7. Ноември   (25. Октомври)

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: МАРКИЈАН и МАРТИРИЈ

Кога безбожната Аријанска ерес се рашири и предизвика големи раздори во Црквата Христова, настана гонење на верните христијани, како од страна на аријанците, така и од страна на идолопоклониците. Во тоа време биваа намразени, мачени, гонети и убивани сите кои исповедаа дека Христос е Творец а не твар, вочовечен Бог а не обичен човек. Особено аријанците се осилија од времето кога и самиот цар Констанциј, синот на Константин Велики, падна во ерес и на својот двор ги стави до себе двајцата големи достоинственици, аријанците Евсевиј и Филип, кои огорчено ги гонеа православните, ја раскинуваа Црквата Христова. Овие двајца беа виновници за прогонството и смртта на светиот наш отец Павле Исповедник, патријархот Цариградски. Откако го испратија во Ерменија, тие ги наговорија своите истомисленици да го задават, а место него на патријаршискиот престол го ставија Македониј. И многу други исповедници и учители на верата тие исто така погубија на разни начини. Меѓу тие ревнители на верата Христова беа и Маркијан и Мартириј, кои со своето учење и списи ја красеа Црквата Христова и „како две црковни дојки го точеа млекото на учењето, напојувајќи ги духовните чеда“.

Порано Маркијан беше чтец кај споменатиот свет исповедник Павле патријархот, а Мартириј ипоѓакон. Заедно со тоа и двајцата беа нотарии, кои ги запишуваа сите патријархови поуки и дела, со кои што се утврдуваше побожноста. Освен тоа и самите беа големи проповедници на зборот Божји и поборници на Црквата, Која тие како штитови ја заштитуваа од еретичките стрели. Господ како на Свои верни ученици им даде уста и премудрост, на која не можеа да ѝ противречат ниту да ѝ се спротивстават нивните противници Аријанци (сп. Лк. 21, 15). По прогонството и смртта на свети Павле исповедникот, ересоначалниците го свртеа својот отров против неговите ученици Маркијан и Мартириј. Но, најпрвин лукаво се обидуваа да ги обратат од Православието во своето зловерие, и им предлагаа многу злато, им ветуваа дека ќе им издејствуваат голема царска благонаклонетост, дека ќе ги издигнат на архијерејски престоли, дека ќе ги сторат сопственици на огромни имоти, само ако ја прифатат нивната ерес. Но, угодниците Божји го презреа сето тоа. Злато не примија, ветуваните почести ги отфрлија, нивното лукавство го исмеаја и повеќе сакаа заради верата да примаат навредувања, срамотења, мачења, па и самата смрт, отколку живеејќи во ереста да имаат богатство, слава и почести. Кога видоа дека со ништо не можат да ги придобијат светите исповедници, еретиците ги осудија на смрт, која заради Христа овие светители повеќе ја сакаа од животот. А кога ги фатија и ги одведоа на местото на посекувањето, тие измолија малку време за молитва. Ги вперија очите кон небото, ги кренаа рацете и се молеа:

- Господи Боже, Ти невидливо си ги створил нашите срца, Ти ги знаеш сите наши дела, прими ги во мир душите на Твоите слуги, зашто заради Тебе нѐ убиваат и нѐ сметаат како овци за колење.

Откако така се помолија, ги преклонија главите и беа посечени од зловерните аријанци, заради исповедањето на Божеството на Исуса Христа. Некои од верните ги зедоа нивните чесни мошти и ги погребаа кај Меландиската капија во Цариград. Подоцна нашиот свет отец Јован Златоуст им изгради прекрасна црква. Во неа се даваа исцеленија на разни болни, по молитвите на светите маченици Маркијан и Мартириј, а во слава на Бога, славениот во Троица за навек. Амин. 

СПОМЕН НА СВЕТА ТАВИТА

Тавита (значи срна), беше апостолска ученичка и живееше во Јопија, денешна Јафа. Таа беше полна со добри дела и милостина (Д. А. 9, 36). Но, се разболе и ненадејно умре. Во тоа време апостол Петар беше во градот Лида. Ожалостените ученици испратија по Петар, со молба да дојде и да ги утеши роднините. Кога дојде големиот апостол Христов, нареди сите да излезат од собата каде што лежеше мртвата, па клекна на молитва. Кога заврши со молитвата викна кон мртвото тело:

- Тавито, стани! И Тавита ги отвори очите и стана. По повод на ова прекрасно чудо, многумина поверуваа во Христа Господа.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК , АНАСТАСИЈ

Свети Анастасиј беше влачар и ревносен христијанин. Во времето на Диоклецијановото гонење на христијаните, овој Божји човек сам се јави кај судијата во Далматинскиот град Солин и бестрашно ја исповедаше својата вера во Христос, како вистински Бог и Творец. Поради тоа беше посечен со меч и фрлен во море. Но, морето ги исфрли неговите свети мошти, а една побожна жена ги зеде, ги премачка со мириси и ги завитка во плаштаница, па ги положи во својата домашна црква. Многу исцеленија се случуваа од гробот на светиот маченик.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ВАЛЕРИЈАН

Светиот маченик Валеријан пострада за Господ Христос посечен со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК САВИН

Христовиот маченик Савин заради верата во Него се упокои во оган.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ВАЛЕРИЈ и ХРИСАФИЈ

Овие двајца свети маченици беа посечени со меч, заради исповедањето на верата во Христос.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК УАР

Светиот маченик Уар пострада за Христос во Египет, посечен со меч.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ГЕОРГИЈ, епископот Амастридски

Беше епископ во Амастрида и писател на канони. Се упокоил во мир.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ПАПИЈ, ДИОДОР и КЛАВДИЈАН

Овие свети маченици пострадаа за верата Христова посечени со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ФАВСТ, ВАСИЛИЈ и ЛУКИЈАН

И тројцата свети маченици беа посечени со меч за верата во Господ Христос.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: НИКИФОР и СТЕФАН

Светите маченици Никифор и Стефан пострадаа за Господ Христос пресечени со пила.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ: ФИЛАДЕЛФ и ПОЛИКАРП

Светителите Божји Филаделф и Поликарп се упокоија во мир.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ МАКАРИЈ, епископот на Паф

Светителот Божји Макариј бил епископ во Паф на Кипар и се упокоил во мир.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ДВАЈЦА МАЧЕНИЦИ во Тракија

Пострадале за Господ Христос притиснати меѓу камења.