рамен на милостињата. Кога ангелите ми го рекоа тоа јас извикав: Господи, прости! Господи, згрешив! Сѐ е Твое јас не жалам за украденото. Тогаш ѓаволите веднаш исчезнаа. Ангелите се израдуваа, ми го прифатија украденото сребро за милостиња и заминаа.
Браќата Го прославија Бога, Кој ги упатува грешниците кон покајание и Кој им откри голема сила и благодарност. А пак блажениот Арет, вразумен од Бога, оттогаш многу се промени на добро, така што сите се восхитуваа и ги применуваа на него апостолските зборови: „Каде што се намножи гревот, таму благодатта се јавува во голема изобилност“ (Рим. 5, 20). Така оној, кого порано никој не можеше да го попречи во хулењето, не престануваше да Му принесува пофалба во сите денови и да Го слави и да Му благодари на Бога со зборовите на праведниот Јов: „Господ даде, Господ зеде. Како што сакаше Господ така и се случи. Нека е благословено името Господово“ (Јов. 1, 21). Исто така Арет сесрдно се каеше и за останатите свои согрешенија, покажувајќи ревност во нелицемерното сиротство, во послушноста не само пред очите човечки, во чистотата надворешна и внатрешна. Тој се подвизуваше во непрестајно молење, безмерна чесност и многу други телесни и душевни доблести на кои го поттикна доблеста на благодарноста. Богатејќи се со доблестите и со Самиот Бог, а не со злато и сребро, после многуте трудови тој се пресели во вечниот покој. Чесно беше погребан во пештерата, каде со чудотворната нераспадливост на своите мошти сведочи за своето блаженство, рамно на блаженството на милостивите, кои според зборовите Господови ќе бидат помилувани (Матеј 5,7). По неговите свети молитви да бидеме помилувани и ние, кои живееме со благодарност, и да се удостоиме заедно со него, во Царството Небесно да Му благодариме на Бога во Света Троица, во бесконечните векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: МАРКО, СОТИРИХ н ВАЛЕНТИН
Овие свети маченици пострадаа за Христа, влечени по земјата.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АКАКИЈ ПРЕЗВИТЕРОТ
Свети Акакиј презвитерот пострада за Христа посечен со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК НЕРДОН
Светиот маченик Нердон пострада за Христа спален во оган.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ПАП, епископ во Хитра на Кипар
Бил епископ во местото Хитра (денес Китреја) на Кипар; учествувал во хиротонијата на свети Епифаниј Кипарски (12 мај). Исповеднички се подвизувал. Како епископ го спомнува Махерас во „Кипарска Хроника“.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЈОВАН, затвореникот Псково-Печерски
Се подвизувал дваесет и две години во градскиот бедем. Во мир се претставил, во 1616 година.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЈКА И НЕЈЗИНОТО ДЕТЕНЦЕ
Светото детенце Божјо, кога видело како неговата мајка заради верата во Христа ја фрлиле во оган, понесено и самото од љубовта кон Бога, се оттргна од рацете на мачителот и скокна со мајка си во огнот. Така изгоре заедно со неа.