9. Ноември   (27. Октомври)

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК НЕСТОР

Незнабожниот цар Максимијан, наречен Херкул, пријател на Диоклецијан, кога дојде во градот Солун и го фрли во темница царскиот намесник свети Димитриј, заради исповедањето на Господ Христос, се предаде на уживање во игрите и театарските претстави. Притоа се фалеше со еден мегданџија на име Лиј, човек со вандалско потекло, зборувајќи дека него никој не може да го победи.

Тој Лиј беше како втор Голијат, со покрупен раст од останатите луѓе, наизглед страшен, а гласот му беше како лавовско рикање. Од самиот негов поглед и глас трепереле сите. Неговата снага беше нечуена а силата непобедлива. Нечисти духови живееја во него и никој не можеше да му се спротивстави. Веќе беше убил безброј храбри и силни луѓе и заради таквата моќ царот многу го сакаше. Како крволочен ненаситник, царот го сакаше таквиот човек, кој сета своја телесна моќ ја користеше за проливање на човечка крв.

За овој нечист Лиј царот изгради во градот специјален театар со сцена на столбови, за да може да води мегдан на доглед на сите. Долу под сцената имаше набодено многубројни копја со острила за победените да ги фрла одозгора врз густите исправени копја. И навистина Лиј, делејќи мегдан со луѓето, ги фрлаше врз копјата и ги предаваше на смрт. А царот со своите војници го набљудуваше тоа, уживаше и многу се гордееше со својот мегданџија. Тоа го набљудуваше и солунскиот народ, меѓу кој имаше и многу христијани. Додека го гледаа бездушниот ѕвер како ја пролива човечката крв, тие тешко воздивнуваа, бидејќи веќе беше убил многу христијани, кои незнабошците насилно ги влечеа и принудуваа да се борат со него.

Во градот Солун живееше едно момче Нестор, со моќно тело, прекрасно на лице, со брада која само што започнала да расте. Му беше близок на свети Димитриј, од кого се поучи во Светата Вера. Гледајќи го невиното убивање на христијаните, Нестор ревносно реши да излезе на мегдан со Лиј. Веднаш отиде во темницата на свети Димитриј, му раскажа дека Лиј тој ден убил многу христијани, и го молеше, говорејќи му:

- Помоли се за мене, угоднику Божји, заради твоите свети молитви Бог да ми помогне. Еве, одам на мегдан против тој злотвор и ќе го победам, и ќе го симнам срамот од христијаните.

Свети Димитриј му ги осени со крсниот знак челото и градите, го благослови и му прорече:

- Лиј ќе го победиш, но за Христос ќе пострадаш.

Откако доби благослов, свети Нестор брзо отиде во театарот, го симна од себе плаштот пред сите и силно извика:

- Јас сакам да се борам со Лиј!

Царот се зачуди на таквата негова смелост, и жалејќи ја неговата убавина и младост, му рече:

- Зарем не си видел колку храбри и посилни од тебе победил Лиј? А ти, мал на раст и млад на години, се осмелуваш да излезеш на мегдан против оној, на кого што не му е рамен никој под сонцето!

Нестор му одговори:

- Иако сум мал и немоќен, сепак голема и непобедлива е силата на мојот Христос, во Кого се надевам и во Чие што име сакам да се борам со тој џин.

Кога го слушна името Христово и сфати дека Нестор е христијанин, царот се разлути и нареди веднаш да излезат на сцената, уверен дека со Нестор ќе се случи истото како и со останатите. Свети Нестор веднаш се качи на сцената, а Лиј, играјќи и скокајќи, тргна кон светото момче. Кога виде дека му се приближува, свети Нестор се прекрсти и со силен глас викна:

- Боже Димитриев, помогни ми!

И започнаа да се борат. А Бог, Кој некогаш го поткрепи Давид во борбите против Голијат, го поткрепи и слугата Свој Нестор против нечистиот Лиј, на посрамување на незнабожниот цар, а на радост на верните. И навистина, малиот по раст Нестор, со својата храброст се истакна поголем од огромниот Лиј. Тој го фати Лиј како штица, и од високата сцена го фрли долу врз острите копја. Кога падна врз копјата како тежок даб, Лиј срамно ја исфрли својата бедна душа. Така исчезна неговата злобна сила и престана суетното Максимијаново фалење со својот мегданџија. А пак сиот народ солунски, особено христијаните, кога ја видоа оваа неочекувана и славна победа, силно викаа:

- Голем е Богот Димитриев!

Царот засрамено стана и тргна кон својата палата, многу тажен и ожалостен за својот миленик Лиј. Притоа страотно гневен на свети Нестор, нареди веднаш да го фатат. И штом дозна дека и Димитриј е виновен за смртта на Лиј, бидејќи тој го поткрепил Нестор на подвигот и му ја претскажал победата, царот нареди, та свети Димитриј го избодеа со копја, а свети Нестор го посекоа со меч. И сега и двајцата примаат од Подвигоположникот Христос венци на победата во Царството Небесно, на кое нека се удостоиме и ние по молитвите на светите страдалници. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ НЕСТОР ЛЕТОПИСЕЦОТ

Секој настан, ако не се запише, се заборава и се губи без трага. Така, ако нам Мојсеј, поучен од Бога, во своите книги не ни раскажа за самиот почеток и првото уредување на светот и за самиот наш родоначалник Адам, сето тоа со текот на времето би го покрила некоја темнина и би преминало во заборав. Но, Бог, Кој го чува споменот за Своите чуда, дава опишувачи, за идните поколенија да можат да читаат што овие напишале и да имаат користат од тоа. Така Господ и на руската земја ѝ дал во светиот Киево-Печерски манастир незаборавен писател, преподобниот отец Нестор, кој ги просвети нашите очи, ни опиша што е корисно за нас и со тоа нѐ поттикна на благодарност кон Бога. Тој пишувал за почетокот и првичното уредување на нашиот руски свет, не само на надворешниот туку првенствено на внатрешниот, духовниот, односно за основањето и благоустројството на монашкиот живот во Русија, засаден во светиот Печерски манастир како во рај и за нашиот духовен родоначалник, преподобниот Антониј и за останатите светители Печерски, родени од духот негов и следбеници негови. Еден од нив беше и славниот писател Нестор, кој нивните прекрасни житија ги напиша не само со перо на хартија, туку и со слични подвижнички дела на својата беспрекорна душа. Со тоа самиот себе се запиша во книгата на вечниот живот, та и самиот е достоен да чуе за себе: Радувајте се, зашто вашите имиња се запишани на небесата (Лука 10. 20).

Во времето кога преподобен Антониј се подвизуваше молитвено тихувајќи во пештерата, а блажениот Теодосиј градејќи манастир, кај нив дојде нашиот блажен отец Нестор, кој тогаш имаше седумнаесет години, сакајќи да го прими светиот ангелски монашки лик. И дотогаш, иако сеуште не монах, тој беше навикнал на секоја монашка доблест: телесна и душевна чистота, доброволно сиромаштво, длабоко смирение, безропотна послушност, строг пост, непрестајна молитва, неуморно бдеење и останатите рамноангелски подвизи, со што беше срдечен подржувач на животите на првите светители Печерски Антониј и Теодосиј. Од нив двајцата тој во цветот на својата младост ја примаше секоја заповед со таква љубов, како доенче млеко од мајчините гради, и како жеден елен вода од два извора, кои клокотат среде гора по пештерите. И навистина во своите списи тој покажува колку голема љубов имал спрема овие преподобни оснивачи на манастирите, и тоа љубов, изразувана не со збор ни јазик, туку со дело и вистина (сп. 1Јн. 3,18), Гледајќи ги блескавите добри дела на овие две светила на руското небо, тој срдечноно Го прославуваше Бога во своето тело и во душата своја (сп. 1Кор. 6, 20). По чесната смрт на преподобните отци Антониј и Теодосиј, блажениот Нестор умре за светот не само со световните дела, што тој ги стори уште порано пред искушеништвото, туку и на световен начин, кога го прими светиот ангелски монашки лик од преподобниот Печерски игумен Стефан. Потоа од него беше поставен во ѓаконскиот чин. И тогаш со монашкиот и ѓаконски ангелски чин тој од ден во ден ги зголемуваше своите добродетели, умртвувајќи ги сите телесни страсти и творејќи ја секоја вистина, за целосно да престане да биде телесен, и да стане навистина духовен и со тоа вистински слуга и поклоник Божји. Тој добро знаел што рекол Господ: Бог е дух, и оние што Му се поклонуваат, треба да се поклонуваат со дух и вистина (Јн. 4, 24). И навистина Нестор јасно покажува во своите списи дека духот на злото, туѓ на секоја вистина, го победуваше со неискажаната смиреност, зашто постојано се нарекуваше себе си недостоен, груб, незнајко и преполн со секој грев.

Кога Бог ги поттикна браќата, тие одлучија да ги извадат чесните мошти на преподобниот Теодосиј и да ги пренесат од пештерата во од Бога изградената Печерска црква. Во тоа послушание најголема ревност покажа пресветиот Нестор. Копајќи ја земјата со голема вера и молитва, цела ноќ го правеше тоа, и за светиот Печерски манастир го ископа скапоцениот бисер - чесните мошти на преподобниот Теодосиј. Ги изнесе од пештерата и беше очевидец на големите чуда, кои се случија тогаш, за што самиот сведочи.

Преподобниот отец Нестор поживеа многу години, трудејќи се на составувањето на летописи. Сеќавајќи се на годините на вечноста, тој добро Му угоди на Творецот на годините, кај Кого премина во вечноста, по многу години поминати во времето. Беше положен во пештера, каде до денес почива неговото негнилежно чесно тело, точејќи чуда и со тоа сведочејќи дека овој преподобен составувач на житија на светиите и летописи, стекнал за себе негнилежно живеалиште на небото и се удостоил на негнилежниот венец во Царството Божјо. Нека по молитвите на овој свет писател и ние бидеме запишани во книгите на животот на Јагнето Божјо, чии години никогаш нема да престанат. Нему со Бога Отецот и Животворниот Дух Му доликува од нас секоја слава, чест и поклонение, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: КАПЕТОЛИНА и ЕРОТИДА

Овие светителки живееја во времето на царот Диоклецијан и кападокискиот управник Зиликинтиј. Света Капетолина беше од висок род и богата, а света Еротида беше нејзина слугинка.

Сето свое богатство Капетолина го раздаде на сиромасите и ги ослободи робовите. Како христијанка беше затворена во темница. Кога ја изведоа пред управникот Зиликинтиј и ја принудуваа да им принесе жртва на идолите таа одби, храбро исповедајќи ја својата вера во Господ Христос, како вистински Бог. Потоа ѝ беше отсечена главата. А пак нејзината слугинка Еротида, застапувајќи се за својата госпоѓа, фрли камен по управникот Зиликинтиј и го удри. Затоа ја тепаа со стапови. Но, со благодатта Божја остана неповредена. Потоа ѝ ја отсекоа главата. Така и двете ги примија венците на мачеништвото.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ КИРИЈАК (КИРИЛИЈАН) епископот Цариградски

Епископот Киријак бил епископ во градот Визант, кој подоцна беше наречен Цариград, и водел богомудар и богоугоден живот. Живеел во третиот век и го имал за ученик и наследник свети Кастин (неговиот спомен е на дваесет и петти јануари). Се упокоил во мир.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МАРКО и оние со него

Светиот маченик Марко и светите маченици со него живееја во секоја побожност и на сите им Го проповедаа Христос. Така многу неверни кон Господа обратија и ги крстија во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Незнабошците ги фатија и долго ги мачеа. Телата им ги прободеа со долги железни шипки. Потоа ги влечеа по земјата и безмилосно ги газеа. Така овие свети страдалници ги предадоа своите души на Бога. А еден христијанин Теренциј, кришум ги зеде нивните чесни мошти и ги положи на островот Тас, каде непрекинато им даваат исцеленија на сите верни.

СПОМЕН НА СВЕТИ АНДРЕЈ, кнезот Смоленски

Од љубов кон Господ Христос, овој христочезнив кнез ги остави светската слава и чест и отиде во Перејаславл Залески. И таму, преправен и непознат, служеше триесет години како црковник при црквата на свети Никола, живеејќи побожно и сиромашно заради Христос. Мирно се упокои во Господа во 1390 година. Неговите негнилежни и чудотворни мошти се пронајдени во 1540 година. Почиваат во црквата посветена на него во Перејаславл.

СПОМЕН НА СВЕТА ПРОКЛА

Света Прокла беше сопруга на Пилат. Откако ноќта, во очи на судењето на Спасителот, имаше сон за Него, таа испрати кај својот маж, судијата Пилат, ваква порака: „Немој да се мешаш во судењето на тој Праведник, зашто денес на сон многу пострадав заради Него“ (Мт. 27,19). Откако поверува во Господ Христос, Прокла се крсти и ги минуваше деновите во побожност.