8. Ноември   (26. Октомври)

СТРАДАЊЕТО И ЧУДАТА НА СВЕТИОТ СЛАВЕН ВЕЛИКОМАЧЕНИК ДИМИТРИЈ СОЛУНСКИ МИРОТОЧИВ

Свети Димитриј Мироточив е роден од благородни и побожни родители во градот Солун. Неговиот татко беше солунски војвода, кој потајно веруваше во Господ Исус Христос и Му служеше. Тој не се осмелуваше јавно да го исповеда пресветото име Негово, поради големото гонење на христијаните во тоа време од страна на незнабожните цареви. Во својата палата имаше скапоцен бисер на верата Христова. Во тајна молитвеница чуваше две свети икони, украсени со злато и скапоцени камења. На едната од нив беше изобразен нашиот Господ Исус Христос, а на другата Пресветата Богомајка. Пред нив постојано палеше кандило и кадеше темјан, и со својата едноверна сопруга се молеше на вистинскиот Бог, Кој живее во височините со Единородниот Син Негов и Себеспрекорната Владичица. Тие беа и многу милостиви спрема сиромашните и им вршеа многу добра на неволните. Сепак, многу тагуваа поради тоа што немаа деца и срдечно Му се молеа на Бога да им подари наследник. По долго време Севишниот ги услиша нивните молитви и им подари син Димитриј. Пресреќни, тие Му благодареа на Бога, а во нивната радост зеде учество и целиот град Солун. Благодарните родители притоа приредија голема гозба за бедните. Кога детето порасна така што можеше да ја препознае и сфати вистината, родителите го внесоа во својата домашна молитвена соба, му ги покажаа светите икони и му рекоа:

- Еве ја иконата на единствениот вистински Бог, Кој ги створил небото и земјата, а ова е иконата на Пресвета Богородица.

Го поучија Димитриј во Светата Вера, изложувајќи му сѐ што ја покажува ништовноста на нечистите богови и нивните бездушни идоли. Така тој ја препозна вистината и со сета душа поверува во Господа, се поклони на светите икони и од срце ги целиваце. Родителите кришум повикаа свештеник и некои од познатите христијани, и во својата тајна молитвеница го крстија Димитриј.

Откако беше крстен, тој го изучуваше законот Божји и растеше со телото и разумот, искачувајќи се по лествицата на доблестите и благодатта Божја, која беше во него. Кога стана полнолетен, неговите родители преминаа од овој временски живот и му оставија не само многу имоти, туку и примерот на богоугодниот живот.

А пак царот Максимијан, кога дозна за смртта на својот солунски војвода, го повика кај себе неговиот син Димитриј. Откако виде дека е умен и храбар, го постави за царски намесник на целата солунска област, при што му рече:

- Чувај го својот крај и исчисти го од безбожните христијани. Убивај ги сите кои го призиваат името на Распнатиот.

Димитриј се врати во Солун, со почести дочекан од граѓаните. Тој веднаш започна јавно да Го исповеда и прославува нашиот Господ Исус Христос и сите да ги поучува во Светата Вера. За граѓаните стана втор апостол Павле, приведуваше многу незнабошци кон вистинскиот Бог и го искоренуваше многубоштвото. Гласот за тоа брзо стигна до царот Максимијан, кој многу се разгневи, и токму во тоа време, враќајќи се од војна со Сарматите, се задржа во Солун. Но, уште пред Максимијан да дојде во градот, Димитриј му го предаде на својот верен слуга Луп сиот свој имот, и златото, среброто, скапоцените камења и облеката останати по смртта на родителите, брзо да ги раздаде на бедните и потребитите. Притоа му рече:

- Раздај го земното богатство, за да го побараме небесното.

И започна да се моли и да пости, подготвувајќи се за маченичкиот венец.

Царот веднаш започна да истражува дали е вистина тоа што го слушна за Димитриј, а тој пред него бестрашно исповедаше дека е христијанин и го навреди многубоштвото. Царот нареди да го фрлат во темница, во која светителот се молеше со зборовите на пророкот Давид:

- Господи, побрзај да ми помогнеш! Ти си трпение мое, Господи! Ти си самодоверба од мојата младост, до Тебе се држам уште од раѓање, уште од утробата на мојата мајка си мој Бранител, секогаш се фалам со Тебе. Се радува устата моја кога Ти пеам Тебе и душата моја што си ја избавил. Јазикот мој секој ден ја изговара правдата Твоја (Пс. 69, 2; 70, 5. 6. 23. 24).

Свети Димитриј седеше во темницата како во света палата, Го фалеше и славеше Бога. А ѓаволот, сакајќи да го исплаши, се претвори во скорпија и сакаше да го касне за ногата. Тој се прекрсти, ја згази скорпијата и рече:

- На отровница и на змија ќе нагазуваш, лав и змеј ќе згазуваш (Пс. 90, 13).

Додека така седеше во темницата, го посети ангел Божји, кој му се јави во огромна светлина, со прекрасни рајски венец, и му рече:

- Мир на тебе, страдалнику Христов! Биди храбар и крепи се!

Светителот одговори:

- Се радувам во Господа и се веселам во Бога, мојот Спасител!

Ова видение уште повеќе ја разгоре во срцето на светителот љубовта кон Бога, и многу сакаше да ја пролие својата крв за Него.

Во тоа време царот приредуваше игри и претстави. Имаше тој еден истакнат мегданџија, по потекло вандал, на име Лиј. За Лиевиот мегдан царот подготви специјален театар, со сцена на столбови. Под таа сцена беа набодени копја со острици. Кога во борбата Лиј ќе победел некого, требало да го фрли од бината врз тие густи исправени копја. Наоколу стоеше незнабожечкиот народ со својот цар и се веселеше, додека некое бедно човечко суштество се виткаше во страшни маки врз копјата, сѐ додека не издивнеше. Меѓу невините жртви имаше и многу христијани. Кога некој ден немаше да се пријави никој, со наредба на царот христијаните беа влечени насилно да се борат со него. Меѓу гледачите имаше и едно христијанско момче, на име Нестор, поучено од свети Димитриј во Светата Вера. Додека го гледаше тоа ужасно незнабожечко веселење, срцето му се кинеше од болка. Затоа ревносно одлучи да излезе на мегдан против џиновскиот Лиј. Прво отиде во темницата кај свети Димитриј, му раскажа сѐ што прави Лиј, го замоли за благослов и молитви, да му помогне да го победи тој немилосрден човекоубиец. Свети Димитриј го благослови, го прекрсти и му прорече дека ќе го победи Лиј, но ќе пострада за Христос. Нестор веднаш дојде во театарот и со силен глас викна:

- Боже Димитриев, помогни ми!

Потоа излезе на мегдан против Лиј и со Божја помош го совлада, го собори и го фрли врз острите копја, каде што тешкиот џин брзо ја најде смртта. Смртта на Лиј многу го нажали царот и тој веднаш нареди да го обезглават блажениот Нестор. Тоа не го утеши царот, и цел ден и цела ноќ тагуваше за Лиј, а пак кога дозна дека Нестор излегол на мегдан со благослов на Димитриј, веднаш нареди да го убијат со копја, бидејќи и Лиј умрел врз острите копја. Безумниот мачител се залажуваше себе си, сметајќи дека смртта на праведникот и грешникот е подеднаква. Смртта на грешникот е лута, а смртта на праведникот е скапоцена пред Господа. На самнување, на дваесет и шести октомври, војниците влегоа во темницата. Го затекнаа свети Димитриј на молитва и го избодеа со копја. Така исповедникот Христов ја предаде својата чесна и света душа во рацете на својот Господ Христос. Неговото свето тело беше фрлено на земјата и бесчестено. Христијаните тајно го зедоа ноќе и чесно го погребаа. Кога војниците со копја го бодеа свети Димитриј, во темницата беше и неговиот верен слуга Луп, кој ја зеде ризата на својот господар, натопена со неговата чесна крв, а и неговиот прстен го натопи во крвта. Со ризата и прстенот тој правеше многу чуда, исцелувајќи ја секоја болест и истерувајќи ги лошите духови. Гласот за тоа се пронесе по цел Солун и сите болни се собираа кај него. Кога дозна за тоа, Максимијан нареди да го фатат и да му ја отсечат главата. Така блажениот Луп отиде кај Господа по својот господар, во небесните живеалишта.

Откако измина долго време и гонењето на христијаните престана, над гробот на свети Димитриј беше изграден мал храм. Во него се случуваа многу чуда и разни болни се исцелуваа од своите болести. Така, еден знаменит велможа од Илирија, на име Леонтиј, тешко болен од неизлечива болест, со вера прибегна кај светиот великомаченик Димитриј. Кога го внесоа во храмот и го положија на местото каде што беа погребани моштите, веднаш се исцели и Му благодареше на Бога и Го славеше неговиот угодник. Како знак на благодарност, Леонтиј реши да изгради голема и прекрасна црква. Затоа првиот мал храм беше срушен. Кога започнаа да ги копаат темелите, ги најдоа моштите на светиот великомаченик потполно целосни и негнилежни. Од нив течеше благомирисно миро и сиот град се исполни со прекрасен мирис. Притоа се собра многу народ и светите мошти со голема радост беа извадени од земјата, при што голем број болни се исцелија со помазувањето од мирото што истекуваше. А Леонтиј, кој повеќе се радуваше на наоѓањето на светите мошти отколку на своето исцеление, набрзо го изгради прекрасниот храм, во име на свети Димитриј. Во него беа положени чесните мошти, во ковчег окован со злато и сребро и украсен со скапоцени камења. Леонтиј купи ниви и лозја и ги подари на новоизградената црква за издржување на нејзините свештенослужители. Кога требаше да се врати во својот крај, Леонтиј намисли да понесе со себе дел од моштите на светителот, за и таму да изгради црква, но свети Димитриј му се јави и му се закани да не се осмелува да земе ни делче од нив. Тогаш Леонтиј ја зеде само плаштаницата облиена со светителовата крв, ја стави во златен ковчег и се упати кон Илирија. По пат се случија многу чуда од таа плаштаница, по молитвите на светиот великомаченик. Така, кога Леонтиј требало да ја премине разбрануваната река, за време на голема и силна бура, тој се преплаши, но му се јави свети Димитриј и му рече:

- Земи го ковчегот со плаштаницата в раце, и не плаши се.

Така сите ја преминаа реката. Во својата татковина изгради велелепна црква и, повикувајќи го со вера името на светиот великомаченик Димитриј, створи многу чуда.

Илирискиот епарх Марин беше тешко болен. Целото тело му беше покриено со рани и гној. Леонтиј го избави од оваа болест со своите молитви, упатени кон свети Димитриј. Исто така тој славно исцели и еден крвоточив, повикувајќи го свети Димитриј. Истера тој и ѓаволи од еден бесомачен, и многу други чуда изврши.

Но, особено многу чуда се случуваа во Солун, каде што почиваа моштите на светиот великомаченик. Така еднаш, во неговата црква се случи пожар, при што најмногу беше оштетен сребрениот свод над моштите на угодникот Божји, односно беше стопен. Тогашниот архиепископ Евсевиј многу се трудеше да го обнови сводот, но немаше доволно сребро, а пак во самата црква имаше сребрен трон, кој од пожарот ни најмалку не беше оштетен. Архиепископот намисли да го претопи за да го обнови сводот, но таа своја намера не ја откри никому. Во тоа време на еден набожен презвитер Димитриј, кој служеше во истата црква, му се јави светиот великомаченик Димитриј и му рече да оди и да му каже на епископот на градот, да не се осмелува да го претопува тронот, кој се наоѓа во неговата црква. Презвитерот Димитриј веднаш отиде кај Евсевиј и му рече да се откаже од својата намера. Архиепископот најпрвин беше многу поразен од неговите зборови, но потоа си помисли дека тој некако дознал за неговата намера и престана да се чуди, па дури и го прекори. По неколку дена тој дури нареди и да му повикаат мајстори. Притоа кај него повторно дојде презвитерот Димитриј и му рече:

- Светиот великомаченик повторно ми се јави на сон мене, грешниот, и ми нареди да ти кажам вака:

- Од љубов кон мене, не претопувај го тронот.

Архиепископот и овој пат грубо го дочека презвитерот, но сепак не превзеде ништо. Меѓутоа, по извесно време повторно посака да го претопи, но свети Димитриј му се јави на истиот презвитер и му рече:

- Не тагувајте, јас самиот се грижам за мојот храм и за градот. Грижата за тоа препуштете ми ја мене.

Кога го слушна тоа архиепископот повеќе не можеше да ги задржи солзите и им рече на присутните:     

- Да почекаме малку, браќа, зашто својата помош ни ја вети самиот угодник Христов.

И не стигна ни да го заврши својот говор, кога дојде еден солунски граѓанин, на име Мина, и со себе донесе седумдесет и пет фунти сребро, и рече:

- Често свети Димитриј ме избавуваше од опасности, па дури и од смрт ме спаси. Јас одамна сакав да му донесам подарок на својот милостив покровител и прекрасен заштитник. А денес, уште од утрото некој глас ме поттикнува на тоа и ми вели:

- Оди и стори го тоа што одамна имаш намера да го сториш.

Предавајќи го среброто, Мина изрази желба да се искористи за сводот над гробот на великомаченикот. Потоа се јавија и други солунски граѓани и донесоа сребро. Од тие подароци беше изработен прекрасен свод над гробницата над светиот великомаченик Димитриј. Многупати тој на чудесен начин го спасувал својот град Солун од варварските наезди и опасности. Така, за време на царувањето на Маврикиј, Аварите побараа голем данок од жителите на Византија, но Маврикиј одби да го исполни нивното барање. Тогаш Аварите со силна војска, составена најмногу од Словени, решија да го заземат Солун, познатиот трговски град со огромни богатства. Царот Маврикиј испрати војска во Солун, во кој пред тоа од чума умрел многу народ, та многу се намалил бројот на жителите, а непријателската војска броела околу сто илјади луѓе. Десет дена пред непријателската војска да стигне во Солун, свети Димитриј му се јави на архиепископот Евсевиј и му рече дека на градот му се заканува страшна опасност. Граѓаните мислеа дека непријателот нема толку брзо да стигне, но војската неочекувано се појави недалеку од градските бедеми. И можеше непречено да влезе во градот, ако десницата на Севишниот, по молитвите на свети Димитриј, не ја задржеше недалеку од градот, на необичен начин. Непријателот цела ноќ стоеше под зидините на еден од утврдените манастири, кои се наоѓаа надвор од градот, мислејќи дека тоа е Солун. А кога осамна ја видоа својата грешка и се упатија кон градот. Непријателските одреди веднаш нападнаа, но на градскиот бедем пред очите на сите се појави како вооружен војник свети Димитриј, и првиот непријателски војник, кој се качи, го уби со копјето и го фрли од бедемот. При падот тој ги повлече со себе останатите. Така одеднаш непријателите ги обзеде страв и веднаш отстапија. Но, опсадата не заврши. Всушност, таа допрва почнувала. При погледот на така огромната непријателска војска, жителите ги обзеде очајание и на почетокот сите мислеа дека пропаста на градот е неизбежна. Но, потоа, откако го видоа бегството на непријателот и заштитата на чудесниот Заштитник, се охрабрија и започнаа да се надеваат дека нема да ги остави. Меѓутоа непријателите започнаа да го опседнуваат градот, да довлекуваат оружја, да ги потресуваат темелите на градските бедеми, дожд од стрели и камења фрлаа и како облаци ја помрачуваа дневната светлина. Сета надеж на жителите им беше помошта одозгора, и многу народ се собираше во црквата на свети Димитриј. Во тоа време во градот имаше еден богобојазлив и многу доблесен човек, на име Илустриј. Тој дојде ноќе во црквата на свети Димитриј и во црковниот трем срдечно се молеше на Бога и на неговиот славен великомаченик, да го заштити градот од непријателот, при што одеднаш имаше видение. Видел тој како во црквата дошле две блескави момчиња, слични на царските телохранители. Тоа биле ангели Божји. Ним црковните врати сами им се отвориле и тие влегле во црквата. По нив влегол и Илустриј, сакајќи да види што ќе биде понатаму. Кога влегле, тие громогласно рекле:

- Каде е господинот, кој живее овде?

И веднаш се појавило трето момче, слично на слуга, и ги прашало:

- За што ви е потребен? Тие одговориле:

- Господ не испрати кај него, да му кажеме нешто.

Покажувајќи кон светителовиот гроб, слугата рекол:

- Таму е.

Тие му рекле:

- Извести го за нас.

Тогаш слугата ја тргнал завесата и свети Димитриј излегол онаков каков што го гледаме на иконите. Но, блескал како сонце, така што Илустриј од страв и од заслепувачкиот блесок не бил во состојба да гледа во него. Дојдените момчиња го поздравиле свети Димитриј, а тој им одговорил:

- Благодатта нека биде со вас! Зошто дојдовте кај мене?

Тие му рекле:

- Господ не испрати кај твојата светост и ти наредува да го оставиш градот и да одиш кај Него, зашто сака да го предаде градот на непријателите.

Од тие зборови светиот великомаченик ја наведнал главата и молчел, леејќи солзи. Слугата им рекол на дојдените:

- Да знаев дека вашето доаѓање ќе го ожалости мојот господар, немаше да го известам за вас.

Тогаш и светиот великомаченик започнал да зборува:

- Така ли Му е угодно на мојот Господ? Така ли сака Владиката на сите и сѐ, градот, искупен со Неговата скапоцена крв, да биде предаден во рацете на непријателите, кои не го знаат Него, и не веруваат во Него, нити Го почитуваат светото име Негово?

На тоа дојдените одговориле:

- Ако не Му е угодно така на нашиот Владика, не би нѐ испратил кај твојата светост.

Тогаш свети Димитриј рекол:

- Браќа, одете и кажете Му на мојот Владика дека Неговиот слуга Димитриј вака рече: Човекољубив Владико Господи, го знам милосрдието Твое. Ги надминува нашите гревови. Дури ни беззаконијата на целиот свет не можат да го надвишат Твоето милосрдие. Ти заради грешниците си ја пролил Својата света крв и Својата душа си ја положил за нас. Затоа јави ја сега милоста Своја и на овој град, и не наредувај ми да го оставам. Ти Самиот ме постави за негов чувар. Дозволи ми да се угледам на Тебе, мојот Владика. Дај ми својата душа да ја положам за жителите на овој град. И ако тие загинат, нека загинам и јас со нив. Господи, не погубувај го градот во кој се повикува светото име Твое. Иако овие луѓе согрешија, тие сепак не отстапија од Тебе. Ти си Бог на оние што се кајат.

Дојдените момчиња го прашале свети Димитриј:

- Така ли да му одговориме на Господ, Кој нѐ испрати?

Светителот рекол:

- Да! Така одговорете Му, браќа, зашто знам дека Господ не се гневи до крај, ниту се лути вечно (Пс. 102, 9).

Откако го рекол тоа, светиот Великомаченик влегол во гробницата и ковчегот се затворил. А Ангелите, кои беседеле со него, станале невидливи.

Сето тоа Илустриј го видел и чул во чудесното и страшно видение. Кога си дојде на себе, тој многу се чудеше, па падна на земјата и Му заблагодари на светиот Великомаченик што се грижи за градот и Го моли Господа, жителите на Солун да не бидат предадени во рацете на непријателот. Утредента тој ги извести своите сограѓани за видението и ги храбреше јуначки да се борат. Тие со солзи повикуваа кон Бога, барајќи милост од Него и помош од свети Димитриј.

Така градот остана недопрен. Непријателот набрзо отстапи посрамен, бидејќи не беше во состојба да го заземе градот, чуван од големиот угодник Божји. Во седмиот ден непријателската опсада без никаква видлива причина престана. Војската панично се разбега и ги расфрла своите шатори и оружје. Наредниот ден некои од побегнатите се вратија и раскажуваа:

- Уште првиот ден од опсадата ние видовме кај вас толку многу заштитници, што далеку ја надминуваа нашата војска. Мислевме дека вашата војска се крие зад бедемите. Таа вчера одеднаш нѐ нападна и ние побегнавме.

Тогаш зачудените граѓани запрашаа кој ја предводел војската, а тие одговорија:

- Ние видовме огнено блескав маж на бел коњ, во облека бела како снег.

Граѓаните на Солун сфатија кој го избркал непријателот. Така свети Димитриј го одбрани својот град.

Кога благочестивиот цар Јустинијан ја изгради во Цариград велелепната и величествена црква „Света Софија“ - премудрост Божја, испрати во Солун чесни луѓе да донесат дел од моштите на свети Димитриј, за украсување и осветување на новоизградената црква. Кога пратениците стигнаа во Солун и му пристапија на чесниот ковчег, ненадејно пламна оган и сите ги опфати. Од огнот се слушна страшен глас:

- Застанете! Не допирајте!

Сите присутни испопаѓаа на земјата од страв. Тогаш пратениците зедоа само малку земја од тоа место, па се вратија кај царот и му раскажаа сѐ што им се случи. Сите беа восхитени. Половината од донесената земја пратениците му ја дадоа на царот, а половината ја ставија во црковната садочуварница.

Должноста на некој млад Онисифор беше да ги пали свеќите и да ги прислужува кандилата во црквата на свети Димитриј. Поттикнуван од ѓаволот, тој започна да краде свеќи и тајно да ги продава, и така да стекнува нечиста добивка. Свети Димитриј не го дотрпе таквото злодело, вршено во неговата црква, му се јави на сон и го прекори благо и човекољубиво, говорејќи:

- Брате Онисифор, непријатно ми е што крадеш свеќи и со тоа им нанесуваш штета на приложниците, а уште повеќе на себе. Сети се дека луѓето што постапуваат така ги очекува осуда. Затоа откажи се од тоа и покај се.

Кога се разбуди, Онисифор се засрами и исплаши. Но, по некое време заборави на светителовиот совет и повторно започна да краде свеќи како порано. И набрзо го стигна казната. Еднаш еден побожен човек стана многу рано, дојде во црквата на свети Димитриј и донесе неколку големи свеќи. Откако ги запали, ги постави кај гробот на светиот великомаченик, се помоли и си замина. Онисифор им пријде на свеќите, ја пружи раката да ги земе, но во тој момент од гробот на светителот се разлеа глас:

- Повторно го правиш истото!

Поразен од овој глас како од гром, Онисифор се струполи на земјата и лежеше како мртов, сѐ додека не наиде еден од клириците и го крена. Беше избезумен од ужас. Кога одвај си дојде на себе, пред сите го исповедаше својот грев, и првото јавување на сон, и второто изобличување од страна на свети Димитриј. Сите се стаписаа од ваквата исповед.

Свети Димитриј ослободи многумина од непријателско ропство. Така еден епископ го фатија варвари и го ставија во окови. Нему му се јави свети Димитриј, го ослободи и го допрати до Солун. Во друга пригода налетаа варвари во околината на Солун и многу луѓе одведоа во ропство. Меѓу робјето имаше и две убави девојки, кои беа одлични везилки. Умееле на гергев да везат разни цветови, дрвја, птици, животни и човечки ликови. Варварите ги одведоа во својата земја и ги поклонија на својот кнез. Кога дозна за нивната везилска уметност, кнезот им рече:

- Слушам дека во вашата земја постои голем бог Димитриј, кој врши големи чуда. Ајде извезете ми го на платно неговиот лик, за и јас да му се поклонам.

Девојките одговорија:

- Кнезу, Димитриј не е бог туку само голем слуга Божји и помошник на христијаните. Нема да го сториме тоа, бидејќи знаеме дека сакаш да го оскверниш, а не да му се поклониш.

Кнезот им рече:

- Во мои раце се и вашиот живот и вашата смрт. Одберете дали ќе ме послушате и ќе останете живи, или ќе одбиете и веднаш ќе бидете погубени.

Исплашени од смртта, робинките започнаа да везат. И во очи на самиот празник на свети Димитриј, кој се празнува на 26 октомври, девојките завршија со везењето. Таа ноќ ги ставија своите глави врз навезаниот лик и започнаа да плачат и говорат:

- Не лути се на нас, маченику Христов. Ние знаеме дека беззакониот кнез сака да го обесчести твојот свет лик. Познато ти е дека не сакавме да го навеземе твојот свет лик, но тоа го сторивме под принуда.

Така плачејќи над светителовиот лик, тие заспаа. И ете, како некогаш ангелот на пророкот Авакум, така сега свети Димитриј, ги зеде овие девојки со својот навезан лик и на чудесен начин ги пренесе во Солун на својот празник, ги остави во црквата кај своите мошти, за време на сеноќното бдение. Од ваквото чудо сите луѓе се восхитија, а девојките се разбудија и воскликнаа:

- Слава Му на Бога. А каде се наоѓаме?

Зачудени, тие долго не можеа да си дојдат на себе и да сфатат дека сето тоа не е сон. Најпосле се уверија дека навистина се во Солун и ја гледаат пред себе гробницата на свет  и Димитриј, и стојат во неговата црква со многу народ, кој се моли. Тогаш гласно му принесоа благодарност на својот заштитник и раскажаа сѐ што се случи со нив. А жителите на Солун, израдувани од таквото прекрасно чудо, со голема радост го отпразнуваа празникот на свети Димитриј. Неговиот навезан лик го поставија над олтарот и се случуваа од него многу чудеса, во слава на Бога, Едниот во Троица. Нему слава, чест, благодарење и поклонение за навек. Амин.

ПРЕПОДОБЕН СТАРЕЦ ЗОСИМ (ВЕРХОВСКИ) (1767-1833)

Младиот Захариј (така се викал старец Зосим во светот) го напуштил светот на деветнаесетгодишна возраст. Во Брјанските гори тој бил ученик на старецот Андриан, а откако старецот се префрлил во Коневската обител, станал ученик на старецот Василиск. Во Коневската обител (на еден остров во Ладожкото Езеро) Захариј бил примен и пострижан во монашкиот чин од старецот Андриан, со името Зосим. Наскоро во истиот манастир се префрлил и старецот Василиск, кој се населил заедно со Зосим во горските колиби на манастирот.

Откако ќе безмолствувале пет дена од седмицата, коневските пустиници доаѓале во сабота во обителта на сеноќно бдение, ја поминувале ноќта во ќелиите на игуменот и во неделниот ден, по Литургијата и ручекот со браќата на заедничката трпеза, повторно ѝ се враќале на својата осаменост.

Речиси низ целиот округ се расчуло за старците Василиск и Зосим, и Коневскиот остров започнал да се полни со поклоници, кои доаѓале од далеку за благослов, совет и утеха, кај овие свети пустиници. Човечката слава била толку тешка за пустиниците, што тие го замолиле отец Андриан да им дозволи да одат на Света Гора или на некој ненаселен остров. Остарениот игумен долго не се согласувал да ја исполни нивната молба, и одвај на заминување во пензија во московскиот Симонов манастир, им дал благослов да го напуштат Коневец и ги посоветувал да се населат во дивата, ненаселена пустина на далечниот Сибир.

Откако биле ослободени од Коневскиот манастир, Василиск и Зосим сепак сакале да одат на Света Гора, но тоа не им се дало, и одвај тргнале за Сибир. Зимата ги затекнала во Тоболск и со благослов на Тоболскиот епископ останале во тој град до пролетта и живееле во Ивановскиот манастир. За време на пролетта и летото започнале да посетуваат различни пустински места и ја поминале наредната зима во Кузнецкиот округ, на четириесет врсти од најблиското село, во дупка, ископана од нив среде тешко проодната гора. Кога започнале да се топат снеговите и се излевале реките, селанецот кој преку целата зима им доставувал брашно, гриз и сол, престанал да доаѓа, и Василиск и Зосим одлучиле да излезат од гората и да се довлечкаат до најблиското село, до коешто имало четириесет врсти. Се надевале да поминат толкаво растојание за три дена, но биле во заблуда, за малку ќе се удавеле кога преминувале преку замрзнатата река, и по десет дена, полумртви од глад и студ, стигнале до селото. Околу два месеци кутрите пустиници не можеле да станат од истоштеност.

Во Кузнецк тие одлучиле да основаат пустинско живеалиште и за своите две ќелии избрале полјана, опкружена од голема елова и кедрова гора и од езеро, богато со риби. Старците се населиле тука, во есента 1799 година, и останале во таа пустина повеќе од дваесет години. Живееле во строга осаменост и често по неколку дена дури и не се гледале еден со друг.

Старците се оснивачи на женскиот Турински манастир, во кој што меѓу останатите сестри се подвизувале и внуки на старец Зосим.

Старец Зосим, кој бил управник и духовник на обителта, требало да преживее гонења и клевети, обвинување во раскол, во неправилна употреба на манастирските пари, во измачување на сестрите.

Започнал долг процес, кој што завршил со тоа што старецот бил ослободен од должноста управник и бил отстранет од Туринскиот манастир. Во тоа време старец Василиск веќе бил починат.

Штом бил ослободен, старецот сакал повторно да се оддалечи во пустината, но заедно со него го напуштиле манастирот и дваесет сестри, кои поради него претрпеле мнгу навреди и гонења. За да ги згрижи и да им уреди некакво засолниште, тој решил да отиде во Москва.

Таму се јавил кај свети Филарет, својот незаменлив покровител, и му раскажал за сите свои непријатности. Светителот му дал засолниште во Чудовиот манастир. Таму, во Москва, вдовицата Бахматиева ги примила сестрите во својот запустен дом, а потоа им предложила да живеат на нејзиниот имот, надвор од градот.

Со согласност на сестрите и откако добил благослов од свети Филарет, а од благодетелите материјална помош, старецот се зафатил со градба на обител, која што ја нарекол Одигитриевска, во спомен на Смоленската чудотворна икона на Божјата Мајка, наречена Одигитрија, и многу почитувана во неговиот роден крај.

Трудејќи се неуморно околу градбата на новата обител, старец Зосим чувствувал дека неговите сили се намалуваат. Тој сакал своите последни денови да ги помине осамено во пустината. Откако примил голема схима, уште повеќе посакал да биде сам и покрај слабоста, и решил сам да тргне пешки кон Соловецкиот манастир. Ги замолил сестрите да не го попречуваат во тоа и им ветил дека ќе се врати по една година.

Кога се збогувал со натажените сестри, старецот решил да земе благослов од свети Филарет, но тогаш тој не бил во Москва (бил во Петербург) и отишол кај старец Филарет во Новоспаскиот манастир, кого одамна го познавал, сакал и почитувал. На одење кај него свратил во параклисот на Иверската Божја Мајка и срдечно се молел пред Нејзината света икона, да му ја открие Божјата волја преку старецот Филарет. Кога отишол кај него, Зосим смирено му се поклонил и целосно му ја отворил својата душа. Откако го сослушал, му рекол дека треба да се врати кај напуштените сестри.

Тие зборови го успокоиле, и тој, на голема радост на сестрите, се вратил во обителта. Сестрите го примиле како горчливо оплакан татко, воскреснат од мртвите.

Последните години на старецот изминале во од него основата обител.

Починал на шеесет и седум годишна возраст, на денот на празникот на иконата на Пресвета Богородица „Радост на сите нажалени“, на 24 октомври.

Од духовните поуки на старец Зосим

Што, ако не безумие и заслепеност - рекол старецот - може да се нарече тоа што ние не ги сакаме и не ги исполнуваме Божјите заповеди, кои што се лесни, пријатни и утешни, а со задоволство ги исполнуваме ѓаволските сугестии, кои што се и измачувачки и тешки и тажни.

Еве, размислете: да бидеме во света љубов е утешно и радосно; да бидеме постојано вознемирени, во непријателство и во завист, е и мачно за срцето и доста тажно.

Да бидеш непоколеблив значи да немаш никакви грижи и таги, а за да се збогатиш - колку грижи, неспокојства и одговорност се потребни! Колку завист против тоа и различни несреќи и таги!

Кога живееш во чистота и целомудрие, колку е мирна твојата совест и каква утеха од Божјата милост има во душата, и пофалба и почитување од луѓето, а оддадените на разврат ги следат изобличувањето на совеста, најразлични непријатности, клеветење и срам.

Оној што има смирение е пријатен и на Бога и на луѓето, и сите се однесуваат мирно и дружељубиво со него. А гордиот и надмен е недостапен за сите, и надуен, и со никого не може да има искрено пријателство. Неговото самољубиво и надмено срце не може да почувствува никаква чиста срдечна утеха.

Размислете и што е полесно: да отстапиме пред навредувачите или да се караме и да се тепаме со нив?

Што е подобро: да бидеш молчалив и скромен, или да зборуваш многу и да бидеш дрзок?

Што е пополезно: - секогаш да имаш умерено воздржание или да се прејадуваш и да се опиваш?

Да се задоволуваш со обична храна, која по Божјата милост можеш да ја имаш без непотребни грижи, или да се трудиш преку постојани грижи и ласкања да се стремиш кон задоволување на мамонот?

Да го земеме следниот пример: еден човек јаде зачинета храна, а друг нормална. И двајцата, откако се наситиле, престанале да јадат. Следува прашањето: Откако моментот на хранење поминал, со што првиот е посреќен од вториот? Напротив, вториот, веројатно е и поздрав, и посилен, и потрезвен, а првиот, колку се грижел и вознемирувал поради нечистите последици и неизбежните болести?!

Видете уште еден пример: Еден човек носи нормална, евтина облека, а друг скапа и екстравагантна. Кој од нив е поспокоен и послободен? Скапата или убава облека не е ништо друго, освен тешки окови, не само за душата и за умот, туку и за телото. Додека седиш треба да внимаваш да не ја извалкаш. Не смееш ниту да прилегнеш, ниту да се настраниш, за да не се изгужва. Постојано треба да мислиш на фустанот, да не го оштетиш. И како да не е тешко и досадно во таква неволја?! А ако си облечена во обичен фустан, без проблеми можеш да се занимаваш и да се трудиш во секоја работа. Штом се умориш, слободно можеш да си прилегнеш или да си поседиш и на ливадата, и на земјата и било како. И без да ги насочуваш своите мисли кон облеката, целиот ум можеш да го користиш за подобри и подостојни предмети од фустанот.

И така, гледате дека Господ го бара од нас само тоа што и во идниот живот е лесно, и пријатно, и слободно, и во идниот заслужува вечно богатство. А ѓаволското и тука постојано е тешко измачувачко и во вечноста подготвува горчлив дел. Ете каква е нашата нечувствителност и безвредност.

Го оставаме Божјото лесно и добро, а го сакаме и исполнуваме ѓаволското тешко и непријатно. И така, праведниот Господ праведно нѐ казнува за тоа, но уште посреќен е оној кого поради своето милосрдие Бог го казнува во овој живот, а не ја чува казната за денот на Судот.

Старецот често повторувал: „О, Божји угодници! Каде се вашите страдања, каде се вашите мачења? Поминаа како моментален сон и затоа сега вечно ликувате со Господа. А ние, сестрички?! Што ќе принесеме на Страшниот Суд, ако не сакаме да ги потрпиме заради Господа и малиот труд, и малата тага, и некаква мала несреќа или болест? А истовремено сакаме да бидеме онаму каде што се Светиите, кои што ја пролиле својата крв за Господа. Ние не го дотрпуваме ни малото отсекување на своите мечти и на својата волја, а сакаме да бидеме со оние, кои за Господа претрпеле отсекување на сите екстремитети и поднеле ужасни мачења. Ако не бидеме со Светиите ќе бидеме со ѓаволот, бидејќи трето место за нас нема. Трудете се сестрички, за своето спасение. Едно е времето! Една е душата! Ќе се осознаеме при смртта, но ах! Веќе ќе биде доцна - веќе не можеме да се вратиме!“

Кога дознавал дека некој добил полза за душата од неговите духовни поуки и пристапил кон поправање на својот живот, старецот говорел: „Знам и чувствувам дека сум груб и глупав, но, заради неопходноста Бог и преку магаре проговорил“.

Ако некоја сестра тагувала затоа што ја навредиле, или затоа што некој чувствувал антипатија спрема неа, старецот говорел: „Смири се, па и небото и земјата ќе се смират пред тебе“.

Кога фалеле нешто пред старецот: „Оче, види колку е убаво тоа“, старецот одговарал: „Убаво е, но не е вечно. Еве, како веќе да вели: не ме сакај, ќе побегнам од тебе“.

Старецот често говорел: „Сѐ е убаво, сѐ е убаво, но секако некогаш ќе умреме и повеќе нема да се вратиме. Како тогаш да не Му угодуваме на Господа?“

Уште велел: „Човекот не може со едното око да гледа кон небото а со другото кон земјата. Така и душата не може истовремено да се прилепува кон земното и кон небесното, а треба да го одбере едното и да се придржува само до него“.

Ако меѓу сестрите се случувале кавги, старецот говорел: „Како не ви е срам? Сето тоа е земно, а не вечно. Вреди ли да се огорчувате? Не бидете слични на некои животни, кои што гледаат само во земјата. Но, тие такви се создадени, така што не можат да гледаат кон небото. Оној што го заборава небесното и се прилепува кон земното е сличен на тие животни, само што е понесреќен од нив. Тие немаат разумна душа, а ти, ако се задлабочиш со својата разумна душа само во земното, плаши се да не ја турнеш под земјата, во адот, за навек“.

„Не трчете само по постот - им зборувал старецот на сестрите. Бог никаде не рекол: „Ако сте постници, значи сте Мои ученици“, туку: „Ако имате љубов помеѓу себе“. И ѓаволот никогаш не јаде и не спие, но сепак е ѓавол. Без љубов и смирение, само од пост и бдение, најверојатно ќе станеш бес“.

Старецот говорел: „Неопходно е да се сеќавате на Господовите зборови, дека тој род се истерува само со пост и молитва“ (Мк, 9, 29). И така, без воздржание, и пост, и молитва, е невозможно да се избавиме од бесовските страсти.

Уште рекол: „Безумие е некој да се превознесува со постот. Бидејќи, може ли мајсторот да се превознесува со тоа што има многу инструменти, ако со нив не изработува полезни и добри нешта? Исто така и сите телесни трудови се само како инструменти на добродетелта, а не самата добродетел“.

Старецот често повторувал: „Не губете скапоцено време, возљубени. Молете се, постете, трудете се со простота, љубов и смирение. Ќе дојде крајот и тогаш ќе жалиме и ќе се каеме, но тоа нема да ни помогне“.

„Сум слушал - рекол старец Зосим - од еден духовен и расудлив игумен, дека во неговиот манастир имало еден брат, кој често одел кај манастирскиот ковач, исто така послушник во манастирот, и постојано го убедувал тајно да му направи вериги, за да може преку тој подвиг да го измачува телото за спасение на душата. Кога повеќе не можел да го одбива, ковачот, кришум од братот, му го открил тоа на игуменот. Игуменот му заповедал: „Кога братот повторно ќе дојде кај тебе да те моли за вериги, удри му една шлаканица“. Ако го поднесе тоа со смирение, тогаш направи му вериги. А ако се налути или навреди, изобличи го и кажи му: „Најнапред научи се да ги поднесуваш навредите а потоа носи вериги“. Ковачот така и сторил. При тоа братот не само што се навредил, туку дури и му се одмаздил на ковачот, откако исто така и тој му удрил шлаканица, и изобличен и засрамен си заминал и никогаш повеќе не спомнал за вериги.

И всушност - продолжил старецот, - подвигот на поднесување на жалости, навреди и хули надминува секакви вериги и власеници. Зашто Исус Христос не ни дал заповед за вериги и власеници, туку ни заповедал да ги поднесуваме навредите и да ги сакаме оние што нѐ навредуваат, и да се молиме за нив. И навистина, треба да ги сметаме дури и за наши благодетели, зашто тие на штета на својата душа работат на нашето спасение“.

Еден млад роднина на старецот, го открил пред него своето маловерие. „Простете - рекол тој - но јас не верувам целосно во оние ужасни и страшни бесовски јавувања, за кои што пишува во Чети-Минеите, и за кои што сум слушал многу раскази. И за да се уверам во тоа посакав да видам некој безобразен и страшен бес. За таа цел, кога си легнав да спијам, особено се молев на Бога и не се прекрстив. И долго лежев без да спијам, и потоа заспав и не видов никакво страшило, ниту на јаве ниту на сон“.

Старецот Зосим му рекол: „Те измамил ѓаволот токму со тоа што не ти се јавил. Самиот размисли каква полза би имал бесот од тоа, да ти се јави? Само би го смутил и исплашил младото срце, а освен тоа, во стравот ти би започнал да се молиш и да прибегнуваш кон Бога, и тој би бил посрамен, победен од момче! А кога не ти се јавил, добил многу со тоа што го засилил твоето маловерие, те влече кон неверие во неговото постоење. Тој за ништо друго не се грижи така, како за тоа насекаде да се крие. Врагот никогаш не е опасен во отворената војна но со скриената погубува мнозина“.

„Зошто човекот не може да го задоволи ништо? - прашал старецот.

- Бидејќи душата не му е создадена за овој свет. Роденото од Духот е дух. И ништо временско не ѝ е сродно на душата, која произлегла од Божествениот извор преку Божјо дувнување, и затоа таа не наоѓа мир во ништо временско, бидејќи тоа не ѝ е сродно.

Што и да ѝ даваме земно, таа нема да биде задоволна, постојано ќе сака уште. Само Бог може потполно да ја задоволи“.

Говорел уште: „Оној што го сака Небесното Царство, тој го сака Божјото богатство, а сѐ уште не го сака Самиот Бог“.

Понекогаш, поттикнувајќи ги сестрите на работа и подвизи, говорел: „Има и зошто да се потрудиме, возљубени. Сигурно нѐ очекува нешто големо, штом Самиот Син Божји ја пролеа Својата крв за тоа“.

Кога една сестра се пожалила од досада, старецот ѝ одговорил: „Тоа е затоа што не Го сакаш Бога. Ако невестата го сака својот младоженец, кога е со саканиот за неа не се тешки ни бедотијата, ни тешкотиите, ни темницата. За неа е тешка само разделбата со него. А при разделбата со него, ниту богатството ниту радоста ја утешуваат.

Ако човечката љубов го прави тоа, тогаш што ли нема да стори Божјата љубов? Возљубете Го Господа и вселете Го во своите срца. Тогаш нема да ви биде досадно, и постојано ќе чувствувате неискажана радост и сладост, постојано ќе живеете во состојба на утеха на духот. Речено е: Вкусете и ќе видите, колку е благ Господ (Пс. 33, 9)“.

- Но, оче, како да научам да Го сакам Бога и да Го вселам во своето срце?

- Најнапред сакајте се еден со друг во Господа - одговорил старецот - зашто онаму каде што има љубов, таму е и Бог. И бидете смирени и простодушни, зашто Бог живее во простите срца. „Близу е Господ до скрушените по срце, и смирените по дух ќе ги спаси“ (Пс. 33, 19). Впрочем, оној што не ја познал и не ја вкусил Божјата љубов е сличен на слепороден. Колку и да му објаснуваш колку е светло сонцето, тој не може да си претстави, бидејќи никогаш го нема видено. И ако некој од раѓање нема јадено мед, колку и да му раскажуваш каква сладост има неговиот вкус, нема да може да те разбере“.

Една сестра била испратена во Москва по некоја манастирска работа. Кога се вратила, таа му рекла на старецот:

„Простете ми оче, мој, можев да се вратам и вчера, но не сакав за време на празникот да сум на пат и останав во Москва на сеноќното бдение и Литургија. Но многу се каев, и се вознемирив, и ги осудував мислено другите поради тоа што во парохијата, во која што ми се случи да бидам, не пеат добро и пропуштаат многу нешта, и пеат на два гласа, не читаат добро и брзаат“.

„Не си се молела добро - рекол старец Зосим, - Осудувај се себе си. Оној што се моли добро не може да забележи дали читаат и пеат добро или лошо. Ако твојот ум и срце се молеле со дух и вистина, и ако ти си стоела како странкиња, некаде подалеку во аголот, и како митарот си внимавала само на своите гревови и со усрдие си повторувала: „Боже, биди милостив кон мене, грешната“, тогаш не би имала време да го следиш читањето и пеењето, а уште помалку би имала смелост да осудуваш, и не би се смутувала“.

Една сестра со срдечна тага му рекла на старецот: „Што да правам, оче мој? Многу страдам од невоздржание на јазикот и кога многу празнословам, секогаш тагувам и жалам за тоа и во мислите одлучувам да се поправам, но повторно го правам истото“.

„Труди се да се сеќаваш - одговорил старецот - на зборовите на Спасителот: За секој празен збор ќе дадеш одговор; и барај ја Неговата помош, а кога повторно ќе згрешиш, барај од Него прошка. И Оној, Кој му заповедал на Својот ученик да простува седумдесет пати по седум, нема ли Самиот да им прости на оние што грешат и прибегнуваат кон Него со молба за помош и прошка?“

- Понекогаш - продолжила сестрата - зборувам нешто неопходно или дури душеспасително, но со сестрите или со мирјани на почетокот ќе започне духовна беседа, а потоа, самата не сфаќам како, се вовлекувам во празнословие, или дури и во оговарање и осудување, или во љубопитство и фалење. Дури некогаш зборувам со доукрасување, за да се истакнам, а потоа секогаш тагувам и жалам. Што да правам? Не можам да се поправам.

„За да се научиш да зборуваш добро и безгрешно - рекол старецот - треба најнапред да научиш да се молиш. На старини читав дека бањата, колку силно да е загреана, ако често ѝ ги отвораат вратите и прозорците, ќе се излади.

И стакленото шише со парфем, ако често се отвора, парфемот ќе изветрее. И затоа свети Давид вели: „Бев нем и безгласен, и молчев дури и за доброто“ (Пс. 38, 3). Слушаш ли? Молчел дури и за доброто. Претпочитал да молчи, отколку да каже нешто добро. И тогаш: „Пламна моето срце во мене, оган се разгоре во моите мисли“ (ст. 4), зашто „и добро да се зборува е пониско од молчанието со разум“говорел Калист Катафигиот (гл. 40). Молчанието на устата е добро, но молчанието на умот стои повисоко од него, толку повисоко колку што душата стои повисоко од телото. Но, додека сме во телото, тоа треба да ѝ помага на душата во сѐ, и затоа е невозможно да се постигне молчание на умот или примерна чистота, односно богомислие, пред да се постигне молчание на устата со расудување. Токму поради тоа царот пророк Давид нѐ учи да се молиме: „Постави, Господи, стража на устата моја и врата на усните мои“ (Пс. 140, 3)“.

- Се сеќавам, оче, од Прологот - рекла сестрата - дека еден подвижник (авва Агатон) три години носел каменче во својата уста, за да се научи да молчи. Благословете ме и мене постојано да носам нешто во устата, за да се сеќавам на тоа, и да го задржувам својот покаен јазик.

- Носи камен, Бог нека благослови - рекол старецот. - А каменот е нашиот Христос!

И така, труди се постојано да ја имаш во устата Исусовата молитва и таа ќе ти помогне подобро од секој камен, не само во молчанието, но и да се поправиш во сѐ. Тоа што е правено ретко и со особена Божја промисла, не може да ни служи за пример, и нема да бидеме осудени ако не го направиме, а треба да се трудиме да го исполнуваме тоа што е поставено од Црквата и од правилата на светите Отци. Никој од Светиите ни нема заповедано да носиме камен во устата, но на сите, кои сакаат да монахуваат им е предадено да ја имаат Исусовата молитва во устата, умот и своето срце.

А апостол Павле им рекол на сите христијани: „Молете се постојано“ (Сол. 5,17).

Исусовата молитва подобро од секој камен ќе нѐ научи не само на умесно и благословено молчание, но и на сѐ добро.

- Зарем молчанието заради Бога може да биде неумесно и неблагословено? - запрашала сестрата.

- Може - одговорил старецот - зашто преподобен Пимен вели: „Еден човек наизглед, молчи, а во своето срце ги осудува другите. Таквиот постојано зборува. А друг, зборува од утро до вечер, а истовремено чува молчание, бидејќи не зборува ништо без полза“. А и Самиот Господ рекол: „Од преполнето срце говори устата“. И царот Давид, кој нѐ учи да се молиме: „Постави Господи стража на устата моја“, во одреден момент вели: „Не забранувај (нема да забранам) на устата моја“ Пс. 39, 10. И затоа неговиот премудар син рекол: „Сѐ си има свое време“ (Екл. 3,1). И така, ако сите Светии и боговдахновени луѓе молчеле, како би се прославил Бог? Како би била проповедана верата? Како луѓето би стигнале до познавање на Божјиот закон и на Неговите заповеди? Како би се обратиле и би ги поправиле грешниците и сите неверници? Речено е: На еден му се дава „Дух на мудрост“ да поучува и да проповеда, на друг „Дух на разум“ да размислува, да се вдлабочува и да молчи -„и сето тоа го прави еден и ист Дух“ (1Кор. 12, 11). Господ рекол во Евангелието: „Според своите зборови ќе бидеш оправдан и според своите зборови ќе бидеш осуден“ (Мат.12, 37). Ако постојано се сеќаваме на присуството на Секогашприсутниот, ќе молчиме и ќе зборуваме само за слава Божја, и нема да смееме ниту да кажеме ниту да направиме нешто, кое што не Му е угодно. „Секогаш Го гледав пред себе Господа, зашто Он е од мојата десна страна; нема да се поколебам“ (Пс. 15, 8).

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ЈОАСАФ

Незаборавниот подвижник Јоасаф беше ученик на свети Нифонт, патријархот Цариградски во Света Гора, и се трудеше според своите сили да се угледа на доблестите и подвизите на својот свет учител. Кога стекна совршена љубов спрема Господа, нему сите подвизи му се сторија како недоволни и сакаше маченички да пострада за Господ Христос. Таа своја желба му ја откри на својот свет учител, патријархот Нифонт, кој, знаејќи дека тоа е волја Божја, му прорече на Јоасаф дека подвигот на мачеништвото ќе го изврши во Цариград. По упокојувањето на свети Нифонт блажениот Јоасаф отиде во Цариград и таму јавно пред турците со голема слобода ја исповедаше верата во Света Троица и Воплотениот заради нашето спасение Син Божји Господ Исус Христос. Огорчените турци го подложуваа на најразлични мачења и најпосле му ја отсекоа главата, на 26 октомври 1536 година. Така овој свет јунак Христов го доби венецот на мачеништвото во Христа Исуса, Кому слава за навек. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АТАНАСИЈ

Преподобниот Атанасиј се подвизувал во Мидикискиот манастир во Витинија и бил соподвижник на свети Никита Исповедникот. Целосно Му угоди на Бога и во мир се претстави. На неговиот гроб, со заповед Божја, од неговите гради израсна кипарис, чии што лисја ја исцелуваа секоја болест.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: АРТЕМИДОР и ВАСИЛИЈ

Светите маченици Артемидор и Василиј пострадаа за Господ Христос посечени со меч.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ЛЕПТИНА

Светата маченица Лептина издивна во маките за Христос, влечена по земјата.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ГЛИКОН

Бил посечен со меч за Господ Христос.

СПОМЕН НА ГОЛЕМИОТ ЗЕМЈОТРЕС

За време на царот Лав Исавријанин имало страотен и долготраен земјотрес во Цариград, на 26 октомври 740 година, од кој се срушиле многу велелепни градби и загинале многу граѓани. Народот сфатил дека тоа е казна Божја за гревовите и се молеше на Пресвета Богородица и свети Димитриј со големо покајание, додека Бог не се смилува и земјотресот не престана. Во спомен на ова чудесно избавување, отпеан е овој прекрасен тропар, кој се пее на денешен ден: „Христе, Боже наш, Кој одозгора гледаш на земјата и правиш цела да се тресе, избави нѐ од заканите на страотниот замјотрес. Испрати ни ја од висините Својата богата милост, по милитвите на Богородица, единствен Човекољупче.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ДИМИТРИЈ БАСАРАБОВСКИ

Се родил во селото Басарабов, на реката Лом, притока на Дунав, во Трновската епархија, од сиромашни родители. Бил воспитан и одгледан од нив во длабока предаденост на христијанската вера. Најпрвин бил пастир, а по смртта на родителите отишол во еден мал манастир во планината, каде што се подвизувал многу строго во осамена ќелија. Околните селани му доаѓале за благослов и поука. Кога го почувствувал крајот на својот живот, преподобниот отишол далеку во гората и во една длабока пукнатина меѓу карпите мирно го предал својот дух на Бога. Подоцна му се најдени телесните остатоци негнилежни и се пренесени во црквата од неговото село. Во таа пригода, а и подоцна од неговите свети мошти се случувале исцеленија. Потоа му е изграден храм, во кој што се сместени неговите чесни мошти. Во јуни 1774 година тие се пренесени од Басарабов во Букурешт и се положени во Соборната црква. Преподобниот Димитриј живеел и се подвизувал во 13 век.